{1:1} Во триесеттата година, во четвртиот месец, во петтиот ден, кога бев меѓу заробениците при реката Хевар, небесата се отворија, и јас видов Божјо видение. {1:2} Во петтиот ден на истиот месец - во петтата година откако го одведоа во ропство царот Јоаким - {1:3} Господовото слово му дојде на Езекиел, синот Вузиев, свештеник во Халдејската Земја, при реката Хевар. Господовата рака се спушти врз мене. {1:4} Погледав, кога ете од север удри силен виор, голем облак, пламнат оган обвиткан со сјај; среде него, среде огнот, нешто слично на сјајна ковина. {1:5} Среде тоа нешто како четири суштества по облик слични на човек; {1:6} секое од нив со четири лица, во секое четири крила. {1:7} Нозете им беа рамни, а стапалата како кај теле; светкаа како блескава бронза. {1:8} Под крилата имаа на сите четири страни човечки раце. И секое од четирите имаше свое лице и свои крила. {1:9} Крилата им се допираа едно со другото. Одејќи не се вртеа: секое се движе-ше напред. {1:10} И во сите четири суш-тества беше човечко лице, во сите четири оддесно лавско лице; во сите четири одлево воловско лице; и о-релско лице во сите четири. {1:11} Лицата им беа такви, а крилата им беа растегнати нагоре. Секое имаше две крила што се соединуваа и две крила со кои го покриваа телото. {1:12} И секој одеше само напред. А одеа онаму каде што духот ги гонеше. И одејќи не се завртуваа. {1:13} А среде тие суштества се гледаше нешто како некакви вжарени јаглења, како гламни што гореа, што се движеа меѓу нив; огнот светкаше, и молњи блескаа. {1:14} Суштествата трчаа и пак се враќаа како секавица. {1:15} Додека јас набљудував, ете: на земјата покрај секое од четирите суштества по едно тркало пред нивните лица. {1:16} Тркалата му беа слични на хрисолит, сите четири со ист облик; според обликот и правењето беа како едното тркало да е во другото. {1:17} При движењето можеа да одат во сите четири правци, а не требаа да се вратат. {1:18} А краевите им беа високи и страшни, а кога набљудував подобро, ете, на сите страни полни со очи. {1:19} Како суштествата тргнуваа, тргнуваа со нив и тркалата, кога суштествата ќе се подигнеа од земјата, и тркалата се подигнуваа. {1:20} Каде што ги гонеше духот, таму се движеа, а заедно со нив се подигаа и тркалата, зашто духот на суштествата беше во тркалата. {1:21} Па кога суштествата ќе тргнеа, тргнуваа и колцата, а кога ќе застанеа тие, застануваа и тркалата, кога тие се подигаа од земјата, и тр-кала се подигаа со нив, зашто духот на суштествата беше во тркалата. {1:22} Над главите на суштествата беше нешто како небесен свод, сличен на сјајен кристал, распрострен над нивните глави. {1:23} А под сводот раскрилени крила, едно спрема другото: на секого по две крила му го покриваа телото. {1:24} Го чув летањето на нивните крила како шум на големи води, како глас на Сèсилниот, а гласот на зборувањето како глас на војска. Кога суштествата застануваа ги спуштаа крилата. {1:25} Од сводот над нивните глави се слушаше глас и кога застануваа, ги спуштаа своите крила. {1:26} Над сводот над нивните глави беше нешто како каменот сафир, како престол: на тоа како престол, горе на него слично на некој човек. {1:27} И видов како сјајна ковина, внатре и наоколу како оган; од неговата половина нагоре и од неговата половина надолу нешто како оган и како блесок на сите страни. {1:28} Тој блесок на сите страни беше како божилак што при дождовни денови се јавува во облакот. Тоа беше нешто како Господовата слава. Видов, паднав ничкум и чув глас што ми зборуваше. {2:1} ми рече: „Човечки сине, на нозе исправи се, за да зборувам со тебе!” {2:2} И Дух влезе во мене, бидејќи ми проговори, та ме подигна на нозете, и јас го чув гласот на Оној Кој ми зборуваше. {2:3} И ми рече: „Човечки сине, те испраќам кај Израелевите синови, кај одметничкиот народ што се побуни против Мене. Тие и нивните татковци грешеа против Мене сè до денешниот ден. {2:4} Те испраќам кај синовите со тврд поглед и со закоравено срце. Речи им: ‘Господ над Војските зборува вака!’ {2:5} И послушале тие или непослушале - род се бунтовнички - нека знаат дека пророкот е меѓу нив. {2:6} А ти, човечки сине, не бој се од нив и не плаши се од нивните зборови, иако трње те опкружува, и седиш меѓу самите скорпии. Не плаши се од нивните зборови и не бој се ни малку од нивниот поглед, зашто тие се род одметнички. {2:7} Зборувај им ги моите зборови, послушале тие или непослушале, зашто се одметнички род. {2:8} А ти човечки сине, послушај што ќе ти речам сега: Не биди одметник како што се тие одметнички род! Отвори ја устата и проголтај го тоа што ќе ти го дадам сега!” {2:9} И погледнав, а ете кон мене испружена рака и во неа, ете, книжен свиток. {2:10} И свитокот се одвитка пред мене: беше испишан однадвор и одвнатре, а во него напишано: „Плач! Ридање! Лелек!” {3:1} ми рече: „Човечки сине, проголтај го тоа што е пред тебе! Изеди го тој свиток, та оди и проповедувај му на Израелевиот дом!” {3:2} Ја отворив устата, а тој ми даде да го проголтам свитокот {3:3} и рече: „Човечки сине, нахрани го желудникот и насити ја утробата со свитокот што ти го давам!” И го изедов, и во устата ми беше сладок како мед. {3:4} Ми рече: „Човечки сине, оди кај Израелевиот дом и пренеси му ја мојата порака. {3:5} Не те праќам кај народ со непознат јазик и со неразбирлив говор, туку те праќам кај Израелевиот дом. {3:6} Не те праќам кај многу народи со непознат јазик и со неразбирлив говор, што ти не би можел да го разбереш. А кога би те и испратил кај нив, тие би те послушале. {3:7} А Израелевиот дом не ќе те послуша, зашто ни Мене не Ме слуша, зашто Израелевиот дом е со тврда глава и со закоравено срце. {3:8} Ете, затоа ќе го закоравам твоето лице како што е и нивното, и твојата глава ќе ја направам тврдоглава како што е и нивната. {3:9} И не бој се од нив и не плаши се, зашто тие се одметнички род!” {3:10} Ми рече: „Човечки сине, сите зборови што ќе ти ги речам земи ги на срце и послушај ги со своите уши. {3:11} И оди кај заробениците, кај синовите на својот народ, и речи им: ‘Вака зборува Господ Бог,’ послушале или не послушале!” {3:12} Тогаш Духот ме подигна, и јас чув зад себе силен глас. Господовата слава се подигна од своето место. {3:13} Го чув летањето на крилјата на оние суштества - удираа едно на друго и силното чкртање на колцата што се движеа со нив, и звук на силен гром. {3:14} Тогаш Духот ме подигна и ме понесе. И јас одев огорчен во мојот дух, а Господовата рака ме притисна цврсто. {3:15} Така стигнав во Тел Авив, кај робовите што живееја при реката Хевара - таму каде што се беа населиле - та останав меѓу нив седум дена како замајан. {3:16} По седум дена пак ми дојдоа Господовите зборови: {3:17} ”Човечки сине, те поставувам за чувар на Израелевиот дом. И ти ќе слушаш зборови од Мојата уста и ќе ги опоменуваш во Мое име. {3:18} Кога ќе му речам на безбожникот: ‘Ќе умреш‘, а ти не го опоменеш и не го одвратиш од неговиот лош пат за да му го спасиш животот, тој ќе умре за своето беззаконие, ама јас ќе барам од тебе сметка за неговата крв. {3:19} А кога ќе го опоменеш безбожникот, а тој не се одврати од беззаконието и од својот лош пат, тој ќе умре во своите беззаконија, а ти ќе го спасиш својот живот. {3:20} Исто така, ако праведник се одврати од својата праведност и почне да прави неправда, ќе му поставам стапица, и ќе умре зашто ти не го опомена заради неговиот грев; ќе умре, и неговите праведни дела веќе не ќе се спомнуваат, ама од тебе ќе ја барам сметката за неговата крв. {3:21} Ако ти го опоменеш праведникот да не греши, и тој навистина прекрати да греши, ќе живее, зашто ја прифати опомената, а ти ќе го спасиш својот живот.” {3:22} Таму пак ме зафати Господовата рака, и Тој ми рече: „Стани и слези во долината, за да зборувам таму со тебе!” {3:23} Тогаш станав и слегов во долината, и ете: Господовата слава стоеше таму, слична на Славата што ја видов при реката Хевара, та паднав ничкум. {3:24} Господовиот Дух влезе во мене, ме исправи на нозе и рече: „Оди и затвори се во својот дом! {3:25} Врз тебе, еве, човечки сине, ќе ставам јажиња и ќе те врзам, и веќе не ќе излегуваш. {3:26} И јазикот ќе ти го залепам за непцето, та ќе онемиш и веќе не ќе ги кориш, зашто се одметнички род. {3:27} А кога Јас ќе ти проговорам, ќе ти ја отворам устата, и ти ќе им речеш: ‘Вака зборува Господ Бог!’ И кој сака да слуша, нека слуша, а кој не сака, нека не слуша, зашто се одметнички род.” {4:1} А ти, човечки сине, земи плитар, постави го пред себе и нацртај го врз него градот Ерусалим. {4:2} Постави опсада околу него, изгради тврдина спрема него, крени насип, ископај околу него окоп, постави ја војската и размести ги ѕидокршачите наоколу. {4:3} Потоа земи железна плоча и постави ја како железен ѕид меѓу себе и градот, та сврти го лицето кон него и ќе биде опсаден. Притисни го! Тоа е знак за домот Израелев! {4:4} Потоа легни на својата лева страна и стави го врз себе гревот на домот Израелев: колку денови ќе лежиш така, толку денови ќе го носиш нивниот грев. {4:5} Ти давам по ден за година на нивните гревови: триста и деведесет денови ќе го носиш гревот на домот Израелев. {4:6} А кога ќе го завршиш тоа, ќе лежиш четириесет денови на десната страна, за да го носиш гревот на Јудиниот дом; ти давам по ден за секоја година. {4:7} Тогаш сврти го лицето кон опсадуваниот Ерусалим, протегни ја голата десница и пророкувај против него. {4:8} А Јас ќе те врзам со јажиња, за да не можеш да се вртиш од едната страна на другата додека не ги исполниш деновите на својата опсада. {4:9} Земи пченица, јачмен, грав, леќа, просо и ‘рж, стави го тоа во еден сад и направи си леб од тоа. Ќе го јадеш онолку денови колку што ќе лежиш на својата страна: триста и деведесет денови. {4:10} Јадењето што ќе го јадеш ќе биде измерено: дваесет сикли на ден; а ќе го јадеш во одредено време. {4:11} И вода ќе пиеш со мерка шестинка од ин. Ќе ја пиеш во одредено време. {4:12} А ќе јадеш погача од јачмен што ќе ја испечеш пред нив врз човечка нечистота.” {4:13} И Господ рече: „Така Израелевите синови ќе го јадат својот нечист леб меѓу народите меѓу кои ќе ги протерам.” {4:14} Јас му одговорив: „О Господи, Боже, ете, мојата душа не е извалкана, зашто уште од детството не вкусив ништо пцовисано ни раскинато, ниту во мојата уста влезе некогаш нечисто месо.” {4:15} А Тој рече: „Ете, ти давам кравска лепешка место човечка нечистота, за да испечеш леб врз неа!” {4:16} Уште ми рече: „Човечки сине, ќе ја уништам во Ерусалим последната поткрепа во леб, и ќе јадат леб со мерка и со тешкотија и ќе пијат вода со мерка и со тресење од страв. {4:17} Нека им снема леб и вода, нека се исушат заради своето беззаконие и нека изгинат еден по друг. {5:1} А ти, човечки сине, земи наострен меч, земи го како брич за бричење, и избричи ги главата и брадата. Потоа земи мерилки и раздели. {5:2} Третинката изгори ја во средината на градот со оган кога ќе се исполнат деновите на твојата опсада; третинката земи ја и исечи ја со меч околу градот; третинката фрли ја во ветер - и ќе го истргам Својот меч против нив. {5:3} Земи малку и врзи го во скутот на облеката. {5:4} Од тоа пак земи нешто, фрли го во оган и изгори го: оттаму ќе се разгори оган за сиот Израелев дом! {5:5} Господ Бог зборува вака: ‘Ова е Ерусалим! Го поставив во средиштето на народите, го опкружив со земји! {5:6} Но тој им се спротивстави на Моите наредби повеќе отколку незнабошците, на Моите закони повеќе, отколку земјите што го опкружуваат.’ {5:7} Затоа вака зборува Господ Бог: ‘Побунтовни сте од народите кои ве опкружуваат, не одите по Моите закони и не ги исполнувате ни Моите наредби, ни наредбите на околните народи. {5:8} Затоа вака зборува Господ Бог: ‘Еве Ме и Мене против тебе! Ќе го извршам Својот суд над тебе пред очите на сите народи. {5:9} Заради твоите гадости ќе направам со тебе што никогаш не сум направил ниту ќе направам некогаш: {5:10} среде тебе татковците ќе ги јадат синовите, а синовите татковците, ќе го извршам Својот суд над тебе и сиот твој остаток ќе им го предадам на сите ветрови! {5:11} Затоа животот Ми Мој! - Говори Господ Бог - со секакви грозности и гадости ти навистина го обесвети Моето Светилиште. И јас сега ќе те намалам и Моето око не ќе се сожали и нема да се смилува: {5:12} третината од твоите жители ќе завршат среде тебе од помор и ќе умрат од глад; третината ќе падне од меч околу тебе; третината ќе им ја предадам на ветровите, и Мојот меч ќе го истргам против нив! {5:13} Така ќе го излеам Мојот гнев, и Мојата јарост ќе се смири кога ќе Се задоволам и кога ќе ја излеам Мојата јарост, над нив, ќе сознаат дека тоа Јас, Господ, го реков во Мојата ревност. {5:14} Ќе те отпуштам, ќе те подложам на потсмев на народите кои те опкружуваат, пред очите на сите минувачи. {5:15} Да, ќе бидеш за укор и срам, опомена и ужас за околните народи, кога ќе ги извршам против тебе сите Свои судови казнувајќи гневно, јаросно. Јас , Господ, реков! {5:16} И кога на вас ќе ги пуштам лутите стрели на гладот, што сотруваат што ќе ги пуштам на вас, за да ве уништам и за да ве сотрам со глад, ќе ви ја уништам и последната поткрепа во леб. {5:17} А освен гладот ќе пуштам на вас и лути ѕверови, што ќе ти ги раскинуваат децата; помор и крв ќе те преплават: ќе те свртам под Својот меч. Јас, Господ, реков!’” {6:1} Тогаш ми дојде Господово слово, велејќи: {6:2} ”Човечки сине, сврти го лицето кон Израелевите Гори и пророкувај против нив. {6:3} Речи: ‘Израелеви гори, чујте го словото на Господ Бог!’ Господ Бог зборува вака: „Гори и брежиња, ровови и долини, еве, ќе го спуштам мечот врз вас и ќе ги оборам вашите високи места! {6:4} Ќе запустат вашите жртвеници и ќе бидат урнати вашите идолски столбови, а вашите загинати ќе ви ги фрлам пред киповите. {6:5} Ќе ги расфрлам труповите на Израелевите синови пред нивните кипови, и ќе ги расеам вашите коски околу вашите жртвеници! {6:6} Каде и да живеете, вашите градови ќе бидат запустени, високите места ограбени, жртвениците ќе ви запустеат и ќе бидат уништени, вашите кипови ќе бидат оборени и ќе ги снема, вашите столбови ќе бидат здробени, сите ваши дела ќе пропаднат. {6:7} Загинатите ќе паѓаат меѓу вас, и ќе знаете дека Јас Сум Господ. {6:8} Ама сепак ќе поштедам некои од вас: тие ќе му избегаат на мечот меѓу народите, кога ќе се распрснете по земјата. {6:9} Тогаш преживеаните меѓу вас ќе си спомнат за Мене меѓу народите каде што ќе бидат одведени во ропство, кога ќе им го скршам прељубничкото срце зашто се одметна од Мене, и кога ќе им ги ископам блудничките очи зашто отидоа по нивните кипови. И тогаш сами себе ќе се замразат заради беззаконијата што ги направија со своите гадности. {6:10} И ќе сознаат дека Јас Сум Господ: не им зборував напразно дека ќе ги удрам со сето тоа зло.” {6:11} Господ Бог зборува вака: „Плесни со рацете и тропни со нозете та речи: ‘Леле! заради сите гнасни злодела Израелевиот дом ќе падне од меч, од глад и од помор! {6:12} Кој ќе биде далеку, ќе умре од помор; кој ќе биде близу, ќе падне од меч, и кој ќе биде опколен ќе издивне од глад! Така ќе го излеам гневот врз нив, {6:13} и ќе сознаат дека Јас Сум Господ, кога нивните загинати ќе лежат меѓу киповите околу жртвениците на секое повисоко бреже, над сите планински врвови, под секое зелено дрво, под секој разгранчест даб, секаде каде што им се кади со пријатен мирис на нивните кипови. {6:14} Рацете ќе ги подигнам против нив, и сета земја ќе им ја претворам во пустина, од пустината до Дивлат, насекаде каде што живеат! И ќе сознаат дека Јас Сум Господ.’”‘“ {7:1} Пак ми дојде Господовото слово и ми рече: {7:2} ”Ти, човечки сине, речи: ‘Вака и зборува Господ на Израелевата Земја: „Крајот се приближува, свршетокот дојде, на сите четири страни на светот! {7:3} Сега ти е и тебе крајот! Мојот гнев ќе го излеам врз тебе, ќе ти судам според твоите патишта, и врз тебе ќе ги оборам сите твои гнасности! {7:4} И Моите очи не ќе те пожалат, нема да ти се смилувам, туку ќе те наградам според твоите патишта, твоите гнасности ќе останат во тебе. И ќе знаете дека Јас Сум Господ.” {7:5} Господ зборува вака: „Еве, една несреќа доаѓа! {7:6} Крајот доаѓа, ти доаѓа крајот, еве доаѓа! {7:7} Редот дојде врз тебе, жителу на земјата! Твоето време доаѓа, денот наближува стравотија е, а не радост во горите. {7:8} Ете, наскоро ќе го излеам гневот врз тебе! И Својата јарост ќе ја излеам врз тебе! Ќе ти судам според твоите патишта и ќе ги оборам врз тебе сите твои гнасности. {7:9} И Моите очи не ќе те пожалат, нема да ти се смилувам, туку ќе ти платам според твоите патишта, и твоите гнасности ќе останат во тебе! И ќе сознаете дека Јас Сум Господ, Кој удира. {7:10} Еве, еве денот доаѓа, те очекува, прачката веќе цвета и гордоста распапува, {7:11} а насилството се подига како жезло на безбожноста! И никој не ќе остане од нив, никој од нивното мноштво. Ништо од нивниот шум, нема вредност во нив. {7:12} Времето доаѓа, денот наближува! Кој купува нека не се радува, а кој продава, нека не тагува, зашто гневот се излева врз сето негово богатство. {7:13} Зашто кој ќе продаде нема да добие повеќе бидејќи продал, и никој нема да го зајакне животот со беззаконие! {7:14} Трубите трубат и сè е приготвено, но никој не тргнува во борба, зашто Мојот гнев се излева врз сето нивно мноштво. {7:15} Надвор - меч а внатре - помор и глад! И кој е во полето, ќе загине од меч, а кој е во градот, гладот и поморот ќе го уништат. {7:16} Кои ќе избегаат ќе се засолнат во горите како долински гулаби, а Јас ќе ги истребам сите, секого заради неговото беззаконие, {7:17} и сите раце ќе ослабеат и сите колена ќе се затресат како вода. {7:18} Ќе се облечат во вреќишта, трепет ќе ги опфати, срамот ќе ги покрие сите лица, сите глави ќе останат без коса! {7:19} Своето сребро ќе го исфрлат по улиците, а златото ќе им биде како ѓубре, во денот на Господовиот гнев не ќе ги избават ни среброто ни златото, не ќе можат да им ги ситат душите ниту да им ги наполнат желудниците, зашто се сопнаа врз тоа за грев. {7:20} Се возгордеа заради својот прекрасен накит; направија кипови од него - грозности и гнасности свои: затоа им го претворив во нечистотија. {7:21} Ќе го дадам во рацете на туѓинците за да го запленат, за да го разграбаат и за да го обесветат. {7:22} Ќе го одвратам од нив Моето лице: и Мојата светина нека се обесветува само нека влезат во неа провалниците и нека ја обесчестат! {7:23} Подготвувај вериги, зашто земјата е полна со крв и злостори што заслужуваат смрт, и градот е преполн со насилства! {7:24} Затоа ќе ги доведам најлошите народи, за да ги наследат нивните домови. Ќе ја скршам гордоста на насилникот, и ќе бидат обесветени нивните светилишта. {7:25} Ќе доаѓаат неволја по неволја, една лоша вест по друга! {7:26} И ќе побараат видение од пророкот: не ќе има веќе Закон во свештеникот ни совет во старешината! {7:27} Царот ќе жалее а кнезот ќе го опфати ужас, и рацете на народот ќе се растреперат, зашто ќе ги наградам според нивните патишта и ќе им судам според нивните судови. И ќе знаат дека Јас Сум Господ.”‘“ {8:1} Во шестата година, во шестиот месец, во петтиот ден, додека седев во својата куќа, а пред мене јудејските старешини, Господовата рака се спушти на мене. {8:2} Погледнав, и ете: тука како некој човек; од неговите слабини надолу како оган, а од неговите слабини нагоре како блескање, нешто слично на усвитена ковина. {8:3} Испружи нешто слично на рака и ме фати за косата на главата. Тогаш Духот ме подигна меѓу земјата и небото и ме однесе во Божји привид во Ерусалим, при влезот на внатрешната врата, што е свртена кон север, каде што стои идолот на љубомората што предизвикува љубомора. {8:4} И ете, таму беше Славата на Израелевиот Бог, како што ја видов во долината. {8:5} И ми рече: „Човечки сине, подигни ги очите кон север!” И ги подигнав очите кон север. И ете, идолот, на ревноста беше и на север, покрај вратата на жртвеникот, на страната кон влезот. {8:6} И ми рече: „Човечки сине, гледаш ли што прават тие тука? Тоа се големи гнасности што Израелевиот дом ги прави тука, само за да Ме отстрани од Моето светилиште. А ќе видиш и полоши гнасности!” {8:7} И ме поведе до вратата на дворот. Погледнав, и ете, пукнатица во ѕидот. {8:8} И ми рече: „Човечки сине, пробиј го тој ѕид!” Го пробив ѕидот, а тоа - влез! {8:9} И ми рече: „Влези и погледај ги стравотните гадности што тука се прават!” {8:10} Влегов и погледнав, и ете, секакви слики на лазачи и на гнасни животни - сè идоли на Израелевиот дом, нашарани на ѕидот, секаде наоколу. {8:11} А пред тие идоли седумдесет луѓе од старешините на Израелевиот дом, и меѓу нив и Сафановиот син Јазаниј. И кај секого од нив во раката кадилница, од која се подигаше густ облак на силно мирислив темјан. {8:12} И ми рече: „Човечки сине, гледаш ли што во таа темнина прават старешините на Израелевиот дом, секој во својата насликана соба? И уште зборуваат: ‘Господ не нè гледа, бидејќи Господ ја напушти земјата!’ {8:13} И уште ми рече: „А ќе видиш и полоши гнасности што се прават тука!” {8:14} И ме поведе до вратата на Господовиот Дом што се свртени кон север. И ете, таму седеа жени и го оплакуваа Тамуза. {8:15} И ми рече: „Гледаш ли, човечки сине? А ќе видиш и полоши гнасности од овие!” {8:16} И ме поведе во внатрешниот двор на Господовиот Дом. Таму, при влезот во Господовиот Храм, меѓу тремот и жртвеникот, имаше околу дваесет и пет луѓе, свртени со плеќите кон Господовиот Храм, а со лицето кон исток, и таму кон исток му се поклонуваа на сонцето {8:17} И ми рече: „Дали го гледаш тоа човечки сине? Малку ли се во Јудиниот Дом сите овие гнасности што ги прават тука, туку уште ми ја полнат земјата и со насилство, и Ме предизвикуваат повторно, и мавтаат со гранки пред носот? {8:18} Затоа и Јас ќе постапам сега со нив јаросно, и Моите очи веќе не ќе се сожалат, и нема да им се смилувам. И кога ќе почнат да викаат со сиот глас во Моите уши, нема да ги послушам.” {9:1} Тогаш извика во моите уши со голем глас и рече: „Казна за градот! Приближете се секој со своето гибелно оружје во раката!” {9:2} И ете, дојдоа шестмина луѓе од горната врата, што се свртени кон север, секој со гибелно оружје во раката. Меѓу нив имаше и еден облечен во ленена облека со писарски прибор во појасот. Тие влегоа и застанаа покрај бронзениот жртвеник. {9:3} А Славата на Израелевиот Бог се крена од херувот над кој што трепереше, кон прагот на Домот. И го повика човекот облечен во ленено кој имаше писарски прибор во појасот, {9:4} И Господ му рече: „Помини низ градот Ерусалим и обележи ги со знакот ‘тау’ челата на сите што тажат и плачат заради гнасностите што се прават во него!” {9:5} А на другите им рече пред моите уши: „Тргнете по него низ градот и убивајте без милосрдие. Вашите очи нека не се сожалат и немајте милост. {9:6} Погубете ги старците, младинците, девојките децата и жените; истребете ги сите до последниот. Но, врз кого ќе биде знакот ‘тау’ него не го зафаќајте. Почнете од Моето светилиште!” И тие почнаа од старешините, кои што стоеја пред Домот. {9:7} И им рече: „Обесветете го Мојот Дом и наполнете му го дворот со трупови! Тргнете!” И тие излегоа та почнаа да убиваат низ градот. {9:8} Додека тие погубуваа, јас останав, се фрлив ничкум и завикав: „Ох Господи, Господи! Зар навистина ќе ги уништиш сите што останаа од Израел, за да го излееш Својот гнев над Ерусалим?” {9:9} Тој ми рече: „Мошне е големо беззаконието на Израелевиот дом и на Јудиниот дом; земјата е полна со крв, а градот преполн со разврат.” Зборуваат: „Господ ја остави земјата! Господ не гледа!” {9:10} И затоа Моите очи нема да се сожалат, и нема да им се смилуваат: нивните дела ќе им ги оборам врз главата! {9:11} И ете, човекот облечен во ленена облека што имаше писарски прибор во појасот, ја јави веста: „Сторив како што ми заповеда!” {10:1} Погледнав и ете, на сводот над главите на херувите се појави нешто како каменот сафир, како нешто слично на престол. {10:2} И му прозбори на човекот облечен во ленено: „Влези меѓу колцата под херувите, земи полн грст жар меѓу херувите и истури ја над градот!” - И тој пред моите очи влезе меѓу херувите. {10:3} А херувите стоеја од десната страна на Домот кога човекот влезе меѓу нив. И облакот го исполни сиот внатрешен двор. {10:4} А Славата Господова се крена од херувите кон прагот на Домот. Домот се исполни со облакот, а светлината на Господовата Слава го исполни дворот. {10:5} Шумот на херувските крила се слушаше сè до надворешниот двор, како гласот на Сèсилниот Бог, кога Тој зборува. {10:6} А кога тој му заповеда на човекот облечен во ленено: „Земи оган меѓу колцата што се под херувите”, човекот влезе и застана покрај тркалата. {10:7} Едниот херув ја протегна раката кон огнот, што беше меѓу херувите, го зеде и го стави во рацете на човекот облечен во ленена облека. Тој го прими и излезе. {10:8} А под херувските крила се покажа нешто како човечка рака. {10:9} Погледнав и ете: покрај херувите четири колца, по едно покрај секого. А тркалата беа слични на каменот хрисолит; {10:10} сите четири со исти облик и како едното тркало да е во другото. {10:11} При движењето можеа да одат во сите четири насоки, сè без завртување. Каде што ќе се насочеше главата, натаму би тргнале а да не требаа, движејќи се, да се вртат. {10:12} Целото тело на херувите - плеќите, рацете, крилата и сите четири нивни колца - сè им беше насекаде наоколу полно со очи. {10:13} А колцата, колку што чув, се викаа „Виор”. {10:14} Секој имаше по четири лица: лицето на првиот херувско, лицето на вториот човечко, а во третиот лице лавско, во четвртиот орелско. {10:15} Тогаш херувите се подигнаа во височините, тоа беше истото суштество што го видов покрај реката Хевара. {10:16} Кога херувите ќе тргнеа, ќе тргнеа и тркалата покрај нив, кога херувите ќе замавтаа со крилата за да се подигнат од земјата, колцата не се отстрануваа од нив. {10:17} Кога ќе застанеа, и тркалата се креваа, зашто духот на суштествата беше во нив. {10:18} Тогаш Господовата Слава се крена од прагот на Домот и застана над херувите. {10:19} Тогаш херувите ги раширија крилата и се поткренаа од земјата пред моите очи. А кога тие тргнаа, и колцата тргнаа по нив. И застанаа над источната врата на Господовиот Дом, а Славата на Израелевиот Бог беше над нив. {10:20} Тоа беа истите суштества што ги видов во подножјето на Израелевиот Бог покрај реката Хевара. И така сознав дека тоа беа херуви. {10:21} Во секого по четири лица и по четири крила, а под крилата нешто како човечка рака. {10:22} Лицата им беа како оние што ги видов при реката Хевара. И секој се движеше напред. {11:1} Тогаш Духот се подигна и ме однесе до Источната Врата на Господовиот Дом, што е свртена кон исток. И ете: при влезот на вратата дваесет и пет луѓе, меѓу кои го видов и Јазаниј, синот Азуров и Фенатиј, синот Венајин, народни началници. {11:2} И ми рече: „Човечки сине, еве ги луѓето што смислуваат нечесности и кои што му даваат на овој град лоши совети, велејќи: {11:3} ’Не е ли час да градиме домови? Овој град е котел, а ние сме месо.’ {11:4} Затоа пророкувај против нив, пророкувај, човечки сине!” {11:5} И Господовиот Дух слезе врз мене и ми кажа: „Речи им: ‘Господ, Господ, зборува вака: „Не зборуваш ли така, Израелев дому? Ама Јас ги познавам мислите на вашето срце! {11:6} Ги умножувате убиствата во овој град и неговите улици ги полните со трупови.” {11:7} Затоа Господ, Господ, зборува вака: „Тие што вие ги прободовте и ги расфрлавте по градот - тие се месо, а градот е котел. Затоа сега ќе ве изведам од него. {11:8} Стравувате од меч, и меч ќе доведам на вас, говори Господ Бог! {11:9} Ќе ве изведам од градот и ќе ве предадам во рацете на туѓинците и ќе го извршам Мојот суд врз вас: {11:10} ќе паднете од меч, ќе ви судам на Израелевата Меѓа, и тогаш ќе знаете дека Јас Сум Господ! {11:11} А овој град веќе нема да биде котел, и вие нема да бидете негово месо. Ќе ви судам на Израелевата Меѓа, {11:12} и тогаш ќе знаете дека Јас Сум Господ по чии уредби не живеевте и чии закони не ги извршувавте, туку живеевте по законите на околните народи!”‘“ {11:13} Додека пророкуваше така, почина Фелатиј, синот Венајин и јас паднав ничкум та извикав со сиот глас: „Леле Господи, Господи, зар навистина ќе го уништиш сиот Остаток на Израелевиот дом?” {11:14} И ми дојде Господовото слово: {11:15} ”Човечки сине, на твоите браќа и на твоите роднини, и на сиот Израелев дом, Ерусалимците им зборуваат: ‘Далеку сте од Господ! Оваа земја не ни е дадена нам во сопственост!’ {11:16} Затоа речи им: ‘Господ, Господ, зборува вака: „Ако и ги протерав меѓу далечните народи, ако и ги распрснав по земјите, наскоро Јас самиот ќе им бидам Светилиште во земјите во кои се наоѓаат.”‘ {11:17} Затоа речи им: ‘Господ Бог зборува вака: „Ќе ве соберам од народите, ќе ве вратам од земјите во кои што бевте распрснати, и пак ќе ви ја дадам Израелевата Земја!”‘ {11:18} И кога ќе се вратите во неа, ќе ги истребат од неа сите грозности и гадости. {11:19} И Јас ќе им дадам ново срце и ќе вдахнам нов дух во нив: ќе го откорнам од нив нивното камено срце и ќе ставам во нив срце од месо, {11:20} за да одат по Моите наредби и да ги чуваат и да ги вршат сите Мои закони. И тие ќе бидат Мој народ, а Јас нивен Бог! {11:21} А на оние на кои срцето оди по грозностите и гадостите ќе го оборам врз главата нивниот пат,” говори Господ Бог. {11:22} Херувите ги подигнаа крилата, и колцата се кренаа по нив, а Славата на Израелевиот Бог трепереше над нив. {11:23} Господовата Слава се крена од градот и застана на гората, источно од градот. {11:24} А Духот ме подигна мене и ме понесе со Божјиот Дух кон заробениците во Халдејската Земја. И исчезна видението што го гледав. {11:25} И им раскажав на изгонетите сè што Господ ми откри. {12:1} Пак ми дојде Господовто слово: {12:2} ”Човечки сине! Ти престојуваш во одметнички дом кој има очи, а не гледа, има уши, а не слуша, но тие не слушаат, зашто се одметнички дом. {12:3} Затоа, човечки сине, подготви си заточенички врзулец со потребни работи и пред нивните очи дење сели се: сели се од своето место во друго, не би ли увиделе дека се бунтовнички дом. {12:4} Дење, пред нивните очи, изнеси го врзулецот, заточеничкиот врзулец, а излези ноќе пред нивните очи, како што се оди на заточение. {12:5} Пред нивните очи стави го врзулецот на рамена и излези во темната ноќ. {12:6} Покриј го лицето, за да не ја видиш земјата, зашто те поставив како знак за Израелевиот дом!” {12:7} Направив како што ми беше наредено: дење ги изнесов моите работи, а ноќе го продупчив ѕидот со рацете, и пред нивните очи во темната ноќ ги ставив работите на рамена. {12:8} Наутро ми дојде Господовото слово: {12:9} ”Човечки сине, ако те праша Израелевиот дом, бунтовничкиот дом: ‘Што правиш тоа?’ {12:10} Ти речи му: ‘Господ, Господ, зборува вака: „Ова е пророштво за ерусалимскиот кнез и за сиот Израелев дом што е во Ерусалим.”‘ {12:11} Речи: ‘Јас сум ваш знак! Како што направив јас, така ќе им биде ним: сите ќе треба да се селите на заточение!’ {12:12} Нивниот кнез ќе треба да го стави врзулецот на рамена и да излезе по темна ноќ. Ќе го продупчи ѕидот за да излезе низ него, и лицето ќе го покрие со рацете, за да не ја види земјата. {12:13} Јас ќе му оптегнам мрежа и ќе се фати во Мојата стапица, и ќе го одведам во Вавилон, во Халдејската земја. Но тој нема да ја здогледа и таму ќе го остави животот. {12:14} А сите оние околу него, помошниците и четите, ќе ги распрснам во сите ветришта и ќе го извлечам Својот меч против нив. {12:15} А кога ќе ги распрснам меѓу народите и кога ќе ги расеам по земјите, ќе знаат дека Јас Сум Господ. {12:16} Сепак, ќе оставам малкумина што ќе му избегаат на мечот, на гладот и на поморот, за да ги раскажуваат своите гадности меѓу народите каде ќе стигнат, нека се знае дека Јас Сум Господ.” {12:17} И ми дојде Господово слово: {12:18} ”Човечки сине, јади леб загрижено и пиј вода со тресење од страв и со трепет! {12:19} И речи му на народот на земјата: ‘Господ, Господ, им зборува вака на ерусалимците во Израелевата земја: „Ќе јадат леб загрижено и ќе пијат вода со трепет, зашто земјата ќе им запустее, и ќе остане без ништо никаде, заради беззаконијата на своите жители. {12:20} И сите градови, сега населени, ќе бидат ограбени, а сета земја запустена. И ќе знаат дека Јас Сум Господ!”‘“ {12:21} И ми дојде Господовото слово: {12:22} ”Човечки сине, какви ви се тие приказни за Израелевата земја? Се зборува: ‘Ете, деновите минуваат, а од пророштвото ништо!’ {12:23} Затоа речи им: ‘Господ, Господ, зборува вака: „Ќе ги докрајчам тие приказни, и не ќе бидат повторувани веќе во Израел.” Речи им: „Деновите веќе наближуваат, и сите Мои пророштва ќе се исполнат! {12:24} Зашто не ќе има веќе во Израелевиот дом измамливи виденија, ни лажни пророштва, со кои што ги заведуваа луѓето. {12:25} Бидејќи што Јас, Господ, Господ, зборувам, тоа и ќе биде и словото нема да биде одложено! Да! уште во вашите дни, бунтовнички роду, ќе го изговорам словото и ќе го извршам.” Така зборува Господ, Господ!’” {12:26} И ми дојде Господово слово: {12:27} ”Човечки сиие! Еве што се зборува во Израелевиот дом: ‘Видението што овој го виде е за далечни денови! Пророкува за далечни времиња!’ {12:28} Затоа речи им: ‘Господ, Господ, зборува вака: „Ниедно Мое слово нема веќе да се одложи! Што реков, речено е и сè ќе се исполни! - Говори Господ Бог.’” {13:1} И пак ми дојде Господово слово: {13:2} ”Човечки сине! Пророкувај против оние што се прават пророци во Израел! {13:3} Речи им на тие пророци што пророкуваат според својата глава: ‘Чујте го Господовото слово! Господ Бог зборува вака: „Тешко им на безумните пророци кои што го следат својот дух, а ништо не гледаат! {13:4} Тие твои пророци Израелу, се како лисици меѓу урнатини. {13:5} Вие не се искачивте на проломите и не ѕидавте ѕид околу Израелевиот дом, за да се одржи во борба во Господовиот ден. {13:6} Нивните привиди се суетни, и лажни се нивните пророкувања. Зборуваат: ‘Господово слово!’ - а Господ не ги испратил. И уште чекаат дека ќе им се исполнат зборовите. {13:7} Зар не гледате дека виденијата ви се празни и дека ви се лажни пророкувањата кога велите: ‘Господово слово!’ - а Јас не зборував.” {13:8} Затоа Господ, Господ, зборува вака: „Затоа што зборувате суетно и гледате лага, еве Ме против вас - зборува Господ Бог! {13:9} Еве Ме, Мојата рака ќе биде против пророците што гледаат суетно и што пророкуваат лага: не ќе бидат веќе во собирот на Мојот народ, не ќе бидат запишани во книгата на Израелевиот дом, никогаш веќе не ќе стапат на Израелева почва! И ќе знаат дека Јас Сум, Господ Бог. {13:10} Зошто го измамуваат Мојот народ велејќи: ‘Мир’, кога мир нема. И додека едните одат за да се зацврсти ѕидот, тие сакаат само да се намачка со вар. {13:11} Речи им на оние кои што сакаат само да се намачка: ‘Ќе падне! Ќе удри силен поројник, ќе фрлам на него град како камења, ќе беснеат буроносни виори. {13:12} Еве, ѕидот ќе падне! Не ќе ли ве прашаат тогаш: Каде е сега варта со која го измачкавте?’” {13:13} Затоа Господ, Господ, зборува вака: „Во Својата јарост ќе ги разбеснам буроносните виори, во Својата расрденост ќе го удрам со силен пороен дожд за да го затрам; во гнев ќе фрлам врз него град како камења. {13:14} Ќе го разурнам ѕидот што вие го варосавте со вар, ќе го урнам на земја, за да му се разголат основите. Ѕидот ќе падне, и вие ќе загинете под него! Тогаш ќе знаете дека Јас Сум Господ! {13:15} Така ќе го излеам Својот гнев над ѕидот и над оние што го варосаа со вар. А вам ќе ви речам: ‘Нема веќе ѕид! Ги нема оние што го намачкаа со вар. {13:16} Ги нема израелевите пророци кои што му пророкуваа на Ерусалим и кои што му навестуваа мир кога немаше мир.’” Така зборува Господ Бог. {13:17} ”Човечки сине, сврти го своето лице против ќерките на својот народ, кои што пророкуваат според својата глава! Пророкувај против нив: {13:18} ’Господ, Господ, зборува вака: „Тешко им на оние што везат везови за сечии раце и што прават покривки за глави од секоја големина, за да уловат души! Мислите ли да ги уловите сите души на Мојот народ, а своите души да ги запазите живи? {13:19} Ми ја одземате честа пред Мојот народ за грст јачмен, за залак леб, убивајќи ги душите што не би требале да умрат, а спасувајќи ги оние што не би требале да живеат; и така го измамувате Мојот народ што со задоволство ги слуша вашите лаги.” {13:20} Затоа Господ Бог, зборува вака: „Еве Ме против вашите везови, со кои ги ловите душите како птици! Ќе го растргам се тоа во вашите раце и ќе ги ослободам душите што ги фаќате со тоа како птици! {13:21} Ќе ги искинам вашите покривки и ќе го ослободам Својот народ, за да не биде веќе плен на вашите раце. И ќе знаете дека Јас Сум Господ!”‘“ {13:22} Зашто вие со лага го ожалостивте срцето на праведникот, што Јас не сакав да го ожалостам, а ги закрепивте рацете на безбожникот, за да не се одврати од лошиот безбожнички пат, па да го спаси животот. {13:23} Затоа веќе не ќе гледате суетно, ниту ќе пророкувате лага: Јас ќе го ослободам Својот народ од вашите раце. И ќе знаете дека Јас Сум Господ!’” {14:1} Потоа дојдоа кај мене некои од Израелевите старешини и седнаа пред мене. {14:2} И ми дојде Господовото слово: {14:3} ”Човечки сине! Тие луѓе ги носат идолите во срцето и ги насочуваат очите во она што ги поттикнува на грев. Па зар да трпам да бараат совет во Мене? {14:4} Затоа речи им: ‘Господ Бог зборува вака: „На секој од Израелевиот дом кој носи идоли во срцето и ги насочува очите во она што ги поттикнува на грев, а доаѓа кај пророкот, Јас, Господ, ќе му одговорам според мноштвото на неговите идоли, {14:5} за да го фатам за срце Израелевиот дом што се одметна од Мене заради своите идоли.”‘ {14:6} Затоа речи му на Израелевиот дом: ‘Господ Бог зборува вака: „Обратете се, одвратете се од своите идоли! Одвратете го лицето од своите гнасности! {14:7} Зашто секому од Израелевиот дом и од придојдениците што се населија во Израел, кој ќе се одметне од Мене и кој ги носи идолите во срцето и ги насочува очите во она што го поттикнува на грев, па и покрај тоа дојде при пророкот да преку него бара совет од Мене, нему Јас Самиот, Господ ќе му одговорам; {14:8} ќе се свртам против него и ќе направам од него знак и пословица; ќе го откорнам од Својот народ! И ќе знаете дека Јас Сум Господ. {14:9} Ако пророкот остави да биде заведен и да проговори тоа ќе биде како Јас самиот, Господ, да го заведов тој пророк: ќе ја подигнам раката на него и ќе го откорнам од Својот Израелев народ. {14:10} Двајцата еднакво ќе го носат својот грев: гревот на пророкот еднаков е на гревот на оној што побарал совет од него. {14:11} И така Израелевиот дом веќе не ќе се одметнува од Мене и не ќе се валка веќе со своите беззаконија: тој ќе биде Мој народ, а Јас ќе бидам негов Бог - говори Господ, Бог.’” {14:12} И ми дојде Господовото слово: {14:13} ”Човечки сине, ако згреши некоја земја против Мене со невера, и Јас ја кренам раката против неа, та и ја уништам и последната поткрепа во леб, и ако пуштам глад на неа за да ги сотрам во неа сите луѓе и добитокот; {14:14} ако останат во неа само тројца луѓе - Ное, Даниел и Јов - тие ќе се спасат со својата праведност - говори Господ Бог. {14:15} Исто така, ако против таа земја пуштам диви ѕверови, за да и ги уништат децата, а неа ја претворат во пустина, низ која никој не ќе се осмели веќе да помине заради ѕверовите; {14:16} ако во неа останат само тие тројца луѓе, животот Ми Мој - зборува Господ Бог - тие не ќе ги спасат ни синовите ни ќерките, туку само себеси, а нивната земја ќе стане вистинска пустина. {14:17} Или, ако Јас го истргам мечот против таа земја велејќи: ‘Мечу, помини низ оваа земја!’ за да ги истребам во неа сите луѓе и добитокот, {14:18} а ако во неа се најдат оние тројца луѓе, животот Ми Мој - говори Господ Бог, тие не ќе ги спасат ни синовите ни ќерките, туку само себеси. {14:19} Или, ако Јас испратам помор против таа земја, та излеам врз неа гнев и колеж, за да ги сотрам во неа сите луѓе и добитокот, {14:20} а во неа останат само оние тројца луѓе, Ное, Даниел и Јов, животот Ми Мој - зборува Господ Бог - тие не ќе ги спасат ни синовите ни ќерките, туку само себеси со својата праведност.” {14:21} Господ Бог зборува вака: „Сепак, ако ги пуштам против Ерусалим сите свои четири тешки казни - мечот, гладот, дивите ѕверови и поморот - за да ги затрам во него сите луѓе и стоката, {14:22} во него сепак ќе преживее Остатокот, кој ќе ги спаси синовите и ќерките. И еве, тие ќе дојдат кај вас за да го видите нивното поведение и нивните дела и да се утешите, зашто ќе познаете: што и да презедов против Ерусалим, не го направив без причина. {14:23} Да, кога ќе го видите нивното поведение и нивните дела ќе се утешите, зашто ќе познаете не направив без причина што и да презедов против Ерусалим - зборува Господ Бог.” {15:1} И ми дојде Господово слово: {15:2} ”Човечки сине! Во што е стеблото на лозата подобро од другите горски дрва? {15:3} Дали служи да се направи нешто од него? Дали се делка клин од него, за да се обеси нешто на него? {15:4} Ете, се фрла во оган за да изгори: кога огнот ќе му ги изгори двата краја и средината му ја спалува, може ли уште да послужи за нешто? {15:5} Ете, ни тогаш кога беше цело од него не можеше ништо да се направи. И така, за што може да послужи кога пламенот ќе го изгори? {15:6} Затоа Господ Бог зборува вака: ‘Како што стеблото на лозата меѓу другите дрва, го фрлив во огнот, за да изгори, така ќе постапам и со Ерусалимците! {15:7} Ќе го насочам Своето лице против нив, и кога ќе се избават од еден оган, друг ќе ги проголта. И ќе сознаете дека Јас Сум Господ, кога Своето лице ќе го насочам против нив {15:8} и ќе ја запустам сета земја, зашто Ми беа неверни!’ - говори Господ Бог.” {16:1} И пак ми дојде Господово слово: {16:2} ”Човечки сине! Покажи му ги на Ерусалим сите негови гадности! {16:3} Речи: ‘Господ Бог вака му зборува на Ерусалим, на неверницата: „По потекло и родум си од Ханаанската Земја, татко ти Амореец, мајка ти Хетејка. {16:4} Кога го здогледа светот, на денот на твоето раѓање не ти го пресеков папокот ниту те измија со вода за да те очистат; со сол, не те посолија ниту те повија во пелени. {16:5} Ниедно око не се сожали на тебе, ниту некој се смилува да ти го направи тоа, туку на денот на твоето раѓање гнасна те фрлија надвор. {16:6} А јас поминав покрај тебе и видов како се прпелкаш во крв. И ти реков додека уште беше во крвта: ‘Живеј!’ Во твојата крв ти реков: ‘Живеј!’ {16:7} Порасти како зеленило во полето! И те умножив и ти порасте и стана голема, и дојде време да созрееш. Градите ти се распапија, косата ти порасте, но уште беше гола и разголена. {16:8} Поминав покрај тебе и се загледав во тебе: и ете, твојата возраст - беше добра за љубов! Ги раширив врз тебе своите скутови и ти ја покрив голотата. Ти се заколнав и склучив завет со тебе - зборува Господ Бог - и ти стана Моја. {16:9} Те искапив во вода, ја измив крвта од тебе, и те помазав со масло. {16:10} Те облеков во шарени облеки, на нозете ти обув обувки од убава кожа; те опашав со тенко платно и те покрив со свилена покривка. {16:11} Те украсив со накити: на рацете ти ставив нараквици, околу вратот огрлици; {16:12} ти го украсив носот со прстен, ушите со наушници, а главата ти ја овенчав со најубав венец. {16:13} И така, сета со сребро и злато се украси, во облека од лен, навезена со вез. За храна ти дадов најубаво брашно, мед и масло. Беше толку убава, прекрасна, слична на царица. {16:14} Гласот за твојата убавина се рашири меѓу народите зашто ти беше совршена во Мојот накит што го стави на тебе, зборува Господ Бог. {16:15} Но твојата убавина те занесе, заради својот глас му се предаде на блудството; своето блудство му го нудеше изобилно на секој минувач, негова беше. {16:16} Од своите облеки правеше шарени високи места и врз нив блудствуваше, што не било никогаш, ниту ќе биде. {16:17} Ги зеде и сребрените и златни накити, со кои што те украсив Јас, и од нив си направи машки ликови за да блудствуваш со нив. {16:18} Ги зеде и шарените, везените облеки, за да ги облечеш во нив своите идоли, и ним им ги принесуваше Моето масло и Мојот темјан. {16:19} А лебот што ти го дадов - пченичното брашно, медот и маслото со кои те хранев - ги ставаше пред нив за пријатен мирис. Да, тоа беше така - говори Господ Бог! {16:20} Ги земаше своите синови и ќерки, што Мене Ми ги роди, и им ги колеше ним за храна. Малку ти беше твоето блудствување, {16:21} па и Моите деца ги даваше за да ги поминуваат низ оган во нивна чест! {16:22} Во сите тие гнасности и во своето блудство не си спомна за деновите на твојата младост, кога гола и разголеиа се прпелкаше во твојата крв. {16:23} И врз сите тие зла - Тешко! Тешко! говори Господ Бог - {16:24} си изгради за себе блудилиште насекаде, подигна високи места. {16:25} По сите раскрсници подигна високи места и врз нив ја валкаш со кал својата убавина, му се нудиш на секој минувач, умножувајќи го своето блудствување. {16:26} Се подаде на блудство со синовите на Египет, со силни тела, го умножуваше блудствувањето за да Ме разјариш. {16:27} Затоа еве, раката ја подигнав против тебе, намалувајќи го оброкот храна и предавајќи те на бесот на твоите мразителки на филистејските ќерки, кои се срамат од твоето срамно поведение. {16:28} Блудствуваше и со синовите на Асир и не се насити; и со нив блудствуваше, но не се засити. {16:29} Го умножи своето блудствување и со Ханаанската Земја, но ни тогаш не се задоволи. {16:30} О колку слабо ли беше твоето срце - говори Господ Бог - кога го, правеше она што го прават најразвратните блудници. {16:31} На сите челни патишта си подигна блудилишта, насекаде си изгради високи места. Но не како другите блудници, зашто ја презираше блудничката плата, {16:32} туку како прељубница: место мажот ги примаше странците. {16:33} На сите блудници им се плаќа, а ти самата ги плаќаше своите љубовници, и уште во своето блудство со дарови ги намамуваше за да ти дојдат отсекаде. {16:34} Ти беше блудница какви што нема: никој по тебе не трчаше за да блудствува со тебе, туку самата си давала блудничка плата, а тебе не ти ја плаќаа. Поради тоа со тебе стануваше спротивно.” {16:35} Затоа, развратнице, чуј го Господовото слово: {16:36} Господ Бог зборува вака: „Зашто ја соблекуваше својата срамота и во блудство ја откриваше својата голота пред сите свои љубовници и пред гнасните идоли, и заради крвта на своите синови што им ги принесуваше ним, {16:37} еве, ќе ги соберам сите твои љубовници со кои што се насладуваше, сите кои што ги сакаше и ги мразеше, ќе ги соберам отсекаде против тебе и ќе им ја откријам твојата голота за да ја видат целата твоја срамота. {16:38} Ќе ти судам како што им се суди на прељубниците и на крвниците, и ќе те предадам на нивниот бес. {16:39} Ќе те предадам во нивните раце за да ги разурнат твоите блудилишта за да ги срушат твоите високи места. И ќе ги скинам облеките од тебе, ќе ти го грабнам накитот и ќе те остават гола, сосем разголена. {16:40} А потоа ќе доведат многу луѓе против тебе, за да те каменуваат и за да те исечат со мечеви. {16:41} Ќе ти ги изгорат куќите со оган и пред очите на сите жени ќе ја извршат правдата над тебе. Така ќе го докрајчам твоето блудствување, не ќе даваш веќе блудничка плата. {16:42} Ќе го излеам својот гнев над тебе и ќе ја повлечам Својата ревност од тебе. Ќе се смирам и веќе не ќе се гневам. {16:43} И бидејќи не си спомна за својата младост, туку со сè тоа Ме предизвикуваше ќе ги оборам врз твојата глава сите твои постапки - зборува Господ Бог! Веќе не ќе додаваш бесрамности кон сите свои гнасности. {16:44} Еве, составувачот на пословици ќе ти се потсмее со поговорката ‘Каква мајка таква ќерка.’ {16:45} Вистинска си ќерка на својата мајка, која ги остави мажот и децата; сестра си на своите сестри, кои ги оставија своите мажи и децата: мајка ви беше Хетејка, а таткото Амореец: {16:46} Самарија, твојата постара сестра, со своите ќерки ти стои тебе одлево; Содом, твојата помлада сестра, со своите ќерки ти стои оддесно. {16:47} А ти не само што одеше по нивниот пат и ги правеше нивните гнасности - тоа ќе ти беше премалку тебе - туку беше од нив порасипана по своите патишта. {16:48} Животот Ми Мој - зборува Господ Бог - твојата сестра Содом со своите ќерки не направи што направи ти заедно со своите ќерки. {16:49} Еве ги беззаконијата на твојата сестра Содом: горделиво, во изобилство на леб и безгрижно живееја таа и нејзините ќерки, а сиромашните и бедните не ги помагаа. {16:50} Се возгордеаја и правеа гнасности пред Моите очи, и затоа ги сотрев, како што виде! {16:51} А сестра ти Самарија не направи ни половина од твоите гревови, и така ти направи повеќе гадости, отколку тие двете заедно, оправдувајќи ги своите сестри со своите гадости. {16:52} Затоа носи го сега срамот на гревот со кој ги оправда своите сестри; заради гревот со кој се огрди повеќе од нив, тие излегоа поправедни. И така, засрами се, и носи го својот срам со кого ги оправда сестрите. {16:53} Јас ќе ги вратам нивните заробеници, заробениците на Содом и на нејзините ќерки, заробениците на Самарија и на нејзините ќерки; и меѓу нив твоите заробеници, {16:54} за да го носиш својот срам и за да се засрамиш за сè, што си направила, ним за утеха. {16:55} Твојата сестра Содом и нејзините ќерки ќе се вратат во поранешната состојба; твојата сестра Самарија и нејзините ќерки ќе се вратат во поранешната состојба; тогаш и ти и твоите ќерки ќе се вратите во поранешната состојба. {16:56} Зар не се спомнуваше твојата сестра Содом додека ти беше горделива, {16:57} пред да се открие твојата голота? Биди им сега за потсмев на едомските ќерки, на нејзините сосетки и на филистејските ќерки кои ти се потсмеваат од сите страни. {16:58} Ти трпиш заради твојот разврат и заради твоите гадости - говори Господ Бог. {16:59} Зашто вака зборува Господ Бог: „Ќе постапам со тебе онака како што направи ти, кога ја згази заклетвата и го раскина заветот. {16:60} Но Јас пак ќе се спомнам за Мојот Завет што го склучив со тебе во деновите на твојата младост, и ќе воспоставам со тебе вечен сојуз. {16:61} И ти ќе си спомниш за твоите патишта и ќе се засрамиш кога ќе ги примам твоите сестри, постарата и помладата, кои ќе ти ги дадам за ќерки, но не со силата на својот сојуз. {16:62} Ќе склучам со тебе Свој Сојуз, и ќе знаеш дека Јас Сум Господ, {16:63} за да си спомниш и за да се засрамиш и од срам веќе да не ја отвориш устата кога ќе ти простам сè што си направила!” Говори Господ Бог!’” {17:1} Ми дојде Господово слово: {17:2} ”Човечки сине, смисли гатанка и раскажи му приказна на Израелевиот дом! Речи: {17:3} ’Господ Бог зборува вака: „Голем орел, со големи крила, со долги перја, со густи шарени перца, долета на Ливан и грабна кедрова гранка; {17:4} му го скрши највисокото гранче, го однесе во земјата на трговците, и го спушти во градот на трговците. {17:5} Потоа зеде семе од земјата, го посади во плодна нива, го стави покрај изобилни води, го засади како врба. {17:6} Подникот из’рта, стана бујна лоза, ниска на раст, нејзините подници посегнаа кон орелот, а нејзините корења беа под него; се разви во бујна лоза, потера подници, ги разгранчи прачките. {17:7} Имаше и друг орел, голем и со големи крила, со густи перја. И ете, лозата протегна корења кон него, кон него ги насочи своите гранчиња за да ја напои подобро од почвата во која што беше посадена. {17:8} На плодна нива, покрај изобилни води, беше посадена: можеше да пушта прачки, да роди со плод, да порасте како величествена лоза.”‘ {17:9} Речи: ‘Господ Бог зборува вака: „Дали таа ќе успее? Не ќе и ли ги олупи орелот сите корења? Не ќе и ли ги истрга сите плодови? Не ќе ли и се исушат сите прачки, штом ќе никнат? Да, и без силни мишки, и без мноштво народ, ќе ја откорне од коренот! {17:10} Ете, посадена е! Дали ќе успева? Штом ќе ја допре источниот ветар, не ќе ли се исуши сета? Да, во леите што никнува ќе овене.”‘“ {17:11} Ми дојде Господовот слово: {17:12} ”Речи му на одметничкиот дом: ‘Зар не знаете што значи ова?’ Речи им: ‘Ете, Вавилонскиот цар дојде во Ерусалим, му ги зароби царот и сите кнезови, ги одведе кај себе во Вавилон. {17:13} Го одведе и подникот од царското колено, склучи сојуз со него и се обврза со заклетва, откако ги одведе сите силници од земјата, {17:14} дека царството ќе остане незнатно и дека нема да се крева, туку дека ќе го пази и одржува сојузот со него. {17:15} Но тој се одметна од него; испрати пратеници во Египет барајќи од него коњи и силна војска. Дали ќе успее? Може ли да избега оној кој работи така? {17:16} Животот Ми Мој, говори Господ Бог: зашто го презре царот кој го постави на престол и дека го раскина сојузот со него ќе умре во неговата земја, среде Вавилон! {17:17} Со својата силна војска и со мноштво народ фараонот не ќе му помогне во бојот, кога оној ќе подигне насипи и ќе изгради опсадни стражарници, за да му сотре многу луѓе. {17:18} Ја презре заклетвата, го раскина сојузот. Да, иако ја имаше дадено раката, го направи сè тоа! Не, нема да избега.’” {17:19} Затоа Господ Бог зборува вака: „Животот Ми Мој, заклетвата што ја презре и Мојот сојуз што го раскина, ќе ги оборам врз неговата глава! {17:20} Ќе оптегнам мрежа над него, и ќе се фати во Мојата стапица, па ќе го одведам во Вавилон и таму ќе му судам заради неверата со која што ме изневери. {17:21} Светот на неговата војска ќе падне од меч, а остатокот ќе се распрсне во сите ветришта. И ќе познаете дека Јас, Господ реков така.” {17:22} Господ Бог зборува вака: „Од врвот на големиот кедар, од врвчето на неговите млади гранчиња, ќе скршам гранче и ќе го посадам на висока гора, на највисоката. {17:23} На највисоката израелева гора, ќе го посадам него: тоа ќе пушти гранчиња, ќе роди со плод, и секаков вид птици ќе живеат под него, под сенките ќе се населат. {17:24} И сите полски дрва ќе знаат дека Јас Сум Господ, Кој го понижувам високото дрво, а на сувото дрво му давам да се раззеленува. Јас Господ, реков и ќе направам!” {18:1} Ми дојде Господово слово: {18:2} ”Зошто вие ја употребувате во Израел пословицата: ‘Татковците јадеа кисело грозје, а на синовите забите им фаќаат оскомина!’ {18:3} Животот Ми Мој, говори Господ Бог: Никој од вас нема веќе да ја повторува во Израел таа поговорка; {18:4} зашто, сите животи се Мои, како животот на таткото така и животот на синот. И еве, оној кој ќе згреши, тој ќе умре. {18:5} Кој е праведен и кој ги почитува законот и правдата, {18:6} и не јаде по планините и не ги подига очите кон идолите на Израелевиот дом, не ја обесчествува жената на својот ближен и не и приоѓа на жената додека е нечиста; {18:7} никому не му нанесува насилство, го враќа земеното во залог и ништо не ограбува; го дели својот леб со гладните, го облекува голиот, {18:8} не дава на заем со добивка, ја воздржува раката од неправда, пресудува според вистината, {18:9} оди по Моите наредби и ги чува Моите закони, постапувајќи според вистината - тој е навистина праведен и тој ќе живее, зборува Господ Бог. {18:10} Но ако роди тој син разбојник, кој пролева крв, или ќе му направи нешто слично на братот, {18:11} а не работи како неговиот родител, туку јаде по горите, ја обесчествува жената на ближниот; {18:12} му нанесува насилство на сиромашниот и бедниот, ограбува, не враќа што примил како залог, очите ги подига кон идолите, правејќи одвратности; {18:13} дава на заем со добивка и зема придобивка - не, таквиот син нема да живее! Ги направил тие гадости и ќе умре, а неговата крв ќе падне врз него. {18:14} А ако тој роди син кој ќе ги согледа сите гревови што ги направил неговиот татко, ако ги согледа и ако така веќе не направи; {18:15} не јаде по планините, очите не ги подига кон идолите на Израелевиот дом, не ја обесчествува жената на ближниот; {18:16} никому не му нанесува насилство, не го присвојува залогот, ништо не ограбува, го дели својот леб со гладниот, го облекува голиот; {18:17} раката ја воздржува од неправда, не зема печалба ни добивка, ги извршува Моите закони и оди по моите наредби - не, тој нема да умре заради татковиот грев, тој ќе живее. {18:18} А неговиот татко кој го угнетуваше немилостиво и го ограбуваше својот ближен, правејќи во народот што не чини, ќе умре заради својот грев. {18:19} Но вие велите: ‘Зошто синот да не го носи татковиот грев?’ Затоа што синот извршува закон и правда, ги чува и ги врши сите Мои наредби, ќе живее. {18:20} Оној кој ќе згреши, тој и ќе умре. Синот нема да го носи татковиот грев, ни таткото синовиот грев. Врз праведникот ќе биде неговата правда, а врз безбожникот неговата безбожност. {18:21} Ако безбожникот се одврати од сите гревови што ги направил, ако ги чува сите Мои наредби и ги врши законот и правдата, ќе живее и нема да умре. {18:22} Сите негови неправди што ги направил ќе бидат заборавени: заради праведноста што ја прави, ќе живее. {18:23} Зашто зар ми е Мене до тоа да умре безбожникот - говори Господ Бог - а не да се одврати од сите свои лоши патишта и да живее? {18:24} Ако ли праведникот се одврати од својата праведност и почне да прави неправда и сите гадости што ги работи безбожникот - дали ќе живее? Сите праведни дела што ги правел ќе бидат заборавени, а заради својата невера со која што изневери и заради гревовите што ги направил, ќе умре. {18:25} А вие велите: ‘Господовиот пат не е праведен!’ Чуј Израелев доме: Мојот ли пат не е праведен? Не се ли вашите патишта неправедни? {18:26} Ако праведникот се одврати од својата праведност и почне да прави неправда, па умре заради тоа, ќе умре заради неправдата што ја направил. {18:27} А ако безбожникот се одврати од својата безбожност што ја правел, па почне да ги врши Мојот закон и правда, ќе живее и нема да умре. {18:28} Зошто тој видел и се откажал од сите свои престапи што ги направил, затоа ќе биде жив и нема да умре. {18:29} Но Израелевиот дом вели: ‘Господовиот пат не е праведен!’ Моите патишта ли не се праведни, доме Израелев? Не се ли неправедни вашите патишта? {18:30} Затоа доме Израелев, Јас ќе му судам секому според неговите патишта - говори Господ Бог. И така, покајте се и обратете се од сите свои престапи и вашиот грев не ќе ви биде гибел! {18:31} Отфрлете ги од себе сите гревови што ги правевте и направете си ново срце и нов дух! Зошто да умирате доме Израелев? {18:32} Јас не му ја сакам смртта на никој кој умира - говори Господ Бог. И така обратете се и живејте!” {19:1} А ти, човечки сине, затажи со тажачка за Израелевите кнезови. {19:2} Речи: ‘Што беше твојата мајка? Лавица меѓу лавовите, лежеше меѓу лавчињата, хранејќи ги своите млади. {19:3} И исхрани едно младо, кое стана лав. Откако се научи да го дере пленот, почна да ги голта луѓето! {19:4} Народите се здружија против него, лавот падна во нивната јама, го одведоа во вериги во Египетската Земја. {19:5} А кога мајката виде дека чека напразно и дека и пропадна надежта, зеде друго младо и направи лав од него. {19:6} Откако се научи да го дере пленот, почна да ги голта луѓето, {19:7} да им ги разурнува тврдините, да им ги запустува градовите, земјата се стресе и сè врз неа од силната негова рака. {19:8} Но луѓето од околните места се дигнаа против него и му поставија стапица; и лавот се фати во нивната јама. {19:9} Окован го затворија во решетка, го одведоа при вавилонскиот цар, таму го затворија во тврдина, за да не му се слуша веќе рикањето по Израелевите гори. {19:10} Твојата мајка беше како лоза посадена покрај вода, родна и гранчеста од изобилство на вода! {19:11} Имаше силна гранка за владетелска палка, се воздигна над венецот на стеблото, лична со височината, со многу гранчиња. {19:12} Но во гнев беше откорната и фрлена на земја. Источникот и го исуши родот: се скрши и овена нејзината силна гранка, и огнот ја голтна. {19:13} Беше пресадена во пустина, во сува земја безводна. {19:14} Но се разгоре пламен од нејзината прачка и и ги спали гранките и плодовите! И нема веќе врз неа силна гранка за владетелска палка.’” Еве, тоа е тажачка и ќе остане тажачка. {20:1} Во седмата година, во петтиот месец, во десетиот ден, дојдоа кај мене некои од Израелевите старешини за да се советуваат со Господ. Седнаа пред мене. {20:2} И ми дојде Господово слово: „Човечки сине! Зборувај им на Израелевите старешини! {20:3} Речи им: ‘Господ Бог зборува вака: „Дојдовте да ме прашате за совет? Животот Ми Мој нема да Ме прашате! - говори Господ Бог.’ {20:4} Сакаш ли да им судиш, дали ќе им судиш, човечки сине? Покажи им ги гадостите на нивните татковци. {20:5} Речи им: ‘Господ Бог зборува вака: „Во оној ден кога го избрав Израел и ја ставив раката на потомството на Јакововиот дом та им се објавив во Египетската Земја, им се заколнав: ‘Јас Сум Господ, ваш Бог!’ {20:6} Во тој ден им се заколнав со подигната рака дека ќе ги изведам од Египетската Земја, во земја што ја избрав за нив, во земја во која течат мед и млеко, најубава од сите земји. {20:7} И им реков: ‘Отфрлете ги од себеси сите гадости што ви ги привлекуваат очите, и не се валкајте со египетските идоли, зашто Јас сум Господ, ваш Бог!’ {20:8} Но тие се одметнаа од Мене и не сакаа да Ме слушаат: ниеден не ги отфрли гадостите што му ги пленија очите и не се отстрани од египетските идоли. Тогаш одлучив да го излеам Мојот гнев врз нив и да ја излеам Мојата јарост врз нив во Египетската Земја. {20:9} Но заради Моето Име - за да не се хули пред очите на народите меѓу кои што престојуваа и пред кои им бев јавил дека ќе ги изведам. {20:10} Ги изведов од Египетската Земја и ги одведов во пустината; {20:11} и им ги дадов своите заповеди и им ги објавив Своите закони, кои што секој треба да ги извршува за да живее; {20:12} им ги дадов и своите саботи, како знак меѓу Себе и нив, нека знаат дека Јас Сум Господ Кој ги осветува. {20:13} Но и во пустината Израелевиот дом се одметна од Мене: не одеа по Моите заповеди ги отфрлија Моите закони, кои што секој треба да ги исполнува за да живее; ги обесветуваа Моите саботи. И затоа одлучив во пустината да го излеам Мојот гнев врз нив за да ги сотрам. {20:14} Но ни тоа не го направив заради Своето Име, за да не се хули тоа пред народите пред чии очи ги изведов. {20:15} Но им се заколнав во пустината дека нема да ги воведам во земјата што им ја дадов, во земјата низ која течат мед и млеко, најубава од сите земји, {20:16} зашто ги отфрлија Моите закони, и не одеа по Моите заповеди, и ги обесветуваа моите саботи, а срцето им одеше по нивните идоли. {20:17} Моите очи сепак се сожалија за да не ги сотрам. И така не ги уништив во пустината. {20:18} Туку им реков на нивните синови во пустината: ‘Не одете по заповедите на вашите татковци, не ги пазете нивните закони и не се осквернувајте со нивните идоли! {20:19} Зашто Јас Сум Господ, ваш Бог! Одете по Моите заповеди пазете ги и исполнувајте ги Моите закони, {20:20} и празнувајте ги Моите саботи, тие нека бидат знак меѓу Мене и вас за да се знае дека Јас Сум Господ, ваш Бог!’ {20:21} Но и синовите се одметнаа од Мене, не одеа по Моите заповеди, и не ги пазеа ни постапуваа по Моите закони, кои што секој треба да ги исполнува за да живее, а Моите саботи ги онечистија. И затоа одлучив да го излеам Мојот гнев и да ја излеам Својата јарост врз нив во пустината. {20:22} Но сепак ја воздржав Мојата рака заради Моето Име, за да не се хули тоа пред народите пред чии очи ги изведов. {20:23} Но, се заколнав во пустината дека ќе ги распрснам меѓу народите и дека ќе ги расеам по земјите, {20:24} зашто не ги извршуваа Моите закони, и зашто ги презреа Моите заповеди, и зашто ги обесветуваа Моите саботи и ги насочуваа очите кон идолите на своите татковци. {20:25} И затоа им дадов уредби што не беа добри, закони што усмртуваат: {20:26} И им попуштив да се онечистуваат со своите жртвени приноси, поминувајќи ги низ оган своите првороденчиња, за да ги истребам, за да знаат дека Јас Сум Господ.”‘ {20:27} Човечки сине, речи му на Израелевиот дом: ‘Господ Бог зборува вака: „И со ова уште Ме навредија вашите очи: со неверство Ме изневерија! {20:28} Кога ги воведов во земјата за која им се заколнав дека ќе им ја дадам, каде и да согледаа возвишено бреже или разгранчено дрво, принесуваа жртви, донесуваа предизвикувачки приноси, ставаа пријатни мириси, ставаа налевници. {20:29} Ги прашав: ‘Што ли значи тоа возвишение на кое се искачувате?’ И така остана името „Бама”, Возвишение, до денешниот ден.”‘ {20:30} Затоа речи му на Израелевиот дом: ‘Господ Бог зборува вака: „Не се онечистивте ли вие како вашите татковци, не правите ли и вие блудство со нивните гадости? {20:31} Се валкате принесувајќи им дарови, поминувајќи ги низ оган своите синови во чест на сите свои идоли се до денешниот ден. И тогаш да Ме прашаш за совет доме Израелев! Животот Ми Мој - говори Господ Бог - нема да Ме прашате за совет! {20:32} И нема да се случи за што сонувате, кога зборувате: ‘Ќе бидеме како другите народи, како народите на другите земји што им служат на дрвата и на камењата.’ {20:33} Животот Ми Мој - зборува Господ Бог - ќе владеам со вас со силна рака и со подигната мишка, во сета жестокост на Својата јарост. {20:34} Ќе ве изведам од народите, ќе ве соберам од сите земји во кои што бевте распрснати со силна рака и со подигната мишка во сиот пламен на Мојата јарост! {20:35} Ќе ве одведам во пустината на народите и таму ќе ви судам лице в лице! {20:36} Како што им судев на вашите татковци во пустината на Египетската Земја, и вам ќе ви судам - говори Господ Бог! {20:37} Ќе ве поминам под Својот жезал, ќе се вратите во мал број, {20:38} ќе ги одделам од меѓу вас сите кои се побунија и се одметнаа од Мене: ќе ги изведам од земјата во која што престојуваат како придојденци, но - во Израелевата Земја никогаш не ќе влезат! И ќе знаат дека Јас Сум Господ! {20:39} А вие, доме Израелев, - вака зборува Господ Бог - само одете и натаму служете му секој на својот идол! Еднаш, ви се колнам, ќе послушате и веќе не ќе го хулите Моето свето Име со своите приноси и идоли: {20:40} На Мојата Света Гора, на високата Израелева Гора - вели Господ Бог - ќе ми служи сиот Израелев дом, во целата земја. Таму тие ќе ми замилеат, и таму ќе ги барам вашите приноси и приносите на вашите први плодови со сите светини. {20:41} Ќе ми замилеете како пријатно кадење, кога ќе ве изведам од народите и кога ќе ве соберам од земјите во кои бевте расеани. И на вас ќе ја покажам Својата светост пред очите на сите народи. {20:42} Тогаш ќе знаете дека Јас Сум Господ, кога ќе ве доведам во Израелевата Земја, во земјата за која им се заколнав дека ќе им ја дадам на вашите татковци. {20:43} Таму ќе се спомнете за сите свои патишта и за сите ваши дела со кои се онечистивте: ќе се замразите сами себеси заради злоделата што ги направивте. {20:44} И тогаш ќе сознаете дека Јас Сум Господ кога, заради Моето Име, не постапувам со вас според вашите лоши патишта ни според вашите развратни дела, доме Израелев!” Така зборува Господ Бог.’” {20:45} И ми дојде Господово слово: {20:46} ”Човечки сине, сврти го лицето кон југ и истури беседа кон југ, та пророкувај против гората во Негевскиот Крај. {20:47} Речи и на неговата шума: ‘Послушај го Господовото слово! Господ Бог зборува вака: „Еве, ќе запалам оган сред тебе, и тој ќе го голтне во тебе секое дрво, зелено и суво! Разгорениот оган нема да згасне додека не изгори сè од север до југ. {20:48} И сите ќе видат дека Јас, Господ, го запалив тој оган, и нема да угасне.”‘“ {20:49} На тоа реков: „О Господи Боже, та тие ќе речат за мене: ‘Еве го пак раскажувачот со приказни!’” {21:1} И ми дојде Господовото слово: {21:2} ”Човечки сине, сврти го лицето кон Ерусалим и произнеси беседа против неговото Светилиште, и пророкувај против Израелевата Земја. {21:3} Речи и на Израелевата Земја: ‘Господ Бог зборува вака: „Еве Ме против тебе! Ќе го истргам мечот од ножницата, ќе ги истребам од тебе сите, и праведните и безбожните. {21:4} За да ги истребам од тебе праведникот и безбожникот, еве ќе го извлечам мечот од ножницата против секое тело, од север до југ. {21:5} И секое тело ќе сознае дека Јас, Господ, го истргав Својот меч од ножницата и дека никогаш веќе не ќе го вратам!”‘ {21:6} А ти, човечки сине, воздивнувај како да ти се искршени сите ребра, воздивнувај горко, пред нивните очи! {21:7} Ако ли те прашаат: ‘Што лелекаш толку?’ Речи им: ‘Заради веста што пристигна, од која ќе премрат сите срца и ќе се обесилат сите раце, секој дух ќе биде нерасположен и секое колено ќе трепери. Еве, доаѓа, веќе е тука!’ Така зборува Господ.” {21:8} И ми дојде Господово слово: {21:9} ”Човечки сине, пророкувај: ‘Вака зборува Господ Бог. Речи: ‘Меч! Меч! Наострен и светнат! {21:10} Наострен за колеж, светнат за да светка. {21:11} Светнат за да го прифати рака, наострен меч, светнат, за да се стави во раката на убиецот.’ {21:12} А ти, човечки сине, плачи, тажи! Зашто еве, мечот е веќе извлечен против Мојот народ, меч против Израелевите кнезови: сите тие со Мојот народ му се предадени на мечот! Затоа удри се во слабините. {21:13} Искушението дојде, и веќе не ќе има отфрлен жезал - говори Господ Бог. {21:14} А ти човечки сине, пророкувај и плескај со рацете. Нека се удвои, нека се утрои, тој меч на колеж, меч на голем колеж што ги опкружува отсекаде. {21:15} За да затреперат срцата, за да бидат неброени жртви, поставив меч на секоја врата, подготвен како молња да светка, наострен за колежи. {21:16} Назад! Десно! Напред! Лево! {21:17} И Јас ќе плескам со рацете, ќе го излеам Својот гнев врз нив Јас, Господ, реков!” {21:18} И ми дојде Господово слово: {21:19} ”Човечки сине, зацртај два пата каде да тргне мечот на вавилонскиот цар. Двата пата нека излегуваат од иста земја! На раскрсницата на патот кон градот остави патоказ. {21:20} Зацртај му на мечот пат за да дојде во Рава Бе-Амон и во Јудеја, во утврдениот Ерусалим. {21:21} Зашто вавилонскиот цар стои на почетокот на патот, на двата пата, и ги прашува знаците - ги меша волшебните стрели, ги распрашува идолите и гледа во црн дроб. {21:22} Знаците во десницата му велат: на Ерусалим; за да намести таму ѕидокршачи, да нареди колеж, да подигне ѕидокршачи против вратите, да насипе насип и да изгради опсадни стражарници. {21:23} Но ним ќе им се стори дека знакот е лажен, зашто му се заколнаа на верност. Но тогаш тој ќе ги потсети на нивното неверство во кое се фатија. {21:24} Затоа, Господ Бог зборува вака: ‘Зашто непрекратно потсетувате на своите беззаконија, откривајќи ги опачините и покажувајќи ги гревовите во сите свои дела - да, зашто непрекратно потсетувате на нив, во нив ќе се фатите. {21:25} А тебе, нечесен и безбожен Израелев водачу, тебе ти дојде денот и часот на последниот злостор.’ {21:26} Господ Бог зборува вака: ‘Извади ја капата од главата и остави го царскиот венец! Зашто сè се менува: кој беше долу, ќе биде возвишен, а кој беше горе ќе биде понижен. {21:27} урнатини, урнатини, ќе поставам урнатини какви што не биле, додека не дојде Оној Кој ќе суди, зашто Јас ќе Му Го предадам судот.’ {21:28} Човечки сине, пророкувај: ‘Вака им зборува Господ Бог на Амоновите синови за нивниот срам.’ Речи: ‘Меч! Меч истрган и наострен за колеж, за да сече, за да светка како молња, {21:29} а дотогаш тебе напразно ти привидуваат, ти пророкуваат лага - за да се стави под вратот на злогласните злосторници, на кои ете, им дојде денот и часот на последниот злочин! {21:30} Но врати го мечот во ножницата! Во местото каде што си станал, во земјата во која што си се родил, Јас ќе ти судам. {21:31} Таму ќе го излеам Својот гнев врз тебе и ќе го раздувам против тебе пламенот на Својата расрденост, и ќе те предадам во рацете на жестоки луѓе, вешти погубувачи. {21:32} И ќе му бидеш храна на огнот, а твојата крв ќе тече по земјата. И никој жив веќе не ќе те спомнува! Зашто Јас Господ, реков така.’” {22:1} И ми дојде Господово слово: {22:2} ”Човечки сине, сакаш ли да судиш, сакаш ли да му судиш на крвничкиот град? Покажи му ги сите негови гнасности! {22:3} Речи: ‘Господ Бог зборува вака: „Граду што пролеваш толку крв во себе и што си градиш насекаде идоли за да се онечистиш, чукна твојот час: {22:4} ти згреши со крвта што ја пролеа, и ти се онечисти со идолите што ги направи, скратувајќи ги така своите денови и забрзувајќи ги своите години. И затоа сега ќе те направам срам меѓу народите, потсмев по сите земји. {22:5} И кои ти се близу и кои ти се далеку, ќе ти се потсмеваат тебе: ‘Онечистувајќи го твоето име, што се прочу со насилство!’ {22:6} Ете, Израелевите кнезови и - секој на своја рака - пролеваат крв во тебе. {22:7} И во тебе веќе не се почитуваат ни таткото ни мајката, ги угнетуваат придојдениците, ги злоставуваат во тебе сирачињата и вдовиците! {22:8} Ги презираш Моите светини, ги обесветуваш саботите. {22:9} Во тебе се клеветниците заради кои се пролева крвта; во тебе се јаде по горите, сред тебе се прават разврати. {22:10} Во тебе се открива татковиот срам, во тебе ги силуваат жените додека се нечисти. {22:11} Едниот прави гадост со жената на својот сосед, другиот со срамно дело ја обесчестува својата снаа, а третиот во тебе ја изнасилува сестрата, ќерката на својот татко. {22:12} Ги има кои примаат поткуп за да пролеат крв. Земаш заем и придобивка, ограбуваш насила од ближниот, а Мене Ме забораваш - говори Господ Бог. {22:13} Затоа еве, Јас плескам со рацете над пленот што ти го ограби и над крвта што се лее во тебе. {22:14} Зашто, дали твоето срце ќе издржи и дали твоите раце ќе одолеат во деновите кога Јас ќе станам против тебе? Јас, Господ, реков и ќе направам! {22:15} Затоа ќе те распрснам меѓу народите, ќе те расеам по земјите, за да ја отстранам од тебе сета нечистота! {22:16} И пак ќе бидеш Мое наследство пред очите на народите. И ќе знаеш дека Јас Сум Господ!”‘“ {22:17} Ми дојде Господово слово: {22:18} ”Човечки сине, Израелевиот дом ми стана талог: бронза, калај, железо и олово во печка - сите тие се отпадок! {22:19} Затоа Господ Бог зборува вака: ‘Бидејќи ми станавте талог, ќе ве соберам, еве, во Ерусалим. {22:20} Како што се собира среброто, бронзата, железото, оловото и калајот во печка, та наоколу се раздувува огнот, за да се растопи сè така и Јас ќе ве соберам во Својот гнев и во својата јарост, ќе ве сложам и ќе ве растопам. {22:21} Да, ќе ве соберам и ќе го раздувам околу вас огнот на Мојата јарост, за да се растопите сред градот. {22:22} Како што среброто се топи во печка, така и вие ќе се растопите во него. И ќе знаете дека Јас Сум Господ, Мојот гнев го излевам врз вас!’” {22:23} Ми дојде Господово слово: {22:24} ”Човечки сине, речи уште: ‘Ти си земја уште неочистена, која уште не ја изми дождот на гневниот ден!’ {22:25} Во нејзината средина има заклетви од пророци, како лавовите што рикаат и што го раскинуваат пленот, ги голтаат луѓето, им ги одземаат богатството и скапоценостите, множејќи ги вдовиците сред неа. {22:26} Нејзините свештеници не го почитуваат Мојот Закон и ги обесветуваат Моите светини, не разликувајќи го светото од несветото, не учејќи се да го разликуваат нечистото од чистото. Ги занемарија моите саботи, без чест Сум во нивната средина. {22:27} Нејзините старешини, како волците што го раскинуваат пленот и што пролеваат крв, ги упропастуваат луѓето, лакоми на добиток. {22:28} А нејзините пророци сето тоа го премачкуваат со белило и го покриваат со суетни виденија и со лажни пророкувања, велејќи: ‘Господ Бог зборува вака:’ а Господ не го рече тоа. {22:29} Народот на земјата пак прави секакви насилства и грабежи, ги угнетуваат сиромашниот и бедниот, а придојденикот го угнетуваат без право. {22:30} Барав меѓу нив некого за да ги подигне ѕидовите и за да застане на пробоите пред Мене во одбрана на земјата, за да не ја сотрам, и не најдов никого. {22:31} И затоа го излеав Својот гнев врз нив па ги сотрев со огнот на Својата јарост; нивните патишта им ги оборив врз главата - говори Господ Бог.” {23:1} Ми дојде Господово слово: {23:2} ”Човечки сине, си биле две жени, ќерки на една мајка. {23:3} И му се оддадоа на блудството во Египет, блудствуваа во младост: таму им ги стискаа градите, им ги гнечеа девојчинските дојки. {23:4} На постарата името и беше Ола, (нејзиниот шатор) а на сестра и Олива (мојот шатор во неа), двете станаа Мои и Ми родија синови и ќерки. Еве им ги имињата: Самарија е Ола, Ерусалим Олива. {23:5} Ола, иако Ми припаѓаше Мене, му се предаде иа блудството; се распали по љубовниците, за Асирците, за своите соседи, {23:6} облечени во сино кадифе, сè сами кнезови и намесници, убави момчиња, вешти коњаници. {23:7} И му се предаде на блудство со нив, сè одбор асирски синови; и пламнувајќи по нив, се онечисти со сите нивни идоли. {23:8} А не се откажа ни од блудството со Египетците, кои што лежеа со неа од нејзината младост, кои што и ги гнечеа моминските дојки и на неа го излеваа својот блуд. {23:9} И затоа ја предадов во рацете на нејзините љубовници, во рацете на Асирците по кои се распалила. {23:10} И тие ја разголија и и ги пленија синовите и ќерките, а самата неа ја погубија со меч. И така им стана пример на сите жени, бидејќи судот беше извршен над неа. {23:11} Сестра и Олива го виде тоа, ама се распали уште полошо, и правеше полошо блудство. {23:12} Се распалуваше по асирските синови, се сами кнезови и намесници, по своите соседи, облечени раскошно, вешти коњаници, одбор момчиња. {23:13} И видов како се онечисти: обете тргнаа по ист пат. {23:14} Но оваа му се предаде уште полошо на блудство: кога би видела маж насликан на ѕид, ликовите на Халдејците нацртани со црвенило, {23:15} со бедра препашани со појас, со спуштени превези на главите - сè јунаци, вистински Вавилонци, родум од Халдејската Земја - {23:16} туку што би ја здогледала нивната прилика, сета би се распалила по нив та им испраќаше пратеници во Халдејската Земја, {23:17} Вавилонските синови дотрчуваа при неа на љубовната постела, за да ја онечистат со блуд. А кога ќе се извалкаше со нив, и се згадуваа. {23:18} Но се разгласи нејзиното блудствување, се откри нејзината голота и Мојата душа се одврати од неа, како што се беше одвратила од нејзината сестра. {23:19} Зашто таа му се предаде на уште полошо блудство, спомнувајќи си за деновите на својата младост кога му се предаваше на блудството во Египет, {23:20} распалувајќи се по развратниците, на кои машката снага им беше како на магаре, а изливот како кај коњите. {23:21} Така пак му се врати на срамот на својата младост, кога во Египет и ги притискаа градите кога и ги гнечеа моминските дојки. {23:22} Затоа Оливо Господ Бог зборува вака: ‘Ете, ќе ги подигнам против тебе твоите љубовници, кои и се згадија на твојата душа, и ќе ги доведам отсекаде против тебе: {23:23} Вавилонците, сите Халдејци, Фекоѓанците, Соанците и Коанците, а со нив сите асирски синови - сè одбор момчиња, кнезови и заменици, јунаци на глас, вешти коњаници. {23:24} И ќе дојдат против тебе од север многубројни коњи и коли со мноштво народи и ќе се наредат отсекаде против тебе со штитови, со кациги и со оклопи. Ним ќе те предадам на суд, и со свој суд ќе ти судат. {23:25} Ќе ја оборам врз тебе сета своја ревност, нека постапат јаросно со тебе; нека ти ги отсечат носот и ушите, а твојот остаток нека падне од меч; да ти ги одведат синовите и ќерките, а твојот остаток огнот нека го проголта. {23:26} И ќе ги скинат од тебе твоите облеки и ќе ти ги ограбат сите твои накити. {23:27} Така ќе ги докрајчам сиот твој срам и блудничењето, сè таму од Египет: не ќе ги подигаш веќе очите кон нив и не ќе си спомнуваш веќе за Египет!’ {23:28} Зашто, Господ Бог зборува вака: ‘Еве ме! Ќе те предадам во рацете на оние кои што ти ги замрази, кои и се згадија на твојата душа. {23:29} Нека ја излеат врз тебе својата омраза, нека ти ја преземат сета мака, а тебе нека те остават гола и разголена! Нека се открие сета голота на твоето блудство и на бесрамноста, на твоето блудствување. {23:30} Сè тоа ќе те стигне заради твоето блудствување со народите и дека си се онечистила со нивните идоли. {23:31} Одеше по патот на својата сестра: ќе ти ја дадам нејзината чаша во раката.’ {23:32} Господ Бог зборува вака: ‘Ќе ја испиеш чашата на својата сестра, длабока и широка чаша, и ќе бидеш за потсмев и за презир, зашто нејзината содржина е голема. {23:33} Ќе се наполниш со пијанство и со жалост! Таа е чаша на запустување, на ужас - чашата на твојата сестра, Самарија. {23:34} Ќе ја пиеш, ќе ја испразниш до дното, потоа ќе ја скршиш во делови, ќе ги раскинеш своите гради. Зашто, Јас реков така,’ говори Господ Бог! {23:35} Затоа Господ Бог зборува вака: ‘Зашто ти Ме заборави Мене и Ми ги сврти плеќите, поднесувај ги сега сиот свој срам и блудство!’” {23:36} И уште ми рече Господ: „Човечки сине, сакаш ли да им судиш на Ола и Олива, да им ги покажеш нивните гадости? {23:37} Направија прељуба, рацете им се окрвавени, направија прељуба со своите идоли, децата што ми ги народија ги поминаа низ оган, за да ги проголта. {23:38} Уште ми го направија и ова: во оној ден го обесчестија Моето Светилиште и ги обесветија Моите саботи. {23:39} Зашто во истиот ден кога своите деца им ги заклаа на идолите, дојдоа во Моето Светилиште за да го онечистат. Ете, така направија сред Мојот Дом. {23:40} Па испраќаа по машки оддалеку и тие им се стрчуваа штом гласниците ќе стигнеа кај нив. А ти се капеше за нив, ги мачкаше своите очи и се китеше со накит. {23:41} А потоа седнуваше на раскошна постела, пред која беше послан стол, на кој ги ставуваше Мојот темјан и Моето масло. {23:42} Тука се слушаше подвикнувањето на веселото друштво заради големото мноштво доведено од сите страни на пустината; им ставаа на жените нараквици на рацете и прекрасни венци на главите. {23:43} И реков: ‘Со жена потоната во прељуба уште тераат блудство, и таа самата уште му се предава на блудот!’ {23:44} И приоѓаат како на некаква блудница! Да, им приоѓаат на Ола и Олива, на развратничките. {23:45} Затоа праведниците ќе им судат, како што им се суди на прељубниците и на оние кои пролеваат крв, зашто тие се прељубнички, рацете им се окрвавени. {23:46} Зашто вака зборува Господ Бог: ‘Нека се свика собир против нив, за да ги подложам на измачување и на грабеж. {23:47} Собирот нека ги каменува и нека ги насече со мечеви; нека им ги исколе синовите и ќерките; а домовите нека им ги изгорат со оган. {23:48} Така ќе ставам крај на развратот на оваа земја, за да се опоменат другите жени да не ги прават вашите срамни дела. {23:49} А врз вас ќе го возложам сиот ваш разврат и ќе понесете казна за идолопоклонството. И ќе знаете дека Јас Сум Господ Бог.’” {24:1} Во деветтата година, во десетиот месец, во десетиот ден, ми дојде Господово слово: {24:2} ”Човечки сине, запиши го овој ден: токму денес вавилонскиот цар го опсадува Ерусалим. {24:3} Раскажи му приказна на одметничкиот дом. Речи им: ‘Господ Бог зборува вака: „Стави котел, стави, и налеј вода во него! {24:4} Фрли делови во него; сè најдобри делови месо, бедро и плеќи! Наполни го со најдобри коски! {24:5} Земи го најдоброто од стадото. Запали оган под котелот, нека зоврие добро, нека се сварат во него и коските.” {24:6} Зашто Господ Бог зборува вака: „Тешко му на крвничкиот град, за’рѓан котел, од кого не се симнува рѓата! А потоа вади од него дел по дел, но не фрлај жрепка за него! {24:7} Зашто неговата крв е во него - остави ја на гол камен, не разлевај ја по земјата каде што правот би можел да ја покрие! {24:8} За да се распали Мојот гнев, за да му се одмаздам, ја оставив неговата крв на гол камен за да не се покрие.” {24:9} Затоа Господ Бог зборува вака: „Горко му на крвничкиот град, зашто ќе запалам голема клада! {24:10} Собери дрва, потпали оган, свари месо, замешај зачини, нека изгорат и коските! {24:11} А потоа стави го празен врз жарта за да се нажеже котелот и за да се растопи сета негова нечистота, за да се уништи ‘рѓата врз него! {24:12} Трудот ќе биде тежок! Но големата ‘рѓа не може да се симне од него: му одолеа и на огнот. {24:13} Срамен е твојот грев, ама ни ти не сакаше да се очистиш од гревот; и затоа веќе не ќе се очистиш додека не го излеам врз тебе Својот гнев! {24:14} Јас, Господ реков! И ќе го исполнам зборот; нема да сменам: И нема да се поштедам, ниту ќе се помилувам! Ќе те судам според твоите патишта и дела - говори Господ Бог.’” {24:15} И ми дојде Господово слово: {24:16} ”Човечки сине, еве, ќе ти ја одземам со ненадејна смрт желбата на твоите очи! Не тагувај, не плачи и не рони солзи! {24:17} Липај тивко, но не жали како што се жали за мртвите! И завиткај повез околу главата, а обуј обувки на нозете. Не покривај ја брадата и не јади погачи за жалост.” {24:18} Така му пророкував на народот, а навечер ми умре жената, та утреден направив како што ми беше заповедано. {24:19} На тоа народот ме праша: „Не ќе ни кажеш ли што значи за нас тоа што го правиш?” {24:20} Јас им одговорив: „Ми дојде Господово слово: {24:21} ’Кажи му на Израелевиот дом: „Господ Бог зборува вака: Еве, ќе го предадам на онечистување Моето Светилиште, гордоста на вашата сила радоста на вашите очи и копнежот на вашата душа! И синовите и ќерките што ги оставивте, ќе паднат од меч. {24:22} Тогаш ќе направите како што направив и Јас: не ќе ги покривате брадите и не ќе јадете погачи за жалост! {24:23} Ќе завиткате повез околу главата и ќе обуете обувки на нозете! И не ќе тажете веќе и не ќе плачете, туку ќе пропаѓате заради своите гревови и ќе липате еден пред друг! {24:24} А Езекиел ќе ви биде знак, ќе направите сè што направи тој. Кога ќе се збидне тоа, ќе сознаете дека Јас Сум Господ!’” {24:25} А ти, човечки сине, навистина во денот кога ќе им ја одземам силата на нивната славна радост, татковската им радост, сласта на нивната душа, нивните синови и ќерки - {24:26} во тој ден кај тебе ќе стигне бегалец за да ти соопшти тоа! {24:27} Во тој ден ќе се отвори твојата уста, и ти ќе му проговориш на тој бегалец; не ќе бидеш веќе нем. И така ќе им бидеш знак. И тие ќе сознаат дека Јас Сум Господ!’” {25:1} И ми дојде Господово слово: {25:2} ”Човечки сине, сврти го своето лице кон Амоновите синови та пророкувај против нив! {25:3} Речи им на Амоновите синови: ‘Послушајте го словото на Господ Бог! Господ Бог зборува вака: „Затоа што вие воскликнувавте: ‘ха, ха’ над Моето Светилиште, кога тоа беше обесветено, и над Израелевата Земја, кога таа беше запустена, и над Јудиниот дом, кога заминуваше во ропство, {25:4} еве, ќе ве предадам, во сопственост на синовите на Исток, за да ги оптегнат среде вас нивните шатори; за да ги постават своите живеалишта. Тие нека ги јадат твоите плодови и нека го пијат твоето млеко; {25:5} ќе направам од Рава пасишта за камили а од Амоновите синови - овчари. И ќе знаете дека Јас Сум Господ.” {25:6} Зашто Господ Бог зборува вака: „Бидејќи си плеснал со раце и си удрил со нога, така што си се зарадувал со презир во своето срце за Израелевата Земја; {25:7} еве, затоа, Јас ќе ја протегнам Својата рака врз тебе и ќе те предадам на разграбување од народите, и ќе те отсечам од племињата, ќе те истребам од земјите; ќе те уништам, и ќе познаеш дека Јас Сум Господ.” {25:8} Господ Бог зборува вака: „Затоа што Моав и Сир зборуваа: ‘Ете, Јудиниот дом е како на сите народи,’ {25:9} еве, ќе ги откријам моавските стрмнини, за да останат од крајот до крајот без градови, што и беа украс на земјата: Вет-Есимот, Вал-Меон и Киријатаим. {25:10} Ќе им ги дадам во сопственост на синовите на Исток, на непријателите на Амонците, за да не се спомнуваат веќе Амоновите синови меѓу народите! {25:11} Така ќе го извршам судот над Моав. И ќе знаат дека Јас Сум Господ!” {25:12} Господ Бог зборува вака: „Затоа што Едом му се одмазди на Јудиниот дом, и тешко згреши со таа одмазда, {25:13} Господ Бог зборува вака: ‘Ќе ја кренам раката против Едом, ќе ги истребам меѓу него и луѓето и животните! Ќе го претворам во пустина: од Теман до Тедан сите ќе изгинат од меч. {25:14} Така ќе му се одмаздам на Едом со раката на својот Израелев народ. Тие ќе постапат со Едом според Мојот гнев и Мојата расрденост. И ќе ја сознаат Мојата одмазда!’ говори Господ Бог.” {25:15} Господ Бог зборува вака: „Затоа што Филистејците извршија одмазда, одмаздувајќи се крваво со омраза во срцето, разурнувајќи сè заради своето непријателство, {25:16} Господ Бог зборува вака: ‘Еве, ја кревам раката против Филистејците, ќе ги истребам Херетејците, ќе уништам сè што ќе остане на морскиот брег! {25:17} Така ќе им се одмаздам страшно со жестоки казни. И кога ќе им се одмаздам, ќе знаат дека Сум Јас Господ.”‘“ {26:1} Во единаесеттата година, во првиот ден на месецот, ми дојде Господово слово: {26:2} ”Човечки сине, зашто Тир воскликнуваше над Ерусалим: ‘Ха, ха! се скршија тие врати на народите, и се свртија кон Мене; ќе се збогатам: тој е запустен’ - {26:3} затоа Господ Бог зборува вака: ‘Еве Ме Тире, против тебе, ќе подигнам против тебе силни народи, како што морето ги подига брановите! {26:4} Ќе ги разурнам тирските ѕидови, и ќе ги разурнат сите негови стражарници. А Јас ќе му ја изметам и правта, ќе направам од него гладок камен! {26:5} Ќе биде сушилница за мрежи. Зашто Јас реков - зборува Господ Бог. И ќе им стане плен на народите. {26:6} А сите негови ќерки ќе паднат од меч во полето! Ќе знаат дека Јас Сум Господ!’ {26:7} Зашто Господ Бог зборува вака: ‘Ете, ќе го доведам против Тир од север Навуходоносор, вавилонскиот цар, царот над царевите, со коњи и со бојни коли, со коњаници, со чети и со мноштво народ. {26:8} Твоите ќерки ќе ги исечат со меч во полето! Ќе подигнат опсадни стражарници против тебе, ќе насипат насипи против тебе, и ќе подигнат штитови против тебе. {26:9} Против твоите ѕидови ќе ги насочат ѕидокршачите, и твоите стражарници ќе ги оборат со куки! {26:10} Од неговите безбројни коњи сиот ќе те покрие прав, а од шумот на коњаниците и тркалата и на нивните бојни коли ќе се затресат твоите ѕидови, кога ќе поминуваат низ твојата врата, како што поминува низ освоен град. {26:11} Со копитата на своите коњи ќе ти ги изгазат сите улици; ќе го истепаат твојот народ со меч, и ќе ги срушат твоите столбови. {26:12} Ќе го ограбат твоето богатство, ќе го разграбат твоето благо! Ќе ги разурнат твоите ѕидови, и ќе ги срушат твоите прекрасни куќи! Камењата, дрвото, твојот прав ќе ги фрлат во морето! {26:13} А Јас ќе го прекратам шумот на твоите песни, и веќе нема да се чуе звукот на твоите харфи! {26:14} Ќе те претворам во гладок камен, ќе станеш сушилница за мрежи. Веќе никогаш нема да се подигнеш, зашто Јас, Господ, реков!’ - говори Господ Бог. {26:15} Вака му зборува Господ Бог на Тир: ‘А нема ли од трескањето на твоето паѓање и од офкањето на твоите ранети, кога ќе настане немил колеж во тебе - да се стресат сите острови? {26:16} И нема ли тогаш сите кнезови на морето да слезат од своите престоли, да ги отфрлат своите наметки, и да ги симнат везените облеки, за да се облечат во страв, за да седнат на земја, треперејќи непрекратно ужаснати од твојата несреќа? {26:17} А потоа ќе затажат над тебе и ќе ти речат: „Како пропадна, како те снема од море, прославен граду, што беше толку силен на морето, ти и твоите жители, што и задаваа страв на целата земја? {26:18} Сега на денот на твојата пропаст островите ќе се стресат, островите на морето ќе се исплашат заради твојата пропаст!”‘ {26:19} Зашто Господ зборува вака: ‘Кога ќе те претворам во пуст град, какви што се градовите во кои што веќе никој не престојува, и кога ќе доведам против тебе бездни, за да те покријат големи води, {26:20} ќе те спуштам со оние кои што слегоа во јама кон предамнешен народ, и ќе те сместам во најдолните краеви на земјата, во вечни пустини, со оние што слегоа во јамата, за да не се вратиш веќе во земјата на живите. {26:21} Ќе те претворам во ужас, и веќе не ќе те биде, ќе те бараат, но веќе никогаш не ќе те најдат!’ - говори Господ Бог. {27:1} И ми дојде Господово слово: {27:2} ”А ти, човечки сине, почни со тажачка за Тир {27:3} и речи му на Тир што лежи при влезот во морето и тргува со народите на безбројните острови: Господ Бог зборува вака: ‘Тиру што зборуваше: „Јас сум прекрасен, со вонредна убавина.” {27:4} Твоите меѓи достигаат длабоко во морето, твоите градители те направија убав беспримерно. {27:5} Од сенирските чемпреси ти изградија даски, зедоа ливански кедар, ти подигнаа јарболи; {27:6} од васанските дабови ти изделкаа весла, од слоновата коска и од буковото дрво од Китимските Острови, ти ги направија седиштата! {27:7} Од везениот египетски лен ти беа едрата, за да ти бидат знаме! А синото и пурпурното од Елиските Острови ти ги ставија за покриви. {27:8} Жителите на Сидон и Арвад ти беа веслачи, а твоите мудреци, Тиру, ти беа кормилари! {27:9} Гевалските старешини и вештаци ги поправуваа твоите расипани нешта. Сите морски бродови и морнари беа твои и тргуваа со тебе! {27:10} Персијанците, Лудејците и Путејците беа војници во твојата војска, во тебе ги обесуваа штитовите и кацигите; тие ти даваа блесок. {27:11} Арвадските синови со војниците на ѕидовите твои наоколу, ти ги чуваа стражарниците. На ѕидовите наоколу ги бесеа штитовите за да ја возвеличат твојата единствена убавина! {27:12} Заради твоето големо богатство дури и Тарсис тргуваше со тебе плаќајќи го со сребро и железо, со олово и со калај твоето производство. {27:13} Јаван и Тувал и Месех тргуваа со тебе: даваа човечки души и бронзени садови за твоите стоки. {27:14} Оние од Вет-Тогарма даваа коњи, тркачки коњи и мазги. {27:15} И Дедановите синови тргуваа со тебе. Многу острови ти беа подложени: ти плаќаа данок во слонова коска и во абаносово дрво. {27:16} Заради изобилството на твојата стока Едом тргуваше со тебе, ти даваа за стоките антракси отворено - порфир и везено, корали и рубини; {27:17} и Јудеја и Израелевата Земја тргуваа со тебе со минитско жито, со восок со мед, со масло и со мирислива смола, за лек ги плаќаа твоите стоки! {27:18} Заради изобилството на твојата трговија, заради твоето големо благо, и Дамаск тргуваше со тебе со хелвонско вино и со бела волна. {27:19} И Дан и Јаван од Узел за твојата трговија менуваа прекалено железо, цимет и слатка трска. {27:20} Дедан тргуваше со тебе со покривки за коли. {27:21} Арабјаните и кидарските кнезови вршеа размена со тебе и за тргувањето ти плаќаа со јагниња, јарци и со овни. {27:22} Трговците од Сава и од Рама тргуваа со тебе, за тргувањето ти даваа најдобрите бесценети камења и злато. {27:23} Харан, Кана и Еден, трговците на Сава, Асирија и Хилмад тргуваа со тебе. Менуваа за твоите стоки {27:24} скапоцени облеки, отворено црвени и везени наметки, шарени ткаенини и цврсто плетени јажиња. {27:25} Натоварените тарсиски бродови ја превезуваа твојата роба! Беше полн и многу славен во срцето на морето. {27:26} На отворено море, на многу мориња те изведоа веслачите. Источниот ветер те разби на морската широчина! {27:27} Твоето благо и твоето тргување, твоите ракотворби, твоите бродари и твоите кормилари, поправувачи на пукнатините, менувачите на твоето тргување, сите војници на тебе и сето мноштво сред тебе, ќе потонат на морското дно на денот на твојот бродолом! {27:28} На повикот за помош на твоите кормилари ќе се стресат бреговите. {27:29} И ќе слезат од своите бродови сите веслачи, сите бродари и сите кормилари и ќе останат на копно. {27:30} По тебе ќе тажат гласно и ќе стенкаат горчливо. Ќе ги посипуваат со пепел главите и ќе се прпелкаат во прав; {27:31} И заради тебе ќе ги избричат главите, ќе се препашат со вреќиште, со јадосана душа ќе тажат по тебе и ќе заплачат горчливо. {27:32} Во тага ќе ти ја запеат тажачката, над тебе ќе тажат: „Кој град беше горделив како Тир сред морето?” {27:33} Зашто кога тој би го растоварил благото многу народи би ги наситил со тоа! Со изобилството на богатствата и со трговијата би усреќил многу земни цареви. {27:34} А ете, сега, морските бранови те здробија, потона во морските длабочини! Твоето богатство и сета посада потонаа со тебе. {27:35} Сите островски жители заради тебе се исплашија. Нивните цареви се наежија, главите ги наведнаа морално скршени. {27:36} Трговците на народите свиреа со уста по тебе, зашто ти стана страшило и те снема засекогаш!’” {28:1} И ми дојде Господово слово: {28:2} „Човечки сине, кажи му на тирскиот кнез: ‘Господ Бог зборува вака: „Твоето срце се возгордеа, ти рече: ‘Јас сум Бог! Седам на Божјиот престол во срцето на морето’ Иако си човек, а не Бог, ти го изедначи твоето срце со Божјото. {28:3} Ете, беше помудар од Даниел, ниедна тајна не ти беше скриена! {28:4} Со својата мудрост и разум насобра богатства, ја наполни ризницата со сребро и злато! {28:5} Со твојата голема мудрост со посредство на твојата трговија го умножи твоето богатство! Но твоето срце се возгордеа од богатството.” {28:6} Затоа Господ Бог зборува вака: „Зашто своето срце го изедначи со Божјото, {28:7} еве, ќе доведам против тебе туѓинци, најнасилни меѓу народите. Ќе ги извлечат мечевите против твојата прекрасна мудрост, и ќе ти ја помрачат убавината, {28:8} ќе те фрлат во јама за да умреш со насилна смрт од оние што умираат на морската широчина! {28:9} Ќе речеш ли тогаш пред крвникот: ‘Јас сум Бог’? Човек си, а не Бог во рацете на своите убијци. {28:10} Ќе умреш со смртта на необрезаните од туѓинска рака! Зашто Јас, Господ го реков тоа - говори Господ Бог.’” {28:11} И ми дојде Господово слово: {28:12} ”Човечки сине, залелекај тажачка над тирскиот цар. Речи му: ‘Господ Бог зборува вака: „Ете, ти беше примерок на совршенство, полн со мудрост и чудесно убав! {28:13} Во Едом во Божјата градина, живееше ти, твоето облекло беше украсено со секаков сард, топаз и дијамант, хрисолит, оникс и јаспис, сафир, смарагд и злато. Беа направени тапани и кавали, на денот на твоето раѓање беа подготвени. {28:14} Те поставив како раскрилен херув, заштитник: беше на светата Божја Гора, одеше сред огнено камење. {28:15} Совршен беше по своите патишта од денот на своето создавање додека не ти се зачна беззаконие во срцето. {28:16} Тргувајќи изобилно се наполни со насилство и згреши. Така те отфрлив од Божјата Гора, те истргав, херуву заштитнику, од средината на огнените камења. {28:17} Срцето ти се возгордеа заради твојата убавина, ја занемари својата мудрост, заради своето богатство! Те фрлив на земја и те предадов на земните цареви за да те гледаат презирно. {28:18} Со мноштвото на своето беззаконие, со нечесно тргување, ги обесвети своите светилишта! Пуштив оган сред тебе за да те проголта. Те претворив во пепел на земјата пред очите на оние што те набљудуваат. {28:19} Сите кои те познаваат меѓу народите, се згрозија над тебе! Зашто ти стана страшило, те снема засекогаш!”‘“ {28:20} И ми дојде Господово слово: {28:21} ”Човечки сине, сврти го лицето кон Сидон, пророкувај против него. {28:22} Речи: ‘Господ Бог зборува вака: „Еве, Сидону, против тебе, ќе се прославам сред тебе! И ќе се знае дека Јас Сум Господ, кога ќе го извршам судот над нив, и кога ќе ја покажам Мојата светост во него. {28:23} И ќе го испратам поморот против него и крв по неговите улици; и мртви ќе паѓаат сред него од меч што ти се заканува отсекаде, и тогаш ќе се знае дека Јас Сум Господ. {28:24} И веќе не ќе има за Израелевиот дом трн што ранува ниту осило што раскинува меѓу сите наоколу што го презираат! И ќе се знае дека Јас Сум Господ Бог!” {28:25} Господ Бог зборува вака: „А кога ќе го соберам сиот Израелев дом од народите низ кои се распрснати, ќе ја пројавам во нив Мојата светост пред очите на народите. И ќе се настанат во својата земја, што му ја дадов на Мојот слуга Јаков. {28:26} И ќе живеат на мир во неа, ќе градат домови и ќе садат лозја. Ќе живеат во безопасност, додека не го извршам Мојот суд над сите кои што ги презираа наоколу. Ќе знаат дека Јас Сум Господ нивен Бог.”‘“ {29:1} Во десеттата година, во десеттиот месец, на дванаесеттиот ден, ми дојде Господово слово: {29:2} ”Човечки сине, сврти го лицето кон фараонот, египетскиот цар, и пророкувај против него и против сиот Египет. {29:3} Зборувај и речи: ‘Господ Бог зборува вака: „Еве ме, против тебе, фараону, египетски цару, голем крокодилу што лежиш сред своите реки. Ти рече: ‘Реките се мои, си ги направив за себе.’ {29:4} И затоа ќе ти закачам јадица во вилицата и ќе ги залепам сите риби на твоите реки врз твоите стргунки. Ќе те извлечам од твоите реки, со сите риби на твоите реки, залепени врз твоите стргунки. {29:5} Ќе ве фрлам во пустината тебе и сите риби од твоите реки, ќе паднеш на отворено поле и никој не ќе те подигне, ниту ќе те погребе, на земските ѕверови и на небесните птици ќе те дадам за храна! {29:6} И ќе знаат сите жители на Египет дека Јас Сум Господ. Зашто ти беше трска за потпирач на Израелевиот дом! {29:7} Кога те фатија во рака, ти се скрши и им го прободе рамото; а кога се потпреа врз тебе ти пукна и им ги рани сите бедра.” {29:8} Затоа Господ Бог зборува вака: „Ете, ќе го доведам Својот меч против тебе, ќе ги истребам од тебе и луѓето и животните! {29:9} Сета Египетска Земја ќе биде пустина и урнатина, и тие ќе знаат дека Јас Сум Господ. Зашто ти рече: ‘Реката е моја, си ја направив за себе.’ {29:10} Затоа, еве Ме против тебе и против твоите реки, за да ја претворам Египетската Земја во пустина и запустеност од Мигдол до Севан и до етиопската граница! {29:11} Низ неа не ќе врви веќе човечка нога ни животинска нога, ќе остане ненаселена четириесет години. {29:12} Ќе направам пустина од Египетската Земја сред запустените земји, а нејзините градови ќе бидат урнатини четириесет години меѓу разурнатите градови. И ќе ги распрснам Египетците меѓу народите, и ќе ги расеам по земјите.” {29:13} Зашто, Господ Бог зборува вака: „Кога ќе поминат четириесет години, ќе ги соберам пак сите Египетци од народите каде што беа распрснати. {29:14} Ќе ги вратам египетските заробеници, ќе ги вратам пак во земјата Патрос, нивната родина, за да основат таму слабо царство. {29:15} Тоа ќе биде најмало од сите царства, за да не се издигне никогаш веќе над другите народи. Ќе го намалам така, што веќе никогаш нема да покори други народи, {29:16} и да не биде веќе надеж на Израелевиот дом. Нека му ги повикува во паметта гревовите што ги беше направил, свртувајќи се по нив. И тие ќе сознаат дека Јас Сум Господ.”‘“ {29:17} Во дваесет и седмата година, во првиот ден на првиот месец, ми дојде Господово слово: {29:18} ”Човечки сине, вавилонскиот цар Навуходоносор тргна со војската во голем поход против градот Тир. И секоја глава се разголе и секое рамо се одра. Но ни тој ни неговата војска немаа никаква добивка од тоа што тргнаа против Тир. {29:19} Затоа Господ Бог зборува вака: ‘Ете, ќе му ја предадам на Навуходоносор, вавилонскиот цар Египетската Земја, ќе и го одземе богатството, ќе награба плен и ќе ја ограби. Тоа ќе биде плата за неговата војска. {29:20} За трудот што тргна против Тир ќе му ја дадам сета Египетска Земја, зашто работеше за Мене - говори Господ Бог. {29:21} Во оној ден ќе направам да му порасте рог на Израелевиот дом, а тебе ќе ти ја отворам устата меѓу нив. И ќе знаат дека Јас Сум Господ.’” {30:1} И ми дојде Господово слово: {30:2} ”Човечки сине, пророкувај и речи: ‘Господ Бог зборува вака: „Ридајте: ‘О несреќен ден!’ {30:3} Зашто денот наближува, наближува Господовиот ден! Ден облачен, време одредено за народите. {30:4} И меч ќе влезе во Египет а стравот ќе ја опфати Етиопија, кога ќе почнат мртвите да паѓаат по Египет и кога ќе биде ограбено неговото богатство та кога ќе му ги срушат сите основи. {30:5} Етиопија, Пут и Луд сета Арабија и Хув (Либија) и синовите на земјата на Сојузот заедно ќе загинат од меч!” {30:6} Господ Бог зборува вака: „Ќе паднат оние кои го потпираат Египет, и ќе се сурне гордоста на неговата сила од Мигдол до Син, сè во него ќе падне од меч - говори Господ Бог. {30:7} Тој ќе биде пустина меѓу запустените земји, а неговите градови урнатини меѓу разурнатите градови. {30:8} И ќе знаат дека Јас Сум Господ, кога ќе го запалам Мојот оган во Египет и кога ќе ги сотрам сите негови помошници. {30:9} Во оној ден ќе испловат гласници од Мене за да ја застрашат безгрижната Етиопија. И стравот ќе ја зафати во египетскиот ден. Зашто, еве наближува!” {30:10} Господ Бог зборува вака: „Ќе го уништам египетското мноштво со раката на Навуходоносор, вавилонскиот цар! {30:11} Тој и неговиот народ со него - најсвиреп меѓу народите - ќе бидат доведени за да ја сотрат земјата. И тие ќе извлечат меч против Египет и сета земја ќе му ја исполнат со трупови. {30:12} А Јас ќе ги пресушам реките и ќе ја предадам земјата во рацете на силниците, ќе ја запустам земјата и што е во неа, со раката на туѓинците. Јас Господ реков!” {30:13} Господ Бог зборува вака: „Ќе ги разурнам идолите и ќе ги истребам лажните богови во Мемфис, и не ќе има веќе кнезови во Египетската Земја. {30:14} Ќе го запустам Патрос, ќе го запалам Соан, ќе извршам суд врз тебе. {30:15} Ќе излеам гнев над Син, египетската тврдина, ќе истребам мноштво во Нов. {30:16} Ќе запалам оган под Египет: Син ќе се стресе од ужас, Нов ќе биде освоен, а Мемфис во тешкотија ден по ден. {30:17} Младите на Хелиопол и на Пи-Весет ќе паднат од меч. А тие ќе бидат одведени во ропство! {30:18} Над Тафнис ќе се стемни денот кога ќе го скршам таму египетскиот јарем, и кога ќе се докрајчи гордоста на силата во него! Облак ќе се наднесе над него, и неговите ќерки ќе бидат одведени во ропство! {30:19} Така ќе го извршам судот над Египет, и ќе знаат дека Јас Сум Господ.”‘“ {30:20} Во единаесетата година, во првиот месец, на седмиот ден, ми дојде Господовото слово: {30:21} ”Човечки сине, ете, ја скршив мишката на фараонот, египетскиот цар! И еве, не ја ни завиткаа: не ставија лекови ниту ја преврзаа со завои за да ја закрепат, како би можела пак да има сила да прифати меч. {30:22} Затоа Господ Бог зборува вака: ‘Еве Ме против фараонот, египетскиот цар, за да му ги скршам обете раце, и здравата и скршената, и за да му го исфрлам мечот од раката! {30:23} Ќе ги разгонам Египетците меѓу народите и ќе ги расеам по земјите! {30:24} Ќе му ги зајакнам рацете на вавилонскиот цар и ќе го ставам Својот меч во неговата рака; а на фараонот ќе му ги скршам рацете, та ќе офка пред непријателот како ранет. {30:25} Да, ќе му ги зајакнам рацете на вавилонскиот цар, а фараоновите раце ќе се истоштат. И ќе знае дека Јас Сум Господ, кога ќе го ставам Мојот меч во рацете на вавилонскиот цар, и тој ќе го размавта над Египетската Земја. {30:26} Ќе ги распрснам Египетците меѓу народите и ќе ги расеам по земјите. И ќе знаат дека Јас Сум Господ.’” {31:1} Во единаесеттата година, во третиот месец, во првиот ден, ми дојде Господво слово: {31:2} ”Човечки сине, кажи му на фараонот египетскиот цар, и на неговиот народ: ‘На кого личиш со својата величина? {31:3} Еве, ќе те споредам со либански кедар, со убави гранки, со густи лисја и со високо стебло, врвот му стига до облаците. {31:4} Водата го отхрани и ја возвиши бездната; со своите реки му ги вадеше насадите, своите потоци ги испраќаше кон сите полски дрва. {31:5} И затоа тој со раст ги надвиши сите полски дрва. Гранките му се намножија, гранчињата му се разгранчија, од изобилната вода што дотечуваше до него; {31:6} небесните птици на неговите гранки виткаа гнезда. Под неговите гранки се раѓаа полските животни. А во неговата сенка седеа сите големи народи. {31:7} Тој беше убав со величината, и со широчината на своите гранки; жилите му стигаа до длабоките води! {31:8} Не му беа рамни ни кедровите во Божјата Градина, ни чемпресите не можеа да се споредат со неговите гранки, а јаворите не беа ни како неговите гранчиња! Ниедно стебло во Божјата Градина не му беше рамно по убавина. {31:9} Го украсив со мноштво гранки, и му завидуваа сите еденски дрва во Божјата Градина.’ {31:10} Затоа Господ Бог зборува вака: ‘Бидејќи се воздигна на високо и нарасна врвот меѓу густите гранки, и од височината му се занесе срцето, {31:11} затоа го предадов во рацете на најмоќниот од сите народи за да направи со него според неговото беззаконие, и го отфрлив. {31:12} Туѓинците, најжестоки од народите, го пресекоа и ги оборија гранките, му паѓаа по горите и по сите долини, гранките му се скршија по сите котлини, сите народи се оддалечија од неговата ладовина, го оставија! {31:13} Сите небесни птици слетаа на неговото оборено стебло! Сите полски животни се настанија меѓу неговите гранки! {31:14} За да не се возвиши веќе со својот раст ниедно дрво покрај вода, и за да не го издигне својот врв до облаците! И за да ниедно дрво, што пие вода, не се надева во својата височина! Зашто сите и се предадени на смртта, фрлени во подземните краишта, сред човечките синови, со оние што слегуваат во јамата!’ {31:15} Господ Бог зборува вака: ‘Во денот кога тој ќе слезе во Подземјето, во знак на жалост, ја затворив над него бездната и ги запрев неговите реки. И големите води пресушија, та сиот Ливан го замрачи по него и сите полски дрва се осушија заради него! {31:16} Со трескавицата од неговото паѓање ги стресов народите кога го фрлив главечки во Подземјето, со оние што слегоа во јамата! И во подземниот крај се утешија сите еденски дрва, најизбраните и најубавите во Ливан, сите што ја пиеја водата. {31:17} И тоа, неговата мишка, и тие меѓу народите кои седеа во неговата ладовина, слегоа со него во Подземјето кон оние што беа прободени со меч. {31:18} И така, на кого, од еденските дрва, личиш со својата сила, со славата и со величината? А сега со нив си оборен во подземниот крај, и лежиш со необрезаните меѓу оние што беа прободени со меч. Тоа се фараонот и сето негово мноштво - говори Господ Бог.” {32:1} Во дванаесеттата година, во дванаесеттиот месец, во првиот ден, ми дојде Господовото слово: {32:2} ”Човечки сине, заплачи над фараонот, египетскиот цар, и кажи му: ‘Лавче на народите, пропадна! Ти беше како крокодил во водата, шумеше во твоите реки; ја матеше водата со нозете, и ги надигаше брановите!’ {32:3} Господ Бог зборува вака: ‘Ете, ќе распнам мрежа над тебе со собир на многу народи: тие ќе те извлечат во Мојата мрежа. {32:4} Ќе те оставам на земјата, ќе удрам со тебе по почвата; ќе ги пуштам на тебе сите небесни птици и ќе ги нахранам земните ѕверови со тебе! {32:5} Ќе ти го расфрлам месото по горите, ќе ги покријам долините со твојата мрша. {32:6} Со тоа што ќе истече од тебе ќе ја напојам земјата; со твојата крв по горите и со неа ќе ги наполнам речните корита. {32:7} А кога ќе те угаснам, ќе ги смрачам небесата и ќе ги згаснам ѕвездите на нив! Со облак ќе го покријам сонцето и месечината не ќе свети со светлина. {32:8} Заради тебе ќе ги угаснам сите светилки на небото; и ќе распрострам мрак над земјата!’ говори Господ Бог! {32:9} ’Ќе ги смутам срцата на многу народи кога ќе ги одведам твоите заточеници во земја што ти е непозната. {32:10} Стравот ќе опфати многу народи, а нивните цареви ќе се ужаснат над тебе пред нивни очи. И во денот на твоето паѓање секој ќе трепери непрекратно за својот живот.’ {32:11} Зашто Господ Бог зборува вака: ‘Мечот на вавилонскиот цар ќе се спушти врз тебе. {32:12} Твоите множества ќе ги погубам со мечевите на јунаците, на најлутиот од сите народи, ќе ја уништи гордоста на Египет и ќе го сотре сето негово множество. {32:13} Ќе го уништам сиот негов добиток покрај изобилните води и човечката нога веќе не ќе ги гази, ниту животинско копито ќе ги мати. {32:14} Тогаш пак ќе им ги стивнам водите и ќе направам реките да им течат како масло - говори Господ Бог. {32:15} Кога ќе ја направам пустина Египетската Земја, кога ќе биде ограбено што е во неа; кога ќе ги поразам сите нејзини жители, ќе знаат дека Јас Сум Господ. {32:16} Тоа е тажачка што ќе се тажи. Ќе ја тажат над Египет и над сето негово множество - говори Господ Господ.” {32:17} Во дванаесеттата година, во првиот месец, во петнаесеттиот ден, ми дојде Господовото слово: {32:18} ”Човечки сине, тажи по египетското множество, турни го, него и ќерките на славните народи, во подземниот крај, како оние што слегоа во јамата. {32:19} Од кого си поубав? Слези и почини со необрезаните. {32:20} Тие ќе паднат меѓу оние кои мечот ги покоси; на меч се предадоа, ќе добијат легло со сето множество. {32:21} Најхрабрите јунаци ќе му зборуваат од срцето на гробот: ‘Ти и твоите помошници, слезете и починете со необрезаните, покосени од меч!’ {32:22} Таму е Асирецот и сето негово мноштво околу неговиот гроб, сите истепани, покосени со меч. {32:23} Гробовите им лежат на дното на јамата, и сиот негов куп е околу неговиот гроб - сите, некогаш ужас во земјата на живите, сега погубени, покосени со меч. {32:24} Таму е и Елам и сето негово мноштво околу неговиот гроб - сите истепани, покосени од меч, необрезани слегоа во подземниот крај на мртвите: некогаш ужас во земјата на живите, сега го поднесуваат својот срам со оние што слегоа во јамата. {32:25} Среде поразените им го сместија леглото: нему и на миожеството околу неговиот гроб - сите необрезани, прободени со меч: некогаш ужас во земјата на живите, сега го поднесуваат својот срам со оние кои слегоа во јама, положени меѓу погубените. {32:26} Таму се Месех и Тувал и сето негово множество, со гробови околу неговиот гроб - сите необрезани, прободени со меч, некогаш ужас во земјата на живите. {32:27} Не лежат со јунаците паднати одамна, во Подземјето слегоа со оружје, со меч под главата и со штит на коските, зашто им беа ужас на јунаците во земјата на живите. {32:28} И ти ќе лежиш среде необрезаните, покосени со меч. {32:29} Таму е Едом и сите негови цареви и кнезови: и покрај своето јунаштво, и тие лежат заедно со оние кои се покосени од меч, со необрезаните, со оние кои слегоа во јамата. {32:30} Таму се кнезовите на север и сите Сидонци, и тие слегоа меѓу прободените. И покрај ужасот на своето јунаштво, необрезаните лежат, со прободените со меч, поднесувајќи го својот срам со оние кои слегоа во јамата. {32:31} Фараонот ќе ги види и ќе се утеши заради своето множество - фараонот и сета негова војска покосена со меч, говори Господ Бог! {32:32} Зашто задаваше страв во земјата на живите, фараонот и сето негово множество лежат со необрезаните, со покосените со меч - говори Господ Бог.” {33:1} Ми дојде Господово слово: {33:2} ”Човечки сине, зборувај им на синовите на својот народ! Речи: ‘Ако Јас доведам меч на некоја земја, а народот на таа земја земе еден од меѓу себе и го постави за стражар, {33:3} а тој - гледајќи дека мечот доаѓа против земјата - затруби во рог и го опомене сиот народ: {33:4} ако тогаш оној кој ќе го чуе гласот на трубата а не остава да биде опоменат, та мечот дојде и го погуби - неговата крв ќе падне на негова глава: {33:5} зашто го чу гласот на рогот, ама не остави да биде опоменат - неговата крв ќе падне на него. Ако се опоменеше, ќе го спасеше животот. {33:6} А пак, ако стражарот - гледајќи дека мечот доаѓа против земјата - не затруби во рогот и не го опомени народот, та мечот дојде и погуби некого од нив: тој, навистина, ќе биде погоден заради својот грев, но Јас ќе ја барам неговата крв од раката на стражарот.’ {33:7} И тебе, човечки сине, те поставив за стражар на Израелевиот дом: кога ќе чуеш слово од Мојата уста, опомени ги во Мое име. {33:8} Ако му речам на безбожникот: ‘Безбожнику, ќе умреш!’ - а ти не проговориш и не го опоменеш безбожникот за да се врати од својот лош пат, безбожникот ќе умре заради својот грев, ама неговата крв ќе ја барам од твојата рака. {33:9} Но ако го опоменеш безбожникот за да се врати од својот лош пат, а тој не се врати од својот пат: тој ќе умре заради својот грев, а ти ќе го спасиш својот живот. {33:10} Човечки сине, речи му на Израелевиот дом. ‘Вие зборувате: „Нашите престапи и гревови нè притискаат и пропаѓаме заради нив. И уште да живееме?”‘ {33:11} Одговори им: ‘Животот Ми Мој - говори Господ Бог - Мене не Ми е до смртта на безбожникот, туку да се одврати од својот лош пат и да живее! И така, обратете се од својот лош пат! Зошто да умрете, Израелев дому!’ {33:12} Човечки сине, речи им на синовите на својот народ: ‘Праведникот нема да го избави неговата праведност во денот кога ќе согреши, ниту безбожникот ќе страда заради својата безбожност во денот кога ќе се одврати од неа, како што ни праведникот не ќе може да остане во живот во денот кога ќе согреши.’ {33:13} Ако му речам на праведникот: ‘Ќе живееш!’ а тој почне да се надева во својата праведност и почне да прави неправда, ќе ја заборавам сета негова праведност, и тој ќе умре заради неправдата што ја направи! {33:14} Ако му речам на безбожникот: ‘Ќе умреш!’ а тој се одврати од својот грев и почне да прави по законот и правдата; {33:15} го враќа залогот, го плаќа ограбеното, не правејќи беззаконија - ќе живее, нема да умре! {33:16} И сите гревови што ги имаше направено ќе му бидат заборавени. Работи според законот и правдата, ќе живее! {33:17} Но синовите на твојот народ говорат: ‘Господовиот пат не е праведен!’ Нивниот пат не е праведен! {33:18} Ако праведникот се одврати од својата правда и почне да прави неправда, тој ќе умре заради тоа. {33:19} А ако безбожникот се одврати од својата безбожност и почне да работи според законот и правдата, тој ќе живее заради тоа. {33:20} А вие велите: ‘Господовиот пат не е праведен!’ На секој од вас ќе ви судам според неговите патишта, Израелев дому!” {33:21} Во дванаесетата година, во десетиот месец, во петтиот ден на нашето поробување, кај мене дојде бегалец од Ерусалим и рече: „Градот падна!” {33:22} Господовата рака се спушти врз мене приквечер пред доаѓањето на тој бегалец, и ми ја отвори устата пред тој да дојде кај мене наутро! И така, ми се отвори устата и јас веќе не бев нем. {33:23} И ми дојде Господово слово: {33:24} ”Човечки сине, оние кои што живеат во овие урнатини на Израелевата Земја говорат: ‘Еден беше Авраам, и ја наследи оваа земја, а ние сме многу - нам ни е дадена земјата во сопственост!’ {33:25} Затоа речи им: ‘Господ Бог зборува вака: „Вие јадете по горите, ги подигате своите очи кон идолите, пролевате крв - и уште да ја имате во сопственост оваа земја? {33:26} Се потпирате врз својот меч, правите гадости, ја обесчестувате жената на својот ближен - и уште да ја имате во сопственост оваа земја?”‘ {33:27} Речи им го ова: ‘Господ Бог зборува вака: „Животот Ми Мој, оние кои се во урнатините, ќе загинат од меч; оние кои се во полето, ќе ги дадам на ѕверовите да ги проголтаат, а кои се во тврдините и во пештерите, ќе загинат од помор! {33:28} Така ќе ја разурнам и ќе ја запустам оваа земја, и ќе ја снема засекогаш дрскоста на нејзината гордост. Ќе запустеат Израелевите гори, и веќе никој не ќе поминува низ нив. {33:29} И ќе знаат дека Јас Сум Господ, кога ќе ја разурнам и запустам нивната земја заради сите гадости што ги направија.”‘ {33:30} А за тебе, човечки сине, синовите на твојот народ кажуваат покрај ѕидовите и на куќните врати и си зборуваат еден на друг: ‘Ајде да чуеме какво слово дошло од Господа!’ {33:31} И брзаат кон тебе како на народен собир; и Мојот народ седнува пред тебе и ги слуша твоите зборови, но не ги извршува: се насладува со нив во устата, а нивното срце им оди по неправедна печалба. {33:32} И ете, ти си за нив како слатка песна отпеана со пријатен глас, со музика: ти ги слушаат зборовите, но не ги извршуваат. {33:33} Но кога ќе дојде сè ова - ете, веќе доаѓа - ќе знаат дека имаше пророк меѓу нив!” {34:1} И ми дојде Господово слово: {34:2} ”Човечки сине, пророкувај против Израелевите пастири, пророкувај им и речи им: ‘Господ Бог зборува вака: „Тешко им на Израелевите пастири кои се пасат сами себеси! Не треба ли пастирите да го пасат стадото? {34:3} Се храните со млеко, се облекувате со волна, колете дебели овни, а не ги пасете стадата. {34:4} Не ги поткрепувате немоќните, не ги лечите болните, не ги преврзувате ранетите, не ги доведувате назад заскитаните, не ги барате загубените, туку господарите со нив насилно и свирепо. {34:5} И така овците се распрснаа немајќи пастири и распрснати, им станаа плен на ѕверовите. {34:6} Овците скитаат по сите гори и по високите брегови; Моите овци се распрснати по сета земја, и никој не прашува за нив, нема никој да ги бара.” {34:7} Затоа, пастири, чујте го Господовото слово: {34:8} ”Животот Ми Мој, говори Господ Бог: затоа што моите овци им станаа плен и храна на ѕверовите, немајќи пастир, додека Моите пастири не ги бараа Моите овци, туку се пасат самите себе, а не го пасат Моето стадо” - {34:9} затоа, пастири, чујте го Господовото слово: {34:10} Господ Бог зборува вака: „Еве Ме против пастирите! Ќе ги барам Своите овци од нивните раце, и не ќе им дадам веќе да Ми го пасат стадото ниту самите себе да се пасат: ќе ги истргам овците од нивната уста, не ќе имаат веќе храна.” {34:11} Зашто вака зборува Господ Бог: Еве ме, Самиот ќе ги побарам Моите овци и Самиот ќе ги пасам! {34:12} Како што пастирот се грижи за своите овци кога ќе се најде покрај распрснатото стадо, и Јас ќе се погрижам за Моите овци и ќе ги соберам од сите места во кои што се распрснаа во денот на облак и мрак. {34:13} Ќе ги изведам од народите, ќе ги соберам од земјите и ќе ги доведам во нивната земја за да ги пасам по Израелевите гори, по сите речни долини и по сите населени места во нивната земја. {34:14} Ќе ги пасам по прекрасни пасишта, трлата ќе им бидат на високите Израелеви гори; таму ќе одмараат во добри овчарници и ќе пасат по сочни пасишта, по Израелевите гори. {34:15} Самиот ќе ги пасам Своите овци и Самиот ќе им дадам починка - зборува Господ Бог. {34:16} Ќе ја побарам загубената, ќе ја доведам назад заскитаната, ќе ја преврзам ранетата и ќе ја поткрепам немоќната, ќе бдеам над дебелата и силната - ќе ги пасам праведно.” {34:17} А вам, овци Мои, Господ Бог ви зборува вака: „Еве Ме за да судам меѓу овца и овца, меѓу овните и јарците! {34:18} Зар ви е малку да пасете на добро пасиште, та остатокот од пасењето го газите со нозете? {34:19} А Моите овци треба да го пасат тоа што вие го изгазивте со нозете, да го пијат тоа, што го замативте со нозете.” {34:20} Затоа Господ Бог зборува вака: „Еве Ме за да судам меѓу дебелата и слабата овца! {34:21} Зашто со страните и со плеќите, бодејќи со роговите, ги туркавте мршавите овци додека не ги истуркавте. {34:22} Јас ќе ги избавам Моите овци, за да не бидат веќе плен, и ќе судам меѓу овца и овца. {34:23} Ќе им поставам еден Пастир, кој ќе ги пасе, Мојот слуга Давид; Тој самиот ќе ги пасе и ќе им биде Пастир, {34:24} а Јас, Господ, ќе бидам нивни Бог, и Мојот слуга Давид ќе им биде Кнез посред нив. Јас, Господ реков! {34:25} И ќе склучам со нив Завет на мир, и ќе ги отстранам од земјата сите диви ѕверови, и ќе живеат мирно во пустината и ќе спијат по горите. {34:26} Ќе ги направам благослов нив и сите околу Мојот Рид и ќе им дадам дожд на време, и тоа ќе биде дожд на благослов. {34:27} И полските дрва ќе донесуваат плодови, а земјата ќе го даде својот род. И тие ќе живеат мирно во Својата земја, и ќе знаат дека Јас сум Господ, кога ќе ги скршам жезлите на нивниот јарем и кога ќе ги избавам од рацете на оние што ги поробија. {34:28} И не ќе бидат веќе плен на народите, а ѕверовите веќе не ќе ги јадат лакомо, туку ќе живеат мирно, и никој не ќе ги плаши. {34:29} И ќе направам да станат бујни нивните славни садници, и гладот веќе не ќе ги сотира во земјата, веќе не ќе го поднесуваат срамот на народите. {34:30} И ќе знаат дека Јас Сум Господ, нивниот Бог со нив, и дека тие се Израелевиот дом, Мој народ - говори Господ Бог.’” {34:31} Вие, овци Мои, вие сте стадо на Моето паство, вие луѓето; а Јас Сум ваш Бог - говори Господ Бог.’” {35:1} И ми дојде Господово слово {35:2} ”Човечки сине, сврти го лицето кон Сирската Гора и пророкувај против неа! {35:3} Речи и: ‘Господ Бог зборува вака: „Еве Ме против тебе, Сирска Горо! Ќе ја подигнам раката против тебе и ќе те претворам во запустеност и пустина. {35:4} Ќе ги разурнам твоите градови, и ќе станеш пустина. И ќе знаеш дека Јас Сум Господ! {35:5} Вечна омраза гоеше и на меч им ги предаваше Израелевите синови кога ќе им се случеше несреќа и кога ќе им чукаше часот на последниот грев. {35:6} Затоа, животот Ми Мој - зборува Господ Бог - ќе те предадам на крв и крвта ќе те гони: крвта не ја мразеше, крвта ќе те гони! {35:7} Од Сирската Гора ќе направам запустеност и пустина, ќе ги истребам од неа и минувачот и повратникот. {35:8} Нејзините гори ќе ги наполнам со трупови: по твоите брежиња, по твоите долини и по твоите котлини ќе паѓаат покосени од меч. {35:9} Ќе направам од тебе вечна пустина, твоите градови нема да се населат. И ќе знаете дека Јас Сум Господ! {35:10} Ти рече: ‘Овие два народа и овие две земји ќе бидат мои; ние ќе ги завладееме, ако и да беше Господ таму!’ {35:11} Затоа, животот Ми Мој - говори Господ Бог - ќе постапам со тебе според гневот и ревноста со кои постапи ти во својата омраза кон нив! Ќе Ме запознаеш по тоа како ќе ти судам! {35:12} И ќе знаеш дека Јас Господ, ги чув сите твои хули што ги изрече на Израелевите Гори, говорејќи: ‘Запустија, нам ни се дадени за храна!’ {35:13} Се фалевте против Мене, зборувавте против Мене и ги умножувавте зборовите против Мене; Јас чув!” {35:14} Господ Бог зборува вака: „За радост на сета земја од тебе ќе направам пустина. {35:15} Како што ти се радуваше дека запусте Израелевото наследство, така ќе направам со тебе: ќе запустееш Сирска Горо, а со тебе и сиот Едом! И ќе знаат дека Јас Сум Господ!”‘ {36:1} ”Човечки сине, пророкувај им на Израелевите Гори и речи: ‘О Израелеви Гори, чујте го Господовото слово: {36:2} Така зборува Господ: „Вашите непријатели зборуваат за вас: ‘Ха! Ха! Наша сопственост ќе станат вечните височини!’”‘ {36:3} И затоа пророкувај и речи: ‘Господ Бог зборува вака: „Од сите страни ве запустуваат и ограбуваат за да им бидете сопственост на другите народи, и им дојдовте на јазиците на клеветничките луѓе.” {36:4} Затоа, Израелеви Гори чујте го Господовото слово! Господ Бог им зборува вака на горите и брежињата, на котлините и на долините, на запустените урнатини и на напуштените градови, кои што им станаа плен и потсмев на другите народи наоколу {36:5} и така, Господ Бог зборува вака: „Навистина ви зборував за огнот на Мојата ревност против другите народи, против сиот Едом, кој што со радост во срцето и со омраза во душата ја присвои за себе во сопственост Мојата земја, за да ја ограбат.”‘ {36:6} Затоа пророкувај за Израелевата Земја! Речи им на горите и на брежињата, на котлините и на долините: ‘Господ Бог зборува вака: „Еве, зборувам во Мојата ревност и јарост зашто требаше да го носите укорот на народите.” {36:7} Затоа Господ Бог зборува вака: „Еве, дигам рака и се колнам: Народите што се околу вас сами ќе го носат својот срам. {36:8} А вие, Израелеви гори, разгранчете се и донесете му род на народот што ќе дојде скоро. {36:9} Зашто, еве Ме кај вас! Се обратив кон вас, и ќе ве одгледувам и ќе ве посејам. {36:10} Ќе ги размножам луѓето по вас, - сиот Израелев дом - ќе ви ги населам градовите, ќе ги кренам пак вашите урнатини! {36:11} Ќе ги размножам по вас луѓето и животните, тие ќе се намножат и ќе се наплодат - та ќе ве населам како некогаш и ќе ве опсипам со добра повеќе отколку порано! И ќе знаете дека Јас Сум Господ! {36:12} Ќе доведам кај вас луѓе, Свој народ, Израел, и ќе те завладее, и ќе им бидеш наследство, и веќе нема да им ги одземаш децата.” {36:13} Господ Бог зборува вака: „А што се зборува за тебе: ‘Ти си земја што ги јаде луѓето и што им ги одзема децата на својот народ’ - {36:14} ти веќе не ќе ги голташ лакомо луѓето, ниту ќе му ги одземаш децата на својот народ - зборува Господ Бог. {36:15} Не дозволувам веќе да го слушаш укорот на незнабожците, не давам веќе да им бидеш за срам на народите; нема веќе да им ги одземаш децата на својот народ - говори Господ Бог.’” {36:16} Ми дојде Господвото слово: {36:17} ”Човечки сине, кога Израелевиот дом уште живееше во својата земја, ја обесвети со своите неправди и со своите патишта. Нивните патишта беа пред Мене како нечистота на нечиста жена. {36:18} И затоа го излеав Својот гнев заради крвта што ја пролеаја и заради идолите со кои се обесветија. {36:19} Ги распрснав меѓу народите и ги расеав по земјите. Им судев според нивните патишта и неправди. {36:20} Ама во народите меѓу кои дојдоа, меѓу сите народи во кои стигнаа, го обесветуваа Моето свето име, зашто за нив се зборуваше: ‘Тоа е Господовиот народ, а требаше да си отиде од Господовата земја!’ {36:21} И Мене Ми се сожали за Моето свето име што Изрелевиот дом го обесвети во народите меѓу кои што дојде. {36:22} Затоа речи му на Израелевиот дом: ‘Господ Бог зборува вака: „Што правам не правам заради вас, Израелев дому, туку заради Своето свето име, што вие го обесветивте меѓу народите кај кои дојдовте. {36:23} Јас ќе го посветам Своето големо свето име, што вие го обесветивте меѓу народите кај кои дојдовте! И народите ќе знаат дека Јас Сум Господ - говори Господ Бог - кога врз вас, пред нивни очи, ќе ја покажам Мојата светост. {36:24} Тогаш ќе ве соберам од сите народи и ќе ве приберам од сите земји, ќе ве доведам назад во вашата земја. {36:25} Ќе ве попрскам со чиста вода, за да се исчистите. Ќе ве очистам од сите ваши нечистотии и од сите ваши идоли. {36:26} Ќе ви дадам ново срце, и ќе вдахнам нов дух во вас! Ќе го извадам каменото срце од вашето тело и ќе ви дадам срце од месо. {36:27} Ќе го вложам Мојот Дух во вас внатре, за да одите по Моите закони и за да ги пазите и вршите Моите наредби. {36:28} И ќе се населите во земјата која им ја дадов на вашите татковци и ќе бидете Мој народ, а Јас ќе бидам ваш Бог. {36:29} Ќе ве избавам од сите ваши нечистотии и ќе го повикам житото и ќе го умножам, и никогаш веќе нема да ве подложам на глад. {36:30} Ќе го умножам плодот на дрвата и родот на нивите, за да не го носите веќе заради гладот и срамот меѓу народите. {36:31} И тогаш ќе си спомните за своите лоши патишта и неправди, и сами ќе се замразите себеси заради своите беззаконија и гадости. {36:32} А што правам, знајте добро, не правам заради вас - говори Господ Бог! Срамете се и засрамете се заради своите патишта, Израелев дому!” {36:33} Господ Бог зборува вака: „А кога ќе ве очистам од сите ваши беззаконија, ќе ги населам пак вашите градови и ќе ги изградам урнатините; {36:34} запустената земја, некогаш пустина пред очите на секој минувач, пак ќе биде обработена. {36:35} Тогаш ќе се рече: ‘Еве ја земјата што беше пуста, а стана како Еденската Градина! Ете, градовите што беа пусти, само урнатини и разурнатини, а сега се утврдени и населени!’ {36:36} И народот околу вас што остана ќе познае дека Јас, Господ, разурнатото пак го градам, и тоа што беше запустено, пак го садам. Јас, Господ, реков и ќе направам!” {36:37} Господ Бог зборува вака: „Еве, уште во тоа ќе ја пројавам Мојата милост кон Израелевиот дом: ќе им ги умножам луѓето како стада. {36:38} Како што има многу овци во Ерусалим во време на неговите празници, така ќе бидат полни со луѓе запустените градови; и ќе знаат дека Јас Сум Господ.”‘“ {37:1} И се спушти врз мене Господовата рака, и Господ ме изведе во Својот Дух, и ме постави сред долина полна со коски. {37:2} Ме помина низ нив, насекаде околу нив, и ете, ги имаше во долината мошне многу, и беа сосем суви! {37:3} Ми рече: „Човечки сине, можат ли да оживеат овие коски?” Јас одговорив: „Господи Боже, тоа го знаеш само Ти!” {37:4} Тогаш ми рече: „Пророкувај им на овие коски и речи им: ‘О суви коски, чујте го Господовото слово! {37:5} Господ Бог им зборува вака на овие коски: „Еве, ќе вдахнам дух во вас, и ќе оживеете! {37:6} Ќе ве обложам со жили, ќе ве обложам со месо, ќе ве завиткам со кожа и ќе вдахнам дух во вас, и ќе оживеете - и ќе знаете дека Јас Сум Господ!”‘“ {37:7} И јас почнав да пророкувам како што ми беше заповедано. И додека проповедав стана шушкање и помрднување, и коските почнаа да се собираат. {37:8} Погледнав, и ете, на нив пораснале жили и месо; се покрија со кожа, но уште немаше дух во нив. {37:9} И ми рече: „Пророкувај му на духот, човечки сине, пророкувај и речи: ‘Господ Бог зборува вака: „Дојди од сите четири ветра, духу, и вдахни во овие трупови за да оживеат!”‘“ {37:10} И почнав да пророкувам како што ми заповеда и духот влезе во нив и оживеаја и застанаа на нозе - многу, многу голема војска. {37:11} Ми рече: „Човечки сине, тие коски - тоа е сиот Израелев дом. Еве, тие велат: ‘Ни се осушија коските и ни пропадна надежта, загинавме!’ {37:12} Затоа пророкувај и речи им: ‘Господ Бог зборува вака: „Јас ќе ги отворам вашите гробови, ќе ве изведам од вашите гробови народу Мој, и ќе ве одведам во Израелевата Земја! {37:13} И ќе знаете дека Јас Сум Господ, кога ќе ги отворам вашите гробови, Мој народу! {37:14} И ќе го вдахнам Својот Дух во вас за да оживеете, и ќе ве доведам, во вашата земја, и ќе знаете дека Јас, Господ, зборувам и правам - говори Господ Бог.’” {37:15} И ми дојде Господово слово: {37:16} ”А ти човечки сине, земи дрво и напиши врз него: ‘Јуда и Израелевите синови, неговите сојузници!’ Тогаш земи друго дрво и напиши врз него: ‘Јосиф - Ефремово дрво - и сиот Израелев дом, негов сојузник.’ {37:17} И состави ги во едно дрво за да бидат како една во твојата рака! {37:18} А кога синовите на твојот народ те прашаат: ‘Сакаш ли да ни објасниш што значи тоа?’ - {37:19} Речи им: ‘Господ Бог зборува вака: „Еве, ќе го земам Јосифовото дрво, што е во Ефремовата рака, Јосифовото дрво и на Израелевите племиња, на неговите сојузници, и ќе го составам со Јудиното дрво та од нив ќе направам едно дрво; обата ќе бидат едно во Мојата рака.”‘ {37:20} Обете дрва врз кои што ќе го напишеш ова, нека ти бидат во раката, пред нивните очи. {37:21} И речи им: ‘Господ Бог зборува вака: „Еве, ќе ги соберам Израелевите синови од народите во кои што дојдовте, ќе ги соберам отсекаде и ќе ги одведам во нивната земја. {37:22} И ќе направам од нив еден народ во земјата, во Израелевите гори и еден цар ќе им биде на сите, и тие веќе не ќе бидат два народа и не ќе бидат веќе разделени на две царства. {37:23} И веќе не ќе се онечистуваат со идолите, ни со своите грозотии, ни со пороците. Ќе ги избавам од сите нивни неверства со кои се огрешија, и ќе ги очистам, и тие ќе бидат Мој народ, а Јас нивен Бог. {37:24} А мојот слуга Давид ќе им биде Цар, и сите ќе имаат еден Пастир. Ќе живеат по Моите закони, пазејќи ги и вршејќи ги Моите наредби. {37:25} Ќе живеат во земјата што му ја дадов на Мојот слуга Јаков, во која што живееја вашите татковци: во неа ќе престојуваат и нивните синови, и синовите на нивните синови довека. И Мојот слуга Давид ќе им биде Кнез довека. {37:26} Ќе склучам со нив завет на мир; тоа ќе биде вечен Завет со нив. Ќе ги утврдам и ќе ги умножам, и ќе го поставам Своето Светилиште меѓу нив засекогаш. {37:27} Моето живеалиште ќе биде меѓу нив, и Јас ќе бидам нивен Бог, а тие Мој народ! {37:28} И кога Моето Светилиште биде засекогаш меѓу нив, сите народи ќе знаат дека Јас Сум Господ, Кој го осветува Израел.”‘“ {38:1} И ми дојде Господовото слово: {38:2} ”Човечки сине, сврти го лицето кон Гога, во земјата Магога, кон големиот кнез Рош на Месех и Тувал, пророкувај против него. {38:3} Речи: ‘Господ Бог зборува вака: „Еве ме против тебе, Гоже, голем кнезу на Рош Месех и Тувал! {38:4} Ќе те намамам и ќе ти ставам узди во вилицата, ќе те изведам тебе и сета твоја војска - коњите и коњаниците, големо мноштво во потполна опрема - сè во оклопи и со штитови, сè вешти со мечеви. {38:5} Со нив е и Персија, Етиопија, и Пут - сите со штитови и шлемови; {38:6} потоа Гомер и сите негови чети, домот Тогарма од крајниот север со сите негови чети - многу народ со тебе! {38:7} Подготви се добро ти и сето мноштво што се собрало околу тебе и застани му на чело! {38:8} По многу денови ќе добиеш заповед; по многу години ќе нападнеш на земјата, избавена од меч и собрана од Моите народи, на Израелевите гори, некогаш долго пусти: откако ги изведов од народите, сите живееја спокојно. {38:9} Ќе се дигнеш, ќе дојдеш како невреме, како облак што ја покрива земјата, ти и твоите чети, а со вас многу народи!” {38:10} Господ Бог зборува вака: „Во тој ден мислите ќе ти се ројат во срцето и ќе сковаш лош наум.” {38:11} Ќе речеш: ‘Ајде да се кренам против небранетата земја, да нападнам на мирен народ што живее спокојно без ѕидови, и без лостови, и без врати: {38:12} па да се награбам плен и да се напљачкам пљачка - да ги ставам рацете на урнатините пак населени и на народот собран од народите, кој се занимава со стада и со имот и кој живее во средиштето на земјата.’ {38:13} Сава, Дедан и тарсиските трговци и сите нивни лавчиња ќе те прашаат: ‘Зар затоа доаѓаш да плениш? И зар заради грабеж собра толкав куп, за да го однесеш среброто и златото, за да го ограбиш добитокот и имотот и да плениш голем плен?’”‘ {38:14} Затоа пророкувај, човечки сине, и речи му на Гога: ‘Господ Бог зборува вака: „Во оној ден кога Мојот Израелев народ ќе живее спокојно, ти ќе се дигнеш! {38:15} Ќе дојдеш од своето седиште, од крајниот север, ти и многу народи со тебе, сè сами коњаници, големо мноштво, голема војска. {38:16} Ќе нападнеш на Израел, на Мојот народ како облак кога ја покрива земјата. Во последните денови ќе те доведам против Својата земја, за да Ме запознаат народите, кога врз тебе Гоже, пред нивните очи, ќе ја покажам Својата светост.” {38:17} Господ Бог зборува вака: „Не си ли ти тој за кого што зборував во древни денови, преку своите слуги, Израелевите пророци, кои што пророкуваа во она време дека ќе те доведам против нив? {38:18} Во оној ден кога Гога ќе падне врз Израелевата Земја - говори Господ Бог - гневот ќе Ми пламне во Мојата јарост. {38:19} Во Мојата ревност и во огнот на Мојот гнев, одлучив: Во оној ден ќе има силен потрес во Израел. {38:20} И ќе се тресат под мене морските риби и небесните птици, полските ѕверови и лазачите што ползат по земјата и сите луѓе што живеат на неа. Планините ќе се урнат, стрмнините ќе паднат и ќе се срушат сите ѕидови! {38:21} И по сите Свои гори ќе повикам меч против него - говори Господ Бог - со меч ќе се крене брат против брата! {38:22} Ќе му судам со помор и со крв. И ќе спуштам силен поројник и град од камења, оган и сулфур врз него, врз неговите чети и врз многуте народи што ќе бидат со него. {38:23} И ќе се возвеличам и ќе се објавам пред сите народи, и ќе познаат дека Јас Сум Господ.”‘ {39:1} А ти човечки сине, пророкувај против Гога и речи: ‘Господ Бог зборува вака: „Еве Ме против тебе, Гоже, голем кнезу на Рош, Месех и Тувал! {39:2} Ќе те намамам и ќе те поведам, ќе те подигнам од крајниот север и ќе те доведам на Израелевите гори. {39:3} Ќе ти го избијам лакот од левата рака и ќе ги истурам стрелите од твојата десница. {39:4} На Израелевите гори ќе паднеш ти и сите твои чети и народите кои ќе бидат со тебе: те дадов за храна на грабливите птици на сè крилесто, и на ѕверовите. {39:5} Ќе паднеш на отворено поле, зашто Јас реков така - говори Господ Бог. {39:6} Ќе испратам оган на Магога и на жителите на островите, кои живеат безгрижно, и ќе знаат дека Јас Сум Господ. {39:7} Моето свето име ќе го објавам среде Мојот Израелев народ, и не ќе оставам да се обесветува веќе Моето свето име! И сите народи ќе познаат дека Јас Сум Господ, Израелевиот Светец. {39:8} Еве доаѓа и ќе се збидне - зборува Господ Бог! Тоа е денот за кој што зборував! {39:9} Ќе излезат жителите на Израелевите градови, ќе запалат оган и ќе ги изгорат оружјето, штитовите, лаковите и стрелите, копјата и сулиците - со нив ќе палат оган седум години. {39:10} Не ќе носат дрва од полето ниту ќе сечат по горите, туку ќе го палат огнот со оружје. И ќе ги запленат оние што нив ги пленеа, ќе ги ограбат оние што нив ги ограбуваа” - говори Господ Бог. {39:11} Во оној ден ќе му дадам на Гога за гроб прочуено место во Израел: долината Абарим, источно од Морето, што им го затворува патот на минувачите; таму ќе ги закопаат Гога и сето негово мноштво. И долината ќе се нарече Хамон-Гога (Гогови множества). {39:12} И домот Израелев ќе ги закопува седум месеци за да ја очистат земјата. {39:13} И сиот народ ќе ги закопува, ќе им биде славен денот во кој ќе се прославам, говори Господ Бог. {39:14} Ќе изберат луѓе да поминуваат непрекратно низ земјата, со помош на минувачите ќе ги закопуваат останатите на земјата, за да ја очистат; а после седум месеци ќе направат проверка. {39:15} И кога некој, минувајќи низ земјата, ќе види човечки коски, ќе подигне покрај нив надгробник додека гробарите не ги закопаат во долината Хамон-Гога. {39:16} Хамона е име и на градот. И така, ќе ја очистат земјата.”‘ {39:17} А ти, човечки сине, Господ Бог зборува вака: ‘Речи им на птиците, на сè што е крилесто и на сите ѕверови: „Соберете се и дојдете! Соберете се отсекаде на Мојата жртва, што ја колам за вас, на големата гозба по Израелевите гори, за да се најадете месо и за да се напиете крв. {39:18} Најадете се месо од јунаци и напијте се крв од земните кнезови, од овни, од јагниња, од јарци, од јунци, од згоен васански добиток! {39:19} Најадете се мрсно до наситување и напијте се до опијанување од крвта на Моите жртви што ви ги заклав за вас. {39:20} Наситете се на мојот стол со коњи и коњаници, со јунаци и секакви војници! - зборува Господ Бог. {39:21} Таќа ќе се прославам меѓу народите, и сите народи ќе ги видат судот што ќе го извршам и раката што ќе ја дигнам против нив. {39:22} Ќе знае Израелевиот дом дека Јас Сум Господ, нивниот Бог - од тој ден засекогаш. {39:23} И ќе знаат народите дека Израелевиот дом беше одведен во ропство заради своите престапи: Ме изневери па го скрив Моето лице од нив и ги предадов во рацете на нивните непријатели, за да загинат од меч. {39:24} Постапив со нив според нивната нечистота и според нивните престапи, и го скрив Моето лице од нив.”‘ {39:25} Затоа Господ Бог зборува вака: ‘Сега ќе го вратам Јакововото робје и ќе го помилувам сиот Израелев дом - ревнив на Моето свето име, {39:26} ќе им го простам: срамот и сите неверства со кое што Ме изневерија додека уште живееја спокојно во земјата и немаше никој за да ги заплашува. {39:27} А кога ќе ги доведам од народите и ќе ги соберам од непријателските земји, и кога врз нив пред очите на многу народи, ќе ја покажам Мојата светост, {39:28} ќе знаат дека Јас Сум Господ, нивниот Бог, Кој ги одведе во ропство меѓу народите и Кој пак ќе ги собере во нивната земја, не оставајќи онаму ниту еден од нив. {39:29} И никогаш веќе не ќе го кријам лицето од нив, зашто Мојот Дух го излеав врз Израелевиот дом’- зборува Господ Бог.” {40:1} Во дваесет и петтата година на нашето ропство, во почетокот на годината, во првиот месец, во десеттиот ден, а во четиринаесеттата година откако падна градот, токму во оној ден, Господовата рака се спушти на мене. {40:2} И ме одведе во божествен привид во Израелевата Земја, та ме постави на многу висока гора. На неа, од јужната страна, беше нешто како соѕидан град. {40:3} Ме поведе натаму, и ете, човек блескав како бронза, стоеше на вратата, со ленено јаже и со мерачка трска во раката. {40:4} И тој човек ми рече: „Човечки сине, гледај со своите очи и слушај со своите уши, запомни сè што ќе ти покажам, зашто си доведен тука за да ти покажам. Извести му на Израелевиот дом сè што ќе видиш тука.” {40:5} И ете, здание сето наоколу препашано со ѕид. Човекот држеше во раката мерачка трска од шест лакти, а секој лакот беше подолг од една дланка од обичниот лакот. Тој го измери зданието. Широчина: една трска, височина: една трска. {40:6} Потоа отиде кон вратата што беше свртена кон исток. Се искачи по скалите и го измери прагот на вратата. Широчина: една трска. {40:7} А секоја соба долга една трска и широка една трска. Меѓу собите: пет лакти. Прагот на вратата од страната на нивниот трем, одвнатре една трска. {40:8} Го измери тремот на вратата одвнатре: беше широк осум лакти; {40:9} а неговите полустолбови два лакти. Тремот на вратата беше од внатрешната страна. {40:10} На секоја страна на источната врата беа по три соби. И сите три беа со иста мерка. Така и полустолбовите: од двете страни беа со иста мерка. {40:11} Потоа ја измери вратата: беше широка десет лакти и висока тринаесет лакти. {40:12} Пред собите имаше ограда од еден лакот од едната и од другата страна. Секоја соба шест лакти од едната, и шест лакти од другата страна. {40:13} А потоа ја измери вратата од задната страна на спротивната соба, во широчина: беше дваесет и пет лакти, врата спроти врата. {40:14} Го измери и тремот: дваесет лакти. Дворот беше сè околу тремот на вратата. {40:15} Од влезната страна на вратата до спротивната страна на нивниот трем беа педесет лакти. {40:16} На собите и на нивните довратници, од внатрешната страна сè наоколу, а исто така и во тремот, имаше прозорци со решетки. Таквите прозорци беа одвнатре сè наоколу, а на полустолбовите, палми. {40:17} Потоа ме одведе во надворешниот двор на Домот. И ете, сè околу дворот простории и плочник. Триесет простории врз плочник. {40:18} Подот беше од секоја страна на вратата и му одговараше на рамништето на вратата. Тоа е долниот под. {40:19} Тој ја измери широчината на дворот од долната врата до внатрешниот двор, од надворешната страна: сто лакти на исток и на север. {40:20} И ги измери широчината и должината на северната врата на надворешниот двор. {40:21} А таа имаше по три соби од секоја страна, а нивните столбови и тремови со исти мерки како кај првата врата: во должина педесет лакти и во широчина дваесет и пет лакти. {40:22} Нивните прозорци, тремови и палми беа со исти мерки како на источната врата, а на нивниот приод седум басамаци; тремот им беше од внатрешната страна. {40:23} Внатрешниот двор имаше врата што беше спроти северната врата како и источната. Тој измери: меѓу едната и другата врата имаше сто лакти. {40:24} Потоа ме одведе кон југ, и ете: таму врата. Ги измери таму собите, полустолбовите и тремовите: беа со иста мерка. {40:25} Таа и нејзините тремови имаа сè наоколу прозорци што беа како и оние првите. Должината и тука изнесуваше педесет лакти, а широчината дваесет и пет. {40:26} Кон вратите водеа седум басамаци; тремот им беше од внатрешната страна, а на столбовите имаа по една палма од секоја страна. {40:27} Внатрешниот двор имаше една врата и од јужната страна. Тој измери: од таа врата до јужната врата - сто лакти. {40:28} Потоа ме воведе низ јужната врата во внатрешниот двор. И ја измери јужната врата: беше со исти мерки. {40:29} Собите, столбовите и тремовите беа со исти мерки. Вратата и нејзиниот трем имаа прозорци секаде наоколу. Тука беа педесет лакти во должина дваесет и пет лакти во широчина. {40:30} А сè наоколу тремови: долги дваесет и пет лакти, а широки пет лакти. {40:31} Тремовите се тегнеа кон надворешниот двор. На нивните полустолбови палми, а пристапот кон нив имаше осум басамаци. {40:32} Потоа ме поведе кон источната врата на внатрешниот двор. И ја измери вратата: беа со исти мерки. {40:33} Нивните соби, полустолбови и тремови беа исто така со исти мерки. Вратата и нејзиниот трем имаа прозорци секаде наоколу. Во должина беа педесет лакти, а во широчина дваесет и пет. {40:34} Нивниот трем беше кон надворешниот двор. На нивните полустолбови од оваа и од онаа страна имаше палми. Пристапот кон нив имаше осум басамаци. {40:35} Потоа ме одведе кон северната врата. И ја измери: беше со исти мерки. {40:36} Нивните соби, полустолбовите и тремовите беа исто така со исти мерки. Вратата и нејзиниот трем имаа прозорци секаде наоколу. Тука беа педесет лакти во должина, а дваесет и пет во широчина. {40:37} Тремот достигаше до надворешното предворје. На столбовите од оваа и од онаа страна имаше палми. Пристапот кон нив имаше осум басамаци. {40:38} Покрај столбовите на вратата имаше соба со посебен влез; таму ги миеја палениците. {40:39} Во тремот на вратата од едната и од другата страна имаше по два стола за колење на паленици за грев и приноси за престапи. {40:40} И од надворешната страна на оној кој влегува низ влезот на северната врата имаше два стола; а од другата страна, кон тремот на вратата, два стола. {40:41} Четири стола од едната а четири стола од другата страна на вратата: вкупно осум столови, врз кои се колеа жртви. {40:42} И четири стола за паленици, од делкан камен. Беа по лакот ипол широки и лакот високи. Врз нив стоеше приборот за колење на паленици и други жртви. {40:43} Столовите беа орабени наоколу со жлепчиња од еден лакот, свртени кон внатре. На столовите се ставаше жртвено месо. {40:44} Потоа ме поведе во внатрешниот двор. Во внатрешниот двор беа две простории: едната беше на страната на северната врата, свртена кон југ, а другата на страната на јужната врата, свртена кон север. {40:45} И тој ми рече: „Таа просторија што е свртена кон југ е одредена за свештениците, кои ја вршат службата во Домот. {40:46} А просторијата што е свртена на север е за свештениците, кои ја извршуваат службата при жртвеникот. Тоа се Садоковите синови, оние помеѓу Левиевите синови, кои што смеат да Му пријдат на Господа за да му служат!” {40:47} Тој го измери дворот. Должина: сто лакти, широчина сто лакти; беше четириаглест. Пред Домот стоеше жртвеник. {40:48} А потоа ме поведе кон тремот, и ги измери полустолбовите на тремот: беа пет лакти на едната и пет лакти на другата страна. Вратата беше широка три лакти од едната и три лакти од другата страна. {40:49} Тремот беше долг дваесет лакти, широк дванаесет лакти. Десет басамаци водеа натаму. На довратниците од една и од другата страна стоеше по еден столб. {41:1} Потоа ме одведе во Храмот. Му ги измери полустолбовите: беа широки шест лакти од едната и шест лакти од другата страна. {41:2} Вратата беше широка десет лакти: на секоја страна по едно крило од пет лакти. А потоа го измери Храмот: беше долг четириесет а широк дваесет лакти. {41:3} Тогаш влезе и ги измери полустолбовите на вратата: два лакта; потоа вратата: шест лакти; па широчииата на вратата: седум лакти. {41:4} Потоа го измери внатрешниот простор: должина дваесет лакти, широчина пред Храмот дваесет лакти. И ми рече: „Тоа е Светина над Светините.” {41:5} Потоа го измери ѕидот на Храмот: шест лакти. Страничните простории беа широки четири лакти, сè околу Храмот. {41:6} Страничните простории беа една над друга, беа триесет на три ката. Во храмскиот ѕид беа сè наоколу, засеци, за да ги прифатат страничните простории. Така тие не беа вградени во храмскиот ѕид. {41:7} Широчината на просториите се зголемуваше од кат до кат, зашто тие се наоколу на катови, го опкружуваа Храмот, а Храмот, одејќи нагоре, оставаше сè поширок простор. Од најдолниот кат се одеше нагоре до најгорниот низ средниот. {41:8} Тогаш видов сè околу Храмот некаква височина. Основите на страничните простории: цела трска, шест лакти. {41:9} Дебелината на надворешниот ѕид на страничните соби: пет лакти. Преминот меѓу страничните простории на Храмот {41:10} и собите беше сè наоколу Храмот, дваесет лакти широк. {41:11} Од страничните простории излегуваа за премин една врата кон север и една кон југ. Преминот беше широк пет лакти секаде наоколу. {41:12} Зградата што го затворуваше заградениот простор од запад беше широка седумдесет лакти, а ѕидот на таа градба секаде наоколу беше дебел пет лакти и долг деведесет лакти. {41:13} Тој го измери Храмот: беше долг сто лакти. Заградениот простор неговото здание и ѕидовите, долги сто лакти. {41:14} Широчината на челото на Храмот со заградениот простор кон исток: сто лакти. {41:15} Тој ја измери должината на зданието вдолж заградениот простор што беше одназад и ходниците од едната и од другата страна: сто лакти. {41:16} Внатрешноста на Храмот, тремовите на дворот, праговите, прозорците со решетките и ходниците на сите три страни наоколу, спроти праговите, беа сè наоколу обложени со дрво од земјата до прозорците. Прозорците беа покриени. {41:17} Од влезот сè до внатрешноста на Храмот, а така и однадвор, сè по целиот ѕид наоколу, одвнатре и однадвор, {41:18} беа ликови на херуви и палми. По една палма меѓу два херува, а секој херув имаше две лица: {41:19} кон палмата од едната страна човечко лице, а кон палмата од другата страна лавско лице. Така беше по сиот Храм сè наоколу: {41:20} од земјата до над вратата беа наделкани херуви и палми, а така и по ѕидот на Храмот. {41:21} Довратниците на Храмот беа четириаглести. И Светилиштето имаше таков вид, како што видов. {41:22} Пред Светилиштето нешто како жртвеник од дрво: висок три лакта, долг два лакта. Неговите агли, подножјето и страните беа од дрво. И човекот ми рече: „Еве го столот што е пред Господовото лице!” {41:23} И Храмот и Светилиштето имаа по две врати, {41:24} а секоја врата по две крила што се вртеа. Две крила на едната и две крила на другата врата. {41:25} А на вратите на Храмот беа ископаничарени херуви и палми, како што беа изделкани и по ѕидовите. Надвор пред тремот беше дрвена надстреа. {41:26} Прозорците со решетките и палмите беа од едната и од другата страна на тремот, во страничните простории на Домот и на стреите. {42:1} А потоа ме поведе кон север, во надворешниот двор, и ме доведе во просторијата спроти заградениот простор, спроти зданието кон север. {42:2} Нивното чело на северната страна беше долго сто лакти, а широко педесет лакти. {42:3} Спроти дваесетте лакти вратата на внатрешниот двор и спроти плочникот на надворешниот двор беа ходници еден спроти друг на три ката. {42:4} Пред просториите беше премин кон внатрешноста, широк десет лакти и долг сто лакти. Вратите им беа свртени кон север. {42:5} Горните простории беа помали, зашто ходниците им го одземаа просторот, од долните и од средните. {42:6} Зашто беа на три ката, но немаа столбови како во дворот. Затоа горните простории беа потесни од долните и од средните. {42:7} Надворешниот ѕид, вдолж на собите кон надворешниот двор, пред собите, беше долг педесет лакти. {42:8} Зашто должината на собите на надворешниот двор беше педесет лакти, а на оние пред Храмот сто лакти. {42:9} Во тие простории влезот им беше од исток на оној кој им приоѓаше од надворешниот двор. {42:10} По широчината на ѕидот на дворот кон исток, пред самото здание, имаше уште простории. {42:11} Пред нив имаше премин како пред собите сместени кон север: со иста должина и со иста широчина; и сите нивни излези, распоредот и вратите, им беа еднакви. {42:12} Беа како влезовите во собите што беа кон југ: влез на почетокот на секој премин, спроти ѕидот на зданието, кон исток на оној кој влегуваше во нив. {42:13} И ми рече: „Северните и јужните простории пред заградениот простор се простории на Светилиштето: таму свештениците кои Му пристапуваат на Господа ќе ги јадат најголемите светини. Тие ќе ги оставаат тука најголемите светини, лебниот принос, жртви за грев и жртви за престапи, зашто тоа место е свето. {42:14} А кога свештениците ќе влегуваат, нема да излегуваат од Светилиштето во надворешниот двор, туку ќе ја оставаат облеката во која ја служеа службата, зашто е света, и ќе облекуваат друга облека, за да можат да му се приближат на местото одредено за народ.” {42:15} Откако ја измери внатрешноста на Домот, ме изведе низ источната врата и измери сè наоколу. {42:16} Со мерачка трска ја измери источната страна: беше пет стотини трски, мерачки трски, {42:17} а потоа се сврти и ја измери северната страна: беше пет стотини трски, мерачки трски. {42:18} Тогаш се сврти кон јужната страна и измери: пет стотини трски, мерачки трски. {42:19} Потоа се сврти кон западната страна и измери: пет стотини трски, мерачки трски. {42:20} Тој го измери ѕидот на сите четири страни наоколу: беше долг пет стотини трски и широк пет стотини. Го одвојуваше светото место од несветото. {43:1} Потоа ме поведе кон вратата што гледаше на исток. {43:2} И ете, славата на Израелевиот Бог доаѓаше од исток; шумот и е како шум на големи води: и земјата блескаше од Неговата слава. {43:3} Тоа привидение што го гледав беше како привидот што го видов кога дојдов да го уништам градот и како привидението што го видов покрај реката Хевар, и паднав на лицето. {43:4} А Господовата слава влезе во Домот низ вратата што гледаше кон исток. {43:5} Тогаш Духот ме подигна и ме одведе во внатрешниот двор. И ете: Домот беше полн со Господовата Слава. {43:6} И чув глас што ми зборуваше од Домот, а некој стоеше покрај мене. {43:7} И ми рече: „Човечки сине, ова е местото на Мојот Престол ова е место на стапалките на Моите нозе: тука, сред Израелевите синови, ќе престојувам засекогаш. Израелевиот дом нема да го обесветува веќе Моето свето име - ни тие ни нивните цареви - со своето блудствување и со труповите на своите цареви, по нивните високи места. {43:8} Го ставија својот праг до Мојот, своите довратници до Моите, така што беше само ѕид меѓу Мене и нив, и го обесветуваа Моето свето име со гнасотиите што ги направија. И затоа ги сотрев во Својот гнев. {43:9} Сега тие ќе ги отстранат далеку од Мене своето блудствување и труповите на своите цареви, а Јас ќе престојувам засекогаш сред нив. {43:10} Човечки сине, покажи му го на Израелевиот дом овој Храм за да се засрамат од своите беззаконија. Нека му ги измерат размерите. {43:11} Ако се засрамат заради сè што направија, опиши им ги Храмот и неговите размери, неговите излези и влезови, сиот негов изглед сите прописи и сите закони; запознај ги и нацртај им, за да видат и да го чуваат и да ги исполнуваат сите негови нацрти и сите прописи за него. {43:12} А ова е закон за Домот: горе на врвот, сиот простор наоколу, ќе биде најсвета светина. {43:13} Ова се мерките на жртвеникот, со лакти - а лакотот тука, е лакот и една педа: подножјето на жртвеникот лакот долго, лакот широко; работ со кој е обрабен наоколу - една педа. Височината на жртвеникот: {43:14} од подножјето на земјата до долниот појас на жртвеникот - два лакта, а во широчина еден лакот; од помалиот појас до поголемиот четири лакти, а во широчина еден лакот. {43:15} А самиот жртвеник висок четири лакти. А од жртвеникот се дигаат нагоре четири рогови. {43:16} Жртвеникот: долг дванаесет лакти, широк дванаесет лакти, четириаголен, на сите четири страни. {43:17} А појасот: четиринаесет лакти долг и четиринаесет лакти широк, на четири страни; неговиот раб наоколу половина лакот, а подножјето околу него наоколу еден лакот; басамаците му гледаат кон исток.” {43:18} И ми рече: „Човечки сине, Господ Бог зборува вака: ‘Ова се жртвените прописи по кои, во свое време, треба да се подигне жртвеникот, за да се принесуваат на него паленици и за да се прска крв по него. {43:19} На свештениците левити, на Садоковите потомци, кои што пристапуваат кон Мене за да Ми служат - говори Господ Бог - ќе им дадеш јунче за жртва за грев. {43:20} Ќе ја земеш неговата крв и со неа ќе ги намачкаш четирите рогови на жртвеникот и четирите агли за да го очистиш и за да го осветиш. {43:21} Потоа земи го јунчето и изгори го на одделеното место на Домот надвор од Светилиштето. {43:22} Утреден принеси јарец без недостаток како жртва за грев, нека се очисти со него жртвеникот, како што беше очистен со јунчето. {43:23} А кога ќе го очистиш, принеси јунец без недостаток и овен без недостаток од стадото; {43:24} принеси ги пред Господа, а свештениците нека ги посипат со сол и нека Му ги принесат како паленица на Господа. {43:25} Седум денови, секој ден принеси по еден јарец за грев: и нека бидат принесени јунче и овен од стадото, обата без недостаток. {43:26} Седум денови нека го очистува жртвеникот и нека го очисти и осветува. {43:27} Откако ќе се исполнат тие денови, од осмиот ден натаму свештениците нека ги жртвуваат врз жртвеникот вашите паленици и жртви за грев; и ќе бидам милостив кон вас’ - говори Господ Бог.” {44:1} Потоа ме одведе назад кон надворешната врата на Светилиштето, што гледаше кон исток: беше затворена. {44:2} И Господ ми рече: „Оваа врата ќе биде затворена; нека не се отворува, и никој нека не влегува низ неа, зашто Јас, Господ, Израелевиот Бог, поминав низ неа - затоа нека биде затворена. {44:3} Само кнез, зашто е кнез, смее да седне тука и да јаде пред Господа; тогаш нека влезе низ тремот на вратата и нека излезе по истиот пат.” {44:4} Потоа ме одведе кон северната врата пред Домот. Погледнав, и ете: Господовата Слава го беше наполнила Господовиот Дом. Паднав на лице. {44:5} Господ ми рече: „Човечки сине, внимавај грижливо, гледај добро и слушај внимателно што ќе ти речам за сите уредби на Господовиот Дом и за сите Негови закони. Внимавај добро кој смее да влезе во Домот и кој е одделен од Светилиштето. {44:6} Речи му на бунтовничкиот род, на Израелевиот дом: ‘Господ Бог зборува вака: „Веќе се премногу вашите гадости, Израелев дому! {44:7} Воведувате туѓинци, со необрезано срце и со необрезано тело, та влегоа во Моето Светилиште и го обесветија Мојот дом додека вие ги принесувавте Мојот леб и мрсното и крвта, и така го раскинавте Мојот Завет, со сите тие расипаности. {44:8} Самите не ја чувавте Мојата светина, туку нив ги наместивте место себеси како чувари во Моето Светилиште.” {44:9} Господ Бог зборува вака: „Ниеден туѓинец, со необрезано срце и со необрезано тело, веќе да не влегува во Моето Светилиште - ниеден туѓинец кој живее меѓу Израелевите синови. {44:10} А левитите, кои се оддалечија од Мене, тогаш кога Израел заскита од Мене по своите идоли, ќе го носат своето беззаконие. {44:11} Ќе служат во Светилиштето само како стражари при вратите на Домот и како прислужници во Домот: ќе му колат на народот паленици и други жртви и ќе му бидат на служба. {44:12} Им служеа пред нивните кипови и така го наведоа Израелевиот дом на беззаконие. Затоа ја подигнав раката против нив - говори Господ Бог - да го носат своето беззаконие. {44:13} Веќе не ќе пристапуваат кон Мене за да Ми служат како свештеници, и не ќе им приоѓаат веќе на Моите најсвети светини, туку ќе ја носат својата срамота и расипаностите што ги направија. {44:14} Ќе ги поставам да работат во Домот секаква работа и сè што треба да свршат во Него. {44:15} Свештениците левити, Садоковите потомци, кои Ми служеа верно во Моето Светилиште, кога Израелевите синови отскитаа од Мене - тие смеат да Ми пристапуваат кон Мене за да Ми служат: ќе служат пред Мене принесувајќи Ми мрсно и крв - говори Господ Бог. {44:16} Тие смеат да влегуваат во Моето Светилиште и да пристапуваат кон Мојот стол, за да Ми служат и за да вршат службата. {44:17} Кога ќе влегуваат низ вратата на внатрешниот двор, нека облечат ленени облеки: нека нема врз нив ништо волнено кога ќе служат при вратата на внатрешното предворје и на Домот. {44:18} Нека носат ленени капи на главите, ленени гаќи околу половината: нека не се препашуваат со ништо од што би се потеле. {44:19} Кога ќе излегуваат во надворешниот двор кон народот, нека ги соблечат облеките во кои што служеа и нека ги остават во просториите на Светилиштето, а нека облечат други облеки, за да не го посветат народот со своите облеки. {44:20} И нека не ги бричат главите, а нека не пуштаат ни долги коси туку нека ја стрижат косата. {44:21} И ниеден свештеник, кога треба да влезе во внатрешниот двор, нека не пие вино. {44:22} Нека не се женат со вдовица или со разведена, туку само со девојка од Израелевиот род или со свештеникова вдовица. {44:23} Нека ми го учат народот: да го разликуваат светото од несветото, да го делат нечистото од чистото. {44:24} Тие нека бидат судии во спорови: нека судат по Моите закони и нека ги чуваат законите и уредбите за сите Мои празници, и нека ги празнуваат Моите саботи. {44:25} Нека не пристапуваат кон мртовец, за да не се онечистат; смеат да се обесветуваат само за татко и за мајка, за син и за ќерка, за брат и за сестра уште немажена. {44:26} Потоа, откако некој ќе се очисти нека му се бројат седум денови: {44:27} а тогаш, кога ќе влезе во Светилиштето, во внатрешниот двор, за да служи во Светилиштето, нека принесе жртва за грев” - зборува Господ Бог. {44:28} А што се однесува до делот нивни, Јас сум нивниот дел. И сопственост во Израел не давајте им: Јас сум нивната сопственост. {44:29} Тие ќе јадат од лебниот принос, од жртвата за грев и од жртвата за вина: и сè што е ветено во Израел, ним им припаѓа. {44:30} И првините од сите ваши плодови и од секој ваш род како принос, какви и да биле вашите приноси, им припаѓаат на свештениците; и првините од брашното давајте му го на свештеникот за да има благослов во вашите домови. {44:31} Свештениците не смеат да јадат никаква мрша и ништо раскинато од ѕвер, па било тоа птица или добиток.” {45:1} ”Кога ќе ја делите земјата со жрепка во наследство, принесете Му како задржан принос на Господа еден свет дел од земјата долг дваесет и пет илјади лакти, широк десет илјади; тоа нека биде свето подрачје вдолж и напреку. {45:2} Од тоа за Светилиштето нека биде четвртесто од пет стотини лакти и чистинка од педесет лакти наоколу. {45:3} Од тоа подрачје измери во должина дваесет и пет илјади лакти, а во ширина десет илјади: тука нека биде Светилиште - Светина над Светините. {45:4} Тој свет дел од земјата им припаѓа на свештениците, кои служат во Светилиштето и кои пристапуваат кон Господа за да му служат: таму нека им биде местото за куќи; и тоа нека е свето место што му припаѓа на Светилиштето. {45:5} Дваесет и пет илјади во должина и десет илјади во широчина нека им бидат на левитите, кои му служат на Домот таму нека изградат градови во кои ќе живеат. {45:6} За сопственост на градот доделете пет илјади лакти во ширина и дваесет и пет илјади во должина, наспоредно со светото подрачје, тоа ќе му припаѓа на сиот Израелев дом. {45:7} На кнезот му припаѓа делот од двете страни на светото подрачје и на градскиот недвижен имот - вдолж на светото подрачје и долж на градската сопственост - од западната страна кон запад и од источната страна кон исток, а должината нека му биде еднаква на секој тој дел, од западната до источната граница. {45:8} Тоа нека биде негова земја, имот во Израел, за да не го угнетуваат веќе кнезовите Мојот народ и за да му ја дадат земјата на Израелевиот дом по племиња.” {45:9} Господ Бог зборува вака: „Доста е, Израелеви кнезови! Откажете се од насилството и од грабежот и вршете ги законот и правдата; избавете го Мојот народ од своите побарувачки - говори Господ Бог. {45:10} Мерете со права мерка: со права ефа и со ват. {45:11} Ефата и ватот нека опфаќаат еднаков обем; ватот нека изнесува десет хомери и ефата десет хомери - мерата нека им биде според хомерот. {45:12} Шекелот нека биде дваесет гера; мината нека ви биде: дваесет шекели, дваесет и пет шекели, и петнаесет шекели. {45:13} Ова е приносот што ќе го принесувате: шестина ефа од секој хомер пченица, и шестина ефа од секој хомер јачмен. {45:14} А ова е уредбата за маслото: десетина ват од секој кор - десет вата е еден хомер, и десет вата е еден кор. {45:15} Од секое стадо од двеста овци од сочните Израелеви пасишта по една овца за жртва приносница, паленица и благодарница - вам за помирување - говори Господ Бог. {45:16} Сиот народ на земјата му го должи овој принос на Израелевиот кнез. {45:17} А кнезот е должен да дава жртви паленици, лебни приноси и налевници за празници и за млади месечини, за саботи и за сите прослави на Израелевиот дом: тој нека принесува жртва за грев, лебен принос и благодарница за покривање на гревот на Израелевиот дом.” {45:18} Господ Бог зборува вака: „Во првиот месец, во првиот ден во месецот, земи јунче без недостаток и да го очистиш со него Светилиштето. {45:19} Свештеникот нека земе крв од жртвата за грев и нека со неа ги намачка довратниците на Домот и сите четири агли на жртвеничкиот појас и довратниците на вратата на внатрешниот двор. {45:20} Така нека направи и во седмиот ден на истиот месец за секој кој згрешил од слабост и од незнаење. Така ќе го довршите очистувањето на Домот {45:21} Во првиот месец, во четиринаесеттиот ден на месецот, празнувајте ја Пасхата, седмодневен празник, кога се јадат бесквасните лебови. {45:22} Во тој ден кнезот нека принесе за себе и за сиот народ на земјата, јунче за жртва за грев. {45:23} Во седумте денови на празникот нека принесува за паленица на Господ седум јунчиња и седум овни без недостаток - за секој ден на тие седум денови - и во секој ден јарец како жртва за грев. {45:24} А лебниот принос тој нека го принесува по ефа на секој јунец и по ефа на овен и по ин масло на секоја ефа. {45:25} Во седмиот месец, во петнаесеттиот ден на месецот, нека на празникот принесува исто толку во седумте денови: исто толку жртви за грев, паленици, лебни приноси и масло.” {46:1} Господ Бог зборува вака: „Вратата на внатрешниот двор, што гледа кон исток, нека биде затворена шест работни денови, а нека биде отворувана во саботниот ден; и нека биде отворувана во денот на младата месечина. {46:2} Кнезот нека влегува низ нивниот трем и нека застане кај довратникот; тогаш свештениците ќе ги принесат неговата паленица и жртва благодарница, а тој ќе се поклони при прагот на вратата и ќе излезе. Вратата нека не се затворува до вечер. {46:3} При влезот на истата врата во сабота и при млада месечина, народот на земјата ќе Му се поклонува на Господа. {46:4} Паленицата што кнезот ќе му ја принесува на Господа, во сабота, нека биде: шест јагниња без недостаток, овен без недостаток. {46:5} А лебниот принос нека биде по ефа на овен, а на јагнето колку и како кој може и по ин масло на ефа. {46:6} Во денот на млада месечина нека бидат принесени: јунец без недостаток, шест јагниња и овен без недостаток. {46:7} А за лебниот принос нека се принесе по ефа на јунецот, по ефа на овен, и по ин масло на ефа. {46:8} Кога кнезот ќе влегува, нека влегува низ тремот на вратата и нека излегува по истиот пат. {46:9} А кога народот на земјата ќе доаѓа во празниците пред Господа оној кој ќе влезе низ северната врата за да се поклони, нека излезе низ јужната, а кој ќе влезе низ јужната, нека излезе низ северната; нека не се враќа кон вратата низ која што влегол, туку нека излезе низ спротивната. {46:10} И кнезот нека биде со нив: кога ќе влегуваат тие, нека влезе и тој и нека излезе кога ќе излегуваат тие. {46:11} На празниците и на свечените денови нека се принесува лебен принос по ефа на јунец и по ефа на овен, а на јагне колку кој може и по ин масло на ефа. {46:12} Кога кнезот ќе сака да Му принесе доброволна паленица или доброволна жртва благодарница на Господа, нека му ја отворат вратата што гледа кон исток, па нека ја принесе паленицата и својата жртва благодарница како во саботен ден; потоа нека излезе а кога ќе излезе, вратата нека се затвори. {46:13} Секој ден ќе Му принесуваш на Господа за паленица јагне годиначе, без недостаток; ќе го принесуваш секое утро. {46:14} А лебниот принос со него принесувај го секое утро по шестина ефа и по третина ин масло, за да се попрска брашното; тоа нека Му биде лебен принос на Господа според вечна уредба. {46:15} И така треба да се принесуваат јагне, лебен принос и масло секое утро постојано како паленица.” {46:16} Господ Бог зборува вака: „Ако кнезот му даде подарок на некој свој син од своето наследство, тој дар ќе им припадне ним во сопственост како наследство. {46:17} Ако од своето наследство му даде подарок на некој свој слуга, тоа ќе му припаѓа нему до ослободувачката година, а потоа нека му биде вратен на кнезот; наследството им припаѓа само на кнезовските синови. {46:18} Кнезот не смее да присвои ништо од наследството на народот, ограбувајќи народниот недвижен имот. На своите синови нека им даде наследство од својот имот, за да не се распрсне народот, протеран од својата сопственост.”‘“ {46:19} Потоа ме одведе низ влезот покрај вратата во свештеничките простории на Светилиштето што гледаа кон север, и ете: таму, во дното, кон запад, едно место! {46:20} И ми рече: „Ова е местото каде што свештениците ќе ги варат жртвите за престапи и за грев и жртвата помирница, каде ќе ги печат лебните приноси за да не ги изнесат во надворешниот двор та да го осветат народот.” {46:21} Потоа ме изведе во надворешниот двор и ме помина покрај четирите агли на дворот, и ете, во секој агол на дворот беше мало дворче. {46:22} Тие мали дворови во четирите агли на дворот беа долги четириесет лакти, широки триесет - сите четири со исти размери; {46:23} сите четири опашани со ѕид, а под ѕидот секаде наоколу беа изградени огништа. {46:24} И ми рече: „Тоа се готвачилниците каде што слугите на Домот ќе му ги варат жртвите на народот „ {47:1} Потоа ме одведе назад кон вратата на Домот. И ете: вода извираше под прагот на Домот, кон исток - зашто лицето на Домот беше кон исток - и водата истечуваше под десната страна на Домот, јужно од жртвеникот. {47:2} Потоа ме изведе низ северната врата и ме помина наоколу по надворешниот пат кон надворешната врата што гледа кон исток. И ете, водата извираше од десната страна. {47:3} Човекот тргна кон исток со јаже во раката, измери илјада лакти и ме помина преку водата, а водата ми стигнуваше до глуждовите. {47:4} Таму пак измери илјада лакти и ме помина преку водата, а водата беше до колена. И пак измери илјада лакти и ме помина преку водата што беше до појасот. {47:5} Пак измери илјада лакти, ама таму беше поток што не можев да го поминам, зашто водата придојде та требаше да се плива: тоа беше поток што не можеше да се помине. {47:6} И ме праша: „Гледаш ли човечки сине?” И ме одведе назад, на брегот на потокот. {47:7} И кога се вратив, ете, на брегот имаше многу дрва на обете страни. {47:8} И ми рече: „Оваа вода тече во источниот крај, се спушта во Арабах и тече во морето; а кога ќе се влее во морето, водите ќе му оздрават. {47:9} И каде и да потече потокот, секое суштество што се движи ќе биде живо; и ќе има мошне многу риби, зашто каде и да дојде оваа вода, сè оздравува и оживува - каде и да протече овој поток. {47:10} И рибарите ќе рибарат вдолж морето: Од Ен Гад до Ен Еглаим ќе се сушат мрежи; и ќе има мошне многу секакви риби како во Големото Море. {47:11} А мочуриштето на она море и неговите бари не ќе оздрават: ќе бидат за сол. {47:12} Вдолж потокот на обете страни ќе растат секакви овошки: лисјата нема да им паѓаат и од нив нема да снемува плод; секој месец ќе раѓаат нов плод, зашто водата им дотечува од Светилиштето. Нивниот плод ќе биде за јадење, а лисјата за лек.” {47:13} Господ Бог зборува вака: „Ова се границите во кои ќе ја поделите земјата во наследство меѓу дванаесетте Израелеви племиња - на Јосифа два дела. {47:14} Секому од вас ќе му припадне еднакво од земјата за која се заколнав дека ќе им ја дадам на вашите татковци, а вам ќе ви припадне во наследство. {47:15} И така, овие се границите на земјата: на север, од Големото Море патем кон Етлон до влезот во Емат: Седад, {47:16} Вирот, Сивраим, меѓу областа на Дамаск и областа на Емат, и Асад Атихон, кон Авранската граница. {47:17} И така, границите ќе се тегнат од морето до Асар Атихон, кому на север му е Дамасканското и Ематското подрачје - северната страна. {47:18} Источната страна: меѓу Авран и Дамаск, меѓу Галад и Израелевата Земја, па до Јордан како граница кон Источното Море до Тамар - источната страна. {47:19} Јужната страна: кон југ од Тамара до Меривските Води и до Кадис па до потокот кон Големото Море - јужната страна, кон југ. {47:20} А западната страна: граница е Големото Море, па во близина до влезот во Емат - тоа е западната страна. {47:21} Таа земја разделете ја меѓу себе според Израелевите племиња. {47:22} Ќе ја поделите со жрепка во наследство меѓу себе и меѓу придојдениците, кои што живеат сред вас и што сред вас народија деца. И нив ќе ги сметате домородци меѓу Израелевите синови, за да добијат и тие наследство со жрепка меѓу Израелевите синови. {47:23} На секој тој придојденик доделете му наследство во племето во кое што живее” - говори Господ Бог. {48:1} А ова се имињата на племињата: од крајниот север покрај патот за Етлон кон влезот во Емат и Асар Енан, од Дамасканскиот крај на север вдолж Емат, од исток до запад - Дановиот дел. {48:2} Покрај Дановото подрачје, од исток до запад - Асировиот дел. {48:3} Покрај Асировото подрачје, од исток до запад - Нефталимовиот дел. {48:4} Покрај Нефталимовото подрачје, од исток до запад - Манасиевиот дел. {48:5} Покрај Манасиевото подрачје, од исток до запад - Ефремовиот дел. {48:6} Покрај Ефремовото подрачје, од исток до запад - Рувимовиот дел. {48:7} Покрај Рувимовото подрачје, од исток до запад - Јудиниот дел. {48:8} Покрај Јудиното подрачје, од исток до запад - нека биде задржано подрачјето што ќе Му го принесете на Господа; дваесет и пет илјади лакти во ширина, а во должина како секој друг дел, од исток до запад. Светилиштето нека биде во средина. {48:9} Тоа задржано подрачје што ќе Му го принесете на Господа, нека биде долго дваесет и пет илјади лакти, широко десет илјади. {48:10} Тоа свето, принесено подрачје за свештениците нека биде на север дваесет и пет илјади лакти; кон запад широко десет илјади; кон исток широко десет илјади; кон југ долго дваесет и пет илјади. Господовото Светилиште нека биде во средина. {48:11} А на посветените свештеници, на Садоковите потомци, кои што Ми служеа верно и не застранија, како левитите, кога застранија Израелевите синови: {48:12} ним ќе им припадне дел од тоа најсвето подрачје на земјата, покрај левитското подрачје. {48:13} А на левитите, исто како и на свештеничкото подрачје: дваесет и пет илјади лакти во должина и десет илјади лакти во ширина - вкупно дваесет и пет илјади лакти во должина, десет илјади во ширина. {48:14} Од тоа ништо не смее да се продаде ни да се замени; врз никого не смее да се пренесува таа првина на земјата, зашто Му е посветена на Господа. {48:15} Пет илјади лакти во ширина, што ќе останат од оние дваесет и пет илјади, нека биде општо подрачје: за градот, за населбата и за чистината. Градот нека биде во средина. {48:16} Еве ги мерите: на север четири илјади и пет стотини лакти; на исток четири илјади и пет стотини; на запад четири илјади и пет стотини. {48:17} А чистината околу градот: двеста и педесет лакти кон север, двеста и педесет кон југ, двеста и педесет кон исток, двеста и педесет кон запад. {48:18} Што ќе остане во должина, вдолж на светото подрачје - десет илјади лакти кон исток и десет илјади кон запад, вдолж на светото подрачје - тоа нека биде за издржување на оние кои му служат на градот. {48:19} Тие што му служат на градот ќе се земат од сите Израелеви племиња. {48:20} И така, сето задржано подрачје - дваесет и пет илјади лакти по дваесет и пет илјади лакти, во четириаголник - ќе Му го принесете на Господа: и светото подрачје и градскиот имот. {48:21} На кнезот му припаѓа што ќе остане: од обете страни на светото подрачје и на градскиот имот - кон исток дваесет и пет илјади лакти, кон источната страна, и кон запад дваесет и пет илјади лакти, кон западната страна, наспоредно со другите подрачја - сè тоа е за кнезот. А во средината е светото подрачје и Светилиштето на Домот. {48:22} Од левитскиот имот и од градскиот имот што е во средината, му припаѓа на кнезот; и меѓу Јудиното и Венијаминовото подрачје: и тоа е на кнезот. {48:23} Другите племиња: од исток до запад - Венијаминов дел. {48:24} Покрај Венијаминовото подрачје, од исток до запад - Симеоновиот дел. {48:25} Покрај Симеоновото подрачје, од исток до запад - Исахаровиот дел. {48:26} Покрај Исахаровото подрачје, од исток до запад - Завулоновиот дел. {48:27} Покрај Завулоновото подрачје, од исток до запад - Гадовиот дел. {48:28} Покрај Гадовото подрачје, на јужната страна, кон југ, границата оди од Тамара до Меривските Води и до Кадис, па до потокот кон Големото Море. {48:29} Тоа е земјата што ќе им ја поделите со жрепка во наследство на Израелевите племиња, тоа се нивните делови” - говори Господ Бог. {48:30} И еве ги излезите на градот: на северната страна - четири илјади и пет стотини лакти. {48:31} Градските врати ќе бидат наречени според имињата на Израелевите племиња. Три врати кон север: Рувимовата Врата, Јудината Врата, Левиевата Врата. {48:32} Кон источната страна - четири илјади и пет стотини лакти - три врати: Јосифовата Врата, Венијаминовата Врата, Дановата Врата. {48:33} Кон јужната страна - четири илјади и пет стотини лакти - три врати: Симеоновата Врата, Исахаровата Врата, Завулоновата Врата. {48:34} Кон западната страна: четири илјади и пет стотини лакти - три врати: Гадовата Врата, Асировата Врата, Нефталимовата Врата. {48:35} Сè наоколу: осумнаесет илјади лакти. А името на градот ќе му биде: „Јахве Шама” („Господ Е Таму”).