{1:1} Соломоновата Песна над песните {1:2} Бакни ме со бакнеж на својата уста, твојата љубов е послатка од вино. {1:3} Мирис на најдобрите мириси, твоето име е разлеано масло, затоа те љубат девиците. {1:4} Повлечи ме по себе, да бегаме! Царот ме воведе во своите соби. Ќе се веселиме и ќе се радуваме заради тебе, ќе ја славиме твојата љубов повеќе од виното; достојно е да те љубат! {1:5} Ерусалимски ќерки, црна сум, но убава, како кедровите шатори, како Соломоновите завеси. {1:6} Не гледајте дека сум поцрнета, зашто сонцето ме опали. Синовите на мајка ми се разгневија на мене, ме поставија да ги чувам лозјата; а моето лозје, не го чував. {1:7} Кажи ми ти, кого го љуби мојата душа: каде пасеш? Каде одмараш на пладне? за да не скитам, барајќи те, околу стадата на твоите другари! {1:8} Ако не го знаеш тоа, о, најпрекрасна меѓу жените, излези и следи ги трагите на стадата, и паси ги твоите јариња околу пастирските шатори. {1:9} Те споредувам со коњите во фараоновите коли, моја возљубена. {1:10} Прекрасни се твоите образи меѓу ушниците; твојот врат со ѓерданите; {1:11} ќе направиме златни обетки, за тебе, со сребрени приврзоци. {1:12} Додека царот се одморува на своите постели, мојот нард мириса. {1:13} Мојот возљубен е како страк смирна, што почива меѓу моите гради. {1:14} Мојот возљубен е како кипров грозд од енгадските лозја. {1:15} О, ти си прекрасна, моја возљубена; колку си убава! имаш очи како гулабица. {1:16} О, ти си прекрасен, мој возљубен, и љубезен! Зеленилото е наша постела. {1:17} Кедрите се греди на нашите куќи, а кипарисите покрив. {2:1} Јас сум саронски цвет, лилјан во долина! {2:2} Што е лилјанот меѓу трњето, тоа е мојата возљубена меѓу девиците. {2:3} Што е јаболкницата сред горските дрва, тоа е мојот возљубен меѓу младите. Сакам да седам во нејзината сенка; а нејзините плодови му се слатки на моето грло. {2:4} Ме воведе во собите на виното и ме покри со знамето на љубовта. {2:5} Поткрепете ме со колачиња, освежете ме со јаболка, зашто јас сум изнемоштена од љубов. {2:6} Неговата лева рака ми е под главата, а со десната ме прегрнува. {2:7} Ве заколнувам, ерусалимски ќерки, во полските срни и елени, не ја будете и не ја тревожете мојата љубов, додека самата не посака. {2:8} Гласот на мојот возљубен! ете го, доаѓа, прелетува преку гори, прескокнува брегови. {2:9} Мојот возљубен е како срна, тој е како еленче. Ете, тој стои зад нашиот ѕид; гледа низ прозорците, наѕира низ решетките. {2:10} Мојот возљубен почнува да ми зборува: „Стани, моја возљубена, убавице моја, и дојди! {2:11} зашто, ете, зимата веќе помина, дождот замина и прекрати. {2:12} Цвеќињата се покажуваат по земјата, дојде време за пеење; и грличиниот глас се слуша во нашиот крај. {2:13} Смоквата ги исфрли првите плодови, лозјето мириса во цветање. Стани, моја возљубена, убавице моја, и дојди! {2:14} Гулабице моја, во каменливи пештери, во стрмните и карпести засолништа! дај да ти го видам лицето и да ти го чујам гласот; зашто твојот глас е милозвучен, а твоето лице е прекрасно!” {2:15} Ловете ги лисиците, малите лисици, што ги оштетуваат лозјата, нашите лозја во цутењето. {2:16} Мојот возљубен ми припаѓа мене, а јас нему; тој пасе меѓу лилјаните. {2:17} Пред денот да издивне и пред да се спуштат сенките, врати се, возљубен мој: биди лесен како срна, како срниче на гората Бетер. {3:1} Во своето легло, во ноќите, го барав оној, кого го љуби мојата душа; го барав, но не го најдов. {3:2} И така, ќе станам и ќе го оптрчам градот, по улиците и раскрсниците, ќе го барам оној, кого го љуби мојата душа: го барав, но не го најдов. {3:3} Ме сретнаа стражарите, кои го обиколуваат градот: „Дали го видовте оној, кого го љуби мојата душа?” {3:4} Туку што тргнав од нив, го најдов оној, кого го љуби мојата душа. Го фатив и нема да го пуштам, додека не го воведам во домот на мојата мајка, во спалната на мојата родителка. {3:5} Ве заколнувам, ерусалимски ќерки, во полските срни и елени, не ја будете и не ја тревожете мојата возљубена, додека самата не посака! {3:6} Што се дига тоа од пустината како столб од дим, од кадењето на смирната и темјанот и на сите милномирисни правови? {3:7} Ете, тоа е Соломоновата носилка, околу неа, шеесет стројни момчиња, од најсилните во Израел! {3:8} Сите се вешти со мечевите, обучени се за војна; секому мечот му е на бедрото, заради ноќните опасности. {3:9} Царот Соломон си направи престол за себе од ливанско дрво. {3:10} Ги направи неговите столпчиња од сребро, потпирачите за лакти од злато; седиштето од црвено сукно; сè е украсено внатре, со љубовта на ерусалимските ќерки. {3:11} Излезете, сионски ќерки, и видете го царот Соломон со венецот, со кој го овенча неговата мајка, во денот на неговата свадба, во денот на радоста на неговото срце. {4:1} Колку си убава, моја возљубена, Колку си прекрасна! Имаш очи како гулабица, под твојот превез; косата ти е како стадо кози, што слегуваат од гората Галад. {4:2} Забите ти се како стадо на остригани овци, кога се враќаат од капење: одат две по две како близначки и ниедна не е осамена. {4:3} Твоите усни се како лента од црвено предено и твоите зборови се љубезни; твоите образи се како калинкини половинки, под твојот превез. {4:4} Вратот ти е како Давидова кула изградена за одбрана: илјада штитови висат во неа, сè јуначки оклопи. {4:5} Твоите две гради, како две срничиња, близначиња, што пасат меѓу лилјаните. {4:6} Пред денот да издивне и пред да се опуштат сенките, ќе тргнам на смирнината гора и на темјановото бреже. {4:7} Целата си прекрасна, возљубена моја, и нема недостаток на тебе! {4:8} Дојди со мене од Ливан, невесто! Дојди со мене од Ливан! Слези од врвот на Аман, од лавските пештери, од горите на рисовите! {4:9} Срцето ми го плени, сестро моја, невесто; срцето ми го плени само со еден твој поглед, само со еден бисер од твојот ѓердан. {4:10} Колку е слатка твојата љубов, сестро моја, невесто! Твојата љубов е послатка од виното, а мирисот на твоите масла е попријатен од сите мириси. {4:11} Саќин мед капе од твоите усни, невесто, мед и млеко се под твојот јазик, а мирисот на твоите облеки е како ливански мирис. {4:12} Ти си затворена градина - сестро моја, невесто, затворена градина и запечатен кладенец. {4:13} Твоите подници се калинкина градина, полна со најодбрани плодови: калинка и шафран, {4:14} мирислива трска и цимет, со сите темјанови стракови, со смирна и алој, со најдобри мириси. {4:15} Кладенецот е во мојата градина, извор на жива вода што тече од Ливан. {4:16} Стани: северец! дувни: јужен ветре! Повеј над мојата градина, нека се разнесат нејзините мириси. Мојот возљубен нека дојде во својата градина, за да ги вкуси нејзините најслатки плодови. {5:1} Дојдов во мојата градина, сестро моја, невесто, ги берам мојата смирна и моите мириси, ги јадам мојот мед и моите саќи, ги пијам моето вино и моето млеко. Јадете, пријатели, пијте и наситувајте се, возљубени мои! {5:2} Јас спијам, но моето срце бдее. Одненадеж глас! Мојот возљубен ми потчукнува: „Отвори ми, сестро моја, возљубена моја; гулабице моја, совршена моја; зашто главата ми е полна со роса, а косата со ноќна влага.” {5:3} „Ја соблеков мојата облека, како да ја облечам? Ги измив нозете, како да ги извалкам пак?” {5:4} Мојот возљубен ја провна раката низ отворот и сета моја внатрешност се возбуди од него. {5:5} Станав, за да му отворам на мојот возљубен, а од мојата рака капеше смирна и потече низ прстите на рачката на клучалката. {5:6} Му отворив на мојот возљубен, а тој веќе се беше оддалечил и исчезнал; останав без здив кога замина. Го барав, но не го најдов, го викав, но не се одѕва. {5:7} Ме сретнаа стражарите, кои го обиколуваат градот; ме биеја, ме ранија; и ми ја зедоа наметката чуварите на ѕидовите. {5:8} Ве заколнувам, ерусалимски ќерки, ако го сретнете мојот возљубен, што ќе му речете? Дека јас изнемоштувам од љубов. {5:9} „Во што е твојот возљубен подобар од другите, о, најлична меѓу жените? Во што е твојот возљубен подобар од другите, па нè заколнуваш така?” {5:10} Мојот возљубен е бел и румен, повеќе од десет илјади други. {5:11} Неговата глава е како злато - чисто злато; кадриците од косата, како млади палмини гранчиња, црни како гавран. {5:12} Неговите очи се како гулаби над поточната вода. Забите му се како измиени со млеко, наредени во рамка. {5:13} Неговите образи се како леи со мирисливи билки; како благомирисно цвеќе, усните му се лилјани, од кои тече смирна. {5:14} Рацете му се златно прстење, полно со скапоцености; неговите гради - како извајани од слонова коска, покриена со сафири. {5:15} Нозете му се столбови од мрамор на златни подножја; растот му е како Ливан, величествен како кедар. {5:16} Говорот му е сладок и сиот е од љубезност. Таков е мојот возљубен, таков е мојот пријател, ерусалимски ќерки! {6:1} „Каде отишол твојот возљубен, о, нјубава меѓу жените? Каде го снема твојот возљубен, за да го бараме со тебе?” {6:2} Мојот возљубен слезе во својата градина, при леите со мирисливи билки, да пасе по градините и да собира лилјани. {6:3} Јас му припаѓам на мојот возљубен, мојот возљубен ми припаѓа мене; тој пасе меѓу лилјаните. {6:4} Убава си, моја возљубена, како Терса, красна си како Ерусалим, страшна како војска под знамињата. {6:5} Одврати ги твоите очи од мене, зашто ме збунуваат. {6:6} Твојата коса е како стадо кози, што слегуваат од Галад. Забите ти се како стадо истригани овци кога доаѓаат од капење: идат две и две како близначки, и ниедна не е осамена. {6:7} Твоите образи се како калинкини половинки под твојот превез. {6:8} Има шеесет царици и осумдесет наложници и безброј девици. {6:9} Но само една е мојата гулабица, мојата совршена единствена на мајката, избраница на својата родителка. Девиците ја видоа и и заблажеваа, а цариците и наложниците ја пофалија. {6:10} Која е оваа која доаѓа како мугрите што осамнуваат, прекрасна е како месечината, сјајна како сонцето, страшна како војска под знамињата? {6:11} Слегов низ ореови насади, за да ги видам младите растенија во долината, за да видам дали распупиле лозјата, дали цветаат калинките? {6:12} Не дознав ништо, а душата моја ме постави на колите Аминадавови. {6:13} „Врати се, врати се, Суламко, врати се за да те гледаме.” Што ќе видите на Суламка, која игра во две дружини? {7:1} Колку се убави твоите нозе во обувките, кнежевска ќерко! Заобленоста на твоите бедра се како огрлици, дело на рацете на искусен уметник. {7:2} Папокот ти е тркалезна чаша, што никогаш не е без пијалак; мевот ти е како стог пченица, заграден со лилјани. {7:3} Твоите две гради се како две срничиња- близначиња на срната. {7:4} Твојот врат е како столб од слонова коска. Твоите очи се како езерчињата во Есевон, кај Ватравимската Врата. Носот ти е како ливанска стражарница, што гледа кон Дамаск. {7:5} Твојата глава е како гората Кармил, а косата на главата како црвено сукно, и царот се сплетка во нејзините плетенки. {7:6} Колку си прекрасна, колку си привлечна, о, највозљубена, меѓу милините! {7:7} Растот твој е како палма, твоите гради се гроздови. {7:8} Си реков: ќе се искачам на палмата, да ги дофатам нејзините врвови; а твоите гради ќе бидат како гроздови на лоза; мирисот на твојот здив како јаболка. {7:9} Твојата уста е како најдобро вино, што тече направо кон мојот возљубен, како што тече низ усните на заспаните. {7:10} Јас му припаѓам на мојот возљубен, и тој има желба по мене. {7:11} Дојди, возљубен мој, ќе одиме во полето, ќе ноќеваме во селата. {7:12} Наутро ќе одиме во лозјата, за да видиме дали распупува лозата, дали се зафаќа грозјето, дали расцветаа калинките? Таму ќе му ја дадам мојата љубов. {7:13} Калинките шират мирис, во нашите куќи има секакви овошки: нови и стари, за тебе ги чував, о највозљубен мој! {8:1} О, да си ми брат, да ги цицаше градите на мојата мајка! Тогаш, сретнувајќи те на улица, ќе те пољубев и никој немаше да ме осуди за тоа. {8:2} Би те повела и би те вовела во домот на мајка ми; ти би ме учел, а јас би те поела со најдобро вино и со сок од калинки. {8:3} Неговата лева рака ми е под главата, а со десната ме прегрнува. {8:4} Ве заколнувам, ерусалимски ќерки, не будете ја и не тревожете ја мојата возљубена, додека самата не посака! {8:5} Која е таа што доаѓа од пустината, потпрена врз својот возљубен? Те разбудив под јаболкницата, каде те роди мајка ти, каде твојата родителка те донесе на свет. {8:6} Стави ме како знак на срце, како печат на твојата рака; зашто љубовта е силна како смртта, а љубомората е цврста како гроб. Нејзиниот жар е жар на огнот, нејзините пламења, Господови пламења. {8:7} Големи води не можат да ја угаснат љубовта, ниту реките да ја потопат. Да го дава некој за љубовта сето богатство на својот дом, тој би навлекол презир врз себе. {8:8} Имаме мала сестра, која уште нема гради; што ќе правиме со нашата сестра, кога ќе стане збор за неа? {8:9} Ако биде како ѕид, ќе изградиме врз него сребрен дворец; ако биде како врата, ќе ја обложиме со кедрови даски. {8:10} Јас сум ѕид и моите гради се стражарници, затоа јас ќе бидам во неговите очи, како онаа што достигнала до полнота. {8:11} Соломон има лозје во Вал Амон; им го даде на чуварите и секој треба да донесе за неговите плодови илјада сребреници. {8:12} Моето лозје е пред мене: а Соломоне, за тебе илјада, а двеста на оние што ги чуваат плодовите. {8:13} О ти, која живееш во градините, другарите го слушаат твојот глас, дај и јас да го чујам. {8:14} Побрзај, возљубен мој; биди како срна и како еленче во мирисливите гори!