{1:1} Во третата година на царувањето на Јоаким, царот на Јудеја, дојде Навуходоносор, царот на Вавилон, против Ерусалим та го опсади. {1:2} Господ му ги даде во рацете Јоакима, јудејскиот цар, и дел од садовите во Божјиот дом; тој ги однесе во земјата Сенар и ги сложи садовите во ризницата на својот бог. {1:3} Царот му нареди на Асфеназа, старешината на своите придворници да доведе од синовите Израелеви неколку момчиња од царски или од благороднички род: {1:4} нека бидат без недостатоци, убави, вешти во секоја мудрост, добро поучени и бистри, достојни да стојат во царски дворец; Асфеназ нека ги научи на писмото и јазикот на Халдејците. {1:5} Царот им одреди дневно следување од царските јадења и од виното од својот стол. Нека ги воспитуваат три години, а потоа ќе стојат пред царот. {1:6} Меѓу нив беа Јудејците: Даниел, Ананиј, Мисаил и Азариј. {1:7} Старешината на придворниците им даде имиња: Даниел ќе се вика Валтазар, Ананиј Седрах, Мисаил Мисах, Азариј Авденаго. {1:8} Даниел одлучи во срцето дека нема да се оскверни со царските јадења и со виното од неговиот стол, па го замоли дворскиот старешина да го поштеди та да не се оскверни. {1:9} Господ му даде на Даниела та најде благонаклоност и милост кај старешината на придворниците. {1:10} Началникот му рече на Даниела: „Се плашам од својот господар царот; тој ви одреди јадење и пиење, па ако види дека вашите лица се помршави отколку во другите момчиња од ваша возраст, јас ќе бидам виновен заради вас пред царот.” {1:11} Тогаш Даниел му рече на чуварот, кого старешината на придворниците им го беше одредил на Даниела, Ананија, Мисаила и Азарија: {1:12} „Те молам, обиди се со своите слуги десет дни: нека ни даваат зеленчук за јадење и вода за пиење. {1:13} Тогаш ќе видиш какви ќе бидеме ние а какви момчињата кои јадат од царските јадења, па направи со своите слуги според она што ќе видиш.” {1:14} Тој се согласи и ги остави на испитување десет дни. {1:15} А по десет дена тие беа поубави и позгоени отколку момчињата кои јадеа од царските јадења. {1:16} Оттогаш чуварот ги прекрати нивните јадења и дажбата вино што требаа да го пијат, та им даваше зеленчук. {1:17} На овие четири момчиња Бог им даде знаење и разбирање на сите книги и мудрости. Даниел ги разбираше виденијата и соништата. {1:18} Откако се исполни времето одредено од царот за да му ги доведат, старешината на придворниците ги воведе пред Навуходоносора. {1:19} Царот разговараше со нив, и меѓу сите не се најде ниеден како Даниел, Ананиј, Мисаил и Азариј. И така тие останаа пред царот. {1:20} И во сè мудро и умно за што ги испитуваше царот, се најде дека се десетпати повешти од сите волшебници и гатачи што ги имаше во сето негово царство. {1:21} Даниел остана таму до првата година на владеењето на цар Кир. {2:1} Во втората година на Навуходоносоровото владеење, Навуходоносор сонуваше сон: неговиот дух се вознемири заради тоа и сонот го остави. {2:2} Царот нареди да бидат повикани волшебниците и гаталците, проколнувачите и ѕвездарите за да му го протолкуваат сонот на царот. И така, дојдоа та застанаа пред царот. {2:3} Царот им рече: „Сонував еден сон, и мојот дух се возбуди од желбата да го разберам сонот.” {2:4} Халдејците му одговорија на царот на арамејски: „О цару, жив да си довека! Раскажи им го својот сон на своите слуги, а ние ќе ти го откриеме неговото значење.” {2:5} Царот одговори и им рече: „Мојата одлука е неотповиклива: ако не ми кажете што сум сонувал и што значи сонот, ќе бидете раскинати во делови, а вашите куќи ќе станат гноиште. {2:6} Но ако ми го откриете мојот сон и неговото значење ќе добиете од мене дарови и поклони и големи почести. И така откријте ми што сонував и што значи сонот.” {2:7} Тие одговорија: „Царот нека им го каже сонот на своите слуги, а ние ќе му го откриеме неговото значење.” {2:8} А царот рече: „Јас знам добро дека сакате да добиете во време, зашто знаете дека мојата одлука е неизменлива. {2:9} Ако не ми кажете што сум сонувал, значи дека имате намера да ме измамувате со измамливи зборови и со измислици додека некако не помине времето. Затоа, кажете ми го мојот сон, па ќе знам дали ќе можете да ми го кажете и неговото значење!” {2:10} Халдејците одговорија пред царот: „Нема човек во светот кој би можел да му открие нешто такво на царот. И затоа ниеден цар, ма колку да е голем и силен, не бара такво нешто од волшебниците, гаталците или ѕвездарите. {2:11} Тоа што го бараш, цару, тешко е, и нема никој што би можел да му го открие тоа на царот освен боговите, кои не живеат меѓу смртниците.” {2:12} Тогаш царот се разгневи многу и се налути та нареди да ги погубат сите вавилонски мудреци. {2:13} Откако беше објавена наредбата за да бидат убиени мудреците ги побараа Даниела и неговите другари за да ги погубат. {2:14} Но Даниел му се обрати со мудри и умни зборови на Ариох, заповедникот на царските телохранители, кој одеше да ги погуби вавилонските мудреци. {2:15} Тој му рече на Ариох, царскиот заповедник: „Зошто царот издаде толку строга наредба?” Ариох му раскажа на Даниела, {2:16} а Даниел отиде кај царот и го замоли да му даде време та ќе му го протолкува сонот. {2:17} И Даниел влезе во својата куќа та им кажа сè на Ананиј, Мисаил и Азариј, на своите другари, {2:18} за да молат милост од Небесниот Бог заради таа тајна, за да не загинат Даниел и неговите другари со другите вавилонски мудреци. {2:19} И му се јави тајната на Даниел во ноќно видение. А Даниел го благослови Небесниот Бог. {2:20} Даниел го прифати словото и рече: „Божјото име да биде благословено одвека довека, Негова е мудроста и силата. {2:21} Тој ги менува добата и времињата, ги руши и ги поставува царевите, им дава мудрост на мудрите, а знаење на проницливите. {2:22} Тој ги открива длабочините и тајните, знае што е во темнините и светлината живее во Него. {2:23} Тебе Те славам и фалам, о Боже на моите татковци, зашто ми даде мудрост и сила! Еве, ми го откри она за што Те молевме, ни го откри тоа што го бара царот.” {2:24} Даниел отиде кај Ариох, кому царот му нареди да ги погуби вавилонските мудреци. Влезе и му рече: „Не убивај ги вавилонските мудреци! Одведи ме кај царот па ќе му го протолкувам сонот.” {2:25} Тогаш Ариох неодложно го приведе Даниела кај царот и му рече: „Најдов човек од заробените синови на Јудеја, кој може да му го открие на царот значењето на сонот.” {2:26} Царот му рече на Даниела (кој се викаше Валтазар): „Дали си способен да ми кажеш што сонував и што значи сонот?” {2:27} Даниел одговори пред царот: „Тајната што царот ја истражува не можеа да му ја откријат на царот мудреците, волшебниците, гатачите и проколнувачите; {2:28} ама има на небото Бог Кој ги открива тајните, и Тој му го соопшти на царот Навуходоносор она што ќе биде во последните денови. Еве го твојот сон и она што ти се привидело во постелата: {2:29} Тебе цару, во твојата постела, ти дојдоа мисли за тоа што ќе се случи подоцна, а Откривателот на тајните ти соопшти она што ќе биде. {2:30} Иако немам мудрост повеќе отколку другите смртници, таа тајна ми е откриена само затоа за да му го соопштам на царот нејзиното значење и за да ги запознаеш мислите на своето срце. {2:31} О, цару, ти имаше привид: Ете, кип, голем кип, многу блескав стоеше пред тебе, страшен за очи. {2:32} Главата на кипот беше од чисто злато, градите и рацете од сребро, стомакот и бедрата од бронза, {2:33} нозете од железо, а стапалата делумно од железо, делумно од глина. {2:34} Ти набљудуваше: одненадеж се одвали камен а да не го допре рака, па удри во кипот, во стапалата од железо и глина, та го скрши. {2:35} Тогаш наеднаш се здроби железото и глината, бронзата, среброто и златото, и сè стана како плева на гумно лете, и ветерот го однесе сето без трага. А каменот што удри во кипот стана голема гора та ја наполни сета земја. {2:36} Тоа беше сонот; а неговото значење ќе го кажеме пред царот.” {2:37} „Ти, цару, цару над царевите, кому Небесниот Бог му даде царство сила, моќ и слава, - {2:38} во чии раце ги стави, каде и да се нашле човечките синови, полските животни, небесните птици, и те постави господар над сè тоа - ти си главата од злато. {2:39} По тебе ќе настане друго царство, послабо од твоето, па трето, од бронза, кое ќе господари со сета земја. {2:40} А четвртото царство ќе биде цврсто како железо, како железо што сотрува и здробува сè; како железо што крши, ќе ги скрши и ќе ги разбие сите оние царства. {2:41} Стапалата што ги виде, делумно од глина а делумно од железо се поделеното царство; ќе имаат нешто од цврстината на железото според што си видел железо измешано со глина. {2:42} Прстите на стапалата, делумно железо а делумно глина: царството ќе биде делумно цврсто а делумно кревко. {2:43} А што си видел железо измешано со глина: тие ќе се мешаат со човечко семе, но нема да се држат заедно, како што ни железото не може да се измеша со глина. {2:44} Во времето на овие цареви Небесниот Бог ќе подигне Царство кое никогаш нема да пропадне и не ќе помине врз некој друг народ. Тоа ќе ги разбие и ќе ги уништи сите оние царства, а самото ќе стои довека - {2:45} како што виде дека се одвали камен од брегот а да не го допре рака, та ги сотре железото, бронзата, глината, среброто и златото. Великиот Бог му соопшти на царот што има да се случи. Сонот е вистинит, а толкувањето му е веродостојно.” {2:46} Тогаш царот Навуходоносор падна ничкум и се поклони пред Даниела. Нареди да му принесат подарок и пријатно кадење. {2:47} И царот му рече на Даниела: „Навистина вашиот Бог е Бог над боговите и Господар над царевите, Откривател на тајните, кога можеше да ја откриеше оваа тајна.” {2:48} Царот го возвиши Даниела и го дарува со многу блескави дарови. Го постави за управител на сета вавилонска покраина и старешина на сите вавилонски мудреци. {2:49} Даниел го замоли царот да ги одреди за управители на вавилонската покраина Седрах, Мисах и Авденаго, а Даниел остана во царскиот дворец. {3:1} Царот Навуходоносор одреди да се направи златен кип, висок шеесет лакти и широк шест, и да го постават во рамницата Дура, во вавилонската покраина. {3:2} Вавилонскиот цар ги повика сатрапите, намесниците, управителите, советниците, благајниците, судиите и законопознавачите и сите намесници на покраините, да дојдат на свечено откривање на кипот што го подигна царот Навуходоносор. {3:3} Тогаш се собраа сатрапите, намесниците, управителите, советниците, ризничарите, судиите и законопознавачите и сите намесници на покраинската власт на откривањето на кипот што го подигна царот Навуходоносор. И застанаа пред кипот што го подигна Навуходоносор. {3:4} Тогаш силно извика гласникот: „О народи, племиња и јазици, еве, што ви се наредува: {3:5} во часот кога ќе ги чуете звуците на рогот, на кавалот, на харфата, на китарата, на псалтирот, на гајдата и на секакви други свиралки, паднете на земјата и поклонете му се на златниот кип што го подигна царот Навуходоносор! {3:6} Кој не ќе падне на земја и не ќе се поклони веднаш ќе биде фрлен во вжарена печка.” {3:7} Затоа, штом го слушнаа звукот на рогот, на кавалот, на харфата, на китарата, на псалтирот, на гајдата и на секакви други свиралки, паднаа на земјата сите народи, племиња и јазици, поклонувајќи му се на златниот кип што го подигна царот Навуходоносор. {3:8} Тогаш дојдоа некои Халдејци и ги оптужија Јудејците. {3:9} Му рекоа на царот Навуходоносор: „О цару, жив да си довека! {3:10} Ти, цару, му нареди на секој човек кој ќе ги чуе звуците на рогот, на кавалот, на харфата, на китарата, на псалтирот, на гајдата и на секакви други свиралки, да падне на земјата и да му се поклони на златниот кип; {3:11} а кој не ќе падне на земјата и не ќе се поклони да биде фрлен во вжарена печка. {3:12} А еве, тука се Јудејците кои што ги постави за управители на Вавилонската Покраина: Седрах, Мисах и Авденаго. Тие луѓе не се покоруваа на твојата заповед, о цару; тие не им служат на твоите богови, и не му се поклонија на златниот кип што си го подигнал.” {3:13} Навуходоносор, јаростен и бесен, ги повика Седраха, Мисаха и Авденаго. Веднаш ги доведоа пред царот. {3:14} А Навуходоносор им рече: „Дали е вистина, Седрах, Мисах и Авденаго, дека вие не им служите на моите богови, и дека не му се поклонувате на златниот кип што го подигнав? {3:15} Дали сте волни, штом ќе чуете звук на рог, на кавал, на харфа, на китара, на псалтир, на гајда и на секакви други свиралки, да паднете на земјата и да му се поклоните на кипот што го направив? Ако не му се поклоните, ќе бидете веднаш фрлени во вжарена печка; и кој е тој бог кој ќе ве избави од мојата рака?” {3:16} Седрах, Мисах и Авденаго му одговорија на царот Навуходоносор: „Не треба да ти одговориме на тоа. {3:17} Нашиот Бог Кому Му служиме може да нè избави од вжарената печка и од твојата рака, цару; Тој и ќе нè избави. {3:18} Но ако тоа и не го направи знај, о цару: ние нема да им служиме на твоите богови, ниту ќе му се поклониме на кипот што си го подигнал.” {3:19} На тие зборови царот Навуходоносор се исполни со гнев, а лицето му се измени кон Седрах, Мисах и Авденаго. {3:20} Тој нареди да се вжари печката седумпати повеќе отколку обично, и им заповеда на силните луѓе од својата војска да ги врзат Седрах, Мисах и Авденаго и да ги фрлат во печка полна со ражарен оган. {3:21} И така, ги врзаа, и со наметките, со обувките и со капите, ги фрлија во вжарената печка. {3:22} Бидејќи царската заповед беше итна а печката вжарена преку мера, пламенот ги уби луѓето кои ги фрлија Седрах, Мисах и Авденаго. {3:23} А тројцата мажи - Седрах, Мисах и Авденаго - паднаа врзани во вжарената печка. {3:24} Тогаш царот Навуходоносор се вчудоневиди и стана бргу. Ги праша своите советници: „Не ги фрливме ли оние тројца мажи врзани во огнот?” Тие одговорија: „Ги фрливме цару!” {3:25} Тој рече: „Ама јас гледам четири мажи, одврзани шетаат по огнот, и не им се случува ништо зло; четвртиот е сличен на синот на боговите!” {3:26} Навуходоносор и пријде на вратата на вжарената печка и викна: „Седрах, Мисах и Авденаго, слуги на Сèвишниот Бог, излезете и дојдете ваму!” Тогаш Седрах, Мисах и Авденаго излегоа од огнот. {3:27} Сатрапите, старешините, управителите и царевите советници се собраа за да ги видат тие луѓе: огнот не им наштети на нивните тела, косата на главата им беше неопрлена, наметките неоштетени, никаков непријатен мирис од огнот не се фати за нив. {3:28} Навуходоносор викна: „Благословен да е Седраховиот, Мисаховиот и Авденаговиот Бог, Кој го испрати својот ангел и ги избави Своите слуги, оние кои се надеваа во Него та не и се покорија на царската наредба, туку побргу му ги предадоа своите тела на огнот, отколку да му служат или да му се поклонуваат на друг освен на Својот Бог! {3:29} И така наредувам: О народи, племиња и јазици, секој од вас кој би Го похулил Седраховиот, Мисаховиот и Авденаговиот Бог ќе биде раскинат на делови, а неговата куќа ќе биде претворена во гноиште, зашто нема бог кој би можел да спаси како Овој.” {3:30} Тогаш царот ги возвиши Седраха, Мисаха и Авденаго на високи положаи во Вавилонската Покраина. {4:1} Навуходоносор, цар на сите племиња, народи и јазици по сета земја: „Да изобилувате со мир! {4:2} Ми се допадна да ви ги откријам знаците и чудесата што Сèвишниот Бог ги направи врз мене. {4:3} Колку се големи Неговите знакови! Колку се силни Неговите чудеса! Неговото Царство - е вечно Царство! Неговата власт е за сите поколенија! {4:4} Јас, Навуходоносор, живеев мирно во својата куќа и среќно во својот дворец, {4:5} кога видов сон што ме исплаши. Привидите и виденијата што се мотаа во мојата глава, на моето легло ме возбудија. {4:6} И наредив: да ми ги повикаат сите гаталци вавилонски за да ми кажат што означува сонот. {4:7} Тогаш дојдоа јасновидците, маѓепсниците, Халдејците и гледачите и јас им го кажав својот сон, а тие не знаеја да ми го кажат неговото значење. {4:8} Тогаш пред мене дојде Даниел, кој е наречен Валтазар според името на мојот бог, и во кого живее Духот на Светиот Бог. Јас му го раскажав својот сон: {4:9} ‘Валтазаре, старешино на гаталците, знам дека во тебе живее Духот на Светиот Бог и дека ниедна тајна не ти е претешка: еве го сонот што го имав: дај ми го неговото значење. {4:10} Еве го привидот што ми се моташе во главата на постелата: Погледнав, кога ете едно дрво сред земјата многу високо. {4:11} Дрвото порасте, стана силно, височината му стигна до небото, се гледаше од краиштата на земјата. {4:12} Неговата круна беше убава, плодовите изобилни; на него имаше храна за сите, во неговата сенка се одмораа полските ѕверови, врз неговите гранки небесните птици, и секое тело се хранеше од него. {4:13} Јас ги набљудував виденијата што ми се мотаа во главата на мојата постела кога, ете, Стражар, Светец, слегува од небото, {4:14} вика со силен глас: „Пресечете го дрвото, искастрете му ги гранките, скинете му ги лисјата, расфрлете ги плодовите! Животните нека се разбегаат од под него и птиците од неговите гранки! {4:15} Во земјата оставете ги пенушките и корењата во железни и бронзени окови, во полската трева! Нека го мие небесната роса, и земната трева нека ја дели со полските ѕверови! {4:16} Човечкото срце нека му се смени, нека му се даде животинско срце! Седум времиња нека поминат над него! {4:17} Така пресудија стражарите, така одлучија светите, за да запознае сè живо дека Сèвишниот има власт над човечкото царство, Тој го дава кому што сака и го поставува над него најништожниот од луѓето!” {4:18} Ова е сонот што го видов јас, царот Навуходоносор. А ти, Валтазаре, кажи ми го неговото значење, зашто ниеден од мудреците на моето царство не може да ми го каже тоа; ти можеш, зашто во тебе е Духот на Светиот Бог.’” {4:19} Тогаш Даниел, наречен Валтазар, во миг се смаја и се исплаши во своите мисли. Царот рече: „Валтазаре, не се збунувај од овој сон и од неговото значење!” Валтазар одговори: „Господару мој, овој сон нека им биде на твоите непријатели, и неговото значење на твоите мразители! {4:20} Дрвото што си го видел, големо е и силно кое стигнува сè до небото и се гледа по сета земја, {4:21} со убава круна и со изобилни плодови, на кои имаше храна за сите, и под кое се одморуваа полските ѕверови, а на неговите гранки се гнездеа небесните птици: {4:22} тоа си ти, о цару, кој си голем и силен, величината ти се зголемила и стигнала до небото, а твојата власт до краиштата на земјата. {4:23} А тоа што царот виде како Стражар, Светец, слегува од небото та зборува: ‘Пресечете го дрвото, раздробете го, но неговата пенушка и корењата оставете ги во земјата, во железни и бронзени окови, во полската трева нека го мие небесната роса и делот нека му биде со полските ѕверови додека не поминат седум времиња над него’ - {4:24} ова е значењето, о цару, одлуката на Сèвишниот што ќе се исполни врз мојот господар цар: {4:25} Ќе те протерат од друштвото на луѓето, и ќе престојуваш со полските животни; ќе се храниш со трева како говедата, тебе ќе те мие небесната роса; седум времиња ќе поминат над тебе додека не познаеш дека Сèвишниот има власт над човечкото царство и дека го дава кому што Тој сака. {4:26} А што е речено: ‘Оставете ги пенушката и корењата’ - твоето царство ќе се обнови штом ќе сознаеш дека небесата ја имаат сета власт. {4:27} Затоа, цару, мојот совет нека ти биде мил: искупи ги своите гревови со правда и своите беззаконија со милосрдие спрема бедните, за да ти продолжи мирот.” {4:28} Сè тоа му се случи на царот Навуходоносор. {4:29} Дванаесет месеци подоцна, шетајќи по вавилонскиот царски дворец, {4:30} царот велеше: „Не е ли тоа големиот Вавилон што јас го изградив за да ми биде царска престолнина - со силата на својата моќ, за слава на моето величество?” {4:31} Уште тие зборови беа во неговата уста кога дојде глас од небото: „Тебе ти се објавува, цару Навуходоносору: царството ти е одземено; {4:32} ќе бидеш протеран од друштвото на луѓето ќе престојуваш со полските животни; ќе се храниш со трева како говедата, и седум времиња ќе поминат над тебе додека не сознаеш дека Сèвишниот има власт над човечкото царство и дека Тој го дава кому што сака.” {4:33} И веднаш словото се изврши над Навуходоносора: беше протеран од човечкото друштво, јадеше трева како говедата го переше небесната роса; влакната му пораснаа како во лав, а неговите нокти како птичји кан?и. {4:34} Откако се исполнија одредените денови, јас, Навуходоносор, ги подигнав очите кон небото, разумот ми се врати, тогаш Го благословив Сèвишниот, фалејќи Го и возвишувајќи Го Оној Кој живее довека: Неговото Царство е - Вечно Царство, Неговата власт е за сите поколенија. {4:35} Жителите на земјата - се како ништо; Тој постапува според Својата волја со небесната војска и со земните жители. Никој не може да ја запре Неговата рака или да Му рече: „Што правиш?” {4:36} Во истиот час ми се врати разумот, и за слава на мојата царска чест ми се вратија величеството и сјајот; моите советници и големци ме побараа, бев воспоставен во царска чест, и моето величество уште порасте. {4:37} Сега јас, Навуходоносор, Го фалам, Го возвишувам, и Го славам Небесниот Цар, чии сите дела се вистина, сите патиша правда, и Кој може да ги понижи оние кои одат во гордост. {5:1} Царот Валтазар им приреди голема гозба на илјада свои големци. {5:2} Испијанет со вино, Валтазар нареди да се донесат златните и сребрените посатки, што неговиот татко Навуходоносор ги беше ограбил од ерусалимското Светилиште, па од нив да пијат царот, неговите големци, неговите жени и соложници. {5:3} И така ги донесоа златните и сребрените посатки грабнати од Божјиот Храм во Ерусалим, и почнаа да пијат од нив царот и неговите големци, неговите жени и соложници. {5:4} Пиеја вино и ги славеа своите богови од злато и сребро, од бронза и железо, од дрво и камен. {5:5} Одненадеж се појавија прсти на човечка рака кои почнаа да пишуваат, спроти големиот светилник, по варосаниот ѕид на царскиот дворец, и царот ја виде дланката на раката што пишуваше. {5:6} Царот пребледе, мислите го смутија, зглобовите на неговите колкови попуштија, и колената почнаа да му удираат едно со друго. {5:7} Гласно ги повика волшебниците, ѕвездарите и гаталците. И царот им рече на вавилонските мудреци: „Кој ќе го прочита ова писмо и му ја открие неговата смисла, ќе биде облечен во црвено сукно, ќе носи златна веришка околу вратот, и ќе биде трет во царството.” {5:8} Сите цареви мудреци пристапија, но не можеа да го прочитаат писмото, ниту да му го откријат значењето. {5:9} Царот Валтазар се исплаши многу заради тоа, пребледе, а неговите големци останаа збунети. {5:10} Царицата откако ги чу зборовите на царот и на големците, влезе во гозбената дворница и рече: „Цару, жив да бидеш довека! Твоите мисли нека не се возбудуваат и твоето лице нека не бледнее! {5:11} Во твоето царство има човек во кого е Духот на Светиот Бог. Уште во времето на твојот татко се најде во него светлина, разум и мудрост слична на мудроста на боговите. И затоа царот Навуходоносор, твојот татко, го назначи за старешина на волшебниците, гаталците, ѕвездарите и мудреците. {5:12} Бидејќи во тој Даниел - кого царот го нарече Валтазар - се најде вонреден дух, знаење, бистрина, вештина да ги толкува соништата, да ги решава гатанките и да ги разрешува тешкотиите, затоа повикај го Даниела, и тој ќе ти го каже значењето.” {5:13} Го доведоа Даниела пред царот, а царот го праша: „Дали си ти Даниел, еден од јудејските заточеници, кои татко ми, царот ги доведе од Јудеја? {5:14} Слушам дека Божјиот Дух е во тебе и дека во тебе се: светлината, разумот и вонредната мудрост. {5:15} Ми ги доведоа мудреците и волшебниците за да го прочитаат ова писмо и да ми го кажат неговото значење, ама тие не се способни да ми ја откријат неговата смисла. {5:16} А слушам дека ти можеш да дадеш толкување и дека разрешуваш гатанки. И така, ако можеш да го прочиташ ова писмо и да ми го кажеш неговото значење, ќе бидеш облечен во црвено сукно, и ќе носиш златна веришка околу вратот и ќе бидеш трет во царството.” {5:17} Даниел го прифати зборот и му одговори на царот: „Твоите дарови нека ти останат, и своите поклони дај им ги на други! А јас ќе го прочитам ова писмо на царот и ќе му го кажам неговото значење. {5:18} О цару, Сèвишниот Бог му даде царство, величина, чест и слава на Навуходоносор, твојот татко. {5:19} Заради величината што му ја даде трепереа од страв пред него народите, племињата и јазиците: тој убиваше според својата волја, го оставаше во живот кого што сакаше, го возвишуваше кого што сакаше, го понизуваше кого што сакаше. {5:20} Но кога срцето му се издигна и духот се ожесточи до дрскост, тогаш беше оборен од својот царски престол и славата му беше одземена. {5:21} Беше протеран од човечкото општество и неговото срце стана слично на животинското: престојуваше со диви ослици; јадеше трева како вол; небесната роса го миеше неговото тело, додека не созна дека Сèвишниот Бог има власт над човечкото царство и дека го става на чело оној кого што Тој сака. {5:22} Но ти, Валтазаре, сине негов, не го понижи своето срце иако го знаеше сè ова: {5:23} ти се издигна против Небесниот Господ, нареди да ти ги донесат посатките од Неговиот Храм и пиевте вино од нив, ти, твоите големци, твоите жени и твоите соложници, фалејќи ги боговите од злато и сребро, од бронза и железо, од дрво и камен кои не гледаат, не слушаат, ниту разбираат, а не Му даде слава на Бога Кој во Својата рака ги држи твојот здив и сите твои патишта. {5:24} И затоа Тој ја испрати оваа рака, која го напиша ова писмо. {5:25} А еве што е напишано: Мене, Мене, Текел, Уфарсин. {5:26} А тие зборови значат: Мене: Господ го измери твоето царство и му ставил крај: {5:27} Текел: беше мерен врз мерилка и најден си прелесен; {5:28} Уфарсин: твоето царство е разделено и им е предадено на Мидијанците и на Персијанците.” {5:29} Тогаш Валтазар нареди да го облечат Даниела во црвено сукно, да му обесат златна веришка околу вратот, и да го прогласат за трет во царството. {5:30} Во таа иста ноќ халдејскиот цар беше убиен. {5:31} А Мидијанецот Дариј го презеде царството веќе стар шеесет и две години. {6:1} Му се свиде на Дариј да постави над своето царство сто и дваесет сатрапи, за да бидат над сето царство. {6:2} На нивно чело им стави три прочелници - Даниел беше еден од нив - на кои сатрапите ќе им полагаат сметки, за да не му се досадува на царот. {6:3} Даниел се истакнуваше толку со својот вонреден дух над прочелниците и над сатрапите та царот мислеше да го постави над целото царство. {6:4} Тогаш прочелниците и сатрапите почнаа да бараат повод, нешто околу државната управа, заради што би можеле да го обвинат Даниела: ама не можеа да најдат ништо такво на него; ништо заради што би можеле да го прекорат, зашто беше верен, немаше во него ни негрижа ни погрешка. {6:5} Тогаш тие луѓе рекоа: „Не ќе најдеме никаков повод против Даниел, освен да најдеме нешто против него во законот на неговиот Бог.” {6:6} Тогаш прочелниците и сатрапите навалија на царот та му рекоа: „О цару Дариј, жив да бидеш довека! {6:7} Сите прочелници на царството претстојниците и сатрапите, советниците и наместниците се сложија во тоа дека царот треба да издаде наредба и забрана: секој оној кој во рок од триесет денови ќе упати молба било до кој бог или човек, освен до тебе, о цару, ќе биде фрлен во лавовска јама. {6:8} О цару, потврди ја таа забрана и потпиши ја наредбата за да биде неотповиклива според непроменливиот мидиско-персиски закон!” {6:9} Тогаш царот Дариј ги потпиша писмото и забраната. {6:10} Откако научи Даниел дека повелбата е потпишана, отиде во својата куќа. Прозорците на горната соба беа отворени кон Ерусалим. Таму тој три пати дневно паѓаше на колена, благословувајќи Го, молејќи Го и фалејќи Го Бога, како што правеше секогаш. {6:11} Оние луѓе навлегоа и го најдоа Даниела како Го моли и Го повикува својот Бог. {6:12} Тогаш отидоа пред царот и се повикаа на царската забрана: „Зар ти не ја потпиша забраната според која секој оној кој, во време на триесет денови, ќе упати молба до некој бог или човек, освен до тебе, о цару, ќе биде фрлен во лавовска јама?” Царот одговори: „Така е одлучено според непроменливиот мидиско-персиски закон.” {6:13} Тогаш му рекоа на царот: „Даниел, оној од јудејските заточеници, не се грижи за тебе, о цару, ниту за твојата забрана што ја потпиша: ја обавува својата молитва три пати дневно.” {6:14} Откако ги чу тие зборови царот се нажали многу и одлучи да го спаси Даниела. {6:15} Ама оние луѓе навалија врз царот, велејќи: „Знај, о цару, дека според мидиско-персиски закон ниедна царева забрана или одлука не може да биде отповикана.” {6:16} Тогаш царот нареди да го донесат Даниела и да го фрлат во лавовската јама. Царот му рече на Даниела: „Твојот Бог, Кому што Му служиш така постојано, нека те избави.” {6:17} Донесоа камен и го ставија врз отворот на јамата. Царот го запечати со својот прстен и со прстењата на своите големци, за да не се менува ништо за Даниела. {6:18} Царот се врати во својот дворец и ја помина ноќта без да вкуси јадење и не дозволувајќи да му ги доведат соложниците. Не можеше да заспие. {6:19} Царот стана рано во зората, кога се разденуваше, и отиде бргу кај лавовската јама. {6:20} Кога се доближи, му викна со жалостен глас на Даниела: „Даниеле, слуго на живиот Бог, дали Бог, Кому Му служиш постојано, можеше да те избави од лавовите?” {6:21} Даниел одговори: „О цару, да бидеш жив довека! {6:22} Мојот Бог го испрати Својот ангел; им ги затвори устите на лавовите, та не ме повредија, зашто сум невин пред Него. Па и пред тебе, о цару, јас сум без кривица.” {6:23} Царот се израдува многу и нареди да го извадат Даниела од јамата. Го извадија Даниела од јамата неповреден, зашто се надеваше во својот Бог. {6:24} Царот заповеда да ги доведат оние луѓе што го беа оптужиле Даниела, и да ги фрлат во лавовската јама, нив, нивните жени и нивните деца: уште пред да го допрат дното на јамата, лавовите ги грабнаа и им ги здробија коските. {6:25} Тогаш царот Дариј им напиша на сите племиња, народи и јазици што живеат по сета земја: „Да изобилувате со мир! {6:26} Еве ја наредбата што ја донесувам: во сето мое царство луѓето нека се бојат и нека треперат пред Даниеловиот Бог: Тој е жив Бог, Тој останува довека! Неговото Царство нема да пропадне, на Неговата власт и нема крај! {6:27} Тој избавува и спасува, прави знаци и чудеса на небесата и на земјата! Тој го спаси Даниела од силата на лавовите!” {6:28} Даниел напредуваше во времето на Дариј и во време на владеењето на Персиецот Кир. {7:1} Во првата година на Валтазар, вавилонскиот цар, Даниел сонуваше сон: пророчки виденија во главата на постела. Скратено запиша што сонувал. {7:2} „Ноќе во видение погледнав: кога ете: четири небесни ветрови го разбрануваа Големото Море. {7:3} Четири големи чудовишта излегоа од морето, секое поинакво. Првото беше како лав, а крилата му беа орловски. {7:4} Додека го набљудував, крилата му се искубаа, тоа се крена од земјата и се исправи на нозе како човек, и му беше дадено човечко срце. {7:5} Кога ете второто чудовиште: ете, сосем поинакво: како мечка, исправена од едната страна, три ребра и беа во устата, меѓу забите. И и беше речено: ‘Стани, најади се месо! {7:6} Гледав натаму, и ете: третото чудовиште како леопард, на грбот му беа четири птичји крила: имаше четири глави, и му беше дадена сила. {7:7} Потоа во ноќно видение, погледнав, кога ете: четвртото чудовиште, страшно, ужасно, вонредно силно: имаше големи железни заби; тоа јадеше здробуваше, а што ќе останеше, го газеше со нозете. Се разликуваше од претходните чудовишта и имаше десет рогови. {7:8} Му ги набљудував роговите и ете: меѓу нив израсте едно мало роже; и пред тоа роже се откорнаа три поранешни рога. И ете, на тој рог имаше очи како човечки очи, и уста што зборуваше големи хули. {7:9} Гледав: престолите беа поставени и Прадревниот седна. Облеката му беше како снег, влакната на косата како чиста волна, а Неговиот престол како огнени пламења и колцата како вжарен оган. {7:10} Огнена река течеше, извираше пред Него. Илјада илјади му служеа, десет илјади по десет илјади стоеја пред Него, судот седна, книжните свитоци се одвиткаа. {7:11} Тогаш јас гледав, заради вревата на големите хули што ги зборуваше рогот, и додека гледав, чудовиштето беше убиено, неговото тело раздробено и предадено на оган. {7:12} На другите чудовишта власта им беше одземена, но должината на животот им беше едно време и рок. {7:13} Гледав во ноќни виденија: и ете на небесните облаци доаѓа како Човечкиот Син. Тој Му се приближи на Прадревниот, и Го доведоа кај Него. {7:14} Нему Му беше предадена власта, честа на царството, за да Му служат сите народи, племиња и јазици. Неговата власт е вечна власт и никогаш нема да помине, Неговото Царство нема да пропадне. {7:15} Мене, на Даниел, ми се смути заради тоа сиот дух, виденијата на мојата глава, ме исплашија сиот. {7:16} Му пристапив на еден од оние кои што стоеја таму и го замолив да ми ја каже вистината за сè тоа. Тој ми одговори и ми го кажа значењето: {7:17} ‘Оние четири големи чудовишта се четири цара кои ќе се дигнат на земјата. {7:18} Но од нив царството ќе го преземат Светите на Сèвишниот, и тие ќе го владеат во векови на вековите.’ {7:19} Тогаш посакав да ја научам вистината за четвртото чудовиште за она што се разликуваше од сите други, беше извонредно страшно, имаше железни заби и бронзени кан?и и кое јадеше и здробуваше и со нозете газеше што ќе останеше; {7:20} и за десетте рогови што беа на неговата глава, и за другиот рог што израсте додека првите три отпаднаа - за рогот што имаше очи и уста која зборуваше големи хули и што беше поголем од другите рогови. {7:21} И гледав како овој рог војува против Светите та ги надвладуваше {7:22} додека не дојде Прадамнешниот, Кој им ја досуди правдата на Светите на Сèвишниот, и додека не дојде време кога Светите го завладеаја царството. {7:23} Тој рече: ‘Четвртото чудовиште ќе биде четврто царство на земјата, различно од сите царства. Ќе ја голтне целата земја, ќе ја згази и ќе ја здроби. {7:24} А десетте рогови: Од ова царство ќе настанат десет цареви, а по нив ќе се подигне еден друг различен од оние први - и ќе обори три цара. {7:25} Тој ќе хули на Сèвишниот, ќе ги сотрува Светите на Сèвишниот; ќе помислува да ги измени времињата и Законот, и Светите ќе бидат предадени во негови раце за едно време и за две времиња и за половина време. {7:26} Тогаш Судот ќе седне, ќе му ја одземе власта, ќе ја разурне, ќе ја уништи сосем. {7:27} А царството, власта и величеството под сите небеса, ќе им се даде на народот на Светите на Сèвишниот. Неговото Царство е вечно Царство, и сите власти ќе Му служат и ќе Му се покоруваат Нему.’ {7:28} Тука се завршува словото. Јас, Даниел, бев мошне потресен во своите мисли, и лицето ми пребледе, но сè ова го запазив во своето срце.” {8:1} Во третата година на царувањето на Валтазар ми се покажа мене, на Даниел, видение, по она што ми се покажа порано. {8:2} Го гледав видението, и додека гледав, се најдов во Сусана, цврст град во покраината Елам; и во привидот се видов при реката Улај. {8:3} Ги подигнав очите, и ете: овен стоеше покрај реката. Имаше два рога: двата рога беа високи, но едниот повисок од другиот, а оној повисокиот израсте после. {8:4} Гледав како овенот боде кон запад, кон север и кон југ. Ниедно животно не можеше да му устои, ништо не можеше да му избега. Правеше што сакаше, се засили. {8:5} Додека набљудував, ете: јарец доаѓа од запад врз сета земја, не допирајќи ја почвата; јарецот имаше силен рог меѓу очите. {8:6} Му се приближи на двороговиот овен, кого го бев видел дека стои покрај реката, и се затрча кон него со сета жестина на својата сила. {8:7} Видов како му се приближи на овенот; бесно го удри овенот и му ги скрши двата рога, а овенот немаше сила за да даде отпор; јарецот го обори на земјата и почна да го гази; немаше никој да го спаси овенот. {8:8} Јарецот се засили многу, но кога се засили, големиот рог се скрши, а на неговото место израстеа четири големи рогови кон четирите небесни ветра. {8:9} Од едниот од нив изби мал рог, ама тој израсте многу кон југ и исток, кон Прекрасната Земја. {8:10} Тој порасте сè до Небесната Војска, ги обори на земја некои од Војската и од ѕвездите па ги згази. {8:11} Порасте сè до Заповедникот на Војската, му ја одзеде секојдневната жртва и Му го разори неговото Свето Место. {8:12} Војската се дигна против секојдневната жртва заради нечесноста, ја обори вистината на земја, и успеа во сè што правеше. {8:13} Тогаш чув како еден Светец зборува, а втор Светец го праша оној што зборуваше: „До кога ќе трае овој привид за секогашната жртва и за престапот што ги запустува и гази Светилиштето и Војската?” {8:14} Одговори: „Уште две илјади и три стотини вечери и утра; тогаш Светилиштето ќе биде очистено.” {8:15} Кога јас, Даниел, гледајќи го овој привид, барав да го разберам, ете, пред мене застана како некој човек. {8:16} Чув човечки глас како вика од сред Улај: „Гаврило, објасни му го тоа привидение!” {8:17} Тој тргна онаму каде што стоев, и кога ми се приближи, ме опфати страв, и паднав на лице. Тој ми рече: „Човечки сине, разбери: зашто ова видение е за последното време.” {8:18} Тој зборуваше уште, а јас се обесвестив, паднав на земјата. Тој ме допре и ме исправи на моето место. {8:19} И рече: „Еве, ќе ти кажам што ќе дојде на крајот на гневот, најавениот свршеток. {8:20} Овенот што го виде - неговите два рога - тоа се царевите на Мидија и Персија. {8:21} Влакневиот јарец е царот на Грција; големиот рог меѓу неговите очи е првиот цар; {8:22} скршениот рог и четирите рога што излегоа на неговото место, тоа се четири царства што ќе излезат од неговиот народ, но не ќе ја имаат неговата сила. {8:23} И кон крајот на нивното царување кога беззакониците ќе ја исполнат мерата, ќе стане цар, дрзок и лукав. {8:24} Неговата сила ќе порасте, ама не со своја снага; ќе запустува чудесно, ќе успева во сите свои потфати, ќе ги сотрува јунаците и народот на Светите. {8:25} Заради неговата лукавост измамата ќе успева во неговата рака. Тој ќе се вознесе во своето срце, ќе упропасти мнозина во мирно време. Ќе Му се противи на Кнезот над кнезовите, ама - не со рака - ќе биде скршен. {8:26} Привидот за вечерите и за утрата за кои што беше збор, вистинит е; но ти запечати го, зашто е за далечни денови.” {8:27} Тогаш јас, Даниел, примрев и бев болен повеќе денови. Потоа станав за да ги вршам царските работи. Бев смутен заради привидот, но никој не го узна тоа. {9:1} Во првата година на Дариј, синот Хасвиров, од родот на Мидијците, кој владееше со Халдејското царство, {9:2} и така во првата година на неговото царување, јас, Даниел, ги истражував во Писмата бројот на годините, што - според зборовите кои Господ му ги упати на пророкот Еремија - требаа да се исполнат над урнатините на Ерусалим: седумдесет години. {9:3} Јас го обратив своето лице кон Господа Бога, настојувајќи да се молам и да просам во пост, со вреќиште и со пепел. {9:4} Јас му се молев на Господа, својот Бог, исповедувајќи се, реков: „Ах, Боже мој, велики и страшен Боже, Кој им го пазиш Сојузот и наклонетоста на оние кои Те љубат Тебе и кои ги пазат Твоите заповеди! {9:5} Ние согрешивме, ние направивме беззаконие, сторивме зло, се одметнавме и се оддалечивме од Твоите заповеди и наредби. {9:6} Не ги слушавме Твоите слуги, пророците, кои им зборуваа во Твое име на нашите цареви, на нашите кнезови, на нашите татковци, на сиот народ на земјата. {9:7} Господи, во Тебе е праведноста, а во нас срам на образот, како во овој ден во нас Јудејците, во Ерусалимците, во сиот Израел кои се близу и кои се далеку, во сите земји каде што си ги растерал заради нивните отстапувања со кои отстапија од Тебе. {9:8} Господи, срам на образот наш, на нашите цареви, на нашите кнезови, на нашите татковци, зашто згрешивме против Тебе. {9:9} Во Господа нашиот Бог е милоста и проштавањето зашто се одметнавме од Него, {9:10} и не го слушавме гласот на Господа, нашиот Бог, за да ги следиме Неговите закони, што ни ги даде преку Своите слуги, пророците. {9:11} Сиот Израел го престапи Твојот Закон, се одметна не слушајќи го Твојот глас, затоа врз нас се излеа клетвата и проклетството, како што е запишано во Законот на Мојсеј, Божјиот слуга - зашто згрешивме пред Него. {9:12} Ги исполни своите слова кои што ги рече за нас и за нашите судии кои ни судеа: навали врз нас тешка несреќа каква што не се случила под небото како што се случи во Ерусалим. {9:13} Сета оваа беда, како што е запишано во Мојсеевиот Закон, дојде на нас, а ние не го молевме Господа, нашиот Бог: за да се одвратиме од нашите беззаконија па да ја сознаеме Твојата вистина. {9:14} Господ ја набљудуваше таа беда и ја доведе врз нас. Зашто праведен е Господ, нашиот Бог, во сите Свои дела што ги направи, а ние не го слушавме Неговиот глас. {9:15} А сега, Господи, Боже наш, Кој со Твојата силна рака го изведе Твојот народ од Египетската Земја - и со тоа си придоби Име кое трае до денес: ние согрешивме, ние направивме зло. {9:16} Господи, според сета Твоја правда одврати ги Твојот гнев и Твојата јарост од Ерусалим, од Твојот град, од Твојата Света Гора, зашто заради нашите гревови и беззаконијата на нашите татковци, Ерусалим и Твојот народ се за срам на сите кои не опкружуваат. {9:17} А сега, о Боже наш, послушај ги молитвата на Својот слуга и неговите срдечни молби. Твоето лице нека заблеска над Твоето запустено Светилиште - заради Тебе, Господи! {9:18} Приклони го Твоето уво, Боже мој, и слушај! Отвори ги очите та погледај ја нашата пустина и градот што се вика со Твоето име! Зашто ние не Те молиме заради својата правда, туку заради Твоите големи милости. {9:19} Господи чуј! Господи, прости! Господи внимавај и дејствувај! Не се двоуми заради Тебе, Боже мој, зашто со Твоето име се викаат Твојот град и Твојот народ!” {9:20} Јас зборував уште, молејќи се и исповедувајќи ги моите гревови и гревовите на мојот народ Израел и заколнувајќи го срдечно Господа, мојот Бог, за Светата Гора на мојот Бог. {9:21} И така додека јас уште зборував молејќи се, оној човек, Гавриел кого го видов во почетокот на привидот, долета со брзо летање, ме допре во времето на вечерниот принос {9:22} и ме поучи: „Даниеле, еве ме: дојдов да те поучам. {9:23} Од почетокот на твојата молитва излезе слово, и јас дојдов да ти го навестам. Ти си љубимец. Внимавај добро на словото, разбери го видението. {9:24} Седумдесет седмици им се одредени на твојот народ и на Твојот Свет град, за да се доврши престапот, за да му се стави печат на гревот, за да се покрие беззаконието, за да се воведе вечна праведност, за да им се стави печат на привидот и на пророците, за да се помаже Светиот над светите. {9:25} Знај и разбери: Од мигот кога ќе излезе словото: „Нека се вратат и нека го изградат пак Ерусалим па до Кнезот Помазаник ќе бидат седум седмици, и тогаш шеесет и две седмици, и пак ќе бидат изградени улиците и окопот и тоа во тешки времиња. {9:26} А по шеесет и две седмици Помазаникот ќе биде погубен, но не за себе. Народот на еден кнез кој ќе дојде ќе ги разурнат Градот и Светилиштето: свршетокот им е во пропаст, а до свршетокот војна и одредени запустувања. {9:27} И ќе склучи сојуз со мнозина за една седмица: а во половината на седмицата ќе прекрати жртвата и приносот: на врвот на Храмот ќе биде грозноста на запустувањето сè до свршетокот, додека одреденото запустување не падне врз запустувачот.” {10:1} Во третата година на Кир, персискиот цар, на Даниел, наречен Валтазар, му дојде откровение на вистина: голема војна. Тој настојуваше да го разбере словото и разбирањето му беше дадено во привид. {10:2} Во тие денови, јас, Даниел, жалев три седмици: {10:3} не јадев течни јадења; месо ни вино не влегуваа во мојата уста, и не се мачкав со масло додека не поминаа трите седмици. {10:4} Во дваесет и четвртиот ден на првиот месец бев на брегот на големата река Тигар; {10:5} ги подигнав очите да видам, и ете: Човек облечен во ленена облека околу половината имаше појас од Уфаско злато, {10:6} телото му беше како хрисолит, лицето како молња, очите како огнени гламни, рацете и нозете како светната бронза, звукот на неговите зборови како врева на многу народи. {10:7} Единствено јас, Даниел, го гледав овој привид; луѓето кои беа со мене не го видоа, ама ги опфати голем страв та избегаа за да се скријат. {10:8} Останав сам гледајќи го тоа големо привидение; се обессилив, лицето ми пребледе, се обезобрази, силата ме остави. {10:9} Го чув гласот на неговите зборови и кога го разбрав гласот, се обесвестив и паднав со лицето на земјата. {10:10} И ете: ме допре рака и ми помогна да се потпрам врз колената и врз дланките. {10:11} Тој ми рече: „Даниеле, љубимче, внимавај на зборовите што ќе ти ги речам! Стани, зашто еве јас сум испратен кај тебе.” Тоа го рече, а јас станав треперејќи. {10:12} И ми рече: „Не бој се Даниеле, зашто од првиот ден кога одлучи да се понизиш пред Својот Бог за да разбереш, твоите зборови се послушани, и јас дојдов заради твоите зборови. {10:13} Кнезот на персиското царство ми се противеше дваесет и еден ден, но Михаел, еден од првите кнезови, ми дојде на помош. Го оставив спроти персиските цареви, {10:14} а јас дојдов за да ти кажам што ќе му се случи на твојот народ до крајот на деновите. Зашто ќе биде уште еден привид за оние денови.” {10:15} Откако ми го рече тоа, јас го оборив погледот кон земјата, без зборови. {10:16} И ете: оној, сличниот на човечките синови, се допре до моите усни. Ја отворив устата за да зборувам та му реков на оној кој стоеше пред мене: „Господару мој, заради овој привид ме опфатија тешкотии, и останав без сила. {10:17} И како слугата на својот Господар ќе зборува со Господарот, кога сосем се обессилив и ме остави здивот?” {10:18} Тогаш пак ме допре оној што беше како човек и ме поткрепи. {10:19} Тој рече: „Не бој се љубимецу! Мир ти тебе! Биди јак! Охрабри се! И додека ми го зборуваше тоа, јас се охрабрив па реков: „Зборувај Господару, зашто ме охрабри!” {10:20} Тогаш тој рече: „Знаеш ли зошто дојдов кај тебе? Сега ќе се вратам за да се борам против кнезот на Персија; а штом свршам, ќе дојде кнезот на Грција. {10:21} Ама пред тоа ќе ти откријам што е запишано во Книгата на Вистината. Нема никој кој би се борел со мене против нив, освен Михаел, вашиот кнез, {11:1} И така во првата година на Дариј мидјанецот му станав поткрепа и закрила. {11:2} А сега ќе ти ја откријам вистината. Еве: уште три цара ќе станат во Персија: четвртиот ќе биде побогат од другите, па кога ќе се засили заради своето богатство, сите ќе ги подигне против Грчкото царство. {11:3} Ќе стане јуначки цар, ќе владее со голема власт и ќе прави што ќе му биде волја. {11:4} А штом ќе се дигне, неговото царство ќе се распадне и ќе биде поделено на четири небесни ветра, ама не меѓу неговите потомци; и не ќе биде веќе толку силно како во времето на неговото владеење, зашто неговото царство ќе биде разурнато и предадено на други, а не ним. {11:5} Царот на југ ќе стане силен; еден од неговите заповедници ќе биде посилен од него и ќе завладее со поголема сила отколку што е неговата. {11:6} Неколку години подоцна тие ќе се здружат, а ќерката на царот на Југ ќе дојде кај царот на Север за да склучат договор. Ама таа со тоа нема да ја запази силата на својата мишка, и нејзиното потомство нема да се додржи: ќе бидат предадени таа и нејзината придружба, и нејзиното дете и нејзиниот помогнувач во тие времиња. {11:7} Но еден подник од нејзиниот корен ќе се подигне на нејзиното место, ќе навали врз војската, ќе навлезе во тврдината на царот на Север, ќе дејствува против нив и ќе ги победи. {11:8} Па и нивните богови, нивните кипови и нивните скапоцени посатки, сребрени и златни, ќе ги однесе како плен во Египет. Неколку години ќе биде појак од царот на Север, {11:9} кој тогаш ќе навлезе во царството на Југ од каде ќе се врати во својата земја. {11:10} Ама тогаш неговите синови ќе се вооружат, ќе соберат силна војска, ќе навалат одлучно и ќе поминат како поплава, потоа пак ќе се заметне војна сè до неговата тврдина. {11:11} Тогаш царот на Југ ќе се разгневи и ќе завојува против царот на Север; ќе дигне силна војска и ќе ја надвладее неговата војска. {11:12} Мноштво ќе биде уништено, а тој ќе се возгордее заради тоа; ќе погуби десетици илјади, но нема да се додржи: {11:13} царот на Север пак ќе крене војска поголема отколку порано, и по неколку години ќе навали со голема, добро опремена војска и со богатство. {11:14} Во тоа време мнозина ќе се дигнат против царот на Југ; ќе станат и насилниците од твојот народ за да се исполни привидот но ќе пропаднат. {11:15} Царот на Север ќе дојде: ќе подигне насипи за да заземе еден утврден град. Мишките на југ не ќе одолеат, па ни избраните чети не ќе имаат сила да дадат отпор. {11:16} Оној ќе навали против него и ќе направи со него како што ќе му се посака - никој не ќе му даде отпор: ќе се запре во Прекрасната Земја, и таа ќе настрада од неговите раце. {11:17} Откако цврсто одлучи да го добие по секоја цена сето негово царство, ќе склучи со него договор давајќи му една ќерка за жена за да го упропасти, ама нема да успее, тоа нема да се збидне. {11:18} Потоа ќе се заврти кон островите и многу ќе освои, ама еден заповедник ќе го докрајчи тој срам, ќе му врати срам за срамот. {11:19} Бргу ќе се заврти кон тврдините на својата земја, ама ќе се сопне, ќе падне, и веќе не ќе се подигне. {11:20} На неговото место ќе дојде еден кој ќе испрати даночник по најславното во царството, ама за малку време ќе загине без гнев и без војна. {11:21} На негово место ќе се воздигне ништожник, кому не му припаѓа царска чест. Но тој ќе дојде одненадеж и со сплетки ќе го завладее царството. {11:22} Пред него ќе бидат преплавени и скршени напаѓачките сили и самиот водач на Сојузот. {11:23} И покрај спогодбата со него, ќе нападнат предавнички и ќе го совладаат со малку луѓе. {11:24} Одненадеж ќе навлезе во богати покраини и ќе постапува како што не постапуваа неговите татковци ни татковците на неговите татковци, растурајќи го меѓу своите пленот, грабежот и богатството, ќе смислува завери против тврдите градови, но само за некое време. {11:25} Ќе ја раздвижи, со голема војска, својата сила и храброст против царот на Југ. Царот на Југ ќе тргне во војна со голема и силна војска, ама не ќе издржи, зашто против него ќе биде направена завера. {11:26} И тие кои јадеја покрај неговиот стол ќе го погубат: неговата војска ќе биде уништена и мнозина ќе паднат исечени. {11:27} Обата цара ќе смислуваат зло; седејќи покрај ист стол ќе си зборуваат лаги еден на друг: но не ќе успеат, зашто крајот е одложен до одредено време. {11:28} Тој ќе се врати во својата земја со големо благо; со срцето против Светиот Завет, ќе го направи своето и ќе се врати во својата земја. {11:29} Во одредено време пак ќе тргне против Југ, но сега нема да биде како првиот пат. {11:30} Китимските бродови ќе нападнат на него, и тој ќе се исплаши. Ќе се врати, ќе се разгневи против Светиот Завет и пак ќе се спогоди со оние кои го напуштија Светиот Завет. {11:31} Неговите чети ќе дојдат и ќе го обесветат Светилиштето на Тврдината, ќе ја укинат секојдневната жртва и ќе ја постават грозноста на запустувањето. {11:32} Со своите сплетки ќе ги наведат на отпаднување оние кои згрешија против Заветот, но луѓето кои Го љубат Бога ќе се засилат и ќе дејствуваат. {11:33} Разумните во народот ќе го поучуваат мноштвото, ама едно време ќе ги сотрува со меч, и со оган, со заточение и со грабеж. {11:34} Додека ги затираат, само неколкумина ќе им помагаат, а мнозина ќе им се придружат измамливо. {11:35} Некои од разумните ќе настрадаат за да се испитаат, за да се очистат и за да обелат до времето на свршетокот, зашто уште не дојде одреденото време. {11:36} Царот ќе постапува како што ќе сака, вознесувајќи се и воздигнувајќи се себеси над сите богови: против Бога над боговите ќе зборува хули, и ќе успева додека не се исцрпи гневот - зашто она што е одредено, тоа ќе се исполни. {11:37} Не ќе се грижи за боговите на своите татковци, ни за љубовта на жените, ниту за кој и да е друг бог: ќе се издига самиот себе над сите. {11:38} Место нив ќе го почитува богот на тврдините, богот кого не го познаваа неговите татковци, ќе го почитува со злато и сребро, со бесцени камења и со други скапоцености. {11:39} Ќе навали на тврдините на градовите со помош на туѓ бог: оние кои ќе го признаат него ќе ги опсипе со почести и ќе им даде власт над мноштвото и ќе им дели земја за награда. {11:40} Во времето на свршетокот царот од Југ ќе завојува со него; царот од Север ќе нападне против него како виор со своите коњи, со своите коњаници и со многу свои бродови. Ќе навлезе во земјите и ќе помине низ нив како поплава. {11:41} Ќе навлезе во Прекрасната Земја и мнозина ќе паднат. На неговите раце ќе им избегаат Едом и Моав и главнината на Амоновите синови. {11:42} Ќе ги испружи своите раце по земјите: Египет нема да му избега. {11:43} Тој ќе ги освои: златното и сребреното благо и сите скапоцености на Египет и Либијците. {11:44} Но и Етиопците ќе го следат. Ќе го вознемируваат вестите од исток и од север та ќе тргне многу гневен за да го уништи и затре мноштвото. {11:45} Ќе ги постави своите дворски шатори меѓу морето и Славната Света Гора. Ама и нему ќе му дојде крајот и никој не ќе му помогне. {12:1} Во она време ќе стане Михаел, големиот кнез кој ги штити синовите на твојот народ. Тоа ќе биде време на страдање какво немаше откако се луѓето па до тоа време. Во тоа време ќе се спаси твојот народ - сите кои ќе се најдат запишани во Книгата. {12:2} Тогаш ќе се разбудат мнозина кои спиеја во земниот прав; едни за вечен живот а други за срам и вечен презир. {12:3} Разумните ќе блескаат како сјајниот небесен свод, и кои ги учеа мнозината на праведност, како ѕвезди довека, во сета вечност. {12:4} А ти, Даниеле, пази ги во тајност овие зборови и запечати го овој книжен свиток до времето на свршетокот!” {12:5} Јас, Даниел, погледнав кога ете: други двајца стоеја едниот од едната, другиот од другата страна на реката. {12:6} Едниот го праша човекот облечен во ленена облека, кој стоеше над водите на реката: „Кога ќе дојде крајот на тие чудеса?” {12:7} Го чув човекот облечен во ленена облека, кој стоеше над водите на реката; тој ги подигна кон небото десницата и левицата колнејќи се во вечно Живиот. „По едно време, по две времиња и по половина време - кога ќе дојде крајот на распад на силите на светиот народ - сè тоа ќе сврши.” {12:8} Јас слушнав, ама не разбрав, па прашав: „Господару, како ќе сврши тоа?” {12:9} Тој рече: „Оди Даниеле, овие зборови се тајна и запечатени се до времето на свршетокот, зашто многумина ќе испитуваат и знаењето ќе се намножи. {12:10} Мнозина ќе се очистат, ќе обелат и ќе се испитаат; а безбожниците и натаму ќе бидат безбожни; безбожниците нема да се вразумат, а умните ќе разберат. {12:11} Од часот кога ќе биде укината секојдневната жртва и поставена грозноста на запустувањето: илјада двеста и девеесет денови. {12:12} Блазе му на оној кој ќе дочека и ќе стигне до илјада триста триесет и пет денови! {12:13} А ти оди си и одмори се; ќе станеш да го примиш своето наследство на крајот на деновите.”