{1:1} Господово слово упатено до Софонија, синот Хусиев, син на Годолиј, син на Амариј, син Езекиин, во деновите на Јосиј синот Амонов, јудејски цар. {1:2} „Да, сè ќе избришам од лицето на земјата - говори Господ! {1:3} Ќе ги уништам луѓето и ѕверовите, небесните птици и морските риби, соблазните идоли со безбожниците, ќе ги истребам луѓето од лицето на земјата - говори Господ! {1:4} Ќе подигнам рака на Јуда и на сите жители на Ерусалим и ќе го истребам од ова место Вааловиот остаток, и името на паганските свештеници заедно со израелевите свештеници; {1:5} оние, кои се клањаат по покривите на небесната војска, оние, кои се клањаат и заколнуваат пред Господа, а се заколнуваат и во Мелхом; {1:6} оние кои отстапија од Господа, кои не Го бараат Господа и не прашуваат за Него.” {1:7} Молкни пред Господа Бога, зашто е близу Господовиот ден! Да, Господ ја подготви жртвата, ги освети своите повиканици. {1:8} „Во денот на Господовата жртва ќе ги казнам кнезовите, царските синови, и сите кои се облекуваат со туѓинска облека. {1:9} Ќе ги казнам во тој ден, сите кои прескокнуваат преку прагот, кои домовите на своите господари ги полнат со насилство и измама. {1:10} Во оној ден - говори Господ - ќе се дигне викотница од Рибната Врата, плач од новиот дел на градот, големо разурнување на ридови. {1:11} Ридајте, жители на Мактес, зашто е сотрен сиот трговски народ, истребени се сите мерачи на среброто. {1:12} Во тоа време, ќе го пребарам Ерусалим со светилници и ќе ги посетам со казна луѓето, кои се одмараат на својот вински талог, и зборуваат во своето срце: ‘ Господ не може да направи ни добро ни зло.’ {1:13} Нивното богатство ќе биде оставено на грабеж, нивните куќи на запустување. Тие градеа куќи - не ќе живеат во нив; садеа лозја, не ќе пијат вино од нив.” {1:14} Близу е Господовиот ден, голем! Близу е и доаѓа брзо! Горчлив е гласот на Господовиот ден: тогаш и јунакот ќе заплаче. {1:15} Тој ден е ден на гнев! Ден на тешкотии и неволји! Ден на ужас и запустување! Ден на мрак и наоблаченост! Ден на темнина и маглишта! {1:16} Ден на трубење и на бојна викотница против утврдените градови и против високите стражарници. {1:17} Ќе им ги препуштам луѓето на неволјите и ќе одат како слепци зашто згрешија против Господа, нивната крв ќе се разлее како прав, нивните трупови ќе бидат фрлени како смет. {1:18} Ни нивното сребро ни нивното злато не ќе ги спаси. Во денот на Господовиот гнев, огнот на Неговата ревност ќе ја изгори сета земја. Зашто тој ќе ги уништи, и тоа наскоро, сите жители на земјата. {2:1} Соберете се, соберете се, народе бесрамен, {2:2} пред да бидете протерани како плева што се распрснува во ден, пред да стигнат на вас Господовиот пламен и гнев, пред да стигне на вас денот на Господовиот гнев. {2:3} Барајте Го Господа, сите скромни на земјата, сите кои ги извршувате Неговите закони! Барајте ја правдата, барајте ја смиреноста: можеби вие ќе бидете заштитени во денот на Господовиот гнев. {2:4} Да, Газа ќе стане пустина, Аскалон запустување. Азот ќе биде протеран на пладне, Акарон откорнат од основи. {2:5} Тешко им на жителите на морскиот брег, на критскиот народ! Еве го Господовото слово против вас Ханаанците, Земјо на Филистејците: „Ќе те уништам, ќе ги истребам сите твои жители!” {2:6} И ќе станеш за пасење пастирско пасиште и ограда за стадо. {2:7} И тој крај ќе му припадне на Остатокот на Јудиниот дом; таму тие ќе го водат добитокот на пасење; навечер ќе се одморуваат во аскалонските куќи, зашто ќе ги посети Господ, нивниот Бог, и Тој ќе ги врати од ропство. {2:8} „Ја чув Моавовата навреда и потсмевнувањето на Амоновите синови, кога го навредуваа Мојот народ и се гордееја против нивните предели. {2:9} Затоа, жив Сум Јас!” - говори Господ над Војските, Израелевиот Бог, „Моав ќе стане како Содом и Амоновите синови како Гомор: поле обрастено со коприва, куп сол, вечна пустина. Остатокот на Мојот народ ќе ги ограби, најостатокот од Мојот народ ќе ги завладее.” {2:10} Тоа ќе биде цената за нивната гордост, зашто се воздигаа и му се потсмеваа на народот на Господа над Војските. {2:11} Господ ќе биде страшен за нив: кога ќе ги уништи сите земни богови, пред Него ќе се поклонат - секој во својата земја - сите острови на народите. {2:12} „И вие, Етиопци: вие ќе бидете погубени со Мојот меч.” {2:13} Потоа ќе ја подигне Својата рака против Север и ќе ја разруши Асирската Земја, од Нинивија ќе направи урнатини, суво место како пустина. {2:14} Среде неа ќе лежат: стадото, и секакви ѕверови на народите: чапли и ежови ќе почиваат ноќе на главчињата на столбовите, гласот нивни ќе ѕвечи на прозорците, и ќе оголи сè што е од кедрова направа. {2:15} Тоа ли е веселиот град, што живееше во мир, кој зборуваше во своето срце: „Јас и единствено јас!” Гледај, стана урнатина, ѕверско дувло! Сите, кои поминуваат покрај него, свират со устата и мавтаат со рацете. {3:1} Тешко му на непокорниот, на нечистиот град и на насилничкиот град! {3:2} Тој никогаш не чу повик, никогаш не прифати поправка; тој никогаш не Му се довери на Господа; никогаш не Му се приближи на Својот Бог. {3:3} Неговите кнезови се сред него - лавови кои рикаат; неговите судии - се вечерни волци, кои не оставаат ниедна коска до утрото, {3:4} неговите пророци се лекомислени, вистински лажливци, неговите свештеници го обесветуваат Светилиштето, го кршат Законот. {3:5} Сред него, Господ е праведен - Тој не прави неправда; секое утро го изнесува Својот суд на виделина, но беззаконикот не познава срам. {3:6} „Ги уништив народите, разурнати им се тврдините, ги запустив нивните улици: нема веќе минувачи! Разурнати се нивните градови: нема луѓе, нема жители! {3:7} Говорев: ‘Бој се само од Мене прими ја поправката’ и не ќе биде истребено неговото живеалиште и нема да го најде злото, што Јас го подготвив за него. Но тие брзо ги расипаа сите свои дела. {3:8} Затоа чекајте Ме Мене - говори Господ - до денот кога ќе станам како Обвинител, зашто Јас одредив да се соберат народите, да се зберат царствата, за да го излеам врз нив Својот гнев, сета горчина на Својата расрденост: во огнот на Мојата ревност ќе биде изгорена сета земја. {3:9} Ќе им дадам чисти усни на народите, за да можат сите да го повикуваат Господовото име и да Му служат еднодушно. {3:10} Од другиот брег на етиопските реки, Моите поклоници, расеани ќе ми принесуваат жртвени дарови. {3:11} Во оној ден не ќе се срамиш од сите свои постапки, со кои грешеше против Мене, зашто ќе ги отстранам од сред тебе твоите горди фалба?ии; и веќе не ќе се возвишуваш на Мојата Света Гора, {3:12} зашто ќе оставам во твојата средина скромен и сиромашен народ, и во Господовото име ќе бараш закрила. {3:13} Остатокот Израелев веќе нема да прави неправда, не ќе зборуваат веќе лаги; во нивните усти не ќе се најде веќе измамлив јазик. Ќе можат да пасат и да се одмараат и никој не ќе им пречи.” {3:14} Воскликнувај од радост, Сионска Ќерко, викај од веселба, Израеле! Весели се и радувај се од сè срце, Ерусалимска Ќерко! {3:15} Господ те ослободи од твојата пресуда, ги отстрани Твоите непријатели! Господ, Израелевиот Цар, е во твојата средина! Не бој се веќе од зло! {3:16} Во оној ден ќе му се рече на Ерусалим: „Не бој се, Сионе! Нека не ти се истоштат рацете. {3:17} Господ, твојот Бог, е во твоја средина, силен Спасител! Тој ќе ти се радува тебе, полн со веселба, ќе ти биде милостив во Својата љубов, ќе воскликнува радосно над тебе.” {3:18} „Ќе ги соберам напатените заради празниците, за да не носат веќе срам на себе. {3:19} Еве ги совладувам сите твои угнетувачи. Во она време ќе ги избавам сите хроми, ќе ги соберам расеаните, ќе ги поставам за име и слава во секоја земја на нивниот срам. {3:20} Во она време, Јас ќе ве доведам, во она време, Јас ќе ве соберам! Тогаш ќе ви дадам пофалба и слава меѓу народите на земјата, кога ќе ви ги вратам заробениците пред ваши очи” - говори Господ.