{1:1} Беше некогаш во земјата Уз човек по име Јов. Тоа беше непорочен и праведен човек: се боеше од Бога и се отстрануваше од злото. {1:2} Му се родија седум синови и три ќерки. {1:3} Имаше седум илјади овци, три илјади камили, пет стотини двојки волови, пет стотини магариња и мошне многу слуги. Тој човек беше најугледен меѓу жителите на исток. {1:4} Неговите синови имаа обичај да даваат наизменично гозби кај еден од нив, секој во својот ден, и ги повикуваа своите три сестри да јадат и пијат со нив. {1:5} А кога ќе се изредеа со гозбите, Јов ги повикуваше на посветување. Подрануваше рано наутро и принесуваше паленици за секого од нив; мислеше: „Кој знае дали не згрешија моите синови и да не го похулија Бога во своето срце!” Така правеше Јов постојано. {1:6} Еден ден дојдоа Божјите синови да застанат пред Бога, а меѓу нив пристапи и Сатаната. {1:7} Тогаш Господ го праша Сатаната: „Од каде доаѓаш?”- „Еве поминав низ земјата и ја обиколив,” одговори тој. {1:8} Потоа Господ рече: „Дали го забележа мојот слуга Јов? Нему никој не му е рамен на земјата. Тоа е непорочен и праведен човек, се бои од Бога и се отстранува од злото!” {1:9} А Сатаната Му одговори на Господа: „Зар Јов се бои напразно од Бога? {1:10} Зар не ги загради него, неговиот дом и сиот негов имот? Го благослови делото на неговите раце, имотот му се умножи на земјата. {1:11} Ама испружи ја еднаш раката и допри во сè што има: ќе Те проколне во лице!” {1:12} „Нека ти биде! - му рече Господ на Сатаната. - Прави што сакаш со сè што има; само не кревај ја својата рака врз него.” И Сатаната отиде од пред Господовото лице. {1:13} Еден ден, додека Јововите синови и ќерки јадеа и пиеја во куќата на најстариот брат, {1:14} дојде гласник при Јов и рече: „Твоите волови ораа, а ослиците пасеа покрај нив, {1:15} кога одненадеж Савејците нападнаа на нив и ги грабнаа, убивајќи ги слугите со остар меч. Единствено само јас избегав да ти го јавам ова.” {1:16} Додека тој уште го зборуваше тоа, дојде друг и рече: „Божји оган удри од небото, ги изгоре твоите овци и пастири и ги проголта. Единствено избегав јас да ти јавам.” {1:17} Додека уште зборуваше дојде трет и рече: „Халдејците удрија, со три чети, на твоите камили и ги грабнаа, убивајќи ги слугите со остар меч. Единствено избегав јас да ти јавам.” {1:18} Додека уште зборуваше овој, дојде четвртиот и рече: „Твоите синови и ќерки јадеа и пиеја вино во куќата на најстариот брат. {1:19} И ете, силен ветер се крена од пустината, удри на сите четири агли на куќата, ја урна врз децата, па тие загинаа. Единствено избегав јас да ти јавам.” {1:20} Тогаш Јов стана, ја расцепи облеката врз себе, ја избричи главата и падна ничкум на земјата, се поклони {1:21} и рече: „Излегов гол од мајчината утроба, и ќе се вратам гол таму. Господ даде, Господ зеде! Благословено да биде Господовото име!” {1:22} Покрај сè тоа, Јов не згреши ниту изусти некаква навреда против Бога. {2:1} Еден ден пак дојдоа Божјите синови да застанат пред Господа, а меѓу нив пристапи и Сатаната. {2:2} Тогаш Господ го праша Сатаната: „Од каде доаѓаш?” - „Еве поминав по земјата и ја обиколив,” одговори тој. {2:3} Тогаш Господ рече: „Дали го забележа Мојот слуга Јов? Нему никој не му е рамен на земјата. Тоа е непорочен и праведен човек: се бои од Бога и се отстранува од злото! Тој е уште постојан во непорочноста, па Ме предизвика испразно да го упропастам.” {2:4} А Сатаната одговори: „Кожа за кожа! Човекот ќе даде сè што има во животот. {2:5} Ама испружи ја раката, допри се до неговите коски и до месото; - дали ќе те благослови? Ќе те проколне во лице!” {2:6} „Нека ти биде! - му рече Господ на Сатаната. - Во твоја рака е; запази му го само животот!” {2:7} И Сатаната отиде од пред Господовото лице. Тој го удри Јов со лути рани од стапалата до темето. {2:8} Јов зеде црепка за да се струже со неа и седна во пепел. {2:9} Тогаш неговата жена му рече: „Зар си уште постојан во непорочноста? Проколни Го Бога и умри!” {2:10} Јов и одговори: „Брбориш како што брборат безумните жени! Штом примаме добро од Бога, зошто тогаш да не го примиме и злото?” Во сè тоа Јов не згреши со своите усни. {2:11} Тогаш три Јовови пријатели чуја за сите неволји што го снајдоа; секој се запати од својот крај, Елифаз од Теман, Валдад од Шуах, Софар од Наам, и одлучија да отидат заедно да го пожалат и да го утешат. {2:12} И кога оддалеку ги насочија очите кон него, не го препознаа. Тогаш почнаа да плачат; секој ја раздра својата облека и фрлија прав на своите глави кон небото. {2:13} Потоа седнаа покрај него на земјата и останаа така седум дена и седум ноќи. Ниеден не му проговори ни збор, зашто видоа дека е голема неговата болка. {3:1} Потоа Јов ја отвори својата уста и го проколна својот ден; {3:2} ја почна својата беседа и рече: {3:3} „О, да загинеше денот во кој се родив и ноќта што соопшти: „Се зачна машко!” {3:4} Тој ден нека стане црна темнина! Бог од висините да не си спомнува за него, сончевата светлина да не го осветлува повеќе! {3:5} Мракот и смртната сенка да се отимаат за него, густата темнина да го покрие сосем, дневните смрачувања да го морат со страв! {3:6} О, темнината да го присвои сиот, нека не им се додава на деновите на годината, нека не влегува во броењето на месеците! {3:7} А онаа ноќ да биде жалосна довека, да не се чуе радосно воскликнување во неа! {3:8} Да ја проколнат оние, што го проколнуваат денот и што се способни да го разбудат Левијатанот! {3:9} Да се помрачат ѕвездите на нејзиното разденување, напразно таа да и се надева на виделината, и да не ги гледа никогаш веѓите на зората! {3:10} Зашто не ми ја затвори вратата од утробата, да ја скрие маката од моите очи! {3:11} Зошто не сум мртов од мајчиното крило, зошто не издивнав излегувајќи од утробата? {3:12} Зошто ме прифатија двете колена и двете гради, за да ме надојат? {3:13} Во вечен мир би почивал сега, би спиел, својот покој би го уживал. {3:14} Заедно со цареви и со советниците на земјата, кои си изградија гробници за себеси, {3:15} или со кнезовите, богати со злато, што ги наполнија своите куќи со сребро. {3:16} Не ќе постоев - ќе бев како закопано недоносче, како новороденче што не ја виде светлината. {3:17} Беззакониците не беснеат веќе таму, уморените наоѓаат починка таму. {3:18} Таму ги оставаат на мир заробениците: не го слушаат веќе гласот на стражарот. {3:19} Малиот лежи таму заедно со големиот, робот е слободен од својот господар. {3:20} Зошто да му се подари видело на несреќникот и живот на луѓето со загорчена душа, {3:21} кои ја бараат смртта, а таа не доаѓа и копаат по неа како по богатство? {3:22} Тие ќе се радуваат и ќе воскликнуваат од среќа кога би го нашле својот гроб. {3:23} Зошто му е тоа на човекот, чиј пат е скриен, кого Бог го заградил од сите страни. {3:24} Затоа гледајќи храна, треба да воздивнам, моите крици се разлеваат како вода. {3:25} Се обистини моето стравување, еве, ме снајде она од што се боев. {3:26} Ни покој ни мир нема веќе за мене, во моите маки никогаш немам починка.” {4:1} Тогаш Теманецот Елифаз проговори и рече: {4:2} „Можеш ли да поднесеш да ти проговорам? Но кој може да се воздржи од зборовите! {4:3} Ете, ти поучи многу луѓе, ги закрепна изнемоштените мишки. {4:4} Со своите зборови ги подигаше истоштените, ги закрепнуваше растреперените колена. {4:5} А кога тебе те снајде, се истошти во духот, кога падна на тебе, целиот се збуни! {4:6} Зар твојата доверба не е стравот Божји, и чесноста на твоите патишта твоја надеж? {4:7} Па спомни си: дали пропаднал некогаш невин? Кога беа истребени праведниците? {4:8} Како што сум видел: кој оре несреќа и сее неволја - неа и ќе ја ожнее. {4:9} Тие загинуваат од Божјиот здив, од Неговото гневно дувнување исчезнуваат од земјата. {4:10} Рикањето на лавот, леопардовото виење, се кршат како заби на лавчињата. {4:11} Лавот загинува од немање лов, се распрснуваат младенчињата на лавицата. {4:12} Таен збор ми се објави, моето уво го чу неговиот шепот. {4:13} Ноќе, соништата го опфаќаат духот, и кога длабокиот сон паѓа на луѓето, {4:14} страв и трепет ме совладаа мене, моите коски се стресоа жестоко. {4:15} Некаков здив ми помина преку лицето, се кренаа влакната на моето тело. {4:16} Некој стоеше - не му го познав лицето - но со ликот беше пред моите очи. Насекаде тишина; тогаш чув шепот: {4:17} Зар некој смртник е поправеден од Бога? Зар човекот е почист од својот Создател? {4:18} Не им верува веќе ни на своите слуги и ги обвинува Своите ангели за грешки - {4:19} тогаш колку повеќе: гостите на глинените станови, чија основа е во земниот прав. Ете, ги сотираат нив како молци: {4:20} ги претворуваат во прав од утрото до мракот, исчезнуваат засекогаш - никој и не забележува. {4:21} Зар не ќе помине величието нивно? Тие умираат, но не со мудрост.” {5:1} Ајде повикувај! Зар ќе ти одговори некој? На кој од светците мислиш да му се обрнеш сега? {5:2} Навистина, безумниот го убива неговиот гнев, љубомората ќе го докрајчи сосем лудиот. {5:3} Видов безумник како се вкоренува, но веднаш ја проколнував неговата куќа. {5:4} Неговите синови се далеку од сигурност, незаштитени, ги тормозат во вратите. {5:5} Гладните ја изедуваат нивната жетва, самиот Бог им ја одзеде од устата, а жедните лакомат за нивните имоти. {5:6} Не, нечесноста не излегува сама од земјата, ниту неволјата може да никне сама од почвата, {5:7} туку човекот се раѓа за страдањата, како што орловиот лет се стреми кон висината. {5:8} Но јас ќе Го побарам Бога и пред Него би ја образложил мојата работа. {5:9} Тој создаде силни недоловливи дела, чудеса што не можат да се избројат. {5:10} Тој роси дожд по сето лице на земјата, и испраќа вода да ни ги натопи полињата. {5:11} За да ги издигне високо понижените, за да ги надари со среќа нажалените? {5:12} Редум го руши она што итреците го смислуваат, сè што со раце спроведуваат, Тој им го изјаловува. {5:13} Тој ги фаќа мудрите во нивното лукавство, намислите на сплеткарите, ги претворува во ништо. {5:14} Среде бел ден, запаѓаат во темнина, пипаат на пладне, како среде ноќта. {5:15} Тој го избавува бедниот од нивниот меч, го издига сиромашниот од силничките раце. {5:16} Така му се покажува надежта на бедниот и неправдата треба да ја затвори устата. {5:17} Да, блазе му на човекот кого Бог го изобличува, затоа не презирај го ти карањето на Сèсилниот! {5:18} Тој ранува, но ја преврзува раната, удира, и залечува со Својата рака. {5:19} Ќе те избави од шест неволји, ни во седмата злото нема да те допре. {5:20} Во глад, ќе те спаси од смрт, а во војна, ќе те грабне од остриот меч. {5:21} Ќе го отстрани од тебе бичот на лошиот јазик, без страв ќе бидеш пред грабнувачот. {5:22} Ти ќе им се смееш на сушата и студот, и не ќе се плашиш од дивите ѕверови. {5:23} Ти ќе склучиш сојуз со камењата на нивата, дивите ѕверови ќе бидат во мир со тебе. {5:24} Ќе уживаш мир во својот шатор, кога ќе го посетиш својот дом, ќе стои негибнат. {5:25} Ќе гледаш како се множи твоето колено и како твоето потомство расте како трева. {5:26} Ти ќе легнеш во гробот кога ќе бидеш стар, како што се собира житниот сноп кога ќе дозрее. {5:27} Го набљудуваме сè ова: вистина е жива! Затоа ти послушај сè за твое добро. {6:1} А Јов одговори и рече: {6:2} „О кога би можела да се измери мојата мака, а мојата неволја да се стави на мерилка! {6:3} Тие сега би биле потешки од морскиот песок; и затоа моите зборови се брзоплети. {6:4} Стрелите на Сèсилниот се во моите внатрешности, нивниот бес ми го испива духот, Божјите стравотии удрија против мене. {6:5} Па, рика ли дивото осле покрај свежа трева? Или мука ли волот покрај својата храна? {6:6} Зар се јаде блутава храна без сол? Или има ли сласт во белката на јајцето? {6:7} Ама она од што душата ми се одвраќаше, тоа ми стана одвратно јадење. {6:8} Се надевам дека мојата молба ќе биде послушана, Бог да ми го исполни она за кое што копнеам! {6:9} О, кога Бог би сакал да ме уништи, кога би мавнал со раката да ме сотре! {6:10} Тоа би била вистинска утеха за мене, би можел да воскликнувам во тешки маки, зашто јас нема да ги скријам зборовите на Светиот. {6:11} Зар имам сила уште да чекам? И каков ми е крајот за да живеам подолго? {6:12} Зар е мојата сила како силата на каменот? Зар е моето тело од бакар? {6:13} На што можам да се потпрам во себе? Зар не ми е скратена секоја помош? {6:14} Кој му одбива милост на својот ближен, го презрел стравот од Сèсилниот Бог. {6:15} Браќата ме изневерија како поток, како зимските буици - своето корито, {6:16} од мразот им се накреваат матните води, бујно растат од снегот што почна да се топи; {6:17} но во сушно време скоро пресушуваат, тогаш од жега испаруваат, од коритото. {6:18} Се отстрануваат тие од своите патишта, пристигаат во пустината и се изгубуваат во неа. {6:19} Темските карвани ги бараат со очи, патниците од Шеба се надеваа на нив. {6:20} А кога ќе дојдат до нив, се наоѓаат во чудо, зашто се засрамија во својата надеж. {6:21} Во овој час и вие сте ми такви: Видовте ужас и се исплашивте. {6:22} Дали ви реков: „Подарете ми нешто, дарувајте ми нешто од својот имот; {6:23} избавете ме од непријателска рака, ослободете ме од силниковото ропство?” {6:24} Поучете ме вие и ќе молкнам, покажете ми: во што е мојот престап. {6:25} О колку се силни искрените беседи! Но што имаат во предвид вашите прекори? {6:26} Можеби мислите да ги изобличите зборовите? Па, во ветер оди очајниковиот говор! {6:27} Зар бисте фрлиле жрепка за сирачето и бисте тргувале со својот пријател? {6:28} Погледајте ме сега добро во очите, внимавајте да не ве излажам во лице. {6:29} Проверете дали е неправда! Проверете го зборот, јас сум правичен! {6:30} Зар има неправда на мојот јазик? Зар не ја вкусив секоја несреќа?” {7:1} Не е ли војување човековиот живот на земјата? Не ги поминува ли дните како наемник? {7:2} Како што трудовиот роб копнее по сенка, како надничарот што ја чека платата, {7:3} така ми паднаа мене месеци на јад, и мачни ноќи ми се досудени. {7:4} Мислам лежејќи, постојано: „Кога ќе станам?” А станувајќи: „Кога ќе ја дочекам вечерта?” И така се измачувам сè додека не се смрачи. {7:5} Моето тело е облечено во црви и кал, мојата кожа пука и тлее. {7:6} Моите денови поминаа побрзо од совалката за ткаење, исчезнаа брзо без никаква надеж. {7:7} Спомни си: мојот живот е само лесно ветре, и моите очи не ќе ја видат веќе среќата! {7:8} Пријателското око нема да ме гледа веќе; својот поглед го насочи во мене па се сушам. {7:9} Како што облакот исчезнува и се расплинува, така кој ќе слезе во гробот, веќе не излегува. {7:10} Никогаш веќе не се враќа во својот дом, неговото место веќе не го познава. {7:11} Затоа нема да и бранам на својата уста, ќе зборувам сега во стеснувањето на својот дух, јас ќе плачам во горчливоста на душата. {7:12} Зар сум море или морско чудовиште, па си поставил стража над мене? {7:13} Велам ли: „Ќе се смирам на креветот, леглото ќе ми ги олесни маките,” {7:14} со соништа ме плашиш тогаш, ме ужаснуваш со мачни привиди. {7:15} Каде е среќата па да се задушам! Помила ми е смртта отколку моите коски. {7:16} Јас гинам и не ќе живеам вечно; остави ме, зашто моите дни се здив! {7:17} Што е човекот па Ти толку да го цениш, толку да му прирасна на Твоето срце, {7:18} и да го посетуваш секое утро и да го испитуваш во секој миг? {7:19} Кога ќе го симнеш Својот поглед од мене, и да ме оставиш да ја голтнам плунката? {7:20} Ако згрешив, што ти сторив Тебе, о Ти кој внимателно го набљудуваш човекот? Зошто ме зеде за прицел, па станав терет на себеси. {7:21} Зар не можеш да ми го простиш мојот престап и не можеш да преминеш преку мојата вина? Зашто, малку ќе помине и ќе легнам во прав, утре ќе ме бараш, но нема да ме има.” {8:1} Тогаш проговори Валдад од Шуах и рече: {8:2} „Уште до кога ќе зборуваш така, до кога твојот збор ќе биде како виор? {8:3} Па зар може Бог да ја гази правината, може ли Сèсилниот да ја изопачи правдата? {8:4} Ако твоите деца Му згрешија, затоа ги предаде на нивните беззаконија. {8:5} Но ако го побараш Бога искрено и замолиш ти милост од Сèдржителот; {8:6} ако бидеш чист и непорочен, отсега Тој секогаш ќе бдее над тебе и ќе ја обнови куќата на праведникот. {8:7} Ќе биде мала твојата мината среќа, во однос на идната што ќе те чека. {8:8} Но прашај ги само поранешните поколенија, внимавај на мудроста на нивните татковци. {8:9} Ние сме од вчера и не знаеме ништо, нашите земни денови се како сенки. {8:10} Тие ќе те поучат и ќе ти речат, од своето срце ќе извлечат беседи: {8:11} Зар ќе никне рогозата вон мочуриштето? Зар ќе порасте трската без вода? {8:12} Сета се зелени, но и некосена се исушува пред секоја друга трева. {8:13} Такви се патиштата на секој што го заборава Бога; така пропаѓа надежта на безбожниците; {8:14} тенка е нишката на неговото надевање, а неговата надеж е пајакова куќа. {8:15} Ако се потпре, таа му се ниша, ако се фати за неа, таа му се разурнува. {8:16} Се зеленее тој и целиот расте бујно на сонцето, млади гранчиња му ја покрија целата градина. {8:17} Со своите корења ги испреплетка карпите, и црпи живот од жив камен. {8:18} Но ако некој го откорне од местото, тогаш тоа ќе се одрече од него кажувајќи: никогаш не сум те видел. {8:19} И еве сега како гине на патот, додека друго билје веќе никнува од земјата. {8:20} Не, Бог не ќе ги отфрли непорочните, ниту ќе ги потпре рацете на злосторниците. {8:21} Смевот пак ќе ти ја наполни устата, а од усните ќе одекне воскликнување. {8:22} Срамот ќе ги облече твоите непријатели и шаторот на злочинците ќе исчезне.” {9:1} Јов проговори и рече: {9:2} „Навистина, јас знам дека е така: но како човекот ќе се оправда пред Бога? {9:3} Ако некој сака да се препира со Бога, не ќе му одговори ни на едно од илјада. {9:4} Тој е мудар со срцето, а со силата Сèдржател, и кој би му се спротивил неказнето? {9:5} Тој ги преместува планините, а тие не го знаат тоа, Тој ги превртува во својот гнев. {9:6} Тој ја раздвижува земјата од нејзиното место, од основа ги растресува нејзините столбови. {9:7} Штом ќе му заповеда на сонцето, тоа не се раѓа, Тој ги запечатува и ѕвездите со Својот печат. {9:8} Единствено Тој ги распнува небесата и само Тој оди по морската широчина. {9:9} Ги создаде Мечката, Орионот и Плеадите, и соѕвездијата на јужното небо. {9:10} Тој е Творец на силни, несфатливи дела; на чудеса што не можат да се избројат. {9:11} Поминува покрај мене, а јас не Го гледам, еве Тој заминува - јас не Го забележувам. {9:12} Ако грабне нешто, кој ќе Му го спречи тоа, и кој смее да Го праша: „Што си сторил?” {9:13} Силниот Бог не го повлекува Својот гнев: паѓаат пред Него помошниците на Рахаб (Хаосот). {9:14} Па како тогаш да Му одговорам Нему, кој збор да го изберам против Него? {9:15} И да сум прав, не би Му одговорил, ќе молам милост од својот Судија. {9:16} А ако и одговори на мојот зов, нема да поверувам дека го послушал мојот глас. {9:17} Зашто, Тој ме сотрува за едно влакно, ги умножува моите рани без причина. {9:18} Не ме остава да здивнам ни еден миг, туку ме напојува со секаква горчина! {9:19} Ако е за сила - па Тој е најјак! Ако е за правда - кој ќе го извади Него на суд? {9:20} Да сум и праведен, устата ќе ме осуди, Да сум и невин, ќе ме прогласи за виновен. {9:21} А дали сум невин? Ни самиот не знам веќе, мене ми стана сосем омразен мојот живот! {9:22} Зашто, тоа е сèедно; и затоа јас велам: Тој ги докрајчува невиниот и грешниот. {9:23} И смртниот бич кога би убивал одеднаш, Тој се смее на неволјите на невините. {9:24} Во земјата предадена во рацете на злочинците, Тој ги покрива очите на нејзините судии. Ако не е Тој, тогаш кој е друг? {9:25} Од брзоодецот моите дни се побрзи, бегаат далеку, не гледајќи никаде добро. {9:26} Како рогозови лотки преминуваат брзо, како орел кога се спушта врз пленот. {9:27} Ако речам: ќе го заборавам оплакувањето ќе го разведрам лицето и ќе бидам весел, {9:28} ужас ме опфаќа од моите маки, зашто знам дека Ти не ме сметаш невин. {9:29} Ако сум грешен, тогаш зошто напразно да се измачувам себеси? {9:30} Кога би се измил и со снежна вода, кога би ги очистил своите раце и со пепелница, {9:31} пак ќе ме турнеш во поголема нечистота и моите облеки ќе се гнасат од мене! {9:32} Зашто Тој не е човек, каков што сум јас, за да се правдам и да одам на суд со Него. {9:33} Нема некаков судија меѓу нас, за да ја стави својата рака врз нас двајцата, {9:34} да ја отстрани од мене Неговата прачка, неговиот ужас да не ме плаши веќе! {9:35} Сепак ќе зборувам без секаков страв, зашто јас не сум таков во своите очи. {10:1} Штом на мојата душа животот и се смачи; нека потече слободно мојата тажачка, ќе зборувам со горчината на својата душа. {10:2} Ќе Му речам на Бога: „Не ме осудувај!” Кажи ми зошто се препираш со мене? {10:3} Па што имаш од тоа да ме угнетуваш, да го зафрлиш делото на Своите раце, да им помагаш на намерите на нечесните? {10:4} Дали се во Тебе телесни очи? Зар Ти гледаш како што гледа човекот? {10:5} Зар Твоите денови се како деновите на смртникот, а Твоите години како човечкиот век? {10:6} Заради што ја истражуваш мојата вина, и сакаш да ги разоткриеш моите гревови, {10:7} кога знаеш добро дека сум невин, дека не можам да и избегам на Твојата рака? {10:8} Твоите раце ме обликуваа, ме создадоа совршено, зошто сега пак да ме сосипеш? {10:9} Спомни си, ме создаде како глина и ќе ме вратиш повторно во прав. {10:10} Не ме излеа ли мене како млеко, и направи да се потсирам како сирење? {10:11} Ме облече со кожа и месо, ме сплете со коски и жили. {10:12} Со милост ми го подари животот, внимателно бдееше над мојот здив. {10:13} Но во Своето срце го скри ова, знам дека тоа беше Твој наум: {10:14} да внимаваш будно дали ќе згрешам и да не ми помине гревот без казна. {10:15} Ако сум грешен, тогаш тешко мене, ако сум прав, главата не смеам да ја поткренам - полн со срам, напоен со несреќа! {10:16} Ако се исправам, ме гониш како лав, ја испитуваш Својата сила на мене, {10:17} нови оптужби подигаш против мене, пламнуваш со поголем гнев на мене и војни, едни по други, ме напаѓаат. {10:18} Зошто ме извади од утробата? О зошто не умрев: не ќе ме видеа, {10:19} ќе бев како и да не сум бил, од утробата би ме ставиле в гроб. {10:20} Дните на мојот живот се толку кратки! Остави ме да здивнам уште малку, {10:21} пред да тргнам на пат без враќање, во земјата на темнината, земјата на смртната сенка, {10:22} во земјата на густата темнина и метеж, каде што светлината е слична на најцрната ноќ. „ {11:1} Софар Нааматецот проговори тогаш и рече: {11:2} Зар да не се одговори на многуте зборови? Зар многузборливиот уште и ќе се оправда? {11:3} Зар твоето празно брборење ќе ги замолчи луѓето? Зар подигрувањето ќе остане неисмеано? {11:4} Рече: „Моето учење е непорочно, чист сум во Твоите очи и без дамка.” {11:5} Но ако Бог сакаше да проговори и да ја отвори устата за да ти одговори, {11:6} и да ти ги открие тајните на мудроста што ниеден ум не може да ги сознае, ќе знаеше дека ти бара сметка за гревовите. {11:7} Можеш ли да проникнеш во Божјите длабочини? Можеш ли да го доловиш совршенството на Сèдржителот? {11:8} Повисоко е од небото: уште што да сториш? Подлабоко е од Шеолот: уште што да мудруваш? {11:9} Подолго е од земјата - пошироко е од морето! {11:10} Ако се повлече, ако те гребне, ако те предаде на суд, кој ќе Му брани? {11:11} Зашто Тој ја знае суетата на луѓето, ја гледа нечесноста и нема ли да внимава? {11:12} Но горделивиот човек е лишен од разум, и човекот се раѓа како диво осле. {11:13} Ако ти го исправиш своето срце и ги испружиш своите раце кон Него, {11:14} ако го отфрлиш лошото од рацете и ако не му дадеш простор на злото во својот шатор, {11:15} тогаш ќе можеш да издигнеш чисто чело, ќе бидеш цврст и не ќе се боиш. {11:16} Не ќе си спомнуваш веќе за своите искушенија, како ни за водата што истече. {11:17} Твојот живот ќе блеска појасно од пладнето, темнината ќе се претвори во зора. {11:18} Ќе живееш спокојно во својата надеж и заштитен ќе почиваш во мир. {11:19} Кога ќе легнеш, никој не ќе те заплаши, мнозина ќе ја бараат твојата наклоност. {11:20} А на злосторниците ќе им згаснат очите, не ќе има веќе засолниште за нив: единствената надеж ќе им биде: да издивнат.” {12:1} Јов проговори и рече: {12:2} „Навистина, вие сте само луѓе, мудроста ќе изумре со вас. {12:3} Но и јас знам да мислам како и вас, во ништо не сум полош од вас: кој не знае за такви работи? {12:4} Им станав потсмев на моите пријатели, зашто го повикувам Бога да ми одговори! Јас сум за потсмев: непорочниот праведник! {12:5} Тој кој е близу да се клизне со нозете, е како презрен светилник во мислите на оној кој живее спокојно. {12:6} Дотогаш се во мир шаторите на грабачите, предизвикувачите на Бога живеат безгрижно, зашто Бог ги снабдува со Својата рака! {12:7} Но, прашај ги животните, и ќе те поучат; прашај ги небесните птици, и ќе ти објаснат. {12:8} Земните гуштери ќе ти го протолкуваат тоа, рибите во морето ќе ти раскажат. {12:9} Од создавањето на светот, кој од нив не знае, дека Божјата рака го создаде сè тоа. {12:10} Во неговата рака лежи животот на секое суштество и животворниот здив на секое човечко тело. {12:11} Зар со увото ние не ја распознаваме беседата како што со јазикот го испитуваме вкусот на јадењето? {12:12} Седите коси му донесуваат мудрост на човекот, а со долгиот век му доаѓа умноста. {12:13} Но во Него е мудроста и силата, во Него се советот и сета разумност. {12:14} Што ќе разурне, никој не ќе го изгради, кого ќе го затвори, никој не го ослободува. {12:15} Ако ја задржи водата, постанува суша, ако ја пушти, целата земја ја избуричкува. {12:16} Зашто во Него се силата и сета мудрост, Негови се измамениот и измамникот. {12:17} Тој ги лишува советниците од разум, умните судии ги прави глупави. {12:18} Тој го распашува појасот на царевите и со јаже им го врзува бедрото. {12:19} Тој ги тера првенците боси и ги симнува од власт силниците. {12:20} Тој го одзема зборот од устата на зборливите и од старците вистинското расудување. {12:21} Тој излева презир врз првенците и ги распашува бедрата на јунаците. {12:22} Тој ги открива темнините на длабочините и смртната сенка ја изведува на светлина. {12:23} Тој го издига народот, па го уништува, го умножува, а потоа го искоренува. {12:24} Тој ги залудува владетелите на народите, па лутаат по непроодни пустини {12:25} и пипаат во темнина без светлина, залетнувајќи како пијаници.” {13:1} „Јас го видов сè тоа со своите очи, чув со своите уши и разбрав. {13:2} Сè што знаете вие тоа го знам и јас, во ништо не сум полош од вас. {13:3} Затоа, треба да зборувам со Сèдржителот, да ја изложам својата причина пред Бога. {13:4} Зашто, вие сте вистински ковачи на лагата и вие сте сите напразни лекари! {13:5} Кога бисте знаеле да молчите, ќе ја покажевте својата мудрост! {13:6} Сепак слушајте ги моите докази, чујте ја причината на моите усни. {13:7} Зар заради Бога зборувате лаги и зар заради Него се тие измамливи зборови? {13:8} Зар сакате пристрасно да Го браните Бога? Зар сакате да Му бидете застапници? {13:9} Зар би било добро Тој да ве испита? Зар бисте Го измамиле како човек? {13:10} Тој ќе ве изобличи со претешка казна, заради вашата потајна пристрасност. {13:11} Зар не ве плаши Неговото величество и зар не ве опфаќа ужас од Него? {13:12} Вашите причини се пословици од пепел, вашата одбрана е одбрана од кал. {13:13} Молкнете сега! Оставете ме да зборувам, па после нека ме снајде што му е мило. {13:14} Зар своето тело да го кинам сам со забите? Зар да го упропастувам животот со својата рака? {13:15} Тој може да ме убие: немам друга надеж, туку да ги оправдам своите патишта пред Него. {13:16} И тоа е веќе залог за моето спасение, зашто лицемер не може да стапи пред Него. {13:17} Послушајте ги внимателно моите зборови, нека навлезе беседата во вашите уши. {13:18} Ете: јас приготвив расправа, зашто сум уверен во своето право. {13:19} Кој сака да се суди со мене? Зашто ако молкнам, одма ќе издивнам. {13:20} Само две молби не ми скратувај, да не се кријам од Твоето лице, {13:21} крени ја од мене Твојата тешка рака и не плаши ме со својот ужас. {13:22} Тогаш прашај ме, а јас ќе одговорам; или јас да прашам, Ти да одговараш. {13:23} Колку престапи и гревови направив? Покажи ми ги мојот прекршок и вината. {13:24} Зошто го криеш сега Своето лице од мене и зошто гледаш непријател во мене? {13:25} Зошто го изморуваш со страв листот гонет од ветер и зошто се нафрлаш врз суво сламче? {13:26} О, Ти, Кој ми пишуваш горчливи пресуди и ме теретиш со гревовите на младоста, {13:27} Кој ми ги стави нозете во клада, и Кој бдееше над секој мој чекор и ги испитуваш трагите на моите стапки! {13:28} Животот ми се распаѓа како гнило дрво, како облека што молците ја изедуваат.” {14:1} „Човек кого жена го родила е кусовечен и полн со неволји. {14:2} Како цвет никне и веќе венее, бега како сенка, не застанувајќи. {14:3} Зар ги отвораш очите врз таков и го изведуваш на суд пред Тебе? {14:4} Кој ќе извлече чисто од нечисто? Никој! {14:5} Зашто неговите денови се доброени, од Тебе зависи бројот на неговите месеци, кога му поставуваш непреминлива граница. {14:6} Симни го од него погледот за да може да почине, како наемникот што го довршува својот ден. {14:7} Па ни на дрвото не му пропадна сета надеж, пресечено, тоа пак раззеленува и нови младици никнуваат од него. {14:8} Ако неговиот корен и остарее во земјата, ако неговата пенушка се исуши во прав, {14:9} штом ќе почувствува вода, тоа ќе распапи и ќе пушти гранки како ново стебло. {14:10} Но кога човекот умре, останува покосен, кога смртникот издивне, каде е тој тогаш? {14:11} Сета вода од морето може да испари, и да секнат реките, да пресушат сосем, {14:12} но човекот кога ќе легне, не станува веќе, додека се небесата, не ќе се крене. {14:13} О, кога би сакал да ме скриеш во Шеолот, да ме засолниш додека не Ти помине гневот, да ми определиш рок, кога ќе си спомниш за мене! {14:14} Зашто, кога човекот умре, зар може да оживее? Би те чекал во сите денови на своето војување, додека не дојдеш да ми дадеш смена. {14:15} Би ме повикал, а јас би се одѕвал; имаш желба за делото на Своите раце. {14:16} А сега дебнеш над секој мој чекор, не сакаш да ми простиш ниеден грев, {14:17} го запечати мојот престап во вреќа и ја криеш сета моја вина. {14:18} Навистина! Како што еднаш се урна планината, како што стената се одмести од своето место, {14:19} како што водата со време, го рони каменот, а поројниот дожд со буица ја испира сета земја, така ја уништуваш надежта во човекот. {14:20} Го притеснуваш - тој си оди засекогаш со изменето лице, го испраќаш. {14:21} Му ги почитуваат децата - за тоа ништо не знае; ако се презрени не размислува за тоа. {14:22} Тој единствено страда заради своето тело, тој единствено тагува заради својот живот.” {15:1} Тогаш Елифаз Теманецот проговори и рече: {15:2} Зар на празни мисли одговара мудрецот и го полни мевот со источен ветер? {15:3} Зар тој се брани со празни зборови, со беседи што за ништо не користат? {15:4} Ти правиш уште повеќе: го уништуваш стравот од Бога, и ги укинуваш молитвите кон Бога. {15:5} Твоите зборови ја откриваат твојата вина, се послужи со лукав јазик, {15:6} сопствената уста те осудува, не јас, твоите усни сведочат сами против тебе. {15:7} Зар си првиот човек кој се родил? Зар дојде на светот пред ридовите? {15:8} Зар ти ги прислушкуваше Божјите тајни, и ја присвои за себе целата мудрост? {15:9} Што знаеш ти, а да не знаеме и ние, што разбираш ти, а да не го сфаќаме тоа? {15:10} Има меѓу нас и седи и стари, што имаат повеќе години од татка ти. {15:11} Зар се премали за тебе Божјите утехи и благите зборови упатени до тебе? {15:12} Зошто твоето срце така слепо те гони и зошто така диво превртуваш со очите? {15:13} Штом против Бога својот дух го свртуваш, одма од устата ти излегуваат такви зборови! {15:14} Што е човекот за да може да биде чист? Зар некој роден од жена е праведен? {15:15} Ете, Тој не се доверува ни на светците, за Неговото око ни небесата не се чисти, {15:16} а камоли тоа гадно и бунтовно суштество, човекот, кој пие неправда, како вода! {15:17} Сега, послушај ме мене, сакам да те поучам, сè што сум видел, сакам да ти раскажам, {15:18} она што мудреците кажуваа, не криејќи го она, што го примија од предците, {15:19} на кои им беше дадена оваа земја, врз која туѓинец никогаш не стапнал. {15:20} „Нечесниот се измачува во сиот свој век, на насилникот годините му се веќе доброени. {15:21} Крик на ужасот постојано му се во ушите, додека мирува, врз него напаѓа истребител. {15:22} Не се надева дека ќе им избега на темнините и знае добро дека му е наменет на мечот. {15:23} Тој скита наоколу за леб, велејќи, каде е? тој знае дека му наближува денот на темнината. {15:24} Немир и неволја го заплашуваат, се нафрлаат врз него, како цар приготвен за бој. {15:25} Тој подигаше рака против Бога, се осмелуваше да Му се противи на Сèсилниот! {15:26} Со горделиво чело се спушти кон Него, добро засолнет зад дебел штит. {15:27} Лицето му беше покриено со маст, и го направи да е здебелен својот крст. {15:28} Се насели во разурнати градови и се настани во напуштени куќи. Ќе се урне она што создаде за себе. {15:29} Нема да му цвета богатството, туку ќе се растури, неговата сенка нема да се шири по земјата. {15:30} Тој веќе нема да и избегне на темнината, оган ќе ги спржи неговите младици, ќе го снема во здивот на пламена уста. {15:31} Нека не се надева на својата суета, зашто празнота ќе му биде сета награда. {15:32} Пред време ќе овенат неговите младици, неговите гранки никогаш нема да се раззеленат. {15:33} Како лозницата ќе го стресува својот незрел грозд, како маслинката ќе ги исфрли цветовите. {15:34} Да, јалово е безбожничкото колено, и огнот го голта шаторот на поткупливите. {15:35} Кои зачнуваат зло, раѓаат несреќа и носат измама во својата утроба.” {16:1} Тогаш Јов проговори и рече: {16:2} „Колку се наслушав такви беседи, сите вие сте ми мачни тешители! {16:3} Има ли крај на тие празни зборови? Што те осмелува да ми одговараш така? {16:4} И јас би можел да зборувам како вас, да беше вашата душа на место на мојата; и јас би можел да ве затрупам со зборови и да мрднам со главата така над вашата судбина; {16:5} и јас би можел да ве охрабрувам со устата, и не би го жалел трудот на своите усни. {16:6} Но, ако говорам, страдањето не се ублажува, ако ли замолчам, зар ќе ме одмине? {16:7} Сега злопакоста ме умори сосем, цела толпа се нафрли врз мене. {16:8} Стана да сведочи против мене и во моето лице фрла клевети. {16:9} Со својот гнев ме распарчува и гони, чкртајќи со забите се нафрла врз мене. Моите противници ме сечат со очите, {16:10} заканувајќи се, ја отвораат устата против мене, ме удираат срамно по образите, тогаш сите, се нафрлуваат на мене. {16:11} Да, Бог ме предаде на неправедните, Тој ме фрли во рацете на опаките. {16:12} Живеев мирно додека Тој не ме растресе, ме фати за вратот, за да ме скрши, ме зеде за Своја цел. {16:13} Неговите стрели ме окружија, немилосрдно ми ги прободе бубрезите и со мојата жолчка ја натопи земјата. {16:14} Отвора рана до рана на моето тело, како бесен војник напаѓа на мене. {16:15} Го сошив голото тело во вреќиште, го нурнав своето чело во правта. {16:16} Ми се запали целото лице од солзи, темна сенка падна преку моите веѓи. {16:17} А нема насилство во моите раце, мојата молитва секогаш беше чиста. {16:18} О земјо, немој да ја криеш мојата крв, и не оставај никаде да почине мојот крик. {16:19} Отсега јас имам сведок на небото, мојот Бранител стои горе во висините. {16:20} Моите пријатели ме презираат, додека моите солзи се леат пред Бога. {16:21} О да ме одбрани во мојот спор со Бога како што смртникот го брани својот ближен! {16:22} Но, на мојот живот му се доброени годините, ќе тргнам на пат без враќање.” {17:1} „Здивот ми исчезнува, моите денови гаснат, ми останаа уште гробиштата. {17:2} Еве, потсмевачите ме грабнаа, од навреди не можам да затворам око. {17:3} Затоа заштити ме и биди ми сигурност, кога никој друг нејќе да ми удри во дланката. {17:4} Зашто, ги лиши од разумот нивните срца и не ќе им дозволиш да се издигнат. {17:5} Како тој што имотот им го дели на другарите, така гаснат очите на неговите деца. {17:6} На сите народи им станав за потсмев, оној - кому секој може да му плукне во лицето. {17:7} Од тага видот ми се помрачува во очите, моите делови на телото стануваат како сенка. {17:8} Заради тоа праведниците ќе се зачудат, чесните ќе избувнат против безбожниците; {17:9} непорочните ќе истраат во својот пат, човекот со чисти раце ќе зајакне уште повеќе. {17:10} Ајде, сите вие, нема ли да почнете пак, па меѓу вас не наоѓам мудар! {17:11} Дните поминаа, замислите пропаднаа, желбите на моето срце се изјаловија. {17:12} „Во најцрната ноќ, денот наближува; веќе е близу светлината до темнината.” {17:13} А мене ми е надеж да отидам во гробот и да си постелам легло во темнина. {17:14} Извикав кон распадливоста: „Ти си мој татко!” и кон црвите: „Вие сте ми мајка и сестра!” {17:15} Ама каде има уште надеж за мене? Кој ќе ја види мојата среќа некогаш? {17:16} Таа ќе слезе со мене во гробот, да се одмориме заедно во правот.” {18:1} Тогаш Валдад од Шуах проговори и рече: {18:2} Кога мислиш да ги зауздаш своите беседи? Вразуми се, сега, да разговараме! {18:3} Зошто нè сметаш за неразумен добиток? Зар сме животни во твоите очи? {18:4} О ти, што се раскинуваш себеси од гнев, сакаш ли да опустее земјата заради тебе, да се изместат карпите од своето место? {18:5} Светлината на опакиот ќе угасне, и не ќе му свети пламен во огништето, {18:6} ќе потемнее светлината во неговиот шатор и над него ќе згасне светилката. {18:7} Неговите крепки чекори стануваат ограничени, тој се сопнува врз сопствените намери. {18:8} Зашто неговите нозе го водат во стапица, и еве го како чекори веќе по мрежата. {18:9} Тенка стапица му ја фати ногата, и ете, јажињата го стегнуваат цврсто. {18:10} Го дебне јамка скриена на земјата, стапица го чека по патот по кој оди. {18:11} Стравови го напаѓаат отсекаде, и го прогонуваат по стапките. {18:12} Гладот ја проголта сета негова сила, несреќата е секогаш до неговата слабина. {18:13} Кобна болест му ја разјадува кожата, првенецот на смртта му ги нагризува деловите на телото. {18:14} Го извлекуваат од неговиот шатор, да го одведат при владетелот на ужасите. {18:15} Туѓинец се насели во неговиот стан, потуруваат оган врз неговиот дом. {18:16} Одоздола се сушат неговите корења, а одозгора му се сушат сите гранки редум. {18:17} Неговиот спомен ќе се сотре на земјата, неговото име се брише од лицето на земјата. {18:18} Го тераат од светлина во темнина, сакаат да го изгонат од земниот круг. {18:19} Во неговиот род ќе нема ни син ни внук, ниту преживеани во неговото живеалиште. {18:20} Потомците ќе се ужасуваат од неговиот ден и трепет ќе ги опфати современиците. {18:21} Ете, таква судбина го снаоѓа беззаконикот и домот на оној, кој не Го познава Бога.” {19:1} Јов проговори и рече: {19:2} „Па, до кога ќе ја измачувате мојата душа, до кога ќе ме сотирате со зборови? {19:3} Веќе десетпати ме укоривте, и не ви е срам дека ме измачувате. {19:4} Па ако навистина застранив, мојата заблуда останува со мене. {19:5} Мислите ли дека ме победивте и дека ја докажавте мојата вина? {19:6} Знајте: Бог ме притисна мене и Тој ме стегна со својата мрежа. {19:7} Викам: „Насилство!” - нема одговор молам покорно - ама нема правда за мене. {19:8} Ми го загради патот од сите страни, ги завитка во темнина сите мои патеки. {19:9} Ја соблече од мене мојата слава, го симна венецот од мојата глава. {19:10} Ме потсечува одсекаде и исчезнувам; ми ја откорна надежта, како дрво. {19:11} Неговиот гнев се распали против мене, и ме смета за Свој непријател. {19:12} Неговите чети пристигаат во боен ред, насипуваат патишта против мене, го опколуваат мојот шатор отсекаде. {19:13} Браќата се оддалечија од мене, моите познати се оттуѓија. {19:14} Ги снема моите ближни и познати, ме заборавија гостите на мојот дом. {19:15} На своите слугинки им сум како странец, непознат сум во нивните очи. {19:16} Го повикувам слугата, а тој не одговара, треба да го заколнувам за милост. {19:17} Моите воздишки станаа одвратни на мојата жена, гнасен сум им на децата на сопствената утроба. {19:18} И на малите деца им служам за презир, ако станам, ми се криват. {19:19} Им станав омразен на најблиските пријатели, против мене се оние кои ги љубев. {19:20} Коските ми се прилепени за кожата и телото, и ми остана само кожа околу забите. {19:21} Смилувајте ми се, пријатели мои, зашто Божјата рака ме удри. {19:22} Зошто ме гоните како Самиот Бог, зар не се наситивте со моето тело? {19:23} О кога би биле запишани моите зборови и кога би биле нацртани во книга; {19:24} да можат да бидат издлабени, со железно длето и олово, во карпа, за вечен спомен. {19:25} Јас знам добро: мојот Избавител живее и Тој во последно време ќе застане над земјата. {19:26} А кога мојата кожа се раскине, тогаш знам, во своето тело ќе го видам Бога. {19:27} Јас ќе го гледам Него како свој, моите очи ќе го гледат, а не некој друг: моето срце во градите, копнее по Него. {19:28} Кога ќе речете: „Како ќе го гониме? Која причина ќе ја најдеме кога коренот се наоѓа во него?” {19:29} Бојте се тогаш од меч мечот е казна за грев. Тогаш ќе сознаете дека има суд!” {20:1} Тогаш Софар Нааматецот проговори и рече: {20:2} „Мислите ме тераат да ти одговорам, и затоа во мене врие тоа возбудување, {20:3} додека ги слушам укорите што ме срамат, но мојот дух на разумот веќе ќе најде умен одговор. {20:4} Зар тебе не ти е познато од старо време, од кога е поставен човекот на земјата, {20:5} дека е кратковремена радоста на нечесниот, дека среќата на безбожникот поминува како миг? {20:6} Макар со растот да порасте и до небото, а неговата глава да допре до облаците, {20:7} тој исчезнува засекогаш како призрак. Кои го видоа велат: „Каде е сега тој?” {20:8} Тој се расплинува како сон без трага, исчезнува како ноќен привид. {20:9} Ниедно око нема веќе да го гледа, ниту неговото место ќе го види. {20:10} Бедните ќе ги гонат неговите деца: со своите раце ќе си го вратат имотот. {20:11} Неговите коски беа бујни со младост, ете, тие лежат во правот. {20:12} Злото и беше слатко на неговата уста, па го криеше под својот јазик; {20:13} се насладуваше внимавајќи да не го голтне, и го задржуваше под своето непце. {20:14} Но таа храна му гние во утробата, змиски отров станува во цревата. {20:15} Проголтаното богатство треба да го изблува. Бог ќе го истера од неговата утроба. {20:16} Цицаше отров од змиска глава: сега умира од јазикот на отровницата. {20:17} Тој веќе нема да гледа потоци со масло, ниту ќе види како мед и млеко течат по реката. {20:18} Ќе ја врати печалбата, без да вкуси од неа, нема да ужива во плодот на трговијата. {20:19} Зашто сиромаштијата ја тапчеше и ја угнетуваше, одземаше куќи што не ги изградил, {20:20} зашто немаше крај на неговото лакомство, неговите богатства нема да го избават. {20:21} Зашто неговата ненаситност не поштедуваше ништо, ни неговата среќа не ќе трае долго. {20:22} Среде изобилството ќе се најде во тешка состојба, бедата ќе се нафрли врз него со сета сила. {20:23} И додека го полни со храна својот желудник, Бог ќе ја пушти на него јароста на Својот гнев, ќе истури дожд врз него додека сè уште јаде. {20:24} Ако и му избега на железното оружје, бронзен лак ќе го прониже со стрела. {20:25} Ќе ја извлечеше стрелата, но таа му ги проби плеќите, а блескавиот врв стрчи од неговата жолчка, каде и да тргне, го дебнат трепети, {20:26} Сите темнини го чекаат молкум него. Го уништува оган, незапален од некого, и голта сè под неговиот шатор. {20:27} Ете, небото го открива неговото беззаконие и сета земја се крева против него. {20:28} Богатството на домот ќе му исчезне, ќе го расфрлат во денот на Божјиот гнев. {20:29} Бог им приготвува таква судбина на злосторниците и Тој му досудува такво наследство.” {21:1} Јов проговори и рече: {21:2} Слушајте, слушајте добро што ќе ви речам, доделете ми барем таква утеха; {21:3} истрпете јас да речам еден збор, кога ќе завршам, тогаш потсмевајте се слободно. {21:4} Зар мојот збор е кон човек? Како тогаш да не бидам малодушен? {21:5} Погледнете на мене: ужас ќе ве опфати, со раката ќе ја засолнете својата уста; {21:6} штом наумам за тоа, се исплашувам и самиот, и трпки го обземаат сето мое тело. {21:7} Зошто нечесните остануваат во живот и колку се постари, толку посилни стануваат? {21:8} Нивните деца напредуваат со нив, а нивните внуци се множат пред нивните очи. {21:9} Никаков страв не ги мори нивните куќи и Божјата прачка ги остава на мир. {21:10} Нивните бикови оплодуваат, не напразно, нивните крави се отелуваат и не пометнуваат. {21:11} Нивните деца скокаат слободно како јагниња, нивните синови играат весело. {21:12} Тие пеат покрај музиката на харфа и тапани и се веселат покрај звуците на свирката. {21:13} Ги завршуваат своите денови во среќа тие слегуваат спокојно во Подземјето. {21:14} А Му зборуваа на Бога: „Остави нè,” не сакаме да знаеме за Твоите патишта! {21:15} Па кој е Сèдржителот, да Му служиме и каква ни е ползата да Го призовуваме?” {21:16} Зар не ја имаа својата среќа во раката, иако тие не држеа до Него? {21:17} Зар некогаш се угаснал светилникот на опакиот? Зар несреќа се нафрлила врз него? Зар тој му ја скрои судбината во Својот гнев? {21:18} Зар стана како слама на ветер, како плева што виорот ја разнесува насекаде? {21:19} Дали Бог ќе го казни во неговите деца? Не, нека го казни него, самиот да го почувствува тоа! {21:20} Со сопствените очи нека ја види својата гибел, нека се напие од гневот на Сèсилниот! {21:21} Зашто, по смртта, што му е нему грижа за неговиот дом, кога ќе се пресече низата на неговите месеци. {21:22} Ама кој ќе Го научи Бога на мудрост, Него, Кој ги суди највисоките суштества? {21:23} Еден умира во полна благосостојба, без никакви грижи, во потполн мир, {21:24} со слабини здебелени од мрсно и со коски преполни со мозок. {21:25} А други умираат со горчина во душата, не вкусувајќи никогаш никакво добро. {21:26} Обајцата лежат заедно во прав, и црвите ги покриваат. {21:27} О, знам добро какви се вашите намери, какви зла замислувате вие против мене. {21:28} Зошто прашувате: „Каде е куќата на кнезот, шаторот - во кој живееја беззакониците?” {21:29} Не ги прашавте ли патниците на патот, зар нивното сведоштво не го примате: {21:30} „дека нечесниот е поштеден во денот на гибелта, а во денот на Божјиот гнев ќе биде одведен на страна.” {21:31} Но кој ќе му префрли на неговите постапки и кој ќе му врати за она што сторил? {21:32} А кога на крај ќе го однесат на гробишта, поставуваат стража на неговата гробница. {21:33} Лесни му се грутките на земјата во долината, додека целото население оди по него, а на оние кои одат пред него им нема број. {21:34} О како се празни вашите утехи, каква измама се вашите одговори!” {22:1} Тогаш Теманецот Елифаз проговори и рече: {22:2} „Зар човек може да Му биде полезен на Бога? Па кој е мудар, може да биде полезен на себеси. {22:3} Зар е милост за Семоќниот ако си праведен, и зар има полза ако си непорочен? {22:4} Или те кара заради твојата побожност и затоа сака да се суди со тебе? {22:5} Не е ли тоа заради твојата преголема злоба и заради беззаконијата, на кои не им има број? {22:6} Земаше залози од браќата за ништо, соблекуваше облеки од голи луѓе. {22:7} Ти не го напои со вода жедниот, им го скратуваше лебот на гладните; {22:8} на силниот човек ти му даваше земја, и угледниот се насели на неа. {22:9} Ти ги пушташе вдовиците без ништо а сирачињата ги оставаше со празни раце. {22:10} Ете, зашто те обиколуваат сега стапиците, зашто те измачуваат ненадејни стравови. {22:11} Светлината ти стана мрак, и ништо не гледаш, длабоки води те потопија тебе. {22:12} Зар Бог не е во небесната висина и зар Тој не им го гледа темето на ѕвездите? {22:13} Но ти велиш: „Што може Бог да знае? Зар може да суди низ темен облак? {22:14} Облаците го засолнуваат неговиот поглед, и Тој оди по сводот на небесниот круг.” {22:15} Имаш ли намера да се држиш до стариот пат, по кој одеа неправедните луѓе? {22:16} Тие исчезнаа пред време, пороите им ги однесоа основите. {22:17} Му зборуваа на Бога: „Остави нè нас! што може Сèдржителот да ни стори?” {22:18} А Тој им го полнеше домот со блага, но советот на нечесните да биде далеку од мене. {22:19} Праведниците гледаат и се радуваат непорочните им се потсмевнуваат: {22:20} „Ете, пропаднаа нашите противници, она што остана од нив, огнот им го проголта!” {22:21} Спријатели се ти и смири се со Бога, и пак ќе ти биде вратено доброто. {22:22} Впрочем, прифати го законот од Неговата уста, посади го Неговото слово во своето срце. {22:23} Ако се вратиш покаен кон Семоќниот, ќе бидеш утврден наново; и ако ја отстраниш неправдата од својот шатор. {22:24} Тогаш ќе го отфрлиш златото во прав и офирското злато меѓу поточните камчиња. {22:25} Семоќниот ќе стане твое чисто злато, Тој ќе биде светливо сребро за тебе. {22:26} Да, Сèдржителот ќе биде твоја радост, и ќе го издигаш лицето кон Бога. {22:27} Ќе Му се молиш, и ќе те послуша, ќе ги исполниш своите ветувања. {22:28} Што и да преземеш, сè ќе ти успее, и светлина ќе ги осветлува твоите патишта. {22:29} Зашто, Тој ја понижува гордоста на гордите, додека им притекнува на помош на оние, што имаа смирени очи. {22:30} Тој го избавува невиниот од неволја, и тебе ќе те спаси чистотата на твоите раце.” {23:1} Јов проговори и рече: {23:2} „Уште и сега е горчливо моето слово: моите страдања се потешки од моите воздишки. {23:3} О, кога би знаел како да Го најдам, како да стигнам до Неговиот престол, {23:4} пред Него би го изложил своето дело, од мојата уста би излегле доказите. {23:5} Би сакал да знам што би ми одговорил и да го разберам словото што би ми го рекол! {23:6} Зар Му треба голема сила за препирката? Не, достатно би било Тој да ме сослуша. {23:7} Би видел праведен во противникот, и тогаш би се ослободил засекогаш од Судијата. {23:8} Ако тргнам кон исток, не можам да Го најдам; ако тргнам кон запад, не Го согледувам. {23:9} Барам на север, но не Го забележувам; невидлив е ако се завртам на југ. {23:10} Па сепак, Тој добро го знае патот по кој чекорам! Нека ме испита: ќе излезам чист како злато! {23:11} Мојата нога се држеше до Неговите стапки, одев по Неговиот пат не застранувајќи. {23:12} Не отстапувајте од заповедите на Неговите усни, ги чував словата на Неговата уста повеќе отколку секојдневната храна. {23:13} Но ако посака нешто, кој ќе Го одврати? Што и да посака со душата, тоа ќе го исполни. {23:14} Ќе го изврши тоа што ми го определи мене, како и сè друго што одлучил! {23:15} Заради тоа, јас сум исплашен пред Него, и колку повеќе мислам, стравот ме фаќа посилно. {23:16} Бог ми го раслаби срцето, Сèдржителот ме исплаши, {23:17} иако не пропаднав ни во темнините, ниту во мракот што моето лице го покри.” {24:1} „Зошто времињата не се скриени од Семоќниот, а верниците не ги видуваат Неговите денови? {24:2} Безбожниците ги преместуваат меѓите, ограбуваат стадо и го пасат. {24:3} Им го одведуваат ослето на сирачето, го земаат во залог волот на вдовицата. {24:4} Ги тераат бедните од патот; се кријат бедните на земјата. {24:5} Како диви ослици во пустината рано одат да заграбат плен: пустината им ги храни децата. {24:6} Тие собираат во туѓа нива, го берат лозјето на опакиот. {24:7} Голите немаат облека ноќе, ни покривка против студот. {24:8} Тие киснат од планинските поројни дождови; без засолниште, се долепуваат до карпата. {24:9} Го оттгргнуваат сиракот од градата, земаат во залог дете од бедниот. {24:10} Одат голи, немаат облека; изгладнети, носат туѓи снопови. {24:11} Кои цедат масло меѓу ѕидовите; жедни, газат во каците. {24:12} Луѓето на умирање офкаат низ градовите, и душите на ранетите викаат за помош, но Бог се оглушува на сè тоа. {24:13} Има такви, кои ја мразат светлината: не ги признаваат нејзините патишта, ниту се придржуваат до нејзините патеки. {24:14} Убиецот се крева во мракот, ги коле бедниот и сиромашниот. {24:15} Окото на прељубникот копнее за примрак: „Никој нема да ме види,” вели тој и го прекрива своето лице со превез. {24:16} Во темнината ги пробива куќите, оние куќи, кои ги забележал дење. Тие не сакаат да знаат за светлина. {24:17} Зората им е како смртна сенка: штом зазори силен страв ги фаќа. {24:18} Тој е побрз од водите, избегнувајќи го патот преку лозјата, неговите имоти се проколнати во земјата. {24:19} Како што горештината и жегата го впиваат снегот, така и Подземјето ги проголтува грешниците. {24:20} Крилото што го роди го заборави, неговото име не се спомнува веќе; неправдата е скршена како стебло. {24:21} Тој измачуваше жена неротка, не и стори добро на вдовицата. {24:22} Но оној што силно ги фаќа насилниците, станува, а за нив гасне сета надеж. {24:23} Му даде сигурност, и тој се надева; со окото ги надгледуваше неговите патеки. {24:24} Се воздигнаа за малку, а тогаш исчезнаа, се рушат и изгниваат како сите други, пресечени како главите на класовите. {24:25} Не е ли така? Кој ќе ме изобличи во лага? Кој може да ги поништи моите зборови. {25:1} Тогаш Валдад од Шуах проговори и рече: {25:2} „Господството и стравот се во Неговата рака и Тој создава мир во Своите висини. {25:3} Зар можат да бидат изброени Неговите чети и врз кого не изгрева Неговата светлина? {25:4} Па како може човек да биде праведен пред Бога, и родениот од жена, како може да биде чист? {25:5} Ете, и месечината ја губи својата светлина пред Него, за Неговите очи ѕвездите не се чисти. {25:6} Што да се рече тогаш за човекот, за тој црвец, за човечкиот син - бедно црвче?” {26:1} Јов проговори и рече: {26:2} „Колку добро знаеш да му помогнеш на немоќниот и да ја потпреш изнемоштената мишка! {26:3} Колку добар совет му даваш на неукиот; навистина покажа преголема мудрост. {26:4} Кому му ги упати овие зборови и кој дух зборуваше од тебе?” {26:5} Мртвите пред Бога, треперат долу под земјата, морските води се тресат и нивните чудовишта. {26:6} Пред Неговото око Шеолот зее откриен, и бездната на смртта нема превез на себе. {26:7} Тој го оптегнува Северот врз празнината, Тој ја држи земјата, необесена на ништо. {26:8} Тој ја затворува водата во Своите облаци, но облаците не се скинуваат под неа. {26:9} Тој го покрива полното лице на месечината, простирајќи го Својот облак врз него. {26:10} Тој и постави меѓи на водата, каде прекратува светлината и темнините почнуваат. {26:11} На небесниот свод се потресуваат столбовите и премираат од страв, кога Тој се заканува. {26:12} Тој го скроти морето со Својата сила и го сотре со мудрост чудовиштето Рахав. {26:13} Со својот Дух ги украси небесата, а Неговата рака ја прободе брзата змија. {26:14} Сè тоа е само дел од Неговите дела, од кои ние за Него слушаме слабо. Но кој може да го сфати громот на Неговата сила?” {27:1} Јов ја продолжи својата беседа и рече: {27:2} „Жив е Бог, Кој ми ја скратува правдата, и Сèдржителот, Кој ми ја огорчи душата. {27:3} Сè додека мојот дух е уште во мене, додека Божјиот здив биде во моите носалки, {27:4} Моите усни нема да изустат зло, ниту некаква лага ќе дојде на мојот јазик. {27:5} Далеку од мене да ве оправдам, својата невиност ќе ја бранам до последниот здив. {27:6} Јас се држам за својата правда, нема да ја оставам; моето срце нема да ме кори заради моите денови. {27:7} Нека го најде мојот непријател кобта на безбожникот, а мојот противник - судбината на беззаконикот! {27:8} Зашто на што може да се надева кога се моли покорно и кога ја вознесува својата душа кон Бога? {27:9} Ќе ги чуе ли Бог неговите крици, кога неволјата ќе се нафрли врз него? {27:10} Зар ќе се радува тој во Сèдржителот? Зар ќе го повикува Бога во секое време? {27:11} Но јас ќе ви ја покажам Божјата рака и нема да ви ги скријам намерите на Сèдржителот. {27:12} Ете, сами можевте да го видите сè тоа, зошто тогаш се губите во празнина?” {27:13} Оваа судбина Господ ја одредува на беззаконикот, ова наследува силникот од Сèдржителот. {27:14} Има ли многу синови, меч ги чека, а неговиот пород не ќе има доста леб. {27:15} Смртта ќе ги погребе неговите преживеани, и вдовиците не ќе ги оплачуваат. {27:16} Ако натрупа и сребро како прав, ако насобере и облеки како кал, {27:17} нека ги собира, праведник ќе ги облече, невини луѓе ќе го разделат среброто. {27:18} Изградил куќа од пајажина, колипче какво прави за себеси полјакот. {27:19} Легна богат, но за последен пат; кога ги отвори очите, ништо веќе нема. {27:20} Ужас го опфаќа среде бел ден, ноќе, бура го грабна и го однесе. {27:21} Источниот ветер го крена и го одвлече, бурата го фрла далеку од неговото место. {27:22} Без милост мавта со него насекаде, додека овој се обидува да му избега од раката. {27:23} Плескаат со раце над неговата пропаст, го исвиркуваат каде и да дојде. {28:1} Да, среброто има свое наоѓалиште, а златото место каде се прочистува. {28:2} Железната руда се вади од земјата, а од камена рудница се топи бакар. {28:3} Луѓето и поставуваат граница на темнината и копаат до најголемите длабочини, по камен закопан во мрак. {28:4} Далеку во туѓина длаби ровови, до кои не допира човечката нога, виси, нишајќи се, далеку од луѓето. {28:5} Крилото на земјата, од кое ни никнува лебот, сето е раскопано како од оган. {28:6} Нејзините карпи се сокровиште на сафир, златен прав се крие во нив. {28:7} Грабливите птици не ги знаат тие патишта, соколовото око не ги забележува. {28:8} Дивите ѕверови не стапнаа на нив, ниту пак некогаш лавот помина по нив. {28:9} Но човек крева рака против каменот, и ги превртува планините од корен. {28:10} Засечува премини низ камен, неговото око забележува сè скапоцено. {28:11} Тој го запира текот на водните жили; засолнати работи изнесува на видело. {28:12} Но, од каде ни доаѓа Мудроста? Во кое место престојува Разумот? {28:13} Човекот не знае нејзиниот цена, не ја открија во земјата на живите. {28:14} Бездната зборува: „Ја нема во мене!” А морето: „Не се наоѓа кај мене!” {28:15} Не може да биде купена со чисто злато, ниту да се измери со сребро нејзината цена. {28:16} Не се мери таа со офирско злато, ни со скапиот оникс па ни со сафир. {28:17} Не се споредува со злато, со кристал, ниту се дава за сад од чисто злато. {28:18} Зошто да се спомнува кристалот, коралот, подобро е да стекне Мудрост отколку бисери. {28:19} Што е спрема неа етиопскиот топаз, не се преценува ни со чисто злато. {28:20} Но, од каде ни доаѓа Мудроста? Во кое место престојува Разумот? {28:21} Скриена е за очите на сите живи, таа им избегнува на небесните птици. {28:22} Пеколната пропаст и смртта изјавуваат: „Ние само чувме за нејзината слава.” {28:23} Единствено Господ го разбира нејзиниот пат, единствено Тој знае каде се наоѓа. {28:24} Зашто со поглед ги опфаќа границите на земјата и забележува сè под небесниот свод. {28:25} Кога сакаше да му одреди тежина на ветерот и со мерилка да ја измери сета вода, {28:26} кога му наметна закони на дождот и патишта на громовните облаци, {28:27} тогаш ја виде и ја измери, ја зацврсти и ја испита до дното. {28:28} А потоа му рече на човекот: „Стравот од Господа - ете што е мудрост, „Отстранувај се од злото” - тоа ти е разумност.” {29:1} Јов ја продолжи својата беседа и рече: {29:2} „О да можам да ги проживеам минатите месеци, оние денови кога Бог бдееше над мене. {29:3} Кога Неговиот светилник светеше над мојата глава, а Неговата светлина ме водеше низ темнината, {29:4} како во годините на мојата зрелост, кога Божјата добрина беше над мојот дом. {29:5} Кога Сèдржителот уште беше со мене и моите деца ме опкружуваа, {29:6} кога моите нозе ги миев во млеко, а мојот камен излеваше потоци масло! {29:7} Кога излегував над градската врата и ја поставував својата столица на раскрсницата, {29:8} откако ќе ме видеа, младите се криеја; старците откако ќе станеа, стоеја, {29:9} првенците го прекратуваа разговорот и ја ставаа раката на својата уста. {29:10} Гласот на началниците стивнуваше сосем, јазикот им се залепуваше за непцето. {29:11} Секој што ме слушаше, ме наречуваше блажен, ме фалеше окото, што ќе ме видеше. {29:12} Зашто, го избавував бедниот кога викаше и сиракот оставен без помош. {29:13} Благословот на изгубените беше врз мене, јас му ја враќав веселбата на срцето на вдовицата. {29:14} Се облекував во правдата како со облека, беспристрасноста ми беше наметка и венец. {29:15} Бев очи на слепиот и бев нозе на хромиот. {29:16} Татко на бедните, застапник на странците. {29:17} Го разгледував внимателно делото на непознатиот, му ги кршев челустите на беззаконикот, го истргував пленот од неговите заби. {29:18} Велев: „Ќе издивнам во своето гнездо, како палма, проживувајќи безбројни денови.” {29:19} Моите корења се простираат до водата, росата почива на моите гранки. {29:20} Мојата слава ќе се подмладува секогаш, и лакот ќе се обновува во мојата рака. {29:21} Слушаа желно што ќе им кажам, и молчеа за да чујат совет од мене. {29:22} Ништо не додаваа на моите зборови, и моите беседи капеа како дожд врз нив. {29:23} Тие копнееја по мене како по дожд, отвораа уста како за летен пороен дожд. {29:24} Мојата насмевка им беше охрабрување; внимаваа на ведроста на моето лице. {29:25} Јас им ги избирав патиштата, јас ги предводував како поглавар, како цар кога е среде своите чети, како оној кој ги теши јадосаните. {30:1} А сега, ете, ми се потсмевнуваат, луѓе по години помлади од мене, чии татковци не би ги ставил ни со овчарските кучиња на своето стадо. {30:2} Па зошто ми е силата на нивните раце, кога ќе им ја снема нивната мажествена сила? {30:3} Испиена од глад и скудност; гризеа корења во пустината и густа шума по запустените урнатини. {30:4} Береа лобода и лисја од грмушките, како леб јадеа смреково корење. {30:5} Тие се протерани од човечкото општество, викаат по нив како по крадци. {30:6} Живееја по страшни ровови, во пештери и во пукнатини. {30:7} Рикањето им се креваше од честакот, лежеа стиснати по трништата. {30:8} Синови на навредените, род на безимените, ги протеруваа со бичеви од земјата. {30:9} На таквите им станав шеговита песна и сега ним им служам како приказна! {30:10} Се гнасат и бегаат од мене, не се стеснуваат да ми плукаат во лицето. {30:11} Бидејќи Бог ми го скрши лакот и ме сотре, тие ја отфрлија уздата од своите усти. {30:12} Изродите стануваат од мојата десна страна, тие ги тераат моите нозе во бегство, насипуваат пат на пропаст кон мене. {30:13} Ми ја разурнуваат патеката, за да ме сотрат, напаѓаат и никој не им брани. {30:14} Тие навлегуваат низ широк пролом и се тркалаат како бура. {30:15} Сите стравотии се свртуваат кон мене, мојот углед го снема како ветер, доброто исчезна како облак. {30:16} Мојата душа се разлева во мене, денови на неволја се урнаа врз мене. {30:17} Ноќе, болеста ги прободува моите коски, не стивнуваат болките, што ме гризат. {30:18} Маката ми ја смени и облеката и ме стегна како јака на облекло. {30:19} Ме фрли во калта долу, ете, станав како прав и пепел. {30:20} Викам кон Тебе, но Ти не одговараш; стојам пред Тебе, но Ти и не се грижиш. {30:21} Стана жесток кон мене, со претешка рака се нафрлаш кон мене. {30:22} Ме креваш со виор, со него ме носиш, ме вртиш силно во вртеж на бурата. {30:23} Да, знам дека ме предаде на смртта, на заедничкото собиралиште на сите живи. {30:24} Не ја испружува ли раката давеникот, не вика ли кога ќе падне во неволја? {30:25} Не плачев ли за страдалниците, не се ли сожали мојата душа за сиромашниот? {30:26} Се надевав на среќата, а дојде несреќата; ја чекав светлината, а, ете, темнина ме зави. {30:27} Утробата врие во мене непрекратно, ми донесува нови страдања, секој ден. {30:28} Одам поцрнет, но никој не ме теши; Станувам во собранието - за да извикам. {30:29} Станав брат на шакалите и им станав другар на ноевите. {30:30} Сета кожа поцрне на мене, и оган ми ги изгоре коските. {30:31} Мојата харфа се претвори во тажачка, а мојата свирка има глас на тажачи. {31:1} Склучив завет со своите очи, дека нема да погледнат на ниедна девица. {31:2} А што ми досуди Господ одозгора, какво ми е наследството од Сèдржителот? {31:3} Па, не е ли несреќата за нечесниот, а неволјата за оние што прават зло? {31:4} Не ги гледа ли Тој сите мои патишта, не ги брои ли Тој сите мои чекори? {31:5} Зар одев, кога и да било, во друштво со лагата? Зар мојата нога брзаше кон измама? {31:6} Нека ме измери Бог врз права мерка, па ќе ја види мојата непорочност! {31:7} Ако мојот чекор се отстрани некогаш од патот, ако моето срце го следеше окото, и ако срамно дело ми ги извалка рацете, {31:8} друг нека го јаде тоа што сум го посеал, нека ги искорени сите мои подници. {31:9} Ако моето срце се завело по некоја жена, ако дебнев некогаш зад вратата на својот ближен, {31:10} тогаш мојата жена нека меле на друг, нека ја подели својата постела со друг! {31:11} Со тоа би направил бесрамно дело, злостор на кој правдата треба да му пресуди. {31:12} Би запалил оган што жеже до пропаст и што би ја изгорел сета моја едногодишна жетва. {31:13} Ако некогаш го презрев правото на својот слуга или слугинка, кога спореа со мене, {31:14} што ќе направам кога Бог ќе стане? Што ќе одговорам кога ќе побара сметка? {31:15} Зар Тој не нè создаде двајцата во утробата и нè создаде еднакво во мајчиното крило? {31:16} Дали се правев дека не ги слушам молбите на сиромашните или ги расплакав вдовичините очи? {31:17} Дали го јадев некогаш сам својот залак, а да не го делев со сирачето? {31:18} Па, од младоста му бев како татко, го водев од мајчиното крило! {31:19} Зар го гледав безкуќникот без облека или некој беден без покривка, {31:20} а неговите бедра да не ме благословија мене, кога се стопли со руното на моите овци? {31:21} Ако кренав рака против невин, знаејќи дека мојот бранител е при вратата, {31:22} моето рамо нека се откорне од плеќката и нека ми отпадне раката од лактот! {31:23} Зашто Божјите ужаси би паднале врз мене и не би можел да устојам пред Неговото величество. {31:24} Зар надежта ја ставив во златото или му реков на златото: „Сигурност моја!” {31:25} Зар се радував на големо богатство, на богатствата што ги спечалија моите раце? {31:26} Зар - гледајќи го сонцето како блеска и како месечината патува по сјајното небо, {31:27} моето срце се зазеде потајно да им испратам бакнеж со раката? {31:28} Тоа ќе беше грев што вика по суд, бидејќи би се одрекол од Сèвишниот Бог. {31:29} Зар се зарадував на неволјите на непријателите и ликував кога го снајде зло, {31:30} јас, кој не го остави јазикот да греши, проколнувајќи го и сакајќи да умре? {31:31} Не зборуваа ли луѓето на мојот шатор: „Па кого тој не го засити со месо?” {31:32} Никогаш странец не ноќеваше надвор, ја отварав својата врата на патникот. {31:33} Не ги криев своите гревови како Адам, не ја криев вината во своите гради. {31:34} Зашто се плашев од озборувањата на мноштвото и стравував од племенското презрение, па молчев не преминувајќи преку својот праг. {31:35} О, да имаше некој да ме сослуша! Јас го кажав својот последен збор: Сèдржителот нека ми одговори сега! Противникот нека ми напише оптужница, {31:36} и јас ќе ја носам на своето рамо, ќе го украсам челото со неа како со круна. {31:37} Ќе Му дадам сметка за своите чекори и ќе стапам пред Него како кнез.” {31:38} Ако мојата земја викаше против мене, ако со неа, плачеа нејзините бразди; {31:39} ако јадев плодови, без да платам, и ако ги јадосав нејзините орачи, {31:40} нека расте троскот на неа, место жито, и место јачмен нека расте какол насекаде! - Крај на Јововите зборови. {32:1} Оние три човека прекратија да му одговараат на Јова, зашто тој се сметаше невин. {32:2} Тогаш се налути Елиу, Варахиловиот син, од Вуза, од Арамовото племе: пламна со гнев против Јов, бидејќи се сметаше за праведен пред Бога. {32:3} А пламна со гнев и против трите негови пријатели, зошто не најдоа веќе ништо што да му одговорат, па така го осудија Јова. {32:4} Додека тие разговараа со Јова, Елиу молчеше, зашто тие беа постари од него. {32:5} Ама кога виде дека оние три мажи немаа веќе одговор во устата, пламна со гнев. {32:6} И проговорувајќи, Елиу, Варахиловиот син од Вуза рече: „Јас сум уште млад според своите години, а вие навлеговте во длабока старост; затоа јас се воздржав страшливо да го покажам своето знаење пред вас. {32:7} Мислев во себе: „Староста ќе зборува, многуте години ќе ја покажат мудроста.” {32:8} Навистина, има дух во човекот, здивот на Сèдржителот го прави разумен. {32:9} Понапреднатата возраст не дава мудрост, ниту старците ја знаат праведноста. {32:10} Затоа ве молам, послушајте ме мене, да ви го изложам и јас своето знаење. {32:11} Ги следев со внимание вашите беседи и ги сослушав вашите причини, додека баравте што да кажете. {32:12} Целото мое внимание беше врз вас, но немаше никој да го побие Јова, ниту пак некој од вас да му се противстави на неговото слово. {32:13} Не велете: „Ја најдовме мудроста, Бог ќе го побие, зашто човекот не може.” {32:14} Тој не ја насочи беседата кон мене: нема да му одговорам со вашите зборови. {32:15} Поразените не можат да се противстават, прекратија да зборуваат! {32:16} Чекав! Но, ете, тие не зборуваат, молкнаа, ни збор повеќе да кажат, {32:17} сега е на мене да проговорам, и јас ќе го изложам своето знаење. {32:18} Многу зборови бликаат во мене, додека мојот дух ме тера одвнатре. {32:19} Ете, мојата внатрешност е како затворено вино, ќе распукне како нов мев. {32:20} Да ми олесни, затоа ќе зборувам, ќе ги отворам усните и ќе ви одговорам вам. {32:21} Не ќе се приклонам ниту кон едната страна, ниту имам намера да му ласкам некому, {32:22} јас не умеам да ласкам никако, зашто мојот Творец би ме погубил веднаш.” {33:1} „И така, чуј, Јове, што ќе ти кажам, наведни го увото кон моите беседи. {33:2} Ете, ја отворив својата уста, а јазикот ми создава зборови под непцето. {33:3} Моето срце ќе ти зборува искрено, усните ќе изречат чиста вистина. {33:4} Па и мене Божјиот Дух ме создаде, здивот на Сèдржителот ме оживе: {33:5} ако можеш, противстави ми се ти; подготви се да ми се спротивиш! {33:6} Ете, како и ти, и јас сум пред Бога, како и ти, бев создаден од глина; {33:7} затоа јас нема да те ужасувам со страв, мојата рака нема да те притисне. {33:8} И така, на мои уши рече - сосем јасно ги чув твоите зборови: {33:9} „Невин сум и без никаков грев; прав сум и нема вина врз мене, {33:10} но Тој нашол обвинување против мене и ме смета за Свој непријател. {33:11} Ги стави моите нозе во клади, Тој внимава на секој мој чекор.” {33:12} Тука, ти велам, не си во право, зашто човек не може да се мери со Бога. {33:13} Па зошто се препираш со Него? Тој не дава отчет ниту за едно од Своите дела. {33:14} Господ ни зборува нам еднаш и двапати, но човекот не обрнува внимание на тоа. {33:15} Во соништата, во ноќните виденија, кога длабок сон ги совладува луѓето и додека сонуваат цврсто на леглата, {33:16} тогаш Тој му зборува на увото на човекот, и го плаши со морничави привиди, {33:17} за да го одврати од неговите дела, да ја обори гордоста во човекот, {33:18} да ја спаси неговата душа од јамата и неговиот живот да не падне од меч. {33:19} Тој го кара, на леглото, со болест, кога коските му се тресат непрекратно. {33:20} Кога лебот му се гади на неговиот живот и најдоброто јадење на неговата душа. {33:21} Кога неговото тело гине очигледно и му се гледаат оголените коски. {33:22} Кога душата му се приближува до гробот, а неговиот живот кон гласниците на смртта. {33:23} Тогаш, ако не се најде ангел покрај него, еден посредник меѓу илјада, за да го спомени човекот на должноста, {33:24} па се сожали над него и рече: „Избави го, за да не слезе во јамата; најдов откупнина за неговиот живот! {33:25} Нека му процвета телото со младост, нека се врати во младечки денови!” {33:26} Му се помолува на Бога и Бог го послушува: Тој го погледнува радосно во лицето; му ја враќа на човекот неговата праведност. {33:27} Тогаш човекот ќе погледне на луѓето, велејќи: „Грешев и го изопачував правото, но Бог не ме казни. {33:28} Тој ми ја спаси душата од гроб и мојот живот се радува на светлината.” {33:29} Ете, Бог го прави сè тоа двапати и до трипати за човекот, {33:30} за да ја спаси неговата душа од гробот и да му го осветли животот со светлина. {33:31} Внимавај, Јове, послушај ме добро; молчи, зашто уште не доискажав сè. {33:32} Ако имаш уште зборови, одговори ми, говори - со задоволство би те оправдал тебе, {33:33} ако немаш, послушај ме само, внимавај, и ќе те научам на мудрост. {34:1} Елиу ја продолжи својата беседа и рече: {34:2} „И вие мудреци, чујте што ќе речам, вие, умни луѓе, послушајте ме мене, {34:3} зашто нашите уши ги испитуваат беседите, исто како што непцето ја испитува храната. {34:4} Заедно да испитаме што е право и заедно да размислиме што е добро. {34:5} Јов тврдеше: „Јас сум праведен, но Бог ми ја скратува мене правдата. {34:6} Во право сум, а ме прават лажец, прострелан на смрт, а без своја вина!” {34:7} Зар има некаде човек како Јова, кој ја пие хулата како вода, {34:8} кој чекори заедно со злочинците и го дели истиот пат со нечесните? {34:9} Тој тврди: „Каква полза има човекот од тоа што сака да Му угоди на Бога? {34:10} Затоа чујте ме, вие умни луѓе: Злото е многу далеку од Бога и неправедноста од Сèдржителот. {34:11} Па Тој му плаќа на човекот според делата секому му дава според неговото поведение. {34:12} Навистина, Бог никогаш не прави зло, ниту Сèдржителот ја извртува некогаш правдата. {34:13} Кој освен Него мисли за земјата? И кој ја управува вселената? {34:14} Кога Тој би го повлекол Своето срце кон Себе, кога би го вратил сиот Свој Дух кон Себе, {34:15} сите суштества би издивнале одеднаш и човекот би се претворил во прав. {34:16} Ако имаш разум, слушај го ова, и внимавај на моите зборови. {34:17} Може ли да владее оној кој ја мрази правдата? Сакаш ли да го осудиш Најправедниот? {34:18} Оној, Кој му вели на царот: „Никаквец!” а на кнезот му говори: „Злосторнику!” {34:19} Кој не е пристрасен кон кнезовите, и еднаков Му е бедниот и богатиот, зашто тие се дело на Неговите раце? {34:20} Умираат во еден миг: среде глува ноќ; народите се брануваат, поминуваат, моќните паѓаат без човечка рака. {34:21} Зашто, Неговите очи се над човечките патишта, и Тој го гледа секој негов чекор. {34:22} Нема таков мрак и ниту смртна сенка, каде би можеле да се скријат оние што прават неправда. {34:23} Господ не му вели никому однапред, кога ќе стапи на суд пред Него. {34:24} Тој ги сотира јаките без сослушување и поставува други на нивното место. {34:25} И така, многу добро ги познава нивните дела! Среде ноќ, Тој ги кутнува и ги гази. {34:26} Со удар ги бие заради нивната злоба, во место каде сите можат да ги видат. {34:27} Зашто прекратија да одат по Него, ги занемарија Неговите патишта, {34:28} гонејќи ги бедните да пискаат до Него и угнетуваните да лелекаат кон Него. {34:29} Ама ако мирува, кој ќе Го трогне Него? Скрие ли го лицето, кој може да Го види? {34:30} Бдее над народите, како и над човекот, да не завладее некој кој го заведува народот. {34:31} Кога безбожникот ќе Му рече на својот Бог: „Ме заведоа, повеќе не ќе грешам. {34:32} Не разбирам ли, поучи ме Ти сега и ако некогаш правев неправда, во иднина нема да ја вршам!” {34:33} Мислиш ли дека Бог треба да го казни него, додека ти ги презираш неговите замисли? Но кога одлучуваш ти а не јас, ајде сега, истреси ми ја својата мудрост! {34:34} Сите умни луѓе ќе се сложат со мене и секој разумен, кој ќе ме чуе мене: {34:35} „Јов зборуваше необмислено, нема мудрости во неговите зборови. {34:36} Затоа, Јов нека се испита до крај, зашто одговара како злосторник; {34:37} а на својот грев му додава уште побуна, тој плеска со дланките меѓу нас и ги натрупува своите хули против Бога.” {35:1} Елиу ја продолжи својата беседа и рече: {35:2} „Зар ти мислиш да го браниш своето право, да ја докажуваш праведноста пред Бога, {35:3} кога Му велиш: „Зошто ти е важно тоа, ако грешам, што Ти чинам со тоа?” {35:4} Јас ќе ти одговорам тебе, на сè тоа, и на твоите пријатели едновремено. {35:5} Погледни на небото и набљудувај! Гледај ги облаците: повисоки се од тебе! {35:6} Ако грешиш, што направи против Него, што Му зададе со своите престапи? {35:7} Ако си прав, зошто дојде при Него и што добива Тој од твојата рака? {35:8} Твојата нечесност ги повредува сличните на тебе, и твојата правда му ползува на човекот. {35:9} Но кога стенкаат под тешкиот јарем, кога викаат заради насилството на моќните, {35:10} никој не вели: „Каде е Бог, мојот Творец, Кој ја исполнува ноќта со весела песна. {35:11} Нè прави поумни од земните ѕверови и помудри од небесните птици?” {35:12} Тогаш викаат, но Тој не одговара заради гордоста на злосторниците. {35:13} Но колку е суетно да се тврди дека Бог не ги слуша нивните викови, дека Сèдржителот не свртува поглед на нив! {35:14} А камоли кога ти велиш допрва: „Тој не ме гледа, мојата парница стои пред Него, а јас уште чекам на неа.” {35:15} Или: „Неговата лутина не казнува, тој воопшто не се грижи за престапите.” {35:16} Тогаш Јов напразно ја отвора устата и натрупува неразумни беседи. {36:1} Елиу продолжи и рече: {36:2} „Стрпи се, малку, па ќе те поучам, зашто уште не дореков сè за Бога. {36:3} Своето знаење ќе го изнесам оддалеку, да Го оправдам својот Создавач. {36:4} Навистина, моите зборови не знаат за лага, пред тебе е човек совршен во знаење. {36:5} Ете, Бог е силен, но не презира, моќен е со силата на Својот разум. {36:6} Тој не остава да живее нечесниот, им набавува правда на страдалниците. {36:7} Тој не ги симнува очите од праведните, ги крева на престоли, покрај царевите, за да бидат возвишени довека. {36:8} Ако се тие оковани во вериги и сопнати со јажињата на неволјата, {36:9} Тој им ги напомнува нивните дела, им го кажува гревот на нивната гордост. {36:10} Тогаш им го отвора увото за опомена и ги призовува да се отстранат од злото. {36:11} Ако послушаат и Му се покорат, нивните денови завршуваат во благопријатност, нивните години во радост; {36:12} ако пак не слушаат, умираат од копје, заглавуваат, незнаејќи ни самите како. {36:13} А нечесните срца негуваат омраза, не бараат помош, кога Тој ги врзува во окови; {36:14} умираат во цветот на своето детство и животот им завршува меѓу содомците. {36:15} Тој го спасува страдалникот преку неговата беда и му ги отвора очите во несреќа. {36:16} Ќе те избави од грлото на теснината, ќе те изведе кон безграничните пространства, кон стол преполн со месо. {36:17} Но ти си го исполнил судот на безбожниците суд и осудување ќе те постигне. {36:18} Отсега нека не те заведува изобилството и нека не те расипе пребогатиот дар. {36:19} Богатиот нека ти биде како човек без злато, а човекот со силна рака како слабиот. {36:20} Не ги гони оние што ти се туѓи, за да ги ставиш роднините на нивното место. {36:21} Внимавај да не свртиш кон неправдата, зошто заради неа те најде искушението. {36:22} Ете, Бог е возвишен во Својата сила! Зар има учители како Него? {36:23} Кој Му Го одреди Нему Неговиот пат? Кој ќе Му рече: „Работеше криво?” {36:24} Спомни си да го величаш Неговото дело што луѓето го опеаја со песни: {36:25} Целиот свет го набљудува со восхитување, човекот се восхитува, макар оддалеку. {36:26} Бог е поголем отколку што можеме да сфатиме. неодолив е бројот на Неговите години! {36:27} Тој ги собира водните капки во височина и го претвора дождот во пареа и магла. {36:28} Тогаш поројни дождови плискаат од облаците и се изливаат врз луѓето. {36:29} Кој ќе го сфати ширењето на облаците, страшниот татнеж на Неговите шатори? {36:30} Ете, Тој ја распростира светлината над Себе и го покрива морското дно со води. {36:31} Тој ги суди народите преку нив, ги дарува со изобилна храна. {36:32} Тој ја држи молњата со двете раце и и кажува каде да удри. {36:33} Со громов глас се навестува Себеси, стигнува со гнев да ја разгроми нечесноста. {37:1} Да, и моето срце трепери од тоа и сака да искочи од своето место. {37:2} Слушнете го, слушнете го, грмежот на Неговиот глас, татнежот што излегува од Неговата уста. {37:3} Ете, секавица лета преку целото небо - и светнува блесок од крај до крај на земјата. - {37:4} Зад неа еден силен глас се разнесува: Тој грми со величествен глас. Неговите молњи летаат никој не им пречи, штом се чуе Неговиот глас. {37:5} Да, Бог грми со величествен глас, создава несфатливи големи дела. {37:6} Кога ќе му рече на снегот: „Опснежи по земјата!” И на поројните дождови: „Заврнете силно!” {37:7} На секој човек му ги запечатува рацете, сите да го запознаат Неговото дело. {37:8} Тогаш сите ѕверови се вовлекуваат во скривалиште и остануваат во своите легла. {37:9} Бурата се крева од јужната страна, а северните ветрови донесуваат студ. {37:10} Веќе од Божјиот здив настанува мраз и се здрвува водната површина. {37:11} И Тој пак ги полни со вода облаците, и облаците почнуваат да светкаат со молњи; {37:12} кружат насекаде по Неговата волја, што им наложи, тоа ќе извршат, на лицето на целиот земски круг. {37:13} Ги испраќа - или да ги казни народите, или за земјата или за милост. {37:14} Послушај го ова, Јове, смири се и разгледај ги чудесните Божји дела. {37:15} Знаеш ли како Бог ги заповеда нив, како ја пушта молњата од Својот облак? Тоа се чудеса на совршено знаење. {37:16} Си научил ли како се издигат облаците и {37:17} како се стоплуваат твоите облеки од жегата, во јужниот ветер, кога земјата се одмара? {37:18} Зар ти ги распна небесата со Него, цврсти како одлеано огледало? {37:19} Де, поучи ме што да Му речеме: не се снаоѓаме веќе заради темнината. {37:20} Зар ќе Му речеш: „Сакам да зборувам?” Или ќе се согласиш на сопствената пропаст? {37:21} И така, кој може да гледа во светлината на небесата што свети со блесок, кога ветриштата ги растеруваат облаците? {37:22} Од север светнува како злато: Бог се облече со страшно величество! {37:23} Да, не можеме да Го достигнеме Сèдржителот, неизмерлив е во Својата сила и во судот, и во совршенството на правдата, Тој не угнетува никого. {37:24} Затоа сите луѓе нека се бојат од Него! На горделива мудрост Тој и не гледа.” {38:1} Тогаш Господ му одговори на Јова од бура и рече: {38:2} Кој е тој кој со безумни зборови ја замрачува божествената промисла? {38:3} Препаши си го крстот како јунак Јас ќе те прашам, а ти поучи Ме. {38:4} Каде беше кога ја основав земјата, кажувај, ако знаеш! {38:5} Знаеш ли кој и ги одреди мерките и кој го оптегна измерувачкото јаже над неа? {38:6} На што и почиваат основите? Кој и постави крајаголен камен, {38:7} додека воскликнуваа утринските ѕвезди и извикуваа Божјите дворјани? {38:8} Кој го затвори морето со врати, кога заизвори од мајчиното крило, {38:9} кога го облеков со облак како со облека и кога го завиткав со густа магла како со пелени; {38:10} кога ја одредив неговата меѓа, ставив врати со лостови? {38:11} Дотаму, не подалеку, му реков нему, тука нека се крши гордоста на твоите бранови!” {38:12} Зар некогаш си му заповедал на утрото? Зар си и го покажал на зората нејзиното место, {38:13} да ја потфати земјата за рабовите и да ги истресе од неа сите безбожници, {38:14} да ја претвори во печатна глина и да ја обои како некаква облека? {38:15} Таа им ја одзема светлината на злосторниците и им ја крши кренатата тупаница. {38:16} Зар си проникнал до морските извори? Зар си одел некогаш по дното на бездната? {38:17} Зар ти ја покажаа вратата на смртта? Ги виде ли вратите на крајот на мртвите сенки? {38:18} Ги согледа ли пространствата на земјата? Зборувај, доколку го знаеш сè тоа. {38:19} Кои патишта водат во домот на светлината, на кое место престојуваат темнините, {38:20} за да ги одведеш во нивните краишта, за да им го покажеш патот кон нивниот стан? {38:21} Ти го знаеш тоа, па ти се роди одамна, бројот на твоите денови е многу голем! {38:22} Дали си стигнал до ризниците на снегот и зар ги виде засолништата на градот, {38:23} што ги запазив за деновите на неволјата, за време на крвав бој и војна? {38:24} По кој пат се дели молњата, кога распрснува искри по целата земја? {38:25} Кој го ископа подводниот ров, кој му го исчисти патот на грмежот {38:26} за да врне дожд врз ненаселено подрачје, врз пустината каде нема жива душа, {38:27} за да ја напои неплодната пустина, за да никне трева во степата? {38:28} Има ли дождот свој родител? Кој е тој што ги раѓа капките на росата? {38:29} Од чие крило излегува мразот, кој ја создава сланата, што паѓа од небото? {38:30} Како се сцврстуваат водите како камен и како замрзнува површината на бездната? {38:31} Можеш ли да ја врзеш Плејадата со вериги и да ги разврзеш врските на Орион, {38:32} да ја изведеш Деницата во вистинско време, да ја водиш Мечката со нејзините млади? {38:33} Зар ги познаваш ти небесните закони, па да им доделиш ним сила на земјата? {38:34} Можеш ли да им извикаш на облаците, па да те послушаат поројните дождови? {38:35} Зар по твоја заповед летаат секавиците и зар ти се одѕиваат тебе: „Еве нè?” {38:36} Кој ја положи мудроста во човекот, кој му даде разум на срцето? {38:37} Кој ги пребројува мудро облаците и кој ги излева небесните мевови, {38:38} додека земјата не се згусти во тесто и додека не се залепат нејзините грутки? {38:39} Зар ти ќе и уловиш лов на лавицата или ќе го задоволиш гладот на лавчињата, {38:40} додека чекаат гладно на своето легло и дебнат на жртвата од засолништето? {38:41} Кој им набавува храна на гавраните кога неговите пилци пиштат кон Бога и летаат наоколу без храна? {39:1} Знаеш ли како се размножуваат дивите кози? Дали виде како се раѓаат кошутите? {39:2} Дали изброја колку месеци носат? Знаеш ли во кое доба се породуваат? {39:3} Наведнувајќи се, ги породуваат своите срнчиња и го растеретуваат бремето среде пустината, {39:4} а кога породот ќе им зајакне, растат во полето, го оставаат и не му се враќаат. {39:5} Кој му ја даде слободата на дивото осле и кој го симна оглавникот од неговата глава? {39:6} Пустината му ја дадов за родно место и солените полиња за да живее таму. {39:7} Тој му се потсмевнува на шумот на градовите и не ги слуша повиците на терачите. {39:8} Скита по ридовите, по своите пасишта, во потрага за секакво зеленило. {39:9} Можеш ли биволот да го направиш слуга, да го задржиш една ноќ во јаслите? {39:10} Можеш ли да го приковеш за браздата, за да го влече ралото по твоите бразди? {39:11} Можеш ли да се потпреш на него, зашто е преголема неговата сила и да му ја препуштиш својата тешка работа? {39:12} Дали мислиш дека ќе ти се врати и дека ќе ти дотера жито на гумното? {39:13} Нојот трепери радосно со своите крилја, иако се скудни крилјата и перјата. {39:14} Тој ги остава своите јајца на земјата, му ги доверува на песокот да ги грее, {39:15} не грижејќи се дека може да ги згази нога, или да ги згмечи некаков див ѕвер. {39:16} Постапува со нојчињата како со туѓи; тој не се грижи дека трудот му е напразен. {39:17} Зошто Бог го лиши него од памет, не му даде никаков разум. {39:18} Ама кога ќе се вивне нагоре, тогаш им се потсмева на коњот и коњаникот. {39:19} Зар ти му подари сила на коњот? Зар ти му го украси вратот со гривна? {39:20} Зар ти правиш да скока како скакулец, секого да натера во страв со р’жењето? {39:21} Весело ја раскопува земјата со копитото, храбро излегува против оружјето. {39:22} Му се потсмева на стравот, од ништо не се бои, не ќе се повлече ни пред меч. {39:23} На неговите задни страни ѕвечи торба со стрели, копјето светка и бојната сулица. {39:24} Бесен и нестрплив ги голта пространствата; кога ќе засвири рогот, кој ќе го задржи: {39:25} Тој за’ржува при секој звук на рогот: Вришти, ха! Веќе оддалеку тој го надушува лутиот бој, бојната викотница и извиците на војсководачите. {39:26} Зар по твојата промисла лета соколот и ги шири своите крилја кон југ? {39:27} Зар на твој налог се крева орелот и си свива гнездо врз височината? {39:28} Врз стрма карпа тој живее и ноќева, на планинските сртови на високите стрмнини. {39:29} Оттаму дебне втренчено на пленот, неговите очи гледаат далеку. {39:30} Неговите орлиња се хранат со крв; каде има убиени, таму е и тој.” {40:1} И Господ му се обрна на Јова и му рече: {40:2} Зар кудачот ќе се препира уште со Јакиот? Божјиот тужител нека одговори сам!” {40:3} А Јов Му одговори на Господа и рече: {40:4} ”Премногу сум мал: што да одговорам? Со мојата рака ќе ја затворам устата. {40:5} Реков збор - нема веќе да започнувам; реков два - ама нема да продолжам.” {40:6} Тогаш Господ му одговори на Јова од бурата и рече: {40:7} „Препаши го својот крст како јунак, Јас ќе те прашувам, а ти поучи Ме. {40:8} Зар сакаш да го изгазиш и мојот суд, да Ме обвиниш, за да се оправдаш себеси? {40:9} Зар твојата мишка ја има Божјата сила? Зар можеш да грмиш со гласот како Него? {40:10} Наметни се со сјај и величество, облечи се со достоинство и слава. {40:11} Избувни со гнев на жесток оган, понизи го гордиот со еден поглед. {40:12} Погледај го горделивецот, скрши го, сотри го наместо, секој злосторник. {40:13} Закопај ги сите нив, заедно, во земјата, затвори ги во мрачна темница. {40:14} Тогаш и Јас ќе ти дадам пофалба дека се ослободи со својата десница. {40:15} А сега, ете, разгледај го нилскиот коњ, се храни со трева како добиток, {40:16} ете, неговата сила е во бедрата, а јакоста му е во мишката на мевот. {40:17} Ја здрвува кренатата опашка како кедар, жилите му ги испреплетија сите бедра. {40:18} Неговите коски се железни цевки, неговите зглобови се глуждови од железо. {40:19} Тој е првенец на Божјото создавање, Творецот го вооружи со меч. {40:20} Планините му донесуваат данок во храна, и сите ѕверови што играат по нив. {40:21} Тој почива навален под лотосот, мочуришните трски и калта го кријат. {40:22} Лотосовите лисја му прават сенка, тој се лади под поточните врби. {40:23} Ако надојде реката, тој не се плаши: воопшто него не би го загрижило и целиот Јордан да затече во неговата уста. {40:24} Кој може да го фати за очите и кој може да му го прободе носот со стрела? {41:1} Зар ловиш левијатан (крокодил, морско чудовиште) со јадица? Зар ќе му го зауздаш јазикот со јаже? {41:2} Можеш ли да му ги прободеш носалките со трска, или да му ја пробиеш вилицата со кука? {41:3} Дали ќе те заколнува за милост? Дали ќе разговара благо со тебе? {41:4} И зар ќе склучи тој сојуз со тебе, за да ти биде слуга цел живот? {41:5} Можеш ли да се поиграш со него како со птица и да го врзеш, за да ги развеселиш ќерките? {41:6} Дали ќе се спогодуваат за него рибарите? Дали ќе го поделат трговците меѓу себе? {41:7} Можеш ли да му ја издупчиш кожата со копје, или да му ја пробиеш главата со сулици? {41:8} Крени ја својата рака на него: Подготви се за бој - ќе ти биде последен! {41:9} Напразно е да се негува надеж во него, човекот загинува веќе на неговиот поглед. {41:10} Нема јунак да го раздразни него, кој ќе му се спротиви во лице, {41:11} Кој ќе се судри со него и да остане жив? Нема таков човек под небесата. {41:12} Нема да ги премолчам неговите членови, ни големата сила, ни убавината ни ставата. {41:13} Кој смее да му ја соблече облеката, кој ли ќе проникне низ неговиот двоен оклоп? {41:14} Кој ќе му ги отвори двокрилните челусти кога стравот владее околу неговите заби? {41:15} Грбникот му е од лушпести штитови, запечатени со каменен печат. {41:16} Се прилепија едни до други така, што ни здив не минува меѓу нив. {41:17} Толку цврсто се залепени заедно: доближени сосема, не можат да се раздвојат {41:18} Кога ќе кивне, светлина блеска од него, очите му се како зорините веѓи. {41:19} Од неговата уста горат гламни, огнени искри се истуруваат од нив. {41:20} Дим излегува од неговите носалки, како од котел што врие врз оган. {41:21} Неговиот здив би запалил јаглења, зашто од неговата уста излегуваат пламени. {41:22} Во вратот му лежи сета негова сила, а пред него се простира ужас. {41:23} Кога ќе се исправи, затреперуваат брановите и се повлекуваат кон морската шир. {41:24} Срцето му е тврдо како пештера, отпорно како мелничен камен. {41:25} Свивањата на месото му се зарастени, цврсти се како да се слеани. {41:26} Ако го погоди меч, се одбива од него, исто и копјето, сулицата и стрелата. {41:27} Железото е како сламка за него, бронзата како гнило дрво. {41:28} Тој не се повлекува пред стрелите од лакот, камењата од каменофрлачот паѓаат како плева врз него. {41:29} Боздоганот е како сламче за него, му се смее на копјето кога, ќе засвири над него. {41:30} Остри черепници има на мевот и со нив ја оре тињата како со брана. {41:31} Под него водовртежот зоврува како грнец, го пени морето како мирисливото масло во котел. {41:32} Тој остава светла бразда зад себе, бело руно ја покрива бездната. {41:33} Не суштествува ништо слично на земјата, и ниту е некој толку бестрашен. {41:34} Тој гледа од високо и на најголемите цар му е на секого, и на најгорделивите.” {42:1} А Јов му одговори вака на Господа: {42:2} „Јас знам, Твојата моќ е безгранична: Што и ќе наумиш, можеш да го направиш тоа. {42:3} Кој е тој што со безумни зборови ја помрачува божествената промисла? Затоа зборував, но не разбирав, за чудесата што мене ми се несфатливи. {42:4} О послушај ме, остави ме да зборувам: Јас ќе Те прашувам, а Ти поучи ме. {42:5} Досега Те познавав само по слушање, но сега моите очи Те видоа. {42:6} Затоа, се гнасам од сите свои зборови и се каам во прав и пепел.” {42:7} Кога Господ му ги изговори на Јова овие зборови, Тој му рече на Теманецот Елифаз: „Ти и твоите два пријатели го распаливте Мојот гнев, зашто не зборувавте за Мене така право, како Мојот слуга Јов, {42:8} Затоа, земете сега седум јунчиња и седум овни и отидете при Мојот слуга Јов, да принесете паленица за себе, а Мојот слуга Јов ќе се помоли за вас. Ќе имам обѕир кон него, и нема да ви сторам ништо лошо, зашто не зборувавте за Мене онака право, како Мојот слуга Јов.” {42:9} Тогаш отидоа Елифаз од Теман, Валдад од Сава и Софар од Наам и направија како што им заповеда Господ. И Господ погледна кон Јова. {42:10} И Господ го врати Јова во поранешната состојба, зашто се застапи за своите пријатели, па му го удвои она што го имаше. {42:11} Тогаш му се вратија на Јова сите негови браќа и сите негови сестри, и сите поранешни познати, па јадеа леб со него, во неговата куќа, жалејќи го и утешувајќи го заради сите неволји што Господ ги испрати на него. Секој му подари по еден сребреник и по еден златен прстен. {42:12} Господ ја благослови новата Јовова состојба уште повеќе отколку поранешната. Стадата му броеја четиринаесет илјади овци, шест илјади камили, илјада двојки волови и илјада ослици. {42:13} Имаше седум синови и три ќерки. {42:14} На првата и го даде името Емима, на втората Касија, а на третата Керен-Апух. {42:15} Во целиот тој крај немаше жени толку убави како Јововите ќерки. И таткото им даде еднакво наследство како и на нивните браќа. {42:16} После тоа Јов доживеа сто и четириесет години и ги виде своите деца и децата на своите деца до четвртото поколение. {42:17} Потоа Јов умре, стар, и сит од животот.