{1:1} Во Синајската Пустина, во Шаторот на средбата, Господ му рече на Мојсеја, во првиот ден на вториот месец, во втората година по излегувањето од Египетската Земја: {1:2} „Извршете попис на целата израелска заедница по родови и по семејства, наведувајќи ги имињата на сите машки, глава по глава. {1:3} Од дваесет години нагоре, способните за борба во Израел, ти и Арон, избројте ги според нивните единици. {1:4} Со вас нека биде по еден човек од секое племе, главатар на својот прадедовски дом. {1:5} Ова се имињата на луѓето кои ќе ви помагаат: Елисур, син Седиуров, од Рувимовото племе; {1:6} Саламил, син Сурисадеев, од Симеоновото племе; {1:7} Насон, син Аминададов, од Јудиното племе; {1:8} Натанаил, син Согаров, од Исахаровото племе; {1:9} Елијав, син Хелонов, од Завулоновото племе. {1:10} Од Јосифовите синови: Елисам, син Емиудов; од Ефремовото племе; Гамалиил, син Фадасуров, од Манасиевото племе; {1:11} Авидан, син Гадеониев, од Венијаминовото племе; {1:12} Ахизер, син Амисадаев, од Дановото племе; {1:13} Фагаел, син Ехранов од Асировото племе; {1:14} Елисав, син Деуелов од Гадовото племе; {1:15} Ахиреј, син Енанов, од Нефталимовото племе.” {1:16} Тоа беа избраниците од општеството, владетели на нивните татковски племиња и главатари на Израелевите илјадници. {1:17} Тогаш Мојсеј и Арон ги зедоа тие луѓе кои беа одредени по име, {1:18} па ја свикаа целата заедница во првиот ден на вториот месец. Тогаш во пописот, според родовите и семејствата по ред, беше внесуван бројот на личностите повозрасни од дваесет години, еден по еден. {1:19} Како што Господ му нареди на Мојсеја, така тој ги изброја во Синајската Пустина. {1:20} Кога беше утврдено Рувимовото потомство, на Израелевиот првенец, по неговите родови и семејства, ги запишаа глава по глава имињата на сите машки од дваесет години нагоре, на сите способни за борба. {1:21} Преброените од Рувимовото племе беа четириесет и шест илјади и пет стотини. {1:22} Беа избројани Симеоновите потомци по нивните родови и семејства: беа избројани, глава по глава, имињата на сите машки од дваесет години нагоре, на сите способни за борба. {1:23} Избројаните од Симеоновото племе беа педесет и девет илјади и три стотини. {1:24} Кога беше утврдено потомството на Гадовите синови по нивните родови и семејства, беа избројани, глава по глава, имињата на оние од дваесет години и повеќе, на сите способни за војна. {1:25} Избројаните од Гадовото племе беа четириесет и пет илјади и шест стотини и педесет. {1:26} Кога беше утврдено потомството на Јудините синови по нивните родови и семејства, беа запишани, глава по глава, имињата на оние од дваесет години и повеќе, на сите способни за војна. {1:27} Избројаните од Јудиното племе беа седумдесет и четири илјади и шест стотини. {1:28} Кога беше утврдено потомството на Исахаровите синови по нивните родови и семејства, беа избројани, глава по глава, имињата на оние од дваесет години и повеќе, на сите способни за војување. {1:29} Избројаните од Исахаровото племе беа педесет и четири илјади и четири стотини. {1:30} Кога беше утврдено потомството на Завулоновите синови по нивните родови и семејства, беа запишани, глава по глава, имињата на сите од дваесет години и повеќе, на сите способни за војна. {1:31} Избројаните од Завулоновото племе беа педесет и седум илјади и четири стотини. {1:32} Јосифовите синови: кога беше утврдено потомството на Ефремовите синови, по нивните родови и семејства, беа избројани, глава по глава, имињата на оние од дваесет години и повеќе, на сите способни за војна. {1:33} Избројаните од Ефремовото племе беа четириесет илјади и пет стотини. {1:34} Кога беше утврдено потомството на Манасиевите синови, по нивните родови и семејства, беа запишани, глава по глава, имињата на оние од дваесет години и повеќе, на сите способни за војна. {1:35} Избројаните од Манасиевото племе беа триесет и две илјади и двеста. {1:36} Кога беше утврдено потомството на Венијаминовите синови, по нивните родови и семејства, беа запишани, глава по глава, имињата на оние од дваесет години и повеќе, на сите способни за војна. {1:37} Избројаните од Венијаминово племе беа триесет и пет илјади и четири стотини. {1:38} Кога беше утврдено потомството на Дановите синови, по нивните родови и семејства, беа избројани, глава по глава, имињата на оние од дваесет години и повеќе, на сите способни за војна. {1:39} Избројаните од Дановото племе беа шеесет и две илјади и седум стотини. {1:40} Кога беше утврдено потомството на Асировите синови, по нивните родови и семејства, беа запишани, глава по глава, имињата на оние од дваесет години и повеќе, на сите способни за војна. {1:41} Запишаните од Асировото племе беа четириесет и една илјада и пет стотини. {1:42} Кога беше утврдено потомството на Нефталимовите синови, по нивните родови и семејства, беа избројани, глава по глава, имињата на оние од дваесет години и повеќе, на сите способни за војна. {1:43} Избројаните од Нефталимовото племе беа педесет и три илјади и четири стотини. {1:44} Тоа се оние кои ги избројаа Мојсеј и Арон со дванаесетте израелски главатари, по еден човек од секој татковски дом. {1:45} Беа избројани сите Израелци, по татковските домови, од дваесет години и повеќе, сите способни за војна во Израел. {1:46} И така, сите избројани беа шест стотини и три илјади пет стотини и педесет. {1:47} Меѓу нив не беа вброени левитите по поколенијата на нивните татковци. {1:48} Имено, Господ му рече на Мојсеја: {1:49} „Само Левиевото племе не го внесувај во пописот на Израелците. {1:50} Туку ти самиот одреди ги левитите за служба во Шаторот на Сведоштвото; за сиот негов намештај и сè што спаѓа во него; тие нека го носат Шаторот и сиот негов прибор; тие нека служат во него и нека го поставуваат својот логор околу него. {1:51} Кога Шаторот треба да биде преместен, левитите нека го разглобат; а кога Шаторот треба да застане, левитите нека го подигнат пак. Странец кој ќе му се доближи нека биде погубен. {1:52} Израелевите синови нека ги оптегнуваат своите шатори секој во својот логор; секој при своето знаме, по чети. {1:53} Левитите нека престојуваат околу Шаторот на Сведоштвото, за да не падне гнев врз Израелевото општество. Така левитите нека чуваат стража околу Шаторот на Сведоштвото.” {1:54} Израелците направија така како што Господ му нареди на Мојсеја. Така направија во сè. {2:1} Господ им рече на Мојсеја и Арона: {2:2} „Израелците нека ги оптегнуваат своите шатори секој при своето знаме, под знаците на својот татковски дом; нека ги поставуваат околу Шаторот на средбата, но малку подалеку. {2:3} Однапред, на источната страна, знамето на Јудиниот логор, по нивните чети. Главатар на Јудините потомци е Насон, синот Аминадавов. {2:4} Неговата војска брои седумдесет и четири илјади и шест стотини избројани. {2:5} Исахаровото племе нека ги постави шаторите до него. Началник на Исахаровите потомци е Натанаил, синот Согаров. {2:6} Неговата војска брои педесет и четири илјади и четири стотини запишани. {2:7} Натаму Завулоновото племе. Началник на Завулоновите потомци е Елијав, синот Хелонов. {2:8} Неговото воинство брои педесет и седум илјади и четири стотини запишани. {2:9} По нивните чети, сите запишани во Јудиниот логор се сто осумдесет и шест илјади и четири стотини. Тие нека тргнуваат први! {2:10} На југ е знамето на Рувимовиот логор, по нивните чети. Главатар на Рувимовите потомци е Елисур, синот Седнуров. {2:11} Неговата војска брои четириесет и шест илјади и пет стотини запишани. {2:12} До него нека ги оптегнува шаторите Симеоновото племе. Началник на Симеоновите потомци е Саламил, синот Сурисадаев. {2:13} Неговата војска брои педесет и девет илјади и три стотини запишани. {2:14} Потоа Гадовото племе. Началник на Гадовите потомци е Елисаф, синот Рагуилов. {2:15} Неговото воинство брои четириесет и пет илјади и шест стотини и педесет запишани. {2:16} По нивните чети, сите избројани во Рувимовиот логор се сто педесет и една илјада и четири стотини и педесет. Тие нека тргнуваат втори! {2:17} Потоа нека оди Шаторот на средбата, така што левитскиот логор да биде во средина на другите логори. Како што ги оптегнуваат шаторите, така се должни и да одат: секој под своето знаме. {2:18} На запад, знамето на Ефремовиот логор, по нивните чети. Главатар на Ефремовите потомци е Елисам, синот Емиудов. {2:19} Неговата војска брои четириесет илјади и пет стотини запишани. {2:20} До него е Манасиевото племе. Главатар на Манасиевите потомци е Гамалиил, синот Федасуров. {2:21} Неговата војска брои триесет и две илјади и двеста избројани. {2:22} Потоа Венијаминовото колено. Главатар на Венијаминовите потомци е Авидан, синот Гадеониев. {2:23} Неговата војска брои триесет и пет илјади и четири стотини избројани. {2:24} По нивните чети, сите избројани во Ефремовиот логор се сто и осум илјади и сто. Тие нека тргнуваат трети! {2:25} На север, знамето на Дановиот логор, по нивните чети. Главатар на Дановите потомци е Ахиезер, синот Амисадаев. {2:26} Неговата војска брои шеесет и две илјади и седум стотини. {2:27} До него нека постави логор Асировото племе. Началник на Асировите потомци е Фагаил, синот Ехранов. {2:28} Неговата војска брои четириесет и една илјада и пет стотини запишани. {2:29} Потоа Нефталимовото племе. Началник на Нефталимовите потомци е Ахиреј, синот Енанов. {2:30} Неговата војска брои педесет и три илјади и четири стотини запишани. {2:31} Сите запишани во Дановиот логор се сто педесет и седум илјади и шест стотини. Тие нека тргнуваат последни под своите знамиња.” {2:32} Тоа се избројаните Израелци според татковските домови. Сите избројани во логорите, по нивните чети, се шест стотини и три илјади и пет стотини и педесет. {2:33} Левитите не беа избројани со Израелците, како што Господ му нареди на Мојсеја. {2:34} Израелевите синови направија сè како што Господ му нареди на Мојсеја. Така ги поставуваа логорите при своите знамиња и така одеа, секој по својот род и по своите семејства. {3:1} Ова е Ароновото и Мојсеевото родословие од времето кога Господ му зборуваше на Мојсеја на Синајската Гора. {3:2} Ова беа имињата на Ароновите синови: првороденец Надав, потоа Авиуд, Елеазар и Итамар. {3:3} Тоа се имињата на Ароновите синови, на свештениците помазани, за свештенство на посветените. {3:4} Но Надав и Авиуд умреа пред Господа, кога во Синајската Пустина, принесуваа непосветен оган пред Господа. Бидејќи немаа синови, затоа Елеазар и Итамар служеа како свештеници во присуство на татка си Арона. {3:5} Господ му рече на Мојсеја: {3:6} „Повикај го Левиевото племе, нека застане пред свештеникот Арона. Нека му прислужуваат; {3:7} нека ги исполнуваат неговите должности и должностите на целото општество пред Шаторот на средбата, и нека ја вршат работата околу Шаторот. {3:8} Нека се грижат за сиот намештај во Шаторот на средбата, за должноста на Израелевите синови, и нека ја исполнуваат службата во Шаторот. {3:9} Дај им ги левитите на Арона и на неговите синови. Израелците нека му ги подарат целосно. {3:10} Постави ги Арона и неговите синови да ја исполнуваат својата свештеничка должност. А странец кој би се приближил до тоа нека биде погубен.” {3:11} Господ му рече на Мојсеја: {3:12} „Ете, Јас ги земам Левиевците од среде Израелците место сите првороденци - место оние кои ја отвараат мајчината утроба кај Израелевите синови. И така, Левиевците се мои! {3:13} Имено, Мене Ми припаѓа секој првороденец. Во оној ден кога ги поразив сите првенци во Египетската Земја; си ги посветив Себеси сите првенци во Израел и од луѓето и од животните. Тие се Мои. Јас Сум Господ.” {3:14} Господ му рече на Мојсеја во Синајската Пустина: {3:15} „Изврши попис на Левиевите синови по нивните семејства и родови; изброј ги сите машки од еден месец и повеќе.” {3:16} Мојсеј ги изброја според Божјата заповед, како што му беше наредено. {3:17} Овие беа Левиеви синови по име: Гирсон, Каат и Мерариј. {3:18} А ова се имињата на Гирсоновите синови по нивните родови: Ливниј и Семеј. {3:19} А Каатови синови сè по своите родови: Амрам, Исар, Хеврон и Озиил. {3:20} Мерарови синови сè по своите родови: Малиј и Мусиј. Тоа се Левиевите родови по нивните семејства. {3:21} Родот Ливниев и родот Семеев влечат лоза од Гирсона. Тоа се родови на Гирсоновците. {3:22} Од нив во пописот на сите машки од еден месец нагоре беа избројани седум илјади и пет стотини. {3:23} Родовите на Гирсоновците да ги поставуваат шаторите зад Шаторот кон запад. {3:24} Елисаф, синот Лаилов, беше глава на семејството на Гирсоновците. {3:25} Гирсоновците се грижеа, во Шаторот на средбата, за Шаторот и за неговиот покрив, за завесата на влезот во Шаторот на средбата; {3:26} потоа за завесите во дворот, за завесата на влезот во дворот што е околу Шаторот и жртвеникот, за нивните јажиња и за сè друго што спаѓа во таа служба. {3:27} Од Каат произлегуваат: Амрамовиот род, Исаровиот род, Хевроновиот род и Озииловиот род. Тоа се родовите на Каатовците. {3:28} Кога беа избројани сите машки од еден месец нагоре, ги имаше осум илјади и шест стотини. Тие се грижеа за Светилиштето. {3:29} Каатовите родови поставуваа логор од јужната страна на Шаторот. {3:30} Елисафан, синот Озиилов, беше глава на родовите во Каатовиот дом. {3:31} Тие се грижеа за Ковчегот, за столот, за светилникот, за жртвениците и за светиот прибор со кој се служеа и, конечно, за завесата и за сè што и припаѓаше. {3:32} Елеазар, синот на Арона свештеникот, беше врвен главатар на левитите, Тој вршеше надгледување над оние кои се грижеа за Светилиштето. {3:33} Од Мерариј произлегуваа Малиевиот род и Мусиевиот род. Тоа се Мерариеви родови. {3:34} Од нив, при пописот на сите машки од еден месец и повеќе, беа избројани шест илјади и две стотини. {3:35} Сурил, синот Авихаилов, беше глава на родовите во Мерариевиот дом. Тие поставуваа логор на северната страна од Шаторот. {3:36} Мерариевите синови се грижеа за даските на Шаторот, за неговите лостови, за столбовите и за неговите подножја, за сиот негов прибор и за сè што спаѓа во неговата служба. {3:37} Освен тоа, за столбовите околу дворот, за нивните подножја, за колчињата и за јажињата. {3:38} А оние што ќе ги поставуваат шаторите на предната страна, пред Шаторот на средбата на источната страна, да бидат Мојсеј, Арон и нивните синови, на кои им беше доверена служба во Светилиштето во име на Израелевите синови. Странец кој би се доближил, ќе биде погубен. {3:39} Сите избројани од левитите од еден месец нагоре, кои Мојсеј и Арон ги избројаа, по Господова заповед, по нивните родови, беа дваесет и две илјади. {3:40} Господ му рече на Мојсеја: „Преброј ги сите машки израелски првороденци од еден месец нагоре па изврши попис на нивните имиња. {3:41} И левитите додели Ми ги Мене - Јас Сум Господ - место сите израелски првенци, а левитскиот добиток место сите првородени на добитокот на Израелевите синови.” {3:42} Така Мојсеј ги изброја сите израелски првороденци, како што му заповеда Господ. {3:43} Во пописот имаше дваесет и две илјади и две стотини и седумдесет и три имиња на сите машки првенци од еден месец нагоре. {3:44} Тогаш Господ му рече на Мојсеја: {3:45} „Земи ги левитите место сите израелски првороденци, а левитскиот добиток место нивниот добиток; левитите нека бидат Мои. Јас Сум Господ. {3:46} А за откупнина на двеста седумдесет и три израелски првороденци, што ги има повеќе од левитите, {3:47} земи по пет шекели на глава, земи ги според храмскиот шекел: дваесет гери - еден шекел. {3:48} Тогаш предај им ги тие сребреници на Арона и на неговите синови за откуп на оние што се отповеќе.” {3:49} Така Мојсеј ги прими сребрениците како откупнина за првенците што го надминуваа бројот на оние кои беа откупени од левитите. {3:50} Прими од Израелевите првороденци во сребро илјада триста шеесет и пет шекели според храмската мерка. {3:51} По Господов налог Мојсеј им го предаде среброто за откуп на Арона и на неговите синови, како што Господ му нареди на Мојсеја. {4:1} Господ им рече на Мојсеја и на Арона: {4:2} „Одвоете ги од среде Левиевите синови главатарите на Каатовите синови по нивните родови и семејства: {4:3} од триесет години нагоре, сè до педесет години - сите кои можат да влезат во чета за вршење служба во Шаторот на средбата. {4:4} А службата на Каатовите синови во Шаторот на средбата е: грижа за Светината над светините. {4:5} Кога логорот тргнува на пат, Арон и неговите синови нека влезат и нека ја извадат заштитната завеса и нека го покријат Ковчегот на сведоштвото со неа. {4:6} Тогаш нека стават на него покривало од јазовечка кожа, а преку него нека распрострат сосем сино платно. Потоа нека ги наместат носилата на Ковчегот. {4:7} Преку масата за лебните приноси нека распрострат сино платно. Тогаш нека положат врз него чинии, лажици, чаши и врчви за налевници. Лебот на постојаниот принос нека биде исто на него. {4:8} Тоа нека го покријат со темноцрвено платно, а преку него нека префрлат покривало од јазовечка кожа. Потоа нека и ги наместат носилата на масата. {4:9} Потоа нека земат сино платно и нека го покријат светилникот за осветление и неговите светилки, неговите штипки, неговите пепелници и сите садови за масло, со кои се служат околу него. {4:10} Нека го стават со сиот негов прибор на покривало од јазовечка кожа и нека го положат на носилка. {4:11} Нека распрострат сино платно преку златниот жртвеник и нека го покријат со покривало од јазовечка кожа. Потоа нека му ги наместат носилата. {4:12} Тогаш нека го земат сиот прибор што се употребува за служба во Светилиштето па нека го стават врз синото платно и тогаш нека го покријат со покривка од јазовечка кожа. Потоа сè тоа нека го положат на носилка. {4:13} Нека ја сметат пепелта од жртвеникот и нека распрострат на него црвено платно. {4:14} Нека го положат врз него сиот прибор што се употребува во службата: кадилниците, вилушките, лопатчињата и чиниите - сите садови за жртвеникот. Тогаш нека распрострат преку него покривка од јазовечка кожа. Потоа нека ги наместат носилата. {4:15} Откако Арон и неговите синови ќе го завршат покривањето на Светилиштето и на сите свети садови, во часот кога логорот ќе тргне на пат, нека дојдат Каатовите потомци и нека го земат тоа со себе. Но не смеат да се допираат до светите предмети, за да не загинат. Каатовите синови ќе ги носат овие делови на Шаторот на средбата.” {4:16} „А Елеазар, синот на свештеникот Арон, нека се грижи за маслото за светилниците, за мирисливиот темјан, за постојаниот лебен принос и за маслото за помазание; нека се грижи за сиот Шатор, за сè што е во него - за Светилиштето и за неговиот намештај.” {4:17} Господ им рече на Мојсеја и на Арона: {4:18} „Не дозволувајте да го снема племето на Каатовите родови меѓу левитите. {4:19} Постапувајте вака со нив, за да не умрат, кога пристапуваат кон Светината над светините нека дојдат Арон и неговите синови за да го постават секого од нив на неговата служба и на неговата должност. {4:20} Тие никогаш нека не влегуваат ниту да ја погледнат Светината, кога ја покриваат, за да не загинат.” {4:21} Господ му рече на Мојсеја: {4:22} „Изврши попис и на Гирсоновите синови по нивните семејства и по нивните родови, од триесет години нагоре, сè до педесет години; {4:23} изброј ги сите кои можат да влезат во одредот за вршење служба во Шаторот на средбата. {4:24} А ова е службата на Гирсоновите родови при работата и принесувањето: {4:25} нека ги носат: завесите на Престојувалиштето; Шаторот на средбата со неговиот покрив, покривалото од јазовечка кожа што е врз него, и завесата на влезот во Шаторот на средбата; {4:26} потоа, дворните завеси, завесите од вратата на влезот во дворот што е околу Шаторот и жртвеникот, јажињата и сиот прибор за нивната служба; сè што треба да се работи околу тие нешта, нека направат! {4:27} Гирсоновците нека ги обавуваат сите свои должности - сè што треба да носат и сè што треба да направат - по налог на Арона и на неговите синови. Доверете им на нивната грижа сè што треба да носат. {4:28} Тоа е службата на родовите Гирсоновци во Шаторот на средбата. Нивната служба нека биде под водство на Итамар, синот на свештеникот Арон.” {4:29} „Изброј ги Мерариевите синови по нивните родови и семејства. {4:30} Запиши ги од триесет години нагоре, сè до педесет години, кои можат да влезат во одред за вршење служба во Шаторот на средбата. {4:31} За сето време на нивната служба во Шаторот на средбата должност им е да ги носат: даските на Шаторот, неговите лостови, неговите столбови и неговите подножја; {4:32} столбовите што го опкружуваат дворот, нивните подножја, нивните колчиња, нивните јажиња, со сиот прибор за нивната служба. И запишете ги по име предметите што им се доверени да ги носат. {4:33} Тоа е службата на родовите на Мерариевите синови во сè што има да прават во Шаторот на средбата под водство на Итамар, синот на свештеникот Арон.” {4:34} Мојсеј, Арон и началниците на општеството ги избројаа Каатовите синови по нивните родови и семејства - {4:35} сите кои можат да влезат во одред за вршење служба во Шаторот на средбата, од триесет години нагоре, сè до педесет години. {4:36} И избројаните по нивните родови беа две илјади и седум стотини и педесет. {4:37} Тоа е попис на родовите Каатовци, на сите кои служеа во Шаторот на средбата, а кои ги запишаа Мојсеј и Арон според заповедта што Господ му ја даде на Мојсеја. {4:38} И беа избројани Гирсоновите синови по нивните родови и семејства, {4:39} од триесет години нагоре, сè до педесет години, сите кои можеа да влезат во одредот за вршење служба во Шаторот на средбата. {4:40} И така, избројаните по нивните родови и семејства беа две илјади и шест стотини и педесет. {4:41} Тоа е попис на родовите Гирсоновци, на сите кои служеа во Шаторот на средбата, а кои беа избројани од Мојсеја и Арона по Господова повелба. {4:42} И беа избројани родовите на Мерариевите синови по нивните родови и семејства, {4:43} од триесет години нагоре, сè до педесет години, на сите кои можат да влезат во одредот за служење во Шаторот на средбата. {4:44} И така, избројаните по нивните родови беа три илјади и двеста. {4:45} Тоа е попис на родовите Мерариевци, што го составија Мојсеј и Арон според заповедта што Господ му ја даде на Мојсеја. {4:46} И така, сите избројани левити, кои беа избројани од Мојсеја и Арона и од Израелевите началници по нивните родови и семејства, од триесет години нагоре, до педесет години, {4:47} сите кои беа способни за прислужување во работите и за службата на пренесување во Шаторот на средбата, {4:48} беа осум илјади пет стотини и осумдесет. {4:49} Според заповедта што Господ му ја даде на Мојсеја, секого го внесоа во пописот според она во што служеше и што пренесуваше. Беа избројани како што Господ му заповеда на Мојсеја. {5:1} Господ му рече на Мојсеја: {5:2} „Нареди им на Израелевите синови да ги отстранат од логорот: секој лепрозен, секој што има излив и секој што ќе се онечисти со мртво тело. {5:3} Отстранете ги и машките и женските! Истерајте ги надвор од живеалиштето, за да не ги онечистат своите логори, во кои престојувам Јас меѓу нив.” {5:4} Израелевите синови направија така: ги истераа од логорот. Како што Господ му нареди на Мојсеја, така и направија Израелците. {5:5} Господ му рече на Мојсеја: {5:6} „Кажи им на Израелците: ‘Кога некој маж или некоја жена направи некаков грев против човек, и кога преку тоа направи престап против Господа, и е виновен, {5:7} нека го признае сторениот грев, нека ја надомести штетата колку што може подобро и уште нека додаде петина кон тоа и нека му го даде на оној, кому му згрешил. {5:8} Ако човекот нема поблизок роднина, кому може да му биде вратен надоместокот, тоа нека Му го посветат на Господа, тоа нека биде за свештеникот, покрај овенот за очистување со кого тој ќе го очисти. {5:9} И секој принос од сите свети нешта, што Израелците му ги донесуваат на свештеникот, му припаѓаат нему. {5:10} Од секој човек посветените работи да бидат негови; и нека на свештеникот му припаѓа она што некој му го дава нему.’” {5:11} Господ му рече на Мојсеја: {5:12} „Зборувај им на Израелевите синови и речи им: ‘Ако некоја жена тргне по грешен пат и ако го изневери мажот си; {5:13} и ако некој легне со неа, а тоа остане скриено за очите на мажот и; а жената остане неоткриена иако се онечистила, па нема сведок против неа, зашто не била фатена во делото - {5:14} и ако сега духот на љубомората го опфати мажот и тој стане љубоморен на својата жена која се онечистила; или ако му дојде духот на љубомората и стане љубоморен на својата жена, а таа не се онечистила - {5:15} мажот нека ја доведе својата жена при свештеникот. Нека донесе принос за неа: една десетина ефа јачменово брашно. Нека не полива врз него масло ниту да става темјан врз него, зашто тоа е приносница за љубомора, спомен-принос, за да потсетува на беззаконието.’ {5:16} ‘Свештеникот нека ја поведе таа жена и нека ја постави пред Господа. {5:17} Сега свештеникот нека земе света вода во глинен сад и - откако ќе земе прав што е на подот на Шаторот, свештеникот нека го фрли во водата. {5:18} Откако свештеникот ќе ја постави жената пред Господа, нека и ја открие главата, а во нејзините раце нека го стави спомен-приносот, односно, приносот за љубомора, а свештеникот нека ја држи во раката горчливата вода, што носи проклетство. {5:19} Потоа свештеникот нека ја заколне жената. Нека и рече: „Ако никогаш маж не лежал со тебе и ако не си одела по страничен пат и не си се онечистила додека си била под власта на мажа си, биди поштедена од оваа горчлива вода што носи проклетство! {5:20} Но ако си му изневерила на мажа си и ако некој маж, освен твојот сопруг, легнал со тебе. . .” {5:21} Тогаш свештеникот нека ја заколне жената, нека и рече: „Господ да те постави за проклетство и за клетва среде твојот народ; да ти стори да ти овене родницата и да ти се подуе утробата! {5:22} Оваа вода на проклетството нека навлезе во твојата утроба! Да ти се подуе утробата од неа, а родницата да ти овене!” А жената нека рече: „Амин! Амин!” {5:23} ‘Потоа свештеникот нека ги напише тие проклетства на книжен свиток па нека ги измие во горчлива вода. {5:24} Тогаш нека ја напие онаа жена со горчливата вода што носи проклетство, за да се разлее низ неа горчливата вода и за да ја наполни со горчливост. {5:25} Тогаш свештеникот нека го земе од женината рака лебниот принос за љубомора, нека го принесе пред Господа како подвижна жртва и нека ја донесе на жртвеникот. {5:26} Откако ќе заграби полн грст од лебниот принос за спомен, нека го изгори тоа во жртвеникот. Најпосле, нека ја напие жената со водата. {5:27} Откако ќе ја напие со водата, ако биде онечистена, со изневерување на мажа си, водата на проклетството ќе влезе во неа и ќе ја наполни со горчливост; нејзината утроба ќе се подуе, а родницата ќе овене - таа жена ќе стане проклетство во својот народ. {5:28} Но ако жената не е онечстена и е чиста, тогаш ќе остане неповредена и ќе зачнува.’ {5:29} ‘Тоа е закон за љубомора, кога жената ќе му изневери на својот маж и кога ќе се онечисти. {5:30} Или кога дух на ревност ќе го опфати некој маж па ќе стане љубоморен на својата жена. Тогаш нека ја постави својата жена пред Господа, а свештеникот нека го исполни сиот овој закон. {5:31} Мажот нека биде слободен од вината, а жената нека го носи своето беззаконие.’” {6:1} Господ му рече на Мојсеја: {6:2} „Зборувај им на Израелевите синови и кажи им: ‘Ако некој, било маж или жена, се заветува за назирејство па ако Му се посвети на Господа, {6:3} нека се воздржува од вино и од секаков жесток пијалак. Нека не пие ни скиселено вино ниту скиселен опоен пијалак; а нека не пие ни некаков сок од грозје, нека не јаде грозје, ни свежо ни суво. {6:4} За цело време на своето назирејство не смее да јаде ништо што раѓа виновата лоза - од зрното до лушпите.’ {6:5} ‘Сè додека трае неговиот назирејски завет, нека не поминува брич преку неговата глава; додека не се исполни времето што Му го заветувал на Господа, нека биде посветен и нека остави косата да му расте слободно на главата.’ {6:6} ‘За сето време на својот завет пред Господа нека не се доближува до ниедно мртво тело. {6:7} Нека не се онечистува ни заради татка си, ни заради мајка си, брата си или сестра си, ако би умреле, зашто на својата глава го носи посветувањето на својот Бог. {6:8} Тој Му е посветен на Господа за сето време на своето назирејство.’ {6:9} ‘Ако некој умре одненадеж покрај него, онечистувајќи ја на тој начин неговата посветена глава, нека ја избричи својата глава на денот на своето очистување - нека ја избричи на седмиот ден. {6:10} А на осмиот ден нека му донесе на свештеникот, при влезот на Шаторот на средбата, две грлици или две гулапчиња. {6:11} Свештеникот нека го принесе едното како принос за грев а другото како паленица, со тоа нека направи покривање на престапот за него, бидејќи згрешил заради мртовецот и ќе му ја освети неговата глава во тој ден. {6:12} Потоа наново нека Му ги заветува на Господа деновите на своето назирејство и нека принесе едногодишно јагне како жртва за престап. Нека не биде сметано поранешното време, зашто неговото назирејство беше онечистено.’ {6:13} ‘Ова е Закон за назиреец: нека го доведат при влезот на Шаторот на средбата во денот кога ќе се исполни времето на неговото назирејство. {6:14} Нека Му донесе на Господа како свој принос: едногодишно јагне, без недостаток, за принос за грев; еден овен, без недостаток, за помирителна жртва; {6:15} натаму: кошница со пресни погачи од чисто брашно, замесени со масло и непотквасени колачи, намачкани со масло, со нивниот лебен принос и со налевница. {6:16} Откако свештеникот ќе го донесе тоа пред Господа, нека ги принесе неговите: приносот за грев и паленицата. {6:17} Потоа нека Му го принесе на Господа овенот како помирителна жртва заедно со кошницата со пресни погачи. Свештеникот нека ги принесе и неговиот лебен принос и неговата налевница. {6:18} При влезот во Шаторот на средбата, назиреецот нека ја остриже својата глава и - откако ги земе влакната од својата посветена глава - нека ги стави во огнот под помирителната жртва. {6:19} Потоа свештеникот нека земе варена плешка од овенот, една незаквасена погача од кошницата и еден пресен колак и нека го положи тоа во рацете на назиреецот, откако овој ќе ја остриже главата на своето назирејство. {6:20} Свештеникот нека го принесе тоа како движен принос пред Господа. Тоа е светина што му припаѓа на свештеникот, освен градите на движниот принос и бедрото на воздигнатиот принос. Потоа назиреецот може да пие вино.’ {6:21} „Ова е Закон за назиреец, не сметајќи го она што би можела уште да принесе неговата рака. Ако освен своето назирејство ветил некаков дар, освен обредот на своето назирејство, нека направи како што се заветувал.” {6:22} Господ му рече на Мојсеја: {6:23} „Речи им на Арона и на неговите синови: ‘Благословувајте ги вака Израелевите синови, велејќи им: {6:24} „Господ нека те благослови и нека те чува! {6:25} Господ нека погледне на тебе со Своето светло лице и нека те помилува! {6:26} Господ нека го сврти Својот поглед на тебе и нека ти донесе мир!”‘ {6:27} Така нека го повикуваат Моето име над Израелевите синови, и Јас ќе ги благословувам.” {7:1} Во оној ден кога Мојсеј го сврши поставувањето на Шаторот и кога го помаза и го посвети со сите негови садови, а исто и жртвеникот со сите негови прибори, {7:2} тогаш пристапија Израелевите главатари, старешините на нивните прадедовски домови, односно племенските водачи, кои го спроведуваа пописот, {7:3} и ги доведоа пред Господа своите приноси: шест покриени коли и дванаесет волови - по една кола за двајца главатари и по еден вол за секој поединец. Ги доведоа пред Шаторот. {7:4} Тогаш Господ му проговори на Мојсеја: {7:5} „Прими го тоа од нив за употреба при службата во Шаторот на средбата; потоа подај му го тоа на секој левит според неговата служба.” {7:6} Мојсеј ги зеде колите и воловите па им ги даде на левитите. {7:7} Две коли и четири вола им даде на Гирсоновците според нивната служба, {7:8} а четири коли и осум вола им даде на Мерариевците, според нивната служба под водство на Итамар, син на свештеникот Арон. {7:9} На Каатовците не им даде ништо, зашто нивната задача беше да ги носат посветените нешта на раменици. {7:10} Тогаш началниците принесоа принос за осветување на жртвеникот во денот на неговото помазание. Додека началниците ги принесуваа своите приноси пред жртвеникот, {7:11} Господ му рече на Мојсеја: „Секој ден по еден началник нека го донесе својот принос за осветување на жртвеникот!” {7:12} Во првиот ден својот принос го донесе Насон, синот Аминадавов, од Јудиното племе. {7:13} Неговиот принос беше: една сребрена чинија тешка сто и триесет шекели и една сребрена чаша од седумдесет шекели, според храмскиот шекел: и едното и другото беа наполнети со чисто брашно замешано со масло, за лебен принос. {7:14} Потоа, една златна кадилница од десет шекели, полна со темјан; {7:15} еден јунец, еден овен, едно јагне годиначе, за паленица; {7:16} еден јарец за жртва за грев, {7:17} а за помирителна жртва: два вола, пет овни, пет јариња и пет едногодишни јагниња. Тоа беше приносот на Насона, Аминадавовиот син. {7:18} Во вториот ден својот принос го донесе Натанаил, Согаровиот син, кнезот на Исахаровците. {7:19} Како свој принос донесе: една сребрена чинија тешка сто и триесет шекели и една сребрена чаша од седумдесет шекели, според светиот (храмски) шекел, двете полни со чисто брашно, измешано со масло, за лебен принос; {7:20} потоа една златна кадилница од десет шекели, полна со темјан; {7:21} еден јунец, еден овен, едно јагне годиначе за паленица; {7:22} еден јарец за жртва за грев, {7:23} а за помирителна жртва: два вола, пет овни, пет јариња и пет едногодишни јагниња. Тоа беше приносот на Натанаила, Согаровиот син. {7:24} Во третиот ден својот принос го донесе началникот на Завулоновците, Елијав, синот Хелонов. {7:25} Неговиот принос беше: една сребрена чинија тешка сто и триесет шекели и една сребрена чаша од седумдесет шекели, според храмскиот шекел; двете полни со чисто брашно, измешано со масло, за лебен принос; {7:26} една златна кадилница, полна со темјан; {7:27} еден јунец, еден овен, едно јагне годиначе, за паленица; {7:28} еден јарец за жртва за грев; {7:29} а за помирителна жртва: два вола, пет овни, пет јариња и пет едногодишни јагниња. Тоа беше приносот на Елијава, Хелоновиот син. {7:30} Во четвртиот ден својот принос го донесе началникот на Рувимовците, Елисур, синот Седиуров. {7:31} Неговиот принос беше: една сребрена чинија тешка сто и триесет шекели, една сребрена чаша од седумдесет шекели, според светиот шекел; двете полни со чисто брашно, измешано со масло, за лебен принос; {7:32} тогаш, една златна кадилница од десет шекели, полна со темјан; {7:33} еден јунец, еден овен, едно јагне годиначе, за паленица; {7:34} еден јарец за жртва за грев, {7:35} а за помирителна жртва: два вола, пет овни, пет јариња и пет едногодишни јагниња. Тоа беше приносот на Елисура, Седиуровиот син. {7:36} Во петтиот ден својот принос го донесе началникот на Симеоновите синови, Саламил, синот Сурисадаев. {7:37} Неговиот принос беше: една сребрена чинија тешка сто и триесет шекели, една сребрена чаша од седумдесет шекели, според храмскиот шекел; двете наполнети со чисто брашно, измешано со масло, за лебен принос; {7:38} една златна кадилница од десет шекели, полна со темјан; {7:39} еден јунец, еден овен, едно јагне годиначе, за паленица; {7:40} еден јарец за жртва за грев, {7:41} а за помирителна жртва: два вола, пет овни, пет јариња и пет едногодишни јагниња. Тоа беше приносот на Саламила, Сурисадаевиот син. {7:42} Во шестиот ден својот принос го донесе началникот на Гадовите синови, Елисаф, синот Рагуилов. {7:43} Неговиот принос беше: една сребрена чинија тешка сто и триесет шекели, една сребрена чаша од седумдесет шекели според храмскиот шекел; двете наполнети со чисто брашно, измешано со масло, за лебен принос; {7:44} една златна кадилница од десет шекели полна со темјан; {7:45} еден јунец, еден овен, едно јагне годиначе, за паленица; {7:46} еден јарец за жртва за грев, {7:47} а за помирница: два вола, пет овни, пет јариња и пет едногодишни јагниња. Тоа беше приносот на Елисафа, Рагуиловиот син. {7:48} Во седмиот ден својот принос го донесе началникот на Ефремовците, Елисам, син Емиудов. {7:49} Неговиот принос беше: една сребрена чинија тешка сто и триесет шекели и една сребрена чаша од седумдесет шекели, според светиот шекел; двете полни со чисто брашно, измешано со масло, за лебен принос; {7:50} една златна кадилница од десет шекели, полна со темјан; {7:51} еден јунец, еден овен, едно јагне годиначе, за паленица, {7:52} еден јарец за жртва за грев; {7:53} а за помирителна жртва: два вола, пет овни, пет јариња и пет едногодишни јагниња. Тоа беше приносот на Елисама, Емиудовиот син. {7:54} Во осмиот ден својот принос го донесе началникот на Манасиевите синови, Гамалаил, синот Фадасуров. {7:55} Неговиот принос беше: една сребрена чинија тешка сто и триесет шекели и една сребрена чаша од седумдесет шекели, според храмскиот шекел; полни со чисто брашно, измешано со масло, за лебен принос; {7:56} една златна кадилница од десет шекели, полна со темјан; {7:57} еден јунец, еден овен, едно јагне годиначе, за паленица; {7:58} еден јарец за жртва за грев, {7:59} а за помирителна жртва: два вола, пет овни, пет јариња и пет едногодишни јагниња. Тоа беше приносот на Гамалаила, Фадасуровиот син. {7:60} Во деветтиот ден својот принос го донесе началникот на Венијаминовите синови, Авидан, синот Гедеониев. {7:61} Неговиот принос беше: една сребрена чинија тешка сто и триесет шекели и една сребрена чаша од седумдесет шекели; двете наполнети со чисто брашно, измешано со масло, за лебен принос; {7:62} една златна кадилница од десет шекели, полна со темјан, {7:63} еден јунец, еден овен, едно јагне годиначе, за паленица; {7:64} еден јарец за жртва за грев, {7:65} а за помирителна жртва: два вола, пет овни, пет јариња и пет едногодишни јагниња. Тоа беше приносот на Авидана, Гедеониевиот син. {7:66} Во десеттиот ден својот принос го донесе началникот на Дановите синови, Ахиезер, синот Амисадаев. {7:67} Неговиот принос беше: една сребрена чинија тешка сто и триесет шекели и една сребрена чаша од седумдесет шекели; двете наполнети со чисто брашно, измешано со масло, како лебен принос; {7:68} една златна кадилница од десет шекели, полна со темјан; {7:69} еден јунец, еден овен, едно јагне годиначе, за паленица; {7:70} еден јарец за жртва за грев, {7:71} а за помирителна жртва: два вола, пет овни, пет јариња и пет едногодишни јагниња. Тоа беше приносот на Ахиезера, Амисадаевиот син. {7:72} Во единаесеттиот ден својот принос го донесе началникот на Асировците, Фагаил, синот Ехранов. {7:73} Неговиот принос беше: една сребрена чинија тешка сто и триесет шекели и една сребрена чаша од седумдесет шекели, според храмскиот шекел; двете наполнети со чисто брашно, измешано со масло, за лебен принос; {7:74} една златна кадилница од десет шекели, полна со темјан; {7:75} еден јунец, еден овен, едно јагне годиначе, за паленица; {7:76} еден јарец за жртва за грев, {7:77} а за помирителна жртва: два вола, пет овни, пет јариња и пет едногодишни јагниња. Тоа беше принос на Фагаила, Ехрановиот син. {7:78} Во дванаесеттиот ден својот принос го донесе началникот на Нефталимовите синови, Ахиреј, синот Енанов. {7:79} Неговиот принос беше: една сребрена чинија тешка сто и триесет шекели и една сребрена чаша од седумдесет шекели, според храмскиот шекел; двете наполнети со чисто брашно, измешано со масло, за лебен принос; {7:80} една златна кадилница од десет шекели, полна со темјан; {7:81} еден јунец, еден овен, едно јагне од една година, за паленица; {7:82} еден јарец за жртва за грев, {7:83} а за помирителна жртва: два вола, пет овни, пет јариња и пет едногодишни јагниња. Тоа беше приносот на Ахиреја, Енановиот син. {7:84} Тоа беа приносите на Израелевите началници за осветување на жртвеникот во денот кога беше помазан: дванаесет сребрени чинии, дванаесет сребрени чаши и дванаесет златни кадилници. {7:85} Секоја сребрена чинија тежеше сто и триесет шекели; секоја чаша седумдесет шекели. Вкупно сребро во садовите имаше две илјади и четири стотини светилишни шекели. {7:86} Златни кадилници, полни со темјан, беа дванаесет; секоја кадилница тежеше десет храмски шекели. Сето злато во кадилниците тежеше сто и дваесет шекели. {7:87} Сиот добиток за паленици: дванаесет јунци, дванаесет овни, дванаесет едногодишни јагниња, со лебните приноси. За жртвата за грев: дванаесет јарци. {7:88} Сиот добиток за помирителната жртва: дваесет и четири јунци, шеесет овни, шеесет јариња и шеесет јагниња годиначиња. Тоа беа приносите за осветување на жртвеникот по неговото помазание. {7:89} Кога Мојсеј влегуваше во Шаторот на средбата, за да разговара со Бога, слушаше како му зборува глас одозгора од Покривот што беше на Ковчегот на сведоштвото, меѓу двата херувима. Тогаш му зборуваше. {8:1} Господ му рече на Мојсеја: {8:2} „Зборувај му на Арона и речи му: ‘Кога ќе ги палиш светилките, седум светилки нека светат на предната страна на светилникот.’” {8:3} Арон така и направи: ги намести светилките на предната страна на светилникот, како што Господ му нареди на Мојсеја. {8:4} Светилникот беше искован од злато; искован од своето подножје до својата чашка. Светилникот беше направен според образецот што Господ му го покажа на Мојсеја. {8:5} Господ му рече на Мојсеја: {8:6} „Земи ги левитите од меѓу Израелевите синови и очисти ги! {8:7} Постапи вака со нив за да ги очистиш: попрскај ги со водата за очистување, а тие нека се избричат по сето свое тело и нека ја исперат својата облека, и ќе бидат чисти. {8:8} Потоа нека земат еден јунец и лебен принос од пченично чисто брашно, измешано со масло. А ти земи друг јунец за жртва за грев. {8:9} Потоа доведи ги левитите пред Шаторот на средбата и собери го сето Израелево општество. {8:10} Кога ќе ги доведеш левитите пред Господа, Израелевите синови нека ги положат своите раце на нив. {8:11} Потоа Арон нека ги посвети левитите, како принос пред Господа, во име на Израелевите синови. Така нивната работа ќе биде да Му служат на Господа. {8:12} А левитите нека ги стават своите раце на главите на јунците; и принеси го едниот како жртва за грев, а другиот како паленица на Господа, за покривање на гревот на левитите. {8:13} Откако ќе ги поставиш левитите пред Арона и пред неговите синови, изврши над нив нивно посветување на Господа.” {8:14} „Одвои ги така левитите од среде Израелевите синови за да бидат Мои. {8:15} Потоа, откако си ги очистил и откако си ги посветил, левитите нека влезат во служба на Шаторот на средбата. {8:16} Зашто тие ми се подарени целосно од среде Израелевите синови; нив ги зедов за Себе место сите првенци; место сите израелски првороденци. {8:17} Имено, Мои се сите првенци на Израелевите синови, од луѓето и од животните; ги посветив Себеси во денот кога ги погубив сите првородени во Египетската Земја. {8:18} Така ги зедов левитите место сите израелски првороденци. {8:19} И им ги предадов левитите, од среде Израелците, како дар на Арона и на неговите синови, за да исполнуваат место Израелевите синови служба во Шаторот на средбата; за да ги очистуваат, па да не ги најде некаков помор Израелевите синови, кога ќе му се приближат на Светилиштето.” {8:20} Мојсеј, Арон и сета израелска заедница направија така со левитите; како што Господ му нареди на Мојсеја за левитите; така Израелевите синови и им сторија. {8:21} Левитите се очистија и ја испраа својата облека; и Арон ги посвети пред Господа. Арон направи покривање на гревот за да бидат чисти. {8:22} Потоа левитите стапија во служба во Шаторот на средбата, во присуство на Арона и на неговите синови. Како што Господ му нареди на Мојсеја за левитите, така и направија со нив. {8:23} Господ му рече на Мојсеја: {8:24} „И ова се однесува за левитите: левитите, од дваесет и пет години нагоре, нека преземаат по ред служба во Шаторот на средбата. {8:25} А на педесет години нека истапат од службата и веќе нека не служат. {8:26} Но можат да им помагаат на своите браќа во исполнување на нивните должности во Шаторот на средбата, но самите не треба да ја исполнуваат службата. {9:1} Во првиот месец на втората година по излезот од Египетската Земја, Господ му рече на Мојсеја во Синајската Пустина: {9:2} „Израелевите синови нека ја подготвуваат Пасхата во времето определено за неа. {9:3} Празнувајте ја во нејзиното време, во примрак, на четиринаесеттиот ден на овој месец; славете ја според сите нејзини прописи и наредби.” {9:4} А Мојсеј им рече на Израелците да ја подготвуваат Пасхата. {9:5} И тие ја подготвуваа во Синајската Пустина, во примрак, во првиот месец, на четиринаесеттиот ден на месецот. Како што Господ му нареди на Мојсеја, Израелевите синови така и направија. {9:6} А имаше луѓе онечистени од мртовец, тие не можеа да ја подготвуваат Пасхата во оној ден. И дојдоа пред Мојсеја и Арона во истиот ден {9:7} па рекоа: „Станавме нечисти од мртовец; сепак, зошто да бидеме лишени од тоа да Му принесеме принос на Господа во одреденото време среде Израелевите синови?” {9:8} Мојсеј им рече: „Стрпете се, да чујам што ќе одреди Господ за вас.” {9:9} И Господ му рече на Мојсеја: {9:10} „Кажи им на Израелевите синови вака: ‘Кога некој од среде вас или од меѓу вашите потомци стане нечист од мртовец или ако е на далечен пат, сепак нека Му ја подготвуваат Пасхата на Господа. {9:11} Нека ја спремат во примрак на четиринаесеттиот ден на вториот месец. Нека ја јадат со бесквасни лебови и со горчливи треви; {9:12} нека не оставаат од неа за наутро; нека не кршат ниту една коска на неа. Нека ја подготвуваат според прописите за Пасха. {9:13} Оној кој е чист, а не е на пат, па сепак пропуштил да ја подготви Пасхата, нека биде откорнат од својот народ. Бидејќи не Му принесе на Господа жртва во одреденото време, таквиот нека го носи својот грев. {9:14} Ако со вас живее странец и ако Му принесува Пасха на Господа, нека ја принесува според нејзините прописи и обреди. Нека биде едно правило за вас: и за странецот и за домородецот.’” {9:15} Во денот кога беше поставен Шаторот облак го покри Шаторот, Шаторот на сведоштвото. Облакот стоеше во вид на оган над Шаторот од вечер до утро. {9:16} Така облакот го засолнуваше непрекратно, а ноќе беше како оган. {9:17} Кога облакот се дигаше од Шаторот, тогаш Израелевите синови тргнуваа; а каде што облакот застануваше, таму Израелевите синови се настануваа. {9:18} По Господова заповед Израелците тргнуваа на пат, и по Господова заповед застануваа во логор. За сето време додека облакот стоеше над Шаторот тие остануваа во логорот. {9:19} Ако облакот стоеше долго над Шаторот, Израелците го слушаа Господовиот налог и не тргнуваа на пат. {9:20} Но ако се случеше облакот да остане над Шаторот малку време, тие по Господова повелба остануваа во логорот и по Господова повелба тргнуваа пак на пат. {9:21} Ако облакот се дигнеше, откако се задржал од вечерта до утрото, тие тогаш тргнуваа наутро на пат. Дење или ноќе, кога облакот ќе се дигнеше, тие тргнуваа на пат. {9:22} Два дена или месец или година - додека облакот остануваше над Шаторот - Израелевите синови остануваа во логорот, не тргнувајќи на пат, а штом ќе се дигнеше, тие тргнуваа. {9:23} По Господова повелба стоеја во логорот и по Господова повелба тргнуваа на пат. Го пазеа Господовиот налог, како што Господ му заповеда на Мојсеја. {10:1} Господ му рече на Мојсеја: {10:2} „Направи си две труби; направи ги од ковано сребро. Нека ти служат за свикување на заедницата и за раздвижување на логорот. {10:3} Кога ќе се затруби со нив, сета заедница нека се собере кон тебе при влезот во Шаторот на средбата. {10:4} Ако се затруби во една, нека се соберат кон тебе Израелевите главатари, илјадниците. {10:5} Кога ќе го придружувате свирењето со бојни извици, нека тргнат логорите поставени на источната страна. {10:6} Кога ќе го придружувате свирењето со бојни извици по вторпат, нека тргнат логорите поставени на јужната страна: свирењето со труби нека биде придружено со бојни извици за да тргнат тие. {10:7} Трубете за да го соберете општеството, но без бојни извици. {10:8} Свештениците, синовите Аронови, нека трубат во трубите. Тоа нека ви биде вечен закон за вашите поколенија. {10:9} Кога во вашата земја ќе тргнете во војна против непријателот, што ќе ве притисне, затрубите во трубите со боен извик, и Господ, вашиот Бог, ќе се сети за вас, и ќе бидете избавени од вашите непријатели. {10:10} Трубите во труби во денот на вашите свечености, на вашите празници или на вашите млади месечини, додека ги принесувате вашите паленици и помирителни жртви. Тоа нека биде спомнување за вас пред вашиот Бог. Јас Сум Господ, ваш Бог.” {10:11} Во втората година, во вториот месец, во дваесеттиот ден на месецот, облакот се дигна над Шаторот на сведоштвото. {10:12} Тогаш Израелевите синови се запатија од Синајската Пустина на своите патувања. Облакот застана во пустината Фаран. {10:13} Така тргнаа за првпат според Господовата заповед дадена на Мојсеја. {10:14} Знамето на логорот на Јудините синови, по нивните чети, тргна прво. Насон, синот Аминадавов, беше над нивната војска; {10:15} Натанаил, синот Суаров, беше над војската на племето на Исахаровците; {10:16} а Елијав, синот Хелонов, беше над војската на племето на Завулоновите синови. {10:17} Потоа, откако беше разглобен Шаторот, Гирсоновците и Мерариевците тргнаа, носејќи го Шаторот. {10:18} Потоа тргна знамето на Рувимовиот логор, по нивните чети. Елисур, синот Седиуров, беше над нивната војска; {10:19} Селумил, синот Сурисадаев беше над војската на племето на Симеоновците; {10:20} Елисаф, синот Рагуилов беше над војската на племето на Гадовите синови. {10:21} Потоа тргнаа Каатовите синови носејќи го Светилиштето. Шаторот беше поставуван пред нивното доаѓање. {10:22} Тогаш тргна знамето на логорот на Ефремовите синови, по нивните чети. Елисам, синот Емиудов, беше над нивната војска; {10:23} Гамалил, синот Фадасуров, беше над војската на племето на Манасиевците; {10:24} Авидан, синот Гедеониев, беше над војската на племето на Венијаминовите синови. {10:25} Последно, како задна стража на сите логори, тргна знамето на логорот на Дановите синови, по нивните чети. Ахиезер, синот Амисадаев, беше над нивната војска; {10:26} Фагеил, синот Ехранов, беше над војската на племето на Асировите синови; {10:27} а Ахиреј, синот Енанов, беше над војската на племето на Нефталимовите синови. {10:28} Таков беше редот на патувањето на Израелците, подредени во нивните чети. Така патуваа. {10:29} Мојсеј му рече на Јовав, син на Мадијамецот Рагуил, Мојсеевиот дедо: „Се запативме во крај за кој Господ рече: ‘Ќе ви го дадам!’ Тргни со нас, и ќе ти направиме добро, зашто Господ му вети среќа на Израел.” {10:30} „Не идам - му одговори - туку се враќам во својата земја, се враќам при своите.” {10:31} „Те молам, не нè оставај! - му рече. Бидејќи знаеш каде треба да се настаниме во пустината, ќе ни бидеш како очи. {10:32} Ако тргнеш со нас ќе ги делиме, со тебе, добрините што Господ ќе ни ги додели.” {10:33} Од Господовата Гора патуваа три дни одење. Ковчегот на Господовиот Завет одеше пред нив во текот на трите дни на одењето за да им побара место за починка. {10:34} Дење пак Господовиот облак беше над нив кога тргнуваа од логорот. {10:35} Кога тргнуваше Ковчегот, Мојсеј велеше: „Стани, Господи, и ќе се распрснат Твоите непријатели! Ќе избегаат пред Тебе, кои Те мразат!” {10:36} А кога застануваше, велеше: „Врати се, о, Господи, кон Израелевите илјади и десетиците илјади!” {11:1} И народот почна да мрмори злобно во Господовите уши. Кога Господ го чу тоа, пламна со гнев. Господов оган избувна среде нив и изгоре еден крај на логорот. {11:2} Народот извика кон Мојсеја, а Мојсеј Му се помоли на Господа, и огнот стивна. {11:3} Тоа место го нарекоа Тавера, зашто Господов оган пламна на нив таму. {11:4} Придојдениците среде нив ги опфати лакомство за јадење. А и Израелците пак почнаа да се поплакуваат, велејќи: „Кој ќе нè насити со месо! {11:5} Си спомнуваме како јадевме бесплатно во Египет: риби, краставици, дињи, праз, кромид и лук. {11:6} Сега нашиот живот венее, нема ништо пред нашите очи освен мана.” {11:7} Маната беше како коријандрово семе и слична на боја од вделиј. {11:8} Народот одеше наоколу, ја собираше, а потоа ја мелеше со рачници или ја толчеше во толчник. Ја вареше во грнче и правеше колачиња од неа. Вкусот и беше како вкус на колачиња зготвени со масло. {11:9} Кога, ноќе, росата се спушташе во логорот, со неа се спушташе и маната. {11:10} Мојсеј слушаше како народот се поплакува во своите семејства, секој при влезот на својот шатор. Господовиот гнев пламна жестоко, и Мојсеј се нажали: {11:11} „Зошто го измачуваш Твојот слуга? - Мојсеј Му упати слово на Господа. Зошто не добив милост во Твоите очи, кога врз мене го стави теретот за сиот овој народ? {11:12} Зар од мене произлегува сиот овој народ? Зар јас го родив, кога ми велиш: ‘Носи го во твоето крило, како што доилката го носи доилчето,’ во земјата што со заклетва им ја вети на нивните татковци! {11:13} Откаде кај мене месо за да му го дадам на сиот овој народ, што плаче околу мене, велејќи: ‘Дај ни месо да јадеме!’ {11:14} Јас самиот не можам да го носам сиот овој народ. Претешко е тоа за мене. {11:15} Ако и понатаму постапуваш вака со мене, подобро убиј ме; ако најдов милост во Твоите очи, за да не ја гледам повеќе својата беда.” {11:16} Тогаш Господ му рече на Мојсеја: „Собери ми седумдесет мажи меѓу Израелевите старешини, за кои знаеш дека се народни старешини и негови надгледувачи. Доведи ги во Шаторот на средбата, па нека ги заземат таму своите места со тебе. {11:17} Јас ќе слезам и таму ќе зборувам со тебе; ќе земам од духот што е на тебе и ќе го ставам на нив. Така, со тебе, ќе го носат бремето на народот, за да не го носиш сам. {11:18} Натаму, кажи му на народот: ‘Очистете се за утре, и ќе јадете месо, зашто плачевте во Господовите уши, говорејќи: „Кој ќе нè насити со месо? Ни беше добро во Египет.” И така, Господ ќе ви даде месо да јадете. {11:19} Нема да го јадете само еден ден, ни пет дена, ни десет дена, ни дваесет денови; {11:20} туку цел месец, сè додека не ви избие низ носалките и не ви се згади, зашто Го отфрливте Господа Кој е среде вас, мрморејќи пред Него со зборовите: „Зошто воопшто излеговме од Египет?!”‘„ {11:21} „Народот во кој се наоѓам - одговори Мојсеј - има шест стотини илјади пешаци, а Ти велиш: ‘Ќе им дадам месо да јадат цел месец.’ {11:22} Може ли да биде исклан целиот ситен и крупен добиток за да им биде доволно? Можат ли да се соберат сите риби од морето за да им биде доста?” {11:23} Господ му рече на Мојсеја: „Зар Господовата рака е толку кратка? Сега ќе видиш дали ќе се збидне Моето слово или не.” {11:24} Мојсеј излезе и му ги кажа на народот Господовите зборови, и собра седумдесет мажи од народните старешини и ги смести околу Шаторот. {11:25} Господ слезе во облак и почна да зборува со нив. Потоа зеде од Духот што беше на него и го стави на оние седумдесет старешини. Кога Духот дојде на нив, почнаа да пророкуваат, но тоа не го повторија уште еднаш. {11:26} Двајца останаа во логорот. На едниот името му беше Елдад, а на другиот Модад. Духот слезе и на нив - беа и тие меѓу запишаните, иако не дојдоа при Шаторот - тие почнаа да пророкуваат во логорот. {11:27} Некој младец отрча и му јави на Мојсеја: „Елдад и Модад - рече - пророкуваат во логорот!” {11:28} Исус, синот Навинов, кој му прислужуваше на Мојсеја од својата младост, прозбори и рече: „Мојсеј, мој господару, замолкни ги!” {11:29} Мојсеј му одговори: „Зар завидуваш заради мене! Ох, кога сиот Господов народ би станал пророк! Кога Господ би Го излеал Својот Дух на нив!” {11:30} Потоа Мојсеј и Израелевите старешини се вратија во логорот. {11:31} Тогаш Господ заповеда па задува ветер и донесе потполошки од морето и ги расфрла околу логорот, на ден одење и од оваа и од онаа страна на логорот, и два лакти над земјата. {11:32} Народот стана и собираше потполошки целиот ден, целата ноќ и целиот утрешен ден. Оној кој собра најмалку од нив имаше десет гомори. Потоа ги простреа околу логорот. {11:33} Месото уште беше меѓу нивните заби - уште не го сожвакаа - кога пламна Господовиот гнев против народот: Господ го удри народот со страшен помор. {11:34} Она место беше наречено Киврот Атава (Гробница на Лакомост), зашто таму ги закопаа оние што се полакомија. {11:35} Од Киврот Атава народот се запати во Асирот; и се настанија во Асирот. {12:1} А Маријам и Арон почнаа да зборуваат против Мојсеја заради неговата жена Етиопка, за која се ожени, зашто беше зел за жена една Етиопка. {12:2} „Зар Господ му зборува само на Мојсеја? - рекоа. - Зар не ни зборуваше и нам?” Господ го чу тоа. {12:3} Мојсеј беше мошне скромен човек, најскромен човек на земјата. {12:4} И Господ им рече веднаш на Мојсеја, на Арона и на Маријам: „Вие тројцата јавете се во Шаторот на средбата.” Тие тројца се јавија. {12:5} Господ слезе во облачен столб и застана при влезот на Шаторот. Ги повика Арона и Маријам. Кога тие истапија напред, {12:6} Господ рече: „Чујте ги Моите зборови: Ако се најде пророк среде вас, Јас му се јавувам нему во видение, му говорам на сон. {12:7} Но не е така со Мојот слуга Мојсеј. Од сите во Мојата куќа тој е најверен. {12:8} Јас му зборувам нему уста во уста, јавно, а не со гатанки, и тој смее да го гледа Господовиот лик. Како тогаш не се плашевте да зборувате против Мојот слуга Мојсеја?” {12:9} Откако пламна со гнев против нив, Господ си отиде. {12:10} Штом облакот се оддалечи од Шаторот, ете, Маријам стана лепрозна, како потурена со снег. Арон се сврте кон Маријам, а лепрата беше на неа. {12:11} Тогаш Арон му рече на Мојсеја: „Господару мој, не сметај ни за грев, зашто постапивме глупо и согрешивме. {12:12} Не оставај таа да остане како мртво дете на кое, веќе при излегувањето од мајчината утроба, снагата му е напола уништена!” {12:13} Тогаш Мојсеј извика кон Господа: „Боже, Те молам, оздрави ја!” {12:14} „Ако нејзиниот татко и плукнал во лицето - Господ му рече на Мојсеја - зар не ќе требаше да се срами седум денови? И таа нека биде одвоена надвор од логорот седум денови, па потоа нека биде прибрана пак.” {12:15} Така Маријам беше одвоена надвор од логорот седум денови. Народот не тргна на пат додека Маријам не се прибра пак. {12:16} Потоа народот тргна од Асирот и се настани во Фаранската Пустина. {13:1} Господ му рече на Мојсеја: {13:2} „Испрати луѓе, по еден човек од секое прадедовско племе, за да ја извидат Ханаанската Земја, што им ја давам на Израелевите синови. Испратете ги сите нивни главатари!” {13:3} По Господова заповед Мојсеј ги испрати од Фаранската Пустина. Сите тие луѓе беа главатари на Израелците. {13:4} А ова се нивните имиња: Самоил, син Захуров, од Рувимовото племе; {13:5} Сафат, син Хориев, од Симеоновото племе; {13:6} Халев, син Ефониев, од Јудиното племе; {13:7} Игал, син Јосифов, од Исахаровото племе; {13:8} Осиј, син Навинов, од Ефремовото племе; {13:9} Фалтиј, син Рафуев, од Венијаминовото племе; {13:10} Гадиил, син Содиев, од Завулоновото племе; {13:11} Гадиј, син Сусиев, од Јосифовото племе, од Манасиевото племе; {13:12} Амил, син Гамалиев, од Дановото племе; {13:13} Сетур, син Михаилов од Асировото племе; {13:14} Навиј, син Вопсиев, од Нефталимовото племе; {13:15} Гуел, син Макхиев, од Гадовото племе. {13:16} Тоа се имињата на луѓето кои ги испрати Мојсеј за да ја извидат земјата. {13:17} Мојсеј ги испрати да ја согледаат Ханаанската Земја па им рече: „Одете горе во Негев, и искачете се на гората. {13:18} Разгледајте ја каква е земјата. Дали народот, што живее во неа, е силен или слаб, дали е малуброен или е многуброен? {13:19} Каква е земјата во која живее: добра или лоша? Какви се градовите во кои престојува: отворени или утврдени? {13:20} Каква е почвата: плодна или посна? Има ли дрва по неа или нема? Бидете слободни и земете од плодовите на таа земја.” Туку што беше време на раното грозје. {13:21} Тие отидоа горе да ја извидат земјата од пустината Син до Реова, што е на влезот во Емат. {13:22} Се искачија на Негев и дојдоа до Хеврон, каде се наоѓаа Ахиман, Сесиј и Телиман, Енакови синови. Хеврон е основан седум години порано отколку Зоан во Египет. {13:23} Кога стигнаа во долината Есхол, отсекоа таму лоза со грозд и го понесоа, двајца, на стап; зедоа и калинки и смокви. {13:24} Тоа место беше наречено Долина Есхол, заради гроздот што Израелците го отсекоа таму. {13:25} По четириесет денови се вратија од земјата што ја согледуваа. {13:26} Отидоа при Мојсеја и Арона и при целото Израелско општество во Кадис, во Фаранската Пустина. Им поднесоа извештај ним и на целата заедница, а тогаш им ги покажаа плодовите на земјата. {13:27} И тие го известија: „Отидовме во земјата во која што нè испрати. Навистина низ неа течат мед и млеко. Еве ги нејзините плодови. {13:28} Но силен е народот што живее во земјата, градовите се утврдени и многу се големи. А видовме таму и Енакови потомци. {13:29} Амаликците живеат во Негевскиот крај; Хетејците, Евусејците и Аморејците живеат на планината, а Ханаанците се наоѓаат покрај морето и вдолж на Јордан.” {13:30} Халев го замолчи народот околу Мојсеја и проговори: „Да тргнеме не двоумејќи се и да ја заземеме, зашто можеме да ја покориме!” {13:31} Но луѓето кои одеа со него одговорија: „Не можеме да одиме против оној народ, зашто е посилен од нас.” {13:32} И почнаа да ја прикажуваат лошо, пред Израелците, земјата што ја согледуваа: „Земјата низ која поминавме за да ја извидиме е земја што ги голта своите жители. Сиот народ што го видовме во неа се луѓе со крупен раст. {13:33} Видовме и дивови таму - Енаковото потомство од дивови. Ни се чинеше дека сме како скакулци спрема нив.” {14:1} Тогаш завреви целото општество и почна да вика. И народот плачеше во таа ноќ. {14:2} Сите Израелци роптаа против Мојсеја и Арона. Целата заедница им зборуваше: „О, да умревме во Египетската Земја! Или да изумревме во пустинава! {14:3} Зошто Господ нè води во таа земја, за да паднеме од меч, а нашите жени и деца да станат робови! Зар не ќе ни биде подобро да се вратиме во Египет?!” {14:4} И си велеа еден на друг: „Да си поставиме водач и да се вратиме во Египет!” {14:5} Мојсеј и Арон паднаа на своите лица пред целата собрана израелска заедница. {14:6} А Исус, синот Навинов, и Халев, синот Ефониев, кои беа меѓу оние кои ја согледуваа земјата, ја скинаа својата облека. {14:7} Потоа му рекоа на целото Израелско општество: „Земјата низ која поминавме за да ја согледаме е премногу добра. {14:8} Ако ни биде Господ милостив, ќе нè доведе во таа земја, и ќе ни ја даде. Тоа е земја во која течат мед и млеко. {14:9} Само, не бунете се против Господа! Не бојте се од народот на онаа земја; па тој е залаг за нас. Тие се без заштита, а Господ е со нас! Не бојте се од нив!” {14:10} И додека целото општество веќе мислеше да ги каменува, Господовата слава им се јави во Шаторот на средбата на сите Израелеви синови. {14:11} Тогаш Господ му рече на Мојсеја: „До кога ќе Ме презира тој народ? До кога не ќе Ми верува и покрај сите знаци што ги извршив среде нив? {14:12} Ќе ги удрам со помор и ќе ги истребам, а од тебе ќе направам народ поголем и посилен од него.” {14:13} Тогаш Мојсеј Му рече на Господа: „Египетците сфатија дека Ти, со Твојата сила, го изведе овој народ отсреде нив. {14:14} Тие им го кажаа тоа на жителите на онаа земја. Веќе научија дека Ти си, Господи, среде овој народ, кому му се јавуваш лице во лице, и дека Ти, Господи, стоиш во облак над него, дека одиш пред него дење во столб од облак, а ноќе во столб од оган. {14:15} Затоа, ако го истребиш овој народ како еден човек, народите што чуја глас за Тебе, ќе речат: {14:16} ‘Господ беше немоќен да го доведе овој народ во земјата што му ја вети под заклетва, и затоа го погуби во пустината.’ {14:17} Затоа нека се возвеличи силата на Мојот Господ, како што рече, велејќи: {14:18} ‘Господ е долготрпелив и многумилостив; ги проштава беззаконијата и престапите, но не го остава виновниот неказнет, туку го казнува безаконието на татковците врз децата до третото и четвртото поколение.’ {14:19} Прости му го гревот на овој народ, по Твојата голема милост, како што му проштаваше на овој народ од Египет дотука.” {14:20} „Им проштавам, на твојот збор - рече Господ. {14:21} Но Јас Сум жив и со Господовата слава е полна целата земја! {14:22} Сите кои ги видоа: Мојата слава и знаците што ги направив во Египет и во пустината, па сепак ме искушуваа десетпати не сакајќи да го послушаат Мојот глас, {14:23} нема да ја видат земјата што со заклетва им ја ветив на нивните татковци; сите, кои Ме презираат, нема да ја видат. {14:24} А Мојот слуга Халев, зашто во него беше инаков дух и зашто ми беше послушен, Јас ќе го воведам него во земјата во која влезе, и неговите потомци ќе ја наследат! (Амаликците и Ханаанците живеат во долината). {14:25} Вратете се утре и тргнете кон Црвеното Море.” {14:26} Уште Господ им рече на Мојсеја и Арона: {14:27} „До кога тоа лукаво општество ќе ропта против Мене? Ги чув оптужбите што Израелевите синови ги подигаат против Мене. {14:28} Кажи им: ‘Жив Сум Јас, вели Господ, како што зборувавте во Моите уши, така и ќе ви сторам. {14:29} Вашите мртви тела ќе паднат во оваа пустина: на сите вас што сте запишани во кој и да е попис од дваесет години нагоре, кои викавте против Мене. {14:30} Нема да влезете во земјата, против која ја дигнав Мојата рака, за да ве населам во неа, освен Халев, синот Ефониев, и Исус синот Навинов. {14:31} А вашите деца, за кои велевте дека ќе станат робови, нив ќе ги воведам за да ја населат земјата што вие ја презревте. {14:32} А вие! Вашите трупови ќе паднат во пустинава! {14:33} Вашите синови ќе скитаат низ пустината четириесет години, ќе трпат заради вашата невера додека не ви испопаѓаат телата во пустинава. {14:34} Според бројот на деновите во кои ја согледувавте земјата - четириесет денови; за секој ден една година - четириесет години ќе ги носите вашите беззаконија, за да знаете што значи да се биде оттуѓен од Мене. {14:35} Јас, Господ, го велам тоа: така ќе постапам со оваа зла заедница, што се собрала заедно против Мене: сите тие ќе загинат и ќе изумрат во пустинава.’” {14:36} А оние луѓе, кои Мојсеј ги испрати да ја согледаат земјата, и кои по враќањето го возмутија целото општество против него, прогласувајќи ја земјата за лоша; {14:37} тие, кои ја прикажаа земјата како лоша, изумреа од помор пред Господа. {14:38} Само Исус, синот Навинов, и Халев, синот Ефониев, останаа живи од оние луѓе, кои отидоа да ја согледаат земјата. {14:39} Кога Мојсеј им ги пренесе зборовите на Израелците, луѓето плачеа горчливо, {14:40} станувајќи рано, почнаа да се искачуваат кон врвот на гората, велејќи: „Еве се искачуваме кон местото за кое зборуваше Господ, зашто згрешивме.” {14:41} А Мојсеј рече: „Зошто ја престапувате Господовата заповед? Не ќе успеете. {14:42} Не одете горе, оти Господ не е помеѓу вас, да не би да ве поразат вашите непријатели. {14:43} Зашто Амаликците и Ханаанците таму се пред вас, и ќе паднете од меч; зашто отстапивте од Господа и затоа Господ не ќе биде со вас.” {14:44} Но тие се искачуваа упорно кон врвот на гората, иако ни Ковчегот на Господовиот Завет ни Мојсеја не го оставија логорот. {14:45} Амаликците и Ханаанците, кои живееја на планината, слегоа, удрија на нив и ги гонеа сè до Хорма. {15:1} Господ му рече на Мојсеја: {15:2} „Зборувај им на Израелевите синови и речи им: ‘Кога ќе влезете во земјата во која ќе живеете и која Јас ви ја давам, {15:3} и кога ќе почнете да Му принесувате жртва на Господа: паленица или закланица, жртва заветница или доброволна, или принос по повод вашите празници - правејќи така од крупниот или од ситниот добиток пријатен мирис за Господа - {15:4} жртвоприносникот нека го принесе својот дар на Господа: лебен принос од десет ефи чисто брашно, измешано со четврт ин масло. {15:5} Покрај паленицата или покрај закланицата принеси четвртина ин вино за налевница на секое јагне. {15:6} А принесувајќи овен, принеси и лебен принос: две десетини ефи пченично чисто брашно, измешано со една третина ин масло; {15:7} принеси и вино за налевница третина ин за благоугоден мирис на Господа. {15:8} Ако Му принесуваш на Господа јунец како паленица или како закланица, за да исполниш завет или како помирителна жртва, {15:9} тогаш покрај јунецот нека се принесат: три десетини ефа пченично чисто брашно, измешано со половина ин масло, {15:10} а за налевница принеси половина ин вино, како паленица за пријатен мирис на Господа.’ {15:11} ‘Така нека се постапи при секое принесување на вол, на овен, и на секоја глава ситен добиток, овца или коза: {15:12} колку и да ги принесете, направете така за секое одделно, според нивниот број. {15:13} Секој роден во татковината нека постапува вака, кога принесува палена жртва за пријатен мирис на Господа. {15:14} И ако некој туѓинец, кој живее среде вас, или ќе биде среде вашите потомци, посака да принесе паленица за благоугоден мирис на Господа, нека прави така како што правите и вие. {15:15} Нека е еден закон и за вас и за туѓинецот, кој живее среде вас. Тоа е вечен закон за вашите поколенија: пред Господа, како што е со вас, така нека биде и со странецот, кој живее среде вас. {15:16} Еден закон и една заповед да е за вас и за туѓинецот кој е придојден меѓу вас.’” {15:17} Господ му рече на Мојсеја: {15:18} „Зборувај им на Израелевите синови и речи им: ‘Кога ќе дојдете во земјата во која ве водам, {15:19} и кога ќе го јадете лебот на таа земја, принесете Му воздигнат принос на Господа. {15:20} Како првина од своето тесто принесете еден колач како воздигнат принос; принесете го како и воздигнат принос од гумното. {15:21} Од првините на своето тесто давајте Му на Господа воздигнат принос од поколение до поколение.’ {15:22} ‘Ако згрешите неволно и не исполнувате некоја од заповедите што Господ ги соопшти преку Мојсеја - {15:23} сè што Господ ви нареди преку Мојсеја, оттогаш кога ви ги даде заповедите па натаму од колено до колено - {15:24} тогаш: ако е направено тоа поради невнимание скришно од општеството, целото општество нека принесе еден јунец како паленица за пријатен мирис на Господа со лебен принос и со налевница, според правилникот, и еден јарец во жртва за грев. {15:25} И свештеникот ќе направи покривање на гревот за целото општество на Израелевите синови, па ќе им биде простено; зашто тоа беше грешка, а тие го принесоа својот дар - палена жртва на Господа - и принос за грев пред Господа за своето невнимание. {15:26} Ќе и биде простено на сета израелска заедница, а така и на странецот, кој живее среде нив, зашто целиот народ згреши од незнаење.’ {15:27} ‘Ако згреши поединец од незнаење, нека принесе едно женско јаре годиначе како жртва за грев. {15:28} И свештеникот ќе направи покривање на гревот за човекот, кој згрешил неволно од незнаење, и ќе биде чист, и ќе му биде простено. {15:29} Кога некој ќе згреши од невнимание, нека ви важи еден закон и за домородецот и за странецот, кој живее среде вас. {15:30} Но оној кој направи нешто волно, било да е роден во татковината или странец, тој хули на Господа. Таквиот нека биде истребен од својот народ, {15:31} зашто го презре Господовото слово и ја прекрши Неговата заповед. Таквиот нека биде истребен. Неговата вина нека падне на него!’” {15:32} Кога Израелевите синови беа во пустината, најдоа човек како бере дрва во саботен ден. {15:33} И тие, кои го најдоа дека бере дрва, го доведоа при Мојсеја и Арона и при целото општество. {15:34} Го ставија под стража, зашто уште не беше одредено што треба да се прави со него. {15:35} „Човекот треба да биде погубен! - му рече Господ на Мојсеја. Сето општество нека го затрупа со камења надвор од логорот.” {15:36} Целата заедница го изведе надвор од логорот и го каменува, и тој загина, како што Господ му заповеда на Мојсеја. {15:37} Господ му рече на Мојсеја: {15:38} „Зборувај им на Израелевите синови и речи им: Нека прават реси на рабовите на своите облеки, од род до род; а за ресата на секој раб нека врзуваат сина врвца. {15:39} Ќе имате реси за да ве потсетува погледот врз нив на сите Господови заповеди. Исполнувајте ги, а не се занесувајте со своето срце и со своите очи што толку лесно ве заведуваат во неверие. {15:40} Така ќе си спомнувате за сите Мои заповеди, ќе ги исполнувате и ќе бидете свети пред вашиот Бог. {15:41} Јас Сум Господ, вашиот Бог, Кој ве изведе од Египетската Земја за да ви бидам Бог. Јас, Господ, вашиот Бог.” {16:1} Кореј, син Исаров, син Каатов, син Левиев, па Датон и Авирон, синови Елијавови, и Авнан син Фалетов - Рувимови потомци - {16:2} се дигнаа против Мојсеја заедно со двеста и педесет Израелеви синови, главатари на заедницата, угледни во собранието и познати луѓе. {16:3} Тие се собраа околу Мојсеја и Арона, велејќи им: „Вие ја преминувате мерата! Сета заедница, сите нејзини членови, се свети, Господ е и среде нас. Зошто тогаш се возвишувате над Господовото општество!” {16:4} Кога Мојсеј го чу тоа, падна на своето лице. {16:5} Потоа им рече на Кореј и на целата негова дружина: „Утре Господ ќе покаже кој е Негов, и кој е свет, и кому му дозволува да Му се приближи. Кого ќе избере, и кого ќе го пушти при Себе. {16:6} Направете вака: земете кадилници, Кореј и сите негови содружници; {16:7} утре ставете во нив оган и посипете одозгора темјан пред Господа. Кого Господ ќе го избере, тој нека биде свет. Вие ја преминувате мерата, синови Левиеви.” {16:8} Потоа Мојсеј му рече на Кореј: „Почујте, Левиеви синови! {16:9} Зар ви е малку што Израелевиот Бог ве издвои од Израелевото општество, за да ве приближи кон Себе за да ја вршите службата во Господовиот Шатор, и да стоите пред заедницата служејќи и? {16:10} Те доближи тебе и со тебе сите твои браќа, Левиеви синови; а вие уште барате и свештенство! {16:11} Ти и сета твоја дружина, така, се собравте против Господа; зашто кој е Арон за да викате против него?” {16:12} Потоа Мојсеј испрати по Датан и Авирон, синовите Елијавови, но тие одговорија: „Не доаѓаме! {16:13} Зар е малку што нè изведе од земјата во која течат мед и млеко за да нè погубиш во пустинава; па сакаш насилно да загосподариш над нас? {16:14} Не нè воведе во земја во која течат мед и млеко и не ни даде во наследство ниви и лозови насади! Сакаш ли да им ги ослепиш очите на луѓево! Не доаѓаме!” {16:15} Мојсеј се налути многу и Му рече на Господа: „Не обѕрнувај се на нивните приноси! Не присвоив ниту едно нивно осле, ниту оштетив некого од нив.” {16:16} Потоа Мојсеј му рече на Кореј: „Ти и сета твоја дружина истапете утре пред Господа; ти и тие, и Арон. {16:17} Секој нека ја земе својата кадилница, нека стави темјан во неа и секој нека ја донесе својата кадилница пред Господа - двеста и педесет кадилници. А и ти и Арон донесете ја секој својата кадилница.” {16:18} Секој ја зеде својата кадилница, стави оган во неа, потоа одозгора посипа темјан и застана, со Мојсеја и Арона, кај влезот во Шаторот на средбата. {16:19} Кога - спроти нив - Кореј го собра целото општество при влезот во Шаторот на средбата, тогаш Господовата слава и се покажа на сета заедница. {16:20} И Господ им рече на Мојсеја и Арона: {16:21} „Одделете се од заедницава за да ја сотрам веднаш!” {16:22} Тие паднаа ничкум и извикаа: „Боже! Господару на духовите на секое тело! Зар ќе се разгневиш на сета заедница, кога згрешил само еден!” {16:23} Тогаш Господ му рече на Мојсеја: {16:24} „Речи му на општеството: ‘Отстранете се од околината на живеалиштата на Кореј, Датан и Авирон!’” {16:25} Мојсеј стана и тргна кон Датан и Авирон. По него тргнаа Израелевите старешини. {16:26} И вака му проговори на општеството: „Отстапете од шаторите на тие нечесни луѓе! Не допирајте се до ништо што е нивно, за да не бидете уништени заради нивните гревови.” {16:27} Така тие се оддалечија од околината на живеалиштата на Кореј, Датан и Авирон. Тогаш Датан и Авирон излегоа и застанаа при влезот на своите шатори со своите жени, со своите синови и со своите мали деца. {16:28} „По ова ќе видите - рече Мојсеј - дека Господ ме испрати да ги исполнувам сите овие дела, и дека не ги правам сам од себе: {16:29} ако овие луѓе умрат како што умираат сите луѓе, тогаш Господ не ме испратил; ако ги стигне таква казна, каква што ги стигнува сите луѓе, тогаш Господ не ме испратил. {16:30} Но ако Господ направи нечуено: ако земјата ја отвори својата утроба и ги проголта со сè што е нивно, па ако слезат живи во подземјето, тогаш знајте дека овие луѓе Го презреа Господа.” {16:31} А кога тој ги заврши сите тие зборови, почвата под нив распука; {16:32} земјата ја отвори својата утроба и ги проголта со нивните домови, со сите Корееви луѓе и со сиот нивен имот. {16:33} Живи слегоа во подземјето, тие и сè нивно. Потоа земјата се затвори над нив, и тие исчезнаа од собранието. {16:34} На нивниот писок сите Израелеви синови, кои стоеја околу нив, избегаа, говорејќи: „Да не нè проголта и нас земјата!” {16:35} Но оган избувна од Господа и ги голтна двеста и педесетте луѓе кои принесуваа темјан. {16:36} Господ му рече на Мојсеја: {16:37} „Кажи му на Елеазар, синот на свештеникот Арон да ги отстрани кадилниците од пожариштето, зашто се осветени, а неосветениот оган од нив нека го распрсне подалеку. {16:38} Кадилниците на оние кои згрешија и кои со гревот го закопаа животот нека се прековат во плочки за обложување на жртвеникот. Имено, беа донесени пред Господа, па се осветени. Нека им бидат опомена на сите Израелеви синови!” {16:39} Така свештеникот Елеазар ги зеде бронзените кадилници што ги принесоа оние кои изгореа; ги прековаа во плочки за обложување на жртвеникот. {16:40} Тие се опомена за Израелевите синови дека никој неповикан - никој кој не е од Ароновото поколение - не смее да се приближи да пали темјан пред Господа, за да не му се случи како на Кореј и на неговата дружина, според она што Господ му кажа преку Мојсеја. {16:41} Утреден целото општество на Израелевите синови возропта против Мојсеја и Арона: „Го истепавте Господовиот народ!” зборуваа. {16:42} Додека заедницата се собираше против Мојсеја и Арона, тие се свртија кон Шаторот на средбата, и ете, облак го покри и Господовата слава се јави. {16:43} Тогаш Мојсеј и Арон отидоа пред Шаторот на средбата. {16:44} И Господ му рече на Мојсеја: {16:45} „Оддалечете се од заедницата; ќе ги погубам во еден миг!” Но тие паднаа на своите лица. {16:46} Потоа Мојсеј му рече на Арона: „Земи кадилница, стави оган од жртвеникот во неа, сложи темјан и побрзај до заедницата, па застапи се за неа, зашто Господовиот гнев избувна, и злото почна!” {16:47} Арон зеде што му рече Мојсеј и отрча среде собранието, а кога таму: поморот почнал веќе меѓу народот. {16:48} Потоа застана меѓу мртвите и живите, и злото запре. {16:49} Од тоа зло беа четиринаесет илјади и седум стотини мртви, освен оние кои загинаа заради Кореј. {16:50} Арон се врати кај Мојсеја, кон влезот на Шаторот на средбата: и поморот запре. {17:1} Господ му рече на Мојсеја: {17:2} „Образложи им на Израелевите синови и земи од нив по еден жезал за секој прадедовски дом; земи дванаесет жезли од сите нивни старешини за нивните прадедовски домови. Името на секого напиши го врз неговиот жезал. {17:3} А бидејќи има по еден жезал за секој началник на прадедовските домови, Ароновото име напиши го врз Левиевиот жезал. {17:4} Тогаш положи ги во Шаторот на средбата пред Сведоштвото; таму каде што Јас ви се јавувам вам. {17:5} Жезалот на човекот кого ќе го изберам ќе расцвета. Така ќе го смирам ропотот на Израелевите синови, со кого роптаат против вас.” {17:6} Мојсеј им кажа на Израелевите синови така. Сите нивни началници му дадоа жезал, по еден жезал за секој старешина, и така, дванаесет жезли за нивните прадедовски домови. Меѓу нивните жезли беше и Ароновиот жезал. {17:7} Мојсеј ги положи жезлите пред Господа во Шаторот на сведоштвото. {17:8} Кога на другиот ден Мојсеј влезе во Шаторот на сведоштвото, ете: Ароновиот жезал, од Левиевиот дом, распупел! Потерала млада гранка, расцветал цвет и созреале бадеми. {17:9} Тогаш Мојсеј им ги изнесе од пред Господа, сите жезли на Израелевите синови. Тие ги разгледаа, а потоа секој го зеде својот жезал. {17:10} Господ му рече на Мојсеја: „Положи го пак Ароновиот жезал пред Сведоштвото, на чување, како знак за непокорните, за да прекрати нивното роптање против Мене и за да не изгинат.” {17:11} И Мојсеј направи: како што Господ му заповеда, така направи. {17:12} „Изгинавме - му рекоа Израелевите синови на Мојсеја. Пропаднавме! Сите редум гинеме! {17:13} Секој, кој ќе се приближи до Господовиот Шатор, умира. Зар ќе изгинеме сите?” {18:1} Тогаш Господ му рече на Арона: „Ти, твоите синови и твојот прадедовски дом, со тебе, ќе бидете одговорни за гревовите во Светилиштето; ти и твоите синови, со тебе, ќе бидете одговорни за гревовите на вашето свештенство. {18:2} Придружи ги кон себе и твоите браќа од Левиевото племе - од твојот прадедовски дом - нека ти се приклучат за да ви прислужуваат, тебе и на твоите синови со тебе, пред Шаторот на сведоштвото. {18:3} Нека исполнуваат служба за тебе и за сиот Шатор, но нека не се доближуваат до работите на Светилиштето ниту до Жртвеникот, за да не загинете и тие и вие. {18:4} И така, нека ти бидат придружени тебе и нека се грижат за Шаторот на средбата, за секоја служба околу Шаторот. И ниеден странец нека не ви се доближува вам, {18:5} а вие исполнувајте ја службата во Светилиштето и службата при жртвеникот, за да не се излева веќе гнев врз Израелевите синови. {18:6} Еве, ги зедов вашите браќа левити, од Израелевите синови, и ви ги дадов вам, во дар на Господа, за исполнување на службата при Шаторот на средбата. {18:7} Ти и твоите синови, со тебе, преземете ги свештеничките работи за сè што им припаѓа на жртвеникот и зад завесата. Исполнувајте ја вие службата што ви ја давам во дар на вашето свештенство. А странецот, кој ќе се доближи, нека биде погубен.” {18:8} Уште му рече Господ на Арона: „Еве, тебе ти ја доверувам грижата затоа што ќе Ми биде принесувано Мене. Сè што Израелевите синови посветуваат ви го давам тебе и на твоите синови, заради вашето помазание, со вечен устав. {18:9} Ова нека ти припадне тебе од светините над светините: од палениците: сите нивни лебни приноси; сите нивни жртви за грев и сите нивни приноси за престап, што тие ќе Ми ги принесуваат Мене. Таа голема светина е за тебе и за твоите синови! {18:10} Јадете ги во најсветото место! Секое машко може да ги јаде. Нека ти бидат свети! {18:11} И ова нека биде за тебе: она што се зема од Израелевите приноси како движен принос, со траен закон, ви го предавам: тебе, на твоите синови и на твоите ќерки со тебе. Секој, кој е чист во твојот дом, може да јаде од тоа. {18:12} Ти ги предавам тебе: првите плодови што Му се принесуваат на Господа, најдоброто од новото масло и најдоброто од новото вино. {18:13} Твои нека бидат првите родови од сè во нивната земја, што ќе ги донесуваат на Господа. Секој, кој е чист во твојот дом, може да ги јаде. {18:14} Сè, што ќе биде заветувано во Израел нека биде твое. {18:15} Секое првородено на сите суштества - како на луѓето така и на животните - што Му се принесува на Господа, нека биде твое. Само остави да бидат откупени: првенецот од луѓето и првото родено од нечистиот добиток. {18:16} Остави да ги откупуваат кога ќе бидат на возраст од еден месец. А одреди ја нивната откупна цена: пет сребрени шекели, според светилишниот шекел, а тоа се дваесет гери. {18:17} Но нека не бидат откупувани: кравјото првородено, овчјото првородено и козјото првородено. Тие се светина. Нивната крв излеј ја врз жртвеникот, а нивната лој изгори ја како паленица за благоугоден мирис на Господа. {18:18} Нивното месо ти припаѓа тебе; како и градите на движниот принос и десната плешка. {18:19} Сите воздигнати приноси, што Израелците ги воздигаат пред Господа, ви ги давам: тебе, на твоите синови и на твоите ќерки со тебе, со вечен закон. Тоа е посолен завет, вечен пред Господа, за тебе и за твоето потомство со тебе. {18:20} Немај наследство во нивната земја - му рече Господ на Арона - ниту придобивај сопственост среде нив! Јас Сум твој дел и твое наследство среде Израелевите синови.” {18:21} „Еве, на Левиевите синови им ги давам во наследство сите десетоци во Израел за нивната служба - за службата што ја вршат во Шаторот на средбата. {18:22} А Израелевите синови веќе нека не се доближуваат до Шаторот на средбата, за да не навлечат грев врз себе и да не загинат. {18:23} Само левитите нека ја извршуваат службата во Шаторот на средбата; и тие нека бидат одговорни за својата вина. Тоа е вечен закон за вашите поколенија; нека немаат имот среде Израелевите синови. {18:24} Бидејќи десетокот на Израелевите синови, што Му го подаруваат на Господа како воздигнат принос, им го давам во дел на левитите; затоа и им реков: ‘Тие нека не добиваат дел меѓу Израелевите синови.’” {18:25} Господ му рече на Мојсеја: {18:26} „Зборувај им на левитите и речи им: ‘Кога ќе примите десеток од Израелците, што Јас од нив ви го давам во наследство, тогаш: принесете Му вие од тоа на Господа воздигнат принос: десеток од десетокот. {18:27} Приносот ќе ви биде засметан како жито од гумно и како вино од бочва. {18:28} Исто така принесете Му воздигнат принос на Господа и од сите свои десетоци што ги примате од Израелевите синови. Од тоа дајте му го Господовиот воздигнат принос на свештеникот Арон. {18:29} Принесувајте Му воздигнат принос на Господа од сите дарови што ќе ги примате; од сè она што е најдобро - оној дел што треба да биде осветен.’ {18:30} Уште речи им: ‘Откако ќе го принесете она од најдобриот дел, тоа нека им се засмета на левитите како приход од гумно и приход од бочва. {18:31} Можете да го јадете на секое место, вие и вашите домашни, зашто тоа ви е награда за вашата служба во Шаторот на средбата. {18:32} Откако ќе го принесете неговиот најдобар дел, нема да навлечете грев врз себе; не ќе ја онечистите светината од Израелевите синови, па нема да загинете.’” {19:1} Господ им рече на Мојсеја и Арона: {19:2} „Ова е законска одредба што Господ ја нареди: Кажи им на Израелевите синови нека ти доведат црвена јуница, здрава, на која нема недостатоци и врз која уште не е ставено јарем. {19:3} А вие предајте ја на свештеникот Елеазар. Потоа нека ја изведат надвор од логорот и нека ја заколат пред него. {19:4} Свештеникот Елеазар нека земе од нејзината крв на својот прст па со неа нека попрска седумпати кон предната страна на Шаторот на средбата. {19:5} Потоа јуницата нека биде запалена пред неговите очи; нека и ги изгорат: кожата, месото, крвта и нечистотата. {19:6} Потоа свештеникот нека земе кедрово дрво, босилек и црвено предено и нека ги фрли во средината на огнот, каде гори јуницата. {19:7} Свештеникот нека ја испере својата облека и нека го искапе своето тело во вода. Потоа свештеникот нека се врати во логорот, но нека биде нечист до вечерта. {19:8} И оној што ја изгорел нека ја испере својата облека и нека го искапе своето тело во вода и нека биде нечист до вечерта. {19:9} А еден чист човек нека ја собере пепелта од јуницата па да ја стави надвор од логорот на чисто место, да се чува за водата на очистување за израелската заедница. Тоа е жртва за грев. {19:10} И оној кој ќе ја собере пепелта од јуницата нека ја испере својата облека, и нека биде нечист до вечерта. Тоа нека биде вечен закон и за Израелевите синови и за странците, кои живеат среде нив.” {19:11} „Кој ќе се допре до мртво човечко тело, нека биде нечист седум дена. {19:12} Таквиот нека се измие со таа вода на третиот и на седмиот ден, па ќе биде чист. Ако не се измие на третиот ден и на седмиот ден, нема да биде чист. {19:13} Кој ќе се допре до мртовец, до тело на умрен човек, а не се измие, го осквернува Господовиот Шатор. Таквиот нека биде истребен од Израел. Бидејќи не беше полиен со вода за очистување; нечист е; неговата нечистота е на него.” {19:14} „Ова е закон кога некој ќе умре во шатор: секој кој ќе влезе во шаторот и секој кој е во шаторот, нека биде нечист седум дена. {19:15} Секој отворен сад што не ќе биде покриен со поклопец, нека биде нечист. {19:16} А на отворено поле, кој ќе се допре до загинат од меч, или до мртовец, или до човечки коски, или до гроб, нека биде нечист седум дена. {19:17} За оној што станал нечист нека биде земена пепел од животното изгорено во жртва за грев, и - во некаков сад - нека налеат врз неа жива вода. {19:18} Тогаш чист човек нека земе босилек, нека го накваси во водата и нека ги попрска: шаторот, сите садови, луѓето кои беа тука и оној, кој се допрел до коските или до убиениот или до умрениот или до гробот. {19:19} Чистиот човек нека го попрскува нечистиот на третиот и на седмиот ден. Така ќе го очисти на седмиот ден. Тогаш тој нека ја испере својата облека, нека се измие во водата и нека биде чист навечер.” {19:20} „А ако некој биде нечист и не се очисти, нека биде истребен од општеството зашто го онечистил Господовото светилиште; не бил полиен со вода за очистување; нечист е! {19:21} И ова нека им биде вечен закон: и оној кој прскаше со водата за очистување, нека ја испере својата облека; и оној што ја допрел водата за очистување, нека биде нечист до вечерта. {19:22} До што и да се допре нечистиот нека биде нечисто; а човекот што ќе се допре до него, нека биде нечист до вечер.” {20:1} Потоа Израелевите синови стигнаа, сета заедница, во пустината Цин, во првиот месец. Народот се настани во Кадис. Маријам почина таму и ја погребаа таму. {20:2} Немаше вода за заедницата. Затоа се здружија против Мојсеја и против Арона. {20:3} Народот почна да се препира со Мојсеја и да вели: „О, да бевме изумреле кога и нашите браќа загинаа пред Господа! {20:4} Зошто го доведовте Господовото општество во пустинава, за да изумреме тука и ние и нашиот добиток? {20:5} Зошто нè изведовте од Египет, за да нè доведете во незгодново место; место во кое нема ни жито, ни смокви, ни грозје, ни калинки? Нема ни вода за да пиеме.” {20:6} Мојсеј и Арон отидоа од народот кон влезот во Шаторот на средбата и паднаа на своите лица. Господовата слава им се јави тогаш. {20:7} И Господ му рече на Мојсеја: {20:8} „Земи го жезалот, па - ти и твојот брат Арон - соберете го општеството. Тогаш, пред нивни очи, речете и на карпата, и таа ќе даде вода од себе. И така ќе им извадиш вода од карпата и ќе ги напоиш: општеството и неговиот добиток.” {20:9} Мојсеј го зеде жезалот од пред Господа, како што му нареди. {20:10} Потоа Мојсеј и Арон го собраа народот пред карпата, па Мојсеј им рече: „Чујте, бунтовници! Дали ќе ви извадиме вода од карпава?” {20:11} И Мојсеј ја подигна раката и удри со жезалот двапати по карпата: потече многу вода, па заедницата и нејзиниот добиток пиеја. {20:12} А Господ им рече на Мојсеја и на Арона: „Бидејќи немавте вера во Мене, за да ја јавите Мојата светост пред очите на Израелевите синови, вие нема да го воведете народов во земјата, што му ја давам.” {20:13} Тоа се водите на Мерива, крај кои Израелевите синови се препираа со Господа, а Тој им ја јави Својата светост. {20:14} Од Кадис, Мојсеј му испрати посланици на царот на Едом: „Твојот брат Израел вели вака: ‘Ти ги знаеш сите страдања што нè најдоа. {20:15} Нашите татковци се спуштија во Египет. Живеевме многу време во Египет. А Египетците постапуваа лошо со нас и со нашите предци. {20:16} Затоа Му се молевме на Господа, и Тој го чу нашиот глас и испрати ангел, кој нè избави од Египет. Еве нè сега во Кадис, град на меѓата на твоето подрачје. {20:17} Пушти нè да поминеме низ твојата земја. Не ќе врвиме низ полето ни низ лозјата, ниту ќе пиеме вода од твоите кладенци; ќе одиме по Царскиот Пат, не свртувајќи ни десно ни лево додека не поминеме преку твоето подрачје.’” {20:18} Едом му одговори: „Не поминувај преку мојата земја, зашто ете ме со меч пред тебе!” {20:19} „Ќе одиме по друмот - рекоа Израелевите синови - а ако пак пиеме твоја вода, ние или нашите стада, ќе платиме за тоа. Ништо повеќе, само да поминеме со нозе.” {20:20} „Не поминувај!”- одговори. И Едом излезе против него со многу луѓе и со силна рака. {20:21} Така Едом не му дозволи на Израел да помине преку неговите предели, и Израел се заврте од него. {20:22} Запатувајќи се од Кадис, Израелевите синови стигнаа, сета заедница, до планината Ор. {20:23} Кај гората Ор, покрај едомската меѓа, Господ им рече на Мојсеја и на Арона: {20:24} „Арон нека им се придружи на своите луѓе! Нема да влезе во земјата што им ја давам на Израелевите синови, зашто се спротививте на Мојата заповед кај Меривските Води. {20:25} Земи ги: Арона и сина му Елеазар, па изведи ги на гората Ор. {20:26} И соблечи му ја на Арона неговата облека и облечи го во неа неговиот син Елеазар. Арон ќе им се придружи на своите луѓе, ќе умре таму.” {20:27} Мојсеј направи како што нареди Господ. Се искачија на Ор пред целото општество. {20:28} Мојсеј ја соблече од Арона неговата облека и му ја облече на неговиот син Елеазар. Арон почина таму, на врвот на гората. А Мојсеј и Елеазар слегоа од гората. {20:29} Целото општество виде дека Арон почина, и сиот Израелев дом го оплакуваше Арона триесет денови. {21:1} Царот на Арад, Хананец, кој живееше во Негев, чу дека Израел доаѓа по Атаримскиот Пат, па се нафрли врз Израел и зароби неколку од нив. {21:2} Тогаш Израел вака Му се заветува на Господа: „Ако го предадеш во мои раце овој народ, наполно ќе ги разурнам неговите градови.” {21:3} Господ го послуша гласот на Израел и му ги предаде Ханаанците. А Израел ги уништи нив и нивните градови со „истребување”. Затоа она место беше наречено Орма (Проклетство). {21:4} Од гората Ор се запатија кон Црвеното Море за да ја заобиколат Едомската Земја. Патем народот стана нетрпелив. {21:5} И почна да зборува и против Бога и против Мојсеја: „Зошто нè изведовте од Египет, за да изумреме во оваа пустина? Нема леб, нема вода, а тоа бедно јадење веќе им се згади на нашите души.” {21:6} Тогаш Господ испрати лути змии против народот; тие ги каснуваа, така што изумре многу народ во Израел. {21:7} Народот дојде при Мојсеја и рече: „Згрешивме кога зборувавме против Господа и против тебе. Помоли Му се на Господа да ги отстрани змиите од нас!” Мојсеј се помоли за народот, {21:8} и Господ му рече на Мојсеја: „Направи отровница и стави ја на столб: секој кој ќе биде каснат, ќе остане жив ако ја погледне.” {21:9} Мојсеј направи змија од бронза и ја стави на столб. Кога лутицата ќе каснеше некого, ќе погледнеше во бронзената змија и оздравуваше. {21:10} Израелевите синови тргнаа и се настанија во Овот. {21:11} Потоа отпатуваа од Овот и ги оптегнаа шаторите крај Ије-Аварим, во пустината што е спроти Моав, од страна на изгрејсонцето. {21:12} Оттаму отпатуваа и заседнаа во долината Заред. {21:13} Оттаму тргнаа и се настанија од онаа страна на Арнон, што е во пустината, а извира во подрачјето на Аморејците. Затоа Арнон е моавска граница, меѓу Моавците и Аморејците. {21:14} Затоа се вели во „Книгата на Господовите војни:” {21:15} „Вајеф во Суфа и арнонските потоци и падината на долината што се наведнува кон местото Ар и се допира до моавската граница. . .” {21:16} Оттука отидоа во Вир (Кладенец). Тоа е кладенецот за кого Господ му рече на Мојсеја: „Собери го народот за да им дадам вода!” {21:17} Тогаш Израел ја запеа оваа песна: „Бликај, о кладенче! А вие - пејте му; {21:18} кладенецот, владетелите го ископаа, народните благородници со своите палки, го открија, со заповед на Законодавацот.” Од пустината отидоа во Матан, {21:19} од Матан во Налиел, а од Налиел во Вамот; {21:20} од Вамот во долината што се спушта во Моавското Поле, при врвот Фазге, од каде се тегне глетка кон пустината. {21:21} Сега Израел испрати пратеници при Сион, аморејски цар, со порака: {21:22} „Пушти нè да поминеме преку твојата земја. Нема да навраќаме во нивите и во лозјата, ниту ќе пиеме вода од кладенците. Ќе одиме по Царскиот Пат додека не поминеме низ твоето подрачје.” {21:23} Но Сион не му дозволи на Израел да помине низ неговото подрачје, туку го собра сиот свој народ па излезе во пустината, за да го пресретне Израел. Откако стигна до Јаса, завојува против Израел. {21:24} Но Израел го порази со остар меч и ја освои неговата земја од Арнон до Јавок, до Амонците, зашто Аз (Јазир) лежеше на границата на Амонците. {21:25} Израел ги зеде сите оние градови, и Израел се насели во сите оние градови на Аморејците; во Есевон и во сите негови населби. {21:26} Бидејќи Есевон беше главен град на Сион, аморејскиот цар, кој војуваше против поранешниот моавски цар, па ја освои сета негова земја до Арнон, {21:27} затоа зборувачите во пословици велат: „Одете во Есевон! Нека се изгради и нека се утврди Сионовиот град! {21:28} Зашто од Есевон пламна оган, пламен од градот Сионов, го опожари Моавскиот Ар, и првенците на високите арнонски места. {21:29} Тешко ти тебе, Моаве! Пропадна! Хамосов народе! Направи бегалци од твоите синови, а робинки од твоите ќерки на аморејскиот цар Сион. {21:30} Ги поразивме со стрели; пропадна Есевон сè до Девон: разурнувавме до Нофа, што е близу до Медева.” {21:31} Така Израелците се населија во земјата на Аморејците. {21:32} Мојсеј се запати да го извиди Јазир. Потоа ги зазедоа неговите населби, а ги истераа Аморејците, кои беа таму. {21:33} Тогаш се завртија и тргнаа кон Васан. А васанскиот цар Ог ги пресретна со сиот свој народ за да војува кај Едраин. {21:34} Но Господ му рече на Мојсеја: „Не бој се од него! Ги предадов во твоите раце: него, сиот негов народ и неговата земја. Постапи со него како што постапи со аморејскиот цар Сион, кој живееше во Есевон.” {21:35} И го поразија него, и неговите синови, и сиот негов народ. Потоа ја освоија неговата земја. {22:1} Потоа Израелевите синови отпатуваа и се влогорија во Моавските Полиња, отаде Јордан, спроти Ерихон. {22:2} Валак, Сефоровиот син, виде сè што им стори Израел на Аморејците. {22:3} Моав се исплаши мошне од тој народ зашто беше многуброен. Страв го опфати Моава од Израелците. {22:4} Затоа Моав им рече на Мадијамските старешини: „Сега овој народ ќе изеде сè околу нас, како што волот ја испасува тревата по полето.” Валак, синот Сефоров, беше моавски цар во тоа време. {22:5} Тој му испрати посланици на Валаама синот Веоров, во Фатур, што се наоѓаше покрај Реката, во земјата на Амонците. Го повика, велејќи: „Еве, еден народ дошол од Египет; еве го покри лицето на земјата и се насели покрај мене. {22:6} Затоа дојди и проколни ми го овој народ, зашто е посилен од мене. Така ќе можам да го совладам и да го истерам од земјата. А знам дека е благословен оној кого ќе го благословиш, а проклет е оној кого ќе го проколнеш.” {22:7} Моавските старешини и Мадијамските старешини тргнаа со подароци во своите раце за вражање. Стигнаа при Валаама и му ја пренесоа Валаковата порака. {22:8} Тој им рече: „Ноќевајте тука, па ќе ви одговорам според она што ќе ми каже Господ.” Така моавските управители останаа кај Валаама. {22:9} Бог дојде при Валаама и праша: „Кои се тие луѓе со тебе?” {22:10} Валаам Му одговори на Бога: „Валак, Сефоровиот син, ги испрати кај мене со порака: {22:11} ‘Еве, еден народ дошол од Египет и го покри лицето на земјата. Дојди да го проколнеш. Така ќе можам да го совладам и да ги истерам.’” {22:12} Но Бог му рече на Валаама: „Не оди со нив! Не проколнувај го оној народ, зашто е благословен.” {22:13} Наутро Валаам стана и им рече на Валаковите кнезови: „Одете си во вашата земја, зашто Господ не ме остава да тргнам со вас.” {22:14} Моавските кнезови станаа, отидоа кај Валака и му рекоа: „Валаам не сакаше да тргне со нас.” {22:15} Валак пак испрати кнезови, помногубројни и поугледни од првите. {22:16} Тие дојдоа кај Валаама и му рекоа: „Валак, синот Сефоров, порача вака: ‘Не двоуми се, туку дојди при мене. {22:17} Ќе те наградам богато и ќе направам сè што ќе речеш. Дојди, те молам, и проколни ми го овој народ!’” {22:18} Но Валаам им одговори на Валаковите слуги: „Да ми ја даде Валак својата куќа полна со сребро и злато, не би можел да ги престапам заповедите на Господа, мојот Бог, за да направам нешто, било големо било мало. {22:19} Но поминете ја и вие ноќта тука, за да научам што ќе ми рече уште Господ.” {22:20} Во ноќта Бог дојде при Валаама и му рече: „Ако тие луѓе дојдоа да те повикаат, стани, тргни со нив! Но да правиш само тоа што ќе ти речам Јас!” {22:21} Наутро Валаам стана, и и стави грубо дрвено седло на својата ослица и отиде со моавските кнезови. {22:22} Но Божјиот гнев пламна зашто тој тргна. Затоа Господов Ангел застана на патот за да го спречи. Тој јаваше на својата ослица, а го придружуваа неговите два момка. {22:23} Кога ослицата го забележа Господовиот Ангел како што стои на патот, со извлечен меч во раката, сврти од патеката и тргна по полето. Валаам почна да ја бие ослицата за да ја врати на патот. {22:24} Тогаш Господовиот Ангел застана при тесниот премин, меѓу лозјата, а имаше ограда и од оваа и од онаа страна. {22:25} Ослицата, забележувајќи го Господовиот Ангел, се стисна покрај ѕидот и ја притисна до ѕидот Валаамовата нога. Тој пак почна да ја бие. {22:26} Господовиот Ангел тргна напред па застана на тесно место, каде не можеше да сврти ни десно ни лево. {22:27} Кога ослицата го согледа Господовиот Ангел, легна под Валаама. Валаам се налути и почна да ја бие ослицата со стап. {22:28} Тогаш Господ ја отвори устата на ослицата, па таа му проговори на Валаама: „Што ти сторив па ме биеш веќе трипати?” {22:29} Валаам и одговори на ослицата: „Затоа што ме навреди! Да имам меч во раката, сега ќе те убиев!” {22:30} А ослицата му одговори на Валаам: „Зар јас не сум твојата ослица на која јаваше во текот на целиот твој век до денес? Дали имав навика да постапувам така со тебе?” „Не!” одговори тој. {22:31} Тогаш Господ му ги отвори очите на Валаама, и тој го виде Господовиот Ангел како што стои на патот, со гол меч во раката. Тој ја наведна главата и му се поклони. {22:32} Тогаш Господовиот Ангел му рече: „Зошто ја биеше веќе трипати твојата ослица? Па јас истапив за да те спречам, зашто, пред моите очи, патот те води во пропаст. {22:33} Ослицата ме забележа и се отстрани од мене сите трипати. Ако не ми се отстрануваше, веќе ќе те убиев, а неа ќе ја оставев жива.” {22:34} Тогаш Валаам му рече на Господовиот Ангел: „Согрешив! Не знаев дека ти стоиш на патот пред мене. Но сега, ако е зло во твоите очи, јас ќе се вратам.” {22:35} Но Господовиот Ангел му одговори на Валаам: „Оди со луѓето, но зборувај само она што јас ќе ти кажам.” Така Валаам отиде со Валаковите првенци. {22:36} Кога Валак чу дека доаѓа Валаам, му излезе во пресрет до градот Моав што се наоѓа на границата на Арнон, на крајот на подрачјето. {22:37} „Зар не праќав упорно по тебе и те повикував? Зошто не ми дојде? - му рече Валак на Валаама. Зар навистина не можам да те наградам богато?” {22:38} „Еве ти дојдов - му рече Валаам на Валака. Но дали ќе можам да ти кажам нешто сега? Само она што Господ ќе го положи на јазикот, тоа ќе го зборувам.” {22:39} Потоа Валаам тргна со Валака и дојдоа во Киријат-Узот. {22:40} Валак жртвува и волови и овци, па од тоа им раздаде на Валаам и на кнезовите, кои го придружуваа. {22:41} Наутро Валак го зеде Валаама и го одведе на високите Ваалови места, откаде можеше да го види крајниот дел на народот. {23:1} И Валаам му рече на Валака: „Направи ми тука седум жртвеници; приготви ми тука седум јунци и седум овни.” {23:2} Валак направи како што му рече Валаам. А потоа Валак и Валаам принесоа по еден јунец и по еден овен на секој жртвеник. {23:3} Потоа Валаам му рече на Валака: „Ти стој кај твојата паленица, а јас одам можеби да се сретнам со Господа, па што ќе ми открие, ќе ти кажам.” И тој отиде на високо осамено место. {23:4} И Бог го сретна Валаама, кој му рече: „Подигнав седум жртвеници и принесов на секој по еден јунец и по еден овен.” {23:5} А Господ положи зборови во устата на Валаама и му заповеда: „Врати се кај Валака и зборувај вака.” {23:6} Валаам се врати кај него, а тој стоеше покрај својата паленица, и со него сите моавски кнезови. {23:7} Тогаш тој ја почна својата песна и рече: „Од Арам ме доведе Валак, царот на Моав, од источните планини, велејќи: ‘Дојди, проколни ми го Јакова, Дојди, изречи зло против Израел!’ {23:8} Како можам да го проколнам кого Бог не го проколнува? Како да изречам зло? Кога Господ не му изречува? {23:9} Зошто јас го гледам од врвот на карпите, Го набљудувам од високиот брег: ете, народ, кој живее одвоено, тој не се вбројува меѓу народите. {23:10} Кој ќе го преброи Јакововиот песок бројот на четвртиот дел на Израел! О да се надевам дека ќе умрам со смртта на преведник! И мојот свршеток да биде како нивниот!” {23:11} „Што ми стори! - му рече Валак на Валаама. Те доведов да ги проколнеш моите непријатели, а кога ете, ти ги опсипа со благослови!” {23:12} Тој одговори: „Зар не ми е должност да го кажам она што Господ го става во мојата уста?” {23:13} „Ајде со мене на друго место, откаде можеш да го видиш сиот - го замоли Валак. Оттука му го гледаш само едниот крај, а не го гледаш сиот. Проколни ми го оттаму!” {23:14} Потоа го поведе во Седе-Зофим, на врвот Фасга. Тука изгради седум жртвеници и на секој жртвеник принесе по еден јунец и по еден овен. {23:15} Тогаш Валаам му рече на Валака: „Стој тука покрај твојата паленица, а јас одам онаму во пресрет на Бога.” {23:16} Господ го сретна Валаама; му стави зборови во неговата уста и му заповеда: „Врати се кон Валака и зборувај така!” {23:17} И тој се врати при Валака, кој стоеше покрај својата паленица и моавските кнезови со него. Валак го праша: „Што рече Господ?” {23:18} Тогаш Валаам ја почна својата песна и рече: „Стани, Валаку, и послушај! Послушај ме со увото, Сефоров сине! {23:19} Бог не е човек па да лаже, не е човечки син за да се кае, зар Тој кога ќе рече, и не ќе направи? Зар ветува, па не исполнува? {23:20} Ете, јас почнав да благословувам, зашто Тој благослови, и јас не можам да го сменам тоа. {23:21} Не видов неправда во Јаков, ниту видов престап во Израел; Господ, неговиот Бог, е со него, и царско воскликнување има меѓу него. {23:22} Бог го изведе од Египет, тој му е нему како биволски рогови. {23:23} Нема волшебства против Јакова ниту вражања против Израел. И кога ќе им речат на Јаков и на Израел: ‘Што прави Бог?’ {23:24} Ете, народот ќе стане како лавица, ќе се крене како лав: нема да легне додека не го проголта пленот, додека не ја испие крвта на убиените.” {23:25} Потоа Валак му рече на Валаама: „Не проколнувај го ни со клетва, но не благословувај го ни со благослов.” {23:26} Валаам му одговори на Валака: „Зар не ти реков: ‘Сè што ќе рече Господ, тоа ќе правам.’” {23:27} Потоа Валак му рече на Валаама: „Дојди! Ќе те одведам на друго место. Можеби на Бога ќе Му биде право да ми го проколнеш оттаму.” {23:28} И Валак го одведе Валаама на врвот Фегора, откаде се тегне глетка кон Јешимон (Пустина на Јуда). {23:29} „Изгради ми тука седум жртвеници - му рече Валаам на Валака. Натаму, приготви ми тука седум јунци и седум овни.” {23:30} Валак направи како што рече Валаам и принесе по еден јунец и по еден овен на секој жртвеник. {24:1} Кога Валаам забележа дека Му е мило на Господ да го благословува Израел, не сакаше веќе да оди во потрага по знаци за баење, туку се сврти со лицето кон пустината. {24:2} Валаам ги подигна очите и го виде Израел зашаторен по неговите племиња. Божји Дух слезе на него, {24:3} и тој ја почна својата песна па рече: „Пророштво на Валаам, син Веоров, пророштво на човек со прониклив поглед; {24:4} пророштво на оној, кој ги слуша Божјите слова, кој го виде видението на Сèмоќниот, кој паѓа како во сон, а очите му се отвораат: {24:5} Колку ти се прекрасни шаторите, Јакове, и твоите живеалишта Израеле! {24:6} Како долини што се тегнат, Како градини покрај речниот брег; како мирисливи дрва, посадени од Господа, како кедри покрај водите! {24:7} Вода ќе се излее од неговото ведро и неговото семе ќе биде во силни води. Неговиот цар ќе го надвиши Агаг, неговото царство се воздига. {24:8} Бог го изведе од Египет, тој му е нему како биволски рогови; тој ги проголтува непријателските народи,тој ги дроби нивните коски. {24:9} Се собра, прилегна како лав и како лавица, кој смее да го разбуди? Благословен да е кој те благословува, проклет да е кој те проколнува!” {24:10} И Валак пламна со гнев на Валаама и плесна со своите раце. „Те повикав да ги проколнеш моите непријатели - му рече Валак на Валаама - а, ете, ти ги благословуваш веќе по трет пат! {24:11} Оди си веднаш во својот крај. Си реков ќе те почестам достојно! А, ете, Господ те лиши од почитувањето.” {24:12} Тогаш Валаам му одговори на Валака: „Зар не им реков на твоите посланици, кои ги испрати при мене: {24:13} ‘Да ми ја даде Валак својата куќа полна со сребро и злато, не можам да ја престапам Господовата повелба и да направам по своја волја било добро или зло: она што ќе го каже Господ, и јас ќе го речам тоа.’ {24:14} А сега, ете, кога си одам при својот народ, дојди, да ти откријам што ќе му направи овој народ на твојот народ во иднина!” {24:15} И ја почна својата беседа и рече: „Пророштво на Валаам, син Веоров, пророштво на човек со прониклив поглед, {24:16} пророштво на оној, кој ги слуша Господовите зборови. Кој ја познава мудроста на Сèвишниот, кој ги виде виденијата на Сèсилниот, кој паѓа како во сон, а очите му се отворуваат. {24:17} Го гледам, но не сега; Го набљудувам, но не од близина: Ѕвезда излегува од Јакова, Жезал се издига од Израел. Тој ги разбива управителите на Моав и ги сотира сите Ситови деца! {24:18} Едом ќе биде под негово владеење, а Сир земја освоена, Израел ја пројавува својата сила, {24:19} Јаков владее над непријателите и ги погубува преживеаните од Ир.” {24:20} Валаам се загледа во Амалик, па ја почна својата беседа и рече: „Амалик е првенец меѓу народите, но неговиот крај е вечна гибел.” {24:21} Тогаш се загледа во Кенејците, па ја почна својата беседа и рече: „Цврсто е твоето живеалиште, Кенеоне, гнездото ти е свиткано врз карпа! {24:22} Но гнездото му припаѓа на Веор; до кога ќе му робуваш на Асур?” {24:23} Пак ја почна својата беседа и рече: „Поморски народи се собираат од север! {24:24} А бродовите од страната на Китим, го покоруваат Асур, го покоруваат Евер; па и него ќе го стигне вечна гибел.” {24:25} Потоа Валаам стана и се запати назад во своето место, а Валак исто тргна по својот пат. {25:1} Додека Израел живееше во Ситим, народот почна да блудствува со Моавските ќерки. {25:2} Тие го повикуваа народот на жртвувањата на своите богови, а народот јадеше на нивните гозби и им се поклонуваше на нивните богови. {25:3} Така Израел се прилепи до Фегорскиот Ваал. И Господ пламна со гнев против Израел. {25:4} „Собери ги сите народни началници - му рече Господ на Мојсеја. Обеси ги пред Господа на бел ден, за да се одврати Господовиот гнев од Израел.” {25:5} Тогаш Мојсеј им рече на израелевите судии: „Нека секој ги погуби оние свои луѓе, кои се прилепија до Фегорскиот Ваал.” {25:6} Токму тогаш некој од Израелевите синови дојде и доведе една Мадијанка при своите браќа, пред очите на Мојсеја и пред очите на сето Израелско општество, кое заплака при влезот од Шаторот на средбата. {25:7} Кога Финес, синот Елеазаров, синот на свештеникот Арон, го забележа тоа, стана пред заедницата: зеде копје во раката {25:8} и тргна по Израелецот, во лежиштето, и ги прободе двата, Израелецот и жената; неа низ слабините, па прекрати поморот на Израелевите синови. {25:9} А тие кои изумреа од поморот беа дваесет и четири илјади. {25:10} Господ му рече на Мојсеја: {25:11} „Финес, синот Елеазаров, синот на свештеникот Арон, ја одврати Мојата јарост од Израелевите синови, зашто покажа ревност за Мене, и Јас не ги истребив Израелевите синови во Мојата ревност. {25:12} И така кажи му: ‘Еве, со него склучувам завет на мир. {25:13} Тоа нека биде за него и за неговите потомци, после него, завет на вечно свештенство, зашто ревнуваше за својот Бог и ги застапи Израелевите синови.’” {25:14} Името на Израелецот кој беше убиен - на оној кој беше погубен заедно со Мадијанката - беше Зимриј, син на Салу, началник на еден татковски дом на Симеоновците. {25:15} А името на убиената жена Мадијанка и беше Хазвија. Беше Сурова ќерка. Сур беше родовски главатар на едно семејство во Мадијан. {25:16} Господ му рече на Мојсеја: {25:17} „Завојувај против Мадијанците и порази ги, {25:18} зашто и тие војуваа против вас со итрина и ве измамија со Ваал-Фегор и со својата сестра Хазвија, ќерка на мадијански началник, која беше погубена во денот на поморот заради Фегор.” {26:1} После тоа зло Господ им рече на Мојсеја и на Елеазара, синот на свештеникот Арон: {26:2} „Извршете попис на сето општество на Израелевите синови, по нивните семејства, запишете ги сите, од дваесет години па нагоре, кои се способни за војна во Израел.” {26:3} И така, Мојсеј и свештеникот Елеазар ги изброија, во Моавските Полиња, покрај Јордан близу Ерихон, {26:4} сите од дваесет години па нагоре, како што Господ им нареди на Мојсеја и на Израелевите синови, кои излегоа од Египетската Земја: {26:5} Израелевиот првенец Рувим. Рувимови синови: од Енох родот на Еноховците; од Фалуј родот на Фалуевците; {26:6} од Асрон родот на Асроновците и од Хармиј родот на Хармиевците. {26:7} Тоа се Рувимовите родови. Нив ги имаше четириесет и три илјади и седум стотини и триесет. {26:8} Елијав беше Фалуев син, {26:9} а Елијавови синови: Намуил, Датан и Авирон. Овие: Датан и Аврион беа угледни членови на општеството, кое се подигна против Мојсеја и Арона во Кореевата буна, кога се побунија против Господа. {26:10} Тогаш земјата ја отвори својата утроба и ги проголта заедно со Кореј, кога смртта ја грабна таа група и кога огнот голтна двеста и педесет луѓе. Така станаа опомена за другите. {26:11} Но, Кореевите синови не загинаа. {26:12} Симеонови синови по нивните поколенија: од Намуил родот на Намуиловци; од Јамин родот на Јаминовците; {26:13} од Зара родот на Заринците и од Саул родот на Сауловците. {26:14} Тие се Симеоновите родови: дваесет и две илјади и двеста. {26:15} Гадовите синови по нивните родови: од Сифон родот на Сифоновци; од Агиј родот на Агиевци; од Суниј родот на Суниевците; {26:16} од Азен родот на Азеновците; од Ириј родот на Ириевците; {26:17} од Арод родот на Ародовците и од Арилиј родот на Арилиевците. {26:18} Тоа се родовите на Гадовите потомци, според нивното пребројување: четириесет илјади и пет стотини. {26:19} Јудини синови: Ир и Авнан. И Ир и Авнан умреа во Ханаанската Земја. {26:20} Јудини синови по нивните родови беа: од Силом родот на Силомовците; од Фарес родот на Фаресовците и од Зара родот на Заринци. {26:21} Фаресови синови пак беа: од Асрон родот на Асроновци и од Амуил родот Амуиловци. {26:22} Тоа се Јудините родови, а избројаните од нив: седумдесет и шест илјади и пет стотини. {26:23} Исахарови синови по нивните родови: од Тола родот на Толинци; од Фува родот на Фувинци; {26:24} од Јасув родот на Јасувовците и од Амрам родот на Амрамовци. {26:25} Тоа се Исахаровите родови. Нив ги запишаа шеесет и четири илјади и триста. {26:26} Завулонови синови по нивните родови: од Саред родот на Саредовците; од Алон родот на Алоновци и од Алил родот на Алиловци. {26:27} Тоа се Завулоновите родови, според нивното пребројување: шеесет илјади и пет стотини. {26:28} Јосифови синови по нивните родови: Манасиј и Ефрем. {26:29} Манасиеви синови: од Махир родот на Махировци. На Махира му се роди Галад. Од Галад е родот на Галадовци. {26:30} Овие беа Галадови синови: од Ахиезер родот на Ахиезеровците; од Халек родот на Халековци; {26:31} од Есрил родот на Есриловци; од Сихем родот на Сихемовци; {26:32} од Симаер родот на Симаеровци и од Офер родот на Оферовци. {26:33} Оферовиот син Салпад немаше синови, туку ќерки. Имињата на Салпадовите ќерки беа: Мала, Нуја, Егла, Мелха и Терса. {26:34} Тоа се Манасиеви родови. Избројаните од нив: педесет и две илјади и седум стотини. {26:35} Овие пак се Ефремовите синови, по нивните родови: од Сутал родот на Суталовците; од Вехер родот на Вехеровци и од Тахан родот на Тахановци. {26:36} Овие се Суталови синови: од Еран родот на Ерановците. {26:37} Тоа се родовите на Ефремовите синови, според нивното пребројување: триесет и две илјади и пет стотини. Тоа се Јосифови синови, по нивните родови. {26:38} Венијаминовите синови, по нивните родови: од Вела родот на Велинци; од Асвил родот на Асвиловци; од Ахирам родот на Ахирамовци; {26:39} од Суфам родот на Суфамовци и од Уфам родот на Уфамовци. {26:40} Велини синови беа: Адер и Наман. И така, од Адер родот на Адеровци, а од Наман родот на Намановци. {26:41} Тоа се Венијаминовите синови, по нивните родови. Нив ги запишаа четириесет и пет илјади и шест стотини. {26:42} Овие се Данови синови, по нивните родови: од Самеј родот на Самеевци. Тоа се Дановите синови, според нивните родови. {26:43} Од сите родови на Самеевците беа запишани шеесет и четири илјади и четири стотини. {26:44} Асировите синови, по нивните родови: од Јамин родот на Јаминовците; од Јесуј родот на Јесуевците и од Вериј родот на Вериевците. {26:45} Од Вериините синови: од Ховер родот на Ховеровци и од Мелхил родот на Мелхиловци. {26:46} На Аировата ќерка името и беше Сара. {26:47} Тоа се родовите на Асировите синови. Нив ги запишаа педесет и три илјади и четири стотини. {26:48} Нефталимовите синови, по нивните родови: од Асил родот на Асиловци; од Гуниј родот на Гуниевци; {26:49} од Есер родот на Есеровци и од Селим родот на Селимовци. {26:50} Тоа се родовите на Нефталиевците. По нивните родови беа запишани четириесет и пет илјади и четири стотини. {26:51} И така, запишани Израелци имаше шест стотини и една илјада и седум стотини и триесет. {26:52} Господ му рече на Мојсеја: {26:53} „На овие нека им биде разделена земјата во наследство според бројот на нивните имиња. {26:54} На поголемиот број зголеми му го наследството, а на помалиот намали му го неговото наследство; секому нека му биде дадено неговото наследство според бројот на запишаните. {26:55} Но земјата нека биде поделена со жрепка; нека биде примена во наследство според дедовските племенски имиња. {26:56} Наследството ќе биде поделено со жрепка, на секое племе според неговата големина.” {26:57} Ова е попис на левитите, по нивните поколенија: од Гирсон родот на Гирсоновците; од Каат родот на Каатовци и од Мерариј родот на Мерариевци. {26:58} Еве се родовите на Левиевците: родот на Ловениевци, родот на Хевроновци, родот на Малиевци, родот на Мусиевци и родот на Кореевци. На Каат му се роди Амрам. {26:59} На Амрамовата жена името и беше Јохавета. Беше Левиева ќерка, која му се роди на Левија во Египет. Таа му ги роди на Амрам: Арона, Мојсеја и нивната сестра Маријам. {26:60} На Арона му се родија: Надав, Авиуд, Елеазар и Итамар. {26:61} Надав и Авиуд загинаа кога принесуваа непосветен оган пред Господа. {26:62} Сите избројани мажи од еден месец па нагоре беа дваесет и три илјади. Тие не беа избројани заедно со Израелевите синови; и не им беше доделено наследство меѓу Израелевите синови. {26:63} И така, тоа се оние, кои беа избројани од Мојсеја и од свештеникот Елеазар; тие го извршија овој попис на Израелците покрај Јордан, во Моавските Полиња спроти Ерихон. {26:64} Меѓу нив немаше ниту еден од оние кои беа избројани од Мојсеја и од свештеникот Арон, кога ги избројуваа Израелевите синови во Синајската Пустина. {26:65} Зашто Господ беше рекол за нив: „Нека изумрат во пустината и нека не остане никој од нив, освен: Халев, Ефониевиот син, и Исус, синот Навинов!” {27:1} Тогаш пристапија ќерките на Салпад, синот Оферов, син Галадов, син Махиров, син Манасиев, од родот на Јосифовиот син Манасиј. А имињата на ќерките беа: Мала, Нуја, Егла, Мелха и Терса. {27:2} Тие застанаа пред Мојсеја, пред свештеникот Елеазар, пред главатарите и пред сето општество при влезот во Шаторот на средбата па рекоа: {27:3} „Нашиот татко умре во пустината. Не и припаѓаше на дружината што се побуни против Господа на Кореевата дружина - туку умре заради својот сопствен грев. Немаше синови. {27:4} Зошто да исчезне името на нашиот татко од неговиот род? Бидејќи немаше син, дај ни наследство меѓу браќата на нашиот татко!” {27:5} Мојсеј го изнесе нивното дело пред Господа. {27:6} А Господ му рече на Мојсеја: {27:7} „Салпадовите ќерки зборуваат право. Секако треба да им дадеш недвижен имот што ќе биде нивно наследство меѓу браќата на нивниот татко. {27:8} Натаму, кажи им на Израелевите синови: ‘Кога ќе умре некој човек а нема син, пренесете го неговото наследство на неговата ќерка. {27:9} Ако нема ни ќерка, предајте го наследството на неговите браќа. {27:10} Ако нема ни браќа, предајте го неговото наследство на браќата на неговиот татко. {27:11} Ако татко му нема браќа, дајте му го неговото наследство на најблискиот роднина од неговиот род: нека ја земе тој во сопственост. Тоа нека им биде законска одредба на Израелевите синови, како што Господ му заповеда на Мојсеја.” {27:12} Господ му рече на Мојсеја: {27:13} „Искачи се на онаа гора - Аварим и разгледај ја земјата што им ја давам на Израелевите синови. А кога ќе ја разгледаш, ќе им се придружиш и ти на своите предци, како што им се придружи и твојот брат Арон. {27:14} Зашто при побуната на општеството во пустината Цин и се спротививте на Мојата уста, место да ја покажете, со водата, Мојата светост во нивните очи.” (Тоа се водите на Мерива кај Кадис во пустината Цин). {27:15} А Мојсеј Му проговори на Господа вака: {27:16} „Господ, Бог на духовите на секое тело, нека постави човек над ова општество, {27:17} кој ќе излегува пред него, кој ќе врви пред него, кој ќе го изведува и воведува, така што Господовата заедница да не биде како стадо што нема пастир.” {27:18} „Земи го Исуса, синот Навинов!” - Господ му рече на Мојсеја. „Тоа е човек во кого има Дух. Положи ја твојата рака на него! {27:19} Тогаш одведи го пред свештеникот Елеазар и пред целото општество, па дај му наредба пред нивните очи! {27:20} Предај му дел од твојата власт, за да го слуша целото општество на Израелевите синови. {27:21} И нека му се обратува на свештеникот Елеазар и нека го праша него за одлуките, со посредство на Урим пред Господа. На негова заповед нека излегуваат и на негова заповед нека влегуваат: тој и сите Израелеви синови со него, и целото општество.” {27:22} Мојсеј направи како што Господ му заповеда: го зеде Исуса па го постави пред свештеникот Елеазар и пред целата заедница. {27:23} Потоа ги положи своите раце на него и му ги даде заповедите, како што Господ заповеда преку Мојсеја. {28:1} Господ му рече на Мојсеја: {28:2} „Нареди им на Израелевите синови и речи им: ‘Внимавајте да Ми ги принесувате во определено време Моите приноси: Мојот леб - паленици за Мене за благопријатен мирис.’ {28:3} Речи им: ‘Ова се палени жртви што ќе Му ги принесувате на Господа: секој ден две едногодишни јагниња без недостаток како трајна паленица. {28:4} Принесувајте го едното јагне наутро, а другото јагне принесувајте го во примрак. {28:5} А за лебен принос: десетина ефа чисто брашно, измешано со четвртина ин масло. {28:6} Тоа е постојана паленица, што веќе беше принесена на Синајската Гора, за пријатен мирис, во жртва на Господа. {28:7} Нејзината налевница нека се состои од четвртина ин за секое јагне. Налевницата од вино нека се излева, во Светилиштето, на Господа. {28:8} Другото јагне принесувајте го во примрак. Принесувај го како и утринскиот лебен принос и неговата налевница, како палена жртва, за пријатен мирис на Господа.’ {28:9} ‘Во саботен ден: принесувајте две едногодишни јагниња без недостаток и две десетини ефа чисто брашно, измешано со масло, за лебен принос, со неговата налевница. {28:10} Тоа е: саботна паленица во секоја сабота, освен секојдневната паленица и нејзината налевница.’ {28:11} ‘Во почетокот на вашите месеци принесувајте Му на Господа паленица: два јунци, еден овен и седум јагниња годиначиња без недостаток. {28:12} За секој јунец, како лебен принос: три десетини чисто брашно измешано со масло; за секој овен, како лебен принос: две десетини ефа чисто брашно измешано со масло. {28:13} За секое јагне една десетина чисто брашно измешано со масло, како лебен принос. Тоа е паленица, жртва за пријатен мирис на Господа. {28:14} Нивните налевници нека бидат: на јунец половина ин вино; на овен третина ин; на јагне четвртина ин. Тоа е паленица при секоја млада месечина во секој месец на годината. {28:15} Освен секојдневната паленица, нека Му биде принесуван на Господа еден јарец како принос за грев, со неговата налевница.’ {28:16} ‘Во првиот месец, на четиринаесеттиот ден во месецот е Господова Пасха, {28:17} а на петнаесеттиот ден на тој месец е празник. Седум дена нека се јадат бесквасни лебови. {28:18} На првиот ден нека биде свето собрание. Не работите никаква работа! {28:19} Принесете Му на Господа жртва-паленица: два јунци, еден овен и седум јагниња годиначиња. Нека ви бидат без недостаток. {28:20} Нивниот лебен принос, од најчисто брашно измешано со масло, нека биде: три десетини ефа на јунец, две десетини ефа на овен, {28:21} а на секое од оние седум јагниња нека биде по една десетина ефа. {28:22} И еден јарец во принос за грев, за ваше очистување. {28:23} Принесувајте го ова освен утринската паленица, што се принесува како секојдневна паленица. {28:24} Принесувајте така секој ден во текот на седумте денови; тоа е храна, палена жртва за благоугоден мирис на Господа. Нека се принесува тоа покрај секојдневната паленица и нејзината налевница. {28:25} На седмиот ден нека ви биде свето собрание. Не работите никаква работа!’ {28:26} ‘И на Денот на првите плодови - на вашиот Празник на седмиците - кога ќе Му принесувате лебен принос на Господа, имајте свето собрание: не работите никаква работа. {28:27} За паленица за пријатен мирис на Господа принесете: два јунци, еден овен и седум едногодишни јагниња. {28:28} Нивниот лебен принос, од чисто брашно измешано со масло, нека биде: на секој јунец три десетини ефа; на секој овен две десетини ефа, {28:29} а на секое од оние седум јагниња - една десетина ефа. {28:30} И еден јарец во принос за грев, за ваше очистување. {28:31} Принесувајте ги освен секојдневната паленица и нејзините лебни приноси; а нека ви бидат без недостаток тие и нивните налевници.’ {29:1} ‘Во седмиот месец, во првиот ден на месецот, имајте свое собрание. Не работите никаква работа! Тоа нека ви биде Ден на трубниот звук. {29:2} Принесете паленица за пријатен мирис на Господа: еден јунец, еден овен и седум јагниња годиначиња без недостаток. {29:3} Нивниот лебен принос, од чисто брашно измешано со масло, нека биде: три десетини ефа на јунец, две десетини ефа на овен {29:4} и една десетина ефа на секое од седумте јагниња. {29:5} И еден јарец во жртва за грев, за ваше очистување. {29:6} Тоа нека биде - покрај паленицата на млада месечина и нејзиниот лебен принос; покрај секојдневната паленица и нејзиниот лебен принос, и покрај нивните налевници, според прописот - палена жртва за пријатен мирис на Господа.’ {29:7} ‘А на десеттиот ден на седмиот месец имајте свето собрание; смирете ги вашите души и не работите никаква работа. {29:8} Принесете Му на Господа паленица за пријатен мирис: еден јунец, еден овен и седум едногодишни јагниња. Нека ви бидат без недостаток. {29:9} Нивниот лебен принос, од чисто брашно измешано со масло, нека биде: три десетини ефа на јунец, две десетини на овен {29:10} и една десетина ефа на секое од оние седум јагниња. {29:11} И еден јарец во жртва за грев. Тоа е покрај: приносот за грев на Денот на очистувањето, покрај постојаната паленица и нејзиниот лебен принос и нивните налевници.’ {29:12} ‘Во петнаесеттиот ден на седмиот месец имајте свето собрание. Не работите никаква работа. Седум денови прославувајте го празникот на Господа. {29:13} А за паленица, изгорена за пријатен мирис на Господа, принесете: тринаесет јунци, два овна и четиринаесет јагниња годиначиња. Нека бидат без недостаток. {29:14} Нивниот лебен принос, од чисто брашно измешано со масло, нека биде: три десетини ефа на секој од тринаесетте јунци, две десетини ефа на секој од двата овна {29:15} и една десетина ефа на секое од четиринаесетте јагниња. И еден јарец во принос за грев. {29:16} Тоа нека биде освен секојдневната паленица, нејзините лебни приноси и нејзините налевници. {29:17} Во вториот ден: дванаесет јунци, два овна, четиринаесет едногодишни јагниња без недостаток. {29:18} Нивниот лебен принос и нивната налевница принесете ги, по правилникот, според бројот на јунците, овните и јагнињата. {29:19} И еден јарец во принос за грев, освен секојдневната паленица, нејзиниот лебен принос и нејзините налевници. {29:20} Во третиот ден: единаесет јунци, два овна и четиринаесет јагниња годиначиња без недостаток. {29:21} Нивниот лебен принос и нивните налевници принесете ги, по правилникот, според бројот на јунците, овните и јагнињата. {29:22} И еден јарец во принос за грев, освен секојдневната паленица, нејзиниот лебен принос и нејзината налевница. {29:23} Во четвртиот ден: десет јунци, два овна, четиринаесет едногодишни јагниња без недостаток. {29:24} Нивниот лебен принос и нивните налевници принесете ги, по правилникот, според бројот на јунците, овните и јагнињата. {29:25} И еден јарец во принос за грев, освен секојдневната паленица, нејзиниот лебен принос и нејзината налевница. {29:26} Во петтиот ден: девет јунци, два овна, четиринаесет едногодишни јагниња без недостаток. {29:27} Нивниот лебен принос и нивните налевници принесете ги, по правилникот, според бројот на јунците, овните и јагнињата. {29:28} И еден јарец во принос за грев, освен секојдневната паленица, нејзиниот лебен принос и нејзината налевница. {29:29} Во шестиот ден: осум јунци, два овни, четиринаесет едногодишни јагниња без недостаток. {29:30} Нивниот лебен принос и нивната налевница принесете ги, по правилникот, според бројот на јунците, овните и јагнињата. {29:31} И еден јарец во принос за грев, освен секојдневната паленица, нејзиниот лебен принос и нејзината налевница. {29:32} Во седмиот ден: седум јунци, два овна, четиринаесет јагниња годиначиња без недостаток. {29:33} Нивниот лебен принос и нивните налевници принесете ги, по правилникот, според бројот на јунците, овните и јагнињата. {29:34} И еден јарец во принос за грев, освен секојдневната паленица, нејзиниот лебен принос и нејзината налевница. {29:35} Во осмиот ден имајте славно собрание. Не работите никаква работа. {29:36} А за паленица, изгорена за благоугоден мирис на Господа, принесете: еден јунец, еден овен и седум едногодишни јагниња без недостаток. {29:37} Нивниот лебен принос и нивните налевници принесете ги, по правилникот, според бројот на јунците, овните и јагнињата. {29:38} И еден јарец во принос за грев, освен секојдневната паленица, нејзиниот лебен принос и нејзината налевница. {29:39} Принесувајте Му го тоа на Господа на вашите празници, освен вашите заветници и освен вашите доброволни жртви; освен вашите паленици, лебни приноси и налевници и освен вашите помирителни жртви.’” {29:40} Мојсеј им кажа на Израелевите синови сè што Господ му заповеда. {30:1} Потоа Мојсеј им рече на началниците на Израелевите колена: „Господ го заповеда ова: {30:2} Ако некој човек направи завет или ако се обврзе со заклетва дека ќе се одрече од нешто; нека не ги нарушува своите зборови; нека исполни сè што излегло од неговата уста! {30:3} Ако некоја жена Му направи завет на Господа и ако се обврзе дека ќе се откаже од нешто уште додека е млада, во татковиот дом, {30:4} а татко и научи за заветот и за ветувањата со кои се обврзала па не и рече ништо, тогаш се полноважни сите нејзини завети и полноважно е секое нејзино ветување со кое се обврзала. {30:5} Но ако татко и, кога ќе чуе, и забрани - никаков нејзин завет, ни нејзиното ветување со кое се обврзала, нема важност. Господ ќе и прости, зашто татко и и забранил. {30:6} Ако се омажи додека е под своите завети или под ветувањето што излезе непромислено од нејзината уста, {30:7} па ако нејзинот маж научи и откако научи ако не и рече ништо, тогаш се полноважни нејзините завети и полноважни се ветувањата со кои се обврзала. {30:8} Но ако нејзиниот маж и забрани, кога ќе чуе за тоа, со тоа се укинуваат нејзиниот завет и ветувањето што излезе непромислено од нејзината уста. И Господ ќе и прости. {30:9} А завет на вдовица, или на разведена жена, и сите обврски што ги презела врз себе, важат за неа. {30:10} Ако се заветува или обврзе на ветување со заклетва додека е во куќата на својот маж, {30:11} па ако нејзиниот маж чуе и ништо не и рече, ако не и забрани, полноважен е секој нејзин завет и полноважно е секое нејзино ветување со кое се обврзала. {30:12} Но ако нејзиниот маж ги прогласи за неважечки, кога ќе научи за нив, тогаш ништо што излезе од нејзината уста, нејзините завети или преземените обврски, немаат важност. Нејзиниот маж ги поништи, и Господ ќе и прости. {30:13} Секој завет и секое заклетвено заречување, за смирување на душата, нејзиниот маж може да ги потврди или да ги поништи. {30:14} Ако мажот не и рече ништо, од ден во ден, со тоа ги потврдува сите нејзини завети и сите нејзини ветувања со кои се обврзала; тој ги направил полноважни, зашто не рекол ништо кога чул за нив. {30:15} Но ако ги поништи после, откако веќе чул за нив, тогаш тој ќе го носи нејзиниот грев.” {30:16} Тоа се повелбите што Господ му ги заповеда на Мојсеја за односите меѓу мажот и неговата жена и меѓу таткото и неговата ќерка, која - уште млада - живее во татковиот дом. {31:1} Господ му рече на Мојсеја: {31:2} „Одмазди им се на Мадијанците за Израелевите синови; а потоа ќе им се придружиш на твоите луѓе.” {31:3} Мојсеј му рече на народот: „Вооружете луѓе од меѓу себе за војна против Мадијанците, за да ја извршат Господовата одмазда врз Мадијанците. {31:4} Испратете во војна по една илјада од секое Израелево племе!” {31:5} И така од израелевите семејства - по илјада од племе - собраа дванаесет илјади за војна. {31:6} Мојсеј ги испрати - по илјада од племе - на војна заедно со Финес, синот на свештеникот Елеазар. Тој ги носеше светите садови и трубите за тревога. {31:7} Тие завојуваа против Мадијанците, како што Господ му заповеда на Мојсеја, и ги погубија сите машки. {31:8} Меѓу другите ги погубија и мадијанските цареви: Евиј, Реком, Сур, Ур и Рева - пет мадијански цареви! Со меч го погубија и Валаама, Веоровиот син. {31:9} Тогаш Израелевите синови ги одведоа во плен: мадијанските жени со нивните деца и сиот нивни добиток, крупниот и ситниот, и го запленија сето нивно богатство. {31:10} Со оган ги изгореа сите нивни градови во кои живееја и сите нивни населби, {31:11} а сè нивно зедоа во плен и грабеж: и луѓе и животни. {31:12} Тогаш, во логорот во Моавските Полиња покрај Јордан, спроти Ерихон, ги доведоа при Мојсеја, при свештеникот Елеазар и при целото Израелско општество: заробените, пленот и ограбеното. {31:13} Мојсеј, свештеникот Елеазар и сите главатари на заедницата им излегоа во пресрет надвор од логорот. {31:14} Мојсеј се налути на заповедниците на војската, на илјадниците и на стотниците, кои се вратија од воениот поход. {31:15} Им рече: „Што! Вие ги оставивте живи сите женски! {31:16} А токму жените, по Валаамовото наговарање, ги заведоа Израелевите синови да истапат против Господа во Фегоровиот случај. Така дојде помор во Господовото општество. {31:17} Затоа убијте ги сите машки деца! А убијте ја и секоја жена, која запознала маж! {31:18} А оставете ги живи за себе сите девојки, кои не запознале машко. {31:19} Вие пак останете надвор од логорот седум дена; сите вие кои убивте некого и кои се допревте до убиен. Очистете се и вие и вашите заробеници во третиот и во седмиот ден; {31:20} очистете ги: сета облека, сите кожени работи - сè што е направено од козина и сите дрвени предмети.” {31:21} Потоа свештеникот Елеазар им проговори на борците, кои се вратија од војна: „Ова е законска повелба што му ја даде Господ на Мојсеја: {31:22} Златото, среброто, бронзата, железото, оловото и калајот, {31:23} сè што поднесува оган - поминете го низ оган, и ќе биде очистено. Сепак, нека биде очистено и со водата за очистување. А сè што не поднесува оган поминете го низ вода. {31:24} На седмиот ден исперете ја вашата облека, и ќе бидете чисти. Потоа можете да се вратите во логорот.” {31:25} Господ му рече на Мојсеја: {31:26} „Ти, свештеникот Елеазар и главните старешини на општеството направете попис на воениот плен, на луѓето и на добитокот, {31:27} а тогаш поделете го воениот плен на половина: за војниците кои одеа во војна и за сета друга заедница. {31:28} А од војниците, кои одеа во војна, задржи данок за Господа: по една глава на пет стотини од луѓето, од крупниот добиток, од ослињата и од ситниот добиток. {31:29} Земи го тоа од нивната половина и дај му го на свештеникот Елеазар како воздигнат принос за Господа. {31:30} А од половината што ќе им припадне на другите Израелеви синови, земи по една глава од педесет: од луѓето, од крупниот добиток, од ослињата и од ситниот добиток - од сите, па дај им ги на левитите, кои служат во Господовиот Шатор.” {31:31} Мојсеј и свештеникот Елеазар направија како што му нареди Господ на Мојсеја. {31:32} Воен плен - освен ограбеното што го зедоа војниците - има - ше: шест стотини седумдесет и пет илјади ситен добиток, {31:33} седумдесет и две илјади крупен добиток, {31:34} шеесет и една илјада ослици, {31:35} а човечки души - жени кои не запознале машко - имаше вкупно триесет и две илјади. {31:36} Според тоа, половината, што им беше доделена на оние, кои одеа во војна, беше: три стотини триесет и седум илјади и пет стотини грла ситен добиток; {31:37} данок за Господа од ситниот добиток: шест стотини седумдесет и пет грла; {31:38} крупен добиток имаше: триесет и шест илјади, а нивниот данок за Господа: седумдесет и две грла; {31:39} ослиња: триесет илјади и пет стотини, а од нив данок за Господа: шеесет и едно. {31:40} Човечки души: шеснаесет илјади, а од нив данок за Господа: триесет и две души. {31:41} Мојсеј му го предаде данокот на свештеникот Елеазар, за воздигнат принос на Господа, како што Господ му заповеда на Мојсеја. {31:42} А од половината на другите Израелеви синови, која Мојсеј ја оддели од војниците; {31:43} половината на заедницата изнесуваше: триста триесет и седум илјади и пет стотини ситен добиток, {31:44} а крупен добиток триесет и шест илјади; {31:45} ослиња: триесет илјади и пет стотини, {31:46} а човечки души: шеснаесет илјади. {31:47} Од половината на Израелевите синови Мојсеј зеде по едно на педесет, и од луѓето и од добитокот, па им ги даде на левитите, кои служеа во Господовиот Шатор, како што Господ му заповеда на Мојсеја. {31:48} Тогаш воените заповедници, илјадниците и стотниците, му пристапија на Мојсеја, {31:49} и му рекоа: „Твоите слуги ги преброија војниците, кои беа под наше заповедништво, и ниеден од нас не загина. {31:50} И ете, ги донесовме нашите дарови за Господа: нараквици, златни нешта, прстења, наушници и огрлици - кој какво што нашол златно нешто - за покривање на гревовите на нашите души пред Господа.” {31:51} Мојсеј и свештеникот Елеазар го примија од нив златото, сето во направени украси. {31:52} И сето злато, што илјадниците и стотниците го донесоа за воздигнат принос за Господа, беше: шеснаесет илјади седум стотини и педесет шекели. {31:53} Војниците грабеа секој за себе. {31:54} Така Мојсеј и свештеникот Елеазар го зедоа златото од илјадниците и стотниците па го донесоа во Шаторот на средбата, за спомен на Израелевите синови пред Господа. {32:1} Рувимовите синови и Гадовите синови имаа мошне многу добиток. И согледаа дека Јазирската Земја и Галадската Земја се погодни за сточарство. {32:2} Затоа Гадовците и Рувимовците дојдоа при Мојсеја, при свештеникот Елеазар и при управителите на општеството, па рекоа: {32:3} „Атарот, Девон, Јазир, Нимра, Есевон, Елеалиј, Севам, Нево и Веон - {32:4} земја што Господ ја порази пред Израелевото општество - е земја погодна за сточарство; а твоите слуги се занимаваат со сточарство. {32:5} Ако најдовме благонаклоност во твоите очи - продолжија - овој крај нека им биде даден во владеење на твоите слуги; не нè преведувај преку Јордан!” {32:6} Мојсеј им одговори на Гадовите синови и на Рувимовите синови: „Вашите браќа ќе одат во војна, а вие да останете тука? {32:7} Зошто ги одвраќате срцата на Израелевите синови од преминот во земјата, која им ја даде Господ? {32:8} Така постапија и вашите татковци кога ги испратив во Кадис-Варни за да ја извидат земјата. {32:9} Тие се искачија до долината Есхол, ја видоа земјата и ги обесхрабрија срцата на Израелевите синови, за да не влезат во земјата, која Господ им ја даде. {32:10} Во тој ден Господ пламна со гнев. Се заколна и рече: {32:11} ‘Луѓето кои излегоа од Египет, од дваесет години или нагоре, зашто не Ме следеа верно, никогаш нема да ја видат земјата што им ја ветив под заклетва на Авраама, Исака и Јакова!’ {32:12} Господа единствено Го следеа верно: Кенезецот Халев, синот Ефониев и Навиновиот син Исус. {32:13} Господ пламна со гнев на Израелевите синови па ги водеше низ пустината четириесет години, сè додека не изумре сето поколение што постапи зло во очите на Господа. {32:14} А сега вие - грешно поколение - станувате место вашите татковци, за да го зголемите уште повеќе јаросниот гнев на Господа против Израел. {32:15} Ако се одвратите од Него, Тој ќе го продолжи вашиот престој во пустината и вие ќе го погубите сиот овој народ.” {32:16} Тогаш тие се доближија кон него и рекоа: „Ние ќе подигнеме тука огради за нашиот добиток и градови за нашите деца, {32:17} а самите ќе го грабнеме оружјето и ќе тргнеме на чело на Израелевите синови додека не ги доведеме до нивното место, а нашите деца нека останат во утврдените градови, заради жителите на земјава. {32:18} Ние нема да се вратиме во нашите домови сè додека секој Израелец не го заземе своето наследство. {32:19} Нема да земаме дел од недвижните имоти од онаа страна на Јордан ниту подалеку, зашто нашето наследство ни припадна од оваа страна, на исток од Јордан.” {32:20} Мојсеј им рече: „Ако направите така, ако тргнете во бој пред Господа; {32:21} ако вие сите вооружени пребродите преку Јордан пред Господа додека Тој не ги растера пред Себе сите Свои непријатели, {32:22} тогаш, кога земјата ќе Му биде покорена на Господа, вие ќе можете да се вратите. Така ќе бидете ослободени од одговорноста кон Господа и кон Израел, а оваа земја ќе стане ваша сопственост пред Господа. {32:23} Но ако не направите така, ќе согрешите против Господа, и знајте дека ќе ве стигне казна за вашиот грев. {32:24} И така, соѕидајте градови за вашите деца и огради за вашиот добиток, но направите што ветивте.” {32:25} Гадовите синови и Рувимовите синови му одговорија на Мојсеја: „Твоите слуги ќе направат како што заповеда нашиот господар. {32:26} Нашите деца, нашите жени, нашите стада и сиот наш добиток, нека останат онаму во галадските градови, {32:27} а твоите слуги, сите кои се способни за бој, ќе тргнат пред Господа во војна, како што зборува нашиот господар.” {32:28} И Мојсеј им даде повелба за нив на свештеникот Елеазар, на Навиновиот син Исус и на главатарите на семејствата на израелевите племиња. {32:29} И Мојсеј им рече: „Ако Гадовите синови и Рувимовите синови, сите оние кои носат оружје, пребродат со вас преку Јордан за да војуваат пред Господа, и ако земјата ви биде покорена вам, тогаш дајте им ја Галадската Земја во сопственост. {32:30} Ама ако не поминат вооружени со вас, нека добијат наследство меѓу вас во Ханаанската Земја.” {32:31} Гадовците и Рувимовците одговорија на тоа: „Што им рече Господ на твоите слуги, така ќе направиме. {32:32} Ние ќе отидеме вооружени пред Господа во Ханаанската Земја, но недвижниот имот на нашето наследство нека ни биде од оваа страна на Јордан.” {32:33} И така Мојсеј ним - на Гадовите синови, на Рувимовите синови и на половината од Манасиј, племето на синот Јосифов - им ги даде: царството на аморејскиот цар Сион и царството на васанскиот цар Ог; земјата со градовите во нивните меѓи, градовите на соседната земја. {32:34} Гадовите синови ги изградија: Девон, Атарот и Ароир, {32:35} Атрот-Софан, Јазир, Јогвеј, {32:36} Вет-Нимра и Вет-Аран, утврдени градови и огради за стадата. {32:37} Рувимовите синови ги изградија: Есевон, Елеалиј, Киријатаим, {32:38} Нево, Валмеон - на кои им ги изменија имињата - и Сивма. И им дадоа имиња на градовите што ги изградија. {32:39} Синовите на Махир, синот Манасиев, отидоа во Галад и го освоија, и ги протераа Аморејците кои беа таму. {32:40} Мојсеј му го предаде Галад на Манасиевиот син Махир и тој се насели во него. {32:41} А Манасиевиот син Јаир отиде па ги зазеде нивните села и ги нарече „Јаирови Села.” {32:42} Потоа Новах отиде и ги зазеде Кенат и неговите подрачја, па го нарече со своето име Новах. {33:1} Ова се патувањата на Израелевите синови што ги поминаа кога излегоа од Египетската Земја по своите полкови, под водство на Мојсеја и Арона. {33:2} По Господова повелба, Мојсеј го опиша нивното патување по нивните престојувања, и еве ги застанките на нивните патувања: {33:3} тргнаа од Рамес во првиот месец. Беше петнаесеттиот ден на првиот месец - утреден по Пасхата - кога Израелевите синови се запатија со подигнати раце и пред очите на сиот Египет, {33:4} додека Египетците ги погребуваа оние, кои Господ ги погуби среде нив, односно сите првороденци, и така изврши суд над нивните божества. {33:5} И така Израелевите синови тргнаа од Рамес и расположија шатори во Сокхот. {33:6} Потоа отидоа од Сокхот и ги оптегнаа шаторите во Етам, токму на работ на пустината. {33:7} Отпатуваа од Етам, а тогаш свртија кон Пи-Ајрот, што се наоѓа спроти Велсефон. Ги расположија шаторите пред Мигдал. {33:8} Тргнаа од Ајрот и поминаа среде морето во пустината. Одеа три дни низ пустината Етам, а тогаш се настанија во Мера. {33:9} Потоа отидоа од Мера и стигнаа во Елим. Во Елим беа дванаесет извори и седумдесет палми. Расположија шатори тука. {33:10} И тргнаа од Елим и се настанија покрај Црвеното Море. {33:11} А откако заминаа од Црвеното Море, ги оптегнаа шаторите во пустината Син. {33:12} Потоа отпатуваа од пустината Син и ги поставија живеалиштата во Дофка. {33:13} Откако отидоа од Дофка расположија шатори во Елус. {33:14} Тргнаа од Елус и се настанија во Рафидин. Таму народот немаше вода да пие. {33:15} Заминаа од Рафидин и се настанија во Синајската Пустина. {33:16} Тргнаа од Синајската Пустина па се настанија во Киврот Атави. {33:17} Отпатуваа од Киврот Атави и оптегнаа шатори во Асирот. {33:18} Тогаш отидоа од Асирот и расположија шатори во Ритма. {33:19} Тргнаа од Ритма и се настанија во Римнон Фарес. {33:20} Отидоа од Римнон Фарес и расположија шатори во Ливна. {33:21} Отидоа од Ливна и оптегнаа шатори во Риса. {33:22} Заминаа од Риса и се настанија во Келат. {33:23} Тргнаа од Келат и се настанија во гората Сафер. {33:24} Отпатуваа од гората Сафер и се настанија во Харад. {33:25} Откако се дигнаа од Харад се настанија во Макилот. {33:26} Тргнаа од Макилот и расположија шатори во Тахат. {33:27} Отпатуваа од Тахат и застанаа во Тара. {33:28} Заминаа од Тара и се настанија во Митка. {33:29} Отпатуваа од Митка и оптегнаа шатори во Асемон. {33:30} Тргнаа од Асемон и расположија шатори во Мосирот. {33:31} Заминаа од Мосирот и се настанија во Вене-Јакан. {33:32} Тргнаа од Вене-Јакан и се настанија во Хор-Агидгад. {33:33} Отидоа од Хор-Агидгад и расположија шатори во Јотвата. {33:34} Отпатуваа од Јотвата и оптегнаа шатори во Еврон. {33:35} Отидоа од Еврон и се настанија во Есион-Гавер. {33:36} Отидоа од Есион-Гавер и расположија шатори во пустината Син, односно Кадис. {33:37} Тргнаа од Кадис па расположија шатори во гората Ор, на границата на Едомската Земја. {33:38} По Господова наредба свештеникот Арон се искачи на гората Ор и таму почина во првиот ден на петтиот месец, во четириесеттата година по излезот на Израелевите синови од Египетската Земја. {33:39} Арон беше на сто и дваесет и три години кога умре на планината Ор. {33:40} Арадскиот цар, Хананеец, кој живееше во ханаанскиот крај Негев, чу за доаѓањето на Израелците. {33:41} Отидоа од гората Ор и расположија логор во Салмон. {33:42} Заминаа од Салмон и се настанија во Финон. {33:43} Отпатуваа од Финон и застанаа во Овот. {33:44} Отидоа од Овот и оптегнаа шатори во моавското подрачје, во Ије-Ха- Аварим. {33:45} Заминаа од Ије-Ха-Аварим и расположија шатори во Девон Гад. {33:46} Отпатуваа од Девон Гад и се настанија во Алмон-Дивлатаим. {33:47} Од Алмон - Дивлатаим отидоа и поставија шатори на Аваримските Гори, пред Нево. {33:48} А од Аваримските Гори заминаа и расположија шатори во Моавските Полиња, покрај Јордан, спроти Ерихон; {33:49} се настанија покрај Јордан од Вет-Јесимот сè до Авел-Ситим во Моавските Полиња. {33:50} Господ му рече на Мојсеја, во Моавските Полиња покрај Јордан, спроти Ерихон: {33:51} „Речи им вака на Израелевите синови: ‘Кога ќе поминете преку Јордан во Ханаанската Земја, {33:52} изгонете ги пред себе сите жители на земјата, уништете ги сите нивни слики; уништете ги сите нивни одлеани идоли и разурнете ги сите нивни високи места. {33:53} Тогаш завладејте ја земјата и населете се во неа, зашто ви ја предавам да стане ваша. {33:54} Разделете ја земјата со жрепка меѓу сите ваши родови. Зголемете им го делот на побројните, а намалете им го на помалубројните. Каде и да падне жрепката, за кого и да е, тоа нека биде негово, а делете им го наследството според татковските племиња. {33:55} Ако не ги изгоните пред себе жителите на земјата, тогаш тие, кои ќе останат од нив во живот, ќе ви бидат трње во вашите очи и боцкалки во вашите ребра; ќе ве притеснуваат во земјата во која ќе живеете, {33:56} и ќе постапам со вас како што мислев да постапам со нив.’” {34:1} Господ му рече на Мојсеја: {34:2} „Дај им повелба на Израелевите синови и речи им: ‘Кога ќе влезете во Ханаанската Земја, таа земја ќе ви припадне во наследство; Ханаанската Земја со нејзините граници: {34:3} Јужната страна ќе се тегне од пустината Син покрај Едом. Јужната граница ќе ви почнува од крајот на Соленото Море на источната страна. {34:4} Тогаш границата ќе ви заврти кон југ, кон Акравимската Стрмнина, и ќе продолжи преку Син. Ќе допре на југ до Кадис-Варни; потоа ќе излезе кон Хасар-Адар и ќе продолжи до Асмон. {34:5} Од Асмон границата ќе сврти кон Египетскиот Поток и ќе излезе на море.’ {34:6} ‘Големото Море ќе ви биде западна граница; тоа нека ви е меѓа кон запад.’ {34:7} ‘А ова ќе ви биде северна граница: од Големото Море повлечете линија на гората Ор; {34:8} тогаш повлечете линија од Ор до влезот во Емат; завршеток на границата ќе биде Седад. {34:9} Тогаш границата ќе се продолжи до Зифрон и ќе заврши во Хасар-Енан. Тоа ќе ви биде северна граница.’ {34:10} ‘За своја источна граница повлечете линија од селото Хасар-Енан до Сефам. {34:11} Границата ќе се спушта од Сефам до Ривла, источно од Аин. Оттаму границата ќе се спушти и ќе допре до источниот брег на Хинеротското Езеро. {34:12} Потоа границата ќе се спушти, низ Јордан, за да заврши при Соленото Море. Тоа ќе биде ваша земја со нејзините граници наоколу.’” {34:13} Тогаш Мојсеј им нареди на Израелевите синови: „Тоа е земјата што со жрепка ќе ја добиете во наследство, а за која Господ нареди да ја добијат девет племиња и половината од едно племе. {34:14} Зашто племето на Рувимовите синови според нивните семејства; потоа племето на Гадовите синови според нивните семејства, веќе го добија нивното наследство, како што го прими своето наследство и половината од Манасиевото племе. {34:15} Тие две ипол племиња го примија своето наследство отаде Јордан, спроти Ерихон, на источната страна.” {34:16} Господ му рече на Мојсеја: {34:17} „Ова се имињата на луѓето, кои ќе ви ја поделат земјата: свештеникот Елеазар и Навиновиот син Исус; {34:18} и земи од секое племе по еден главатар за делба на земјата. {34:19} Ова се имињата на тие луѓе: Халев, син Ефониев, од Јудиното племе; {34:20} Самоил, син Амиудов, од Симеоновото племе; {34:21} Елидад, син Хислонов, од Венијаминовото племе; {34:22} кнезот Вакхир, Еглиевиот син, од Дановото племе; {34:23} Од Јосифовите синови: кнезот Анил, син Суфидов, од племето на Манасиевците; {34:24} кнезот Камуил, син Сафтанов, од племето на Ефремовците; {34:25} кнезот Елисафан, син Фарнаков, од племето на Завулоновците; {34:26} кнезот Фалтиил, син Азанов, од племето на Исахаровците; {34:27} кнезот Ахиуд, син Селомиев, од племето на Асировците; {34:28} кнезот Федаил, син Амиудов, од племето на Нефталимовците.” {34:29} Тоа се оние на кои Господ им наложи да им го поделат наследството на Израелевите синови во Ханаанската Земја. {35:1} Господ му рече на Мојсеја, во Моавските Полиња кај Јордан, спроти Ерихон: {35:2} „Нареди им на Израелевите синови да им отстапат на левитите - од наследството што го имаат - градови каде ќе живеат, и пасишта околу градовите. Дајте им го тоа на левитите. {35:3} Градовите нека им бидат за живеење, а околните пасишта нека бидат за нивните говеда, за нивниот имот и за сите нивни животни. {35:4} Пасиштата покрај градовите, што им ги отстапувате на левитите, нека зафатат од градските ѕидови надвор до илјада лакти наоколу. {35:5} Измерете од градот надвор две илјади лакти на источната страна, две илјади лакти на јужната страна, две илјади лакти на западната страна и две илјади лакти на северната страна, така што градот да биде во средина. Тоа нека им бидат градски пасишта. {35:6} Од градовите што ќе им ги дадете на левитите, шест ќе бидат градови-засолништа, што ќе ги отстапите за да може убиец да избега таму. Кон овие придајте уште четириесет и два града. {35:7} Така, сите градови, што ќе им ги отстапите на левитите, ќе бидат четириесет и осум со нивните пасишта. {35:8} А од градовите што ќе ги одвојувате од сопственоста на Израелевите синови, земете повеќе од оние, кои имаат многу, а помалку од оние, кои имаат малку.” {35:9} Натаму Господ му рече на Мојсеја: {35:10} „Зборувај им на Израелевите синови и речи им: ‘Кога ќе преминете преку Јордан во Ханаанската Земја, {35:11} определете си градови што ќе ви служат како градови-засолништа, каде може да избега убиец, кој убил некого од несакање. {35:12} Тие градови нека ви бидат засолниште од одмаздникот, така што убиецот не треба да загине додека не застане на суд пред заедницата. {35:13} Од градовите што ќе ги отстапите шест ќе ви бидат за засолниште. {35:14} Доделете три града отаде Јордан, а три града во Ханаанската Земја. Тие нека бидат градови-засолништа. {35:15} Тие шест града нека бидат за засолниште како за Израелевите синови така и за странецот и придојденикот, кои престојуваат меѓу нив, каде може да избега секој што убил некого на несакање.’ {35:16} ‘Но ако некој удри некого со железен предмет па го усмрти, тогаш тоа е убиец, убиецот треба да плати со главата. {35:17} Ако го удри со камен во раката, од кого човек може да загине и навистина загине, тоа е пак убиец, убиецот треба да плати со главата. {35:18} Или ако го удри со некаков дрвен предмет во раката, од кого може да умре и навистина умре, и тоа е убиец, убиецот треба да плати со главата. {35:19} Крвниот одмаздник треба сам да го погуби убиецот. Кога ќе го сретне, нека го убие. {35:20} Натаму, ако некој го турне некого од омраза или намерно фрли нешто врз него па го убие, {35:21} или ако го удри со раката од злоба па удрениот умре, напаѓачот треба да загине - тој е убиец. Крвниот одмаздник нека го погуби убиецот штом ќе го сретне.’ {35:22} ‘Но, ако го турне случајно, не од непријателство, или ако фрли нешто на него, ама не од заседа, {35:23} или од невнимание ако собори врз него камен од кого може да загине човек, па го убие, а не му бил непријател ниту му сакал зло - {35:24} тогаш општеството нека пресуди меѓу убиецот и крвниот одмаздник според овие правила: {35:25} заедницата е должна да го избави убиецот од рацете на одмаздникот за крв; тогаш општеството нека го врати во градот-засолниште каде што избегал; тој нека остане таму до смртта на велесвештеникот, кој беше помазан со свето масло. {35:26} Но ако убиецот излезе кога и да е надвор од границите на неговиот град-засолниште, {35:27} и крвниот одмаздник го најде надвор од границите на неговиот град-засолниште; па крвниот одмаздник го убие убиецот, тоа не му се смета за крвопролевање, {35:28} зашто убиецот треба да остане во градот-засолниште до смртта на велесвештеникот. А по смртта на велесвештеникот може да се врати на својот имот.’ {35:29} ‘Такви нека ви бидат судските постапки од поколение до поколение, секаде каде што ќе престојувате. {35:30} За секое убиство на човек казната на смрт над убиецот може да биде извршена по доказ на сведоците. Никој не може да биде казнет со смрт по доказ само на еден сведок. {35:31} Не смеете да примате откупнина за животот на убиецот, кој заслужил смрт: тој треба да умре. {35:32} Ниту смеете да примате откупнина од кого и да е, кој - откако избега во својот град-засолниште - сака да се врати и да живее на своја земја пред смртта на велесвештеникот. {35:33} Не запустувајте ја земјата во која што живеете, зашто земјата се онечистува со крвопролевање. И земјата не може да се очисти од крвта, што е пролеана на неа, освен со крвта на оној, кој ја пролеал. {35:34} Не смеете да ја онечистувате земјата во која што живеете и среде која престојувам Јас; зашто Јас Господ живеам среде Израелевите синови.’” {36:1} Тогаш пристапија семејните главатари од родот на синовите на Галад, синот Махиров, син Манасиев, од едниот род на Јосифовите синови, па пред Мојсеја и пред старешините, пред главатарите на семејствата, {36:2} рекоа: „Господ му нареди на нашиот господар да ја даде, со жрепка, оваа земја во наследство на Израелевите синови; натаму, Господ му нареди на нашиот господар да им го даде наследството на нашиот брат Салпад на неговите ќерки. {36:3} Но ако тие се омажат за некој од друго израелско племе, тогаш нивното наследство ќе биде оттргнато од нашето дедовско наследство и ќе биде приклучено кон наследството на племето на кое тие ќе му припаднат. Така ќе биде одземено наследството што со жрепка ни припадна нам. {36:4} А кога ќе настапи јубилејната година на Израелевите синови, делот на тие жени ќе му се додаде на делот на племето на кое ќе му припаднат. Така нивното наследство ќе биде одземено од наследството на нашето прадедовско племе.” {36:5} И по Господова заповед Мојсеј им нареди на Израелците: „Племето на Јосифовите синови зборува право. {36:6} Ова го наредува Господ за Салпадовите ќерки: Тие нека се мажат за оној, кој ќе им изгледа добар, само нека се мажат во родот на своето татковско племе. {36:7} Наследството на Израелевите синови не смее да се пренесува од едно племе на друго; и секој Израелец треба да остане приврзан за прадедовското наследство на своето племе. {36:8} Затоа секоја девојка, која ќе добие наследство во Израелевите племиња треба да се омажи за некој во племето на кое му припаѓа татковиот и род, така што секој Израелец ќе го запази наследството на татка си. {36:9} Така наследството нема да се пренесува од едно племе во друго, туку секое израелско племе ќе се прилепува до својот дел.” {36:10} Како што Господ му нареди на Мојсеја, така и направија Салпадовите ќерки: {36:11} Мала, Терса, Егла, Мелха и Нуа; ќерките Салпадови, се омажија за синовите на своите стриковци. {36:12} Бидејќи се омажија во родот на потомството на Манасиј, Јосифовиот син, нивното наследство остана во племето на кое им припаѓаше татковиот им род. {36:13} Тоа се заповедите и законите што Господ им ги даде, преку Мојсеја, на Израелевите синови, во Моавските Полиња покрај Јордан, спроти Ерихон.