{1:1} Мудри пословици на Соломон, Давидовиот син, израелскиот цар: {1:2} За да се сознае мудроста и поуката, за да се сфатат благоразумните зборови; {1:3} за да се прими умна поука, правда, правосудство и правичност; {1:4} за да им се даде памет на неискусните; знаење и умеење на младиот човек; {1:5} кога мудриот чуе, да биде уште помудар, а разумниот да стекне помудри мисли; {1:6} за да ги разбере пословиците и приказните, зборовите на мудреците и нивните загатки. {1:7} Стравот од Господа е почеток на мудроста, но безумните ги презираат мудроста и поуката. {1:8} Сине мој, послушај ја поуката на својот татко и не отфрлај го учењето на својата мајка! {1:9} Зашто ќе ти бидат милостив венец на главата и ѓердан околу твојот врат. {1:10} Сине мој, ако грешниците те мамат, не се согласувај; {1:11} ако ти речат: „Дојди со нас, да дебнеме крв, да чекаме во заседа невини за ништо; {1:12} како гроб живи да ги проголтаме, и цели како оние, што слегуваат во гроб; {1:13} ќе заплениме секакво благо, ќе ги наполниме своите куќи со плен; {1:14} ќе го фрлаш со нас својот жреб, сите заедно ќе имаме едно ќесе.” {1:15} Сине мој, не оди со нив на пат, тргни ја ногата од нивните патеки, {1:16} зашто кон зло трчаат со своите нозе и итаат да пролеваат крв. {1:17} Зашто напразно е да се оптегнува мрежа, пред очите на сите птици. {1:18} А тие ја дебнат сопствената крв, поставуваат заседа за своите души. {1:19} Такви се патиштата на сите лакоми за пари, на завладеаните од нив им го одзема животот. {1:20} Премудроста извикува гласно на улица, го подига својот глас на плоштадите; {1:21} проповеда по бучни агли, при отворените градски врати, ги говори своите зборови: {1:22} „До кога, вие глупави, ќе ја љубите глупоста, и до кога на потсмевачите ќе им биде мило потсмевањето, и до кога безумниците ќе го мразат знаењето? {1:23} Послушајте ја мојата опомена! Ете, го излевам својот дух пред вас, сакам да ве поучам со свои зборови. {1:24} Колку ве повикував, а вие одбивавте; ја испружував раката, но никој не ја забележа; {1:25} туку го отфрливте секој мој совет и не ги послушавте моите опомени. {1:26} Затоа и јас ќе се смеам на вашата пропаст, ќе се потсмевам кога ќе ве снајде тешкотија; {1:27} кога стравот ќе навали врз вас како невреме и кога пропаста ќе ве грабне како виор, кога ќе се навалат врз вас неволјата и маката. {1:28} Тогаш ќе ме викате, но јас нема да одговарам; ќе ме барате, но нема да ме најдете. {1:29} Зашто го мразеа знаењето и не го избраа Господовиот страв, {1:30} ниту го послушаа мојот совет, туку ја презреа секоја моја опомена. {1:31} Затоа ќе јадат плод од своето владеење и ќе се наситат со сопствени совети. {1:32} Зашто глупавите ќе ги убие нивното одбивање, а безумните ќе ги уништи невниманието, {1:33} а кој ме слуша мене, останува безгрижен и живее спокојно без страв од зло.” {2:1} Сине мој, ако ги примиш моите зборови и ги запазиш моите заповеди во себе, {2:2} и со своето уво ја послушаш мудроста и го обратиш своето срце кон разумот; {2:3} да, ако го повикаш разумот и извикаш кон благоразумноста; {2:4} ако го бараш како сребро и трагаш по него како по скриено сокровиште - {2:5} тогаш ќе го разбереш Господовиот страв и ќе го најдеш знаењето за Бога. {2:6} Зашто Господ дава мудрост, од Неговата уста доаѓа знаењето и разумот. {2:7} Тој им ја укажува Својата помош на праведните, штит им е на оние што одат непорочно. {2:8} Зашто Тој ги штити патиштата на правдата и го чува патот на Своите свети. {2:9} Тогаш ќе ги сфатиш: правдата, правосудството и верноста, а и секој добар пат. {2:10} Зашто мудроста ќе влезе во твоето срце и знаењето ќе ја зарадува твојата душа. {2:11} Расудувањето ќе те пази тебе и разумноста ќе те чува: {2:12} За да те избави од лош пат, од измамлив човек, {2:13} од оние што ги оставаат патеките на чесноста, па одат по мрачни патишта; {2:14} кои се веселат правејќи зло и ликуваат во изопаченоста на лошото; {2:15} чии патеки се криви, и кои се опаки на своите патишта. {2:16} За да те избави од прељубница и од туѓинка, што ласка со зборови, {2:17} која го остава пријателот на својата младост и го заборава заветот на својот Бог. {2:18} Зашто куќата и тоне во смрт, и нејзините патишта водат кон мртвите, {2:19} кој влегува при неа, не се враќа никогаш, и не ги наоѓа повеќе патиштата на животот. {2:20} Затоа, оди по патот на добрите и држи се за патеките на праведниците! {2:21} Зашто само праведните ќе ја населат земјата и непорочните ќе останат на неа; {2:22} а беззакониците ќе бидат збришани од земјата, и богохулниците ќе бидат искоренети од неа. {3:1} Сине мој, не ги заборавај моите поуки, и твоето срце нека ги чува моите заповеди, {3:2} зашто ќе ти ги продолжат деновите и годините на животот и ќе ти додадат мир. {3:3} Нека не те оставаат добрината и верноста, обеси ги околу својот врат, запиши ги врз плочата на своето срце, {3:4} така ќе придобиеш милост и добро сфаќање пред Божјите и човечките очи. {3:5} Надевај се на Господа со сето свое срце и не се потпирај врз сопствениот разум. {3:6} Мисли на Него на сите свои патишта и Тој ќе ги исправи твоите патеки. {3:7} Не замислувај дека си мудар: Бој се од Господа и отстранувај се од злото, {3:8} тоа ќе биде лек за твоето тело и поткрепа на твоите коски. {3:9} Почитувај Го Господа со својот имот и со првините на сиот свој приход, {3:10} и твоите житници ќе бидат преполни, и твоите каци ќе се прелеваат со ново вино. {3:11} Сине мој, не ги отфрлај Господовите опомени, и немој да го замразиш Неговиот укор, {3:12} зашто кого Господ го љуби, него и го изобличува како таткото синот, кого го љуби. {3:13} Блазе му на човекот, што ја нашол мудроста и на човекот, кој го придобил разумот. {3:14} Подобро е да се придобие таа отколку да се придобие сребро, и таа е поголема печалба и од златото. {3:15} Поскапоцена е од бисерите, и колку и да се твоите скапоцености, не можат да се споредат со неа. {3:16} Долгиот живот и е во десната рака, а во левата: богатство и чест. {3:17} Нејзините патишта се пријатни и сите нејзини патеки се полни со мир. {3:18} Таа е дрво на живот, за оние кои се придржуваат за неа, и благословен е оној што ќе ја задржи. {3:19} Господ ја основа земјата со мудрост и ги зацврсти небесата со умот; {3:20} со Негово знаење се отворија бездните и облаците истурија роса. {3:21} Сине мој, не губи го тоа од пред очите запази ги разумот и здравото расудување; {3:22} и ќе биде живот на твојата душа и украс на твојот врат. {3:23} Тогаш без страв ќе чекориш по својот пат и твојата нога не ќе се сопнува. {3:24} Кога ќе легнеш, нема да се плашиш, и кога ќе заспиеш, ќе сонуваш слатко. {3:25} Не бој се од ненадеен страв ни од пребрзата пропаст, кога ќе ги стигне нечестивите, {3:26} зашто Господ ќе ти биде надеж и ќе ја чува твојата нога од стапица. {3:27} Не крати им добротворство на оние што имаат потреба кога можеш да го направиш тоа. {3:28} Не вели му на својот ближен: „Отиди си и дојди пак, и ќе ти дадам утре”, кога можеш веќе сега. {3:29} Не кови му зло на својот ближен, додека тој престојува без страв, кај тебе. {3:30} Не карај се без причина, со никого, ако не ти направил зло. {3:31} Не завидувај му на насилникот, ниту следи ги неговите патишта, {3:32} зашто на Господа му се гнасни развратите, а близок е со праведните. {3:33} Господовото проклетство е врз домот на безбожникот, а благословот е во домот на праведникот. {3:34} На потсмевнувачите тој им се потсмевнува, а на смирените им дарува благодат. {3:35} Мудрите ќе ја наследат славата, а безумниците ќе го носат срамот. {4:1} Слушајте ја, деца, татковата поука и внимавајте за да ја сознаете мудроста, {4:2} зашто ви давам добра наука: Не оставајте го мојот закон. {4:3} И јас бев син на својот татко и нежен единец на својата мајка; {4:4} и тој ме учеше и ми зборуваше: „Задржи ги моите зборови во своето срце, почитувај ги моите заповеди, и ќе живееш. {4:5} Придобивај мудрост, придобивај разум, не ги заборавај и не отстапувај од зборовите на мојата уста. {4:6} Не ја оставај, и ќе те чува; љуби ја и ќе те одбрани. {4:7} Почетокот на мудроста е: придобивај мудрост за себе и со сиот свој имот придобивај разум. {4:8} Величај ја и ќе те возвиши; кога ќе ја прегрнеш ќе ти донесе слава, {4:9} ќе ти стави прекрасен венец на главата, и ќе ти подари славна круна.” {4:10} Послушај, сине мој, прими ги моите зборови и ќе се умножат годините на твојот живот. {4:11} Те поучив на патот на мудроста, те вратив на правите патеки. {4:12} Не ќе ти се заплеткаат чекорите кога ќе почнеш да одиш; ако се растрчаш, нема да се сопнеш. {4:13} Држи се цврсто за поуката, не ја пуштај, пази ја, зашто таа ти е живот. {4:14} Не оди по патеките на нечесните и не оди по патот на лошите. {4:15} Остави го, не оди по него, отстранувај се од него и заобиколувај го, {4:16} зашто тие не спијат ако не направат зло, и сонот не им иде ако не го голтнат некого. {4:17} Зашто го јадат лебот на нечесноста и го пијат виното на насилништвото. {4:18} А праведничката патека е како светлината на разденувањето, што е сè појасна до полниот ден. {4:19} А патот на нечесните е како темнина, не знаат на што ќе се сопнат. {4:20} Сине мој, внимавај на моите зборови, наведни го своето уво кон моите беседи; {4:21} не ги губи никогаш од пред очите, пази ги среде своето срце; {4:22} зашто се живот за оние кои ги наоѓаат и исцелување на сето нивно тело. {4:23} А над сè чувај го своето срце, зашто животот извира од него. {4:24} Држи ја далеку од себе лажливата уста, и оддалечувај ги од себе измамливите усни. {4:25} Нека твоите очи гледаат право напред, и нека твојот поглед биде секогаш прав. {4:26} Внимавај на патеката по која одиш, и нека сите твои патишта бидат постојани. {4:27} Не свртувај ни десно ни лево; држи ја својата нога далеку од злото. {5:1} Сине мој, чуј ја мојата мудрост, наведни го своето уво кон мојата разумност, {5:2} за да ја запазиш расудливоста, и твоите усни да го задржат знаењето. {5:3} Зашто од усните на туѓа жена капе мед, и непцето и е помазно од масло, {5:4} но таа најпосле е горчлива како пелин, остра како меч со две острици. {5:5} Нејзините нозе слегуваат кон смртта, а чекорите и водат кон Подземјето. {5:6} Таа не оди по патот на животот, патеките и се колебливи и таа не знае на каде водат. {5:7} Затоа, сега послушај ме сине, и не отстапувај од зборовите на мојата уста. {5:8} Твојот пат нека е далеку од неа, и не се приближувај до вратата на нејзината куќа, {5:9} да не го дадеш цветот на својата младост и своите години на немилостивите; {5:10} да не се наситат туѓинци од твојот имот, и твојот труд да не отиде во туѓа куќа; {5:11} да не ридаш на крајот кога ќе бидат истрошени телото и снагата, {5:12} и да не речеш: „Ох како ја мразев поуката, и како моето срце го презираше укорот! {5:13} И не го слушав гласот на своите учители, ниту го приклонив увото кон оние што ме поучуваа. {5:14} И за малку не западнав во секакво зло, среде собирот и заедницата!” {5:15} Пиј вода од својот извор и онаа што извира од твојот кладенец. {5:16} Зар надвор да се разлеваат твоите извори и водните потоци да течат по улиците? {5:17} Нека бидат тие само твои, а не и на туѓинците кои се покрај тебе. {5:18} Нека е благословен твојот извор, и радувај се со жената на својата младост, {5:19} нека ти е како мила срна и љубезлива кошута; нека те напојуваат нејзините гради во секое време, и нејзината љубов те восхитува непрекратно! {5:20} Па зошто сине мој би се занесувал по туѓа жена и би ги прегрнувал градите на туѓинката? {5:21} Зашто пред Господовите очи се човековите патишта, и тој ги набљудува сите негови патеки. {5:22} Нечесниот ќе биде фатен од сопственото беззаконие и ќе го држат јажињата на неговите гревови. {5:23} Ќе умре зашто нема поука, ќе пропадне заради своето големо безумие. {6:1} Сине мој, кога емчиш за својот ближен, и ја дадеш својата рака на друг, {6:2} си се врзал со сопствените усни, си се врзал со зборовите на својата уста. {6:3} Направи го тогаш ова сине мој, ослободи се! Зашто си паднал во рацете на својот ближен: оди, падни пред него и моли го својот ближен. {6:4} Не давај им сон на своите очи ни дремка на своите клепки. {6:5} Истргај се како газела од раката на ловецот и како птица од рацете на птичарот. {6:6} Оди при мравката, о мрзливецу набљудувај ги нејзините патишта и биди мудар: {6:7} Таа нема водич, надзорник ни настојник, {6:8} се грижи за храната лете и прибира јадење во време на жетвата. {6:9} А ти, мрзливецу, до кога ќе спиеш? Кога ќе се разбудиш од својот сон? {6:10} Уште малку поспиј, уште малку подреми, уште малку свиткај ги рацете за одмор, {6:11} и ќе дојде твоето сиромаштво како скитник, и твојата скудност како вооруженик. {6:12} Лукавиот човек, нечесниот човек, оди со лажлива уста, {6:13} намигнува со очите, тропа со нозете, покажува со прстите; {6:14} измамите му се во срцето, сонува зло во секое време, сее раздори. {6:15} Затоа пропаста ќе му дојде одненадеж, и во миг ќе се скрши и нема да му има лек. {6:16} Шест нешта мрази Господ, а седум се гнасни на Неговата душа: {6:17} Горделиви очи, лажлив јазик, раце што пролеваат невина крв, {6:18} срце што замислува грешни мисли, нозе што итаат на зло, {6:19} лажен сведок, кој шири лага, и човек кој сее раздори меѓу браќата. {6:20} Сине мој, пази ги заповедите на својот татко и не отфрлај ја науката на својата мајка. {6:21} Врзи ги за своето срце засекогаш, завиткај ги околу своето грло; {6:22} за да те водат кога одиш, да те чуваат кога спиеш, и да разговараат со тебе кога ќе се разбудиш. {6:23} Зашто заповедта е светилник, законот е светлина, опомените на изобличувањата се пат кон животот; {6:24} за да те чуваат од зла жена, од ласкавиот јазик на туѓинката. {6:25} Не посакувај ја во своето срце нејзината убавина, и не оставај да те освои со своите клепки, {6:26} зашто поради блудница човек се понижува и за парче леб, додека прељубницата лови скапоцен живот. {6:27} Може ли некој да носи оган во пазувите, а да не му се запали облеката? {6:28} Може ли некој да оди по вжарени јаглени, а да не си ги изгори своите нозе? {6:29} Така биднува со оној кој оди при жената на својот ближен: Не ќе остане без казна оној што ќе се допре до неа. {6:30} Не го срамат ли крадецот, па иако крадел за да го смири гладот: {6:31} Фатен, тој враќа седмократно и плаќа со сиот имот на својата куќа. {6:32} И така, неразумен е оној, кој се впушта со прељубница, својата душа ја губи кој прави така. {6:33} Ќе дојде посрамување и срам, и неговиот срам не се брише никогаш. {6:34} Зашто бесна е љубоморноста во мажот: тој не знае за милост во одмаздничкиот ден; {6:35} не се согласува на никаков откуп, и не прима дарови, колку и да му дадеш. {7:1} Сине мој, чувај ги моите зборови и запази ги моите заповеди при себеси. {7:2} Пази ги моите заповеди, и ќе бидеш жив, и мојата поука како зеницата на своето око. {7:3} Заврзи ги на своите прсти, запиши ги врз плочата на своето срце; {7:4} речи и на мудроста: „Моја сестра си”, и разумот наречи го роднина, {7:5} за да те чуваат од жена прељубница, од туѓинка која зборува ласкаво. {7:6} Кога бев еднаш при прозорецот на својата куќа и гледав надвор, низ решетката, {7:7} видов меѓу лесноумните, забележав меѓу момчињата неразумен младец: {7:8} Поминуваше по улицата покрај нејзиниот агол, и чекореше по патот кон нејзината куќа, {7:9} во примрак, меѓу денот и вечерта, кога се спушта ноќната темнина. {7:10} И ете, го сретна жена, облечена како блудница и со измама во срцето. {7:11} Беше тврдоглава и разуздана, нејзините нозе не застануваа дома; {7:12} беше час на улиците, час на раскрсниците, и дебнеше при секој агол. {7:13} И го фати и го пољуби, и му рече, со безобразно лице: {7:14} „Бев должна да принесам помирителна жртва и денес го исполнив својот завет; {7:15} затоа ти излегов во пресрет, да те барам, и те најдов. {7:16} Своето легло го послав со килими, со везени египетски покривачи; {7:17} својата постела ја намирисав со смирна, алој и канела. {7:18} Ајде да се ситиме со нежности до утрото и да се насладуваме во љубовта. {7:19} Зашто мојот маж не е дома, отиде на далечен пат; {7:20} зеде со себе ќесе со сребро, а ќе се врати дома одвај при полната месечина.” {7:21} Така го заведе со своето наговарање, го одвлече со своите мазни усни. {7:22} И тој тргна лудо по неа, како што волот оди на кланица и како што еленот, заплеткан во мрежата, чека {7:23} додека стрелата не му го прониже црниот дроб, и како птицата што влетува во клопката, и не знаејќи дека тоа ќе ја чини животот. {7:24} Затоа, сине мој, послушај ме, и чуј ги зборовите на мојата уста: {7:25} Нека твоето срце не застранува по нејзините патишта, и нека не скита по нејзините патеки, {7:26} зашто мнозина ги рани смртно и ги падна, и мнозина се оние што ги уби. {7:27} Патиштата низ нејзината куќа водат во пеколот, долу во собите на смртта. {8:1} Не проповеда ли мудроста, и не подига ли го својот глас разумот? {8:2} На врвот на ридот, покрај патот, на раскрниците стои; {8:3} при излезот од градот крај влезните врати, таа вика гласно: {8:4} „Вам ви проповедам, о луѓе, и го насочувам својот глас кон човечките синови! {8:5} Сфатете ја мудроста, вие неискусни, а вие неразумни, вразумете го срцето. {8:6} Слушајте, зашто ќе зборувам за важни нешта, и моите усни ќе откријат што е право, {8:7} зашто мојот јазик ја зборува вистината, а нечесноста е гнасна за моите усни. {8:8} Сите зборови на мојата уста се праведни, во нив нема ништо ни криво ни лукаво. {8:9} Сите тие се јасни за разумниот и праведни се за оној, кој придобил знаење. {8:10} Примајте ја мојата поука а не сребро, и знаењето е подобро од златото. {8:11} Зашто мудроста е поскапоцена од бисери, и никакви скапоцености не можат да се споредат со неа. {8:12} Јас, мудроста живеам со разумот и имам расудувачко знаење. {8:13} Стравот од Господа е омраза кон злото. Јас ги мразам: гордоста, самодостатноста, патот на лошото и уста полна со лаги. {8:14} Мои се советот и здравото мислење, јас сум разум, и моја е силата. {8:15} Преку мене царевите царуваат и началниците делат правда. {8:16} Преку мене кнезовите кнезуваат и големците и сите земни судии. {8:17} Јас ги љубам оние кои ме љубат мене, и ме наоѓаат кои ме барат. {8:18} Богатството и славата се во мене, постојаното добро и справедливоста. {8:19} Мојот плод е подобар од чистото и најчистото злато, и мојот приход е подобар од чистото сребро. {8:20} Јас чекорам по патот на правдата, среде справедливите патеки, {8:21} да им дадам имот на оние кои ме љубат и да ги наполнам нивните сокровишта. {8:22} Господ ме имаше во почетокот на Својот пат, пред Своите созданија, многу одамна. {8:23} Вообличена сум уште од вечноста, од почеток, пред создавањето на земјата. {8:24} Се родив кога уште немаше бездни, додека немаше извори на изобилни води. {8:25} Се родив пред да бидат основани горите, пред бреговите; {8:26} кога уште не ги имаше создадено земјата ни полињата, ни почетокот на земниот прав. {8:27} Кога ги создаваше небесата, бев присутна, кога распростираше свод над лицето на бездната; {8:28} кога ги зацврстуваше облаците во височината и кога ја одреди силата на изворот на прадлабочината. {8:29} Кога му ги поставуваше на морето неговите граници, за да не му се прелеат водите преку бреговите, кога ги поставуваше основите на земјата, {8:30} бев покрај Него, како градежничка, бев радосна, од ден на ден, радувајќи се пред Него сето време: {8:31} Се радував по почвата на Неговата земја, и мојата радост се човечките синови. {8:32} Така, деца, послушајте ме, блазе им на оние кои ги чуваат моите патишта. {8:33} Послушајте ја поуката, за да добиете мудрост и не ја отфрлајте. {8:34} Блазе му на човекот што ме слуша, и бдее пред моите врати секој ден, и кој ги чува моите довратници. {8:35} Зашто кој ме наоѓа мене, го наоѓа животот и добива милост од Господа. {8:36} А ако згреши кон мене, и пакости на својата душа: Сите што ме мразат мене, ја љубат смртта.” {9:1} Мудроста си изгради дом и изделка седум столбови. {9:2} Ги искла своите животни, го измеша своето вино и го сложи својот стол. {9:3} Ги испрати своите слугинки да објават од градските височини: {9:4} „Кој е глупав, нека наврати ваму!” А на неразумните им говори: {9:5} „Дојдете, јадете од мојот леб и пијте вино, што го измешав; {9:6} оставете ја лудоста, за да живеете, и одете по патот на разумот. {9:7} Кој поучува подбивач, добива срам, и кој кори нечесен, се валка себе си. {9:8} Не изобличувај го потсмевачот, за да не те замрази, кори го мудриот за да те засака. {9:9} Поучи го мудриот, и ќе биде уште помудар; упати го праведниот, и ќе се зголеми неговото знаење. {9:10} Стравот од Господа е почеток на мудроста и познавањето на Светиот е разум. {9:11} Преку Мене ти се умножуваат деновите и ти се множат годините на животот. {9:12} Ако си мудар, за себе си мудар; ако бидеш потсмевач, самиот ќе поднесуваш.” {9:13} Безумната жена е немирна, проста е и не знае ништо. {9:14} Седи при вратата на својата куќа на столица, во градските височини, {9:15} па ги повикува оние, кои поминуваат по патот, кои одат право по своите патеки: {9:16} „Кој е неискусен, нека наврати ваму!” и на неразумниот му говори: {9:17} „Крадената вода е слатка, и пријатно е да се јаде леб скришно.” {9:18} А тој не знае дека мртвите се таму, дека нејзините гости се во длабочините на пеколот. {10:1} Мудриот син го радува таткото, а безумниот син е тага на својата мајка. {10:2} Не ползува ништо нечесно богатство, додека праведноста избавува од смрт. {10:3} Господ не остава да гладува душата на праведниот. но ја отфрла лакомоста на нечесните. {10:4} Мрзливата рака го осиромашува човекот, а трудољубивата го збогатува. {10:5} Кој собира лете, разумен син е, а кој спие во жетвата донесува срам. {10:6} Благословите се над главата на праведникот, а устата на нечесните кријат насилство. {10:7} Благословен е праведниковиот спомен, а името на нечесниот ќе изгние. {10:8} Кој е со мудро срце, прима заповеди, додека брбливиот безумник пропаѓа. {10:9} Кој живее непорочно, оди без страв, а кој оди по криви патишта, ќе се познае. {10:10} Кој намигнува со окото, задава тага, а кој зборува лудо, пропаѓа. {10:11} Устата на праведниот се извор на живот, а устата на нечесниот крие насилство. {10:12} Омразата предизвикува раздор, а љубовта ги покрива сите погрешки. {10:13} Во усните на разумниот се наоѓа мудрост, а стапот е за плеќите на неразумниот. {10:14} Мудрите го кријат знаењето, а устата на неразумните е близу до пропаста. {10:15} Имотот на богатиот му е укрепен град, а на сиромашните сиромаштвото е нивна погибел. {10:16} Праведниот печали за живот, а нечесниот печали за грев. {10:17} Кој се придржува до поуките, е на патот на животот, а кој го отфрла укорот се заблудува. {10:18} Лажливите усни ја кријат омразата, а кој шири клевети - безумен е! {10:19} Изобилство зборови не бидува без грев, а кој го воздржува својот јазик, разумен е. {10:20} Праведниковиот јазик е одбрано сребро, а срцето на нечесниот е безвредно. {10:21} Усните на праведниот се храна на мнозина, а глупавите умираат од недостаток на разум. {10:22} Господовиот благослов збогатува и не придодава никаква мака. {10:23} а безумниот е радост да направи срамно дело, а за разумниот да биде мудар. {10:24} Од што се плаши нечесниот, тоа ќе го најде, а желбата на праведниот се исполнува. {10:25} Како виорот што поминува, така го снемува нечесниот, а праведникот има вечна основа. {10:26} Какви се киселината за забите и димот за очите, таков е мрзливецот за оние што го праќаат. {10:27} Стравот од Господа ги умножува деновите, а на нечесните им се скратуваат годините. {10:28} Надежта на праведните е полна со радост, а надежта на нечесните пропаѓа. {10:29} Господовиот пат е закрила на праведникот, а пропаст за оние што прават зло. {10:30} Праведникот никогаш нема да се поколеба, а нечесните ќе ги снема од лицето на земјата. {10:31} Од устата на праведникот блика мудрост, а лажливиот јазик ќе биде отсечен. {10:32} Усните на праведникот знаат што е благопријатно, додека устата на нечесните што е злобата. {11:1} Лажната мерка гнасна е на Господа, а полната мерка му е угодна. {11:2} Со гордоста доаѓа срамот, а мудроста е во смирените. {11:3} Праведните ги води нивната невиност, а безбожниците ќе ги погуби нивното лукавство. {11:4} Богатството не помага во денот на Божјиот гнев, а правдата избавува од смрт. {11:5} На непорочниот правдата му го исправува неговиот пат, а нечесниот пропаѓа од својата нечесност. {11:6} Справедливите ги избавува нивната правда, а беззакониците се фаќаат во својата злоба. {11:7} Кога лошиот човек умре, надежта му пропаѓа, и надежта и очекувањето на грешникот се рушат. {11:8} Праведникот се спасува од беда, а нечесниот доаѓа на неговото место. {11:9} Лицемерот го убива, со устата, својот ближен, а праведниците се избавуваат со знаење. {11:10} Градот се радува на успехот на праведниците и воскликнува заради пропаста на нечесниот. {11:11} Со благословот на праведните градот се воздига, а со устата на нечесните се разурнува. {11:12} Неразумникот го презира својот ближен, додека умниот човек молчи. {11:13} Кој оди со клеветата, ја открива тајната, а човек со верен дух ја чува тајната. {11:14} Каде нема раководство народот пропаѓа, а при многу советници, тој се избавува. {11:15} Многу лошо поминува кој емчи за друг, а без страв е кој го мрази емството. {11:16} Благочестивата жена придобива слава, а трудољубивите мажи богатство. {11:17} Милостивиот човек сам си прави добро, а жестокиот го измачува сопственото тело. {11:18} Нечесниот човек придобива измамлива печалба, а кој сее правда, има сигурна награда. {11:19} Кој е цврст во справедливоста, оди во живот, а кој трчи по злото, за смрт му е. {11:20} Одвратни му се на Господа нечесните во срцето, а непорочните во патот му се благоугодни. {11:21} Навистина, зол човек не ќе помине без казна, а потомството на праведникот ќе се избави. {11:22} Златна обетка на носот на свињата: таква е убава жена а без разум. {11:23} Праведничката желба е само добро, а очекувањето на нечесните гнев. {11:24} Кој дели изобилно, сè повеќе има, а кој скржави сè е посиромашен. {11:25} Благотворната душа наоѓа поткрепа, а кој ги напојува другите, сам ќе се напои. {11:26} Кој не дава жито, народот го колне, а благословот е над главата на оној што го продава. {11:27} Кој се стреми кон добро, наоѓа милост, а кој оди по злото, тоа ќе го снајде. {11:28} Кој се надева на богатство, пропаѓа, а праведните ќе цветат како зелено лисје. {11:29} Кој ја запустува својата куќа, ќе наследи ветер, а неумниот му е слуга на умниот по срце. {11:30} Праведниковиот плод е дрво на животот, а мудрец е, кој придобива души. {11:31} Ако на праведникот му се плаќа за заслуженото на земјата колку повеќе на нечесниот и на грешниот. {12:1} Кој ја љуби поуката, го љуби знаењето, а кој го мрази укорувањето неук е. {12:2} Добриот добива милост од Господа, а подмолниот осуда. {12:3} Човекот не се зацврстува со беззаконие, а коренот на праведникот не се помрднува. {12:4} Добродетелната жена е венец на својот маж, а срамотната е како гнилеж во неговите коски. {12:5} Мислите на праведните се справедливи, а сплетките на нечесните се измамливи. {12:6} Зборовите на нечесните се заседа за крвопроливање, а праведните ги избавува нивната уста. {12:7} Нечесните се сосипуваат и веќе ги нема, а домот на праведникот останува. {12:8} Човекот бидува пофалуван според остроумноста на својот разум, а опакиот во срцето ќе биде презрен. {12:9} Подобро е да бидеш мал и да имаш само еден слуга, отколку да се издигаш, а да немаш ни леб. {12:10} Праведникот внимава и на животот на својот добиток, додека на нечесниот срцето му е свирепо. {12:11} Кој ја обработува својата земја, наситен е со леб, а кој трча по суетата, неразумен е. {12:12} Копнежот на нечесниот е мрежа од зло, а коренот на праведникот дава плод. {12:13} На нечесниот стапица му е гревот на неговата уста, а праведникот се избавува од беда. {12:14} Од плодот на својата уста секој ќе се насити изобилно, а она што го направил со рацете, ќе му се врати. {12:15} На лудиот му се чини прав неговиот пат, а мудриот човек слуша совети. {12:16} Безумникот веднаш го покажува својот бес, а умниот го покрива срамот. {12:17} Кој говори вистина, открива што е право, а лажниот сведок - измамата. {12:18} Невнимателниот зборува како да прободува со меч, а јазикот на мудрите е исцелување. {12:19} Вистинита уста трае довека, а лажливиот јазик само за миг. {12:20} Измамата е во срцето на оние, кои смислуваат зло, а радост во оние што делат мирољубиви совети. {12:21} Праведникот не го стигнува никаква неволја, а нечесните се исполнети со зло. {12:22} Одвратни Му се на Господа лажливите усни, а Му се мили кои зборуваат вистина. {12:23} Благоразумниот човек го прикрива своето знаење, а безумничкото срце ја разгласува својата глупост. {12:24} Трудољубивата рака ќе владее, а безгрижните ќе одат кон подложност. {12:25} Грижата во срцето го притиска човекот, а добриот збор го весели. {12:26} Праведникот го води својот пријател, а нечесните ги заблудува нивниот пат. {12:27} Мрзливиот нема да го улови својот лов, а трудољубието е скапоцено благо за човекот. {12:28} Животот стои врз патеката на правдата, и на нејзиниот пат нема смрт. {13:1} Мудриот син ја слуша татковата поука, а потсмевачот не го слуша изобличувањето. {13:2} Од плодот на својата уста човекот ја ужива добрината, а срцето на беззакониците е полно со насилство. {13:3} Кој ја пази својата уста го пази својот живот, а кој зборува невнимателно, за главата му е. {13:4} Душата на мрзливиот сака но без успех, а ќе се исполни желбата на трудољубивите. {13:5} Праведникот мрази лажлив збор, а нечесниот постапува нечесно и срамно. {13:6} Правдата го чува непорочниот во патот, а гревот го сосипува грешникот. {13:7} Некој се преправа на богат, а нема ништо; некој се преправа на беден, а има големо богатство. {13:8} Со своето богатство човекот го откупува животот, а бедниот не ги слуша заплашувањата. {13:9} Светлината на праведните секогаш е радост, а светилката на нечесниот гаси. {13:10} Гордоста раѓа само препирки, а мудроста е во оние, кои примаат совет. {13:11} Со измама придобиено богатство исчезнува, а кој собира со труд, го умножува. {13:12} Одложуваната надеж го изнемоштува срцето, а исполнетата желба е дрво на животот. {13:13} Кој го презира словото, тој пропаѓа, а кој ги почитува заповедите, добива плата. {13:14} Поуката на мудриот е животен извор, таа избавува од примките на смртта. {13:15} Добриот разум прибавува пријатност, а патот на беззакониците е нерамен. {13:16} Секој умен дејствува промислено, а безумникот се фали со својата лудост. {13:17} Лошиот гласник паѓа во зло, а верниот пратеник донесува исцеление. {13:18} Сиромаштија и срам ќе дојде за оној, кој ја отфрла поуката, а кој го прима укорот ќе дојде до чест. {13:19} Слатка и е на душата исполнетата желба, а на безумниците им е омразено да се отстрануваат од злото. {13:20} Дружи се со мудрите, и ќе станеш мудар, а кој другарува со безумниците станува лош. {13:21} Злото ги гони грешниците, а доброто е награда на праведните. {13:22} Добриот човек го остава наследството на своите внуци, а богатството на грешникот се чува за праведникот. {13:23} Изобилно храна има на нивата на сиромасите, а има и кој пропаѓа од неправеден суд. {13:24} Кој ја штеди прачката, го мрази својот син, а кој го љуби, го казнува на време. {13:25} Праведикот има јадење до ситка, а стомакот на нечесните ја познава скудноста. {14:1} Мудрата жена го изградува нејзиниот дом, а лудата го разурнува со рацете. {14:2} Кој живее од чесност, се бои од Господа, а кој оди по страничен пат, Го презира. {14:3} Во устата на лудиот е прачката за неговата гордост, а мудроста ја пазат сопствените усни. {14:4} Каде нема волови, јаслите се празни, а жетвата е изобилна од силата на воловите. {14:5} Вистинскиот сведок не лаже, а лажниот сведок шири лага. {14:6} Потсмевачот бара мудрост и не ја наоѓа, а разумниот лесно доаѓа до знаење. {14:7} Оди си од безумниот човек, зашто нема да запознаеш усни што зборуваат знаење. {14:8} Мудроста на мудриот човек е во тоа: што внимава на својот пат, а глупоста на безумникот е заблуда. {14:9} На лудите гревот им е шега, а среде праведните е Божјата наклонетост. {14:10} Срцето ја познава својата душевна мака, и неговата радост не може да ја дели никој друг. {14:11} Домот на нечесните ќе пропадне а живеалиштето на праведниците ќе процвета. {14:12} Некој пат му се чини на човекот прав, а на крајот води кон смртта. {14:13} И во смеата срцето чувствува болка, а после веселбата доаѓа тага. {14:14} Лукавиот се сити со своите престапи, а добриот човек со својот труд. {14:15} Глупавиот верува на секој збор, а умниот внимава на својот чекор. {14:16} Мудриот се бои и се отклонува од злото, а безумниот се распалува и е смел. {14:17} Избувливиот човек прави лудости, и зломисленикот ќе биде замразен. {14:18} Глупавите ја наследуваат лудоста, а мудрите ги овенчува знаењето. {14:19} Лошите се поклонуваат пред добрите, и нечесните пред вратите на праведникот. {14:20} Сиромавиот им е омразен и на своите пријатели, а богатиот има многу другари. {14:21} Греши кој го презира својот ближен, а блазе на оној кој е милостив кон сиромасите. {14:22} Не одат ли по заблуда оние што смислуваат зло? А зар не се добрината и верноста со оние што смислуваат добро. {14:23} Од секој труд има полза, а од брбливоста на усните само сиромаштво. {14:24} На мудрите венец им е нивното богатство, а глупоста на безумните е нивната лудост. {14:25} Вистинскиот сведок избавува души, а лажниот сведок истура лаги. {14:26} Во стравот од Господа е голема верба, и е прибежиште за неговите синови. {14:27} Стравот од Господа е извор на животот; Тој избавува од стапицата на смртта. {14:28} Многуброен народ е слава за царот, а без луѓе владетелот пропаѓа. {14:29} Кој се гневи бавно има големо разбирање, а избувливиот во дух покажува глупост. {14:30} Тивкото срце е живот на телото, а љубомората е гнилеж во коските. {14:31} Кој го угнетува бедниот, го навредува неговиот Творец, а кој е милостив кон бедниот Го почитува. {14:32} Нечесниот пропаѓа заради сопствената пакост, а праведникот и при самата смрт наоѓа засолниште. {14:33} Мудроста почива во разумно срце, а што е во безумниот тоа и се покажува. {14:34} Правдата го возвишува народот, а гревот е срам на народите. {14:35} Царската наклонетост е кон разумниот слуга а неговиот гнев - против оној кој го срами. {15:1} Благиот одговор ја ублажува јароста, а грубиот збор го зголемува гневот. {15:2} Јазикот на мудрите луѓе го прославува знаењето, а устата на безумните истурува глупост. {15:3} Господовите очи се на секое место и ги набљудуваат и лошите и добрите. {15:4} Благиот јазик е дрво на животот, а пакосниот е рана за духот. {15:5} Безумниот ја презира поуката на својот татко, а кој прима укор, е благоразумен. {15:6} Во праведниковиот дом има големо изобилство, а нечесниот ја печали својата пропаст. {15:7} Усните на мудрите сеат знаење, а срцето на безумникот е непостојано. {15:8} Жртвата на нечесниот Му е омразена на Господа, а мила Му е молитвата на праведните. {15:9} Патот на нечесните Му е омразен на Господа, а возљубен Му е оној, кој оди по правдата. {15:10} Тешка казна го чека оној кој го остава правиот пат, а ќе умре кој го мрази изобличувањето. {15:11} И Пеколот и Гибелта стојат пред Господа, а колку повеќе срцата на човечките синови. {15:12} Потсмевачот не го љуби оној што го кори: тој не се дружи со мудрите. {15:13} Веселото срце го разведрува лицето, а болката во срцето тешкотија е за духот. {15:14} Разумното срце бара знаење, а безумничката уста се занимава со глупост. {15:15} За натажениот сите денови се зли, а кому срцето е весело, на гозби е постојано. {15:16} Подобро е малку со страв од Господа, отколку големо богатство и немир со него. {15:17} Подобар е оброк со зеленчук каде е љубовта, отколку згоен вол каде е омразата. {15:18} Гневливиот човек заметнува препирка, а стрпливиот ја стивнува расправата. {15:19} Патот на мрзливиот е како глогово трниште, а патеката на праведникот е разгазена. {15:20} Мудриот син го весели таткото, а безумниот ја презира својата мајка. {15:21} Лудоста е веселба за неразумниот, а разумниот човек оди право. {15:22} Не успеваат намерите, каде што нема советување, а се остваруваат каде има многу советници. {15:23} Човекот се радува на одговорот на својата уста, и зборот во право време колку е добар! {15:24} За разумниот човек патот на животот оди нагоре, за да се отстрани од пеколот, што е долу. {15:25} Господ го разурнува домот на гордите, а ја поставува меѓата на вдовицата. {15:26} Омразени му се на Господа лошите мисли, а чистите зборови му се мили. {15:27} Користољубивиот го разурнува својот дом, а кој го мрази поткупот, ќе живее. {15:28} Праведниковото срце смислува одговор, а устата на нечесниот зборува злоба. {15:29} Далеку е Господ од нечесните, а ја слуша молитвата на праведните. {15:30} Бистриот поглед го развеселува срцето, и радосната вест ги гои коските. {15:31} Увото што го послушува спасоносното изобличување живее меѓу мудреците. {15:32} Кој отфрла поука ја презира сопствената душа, а кој прима поправка, се здобива со разум. {15:33} Стравот од Господа е училиште на мудроста, зашто смиреноста оди пред славата. {16:1} Човекот смислува во срцето, а од Господа е што ќе одговори јазикот. {16:2} На човекот сите негови патишта му изгледаат чисти, а Господ ги испитува духовите. {16:3} Препушти му ги на Господа своите дела, и твоите намери ќе се сигурни. {16:4} Господ создаде сè за сопствена цел, па и нечесниот за денот на злото. {16:5} Омразен Му е на Господа секој со гордо срце, таков навистина не останува без казна. {16:6} Со милост и вистина се очистува неправдата, и со стравот од Господа се отстранува злото. {16:7} Кога на Господа Му се мили човековите патишта и неговите непријатели ги помирува со него. {16:8} Подобро е малку со правда, отколку големи приходи со неправда. {16:9} Човековото срце го смислува својот пат, но Господ ги управува неговите чекори. {16:10} Вдахновена одлука е во усните на царот: неговата уста нема да згреши во пресудата. {16:11} Чесните ваги и премерувањата Му припаѓаат на Господа; сите тегови во торбите се Негово дело. {16:12} Омразено им е на царевите да се врши беззаконие, зашто престолот се уцврстува со правда. {16:13} Пријатни им се на царевите праведни усни, и тие го љубат оној кој зборува вистина. {16:14} Царевиот гнев е вестител на смртта, но мудриот човек го ублажува. {16:15} Во ведрото лице на царот е живот, и неговата милост е како облак со пролетен дожд. {16:16} Пополезно е да се стекне мудрост, отколку злато, и придобивањето на разум е поскапоцено, отколку среброто. {16:17} Патот на праведните е: да се отстрануваат од злото, и кој внимава на својот пат, го чува својот живот. {16:18} Гордоста врви пред гибелта, и високоумноста пред паѓањето. {16:19} Подобро е да се биде кроток со понизните, отколку да се дели плен со горделивите. {16:20} Кој внимава на зборот, наоѓа добро, и кој се надева на Господа, блажен е. {16:21} Мудриот во срцето се наречува разумен, и слаткото зборување го зголемува знаењето. {16:22} Разумот е извор на живот на оние што го имаат, а на безумните им е казна нивната глупост. {16:23} Срцето на мудрецот ја вразумува неговата уста; му го умножува знаењето на усните. {16:24} Љубезните зборови се мед во саќи, сладост на душата и лек на коските. {16:25} Некој пат му се чини прав на човекот, а на крајот води кон смртта. {16:26} Гладот на трудбеникот работи за него, зашто го тера неговата уста. {16:27} Никаквецот приготвува само зло и во усните му е пламенен оган. {16:28} Лукавиот човек сее раздор, и клеветникот ги разделува најверните пријателите. {16:29} Насилникот го заведува својот ближен и го наведува на лош пат. {16:30} Кој намигнува со очите, смислува опакост, а кој ги стиска усните, веќе смислил пакост. {16:31} Седите коси се венец на слава; се наоѓаат на патот на правдата. {16:32} Кој е долготрпелив подобар е од јунакот, и кој владее со себе, подобар е од освојувачот на град. {16:33} Во пазувата се фрла жрепката, но од Господа е секоја одлука. {17:1} Подобро е залаг сув леб во мир, отколку куќа со расправии, полна со печена жртва. {17:2} Разумниот слуга владее над синот на срамот и ќе дели наследството со браќата. {17:3} Топилницата е за сребро, а печката за златото, а самиот Господ го испитува срцето. {17:4} Злочинецот ги слуша лажливите усни, а лажливецот го прислушкува погубувачкиот јазик. {17:5} Кој му се потсмевнува на сиромашниот, Му се потсмевнува на неговиот Создател, и кој се радува на несреќата, не останува без казна. {17:6} Внучињата се венец на старците, а синовите се слава на нивните татковци. {17:7} Не му прилега на лудиот возвишена беседа, а уште помалку на началникот лажливи усни. {17:8} Подарокот е драгоцен камен во очите на оној што го дава: каде и да се заврти, успева. {17:9} Кој го прикрива престапот, бара љубов, а кој шири клеветнички гласови, ги скарува и најинтимните пријателите. {17:10} Изобличувањето го притиска разумниот повеќе, отколку сто удари безумниот. {17:11} Лошиот човек оди сам по злото, но жесток гласник се испраќа против него. {17:12} Подобро е да нагазиш на мечка, чии мечиња се грабнати, отколку на безумник во неговата лудост. {17:13} Кој враќа зло за добро, не ќе ја отстрани несреќата од својот дом. {17:14} Започнувањето на караница е исто како да се пушти поплава, и затоа пред да избувне караница оддалечи се! {17:15} Кој го оправдува виновникот и кој го осудува правиот, двајцата Му се омразени на Господа. {17:16} Зошто е богатството во рацете на безумникот за да купи мудрост со нив, кога нема разум!? {17:17} Пријателот љуби во секое време, а во неволја станува и брат. {17:18} Неразумниот човек дава рака и емчи пред својот ближен. {17:19} Гревот го љуби кој ја љуби препирката, и кој ја издига високо својата врата, бара пропаст. {17:20} Опакиот во срцето не наоѓа добро, и кому јазикот му е лош, западнува во несреќа. {17:21} Кој ќе роди безумник, на тага му е; а не е весел ни таткото на лудиот. {17:22} Веселото срце е одличен лек, а невеселиот дух ги суши коските. {17:23} Нечесниот прима подарок од под пазуви, за да ги искриви патиштата на правдата. {17:24} Разумниот ја има мудроста пред себе, а очите на безумниот се кон крајот на земјата. {17:25} Безумниот син е грижа на татка си и жалост на својата мајка. {17:26} Не чини да биде казнуван праведникот, а не е право ни да бидат биени благородните. {17:27} Разумниот се воздржува во своите зборови, а трпеливиот човек е благоразумен. {17:28} И глупецот се смета за мудар кога молчи, и за разумен, кога ги воздржува своите усни. {18:1} Себичниот ја сака само својата желба; и се противи на секое здраво расудување. {18:2} Глупецот нема наслада во знаењето, нему му е само да си го искажува срцето. {18:3} Кога доаѓа нечесниот, доаѓа и презирот, а со нечесноста доаѓа прекорот. {18:4} Зборовите од човечката уста се длабоки води, извор на мудрост - порој што се разлива. {18:5} Не е добро: да се обѕира на нечесна личност, да му се нанесе неправда на праведникот во судот. {18:6} Безумниковите усни се впуштаат во препирки, и неговата усна предизвикува удари. {18:7} Сопствената уста е пропаст за безумниот, и усните му се примка за неговата душа. {18:8} Клеветниковите зборови се како слатки: се спуштаат до дното на утробата. {18:9} Кој е негрижлив во својата работа брат му е на расипникот. {18:10} Господовото име е цврста кула: праведникот прибегнува кон него и наоѓа засолниште. {18:11} Имотот на богатиот е утврден град, и како висок ѕид во неговото мечтаење. {18:12} Пред загинувањето се гордее човековото срце, а пред славата оди смиреноста. {18:13} Кој одговара пред да чуе, тоа му е лудост и срам. {18:14} Кога е човекот болен неговиот дух го подига, а поразениот дух, кој може да го подигне? {18:15} Разумното срце придобива знаење, и увото на мудрите бара знаење. {18:16} Подарокот му отвора пат на човекот и го води пред големците. {18:17} Кој прв го заштитува своето дело се чини дека е прав, а кога ќе дојде неговиот сосед го испитува. {18:18} Жрепката ги прекратува споровите, и одлучува меѓу силните. {18:19} Навредениот брат е појак од цврст град, и расправите се како лостови на тврдина. {18:20} Секој го наситува желудникот со плодот на својата уста, се наситува со родот на своите усни. {18:21} Смртта и животот се во власта на јазикот, а кој го милува, јаде од неговиот плод. {18:22} Кој нашол добра жена, ја нашол среќата и добил милост од Господа. {18:23} Бедниот зборува молејќи понизно, а богатиот одговара грубо. {18:24} Има пријатели кои водат во пропаст, а има и пријател поприврзан од брат. {19:1} Подобар е сиромавиот кој живее во непорочност, отколку човек со нечесни усни и при тоа и безумен. {19:2} Ревносна душа без разумност не е добра, и кој оди брзо, се сопнува. {19:3} Безумието го расипува животот на човекот, а срцето му се лути на Господа! {19:4} Богатството прибавува многу пријатели, а бедниот го остава и неговиот пријател. {19:5} Лажливиот сведок не останува без казна, и кој шири лаги, нема да избега. {19:6} Мнозина му ласкат на лицето на дародавецот, и секој му е пријател на дарежлив човек. {19:7} Бедниот го мразат сите негови браќа, уште повеќе се оддалечуваат од него, неговите пријатели. Тој копнее за добри зборови, но не ги наоѓа. {19:8} Кој стекнува разумност, си ја сака душата, а кој го чува разумот, наоѓа среќа. {19:9} Лажливиот сведок не останува без казна, и кој шири лаги, ќе пропадне. {19:10} Не му прилега на безумен да живее раскошно, уште помалку на слуга да владее над кнезовите. {19:11} Благоразумието го запира човекот од гнев, и чест му е да ја прости грешката. {19:12} Гневот на царот е како рикање на лав, а неговата благонаклонетост како роса на трева. {19:13} Безумниот син е несреќа за својот татко, и женините препирки се постојано прокиснување. {19:14} Куќата и богатството се наследуваат од татковците, а благоразумната жена е од Господа. {19:15} Мрзливоста навлекува врз човекот длабок сон, и неработливата душа гладува. {19:16} Кој се придржува до заповедта, го чува својот живот, а кој не внимава на своите патишта умира. {19:17} На Господ му позајмува кој е милостив кон бедниот, и Тој ќе му го плати добротворството. {19:18} Казнувај го својот син додека има надеж, и не се возбудувај од неговото викање. {19:19} Кој е јаростен, ќе биде казнет, ако сакаш да му помогнеш ќе направиш полошо. {19:20} Слушај совет и примај поука, за да станеш мудар во твоите последни денови. {19:21} Има многу замисли во човековото срце, но што ќе науми Господ, тоа и ќе биде. {19:22} Чест за човекот е неговото добротворство, и сиромавиот е подобар од лажливецот. {19:23} Стравот од Господа дава живот, и кој ќе се исполни со него, злото не го посетува. {19:24} Мрзливецот ја макнува раката во чинијата, но не ја принесува до својата уста. {19:25} Ако го удриш потсмевнувачот, и простиот ќе се изитри. Ако го изобличиш разумниот, тој ќе го сфати знаењето. {19:26} Срамен и расипан син е оној, кој го запустува таткото и ја истерува мајката. {19:27} Престани, сине мој, да ги слушаш поуките што одведуваат од зборовите на сознанието. {19:28} Нечесниот сведок и се потсмевнува на правдата, и устата на нечесниот ја голта неправдата. {19:29} Подготвени се казните за потсмевнувачите, и ударите за плеќите на безумните. {20:1} Виното е потсмевнувач, жестокиот пијалак буен; и кој им се оддава, не е разумен. {20:2} Царевиот гнев е како лавско рикање; кој го предизвикува, греши против самиот себе. {20:3} Чест е за човекот да се воздржи од препирка, а кој е безумен, ја почнува препирката. {20:4} Мрзливиот несака да оре поради зимата, во времето на жетвата тој бара и ништо нема. {20:5} Советот во човековото срце е длабока вода, и разумниот човек ќе ја исцрпи. {20:6} Мнозина се наречуваат: добротвори, но кој ќе најде верен човек? {20:7} Праведникот оди во својата непорочност, блазе им на неговите синови по него! {20:8} Царот кој седнува на судиска столица, го истражува секое зло со своите очи. {20:9} Кој може да рече: „Го очистив своето срце, јас сум чист од мојот грев?” {20:10} Двојните тегови и двојните мерки, двете Му се омразени на Господа. {20:11} И детето се познава според она што го прави, дали е чисто и праведно неговото дело. {20:12} И увото што слуша и окото што гледа, Господ ги направи двете. {20:13} Не сакај го спиењето за да не осиромашиш, отвори ги своите очи, и ќе се наситиш со леб. {20:14} „Лошо, лошо”, зборува купувачот, а кога ќе си отиде се фали. {20:15} Има злато и многу бисери, но мудрите усни се најскапоцен накит. {20:16} Земи му ја облеката на оној кој емчи за друг; ограби го него место туѓинецот. {20:17} Сладок му е на човекот лебот на измамата, но после устата му се наполнува со песок. {20:18} Намерите се спроведуваат со совет; затоа размисли добро па води војна! {20:19} Кој клевети наоколу, открива тајни; затоа не се мешај со оној, кому усните секогаш му се отворени. {20:20} Кој ги проколнува татко си и мајка си, светилката му се гаси среде густа темнина. {20:21} Од почетокот набрзина придобиено наследство, на крајот не е благословено. {20:22} Не зборувај: „Ќе се одмаздам за злото”, остави Му на Господа и Тој ќе те избави. {20:23} Омразени Му се на Господа двојните тегови, и кривата мерка не чини. {20:24} Од Господа се човековите чекори, и како може човекот да го разбере својот пат? {20:25} Стапица е за човекот да рече непромислено: „Ова е свето”, а после да се предомисли што заветувал. {20:26} Мудриот цар умее да ги просејува нечесните, и ги става под тркала. {20:27} Човековиот дух е Господова светилка која ја испитува сета внатрешност на срцето. {20:28} Милоста и верноста го чуваат царот, зашто со милоста го зацврстува својот престол. {20:29} Убавината на младите е нивната сила, а седата коса е украс на старците. {20:30} Синилото од биење го очистува злото, а ударите внатрешноста на срцето. {21:1} Царевото срце е во рацете на Господа, како вода што тече; го води каде што сака. {21:2} Секој пат е праведен за човекот во сопствените очи, а Господ го испитува срцето. {21:3} Да се извршува правда и да се прави право помило Му е на Господа, отколку жртва. {21:4} Издигнати очи и горделиво срце и светилка на нечесните, тоа е грев. {21:5} Замислите на трудољубивиот се стремат кон изобилство, а избувливиот трпи сиромаштво. {21:6} Сокровиште придобиено со лажлив јазик е непостојана суета на оние кои бараат смрт. {21:7} Нечесните ќе ги одвлече нивното насилство, зашто не сакаат да прават правда. {21:8} Сплеткан е патот на грешникот, а делото на чистиот човек е право. {21:9} Подобро е да се живее под работ на покривот, отколку во заедничка куќа со препирлива жена. {21:10} Душата на нечесниот го сака злото; во него нема сомилост ни за ближниот. {21:11} Кога се казнува потсмевачот, простиот станува мудар, а мудрите црпат знаење од поуката. {21:12} Праведниот Бог го набљудува домот на нечесните, и нечесните ги фрла во несреќа. {21:13} Кој го затнува своето уво пред викањето на сиромавиот, и самиот ќе вика, но никој не ќе го послуша. {21:14} Тајниот подарок ја стивнува лутината, а подарокот, под рака, и жестоката јарост. {21:15} Праведниот суд е радост за праведникот, а ужас за злосторниците. {21:16} Човек кој свртува од патот на разумот, ќе почива во собранието на мртвите. {21:17} Кој ја љуби веселбата, станува сиромав, и кој ги сака виното и мирисливото масло, не се збогатува. {21:18} Нечесниот човек е откуп за праведникот, и безбожникот стапува на местото на праведникот. {21:19} Подобро е да се живее во пустина, отколку со расправлива и гневлива жена. {21:20} Драгоцено е благото и маслото во станот на мудриот, а безумниот човек ги растура. {21:21} Кој се стреми кон правдата и милоста, наоѓа живот, правда и чест. {21:22} Мудрецот го совладува градот на силните, и ја крши силата на која се надеваат. {21:23} Кој ги чува својата уста и јазикот, самиот се чува од неволја. {21:24} На дрскиот и гордиот името му е „потсмевач”, тој работи сè со прекумерна дрскост. {21:25} Мрзливиот го убива неговата желба, зашто неговите раце одбиваат да работат. {21:26} Нечесниот по цел ден лакоми, а праведникот дава и не штеди. {21:27} Омразена е жртвата на нечесните, особено кога се принесува со лукавство. {21:28} Лажливиот сведок пропаѓа, а човек кој слуша, ќе говори секогаш. {21:29} Нечесните покажуваат дрско лице, а чесниот внимава на својот пат. {21:30} Нема мудрост, и нема разум, и нема совет, против Господа. {21:31} Коњот се подготвува за денот на бојот, но победата е од Господа. {22:1} Добро име е подобро од големо богатство, и подобра е милоста од сребро и злато. {22:2} Богатиот и сиромавиот се сретнуваат: Господ ги создаде двајцата. {22:3} Претпазливиот го предвидува злото и се скрива, а неразумните одат напред, и претрпуваат казна. {22:4} Наградата за понизност е: страв од Господа, богатство, слава и живот. {22:5} Трње и примки се на патот на измамникот; кој го чува својот живот, далеку е од двете. {22:6} Упатувај го детето по неговиот пат, па кога и ќе остари, нема да отстапи од него. {22:7} Богатиот владее над бедните, а должникот е слуга на позајмувачот. {22:8} Кој сее неправда - жнее жалост, и прачката на неговиот гнев ќе го удри него - самиот. {22:9} Милостивото око бидува благословено, зашто дава од својот леб на бедниот. {22:10} Истерај го потсмевачот и ќе прекрати раздорот, и ќе исчезнат неслогата и навредата. {22:11} Тој кој љуби чисто срце, и кој има љубезни усни, царот му е пријател. {22:12} Господовиот поглед го чува знаењето, а Тој ги отфрлува зборовите на неверникот. {22:13} Мрзливецот вели: „Лавот е надвор, би ме убил среде улицата.” {22:14} Устата на блудницата е длабока јама, и на кого се лути Господ, паѓа таму. {22:15} Глупоста се прилепува до срцето на детето, прачката на поуката ја отстранува од него. {22:16} Кој го угнетува бедниот за да се збогати, и кој дава на богатиот - ќе осиромашат. {22:17} Беседи на мудреците: наведни го увото и чуј го моето слово и земи го при срце моето знаење, {22:18} зашто е пријатно ако ги пазиш во твојата внатрешност и ако ти бидат на твоите усни. {22:19} За да биде твојата надеж во Господа, денес те поучувам и тебе. {22:20} Ти напишав триесет пати што совети, што поуки, {22:21} за да те поучам на зборовите на вистината, да можеш со веродостојни зборови да му одговориш на оној, кој ќе те запраша. {22:22} Не ограбувај го бедниот зашто е беден, и не гази го сиромашниот во судот, {22:23} зашто Господ ќе го заштитува делото нивно, и ќе им го одземе животот на оние што ним им го одземаат. {22:24} Не спријателувај се со гневлив, и не оди со бесен човек, {22:25} за да не свикнеш на неговите патишта и да не наместиш стапица за својата душа. {22:26} Не биди меѓу оние што даваат рака, кои емчат за долгови; {22:27} ако немаш со што да надоместиш, зошто да ти ја одземат и постелата од под тебе? {22:28} Не преместувај ги старите меѓи, што ги поставија твоите татковци. {22:29} Дали си видел човек трудољубив во својата работа? Таквиот има пристап при царевите и не им служи на простаците. {23:1} Кога ќе седнеш да јадеш со началник, внимавај добро што е пред тебе; {23:2} стави си нож под грлото ако си ненаситник. {23:3} Не посакувај ги неговите слатки јадења, зашто се измамливи гозби. {23:4} Не труди се да придобиеш богатство, откажи се од таквата мисла; {23:5} насочиш ли ги очите кон него, него веќе го нема, зашто си направило крилја како орел и летнало кон небото. {23:6} Не јади јадења на завидливиот, не копнеј по неговите слатки јадења, {23:7} зашто тој е таков како што мисли во себеси: „Јади и пиј”, ти вели, но неговото срце не е со тебе. {23:8} Залокот што си го изел, ќе го повратиш, напразно ќе ги изгубиш своите љубезни зборови. {23:9} Не зборувај пред безумник, зашто ги презира твоите умни зборови. {23:10} Не преместувај ги старите меѓи и не навлегувај во нивата на сираците, {23:11} зашто е моќен нивниот Заштитник, ќе го брани нивното право против тебе. {23:12} Сврти го своето срце кон поуката и своето уво кон мудри зборови. {23:13} Не лишавај му ја на детето опомената, зашто, ако го удриш со прачка, нема да умре; {23:14} го биеш со прачка, ама му ја избавуваш душата од пеколот. {23:15} Сине мој, кога ти е срцето мудро и јас се радувам од срце; {23:16} и ќе воскликнува сета моја внатрешност, кога твоите усни зборувааат што е право. {23:17} Нека твоето срце не им завиди на грешниците, туку нека секогаш ти биде во страв од Господа; {23:18} зашто ќе имаш иднина, и твојата надеж нема да пропадне. {23:19} Слушај, сине мој, и биди мудар и води го твоето срце по рамен пат. {23:20} Не дружи се со винопијачите, ниту со месојадачите, {23:21} зашто пијаницата и изедникот осиромашуваат, и дремливиот се облекува во партали. {23:22} Слушај го својот татко, својот родител, и не презирај ја мајката кога ќе остари. {23:23} Купувај вистина и не ја продавај, придобивај мудрост, поука и разум. {23:24} Многу ќе се радува таткото на праведникот, и кој раѓа мудар син ќе има милина во него. {23:25} Нека се веселат татко ти и мајка ти, и нека се радува твојата родителка. {23:26} Сине мој, дај ми го своето срце и нека твоите очи внимаваат на моите патишта, {23:27} зашто блудницата е длабока јама, и туѓинката тесен кладенец. {23:28} Таа дебне во заседа како крадец и го зголемува бројот на безбожниците меѓу луѓето. {23:29} Кому ах? Кому: леле? Кому: препирки? Кому: воздишки? Кому: рани за ништо? Кому: заматени очи? {23:30} На оние што седат доцна покрај виното, што дошле да го испитуваат зачинетото вино. {23:31} Не гледај на виното кога се црвенее, кога се прелева светливо во чашата: се пие така глатко, {23:32} а на крај каснува како змија и жилосува како змија лутица. {23:33} Твоите очи ќе гледаат туѓи жени и срцето ќе зборува развратно. {23:34} И ти ќе бидеш како да лежиш среде морето или како да седиш на врвот на јарбол. {23:35} „Ме избија, ама не ме заболе, ме претепаа, ама не почувствував; кога ќе отрезнам, уште ќе барам.” {24:1} Не завиди им на нечесните луѓе, ниту посакувај да бидеш со нив, {24:2} зашто нивното срце смислува насилство и усните зборуваат за зло. {24:3} Со мудрост се гради куќа, и со разумност се утврдува, {24:4} и преку знаење се полнат собите со секакви благопријатни и скапоцени богатства. {24:5} Мудриот човек се зацврстува, и човек со знаење расте во сила. {24:6} Зашто со размислување се оди во војна, и победата е од многу советници. {24:7} За безумниот мудроста е превисока, затоа на судот не ја отвора својата уста! {24:8} Кој смислува зло, се вика подмолен сплеткар. {24:9} Мислата на безумникот е грев, и потсмевачот им е омразен на луѓето. {24:10} Ако покажеш малодушност во ден на беда, твојата сила е мала. {24:11} Избави ги оние кои ги влечат во смрт, и спасувај ги оние што одат на губилиште. {24:12} Ако речеш: „Не знаевме за тоа, не разбира ли Оној, кој ги испитува срцата? И не знае ли Оној, Кој ти ја чува душата? И не плаќа ли Тој секому според неговите дела? {24:13} Јади мед, сине мој, зашто е пријатен, и саќите се слатки на твоето грло, {24:14} така е знај, и мудроста за твојата душа: ако ја најдеш, ја најде иднината, и твојата надеж нема да пропадне. {24:15} Не поставувај нечеснику, заседа на праведниковото живеалиште; не прави насилство на неговото мирно престојувалиште; {24:16} зашто, ако праведникот падне и седумпати, тој станува, а нечесните пропаѓаат во несреќа. {24:17} Не се радувај кога ќе падне твојот непријател, и не воскликнувај со срцето кога ќе се подлизне, {24:18} за да не види Господ и за да не го земе тоа за зло, па да го сврти Својот гнев од него кон тебе. {24:19} Не се гневи заради злочинците, не им завиди на нечестивите, {24:20} зашто лошиот човек нема иднина, светилката на нечесните гасне. {24:21} Бој се од Господа, сине мој, и од царот: и не се дружи со променливи луѓе, {24:22} зашто одненадеж доаѓа нивната погибел; и кој знае кога бедата ќе дојде од обата? {24:23} И ова е од мудреците: Не чини да се биде пристрасен на суд. {24:24} Кој му вели на нечесниот: „Праведен си!” Ќе го проколнуваат народите и ќе го мразат племињата; {24:25} а оние што го укоруваат, ќе бидат возљубени и врз нив ќе дојде благословот. {24:26} Кој одговара чесно, љуби во уста. {24:27} Сврши ја својата работа надвор и приготви ја својата нива, потоа изгради ја и својата куќа. {24:28} Не сведочи лажно против својот ближен; зар ќе мамиш со своите усни? {24:29} Не зборувај: „Како што тој ми направи мене, така ќе му направам и јас нему; ќе му платам на тој човек според неговото дело!” {24:30} Поминував покрај нивата на некој мрзливец, и покрај лозјето на некој безумник; {24:31} и ете, сè беше зарастено во коприви, трњето ја покриле површината, и камената ограда беше разурната. {24:32} Го видов тоа и го запазив во срцето, разгледав и зедов поука: {24:33} „Уште малку поспи, уште малку подреми, уште малку свиткај ги рацете за починка, {24:34} и ќе дојде твоето сиромаштво како скитник, и немаштијата како вооруженик!” {25:1} И овие се Соломонови поуки, кои ги собраа луѓето на Езекија, царот јудејски: {25:2} Слава Божја е да крие работа, а царската слава да ја истражува. {25:3} Неистражливи се: небото во височината, земјата во длабочината и царевото срце. {25:4} Отстрани ја згурата од среброто и ќе успее работата на златарот. {25:5} Отстрани го нечесниот од пред царот и неговиот престол ќе се зацврсти во правда. {25:6} Не воздигнувај се пред царот, и не седнувај на местото на големците, {25:7} зашто е подобро да ти се рече: „Искачи се горе”, отколку да те понижат пред начелникот. {25:8} Тоа што ти го видоа очите не го изнесувај пребргу на расправа; зашто што ќе направиш на крајот, кога ќе те засрами и твојот ближен? {25:9} Реши го спорот со својот ближен, и не откривај ја тајната на друг, {25:10} за да не те укори кој ќе чуе, и твојот углед срушен да биде. {25:11} Зборови кажани во право време, се златни јаболки во сребрени садови. {25:12} Мудрецот што изобличува е златен прстен и ѓердан од тенко злато за внимателното уво. {25:13} Верниот гласник, за оној што го праќа, е како снежна ладовина во време на жетва: тој ја крепи душата на својот господар. {25:14} Кој се фали со лажлив дар, тој е како облак и ветер без дожд. {25:15} Со воздржливост се ублажува управител, а мекиот јазик крши и коски. {25:16} Кога ќе најдеш мед, јади умерено, за да не се прејадеш и да го изблуваш изеденото. {25:17} Ретко влегувај во куќата на твојот ближен, да не се засити од тебе и да те замрази. {25:18} Човек кој сведочи лажно против својот ближен, тој е како палица, и меч, и остра стрела. {25:19} Безбожничката надеж во денот на неволјата, е како гнил заб и нога што трепери. {25:20} Како оној што соблекува облека во зимски ден или потурува киселина врз раната, таков е оној што му пее песна на ожалостено срце. {25:21} Ако е гладен твојот непријател, нахрани го со леб, и ако е жеден, напој го со вода, {25:22} зашто така му натрупуваш жар на главата, и Господ ќе те награди. {25:23} Северниот ветер донесува дожд, а потајниот јазик - разгневено лице. {25:24} Подобро е да се живее под работ на покривот, отколку во заедничка куќа со препирлива жена. {25:25} Како студена вода за жедно грло, таква е добрата вест од далечна земја. {25:26} Како затрупан кладенец и заматен извор, таков е праведникот кој трепери пред нечесниот. {25:27} Да се јаде многу мед не е добро, ниту да се бара претерана слава. {25:28} Разурнат град и без ѕидови, таков е човекот, кој нема власт над себеси. {26:1} Како снег лете или дожд во жетва, така не му прилега честа на безумниот. {26:2} Како врапчето кога ќе избега и ластовичката кога ќе одлета, така и проклетството, без причина, не се исполнува. {26:3} Камшик за коњот, узда за ослето, а прачка за плеќите на безумникот. {26:4} Не одговорувај му на безумниот, според неговата глупост, за да не станеш и самиот еднаков со него; {26:5} одговори му на безумниот според неговата глупост, за да не се направи сам себеси мудар. {26:6} Си ги пресечува нозете и пие горчило, кој испраќа порака по безумен. {26:7} Како што се трепетливите нозе на хромиот, таква е мудрата изрека во устата на безумниот. {26:8} Како оној што врзува скапоцен камен за прачка, таков е оној кој му искажува чест на безумникот. {26:9} Како што е трнливата гранка во рацете на пијаницата, таква е мудрата поука во устата на безумниот. {26:10} Стрелец кој ги ранува сите минувачи: таков е оној кој го главува безумниот. {26:11} Безумникот се враќа на својата глупост, како што кучето се враќа на својата блувотина. {26:12} Виде ли човек кој сам себе се прави мудар, знај, и од безумниот има повеќе надеж, отколку од него! {26:13} Ленивиот вели: „Ѕвер има на патот и лав има по улиците”. {26:14} Како што вратата се врти на своите стожери, така и мрзливиот на својата постела. {26:15} Мрзливиот ја натопува раката во чинијата, ама не може да ја принесе до устата. {26:16} Мрзливиот самиот се прави помудар од седуммина, кои одговараат умно. {26:17} Пес фаќа за уши кој при поминувањето, се замешува во препирка, што не го засега него. {26:18} Како безумниот кој фрла гламни, стрели и сее смрт, {26:19} таков е човекот кој го измамува својот ближен и вели: „Само се шегував”. {26:20} Кога ќе ги снема дрвата, огнот гасне, и каде веќе нема клеветник, препирките стивнуваат. {26:21} Јагленот е за жар и дрвата за оган, а препирачот, за да распалува препирка. {26:22} Клеветниковите зборови се како слатки залаци, се спуштаат до дното на утробата. {26:23} Ласкави усни со нечесно срце, се како сребрена глеѓ на глинен сад. {26:24} Мразачот дволичи со своите усни, а во себе носи измама; {26:25} не му верувај кога зборува со љубезен глас, зашто има седум мерзости во срцето; {26:26} иако со дволичност ја прикрива омразата, неговата нечесност ќе биде откриена на собранието. {26:27} Кој копа јама, сам паѓа во неа, и кој тркала камен, врз него ќе се навали. {26:28} Лажливиот јазик ги мрази своите жртви, ласкавата уста приготвува пропаст. {27:1} Не фали се со утрешниот ден, зашто не знаеш што може денот да донесе. {27:2} Нека те фали друг, а не твојата уста, туѓинец - а не твоите усни. {27:3} Каменот е тежок и песокот е тежок, ама и од двете е потежок безумниковиот бес. {27:4} Јароста е свирепа и гневот е жесток, но кој ќе и одолее на љубомората? {27:5} Јавниот укор е подобар, отколку лажната љубов. {27:6} Ударите од пријателот се искрени, а бакнежите на непријателот, изобилни. {27:7} Наситената душа го презира медот, а на гладната, и сè горчливо - му е слатко. {27:8} Како птица далеку од своето гнездо, таков е човекот, кој е далеку од својот роден крај. {27:9} Како што маслото и мирисот го веселат срцето, така и сладоста на пријателот преку срдечен совет. {27:10} Не оставај ги: својот пријател, ни татковиот пријател, и не влегувај во братовата куќа, кога си во несреќа; подобар е соседот во близина, отколку братот далеку. {27:11} Биди мудар, сине мој, и зарадувај ми го срцето, за да можам да му одговорам на оној, кој ме укорува. {27:12} Умниот човек го забележува злото и се засолнува, а глупаците одат безгрижно и страдаат. {27:13} Земи му ја облеката на оној, кој емчи за друг, и ограби го место туѓинецот. {27:14} Кој го поздравува својот пријател гласно, а рано наутро, тоа му се смета како клетва. {27:15} Покривот што прокиснува за време на пороен дожд и препирлива жена - едно исто се, {27:16} кој неа ја крие, го крие ветерот и фаќа масло со десницата. {27:17} Железо се остри со железо, и човекот го остри лицето на својот пријател. {27:18} Кој ја чува смоквата, јаде од нејзиниот плод, и кој го чува својот господар, ќе биде почитуван. {27:19} Како што во водата се одразува лице од лице, така и срцето го одразува човекот. {27:20} Смртта и Пропаста не можат да се заситат, а така ни човечките очи. {27:21} Топилницата е за сребро и печката за злато, а човекот се познава по устата што го фали. {27:22} Да го истолчиш безумникот со толчник во сад за толчење со зрна, пак неговото безумство нема да го остави. {27:23} Грижи се внимателно за својот добиток, и грижи се за стадата, {27:24} зашто богатството не трае довека; ниту круната од колено до колено. {27:25} Кога тревата никнува и зеленило се покажува и се собира планинското билје, {27:26} тогаш јагнињата ти се за облека, и јарињата за купување на ниви; {27:27} тогаш имаш во изобилство козјо млеко за своја храна и за храна на својот дом, и за исхрана на своите прислужнички. {28:1} Неправедните бегаат и кога никој не ги гони, а праведниците се смели како млад лав. {28:2} Кога се греши во земјата, управителите и се многу, а со разумен и умен човек управата е постојана. {28:3} Бедниот човек, кој ги угнетува слабите, е пороен дожд, по кого нема леб. {28:4} Отстапниците од Законот ги величаат нечесните, а кои го пазат Законот им се противат. {28:5} Лошите луѓе не ја разбираат правдата, а кои Го бараат Господа, разбираат сè. {28:6} Подобар е бедниот, кој живее непорочно, отколку богатиот, кој чекори по крив пат. {28:7} Кој го пази Законот, е разумен син, а кој се дружи со ненаситниците го срамоти татка си. {28:8} Кој го умножува своето богатство со заемодавство и придобивки, го собира за оној, кој е милостив кон сиромашните. {28:9} Кој го отклонува своето уво, за да не го слуша Законот, и неговата молитва е омразена. {28:10} Кој ги заведува чесните на лош пат, ќе падне во својата јама, а чесните ќе го наследат доброто. {28:11} Богатиот човек се смета мудар за себеси, но разумниот сиромав ќе го разобличи. {28:12} Голема слава е кога се радуваат праведниците, а кога се издигаат нечесните, луѓето се кријат. {28:13} Кој ги крие своите престапи нема успех, а кој ги исповеда и се одречува од нив, наоѓа милост. {28:14} Блажен е човек, кој секогаш се бои, зашто човек со тврдо срце запаѓа во несреќа. {28:15} Лав што рика и гладна мечка: таков е опакиот владетел за бедниот народ. {28:16} Неразумниот управител прави многу насилства, а кој ја мрази лакомоста, живее долго. {28:17} Човек кој е виновен за пролевање на човечка крв, бега до гроб: не застанувајте го. {28:18} Кој живее праведно, се спасува, кој оди по криви патишта, пропаѓа на еден од нив. {28:19} Кој ја обработува својата земја, ќе се насити со леб, а кој трча по суетите, ќе се насити со сиромаштво. {28:20} Чесниот човек изобилува со благослови, а кој брза по богатство, не останува без казна. {28:21} Не чини да се биде пристрасен на суд, зашто и за залак леб човекот прави зло. {28:22} Лакомецот брза по богатството, а не знае дека ќе го стигне скудноста. {28:23} Кој го изобличува човекот, после ќе најде поголема милост, отколку оној, кој ласка со својот јазик. {28:24} Кој ги ограбува татка си и мајка си и вели: „Не е грев”, другар му е на разбојникот. {28:25} Срцето на горделивецот зафаќа препирка, а кој се надева на Господа, ќе напредува. {28:26} Безумен е кој се надева на своето срце, а се спасува кој живее мудро. {28:27} Кој му дава на бедниот, не трпи скудност; а кој ги одвраќа своите очи, ќе биде проклет. {28:28} Кога се издигаат нечесните, луѓето се кријат, а кога пропаѓаат, тогаш се умножуваат праведниците. {29:1} Човекот кој по опомената останува тврдоглав, во миг ќе се скрши и нема да му има лек. {29:2} Народот се радува кога се умножуваат праведниците, а народот воздивнува, кога ќе завладеат нечесните. {29:3} Човек кој ја љуби мудроста, го радува татка си, а кој се дружи со блудниците, го растурува имотот. {29:4} Царот ја одржува државата со правда, а ја разурнува кој бара подароци. {29:5} Човек кој му ласка на својот ближен, им простира мрежи на неговите стапки. {29:6} Во гревот е стапицата за лошиот човек, а праведникот ликува и се весели. {29:7} Праведникот го разбира правото на бедните, а нечесниот не вникнува за да сфати. {29:8} Потсмевачите го запалуваат градот, а мудрите го стивнуваат гневот. {29:9} Кога мудриот спори со безумникот, или да се гневи, или да се смее, сеедно, нема мир. {29:10} Крвопијците го мразат чесниот, а праведниците се грижат за неговиот живот. {29:11} Безумникот го излева сиот свој гнев, а мудриот го воздржува. {29:12} Ако владетелот послуша лажлив збор, сите негови слуги стануваат нечесни. {29:13} Сиромавиот и дерикожецот се среќаваат, Господ ги просветлува очите на двајцата. {29:14} Цар кој им суди на бедните според правдата, има цврст престол довека. {29:15} Прачката и изобличувањето даруваат мудрост, а разузданото дете ја срами својата мајка. {29:16} Кога се множат нечесните, се множи и беззаконието, но праведниците ја набљудуваат нивната пропаст. {29:17} Изобличи го својот син, и ќе те успокои и ќе и даде радост на твојата душа. {29:18} Каде нема откровение пророчко народот се разуздува, а кој го пази Законот е блажен! {29:19} Само со зборови не се поправува слугата, зашто не се покорува, иако сфаќа со умот. {29:20} Дали си видел човек брз на зборови? И безумникот има повеќе надеж од него. {29:21} Кој го мазни својот слуга од детство, после ќе му биде како син. {29:22} Гневливиот човек предизвикува препирки, а избувливиот човек прави многу гревови. {29:23} Гордоста го понижува човекот, а смирениот во дух придобива чест. {29:24} Кој со крадец дели плен, се мрази самиот: слуша проклетства и ништо не открива. {29:25} Стравот му поставува стапица на човекот, а кој се надева на Господа, наоѓа закрила. {29:26} Мнозина ја бараат милоста на владетелот, но Господ дели правда секому. {29:27} Неправедникот им е омразен на праведните, а праведникот е омразен на нечесните. {30:1} Зборови на Агур, Јаќеев син, од Маса; негово пророштво за Итиел, за Итиел и Укал. {30:2} Да, преглуп сум за да бидам човек, и немам човечки разум. {30:3} Не придобив мудрост, и не ги познавам знаењата на Светецот! {30:4} Кој се вознесе на небо и слезе? Кој го фати ветерот во своите грсти? Кој ги собра водите во својата наметка? Кој ги постави земските краишта? Како се вика и како му се вика синот? Знаеш ли? {30:5} Секое Божјо слово е испитано, Тој им е штит на оние, кои се надеваат на Него. {30:6} Не додавај им ништо на Неговите зборови, за да не те изобличи и да не те смета лажлив. {30:7} За две нешта те молам: не откажувај ми ги, додека не умрам: {30:8} оддалечи ги од мене: суетата, и лагата; не ми давај ни сиромаштво ни богатство; храни ме со мојот насушен леб; {30:9} за да не се откажам од тебе, откако ќе се наситам, и да речам: „Кој е Господ?” Или осиромашувајќи - би крадел и би го онечистил името на својот Бог. {30:10} Не го клевети слугата пред неговиот господар, зашто би можел да те проколне, и да се најдеш виновен. {30:11} Има род кој го колне татка си и не ја благословува својата мајка! {30:12} Род кој мисли за себе дека е чист, а не е измиен од своите нечистотии. {30:13} Род со издигнати очи, кој ги крева високо своите клепки! {30:14} Род чии заби се мечеви, а челустите ножеви, за да ги изеде несреќните на земјата и бедните меѓу луѓето! {30:15} Пијавицата има две ќерки: „Дај! Дај!” Суштествуваат три ненаситни работи; и четири што не велат: „Доста!” {30:16} Смртта, неплодната утроба, земјата што никогаш не се сити со вода, и огнот што никогаш не вели: „Доста!” {30:17} Окото што му се потсмева на таткото и одречува послушност на мајката, ќе го исколваат поточните гаврани и ќе го изедат млади орли. {30:18} Три нешта ми се чудни, а четвртото не го разбирам: {30:19} орловиот пат по небото, змииниот пат по стената, патот на бродот среде морето, и патот на мажот кон девојката. {30:20} Таков е патот на прељубницата: ќе се најаде, ќе ја избрише устата и вели: „Не згрешив. „ {30:21} Од три нешта се тресе земјата, а четвртото не може да го трпи: {30:22} од роб кога ќе стане цар, и кога простиот ќе се насити леб; {30:23} од разведена жена кога ќе се мажи, и од слугинката, која ќе ја истисне својата господарка. {30:24} Четири нешта се мали на земјата, но се помудри од мудрите: {30:25} мравките, нејаки суштества, што лете ја приготвуваат храната за себе; {30:26} јазовците, суштества без сила; што во стена си изградуваат куќа; {30:27} скакулците, кои немаат цар, а сите одат по дружини; {30:28} гуштер, што се фаќа со рака, а проникнува во царските дворци. {30:29} Три нешта имаат убав чекор, а четвртото убаво оди: {30:30} лавот, јунак меѓу ѕверовите, што не се повлекува пред никого; {30:31} петелот, што се шета смело меѓу кокошките; јарецот, што предводува стадо, и царот со својата војска. {30:32} Ако си лудувал гордејќи се, или си смислил зло, сложи ја раката на устата. {30:33} Кога се мати млекото, излегува маст, кога се притиснува носот, потечува крв, кога се поттикнува гневот, се зафаќа препирка. {31:1} Зборови на Лемуил, цар на Маса, со кои го научила неговата мајка. {31:2} Зошто, сине мој? Зошто сине на мојата утроба? Зошто, сине на моите завети? {31:3} Не ја давај својата сила на жените, ни своите патишта на погубителките на цареви. {31:4} Не е за цареви, Лемуиле, не им прилега на царевите да пијат вино, ни на главатарите опоен пијалак, {31:5} за да не ги заборават законите во пијачката и да им ја изменат правдата на страдалниците. {31:6} Дајте му жесток пијалак на оној што ќе пропадне, и вино на човек што е огорчен во душата. {31:7} Тој ќе пие и ќе ја заборави својата беда и не ќе си спомнува веќе за својата неволја. {31:8} Отворај ја својата уста за немиот, и за правото на сите несреќници што пропаѓаат. {31:9} Отворај ја својата уста, суди праведно, дај им ја правдата на бедниот и неволникот. {31:10} Кој ќе најде добродетелна жена? Таа вреди повеќе од бисери. {31:11} Мажовото срце се надева во неа, и не ќе му недостига печалба. {31:12} Таа му прави добро, а не зло, во сите дни на својот век. {31:13} Набавува волна и лен, и вешто работи со своите раце. {31:14} Таа е како трговски брод: оддалеку го донесува својот леб. {31:15} Таа станува уште во ноќта, ги храни своите домашни и им одредува работа на своите прислужнички. {31:16} Ако забележи нива ја купува; со плодот на своите раце сади лозје. {31:17} Со сила ги опашува своите бедра, и ги зајакнува своите мишки. {31:18} Гледа како и напредува работата: ноќе не и гасне светилката. {31:19} Со рацете посегнува по предилката, и со прстите го држи вретеното. {31:20} Ја отвора својата дланка на бедниот, ги испружува рацете кон оној кој има потреба. {31:21} Не се бои од снегот за своите домашни, зашто за сите деца има по две облеки. {31:22} Сама си шие покривачи, се облекува во лен и во црвено сукно. {31:23} Мажот и е славен на Вратите, каде што седи со земните старешини. {31:24} Ткае платно и го продава, и дава појаси на трговецот. {31:25} Облечена е со сила и достоинство и весело гледа на иднината. {31:26} Мудро ја отвора својата уста, и побожна наука и е на јазикот. {31:27} Внимава на поведението на своите домашни, и не го јаде лебот на мрзливоста. {31:28} Нејзините синови се подигаат и ја наречуваат среќна, и нејзиниот маж ја фали: {31:29} „Многу жени беа добродетелни, но ти ги надминуваш сите.” {31:30} Миловидноста е лажлива, убавината е суетна: Жена со страв од Господа, заслужува пофалба. {31:31} Дајте и од плодот на нејзините раце, и нека нејзините дела ја прославуваат на Вратите.