{1:1} Беше еден човек од Раматаим, Софимец од Ефремовата Гора, по име Елкан, син Јероамов, син Еливов, син Товин, син Суфов, Ефратец. {1:2} Имаше две жени: името на едната и беше Ана, а на другата името и беше Фенина. Фенина имаше деца, а Ана немаше. {1:3} Тој човек се искачуваше секоја година од својот град за да Му принесе жртва на Господа на Силите во Сило. Таму беа двајцата Илиеви синови, Офниј и Финес, како Господови свештеници. {1:4} Еден ден Елкан принесе жртва. Тој обично им даваше на својата жена Фенина и на сите нејзини синови и ќерки жртвени делови, {1:5} а на Ана и даваше повеќе еден дел, зашто повеќе ја љубеше Ана, ама Господ и ја беше затворил утробата. {1:6} Покрај тоа нејзината соперница ја натажуваше, за да ја понижи зашто Господ и ја беше затворил утробата. {1:7} Така беше секоја година кога би поаѓале во Господовиот Дом: Фенина ја дразнеше. Затоа Ана плачеше и не сакаше да јаде. {1:8} Тогаш и рече Елкан, нејзиниот маж: „Зошто плачеш Ана? И зошто не јадеш? Зошто ти е тажно срцето? Не сум ли ти јас повреден од десет синови?” {1:9} Ама Ана стана, откако јадеа и пиеја во Сило, и стапи пред Господа - а свештеникот Илија седеше на столица на прагот на Господовиот Храм. {1:10} И јадосана во душата Ана Му се помоли на Господа, плачејќи горко. {1:11} И се заветува вака: „Господи над Воинствата! Ако погледнеш на неволјата на својата слугинка, и си спомниш за мене, и не ја заборавиш својата слугинка та и дадеш на својата слугинка машко дете, јас ќе Му го подарам на Господа за сите денови на неговиот живот, и брич нема да помине преку неговата глава.” {1:12} Така таа се молеше долго пред Господа, а Илија ги набљудуваше нејзините усни. {1:13} Ана зборуваше во срцето; само се помрднуваа нејзините усни, а гласот не и се слушаше. Затоа Илија помисли дека е пијана. {1:14} И Илија и рече: „До кога ќе бидеш пијана? Отрезни се од виното што е во тебе!” {1:15} Но Ана одговори и рече: „Не сум пијана, господару, туку сум голема несреќница. Не сум пила ни вино ни опоен пијалак, туку ја излевам својата душа пред Господа. {1:16} Не суди ја својата слугинка како недобра жена, зашто заради тешка тага и жалост се молев толку долго.” {1:17} Тогаш Илија и одговори вака: „Оди си во мир! А Израелевиот Бог нека ти ја исполни молитвата со која Го молеше.” {1:18} А таа рече: „Нека твојата слугинка најде милост во твоите очи!” И жената си отиде по својот пат: јадеше, и лицето не и беше веќе тажно како порано. {1:19} Утрината поранија и Му се поклонија на Господа, а тогаш се вратија и дојдоа во својата куќа во Рама. Елкан ја позна Ана, својата жена, а Господ си спомни за неа. {1:20} Ана забремени и, кога и беше времето, роди син, кого го нарече со името Самоил, „зашто,” рече, „го измолив од Господа.” {1:21} По една година се искачи нејзиниот маж Елкан со сиот свој дом, за да Му ја принесе на Господа годишната жртва и за да го изврши заветот. {1:22} Ама Ана не тргна со него, зашто му рече на својот маж: „Не ќе тргнам додека детето не се одбие од градите, а тогаш ќе го одведам да се покаже пред Господа и да остане таму засекогаш.” {1:23} И и одговори Елкан, нејзиниот маж: „Прави како што мислиш дека е добро; остани додека не го одбиеш од градите; само Господ нека ти ја исполни твојата желба!” И жената остана дома доејќи го својот син, додека не го одби од градите. {1:24} Штом го одби од градите, го поведе со себе, земајќи покрај тоа тригодишен јунец, ефа брашно и мев со вино; и го воведе во Господовиот Дом, во Сило. А детенцето беше уште многу младо. {1:25} Тогаш го заклаа јунецот, а мајката на детето му пристапи на Илија. {1:26} И Ана рече: „Дозволете, господару! Жив ти твојот живот, господару, јас сум онаа жена која стоеше тука крај тебе молејќи Му се на Господа. {1:27} Молев за ова дете, и Господ ја послуша мојата молитва, со која го просев. {1:28} Затоа и јас Му го отстапувам него на Господа за сите дни на неговиот живот: та измолен е од Господа.” И му се поклонија таму на Господа. {2:1} На тоа Ана се помоли вака: „Моето срце воскликнува во Господа расте мојата сила преку мојот Бог. Устата ми се шири на моите непријатели, зашто се радувам на Твојата помош. {2:2} Никој не е свет како што е Господ (зашто нема никого освен Тебе) и нема стена како што е нашиот Бог. {2:3} Не зборувајте многу горделиви зборови, нека не излегува дрскост од вашата уста, зашто Господ е Сèзнаечки Бог, Тој ги пресудува право делата. {2:4} Се крши лакот на јунаците, слабите се опашуваат со сила. {2:5} Ситите сега се мачат за леб, гладните веќе не гладуваат. Неродилката раѓа седумпати, мајката на многуте деца изнемоштува. {2:6} Господ дава смрт и живот, спушта во гроб и оттаму издига. {2:7} Господ осиромашува и збогатува, го оборува човекот и го возвишува. {2:8} Го подига бедниот од правот, сиромашниот го возвишува од буниште, за да ги седне со кнезовите и за да наследат славен престол. Зашто Господови се столбовите на земјата, и Тој ја ставил врз нив вселената. {2:9} Ги чува чекорите на своите свети, злосторниците ги стигнува пропаст во мракот зашто човек не придобива победа со својата сила. {2:10} Кои Му се противат на Господа, се сотираат. Сèвишниот грми од небесата врз нив. Господ им суди на краиштата на земјата, му дава сила на својот цар, и Го воздигнува рогот на Својот помазаник.” {2:11} Потоа Елкан се врати во домот во Рама, а детенцето остана да Му служи на Господа, при свештеникот Илија. {2:12} А Илиевите синови беа недобри луѓе, зашто не се грижеа за Господа, {2:13} ни за правата на свештениците спроти народот: кога некој би принесувал жртва, би дошол свештениковиот слуга додека месото уште се вареше, со трирогова вилушка во рацете {2:14} и забодуваше со неа во котлето или во грнецот, во садот за пржење или во чинијата, и што и да се закачеше на вилушката, го земаше свештеникот за себе. Така им правеа на сите Израелци кои доаѓаа онаму, во Сило. {2:15} Така, и пред да беше спалено салото, би дошол свештениковиот слуга и би му рекол на човекот, кој ја принесуваше жртвата: „Дај ми месо за да му испечам на свештеникот! Тој не сака од тебе варено месо, туку само пресно.” {2:16} Ако човекот би му рекол тогаш: „Најнапред нека биде спалено салото, а тогаш земи што ти сака душата,” тој би одговорил: „Не, туку дај веднаш.” {2:17} Гревот на овие луѓе беше многу голем пред Господа, зашто луѓето ја презираа жртвата што Му беше принесувана на Господа. {2:18} А Самоил служеше пред Господа, уште дете во ленен наплеќник. {2:19} Неговата мајка му правеше горна облека за наметнување и му ја донесуваше секоја година, кога ќе дојдеше со својот маж, за да ја принесе годишната жртва. {2:20} А Илија ги благословуваше Елкана и неговата жена, велејќи: „Господ нека ти даде пород од таа жена наместо подарокот што Му го даде на Господа.” Тогаш се враќаа во својот дом. {2:21} Господ ја посети Ана, и таа зачна и роди уште три сина и две ќерки; а детето Самоил растеше со Господа. {2:22} Илија веќе беше многу стар, ама сепак чу сè што неговите синови му правеа на сиот Израел, и дека лежеле со жените, кои се собирале при влезот на Шаторот на сведоштвото. {2:23} И тој им рече: „Зашто работите такво нешто, за да треба да слушам за тоа од сиот овој народ? {2:24} Немојте така, синови мои! Не се добри гласовите што ги слушам... го соблазнувате Господовиот народ. {2:25} Ако човек му згреши на човека, Господ ќе пресуди. Но ако човек Му згреши на Господа, кој ќе се заземе за него?” Ама синовите не го послушаа гласот на својот татко, зашто Господ беше одлучил да ги погуби. {2:26} А детето Самоил сè повеќе растеше и придобиваше благонаклоност и пред Господа и пред луѓето. {2:27} Тогаш дојде еден Божји човек при Илија и му рече: „Господ зборува вака: ‘Нели му се јавив јасно на домот на твојот татко кога беа во Египет, во домот на фараонот? {2:28} Ги избрав од сите Израелеви племиња за да ми бидат свештеници, за да се искачуваат на Мојот жртвеник, за да принесуваат жртви паленици и за да носат наплеќник пред Мене: и му ги дадов на домот на твојот татко сите палени жртви на Израелевите синови. {2:29} Зошто ја газите Мојата жртва и Мојот лебен принос? И зошто ги пазиш своите синови повеќе од Мене, гоејќи ги со најдобрите делови на сите жртвени приноси на Мојот народ Израел?’ {2:30} ’Затоа - Господ, Израелевиот Бог говори - навистина реков дека твојот дом и домот на твојот татко ќе стапуваат пред Мене довека, сега - говори Господ - нека е тоа далеку од Мене, ќе ги прославам оние кои Ме прославуваат Мене, а кои не Ме слават Мене, ќе бидат засрамени. {2:31} Ете, доаѓаат денови кога ќе ги отсечам твојата мишка и мишката на домот на татка ти, така што веќе не ќе има старец во твојот дом. {2:32} Ти ќе гледаш со кривогледо око на сите добра со кои ќе го опсипам Израел, и никогаш веќе не ќе има старец во твојот дом. {2:33} Сепак ќе задржам некого од твоите кај Својот олтар, само за да му слабеат очите и за да му венее неговата душа, но сето потомство на твојот дом ќе умира на средна возраст. {2:34} Знак ќе биде она што ќе ги снајде твоите два сина, Офниј и Финес: двајцата ќе загинат во ист ден. {2:35} Јас ќе си издигнам за Себе си верен свештеник, кој ќе работи според Моето срце и според Мојата душа, и во него ќе создадам траен дом, и тој секогаш ќе оди пред Мојот Помазаник. {2:36} А кој ќе остане од твојот дом, ќе доаѓа да му се поклони и да измоли сребрениче или парче леб, и ќе рече: „Те молам, прими ме во каква и да е свештеничка служба, за да имам залак леб.”‘“ {3:1} Младиот Самоил Му служеше на Господа под Илиево надгледување, во она време Господ ретко им зборуваше на луѓето, а виденијата не беа чести. {3:2} Но еден ден Илија лежеше во својата соба - неговите очи почнаа да слабеат, та веќе не можеше да гледа. {3:3} Божјиот светилник, уште не беше угаснат, и Самоил спиеше во Господовиот Храм, таму каде што беше Божјиот Ковчег. {3:4} И Господ го повика: „Самоиле! Самоиле!” А тој одговори: „Еве ме!” {3:5} И отрча кај Илија и рече: „Еве ме! Ти ме повика!” А Илија рече: „Јас не те повикав. Врати се и спиј!” И тој отиде и легна. {3:6} И Господ пак го повика: „Самоиле! Самоиле!” Самоил стана, отиде при Илија и му рече: „Еве ме! Ти ме повика!”А Илија одговори: „Јас не те повикав, сине! Врати се и спиј!” {3:7} Самоил уште не го познаваше Господа, и уште никогаш не му беше објавено Господовото слово. {3:8} И Господ го повика Самоила по трет пат. Тој стана, отиде кај Илија и рече: „Еве ме! Ти ме повика!” Сега Илија разбра дека Господ го повикувал детенцето. {3:9} Затоа му рече на Самоила: „Оди и легни; а ако те повика, ти речи: ‘Зборувај, Господи, твојот слуга слуша.’” И Самоил отиде и легна на своето место. {3:10} И Господ дојде и застана, и викна како порано: „Самоиле! Самоиле!” А Самоил одговори: „Зборувај Твојот слуга Те слуша.” {3:11} Тогаш Господ му рече на Самоила: „Еве ќе направам нешто во Израел така што ќе им брчат двете уши на секој што ќе чуе. {3:12} Во оној ден ќе исполнам врз Илија сè што реков за неговиот дом, од почеток до крај. {3:13} Ти ќе му јавиш дека ја осудувам неговата куќа довека; тој знаеше дека неговите синови го хулат Бога, а не ги воздржа. {3:14} Затоа му се колнам на Илиевиот дом никакви жртви ни приноси нема да ја исперат вината на Илиевиот дом довека.” {3:15} Самоил спиеше до утрото, а тогаш ја отвори вратата на Господовиот Дом. Самоил се боеше да му го каже видението на Илија. {3:16} Но Илија го повика Самоила, говорејќи: „Самоиле, сине!” А тој одговори: „Еве ме!” {3:17} И тој го праша: „Какво е словото што ти го рече? Не криј ништо од мене! Така да ти направи Бог и да ти додаде друго ако ми скриеш нешто од она што ти рекол.” {3:18} Самоил му раскажа сè, и ништо не притаи од него. А Илија рече: „Тој е Господ, нека прави како што Му е по волја!” {3:19} Самоил растеше, а Господ беше со него и не оставаше ниту едно негово слово да падне на земја. {3:20} Сиот Израел, од Дан до Вирсавеа, созна дека Самоил е поставен за пророк Господов. {3:21} Господ и натаму се јавуваше во Сило, зашто му се откриваше на Самоила преку словото Господово. И Самоиловото слово се расчу низ сиот Израел. {4:1} Во она време Филистејците собраа војска против Израел. Израелците излегоа пред нив за да војуваат, и се влогорија кај Евен Езер, додека Филистејците поставија логор кај Афек. {4:2} Филистејците се построија во боен ред против Израел, и настана жестока битка. Израел им подлегна на Филистејците: околу четири илјади луѓе загинаа на боиштето, на отворено поле. {4:3} Кога народот се врати во логорот, Израелевите старешини рекоа: „Зошто Господ дозволи денес да нè победат Филистејците? Да појдеме во Сило по Ковчегот на Господовиот Завет, нека дојде во наша средина и нека нè спаси од рацете на нашите непријатели.” {4:4} Народот испрати луѓе во Сило, и го донесоа оттаму Ковчегот на Заветот на Господа, на силите, кој престолува над херувимите; двата Илиеви сина, Офниј и Финес, дојдоа како придружници на Ковчегот. {4:5} Кога Господовиот Ковчег стигна во логорот, сиот Израел грмливо воскликна, од кое одекнуваше земјата. {4:6} Филистејците го чуја тоа грмливо воскликнување и прашаа: „Што значи тоа грмливо воскликнување во логорот на Евреите?” И сфатија дека Господовиот Ковчег стигна во нивниот логор. {4:7} Тогаш Филистејците ги обзеде страв, зашто зборуваа: „Бог дојде во логорот!” И извикаа: „Тешко нам! Така не беше досега. {4:8} Тешко нам! Кој ќе нè избави од рацете на Тој силен Бог? Тоа е Оној, Кој го удрил Египет со секакви неволји во пустината. {4:9} Охрабрете се и бидете јунаци, Филистејци, за да не им станете робови на Евреите, како што тие ви беа робови вам; бидете јунаци и борете се!” {4:10} Тогаш Филистејците заметнаа битка, Израелците беа поразени и избегаа секој во својот шатор. Поразот беше силен, зашто загинаа триесет илјади пешаци од Израелците. {4:11} И Божјиот Ковчег беше одземен, и двата Илиеви сина загинаа, Офниј и Финес. {4:12} Еден Венијамовец отрча од бојните редови и стигна во Сило уште на истиот ден, со искинати облеки и со глава посипана со прав. {4:13} Кога стигна, Илија седеше на својата столица, покрај огнот, внимавајќи на патот, зашто срцето му трепереше од страв за Божјиот Ковчег. Имено, тој човек дојде за да му донесе на градот глас, и настана силна викотница низ сиот град. {4:14} Кога Илија ја чу виката, праша: „Каква е таа голема викотница?” Човекот поита и дојде да го извести Илија. {4:15} А Илија беше тогаш на деведесет и осум години, очите му беа помрачени, та веќе ништо не гледаше. {4:16} Човекот му рече на Илија: „Доаѓам од боиштето, денес избегав од бојот.” Тогаш старецот праша: „Што се случило, сине?” {4:17} Гласникот одговори: „Израел избега пред Филистејците, тоа беше голем пораз за народот, и уште двата твои сина загинаа, и Божјиот Ковчег е грабнат!” {4:18} Кога го спомна Божјиот Ковчег, Илија падна од столицата назад покрај вратата, го скрши вратот и умре, зашто беше стар и тежок човек. Беше судија во Израел четириесет години. {4:19} Неговата снаа, Финесовата жена, беше трудна и пред породување. Кога чу дека е грабнат Божјиот Ковчег и дека умре нејзиниот свекор и дека загина нејзиниот маж, се свитка и роди, зашто наеднаш ја опфатија породилни болки. {4:20} Бидејќи беше на умирање, жените, кои што стоеја околу неа и рекоа: „Биди без грижа, зашто роди син!” Ама таа не одговори ниту обрна внимание. {4:21} На детето му го даде името Ихавод (неславен), велејќи: „Славата си отиде од Израел.” Со тоа мислеше на грабнатиот Божји Ковчег и на својот свекор и на својот маж. {4:22} Затоа рече: „Славата си отиде од Израел,” зашто е одземен Божјиот Ковчег. {5:1} Кога Филистејците го освоија Божјиот Ковчег, го пренесоа од Евен Езер во Азот. {5:2} На тоа Филистејците го зедоа Божјиот Ковчег, го внесоа во Дагоновиот храм и го сместија покрај Дагона. {5:3} Утреден наутро, ете, Дагон лежеше ничкум на земјата пред Господовиот Ковчег. Тие го кренаа Дагона и го ставија на неговото место. {5:4} Ама кога поранија наутро, ете, Дагон лежеше пак на земјата пред Господовиот Ковчег; Дагоновата глава и двете негови раце лежеа отсечени на прагот: на местото стоеше само Дагоновиот труп. {5:5} Затоа Дагоновите свештеници и сите кои влегуваат во Дагоновиот храм не стапнуваат со нога на Дагоновиот праг во Азот сè до денешен ден. {5:6} Тогаш Господовата рака ги притисна тешко жителите на Азот и ги натера во силен страв: ги казни со чиреви, Азот и неговото подрачје. {5:7} Кога луѓето во Азот видоа што се случи, рекоа: „Ковчегот на Израелевиот Бог не смее да остане кај нас, зашто Неговата рака се испружила против нас и против нашиот бог Дагон.” {5:8} Тие ги свикаа и ги собраа сите филистејски кнезови кај себе и рекоа: „Што да правиме со Ковчегот на Израелевиот Бог?” А тие одговорија: „Ковчегот на Израелевиот Бог нека биде пренесен во Гат.” И го пренесоа таму Ковчегот на Израелевиот Бог. {5:9} Ама кога го пренесоа, Господовата рака се спушти на градот и настана силна стравотија: ги удри граѓаните, од најмалите до најголемите така што им се појавија чиреви. {5:10} Тогаш го испратија Божјиот Ковчег во Акарон, Акаронците повикаа: „Го донесоа Ковчегот на Израелевиот Бог кај нас, за да нè помори нас и сиот наш народ!” {5:11} Затоа испратија и ги собраа сите филистејски кнезови и рекоа: „Испратете го назад Ковчегот на Израелевиот Бог, нека биде вратен на своето место, за да не нè помори нас и нашиот народ!” Зашто владееше смртен страв во целиот град, толку таму беше притиснала Господовата рака. {5:12} Луѓето кои не изумреа, беа удрени со чиреви и болниот вик на градот се дигаше до небото. {6:1} Ковчегот на Господа беше седум месеци во земјата на Филистејците. {6:2} Тогаш Филистејците ги свикаа свештениците и вражалците и ги прашаа: „Што да правиме со Господовиот Ковчег? Поучете нè како да го испратиме назад на неговото место.” {6:3} Тие одговорија: „Ако сакате да го вратите Ковчегот на Израелевиот Бог, не праќајте го назад празен, туку покрај него испратете и надоместница. Тогаш ќе се излечите и ќе знаете зошто Неговата рака не се сврти од вас.” {6:4} Тие прашаа: „Каква надоместница треба да Му испратиме?” Тие одговорија: „Според бројот на Филистејските кнезови пет златни чиреви и пет златни стаорци, зашто е иста неволја и на вас и на вашите кнезови. {6:5} И така, направете слики на своите чиреви и слики на своите стаорци, што ви ја сотруваат земјата, и дајте Му слава на Израелевиот Бог. Можеби ќе ја тргне Својата рака од вас, од вашите богови и од вашата земја. {6:6} Зошто сакате да ви окорави срцето, како што им беше окоравено на Египетците и на фараонот? Кога Бог ги притисна, не ги пуштија ли тогаш да си одат? {6:7} Подгответе сега една нова кола и земете две крави доилки, што уште не носеле јарем: впрегнете ги кравите во колата, а нивните телиња одведете ги назад во стајата. {6:8} Тогаш ќе го земете Господовиот Ковчег и ќе го ставите во колата. Златните предмети што Му ги принесувате како жртва за престап ќе ги сложите во ковчеже покрај него, и така нека тргне. {6:9} Потоа гледајте: ако тргне кон својот крај, по патот кон Вет Семес, тогаш е очигледно дека Тој ни го задаваше ова големо зло; ако не тргне така, ќе знаеме дека не нè удрила Неговата рака, туку дека тоа ни стана случајно.” {6:10} Луѓето направија така: зедоа две крави доилки и ги впрегнаа во колата, а нивните телиња ги задржаа во стајата. {6:11} Господовиот Ковчег го ставија на колата, и ковчежето со златните стаорци и со ликовите на своите чиреви. {6:12} Кравите удрија право по патот кон Вет Семес, и еднакво одеа по истиот пат, мукаа одејќи, а не свртуваа ни десно ни лево. Филистејските кнезови ги придружуваа до границата на Вет Семес. {6:13} Жителите на Вет Семес токму беа зафатени со жетвата на пченицата во долината. Подигнувајќи ги очите го здогледаа Ковчегот и му потрчаа во пресрет со радост. {6:14} Кога колата стигна во нивата на Ветсемеецот Исус, застана. Таму имаше голем камен. Тогаш ги исцепија дрвата од колата и Му ги принесоа кравите како жртва паленица на Господа. {6:15} Левитите го беа симнале Господовиот Ковчег и ковчежето, што беше покрај него и во кое беа златните предмети, и сè беа сложиле врз оној голем камен. Жителите на Вет Семес Му принесуваа во тој ден жртви паленици и Му колеа жртви закланици на Господа. {6:16} Кога го видоа тоа петте филистејски кнезови, се вратија во Акарон истиот ден. {6:17} А ова се петте златни чиреви што Филистејците Му ги испратија како жртва за престап на Господа: еден за Азот, еден за Газа, еден за Аскалон, еден за Гат, еден за Акарон. {6:18} А златни стаорци имаше толку колку сите филистејски градови во сите пет кнежевства, од утврдените градови до отворените села. Сведок е големиот камен врз кого го положија Господовиот Ковчег, и кој уште и денес стои во нивата на Исуса од Вет Семес. {6:19} И Тој ги удри жителите на Вет Семес бидејќи погледнаа во Господовиот Ковчег. Затоа Господ порази педесет илјади и седумдесет луѓе меѓу нив. Народот тагуваше заради тоа што Господ ги порази со големо истребување. {6:20} Тогаш луѓето во Вет Семес рекоа: „Кој би можел да опстои пред Господа, пред Овој Свет Бог? Кому ќе Му отиде сега од нас?” {6:21} И им испратија пратеници на жителите на Киријат Јарим и им порачаа: „Филистејците го вратија Господовиот Ковчег. Дојдете и однесете го при себе.” {7:1} Тогаш луѓето од Киријат Јарим дојдоа и го однесоа Господовиот Ковчег при себе. Го внесоа во Авинадавовата куќа, на ридот и го посветија неговиот син Елеазар да го чува Господовиот Ковчег. {7:2} Од денот кога Ковчегот беше поставен во Киријат Јарим помина многу време - дваесет години - и сиот Израелев дом воздивнуваше по Господа. {7:3} Тогаш Самоил му проговори на сиот Израелев дом вака: „Ако од сè срце Му се враќате на Господа, отстранете ги од својата средина туѓите богови, ваалите и астартите, и пригответе ги своите срца за Господа и служете Му единствено Нему. Тогаш Тој ќе ве избави од рацете на Филистејците.” {7:4} Тогаш Израелевите синови ги отстранија ваалите и астартите, и Му служеа единствено на Господа. {7:5} Тогаш Самоил заповеда: „Соберете ги сите Израелеви синови во Миспа, за да Му се помолам на Господа за вас.” {7:6} И така тие се собраа во Миспа; таму нацрпуваа вода и ја излеваа пред Господа. И постеа во оној ден и признаваа: „Му согрешивме на Господа!” И Самоил им судеше на Израелевите синови во Миспа. {7:7} Кога Филистејците чуја дека Израелевите синови се собраа во Миспа, филистејските кнезови тргнаа да нападнат на Израел. Кога го видоа тоа Израелевите синови, се исплашија од Филистејците. {7:8} И Израелевите синови го замолија Самоила: „Не прекратувај да викаш за нас кон Господа, кон нашиот Бог, за да нè избави од рацете на Филистејците.” {7:9} Самоил зеде едно јагне цицалче и Му го принесе на Господа како жртва паленица, и гласно Му се помоли на Господа за Израел, и Господ го послуша. {7:10} Додека Самоил принесуваше жртва паленица, Филистејците дојдоа за да удрат на Израел, ама во тој ден Господ загрме со силен грмеж на Филистејците и така ги испалши и ги збуни, та му подлегнаа на Израел. {7:11} Израелските војници излегоа од Миспа и ги спотераа Филистејците, поразувајќи ги сè до Вет Хар. {7:12} А Самоил зеде еден камен и го постави меѓу Миспа и Сена и го нарече Евен Езер (Камен на Помош), говорејќи: „Господ ни помогна дотука.” {7:13} Така Филистејците беа понижени, и никогаш веќе не се нафрлија на Израелевата земја, а Господовата рака ги притискаше Филистејците за време на сиот век на Самоила. {7:14} И градовите што Филистејците ги беа зазеле од Израел му беа вратени нему, од Акарон до Гат, и Израел го ослободи нивното подрачје од филистејски раце. И имаше мир меѓу Израелците и Аморејците. {7:15} Самоил беше судија во Израел за време на сиот свој век. {7:16} Секоја година ги обиколуваше Ветил, Галгал и Миспа, и во сите тие места му судеше на Израел. {7:17} Потоа се враќаше во Рама, зашто таму имаше своја куќа и таму му судеше на Израел. Таму му подигна и жртвеник на Господа. {8:1} Кога Самоил остаре, ги постави своите синови за судии во Израел. {8:2} Неговиот првороденец се викаше Јоил, а вториот син Авија; тие беа судии во Вирсавеа. {8:3} Ама синовите не одеа по татковите стапки: гледаа на својата печалба, примаа поткуп и ја извртуваа правдата. {8:4} Тогаш се собраа сите израелски старешини и дојдоа кај Самоила, во Рама. {8:5} И му рекоа: „Ете ти остаре, а твоите синови не одат по твоите стапки. И така, постави ни цар да владее над нас, како што е тоа кај сите народи.” {8:6} Ама на Самоила не му беше мило дека рекоа: „Дај ни цар да владее над нас!” Затоа Самоил Му се помоли на Господа. {8:7} А Господ му рече на Самоила: „Послушај го гласот на народот во сè што бараат од тебе, зашто не те отфрлија тебе, туку Ме отфрлија Мене, не сакајќи Јас да царувам над нив. {8:8} Сè што Ми правеа Мене, од оној ден кога ги изведов од Египет па до денешниот ден - Ме оставија Мене и им служеа на туѓи богови - тие ти прават така и тебе. {8:9} И така, сега послушај го нивното барање, но опомени ги свечено и поучи ги за правата на царот, кој ќе владее над нив.” {8:10} Самоил му ги повтори сите Господови зборови на народот, кој бараше цар од него. {8:11} И рече: „Ова ќе биде правото на царот кој ќе царува над вас: ќе ги зема вашите синови за да му служат кај бојните коли и кај коњите, и тие ќе трчаат пред неговите бојни коли. {8:12} Ќе ги поставува за илјадници за педесетници; тие ќе ја ораат неговата земја, ќе ја жнијат неговата жетва, ќе му изработуваат бојно оружје и опрема за неговите бојни коли. {8:13} Царот ќе ги зема вашите ќерки за да му прават мирисливи масти, да бидат готвачки и пекарки. {8:14} Ќе ги земе вашите најдобри ниви, вашите лозја и вашите градини со маслинки и ќе им ги подарува на своите дворјани. {8:15} Ќе зема десеток од вашите посеви и од вашите лозја и ќе им го дава на своите дворјани и на своите службеници. {8:16} Ќе ги зема вашите слуги и вашите слугинки и вашите најдобри волови и ослиња, и ќе ги употребува за своја работа. {8:17} Ќе зема десеток од вашиот ситен добиток, а вие самите ќе му станете робови. {8:18} И кога еден ден ќе викате за помош заради царот, кого што го избравте сами, Господ нема да ве послуша во оној ден!” {8:19} Народот не сакаше да го послуша Самоиловиот глас, туку рече: „Не! Сакаме цар да владее над нас! {8:20} Така и ние ќе бидеме како сите народи: ќе ни суди наш цар, ќе ни биде водач и ќе ги води нашите војни.” {8:21} Кога Самоил чу што зборува народот, Му кажа сè на Господа. {8:22} А Господ му рече на Самоила: „Послушај ја нивната желба и постави им цар!” Тогаш Самоил им рече на Израелците: „Вратете се секој во својот град!” {9:1} Во она време живееше еден човек во Венијаминовото племе по име Кис, син на Авила, син на Серор, син на Вехорат, син Афиев; беше од Венијаминовото племе, виден човек. {9:2} Имаше син по име Саул, кој беше млад и убав. Меѓу Израелевите синови немаше поубав човек од него: за глава беше повисок од сиот народ. {9:3} Тогаш на Кис, Сауловиот татко му се загубија ослиците, па Кис му рече на својот син Саул: „Земи со себе еден слуга па стани и оди да ги бараш ослиците!” {9:4} И тие ја поминаа Ефремовата Гора, и ја поминаа земјата Салиса, но не најдоа ништо; ја поминаа земјата Салим, но ослиците не беа таму; ја поминаа и Венијаминовата Земја, но не најдоа ништо. {9:5} Кога дојдоа во земјата Суф, Саул му рече на слугата кој го придружуваше: „Ајде да се вратиме, за да не се откаже таткото од ослиците и да се загрижи за нас!” {9:6} А тој му одговори: „Ене, во оној онаму град живее Божји човек; тој е многу угледен човек: што и да каже се збиднува навистина. И така, да отидеме кај него, можеби ќе не упати во она заради што тргнавме на пат.” {9:7} А Саул му рече на својот слуга: „Ако навистина отидеме онаму што ќе му однесеме на човекот? Снема леб во нашите торби, немаме подарок да му однесеме на Божјиот човек. Што имаме да му дадеме?” {9:8} А слугата проговори пак и му рече на Саула: „Ете, имам во раката четвртинка сребрен сикал: ќе му го дадам на Божјиот човек, за да нè упати каде да одиме.” {9:9} (Некогаш во Израел кога би оделе да Го прашаат Бога за совет, се велеше: „Ајде, да појдеме кај видовитиот!” Зашто кого денес го нарекуваат пророк, некогаш беше викан видовит.) {9:10} Саул му одговори на својот слуга: „Добро велиш. Ајде!” И тргнаа во градот каде што живееше Божјиот човек. {9:11} Кога се искачуваа по угорништето кон градот, сретнаа девојки кои што излегле да нацрпат вода. И ги прашаа: „Дали е горе видовитиот?” {9:12} Тие им одговорија вака: „Да, видовитиот е пред вас. Точно стигна во градот, само побрзајте, бидејќи денес народот има жртва на високо место. {9:13} Штом ќе влезете во градот, ќе го најдете уште пред да се искачи на високото место да јаде. Зашто народот нема да јаде додека не дојде тој, бидејќи тој треба да ја благослови жртвата, а потоа повиканите ќе јадат. Затоа одете веднаш горе зашто уште ќе го најдете.” {9:14} Тие отидоа горе во градот. Кога влегуваа во вратата, Самоил ги сретна тргнувајќи кон високото место. {9:15} А ден пред да дојде Саул Господ му откри на Самоила: {9:16} ”Утре во ова доба ќе испратам при тебе човек од Венијаминовата Земја. Ти ќе го помажеш за кнез над Мојот народ Израел. Тој ќе го избави Мојот народ од филистејските раце. Ја видов неволјата на Својот народ, и неговиот вик достигна до Мене.” {9:17} А кога Самоил го здогледа Саула, Господ му проговори: „Еве ти го човекот за кого ти реков: ‘Тој ќе владее над Мојот народ.’” {9:18} Саул му пристапи на Самоила при вратата и рече: „Покажи ми каде е куќата на видовитиот.” {9:19} А Самоил му одговори на Саула: „Јас сум видовитиот. Тргни пред мене на високото место, денес ќе јадете со мене. Утре наутро ќе те отпуштам и ќе ти речам сè што ти е на срцето. {9:20} А за ослиците што ти се загубија пред три дни, не возбудувај се, зашто се најдоа. Освен тоа, кому му припаѓа сè што е најскапоцено во Израел? Зар не тебе и на сиот дом на твојот татко?” {9:21} А Саул одговори вака: „Не сум ли јас од Венијаминовото племе, од најмалото Израелово племе? А мојот род не е ли најнезначаен од сите родови на Венијаминовото племе? И така, зошто ми зборуваш такви зборови?” {9:22} Самоил ги зеде Саула и неговиот слуга, ги одведе во соба и им даде место на чело на повиканите, кои беа околу триесет. {9:23} Потоа Самоил му рече на готвачот: „Донеси го делот што ти го дадов и за кој ти реков да го оставиш настрана.” {9:24} Готвачот ги зеде плешката и она што беше над неа и ги стави пред Саула, а Самоил му рече: „Еве, пред тебе е она што е запазено за тебе. Јади, зашто тоа ти е запазено досега, кога го свикав народот.” Така во оној ден Саул јадеше со Самоила. {9:25} Потоа оттаму слегоа во градот. Таму му послаа на Саула на покривот. {9:26} И тој легна на почивка. Штом се зазори, Самоил го повика Саула, велејќи: „Стани, за да те отпуштам!” Кога Саул стана, двајцата излегоа, тој и Самоил. {9:27} Кога дојдоа на крајот на градот, Самоил му рече на Саула: „Речи му на момокот нека тргне напред пред нас! А ти застани, сега, за да ти го јавам Божјото слово.” {10:1} Тогаш Самоил зеде сад со масло па го излеа врз главата на Саула, потоа го пољуби и рече: „Со ова Господ те помаза за кнез над Својот народ Израел. Ти ќе владееш над Господовиот народ, и ќе го избавиш од рацете на неговите непријатели наоколу. И еве ти знак дека Господ те помаза за кнез над Своето наследство. {10:2} Кога ќе заминеш сега од мене, ќе најдеш двајца луѓе кај Рахилиниот Гроб, на границата на Венијаминовата Земја, во Селса. Тие ќе ти речат: ‘Се најдоа ослиците, кои тргна да ги бараш; и ете, твојот татко ги заборави ослиците, и се загрижи за вас и вели: „Што да направам за својот син?”‘ {10:3} Кога ќе заминеш оттаму натаму и ќе дојдеш до Таворскиот Даб, ќе сретнеш таму тројца луѓе кои ќе одат горе кон Бога во Ветил. Едниот ќе носи три јариња, другиот три леба, а третиот мев со вино. {10:4} Тие ќе те поздрават, и ќе ти дадат два леба, а ти прими ги од нивните раце. {10:5} Потоа ќе дојдеш во Божја Гаваја каде се наоѓаат филистејските граничари. Кога ќе влезеш во градот, ќе сретнеш дружина пророци, кои ќе слегуваат од високото место, а пред нив псалтири, тапанчиња кавалчиња и гуслиња; и тие ќе пророкуваат. {10:6} Тогаш Господовиот Дух ќе слезе на тебе, и ќе пророкуваш со нив, и ќе се измениш во друг човек. {10:7} А кога ќе се исполнат тие знакови, тогаш прави како што ќе посакаш, зашто Бог е со тебе. {10:8} Потоа ќе слезеш пред мене во Галгал, и јас ќе слезам при тебе, за да принесам паленици и помирителни жртви. Чекај седум денови додека не дојдам кај тебе и да те поучам што ќе правиш.” {10:9} Штом Саул ги сврте плеќите за да си отиде од Самоила, Бог му го промени срцето, и сите оние знаци се исполнија во оној ден. {10:10} Имено кога дојдоа во Гаваја, ете, му дојде во пресрет дружина пророци, и Божјиот Дух слезе на него, и тој пророкуваше среде нив. {10:11} И кога сите, кои го познаваа отпорано, го видоа како пророкува со пророците, почнаа да зборуваат еден на друг: „Што се случи тоа со Кисовиот син? Зар е Саул меѓу пророците?” {10:12} А еден од нив одговори и рече: „А кој е нивниот татко?” Од тоа стана пословицата: „Зар е и Саул меѓу пророците!” {10:13} Кога прекрати да пророкува Саул се врати дома. {10:14} А Сауловиот чичко ги праша него и слугата: „Каде отидовте?” А Саул одговори: „Да ги бараме ослиците; а кога видовме дека ги нема, отидовме кај Самоил.” {10:15} А неговиот чичко го замоли: „Раскажи ми што ви рече Самоил.” {10:16} А Саул му одговори на својот чичко: „Ни рече дека се најдоа ослиците.” Ама не му рече ништо за царската чест што му ја прорече Самоил. {10:17} Потоа Самоил го свика народот пред Господа во Миспа {10:18} и им рече на Израелевите синови: „Вака зборува Господ: ‘Јас го изведов Израел од Египет и ве избавив од египетските раце и од рацете на сите царства, кои ве угнетуваа.’ {10:19} А вие го отфрливте денес својот Бог, Оној Кој ве избавуваше од сите ваши зла и од сите ваши неволји, и Му рековте: ‘Не, туку постави ни цар над нас!’ Затоа сега застанете пред Господа според своите племиња и родови.” {10:20} Потоа Самоил ги приведе сите Израелеви племиња, и жрепката падна на Венијаминовото племе. {10:21} Потоа го приведе Венијаминовото племе по родовите, и жрепката падна на Матриевиот род; и кога го приведе Матриевиот род, човек по човек, жрепката падна на Саула, синот Кисов; но кога го побараа, не го најдоа. {10:22} Тогаш го прашаа уште еднаш Господа: „Дали дојде тој човек тука?” А Господ одговори: „Ене го, се скрил зад товарот.” {10:23} Стрчаа и го доведоа оттаму; а кога застана среде народот, беше со главата и со рамениците повисок од сите. {10:24} Тогаш Самоил му рече на сиот народ: „Видовте ли кого го избра Господ? Не му има рамен во сиот народ.” И сиот народ почна да воскликнува и да вика: „Да живее царот!” {10:25} Тогаш Самоил му го соопшти на народот царското право и го запиша во книжен свиток што го положи пред Господа. Најпосле Самоил го отпушти сиот народ, за да си оди секој во својата куќа. {10:26} Саул исто така се врати дома во Гаваја, а со него тргнаа јунаците на кои Бог им ги допре срцата. {10:27} Ама некои ништожници рекоа: „Како ќе нè спаси тој?” И го презреа и не му донесоа никаков подарок. Тој се преправаше како да не го гледа тоа. {11:1} Од прилика по месец дена Амонецот Наас дојде и се влогори кај Галадовиот Јавис. Сите јависци му порачаа на Наас: „Склучи сојуз со нас, па ќе ти се покориме.” {11:2} Но Амонецот Наас одговори: „Вака ќе склучам сојуз со вас: на секој од вас ќе му го извадам десното око, и така ќе му направам срам на сиот Израел.” {11:3} А јависките старешини му рекоа: „Остави ни седум денови, за да испратиме гласници во сите Израелеви краеви, па ако не се најде никој за да нè избави, ќе ти се предадеме тебе.” {11:4} И пратениците дојдоа во Саулова Гаваја па му изложија сè на народот за да чуе. Тогаш сиот народ заплака со висок глас. {11:5} А ете, Саул токму одеше по добитокот од полето, па праша: „Што им е на луѓето па плачат?” И му раскажаа што рекоа јависците. {11:6} Кога Саул ги чу тие зборови, Господовиот Дух слезе на него, и силен гнев зовре во него. {11:7} И тој зеде два вола, ги насече, и деловите ги испрати по пратеници во сите Израелеви краишта и порача: „Кој не ќе тргне по Саула, вака ќе биде со неговите говеда.” И Божјиот страв ги опфати луѓето, па тргнаа како еден човек. {11:8} Саул ги преброја во Везек: и имаше Израелеви синови три стотини илјади, а Јудини луѓе триесет илјади. {11:9} Потоа им рече на пратените кои што беа дошле: „Вака речете им на јависците во Галад: ‘Утре кога сонцето ќе припече, ќе ви стигне помош.’” Кога посланиците се вратија, им го јавија сè тоа на јависците, и тие се зарадуваа. {11:10} И му порачаа на Наас: „Утре ќе излеземе кон вас, па направете со нас како што ќе ви биде мило.” {11:11} Утреден Саул го раздели народот во три чети, кои навлегоа во логорот при утринската стража, и ги поразија Амонците под најголемата дневна жега; а тие што останаа живи се распрснаа така што ни двајца не останаа заедно. {11:12} Тогаш народот му рече на Самоила: „Кој е оној што зборуваше: ‘Зар Саул ќе царува над нас?’ Дајте ги тие луѓе за да ги погубиме!” {11:13} Ама Саул одговори: „Нека никој не биде погубен во овој ден, зашто денес Господ извојува победа во Израел.” {11:14} Тогаш Самоил му рече на народот: „Ајде во Галгал, таму да го потврдиме царството.” {11:15} И сиот народ тргна во Галгал, и таму го поставија Саула за цар пред Господа, во Галгал. Таму жртвуваа пред Господа помирителни жртви, и таму Саул, со сите Израелци, прославуваше прослава. {12:1} Тогаш Самоил му рече на сиот Израел: „Еве ја исполнив вашата желба во сè што баравте од мене, и поставив цар над вас. {12:2} И отсега царот ќе оди пред вас. А јас остарев и оседев, и моите синови ете, се меѓу вас. Јас одев пред вас од својата младост па до денешниот ден. {12:3} Еве ме! Посведочите против мене пред Господа и пред Неговиот помазаник: кому му одзедов вол и кому му одзедов осле? Кого го измамив? Кого го угнетував? Од кого примив поткуп за да замижам на едното око? Јас ќе ви вратам назад сè.” {12:4} А тие одговорија: „Не нè измами, не нè угнетуваше, од никого не прими ништо.” {12:5} Уште им рече: „Господ е сведок за вас, и Неговиот помазаник е сведок во овој ден, дека не најдовте ништо во мојата рака.” А тие одговорија: „Сведок е!” {12:6} Тогаш Самоил му рече на народот: „Да, сведок е Господ, Кој ги постави Мојсеја и Арона и Кој ги изведе вашите татковци од Египет. {12:7} Застанете сега тука, да поразговарам со вас пред Господа и да ве потсетам на сите големи дела, кои ви ги направи Господ вам и на вашите татковци. {12:8} Кога Јаков дојде во Египет Египетците ги притиснаа, а вашите татковци извикаа кон Господа за помош. И Господ ги испрати Мојсеја и Арона, кои ги изведоа вашите татковци од Египет, и ги насели на ова место. {12:9} Но тие Го заборавија Господа, својот Бог, и Тој ги предаде во рацете на Сисара, војводата на асорската војска, и во рацете на Филистејците и во рацете на моавскиот цар, кои војуваа против нив. {12:10} И пак извикаа кон Господа за помош, говорејќи: ‘Згрешивме, зашто Го оставивме Господа и почнавме да им служиме на ваалите и на астартите; избави нè сега од рацете на нашите непријатели па ќе Ти служиме!’ {12:11} И Господ ги испрати Еровала, Ведана, Ефтаја и Самоила, па ве избави од рацете на вашите непријатели, наоколу, така што можевте да живеете без страв. {12:12} Ама кога го видовте Наас, амонскиот цар, како иде против вас, ми рековте: ‘Не, туку цар нека владее над нас!’ Па сепак е ваш Цар, Господ, вашиот Бог! {12:13} И ете ви го сега царот кого го избравте! Ете, Господ постави цар над вас. {12:14} Ако се боите од Господа и ако Му служите, ако го слушате Неговиот глас и не се противите на Неговите заповеди, ќе го следете Господа, својот Бог, вие и царот кој царува над вас. {12:15} Ако не го слушате Господовиот глас, ако се противите на Неговите заповеди, тогаш Господовата рака ќе се спушти на вас и на вашиот цар, како што беше против вашите татковци. {12:16} Сега пристапете уште еднаш и видете го големиот знак што Господ ќе го направи пред вашите очи. {12:17} Не е ли сега пченичната жетва? Ама јас ќе Го повикам Господа, и Тој ќе испрати громови и дожд. И ќе разберете јасно колку е големо злото што го направивте пред Господа, барајќи цар за себе.” {12:18} Тогаш Самоил го повика Господа, и Господ испрати громови и дожд во оној ден, и сиот народ многу се исплаши од Господа и од Самоила. {12:19} И сиот народ му рече на Самоила: „Моли Му се на Господа, на својот Бог, за своите слуги, за да не изумреме, зашто кон сите свои гревови додадовме зло - барајќи цар за себе.” {12:20} Ама Самоил му рече на народот: „Не бојте се! Навистина вие го сторивте сето ова зло, ама сега веќе не го оставајте Господа, туку служете Му на Господа со сето свое срце. {12:21} Не клањајте им се веќе на ништожните кипови, кои не ви користат ништо, не ви помагаат ништо, зашто се само ништожества. {12:22} А Господ нема да го отфрли Својот народ, заради Своето величествено име, зашто Господ благоволи да направи Свој народ. {12:23} А нека биде далеку од мене за да Му згрешам на Господа, прекратувајќи да молам за вас и да ве упатувам на добар и чесен пат. {12:24} Само бојте се од Господа, и служете Му нему искрено со сето свое срце; зашто колку големи дела направи за вас. {12:25} Ако правите зло, ќе пропаднете вие и вашиот цар.” {13:1} Саул царуваше една година, а втората година од царувањето над Израел, {13:2} Саул си избра три илјади Израелци: две илјади од нив беа со Саула во Михмас и во Ветилската Гора, а едната илјада беше со Јонатан во Венијаминовата Гаваја. Другиот народ Саул го отпушти секого во неговиот шатор. {13:3} Јонатан го разурна филистејскиот столб, што стоеше во Гаваја, и Филистејците научија дека Евреите се побунија. Саул заповеда па затрубија во рог по сета земја, {13:4} и сиот Израел ја дозна новоста: „Саул го сурна филистејскиот столб, Израел му стана замразен на Филистејците!” И народот почна да се собира околу Саула во Галгал. {13:5} А Филистејците се собраа за да војуваат против Израел: три илјади бојни коли, шест илјади коњаници, а мноштво народ како песок на морскиот брег. И се влогорија кај Михмас, источно од Вет Авен. {13:6} Кога Израелците видоа дека се во неволја и дека народот е притиснат од непријателот, се скрија во пештерите, во јамите, во камењиштата, во рововите и во водособиралиштата. {13:7} Некои поминаа и преку бродовите на Јордан во земјата Гадова и Галадова. Саул уште беше во Галгал, а сиот народ околу него трепереше од страв. {13:8} Тој почека седум дена како што му одреди Самоил; но бидејќи Самоил не дојде во Галгал, народот почна да се разојдува од Саула. {13:9} Тогаш Саул рече: „Донесете ми жртва паленица и помирителни жртви!” И ја принесе жртвата паленица. {13:10} И токму ја завршуваше жртвата паленица, кога ете го Самоила, и Саул му излезе во пресрет за да го поздрави. {13:11} Самоил, го праша: „Што направи?” А Саул одговори: „Кога видов дека народот се разојдува од мене, а ти да не доаѓаш до одредениот ден, а Филистејците се собрале во Михмас, {13:12} помислив: ‘Сега Филистејците ќе удрат на мене во Галгал, а јас не ќе стигнам да Му се помолам на Господа со молитва!’ Затоа се осмелив и принесов жртва паленица.” {13:13} Самоил му рече тогаш на Саула: „Безумно постапи! Ако ја запазеше заповедта што ти ја даде Господ, твојот Бог, Господ би го зацврстил твоето царство над Израел довека. {13:14} А сега твоето царство нема да се одржи трајно: Господ си побара човек според Своето срце и го одреди за кнез над Својот народ, зашто ти не го запази тоа што ти го заповеда Господ.” {13:15} Тогаш Самоил стана и си отиде од Галгал по својот пат во Венијаминова Гаваја. Народот што остана, тргна по Саула во пресрет на војниците. Штом дојдоа од Галгал во Венијаминова Гаваја, Саул го преброи народот што остана покрај него, и го имаше околу шест стотини. {13:16} Саул и неговиот син Јонатан со луѓето кои што беа со нив заседнаа во Венијаминова Гаваја, а Филистејците се влогорија во Михмас. {13:17} Тогаш од филистејскиот логор излезе чета пљачкаши во три одделенија: едното одделение удри кон Офра во Совалската Земја; {13:18} второто одделение тргна кон Вет Орон, а третото одделение удри кон Гаваја што се крева покрај Севоим (Долината на Хиените) кон пустината. {13:19} А по сета Израелева земја немаше ковачи, зашто Филистејците рекоа: „Треба да се стори сè за да не си прават Евреите мечеви и копја.” {13:20} Затоа сите Израелци одеа кај Филистејците ако некој сакаше да го прекове своето рало или мотиката, својата секира или остенот за воловите. {13:21} Или ако им се скршеа врвовите на паличниците, мотиките, вилите, или секирите, или ако беше потребно да поправат кол. {13:22} Така се случи на денот на битката кај Михмас никој од сиот народ, што беше со Саула и со Јонатана, немаше ни меч ни копје во раката; само Саул и неговиот син Јонатан ги имаа. {13:23} А тогаш една филистејска стража беше излегла кон преминот кај Михмас. {14:1} Еден ден Сауловиот син Јонатан му рече на својот момок, оруженосец: „Ајде да поминеме до филистејската стража, која е онаму преку.” Не му јави ништо за тоа на својот татко. {14:2} Саул седеше на меѓата на Гаваја, под калинката што беше во Мигрон; а со него беа околу шест стотини луѓе. {14:3} А Ахиј синот Ахитов, братот Ихаводов, синот Финесов, синот Илиев, на Господовиот свештеник во Сило, носеше наплеќник. Народот не забележа дека Јонатан си отиде. {14:4} Во средината на клисурата каде што Јонатан сакаше да помине за да дојде до филистејската стража имаше стрмен камен од едната страна и стрмен камен од другата страна. Едниот се викаше Восес, а другиот Сене. {14:5} Првиот стрмен камен стоеше на север, спроти Михмас, а другиот на југ, спроти Гаваја. {14:6} Јонатан му рече на својот оруженосец: „Ајде да поминеме до стражата на оние необрезаници. Можеби Господ ќе направи нешто за нас, зашто ништо не Му пречи на Господа да додели победа, било да се многу луѓе или малку.” {14:7} А штитоносецот му одговори: „Прави сè на што те поттикнува твоето срце. Јас ќе дојдам со тебе, моето срце е како твоето срце.” {14:8} Јонатан му одговори: „Еве ќе поминеме кон тие луѓе и ќе им се покажеме. {14:9} Ако ни речат вака: ‘Не мрдајте сè додека не дојдеме до вас,’ тогаш ќе се исправиме на местото и нема да се искачуваме кон нив. {14:10} Ама ако ни речат вака: ‘Искачете се кон нас,’ тогаш ќе се искачиме, зашто Господ ни ги предаде во рацете. Тоа ќе ни биде знак.” {14:11} Кога двајцата и се покажаа на филистејската стража, филистејците рекоа: „Ете Евреите почнаа да излегуваат од дупките во кои се скрија.” {14:12} И стражарите му викнаа на Јонатана и на неговиот оруженосец: „Искачете се кон нас за да ве научиме нешто!” А Јонатан му рече на својот оруженосец: „Искачувај се по мене, зашто Господ ги предаде во Израелевите раце.” {14:13} Јонатан почна да се искачува помагајќи се со рацете и нозете, а по него неговиот оруженосец. Филистејците паѓаа пред Јонатана, а неговиот штитоносец ги убиваше по него. {14:14} Во тој прв колеж што го направија Јонатан и неговиот штитоносец, паднаа дваесет луѓе на од прилика половина рало изорано поле. {14:15} Тогаш се рашири страв по логорот и по полето, а стравот ги опфати и стражарите и четата грабачи; и земјата се стресе, и тоа беше силен Божји страв. {14:16} А Сауловите стражари во Венијаминовата Гаваја забележија дека мноштвото во логорот се разбранувало на сите страни. {14:17} И Саул им рече на луѓето кои што беа со него: „Извикувајте по име и видите кој си отишол од нас.” А кога прозиваа, ете, ги немаше Јонатана и неговиот штитоносец! {14:18} Тогаш Саул му рече на Ахиј: „Приближи го наплеќникот! Посоветувај се со Господа!” Зашто Божјиот Ковчег во тоа време беше со Израелевите синови. {14:19} Но додека Саул зборуваше со свештеникот, вревата во филистејскиот логор стануваше сè поголема, па Саул му рече на свештеникот: „Повлечи ја раката!” {14:20} Тогаш Саул и сиот народ што беше со него тргнаа заедно кон местото на бојот, и ете, таму ги беа извлекле мечевите едни на други, и голем смут владееше меѓу нив. {14:21} А оние Евреи кои од поодамна беа во служба на Филистејците и кои што тргнаа сега со нив во војската, се одметнаа од нив и им се придружија на Израелците, кои беа со Саула и со Јонатана. {14:22} И сите Израелци, кои се беа скриле во Ефремовата Гора, откако чуја дека Филистејците бегаат, се нафрлија по нив во бој. {14:23} Така Господ му додели победа на Израел во оној ден, а бојот се рашири сè до преку Вет Авен. {14:24} Израелците беа во оној ден многу изморени, зашто Саул ја изрече над народот оваа заклетва: „Проклет да биде човекот, кој ќе вкуси храна пред вечерта, пред да им се одмаздам на своите непријатели!” Така сиот народ не вкуси храна во тој ден. {14:25} Но таму имаше саќи со мед на површината на земјата. {14:26} Кога народот дојде онаму, виде како тече мед, но никој не ја принесе раката кон устата, зашто народот се боеше од заклетвата. {14:27} Само Јонатан, кој не чу кога неговиот татко го заколна народот, го доближи врвот на стапот, што му беше во раката, и го намака во медените саќи, потоа ја принесе раката кон устата; и веднаш му засветкаа очите. {14:28} Тогаш еден од народот проговори и рече: „Твојот татко го заколна народот, велејќи: ‘Проклет да е оној кој ќе вкуси храна денес!’” {14:29} А Јонатан одговори: „Мојот татко ја навалува несреќата на земјата. Гледајте, ми засветкаа очите зашто вкусив малку од тој мед. {14:30} Што би било допрва ако народот јадеше слободно од пленот што го доби од непријателот? Не ќе ли беше уште поголем филистејскиот пораз?” {14:31} Во оној ден ги поразија Филистејците од Михмас сè до Ајалон, а народот беше на крајот на своите сили. {14:32} Тогаш народот се нафрли на грабеж, нафаќа ситен добиток, говеда и телиња и почна да ги коле на гола земја и да го јаде месото со крвта. {14:33} И му соопштија на Саула, велејќи: „Ете народот му греши на Господа, јадејќи месо со крв!” {14:34} Потоа рече: „Отидете меѓу народот и речете им на сите нека секој го доведе при мене својот вол или овца; тука ќе ги колете и ќе ги јадете, а нема да Му грешите на Господа, јадејќи месо со крвта.” Така сиот народ уште во истата ноќ доведе кој што имаше, и тоа го колеа таму. {14:35} А Саул Му подигна жртвеник на Господа; тоа беше прв жртвеник што Му го подигна на Господа. {14:36} Тогаш Саул рече: „Да тргнеме уште ноќеска во потера по Филистејците, и да ги пленуваме додека не осамне утрото! Нема да им оставиме ниеден човек!” А народот му одговори: „Прави сè што мислиш дека е добро!” Ама свештеникот рече: „Да Му пристапиме тука на Бога!” {14:37} И Саул го праша Бога: „Треба ли да тргнам во потера по Филистејците? Дали ќе ги предадеш во Израелеви раце?” Ама не му одговори во оној ден. {14:38} Затоа Саул рече: „Пристапете ваму, сите народни главатари! Испитајте и видете во што беше денешниот престап. {14:39} Зашто, живиот ми Господ, Кој му дава победа на Израел, ако се најде вина макар и на мојот син Јонатан, треба да умре!” Ама никој од народот не се осмели да му одговори на Саула. {14:40} Саул тогаш му рече на сиот Израел: „Вие застанете на една страна, а јас и мојот син Јонатан ќе застанеме на другата страна.” А народот му одговори на Саула: „Прави го она што мислиш дека е добро!” {14:41} Тогаш Саул се помоли: „Господи, Израелев Боже, зошто не му одговори денес на својот слуга? Ако е вината на мене или на мојот син Јонатан, Господи, Израелев Боже, дај Урим; ако е вината на Твојот народ Израел, дај Тумим.” И жрепката падна на Саула и на Јонатана, а народот излезе прав. {14:42} Саул продолжи: „Фрлете жрепка за мене и за мојот син Јонатан!” И жрепката падна на Јонатана. {14:43} Тогаш Саул му рече на Јонатана: „Признај што си направил!” Јонатан одговори: „Јас само вкусив малку мед со врвот на стапот што ми беше во раката. Еве ме, готов сум да умрам!” {14:44} Саул одговори: „Така Господ да ми направи зло и да ми додаде друго ако навистина не умреш Јонатане!” {14:45} Ама народот му рече на Саула: „Зар да умре Јонатан, кој ја извојува оваа голема победа во Израел? Тоа не смее да биде! Живиот ни Господ, ниедно влакно од неговата глава нема да падне на земја, зашто тој со Бога го изврши ова дело денес!” Така народот го избави, та Јонатан не загина. {14:46} Саул се откажа од потерата по Филистејците, а Филистејците се вратија во својот крај. {14:47} Кога Саул ја зацврсти својата царска власт над Израел, се сврте да војува против сите свои непријатели наоколу: против Моав, против Амонците, против Едом, против царот на Сова и против Филистејците; каде и да се завртеше секаде победуваше. {14:48} Даде многу докази за својата храброст, ги порази Амаликците и го избави Израел од рацете на оние кои што го ограбуваа. {14:49} Саулови синови беа: Јонатан, Исух и Мелхи-Суј, а од неговите две ќерки постарата се викаше Мерава, а помладата Михала. {14:50} Сауловата жена се викаше Ахиноама, а беше ќерка Ахимасова. Војводата на неговата војска се викаше Авенир, а му беше син на Нир, Сауловиот чичко. {14:51} Зашто Кис, Сауловиот татко, и Нир, Авенировиот татко, беа синови Авилови. {14:52} Жестока војна се водеше против Филистејците за време на сиот Саулов век. И кого и да видеше Саул храбар и боевит човек, секого го земаше во своја служба. {15:1} Еднаш Самоил му рече на Саула: „Господ ме испрати мене за да те помажам за цар над Неговиот народ, Израел. И така послушај ги Господовите зборови. {15:2} Господ над Воинствата зборува вака: ‘Одлучив да се одмаздам за она што Амалик му направил на Израел, затворајќи му го патот кога излегуваше од Египет. {15:3} Сега оди и удри на Амалик, изврши проклето уништување, врз него и врз сè што има; не поштедувај го, погуби ги мажите и жените, децата и доилчињата, говедата и овците, камилите и ослиците!’” {15:4} Саул го свика народот да го преброи во Телаим: беа две стотини илјади пешаци (и десет илјади Јудејци). {15:5} Саул дојде до Амаличкиот град и постави заседа во долината на потокот. {15:6} Потоа Саул им порача на Кенејците: „Отидете и одвоете се од Амаликците за да не ве истребам заедно со нив, зашто им бевте наклонети на сите Израелци кога излегуваа од Египет.” И Кенејците се одвоија од Амаликците. {15:7} Саул ги порази Амаликците од Авила па сè до Сур, кој лежи пред Египет. {15:8} И го фати жив Агаг, амаличкиот цар, а сиот народ го сотре со острилото на мечот, извршувајќи клето уништување. {15:9} Но Саул и народот ги поштедија Агаг и најдобрите овци и најдобрите говеда, згоената стока и јагнињата, и сè што беше добро. Не сакаа да извршат клето уништување над сè тоа; туку над тоа што беше без цена и вредност од добитокот, врз тоа извршија проклето уништување. {15:10} Затоа му дојде Господовото слово на Самоила вака: {15:11} ”Се кајам што го поставив Саула за цар: се сврти од Мене и не ги исполни Моите заповеди.” Самоил се нажали, и цела ноќ извикнуваше кон Господа. {15:12} Рано наутро Самоил тргна за да го побара Саула. И му јавија на Самоила вака: „Саул отиде во Кармил, и ете, си подигна таму споменик; потоа отиде натаму и слезе во Галгал.” {15:13} Кога Самоил дојде кај Саула, Саул му рече: „Благословен да си од Господа! Ја извршив Господовата заповед.” {15:14} Ама Самоил праша: „Какво е тоа блеење на овци што достига до моите уши и мукање на говеда што го слушам?” {15:15} А Саул одговори: „Ги потераа од Амаликците, зашто народот ги поштеди најдобрите овци и најдобрите говеда, за да ги жртвува на Господа, на твојот Бог. Сè друго истребивме!” {15:16} А Самоил му рече на Саула: „Застани да ти кажам што ми откри ноќеска Господ.” А тој рече: „Зборувај”. {15:17} Тогаш Самоил рече: „Колку и да си мал во своите очи, сепак стана главатар на Израелевите племиња. Господ те помза за цар над Израел. {15:18} Господ те испрати во воен поход и ти заповеда: ‘Оди изврши клето уништување над тие грешници, над Амаликците, војувај против нив до истребување.’ {15:19} Зошто не ги послуша Господовите зборови? Зошто се нафрли на грабеж и го стори она што е зло во Господовите очи?” {15:20} Саул му одговори на Самоила: „Јас го послушав Господовиот збор: презедов поход каде што ме испрати, го доведов Агаг, амаличкиот цар, и извршив клето истребување над Амаликците. {15:21} Но народот зеде од пленот овци и говеда, и тоа од најдобрите врз кои требаше да биде извршен клето истребување, за да Му ги жртвува на Господа, на твојот Бог, во Галгал.” {15:22} А Самоил одговори: „Дали Му се на Господа помили палениците и приносите од послушноста кон Неговиот глас? Знај, послушноста е поскапоцена од најдобрата жртва, покорноста е подобра од овни; {15:23} непокорноста е како гревот на вражањето самоволието е како злостор со идолите. Ти го отфрли Господовиот збор, затоа Господ те отфрли тебе, за да не бидеш повеќе цар!” {15:24} Тогаш Саул му одговори на Самоила: „Згрешив што ги прекршив Господовата заповед и твоите наредби. Се боев од народот и му попуштив на неговото барање. {15:25} А сега прости ми го мојот грев и врати се со мене, за да му се поклонам на Господа.” {15:26} Но Самоил му одговори на Саула: „Нема да се вратам со тебе: ти го отфрли Господовото слово, затоа Господ те отфрли тебе, за да не бидеш веќе цар над Израел.” {15:27} Кога Самоил се сврте за да си отиде, Саул го фати цврсто скутот на неговата наметка, но скутот се отцепи. {15:28} Тогаш Самоил му рече: „Денес Господ ти го отцепи царството над Израел и му го даде на твојот сосед, кој е подобар од тебе.” {15:29} Сепак Силниот Израелев Светец не лаже и не се кае, зашто не е човек за да се кае. {15:30} Саул рече: „Согрешив; но сега направи ми чест пред старешините на мојот народ и пред Израел и врати се со мене, за да Му се поклонам на Господа, на твојот Бог.” {15:31} И Самоил се врати со Саула, и Саул му се поклони на Господа. {15:32} Потоа Самоил заповеда: „Доведете го при мене Агаг, амаличкиот цар!” И Агаг дојде при него весело и рече: „Навистина, горчината на смртта одминала!” {15:33} Самоил му одговори: „Како што твојот меч им ги одзеде децата на многу жени, така твојата мајка ќе остане меѓу жените без дете!” И Самоил го сосече Агага пред Господа во Галгал. {15:34} Потоа Самоил отиде во Рама, а Саул се врати во својот дом, во Сауловата Гаваја. {15:35} И Самоил не го виде веќе Саула до својот смртен ден. Самоил тажеше заради Саула, ама Господ воздивна што го постави Саула за цар над Израел. {16:1} Господ му рече на Самоила: „До кога ќе тажиш заради Саула, кога Јас го отфрлив, за да не царува веќе над Израел? Наполни го својот рог со масло и тргни на пат! Јас те праќам при Витлеемецот Јесеј, зашто си избрав цар од неговите синови.” {16:2} А Самоил рече: „Како би можел да одам таму? Саул ќе чуе за тоа, и ќе ме убие!” Ама Господ му одговори: „Земи со себе јуница па речи: ‘Дојдов за да Му жртвувам на Господа,’ {16:3} и повикај го Јесеја на жртвата, а Јас Самиот ќе те поучам што ќе правиш: ќе го помажеш оној кого што ќе ти го посочам.” {16:4} Самоил направи како што му рече Господ. Кога дојде во Витлеем, градските старешини му дојдоа треперејќи во пресрет и го прашаа: „Значи ли мир твоето доаѓање?” {16:5} Самоил одговори: „Да, мир! Дојдов да Му жртвувам на Господа. Очистете се и дојдете со мене на жртвата!” Потоа ги очисти Јесеја и неговите синови и ги повика на жртва. {16:6} Кога дојдоа и кога Самоил го виде Елијав, си рече во себеси: „Без сомнение, еве пред Господа стои Неговиот помазаник!” {16:7} Но Господ му рече на Самоила: „Не гледај на неговата надворешност, ни на неговиот висок раст, зашто го отфрлив. Бог не гледа како што гледа човекот: човекот гледа на лице, а Господ гледа што е во срцето.” {16:8} Потоа Јесеј го повика Авинадава и го доведе пред Самоила. А тој рече: „Господ не го избра ни овој.” {16:9} Тогаш Јесеј го доведе Сама, ама Самоил рече: „Господ не го избра ни овој.” {16:10} Така Јесеј ги доведе своите седум синови пред Самоила, ама Самоил рече: „Господ не избра ниеден од овие.” {16:11} Потоа го праша Јесеја: „Дали се тоа сите твои синови?” А тој одговори: „Остана најмладиот, тој е на пасиште, по стадото.” Тогаш Самоил му рече на Јесеја: „Испрати по него, зашто нема да седнам покрај столот додека тој не дојде.” {16:12} Јесеј испрати по него: тоа беше румен момок, со убави очи и убава става. И Господ му рече на Самоила; „Стани помажи го: тој е!” {16:13} Самоил го зеде рогот со маслото, и го помаза среде неговите браќа. Господовиот Дух го опфати Давида од оној ден. А Самоил тргна на пат и отиде во Рама. {16:14} Господовиот Дух беше отстапил од Саула, а еден зол дух, од Господа, почна да го вознемирува. {16:15} Тогаш на Саула му рекоа неговите слуги: „Еве Божји зол дух те вознемирува. {16:16} Затоа нашиот господар нека заповеда, па твоите слуги ќе побараат човек, кој знае да свири со лира: кога ќе те нападне Божјиот зол дух, оној нека свири во лирата, па ќе ти биде подобро.” {16:17} Саул им рече на своите слуги: „Најдете ми човек, кој умее да свири вешто со лира и доведете го кај мене!” {16:18} Еден од неговите слуги одговори: „Јас видов еден син на Витлеемецот Јесеј: тој умее да свири со лира, храбар човек е, и човек воин, вешт говорник е, со убава става, и Господ е со него.” {16:19} Тогаш Саул му испрати гласници на Јесеј и му порача: „Испрати ми го својот син Давид кој е кај стадото!” {16:20} А Јесеј зеде пет лебови, мев со вино и му ги испрати на Саула по својот син Давид. {16:21} И Саул го возљуби многу, и Давид стана негов штитоносец. {16:22} Потоа Саул испрати кај Јесеја и му порача: „Давид нека остане кај мене во служба, зашто ја придоби мојата наклонетост.” {16:23} И кога Божјиот зол дух ќе го нападнеше Саула, Давид ја земаше лирата и свиреше; тогаш му олеснуваше на Саула, и му стануваше подобро, а лошиот дух заминуваше од него. {17:1} Филистејците ги собраа своите чети и се состанаа кај Сокхот во Јудеја. Се влогорија меѓу Сокхот и Азика кај Ефес Дамим. {17:2} А Саул и Израелците се собраа и се влогорија во Теребинската Долина и се наредија за бој против Филистејците. {17:3} Филистејците стоеја на гората од едната страна, Израелците на гората од другата страна, а долината беше меѓу нив. {17:4} Од филистејските редови излезе еден предизвикувач. Се викаше Голијат, а беше од Гат. Беше висок шест лакти и една педа. {17:5} На главата имаше бронзена кацига, беше облечен во лушпест оклоп, а оклопот му беше тежок пет илјади бронзени сикли. {17:6} На нозете имаше бронзени ногалки, а на рамената бронзен штит. {17:7} Дршката на неговото копје беше како ткајачко кросно, а врвот на копјето тежеше шест стотини железни сикли. Пред него врвеше штитоносец. {17:8} Тој застана пред израелските бојни редици и им викна: „Зашто сте излегле да се наредите за битка? Не сум ли јас Филистеец, а вие Саулови слуги? Изберете од вас еден човек па нека слезе кон мене! {17:9} Ако победи во борбата против мене и ако ме погуби, ние ќе бидеме ваши слуги. Ако пак јас го победам него и го погубам, тогаш вие ќе бидете наши слуги и ќе ни робувате.” {17:10} Филистеецот рече уште: „Јас денес ги предизвикав Израелевите бојни редови. Дајте ми човек за да се обидеме во двобој!” {17:11} Кога Саул и сиот Израел чуја што рече Филистеецот, ги опфати страв и трепет. {17:12} Давид му беше син на некој си Ефраќанец од Витлеем во Јудеја; тој се викаше Јесеј, а имаше осум синови. Тој човек, во Сауловото време, беше стар и напреднат во годините. {17:13} Трите најстари Јесееви синови беа отишле по Саула во војна; а тие три негови синови, кои беа отишле во војна, се викаа: најстариот Елијав, вториот Авинадав, а третиот Сама. {17:14} Давид беше најмлад. А трите најстари беа отишле по Саула. {17:15} Давид одеше кај Саула и се враќаше од неговата служба, за да ги пасе стадата на својот татко во Витлеем. {17:16} А Филистеецот излегуваше секое утро и вечер и се покажуваше така четириесет дни. {17:17} А Јесеј му рече на својот син Давид: „Земи ги за своите браќа оваа ефа пржено жито и овие десет лебови и однеси ги побрзо кај своите браќа во логорот. {17:18} А оние десет пити сирење, однеси ги на нивниот илјадник. Распрашај се за здравјето на своите браќа и донеси од нив знак дека си го извршил налогот! {17:19} Тие се со Саула и со сите Израелци во Илинската Долина: војуваат против Филистејците.” {17:20} Давид стана рано наутро, му го остави стадото на еден чувар, се приготви и отиде како што му беше заповедал Јесеј. Стигна во логорот кога војската излегуваше во боен ред и дигаше боен восклик. {17:21} Израелците и Филистејците се наредија во боен ред едни спроти други. {17:22} Давид ги остави своите работи на чуварот на спремата па отрча во бојниот ред. Откако дојде ги праша своите браќа за здравјето. {17:23} Додека разговараше со нив, ете, оној предизвикувачот (се викаше Голијат, Филистеец од Гат) излезе од филистејските бојни редови и ги повтори истите зборови како порано. И Давид ги чу. {17:24} А штом Израелците го здогледаа тој човек, избегаа сите далеку од него, и страв ги опфати. {17:25} Некој Израелец рече: „Дали го видовте оној човек што излезе? А излезе да го предизвикува Израел. Кој ќе го погуби него, царот ќе му даде големо благо, и ќе му ја даде својата ќерка, и ќе го ослободи од данок неговиот татковски дом во Израел.” {17:26} Тогаш Давид ги праша луѓето, кои стоеја околу него: „Што ќе добие човекот, кој ќе го убие тој Филистеец и го симне срамот од Израел? И кој е тој необрезан Филистеец, за да ги предизвикува бојните редови на живиот Бог?” {17:27} А народот му одговори со истите зборови како порано: „Ете тоа ќе добие човекот, кој ќе го погуби.” {17:28} А кога Елиав, неговиот најстар брат, чу како разговараше со луѓето, пламна со гнев против Давида па му рече: „А што си дошол ти тука? Кому му ги остави оние малку овци во пустината, ја знам јас твојата дрскост и злобата на твоето срце: дојде за да ја видиш битката!” {17:29} А Давид одговори: „А што направив? Зар не смее да се рече ни збор?” {17:30} Тогаш се сврти од него кон друг и го праша со истите зборови како порано. Народот му одговори исто како првиот пат. {17:31} Кога луѓето чуја што зборува Давид, му го јавија тоа на Саула, а тој го повика пред себе. {17:32} Давид му рече на Саула: „Нека никому не му омалодуши заради оној човек! Твојот слуга ќе излезе и ќе се бори со тој Филистеец.” {17:33} Ама Саул му одговори на Давида: „Не можеш ти да излезеш против тој Филистеец за да се бориш со него, зашто ти си уште дете, а тој е воин од својата младост.” {17:34} Но Давид му одговори на Саула: „Твојот слуга му ги чуваше овците на својот татко, па кога би дошол лав или мечка па ќе фател овца од стадото, {17:35} јас отрчував по него, го удирав и му ја истргнував овцата од устата. А ако се кренеше тој против мене го фаќав за гривата и го удирав додека не го убиев. {17:36} Твојот слуга убил и лав и мечка, па и тој необрезан Филистеец ќе помине како еден од нив, зашто ги предизвика бојните чети на живиот Бог.” {17:37} Давид додаде уште: „Господ Кој ме избави од лавовите кани и од мечкините шепи, ќе ме избави и од рацете на тој Филистеец.” Тогаш Саул му рече на Давида: „Отиди и Господ нека биде со тебе!” {17:38} Саул го облече Давида во својата воена облека, на главата му стави бронзена кацига и му стави оклоп. {17:39} Му го припаша на Давида својот меч преку облеката, но Давид напразно се обиде да оди, зашто не беше свикнал, па му рече на Саула: „Не можам да одам во тоа, зашто не сум свикнал.” Затоа сè соблече од себе. {17:40} Давид го зеде својот стап во раката, избра во потокот пет мазни камчиња и ги стави во својата пастирска торба, што му служеше како торба за праќка, та со праќката во раката тргна кон Филистеецот. {17:41} А Филистеецот сè поблиску му се доближуваше на Давида, додека неговиот штитоносец чекореше пред него. {17:42} А кога Филистеецот погледна и го виде Давида, го презре заради неговата младост - Давид беше младинец, румен, со убаво лице. {17:43} Затоа Филистеецот му рече на Давида: „Зар сум јас пес да идеш против мене со стапови?” И почна да го проколнува Давида со своите богови. {17:44} Потоа Филистеецот му рече на Давида: „Дојди кај мене, за да им го дадам твоето месо на небесните птици и на земните ѕверови!” {17:45} А Давид му одговори на Филистеецот: „Ти доаѓаш против мене со меч, со копје и со штит, а јас одам против тебе во името на Господа на Силите, Бога на Израелевите чети, кои ти ги предизвика. {17:46} Денес Господ ќе те предаде во мојата рака, јас ќе те убијам, ќе ја симнам твојата глава и уште денес ќе им го дадам твоето мртво тело и телата на филистејската војска на небесните птици и на земните ѕверови. Сета земја ќе знае дека има Бог во Израел. {17:47} И сиот овој собир ќе знае дека Господ не дава победа со меч ни со копје, зашто Господ е господар на битката, и Тој ве предава во наши раце.” {17:48} Кога Филистеецот се доближи и тргна кон Давида, Давид излезе од бојните редови и тргна кон Филистеецот. {17:49} Давид посегна со раката во торбата, извади камче од неа, и го фрли од праќката. И го погоди Филистеецот во челото; камчето му се закачи во челото, и тој падна ничкум на земјата. {17:50} Така Давид со камче и праќка го победи Филистеецот: го удри Филистеецот и го уби, а немаше меч во раката. {17:51} Затоа Давид потрча и застана врз Филистеецот, го грабна неговиот меч, го извлече од ножницата и го погуби Филистеецот, отсечувајќи му ја главата. Кога Филистејците видоа како загина нивниот јунак се нафрлија во бегство. {17:52} Тогаш станаа Израелците и Јудејците и извикувајќи ги спотераа Филистејците до окопите околу Гат и до градските врати на Акарон; филистејските мртви го покрија патот од Сараим сè до Гат и до Акарон. {17:53} Тогаш Израелците се вратија од таа жестока потера по Филистејците и го ограбија нивниот логор. {17:54} А Давид ја зеде главата на Филистеецот и ја однесе во Ерусалим, а неговото оружје го стави во својот шатор. {17:55} Кога Саул го виде Давида како излегува пред Филистеецот, го праша својот војвода Авенир: „Чиј син е тој младинец, Авенире?” А Авенир одговори: „Жив да ми е твојот живот, цару не знам!” {17:56} А царот му рече: „Распрашај се чиј син е тој младинец!” {17:57} А кога се врати Давид, откако го погуби Филистеецот, Авенир го зеде и го доведе пред Саула, а Давид уште ја држеше филистеевата глава во раката. {17:58} Саул го праша: „Чиј син си ти момче?” А Давид му одговори: „Син сум на твојот слуга Витлеемецот Јесеј.” {18:1} Кога Давид го заврши разговорот со Саула, Јонатановата душа се наклони кон Давидовата душа, и Јонатан го возљуби како самиот себеси. {18:2} Саул го задржа Давида во оној ист ден кај себе, не го остави да се врати во куќата на својот татко. {18:3} И Јонатан склучи сојуз со Давида, зашто го љубеше како самиот себе. {18:4} И Јонатан ја симна наметката што ја имаше на себе и му ја даде на Давида; така и својата облека, па и својот меч, својот лак и својот појас. {18:5} Во сите свои походи, каде и да го праќаше Саул, Давид постапуваше разумно, и Саул го постави на чело на своите воини; тој му замилеа на сиот народ, па и на Сауловите дворјанци. {18:6} При нивното враќање, кога Давид се враќаше откако го уби Филистеецот, жените од сите Израелеви градови му излегоа во пресрет на царот Саул воскликнувајќи весело, пеејќи и играјќи при звуци на тапани и гуслиња. {18:7} Жените пееја играјќи: „Саул погуби илјади, Давид десетици илјади.” {18:8} Саул се расрди многу, не му беше мила таа песна. Затоа рече: „На Давида му дадоа десетици илјади, а мене само илјада! Уште му треба само царството!” {18:9} И од тој ден Саул го гледаше Давида со омраза. {18:10} Утреден зол Божји дух го нападна Саула, така што беснееше по куќата. Давид удираше со раката по лирата како во другите денови, а Саул имаше копје во раката. {18:11} И Саул го фрли копјето велејќи во себе: „Сега ќе го заковам Давида за ѕидот!” Но Давид му избега двапати. {18:12} Саул почна да се бои од Давида, зашто Господ беше со него, а отстапи од Саула. {18:13} Затоа Саул го отстрани од својата близина и го постави за илјадник; тој излегуваше и се враќаше на чело на народот. {18:14} Давид имаше успех во сите свои патишта, зашто Господ беше со него. {18:15} Кога Саул виде дека Давид има многу успеси, го опфати страв од него. {18:16} Ама Давид им замилеа на сиот Израел и на Јуда, зашто тој ги водеше по сите нивни патишта. {18:17} Саул му рече на Давида: „Еве ќе ти ја дадам за жена својата најстара ќерка Мерава, само биди ми храбар и води ги Господовите боеви!” Саул мислеше: „Нема да падне од мојата рака, туку нека се крене на него филистејската рака!” {18:18} А Давид одговори: „Кој сум јас и што значи мојот живот, што куќата на мојот татко, во Израел, за да бидам царев зет?” {18:19} И кога дојде време Сауловата ќерка Мерава да тргне со Давида, му ја дадоа за жена на Адрил од Меола. {18:20} Ама Давида го љубеше Сауловата ќерка Михала; кога му јавија тоа на Саула, му беше право. {18:21} Тој рече во себе: „Ќе му ја дадам, ама таа ќе му биде стапица, и филистејската рака ќе се дигне на него.” Саул по вторпат му рече на Давида: „Денес ќе ми бидеш зет.” {18:22} Тогаш Саул им заповеда на своите слуги вака: „Разговарајте со Давида тајно и речете му: ‘Ете, му замиле на царот, и сите негови дворјани те сакаат; затоа биди царев зет!’” {18:23} И Сауловите слуги му ги повторија тие зборови на Давида, ама Давид им одговори: „Зар е во вашите очи нешто мало да се стане царев зет? Јас сум само беден и мал човек!” {18:24} Сауловите слуги му го соопштија тоа на Саула, велејќи: „Еве ти ги зборовите што ги рече Давид.” {18:25} А Саул одговори: „Речете му на Давида вака: ‘Царот не бара никаков свадбен подарок туку само сто филистејски обрезоци, за да им се одмазди на царевите непријатели.’” Саул мислеше така ќе го урне Давида во рацете на Филистејците. {18:26} Сауловите слуги му ги соопштија тие зборови на Давида, а нему му беше по волја да стане царев зет. Уште пред да истече времето {18:27} Давид се подготви и тргна со своите луѓе па им уби на Филистејците две стотини луѓе; и ги донесе нивните обрезоци и му ги предаде на царот на број, за да стане негов зет. Тогаш Саул му ја даде својата ќерка Михала за жена. {18:28} Саул виде јасно дека Господ е со Давида и дека сиот Израелев дом го љуби. {18:29} И Саул се исплаши уште повеќе од Давида и му стана непријател на Давида засекогаш. {18:30} А филистејските кнезови излегуваа во бој, ама колку пати и да излегуваа, Давид имаше повеќе успеси отколку сите Саулови дворјани; и така неговото име стана многу славно. {19:1} Саул им ја образложи на својот син Јонатан и на сите свои дворјани својата намера да го убие Давида. Но Јонатан, Сауловиот син, мошне многу се радуваше на Давида. {19:2} И Јонатан тоа му го соопшти на Давида вака: „Мојот татко Саул има намера да те убие. И така биди внимателен утре наутро, остани во скривалиштето и скриј се. {19:3} А јас ќе излезам и ќе стојам покрај мојот татко во полето каде што ќе бидеш ти, и ќе зборувам за тебе со мојот татко. Кога ќе научам како е, ќе ти јавам.” {19:4} Јонатан му го пофали Давида на својот татко и му рече вака: „Царот нека не се огреши за својот слуга Давид, зашто тој ништо не згрешил за тебе; спротивно, тоа што го правеше беше од голема полза за тебе. {19:5} Тој го стави својот живот на коцка, го уби Филистеецот, и Господ му прибави голема победа на сиот Израел: виде и се радуваше. И така зошто би згрешил за невина крв, убивајќи го Давида без причина?” {19:6} Саул ги сослуша Јонатановите зборови и се заколна: „Живиот ми Господ, Давид нема да умре!” {19:7} Тогаш Јонатан го повика Давида и му ги кажа тие зборови. Потоа Јонатан го доведе Давида кај Саула, и Давид пак ја доби службата што ја имаше порано. {19:8} И пак избувна војна, Давид излезе на боиште за да се бори со Филистејците; и ги порази така што избегаа пред него. {19:9} Тогаш лошиот Божји дух го обзеде Саула; кога седеше во својата куќа со копјето во раката, а Давид свиреше со лирата, {19:10} Саул се обиде да го прикове Давида со своето копје за ѕидот. Давид побегна и се спаси {19:11} Во истата ноќ Саул испрати гласници за да ја надгледуваат Давидовата куќа, зашто сакаше да го убие Давида рано наутро. Но Давидовата жена Михала му го соопшти тоа на Давида, говорејќи: „Ако ноќеска не избегаш на безбедно место, утре ќе бидеш мртов!” {19:12} Тогаш Михала го спушти Давида низ прозорецот. Тој си отиде и се спаси со бегство. {19:13} А Михала го зеде кипот, го положи во постела, му стави козји влакна околу главата и го покри со покривка. {19:14} Кога Саул испрати гласници за да го фатат Давида, таа им рече: „Болен е.” {19:15} Но Саул ги врати гласниците за да го видат Давида, и им заповеда: „Донесете го кај мене во постела, за да го убијам!” {19:16} А кога гласниците влегоа, ете: во постелата беше кипот, со козина околу главата! {19:17} Тогаш Саул и рече на Михала: „Зошто ме измами така и го пушти мојот непријател да побегне и да се спаси?” А Михала му одговори на Саула: „Тој ми рече: ‘Пушти ме да си одам, или ќе те убијам!’” {19:18} Така Давид избега и се спаси. И тој отиде кај Самоила во Рама и му јави за сè што му направи Саул. Потоа тој и Самоил отидоа и се настанија во Најот. {19:19} А на Саула му јавија вака: „Ене го Давид во Најот во Рама.” {19:20} Тогаш Саул испрати гласници за да го фатат Давида. Кога тие видоа пророчки собир во пророчки занес, а Самоил на нивно чело, Божјиот Дух ги опфати и Сауловите гласници, та и тие пророкуваа. {19:21} Кога му го јавија тоа на Саула тој испрати други гласници, но и тие пророкуваа. Потоа Саул испрати и трети гласници, ама и тие пророкуваа. {19:22} Тогаш Саул тргна сам во Рама, и кога дојде до големиот кладенец кај Сокхот, праша: „Каде се Самоил и Давид?” И му одговорија: „Ене ги во Најот во Рама.” {19:23} Тој веднаш тргна кон Најот во Рама. Но и него го обзеде Божји Дух, па одеше во пророрчки занес сè додека не дојде во Најот во Рама. {19:24} Таму и тој ги соблече своите облеки зашто и него го обзеде занес пред Самоила; потоа легна гол и остана така целиот тој ден и сета ноќ. Оттогаш се вели: „Зар е и Саул меѓу пророците?” {20:1} Давид избега од Најот во Рама и дојде кај Јонатана та му рече: „Што направив? Каква беше мојата вина и што му згрешив на татка ти, та го бара мојот живот?” {20:2} А тој му одговори: „Далеку да е од тебе таа мисла! Ти нема да загинеш. Ете, мојот татко не презема ништо, било големо или мало, а тоа да не ми го открие мене. И така, зошто татко ми би го криел од мене токму тоа?” {20:3} Но Давид се заколна и рече: „Твојот татко знае добро дека јас ја придобив твојата наклонетост, па мисли: ‘Јонатан не треба ништо да знае за тоа, за да не биде жалостен.’ Ама живиот ми Господ и животот ми твој, има само еден чекор меѓу мене и смртта.” {20:4} Тогаш Јонатан го праша Давида: „Што сакаш да направам за тебе?” {20:5} А Давид му одговори на Јонатана: „Еве, утре е млада месечина, и јас би требало да јадам со царот покрај столот; ама ти пушти ме да си одам, за да се скријам во полето до вечерта. {20:6} Ако твојот татко забележи дека ме нема, ќе му речеш вака: ‘Давид ме молеше упорно за да го пуштам да отиде бргу до својот град Витлеем, зашто таму се слави годишната жртва за сето негово семејство.’ {20:7} Ако тој рече: ‘Добро!’ твојот слуга е спасен. Ако пламне со гнев, знај дека цврсто намислил да ме погуби. {20:8} И така, искажи му милост на својот слуга, кога својот слуга го воведе со себе во Господовиот сојуз. Ама ако има некаква вина на мене, убиј ме самиот; зошто би ме водел кај својот татко?” {20:9} А Јонатан му одговори: „Далеку да е од тебе таа мисла! Кога би знаел веродостојно дека мојот татко наумил цврсто за да навали несреќа врз тебе, зар јас не би ти јавил?” {20:10} Давид го праша Јонатана: „А кој ќе ми јави ако твојот татко ти одговори нешто лошо?” {20:11} Јонатан му одговори на Давида: „Дојди, да излеземе во полето!” И двајцата излегоа во полето. {20:12} Тогаш Јонатан му рече на Давида: „Господ Израелевиот Бог, нека ми биде сведок! Јас ќе го искушам татка си, утре во ова време. Ако биде добро за Давида, а јас не испратам кај тебе за да те известам, {20:13} Господ нека му го направи тоа зло на Јонатана и нека му додаде друго зло! Ако на татка ми му биде мило да ти направи зло, ќе ти јавам, и ќе те пуштам да си отидеш во мир; и Господ нека биде со тебе, како што беше со мојот татко! {20:14} Ако јас уште бидам жив, ќе можеш да ми ја искажеш Господовата милост; {20:15} Ако умрам, не крати му ја твојата добрина на мојот дом довека! Кога Господ ќе ги откорне редум Давидовите непријатели од лицето на земјата, {20:16} Јонатан се заветува со домот Давидов, дека Господ ќе бара сметка за тоа од рацете на Давидовите непријатели.” {20:17} Тогаш Јонатан му се заколна уште еднаш на Давида во својата љубов, зашто го љубеше со сета љубов на својата душа. {20:18} Потоа Јонатан му рече на Давида: „Утре е млада месечина и ќе забележи дека те нема, зашто твоето место ќе биде празно. {20:19} Задутре ќе види уште поочигледно дека те нема, а ти дојди на местото каде што се скри во денот на оној настан, и седни при каменот Езел. {20:20} А јас ќе фрлам три стрели кон онаа страна како да гаѓам цел. {20:21} А тогаш ќе го испратам момокот и ќе му речам: ‘Оди! најди ја стрелата!’ Ако тогаш му викнам на момокот ‘Внимавај стрелата е ваму поблизу од тебе, донеси ја!’ - ти тогаш дојди, зашто има мир за тебе и нема никаква опасност, така ми живиот Господ! {20:22} Ако му викнам на момокот: ‘Внимавај! стрелата е онаму подалеку од тебе’ - ти тогаш отиди си, зашто Господ те праќа оттука. {20:23} А за овој договор, за кој се договоривме јас и ти, Господ нека е сведок меѓу мене и тебе довека!” {20:24} Потоа Давид се скри во полето. И кога излезе нов месец царот седна покрај столот за да јаде. {20:25} Царот седна на своето вообичаено место, на местото до ѕидот, Јонатан се смести спроти него, Авенир седна покрај Саула, а Давидовото место остана празно. {20:26} Ама Саул не рече ништо во оној ден, зашто мислеше: „Му се случило нешто, та не е чист.” {20:27} Утреден по младата месечина во вториот ден на месецот, Давидовото место пак остана празно, и Саул го праша својот син Јонатан: „Зошто Јесејовиот син не дојде на ручек ни вчера ни денес?” {20:28} А Јонатан му одговори на Саула: „Давид ме молеше упорно да го пуштам да оди во Витлеем. {20:29} Ми рече: ‘Пушти ме да одам, зашто ја славиме семејната жртва во мојот град, и моите браќа ме повикаа да дојдам. Ако ја придобив твојата наклоност, дај ми дозвола да ги посетам моите браќа.’ Ете, затоа го нема покрај царскиот стол.” {20:30} Тогаш Саул пламна со гнев на Јонатана и му рече: „Ти сине на развратна и бунтовна жена! Мислиш дека не знам дека си во сојуз со Јесејовиот син, за свој срам и за срам на мајка ти! {20:31} Зашто додека биде жив на земјата Јесејовиот син, не ќе бидеш безбеден ни ти ни твоето царство. Затоа сега испрати по него и доведи го кај мене, зашто е осуден на смрт.” {20:32} А Јонатан му одговори на својот татко Саул и му рече: „Зошто треба тој да умре? Што направи?” {20:33} Тогаш Саул замавна со копјето на синот за да го прободе. Јонатан виде дека неговиот татко одлучил да го убие Давида. {20:34} Јонатан стана од столот сиот разјарен, и не јадеше ништо во тој втор ден на месецот, зашто се загрижи за Давида, бидејќи неговиот татко го навреди. {20:35} Утреден наутро Јонатан излезе во полето според спогодбата со Давида, со него одеше млад момок. {20:36} И тој му рече на својот момок: „Ти ќе се затрчаш и ќе ги најдеш стрелите што ќе ги фрлам сега.” И момокот се затрча, а Јонатан ја оптегна стрелата така што прелета преку него. {20:37} Кога момокот дојде до местото каде што беше стрелата, што ја фрли Јонатан, Јонатан му викна на момокот: „Не е ли стрелата онаму подалеку од тебе?” {20:38} Уште Јонатан му викна на момокот: „Побргу! Побрзај! Не стој!” Јонатановиот момок ја крена стрелата и му ја донесе на својот господар. {20:39} Момокот не забележа ништо, само Јонатан и Давид знаеја за што се работи. {20:40} Тогаш Јонатан му го предаде оружјето на момокот и му рече: „Оди си и однеси го тоа во градот!” {20:41} Кога си отиде момокот, Давид излезе од кон југ, падна ничкум на земјата и се поклони трипати. Потоа се изљубија и плачеа заедно, но Давид плачеше повеќе. {20:42} Потоа Јонатан му рече на Давида: „Оди си во мир! За тоа што двајцата се заколнавме во Господовото име, Господ нека биде сведок меѓу мене и тебе, меѓу моето потомство и твоето потомство довека!” Тогаш Давид стана и си отиде, а Јонатан се врати во градот. {21:1} Давид дојде во Ноб кај свештеникот Ахимелех. Овој треперејќи тргна во пресрет на Давида и го праша: „Зошто си сам и нема никој со тебе?” {21:2} А Давид му одговори на свештеникот Ахимелех: „Царот ми даде налог и ми рече: ‘Никој нека не знае зошто те праќам и што ти заповедав!’ А момчињата ги испратив да ме пречекаат на тоа и тоа место. {21:3} А сега ако имаш при рака пет лебови, дај ми ги, или нешто што ќе се најде!” {21:4} А свештеникот му одговори на Давида: „Немам при рака обичен леб, туку само свет леб; ама само ако твоите момци се воздржале од жена.” {21:5} Давид му одговори на свештеникот вака: „Сосем безбедно! Жените ни беа воздржани, како и порано кога јас излегував, и телата на момците се чисти. Иако е ова обичен пат, навистина денес се чисти со телата.” {21:6} Тогаш свештеникот му даде свет леб, зашто немаше друг леб таму освен жртвениот, оној што беше отстрануван од пред Господа за да се замени со топол леб, во денот кога се зема. {21:7} Таму во истиот ден беше еден од Сауловите слуги, се задржал пред Господа; се викаше Доик Идумеец, а беше надгледувач на Сауловите пастири. {21:8} Давид го праша Ахимелеха: „А немаш ли тука при рака некакво копје или меч? Не го зедов со себе ни својот меч ни своето оружје, зашто царскиот налог беше итен.” {21:9} А свештеникот му одговори: „Тука е мечот на Филистеецот Голијат, на оној кого што го уби во Илинската Долина; завиткан е во плаштеница и е положен зад наплеќникот; ако сакаш да го земеш, само земи го, зашто друг освен него нема тука.” А Давид одговори: „Таков веќе нема, дај ми го!” {21:10} Потоа Давид стана и избега во оној ден далеку од Саула, и дојде кај Ахис, царот на Гат. {21:11} А Ахисовите дворјани му рекоа на својот цар: „Не е ли тоа Давид, царот на земјата? Тоа е оној за кого пееја, играјќи: ‘Саул порази илјади, Давид десетици илјади.’” {21:12} Давид се замисли за тие зборови и многу се исплаши од гатскиот цар Ахис. {21:13} Тогаш Давид почна да се преправа пред нив како да е умоболен и се владееше како безумник во нивните раце: тропаше по вратите и оставаше да му тече лига низ брадата. {21:14} Тогаш Ахис им рече на своите дворјани: „Гледате добро дека човекот е безумник! Зошто го доведувате кај мене? {21:15} Зар немам доста безумници та ми го доведувате овој, за да ми додева со своето лудило? Зар тој ќе влезе во мојата куќа?” {22:1} Давид си отиде оттаму и се засолна во пештерата Одолам. А кога го чуја тоа неговите браќа и сето негово семејство, слегоа онаму при него. {22:2} Освен тоа се собраа околу него сите кои беа во неволја, сите задолжени, сите незадоволни, и тој им стана водач. А ги имаше околу него до четири стотини луѓе. {22:3} Оттаму Давид отиде во Миспа во Моавската Земја и му рече на моавскиот цар: „Дозволи мојот татко и мојата мајка да се засолнат кај вас додека не видам што ќе направи Бог со мене.” {22:4} И ги остави кај моавскиот цар, и тие останаа кај него сè додека Давид беше во скривалиштето. {22:5} Ама пророкот Гад му рече на Давида: „Не останувај во своето засолниште, туку оди и навлези во Јудината Земја.” И Давид отиде и навлезе во Аретската Гора. {22:6} Саул научи дека се појави Давид со луѓето кои беа со него. Саул токму беше во Гаваја; седеше под даб на ридот во Рама, со копје во раката, а околу него стоеја сите негови дворјани. {22:7} И Саул им рече на своите дворјани, кои беа околу него: „Послушајте ме Венијаминови синови! Дали и Јесејовиот син ќе ви подари ниви и лозја? Дали ќе ве постави сите за илјадници и стотници? {22:8} А зошто тогаш сите се заверивте против мене? Нема никој да ми јави кога мојот син склучи сојуз со Јесејовиот син, нема никој меѓу вас за да ме пожали и да ми открие како мојот син го разјари мојот слуга против мене, лежејќи во заседа, како што се случува денес?” {22:9} Тогаш проговори Идумеецот Доик, кој стоеше меѓу Сауловите дворјани и рече: „Јас го видов Јесејовиот син кога дојде во Ноб кај Ахимелех, Ахитовиот син. {22:10} Овој побара за него совет од Господа, и му даде храна и му го предаде мечот на Филистеецот Голијат.” {22:11} Тогаш Саул заповеда да ги повикаат свештеникот Ахимелех, синот Ахитов, и сето негово семејство, свештениците во Ноб и сите дојдоа пред царот. {22:12} Тогаш Саул рече: „Чуј ме, Ахитов сине!” А тој одговори: „Еве ме господару!” {22:13} А Саул го праша: „Зошто се заверивте против мене, ти и Јесејовиот син? Ти му даде леб и меч, и побара совет од Бога за него, за да се крене против мене, лежејќи во заседа како што се случува денес.” {22:14} Ахимелех му одговори на царот: „А кој му е рамен на Давида од сите твои слуги, толку верен, покрај тоа царев зет, главатар на твојата телесна стража, човек кој е почитуван во твојата куќа? {22:15} Зар јас денес за првпат барав совет од Бога за него? Далеку да е од мене! Нека царот не ги обвинува во ништо својот слуга и сето негово семејство, зашто неговиот слуга не знаеше ништо за тоа!” {22:16} Но царот одговори: „Ти ќе умреш Ахимелеху, ти и сето твое семејство!” {22:17} И царот им заповеда на телохранителите, кои стоеја околу него: „Пристапете и погубете ги Господовите свештеници, зашто и тие му помогнаа на Давида: знаеја дека е во бегство, а не ми јавија за тоа.” Но царските стражари не сакаа да кренат рака на Господовите свештеници, за да ги погубат. {22:18} Тогаш царот му заповеда на Доик: „Пристапи ти и погуби ги свештениците!” Идумеецот Доик пристапи и ги погуби свештениците: тој погуби во оној ден осумдесет и пет луѓе кои носеа ленен наплеќник. {22:19} И Ноб, свештеничкиот град, ги разурна со острилото на мечот, погубувајќи ги мажите и жените, децата и доилчињата, ослињата и овците, со острилото на мечот. {22:20} Се избави само еден син на Ахимелеха, синот Ахитов, по име Авијатар, и пребега кај Давида. {22:21} Авијатар му јави на Давида дека Саул ги искла Господовите свештеници. {22:22} А Давид му одговори на Авијатар: „Јас веќе во оној ден, кога таму беше Идумеецот Доик, знаев дека тој бездруго ќе му го јави тоа на Саула! Јас сум виновен за животите на твојот татков дом. {22:23} Остани кај мене, не бој се: кој ќе го бара твојот живот, ќе го бара мојот живот. Кај мене ќе бидеш чуван добро.” {23:1} Тогаш му јавија на Давида: „Филистејците ја опсадија Кеила и ги ограбуваа гумната.” {23:2} Тогаш Давид го праша Господа: „Дали треба да одам против Филистејците и дали ќе ги поразам?” А Господ му одговори на Давида: „Оди, ќе ги поразиш Филистејците и ќе ја ослободиш Кеила.” {23:3} Но неговите луѓе му рекоа на Давида: „Ете, ние сме веќе тука, во Јуда, во непрекратен страв; а што ли ќе биде ако отидеме во Кеила против филистејските чети!” {23:4} Затоа Давид Го праша Господа уште еднаш; а Господ му одговори вака: „Стани и слези во Кеила, зашто ќе ги предадам Филистејците во твои раце!” {23:5} Тогаш Давид тргна со своите луѓе во Кеила, удри на Филистејците, го отера нивниот добиток и им зададе тежок пораз. Така Давид ги ослободи граѓаните на Кеила. {23:6} И кога Авијатар, синот Ахимелехов, пребега кај Давида, тој дојде во Кеила, носејќи наплеќник во раката. {23:7} Кога му јавија на Саула дека Давид влезе во Кеила, Саул рече: „Бог го предаде во мои раце, зашто го фатив во стапица кога влезе во град со порти и лостови.” {23:8} И Саул го свика сиот народ на оружје за да оди против Кеила и да ги опколи Давида и неговите луѓе. {23:9} Кога Давид научи дека Саул му крои зло, му рече на свештеникот Авијатар: „Донеси го наплеќникот!” {23:10} Тогаш Давид се помоли: „Господи, Израелев Боже, твојот слуга чу дека Саул подготвува напад врз Кеила, за да го разори градот заради мене. {23:11} Дали Саул ќе дојде како што чу Твојот слуга? Господи, Израелев Боже, одговори му на Својот слуга!” А Господ одговори: „Ќе дојде!” {23:12} Давид праша пак: „Дали првенците на Кеила ќе ме предадат, мене и моите луѓе, во Сауловите раце?” А Господ одговори: „Ќе ве предадат!” {23:13} Тогаш Давид стана со своите луѓе, беа околу шест стотини; излегоа од Кеила и скитаа каде што можеа. А кога му јавија на Саула дека Давид избега од Кеила, се откажа од воениот поход. {23:14} Давид се засолна во пустината во горните засолништа; се настани на гората во пустината Зиф. Саул го бараше непрекратно, ама Бог не го предаде во неговите раце. {23:15} Давид се плашеше дека Саул излезе на војна за да нападне на неговиот живот. Затоа Давид остана во пустината Зиф во гората. {23:16} Тогаш Сауловиот син Јонатан тргна на пат и дојде кај Давида во Дубравата, и го охрабри во Божјо име. {23:17} Му рече: „Не бој се, зашто нема да те стигне раката на мојот татко Саул. Ти ќе царуваш над Израел, а јас ќе бидам втор до тебе; и мојот татко Саул го знае тоа добро.” {23:18} И тие двајца склучија сојуз пред Господа. Давид остана во гората, а Јонатан си отиде во својот дом. {23:19} Еден ден Зифејците дојдоа кај Саула на Гаваја и му јавија: „Давид се крие кај нас во горските засолништа во Дубравата, на ридот Ехела, што е јужно од Гесимон. {23:20} Сега, цару, кога ќе сакаш да слезеш, слези, а наше е да го предадеме во рацете на царот.” {23:21} А Саул одговори: „Господ да ве благослови дека ме сожаливте! {23:22} И така, одете, распрашајте се уште и извидете го добро местото каде ќе го донесат неговите итри чекори; ми рекоа дека е многу лукав. {23:23} Затоа пребарајте ги сите дупки во кои што се завлекува, па вратете се кај мене кога ќе знаете подетално. Тогаш јас ќе тргнам со вас, па ако биде некаде во земјата, ќе одам по неговите траги низ сите Јудини родови.” {23:24} Тогаш тргнаа на пат и отидоа во Зиф, пред Саула. Давид со своите луѓе беше во пустината Маон во Араба, јужно од Гесимон. {23:25} Потоа и Саул тргна со своите луѓе, за да го бара Давида. Кога му го јавија тоа на Давида, тој слезе во клисурата што лежи во пустината Маон. Саул го научи тоа и тргна во потера по Давида во пустината Маон. {23:26} Саул одеше на едната страна од планината, а Давид со своите луѓе по другата страна на планината. Давид мошне иташе за да му избега на Саула. Кога Саул со своите луѓе сакаше да премине на другата страна за да ги опколи Давида и неговите луѓе и за да ги фати, {23:27} дојде гласник кај Саула со порака: „Дојди побрзо, Филистејците навлегоа во земјата!” {23:28} Тогаш Саул се одрече од потерата по Давида и се заврте против Филистејците. Затоа она место беше наречено: Села-Амалекот (Клисура на Разминувањето). {23:29} Оттаму Давид се искачи и се настани во енгатските горски засолништа. {24:1} Кога Саул се врати од потерата по Филистејците, му го јавија ова: „Давид е во Енгадската Пустина!” {24:2} Тогаш Саул зеде три илјади одбрани луѓе од сиот Израел и тргна да ги бара Давида и неговите луѓе на исток од Стрмната Стена на Дивите Кози. {24:3} Одејќи дојде до овчите кошари покрај патот, таму имаше пештера, и Саул влезе за да клекне; а Давид со своите луѓе седеше во дното на пештерата. {24:4} И му рекоа на Давида неговите луѓе. „Еве го денот за кој ти рече Господ: ‘Јас ќе ти го предадам твојот непријател во твоите раце, постапувај со него како што ти се сака!’” А Давид стана и незабележливо го отсече скутот на Сауловиот плашт. {24:5} Но после го печеше совеста Давида зашто го отсече скутот од Сауловиот плашт, {24:6} па им рече на своите луѓе: „Да ме чува Господ да му направам такво нешто на својот господар, да кренам рака на него, зашто е Господов помазаник.” {24:7} И Давид ги укори со остри зборови своите луѓе и не им дозволи да станат против Саула. А Саул излезе од пештерата и тргна по својот пат. {24:8} Потоа Давид стана и викна по Саула: „Господару цару!” А кога Саул се обѕрна, Давид се фрли ничкум на земјата и му се поклони. {24:9} Тогаш Давид му рече на Саула: „Зошто ги слушаш луѓето што ти зборуваат дека Давид ти крои тебе пропаст? {24:10} Ете, токму во овој ден твоите очи можеа да видат дека Господ те предаде денес во мои раце во оваа пештера. Ми рекоа да те убијам, но те поштедив и реков: ‘Не ќе ги кренам своите раце на својот господар, зашто тој е Господов помазаник.’ {24:11} О татко мој, погледај и види го скутот од својата наметка во мојата рака: го отсеков скутот од твојот плашт, а тебе не те убив; сознај и види дека во мојата рака нема ни злоба ни опакост. Јас не згрешив против тебе, а ти дебнееш на мојот живот за да ми го земеш! {24:12} Господ нека суди меѓу мене и тебе, Господ нека ме одмазди врз тебе, ама мојата рака нема да се дигне на тебе. {24:13} Како што вели старата пословица: ‘Од неправедникот доаѓа неправдата,’ и затоа мојата рака нема да се дигне против тебе. {24:14} По кого излезе израелскиот цар? По кого одиш во потера? По мртов пес, по обична болва! {24:15} Господ нека биде судија, тој нека суди меѓу мене и тебе, нека ја испита и нека ја брани мојата работа и нека ми набави правда: нека ме избави од твојата рака!” {24:16} Кога Давид му ги изговори тие зборови на Саула, Саул одговори: „Дали е тоа твојот глас, сине Давиде?” И Саул заплака гласно. {24:17} Потоа му рече на Давида: „Поправеден си од мене, зашто ти ми направи мене добро, а јас ти направив тебе зло. {24:18} А денес ја овенча својата добрина кон мене, зашто Господ ме предаде во твоите раце, а ти не ме уби. {24:19} Кога човек ќе го најде својот непријател, го пушта ли да оди мирно по својот пат? Господ нека ти плати за она добро што ми го направи денес! {24:20} Сега знам веродостојно дека навистина ќе бидеш цар и дека царството над Израел ќе се одржи трајно во твојата рака. {24:21} Затоа заколни ми се сега во Господа дека нема да го сотреш моето потомство по мене и дека нема да го избришеш моето име од мојот татков дом!” {24:22} Давид му се заколна на Саула, Саул си отиде во својата куќа, а Давид се врати со своите луѓе во горските засолништа. {25:1} Тогаш Самоил умре. Сиот Израел се собра и го исплака тажејќи по него; и го закопаа во неговиот роден крај во Рама. А Давид стана и слезе во пустината Фаран. {25:2} Во Маон живееше човек кој имаше свој имот во Кармил; тоа беше многу богат човек, имаше три илјади овци и илјада кози. Токму тогаш ги стрижеше своите овци во Кармил. {25:3} Тој човек се викаше Навал, а неговата жена Авигеја. Жена му беше убава и многу умна, а мажот суров и опак: беше Халевовец. {25:4} Давид чу во пустината дека Навал ги стриже своите овци. {25:5} Затоа испрати десет момоци наложувајќи им: „Одите горе во Кармил, отидете кај Навал и поздравете го во мое име. {25:6} И речете му вака на мојот брат: ‘Мир ти, мир на твојот дом, мир на сè што имаш! {25:7} Сега, слушам, ги стрижеш овците. А твоите пастири беа кај нас, не ги ѓибавме, ништо не им снема додека беа во Кармил. {25:8} Прашај ги своите слуги, и ќе ти кажат. Затоа овие момоци нека најдат милост пред тебе, зашто дојдовме во свечен ден. Дај им на своите слуги и на својот син Давид што ќе ти се најде при рака.’” {25:9} Давидовите момоци дојдоа и му ги повторија на Навала во Давидово име сите овие зборови, а потоа почекаа. {25:10} Ама Навал им одговори на Давидовите слуги вака: „Кој е Давид, кој е Јесејовиот син? Денес има многу слуги кои избегале од своите господари. {25:11} Зар да ги земам својот леб, својата вода, својот добиток што го заклав за своите стрижачи, па тоа да им го подарам на луѓето за кои не знам ни откаде се?” {25:12} Давидовите момоци се свртија и се вратија по својот пат. Кога се вратија, му ги јавија сите овие зборови на Давида. {25:13} А Давид им рече на своите луѓе: „Препашете го секој својот меч!” И го препашаа секој својот меч, и Давид го препаша својот, и околу четири стотини луѓе тргнаа по Давида, додека двеста останаа кај товарот. {25:14} А на Наваловата жена, Авигеја, и го јави еден од Наваловите слуги ова: „Ете, Давид испрати гласници од пустината, за да го поздрават нашиот господар, а тој ги истера. {25:15} А тие луѓе беа многу добри со нас; не нè ѓибаа, ништо не загинавме додека бевме во нивна близина, кога бевме во полето. {25:16} Ноќе и дење ни беа како тврдина за сето време додека бевме со нив пасејќи ги стадата. {25:17} Размисли сега и види што ќе направиш, зашто е готова погибелта на нашиот господар и на сиот негов дом; а тој е опак човек кому не може ништо да му се рече.” {25:18} Авигеја зеде бргу двеста лебови, два мевови со вино, пет зготвени овци, пет мерки пржено жито, сто гроздови суво грозје, двеста смоквини колачиња, и го натовари сè тоа на ослици. {25:19} И им заповеда на своите слуги: „Тргнете пред мене, а јас ќе идам по вас.” Ништо не му кажа на својот маж Навал. {25:20} Додека, јавајќи на осле, слегуваше зад горскиот завој, Давид со своите луѓе слегуваше спроти неа, така што таа се сретна со нив. {25:21} А Давид токму мислеше: „И така напразно го заштитував во пустината сè тоа што тој човек го имаше, и ништо не му снема од сè што имаше во сопственост! Сега ми враќа зло за добро! {25:22} Господ нека му го направи на Давида ова зло и нека му додаде друго, ако до мугрите му го оставам на Навала од сè што има и она што мокри покрај ѕид!” {25:23} Кога Авигеја го здогледа Давида, брзо слезе од ослето и падна пред Давида ничкум, поклонувајќи се до земја. {25:24} Откако му се фрли така пред нозете, рече: „Господару, нека вината падне врз мене! Дозволи и на твојата слугинка да им проговори на твоите уши, и удостои се да ги сослушаш зборовите на својата слугинка. {25:25} Мојот господар нека не гледа на оној опак човек, на Навал, зашто тој со право го носи своето име: се вика безумник и лудоста е со него. А јас, твојата слугинка, не ги видов момоците кои ги испратил мојот господар. {25:26} Затоа сега, господару, живиот ми Господ, и така да бидеш жив ти, и така ти Господа, Кој те запази за да не навалиш врз себеси крвна кривица и за да не ја набавиш за себе правдата со својата рака: нека поминат како Навала твоите непријатели и оние кои му кројат зло на мојот господар! {25:27} А овој подарок, што твојата слугинка му го носи на својот господар, нека им биде даден на момоците кои што одат по мојот господар на неговите патишта. {25:28} Прости и ја вината на својата слугинка! Навистина Господ ќе му основе траен дом на мојот господар, зашто мојот господар ги води Господовите боеви, и за време на сиот твој живот нема да се најде зло на тебе. {25:29} Ако некој се дигне да те гони и да ти работи за главата, животот на мојот господар нека биде сохранет во ризницата на животот кај Господа, твојот Бог, а животот на твоите непријатели нека го фрли Тој како од праќка. {25:30} И кога Господ ќе му го направи на мојот господар секое добро што ти го ветил, и кога ќе те одреди да бидеш кнез над Израел, {25:31} тогаш нека не му биде за смут ниту за гризење на совеста на мојот господар дека пролеа крв за ништо и дека ја набави за себе правдата со својата рака. И кога Господ ќе му направи добро на мојот господар, тогаш спомни си за својата слугинка!” {25:32} Давид и одговори на Авигеја: „Нека е благословен Господ, Израелевиот Бог, Кој те испрати денес кај мене во пресрет! {25:33} Нека е благословена твојата мудрост, и благословена да бидеш ти што ме задржа денес за да не навалам врз себеси крвна вина и за да не набавам правда со своја рака. {25:34} Ама, така ми живиот Господ, Израелевиот Бог, Кој не дозволи да ти направам зло: да не ми излезеше така брзо во пресрет, навистина на Навала не ќе му останеше до утрото ни она што мокри покрај ѕид!” {25:35} Тогаш Давид го прими од нејзините раце она што му го беше донесла, и и рече: „Врати се со мир во својата куќа. Ете, го послушав твојот глас и се обѕрнав на тебе.” {25:36} Кога Авигеја се врати кај Навал, тој токму имаше гозба во куќата, вистинска царска гозба: Навал беше весел и сосем пијан; затоа таа не му рече ништо додека не осамна утрото. {25:37} А наутро, кога Навал се отрезни, му раскажа неговата жена сè што се случило, а нему му замре срцето во градите, и тој остана како да се скаменил. {25:38} А на десеттина дена потоа Господ го удри Навала, та умре. {25:39} Кога Давид чу дека умре Навал, рече: „Нека е благословен Господ, Кој ми ја исправи неправдата што ми ја направи Навал; и Господ го запази својот слуга да не направи зло, а ја навали Наваловата злоба на неговата глава!” Потоа Давид испрати порака до Авигеја дека ќе ја земе за жена. {25:40} Давидовите слуги дојдоа при Авигеја во Кармил и и рекоа: „Давид нè испрати кај тебе за да те земе за жена.” {25:41} А таа стана, се поклони до земјата и рече: „Еве ја твојата слугинка која е спремна да биде робинка и да ги мие нозете на слугите на својот господар!” {25:42} Потоа Авигеја стана и бргу го зајава ослето, а по неа тргнаа нејзините пет слугинки. Така отиде по Давидовите посланици и стана негова жена. {25:43} Давид се беше оженил и со Ахиноама од Езраел, и двете му беа жени. {25:44} Зашто Саул својата ќерка Михала, Давидовата жена му ја беше дал на Фалтиј, синот Лаисов од Галим. {26:1} Луѓето од Зиф дојдоа кај Саула и му јавија: „Давид се крие во Ехелското Брдо, спроти Гесимон.” {26:2} Тогаш Саул тргна на пат и слезе во пустината Зиф, а со него три илјади избрани Израелпци, за да го бара Давида во пустината Зиф. {26:3} Саул се влогори во подножјето на Ехелското Брдо, што е спроти Гесимон, покрај патот. Давид, кој престојуваше во пустината, забележа дека Саул дојде онаму за да го гони. {26:4} Затоа Давид испрати согледувачи и научи дека Саул навистина дошол. {26:5} Давид се крена и дојде до местото каде што се влогорил Саул. Таму Давид го здогледа местото каде што спиеја Саул и Авенир, синот Ниров, неговиот војвода: Саул спиеше среде логорот, а војската лежеше во круг околу него. {26:6} Давид им се обрати на Хетеецот Ахимелех и на Ависај, синот Серуин, а брат Јоавов, и им рече: „Кој ќе дојде со мене во логорот сè до Саула?” А Ависај одговори: „Јас ќе дојдам со тебе.” {26:7} И така Давид и Ависај стигнаа ноќта до војската: и ете, Саул лежеше и спиеше во логорот, а неговото копје беше закачено во земјата кај возглавјето. Авенир и војниците лежеа околу него. {26:8} Тогаш Ависај му рече на Давида: „Денес Бог ти го предаде твојот непријател во твои раце; затоа сега дозволи да го прободам за земјата со неговото сопствено копје, со еден единствен удар, друг не ми треба.” {26:9} Ама Давид му одговори на Ависај: „Не го убивај! Зашто кој ќе ја подигне својата рака на Господовиот помазаник и ќе остане неказнет?” {26:10} Уште продолжи Давид: „Живиот ми Господ, и Господ ќе го удри, или ќе дојде неговиот ден да умре, или ќе отиде во бој и ќе загине. {26:11} Да не ми даде Господ да кренам рака на Господовиот помазаник! Туку земи ги сега копјето што му е кај возглавјето и садот за вода, па да си одиме!” {26:12} И Давид ги зеде копјето и садот за вода што беа кај Сауловото возглавје, и тие си отидоа: никој ништо не виде ни забележа, никој не се разбуди, туку сите спиеја, зашто врз нив падна длабок сон од Господа. {26:13} Давид помина на другата страна и застана на врвот на гората на некоја далечина, така што меѓу нив беше големо пространство. {26:14} Тогаш им викна на војската и на Авенир, синот Ниров, вака: „Зар не ќе се одѕвиеш Авенире?” А Авенир се одѕва и праша: „Кој си ти што го вознемируваш царот?” {26:15} А Давид му одговори на Авенира: „Не си ли ти јунак? И кој ти е рамен во Израел? Па зошто тогаш не го чуваше царот, својот господар? Еден од воините слезе до вас за да го убие царот, твојот господар. {26:16} Не е убаво тоа што го направи. Така ми живиот Господ, заслуживте смрт што не го чувавте својот господар, Господовиот помазаник. Погледај сега каде е царевото копје и каде е садот за вода што му беше до возглавјето!” {26:17} Тогаш Саул го позна Давидовиот глас и праша: „Дали е тоа твојот глас, сине Давиде?” А Давид одговори: „Да, цару господару!” {26:18} И продолжи: „Зошто мојот господар го гони својот слуга? Што сум сторил? Каква вина е во мојата рака? {26:19} Затоа сега мојот господар и цар нека удостои да ги сослуша зборовите на својот слуга: Ако Господ те крева против мене, нека биде ублажено со приносница; ако тоа го прават човечките синови, нека бидат проклети пред Господа, зашто ме истераа, така што не можам да имам дел во Господовото наследство, како да ми зборуваа: ‘Оди, служи им на туѓите богови!’ {26:20} Затоа мојата крв нека не падне на земјата далеку од Господовото лице. Зашто Израелевиот цар излезе во лов на мојот живот, како кога некој гони еребица по планината.” {26:21} Тогаш Саул рече: „Згрешив! Врати ми се, сине Давиде, не ќе ти правам веќе зло, кога мојот живот денес беше толку мил во твоите очи. Да, работев безумно и тешко згрешив!” {26:22} А Давид одговори: „Еве го царевото копје, нека дојде еден од момците и нека го земе! {26:23} А Господ ќе му врати секому според неговата правда и според неговата верност: Денес Господ те предаде во мои раце, ама не сакав да кренам рака на Господовиот помазаник. {26:24} И ете, како што денес твојот живот беше мил во моите очи, така мојот живот нека биде мил во Господовите очи! И Господ нека ме избави од секоја неволја!” {26:25} А Саул му викна на Давида: „Биди ми благословен, сине Давиде! Бездруго ќе го извршиш своето дело и ќе успееш!” Потоа Давид си отиде по својот пат, а Саул се врати во своето место. {27:1} Давид си рече во себеси: „Сепак ќе загинам еден ден од Сауловата рака. Затоа нема ништо подобро за мене туку да се спасам во земјата на Филистејците. Тогаш Саул ќе прекрати да ме бара натаму по сите израелеви краеви, и ќе се избавам од неговата рака.” {27:2} И така Давид се крена и помина, со шест стотини луѓе што ги имаше, кај Ахис, синот Маохов, цар на Гат. {27:3} Давид се настани кај Ахис во Гат, тој и неговите луѓе, секој со своето семејство, а Давид со своите две жени, Езраелката Ахиноама и Авигеја, Наваловата жена од Кармил. {27:4} Кога Саул научи дека Давид избега во Гат, веќе не го гонеше. {27:5} Давид му рече на Ахиса: „Ако најдов милост во твоите очи, нека ми дадат место во еден град во земјата, за да се населам во него. Зошто твојот слуга да живее кај тебе во царскиот град?” {27:6} Во истиот ден Ахис му го даде Сиклаг. Затоа Сиклаг им припаѓа до денешен ден на царевите на Јуда. {27:7} И Давид остана во Филистејската Земја една година и четири месеци. {27:8} Давид со своите луѓе излегуваше да ги ограбува Гесурците, Герзејците и Амаликците, зашто тоа беа древни жители на земјата од Телам преку Сур сè до Египетската Земја. {27:9} Давид ја запустуваше земјата не оставајќи во живот ни маж ни жена, ограбуваше овци и говеда, ослици, камили и облеки, и се враќаше да му го донесе сè тоа на Ахиса. {27:10} Ахис го прашуваше: „Каде ограбувавте денес?” А Давид одговараше дека ограбувале во Јудиниот Негев или во Ерамеилскиот Негев или во Кенејскиот Негев. {27:11} Давид не оставаше во живот ни маж ни жена за да ги доведе во Гат, зашто мислеше: „Би можеле да нè обвинат и речат: ‘Давид правеше така.’” Имаше таков обичај за сето време додека престојуваше во Филистејската Земја. {27:12} Ахис му веруваше на Давида и велеше во себе: „Толку се замразил со својот народ Израел! Затоа ќе ми биде слуга довека!” {28:1} Во она време Филистејците ги собраа своите чети за војна против Израел. И Ахис му рече на Давида: „Знај дека ќе идеш со мене во војска, ти и твоите луѓе!” {28:2} А Давид му одговори на Ахиса: „Добро! Сега ќе видиш што ќе направи твојот слуга!” А Ахис му одговори на Давида: „Добро! Затоа ќе те поставам да бидеш мој чувар довека.” {28:3} Самоил беше умрел, и сиот Израел го оплака тажејќи по него. Го закопаа во неговиот град Рама. А Саул ги беше истерал од земјата сите повикувачи на духови и врачеви. {28:4} Додека Филистејците се собираа та дојдоа и се влогорија кај Суним, Саул ги собра сите Израелци та се влогори во Гелвуе. {28:5} Кога Саул го здогледа филистејскиот логор, се исплаши и срцето му затрепери силно. {28:6} Саул го праша за совет Господа, но Господ не му даде одговор, ни во соништата, ни преку Уримот, ни преку пророците. {28:7} Затоа Саул им рече на своите слуги: „Побарајте ми жена која повикува духови, за да одам кај неа и да ја прашам.” А слугите му одговорија: „Еве, во Ен-Дор има жена која повикува духови.” {28:8} Тогаш Саул се преправи, облече други облеки и отиде со два човека. И дојде ноќе кај онаа жена и и рече: „Да ми вражаш со помош на дух и повикај ми го оној кого што ќе ти речам.” {28:9} А жената му одговори: „Па ти знаеш што направи Саул и како ги истреби од земјата повикувачите на духови и вражалците. Зошто му поставуваш стапица на мојот живот за да ме погубиш?” {28:10} А Саул и се заколна во Господа, говорејќи: „Така ми живиот Господ, не ќе бидеш ништо виновна за ова!” {28:11} Тогаш жената запраша: „Кого да ти го повикам?” А тој одговори: „Повикај ми го Самоила!” {28:12} Кога жената го здогледа Самоила, извика гласно, а тогаш му рече на Саула: „Зошто ме измами? Та ти си Саул!” {28:13} А царот и одговори: „Не бој се! Туку што гледаш?” А жената му одговори на Саула: „Гледам нешто божествено што се дига од земјата.” {28:14} Саул ја праша: „Какво му е обличјето?” А таа одговори: „Излегува старец, наметнат со плашт.” Тогаш Саул созна дека е тоа Самоил, па падна со лицето на земјата и се поклони. {28:15} Самоил го праша Саула: „Зошто го замати мојот мир повикувајќи ме горе?” А Саул одговори: „Во голема неволја сум, зашто Филистејците завојуваа против мене, а Бог се заврте од мене и не ми одговара веќе, ни преку пророците ни во соништата. Затоа те повикав тебе за да ме поучиш што да правам.” {28:16} А Самоил одговори: „Зошто ме прашуваш мене, кога Господ се одвратил од тебе и ти станал непријател? {28:17} Господ ти направи како што ти кажа преку мене: го истрга царството од твојата рака и му го даде на твојот соперник, Давид, {28:18} зашто не ги послуша Господовите зборови и зашто не го изврши Неговиот жесток гнев врз Амалик: затоа Господ ти направи вака денес. {28:19} Господ ќе го предаде, заедно со тебе, и Израел во филистејски раце. Утре со своите синови ќе бидеш со мене, а и војската Израелева Господ ќе ја предаде во филистејски раце.” {28:20} Саул беше опфатен од ужас и падна на земјата колку што е долг. Го опфати силен страв од Самоиловите зборови. И му ја потснема силата, зашто не јадеше ништо цел ден и цела ноќ. {28:21} Кога онаа жена дојде кај Саула и забележа како е сиот исплашен, му рече: „Ете, твојата слугинка го послуша твојот збор, го ставив својот живот на коцка и ги послушав твоите заповеди, што ми ги наложи. {28:22} Затоа сега послушај го и ти зборот на својата слугинка: дозволи да ти пружам залак леб; јади, за да ти се врати силата та да можеш да тргнеш по својот пат.” {28:23} Но тој нејќеше, туку рече: „Не ќе јадам!” Ама кога го зафатија неговите слуги, заедно со жената, ги послуша, стана од земјата и седна на постелата. {28:24} Жената имаше дома теле за гоење. Го закла брзо, потоа зеде брашно, го замеси и испече бесквасен леб. {28:25} Потоа стави сè пред Саула и пред неговите луѓе. Откако јадоа, станаа и уште во истата ноќ тргнаа назад. {29:1} Филистејците ги собраа сите свои чети во Афек, а Израелците го поставија својот логор кај изворот во Езраел. {29:2} Филистејските кнезови поминуваа со своите стотини и илјади, а Давид и неговите луѓе одеа сосем на крај со Ахис. {29:3} Филистејските кнезови прашаа: „Што сакаат тука овие Евреи?” А Ахис им одговори на филистејските кнезови: „Па ова е Давид, слугата на израелскиот цар Саул! Веќе година-две е кај мене, ама не најдов на него ништо сомнително од оној ден кога пребега кај мене па до денешниот ден.” {29:4} Но филистејските кнезови пламнаа на него и му рекоа: „Испрати го тој човек назад, нека се врати во местото што си му го определил. Нека не иде со нас во бојот, за да не се сврти против нас во бојот! Со што тој пак би му се замилел на својот господар, ако не со главите на овие наши луѓе? {29:5} Тоа е оној ист Давид за кого што се пееше играјќи: ‘Саул порази илјади, Давид десетини илјади.’” {29:6} Тогаш Ахис го повика Давида и му рече: „Живиот ми Господ, ти си чесен, и мене ќе ми беше мило да ме придружуваш во движењата на мојата војска, зашто не најдов никакво зло врз тебе од оној ден кога дојде кај мене па до денешниот ден. Ама не си мил во очите на кнезовите. {29:7} Затоа сега врати се и оди си со мир дома, за да не ги онерасположиш филистејските кнезови!” {29:8} Давид му одговори на Ахиса: „Та што сум сторил и што си забележал на својот слуга од оној ден кога стапив во твоја служба па до денешниот ден, за да не можам да одам да се борам со непријателите на својот господар цар?” {29:9} А Ахис му одговори на Давида: „Ти самиот знаеш дека си ми мил во моите очи како Божји Ангел, ама филистејските кнезови рекоа: ‘Нека не иде со нас во бој!’ {29:10} Затоа станете рано наутро, ти и слугите на твојот господар кои што дојдоа со тебе. И така, кога ќе станете рано наутро, штом се раздени, ќе си отидете!” {29:11} Така Давид со своите луѓе стана рано, и тргна веднаш наутро, и се врати во Филистејската Земја, а Филистејците отидоа во Езраел. {30:1} Кога Давид со своите луѓе стигна на третиот ден во Сиклаг, а тоа Амаликците беа нападнале на Негев и на Сиклаг; го ограбија Сиклаг и го спалија со оган. {30:2} Ги заробија жените и сите кои што беа таму, мало и големо. Не убија никого, туку само одведоа робови и си отидоа по својот пат. {30:3} И така, кога Давид со своите луѓе дојде во градот, видоа дека градот е изгорен, а нивните жени, нивните синови и нивните ќерки одведени во ропство. {30:4} Тогаш Давид и луѓето, кои беа со него, го кренаа гласот и плачеа додека не им ја снема силата за плачење. {30:5} И двете Давидови жени беа одведени во ропство, Езраелката Ахиноама и Авигеја, Наваловата жена од Кармил. {30:6} Давид се најде во голема неволја, зашто луѓето почнаа да зборуваат дека ќе го каменуваат, бидејќи сите беа огорчени, секој заради своите синови и заради своите ќерки. Но Давид се охрабри во Господа, својот Бог. {30:7} Давид му рече на свештеникот Авијатар, Ахимелеховиот син: „Донеси ми го ваму наплеќникот (Ефодот)!” И Авијатар му го донесе на Давида наплеќникот. {30:8} Тогаш Давид го праша Господа за совет, велејќи: „Дали да тргнам во потера по оние разбојници и дали ќе ги стигнам?” А Тој му одговори: „Оди во потера, зашто навистина ќе ги стигнеш и ќе ги избавиш плениците.” {30:9} И Давид тргна со шест стотини луѓе, кои беа со него, и дојдоа до потокот Восор. {30:10} Оттука Давид со четири стотини луѓе ја продолжи потерата, а останаа две стотини луѓе, кои беа толку уморни што не можеа да поминат преку потокот Восор. {30:11} Во полето најдоа еден Египетец. Го доведоа кај Давида, му дадоа леб да јаде и вода да пие. {30:12} Му дадоа дел од низаниците смокви и два грозда суво грозје. Кога го изеде тоа, се закрепна, зашто три дни и три ноќи немаше јадено леб и немаше пиено вода. {30:13} Тогаш Давид го праша: „Чиј си и откаде си?” А тој му одговори: „Јас сум Египетец, слуга на еден Амаличанин. Мојот господар ме остави зашто се разболев пред три дни. {30:14} Бевме навлегле во Херетскиот Негев и во Јудејскиот Негев, и во Халевовиот Негев, а Сиклаг го запаливме со оган.” {30:15} Давид го праша: „Сакаш ли да ме одведеш при таа разбојничка дружина?” А тој му одговори: „Заколни ми се во Бога дека нема да ме погубиш и дека нема да ме предадеш во рацете на мојот господар, па ќе те одведам кај нив!” {30:16} И така тој го одведе, и ете, тие беа распрснати по сиот оној крај, пиејќи и славејќи прослава заради сиот голем плен што го одзедоа од Филистејската Земја и од Јудината Земја. {30:17} И Давид почна да ги бие, и ги поразуваше од примрак до вечерта на другиот ден, извршувајќи врз нив клето уништување. Никој од нив не се избави, освен четири стотини момци, кои ги јавнаа камилите и избегаа. {30:18} Така Давид избави сè што го грабнаа Амаликците; и двете свои жени ги избави Давид. {30:19} И ништо не им снема, од најмалите работи до најголемите, од пленот сè до синовите и ќерките, сè им беше грабнато: Давид врати сè. {30:20} Тогаш ги зедоа сите овци и говеда, ги дотераа пред него, викајќи: „Ова е пленот Давидов!” {30:21} Кога Давид дојде кај оние две стотини луѓе кои што беа изморени па не можеа да одат по Давида и кои што тој ги остави кај потокот Восор, тие им излегоа во пресрет на Давида и на неговата чета: откако им се приближија на Давида и на четата, ги поздравија. {30:22} Тогаш прозборуваа сите злобници и ништожници меѓу луѓето кои одеа со Давида, и рекоа: „Бидејќи не идеа со нас, да не им даваме ништо од пленот што го избавивме, туку само секому неговата жена и неговите деца, нека ги поведат со себе и нека си одат!” {30:23} Но Давид рече: „Не правете така, браќа мои, по она што ни го даде Господ: Тој нè чуваше и ни ја предаде во рацете разбојничката дружина, што беше излегла против нас. {30:24} Та кој ќе ве послуша во тоа? Зашто каков е делот на оној кој оди во бој, таков е делот на оној кој останува кај товарот. Сите нека имаат еднаков дел.” {30:25} Така остана од тој ден натаму. Давид го направи тоа со одредба и закон во Израел сè до денешниот ден. {30:26} Кога Давид дојде во Сиклаг, им испрати дел од пленот на старешините на Јуда, според нивните поединечни градови, со пораката: „Еве за вас подарок од пленот на Господовите непријатели!” {30:27} На оние во Ветил, на оние во Рама, во Негев, и на сите во Јатир; {30:28} на оние во Ароир и на оние во Сифмот, на оние во Естемо; {30:29} на оние во Ракал, на оние во ерамеилските градови и на оние во кенејските градови; {30:30} на оние во Орма; на оние во Хор Асан и на оние во Атах; {30:31} на оние во Хеврон; и во сите оние места во кои што доаѓал Давид со своите луѓе. {31:1} Филистејците завојуваа против Израелците, а Израелците избегаа пред нив и паѓаа убиени по гората Гелвуе. {31:2} Филистејците ги стигнаа Саула и неговите синови и ги погубија Сауловите синови Јонатана, Авинадава и Мелхи-Сува. {31:3} Бојот стана пожесток околу Саула. Го изненадија стрелци со лакови, и тој падна тешко ранет од стрелците. {31:4} Тогаш Саул му рече на својот оруженосец: „Извлечи го својот меч и прободи ме, за да не дојдат тие необрезаници та ме прободат и ми се наругаат.” Ама неговиот штитоносец се исплаши и не сакаше да го направи тоа. Затоа Саул го зеде мечот и се фрли на него. {31:5} Кога оруженосецот виде дека Саул умре, се фрли и тој на својот меч и умре со него. {31:6} Така во тој ден загинаа заедно со Саула, неговите три сина, неговиот оруженосец и сите негови луѓе. {31:7} Кога Израелците, кои беа на другата страна на долината и на другата страна на Јордан, видоа дека Израелевите синови избегаа и дека Саул загина со синовите, ги оставија своите градови та се разбегаа. Филистејците дојдоа и се населија во нив. {31:8} Кога утреден дојдоа Филистејците за да ги ограбат победените, ги најдоа Саула и неговите три сина каде што лежат на гората Гелвуе. {31:9} Тие му ја отсекоа главата и го симнаа од него оружјето, што го испратија по сета Филистејска Земја, јавувајќи им ја веселата вест на своите идоли и на народот. {31:10} Потоа го ставија оружјето во Астартиниот храм, а Сауловото мртво тело го приковаа врз ѕидот на градот Вет Сан. {31:11} Но кога оние во Галадскиот Јавис чуја што направија Филистејците со Саула, {31:12} станаа сите храбри луѓе и, откако одеа цела ноќ, ги зедоа Сауловото мртво тело и телата на неговите синови од ѕидот на градот Вет Сан, па ги донесоа во Јавис и таму ги изгореа. {31:13} Потоа ги зедоа нивните коски и ги закопаа под дабот во Јавис, и постеа седум дена.