{1:1} После смртта на Исуса Израелевите синови Го прашаа Господа: „Кој од нас ќе тргне прв на Ханаанците за да се бори против нив?” {1:2} А Господ одговори: „Јуда нека отиде прв; ја предавам земјата во неговата рака.” {1:3} Тогаш Јуда му рече на брата си Симеона: „Дојди со мене во земјата што ми е доделена во наследство - ќе војуваме против Ханаанците, а потоа јас ќе се борам покрај тебе во твојата земја.” И Симеон отиде со него. {1:4} Јуда отиде, и Господ им ги предаде во рацете Ханаанците и Ферезејците, и погубија во Везек десет илјади луѓе. {1:5} Во Везек го најдоа Адони- Седек, удрија на него, и ги поразија Ханаанците и Ферезејците. {1:6} Кога Адони-Седек почна да бега, го гонеа, го фатија и му ги отсекоа палците на рацете и нозете. {1:7} Тогаш Адони-Седек рече: „Седумдесет цареви, со отсечени палци на рацете и на нозете, собираа трошки под мојот стол. Како што правев, така Бог ми враќа.” Го одведоа во Ерусалим, и таму умре. {1:8} Потоа Јудините синови војуваа против Ерусалим, го освоија, ги погубија со меч жителите и го изгореа градот. {1:9} После тоа Јудините синови тргнаа да се борат против Ханаанците, кои живееја во Горјето, во Негев и во Шефел. {1:10} И Јуда отиде против Ханаанците, кои живееја во Хеврон - на Хеврон некогаш името му беше Киријат Арва - и таму ги поразија Сесаја, Ахимана и Талмаја. {1:11} Оттаму отиде против жителите на Давир, што некогаш беше викан Киријат-Сефер. {1:12} И Халев рече: „Кој ќе го покори и ќе го заземе Киријат-Сефер, ќе му ја дадам својата ќерка Ахса за жена.” {1:13} Го зазеде Готонил, син Кенезов, помалиот брат Халевов, и Халев му ја даде својата ќерка Ахса за жена. {1:14} Кога му пријде на мажот, тој ја наговори да бара полиња од татка си. Таа слезе од ослето, а Халев ја праша: „Што сакаш?” {1:15} Таа му одговори: „Дај ми благослов! Кога ми даде крај во Негев, дај ми тогаш и некои извори.” И Халев и ги даде Горните и Долните Извори. {1:16} Синовите на Кенеецот Јотор, Мојсеевиот дедо, отидоа од Палминиот Град со Јудините синови во Јудината Пустина, што е во Негев, на југ од Арад. Таму се населија меѓу Амаликците. {1:17} Потоа Јуда отиде со братот Симеон и ги погубија Ханаанците кои живееја во Сефат, и го предадоа на „херем”, на проклетство. Заради тоа градот беше наречен Орма (Истребување). {1:18} Исто Јуда успеа да ги заземе: Газа со нејзиното подрачје, Аскалон со неговото подрачје и Акарон со неговото подрачје. {1:19} Господ беше со Јуда, па тој го освои Горјето, но не можеше да ги изгони оние во низината, зашто имаа железни коли. {1:20} Како што беше одредил Мојсеј, Хеврон му го дадоа на Халев, кој изгони оттаму три Енакови сина. {1:21} А Венијаминовите синови не успеаја да ги изгонат Евусејците, кои живееја во Ерусалим, и така Евусејците останаа во Ерусалим со Венијаминовите синови до денешен ден. {1:22} И Јосифовото племе тргна против Ветил, и Господ беше со нив. {1:23} И Јосифовото племе почна да го согледува Ветил. Градот беше викан некогаш Луз. {1:24} Согледувачите забележија човек како излегува од градот и му рекоа: „Покажи ни го влезот во градот, па ќе ти бидеме милостиви.” {1:25} Тој им го покажа влезот во градот. И исекоа сè со меч во градот, а оној човек го пуштија да си отиде со сето негово семејство. {1:26} Човекот отиде во земјата на Хетејците, и таму изгради град и го нарече Луз. Така се вика уште и денес. {1:27} Манасиј не ги освои Вет-Сан и неговите села, ни Тахана и нејзините села. Не ги изгони ни жителите од Дора и од неговите села, ни жителите на Ивлеам и на неговите села, ни жителите на Мегида и на нејзините села. Така Ханаанците останаа и живееја во земјата. {1:28} Кога Израел зајакна, им наметна данок на Ханаанците, но не можеше да ги истера. {1:29} Ни Ефрем не ги истера Ханаанците, кои живееја во Гезер, така што тие Ханаанци живееја тука меѓу нив. {1:30} Завулон не ги истера жителите на Китрон ни жителите на Налол. Така Ханаанците останаа среде Завулоновите синови, но им беше наметнат данок. {1:31} Ни Асир не ги изгони жителите на Акон, ни жителите на Сидон, ни оние од Алав, ни од Ахазив, ни од Халва, ни од Афика, ни од Реова. {1:32} Така Асирците останаа меѓу Ханаанците, жителите на таа земја, зашто не ги истераа. {1:33} И Нефталим не ги изгони жителите на Вет-Семес и на Вет-Анат, туку живееше меѓу Ханаанците кои ја населуваа таа земја, ама им наметнаа данок на жителите на Вет-Семес и на Вет-Анат. {1:34} Аморејците ги истиснаа Дановите синови во гората, и не ги пуштаа да слезат во рамницата. {1:35} Аморејците се задржаа во гората Ерес, во Ајалон и во Салвим, но кога зајакна раката на Јосифовиот дом, им беше наметнат данок. {1:36} Подрачјето на Едомците се простира од Акравимското Нагорниште, до Стената и нагоре. {2:1} Господов ангел дојде од Галгал во Бохиме и рече: „Ве изведов од Египет и ве доведов во земјата што ви ја ветив, заколнувајќи им се на вашите татковци. Реков: ‘Нема да го раскинам Мојот Завет со вас довека. {2:2} А вие не склучувајте сојуз со жителите на оваа земја; туку разурнувајте ги нивните жртвеници!’ Но вие не го послушавте Мојот глас. Што направивте! {2:3} Затоа ви велам: ‘Не ќе ги изгонам пред вас. Туку, тие ќе ве угнетуваат, и нивните богови ќе ви бидат стапица.’” {2:4} Кога Господовиот ангел им ги кажа тие зборови на сите Израелци, народот извика гласно и заплака. {2:5} И така, тоа место го нарекоа Бохим, и таму Му принесоа жртви на Господа. {2:6} Кога Исус го распушти народот, Израелевите синови се разотидоа секој во своето наследство, за да ја земат во сопственост земјата. {2:7} Народот Му служеше на Господа во текот на сиот Исусов век и во текот на сиот век на старешините, кои го надживееја Исуса и ги видоа сите големи дела што Господ ги направи за Израел. {2:8} Исус, Навиновиот син, Господов слуга, умре на возраст од сто и десет години. {2:9} Го погребаа во крајот што го наследи во Тамнат-Арес, во Ефремовата Гора, северно од планината Гаш. {2:10} А кога сето она поколение им се придружи на своите татковци, го наследи друго поколение, што не Го познаваше Господа ни за делата што ги направил за Израел. {2:11} Тогаш Израелевите синови почнаа да прават што не Му е по волја на Господа, и им служеа на Ваалите. {2:12} Го оставија Господа, Бога на своите татковци, кој ги изведе од Египетската Земја, и тргнаа по други богови, меѓу боговите на околните народи. Им се поклонуваа, Го разгневија Господа. {2:13} Отпаднаа од Господа за да им служат на Ваал и на Астарта. {2:14} Затоа Господ го излеа Својот гнев на Израел: ги остави на ограбувачите да ги ограбуваат, им ги предаде на непријателите наоколу, така што не можеа да им се спротиват. {2:15} Што и да почнеа, Господовата рака се свртуваше против нив за нивна несреќа, како што им рече Господ и како што им се заколна. И така паднаа во голема неволја. {2:16} Тогаш Господ почна да им издига судии, за да ги избавуваат од рацете на оние што ги ограбуваа. {2:17} Но тие не ги слушаа ни своите судии, туку изневеруваа со други богови и им се поклонуваа. Бргу се отклонија од патот по кој одеа нивните татковци слушајќи ги Господовите заповеди; тие не правеа така. {2:18} Кога им воздигаше судии, Господ беше со секој судија па ги избавуваше од рацете на нивните непријатели во текот на сиот век на судијата, зашто Му беше жал на Господа колку воздивнуваа под јаремот на оние кои ги угнетуваа. {2:19} А кога ќе умреше судијата, тие пак паѓаа во поголема расипаност отколку нивните татковци. Одеа по други богови, им служеа и им се поклонуваа, не отстапувајќи од своите опаки дела и постапки. {2:20} Тогаш Господ пламна со гнев против Израел и рече: „Затоа што овој народ го престапи Мојот Завет, што Јас го воспоставив со нивните татковци, и не го послушаа Мојот глас, {2:21} ни Јас отсега нема да изгонам пред нив ниеден од народите што Исус ги остави по својата смрт,” - {2:22} за да го стави со нив на искушение Израел: дали ќе ги пазат или не Господовите патишта, како што ги пазеа нивните татковци. {2:23} Затоа Господ ги остави тие народи, и не ги изгони веднаш ниту ги предаде во рацете на Исуса. {3:1} Ова се народите што Господ ги остави, за да ги испита со нив Израелевите синови, сите оние што не ги знаеја Ханаанските војни. {3:2} Тоа беше само во полза на поколенијата на Израелевите синови, за да ја научат вештината на војување - барем оние што не ги знаеја поранешните војни: {3:3} останаа пет филистејски кнезови и сите Ханаанци, Сидонци и Евејци, кои живееја на гората Ливанова, од гората Вал-Ермон до влезот во Емат. {3:4} Тие послужија за да биде проверен Израел: за да се види дали ќе ги пази заповедите на Господа, што Господ им ги даде на нивните татковци преку Мојсеја. {3:5} Така Израелците живееја среде Ханаанците, Хетејците, Аморејците, Ферезејците, Евејците и Евусејците; {3:6} се женеа со нивните ќерки и им ги даваа своите ќерки за нивните синови и им служеа на нивните богови. {3:7} И Израелевите синови правеа она што не му беше по волја на Господа. Го заборавија Господа, својот Бог, за да им служат на Ваал и на астартите. {3:8} Тогаш Господ пламна со гнев на Израел, и ги предаде во рацете на Хусан-Рисатаим, едомски цар, и му служеа на Хусан-Рисатаим осум години. {3:9} Тогаш Израелците извикаа кон Господа, и Господ им воздигна избавител, Готонил,Кенезовиот син, помлад Халевов брат, за да ги ослободи. {3:10} Господовиот Дух слезе на него, и тој му стана судија на Израел. И го поведе Израел во бој. Господ му го предаде во рацете Хусан-Рисатаим, едомскиот цар, и тој го победи Хусан-Рисатаима. {3:11} Оттогаш земјата беше во мир четириесет години. И почина Готонил, Кенезовиот син. {3:12} Израелците почнаа пак да прават она што е зло во Господовите очи. Затоа Господ му даде на Еглон, моавскиот цар, сила над Израел, зашто правеа што е зло пред Господа. {3:13} Еглон се обедини со Амоновите и со Амаликовите синови, тргна против Израел,го порази и го освои Палминиот Град. {3:14} Израелевите синови му служеа на моавскиот цар Еглон осумнаесет години. {3:15} Тогаш Израелците извикаа кон Господа, и Господ им подигна избавител - Аод, син на Гира од Венијаминовото племе, човек кој беше левичар. И го испратија Израелците да му однесе данок на Еглона, моавскиот цар. {3:16} А Аод си направи меч со две острила, долг еден лакот, и го опаша под облеката покрај десното бедро, {3:17} И го однесе данокот на Еглона, моавскиот цар. Еглон беше многу дебел. {3:18} Откако го предаде данокот, Аод си отиде со луѓето, кои го беа донесле данокот. {3:19} Но кога дојде до извајаниот кип во близина на Галгал, се врати и рече: „Цару, имам да ти кажам една тајна!” Царот му одговори: „Тивко!” И сите што беа покрај него излегоа. {3:20} Аод влезе. Царот седеше во ладната горница; беше сам. Аод му рече: „Цару, имам за тебе слово од Бога!” Тој веднаш стана од престолот. {3:21} Тогаш Аод го истрга со левата рака мечот од десното бедро и му ја прободе утробата. {3:22} Целата рака влезе со сечилото, и салото се склопи над острилото, зашто Аод не можеше да го извлече сечилото од утробата. Оттаму излезе нечистота. {3:23} Аод си отиде низ тремот; зад себе ја затвори вратата на горната соба и ја заклучи. {3:24} Кога тој си отиде, слугите се вратија за да погледаат. Бидејќи вратата на горната соба беше заклучена, рекоа: „Без сомнение отиде настрана, во клетот до ладната соба.” {3:25} Го чекаа долго време, со двоумење, зашто тој не ја отвори вратата на горницата. Најпосле зедоа клуч и отворија: нивниот господар лежеше на земјата, мртов. {3:26} Додека тие чекаа, Аод избега, ги замина веќе вајаните кипови и се засолна во Сеирот. {3:27} Штом дојде во Израелевата Земја, затруби во рог на Ефремовата Гора; и Израелевите синови слегоа со него од гората, а тој им стоеше на чело. {3:28} И им рече: „Врвете по мене! Господ ви ги предаде во рацете Моавците, вашитенепријатели.” Тие тргнаа по него, им го затворија на Моавците патот преку бродовите на Јордан и не оставија никого да премине. {3:29} Погубија во тоа време околу десет илјади Моавци, сè крупни и храбри луѓе, и ниеден не им избега. {3:30} Во тој ден Моавците потпаднаа под Израелева рака, и земјата беше мирна осумдесет години. {3:31} По него беше Самегар, синот Анатов. Тој погуби шест стотини Филистејци со воловски остен. Така и тој го избави Израел. {4:1} По смртта на Аод, Израелевите синови пак почнаа да прават што не Му беше на Господа по волја, {4:2} и Господ ги предаде во рацете на Јавин, ханаанскиот цар кој владееше во Асор.Воен началник на неговата војска беше Сисара, кој живееше во незнабожечкиот Аросет. {4:3} Тогаш Израелевите синови извикаа кон Господа. Зашто Јавин имаше шест стотини железни бојни коли, и тешко ги угнетуваше Израелците дваесет години. {4:4} Во тоа време на Израел му судеше пророчицата Девора, жената Лафидотова. {4:5} Живееше под Деворината Палма меѓу Рама и Ветил во Ефремовата Гора, и Израелците доаѓаа кај неа за да им пресудува во нивните спорови. {4:6} Таа го повика Варака, синот Авинеемов, од Нефталимовиот Кадес, и му рече: „Еве што ти заповеда Господ, Израелевиот Бог: ‘Оди, тргни на гората Тавор и земи со себе десет илјади луѓе од Нефталимовите и Завулоновите синови. {4:7} Јас ќе го привлечам кон тебе, на Кисонскиот Поток, Сисара, војсководачот на Јавиновата војска, со неговите бојни коли и со сите војници, па ќе ги предадам во твоите раце.’” {4:8} Варак и одговори: „Ако дојдеш ти со мене, ќе одам; ако не дојдеш со мене, не одам.” {4:9} ”Идам со тебе - му рече таа - но на патот по кој ќе тргнеш славата не ќе ти припадне тебе, зашто Господ ќе го предаде Сисара во раце на жена.” Тогаш Девора стана и тргна со Варака во Кадес. {4:10} Онаму Варак ги повика Завулона и Нефталима. Десет илјади луѓе тргнаа со него, а и Девора одеше со нив. {4:11} Кенеецот Хевер беше се одвоил од Кенеј, еден од синовите на Овав, Мојсеевиот дедо; го оптегна својот шатор кај Дабот во Занаим, недалеку од Кадес. {4:12} Му јавија на Сисара дека Варак, синот Авинеемов, излегол на гората Тавор. {4:13} Сисара ги собра сите свои бојни коли, девет стотини железни коли, и сите луѓе што ги доведе од незнабожечкиот Аросет до Кисонскиот Поток. {4:14} Девора му рече на Варака: „Стани, еве го денот кога Господ ќе го предаде Сисара во твои раце! Самиот Господ оди пред тебе!” И Варак слезе од гората Таворсо десет илјади луѓе со себе. {4:15} Господ ги заплаши Сисара, сите негови бојни коли и целата негова војска, која почна да бега пред Вараковиот меч. Сисара слезе од својата кола и избега пеш. {4:16} Варак ги гонеше колите и војската сè до незнабожечкиот Аросет. Сета Сисерина војска падна од остар меч, и ниеден човек не избега. {4:17} Дотогаш Сисара бегаше пеш кон шаторот на Јаила, жената на Кенеецот Хевер, зашто меѓу Јавин, асорскиот цар, и куќата на Кенеецот Хевер беше мир. {4:18} Јаила му излезе во пресрет на Сисара и му рече: „Застани, господару, дојди кај мене. Не бој се од ништо!” Тој се врати кај неа под шаторот, а таа го покри со покривка. {4:19} Тој и рече: „Дај ми малку вода, зашто сум жеден.” Таа отвори мев со млеко, го напои и пак го покри. {4:20} ”Застани при влезот на шаторот - и рече тој, - па ако некој намине и те праша: ‘Дали има некој?’ ти одговори: ‘Нема!’ {4:21} А Јаила, Хеверовата жена, го зеде шаторскиот кол и чук во рацете, му се приближи тивко и му го прикова колот низ слепоочниците така што се закачи во земјата. Тој беше заспал цврсто од исцрпеност, и така умре. {4:22} И ете, дојде Варак гонејќи го Сисара. Јаила излезе пред него и му рече: „Дојди да ти го покажам човекот кого го бараш.” Тој влезе при неа, и ете - Сисара лежеше мртов, со кол низ слепоочниците. {4:23} Така Господ го покори, во оној ден, Јавина, ханаанскиот цар, пред Израелците. {4:24} Раката на Израелевите синови стануваше сè потешка над Јавина, ханаанскиот цар, додека најпосле не го истреби ханаанскиот цар. {5:1} Во тој ден Девора и Варак, синот Авиноамов, ја запеаја оваа песна: {5:2} ”Борбено ги растурија коските израелските борци; и народот тргна доброволно: Благословувајте Го Господа!” {5:3} ”Чујте, о цареви! Послушајте, кнезови! Јас му пеам песна на Господа, јас Го славам Господа, Израелевиот Бог.” {5:4} ”Господи, кога слегуваш од Сир, кога чекореше победнички низ Едомските Полиња, сета земја се тресеше, небесата лееја, облаците врнеа со дожд. {5:5} Горите се тресеа пред Тебе, о Господи, самиот Синај од присуството на Господа, Израелевиот Бог!” {5:6} ”Во деновите на Самегар, синот Анатов, во деновите на Јаила запустеа патиштата; и оние кои што патуваа, обиколуваа наоколу. {5:7} Водачите престанаа во Израел, престанаа додека не станав јас, Девора, додека не станав како мајка на Израел. {5:8} Си избраа туѓи богови и затоа војната им застана пред вратата. За пет градови немаше ни еден штит! Ниеден цар за четириесет илјади во Израел! {5:9} Моето срце чука за израелските водачи, за народот што доброволно тргнува во бој! Благословувајте Го Господа!” {5:10} ”Вие, кои јавате на бели ослици, седејќи на меки постелки, и вие кои одите по патиштата, пејте, {5:11} покрај извиците на развеселените пастири кај поилата. Нека бидат славени Господовите добротворства и Неговото владеење со Израел! И Господовиот народ слезе на вратата.” {5:12} ”Разбуди се, Деворо, стани! Стани, запеј песна! Храбро, стани, Вараку, води ги во робје своите поробувачи, сине Авиноамов!” {5:13} ”Тогаш слезе остатокот од луѓето против благородните: Господ слезе со мене против крепките. {5:14} Од Ефрема затекоа кон долината, по нив, Венијамин стигна меѓу твоите. Од Махир настапуваат началниците, од Завулон оние што носат заповеднички жезал. {5:15} Исахаровите кнезови беа со Девора, и Исахар, исто, тргна со Варака, побрза да го стигне во долината. Кај Рувимовите Потоци се советуваат долго. {5:16} Зошто остана меѓу трлата за да ги слушаш блеењата на стадата? Кај Рувимовите Потоци се советуваа долго. {5:17} Галад мируваше отаде Јордан. А зошто е Дан на туѓински бродови? Зошто Асир седи на брегот на морето? и мируваше во своите пристаништа? {5:18} Завулон е народ што и ја вети душата на смртта, и Нефталим на висорамнините.” {5:19} ”Дојдоа цареви, војуваа, бој водеа ханаанските цареви, во Танаха, во Мегидската Вода, но не добија ни малку сребро. {5:20} Од небесните врвици војуваа, војуваа ѕвездите против Сисара. {5:21} Потокот Кисон ги одвлече, потокот Кедумим, поток Кисон. Цврсто гази, моја душо! {5:22} Тогаш се кршеа коњските копита, од трчањето, од трчањето на јунаците. {5:23} ’Проколнете го Мироз, - рече Господовиот Ангел, - проколнете ги, проколнете ги, неговите жители, зашто не Му дојдоа на помош на Господа, на помош на Господа со храбрите.’” {5:24} ”Благословена да е меѓу жените Јаила, жената на Кенеецот Хевер, нека биде славена меѓу жените во шаторите! {5:25} Тој побара вода, таа му даде млеко, во скапоцена чинија му даде кравја маст. {5:26} Со левата рака посегна по колот, а со десната по ковачкиот чук. Го удри Сисара, му ја расцепи главата, му ја продупчи, му ја скрши слепоочницата. {5:27} падна до нозете, се одвали, легна, и падна до нозете, се сруши; и каде падна, остана мртов.” {5:28} ”Низ прозорец гледа Сисарината мајка, низ прозорец наѕира, до решетката вика: ‘Колесницата не му се враќа долго: зошто им е толку бавна запрегата?’ {5:29} Најмудрата дворјанка и зборува, сама себе си одговара: {5:30} ’Плен најдоа па го делат: по девица на војник, по девица и по две, пленета разнобојна облека за Сисара, везена од двете страни, симната од плеќи на пленик!’” {5:31} ”Господи, така нека гинат сите Твои непријатели! А оние кои Те љубат нека бидат, како сонце, кога изгрева со сета своја сила!” {6:1} Пак Израелевите синови правеа што е зло во Господовите очи; и Господ ги предаде во рацете на Мадијамците за седум години. {6:2} Тешка беше раката на Мадијамците над Израел. За да им избегаат на Мадијамците, Израелците се засолнуваа во горските пукнатини, пештери и засолништа. {6:3} И кога Израелците ќе посееја, Мадијамците и Амаличаните и синовите на Исток доаѓаа против нив. {6:4} Откако ќе се настанеа на нивната земја, го уништуваа родот на земјата сè до Газа. Не му оставаа на Израел за да се прехрани ни овца ни коза, ни вол ни осле, {6:5} зашто доаѓаа со своите стада и со своите шатори во толкаво множество како скакулци; и тие и нивните камили беа безбројни; и одеа по Израелевата Земја за да ја запустат. {6:6} Така Мадијамците го фрлија Израел во голема беда, па Израелците извикаа кон Господа. {6:7} Кога Израелевите синови извикаа кон Господа заради Мадијамците, {6:8} Господ им испрати на Израелците пророк, кој им рече: „Вака вели Господ, Израелевиот Бог: ‘Јас ве изведов од Египет, ве избавив од Домот на Ропството. {6:9} Јас ве ослободив од рацете на Египетците и од рацете на вашите угнетувачи. Ги изгонив пред вас, ви ја дадов нивната земја, {6:10} и ви реков: „Јас сум Господ, ваш Бог. Не почитувајте ги боговите на Аморејците, во чија земја живеете. Но вие не го послушавте Мојот глас.” {6:11} Господов Ангел дојде и седна под дабот при Офра, што му припаѓаше на Јоас Авиезеров. Неговиот син Гедеон чукаше жито на гумното, за да го запази од Мадијамците. {6:12} И му се јави Господов Ангел и му рече: „Господ со тебе, храбар јунаку!” {6:13} Гедеон му одговори: „Ох, господару, ако е Господ со нас, зошто нè најде сè ова? Каде се сите оние Негови чудеса за кои ни раскажуваа нашите татковци, говорејќи: Не нè изведе ли Господ од Египет? А сега Господ нè остави, нè остави во рацете на Мадијамците.” {6:14} Тогаш Господ погледна кон него и му рече: „Оди со таа сила во тебе, и ќе го избавиш Израел од рацете на Мадијамците. Јас те испраќам тебе.” {6:15} ”Но, господару - Му одговори Гедеон - како ќе го избавам Израел? Мојот род е најмал во Манасиевото племе, а јас сум последен во куќата на мојот татко.” {6:16} Господ му рече: „Јас ќе бидам со тебе, па ќе ги победиш Мадијамците како еден човек.” {6:17} Гедеон Му рече: „Ако најдов милост во Твоите очи, дај ми знак дека Ти зборуваш со мене. {6:18} Не заминувај оттука додека не се вратам со дар и додека не го ставам пред Тебе.” А Тој одговори: „Ќе останам додека не се вратиш.” {6:19} Гедеон отиде, зготви јаре и пресни лебови од ефа брашно, стави месо во кошницата и чорба во грнчето па го донесе сè тоа под дабот. {6:20} Господовиот Ангел му рече: „Земи го месото и бесквасните лебови, стави ги на таа стена, а чорбата истури ја.” Тој направи така. {6:21} Господовиот Ангел го зеде жезалот што го држеше и со врвот ги допре месото и пресните лебови. Оган пламна од стената и ги спали месото и пресните лебови. Потоа Господовиот Ангел исчезна од пред неговите очи. {6:22} А Гедеон согледа дека тоа бил Господов Ангел и рече: „Ах, Господи! Го видов Господовиот Ангел лице во лице!” {6:23} Господ му одговори: „Мир со тебе! Не бој се, не ќе умреш!” {6:24} Гедеон Му подигна жртвеник на Господа на тоа место и го нарече Јахве Шалом (Господ на Мирот).” Тој стои до денес во Авиезеровата Офра. {6:25} Во истата ноќ Господ му рече: „Земи од татка си згоен јунец, седумгодишен јунец, и разурни го Вааловиот жртвеник, и исечи ги Ашерите покрај него. {6:26} Потоа подигни Му жртвеник на Господа, твојот Бог, на врвот на таа горска стена и уреди го добро. Земи го јунецот и принеси паленица на дрвата на Ашерите што ќе ги исечеш во горичката.” {6:27} Тогаш Гедеон зеде десет луѓе од своите слуги и направи како што му заповеда Господ. Но бидејќи се плашеше од своето семејство и од граѓаните - го направи тоа ноќе. {6:28} Кога граѓаните поранија утреден - а тоа: разурнат Вааловиот жртвеник и исечени Ашерите покрај него, а јунец жртвуван како паленица на нов олтар. {6:29} И се прашуваа едни други: „Кој го направи тоа?” Испитаа, истражија па рекоа: „Гедеон, Јоасовиот син, го направи тоа.” {6:30} Тогаш граѓаните му рекоа на Јоас: „Изведи го синот за да умре, зашто го разурна Вааловиот жртвеник и ги исече Ашерите покрај него.” {6:31} Јоас им одговори на сите кои стоеја околу него: „Зар вие ќе го браните Ваала? Зар вие ќе го спасувате? Кој го брани Ваала ќе биде погубен пред утрешниот ден. Ако е тој бог, нека се брани самиот од Гедеона, зашто му го разурнал жртвеникот.” {6:32} Во тој ден го нарекоа Гедеона: Јеровал, зашто се зборуваше: „Самиот Ваал нека се пресмета со него, зашто му го разурна жртвеникот.” {6:33} Сите Мадијамци, Амаликци и синовите на Исток се собраа, и откако го поминаа Јордан, се влогорија во Езраелската Долина. {6:34} Господовиот Дух го укрепи Гедеона, и тој затруби во рог, и Авиезеровиот род застана зад него. {6:35} Тој испрати гласници низ целото Манасиево племе, па и тие застанаа зад него. Испрати вестители и во племето Асирово, Завулоново и Нефталимово, па и тие им тргнаа во пресрет. {6:36} Гедеон Му рече на Бога: „Ако навистина сакаш да го ослободиш Израел со мојата рака, како што вети, {6:37} еве ќе сложам овчо руно на гумно: ако има роса само на руното, а ако земјата остане сува, тогаш ќе знам дека со мојата рака ќе го избавиш Израел, како што вети.” {6:38} И бидна така. Гедеон порани утреден па исцеди роса од руното - полна кофа вода. {6:39} Пак Гедеон Му рече на Бога: „Не разгневувај се на мене, дека ќе Ти проговорам уште еднаш. Дозволи ми уште овој пат да се обидам со руното: само руното нека биде суво, а росата нека биде по сета земја!” {6:40} И Бог направи така во онаа ноќ: само руното остана суво, а росата падна по сета земја. {7:1} Порани Јеровал, односно Гедеон, и сиот народ што беше со него, и се влогорија кај изворот Арод, а логорот на Мадијамците се наоѓаше на север од неговиот, во подножјето на брегот Море, во долината. {7:2} Тогаш Господ му рече на Гедеона: „Премногу народ е со тебе, а за да ги предадам Мадијамците во нивните раце, зашто Израел би можел да се возгордее пред Мене и да рече: ‘Сопствената рака ме избави.’ {7:3} Затоа разгласи за да чуе народот: ‘Кој се бои и стравува, нека се врати од Галадската Гора.’” Гедеон ги испита: дваесет и две илјади луѓе од народот се вратија, а останаа десет илјади. {7:4} Господ му рече на Гедеона: „Уште е премногу народ. Поведи ги на вода, и таму ќе ги испитам. За кого ќе ти речам: ‘Нека оди со тебе,’ тој ќе дојде со тебе. А за кого ќе ти речам: ‘Нека не иде со тебе,’ тој не ќе дојде.” {7:5} Гедеон го поведе народот на вода, и Господ му рече: „Кој ќе лока вода со јазикот како што лока кучето, оддели го настрана, кој ќе клекне да пие, одвои го на другата страна.” {7:6} Оние што локаа вода со јазикот од раката, принесена до устата, беа триста, а сиот друг народ клекна за да пие. {7:7} Тогаш Господ му рече на Гедеона: „Со оние триста луѓе, кои локаа вода, Јас ќе ве избавам, и ќе ги предадам Мадијамците во вашите раце. Сите други нека се вратат, секој во своето место.” {7:8} И тогаш тие ги зедоа од луѓето храната и роговите за трубење, а Гедеон ги отпушти Израелците, секој во неговиот шатор; ги задржа само оние три стотини мажи. А логорот на Мадијамците беше подолу од него, во долината. {7:9} Во онаа ноќ Господ му рече: „Стани, нападни го логорот, зашто ти го предавам во рацете. {7:10} Ако се боиш да нападнеш, најнапред слези во логорот со твојот слуга Фура; {7:11} слушај што зборуваат; ќе се охрабриш и ќе го нападнеш логорот.” Тој слезе со својот слуга Фура до првите стражари на логорот. {7:12} Мадијамците, Амаликците и сите синови на Исток се расположија по долината, многубројни како скакулци; безбројни беа нивните камили, како песок на брегот на морето. {7:13} Кога Гедеон дојде, а тоа еден точно му раскажуваше на својот другар што сонувал: „Сонував како погача јачменов леб се тркала во мадијамскиот логор: се дотркала до еден шатор и го погоди, а шаторот падна, се преврти.” {7:14} А другиот му одговори: „Не е тоа друго туку мечот на Гедеона, синот Јоасов, Израелец. Бог му ги предаде во рацете Мадијамците и сиот логор.” {7:15} Кога Гедеон чу како оној го раскажа сонот и како другиот го протолкува, се поклони пред Господ; па се врати во Израелевиот логор и извика: „Станете, зашто Господ ви го предаде во рацете Мадијамскиот логор.” {7:16} Тогаш Гедеон ги подели своите триста луѓе во три одреди. На секој човек му даде во раката рог за трубење, празна врчва и запалена борина во врчвата: {7:17} ”Гледајте ме - им рече, - и правете што ќе правам и јас! Кога ќе дојдам на работ на логорот, правете што ќе правам и јас! {7:18} Кога ќе затрубам во рогот, јас и сите кои се со мене, тогаш трубете и вие во рогот околу сиот логор и викајте: ‘За Господа и за Гедеона!’” {7:19} Гедеон и стотина луѓе, кои го придружуваа, дојдоа до работ на логорот, при почнување на средната (ноќна) стража: туку што ги поставија стражите, тие затрубија во роговите и ги скршија врчвите што ги имаа во рацете. {7:20} Така трите одреди затрубија во роговите: во левата рака ги држеа запалените борини, а со десната роговите за да трубат, и почнаа да викаат: „За Господа и за Гедеона!” {7:21} И секој стоеше неподвижно на своето место околу логорот. Тогаш сиот логор се разбуди, и Мадијамците, викајќи почнаа да бегаат. {7:22} Додека оние три стотини трубеа во роговите, Господ направи па тие во логорот го свртија мечот еден против друг. И сета војска се разбега до Вет-Асет, кон Зерерат, до Авел-Меолскиот Брег кај Тават. {7:23} А Израелците од коленото Нефталимово и Асирово и од сето Манасиево колено се собраа и ги подгонија Мадијамците. {7:24} Гедеон испрати вестители по целата Ефремова Гора да зборуваат: „Слезете пред Мадијамците и заземете ги пред нив сите градови до Вет-Вара и до Јордан.” Сите луѓе од Ефремовото племе се одѕваа и ги зазедоа бродовите на водата до Вет-Вара и до Јордан. {7:25} И фатија два мадијамски кнеза, Орива и Зива; Орива го убија на Сур-Орива (Оривовата Стена), а Зива кај Јакев-Зива (Зивова Теснина). Ги гонеа Мадијамците и му ги донесоа на Гедеон главите на Орива и Зива оттаде Јордан. {8:1} Тогаш Ефремовите луѓе му рекоа на Гедеона: „Како постапи со нас: не нè повика кога тргна во бој против Мадијамците?” И му приговорија жестоко. {8:2} Тој им одговори: „Па што сум направил јас кога ќе се споредам со вас? Не е ли Ефремовото дособирање подобро од Авиезеровиот гроздобер? {8:3} Господ ги предаде во вашите раце мадијамските кнезови Орива и Зива. Може ли да се споредува моето дело со она што го направивте вие?” На тие зборови стивна нивниот гнев против него. {8:4} Кога Гедеон дојде до Јордан, го помина, но тој и трите стотини луѓе, со него, беа изнемоштени и гладни. {8:5} Затоа им рече на луѓето од Сокхот: „Дајте им леб на луѓето кои одат по мене, изнемоштени се. Јас ги гонам Зевеја и Салмана, мадијамските цареви.” {8:6} Но сокхотските главатари му одговорија: „Зар Зевеевата и Салмоновата рака веќе се во твојата рака, за да и дадеме леб на твојата војска?” {8:7} Гедеон им рече: „Добро! Кога Господ ќе ми ги предаде во рацете Зевеја и Салмана, ќе ви го раскинам телото со трње и со пустински глогови.” {8:8} Оттаму отиде во Фануил и побара исто од Фануилците, а тие му одговорија како што му одговорија и Сокхотците. {8:9} Тој им се закани и на Фануилците: „Кога ќе се вратам како победник, ќе ви ја разрушам оваа кула.” {8:10} Зевеј и Салман беа во Каркор, и нивната војска со нив, околу петнаесет илјади луѓе, што беа оставени од војската на синовите на Исток; сто и дваесет илјади војници паднаа. {8:11} Гедеон тргна по патот на оние што живеат под шатори, источно од Нова и Јогвеја, па ја порази војската што стоеше безгрижно. {8:12} Зевеј и Салман избегаа. Тој ги подгони и ги фати двата мадијамски цареви, Зевеј и Салман. А сета војска им ја уништи. {8:13} По битката Гедеон, синот Јоасов, се врати од војна преку Хереската Нагорница. {8:14} И фати еден млад човек од Сокхот па почна да го распрашува; а тој му ги напиша имињата на сокхотските кнезови и старешини, седумдесет и седум луѓе. {8:15} Потоа Гедеон отиде кај Сокхотците и рече: „Еве ги Зевеј и Салман заради кои ми се потсмевнувавте мене, велејќи: ‘Дали се Зевеевата и Салмоновата рака веќе во твојата рака па да им дадеме леб на твоите изнемоштени луѓе?’” {8:16} Ги фати градските старешини, набра пустински трња и глогови, и ги казни со нив Сокхотците. {8:17} Ја разурна Фануилската Кула и ги погуби жителите. {8:18} Тогаш им рече на Зевеј и Салман: „Какви беа луѓето кои ги погубивте на Тавор?” „Личеа на тебе, - одговорија. - Секој беше како царски син.” {8:19} ”Тоа беа мои браќа, синови на мајка ми - рече Гедеон - Господ е жив! Ако ги оставевте во живот, јас не би ве убил.” {8:20} Потоа му заповеда на својот првенец Етер: „Стани, погуби ги!” Но детето не извлече меч: се боеше, уште беше младо. {8:21} Тогаш Зевеј и Салман рекоа: „Стани ти и нападни нè зашто каков е човекот, таква му е и силата.” И откако стана, Гедеон ги погуби Зевеја и Салмана, и ги зеде месечинките украси што висеа на вратот на нивните камили. {8:22} Израелците му рекоа на Гедеона: „Владеј над нас, ти и твојот син и твојот внук, зашто ти нè избави од Мадијамците.” {8:23} Но Гедеон им одговори: „Не, не сакам да владеам над вас, а ни мојот син; Господ ќе биде ваш владетел.” {8:24} Уште им рече Гедеон: „Само едно барам од вас: секој да ми го даде прстенот од својот плен.” Победените носеа златни прстења, зашто беа Исмаилци. {8:25} ”Со радост”, одговорија тие. Тогаш тој го распростре својот плашт, и секој од нив фрли по прстен од својот плен. {8:26} Тежината на златните прстења што ги побара изнесуваше илјада и седум стотини златни сикли; освен месечињата, наушниците и облеките од црвено сукно што ги носеа мадијамските цареви, и освен веришките што беа околу вратот на нивните камили. {8:27} Гедеон направи од тоа ефод и го постави во својот град Офра. И сиот Израел блудно одеше таму по него; и тоа им беше стапица на Гедеона и на неговиот дом. {8:28} Така Мадијамците беа покорени под Израелците. Веќе не ја креваа главата, и земјата беше мирна четириесет години, додека живееше Гедеон. {8:29} Јеровал, синот Јоасов, отиде и живееше во својата куќа. {8:30} Гедеон имаше седумдесет синови, кои потекнуваа од него, зашто имаше многу жени. {8:31} Неговата наложница, која што живееше во Сихем, му роди син, кому му го даде името Авимелех. {8:32} Гедеон, синот Јоасов, умре во длабока старост; го погребаа во гробот на татка му Јоас во Авиезерова Офра. {8:33} По Гедеоновата смрт, Израелците пак почнаа да одат блудно по вааловците, па си го поставија за бог Ваал-Верит. {8:34} Израелците веќе не си спомнуваа за Господа, својот Бог, кој ги избави од рацете на сите нивни непријатели наоколу. {8:35} И не му искажуваа благодарност на домот на Јеровал, Гедеон, за доброто што му го направи на Израел. {9:1} Авимелех, синот Јеровалов отиде во Сихем при браќата на мајка си и им рече ним и на сиот дом на својата мајка: {9:2} „Прашајте ги сите сихемски граѓани: ‘Што ви е подобро, над вас да владеат седумдесет луѓе, сите Јеровалови синови, или еден човек?’ Спомнете си дека јас сум од вашето тело и од вашите коски!” {9:3} Браќата на неговата мајка им го пренесоа тоа на другите сихемски граѓани, и нивното срце се приклони кон Авимелеха, зашто зборуваа: „Наш брат е!” {9:4} И му дадоа седумдесет сикли сребро од храмот Вал- Веритов; со тоа Авимелех најми расипаници и ништожници, кои тргнаа по него. {9:5} Тогаш дојде во домот на татка си во Офра, и ги погуби своите браќа, Јероваловите синови, седумдесет луѓе, на еден камен. Му избега само Јотам, најмладиот Јеровалов син, зашто се беше скрил. {9:6} Тогаш се собраа сите сихемски граѓани и сиот Милов дом па го поставија Авимелеха за цар кај дабот што стои во Сихем. {9:7} Кога му раскажаа за тоа на Јотам, тој отиде и застана на врвот на гората Гаризин и им извика со сиот глас: „Чујте ме сихемски жители, и Бог ќе ве послуша вас! {9:8} Еднаш тргнале дрвата за да помазат цар кој ќе владее над нив. Па и рекоа на маслинката: ‘Биди ни цар!’ {9:9} Маслинката им одговори: ‘Зар да се одречам од своето масло, што им е на чест на Бог и на луѓето за да владеам над другите дрва?’ {9:10} Тогаш дрвата и рекоа на смоквата: ‘Дојди, биди ни цар!’ {9:11} Смоквата им одговори: ‘Зар да се откажам од слаткоста и од својот красен плод за да владеам над другите дрва?’ {9:12} Тогаш дрвата и рекоа на лозата: ‘Дојди, биди ни цар!’ {9:13} Лозата им одговори: ‘Зар да се одречам од виното што ги весели Бог и луѓето за да владеам над другите дрва?’ {9:14} Тогаш сите дрва му рекоа на трнот: ‘Дојди, биди ни цар!’ {9:15} А трнот им одговори на дрвата: ‘Ако навистина сакате да ме помажете за цар засолнете се под мојата сенка; ако не сакате, оган ќе пламне од трнот и ќе ги изгори сите ливански кедри.’” {9:16} ”И така, дали постапивте според вистината и правдата кога го избравте Авимелеха за цар? Дали се однесовте добро кон Јеровоал и кон неговиот дом? Дали му возвративте за делата што ги направи за вас? {9:17} Мојот татко се бореше за вас, изложувајќи го својот живот, па ве избави од рацете на Мадијамците, {9:18} а вие денес станавте против домот на татка ми; ги погубивте неговите синови - седумдесет луѓе на ист камен, и го направивте цар, нас жителите на Сихем, Авимелех, синот на неговата робинка, затоа што е ваш брат! {9:19} Ако денес постапевте според вистината и според правдата со Јеровоал и со неговиот дом, радувајте се со Авимелеха, а тој нека се радува со вас! {9:20} Ако не - оган нека излезе од Авимелеха и нека ги изгори жителите на Сихем и сиот Бет-Мило (Дом на Мило), и нека излезе оган од граѓаните на Сихем и од Миловиот дом и нека го изгори Авимелеха!” {9:21} Тогаш Јотам избега, се засолна и дојде во Вир, и остана таму, зашто се боеше од брата си Авимелеха. {9:22} Авимелех царуваше над Израел три години. {9:23} Тогаш Господ испрати дух на раздор меѓу Авимелеха и сихемските жители, и сихемските граѓани се побунија против Авимелеха, {9:24} за да биде одмазден, на тој начин, злосторот направен над седумдесетте Јеровалови синови и за да падне нивната крв на нивниот брат Авимелех, кој ги погуби, и на жителите на Сихем, кои му помогнаа да ги убие браќата. {9:25} Сакајќи да му напакостат, сихемските жители поставија заседи по планинските врвови и го ограбуваа секого, кој би поминал покрај нив по оној пат. Му го јавија тоа на Авимелеха. {9:26} Гал, синот Еведов, дојде со своите браќа и се насели во Сихем; а сихемските жители имаа доверба во него. {9:27} Откако отидоа во полето, во своите лозја, собираа грозје и го газеа, а потоа почнаа со веселба; влегоа во храмот на својот бог, јадеа, пиеја и го проколнуваа Авимелеха. {9:28} А Гал, синот Еведов, извика: „Кој е Авимелех за да му служиме? Зар не би требало Јероваловиот син и неговиот заменик Зевул да им служат на луѓето на Емор, Сихемовиот татко? Зошто ние да му служиме нему? {9:29} О, кога би го имал овој народ во својата рака, би го протерал Авимелеха и би му рекол: ‘Зголеми ја својата војска и излези во бој!’” {9:30} А кога градскиот началник, Зевул, научи што зборувал Гал, синот Еведов, се разгневи. {9:31} Им испрати гласници на Авимелех и на Арум и им порача: „Еве, Гал, синот Еведов, дојде во Сихем, со своите браќа, и ги бунтува граѓаните против тебе. {9:32} Затоа стани ноќе, ти и народот што е со тебе, и застани во заседа во полето. {9:33} А наутро, кога ќе изгрее сонцето, стани и удри на градот. Кога Гал и неговите луѓе ќе излезат пред тебе, ти направи со нив како што ќе можеш со твојата рака.” {9:34} Авимелех стана ноќе, со сите свои луѓе, и постави заседа околу Сихем во четири одреди. {9:35} Кога Гал, синот Еведов, излезе пред градската врата и застана, Авимелех и неговите луѓе се појавија од заседата. {9:36} Гал ги здогледа луѓето и му рече на Зевула: „Ене слегуваат луѓе од горските врвови.” А Зевул му одговори: „Од сенките на планинските врвови ти се причинуваат луѓе.” {9:37} Гал проговори пак: „Ене слегуваат луѓе од возвишението, а една чета доаѓа по патот од дубравата Меоним.” {9:38} Тогаш Зевул му рече: „Каде ти е сега јазикот? Па ти зборуваше: ‘Кој е Авимелех за да му служиме?’ Не се ли онаму луѓето што ти ги презре? Излези сега и биј се со Авимелех!” {9:39} И Гал излезе на чело на сихемските жители и се судри со Авимелех. {9:40} Авимелех го подгони Гала, и тој побегна пред него; и многу негови луѓе паднаа убиени, до самата градска врата. {9:41} Авимелех тогаш се врати во Арума, а Зевул ги истера Гала и неговите браќа, за да не живеат во Сихем. {9:42} Утреден народот излезе во поле, и му го соопштија тоа на Авимелех. {9:43} Тој ја зеде својата војска, ја подели во три одреди и постави заседа во полето. Кога ќе видеше како луѓето излегуваат од градот, се нафрлаше врз нив и ги погубуваше. {9:44} Додека Авимелех, со својот одред, удираше кај градската врата, другите два одреди се нафрлија врз оние кои беа во полето, и така ги погубија. {9:45} Авимелех го опсадуваше градот цел ден. Откако го зазеде, ги погуби сите жители; го разурна градот и посеа сол по него. {9:46} Кога го чуја тоа господарите на Мигдал Сихем, влегоа сите во утврдениот простор на храмот Вал-Верит. {9:47} Кога Авимелех научи дека сите жители на Мигдал-Сихем се собрале таму, {9:48} се искачи на Салмонската Гора со сета своја војска. Откако зеде секира во раката, отсече гранка од дрво, ја крена и ја стави на рамото. А на луѓето им заповеда: „Што видовте дека направив јас, направете брзо и вие.” {9:49} И сите луѓе пресекоа по гранка за себе, а потоа тргнаа по Авимелеха, ги нафрлија гранките пред тврдината и ја запалија со оган со нивна помош. Така умреа сите луѓе на Мигдал Сихем (Сихемска Тврдина), околу илјада мажи и жени. {9:50} Потоа Авимелех тргна против Тевес, го опседна и го освои. {9:51} Таму имаше, среде град, стражарница, каде се засолнаа сите мажи и жени и сите градски жители. Откако ја затворија вратата зад себе, се искачија на покривот на стражарницата. {9:52} Авимелех дојде до стражарницата и ја нападна. Додека и пристапуваше на вратата за да ја изгори со оган, {9:53} една жена му фрли млински камен на главата и му го скрши черепот. {9:54} Тој го повика брзо својот слуга, оружјеносецот, и му рече: „Истргај го мечот и убиј ме за да не се зборува за мене: ‘Жена го уби!’” Неговиот слуга го прободе, па тој умре. {9:55} Кога Израелците видоа дека Авимелех е мртов, сите се вратија во своите места. {9:56} Така Бог му плати на Авимелеха за злото што тој му го стори на татка си, убивајќи седумдесет свои браќа. {9:57} И сите зли дела на сихемските мажи Бог ги сврте врз нивните глави. И така ги стигна проклетството на Јотам, синот Јеровалов. {10:1} По Авимелеха стана Тола, синот Фуев, син Додов, за да го избави Израел. Тој беше од Исахаровото племе, а живееше во Самир, во Ефремовата Гора. {10:2} Му беше судија на Израел дваесет и три години, а кога умре, го погребаа во Самир. {10:3} По него стана Галатецот Јаир, кој му беше судија на Израел дваесет и две години. {10:4} Имаше триесет синови, кои јаваа на триесет ослиња и имаа триесет градови, што се наречени до денешен ден Јаирови Села, а се наоѓаат во Галадската Земја. {10:5} Кога умре Јаир, го закопаа во Камон. {10:6} Израелевите синови продолжија да прават зло пред Господовите очи. Им служеа на ваалите и на астартите, на арамејските богови и на сидонските богови, на боговите на Моавците и на боговите на Филистејците. А Го напуштија Господа и веќе не Му служеа. {10:7} Тогаш Господ пламна со гнев и ги предаде во рацете на Филистејците и Амонците. {10:8} Оттогаш тие ги угнетуваа и ги измачуваа Израелците осумнаесет години - сите Израелци кои живееја отаде Јордан, во Аморејската Земја, што е во Галад. {10:9} Потоа Амонците поминаа преку Јордан за да завојуваат и против Јуда и Венијамин, и против Ефремовиот дом, па Израел се најде во голема неволја. {10:10} Тогаш Израелевите синови извикаа кон Господа, велејќи: „Грешевме кон Тебе зашто Го оставивме Господа, нашиот Бог, за да им служиме на ваалите.” {10:11} А Господ им одговори на Израелците: „Нели ве угнетуваа Египетците и Аморејците, Амонците и Филистејците, {10:12} Сидонците, Амаликците и Маонците? Но кога извикавте кон Мене, нели ве избавив од нивните раце? {10:13} А вие ме оставивте Мене и почнавте да им служите на други богови. Заради тоа не ќе ве избавам веќе. {10:14} Одете и викајте им за помош на оние богови што сте ги избрале! Тие нека ве избават од вашата неволја!” {10:15} Израелевите синови Му одговорија на Господа: „Согрешивме! Прави со нас што Ти е угодно, само избави нè денес!” {10:16} И ги отстранија туѓите богови и почнаа пак да му служат на Господа. А Господ веќе не можеше да трпи Израелците да патат. {10:17} Кога Амонците се собраа и се влогорија во Галад, се собраа и Израелците и се влогорија во Миспа. {10:18} Тогаш народот и галадските началнци си рекоа едни на други: „Кој човек ќе нè поведе во бој против Амонците, нека биде началник на сите жители на Галад.” {11:1} Галадецот Јефтај беше храбар војник. Блудница го роди, а татко му беше Галад. {11:2} Но на Галад и на неговата жена им се родија синови, па кога пораснаа синовите на жената, го избркаа Јефтаја, велејќи му: „Не ќе добиеш наследство од нашиот татко, зашто си син на жена туѓинка.” {11:3} Затоа Јефтај побегна од своите браќа и се насели во земјата Тов. Таму, околу него се собра група бескуќници, кои пљачкосуваа со него. {11:4} По некое време Амонците завојуваа против Израел. {11:5} Кога Амонците го нападнаа Израел, галадските старешини тргнаа да го бараат Јефтаја во земјата Тов. {11:6} ”Дојди - му рекоа - биди ни војвода, да војуваме против Амонците.” {11:7} Но Јефтај им одговори на галадските старешини: „Нели вие ме мразевте и нели ме изгонивте од куќата на татка ми? Зошто доаѓате сега при мене, а кога сте во неволја?” {11:8} Галадските старешини му рекоа на Јефтај: „Затоа дојдовме при тебе: дојди со нас, поведи војна против Амонците, и ќе ни бидеш главатар нам и на сите во Галад.” {11:9} Јефтај ги праша галадските старешини: „Ако ме одведете назад за да војувам против Амонците, па ако Господ ми ги предаде мене, ќе бидам ли ваш главатар?” {11:10} ”Господ нека биде сведок меѓу нас - му одговорија на Јефтаја градските старешини - дека ќе постапиме според твоето слово!” {11:11} И Јефтај отиде со старешините на Галад. Народот го постави за свој главатар и војвода; а Јефтај ги повтори сите свои услови пред Господа во Миспа. {11:12} Тогаш Јефтај му испрати пратеници на царот на Амонците со порака: „Што има меѓу тебе и мене па си дошол да војуваш против мојата земја?” {11:13} Царот на Амонците им одговори на Јефтаевите посланици: „Во времето кога излегуваше од Египет, Израел ја зазеде мојата земја од Арнон до Јавок и до Јордан. Затоа сега врати ми ја доброволно!” {11:14} Јефтај повторно му испрати пратеници на царот на Амонците, {11:15} и му порача: „Вака зборува Јефтај: ‘Израел не зеде ни моавска ни амонска земја, {11:16} туку, откако излезе од Египет, Израел помина преку пустината до Црвеното Море и дојде до Кадис. {11:17} Тогаш Израел му испрати пратеници на едомскиот цар со молба: Сакам да поминам низ твојата земја! Но едомскиот цар не ги послуша. Ги испрати и при моавскиот цар, но и тој не сакаше, та Израел остана во Кадис. {11:18} Потоа преку пустината ги заобиколи Едомската и Моавската Земја и дојде на исток од Моавската Земја. Народот постави логор од онаа страна на Арнон не преминувајќи ја границата на Моав, зашто Арнон беше моавска меѓа. {11:19} Потоа Израел му испрати пратеници на Сион, аморејскиот цар, кој владееше во Есевон, и му порача: „Пушти ме да поминам низ твојата земја до местото што ми е одредено.” {11:20} Но Сион не го пушти Израел да помине преку неговото подрачје, туку ја собра сета своја војска, што беше влогорена во Јаса и зафати бој со Израел. {11:21} Господ, Израелевиот Бог, ги предаде Сиона и сета негова војска во рацете на Израел, кој ги порази; та Израел ја завладеа сета земја на Аморејците, кои го населуваа тоа подрачје. {11:22} Така ја завладеа сета земја на Аморејците од Арнон до Јавок, и од пустината до Јордан. {11:23} И сега кога Господ, Израелевиот Бог, ги протера Аморејците пред Својот народ Израел, ти би сакал да нè избркаш? {11:24} Зар не е твое она што твојот бог Хемос им го одзеде на старите сопственици? Така и сè она што Господ, нашиот Бог, им го одзеде на старите сопственици, ние го имаме сега во сопственост! {11:25} Во што си ти подобар од моавскиот цар Валак, синот Сефоров? Дали и тој спореше со Израел? Дали тој војуваше против него? {11:26} Кога Израел се насели во Есевон и во неговите села, во Ароир и во неговите села, а така и по сите градови на брегот на Јордан - еве, веќе триста години - зошто тогаш не ги одзедовте? {11:27} Јас не ти згрешив тебе, туку ти ми правиш неправда војувајќи против мене. Господ, Судијата, нека пресуди денес меѓу Израелевите синови и Амоновите синови.’” {11:28} Но царот на Амонците не ги послуша зборовите што му ги испрати Јефтај. {11:29} Господов Дух дојде на Јефтај, па тој помина низ Галадовото и низ Манасиевото племе, помина низ Галадска Миспа, а од Галадската Миспа дојде зад Амонците. {11:30} И Јефтај Му се заветува на Господа: „Ако ми ги предадеш Амонците во раце, {11:31} првиот кој ќе излезе низ вратата на мојата куќа за да ме пресретне, кога ќе се враќам како победник од бојот со Амонците, ќе биде Господов, и него ќе го принесам како паленица.” {11:32} Јефтај тргна против Амонците за да ги нападне, и Господ ги предаде во неговите раце. {11:33} И Јефтај ги порази од Ароир до близу Минт - во дваесет градови - и сè до Авел-Керамим. Тоа беше нивни голем пораз; и Амонците беа покорени пред Израел. {11:34} Кога Јефтај се врати дома во Миспа, ете, во пресрет му излезе ќерката, играјќи при звуци на тапани. Таа му беше единка, освен неа немаше ни син ни ќерка. {11:35} Кога ја виде, ги раздра своите облеки и рече: „Ах, моја ќерко, ме фрли во голема тага! Зар токму ти требаше да ми донесеш несреќа! Те заветував на Господа, и не можам да го одречам заветот.” {11:36} Таа му одговори: „Татко мој, ако си Му направил завет на Господа, стори со мене како што си се заветувал, зашто Господ ти даде да им се одмаздиш на Амонците, на своите непријатели.” {11:37} Тогаш го замоли татка си: „Исполни ми ја оваа молба: пушти ме да бидам слободна два месеца; ќе скитам по горите со моите другарки и ќе ја оплачувам мојата девственост.” {11:38} ”Оди”- и рече тој, и ја пушти за два месеца. Таа отиде со своите другарки, и ја оплакуваше својата девственост по горите. {11:39} Кога поминаа два месеца, таа се врати при таткото, и тој го исполни врз неа заветот што го беше направил. И никогаш не беше запознала маж. Оттогаш стана обичај во Израел {11:40} секоја година Израелевите ќерки да отидат и да ја оплакуваат ќерката на Галадецот Јефтај, четири дена во годината. {12:1} Тогаш се собраа луѓе од Ефремовото племе, го поминаа Јордан при патот кон Сафон и му рекоа на Јефтај: „Зошто отиде во бој против Амонците, а нас не нè повика да дојдеме со тебе? Ќе ти ја изгориме куќата заедно со тебе!” {12:2} Јефтај им одговори: „Имавме голем спор, јас и мојот народ, и Амонците нè угнетуваа тешко. Ве повикав на помош, но вие не ме избавивте од нивните раце. {12:3} Гледајќи дека нема кој да ме спаси, го ставив животот на жрепка, отидов сам против Амонците, и Господ ми ги предаде во рацете. И така, зошто тргнавте денес да војувате против мене?” {12:4} Тогаш Јефтај ги собра сите Галадци и удри на Ефрема. Галадците го поразија Ефрема, зашто овие зборуваа: „Вие сте, Галадци, Ефремови бегалци, кои живеевте среде Ефрема и Манасија.” {12:5} Потоа Галадците им ги пресекоа на Ефрема јорданските бродови, и кога некој Ефремов бегалец ќе речеше: „Пуштете ме да поминам,” Галадците ќе го прашаа: „Дали си Ефремовец?” Ако речеше тој: „Не сум,” {12:6} тие му велеа: „Ајде, речи: Шиболет!” (клас). Тој велеше: „Сиболет,” зашто не можеше да изговори добро. Тогаш тие го фаќаа и го погубуваа при Јорданските Плиткости. Така загинаа четириесет и две илјади луѓе од Ефремовото племе. {12:7} Јефтај му судеше на Израел шест години. А кога Галадецот Јефтај почина, го погребаа во неговиот град, во Галад. {12:8} По него судија во Израел беше Авесан од Витлеем. {12:9} Тој имаше триесет синови и триесет ќерки, кои ги омажи од куќата, а на своите синови им донесе однадвор триесет жени. Тој му судеше на Израел седум години. {12:10} Потоа умре Авесан, и го погребаа во Витлеем. {12:11} По него судија во Израел беше Завулонецот Елон. Тој му судеше на Израел десет години. {12:12} Потоа умре Завулонецот Елон, и го погребаа во Ајалон во Завулоновата Земја. {12:13} По него судија во Израел беше Авдон, синот Елилов од Фаратон. {12:14} Тој имаше четриесет синови и триесет внуци, кои јаваа на седумдесет ослиња. Тој му судеше на Израел осум години. {12:15} Потоа почина Авдон, синот Елилов од Фаратон, и го погребаа во Фаратон во Ефремовата Земја, во Амаликовата Гора. {13:1} Израелевите синови продолжија да прават зло пред Господовите очи, и Господ ги предаде во рацете на Филистејците за четириесет години. {13:2} А беше некој човек од Сараја, од Дановото племе, по име Маној. Жена му беше неротка и немаше деца. {13:3} На таа жена и се јави Господов Ангел и и рече: „Ти си неплодна и немаш раѓано. {13:4} Но отсега внимавај: да не пиеш ни вино ни жестоки пијалаци, и да не јадеш ништо нечисто. {13:5} Зашто, ќе заносиш, еве, и ќе родиш син. И брич нека не помине преку неговата глава, зашто детето, од мајчината утроба, ќе Му биде посветено на Бога - ќе биде Божји Назиреј, и тој ќе почне да го избавува Израел од рацете на Филистејците.” {13:6} Жената отиде и му кажа на мажот: „Божји човек дојде кај мене, лицето му беше како на Божји Ангел, полно со достоинство. Не го прашав откаде дојде, ниту тој ми го кажа своето име. {13:7} Но ми рече: ‘Ти ќе зачнеш и ќе родиш син. Отсега не пиј вино ни жестоки пијалаци, и не јади ништо нечисто, зашто твоето дете ќе биде Божји Назиреј од мајчината утроба до смртта.’” {13:8} Тогаш Маној Му се помоли на Господа и рече: „Господи, Те молам, Божјиот човек, што еднаш го испрати, нека дојде уште еднаш кај нас и нека нè поучи што треба да правиме со детето кога ќе се роди!” {13:9} Господ го послуша Маноја, и Господовиот Ангел дојде пак кај жената додека седеше во полето. Маној, нејзиниот маж, не беше покрај неа. {13:10} Жената отрча брзо за да го извести мажот и му рече: „Ете, ми се јави човекот, кој дојде кај мене во оној ден.” {13:11} Маној стана, тргна по жената, и кога дојде при човекот, го праша: „Дали си ти оној, кој зборуваше со женава?” А тој одговори: „Јас сум.” {13:12} ”Кога ќе се исполни она што си го рекол - пак рече Маној - според кои прописи и како треба да се постапува со детето?” {13:13} Господовиот Ангел му одговори на Маноја: „Жената нека се чува од сè што и забранив. {13:14} Нека не ужива ништо што доаѓа од виновата лоза, нека не пие ни вино ни жестоки пијалаци, нека не јаде ништо нечисто, и нека пази сè што и заповедав.” {13:15} Тогаш Маној му рече на Господовиот Ангел: „Со задоволство ќе те задржиме и ќе те нагостиме со јаре.” {13:16} На тоа Господовиот Ангел му рече на Маноја: „ И да ме задржиш, јас не ќе јадам од твоето јадење, туку ако сакаш да жртвуваш паленица, принеси Му ја на Господа.” Маној не знаејќи дека тоа е Господов Ангел, {13:17} и му рече на Господовиот Ангел: „Како ти е името, за да можеме да те почестиме кога ќе се исполни она што го рече.” {13:18} Господовиот Ангел му одговори: „Зошто прашуваш за моето име? Тоа е таинствено.” {13:19} Тогаш Маној зеде јаре и лебен принос па Му ги жртвува, врз камен, како паленица на Господа, Кој прави таинствени работи. {13:20} Кога пламенот од жртвеникот почна да се вишка кон небото, Господовиот Ангел се дигна во пламенот. Кога Маној и неговата жена го видоа тоа, паднаа со лицето на земја. {13:21} Господовиот Ангел не им се јави веќе на Маној и на неговата жена. Тогаш Маној сфати дека тоа е Господов Ангел. {13:22} ”Без друго ќе умреме - и рече на жената - зашто Го видовме Бога.” {13:23} ”Ако Господ сакаше да нè умртви, - му одговори жената - не ќе ги примеше паленицата и лебниот принос од нашата рака, не ќе ни го покажеше сè тоа ниту ќе нè оставеше да чуеме нешто такво.” {13:24} Жената роди син и му го даде името: Самсон. Детето порасте, и Господ го благослови. {13:25} И Господовиот Дух почна да дејствува во него во Дановиот логор, меѓу Сараја и Естаол. {14:1} И Самсон слезе во Тамнат и здогледа таму девојка од филистејските ќерки. {14:2} Откако се врати, им го довери тоа на таткото и на мајката: „Забележав во Тамнат - рече тој - девојка од филистејските ќерки: оженете ме со неа.” {14:3} Таткото и мајката рекоа: „Зар нема девојки меѓу ќерките на твоето племе и во сиот наш народ, па ти одиш да земеш жена од необрезаните Филистејци?” Но Самсон му одговори на татка си: „Ожени ме со неа, зашто таа ми замиле.” {14:4} Таткото и мајката не знаеја дека тоа е од Господа, Кој бараше закачка со Филистејците, зашто во тоа време Филистејците владееја над Израел. {14:5} Така Самсон слезе во Тамнат и кога дојде во Тамнатските Лозја, ете - одненадеж пред него скокна млад лав, рикајќи. {14:6} Господовиот Дух го опфати Самсона и тој голорак го раскина лавот, како што се раскинува јаре; но не им кажа ни на таткото ни на мајката што направил. {14:7} Откако дојде, разговараше со девојката, и така му замиле. {14:8} По некое време, кога се врати да ја одведе, Самсон сврти за да го види мртвиот лав, а ете во мртвиот лав рој пчели и мед. {14:9} Тој зеде мед во рацете, и го јадеше одејќи патем. Кога се врати при таткото и при мајката, им даде и ним, па и тие јадеа, но не им кажа дека го зел од мртов лав. {14:10} Потоа отиде кај жената, и таму му приготвија гозба на Самсона; траеше седум денови, зашто таков обичај имаа младоженците. {14:11} Но бидејќи се плашеа од него, избраа триесет свадбени другари да бидат покрај него. {14:12} Тогаш Самсон им рече: „Ајде да ви дадам загатка. Ако ја отгатнете во текот на седумте свадбени денови, ќе ви дадам триесет ленени кошули и триесет свечени облеки. {14:13} Но ако не можете да ја отгатнете, вие ќе ми дадете мене триесет ленени кошули и триесет свечени облеки.” „Кажи ни ја загатката - му одговорија тие - ние те слушаме.” {14:14} А тој им рече: „Од оној што јаде излегло јадење, од силниот излезе слатко.” Но за три дни не можеа да ја отгатнат загатката. {14:15} На четвртиот ден и рекоа на Самсоновата жена: „Извлечи го од мажот, со измама, решението на гатанката, или ќе ве спалиме и тебе и татковиот ти дом! Зар нè повикавте тука, за да не ограбите?” {14:16} Тогаш жената, расплакана, пред него рече: „Ти само ме мразиш, и не ме љубиш. Им даде гатанка на синовите на мојот народ, а мене не ми ја објасни.” Тој и одговори: „Не им ја објаснив ни на таткото ни на мајката, па тебе ли ќе ти ја објаснам?” {14:17} Таа му плачеше околу вратот седум денови, колку што траеше гозбата. На седмиот ден тој и ја кажа, зашто му досади многу. А таа им ја кажа на синовите на својот народ. {14:18} На седмиот ден, пред зајдисонце, луѓето од градот му рекоа на Самсона: „Што има послатко од мед и што има посилно од лав?” А тој им одговори: „Ако не оравте со мојата јуница, не ќе ја погодевте гатанката.” {14:19} Тогаш Господов Дух дојде на него, па тој слезе во Аскалон и таму уби триесет луѓе, им ја зеде облеката и им даде свечени облеки на оние, кои ја отгатнаа гатанката, а тогаш сиот гневен се врати во татковата куќа. {14:20} А Самсоновата жена му ја дадоа на другарот, кој му беше свадбен придружник. {15:1} По некое време, во жетвата на пченицата, Самсон дојде да ја посети својата жена, донесувајќи и јаре, и рече: „Сакам да влезам кај својата жена во одајата.” Но неговиот тест не му дозволи. {15:2} ”Мислев - му рече тој - дека си ја замразил, па му ја дадов на твојот другар. Но зар нејзината помлада сестра не е поубава од неа? Земи ја место неа!” {15:3} Самсон му одговори: „Овој пат нема да им бидам виновен на Филистејците, кога ќе им направам зло.” {15:4} И Самсон отиде, фати триста лисици, зеде гламни и, свртувајќи ја опашката кон опашката, стави по една гламна меѓу две опашки. {15:5} Тогаш ги запали гламните, ги пушти лисиците во филистејските ниви и им ги запали сноповите и неожниеното жито, и лозјата, и маслинките. {15:6} Филистејците запрашаа: „Кој го направи тоа?” Им одговорија: „Самсон, Тамнатевиот зет, затоа што тестот му ја одзеде жената и му ја даде на неговиот другар.” Тогаш Филистејците отидоа и ги изгореа со оган неа и татковиот и дом. {15:7} ”Штом го направивте тоа - им рече Самсон - не ќе мирувам додека не ви се одмаздам.” {15:8} И ги натепа сите со силни удари, вдолж и напреку, и ги порази. После тоа отиде во пештерата на Итамската Стена и заседна таму. {15:9} Тогаш Филистејците тргнаа, се влогорија во Јуда и се раширија до Лехиј. {15:10} ”Зошто тргнавте против нас?” - ги прашаа Јудејците. А тие им одговорија: „Тргнавме да го врземе Самсона и да му направиме како што тој ни направи нам.” {15:11} Тогаш три илјади Јудејци отидоа кај пештерата на Итамската Стена и му рекоа на Самсона: „Зар не знаеш дека Филистејците господарат над нас? Тогаш зошто ни го направи тоа?” Тој им одговори: „Како тие мене, така јас ним!” {15:12} А тие му рекоа: „Дојдовме да те врзиме и да те предадеме во рацете на Филистејците.” „Заколнете ми се - им рече - дека не ќе ме убиете.” {15:13} ”Не - му одговорија, - ние само ќе те врзиме и ќе те предадеме во нивните раце, но навистина не сакаме да те убиеме.” Тогаш го врзаа со две нови јажиња и го одведоа од пештерата. {15:14} Кога го доведоа во Лехиј, и кога Филистејците, викајќи од радост, стрчаа кон него, Господовиот Дух го опфати, и јажињата на неговите раце станаа како ленени конци, прегорени со оган, и му паднаа од рацете. {15:15} Откако забележа уште пресна челуст од осле, ја протегна раката, ја зеде онаа челуст и со неа уби илјада луѓе. {15:16} Тогаш Самсон рече: „Со челуст на осле претепав купови, со челуст на осле убив илјада.” {15:17} Откако го дорече тоа, ја фрли челуста од раката. Затоа оттогаш тоа место го викаат Рамат-Лехиј (Фрлена челуст). {15:18} Бидејќи беше многу ожеднет, извика кон Господа: „Ти ја извојува оваа голема победа со рацете на Твојот слуга, а зар сега треба да умрам од жед и да им паднам во рацете на необрезаните?” {15:19} Тогаш Господ ја расече вдлабоченоста што е кај Лехиј, и вода потече од неа. Самсон се напи, и му се врати силата, духот му оживе. Затоа на тој извор му го дадоа името Ен-Акоре(Извор на Оној Кој Повикува), а кој е уште и денес во Лехиј. {15:20} Самсон беше судија во Израел, за време на филистејското владеење, дваесет години. {16:1} Оттаму Самсон отиде во Газа; таму виде блудница и влезе при неа. {16:2} На жителите на Газа им јавија: „Самсон дојде тука!” Го опкружија и го дебнеа цела ноќ при градската врата. Сета ноќ беа притаени. „Да почекаме до зорите - мислеа - па ќе го убиеме.” {16:3} Но Самсон лежеше само до полноќ, а на полноќ стана, ја грабна градската врата со двата довратника, ги истрга заедно со лостот, ги стави на раменици и ги однесе на врвот на гората што е спроти Хеврон и ги положи таму. {16:4} Потоа тој се вљуби во една жена од долината на Сорик, по ме Делила. {16:5} Филистејските кнезови дојдоа при неа и и рекоа: „Заведи го и научи каде стои неговата голема сила, за да можеме да го совладаме па да го врзиме и да го направиме немоќен. А секој од нас ќе ти даде по илјада и сто сребрени сикли.” {16:6} Делила го праша Самсона: „Кажи ми каде стои твојата голема сила и со што треба да бидеш врзан, за да бидеш совладан.” {16:7} Самсон и рече: „Ако ме врзат со седум свежи, уште неосушени, жили од лак, ќе станам бессилен и ќе бидам како обичниот човек.” {16:8} Филистејските кнезови и донесоа на Делила седум свежи уште неосушени жили, и таа го врза со нив. {16:9} Кај неа во собата имаше заседа, и таа му викна: „Самсоне, ете се Филистејците врз тебе!” Тој ги скина жилите како што се кине колчиште кога ќе се доближи до огнот. И така не научија за неговата сила. {16:10} Тогаш Делила му рече на Самсона: „Ме измами и ме излага. Но сега кажи ми со што треба да бидеш врзан?” {16:11} Тој и одговори: „Ако ме врзат добро со нови, уште неупотребени, јажиња, ќе станам бессилен и ќе бидам како обичниот човек.” {16:12} Тогаш Делила зеде нови јажиња, го врза со нив и му викна: „Самсоне, ете се Филистејците врз тебе!” Кај неа во собата имаше заседа, но тој ги скина јажињата на рацете како да се конци. {16:13} Тогаш Делила му рече на Самсона: „Постојано ме измамуваш и ме лажеш. Кажи ми најпосле со што треба да бидеш врзан.” Тој и одговори: „Ако вткаеш седум плетенки од мојата коса во ткајачки разбој и ако ги заглавиш со клин, ќе станам немоќен и ќе бидам како обичниот човек.” {16:14} Таа го заспа и отка седум плетеници од неговата коса во ткајачкиот разбој, заби клин и му викна: „Ете се Филистејците врз тебе, Самсоне!” Тој се разбуди и ги истрга и клинот и ткајачкиот разбој. {16:15} Делила му рече: „Како можеш да речеш дека ме љубиш кога твоето срце не е со мене. Веќе трипати ме измами и не ми кажа во што е твојата голема сила.” {16:16} Бидејки секој ден му здодеваше и го мачеше, нему веќе му тежеше во душата до смрт. {16:17} И и го отвори целото свое срце: „Никогаш брич не поминал преку мојата глава, зашто од мајчината утроба сум Божји Назиреј. Ако ме избричат сета сила ќе ме остави, ќе бидам обессилен и ќе станам како обичниот човек.” {16:18} Тогаш Делила сфати дека и го отвори целото свое срце; ги повика филистејските кнезови и им рече: „Дојдете сега, зашто ми го отвори целото свое срце.” И филистејските кнезови дојдоа кај неа и донесоа сребреници со себе. {16:19} Откако го заспа Самсона на своите колена, таа повика човек па му избричи од главата седум плетенки коса. Така тој почна да слабее, и силата го остави. {16:20} Кога таа извика: „Самсоне, ете се Филистејците врз тебе!” тој се разбуди и помисли: „Ќе се извлечам како и секогаш и ќе се ослободам.” Но не знаеше дека Господ се сврти од него. {16:21} Филистејците го фатија, му ги извадија очите и го одведоа во Газа. Го оковаа со двојни бронзени вериги, та вртеше мелница во темницата. {16:22} Но косата почна пак да расте каде му ја избричија. {16:23} Филистејските кнезови се собраа да му принесат голема жртва на својот бог Дагон и да се повеселат. Тие зборуваа: „Нашиот бог ни го предаде, во рацете, нашиот непријател Самсон.” {16:24} А народот, откако го виде, почна да го фали својот бог, па воскликнуваа во негова чест, велејќи: „Нашиот бог ни го предаде, во рацете, нашиот непријател Самсон, кој ни ја запустуваше земјата и кој погуби многу од нас.” {16:25} Кога срцето им заигра, извикаа: „Доведете го Самсона за да нè забавува!” И го доведоа Самсона, од темницата, и тој ги веселеше нив; а потоа го ставија меѓу столбовите врз кои се крепеше зградата. {16:26} Тогаш Самсон му рече на детето кое го водеше за рака: „Води ме и помогни ми да ги напипам столбовите, врз кои се крепи зградата, за да се потпрам врз нив.” {16:27} А куќата беше полна со мажи и жени. Тука беа и сите филистејски кнезови, а на покривот три илјади луѓе, кои гледаа како ги развеселува Самсон. {16:28} Самсон извика кон Господа: „Господи, Господи, спомни си за мене и дај ми сила, само уште сега, за да им се одмаздам на Филистејците за двете очи.” {16:29} И Самсон ги напипа двата средни столба врз кои лежеше зградата, се потпре на нив, со десната на едниот, а со левата на другиот {16:30} и извика: „Нека загинам со Филистејците!” И напна со сета сила и ја урна зградата врз кнезовите и врз сиот народ што се наоѓаше таму. Повеќе ги уби умирајќи отколку што ги истепа во животот. {16:31} Потоа неговите браќа и сиот дом на неговиот татко дојдоа, го зедоа и го однесоа, и го погребаа меѓу Сараја и Естаол, во гробот на Маној, неговиот татко. Тој му судеше на Израел дваесет години. {17:1} Во Ефремовото племе имаше човек по име Миха. {17:2} Тој и рече на мајката: „Илјадата и сто сребрени сикли што ти беа украдени и заради кои изусти клетва - моите уши ја чуја - тие сребреници се кај мене, јас ги зедов.” Мајка му му одговори: „Господ да те благослови, сине мој!” {17:3} И Миха и врати илјада и сто сребрени сикли. А мајка му му рече: „Тие сребреници Му ги посветив на Господа од својата рака за тебе, сине мој, за да биде изработен за тоа режан или леан лик. И еве, затоа ги давам.” {17:4} Мајката зеде двеста сребрени сикли и му ги даде на златарот. Тој направи од нив режан и леан кип, што го поставија во Михината нова куќа. {17:5} Тој му изгради светилиште, потоа направи ефод (наплеќник) и терафим (куќни идоли) па посвети еден од своите синови за да му биде свештеник. {17:6} Во тоа време немаше цар во Израел, и секој работеше што сакаше. {17:7} Беше еден млад човек од Витлеем во Јуда, од Јудиното племе; беше левит и престојуваше таму како придојденик. {17:8} Тој човек си отиде од градот Витлеем, во Јуда, за да се настани во некое згодно место како придојденик. Патувајќи дојде до Михината куќа во Ефремовата Гора. {17:9} Миха го праша: „Од каде доаѓаш?” „Јас сум левит од Јудиниот Витлеем - му одговори тој - и патувам да се настанам некаде.” {17:10} ”Остани кај мене - му рече Миха - и биди ми татко и свештеник, а јас ќе ти давам по десет сребрени сикли годишно, облека и храна.” И левитот влезе. {17:11} Левитот се согласи да остане кај него, и младиот човек му беше како еден од синовите. {17:12} Миха го посвети левитот за свештеник; младиот човек стана негов свештеник и живееше во Михината куќа. {17:13} ”Сега знам - рече Миха - дека Господ ќе ми направи добро кога имам левит за свештеник.” {18:1} Во она време немаше цар во Израел. Тогаш Дановото племе бараше земја каде да се насели, зашто до тој ден не им падна наследство меѓу Израелевите колена. {18:2} Затоа Дановците испратија петмина луѓе од своето племе, луѓе особено храбри од Сараја и од Естаол, за да ја извидат и за да ја запознаат земјата. И им рекоа: „Одете, извидете ја земјата.” И тие дојдоа во Ефремовата Гора, до Михината куќа, и заноќија таму. {18:3} Бидејќи беше близу до Михината куќа, го познаа гласот на младиот левит; навратија таму па го прашаа: „Кој те доведе ваму? Што правиш тука? И зошто си тука?” {18:4} А тој им одговори: „Миха направи така и така за мене. Тој ме глави, а јас му служам како свештеник.” {18:5} ”Прашај Го Бога - му рекоа - да знаеме дали ќе ни успее патот по кој одиме?” {18:6} ”Одете во мир - им одговори свештеникот - патот по кој што тргнавте е по Господова волја.” {18:7} Тогаш оние петмина отидоа и стигнаа во Лаис. И видоа дека народот што е во него живее без страв - според обичајот на Сидонците: безгрижно и мирно; дека имаат сè што раѓа земјата; дека се далеку од Сидонците и дека немаат никакви односи со други. {18:8} Кога се вратија при своите браќа во Сараја и во Естаол, браќата ги прашаа: „Што научивте?” {18:9} Тие одговорија: „На нозе! Да се нафрлиме врз нив! Земјата што ја видовме е многу добра. О вие, мрзливци! Не се двоумете да се нафрлите за да ја освоите земјата. {18:10} Кога ќе дојдете, ќе најдете таму безгрижен народ. Земјата е пространа. Бог го предава во ваши раце местото што не е скудно во ништо што раѓа земјата!” {18:11} Така оттаму тргнаа шест стотини вооружени луѓе од Дановото племе од Сараја и од Естаол. {18:12} Тргнаа и се влогорија во Киријат-Јарим во Јуда. Затоа тоа место се вика до денешниот ден Махане-Дан (Данов Логор), а се наоѓа западно од Киријат-Јарим. {18:13} Оттаму се запатија во Ефремовата Гора и дојдоа до Михината куќа. {18:14} А оние петмина, кои беа отишле да ја согледуваат земјата, им рекоа на своите браќа: „Знаете ли дека во куќава имаат наплеќник, терафим и леан кип. Сега внимавајте што ќе правите.” {18:15} Завртувајќи, тие влегоа во куќата на младиот левит, во Михината куќа, и го поздравија. {18:16} И додека шест стотини вооружени луѓе од Дановите синови стоеја пред вратата, {18:17} оние петмина, кои отидоа да ја извидат земјата, влегоа, ги зедоа наплеќникот, терафимот и леаниот кип, а свештеникот стоеше на прагот покрај шест стотини вооружени луѓе. {18:18} Кога влегоа во Михината куќа и ги зедоа наплеќникот, терафимот и леаниот кип, свештеникот им рече: „Што правите?” {18:19} ”Молчи - му одговорија. - Стави ја раката на уста и дојди со нас. Ќе ни бидеш татко и свештеник. Зар ти е подобро да бидеш свештеник во куќата на еден човек, отколку да бидеш свештеник на едно племе и род во Израел?” {18:20} Свештеникот се зарадува; тој ги зеде наплеќникот, терафимот и режаниот и леан кип па отиде со луѓето. {18:21} Се вратија на патот по кој што тргнаа, отидоа откако ги пуштија напред жените и децата, добитокот и скапоценостите. {18:22} Веќе беа далеку од Михината куќа, кога ете луѓето, кои живееја во соседните куќи, до Михината, се узбунија и тргнаа во потера по Дановците. {18:23} Кога почнаа да викаат по Дановите синови, тие се обѕрнаа и му рекоа на Миха: „Што ти е? Што се собравте?” {18:24} Тој одговори: „Ми го зедовте богот, кого што си го направив за себе и свештеникот па си отидовте. А што ми останува мене! И уште велите: ‘Што ти е?’” {18:25} Дановите синови му одговорија: „Да не те чуеме веќе! Зашто гневни луѓе можат да удрат на вас, па ќе ги упропастиш себеси и својата куќа!” {18:26} Дановите синови отидоа натаму, а Миха, гледајќи дека се посилни од него, се заврте и се врати дома. {18:27} И така, откако ги зедоа: богот што го имаше направено Миха и свештеникот, кого го глави за да му служи, Дановите синови удрија против Лаис, на мирни и спокојни луѓе, па ги исекоа со остар меч и го спалија градот. {18:28} Немаше некој да им помогне на лаисците, зашто беа далеку од Сидон и немаа никакви односи со Арамејците, а освен тоа градот беше во долина што се тегнеше кон Вет-Реов. Потоа пак изградија град и се населија во него. {18:29} И го нарекоа Дан, по името на својот предок Дан, кој му се роди на Израел. А порано градот се викаше Лаис. {18:30} Дановите синови си го наместија режаниот и леаниот кип. А Јонатан, синот Гирсонов, син Манасиев, а потоа неговите синови, беа свештеници на Дановото племе до денот кога народот беше одведен на заточение. {18:31} И им стоеше режаниот и леаниот кип, што го направи Миха, и остана таму за сето време додека Божјиот Дом беше во Сило. {19:1} Во она време кога во Израел уште немаше цар, во Израел живееше еден човек, левит, како придојденик на крајот на Ефремовата Гора. Тој зеде за наложница жена од Јудиниот Витлеем. {19:2} Откако му се расрди еднаш, неговата наложница го остави и се врати во татковата куќа во Јудиниот Витлеем, и беше таму некое време, околу четири месеци. {19:3} Нејзиниот маж отиде кај неа за да ја вразуми и за да ја доведе назад; водеше со себе слуга и две ослиња. Додека и приоѓаше на куќата на таткото на младата жена, тестот го забележа и му излезе радосно во пресрет. {19:4} Тестот, таткото на младата жена, го задржа три дни кај себе, па јадеа, пиеја и ноќеваа. {19:5} На четвртиот ден поранија; левитот се готвеше да си оди, кога таткото на младата жена му рече на зетот: „Поткрепи се со залак леб, па потоа одете си.” {19:6} И така седнаа, па двајцата јадеа и пиеја, а тогаш таткото на младата жена му рече на човекот: „ Остани уште ноќеска и нека се развесели твоето срце!” {19:7} Кога човекот стана да тргне, тестот почна да навалува на него, па тој преноќева уште еднаш таму. {19:8} На петтиот ден левитот порани да тргне, но таткото на младата жена му рече: „Поткрепи се најнапред!” Така го поминаа времето заедно додека денот не превали. {19:9} Човекот стана да си оди со соложницата и со слугата, кога тестот, таткото на младата жена, му рече: „Еве денот превали кон вечер, преноќувај тука и повесели се, а утре пораните на пат и ќе се вратиш во твојот дом.” {19:10} Но човекот нејќеше да преноќева, туку стана и тргна. Така дојде до пред Евус, односно Ерусалим. Со него беа две насамарени ослиња, наложницата и слугата. {19:11} Кога беа близу Ерусалим, денот веќе многу превали, па слугата му рече на својот господар: „Да влеземе во овој евусејски град и да ноќеваме во него.” {19:12} Но господарот му одговори: „Нема да влеземе во град на туѓинци, кои не се Израелци, туку ќе одиме до Гаваја.” {19:13} Уште му рече на слугата: „Ајде, да побрзаме за да стигнеме во некое од тие места - во Гаваја или во Рама.” {19:14} И поминаа, продолжувајќи го патот. Кога стигнаа пред Венијаминова Гаваја, сонцето заоѓаше. {19:15} И тие свратија таму, за да одат да ноќеваат во Гаваја. Откако влезе, седна на градското трговиште, но немаше некого за да ги прими во куќата за преноќевање. {19:16} И ете, еден старец се враќаше, пред вечер, од работа во полето. Тоа беше човек од Ефремовата Гора, живееше во Гаваја како придојденик, а сите жители на местото беа Венијаминови синови. {19:17} Подигајќи ги очите, го виде патникот на градската улица: „Од каде доаѓаш, и каде одиш?”- го праша старецот. {19:18} А тој му одговори: „Доаѓаме од Јудиниот Витлеем кон Ефремовата Гора, од каде што сум јас. Отидов во Јудиниот Витлеем и се враќам дома; но нема некој за да ме прими кај себе во куќата. {19:19} Имам и слама и крма за моите ослиња, а и леб и вино за себе, за мојата жена и за момокот, што ме придружува мене, твојот слуга. Имаме сè доста.” {19:20} ”Мир со тебе и добро ми дојде - одговори старецот. - Моја грижа е за тоа што ти е потребно, само не ноќевај на улица.” {19:21} И го воведе во својот дом и им даде крма на ослиците. Патниците си ги измија нозете, а тогаш јадеа и пиеја. {19:22} Додека тие се закрепнуваа, ете, некои граѓани, развратни луѓе, му ја опкружија куќата и, тропајќи со сета сила на вратата, му рекоа на старецот, господарот на куќата: „Изведи го тој човек кој влезе во твојот дом за да го познаеме.” {19:23} Тогаш домаќинот излезе од куќата и им рече: „Не, браќа мои, не правете зло. Човекот влезе во мојот дом, затоа не правете беззаконие. {19:24} Еве, мојата ќерка е девица, ќе ви ја отстапам. Правете со неа што ви е мило, но на овој човек не правете му беззаконие.” {19:25} Луѓето не сакаа да го послушаат. Тогаш оној човек ја зеде соложницата па им ја изведе. Тие ја силуваа и ја измачуваа цела ноќ до утрото, а кога забелеа мугрите, ја пуштија. {19:26} Пред зората, жената дојде и падна при вратата на куќата на оној човек каде што беше нејзиниот господар, и лежеше таму додека не се раздени. {19:27} Нејзиниот господар стана наутро, ја отвори куќната врата па излезе за да го продолжи патот; кога ја забележа жената, својата соложница, како што лежи при куќната врата, со рацете на прагот. {19:28} ”Стани, да си одиме” - и рече. Но немаше одговор. Тогаш ја зеде, ја натовари на ослето и тргна на пат за да се врати дома. {19:29} Кога дојде дома, извади нож и го зеде мртвото тело на соложницата, го исече, член по член, на дванаесет делови и ги распрати во сите краишта на Израел. {19:30} И секој што виде, рече: „Вакво нешто не се случило од денот кога Израелците излегоа од Египет до денешниот ден. Треба за тоа да се размисли, да се посоветува и да се зборува.” {20:1} Тогаш сиот Израел излезе и се собра сета заедница како еден човек, од Дан до Вирсавеја и до Галадската Земја, кај Господа во Миспа. {20:2} Началниците на сиот народ, на сите Израелеви племиња, дојдоа на собирот на Божјиот народ, четири стотини пешаци свикнати на меч. {20:3} А Венијаминовите синови научија дека Израелевите синови се искачиле во Миспа. Тогаш Израелевите синови запрашаа: „Кажете ни како се случи злосторот!” {20:4} Леви, мажот на убиената жена, зеде збор: „Дојдов со наложницата во Венијаминовата Гаваја за да преноќам. {20:5} А граѓаните на Гаваја станаа против мене и ноќе ја опкружија куќата во која што бев; сакаа да ме убијат мене, а мојата соложница ја изнасилија така што умре. {20:6} Затоа ја зедов мртвата соложница, ја исеков на делови и ја испратив во сите краишта на Израелевото наследство, зашто направија беззаконие и срамно дело во Израел {20:7} Ете, сите вие, Израелеви синови, разгледајте го делото и одлучете тука.” {20:8} Сиот народ стана како еден човек, говорејќи: „Никој од нас нека не се враќа во својот шатор, никој нека не се враќа во својата куќа! {20:9} Туку сега ова да и го направиме на Гаваја: ќе фрлиме жрепка; {20:10} и ќе земеме од сите Израелеви колена по десет луѓе од сто и по илјада од десет илјади и тие ќе и носат храна на војската, на оние кои ќе тргнат да ја казнат Венијаминова Гаваја за срамното дело што го направила во Израел.” {20:11} И се собраа Израелците против оној град, здружени како еден човек. {20:12} Тогаш Израелевите племиња испратија пратеници по сето Венијаминово племе со порака: „Какво гнасно дело е направено среде вас? {20:13} Сега предајте ги оние развратни луѓе, кои се во Гаваја, за да ги погубиме и да го откорнеме злото од Израел!” Но Венијаминовците не сакаа да ги послушаат своите браќа Израелци. {20:14} Венијаминовите синови се собраа, од своите градови, во Гаваја за да завојуваат против Израелците. {20:15} А Венијаминовците, кои дојдоа од разни градови, беа изброени во тој ден дваесет и шест илјади луѓе свикнати на меч, без жителите на Гаваја. {20:16} Од сиот тој народ имаше седум стотини вешти луѓе, кои беа леваци, и секој од нив гаѓаше со камен од праќка точно на влакно, не промашувајќи ја целта. {20:17} А Израелците беа, без Венијаминовите синови, четири стотини илјади, сè луѓе свикнати на меч и сè само воини. {20:18} Израелевите синови, откако станаа, тргнаа во Ветил за да се посоветуваат со Бога: „Кој од нас да тргне прв во бој против Венијаминовите синови?” - прашаа Израелците. А Господ одговори: „Јуда нека тргне прв.” {20:19} Наутро Израелците тргнаа та се влогорија пред Гаваја. {20:20} Откако тргнаа во бој против Венијаминовците, се наредија во боен ред пред Гаваја. {20:21} А Венијаминовите синови излегоа од Гаваја и му погубија во тој ден на Израел дваесет и две илјади луѓе, кои останаа на полето. {20:22} Израелците отидоа и плачеа пред Господа сè до вечерта, а тогаш Го прашаа Господа: „Треба ли пак да излеземе во бој против синовите на нашиот брат Венијамин?” А Господ им одговори: „Тргнете против него!” {20:23} Тогаш војската на Израелевите синови се охрабри и повторно се нареди во боен ред, на истото место каде што се наредија во првиот ден. {20:24} На вториот ден Израелците им се приближија на Венијаминовците, {20:25} но во тој втор ден, Венијамин излезе од Гаваја пред нив и им уби на Израелците уште осумнаесет илјади луѓе, кои останаа во полето, сè само одбор воини, свикнати на меч. {20:26} Тогаш сите Израелци и сиот народ отидоа во Ветил (Божји Дом), па плачеа и стоеја таму пред Господа; постеа цел ден до вечерта, принесуваа паленици и помирителни жртви пред Господа. {20:27} И тогаш Израелците пак Го прашаа Господа, (зашто во она време Ковчегот на Божјиот Завет се наоѓаше на тоа место, {20:28} и Финес, син на Ароновиот син Елеазар, стоеше пред него во оние денови.) Тие прашаа: „Треба ли пак да излеземе против синовите на нашиот брат Венијамин?” А Господ им одговори: „Тргнете, зашто утре ќе ги предадам во ваши раце.” {20:29} Тогаш Израел постави чети во заседа околу Гаваја. {20:30} На третиот ден Израелците тргнаа против Венијаминовците, и се наредија во бојни редови пред Гаваја, како и порано. {20:31} Венијаминовите синови излегоа против нив, а тие ги намамија далеку од градот. Како и порано Венијаминовците убиваа некои по патиштата, од кои еден водеше кон Ветил, а другиот во Гаваја; така убија околу триесет Израелци. {20:32} И Венијаминовите синови зборуваа: „Еве ги биеме како и првиот пат.” А Израелците рекоа: „Да бегаме додека не ги намамиме на отворени патишта, далеку од градот!” {20:33} Тогаш главнината на Израелевата војска стана од својот положај и се нареди во боен ред кај Вал Тамара, а Израелевата заседа излезе од своето засолниште западно од Гаваја. {20:34} Десет илјади способни луѓе, избрани од сиот Израел, дојдоа кон Гаваја. Бојот беше жесток. Венијаминовите синови и не насетуваа дека ќе ги стигне зло. {20:35} И Господ го порази Венијамина пред Израел во тој ден, та Израелците му погубија на Венијамина дваесет и пет илјади и сто луѓе свикнати на меч. {20:36} Венијаминовите синови видоа дека се победени. Луѓето Израелци се повлекоа од своите бојни редови пред Венијамина, надевајќи се на заседата што ја поставија околу Гаваја. {20:37} А оние кои беа во заседата се нафрлија брзо против Гаваја и, откако влегоа во неа, ги исекоа со остар меч сите жители. {20:38} Израелевите мажи се беа договориле со оние од заседата, тие да кренат столб од дим од градот како знак: {20:39} тогаш Израелевите мажи ќе се повлечат од бојот. Венијамин почна да ги убива Израелците и им исече триесет луѓе, и си рекоа: „Навистина, паѓаат пред нас како во поранешниот бој.” {20:40} А кога знакот, столб од дим, почна да се издига од градот, Венијамин се обѕрна и виде како пламен од целиот град се вишка кон небото. {20:41} Тогаш Израелевите мажи се завртија, а Венијаминовците ги опфати ужас, зашто видоа дека ги најде зло. {20:42} И избегаа пред Израелците кон пустината, но воините им беа зад петиците, а оние кои доаѓаа од градот ги убиваа од зад плеќи. {20:43} Така го опколија Венијамина и, гонејќи го без здивнување, го уништија до Гаваја на источната страна. {20:44} И на Венијамин му паднаа осумнаесет илјади луѓе, сè само способни јунаци. {20:45} Преживеаните се завртија и избегаа во пустината кон Римонската Стена. Сечејќи по патиштата, Израелците погубија уште пет илјади луѓе. {20:46} Во тој ден, на Венијаминовците им паднаа дваесет илјади луѓе навикнати на меч, сè само способни луѓе. {20:47} Шест стотини луѓе избегаа во пустината кон Римонската Карпа и останаа таму четири месеци. {20:48} Потоа Израелевите луѓе им се вратија на Венијаминците, ги исекоа со остри мечеви мажите во градовите, добитокот и сè што се нашло; и ги изгореа со оган сите градови што ги најдоа во Венијамин. {21:1} Израелевите луѓе се заколнаа вака во Миспа: „Никој од нас не ќе даде своја ќерка за жена на Венијаминов син.” {21:2} И народот отиде во Ветил и остана таму пред Господа до вечерта, тажејќи и плачејќи. {21:3} Зборуваа: „Зошто, о Господи, Израелев Боже, требаше да се случи оваа несреќа, за да му снема денес едно племе на Израел?” {21:4} Утреден луѓето поранија и изградија таму жртвеник; принесоа паленици и помирителни жртви. {21:5} Тогаш Израелците прашаа: „Има ли некое од сите Израелеви племиња што не дошло на собирот при Господа?” Зашто свечено се заколнаа дека ќе го погубат оној, кој не ќе дојде во Миспа при Господа. {21:6} На Израелците им се сожали за братот Венијамин, та рекоа: „Денес е откинато едно племе од Израел. {21:7} Како ќе им дадеме жени на оние кои останаа, кога Му се заколнавме на Господа дека не ќе им даваме свои ќерки за жени?” {21:8} Затоа прашаа: „Има ли некој од Израелевите племиња што не дошол при Господа во Миспа?” И се покажа дека никој од жителите на Јавис Галадски не дојде во логорот, на собирот. {21:9} Зашто кога народот се преброи, таму немаше никого од жителите на Галадски Јавис. {21:10} Затоа заедницата испрати таму дванаесет илјади храбри луѓе и им заповеда: „Идете и исечете ги со остри мечеви жителите на Галадски Јавис, заедно со жените и децата. {21:11} Еве што ќе направите: ќе ги предадете на проклето погубување сите мажи и сите жени, кои делеле постела со маж, но ќе го запазите животот на девиците.” Така и направија. {21:12} И најдоа меѓу жителите на Јавис во Галад четири стотини млади девојки, кои не делеле постела со маж, и ги доведоа во логорот во Сило, што е во Ханаан. {21:13} Тогаш сето општество им испрати пратеници на Венијаминовите синови, кои беа на Римонската Стена: им објавија мир. {21:14} Така се созеде Венијамин. Им ги дадоа оние од жените, од Галадски Јавис, кои ги оставија во живот, но не ги имаше достатно за сите. {21:15} На народот му се нажали за Венијамин, зашто Господ направи празнина меѓу Израелевите племиња. {21:16} ”Како ќе им најдеме жени на оние што останаа - рекоа старешините на општеството - зашто се истребени жените на Венијамин?” {21:17} И рекоа: „Како да биде запазен остатокот на Венијамина, за да не биде сотрено едно племе од Израел? {21:18} А не можеме да им ги дадеме нашите ќерки за жени.” Зашто се беа заколнале, велејќи: „Проклет да биде оној кој ќе му даде жена на Венијамин!” {21:19} ”Но - рекоа - Господов празник се слави секоја година во Сило.” Градот се наоѓа северно од Ветил, источно од патот што води од Ветил во Сихем и јужно од Левона. {21:20} И затоа ги посоветуваа Венијаминците: „Отидете во заседа по лозјата. {21:21} Внимавајте, па кога девојките од Сило ќе излезат да играат во танец, вие излезете од лозјата, грабнете си секој за себе жена од силоските ќерки па одете си во Венијаминовата Земја. {21:22} А кога нивните татковци и нивните браќа ќе дојдат да се жалат на вас, ние ќе им речеме: Простете им заради нас, зашто не им зедовме за секој по една жена во војната; а и сега вие не им ги дадовте, па да бидете виновни.’” {21:23} Венијаминовите синови направија така, и од девојките кои ги грабнаа зедоа онолкав број жени колку што ги имаше нив. Тогаш си отидоа и се вратија секој во своето наследство, пак изградија градови и се населија во нив. {21:24} Тогаш Израелците се разотидоа, кој во своето племе и во својот род, и секој оттаму се врати во своето наследство. {21:25} Во тоа време немаше цар во Израел, и секој го правеше тоа што му се чинеше дека е справедливо.