{1:1} Зборовите на Амос, пастир од Текое. Неговите виденија за Израел во доба на јудејскиот цар Озиј и Еровоам, синот на Јоас, израелски цар, на две години пред земјотресот. {1:2} Тој вели: „Господ грми од Сион, гласот Му се разнесува од Ерусалим; сточарските пасишта жалат, и се суши врвот на Кармил.” {1:3} Господ зборува вака: „За три злостори на Дамаск, за четири злочини, одлуката е неотповиклива: зашто го вршеа Галад со железни орудија. {1:4} Ќе пуштам оган на Азаиловиот дом за да ги изгори Вен-Ададовите дворци; {1:5} ќе му ги скршам лостовите на Дамаск ќе ги истребам жителите на Викат-Авен и жезлоносецот од Бет-Еден; арамскиот народ ќе отиде во ропство во Кир,” говори Господ. {1:6} Господ зборува вака: „За три злостори на Газа, за четири злочини, одлуката е неотповиклива: зашто одведоа сè во ропство и му го предадоа на Едом, {1:7} ќе пуштам оган врз ѕидовите на Газа за да и ги изгори дворците. {1:8} Ќе ги истребам азотските жители и жезлоносецот од Аскалон. ќе испружам рака врз Акарон за да загине филистејскиот Остаток,” говори Господ Бог. {1:9} Господ зборува вака: „За три злостори на Тир, за четири злодејства, одлуката е неотповиклива: зашто му ги предаде сите заточеници на Едом и не се сетија за братскиот сојуз. {1:10} Ќе пуштам оган на ѕидовите на Тир за да ги изгори нивните дворци.” {1:11} Господ зборува вака: „За три злостори на Едом, за четири злодејства, одлуката е неотповиклива: зашто го гонеше братот со меч, задушувајќи ја својата сомилост, зашто го распламтуваше секогаш својот гнев, зашто го поттикнуваше својот бес. {1:12} Ќе пуштам оган на Теман за да ги изгори дворците во Восор.” {1:13} Господ зборува вака: „За три злодејства на Амоновите синови за четири злостори, одлуката е неотповиклива: зашто ги распарува галадските трудници за да ги рашират своите граници, {1:14} ќе запалам оган на ѕидовите на Рава за да и ги изгори дворците, со бојна врева во ден на војна, со бури во ден на виори, {1:15} а царот ќе им отиде на заточение, тој и неговите кнезови со него,” говори Господ. {2:1} Господ зборува вака: „За три злосторства на Моав, за четири злодејства, одлуката е неотповиклива: зашто коските на едомскиот цар ги спалија во вар. {2:2} Ќе пуштам оган на Моав за да ги изгори кариотските дворци, а Моав ќе умре во метеж, со бојна врева и со звукот на труба; {2:3} ќе го истребам судијата во него и ќе ги умртвам сите кнезови со него,” говори Господ. {2:4} Господ зборува вака: „За три злодејства на Јуда, за четири злосторства, одлуката е неотповиклива: зашто го отфрлија Господовиот Закон и не се придржуваа за Неговите одредби; ги заведоа лажните богови по кои одеа нивните татковци, {2:5} ќе пуштам оган на Јуда, за да ги изгори ерусалимските дворци.” {2:6} Господ зборува вака: „За три злостори, за четири злодејства, одлуката е неотповиклива: зашто го продаваа праведникот за сребро и бедниот за лесни обувки; {2:7} зашто газат по главата на сиромавиот, и бедните ги водат на зло. Синот и таткото одат кај истата девојка за да го обесветат Моето свето име; {2:8} и врз облеките земени во залог лежат покрај секој жртвеник; и пијат вино на обвинетите во домот на своите богови. {2:9} Јас ги истребив пред нив Аморејците високи како кедар, силни како дабјето, Јас го уништив и плодот на нив и коренот под нив. {2:10} Јас ве изведов од Египетската Земја и четириесет години ве водев по пустината за да ја завладеете Аморејската Земја. {2:11} Јас издигнав пророци од вашите синови и назирејци меѓу вашите младинци. Не е ли така, Израелеви синови?” говори Господ. {2:12} „Но вие ги натеравте назирејците да пијат вино, а на пророците им заповедавте: ‘Не пророкувајте!’ {2:13} Ете, Јас ќе ве притискам до земјата, како што притиска кола полна со снопје, {2:14} не ќе има богатство за брзиот, силата не ќе го зацврсти силниот, јунакот не ќе се спаси, {2:15} стрелецот не ќе се додржи, итриот тркач нема да избега, ниту јавачот ќе побегне, {2:16} најхрабрите јунаци ќе бегаат голи во оној ден,” говори Господ. {3:1} Чујте го Израелеви синови ова слово кое Господ го зборува против вас, против секој род што го изведов од Египетската Земја: {3:2} „Само вас ве познав меѓу сите земни племиња, затоа ќе ве казнам за сите ваши гревови.” {3:3} Одат ли двајца заедно ако не се договорат? {3:4} Рика ли лавот во гората ако нема плен? Пушта ли лавчето глас во дувлото ако ништо не улови? {3:5} Паѓа ли птицата на земјата ако нема клопка на неа? Се дига ли мрежата од земјата ако ништо не се фати? {3:6} Труби ли трубата по градот ако Господ не ја испрати? {3:7} Господ Бог не прави ништо а да не им ги открие Своите намери на Своите слуги - пророците. {3:8} Лавот рика: кој не ќе се исплаши? Господ Бог зборува: кој не ќе пророкува? {3:9} „Разгласете го ова по асирските дворци и по дворците во Египетската Земја; речете: „Соберете се на планините на Самарија, погледајте го големиот неред во неа и угнетувањето сред неа. {3:10} Зашто не знаат да прават право,’ говори Господ. ‘Во дворците натрупуваат насилство и угнетување.’” {3:11} Затоа Господ Бог зборува вака: „Непријателот ќе ја опколи земјата, ќе ги разурне твоите тврдини, ќе ги ограби твоите дворци.” {3:12} Господ зборува вака: „Како кога пастирот ќе истрга две листни коски или делче од уво од лавската уста, така ќе се истргаат Израелевите синови кои седат во Самарија на работ на постелата и на леглата.” {3:13} Чујте и посведочете против Јакововиот дом - говори Господ Бог, Бог над Воинствата: {3:14} „Во оној ден кога ќе го казнам Израел за злосторите ќе ги казнам и ветилските жртвеници; роговите на жртвеникот ќе се скршат и ќе паднат на земјата. {3:15} Ќе ги разурнам зимската куќа и летната куќа, ќе пропаднат куќите од слонова коска. Многу куќи ќе исчезнат!” говори Господ. {4:1} Чујте го ова слово васански крави, што престојувате во Самариската Гора, ги угнетувате немоќните, ги измачувате бедните, им зборувате на мажите: „Донеси да пиеме!” {4:2} Господ Бог се заколна во Својата светост: „Ете, ви доаѓаат денови кога ќе ве извлекуваат со куки, а последната од вас со јадици. {4:3} Ќе излегувате низ проломи, не обѕрнувајќи се никаде, и ќе бидете фрлени кон Ермон,” говори Господ. {4:4} „Отидете само во Ветил и грешете, во Галгал и множете ги своите гревови! Принесувајте жртви секое утро, и десетини секој трет ден. {4:5} Палете го тестото стасано за жртва благодарница, прогласете доброволни жртви, разгласете ги, зашто тоа го сакате, Израелеви синови,” говори Господ Бог. {4:6} „Затоа дадов да ви останат забите чисти во сите ваши градови, ве оставив без леб во сите ваши села; па сепак не се обрнавте кон Мене - говори Господ. {4:7} Ви го скратив и дождот на три месеци пред жетвата; го пуштив да паѓа на еден град, ама не и на друг; едно поле ќе се наквасеше, а другото - врз кое не пуштив дожд - ќе се исушеше. {4:8} Така два три града скитаа во третиот за да пијат вода, но не можеа да се напијат, па сепак не се обрнавте кон Мене - говори Господ. {4:9} Ве удрив со суша и со метлика, ви ги исушив градините и лозјата, скакулците ви ги изедоа смоквите и маслинките, па сепак не се обрнавте кон Мене - говори Господ. {4:10} Испратив помор на вас, како египетскиот помор; вашите младинци ги погубив со меч, а коњите ви беа одведени како плен; ви ги наполнив носалките со смрдеа од вашиот логор, па сепак не се обративте кон Мене - говори Господ. {4:11} Ве разурнав како што Бог ги разурна Содом и Гомор, бевте како гламна истргана од оган па сепак не се обративте кон Мене - говори Господ. {4:12} Затоа, Израеле, вака ќе постапам со тебе, и бидејќи така ќе постапам со тебе, подготви се, Израеле, да го пресретнеш својот Бог! {4:13} Зашто, ете, Тој ги создава планините го создава ветерот, му ја открива на човекот Својата мисла, Тој ги создава зората и мракот, и се искачува на врвот на земните височини, Господ, Бог над Војските, е Неговото име. {5:1} Чујте го ова слово што го изнесувам против вас, тажачката, Израелев доме: {5:2} Падна и веќе не стана израелската девица. Таа лежи на своја земја, и нема никој да ја дигне. {5:3} Зашто Господ Бог му зборува вака на Израелевиот дом: „Во градот од кој излегуваа илјада, ќе останат сто, од кој излегуваа сто, ќе останат десет.” {5:4} Зашто Господ му зборува вака на Израелевиот дом: „Барајте Ме Мене и ќе живеете. {5:5} Не барајте го Ветил, не одете во Галгал, не патувајте во Вирсавеа, зашто Галгал ќе биде одведен во ропство, а Ветил ќе се претвори во ништо. {5:6} Барајте Го Господа и ќе живеете, или како оган ќе ја зафати Јосифовата куќа и ќе ја изгори, а во Ветил не ќе има никој да го угасне пламенот. {5:7} Тешко им на оние кои ја претворуваат правдата во пелин, кои ја фрлаат чесноста во прав!” {5:8} Тој ги направи Плеадите и Орион, Тој го обрнува мракот во зора, а денот во најгуста ноќ. Тој ги повикува морските води и ги излева преку лицето на земјата. Господ Му е името. {5:9} Одненадеж и праќа гибел на крепоста и и носи пропаст на тврдината. {5:10} Го мразат човекот што дели правда при вратата, и го корат оној што зборува чесно. {5:11} Затоа, бидејќи го угнетувате сиромашниот, истргнувајќи од него данок во жита, во куќите што ги создадовте од делкан камен никогаш не ќе живеете; од пријатните лозја што ги посадивте никогаш не ќе пиете вино. {5:12} Зашто знам многу ваши злостори, и вашите преголеми гревови. Го угнетувате праведникот и примавте поткуп, одбивајќи го сиромашниот при градската врата. {5:13} Мудрецот молчи во ова време, зашто времињата се толку лоши. {5:14} Барајте го доброто, а не злото, за да живеете, и за да биде Господ, Бог над Воинствата, навистина со вас како што велите дека е. {5:15} Мразете го злото, љубете го доброто, пазете ја правината, при градската врата, па можеби Господ, Бог над Воинствата, ќе му се смилува на Јосифовиот остаток. {5:16} Затоа Господ зборува вака, Бог над Воинствата, Господ: „На секоја улица ќе има плач: По сите патишта ќе викате: ‘Леле! Леле!’ Ќе ги повикаат земјоделците за да лелекаат, тажачите за да тажат, {5:17} ќе има плач во секое лозје, зашто ќе поминам сред тебе,” говори Господ. {5:18} Тешко ви вам што копнеете по Господовиот ден! Што ќе ви биде Господовиот ден? Темнина, а не светлина. {5:19} Ќе ви биде како на оној што и избега на лавската уста, а мечката го сретна; како оној што влезе во куќа и ја стави раката на ѕид, а змија го касна. {5:20} Не ќе ли биде Господовиот ден темнина, а не светлина? Мрак, а не сончев блесок? {5:21} „Ги мразам и ги презирам вашите празници и веќе не ми се мили вашите свечености. {5:22} Кога ми принесувате паленици, вашите лебни приноси не Ми се мили, на жртвата благодарница од вашите згоени телиња и не погледнувам. {5:23} Отстранете го од Мене шумот на своите песни, не сакам да ги слушам звуците на вашите псалтири. {5:24} Правдата нека потече како вода, и справедливоста како силна буица. {5:25} Дали Ми принесувавте жртви и приноси во пустината четириесет години, Израелев доме? {5:26} Ќе го носите Сикут, својот цар, и Кеван, својот бог, ѕвездата на твоите богови, што си ги направивте за себе. {5:27} Затоа ќе ве преселам во Дамаск,” зборува Господ; Бог над Војските е името Негово. {6:1} Горко им на безгрижните на Сион и на „спокојните” на Самариската Гора, наречени „првина на народите,” на кои им се обратува Израелевиот дом. {6:2} Тргнете во Хална и видете, отидете оттаму во Големиот Емат, слезете во Филистејскиот Гат. Дали им е подрачјето поголемо од вашето? {6:3} Мислите: далеку е кобниот ден, и ја приближувате власта на насилството. {6:4} Лежејќи врз легла од слонова коска, навалени на постелите, јадат јагниња од стадото и телиња од стајата. {6:5} Викаат покрај звукот на псалтирот, измислуваат свирки како Давид, {6:6} пијат вино од врчви и се мачкаат со најдобро масло, но за Јосифовото паѓање не се грижат. {6:7} Затоа сега првите ќе бидат протерани, ќе молкне веселбата на раскошниците. {6:8} Господ се заколна Сам Себеси и вака говори Господ, Бог над Воинствата: „Се гнасам од Јакововата гордост, и ги мразам неговите дворци, ќе ги предадам градот и сè во него.” {6:9} Ако останат и десет луѓе во една куќа, ќе умрат. {6:10} Роднината и горачот ќе се фатат да ги изнесат коските од куќата; ако некој би го прашал оној во аглот на куќата: „Остана ли уште некој со тебе?” Тој ќе одговори: „Не! Тишина! Господовото име не смее да се спомне.” {6:11} Зашто, ете, Господ заповеда, и голема куќа се разурнува во делчиња, малата куќа се распукнува во делови. {6:12} Трчаат ли коњите по стрмните карпи? Дали се ора морето со волови? Вие ја претворувате правдата во отров, а плодот на справедливоста во пелин. {6:13} Вие му се радувате на Ло-Дабар кога велите: „Не го зазедовме ли со своја сила Карнаим?” {6:14} „Ха, еве, Израелев доме, подигам против тебе - говори Господ, Бог над Воинствата - народ што ќе ве угнетува од Ематскиот Влез до Пустинскиот Поток.” {7:1} Еве што ми покажа Господ Бог: ете, создаде скакулци кога прекосот почна да никнува, прекосот по главното косење. {7:2} Кога го изедоа сиот земјин посев, реков: „Господи Боже, прости, Те молам! Како ќе преживее Јаков онолку мал?” {7:3} И Господ се нажали за тоа: „Не ќе биде,” рече Господ. {7:4} Еве што ми покажа Господ Бог: ете, Господ Бог го повика огнот да казнува; веќе ја изеде големата бездна и токму почна да го голта полето. {7:5} А јас реков: „Застани, Господи Господи, Те молам! Како ќе преживее Јаков онолку мал?” {7:6} И Господ се нажали за тоа: „Ни ова не ќе биде,” рече Господ Бог. {7:7} Еве што ми покажа Господ, Господ: ете, човек стои на ѕидот во раката му е висулец. {7:8} „Што гледаш Амосе?” праша Господ. „Висулец,” реков. Тогаш Господ рече: „Еве ќе го измерам со висулецот Мојот Израелски народ; не ќе го штедам веќе. {7:9} Ќе ги разурнат Исаковите високи места, ќе запустат израелските светилишта, и со меч ќе станам против Еровоамовата куќа.” {7:10} Амасиј, ветилскиот свештеник, му порача на израелскиот цар Еровоам: „Амос се завери против тебе сред Израелевиот дом; земјата веќе не ќе може да ги поднесува неговите зборови. {7:11} Зашто тој зборува вака: ‘Еровоам ќе загине од меч, а Израел од својата земја ќе биде одведен на заточение.’” {7:12} Амасиј му рече на Амоса: „Оди си гледачу! Бегај во Јудината Земја, таму јади леб и таму пророкувај! {7:13} Ама во Ветил веќе да не пророкуваш, зашто ова е царско светилиште, царски дом.” {7:14} „Не бев пророк ни пророчки син - му одговори Амос на Амасија - бев сточар и одгледував диви смокви: {7:15} Но Господ ме зеде од стадото и Господ ми рече: ‘Оди пророкувај му на Мојот народ Израел.’ Сега чуј го Господовото слово: Ти велиш: {7:16} ‘Не пророкувај против Израел, не пророкувај против Исаковиот дом. ‘ {7:17} Затоа Господ зборува вака: ‘Твојата жена ќе блудствува по градот, твоите синови и ќерки ќе паднат од меч, твојата земја ќе биде поделена со јаже, ти ќе умреш на нечиста земја, а Израел ќе отиде во заточение од својата земја.’” {8:1} Еве што ми покажа Господ Бог: ете, кошница со летни плодови: {8:2} „Што гледаш Амосе?” ме праша. „Кошница со зрели плодови,” реков. Тогаш Господ ми рече: „Мојот Израелски народ дозреа за пропаст; не ќе го штедам веќе. {8:3} И храмските певици ќе ридаат во тој ден - говори Господ Бог, - ќе бидат многу трупови, ќе ги фрлаат насекаде, молчејќи.” {8:4} Слушајте го ова, вие што ги газите сиромасите и што ги сотрувате бедните во земјата! {8:5} Велите: „Кога ли ќе помине новата месечина, за да го продадеме житото, и саботата, за да тргуваме со пченицата. Намалувајќи ја ефата, зголемувајќи го сикалот, да измамуваме со криви мерилки, {8:6} за да го купиме сиромашниот за сребреници, бедниот за лесни обувки, и за да ги продаваме триците од житото.” {8:7} Господ се заколна во Јакововата Слава: „Не ќе заборавам довека ниедно ваше дело.” {8:8} Не ќе ли се стресе од тоа земјата, не ќе ли зажалат сите нејзини жители, не ќе ли се издигне сета како Нил, не ќе ли се спушти како Египетската Река? {8:9} Во тој ден - говори Господ Бог - ќе направам сонцето да зајде на пладне, и ќе ја затемнам земјата сред бел ден. {8:10} Ќе ги обрнам вашите празници во жалост и сето ваше пеење во плач; ќе го облечам во вреќиште секое бедро, и ќе ја обескосам секоја глава. И ќе биде како кога се тажи по единец, и што ќе остане, ќе биде како ден на горчливост.” {8:11} „Еве, доаѓаат денови - говори Господ Бог - кога ќе испратам глад на земјата, не глад за леб ни жед за вода, туку за слушање на зборовите на Господа. {8:12} Ќе скитаат од море до море, талкајќи од север до исток барајќи го Господовото слово, ама не ќе го најдат. {8:13} Во оној ден убавите девојки и младинци ќе примираат од жед. {8:14} Оние кои се колнат во самарискиот грев и се заколнуваат: ‘Така да биде жив твојот бог, Дане!’ и: ‘Така да биде жив твојот Љубимец Вирсавео!’ Тие ќе паднат и никогаш не ќе станат.” {9:1} Го видов Господа како стои над жртвеникот и говори: „Удри го надвратникот, за да се стресат праговите, и скрши ги над главите на сите, а кои ќе останат од нив ќе ги погубам со меч. Никој не ќе избега, никој не ќе се спаси. {9:2} Ако се забијат и во подземјето, мојата рака ќе ги откорне. Ако се искачат и на небото, оттаму ќе ги слезам. {9:3} Ако се скријат и на врвот на Кармил, ќе ги најдам и ќе ги фатам. Ако се скријат од Мојот поглед на морското дно, ќе му заповедам на змевот да ги изеде. {9:4} Ако отидат и на заточение пред непријателот, и таму ќе му наредам на мечот да ги сосече; ќе ги насочам очите кон нив, но за несреќа, не за добро.” {9:5} Господ, Бог над Војските, Тој ја допира земјата, и таа се тресе, и сите жители на неа ќе затажат; се издига сета како Нил, и се спушта како Египетската Река. {9:6} Тој си создаде престол на небесата, и Својот свод го основа на земјата; Тој ги повикува морските води и ги излева преку лицето на земјата - Господ е името Негово. {9:7} „Израелеви синови, не сте ли за Мене како и Кушаните - говори Господ. Не го изведов ли Јас Израел од Египетската Земја, како Филистејците од Кафтор, и Арамејците од Кир? {9:8} Ете, очите на Господа Бога насочени се кон грешното царство, ќе го избрише од лицето на земјата. Сепак нема да го сотрам сосем Јакововиот дом - говори Господ. {9:9} Зашто, ете, ќе дадам заповед и ќе го расеам Израелевиот дом меѓу сите народи, како што се сее жито во решето, за да не падне ни зрнце на земја. {9:10} Сите грешници од Мојот народ ќе паднат од меч, сите кои ќе речат: ‘Не е близу и нема да нè стигне несреќа.’ {9:11} Во оној ден ќе ја подигнам распаднатата Давидова колиба, ќе и ги затворам пукнатините, ќе ги поправам разурнатите места, пак ќе ја соѕидам како во стари времиња, {9:12} за да го освојат остатокот на Едом и на сите народи над кои е повикано Моето име - говори Господ Бог, Творецот на сè тоа. {9:13} Еве доаѓаат денови - говори Господ - кога орачот ќе го стигнува жетварот, и гмечителот на грозјето - сејачот, кога планините ќе потечат со младо вино, и сите ридови ќе се прелеваат со него. {9:14} Ќе ја свртам судбината на Мојот народ Израел: ќе ги обноват разурнатите градови и ќе живеат во нив, ќе садат лозја и ќе им го пијат виното, ќе ги засадат градините и ќе го јадат нивниот плод. {9:15} Ќе ги посадам во нивната земја, и никогаш веќе не ќе се откорнат од земјата која им ја дадов,” вели Господ, твојот Бог.