{1:1} Во она време кога владееја судиите настана глад во земјата, па од Јудиниот Витлеем еден човек отиде, со својата жена и со своите два сина, да се насели во Моавските Полиња. {1:2} Тој човек се викаше Елимелех, жена му Ноемина, а двата негови сина: Малон и Хелеон; сите беа Ефратци од Јудиниот Витлеем. Стигнаа во Моавските Полиња и тука се населија. {1:3} Тогаш Елимелех, Ноеминиот маж, умре, и таа остана сама со своите два сина. {1:4} Тие се оженија со Моавки; едната се викаше Орфа, а другата Рута. И таму живееја десет години. {1:5} Тогаш умреа Малон и Хелеон, и така Ноемина остана и без своите два сина и без својот маж. {1:6} Тогаш таа се крена, со своите снаи, да си отиде од Моавските Полиња, зашто чу во Моавските Полиња дека Бог го посетил Својот народ и му дал леб. {1:7} И така таа си отиде од местото каде живееше, а со неа и нејзините снаи; тргнаа на пат за да се вратат во Јудината Земја. {1:8} Тогаш Ноемина им рече на своите две снаи: „Вратете се секоја во домот на својата мајка! Господ нека ви биде милостив како што бевте вие кон покојниците и кон мене! {1:9} Господ нека ви додели двете да најдете мир, секоја во домот на својот маж!” И ги пољуби, а тие се расплакаа гласно. {1:10} И и рекоа: „Не! Ние ќе дојдеме со тебе, при твојот народ.” {1:11} Но Ноемина им рече: „Вратете се назад, ќерки мои! Зошто би сте иделе со мене? Зар ќе имам уште синови во својата утроба, кои би ви биле мажи? {1:12} Вратете се назад, ќерки мои, само одете! Премногу сум стара, не сум за мажење, па и кога би рекла: ‘Имам надеж да се омажам уште ноќеска и да родам синови’ - {1:13} зар би сте могле да чекате да пораснат, и зар би сте останале немажени заради нив? Не, ќерки мои, мојата тага би била поголема од вашата, зашто Господовата рака се крена на мене.” {1:14} Тие пак заридаа и Орфа ја пољуби својата свекрва и се врати, а Рута остана со неа. {1:15} Ноемина и рече: „Ете, гледаш, твојата јатрва се врати при својот народ и при својот бог; врати се и ти по својата јатрва!” {1:16} А Рута и одговори: „Не ме принудувај да те оставам и да си отидам од тебе: зашто каде одиш ти, ќе одам и јас, и каде ќе живееш ти, ќе живеам и јас; твојот народ ќе биде мој народ, и твојот Бог - мој Бог. {1:17} Каде ќе умреш ти, ќе умрам и јас, каде ќе те погребаат тебе, ќе ме погребаат и мене. Господ нека ми врати со секакво зло и со неволја ако ме оддели нешто од тебе освен смртта.” {1:18} Гледајќи дека цврсто наумила да оди со неа, прекрати да ја одвраќа. {1:19} Така заедно одеа додека не дојдоа во Витлеем. А кога дојдоа во Витлеем сиот град се возбуди заради нив. „Ма, ова ли е Ноемина?” - (Пријатна) прашаа жените. {1:20} А таа им одговараше: „Не викајте ме веќе Ноемина, туку викајте ме Мара (Горчлива), зашто Сèдржителот ме исполни со горчина! {1:21} Оттука заминав со полни раце, а сега Господ ме враќа со празни раце. Зошто ме викате Ноемина кога Господ посведочи против мене, и Сèмоќниот ме завитка во тага?” {1:22} Така се врати Ноемина со Моавката Рута, со својата снаа, од Моавските Полиња. Стигнаа во Витлеем токму кога почна жетвата на јачмен. {2:1} Ноемина имаше роднина по мажот, човек многу имотен, од Елимелеховото семејство: се викаше Воз. {2:2} Тогаш Моавката Рута и рече на Ноемина: „Сакам да одам во полето за да доприбирам класови по оној, кај кого ќе најдам милост.” Таа и одговори: „Појди ќерко моја!” {2:3} И отиде, дојде во полето па почна да доприбира зад жетварите. А среќата ја доведе во полето, што му припаѓаше на Воз, од Елимелеховиот род. {2:4} И ете, дојде Воз од Витлеем. „Господ да е со вас!” - ги поздрави тој жетварите. А тие му одговорија: „Господ да те благослови!” {2:5} Воз му рече тогаш на момокот што ги надгледуваше жетварите: „Чија е онаа млада жена?” {2:6} А момокот, кој беше над жетварите, одговори: „Тоа е младата Моавка што дојде придружувајќи ја Ноемина од Моавските Полиња. {2:7} Прашаше: ‘Дали смеам да доприбирам и да собирам класје меѓу сноповите зад жетварите.’ И ете дојде, и остана од утрото сè досега; и само малку влезе во куќата.” {2:8} Тогаш Воз и рече на Рута: „Чуј ме, ќерко моја, не оди да доприбираш кај друг, туку држи се покрај моите ниви и покрај моите трудбеници. {2:9} Внимавај на која нива тие жнијат, па оди по нив. А им наредив на момчињата за да не те допира никој. Кога ќе жедниш, оди при садовите и пиј од тоа што моите слуги ќе налеат.” {2:10} Таа падна на своето лице, му се поклони до земјата и рече: „Со што придобив толкава милост во твоите очи, за да ми посветуваш внимание, кога сум туѓинка?” {2:11} Воз и одговори: „Чув што си направила сè за својата свекрва по смртта на твојот маж; како си ги оставила твојот татко, твојата мајка и твојот роден крај па си дошла во народ што до вчера и до завчера не го познаваше. {2:12} Господ нека ти плати за сè што си направила, и нека ти додели полна награда Господ, Израелевиот Бог, кога си дошла за да се засолнеш под Неговите крилја!” {2:13} Таа презеде: „Кога би можела секогаш да наоѓам милост во твоите очи, господару, зашто ме утеши и и проговори од срце на својата слугинка, иако не сум како некоја од твоите слугинки.” {2:14} Кога беше време за ручек, Воз и рече: „Дојди ваму, јади од овој леб и топи го твојот залак во оцет!” Таа седна покрај жетварите, а тој стави пред неа пржени зрна. Јадеше и се насити, и уште и остана. {2:15} Кога стана да доприбира натаму Воз им заповеда на своите слуги: „Таа нека доприбира и меѓу сноповите, а вие немојте да ја навредувате. {2:16} Туку испуштајте класови и од своите ракатки, и оставајте ја нека собира и не и бранете!” {2:17} И така дособираше сè до вечерта, па тогаш го очукаа она што го имаше доприбрано: беше околу една ефа јачмен. {2:18} Таа го зеде своето и дојде во градот, а свекрвата виде колку дособрала. Тогаш Рута извади и и даде што и остана откако се насити. {2:19} Свекрвата ја праша: „Каде доприбираше денес? Каде работеше? Нека биде благословен оној кој погледна на тебе!” Тогаш таа и раскажа на свекрвата кај кого работела и рече: „Човекот кај кого работев денес се вика Воз.” {2:20} Тогаш Ноемина и рече на својата снаа: „Нека Господ го благослови оној кој не ги лиши од својата милост ни живите ни мртвите!” И Ноемина додаде: „Тој човек е од нашиот род; еден од нашите роднини.” {2:21} Моавката Рута раскажа натаму: „Уште ми рече: ‘Држи се покрај моите работници додека не ожнеат сè мое!’” {2:22} Тогаш Ноемина и рече на Рута, на својата снаа: „Добро е, ќерко моја, оди по неговите трудбеници за да не ти биде неприлика на некоја друга нива.” {2:23} И така се држеше покрај Возовите работници и доприбираше додека не ги ожнија и јачменот и пченицата. И живееше кај својата свекрва. {3:1} Тогаш Ноемина, нејзината свекрва, и рече: „Ќерко моја, да ти побарам мирно место каде би можела да бидеш среќна? {3:2} Гледаш, Воз, со чии трудбеници беше, е наш роднина. Еве, тој ќе вее ноќеска јачмен на гумното. {3:3} Измиј се и намачкај се, облечи се убаво па отиди на гумното. Не оставај да те препознае пред да се најаде и напие. {3:4} Кога ќе легне, види го местото каде ќе легне; па кога ќе легне, отиди таму, поткрени ја покривката од неговите нозе и легни таму! Тогаш тој ќе ти рече што треба да правиш.” {3:5} Таа и одговори: „Ќе направам сè како што ми велиш.” {3:6} И слезе на гумното и направи сè како што и повели свекрвата. {3:7} А Воз, откако јадеше и пиеше, и така се развесели, отиде и легна покрај стогот. Таа пристапи полека, му ги откри нозете и легна. {3:8} И околу полноќ, човекот се тргна и се заврте, и ете: жена лежи до неговите нозе. {3:9} ”Која си?” - праша тој, а таа одговри: „Јас сум Рута, твојата слугинка. Рашири го скутот на твојата облека над твојата слугинка, зашто си ми старател.” {3:10} ”Господ да те благослови, ќерко моја! - рече - ова твое добро дело што го направи сега е уште подобро од првото, зашто не отиде да бараш млади луѓе, ни богати ни бедни. {3:11} И затоа, ќерко моја, не плаши се сега; ќе сторам сè за тебе што ќе побараш, зашто сите врати на мојот народ знаат дека си чесна жена. {3:12} Да, навистина сум ти старател; но има уште поближен од мене. {3:13} Остани ноќеска, ако утре тој, како старател, сака да те земе, добро, нека те земе; а ако нејќе, ќе те земам јас; жив Господ! Спиј до утрото!” {3:14} И таа спиеше покрај неговите нозе до утрото. Тој стана пред да може човек човека да препознае, зашто мислеше: „Не треба да знаат дека жена била на гумно.” {3:15} И и рече: „Дај ја наметката што е на тебе и држи ја добро.” Таа ја придржа а тој и тури шест мери јачмен, па и ја поткрена. И таа отиде во градот. {3:16} Кога стигна, свекрвата ја праша: „Што е со тебе ќерко моја?” А таа и раскажа сè што сторил човекот за неа. {3:17} И додаде: „Овие шест мери јачмен ми ги даде, велејќи: ‘Не смееш да се вратиш при свекрвата со празни раце.’” {3:18} Таа и рече: „Биди спокојна, ќерко моја, додека не видиш што ќе биде: зашто тој нема да има спокојство додека не докрајчи сè уште денес.” {4:1} Потоа Воз излезе при градската врата и седна таму. И ете, помина оној старател за кого зборуваше. И Воз го повика: „Еј, дојди тука и седни!” Тој дојде и седна. {4:2} Тогаш Воз зеде десет луѓе од градските старешини и рече: „Поседнете тука!” {4:3} Потоа му рече на старателот: „Ноемина, која се врати од Моавските Полиња, сака да ја продаде онаа земја на нашиот брат Елимелех. {4:4} Затоа одлучив да разговарам со тебе и да ти предложам да ја откупиш нивата пред овие кои седат тука и пред старешините на мојот народ. Ако имаш намера да ја откупиш, тогаш откупи ја; ако немаш намера, кажи ми, да знам. Зашто, пред тебе никој нема право на откуп; јас сум по тебе.” А оној рече: „Сакам, ќе ја откупам.” {4:5} Тогаш Воз кажа: „Кога ќе ја купиш земјата од рацете на Ноемина, треба да ја земеш и Моавката Рута, покојниковата сопруга, за да му го запазиш покојниковото име во наследството.” {4:6} Но роднината рече: „Е, тогаш не можам да бидам откупник, за да не го растурам своето наследство. Откупи ја ти, зашто јас не можам.” {4:7} А од старина беше обичај во Израел: за да се поткрепи полноважноста на откуп или на замена, човекот би собул една обувка и би му ја дал на другиот. Тоа беше сведоштво во Израел. {4:8} И така и оној старател му рече на Воз: „Откупи ти!” па ја собу обувката и му ја даде. {4:9} Тогаш Воз им рече на старешините и на сиот народ: „Вие сте сведоци денес дека откупувам од раката на Ноемина сè она што беше Елимелехово, сè што беше Хелеоново и Малоново. {4:10} Покрај тоа ја земам за жена Моавката Рута, Малоновата жена, за да биде запазено покојниковото име во наследството и за да не биде збришано неговото име меѓу неговите браќа и за да не исчезне од вратите на неговиот роден крај. Вие сте денес сведоци за тоа.” {4:11} Сиот народ што се наоѓаше при градската врата и старешините, рекоа: „Сведоци сме! Господ да даде жената, која влегува во твојот дом, да биде како Рахила и Лија, кои двете го издигнаа Израелевиот дом! Збогати се во Ефрат, а прослави се во Витлеем! {4:12} Твојат дом нека биде, по потомството што ќе ти го даде Господ од оваа млада жена, како домот на Фарес, кого Тамара му го роди на Јуда!” {4:13} Така Воз ја зеде Рута, и таа му стана негова жена. Влезе при неа, и Господ и даде да заноси и роди син. {4:14} Тогаш жените и рекоа на Ноемина: „Благословен да биде Господ, Кој денес не те остави без наследник! И да го прослави неговото име во Израел! {4:15} Тој ќе биде твоја утеха и поткрепа во твојата старост; зашто го роди твојата снаа која те љуби и која ти вреди повеќе од седум синови.” {4:16} Ноемина го зеде детенцето, го стави на своето крило и му беше воспитачка. {4:17} Соседите му дадоа име, говорејќи: „И се роди син на Ноемина!” И го нарекоа Овид; тој е татко на Есеј, Давидовиот татко. {4:18} А ова е Фаресовото родословие: Фарес имаше син Есром, {4:19} Есром син Арам, Арам син: Аминадав, {4:20} Аминадав син: Насон, Насон син: Салмон, {4:21} Салмон син: Воз, Воз син Овид, {4:22} Овид син Есеј, а Есеј син: Давид.