{1:1} Соломон, синот Давидов, беше се зацврстил на престолот. Господ, неговиот Бог, беше со него и го возвиши многу. {1:2} Тогаш Соломон му се обрати на сиот Израел, на илјадниците, на стотниците, на судиите, на сите израелски кнезови, на главите на семејствата, {1:3} та Соломон и сиот собир со него се искачија на возвишението кое беше во Гаваон, зашто таму беше Шаторот на средбата што го подигна Мојсеј, слугата Божји, во пустината. {1:4} Давид го пренесе Божјиот Ковчег од Киријат-Јарим до местото што самиот го подготви за него; зашто беше подигнал Шатор во Ерусалим. {1:5} Бронзениот жртвеник што го направи Веселеил, синот на Оровиот син Уриј, беше таму пред Господовиот Шатор, каде дојдоа Соломон и собирот за да му се обратат. {1:6} Таму пред Господа Соломон се искачи при бронзениот жртвеник, кој беше веднаш до Шаторот на средбата, и принесе врз него илјада паленици. {1:7} Истата ноќ Бог му се јави на Соломона и му рече: „Барај што да ти дадам.” {1:8} Соломон одговори: „Мошне наклонет Му беше на мојот татко Давид, и ме зацари мене на неговото место. {1:9} Боже Господе, нека се исполни сега ветувањето што Му го даде на мојот татко Давид, зашто ме зацари над народот што го има многу како земниот прав. {1:10} Дај ми сега мудрост и знаење за да можам да управувам со овој народ, зашто кој ќе управува со толкав народ како што е овој, Твојот!” {1:11} Бог му рече на Соломона: „Бидејќи тоа ти е во срцето, а не бараше ни богатство, ни благо, ни слава, ни смртта на непријателите, и зашто не бараше долг живот, туку мудрост и знаење како би управувал со Мојот народ над кој те зацарив, ти давам мудрост и знаење. {1:12} Но ти давам и богатство, благо и слава какви немаше ниеден цар што бил пред тебе и какви не ќе имаат ни оние кои ќе дојдат после тебе.” {1:13} Соломон од возвишението во Гаваон отиде во Ерусалим, подалеку од Шаторот на средбата, и царуваше над Израел. {1:14} Собра бојни коли и коњаници: имаше илјада и четири стотини бојни коли и дванаесет илјади коњаници, и ги размести по градовите каде што му беа колите и кај себе во Ерусалим. {1:15} Соломон направи да има сребро и злато во Ерусалим изобилно како камења, а кедрови дрва многу како црници во Шефел. {1:16} Соломоновите коњи беа внесени од Египет и од Кеве, а царските трговци ги купуваа за пари. {1:17} Се донесуваше и се продаваше една бојна кола од Египет по шест стотини сребрени шекели, а коњите по сто и педесет; тоа беше исто така за сите хетитски и арамејски цареви, кои ги увезуваа преку нив. {2:1} Соломон науми да изгради Дом - еден на Господовото Име, а вториот за себе за царски дворец. {2:2} Изброи седумдесет илјади носачи, осумдесет илјади каменоделци во гората и три илјади и шест стотини надгеледувачи. {2:3} Тогаш му ја испрати оваа порака на Хирам, тирскиот цар: „Како што му праќаше на татака ми Давид кедри за да гради дом каде ќе живее, така стори ми и мене. {2:4} Наумив да Му подигнам Дом на Името на Господа, својот Бог, и да Му го посветам, за да се дига пред Него благомирисен темјан, за да се поставуваат секогаш лебови, за да се принесуваат паленици наутро и навечер, во саботите, во деновите на млад месец и во празниците на Господа, нашиот Бог; и така да остане засекогаш во Израел. {2:5} Домот што ќе го изградам ќе биде голем, зашто нашиот Бог е поголем од сите богови. {2:6} Та кој би имал достатно сила за да Му создаде Дом кога не можат да Го опфатат ни небесата ни небесата над небесата? И кој сум јас за да Му ѕидам Дом, освен затоа за да Му се издига кадеж пред лицето? {2:7} Испрати ми човек вешт во обработка на злато, сребро, бронза, железо, црвено сукно, сино и љубичесто, и вешт во уметноста на копаничарство; ќе работи со ракотворците кај мене во Јуда и во Ерусалим, со оние што ми ги остави мојот татко Давид. {2:8} Испрати ми од Ливан кедри, чемпреси и алгуми, зашто знам дека твоите слуги умеат да ги сечат ливанските дрва. Моите слуги ќе работат со твоите. {2:9} Ќе треба да ми подготват многу дрва, зашто куќата што мислам да ја градам ќе биде многу голема и величествена. {2:10} На дрвосечачите што ќе ги оборуваат дрвата им давам дваесет илјади кори пченица, дваесет илјади кори јачмен, дваесет илјади вати вино и дваесет илјади вати масло, за издржување на твоите слуги.” {2:11} Хирам, тирскиот цар, одговори со писмо што му го испрати на Соломона: „Затоа што Го љуби Својот народ, Господ те зацари над него.” {2:12} Го додаде уште и ова: „Господ, Израелевиот Бог, Кој ги создаде небесата и земјата, нека те благослови! Тој му даде на царот Давид мудар, умен и разумен син кој ќе гради еден Дом за Господа, а вториот за себе за да царува од него. {2:13} Затоа ти праќам мудар, вешт и разумен човек, Хирам Авив, {2:14} син на една Дановите ќерки и на татко Тирец. Умее да обработува злато, сребро, бронза, железо, камен, дрво, црвено сукно, љубичеста свилена ткаеница, тенко платно и отворено-црвено сукно, умее да реже секакви копаничарства и да замисли секакво дело што ќе му се довери. Тој ќе работи со твоите уметници и со уметниците на мојот господар Давид, твојот татко. {2:15} И така, сега мојот господар нека им испрати на своите слуги пченица, јачмен, масло и вино како што вети. {2:16} А ние ќе насечеме стебла од Ливан колку што ти треба, и ќе ги довеземе на сплавови по море во Јафа, а ти превези ги горе во Ерусалим.” {2:17} Соломон ги преброи сите странци кои се затекнаа во Израелевата Земја по пописот што го беше спровел неговиот татко Давид, и ги најде сто педесет и три илјади и шест стотини. {2:18} Од нив одреди седумдесет илјади носачи, осумдесет илјади каменоделци во планината, три илјади и шест стотини луѓе за да управуваат со работата на народот. {3:1} Тогаш Соломон почна да Му гради Дом на Господа во Ерусалим, на Моривската Гора, таму каде што неговиот татко Давид имаше предвид. Тоа е местото што го подготви Давид, гумното на Евусеецот Орнан. {3:2} Соломон го почна градењето во вториот ден на вториот месец на четвртата година од своето владеење. {3:3} Ова се основите што Соломон ги постави за градењето на Божјиот Дом: шеесет лакти во должина - по старата мерка на лактот - а во широчина дваесет лакти. {3:4} Тремот, што беше пред Домот, имаше, по широчината на овој последниот, а во должина дваесет лакти, а висок беше сто и дваесет лакти. Го обложи внатре со чисто злато. {3:5} Големата дворница ја обложи со кедри, што ги покри со чисто злато и изработи врз нив палми и цветни венци. {3:6} Потоа ја украси дворницата со блескави бесцени камења; златото беше парваимско злато. {3:7} Со него ја покри дворницата: гредите, праговите и крилата на вратите та изваја херувими по ѕидовите. {3:8} Потоа ја создаде дворницата на Светината над светините. Беше, според храмската широчина, долга дваесет лакти и широка дваесет лакти, и ја обложи со шест стотини таланти чисто злато. {3:9} За клинците даде на мерка педесет златни сикли. И горните соби ги обложи со злато. {3:10} Во дворницата на Светината над светините направи два херувими, леано дело. И нив ги обложи со злато. {3:11} Крилата на херувимите беа долги дваесет лакти: едното крило од пет лакти го допираше храмскиот ѕид, а второто од пет лакти го допираше крилото на другиот херувим. {3:12} Така и крилото на вториот херувим, од пет лакти, го допираше ѕидот на Домот. Другото крило, од пет лакти, се спојуваше со крилото на другиот херувим. {3:13} Раширените крила на херувимите имаа дваесет лакти. Херувимите стоеја простум, со лицата свртени кон Домот. {3:14} Направи завеса од љубичеста свилена ткаенина, од црвено сукно, од отворено-црвено сукно и од лесно платно, та врз нив извезе херувими. {3:15} Пред Домот направи два столба долги триесет и пет лакти, а нивните главчиња на врвот по пет лакти. {3:16} Во Девира тој сплете венци та ги постави на врвот на столбовите и направи сто калинки кои ги постави меѓу венците. {3:17} Ги постави столбовите пред Храмот, едниот оддесно, другиот одлево, та го нарече Јахин оној оддесно, а Воас оној одлево. {4:1} Направи бронзен жртвеник долг дваесет лакти, широк дваесет и висок десет. {4:2} Тогаш излеа море што од работ до работ мереше десет лакти; беше кружно наоколу, високо пет лакти, а во опфат, мерено со врвца, имаше триесет лакти. {4:3} Под него беа воловски ликови што го опашуваа наоколу. Беа по десет на еден лакт, та го опкружуваа морето наоколу; два реда од тие волови беа излеани со морето. {4:4} Морето стоеше на дванаесет волови; три гледаа на север, три на запад, три на југ, три на исток; морето стоеше на нив, и сите беа свртени со задниот дел кон внатре. {4:5} Беше дебело една дланка, работ му беше како раб на чаша, како лилјанов цвет, а можеше да прими три илјади вати. {4:6} Направи десет мијалници и ги постави пет оддесно, пет одлево за да се мие во нив; во нив го миеја тоа што требаше за палениците; морето им беше наменето на свештениците за да се мијат во него. {4:7} Направи десет златни светилници според прописот и ги стави во Храмот, пет оддесно, пет одлево. {4:8} Тогаш направи десет столови и ги постави во Храмот, пет оддесно, а пет одлево. Направи сто златни котлиња. {4:9} Тогаш направи свештенички трем, голем двор со врати што ги покри со бронза. {4:10} Го стави морето од десната страна кон југоисток. {4:11} Хирам направи грнчиња, лопати и котлиња. Ја приврши сета работа што му ја правеше на царот Соломон за Божјиот Дом: {4:12} два столба; две главчиња што беа на врвот на столбовите; две мрежи за да ги покријат двете главчиња што беа на врвот на столбовите; {4:13} четири стотини калинки за двете мрежи; два реда калинки за секоја мрежа, за да ги покријат двете главчиња на врвот на столбовите; {4:14} десет подножја и десет мијалници на подножјата; {4:15} едно море и дванаесет волови под него; {4:16} грнчиња, лопати, вилушки и сиот прибор за нив му ги направи од бронза Хирам Авив на царот Соломон за Господовиот Дом. {4:17} Царот нареди да ги излеат во Јорданската Рамница, кај глинената земја, меѓу Сокхот и Саридат. {4:18} Соломон направи толку многу од тие предмети да не можеше да се измери тежината на бронзата. {4:19} Тогаш ги направи сите предмети наменети за Божјиот Дом: златниот жртвеник и столбовите на кои беа принесените лебови, {4:20} златните светилници со светилките од чисто злато што требаа, според прописот, да се палат пред Најсветото место; {4:21} цветовите, светилките и ножиците од злато; тоа беше чисто злато; {4:22} ножиците, котлињата, машичките и кадилниците од чисто злато; влезот во Домот, внатрешната врата на Светината над светините, и вратата на Храмот во Светилиштето, беа златни. {5:1} Така беше доведена кон крај работата што Соломон ја сврши за Господовиот Дом. Соломон ги внесе сите свети дарови на татака си Давида - среброто, златото и сите посатки - и ги стави во ризницата на Божјиот Дом. {5:2} Тогаш Соломон ги свика во Ерусалим сите Израелеви старешини, племенските кнезови и семејните главатари, за да се пренесе Ковчегот на Господовиот Завет од Давидовиот Град, односно од Сион. {5:3} Сите Израелеви мажи се собраа пред царот на празникот што е во седмиот месец. {5:4} Кога се состанаа сите Израелеви старешини, левитите го зедоа со себе Ковчегот. {5:5} И ги пренесоа Ковчегот и Шаторот на средбата со сиот посветен прибор што беше во Шаторот; свештениците и левитите ги пренесоа. {5:6} Потоа царот Соломон и сета израелска заедница што се собра кај него жртвуваа пред Ковчегот толку овци и говеда што не можеа да се избројат ни да се оценат. {5:7} Свештениците го донесоа Ковчегот на Господовиот Завет на неговото место, во Дебирот на Домот, односно во Светината над светините, под крилата на херувимите. {5:8} Херувимите имаа раширени крила над местото каде стоеше Ковчегот, и го засолнуваа Ковчегот и неговите драгови. {5:9} Драговите беа толку долги што им се гледаа краевите од Светилиштето спроти Дебирот, ама не се гледаа од надвор, и таму стојат до денешен ден. {5:10} Во Ковчегот немаше ништо освен двете плочи кои ги стави Мојсеј на Хорив, каде Господ склучи Завет со Израелците откако излегоа од Египет. {5:11} Сите свештеници излегоа од Светилиштето, зашто сите присутни свештеници се посветија без обѕир на редовите. {5:12} Сите левитски пејачи, Асаф, Јеман и Једутун со синовите и со браќата, стоеја облечени во тенко платно, со кимвали, со псалтири и со гуслиња, источно од жртвеникот, а со нив сто и дваесет свештеници кои трубеа во труби. {5:13} И додека свиреа и пееја сложно како еден и едногласно Го фалеа и Го славеа Господа, подигајќи го гласот покрај трубите, кимвалите и покрај другите свирки, фалејќи Го Господа „зашто е благ и зашто е вечна Неговата љубов”, облак го исполни Господовиот Дом. {5:14} Свештениците не можеа да ја продолжат службата од облакот: Господовата слава го исполни Божјиот Дом! {6:1} Тогаш Соломон рече: „Господ рече дека Тој ќе пребива во темен облак; {6:2} а јас Ти изградив возвишен Дом, место, за Твое вечно престојување! „ {6:3} И, откако се сврте, царот го благослови целиот израелски собир, а целиот израелски собир стоеше. {6:4} Тој рече: „Нека е благословен Господ, Израелевиот Бог, Кој го исполни со Својата рака ветувањето што со Својата уста му го даде на мојот татко Давид, велејќи: {6:5} ’Од денот кога Го изведов Својот народ од Египетската Земја не избрав град меѓу ниедно израелево племе за да се изгради во него Дом, каде би престојувало Моето Име, ниту избрав некого за да владее над Мојот Израелски народ. {6:6} Но Јас го избрав Ерусалим за да биде во него Моето Име и го избрав Давида за да заповеда со Мојот Израелски народ.’ {6:7} Татко ми Давид науми да Му подигне Дом на Името на Господа, Израелевиот Бог, {6:8} но Господ му рече: ‘Си наумил да Му подигнеш Дом на Моето Име, и добро направи, {6:9} ама ти нема да го подигнеш тој Дом, туку твојот син кој ќе излезе од твоето крило; тој ќе му подигне Дом на Моето Име.’ {6:10} Господ го исполни Своето ветување: го наследив таткото Давид и седнав на Израелевиот престол, како што вети Господ, му подигнав Дом на Името на Господа, Израелевиот Бог, {6:11} и го наместив Ковчегот во кој е Заветот што Господ го склучи со Израелевите синови.” {6:12} Тогаш Соломон стапи, во присуство на сиот израелев собир, пред Господовиот жртвеник и ги рашири рацете. {6:13} Имено, Соломон имаше направено бронзено подножје, долго пет лакти и широко пет лакти, а високо три лакти, и го стави сред дворот; откако застана на него, клекна пред сето израелево собрание и, раширувајќи ги рацете кон небото, {6:14} рече: „Господи, Израелев Боже! Ниеден бог не Ти е сличен ни на небесата ни на земјата, Тебе, Кој им ги пазиш Заветот и љубовта на Твоите слуги, кои одат пред Тебе со сето свое срце. {6:15} На Твојот слуга Давид, на мојот татко, му исполни што Си му ветил. Што Си ветил со Својата уста, го исполни со Својата рака токму денес. {6:16} Господи, Израелев Боже, сега исполни му на Својот слуга на татака ми Давида, што си му ветил кога си рекол: ‘Не ќе ти снема пред Мене наследник кој ќе седи на Израелевиот престол, само ако твоите синови ги пазат своите патишта, одејќи по Мојот закон, како што одеше ти пред Мене.’ {6:17} Господи, Израелев Боже, и така нека се исполни сега ветувањето што му го даде на Својот слуга Давид! {6:18} Ама зар навистина Бог ќе престојува со луѓето на земјата? Та небесата ни небесата над небесата не можат да Те опфатат, а камоли овој Дом што сум го изградил! {6:19} Внимателно чуј ги молитвата и повикот на Својот слуга, Господи, Боже мој, та послушај ги просењето и молитвата што Твојот слуга ја упатува кон Тебе! {6:20} Твоите очи нека бидат отворени над овој Дом дење и ноќе, над ова место за кое што рече дека во него ќе Го сместиш Своето Име. Послушај ја молитвата со која Твојот слуга ќе се моли на ова место. {6:21} И послушај ја молитвата на Твојот слуга и на Твојот Израелски народ, што ќе ја упатува на ова место. Послушај од местото каде што престојуваш, од небесата, послушај и смилувај се! {6:22} Ако некој згреши против ближниот и ако му биде наредено да се заколне и ако заклетвата дојде пред Твојот жртвеник во овој Дом, {6:23} Ти чуј ја од небото, подејствувај и суди им на Своите слуги, осуди го виновникот свртувајќи ги неговите беззаконија врз неговата глава, а ослободи го невиниот постапувајќи со него според неговата невиност. {6:24} Ако непријателите го поразат Твојот народ зашто згрешил против Тебе, ама ако сепак се обрати кон Тебе и ако го прослави Твоето Име и ако се помоли и извика кон Тебе во овој Дом, {6:25} тогаш Ти чуј го од небото, прости му ги гревовите на Твојот Израелски народ и доведи го назад во земјата која им ја даде ним и на нивните татковци. {6:26} Ако небото се затвори и не падне дожд зашто згрешиле против Тебе, па ако Ти се помолат на ова место и ако го прослават Твоето Име, и ако се обратат од својот грев кога ќе ги понизиш Ти, {6:27} тогаш чуј од небото и прости им го гревот на Твоите слуги и на Твојот Израелски народ, покажувајќи му го добриот пат по кој ќе оди, и пушти дожд на земјата, која му ја даде на Твојот народ во наследство. {6:28} Кога во земјата ќе завладеат глад, помор, суша и гламница, кога ќе навалат скакулци и гасеници, кога непријателот на овој народ ќе притисне некоја од неговите врати, или кога ќе удри некоја друга неволја или болест, {6:29} чуј ја секоја молитва, секој извик од кој и да е човек, или од целиот Твој Израелски народ; ако секој почувствува болка во срцето и рашири раце кон овој Дом, {6:30} послушај им ги молитвата и нивниот повик во небото каде што престојуваш, и прости, и дај му секому според неговите патишта, зашто Ти го познаваш неговото срце; зашто Ти единствено ги проѕираш срцата на луѓето, {6:31} за да се бојат од Тебе одејќи по Твоите патишта додека живеат на земјата, што Ти им ја даде на нашите татковци. {6:32} Па и туѓинецот - кој не е од Твојот Израелски народ, туку стигнал од далечна земја заради величината на Твоето Име и заради Твојата силна рака и подигната мишка, ако дојде и ако се помоли во овој Дом, {6:33} послушај го од небото, каде што престојуваш, послушај ги сите негови повици, за да го запознаат сите земни народи Твоето Име и да се бојат од Тебе како Твојот Израелски народ, и за да знаат дека Твоето Име е повикано над овој Дом, кој го изградив. {6:34} Кога Твојот народ ќе тргне против непријателот по патот по кој ќе го упатиш Ти и ако Ти се помоли Тебе, свртен кон градот што си Го избрал и кон Домот што му го подигнав на Твоето Име, {6:35} послушај ги од небото неговата молитва и неговото просење и направи што е потребно за него. {6:36} Кога ќе ти згрешат, зашто нема човек кој не греши, а ако Ти, откако ќе се разгневиш на нив, ќе ги предадеш на непријателите за да ги заробат и за да ги одведат како робје во далечна или блиска земја, {6:37} па ако се покајат со срцето во земјата во која ќе бидат одведени и ако почнат да Те молат за милост во земјата на своите освојувачи велејќи: ‘Згрешивме’, {6:38} и ако така Ти се обратат Тебе со сето срце и со сета душа во земјата на своето ропство во која ќе бидат доведени како робови, и ако се помолат свртени кон земјата, што Ти им ја даде на нивните татковци, и кон градот што го одбра, и кон Домот што јас му го подигнав на Твоето Име, {6:39} послушај ги од небото, каде престојуваш, нивната молба и нивното просење, направи им правда, и прости му на Твојот народ што ти згрешил. {6:40} Сега, Боже мој, Твоите очи нека бидат отворени и Твоите уши нека бидат внимателни на молитвите на ова место! {6:41} А сега, Господи Боже, стани во Твоето почивалиште, Ти и Ковчегот на Твојата сила, Твоите свештеници, Господи Боже, нека се облечат во спасение, и Твоите свети нека се насладуваат со блага. {6:42} Господи Боже! Не свртувај го лицето од Твојот помазаник, спомни си за милостите што му ги даде на Твојот слуга Давид!” {7:1} Кога Соломон ја заврши молитвата, оган се спушти од небото и ги спали паленицата и закланиците, и Господовата слава го исполни Домот. {7:2} Свештениците не можеа да влезат, зашто Господовата слава го исполни Господовиот Дом. {7:3} Сите Израелеви синови, откако видоа дека огнот со Господовата слава се спушти на Домот, паднаа ничкум кон земјата до камениот под; поклонувајќи се, почнаа да Го слават Господа: „зашто е благ и зашто е вечна Неговата љубов.” {7:4} Потоа царот и целиот народ почнаа да жртвуваат жртви пред Господа. {7:5} Царот Соломон принесе за жртва дваесет и две илјади говеда, сто и дваесет илјади овци; и така го осветија Господовиот Дом и царот и сиот народ. {7:6} Додека свештениците стоеја на должностите, левитите на свирките за Господовите песни, што ги состави царот Давид, Го славеа Господа „зашто е вечна Неговата љубов.” Со тоа Давид Го фалеше Господа преку нивните раце. Пред нив свештениците свиреа во рогови, додека Израелците стоеја. {7:7} Соломон ја освети и средината на дворот, кој е пред Господовиот Дом, зашто таму ги принесе палениците и мрсното од помирителните жртви, зашто бронзениот жртвеник што го направи Соломон не можеше да ги собере палениците ни лебните приноси ни лојот. {7:8} Во тоа време Соломон го празнуваше празникот седум дена, и сиот Израел со него, мошне голем собир, од влезот во Хамат па до Египетскиот Поток. {7:9} А на осмиот ден го празнуваа свечениот собир, зашто осветувањето на жртвеникот го празнуваа седум дена, и празникот седум дена. {7:10} Во дваесет и третиот ден на седмиот месец ги испрати луѓето во нивните шатори, и си отидоа со весело и со задоволно срце заради доброто кое Господ им го направи на Давида и на Соломона и на сиот Израелски народ. {7:11} Така Соломон ги доврши Господовиот Дом и царскиот дворец и направи сè што имаше наумено во своето срце да го изврши во Господовиот Дом и во својот дворец. {7:12} Потоа Господ му се јави на Соломона ноќе и му рече: „Ја послушав твојата молитва и го избрав тоа место за да Ми биде Дом на жртвата. {7:13} Ако го затворам небото за да нема дожд, или ако им заповедам на скакулците за да ја испасат земјата, или ако пуштам помор меѓу Мојот народ, {7:14} и ако се смири Мојот народ, кој се наречува со Моето Име, и ако се помоли, и го побара Моето лице и ако се откаже од лошите патишта, Јас ќе го послушам тогаш од небото и ќе му го простам гревот и ќе му ја излечам земјата. {7:15} Моите очи ќе бидат отворени и Моите уши ќе бидат внимателни на молитвата од ова место. {7:16} И така, сега го избрав и го осветив овој Дом, за да биде тука Моето Име засекогаш, и тука ќе бидат во сите дни Моите очи и Моето срце. {7:17} А ти, ако одиш пред Мене како што одеше татко ти Давид, правејќи сè што ти заповедав и пазејќи ги Моите одредби и закони, {7:18} ќе го додржам твојот царски престол како што му ветив на твојот татко Давид, велејќи: ‘Не ќе ти потснема наследник, кој ќе владее во Израел.’” {7:19} ”Ама ако Ме оставите и ако ги напуштите одредбите и заповедите кои ви ги дадов, та отидете и почнете да им служите на туѓи богови и да им се клањате, {7:20} ќе ги истерам Израелците од Мојата земја што им ја дадов, и ќе го отфрлам од себе овој Дом, кој Му го посветив на Моето Име, и ќе направам од него приказна и срам меѓу сите народи. {7:21} Секој што ќе помине покрај овој Дом, кој беше преславен, ќе се вчудоневиди од ужас и ќе праша: ‘Зошто Господ направи така со оваа земја и со овој Дом?’ {7:22} И ќе му биде одговорено: ‘Го оставија Господа, Бога на своите татковци, Кој ги изведе од Египет и се свртија кон туѓите богови, и им се клањаа, и им служеа, и затоа Господ го пушти на нив сето ова зло.’” {8:1} А кога поминаа дваесет години, за колку време Соломон ги подигна Господовиот Дом и својот дворец, {8:2} Соломон изгради градови, што му ги даде Хирам, и ги насели таму Израелевите синови. {8:3} Потоа Соломон отиде против Совскиот Емат и го освои. {8:4} Ги соѕида Тадмор и секакви места за складови во Емат. {8:5} Ги изгради и Горниот Вет Орон и Долниот Вет Орон, тврди градови со ѕидови, со врати и со лостови; {8:6} и Валат, и сите градови во кои што имаше складови, сите градови за воени коли и градовите за коњаниците, и сè што посака Соломон да гради во Ерусалим и во Ливан и по сета земја на своето царство. {8:7} А на сите кои останаа: од Хетејците, Аморејците, Ферезејците, Евејците и Евусејците, кои не беа Израелци, {8:8} на нивните синови кои останаа по нив во земјата и кои Израелците не ги сотреа - Соломон им наметна данок до денешниот ден. {8:9} Соломон не ги претворуваше Израелевите синови во робови за работа, туку беа воини, заповедници на неговите штитоносци и заповедници на бојните коли и на коњицата. {8:10} Беа главатари над управителите, кои ги имаше царот Соломон двеста и педесет, и управуваа со народот. {8:11} Соломон ја пресели и фараоновата ќерка од Давидовиот Град во домот што и го беше изградил, зашто мислеше: „Мојата жена не ќе живее во дворецот на израелскиот цар, зашто е свет откако во него дојде Господовиот Ковчег.” {8:12} Тогаш Соломон почна да Му принесува на Господа паленици на Господовиот жртвеник, што го беше изградил пред тремот, {8:13} и тоа колку што требаше од ден во ден да принесе по Мојсеевата заповед, во саботи, и на младите месечини, и на празниците трипати во годината, на празникот Бесквасни лебови, на празникот Седмици, и на празникот Сеници. {8:14} Ги постави, според уредбата на таткото Давид, свештеничките редови според нивната служба, и левитските по нивните должности, да слават со песни и да служат пред свештениците, колку што треба од ден во ден, и вратарите според нивните редови на секоја врата, зашто таква беше заповедта на Божјиот човек Давид. {8:15} Не отстапија од царевата повелба за свештениците и за левитите во ништо, ниту за сокровиштата. {8:16} Така се сврши сета Соломонова работа од денот кога беше положена основата на Господовиот Дом, па додека не го заврши. Така беше довршен Господовиот Дом. {8:17} Тогаш Соломон отиде во Есион-Гавер и во Елот на морскиот брег во Едомската Земја. {8:18} А Хирам му испрати преку слугите бродови и морнари вешти на морето, та отидоа со Соломоновите слуги во Офир; зедоа оттаму четири стотини и педесет таланти злато и му ги донесоа на царот Соломон. {9:1} Тогаш царицата на Сава чу глас за Соломона; сакајќи да го искуша Соломона со гатанки, дојде во Ерусалим со многубројна придружба и со камили што носеа мириси, многу злато и бесцени камења. Откако дојде кај Соломона, поразговара со него за сè што и беше на срце. {9:2} Соломон и одговори на сите прашања; ништо не му беше скриено на Соломона, за да не би умеел да и објасни. {9:3} Кога царицата од Сава ги виде: неговата мудрост, дворецот што го беше изградил, {9:4} јадењата на неговиот стол, седењето на неговите слуги и дворници, отменоста на неговите прислужници и нивните облеки, неговите виноподнесувачи, и неговите паленици кои ги принесуваше во Господовиот Дом, и застана здивот. {9:5} Тогаш му рече на царот: „Вистина е што чув за тебе и за твојата мудрост во својата земја. {9:6} Ама не сакав да верувам во тоа што се раскажува додека не дојдов и видов со своите очи; и навистина, не ми беше речено ни половина за твојата голема мудрост; го надмина гласот што го чув. {9:7} Блазе им на твоите луѓе и на твоите слуги, кои стојат пред тебе и ја слушаат твојата мудрост! {9:8} Нека е благословен Господ, твојот Бог, Кому му омиле толку па те поставил на Својот престол за да царуваш место Господа, својот Бог, зашто твојот Бог го љуби Израел за да го одржи довека; и затоа те постави тебе за цар за да правиш право и правда.” {9:9} Тогаш му даде на царот сто и дваесет златни таланти и многу мириси и бесцени камења. Никогаш веќе немаше такви благомириси какви што царицата од Сава му даде на царот Соломон. {9:10} Хирамовите слуги, кои донесуваа злато од Офир со Соломоновите слуги, исто така донесоа сандалово дрво и скапоцени камења. {9:11} Царот направи од тоа црвено дрво скали кон Господовиот Дом и кон царскиот дом, и гуслиња и псалтири за певците: никогаш порано не беа видени слични работи во Јудејската Земја. {9:12} Царот Соломон и даде на царицата од Сава сè што пожела и што посака, освен она што самата му го донесе на царот. Потоа таа тргна и со слугите си отиде во својата земја. {9:13} Златото што му доаѓаше на Соломона секоја година беше тешко шест стотини шеесет и шест златни таланти, {9:14} освен она што доаѓаше од трговците и од патувачките продавачи. И сите арабјански цареви и земни управители му донесуваа злато и сребро на Соломон. {9:15} Царот Соломон направи двеста штитови од ковано злато: за секој штит употреби шест стотини шекели ковано злато, {9:16} и направи триста штитчиња од ковано злато; за секое штитче потроши триста златни шекели. Царот ги стави на чување во куќата наречена Ливанска Гора. {9:17} Царот направи и голем престол од слонова коска и го обложи со чисто злато. {9:18} Престолот имаше шест скали и златно подножје составено со престолот, и рачки од двете страни на престолот, а покрај рачките стоеја два лава. {9:19} Дванаесет лавови стоеја од двете страни на оние шест скали. Такво нешто не беше изработено во ниедно царство. {9:20} Сите садови од кои пиеше царот Соломон беа златни, и сите посатки во куќата наречена Ливанска Гора беа од чисто злато; среброто беше сметано безвредно во Соломоновото време. {9:21} Царевите бродови одеа од Тарсис со Хирамовите слуги; се враќаа секоја трета година и допловуваа тарсиските бродови донесувајќи злато и сребро, слонова коска, мајмуни и пауни. {9:22} Така царот Соломон ги надмина со богатство и со мудрост сите земни цареви. {9:23} Сите земни цареви имаа желба да го видат Соломона и да ја чујат мудроста што Бог му ја влеал во срцето. {9:24} Секој му донесуваше подарок, сребрени и златни посатки, облеки, оружје и мириси, коњи и мазги, од година во година. {9:25} Соломон имаше четири илјади коњски јасли и бојни коли, и дванаесет илјади коњаници, кои ги распореди по градовите на бојните коли и кај царот во Ерусалим. {9:26} Владееше над сите цареви од Реката до Филистејската Земја и до Египетската Меѓа. {9:27} Царот направи да има во Ерусалим сребро како камења, а кедрови дрва како диви смокви што растат во Јудејската Низина. {9:28} Соломон довезуваше коњи од Египет и од сите земји. {9:29} Другите Соломонови дела, од првите до последните, се запишани во книгата на пророкот Натан, во пророчкиот книжен свиток на Силомјанецот Ахиј и во пророчката беседа на гледачот Идо за Наватовиот син Јеровоам. {9:30} Соломон владееше во Ерусалим над сиот Израел четириесет години. {9:31} Потоа почина кај татковците, и го погребаа во градот на татка му Давида, а на неговото место се зацари син му Ровоам. {10:1} Тогаш Ровоам отиде во Сихем, зашто во Сихем дојдоа сите Израелци за да го зацарат. {10:2} Штом го чу тоа Јеровоам синот Наватов - кој беше во Египет каде беше побегнал пред царот Соломон - се врати од Египет, {10:3} зашто беа испратиле по него и го повикале. Кога дојдоа Јеровоам и сиот Израелев собир, му рекоа на Ровоама: {10:4} „Твојот татко ни наметна тешко бреме, сега ти олесни ни ги тешката служба на својот татко и тешкото бреме што го сложи на нас, па ќе ти служиме.” {10:5} Тој им одговори: „По три дни дојдете пак кај мене.” И народот си отиде. {10:6} Тогаш царот Ровоам се посоветува со старците, кои му служеа на неговиот татко Соломон додека беше жив, и ги праша: „Што советувате да му одговорам на овој народ?” {10:7} А тие му одговорија: „Ако ги исполниш барањата на тие луѓе, ако им бидеш благонаклонет и ако им одговориш со убави зборови, тие ќе ти бидат слуги секогаш.” {10:8} Но тој го отфрли советот што му го дадоа старците, и се посоветува со помладите, кои порастеа со него и му беа во служба. {10:9} Ги праша: „Што советувате да му одговорам на овој народ, кој ми рече: ‘Олесни ни го бремето што ни го наметна твојот татко!’” {10:10} Младите, кои беа порасле со него, му одговорија: „На народот кој ти рече: ‘Твојот татко ни наметна бреме, а ти олесни ни го’ одговори му вака: ‘Мојот мал прст е подебел од бедрата на мојот татко! {10:11} И така, мојот татко ви наметна тешко бреме, а јас ќе го зголемам вашето бреме; мојот татко ве казнуваше со камшици, а јас ќе ве бијам со камшици со железни штипци.’” {10:12} На третиот ден дојдоа Јеровоам и сиот народ кај Ровоам, зашто царот им беше наредил: „Вратете се кај мене на третиот ден.” {10:13} Царот им одговори остро; отфрлајќи го советот на постарите, {10:14} одговори по советот на младите: „Мојот татко ви го отежна вашето бреме, а јас уште ќе придадам врз него; мојот татко ве шибаше со камшици, а јас ќе ве шибам со камшици со железни штипци.” {10:15} И така, царот не сакаше да го послуша народот, зашто Бог среди така за да се исполни словото што му го кажа, преку Силомјанецот Ахиј, на Наватовиот син Јеровоам. {10:16} Кога Израелците видоа дека царот се прави дека не слуша, народот му одговори: „Каков дел имаме ние со Давида? Ние немаме наследство со Јесеевиот син! Во шаторите, Израелу! Сега, Давиде, грижи се за својот дом!” И сиот Израел си отиде под своите шатори. {10:17} Ровоам завладеа само над Израелевите синови, кои живееја по јудејските градови. {10:18} Потоа царот Ровоам го испрати Адорама, настојателот за данок, но Израелците го каменуваа, и тој умре; а царот Ровоам брзо се качи во колата та избега во Ерусалим. {10:19} Така Израел се оддели од Давидовиот дом сè до денес. {11:1} Откако дојде во Ерусалим, Ровоам го собра сиот Јудин и Венијаминов дом, сто и осумдесет илјади одбрани војници, за да удрат на Израел и за да му го вратат царството на Ровоама. {11:2} Но Господовото слово му дојде на Божјиот човек Семај: {11:3} ”Кажи му на Соломоновиот син Ровоам, јудејскиот цар, и на сите Израелци во Јудиното и Венијаминовото племе: {11:4} ’Господ вели вака: „Не одете да војувате со браќата! Нека секој се врати во својата куќа, зашто ова потекнува од Мене.”‘“ И тие го послушаа Господовото слово, се вратија, и не удрија на Јеровоам. {11:5} Ровоам, престолувајќи во Ерусалим, почна да подига цврсти градови по Јудеја. {11:6} Така ги изгради: Витлеем, Етам, Текуј, {11:7} Вет-Сур, Сохот, Одолам, {11:8} Гат, Мариса, Зиф, {11:9} Адораим, Лахис, Азика, {11:10} Сараја, Ејалон и Хеврон, тврди градови во Јудиното и во Венијаминовото племе. {11:11} Откако ги утврди градовите, им постави заповедници и довлече храна, масла и вина за чување; {11:12} во секој одделен град стави штитови и копја, и ги утврди мошне силно. Така тој ги имаше Јудиното и Венијаминовото племе. {11:13} Свештениците и левитите, кои беа по сиот Израел, пристапија кон него од сите краишта. {11:14} Левитите ги оставија пасиштата и имотот та отидоа во Јудеја и во Ерусалим, зашто Јеровоам и неговите синови ги отфрлија за да не Му вршат свештеничка служба на Господа, {11:15} а постави свештеници за себе на високи места, за јарците и за телињата што ги направи. {11:16} По нив доаѓаа од сите израелски племиња во Ерусалим за да Му жртвуваат на Господа, на Бога на своите татковци, оние кои го бараа со срцето Господа, Израелевиот Бог. {11:17} Така го утврдија Јудејското Царство и го охрабрија Соломоновиот син Ровоам за три години, зашто три години одеа по патот на Давид и Соломон. {11:18} Ровоам си ги зеде за жени: Маелета, ќерката на Давидовиот син Еримот, и Авихаила, ќерката на Јесеевиот син Елијав, {11:19} која му ги роди синовите: Еус, Самариј и Зама. {11:20} А по неа се ожени со Авесаломовата ќерка Маха, која му ги роди: Авиј, Атај, Зива и Селомит. {11:21} Ровоам ја љубеше Авесаломовата ќерка Маха повеќе од сите свои жени и соложнички, иако зеде осумнаесет жени и шеесет соложници и ако му се родија дваесет и осум синови и шеесет ќерки. {11:22} И Ровоам го постави Махиниот син Авиј за главатар и за кнез над неговите браќа, зашто беше наумил да го постави за цар. {11:23} И, работејќи мудро, ги размести синовите по сите Јудејски и Венијаминови краишта, по сите тврди градови, давајќи им храна во изобилство и женејќи ги со многу жени. {12:1} Кога Ровоам го зацврсти царството и зајакна, го напуштија Господовиот закон и тој и сиот Израел со него. {12:2} Но во петтата година на Ровоамовото царување египетскиот цар Сисак нападна на Ерусалим, затоа што тие отстапија од Господа. {12:3} Дојде со три илјади и двеста бојни коли и со шеесет илјади коњаници, а на народот кој дојде со него од Египет - на Либијците, Сухејците и Етиопците - му немаше број. {12:4} Откако ги освои тврдите јудејски градови, допре до Ерусалим. {12:5} Тогаш дојде пророкот Семај кај Ровоам и кај јудејските кнезови, кои што се беа собрале во Ерусалим бегајќи од Сисак, и им рече: „Господ вели вака: ‘Вие Ме оставивте Мене, па и Јас ве оставам во рацете на Сисак.’” {12:6} Тогаш израелските кнезови и царот се понижија, и рекоа: „Господ е праведен!” {12:7} Кога Господ виде дека се понижија, Неговото слово му дојде на Семај: „Се понижија; нема да ги уништам, туку скоро ќе им дадам спасение, та Мојот гнев нема да се обори на Ерусалим преку Сисака. {12:8} Ќе му бидат слуги, за да видат што значи да Ми се служи Мене, а што на земните цареви.” {12:9} Така египетскиот цар Сисак нападна на Ерусалим, ги ограби благото од Господовиот Дом и ризницата на царскиот дворец; зеде сè; ги зеде и златните штитови што ги имаше направено Соломон. {12:10} Место нив Ровоам направи бронзени штитови и им ги довери на заповедниците на стражата, која ја чуваше вратата на царскиот дворец. {12:11} Царот кога и да одеше во Господовиот Дом, стражарите ги земаа, а после ги враќаа во стражарницата. {12:12} И така, кога се смири, Господовиот гнев се одврати од него та не го уништи сосем, зашто и во Јудеја имаше нешто добро. {12:13} Потоа царот Ровоам се утврди во Ерусалим и царуваше. На Ровоам му беа четириесет и една година кога се зацари, а царуваше седумнаесет години во Ерусалим, во градот кого Господ го избра меѓу сите израелски племиња за да го постави таму Своето Име. Мајка му се викаше Нама, а беше Амонка. {12:14} Правеше зло, зашто не се заложи со срцето да Го бара Господа. {12:15} Ровоамовите први и последни дела - и војните што беа водени непрекратно меѓу Ровоам и Јеровоам - запишани се во книгата на пророкот Семај и во племенскиот попис на гледачот Адон. {12:16} Потоа Ровоам почина со своите татковци и беше погребан во Давидовиот Град; на негово место се зацари син му Авиј. {13:1} Во осумнаесеттата година на Јеровоамовото царување, Авиј се зацари над Јудеја. {13:2} Царуваше три години во Ерусалим. Името на мајка му беше Михаја, Урилова ќерка од Гаваја. Тогаш избувна војна меѓу Авиј и Јеровоам. {13:3} Авиј излезе во бојот со храбри борци, со четири стотини илјади одбрани јунаци; Јеровоам подреди во боен ред против него осум стотини илјади луѓе, сè одбрани јунаци. {13:4} Авиј застана на врвот на Семераимската Гора во Ефремовото Горје и рече: „Чујте ме, Јеровоаме и сиот Израел! {13:5} Не знаете ли дека Господ Израелевиот Бог, му го предаде на Давида царството над Израел засекогаш, нему и на неговите синови со Заветот на солта? {13:6} Ама се подигна Наватовиот син Јеровоам, слуга на Давидовиот син Соломон, и се побуни против господарот. {13:7} Околу него се собраа ништожни и лоши луѓе и почнаа да му се противат на Соломоновиот син Ровоам, кој беше млад и со страшливо срце, та не умееше да се брани храбро од нив. {13:8} Па сега мислите дека можете да му се спротивите на Господовото Царство што е во раката на Давидовите синови, зашто вас ве има мошне многу и ги имате кај себе златните телиња, кои ви ги направи Јеровоам за да ви бидат богови. {13:9} Ги истеравте Господовите свештеници, Ароновите синови и левитите, и си поставивте за себе свештеници како другите земни народи. Секој што дојде со јунец и со седум овни, им стана свештеник на вашите ништожни богови. {13:10} Нам ни е Бог Господ, не Го оставивме, а свештениците кои Му служат на Господа се Аронови синови и левити во својата работа. {13:11} Му палат на Господа жртви паленици и мирислив темјан секое утро и секоја вечер, ги ставаат лебовите на чистиот стол, и го палат секоја вечер златниот светилник со светилата; зашто ние ја пазиме наредбата на Господа, својот Бог, а вие Го оставивте. {13:12} Затоа, еве, нам ни се на чело Бог и неговите свештеници со гласни труби за да свират грмливо против вас. Израелеви синови, не војувајте против Господа, Бога на своите татковци, зашто не ќе имате успех!” {13:13} Ама Јеровоам одведе заседа за да им дојде од зад плеќи; така на Јудејците едни им беа однапред, а заседата одназад. {13:14} Кога Јудејците се обѕрнаа, а тоа, ете, бојот им беше однапред и одназад. Тогаш извикаа кон Господа, а свештениците почнаа да трубат во трубите. {13:15} Тогаш Јудејците извикаа силно, а кога почнаа да викаат, Бог ги разби Јеровоама и сиот Израел пред Авиј и пред Јудејците. {13:16} Израелевите синови избегаа пред Јудејците, и Бог им ги предаде ним во рацете. {13:17} Авиј со народот изврши голем колеж меѓу нив, та од Израелците паднаа погубени пет стотини илјади одбрани луѓе. {13:18} Така Израелевите синови беа понижени во тоа време, а Јудините синови зајакнаа, зашто се потпреа на Господа, на Бога на своите татковци. {13:19} Авиј го спотера Јеровоама и ги освои од него градовите Ветил со селата, Јесан со селата и Ефрон со селата. {13:20} Јеровоам веќе не се заздрави за време на Авиевиот живот; Господ го удри така што умре. {13:21} Авиј се зацврсти и си зеде четиринаесет жени, та му се родија дваесет и два сина и шеснаесет ќерки. {13:22} А другите Авиеви дела и неговите потфати и беседи се запишани во толкувањето на пророкот Адон. {14:1} Потоа Авиј почина покрај своите татковци. Го погребаа во Давидовиот Град; на неговото место се зацари син му Аса. Во неговите дни земјата беше мирна десет години. {14:2} Аса правеше што е добро и право во очите на Господа, неговиот Бог. {14:3} Ги отстрани туѓинските жртвеници и високите места, ги обори столбовите и ги скрши ашерите. {14:4} Им нареди на Јудејците да Го бараат Господа, Бога на своите татковци, да ги пазат законот и заповедите. {14:5} Ги отстрани од сите јудејски градови високите места и сончевите столбови, а царството беше мирно во неговото време. {14:6} Изгради цврсти градови во Јудеја, зашто земјата беше мирна. Никој не завојува против него во тие години, зашто Господ му даде мир. {14:7} Затоа Аса им рече на Јудејците: „Да ги доградиме овие градови и да ги заградиме со ѕид и со стражарници, со врати и со лостови; уште е наша земјата пред нас, зашто го баравме Господа, својот Бог; го баравме, и Тој ни даде мир од сите страни!” Така градеа и беа успешни. {14:8} Аса имаше војска триста илјади луѓе од Јудејците, кои носеа штит и копје, а од Венијаминовото племе двеста и осумдесет илјади, кои носеа штит и оптегнуваа лак. Сите беа храбри јунаци. {14:9} Етиопецот Зара излезе против нив со илјада илјади воини и со триста бојни коли и дојде до Мариса. {14:10} Аса излезе пред него; се подредија во боен ред во Сефатската Долина кај Мариса. {14:11} Аса извика кон Господа, својот Бог: „О Господе, за Тебе е ништо да му помогнеш на силниот или на слабиот! Помогни ни, о Господи, Боже наш, зашто се потпираме на Тебе и во Твое Име излеговме против ова мноштво! Господе, Ти си наш Бог, не оставај го силниот човек против Себе!” {14:12} Господ ги разби Етиопците пред Аса и пред Јудејците, та Етиопците избегаа. {14:13} Аса, со народот што беше со него, ги протера сè до Герара. Етиопците попаѓаа, така што ниеден не остана жив, зашто Господ и Неговите чети ги сотреа; и тие однесоа мошне голем плен. {14:14} Ги освоија сите градови околу Герара, зашто Господовиот страв дојде врз нив; ги ограбија сите тие градови, зашто во нив имаше многу плен. {14:15} Ги ограбија и шаторите за добиток и запленија многу ситен добиток и камили; а тогаш се вратија во Ерусалим. {15:1} Тогаш Божјиот Дух слезе на Одидовиот син Азариј. {15:2} Тој излезе пред Аса и му рече: „Чујте ме, Асо и сето Јудино и Венијаминово племе! Господ е со вас, зашто вие сте со Него; и ако го барате, ќе Го најдете; ако Го оставите, и Тој ќе ве остави вас. {15:3} Долго Израелците беа без вистинскиот Бог и без свештеник - учител и без Закон. {15:4} Кога во неволја Му се обратија на Господа, на Израелевиот Бог, и почнаа да Го бараат, Го најдоа. {15:5} Во тоа време никој не можеше ни да излегува ни да доаѓа, зашто големи немири владееја меѓу сите земни жители. {15:6} Народ удираше против народ, град против град, зашто Господ ги смути со секаква неволја. {15:7} Но вие бидете храбри, и рацете нека не ви ослабат, зашто има награда за вашите дела.” {15:8} Откако ги чу тие слова и пророчката беседа на синот на пророкот Одид, Аса се охрабри и ги отстрани киповите на гнасните нечисти божества од цела Јудеја и од Венијаминовата Земја, и од градовите кои ги имаше освоено во Ефремовата Гора. Го обнови и Господовиот жртвеник, што беше пред Господовиот Трем. {15:9} Тогаш ги собра сето Јудино и Венијаминово племе и придојдениците, кои беа кај нив од Ефремовото, Манасиевото и Симеоновото племе, зашто мнозина од Израелците пребегаа кај него кога видоа дека со него е Господ, неговиот Бог. {15:10} И се собраа во Ерусалим во третиот месец на петнаесеттата година на Асиното царување. {15:11} Во оној ден Му принесоа жртви на Господа од пленот што го дотераа, седум стотини говеда и седум илјади ситен добиток. {15:12} Се заветуваа дека ќе Го бараат Господа, Бога на своите татковци, со сето срце и со сета душа. {15:13} А секој што не би Го барал Господа, Израелевиот Бог, да биде погубен, било мал или голем, маж или жена. {15:14} Му се заколнаа на Господа гласно и покрај грмливо извикување, покрај труби и рогови. {15:15} Сите Јудејци се радуваа заради таа заклетва и со сета своја волја Го бараа и Го најдоа. Господ им даде мир од сите страни. {15:16} Царот Аса ја отстрани од власта и својата мајка Маха, зашто и направи гаден идол на Ашера. Аса го исече нејзиниот гад, го сотре и го изгоре при потокот Кедрон. {15:17} Но високите места не беа отстранети од Израел. Сепак Асиното срце Му беше приврзено на Господа за време на сиот негов живот. {15:18} Ги внесе во Божјиот Дом посветените дарови на својот татко, и своите посветени: сребро и злато и посатки. {15:19} Немаше војна сè до триесет и петтата година на Асиното царување. {16:1} Во триесет и шестата година на Асиното царување, израелскиот цар Васа навали на Јудеја и почна да ја утврдува Рама, за да го спречи секое движење кон јудејскиот цар Аса. {16:2} Тогаш Аса зеде сребро и злато од сокровиштето на Господовиот Дом и од царскиот дворец и му ги испрати на арамејскиот цар Вен-Адад, кој престолуваше во Дамаск, и му порача: {16:3} ”Сојуз нека биде меѓу мене и тебе, како што беше меѓу мојот и твојот татко; еве, ти праќам за дар сребро и злато, ајде, раскини го сојузот со израелскиот цар Васа, за да си отиде од мене.” {16:4} Вен-Адад го послуша царот Аса и ги испрати своите војсководачи против израелските градови, та тие ги покорија Ијон, Дан, Авел-Мајин и сите Нефталимови градови во кои имаше складишта. {16:5} А кога Васа научи за тоа, прекрати да ја утврдува Рама, и ја запре работата. {16:6} Тогаш царот Аса ги повика сите Јудејци, и тие ги однесоа камењата и дрвата со кои Васа ја утврдуваше Рама, па со тоа ги утврдија Гаваја и Миспа. {16:7} Во тоа време дојде гледачот Ананиј кај јудејскиот цар Аса и му рече: „Бидејќи се потпре врз арамејскиот цар, а не се потпре на Господа, својот Бог, војската на арамејскиот цар ти се извлече од раката. {16:8} Немаа ли Етиопците и Либијците силни чети со мошне многу коли и коњаници? Па кога се потпре врз Господа, ти ги предаде во рацете. {16:9} Зашто Господ гледа со своите очи по целата земја, за да се охрабрат оние на кои срцето им е искрено кон Него. Работеше безумно во тоа, затоа отсега ќе се дигаат војни против тебе.” {16:10} Тогаш Аса се разгневи на гледачот и го фрли во темница, зашто се разјари на него. Во тоа време Аса угнети и некои од народот. {16:11} И ете, Асините дела, од првото до последното, се запишани во книжниот свиток за јудејските и израелските цареви. {16:12} Се разболе во триесет и деветтата година на царувањето, од нозете, та болеста му се влоши многу, но ни во болеста не Го бараше Господа, туку лекари. {16:13} Така Аса почина со своите татковци и умре во четириесет и првата година на своето царување. {16:14} Го погребаа во гробницата, што ја имаше ископано за себе, во Давидовиот Град и го положија на одар, што го имаше наполнето со мириси и масти, приготвени со аптекарска вештина, и му ги спалија мошне многу. {17:1} Тогаш на неговото место се зацари син му Јосафат; тој ја покажа својата сила против Израел. {17:2} Ја размести војската по сите утврдени јудејски градови и постави намесници по Јудејската Земја и по Ефремовите градови, кои ги беше зазел неговиот татко Аса. {17:3} Господ беше со Јосафат, зашто одеше по правите патишта на својот татко Давид и не ги побара Вааламите. {17:4} Го бараше Бога на своите татковци и одеше според Неговите заповеди не правејќи како Израелевите синови. {17:5} Затоа Господ го зацврсти царството во неговата рака, па сите Јудејци му даваа данок на Јосафата, така што придоби големо богатство и слава. {17:6} Неговото срце се охрабруваше на Господовите патишта, па ги отстрани уште и високите места и ашерите од Јудеја. {17:7} Во третата година на царувањето ги испрати кнезовите Вен-Хаил, Овадиј, Захариј, Натанаил и Михеј за да учат по јудејските градови. {17:8} И со нив левитите: Семај, Натаниј, Зевадиј, Асаил, Семирамот, Јонатан, Адониј, Товиј и Тов-Адониј; а со нив свештениците Елисам и Јорам. {17:9} Поучуваа по Јудеја носејќи го со себе Свитокот на Господовиот Закон и ги обиколуваа сите јудејски градови, учејќи го народот. {17:10} Господовиот страв ги опфати сите земни царства околу Јудеја, така што не смееја да завојуваат против Јосафат. {17:11} Некои Филистејци сами му донесуваа дарови и данок во сребреници, а Арабјаните му донесуваа ситен добиток: по седум илјади и седум стотини овни и седум илјади и седум стотини јарци. {17:12} Така Јосафат напредуваше сè повеќе додека не стана многу голем. Изгради во Јудеја стражарници и градови - складишта. {17:13} Имаше многу работи во јудејските градови, а храбри јунаци во Ерусалим. {17:14} Еве го нивниот попис според семејствата: од Јудиното племе илјадниците: началникот Адна и со него триста илјади храбри јунаци; {17:15} до него началникот Јоанан и со него двеста и осумдесет илјади; {17:16} по него Зихриевиот син Амасиј, кој се стави подготвено во Господова служба, со двеста илјади храбри јунаци. {17:17} Од Венијаминовото племе: храбриот јунак Елијад и со него двеста илјади луѓе вооружени со лак и со штит; {17:18} по него Јозавед и со него сто и осумдесет илјади готови за бој. {17:19} Тоа се оние кои му служеа на царот, не броејќи ги оние што царот ги имаше наместено во тврдите градови по сета Јудеја. {18:1} Јосафат придоби големо богатство и слава, та се спријатели со Ахав. {18:2} По неколку години дојде кај Ахава во Самарија. Ахав закла многу ситен добиток и говеда за него и за луѓето што беа со него, и го наговоруваше да тргне против Галадскиот Рамот. {18:3} Израелскиот цар Ахав го праша јудејскиот цар Јосафат: „Сакаш ли да тргнеш со мене против Галадскиот Рамот?” Тој одговори: „Јас сум како и ти, мојот народ е како и твојот, ќе дојдеме со тебе на војна.” {18:4} Јосафат уште му рече на израелскиот цар: „Де, посоветувај се пред тоа со Господа!” {18:5} Тогаш израелскиот цар ги собра пророците, нив четири стотини, и ги праша: „Дали да завојуваме против Галадскиот Рамот или да се откажеме од тоа?” Тие одговорија: „Оди, зашто Бог ќе му го предаде во рацете на царот.” {18:6} Но Јосафат праша: „Има ли тука уште некој Господов пророк да го прашаме и него?” {18:7} Израелскиот цар му одговори на Јосафата: „Има уште еден човек преку кого би можеле да Го прашаме Господа, но го мразам, зашто не ми пророкува добро, туку секогаш само зло, тоа е Михеј, синот Емлин.” Јосафат рече: „Царот нека не зборува така!” {18:8} Тогаш израелскиот цар повика еден дворјанец и му рече: „Бргу доведи го Емлиниот син Михеј!” {18:9} Израелскиот цар и јудејскиот цар Јосафат седеа секој на својот престол, во свечени облеки, на гумното пред Самариската Врата, а пророците пророкуваа пред нив. {18:10} Ханановиот син Седекиј си направи железни рогови и рече: „Господ вели вака: ‘Со нив ќе ги бодеш Арамејците додека не ги сотреш.’” {18:11} Така пророкуваа и сите други пророци велејќи: „Оди против Галадскиот Рамот, ќе успееш: Господ ќе го предаде во рацете на царот.” {18:12} Гласникот кој отиде да го вика Михеја му рече: „Еве, сите пророци сложно му пророкуваат добро на царот. Зборувај и ти како еден од нив и проречи му успех!” {18:13} Но Михеј одговори: „Живиот ми Господ, ќе зборувам она што ќе ми каже Бог!” {18:14} Кога дојде пред царот, царот го праша: „Михеј, да тргнам ли во војна против Галадскиот Рамот или да се откажам од тоа?” Тој одговори: „Одете и ќе успеете, зашто ќе ви бидат предадени во рацете!” {18:15} Тогаш царот му рече: „Колку пати ќе те заколнувам за да ми ја кажеш вистината во Господово Име?” {18:16} Тогаш Михеј одговори: „Го гледам сиот Израел распрснат по горите како стадо без пастир. И Господ вели: ‘Немаат веќе господар, нека се вратат дома во мир!’” {18:17} Тогаш израелскиот цар му рече на Јосафата: „Нели ти реков дека нема да ми прорече добро, туку зло?” {18:18} А Михеј рече: „Затоа чујте го Господовото слово: Го видов Господа како седи на Својот престол, а сета небеска војска му стоеше оддесно и одлево. {18:19} Господ праша: ‘Кој ќе го заведе израелскиот цар Ахав за да отиде и да падне во Галадскиот Рамот?’ Еден рече ова, друг рече она. {18:20} Тогаш влезе еден дух, застана пред Господа и рече: ‘Јас ќе го заведам!’ Господ го праша: ‘Како?’ {18:21} Тој одговори: ‘Ќе излезам и ќе бидам лажлив дух во устите на сите негови пророци.’ Господ му рече: ‘Ти ќе го заведеш. И ќе успееш. Оди и направи така!’ {18:22} Еве, така Господ стави лажлив дух во устите на твоите пророци; но Господ ти навестува зло.” {18:23} Тогаш Ханановиот син Седекиј пристапи и го удри Михеја по образот, прашајќи: „Зар Господовиот Дух ме напушти мене, за да би зборувал со тебе?” {18:24} Михеј одговори: „Ќе видиш во оној ден кога ќе бегаш од соба во соба, за да се скриеш.” {18:25} Тогаш израелскиот цар нареди: „Фатете го Михеја и одведете го кај градскиот заповедник Амон и кај царскиот син Јоас. {18:26} Речете им: ‘Царот вели вака: „Фрлете го овој во темница и држете го на сув леб и вода додека не се вратам во мир.”‘“ {18:27} Михеј рече: „Ако навистина се вратиш во мир, тогаш Господ не зборуваше преку мене!” И додаде: „чујте сите народи!” {18:28} Израелскиот цар и јудејскиот цар тргнаа против Галадскиот Рамот. {18:29} Израелскиот цар му рече на Јосафата: „Јас ќе се преоблечам и тогаш ќе влезам во бој, а ти остани во твојата облека!” Тогаш израелскиот цар се преоблече, и тие тргнаа во бој. {18:30} Арамејскиот цар им нареди на заповедниците на бојните коли: „Не удирајте ни на мал ни на голем, туку само на израелскиот цар!” {18:31} Кога заповедниците на бојните коли го здогледаа Јосафата, рекоа: „Тоа е израелскиот цар!” И тргнаа против него да удрат. Но Јосафат извика за помош, та Господ му помогна и ги одврати од него. {18:32} Кога заповедниците на бојните коли видоа дека тоа не е израелскиот цар, се свртија од него. {18:33} Еден случајно го оптегна својот лак и го рани израелскиот цар меѓу наборот на појасот и оклопот. Царот му рече на возачот: „Тргни ја уздата и изведи ме од бојот, зашто сум ранет.” {18:34} Во оној ден бојот беше сè пожесток, ама израелскиот цар се држеше простум во бојната кола спроти Арамејците сè до вечерта и умре при зајдисонце. {19:1} Кога јудејскиот цар Јосафат се врати во мир дома во Ерусалим, {19:2} пред него излезе Ананиевиот син, гледачот Јуј, и му рече на царот Јосафат: „Зар да му помагаш на безбожникот и да го љубиш Господовиот мразител? Затоа и удира врз тебе Господовиот гнев. {19:3} Сепак се најде нешто добро во тебе: ги отстрани ашерите од земјата и го насочи своето срце да Го бараш Господа!” {19:4} Оттогаш Јосафат живееше во Ерусалим, пак излегуваше меѓу народот од Вир Савеа до Ефремовата Гора и го обрнуваше кон Господа, кон Бога на нивните татковци. {19:5} Постави судии во земјата во сите утврдени јудејски градови, во секој град. {19:6} И им рече: „Гледајте што работите, зашто не судите во човеково име, туку во Името на Господа. {19:7} И така, сега Господовиот страв нека биде над вас; внимавајте и работете совесно, зашто во Господа, во нашиот Бог, нема неправда ни лицемерие, ниту Тој прима поткуп.” {19:8} Јосафат постави левити, свештеници и главатари на израелските семејства во Ерусалим за да ги изречуваат Господовите судови и да пресудуваат во споровите. Тие живееја во Ерусалим, {19:9} и тој им даде заповеди, велејќи: „Работете со Господов страв и со искрено срце. {19:10} Каков и да е спор ако излезе пред вас од вашите браќа кои живеат во градовите: било да се работи за крвна одмазда, за законот, за заповедите, за одредби или за обреди, треба сè да им растолкувате, за да не Му згрешат на Господа и за да не се обори Неговиот гнев на вас и на вашите браќа. Работете така и нема да бидете виновни. {19:11} И еве, свештеничкиот главатар Амариј ќе биде над вас во сите Господови работи, а Исмаиловиот син Завдиј, началникот на Јудиниот дом, во сите царски работи. Левитите ќе ви служат како писари. Бидете силни, и на работа! Господ ќе биде со оној, кој е добар.” {20:1} Потоа Моавовите и Амоновите синови, а со нив и некои од Меунците, завојуваа против Јосафат. {20:2} Ама Јосафат ја доби оваа вест: „Против тебе доаѓа големо мноштво од онаа страна на морето, од Едом; и ене го во Асасон Тамара, односно во Ен Гад.” {20:3} Јосафат се исплаши и почна да Го бара Господа, та прогласи пост по сета Јудеја. {20:4} Јудејците се собраа да Го бараат Господа: доаѓаа од сите јудејски градови за да Го бараат. {20:5} Тогаш Јосафат стана во јудејскиот собор во Ерусалим, во Господовиот Дом, пред новиот двор, {20:6} и рече: „Господи, Боже на нашите татковци, Ти си Бог на небото и владееш над сите кривобожечки царства. Во Твојата рака се таква сила и јачина така што никој не може да се додржи пред Тебе. {20:7} Ти, о Боже наш, ги истера жителите на оваа земја пред Својот Израелски народ и му ја даде засекогаш на потомството на Својот пријател Авраам; {20:8} и се населија во неа и Му изградија во неа Светилиште на Твоето Име, велејќи: {20:9} ’Кога ќе навали врз нас некакво зло, одмазднички меч или помор, или глад, та кога ќе застанеме пред овој Дом и пред Тебе, зашто Твоето Име е во овој Дом, и кога ќе извикаме кон Тебе во својата неволја, послушај нè и спаси нè.’ {20:10} Еве, сега Амоновите и Моавовите синови, и оние од Сирската Гора, преку кои не му дозволи на Израел да помине кога доаѓаше од Египетската Земја, туку ги заобиколи и не ги сотре - {20:11} и така, сега тие ни враќаат со зло доаѓајки да нè истераат од наследството кое Ти ни го даде. {20:12} О Боже, зар нема да им судиш? Зашто во нас нема сила спрема тоа големо мноштво кое доаѓа на нас, ниту ние знаеме што да правиме, туку очите ни се насочени во Тебе.” {20:13} Сите Јудејци стоеја пред Господа, со малите деца, со жените и со синовите. {20:14} Тогаш Господовиот Дух слезе сред соборот - на Јазил, синот Захариев, син на Венај, син на Јеил, син на Матаниј - Левит од Асафовите синови. {20:15} Тој рече: „Слушајте, сите Јудејци, Ерусалимци и ти цару Јосафате! Господ ви зборува вака: ‘Не бојте се и не плашете се од тоа големо мноштво, зашто ова не е ваша војна, туку Божја. {20:16} Утре слезете против нив; тие ќе се искачуваат по Асиската Нагорница, а вие ќе ги сретнете на крајот на долината кон Јеруилската Пустина. {20:17} Не треба да се биете; поставете се, стојте па гледајте како ќе ви помогне Господ.’ Еј Јудо и Ерусалиме, не бојте се и не плашете се; утре излезете пред нив, и Господ ќе биде со вас!” {20:18} Тогаш Јосафат падна ничкум на земјата, и сите Јудејци и Ерусалимци паднаа пред Господа за да Му се поклонат. {20:19} Потоа левитите од Катовите синови и од Кореевите синови станаа и почнаа да Го фалат со сиот глас Господа, Израелевиот Бог. {20:20} Поранија наутро и тргнаа кон пустината Текуј; кога излегуваа, Јосафат застана и рече: „Чујте ме, еј Јудејци и Ерусалимци, надевајте се во Господа својот Бог, и ќе се оддржите; надевајте се во Неговите пророци и ќе успеете!” {20:21} Потоа се посоветува со народот и ги постави Господовите пејачи и фалители, кои ќе ја слават Неговата светост и ќе одат пред вооружените чети и ќе пеат: „Славете Го Господа зашто е вечна Неговата љубов!” {20:22} Кога почнаа да воскликнуваат и да слават, Господ предизвика несогласност меѓу Амонците, Моавците и оние од Сирската Гора, кои излегоа против Јудеја та беа разбиени. {20:23} Зашто Амоновите синови и Моавците станаа против оние од Сирската Гора за да ги сотрат и уништат; а кога свршија со оние од Сир, почнаа да удираат еден на друг та се истребија. {20:24} Кога Јудејците дојдоа до стражарницата кон пустината и се обѕрнаа на мноштвото, а тоа ете, мртви тела лежат по земјата; никој не се спаси. {20:25} Тогаш Јосафат дојде со народот за да го собере пленот, и најдоа многу: секакво богатство, облеки и скапоцени предмети; се награбија толку што не можеа веќе да носат; три дни го грабаа пленот, зашто го имаше многу. {20:26} Во четвртиот ден се собраа во Долината на Благословот: таму Го фалеа Господа, па затоа тоа место беше наречено Емек Берака, Долина на Благослов, до денес. {20:27} Потоа сите Јудејци и Ерусалимци, со Јосафата на чело, се свртија за да се вратат во Ерусалим со веселба, зашто Господ ги развесели над нивните непријатели. {20:28} Дојдоа во Ерусалим со псалтири, со гуслиња и со труби во Господовиот Дом. {20:29} А Божјиот страв влезе во сите земни царства кога чуја дека Господ завојува против Израелевите непријатели. {20:30} Така се смири Јосафатовото царство, зашто Бог му даде мир од сите страни. {20:31} Јосафат царуваше над Јудејците. Му беа триесет и пет години кога се зацари; царуваше дваесет и пет години во Ерусалим; мајка му се викаше Азува, а беше ќерка Силеева. {20:32} Одеше по патот на Аса не свртувајќи од него, туку чинејќи што е право во Господовите очи. {20:33} Само, не беа отстранети високите места, зашто народот уште не го имаше насочено своето срце кон Бога на татковците. {20:34} Другите Јосафатови дела, од првите до последните се запишани во книгата на Ананиевиот син Јуј, и се распоредени во книжниот Свиток за израелските цареви. {20:35} Потоа јудејскиот цар Јосафат се здружи со израелскиот цар Охозиј, кој работеше безбожно. {20:36} Се здружи со него за да направат бродови и да отидат во Тарсис; направија бродови во Есион Гавер. {20:37} Додавовиот син Елиезер од Мариса, прорече против Јосафат: „Бидејќи се здружи со Охозиј, Господ ќе ги разурне твоите дела.” Бродовите се разбија и не можеа да отпловат во Тарсис. {21:1} Јосафат почина покрај своите татковци, и беше погребан кај нив во Давидовиот Град. На неговото место се зацари син му Јорам. {21:2} Јорам имаше шестмина браќа, Јосафатови синови: Азариј, Ехил, Захариј, Азариј, Михаил и Сефатиј. Сите тие му беа синови на израелскиот цар Јосафат. {21:3} Таткото им даде многу дарови во сребро, во злато и во скапоцености, со утврдените градови во Јудеја; царството му го даде на Јорама, зашто беше првенец. {21:4} Откако стапи на татковиот престол и откако се утврди, Јорам ги погуби сите браќа со меч, па и некои израелски кнезови. {21:5} На Јорама му беа триесет и две години кога се зацари, а царуваше осум години во Ерусалим. {21:6} Живееше како израелските цареви, како и Ахавовиот дом, зашто Ахавовата ќерка му беше жена; работеше што е зло во Господовите очи. {21:7} Сепак Господ не сакаше да ја разурне куќата на Давида заради Заветот што го склучи со него и затоа што му вети дека ќе им ја даде светилката нему и на неговите синови засекогаш. {21:8} Во тоа време Едомците се одметнаа од под јудејската власт и си поставија свој цар. {21:9} Затоа Јорам тргна со своите војсководачи и со сите бојни коли. Се подигна ноќе и ги истепа Едомците, кои ги опколија него и заповедниците на бојните коли. {21:10} Сепак Едомците се ослободија од јудејската власт сè до денес. Во исто време се побуни Ливна, за да не биде под неговата власт, зашто тој Го остави Господа, Бога на своите татковци. {21:11} Уште направи и високи места по јудејските гори, ги наведе на блуд Ерусалимците и ги заведе Јудејците. {21:12} Тогаш му стигна писмо од пророкот Илија: „Вака вели Господ, Бог на твојот татко Давид: ‘Зашто не одеше по патиштата на таткото Јосафат, ни по патиштата на јудејскиот цар Аса, {21:13} туку одеше по патиштата на израелските цареви и ги наведе на блуд Јудејците и Ерусалимците, како што направи Ахавовиот дом, а покрај тоа ги уби сопствените браќа, своето семејство, кои беа подобри од тебе: {21:14} еве, Господ ќе навали голема несреќа на твојот народ, на твоите синови, на твоите жени, на сиот твој имот. {21:15} Ќе се разболиш од многу болести: од болест на цревата, така што цревата ќе ти излезат од болеста, која ќе трае денови и денови.’” {21:16} Господ го подигна против Јорама гневот на Филистејците и на Арабјаните, кои живееја покрај Етиопците. {21:17} Тие ја нападнаа Јудеја и ја освоија, го запленија сето богатство што се најде во царевиот дворец, па и неговите синови и неговите жени, така што не остана никој освен најмладиот син, Јоахаз. {21:18} По сè тоа Господ го удри со неизлечива цревна болест. {21:19} Таа траеше денови и денови, а кога се навршија две години, му излегоа цревата од болеста, та умре во страшни маки. Народот не му приреди мирисливи палења, како што им палеше на неговите татковци. {21:20} Му беа триесет и две години кога се зацари, а осум години царуваше во Ерусалим. Почина, а никој не зажали за него; и го погребаа во Давидовиот Град, но не во царската гробница. {22:1} Ерусалимците го зацарија на неговото место најмладиот му син Охозиј, зашто сите постари ги беше убила четата, која со Арабјаните нападна врз логорот; така се зацари Охозиј, син на јудејскиот цар Јорам. {22:2} Му беа четириесет и две години кога се зацари. Царуваше една година во Ерусалим. Неговата мајка се викаше Готолија, Амриева ќерка. {22:3} И тој исто така одеше по патиштата на Ахавовиот дом, зашто мајка му го советуваше да врши незаконски дела. {22:4} Правеше што е зло во Господовите очи, како Ахавовиот дом, зашто токму тие му беа советници по татковата смрт, за негова пропаст. {22:5} По нивниот совет тргна со Јорам, синот на израелскиот цар Ахав, во бој против арамејскиот цар Азаил во Галадски Рамот. Но Арамејците го поразија Јорама. {22:6} Тој се врати да се лекува од раните што му ги зададоа во Рама, кога се бореше со арамејскиот цар Азаил. Јорамовиот син Охозиј, јудејски цар, слезе во Езраел за да го посети Ахавовиот син Јорам, зашто Јорам се разболе. {22:7} Но Бог направи таа посета на Јорам да му биде за пропаст на Охозиј. Откако дојде, излезе со Јорама против Нимсиевиот син Јуј, кого Господ го помаза за да ја откорне Ахавовата куќа. {22:8} Додека ја извршуваше одмаздата на Ахавовиот дом, Јуј ги најде јудејските кнезови и синовите на Охозиевите браќа, кои му служеа на Охозиј, и ги погуби, {22:9} а тогаш тргнаа во потрага по Охозиј. Го фатија додека се криеше во Самарија, го доведоа кај Јуја, кој го уби. Го закопаа, зашто рекоа: „Син е на оној Јосафат, кој Го бараше Господа со сето срце.” Така не остана никој од Охозиевиот дом, кој би имал сила за да биде цар. {22:10} Затоа Охозиевата мајка Готолија, откако виде дека и загина синот, стана и го погуби сиот царски род на Јудиното племе. {22:11} Но царевата ќерка Јосавета го зеде Охозиевиот син Јоас; откако го украде сред царевите синови кои ги убиваа, го стави со доилката во ложницата. Така Јосавета, ќерката на царот Јорам, жена на свештеникот Јодај, го скри од Готолија, зашто беше Охозиева сестра, та не беше погубен. {22:12} Беше скриен со нив во Божјиот Дом шест години, сè додека со земјата владееше Готолија. {23:1} Во седмата година Јодај се зајакна и почна да бара стотници: Јеровоамовиот син Азариј, Јоанановиот син Исмаил, Овидовиот син Азариј, Адаевиот син Масиј, Зихриевиот син Елисафат, и склучи со нив сојуз. {23:2} Почнаа да обиколуваат по Јудеја, и ги собраа левитите од сите јудејски градови и семејните главатари во Израел, та дојдоа во Ерусалим. {23:3} Сиот собор склучи сојуз со царот во Божјиот Дом. Јодај им рече: „Ете, царевиот син ќе царува, како што вети Господ за Давидовите синови. {23:4} Еве што треба да направите: третината од вас што во сабота влегувате во служба, и свештениците и левитите, нека бидат вратари при праговите; {23:5} третината нека биде во царскиот дворец, третината на Есодската Врата, сиот народ во тремовите на Господовиот Дом. {23:6} Никој нека не влегува во Господовиот Дом освен свештениците и левитите кои служат; тие нека влегуваат, зашто се посветени. Сиот народ нека ја пази Господовата наредба. {23:7} Левитите нека го опкружат царот, секој со оружје во раката, и кој ќе се обиде да влезе во Домот, нека биде погубен. Бидете покрај царот каде и да тргне или да излезе.” {23:8} Левитите и сиот јудејски народ направија сè онака како што нареди свештеникот Јодај. Секој ги зеде своите луѓе, кои во сабота влегуваа во служба со оние кои излегуваа во сабота. Зашто свештеникот Јодај не ги распушти редовите. {23:9} Свештеникот Јодај им ги даде на стотниците копјата, штитовите и оклопите на цар Давид што беа во Божјиот Дом. {23:10} Го постави сиот народ, секого со копје во раката, од јужната до северната страна на Домот, спроти жртвеникот и спроти Домот околу царот наоколу. {23:11} Тогаш го изведоа царевиот син, му ставија венец на главата, му дадоа Сведоштво и го помазаа за цар. Тогаш Јодај и неговите синови извикаа: „Да живее царот!” {23:12} Кога Готолија ја чу викотницата на народот, кој се собрал и го фалел царот, дојде кај народот во Господовиот Дом. {23:13} Погледна подобро, кога ете, царот стои на своето место при влезот, а пред царот заповедници и свирачи; сиот народ воскликнува од радост и труби во труби, певците пеат покрај свирките и ги предводат пеењата. Тогаш Готолија ја раскина облеката и извика: „Предавство, предавство!” {23:14} Свештеникот Јодај им нареди на стотниците и на воените заповедници: „Изведете ја низ редовите надвор, и кој ќе тргне по неа, погубете го со меч!” Уште свештеникот додаде: „Немојте да ја погубите во Господовиот Дом!” {23:15} Ставија раце на неа, и кога низ Коњската Врата стигна до царскиот дворец, таму ја погубија. {23:16} Тогаш Јодај склучи Завет меѓу Господа, народот и царот, за да биде народот Господов. {23:17} Потоа сиот народ отиде во Вааловото капиште, го разурна заедно со жртвениците и ги искрши ликовите; го убија вааловиот свештеник Матан пред жртвениците. {23:18} Потоа Јодај постави стражи кај Господовиот Дом под надгледување на свештениците и левитите, кои Давид ги имаше распределено за служба во Господовиот Дом, за да Му принесуваат на Господа паленици како што е напишано во Мојсеевиот Закон, со веселба и со песни, како што одреди Давид. {23:19} Постави и вратари при вратите на Господовиот Дом, за да не влегува човек нечист од што и да е. {23:20} Откако ги зеде стотниците, благородниците и началниците на луѓето, и сиот народ, го изведе царот од Господовиот Дом, а тогаш влегоа низ Горната Врата во царскиот дворец и го поставија царот на царскиот престол. {23:21} Сиот народ се веселеше а градот се смири, зашто ја убија Готолија со меч. {24:1} На Јоаса му беа седум години кога се зацари, а царуваше четириесет години во Ерусалим. Мајка му се викаше Сивија, од Вир Савеа. {24:2} Јоас правеше што е право во Господовите очи додека беше жив свештеникот Јодај. {24:3} Јодај го ожени со две жени и тој имаше со нив синови и ќерки. {24:4} Потоа науми во срцето да го обнови Господовиот Дом. {24:5} Откако ги собра свештениците и левитите, им рече: „Излезете по јудејските градови и собирајте од сите Израелци сребреници за да биде обновен Домот на вашиот Бог, од година до година, а вие побрзајте со таа работа.” Ама на левитите не им се брзаше. {24:6} Затоа царот го повика главатарот Јодај и му рече: „Зошто не бараш од левитите да го донесуваат од Јудеја и од Ерусалим данокот што го одреди Господовиот слуга Мојсеј и Израелевиот собир, за Шаторот на сведоштвото? {24:7} Зашто нечесната Готолија и нејзините синови го ограбија Божјиот Дом, и сите работи што му беа посветени на Господовиот Дом ги употребија за вааловците.” {24:8} Потоа царот нареди да се направи ковчег и да се стави надвор кај вратата на Господовиот Дом. {24:9} Разгласија по Јудеја и по Ерусалим да Му се донесува на Господа данок, што му го беше одредил Божјиот слуга Мојсеј на Израел во пустината. {24:10} Сите кнезови и сиот народ се зарадуваа, и почнаа да донесуваат и да фрлаат во Ковчегот додека не се наполни. {24:11} Левитите го донесуваа Ковчегот во царското надгледувалиште и кога ќе се видеше дека има многу сребреници доаѓаа царевиот тајник и повереникот на свештеничкиот главатар за да го испразнат Ковчегот. Тогаш пак го однесуваа и го ставаа на неговото место. Така правеа секој ден и собраа многу сребреници. {24:12} Тогаш царот и Јодај им ги даваа на настојниците над работата околу Господовиот Дом, а тие најмуваа за плата каменоресци и дрводелци за да биде обновен Господовиот Дом, па ковачи, кои умеат да работат со железо и бронза за да се поправи Господовиот Дом. {24:13} Настојниците работеа и поправувањето напредуваше под нивната управа; го вратија Божјиот Дом во ред и го обновија. {24:14} А кога свршија сè, ги донесоа пред царот и пред Јодај сребрениците што останаа; од тоа направија посатки за Господовиот Дом, посатки за служење, за паленици, кадилници и други златни и сребрени предмети. Палениците беа принесувани во Господовиот Дом непрекратно додека живееше Јодај. {24:15} Тогаш Јодај, откако остаре и се насити од животот, умре во сто и триесетата година. {24:16} Го погребаа во Давидовиот Град кај царевите, зашто правеше добро во Израел и кон Бога и кон Неговиот Дом. {24:17} По Јодаевата смрт дојдоа Јудините кнезови и му се поклонија на царот. Тогаш царот почна да ги слуша. {24:18} Јудејците беа го оставиле Господа, Бога на татковците, и почнаа да им служат на ашерите и на ликовите; Божјиот гнев дојде на Јудејците и на Ерусалимците за таа кривица. {24:19} Бог им праќаше пророци за да ги обратат кон Господа, тие ги опоменуваа, но тие не сакаа да слушаат. {24:20} Тогаш Божјиот Дух го исполни Јодаевиот син Захариј, кој, застанувајќи повисоко од народот, рече: „Бог вели вака: ‘Зошто ги прекршувате Господовите заповеди? Зошто не сакате да бидете среќни? Како што вие го оставивте Господа, така ќе ве остави и Тој.’” {24:21} Но тие се побунија против него и го затрупаа со камења, по царска заповед, во дворот на Господвиот Дом. {24:22} Ни царот Јоас не си спомна за љубовта што му ја покажа таткото Јодај, туку му го уби синот; а тој умирајќи рече: „Господ нека гледа и нека одмазди!” {24:23} Кога помина година време, се подигна против него арамејската војска и, напаѓајќи на Јуда и на Ерусалим, ги погуби сите кнезови во народот и му го испрати сиот плен на царот во Дамаск. {24:24} Иако арамејската војска беше мала по луѓе, сепак Господ и ја предаде во рацете мошне бројната војска, зашто Го оставија Господа, Бога на своите татковци. Така му се одмаздија Арамејците на Јоаса. {24:25} Кога си отидоа од него, оставајќи го во тешки болести, неговите стотници се побунија против него зашто го уби синот на свештеникот Јодај, па и тие го убија него на постела, та загина; го погребаа во Давидовиот Град, но не го закопаа во царската гробница. {24:26} Еве ги оние што се заверија против него, Завад, син на Амонката Симеата, и Јозавад, син на Моавката Симрита. {24:27} А за неговите синови и за големото пророштво против него, за обновата на Божјиот Дом, сè е запишано во Толкувањето на Свитокот на царевите. На неговото место зацари син му Амасиј. {25:1} На Амасиј му беа дваесет и пет години кога зацари; царуваше дваесет и девет години во Ерусалим. Мајка му се викаше Јоадана и беше од Ерусалим. {25:2} Правеше што е право во Господовите очи, ама не со сето срце. {25:3} Кога го зацврсти царството, ги погуби стотниците кои го убија царот, неговиот татко. {25:4} Ама не им ги погуби синовите, според она што е напишано во книжниот свиток на Мојсеевиот Закон: „Татковците нека не бидат погубувани заради синовите, ни синовите заради татковците, туку секој нека гине за својот грев.” {25:5} Потоа Амасиј ги собра Јудејците и сиот Јуда и Венијамин, им ги распредели по семејствата, на илјадниците и стотниците. Откако ги преброи од дваесет години нагоре, најде триста илјади одбрани момчиња за војска, вешти за копје и штит. {25:6} Од Израелците најми сто илјади храбри јунаци за сто сребрени таланти. {25:7} Но кај него дојде Божји човек и рече: „Царе, израелската војска нека не иде со тебе, зашто Господ не е со Израелците ниту со Ефремовите синови, {25:8} туку оди ти сам, биди храбар за бојот; инаку Господ ќе те обори.” {25:9} Тогаш Амасиј го праша Божјиот човек: „А што ќе биде со стоте таланти што им ги дадов на израелските чети?” Божјиот човек одговори: „Господ има да ти даде повеќе од тоа.” {25:10} Тогаш Амасиј ги одвои четите што му беа дошле од Ефрема, за да се вратат во своето место. Но војниците се разгневија на Јудејците и се вратија во своето место пламнувајќи од расрденост. {25:11} А Амасиј, откако се охрабри, го поведе народот, отиде во Солената Долина и погуби десет илјади Сирски синови. {25:12} Јудините синови заробија десет илјади живи, ги одведоа на врвот на карпата па ги фрлија, така што сите се здробија. {25:13} Четата што Амасиј ја врати назад за да не оди со нив во бој, грабеше по јудејските градови од Самарија па до Вет-Орон, и истепа во нив три илјади луѓе и запленија многу плен. {25:14} Потоа, кога Амасиј се врати откако ги разби Едомците, ги донесе боговите на Сирските синови, си ги постави за богови и почна да им се клања и да им кади. {25:15} Тогаш Господ се разгневи на Амасија и испрати при него пророк, кој го праша: „Зошто ги бараш боговите на тој народ, кои не го избавија својот народ од твојата рака?” {25:16} Додека тој зборуваше, царот го праша: „Дали си поставен за советник на царот? Прекрати! Зошто да те погубат?” Тогаш пророкот молкна, ама додаде: „Знам дека Бог одлучи да те уништи, бидејќи го правиш тоа, а не го слушаш мојот совет.” {25:17} Тогаш јудејскиот цар Амасиј смисли и му порача на израелскиот цар Јоас, синот на Јујовиот син Јоахаз: „Дојди да се видиме лице во лице!” {25:18} А израелскиот цар Јоас му одговори на јудејскиот цар Амасиј: „Еднаш ливанскиот трн му испрати гласници на ливанскиот кедар и му порача: ‘Дај ја ќерката за жена на мојот син.’ Ама ливанските диви ѕверови поминаа и го нагазија трнот. {25:19} Ги разби Едомците, па срцето ти се возгордеа и бараш слава. Подобро остани си дома. Зошто го предизвикуваш злото и сакаш да паднеш и ти и сите Јудејци со тебе?” {25:20} Но Амасиј не послуша, зашто Бог беше одредил така, за да ги предаде во рацете на Јоаса, затоа што прибегнаа кон едомските богови. {25:21} Израелскиот цар Јоас излезе, те се обиде во бојот тој и јудејскиот цар Амасиј во Вет-Семес во Јудеја. {25:22} Израелците ги поразија Јудејците, и тие избегаа под својот шатор. {25:23} Израелскиот цар Јоас го фати во Вет-Семес јудејскиот цар Амасиј, синот Јоасов, синот Јоахазов, и го одведе во Ерусалим; таму го разурна ерусалимскиот ѕид од Ефремовата Врата до Аголната Врата, во должина од четири стотини лакти. {25:24} Откако ги зеде: сето злато, сребро и посатките што се наоѓаа во Божјиот Дом кај Овид-Едом и во ризницата на царскиот дворец, освен тоа и заложници, се врати во Самарија. {25:25} Јудејскиот цар Амасиј, Јоасов син, живееше уште петнаесет години по смртта на израелскиот цар Јоас, Јоахазовиот син. {25:26} Другите Амасиеви дела, од првите до последните, запишани се во книжниот свиток за јудејските и израелските цареви. {25:27} Откако Амасиј го остави Господа, се ковеше завера против него во Ерусалим. Иако побегна во Лахис, испратија по него во Лахис луѓе, кои го убија таму. {25:28} Оттаму го пренесоа на коњи и го погребаа покрај неговите татковци во Јудиниот Град. {26:1} Тогаш сиот јудејски народ го зеде Озиј, кому му беа шеснаесет години, и го зацарија на местото на неговиот татко Амасиј. {26:2} Тој пак го изгради Елот, враќајќи и го на Јудеја, откако царот почина при своите татковци. {26:3} На Озиј му беа шеснаесет години кога се зацари, а царуваше педесет и две години во Ерусалим. Мајка му се викаше Ехолија, а беше од Ерусалим. {26:4} Правеше што е право во Господвите очи, сосем како и неговиот татко Амасиј. {26:5} Го бараше Бога за време на животот на Захариј, кој го учеше на Божји страв; додека го бараше Господа, Бог му даваше среќа. {26:6} Тој излезе и завојува против Филистејците, ги разурна ѕидовите на Гат, ѕидовите на Јавна и ѕидовите на Азот; соѕида градови по Азот и по Филистеја. {26:7} Бог му помагаше против Филистејците и против Арабјаните, кои живееја во Гур-Вал, и против Маонците. {26:8} Амонците му даваа данок на Озиј, а неговиот глас се разнесе до Египет, зашто се беше засилил многу. {26:9} Озиј изгради стражарници во Ерусалим кај Аглената Врата и кај Долинската Врата, и на аголот, та ги укрепи. {26:10} Изгради стражарници во пустината и ископа многу кладенци, зашто имаше многу добиток и во Шефел и по Рамницата, орачи и лозари во горите и на Кармил, зашто го сакаше земјоделството. {26:11} Озиј имаше војска вешта за бој, која одеше во војна во чети според бројот како што го изброи тајникот Јемал и настојникот Масиј под управата на Ананиј, еден од царевите кнезови. {26:12} Вкупно имаше на број, семејни главатари, храбри јунаци; две илјади и шест стотини. {26:13} Под нивна управа беше силна војска од триста седумдесет илјади и пет стотини за бој вешти војници за да му помагаат на царот против непријателите. {26:14} Озиј и направи на својата војска штитови, копја, кациги, оклопи, лакови и камења за праќките. {26:15} Направи во Ерусалим вешто измислени бојни справи, пронајдок на градител, за да стојат на стражарниците и на аглите на тврдините, да фрлаат стрели и големи камења; името му се чу надалеку, зашто уживаше чудесна помош сè додека не се засили. {26:16} Но кога се засили, срцето му се возгордеа многу што се расипа, та му изневери на Господа, својот Бог, зашто влезе во Господовиот Храм, и почна да принесува темјан на кадилниот жртвеник. {26:17} Ама по него влезе свештеникот Азариј и со него осумдесет Господви свештеници, чесни луѓе. {26:18} Тие му се спротивија на царот велејќи: „Не е твое Озиј, да му кадиш на Господа, туку тоа е должност на свештениците, на Ароновите синови, кои се посветени за да кадат. Излегувај од Светилиштето! Постапи незаконски и не ти служи на чест пред Господа Бога!” {26:19} Тогаш Озиј се расрди држејќи ја во раката кадилницата за да кади; кога се расрди на свештениците, му избувна лепра на челото пред свештениците во Господовиот Дом покрај кадилниот жртвеник. {26:20} Кога свештеничкиот главатар Азариј и сите свештеници го погледнаа одблизу, а тоа ете, му излегла лепра на челото; бргу го избркаа оттаму, а и тој самиот посака да излезе, зашто Господ го удри. {26:21} Царот Озиј остана лепрозен до смртта, и живееше во посебна куќа, зашто беше отстранет од Господовиот Дом; неговиот син Јотам беше управител на царскиот дворец и му судеше на народот на земјата. {26:22} Другите Озиеви дела, од првите до последните, ги опиша Амосовиот син пророкот Исаија. {26:23} Озиј почина, и го погребаа покрај неговите татковци во полето крај царската гробница, велејќи: „Лепрозен е.” На неговото место се зацари син му Јотам. {27:1} А на Јотама му беа дваесет и пет години кога се зацари, а царуваше шеснаесет години во Ерусалим. Името на мајка му беше Еруса, Садокова ќерка. {27:2} Правеше што е право во Господовите очи, сосем како татко му Озиј; само што не влезе во Господовиот Храм. Народот и натаму беше расипан. {27:3} Ја изгради Горната Врата на Господовиот Дом; градеше многу и на Офилскиот Ѕид. {27:4} Соѕида и градови по Јудејската Гора, а во горите дворци и стражарници. {27:5} Војуваше против царот на Амоновите синови и ги победи. Во таа година Амоновите синови му дадоа сто сребрени таланти и десет илјади кори пченица и десет илјади кори јачмен. Амоновите синови му платија толку и во втората и во третата година. {27:6} Така Јотам се зацврсти, зашто го среди својот живот пред Господа, својот Бог. {27:7} Другите Јотамови дела и сите негови војни и патишта запишани се во книжниот Свиток за израелските и јудејските цареви. {27:8} Му беа дваесет и пет години кога се зацари, царуваше шеснаесет години во Ерусалим. {27:9} Тогаш Јотам почина кај татковците, и го погребаа во Давидовиот Град. На неговото место зацари син му Ахаз. {28:1} На Ахаз му беа дваесет години кога се зацари, а царуваше шеснаесет години во Ерусалим, но не правеше што е право во Господвите очи, како што правеше неговиот татко Давид. {28:2} Живееше како израелските цареви, па им излеа и ликови на вааловците. {28:3} Самиот кадеше во долината на Еномовиот син и ги помина сопствените синови низ оган, според гнасниот обичај на кривобожечките народи што Господ ги протера пред Израелевите синови. {28:4} Принесуваше жртви и кадеше по високите места и брежињата и под секое зелено дрво. {28:5} Затоа Господ, неговиот Бог, го предаде во рацете на сирскиот цар, та тој го разби, му зароби мноштво луѓе и го одведе во Дамаск. Уште беше предаден во рацете на израелскиот цар, кој го порази тешко. {28:6} Ремалиевиот син Фекај погуби меѓу Јудејците сто дваесет илјади храбри јунаци во еден ден, зашто го беа оставиле Господа, Бога на своите татковци. {28:7} А јунакот од Ефремовото племе Зихриј ги погуби царевиот син Масиј и дворскиот управител Азрикам, втор до царот. {28:8} Израелевите синови заробија од своите браќа двеста илјади жени, синови и ќерки, а зедоа и голем плен од нив и го однесоа во Самарија. {28:9} Таму имаше Господов пророк по име Одид; тој излезе пред војската што одеше во Самарија и рече: „Ете, Господ, Бог на вашите татковци, се разгневи на Јудејците и затоа ги предаде во вашите раце, та ги погуби гневно така што допре до небото. {28:10} А сега уште мислите да ги ставите под бреме Јудејците и Ерусалимците за да ви бидат робови и робинки; а сепак, не сте ли и вие полни со вина спрема Господа, својот Бог? {28:11} Затоа послушајте ме сега и вратете го тоа робје што го заробивте од своите браќа, зашто Господовиот гнев ќе се излее врз вас.” {28:12} Тогаш станаа некои од главатарите на Ефремовите синови, и тоа Јоанановиот син Азариј, Месилемотовиот син Варахиј и Салумовиот син Езекија, Адлаевиот син Амас, на оние што се враќаа од војската. {28:13} Па им рекоа: „Не доведувајте го наваму тоа робје, зашто покрај вината што е врз нас пред Господа, вие мислите да додадете уште на нашите гревови и на нашата кривица, како да не се доста нашата голема вина и јаросниот гнев на Израел.” {28:14} Тогаш војниците ги оставија робјето и пленот пред кнезовите и пред сиот собир. {28:15} Тогаш спомнатите по име луѓе станаа, ги охрабрија робовите, ги облекоа сите голи во облека од пленот; а кога ги облекоа, ги обуја, ги нахранија, ги напоија, ги намачкаа и ги поведоа на магариња сите изнемоштени, ги одведоа во палмовиот град Ерихон до нивните браќа, а потоа се вратија во Самарија. {28:16} Во тоа време царот Ахаз ги замоли асирските цареви да му помогнат. {28:17} Едомците пак беа нападнале и ги поразија Јудејците та ги одведоа во робје. {28:18} Филистејците се раширија по градовите на Јудејскиот Шефел и Негев и, откако ги зазедоа Вет-Самес, Ејалон, Гедирот и Сохот со селата, Тамна со селата и Гимзон со селата, се населија таму. {28:19} Господ почна да ги понижува Јудејците заради Јудејскиот цар Ахаз, зашто Ахаз ги разузда Јудејците и тешко грешеше против Господа. {28:20} Асирскиот цар Телгат-Фелнасар дојде против него, и го притесна место да го зајакне. {28:21} Ахаз ги ограби Господовиот Дом, царскиот дворец и кнезовите и сè тоа му го даде на асирскиот цар, ама ништо не му помогна. {28:22} Додека беше во неволја, му стана поневерен на Господа; таков беше царот Ахаз. {28:23} Почна да им жртвува на дамаските богови, кои го поразија, мислејќи: „Кога боговите на арамејските цареви им помагаат ним, ќе им жртвувам за да ми помагаат и мене.” Но тие им беа на пропаст нему и на сиот Израел. {28:24} Ахаз ги собра посатките од Господовиот Дом, ги искрши, ја затвори вратата на Господовиот Дом и подигна жртвеници по сите агли во Ерусалим. {28:25} И во секој одделен јудејски град подигна високи места за да им кади на туѓите богови, дразнејќи го Господа, Бога на татковците. {28:26} Другите негови дела и сите негови патишта, од првите до последните, запишани се во книжниот свиток за јудејските и израелските цареви. {28:27} Тогаш Ахаз почина кај татковците. Го погребаа во градот, во Ерусалим, но не го внесоа во гробницата на јудејските цареви. На неговото место се зацари син му Езекија. {29:1} На Езекија му беа дваесет и пет години кога се зацари, царуваше дваесет и пет години во Ерусалим. Името на мајка му беше Авија, ќерка Захариева. {29:2} Правеше што е право во Господовите очи, сосем како и неговиот татко Давид. {29:3} Во првата година на првиот месец на своето царување ги отвори вратите на Господовиот Дом и ги поправи. {29:4} Тогаш ги повика свештениците и левитите и, откако ги собра на источниот плоштад, {29:5} рече: „Чујте ме левити! Посветете се сега и посветете го Домот на Господа, Бога на своите татковци, и отстранете ја нечистотата од Светилиштето. {29:6} Нашите татковци згрешија и правеа зло во очите на Господа, нашиот Бог. Го оставија и го одвратија лицето од Господовиот Шатор, свртувајќи му го грбот. {29:7} Ги затворија тремските врати и ги изгаснаа светилките; не кадеа со темјан ниту принесуваа паленици во Светилиштето на Израелевиот Бог. {29:8} Затоа Господ се расрди на Јудејците и на Ерусалимците, та дозволи да бидат измачувани и да бидат за ужас и за потсмев, како што гледате со своите очи. {29:9} И нашите татковци, ете, паднаа од меч, а синовите, ќерките и жените затоа ни се во ропство. {29:10} И така, сега смислив во своето срце да склучам Завет со Господа, со Израелевиот Бог за да се одврати од нас Неговиот јаростен гнев. {29:11} Деца мои, не бидувајте сега мрзливи, зашто Господ ве избра за да стоите пред Него, за да му служите и за да му бидете слуги и за да му кадите.” {29:12} Тогаш станаа левитите: Амасеевиот син Мат и Азаревиот син Јоил од Катовите синови; од Мораровите синови Авдиевиот син Кис и Јалелеиловиот син Азариј; од Гирсоновците Зиминиот син Јоах и Јоаховиот син Еден; {29:13} од Елисафановите синови: Симриј и Јеил од Асафовите синови: Захариј и Матаниј; {29:14} од Амоновите синови Јеил и Симеј; од Једутуновите синови: Семај и Озик. {29:15} Тие ги собраа браќата, се посветија и дојдоа, како што заповеда царот според Господовите зборови за да го очистат Господовиот Дом. {29:16} Свештениците влегоа во Господовиот Дом за да го очистат. Почнаа сета нечистота што ја најдоа во Господовиот Храм, да ја изнесуваат во дворот на Господовиот Дом; а левитите ја примаа изнесувајќи ја надвор до потокот Кедрон. {29:17} Почнаа да посветуваат во првиот ден на првиот месец, а во осмиот ден од истиот месец влегоа во Господовиот трем; го осветуваа Господвиот Дом осум дена; завршија во шеснаесетиот ден на првиот месец. {29:18} Тогаш влегоа кај царот Езекија и рекоа: „Го исчистивме сиот Господов Дом: жртвеникот за паленици со сиот негов прибор, столот за принесените лебови со сиот негов прибор, {29:19} а сите посатки кои ги зафрли царот Ахаз додека царуваше и грешеше, пак ги обновивме и осветивме; ене ги пред Господовиот жртвеник.” {29:20} Тогаш царот Езекија стана рано, ги собра градските кнезови и отиде во Господовиот Дом. {29:21} Доведоа седум млади јунци, седум овни, седум јагниња, седум јарци за грев, за царството и за Светилиштето и за Јуда; тој им заповеда на Ароновите синови свештеници да ги принесат за паленица на Господовиот жртвеник. {29:22} Откако ги заклаа говедата, свештениците ја зедоа крвта и го попрскаа жртвеникот, ги заклаа јагнињата и со крвта го попрскаа жртвеникот. {29:23} Ги доведоа јарците за грев пред царот и пред соборот та ги ставија рацете врз нив. {29:24} Тогаш свештениците ги заклаа и го очистија со нивната крв жртвеникот, зашто царот беше заповедал да бидат принесени паленица и жртва за грев за сиот Израел. {29:25} Постави во Господовиот Дом левити со кимвали, со псалтири и со гуслиња, како беше заповедал Давид, царевиот гледач Гад и пророкот Натан, зашто заповедта доаѓаше од Бога преку Неговите пророци. {29:26} Така левитите стоеја со Давидовите свирки, а свештениците со трубите. {29:27} Тогаш Езекија заповеда да ја пронесат паленицата врз жртвеникот. Кога почна принесувањето на паленицата, почна Господовата песна покрај звуците на роговите и на свиралките на израелскиот цар, Давид. {29:28} Сиот собор се поклонуваше, пеачите пееја, а трубите трубеа, и тоа сè додека не сврши паленицата. {29:29} Кога сврши принесувањето на паленицата, царот и сите кои беа со него паднаа набожно на колена и се поклонија. {29:30} Тогаш царот и кнезовите им заповедаа на левитите да Го фалат Господа со зборовите на Давида и на гледачот Асаф; тие почнаа да фалат со најголема веселба, паднувајќи ничкум, се поклонија. {29:31} Тогаш Езекија проговори: „Сега вие се посветивте на Господа; пристапете и донесете ги жртвите и благодарните приноси во Господовиот Дом.” Сиот собир донесе закланици и благодарници. Секој што имаше волно срце, принесе паленици. {29:32} Палениците што ги донесе собирот беа на број: седумдесет говеда, сто овни, двеста јагниња, сè за паленици на Господа. {29:33} Другите посветени дарови беа шест стотини говеда и три илјади грла ситен добиток. {29:34} Но свештениците беа премалку, така што не можеа да ги одерат сите паленици; затоа им помагаа браќата левити, додека не се сврши работата и додека не беа посветени други свештеници, зашто левитите беа со погорливо срце за да се посветат отколку свештениците. {29:35} Беа и многу паленици со лојта од помирителните жртви, и со налевници при палениците. Така, пак беше обновена службата во Господовиот Дом. {29:36} И Езекија се веселеше, и сиот народ со него, зашто Бог му подготви на народот, бидејќи се тоа се случи ненадејно. {30:1} Потоа Езекија им порача на сите Израелци и Јудејци, па им напиша и писма на Ефремовото и Манасиевото племе, да дојдат во Господовиот Дом во Ерусалим за да направат Пасха на Господа, Израелевиот Бог. {30:2} Царот, советувајќи се со кнезовите и со сиот собор во Ерусалим, одлучи да ја слават Пасхата во вториот месец. {30:3} Тоа не можеа да го направат во право време зашто немаше доста посветени свештеници, и народот не се имаше собрано во Ерусалим. {30:4} И тоа беше право во царевите очи и во очите на сиот собор, {30:5} па одредија да биде разгласен по сиот Израел од Вир-Савеа па до Дан за да дојдат и да направат Пасха на Господа, Израелевиот Бог, во Ерусалим, зашто премногу не ја празнуваа како што е пропишано. {30:6} Така отидоа гласниците со писмата од царот и од неговите кнезови, по сиот Израел и Јуда, та зборуваа според царевата заповед: „Израелеви синови, обратете му се на Господа, на Аврамовиот, Исаковиот и Израелевиот Бог, па и Тој ќе се обрати кон Остатокот, кој ви остана од рацете на асирските цареви. {30:7} И немојте да бидете како вашите татковци и вашите браќа, кои Му згрешија на Господа, Бога на своите татковци, та ги предаде на пропаст, како гледате и самите. {30:8} И така, не бидете тврдоврати како вашите татковци: протегнете ја раката кон Господа и дојдете во Неговото Светилиште, што го посвети засекогаш, и служете Му на Господа, својот Бог, па ќе го одврати од вас Својот жесток гнев. {30:9} Ако Му се обратите на Господа, вашите браќа и вашите синови ќе најдат мислост во оние кои ги заробија, па ќе се вратат во оваа земја; зашто Господ, вашиот Бог, е милостив и милосрден, и нема да го одврати Своето лице од вас, ако вие Му се обратите Нему.” {30:10} И така гласниците тргнаа од град до град по Ефремовата и Манасиевата Земја па до Завулон, а луѓето им се потсмеваа и се подигруваа со нив. {30:11} Сепак некои од Асировото, од Манасиевото и од Завулоновото племе се смирија и дојдоа во Ерусалим. {30:12} На Јудејците пак слезе Божјата рака и ги проникна со еднодушност за да прават што беа заповедале царот и кнезовите по Господовото слово. {30:13} Многу народ се собра во Ерусалим за да го прослават Празникот на пресните лебови, во вториот месец; собирот беше многу голем. {30:14} Тогаш станаа и ги отстранија жртвениците што беа во Ерусалим, ги отстранија сите кадилници и ги фрлија во потокот Кедрон. {30:15} Тогаш почнаа да ја колат Пасхата во четиринаесеттиот ден на вториот месец, а свештениците и левитите се засрамија и откако се посветија, почнаа да ги внесуваат палениците во Господовиот Дом. {30:16} Застанаа на своето место според правилото, според Законот на Мојсеј, Божјиот човек; свештениците прскаа со крв, примајќи ја од рацете на левитите. {30:17} Бидејќи имаше мнозина во соборот кои не се посветија, левитите ги колеа пасхалните јагниња за сите кои не беа чисти, за да Му ги посветат на Господа. {30:18} Најголемиот дел од народот, мнозина од Ефремовото и од Манасиевото, од Исахаровото и од Завулоновото племе, не се очисти, та ја јадеше Пасхата непрописно. Но Езекија се помоли за нив, велејќи: „Благиот Господ нека го очисти од грев секого, {30:19} кој го насочил срцето да го бара Бога Господа, Бога на своите татковци, иако не е чист како што му прилега на Светилиштето!” {30:20} Господ го послуша Езекија и му прости на народот. {30:21} Така Израелевите синови, кои се најдоа во Ерусалим, го празнуваа празникот Бесквасни лебови седум дена со голема веселба, а левитите и свештениците го фалеа Бога од ден во ден со свиралките за Господова слава. {30:22} Езекија ги храбреше левитите, кои покажуваа добро знаење и приврзаност кон Господа. Ја јадеа свечената жртва седум денови принесувајќи помирителни жртви и славејќи го Господа, Бога на своите татковци. {30:23} Потоа сиот собор, советувајќи се, одлучи да празнуваат уште седум денови; прославуваа уште седум денови со веселба. {30:24} Јудејскиот цар Езекија му подари на соборот илјади млади јунци и седум илјади грла ситна стока; а кнезовите му подарија на соборот илјада млади јунци и десет илјади грла ситен добиток; тогаш се посветија многу свештеници. {30:25} Така се повесели сиот јудејски собор, и свештениците и левитите, и сиот собор што дојде од Израел, и придојдениците, кои беа дошле од Израелската Земја, и жителите во Јудеја. {30:26} Беше голема веселба во Ерусалим зашто од времето на Давидовиот син Соломон, израелскиот цар, не беше така во Ерусалим. {30:27} Тогаш свештениците и левитите станаа та го благословија народот: нивниот глас беше послушан, а нивната молитва допре до Божјото Свето Живеалиште на небото. {31:1} Кога сврши сè тоа, сите Израелеви синови, кои се најдоа таму, навлегоа по јудејските градови та ги кршеа столбовите ги сечеа ашерите и ги оборуваа високите места и жртвениците по сето Јудино, Венијаминово, Ефремово и Манасиево племе додека не завршија. Тогаш сите Израелеви синови се вратија секој на својот имот, во своите градови. {31:2} Езекија пак ги среди свештеничките и левитските редови, секого според неговата служба, свештениците и левитите, за палениците и за помирителните жртви, за да служат, за да Го слават и да Го фалат Господа пред вратите на Господовиот стан. {31:3} Одреди царски придонес од својот имот за палениците, за утринските и вечерните паленици и за палениците што се принесуваат во сабота, при млада месечина и на празници, како што е напишано во Господовиот Закон. {31:4} Му заповеда на народот, на ерусалимските жители, да им даваат дел на свештениците и на левитите, за да се зајакнат во Господовиот Закон. {31:5} Кога се разгласи тоа, Израелевите синови почнаа да донесуваат првини жито, ново вино, масло и мед, и секаков полски плод, и донесуваа изобилни десетини од сè. {31:6} Израелевите и Јудините синови, кои живееја во јудејските градови, исто така донесуваа десетина од говедата и од ситниот добиток и десетина од светите работи, посветени на Господа, нивниот Бог; донесуваа и даваа сè куп врз куп. {31:7} Во третиот месец почнаа да прават купови, а во седмиот месец завршија. {31:8} Тогаш Езекија дојде, со кнезовите и откако ги здогледа куповите, ги благословија Господа и неговиот израелски народ. {31:9} Потоа Езекија се распраша кај свештениците и левитите за куповите. {31:10} Одговарајќи, свештеничкиот главатар Азариј, од Садоковиот дом, рече: „Откако почнаа да ги донесуваат овие приноси во Господовиот Дом, јадеме и сме сити а многу и остана, зашто Господ го благослови Својот народ, та го има во изобилие ова множество.” {31:11} Тогаш Езекија заповеда да се подредат собите во Господовиот Дом, кога ги подготвија, {31:12} почнаа да ги внесуваат таму приносите десетините и светините; над тоа беа настојници левитот Хонаниј и брат му Симеј, втор од него. {31:13} А Ехил, Азазиј, Нахат, Асил, Јеримо Јозавед, Елиел, Исмахиј, Мат и Бенај беа настојници покрај Хонаниј и брата му Симеј, по налог на царот Езекија и Азариј, старешината во Божјиот Дом. {31:14} Кореј, син на левитот Емна, вратар на источната врата, беше над доброволните Божји приноси, за да ги раздава Господовите приноси, и најважните од посветените работи. {31:15} Под нив беа Еден, Минијамин, Исус, Семај, Амариј и Сеханиј по свештеничките градови, за да им делат совесно на своите според нивните редови, како на големиот така и на малиот, {31:16} освен машките постари од триесет години запишани во родовниците - на сите кои доаѓаа во Господовиот Дом на својата секојдневна работа, за нивните служења, за нивните должности по нивните редови. {31:17} Во родовниците беа внесени свештениците според нивните поколенија и левитите од дваесет години нагоре според нивните служби, по нивните редови. {31:18} Во родословниците беа внесени сите нивни деца, нивни жени, нивни синови и нивни ќерки, во сиот собор, зашто им се посветија искрено на светините. {31:19} Ароновите синови, свештениците на полските пасишта на своите градови, во секој одделен град, беа одредени по име, за да му даваат дел на секое машко меѓу свештениците. Левитите ги составија сите родословници. {31:20} Езекија направи така по сета Јудеја, извршувајќи што е добро право и вистинско пред Господа, својот Бог. {31:21} Во секоја работа што ја почнувал за служба во Божјиот Дом и во законот и во заповедите, барајќи го Бога, се трудеше со сето свое срце и успеваше. {32:1} По тие настани и докази за верност, асирскиот цар Сенахирим им дојде и откако влезе во Јудеја, ги опколи утврдените градови мислејќи да ги освои. {32:2} Езекија, откако виде дека дојде Сенахирим и како наумува да завојува против Ерусалим, {32:3} се посоветува со кнезовите и со јунаците, за да ги засипе водните извори што беа надвор од градот. Тие му помогнаа нему. {32:4} Се собра многу народ, та ги засипа сите извори и потокот што течеше сред земјата; зборуваа: „Зошто асирските цареви да најдат толку вода кога ќе дојдат!” {32:5} Езекија се ободри го обнови сиот соборен ѕид и подигна стражарници врз него; однадвор изгради друг ѕид и го зацврсти Милон во Давидовиот Град; направи многу копја и штитови. {32:6} Потоа постави началници над народот и ги повика кај себе на плоштадот покрај Градската Врата, ги охрабри со овие зборови: {32:7} ”Бидете храбри и јунаци; не бојте се и не плашете се од асирскиот цар, ни од сето мноштво што е со него зашто со нас е Посилниот отколку со него; {32:8} со него е телесната мишка, а со нас е Господ, Бог наш, за да ни помага и за да ги војува нашите боеви.” Народот се надеваше во зборовите на јудејскиот цар Езекија. {32:9} Потоа асирскиот цар Сенахирим, додека беше кај Лахис со сета бојна сила, испрати слуги во Ерусалим кај јудејскиот цар Езекија и кај сите Јудејци, кои беа во Ерусалим, и им порача: {32:10} ”Асирскиот цар Сенахирим вели вака: ‘Во што се надевате стоејќи опсадени во Ерусалим? {32:11} Зар не ве заведува Езекија за да ве предаде на смрт од глад и од жед кога зборува: „Господ, нашиот Бог ќе не избави од рацете на асирскиот цар?” {32:12} Нели тој Езекија ги отстрани неговите високи места и неговите жртвеници и им заповеда на Јудејците и на Ерусалимците говорејќи: „Клањајте се пред еден жртвеник и кадете врз него!” {32:13} Зар не знаете што направив јас и моите предци од сите земни народи? Зар боговите на земните народи можеа да ги избават своите земји од мојата рака? {32:14} Кој од сите богови на оние народи, што моите предци ги уништија сосем, можеше да избави народ од мојата рака, за да може вашиот Бог да ве избави вас од мојата рака? {32:15} Затоа немојте сега Езекија да ве измамува и да ве заведува така, и не верувајте му! Зашто ниеден бог на ниеден народ или царство не можеше да го избави својот народ од мојата рака, ни од раката на моите предци, а камоли вашиот Бог ќе ве избави од мојата рака!’” {32:16} Неговите слуги уште повеќе ги напаѓаа Бога Господа и неговиот слуга Езекија. {32:17} Напиша и писмо хулејќи Го Господа, Израелевиот Бог: „Како што боговите на земните народи не ги избавија своите народи од мојата рака, така ни Езекиевиот Бог не ќе го избави Својот народ од мојата рака.” {32:18} И му викаа со силен глас, на јудејски јазик, на ерусалимскиот народ, кој беше на ѕидот за да го уплашат и да го смутат, како би го презеле градот. {32:19} Зборуваа за ерусалимскиот Бог како за боговите на земните народи, за боговите што се дело на човечките раце. {32:20} Затоа царот Езекија и пророкот Исаиј, Амосовиот син, се помолија и го повикаа небото на помош. {32:21} Тогаш Господ испрати ангел, кој ги уништи сите храбри јунаци, заповедниците и началниците во војската на асирскиот цар, така што се врати засрамен во својата земја. А кога влезе во храмот на својот бог, го сосекоа таму со меч некои, кои се родија од неговото крило. {32:22} Така Господ ги спаси Езекија и ерусалимските жители од раката на асирскиот цар Сенахирим и од раката на непријателите, та им даде мир отсекаде. {32:23} Мнозина им донесуваа дарови на Господа во Ерусалим и скапоцености на јудејскиот цар Езекија. Потоа Езекија се возвиши во очите на сите народи. {32:24} Во тоа време Езекија се разболе на смрт, ама Му се помоли на Господа, Кој му проговори и направи чудо. {32:25} Но Езекија не му се оддолжи на добротворството што му беше искажано, туку се возгордеа; затоа гневот дојде врз него, врз Јуда и врз сиот Ерусалим. {32:26} Но Езекија се понижи затоа што му се беше возгордеало срцето, и тој и Ерусалимците, па така Господовата расрденост не дојде врз нив за време на Езекиевиот живот. {32:27} Езекија придоби многу големо богатство и слава; направи ризница за сребро и злато, за скапоцени камења, за мириси, за штитови и за секакви скапоцени посатки; {32:28} складишта за родот на житото, на новото вино и за маслото, простории за секаков добиток, огради за стадата. {32:29} Подигна и градови, имаше многу добиток, ситна стока и говеда, зашто Господ му даде мошне голем имот. {32:30} Истиот Езекија го засипа горниот извор на Гионската Вода и ја сврте право на западната страна од Давидовиот Град. Езекија беше среќен во секоја работа. {32:31} Само кога дојдоа пратениците на вавилонските кнезови, испратени кај него за да се распрашаат за чудото што стана во земјата, Бог го остави, за да го испита и за да се сознае сè што му е во срцето. {32:32} Другите Езекиеви дела, и неговата набожност, се запишани во пророчките виденија на пророкот Исаиј, Амосов син, и во книжниот свиток за јудејските и израелските цареви. {32:33} Езекија почина кај своите татковци. Го погребаа на угорништето по кое се оди кон гробовите на Давидовите синови. По смртта сите Јудејци и Ерусалимци му оддадоа почест. На негово место се зацари син му Манасиј. {33:1} На Манасиј му беа дванаесет години кога се зацари. Царуваше педесет и пет години во Ерусалим. {33:2} Правеше што е зло во Господовите очи, поведувајќи се по гнасностите на народите што Господ ги протера пред Израелевите синови. {33:3} Ги обнови високите места што им ги имаше оборено татко му Езекија, му подигна жртвеник на Ваал , направи ашери и почна да и се клања на сета небеска војска и да и служи. {33:4} Подигна жртвеници и во Господовиот Дом, за кого Господ беше рекол: „Во Ерусалим ќе престојува Моето Име засекогаш.” {33:5} изгради жртвеници на сета небеска војска и во обата преддворја на Господовиот Дом. {33:6} И своите синови ги преведе низ оган во долината на Еномовиот син. Вражаше, гаташе, маѓепсуваше, создаде бајачи и повикувачи на мртви, и воопшто направи премногу зло во Господовите очи разгневувајќи Го. {33:7} Направи кип на божество, и го постави во Божјиот Дом, за кого Бог им беше рекол на Давида и на неговиот син Соломон: „Во овој Дом и во Ерусалим, што го избрав меѓу сите израелски племиња, ќе го поставам Своето Име довека. {33:8} Не ќе давам веќе ногата на Израелците да се повлече од земјата што им ја дадов во наследство на вашите татковци, само ако пазат и ако спроведуваат во дело сè што им заповедав: сиот Закон, одредбите и обичаите дадени преку Мојсеј.” {33:9} Но Манасиј ги заведе Јудејците и ерусалимците та правеа уште полошо од народите што Господ ги откорна пред Израелевите синови. {33:10} Господ ги опоменуваше Манасиј и неговиот народ, но тие не послушаа. {33:11} Затоа Господ ги доведе против нив военачалниците на асирскиот цар. Го фатија Манасиј со куки, го врзаа во двојни железни вериги и го одведоа во Вавилон. {33:12} Кога се најде во неволја, почна да Му се моли за милост на Господа, својот Бог, длабоко се покаја пред Бога на татковците. {33:13} Се молеше и Бог му се смилува те го послуша неговото просење и го врати во Ерусалим во царството. Тогаш Манасиј созна дека Господ е Бог. {33:14} Потоа го изгради надворешниот ѕид на Давидовиот Град западно од Гион, од долината на Рибната Врата, и го препаша со ѕид Офил, изведувајќи го мошне високо. Постави военачалници во сите утврдени градови во Јуда. {33:15} Освен тоа ги отстрани од Господовиот Дом туѓинските богови, оној вајан кип и сите жртвеници што ги имаше изградено на гората на Господовиот Дом и во Ерусалим и сите ги фрли надвор од градот. {33:16} Потоа пак го подигна Господовиот жртвеник и жртвуваше врз него помирителни жртви и благодарници. Им заповеда и на Јудејците да му служат на Господа, Израелевиот Бог. {33:17} Сепак народот уште жртвуваше по високите места, но само на Господа, на својот Бог. {33:18} Другите Манасиеви дела, и неговата молитва кон Бога, зборовите што му ги кажуваа гледачите во Името на Господа, Израелевиот Бог, се запишани во книгата на израелските цареви. {33:19} Неговата молитва, и како беше послушан, сите негови гревови и неговите беззаконија, и местата на кои изгради високи места, подигна ашери и кипови пред да се понижи - сето тоа е запишано во книгата на Хозај. {33:20} Тогаш Манасиј почина покрај своите татковци. Го погребаа во дворецот. На неговото место се зацари син му Амон. {33:21} На Амона му беа дваесет и две години кога се зацари, а царуваше две години во Ерусалим. {33:22} Правеше што е зло во Господовите очи, како и татко му Манасиј, зашто тој им принесуваше жртви и им служеше на сите кипови на божествата што ги имаше направено неговиот татко Манасиј. {33:23} Но не се смири пред Господа како што се смири татко му Манасиј, туку уште и ја умножи својата вина. {33:24} Тогаш неговите слуги се заверија против него и го убија во домот негов. {33:25} Ама простиот народ ги погуби сите оние кои се заговорија против царот Амон и на неговото место го зацарија сина му Јосиј. {34:1} На Јосиј му беа осум години кога се зацари. Царуваше триесет и една година во Ерусалим. {34:2} Правеше што е право во Господовите очи. Во сè одеше по патиштата на таткото Давид, не свртувајќи ни десно ни лево. {34:3} Во осмата година на царувањето, додека беше уште дете, почна да Го бара Бога на таткото Давид, а во дванаесеттата година почна да ги чисти Јудеја и Ерусалим од високите места, ашерите, од режаните и вајаните ликови. {34:4} Пред него ги оборија жртвениците на Ваал а, ги скрши сончевите столбови кои беа врз нив; ги искрши и ги сотре ашерите и вајаните и леаните ликови, ги истури по гробовите на оние што им принесуваа жртви. {34:5} Ги спали коските на свештениците на нивните жртвеници и така ги очисти Јудеја и Ерусалим. {34:6} Исто направи и по градовите на Манасиевото, Ефремовото и Симеоновото племе, па до Нефталимовото, по нивните запустени места наоколу. {34:7} Ги обори жртвениците и ашерите, ги раскова и ги сотре вајаните ликови и ги исече сите сончеви столбови по сета Израелска Земја, а тогаш се врати во Ерусалим. {34:8} Во осумнаесеттата година на царувањето, откако ги очисти земјата и Храмот, ги испрати Азалиевиот син Сафан, градскиот управител Масиј, Јоахазовиот син Јоах, тајник, за да го поправат Домот на Господа, неговиот Бог. {34:9} Тие дојдоа кај врховниот свештеник Хелкиј и му ги предадоа сребрениците донесени во Божјиот Дом, што ги беа собрале левитите, чувари на Храмскиот Праг, од раката на Манасиевите и Ефремовите синови, и од сиот Израелев Остаток, од сето Јудино и Венијаминово племе, од ерусалимските жители. {34:10} Им го предадоа тоа во рацете на работоводителите, поставени над Господовиот Дом, а тие им издаваа на трудбениците, кои работеа во Господовиот Дом, поправајќи го тоа што беше во истрошена состојба и обновувајќи го Храмот. {34:11} Им дадоа на дрводелците и на градителите за да купуваат делкан камен и дрво за греди, и за да бидат поправени куќите, што ги разурнаа јудејските цареви. {34:12} Тие луѓе ја вршеа совесно работата; над нив беа поставени Јат и Овадиј, левити од Мерариевите синови, и Захариј и Месулам од Катовите синови. Сите левити беа искусни на свиралки. {34:13} Едни беа над бременосците и над настојателите на сите трудбеници во секоја служба, а други од левитите беа писари, надзорници и вратари. {34:14} Кога ги изнесуваа сребрениците донесени во Господовиот Дом, свештеникот Хелкиј го најде Свитокот на Господовиот Закон, даден преку Мојсеја. {34:15} И, во одговор, Хелкиј му рече на тајникот Сафан: „Го најдов Свитокот на Законот во Господовиот Дом.” Хелкиј му го даде книжниот свиток на Сафана. {34:16} Сафан му го однесе книжниот свиток на царот и го извести: „Твоите слуги работат сè што им е доверено. {34:17} Откако ги собраа сребрениците што ги најдоа во Господовиот Дом, им ги предадоа во рацете на работоводителите и на трудбениците.” {34:18} Тогаш тајникот Сафан му јави на царот: „Свештеникот Хелкиј ми даде еден книжен свиток.” И Сафан почна да го чита пред царот. {34:19} Откако ги чу зборовите на Законот, царот ги раскина своите облеки. {34:20} И им нареди на Хелкиј, на Сафановиот син Ахикам, на Михеевиот син Авдон, на тајникот Сафан и на царевиот слуга Асај: {34:21} ”Одете и прашајте Го Господа за мене и за Остатокот на Израел и Јудеја, заради овој книжен свиток што е најден, зашто е голем Господовиот гнев, што се излеа на нас затоа што нашите татковци не ги пазеа Господовите зборови, не правеа што е напишано во книжниот свиток.” {34:22} Хелкиј со царевите луѓе отиде кај пророчицата Олда, жената на Салум, Текуевиот син, син на Асра, чувар на облеката; таа живееше во Ерусалим, во новиот град. Кога и го кажаа тоа, {34:23} таа им рече: „Господ, Израелевиот Бог, вели вака: ‘Кажете му на човекот кој ве прати кај мене: {34:24} Господ вели вака: „Еве, ќе доведам несреќа на овој град и на неговите жители, ќе ги извршам сите клетви напишани во книжниот свиток, што го прочитаа пред јудејскиот цар. {34:25} Зашто Ме оставија и му кадеа на туѓите богови за да Ме лутат со делата на своите раце, ќе пламне Мојата јарост на тоа место и не ќе изгасне.’”‘ {34:26} А на јудејскиот цар, кој ве испрати по Господов совет, речете му го ова: ‘Господ, Израелевиот Бог, зборува вака: „Ги чу зборовите. {34:27} Ама бидејќи ти смекна срцето, и зашто се смири пред Бога откако чу што им објавив на тој град и на неговите жители, и смирувајќи се пред Мене, ги раскина облеките и плачеше, затоа те послушав - вели Господ! {34:28} Еве, ќе те соединам со твоите татковци, и со мир ќе легнеш во гробот, за да не ја видиш сета несреќа што ќе ја навалам врз ова место и на неговите жители.”‘“ Тие му го однесоа одговорот на царот. {34:29} Тогаш царот испрати да ги соберат сите јудејски и ерусалимски старешини. {34:30} Потоа царот се искачи во Господовиот Дом, со сите Јудејци, со Ерусалимците, со свештениците, со левитите и со сиот народ, од најголемиот до најмалиот. И им ги прочита сите зборови на книжниот Свиток на Заветот, што е најден во Господовиот Дом. {34:31} Царот, стоејќи на своето место, го обнови пред Господа Заветот дека ќе Го следи Господа, дека ќе ги пази Неговите заповеди, поуки и одредби со сето срце и со сета душа, та да ги исполни сите зборови на Заветот, што се напишани во книжниот свиток. {34:32} И сите кои се најдоа во Ерусалим и Венијаминовото племе ги повика да пристапат; и Ерусалимците се прифатија за Заветот на Бога, на Бога на своите татковци. {34:33} Тогаш Јосиј ги отстрани сите гнасности од сите израелски краеви, и направи така што сите кои се најдоа во Ерусалим да почнат да Му служат на Господа, својот Бог. За време на сиот негов живот не отстапија од Господа, Бога на своите татковци. {35:1} Потоа Јосиј Му ја празнуваше Пасха на Господа во Ерусалим: пасхалното јагне беше клано во четиринаесеттиот ден на првиот месец. {35:2} Ги постави свештениците на нивните служби, ободрувајќи ги за служба во Господовиот Дом. {35:3} Потоа им рече на левитите, кои ги поучуваа сите Израелци и кои Му беа посветени на Господа: „Ставете го светиот Ковчег во Домот што го изгради Давидовиот син Соломон, израелски цар; не смеете веќе да го носите на рамениците; сега служете Му на Господа, својот Бог, и на Неговиот Израелски народ! {35:4} И подгответе се по татковските домови, по редовите, како што напиша израелскиот цар Давид и како што одреди неговиот син Соломон. {35:5} Стојте во Светината по редовите на татковските домови на своите браќа, на обичниот народ, и по редот на левитскиот татковски дом. {35:6} И така колете го пасхалното јагне, та посветете се и подгответе ги своите браќа за да празнуваат како што заповеда Господ преку Мојсеја.” {35:7} Јосиј му подари на обичниот народ од ситниот добиток јагниња и јариња, сè за Пасхата, на сите кои се најдоа таму, на број триесет илјади и три илјади говеда, сè тоа од царевиот имот. {35:8} Неговите кнезови доброволно им подарија на народот, на свештениците и на левитите, и тоа: Хелкиј, Захариј и Ехиил, началници во Божјиот Дом, им дадоа на свештениците за Пасха две илјади и шест стотини јагниња и јариња и триста говеда. {35:9} А Хонаниј, Семај и Натанаил, неговите браќа Асавиј, Јеил и Јозавад, левитски кнезови, им подарија на левитите за Пасхата пет илјади грла ситен добиток и пет стотини говеда. {35:10} А кога службата беше уредена, свештениците застанаа на своето место и левитите во своите редови според царевата заповед. {35:11} Ја колеа Пасхата, а свештениците прскаа со крв, додека левитите ја дереа кожата. {35:12} Тогаш ги подготвија палениците за да му ги дадат на обичниот народ, според редовите на татковските домови, за да ги принесе на Господа, како е напишано во Мојсеевиот книжен свиток. Така направија и со говедата. {35:13} Ја печеа Пасхата на оган според обичајот, а другите посветени работи ги вареа во грнци, во котли и во садови за печење, и му ги разнесуваа брзо на сиот обичен народ. {35:14} После ја подготвуваа Пасхата за себе и за свештениците, зашто свештениците, Ароновите синови, беа вработени со принесувањето на палениците и лојта до ноќта; затоа левитите подготвуваа за себе и за свештениците, Ароновите синови. {35:15} А пејачите, Асафовите синови, стоеја на своето место, како што беше заповедале Давид, Асаф, Еман и царевиот гледач Едутун. Вратарите стоеја при секоја врата; тие не се помрднуваа од службата, туку нивните браќа левитите им подготвуваа сè. {35:16} Така беше уредена сета Господова служба во оној ден, за да се прослави Пасхата и за да се принесат палениците врз Господовиот жртвеник, според заповедта на царот Јосиј. {35:17} Така Израелевите синови, кои се најдоа таму, во тоа време, ги празнуваа седум денови Пасхата и Празникот на пресните лебови. {35:18} Пасха како оваа не се славеше во Израел од времето на пророкот Самоил, ниту еден од израелевите цареви не ја прославуваше Пасхата како што ја славеше Јосиј, со свештениците, со левитите и со сите Јудејци и Израелци, колку што се најдоа, и со Ерусалимците. {35:19} Таа Пасха беше празнувана во осумнаесеттата година на Јосиевото царување. {35:20} По сè тоа, кога Јосиј го уреди Домот, дојде египетскиот цар Нехао за да се бие кај Харкемис на Еуфрат, а Јосиј излезе пред него. {35:21} Царот Нехао му испрати посланици на Јосиј и му нарача: „Што имам јас со тебе јудејски цару? Јас не идам денес против тебе, туку против домот со кој сум во војна, и Бог ми заповеда да побрзам. Не Му се противи на Бога Кој е со мене, за да не те погуби!” {35:22} Но Јосиј не го одврати лицето од него, туку се охрабри за да се бие со него; не послушувајќи ги Нехаовите зборови од Божјата уста, дојде да се бие на Мегидонското Поле. {35:23} Стрелците го застрелаа царот Јосиј, а тој им рече на слугите: „Изведете ме, зашто сум тешко ранет.” {35:24} Слугите го слегоа од бојната кола и го ставија во друга кола што ја имаше, па го префрлија во Ерусалим; таму умре и беше погребан во гробницата на татковците. Сета Јудеја со Ерусалим плачеше по Јосиј. {35:25} И Еремиј затажи по Јосија. И сите пејачи и пејачки го спомнуваат Јосиј во тажачките до денес; ги воведоа во обичај во Израел, и ене се запишани во Тажачките. {35:26} Другите Јосиеви дела и неговата набожност, правени онака како што пишува во Господовиот Закон, {35:27} сите негови потфати, од првите до последните, се запишани во книжниот Свиток за израелските и за јудејските цареви. {36:1} Тогаш обичниот народ го зеде Јосиевиот син Јоахаз и го зацари во Ерусалим на местото на неговиот татко. {36:2} Дваесет и три години му беа на Јоахаз кога се зацари. Царуваше три месеци во Ерусалим. {36:3} Египетскиот цар го симна во Ерусалим и наложи врз земјата данок од сто сребрени таланти и еден златен талант. {36:4} Египетскиот цар го постави за цар над Јудеја и над Ерусалим неговиот брат Елијаким, променувајќи му го името во Јоаким; неговиот брат Јоахаз беше земен од Нехао и одведен во Египет. {36:5} На Јоакима му беа дваесет и пет години кога се зацари. Царуваше единаесет години во Ерусалим; правеше што е зло во очите на Господа, неговиот Бог. {36:6} Вавилонскиот цар Навуходоносор завојува против него и, откако го врза во двојни железни вериги, го одведе во Вавилон. {36:7} Дел од посатките од Господовиот Дом ги однесе Навуходоносор во Вавилон и ги стави во својот дворец во Вавилон. {36:8} Другите Јоакимови дела и гнасностите што ги правеше, и што се најде во него, сè е запишано во книжниот Свиток за израелските и за јудејските цареви. На негово место се зацари син му Јоахин. {36:9} На Јоахина му беа осум години кога се зацари, а царуваше три месеци и десет дена во Ерусалим; правеше што е зло во Господовите очи. {36:10} При сменувањето на годината, царот Навуходоносор испрати повелба, та го одведоа во Вавилон со скапоценостите од Господовиот Дом, а над Јудеја и над Ерусалим се зацари неговиот брат Седекиј. {36:11} На Седекија му беа дваесет и една година кога се зацари, а царуваше единаесет години во Ерусалим. {36:12} Правеше што е зло во очите на Господа, неговиот Бог; не се смири пред пророкот Еремиј, кој му зборуваше од Господовата уста, {36:13} туку уште и се побуни против царот Навуходоносор, кој го беше заколнал во Бога; остана тврдоглав и упорен во срцето, за да не Му се обрати на Господа, Израелевиот Бог. {36:14} Па и сите свештенички главатари и народот грешеа многу следејќи ги гнасните дела на јазичниците, онечистувајќи го Господовиот Дом, посветен во Ерусалим. {36:15} Господ, Бог на нивните татковци, испраќаше кај нив рано Свои гласници, ги праќаше постојано, зашто му беше жал за Својот народ и за Своето Живеалиште. {36:16} Но тие им се потсмеваа на Божјите гласници, презирајќи ги Неговите зборови и подигрувајќи се со Неговите пророци, додека не се подигна Господовата јарост против Неговиот народ, та веќе немаше лек. {36:17} Го доведе против нив халдејскиот цар, кој ги стави под меч нивните младинци во домот на нивното Светилиште, не поштедувајќи ги ни младецот ни девојката, ни старецот ни немоќниот. Сè му предаде во рацете. {36:18} Сите посатки на Божјиот Дом, големите и малите, сокровиштето на Господовиот Дом и царевото благо, богатството на неговите кнезови, сè однесе во Вавилон. {36:19} Го изгореа Божјиот Дом и го соборија ерусалимскиот ѕид, и ги уништија сите негови скапоцености. {36:20} Оние кои му избегаа на мечот на Навуходоносор, ги одведе во ропство во Вавилон. Им станаа робови нему и на неговите синови, додека не го снема Персиското Царство. {36:21} За да се исполни словото што Господ го рече преку Еремиевата уста: „Додека земјата не им се оддолжи на своите саботи, ќе почива за сето време во пустина, додека не се исполнат седумдесет години.” {36:22} Но во првата година на персискиот цар Кир, за да се исполни Господовото слово објавено преку Еремиевата уста, Господ го подигна духот на персискиот цар Кир, та тој разгласи по сето свое царство усно и писмено: {36:23} ”Персискиот цар Кир вели вака: ‘Господ, небескиот Бог, ми ги даде сите земни царства. Тој ми наложи да Му изградам Дом во Ерусалим, во Јудеја. Кој е меѓу вас од сиот Негов народ, неговиот Бог нека биде со него, па нека оди онаму!’”