{1:1} Книга на родословот на Исуса Христа, син Давидов, син Авраамов: {1:2} На Авраама му се роди Исак, на Исака му се роди Јаков, на Јакова му се родија Јуда и неговите браќа. {1:3} На Јуда му се родија Фарес и Зара од Тамара, на Фареса му се роди Есром, а на Есрома му се роди Арам, {1:4} на Арама му се роди Аминадав, на Аминадава му се роди Насон, на Насона му се роди Салмон; {1:5} на Салмона му се роди Вооз од Рава, на Вооз му се роди Овид од Рута, на Овида му се роди Јесеј; {1:6} на Јесеја му се роди цар Давид. На цар Давид му се роди Соломон од Уриевата жена. {1:7} На Соломона му се роди Ровоам, на Ровоама му се роди Авија, на Авија му се роди Аса, {1:8} на Аса му се роди Јосафат, на Јосафата му се роди Јорам, на Јорама му се роди Озија, {1:9} на Озија му се роди Јоатам, на Јоатама му се роди Ахаз, на Ахаза му се роди Езекија, {1:10} на Езекија му се роди Манасија, на Манасија му се роди Амон, на Амона му се роди Јосија, {1:11} на Јосија му се родија Јехонија и неговите браќа во времето на преселувањето во Вавилон. {1:12} По Вавилонската преселба, на Јехонија му се роди Салатиел, на Салатиела му се роди Зоровавел, {1:13} на Зоровавела му се роди Авијуд, на Авијуда му се роди Елијаким, на Елијакима му се роди Азор, {1:14} на Азора му се роди Садок, на Садока му се роди Ахим, на Ахима му се роди Елијуд, {1:15} на Елијуда му се роди Елеазар, на Елеазара му се роди Матан, на Матана му се роди Јаков, {1:16} на Јакова му се роди Јосиф, мажот на Марија, која го роди Исуса, наречен Христос. {1:17} И така, сите родови од Авраама до Давида се четиринаесет родови; и од Давида до преселбата во Вавилон четиринаесет родови; и од преселбата во Вавилон до Христа четиринаесет родови. {1:18} А раѓањето на Исуса Христа стана вака: кога Неговата мајка Марија беше свршена за Јосифа, пред да се состанат, се најде забременета од Светиот Дух. {1:19} А нејзиниот маж Јосиф, бидејќи беше праведен и не сакаше јавно да ја засрами, намисли да ја остави тајно. {1:20} Но штом го намисли тоа, ете, Господов ангел му се јави на сон и му рече: „Јосифе, сине Давидов, не бој се да ја земеш Марија, својата жена, зашто зачнатото во неа е од Светиот Дух. {1:21} Таа ќе роди Син и ти ќе Му го дадеш името Исус, зашто Тој ќе го спаси својот народ од нивните гревови.” {1:22} А сето тоа стана за да се исполни она, што Господ го рече преку пророкот, кој вели: {1:23} ”Ете, девица ќе зачне и ќе роди Син, и ќе го наречат Емануел, кое преведено значи: „Бог со нас!” {1:24} А кога Јосиф се разбуди од сонот, направи како што му заповеда Господовиот ангел, ја зеде својата жена. {1:25} И не ја позна, додека таа не Го роди нејзиниот Син, Првородениот; и тој Го нарече Исус. {2:1} А кога Исус се роди во Витлеем Јудејски, во дните на цар Ирод, ете, мудреци од исток пристигнаа во Ерусалим, {2:2} и рекоа: „Каде е Тој кој се родил, Царот на Јудејците? Зашто ја видовме Неговата ѕвезда на исток и дојдовме да Му се поклониме.” {2:3} Кога го чу тоа, царот Ирод се вознемири, и целиот Ерусалим со него. {2:4} И ги собра сите главни свештеници и народните книжници и ги распрашуваше каде треба да се роди Христос. {2:5} А тие му рекоа: „Во Витлеем Јудејски, зашто пророкот напиша така: {2:6} ’И ти, Витлееме, земјо Јудина, никако не си помал меѓу Јудините првенци, зашто од тебе ќе излезе Владетел, Кој ќе го пасе Мојот народ Израел.’ {2:7} Тогаш Ирод ги повика тајно мудреците и внимателно го научи од нив времето, кога се појавила ѕвездата, {2:8} и испраќајќи ги во Витлеем им рече: „Отидете и распрашајте се точно за Детето, и кога ќе Го најдете, јавете ми, за да дојдам и јас да Му се поклонам.” {2:9} Тие, откако го ислушаа царот, тргнаа, и ете, ѕвездата, што ја видоа на исток, одеше пред нив додека не дојде и не застана над местото каде беше Детето. {2:10} И кога ја видоа ѕвездата, се зарадуваа со многу голема радост. {2:11} И кога влегоа во куќата, го видоа Детето со Неговата мајка Марија, и паднаа ничкум и Му се поклонија; ги отворија своите сокровишта и Му принесоа дарови: злато, темјан и смирна. {2:12} И откако беа предупредени од Бога во сон, да не се враќаат при Ирода, заминаа по друг пат за својата земја. {2:13} А кога си отидоа тие, ете, Господов ангел му се јави на Јосифа во сон и му рече: „Стани, земи Го Детето, и Неговата мајка, и бегај во Египет, и остани таму додека не ти кажам, зашто Ирод ќе Го бара Детето за да Го погуби.” {2:14} И тој стана, Го зеде Детето и Неговата мајка, ноќе, и отиде во Египет; {2:15} и таму беше до Иродовата смрт; за да се исполни реченото од Господа преку пророкот кој вели: „Од Египет Го повикав Својот Син.” {2:16} Тогаш Ирод, кога виде дека мудреците го измамија, се разгневи многу, па испрати да бидат погубени, во Витлеем и во целата негова околина, сите машки деца од две години и помали, според времето што го дозна точно од мудреците. {2:17} Тогаш се исполни реченото од пророкот Еремија кога рече: {2:18} ”Глас се чу во Рама, плач и ридање големо; Рахил ги оплакува своите деца, и не сака да се утеши, зашто ги нема.” {2:19} А кога умре Ирод, ете, Господов ангел му се јави на Јосифа во сон, во Египет, {2:20} и му рече: „Стани, земи Го Детето и Неговата мајка и оди во земјата Израелева, зашто умреа оние, кои ја бараа душата на Детето.” {2:21} И тој стана, го зеде Детето и Неговата мајка, и дојде во земјата Израелева. {2:22} Но кога чу дека во Јудеја царува Архелај, место татка си Ирода, се уплаши да отиде таму; туку предупреден од Бога во сон отиде во пределите Галилејски; {2:23} и откако дојде се насели во градот наречен Назарет, за да се исполни реченото од пророците дека ќе се нарече Назареец. {3:1} Во тие дни дојде Јован Крстител и проповедаше во пустината Јудејска, велејќи: {3:2} ”Покајте се, зашто се приближи царството небесно!” {3:3} Зашто тој е оној, за кого пророкот Исаија рече: „Гласот на оној, кој вика во пустината: Пригответе го патот на Господа, направете ги прави Неговите патеки! {3:4} А сам Јован имаше облека од камилски влакна и кожен појас околу слабините; а скакулците и дивиот мед му беа храна. {3:5} Тогаш излегуваа кон него: Ерусалим, цела Јудеја и целата Јорданска околина, {3:6} и тој ги крштаваше во реката Јордан, а тие ги исповедуваа своите гревови. {3:7} Штом виде многу фарисеи и садукеи дека доаѓаат да ги крсти, им рече: „Породи змијски, кој ве предупреди да бегате од гневот што доаѓа? {3:8} Затоа, принесувајте плодови достојни на покајание, {3:9} и не мислете да речете во себеси: Авраам е наш татко, зашто ви велам, Бог може од овие камења да му издигне чеда на Авраама. {3:10} Секирата веќе лежи при коренот на дрвјата; затоа секое дрво, што не дава добар плод, се сече и се фрла во оган. {3:11} Јас ве крштавам во вода за покајание; но Оној, Кој доаѓа по мене е посилен од мене, Кому јас не сум достоен да Му ги понесам обувките. Тој ќе ве крсти во Светиот Дух и оган. {3:12} Лопатата е во Неговата рака, и ќе го очисти Своето гумно, и ќе го собере Своето жито во житницата; а плевата ќе ја изгори со неизгорлив оган.” {3:13} Тогаш Исус дојде од Галилеја до Јордан при Јована, за да се крсти од него. {3:14} А Јован го одвраќаше, велејќи: „Јас имам потреба да се крстам од Тебе, а Ти доаѓаш при мене?” {3:15} А Исус му одговори: „Позволи го сега тоа, зашто така ни прилега да ја исполниме сета правда.” Тогаш тој Му позволи. {3:16} А кога Исус беше крстен, веднаш излезе од водата. И ете, небесата Му се отворија и го виде Духот Божји да слегува како гулаб и да се спушта над Него. {3:17} И ете, глас од небесата говореше: „Овој е Мојот возљубен Син, во Кого Ми е милината!” {4:1} Тогаш Духот Го одведе Исуса во пустината, за да биде искушуван од ѓаволот. {4:2} И откако постеше четириесет дни и четириесет ноќи, најпосле огладне. {4:3} Тогаш искушувачот Му пристапи и рече: „Ако си Божји Син, кажи овие камења да станат лебови!” {4:4} А Тој одговори и рече: „Напишано е: ‘Човекот не ќе живее само од леб, туку од секој збор, што излегува од устата на Бога’.” {4:5} Тогаш ѓаволот го одведе во Светиот Град, Го постави на крилото на Храмот, {4:6} и Му рече: „Ако си Божји Син, фрли се долу; зашто е напишано: ‘Ќе им заповеда на Своите ангели за Тебе, и ќе Те носат на раце, за да не Си ја удриш ногата на камен.’ {4:7} Исус му рече: „Напишано е повторно: ‘Не искушувај Го Господа, твојот Бог’!” {4:8} Ѓаволот пак Го одведе на многу висока гора и Му ги покажа сите царства на светов и нивната слава, {4:9} и Му рече: „Ќе Ти го дадам сè ова ако паднеш и ми се поклониш.” {4:10} Тогаш Исус му рече: „Оди си, сатано, зашто е напишано: ‘На Господа, твојот Бог, ќе Му се поклонуваш и ќе Му служиш само Нему!’” {4:11} Тогаш ѓаволот Го остави и, ете, ангели дојдоа и Му служеа. {4:12} А кога чу дека Јован е предаден, се повлече во Галилеја. {4:13} И откако го напушти Назарет, дојде и се насели во Капернаум, крај морето, во пределите Завулонови и Нефталимови, {4:14} за да се исполни она што го рече пророкот Исаија: {4:15} ”Земјата Завулонова и земјата Нефталимова, на пат кон морето, од другата страна на Јордан, Галилеја на народите; {4:16} народот, кој седеше во темнина, виде голема Светлина, и на оние, кои седеа во пределот и сенката на смртта, на нив им изгреа Светлина.” {4:17} Оттогаш Исус почна да проповеда и да говори: „Покајте се, зашто царството небесно се приближи!” {4:18} А кога одеше покрај Галилејското Море, ги виде двајцата браќа: Симона, наречен Петар, и брата му Андреја, дека фрлаа мрежа во морето, зашто беа рибари, {4:19} па им рече: „Дојдете по Мене и Јас ќе ве направам рибари на луѓе!” {4:20} А тие веднаш ги оставија мрежите и Го следеа. {4:21} И кога отиде оттаму, виде натаму други двајца браќа: Јакова Заведеев и брата му Јована, во кораб со татка им Заведеј, како ги крпат своите мрежи, и ги повика. {4:22} И тие веднаш ги оставија коработ и татка си и Го следеа. {4:23} И Исус обиколуваше по цела Галилеја, учејќи во нивните синагоги и проповедајќи го Евангелието за царството, и лекувајќи секаква болест и секаква немоќ меѓу народот. {4:24} И се разнесе глас за Него по цела Сирија; и ги доведуваа при Него сите болни, кои страдаа од разни болести и маки, опфатени од демони, месечари и фатени, и ги излечи. {4:25} И Го следеше големо мноштво од Галилеја и Десеттоградието, од Ерусалим и Јудеја, и отаде Јордан. {5:1} Кога виде многу народ, се искачи на гората; и, откако седна, Му пристапија Неговите ученици, {5:2} и кога ја отвори Својата уста ги поучуваше, велејќи: {5:3} ”Блажени се бедните во дух, зашто е нивно царството небесно! {5:4} Блажени се оние кои тагуваат, зашто тие ќе бидат утешени! {5:5} Блажени се кротките, зашто тие ќе ја наследат земјата! {5:6} Блажени се кои гладуваат и жедуваат за правда, зашто тие ќе се наситат! {5:7} Блажени се милостивите, зашто тие ќе бидат помилувани! {5:8} Блажени се чистите во срце, зашто тие ќе Го видат Бога! {5:9} Блажени се миротворците, зашто тие ќе бидат наречени синови Божји! {5:10} Блажени се оние кои се гонети заради правда, зашто е нивно царството небесно! {5:11} Блажени сте кога ќе ве навредуваат и гонат и говорат лажно против вас, секакви лоши зборови, заради Мене. {5:12} Радувајте се и веселете се, зашто голема е вашата награда на небесата, зашто така ги гонеа пророците, кои беа пред вас. {5:13} Вие сте солта на земјата, но ако солта стане блуткава, со што ќе се осоли? Веќе нема сила за ништо, освен да биде фрлена надвор и луѓето да ја изгазат. {5:14} Вие сте светлината на светот. Град кој лежи на рид, не може да се скрие; {5:15} ниту се пали светило, за да се стави под житно мерило, туку на светилник, и им свети на сите кои се во куќата. {5:16} Така нека свети вашата светлина пред луѓето, за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Татко, Кој е во небесата.” {5:17} ”Не мислете дека дојдов да ги поништам Законот и Пророците! Не дојдов да ги поништам, туку да ги исполнам. {5:18} Зашто вистина ви велам, додека не поминат небото и земјата, ниту најмалата буква, ни цртичка, не ќе ја снема од Законот, додека не се збидне сè. {5:19} И така, кој ќе наруши една од овие најмали заповеди и така ги научи луѓето, ќе биде наречен најмал во царството небесно; а кој ги држи и поучува, ќе биде наречен голем во царството небесно; {5:20} Зашто ви велам, ако вашата праведност не ја надмине праведноста на книжниците и фарисеите, нема да влезете во царството небесно.” {5:21} ”Сте чуле дека им беше речено на старите: ‘Не убивај! А кој ќе убие, ќе биде виновен пред судот.’ {5:22} А Јас ви велам, дека секој, кој се гневи на брата си без причина, ќе биде виновен пред судот. А кој ќе му рече на брата си „празноглавец”, ќе биде виновен пред синедрионот. А кој ќе го нарече „безумник”, ќе биде виновен за во огнениот пекол. {5:23} И така, ако принесуваш свој дар на олтарот и си спомниш таму дека брат ти има нешто против тебе, {5:24} остави го таму својот дар пред олтарот, и оди првин помири се со брата си, па тогаш дојди и принеси го својот дар. {5:25} Покажи бргу добра волја кон твојот противник, додека си уште со него на пат, за да не те предаде противникот на судијата, а судијата на служителот, па да те фрлат во темница. {5:26} Вистина ти велам: нема да излезеш оттаму, додека не го исплатиш и последниот кодрант.” {5:27} ”Сте чуле дека им било речено на старите: ‘Не прави прељуба!’ {5:28} А Јас ви велам дека секој, кој гледа на жена со желба, веќе извршил прељуба со неа во своето срце. {5:29} Ако твоето десно око те соблазнува, извади го и фрли го од себе; зашто е подобро да ти пропадне еден од членовите, отколку целото твое тело да биде фрлено во пеколот. {5:30} И ако твојата десна рака те соблазнува, отсечи ја и фрли ја од себе; зашто ти е подобро да пропадне еден од твоите членови, отколку целото твое тело да отиде во пеколот. {5:31} ”Исто така било речено: ‘Кој ќе ја остави својата жена, нека и даде разводно писмо.’ {5:32} А Јас ви велам дека секој, кој ја остава својата жена, освен за прељуба, ја прави да врши прељуба, и кој се оженува со така напуштена, врши прељуба.” {5:33} ”Уште сте чуле, дека им било речено на старите: ‘Не нарушувај ја клетвата, а исполнувај ги пред Господа своите клетви.’ {5:34} А Јас ви велам: не колнете се никако; ниту во небото, зашто е Божји престол; {5:35} ниту во земјата, зашто е подножје на Неговите нозе; ниту во Ерусалим, зашто е град на великиот Цар. {5:36} Не ќе се колниш ни во својата глава, зашто не можеш ниедно влакно да го направиш бело или црно! {5:37} Туку вашиот збор нека биде: ‘да’, да - ‘не’, не! Што е повеќе од тоа, од лукавиот е.” {5:38} ”Сте чуле дека било речено: ‘Око за око и заб за заб.’ {5:39} А Јас пак ви велам: не противете му се на злото; туку, ако некој те плесне по твојот десен образ, сврти му го и другиот. {5:40} Ако некој сака да се суди со тебе и да ти ја земе кошулата, остави му ја и наметката. {5:41} Ако некој те принуди да одиш со него една милја, ти оди две со него. {5:42} Дај му на оној што бара од тебе, и не свртувај се од оној што ти сака на заем.” {5:43} ”Сте чуле дека било речено: ‘Љуби го својот ближен и мрази го својот непријател’. {5:44} А Јас ви велам: Љубете ги своите непријатели и молете се за оние, кои ве гонат; {5:45} за да бидете синови на вашиот Татко, Кој е во небесата, Кој прави Неговото сонце да изгрева над злите и над добрите, и дава дожд на праведните и на неправедните. {5:46} Зашто ако ги љубите оние, кои ве љубат вас, каква награда имате? Зар и цариниците не го прават тоа исто? {5:47} И ако ги поздравувате само своите браќа; што правите особено?Зар не го прават истото и цариниците? {5:48} И така, бидете совршени, како што е совршен вашиот небесен Татко.” {6:1} „Внимавајте да не ја вршите својата правда пред луѓето, за да ве видат тие; инаку немате награда од вашиот Татко, Кој е во небесата. {6:2} И така, кога правиш милостина, не труби пред себе, како што прават лицемерите по синагогите и по улиците, за да бидат славени од луѓето. Вистина ви велам, ја имат својата награда. {6:3} А ти, кога правиш милостина, нека не ти знае левицата, што ти прави десницата, {6:4} за да биде твојата милостина во тајност; и твојот Татко, Кој гледа во тајност, ќе те награди јавно.” {6:5} ”И кога се молите, не бидете како лицемерите, кои сакаат да се молат стоејќи по синагогите и на аглите од улиците, за да ги видат луѓето; вистина ви велам, ја имат својата награда. {6:6} А ти, кога се молиш, влези во својата скришна соба, затвори ја вратата и помоли Му се на твојот Татко, Кој е во тајност; и твојот Татко, Кој гледа во тајност, ќе те награди јавно.” {6:7} ”А кога се молите, не употребувајте напразни повторувања како народите; зашто мислат дека ќе бидат послушани, заради многуте зборови. {6:8} И така, не бидете како нив, зашто вашиот Татко знае што ви е потребно, уште пред да Го помолите. {6:9} Туку молете се вака: „Татко наш, Кој си во небесата, да се свети Твоето име; {6:10} да дојде Твоето царство, да биде Твојата волја, како во небото, така и на земјата; {6:11} нашиот насушен леб, дај ни го денес; {6:12} и прости ни ги нашите долгови, како што и ние им ги проштаваме на нашите должници; {6:13} и не воведувај нè во искушение, но избави нè од лукавиот. Зашто Твое е царството, и силата, и славата, во сите векови. Амин!” {6:14} ”Зашто, ако вие им ги простите на луѓето нивните престапи, вашиот небесен Татко ќе ви ги прости и вам. {6:15} Ако вие не им ги простите на луѓето нивните престапи, ни вашиот Татко нема да ви ги прости вашите.” {6:16} ”А кога постите, не бидете тажни како лицемерите; зашто си ги помрачуваат лицата, за да ги видат луѓето дека постат; вистина ви велам, ја имат својата награда. {6:17} А ти, кога постиш, помажи ја својата глава и измиј го своето лице, {6:18} за да не те видат луѓето дека постиш, но твојот Татко, Кој е во тајност; и твојот Татко, Кој гледа во тајност, ќе те награди јавно.” {6:19} ”Не собирајте си богатства на земјата, каде што молецот и рѓата ги уништуват, и каде што крадци поткопуваат и крадат; {6:20} туку собирајте си богатства во небото, каде што ни молец, ниту ‘рѓа ги уништува, и каде што крадци не поткопуваат и крадат; {6:21} зашто каде е твоето богатство, таму ќе биде и твоето срце.” {6:22} ”Светилото на телото е окото. И така, ако твоето око е бистро, целото твое тело ќе биде осветлено; {6:23} но ако твоето око е лукаво, целото твое тело ќе биде темно. И така, ако светлината, што е во тебе, е темнина, колкава ќе биде темнината!” {6:24} ”Никој не може да им служи на два господара; зашто или едниот ќе го мрази, а другиот ќе го љуби; или ќе му биде приврзан на едниот, а другиот ќе го презира. Не можете да им служите на Бога и на мамона.” {6:25} ”Затоа ви велам: не грижете се за својата душа, што ќе јадете или што ќе пиете; ниту за своето тело, што ќе облечете. Зар душата не е повеќе од храната, и телото од облеката? {6:26} Погледнете ги птиците небесни! Тие ниту сеат, ниту жнијат, ниту собираат во житници, и пак вашиот небесен Татко ги храни. Зар не сте вредни многу повеќе од нив? {6:27} Кој од вас може, грижејќи се, да му придаде на својот раст еден лакот? {6:28} Зошто се грижите и за облеклото? Погледнете ги полските лилјани како растат; не се трудат, ниту предат; {6:29} а Јас ви велам дека ни Соломон, во целата своја слава, не се облече како еден од нив. {6:30} И, ако Бог ја облекува така полската трева, што денес е, а утре ја фрлаат во печка, нема ли многу повеќе вас, маловерни? {6:31} И така не грижете се, велејќи: ‘Што ќе јадеме?’ или: ‘Што ќе пиеме?’ или: ‘Што ќе облечеме?’ {6:32} Зашто сето тоа го бараат народите, зашто вашиот небесен Татко знае дека ви е потребно сето ова. {6:33} Но, барајте го првин царството Божјо и Неговата правда, и сè тоа ќе ви се додаде. {6:34} И така, не грижете се за утрешниот ден, зашто утрешниот ден ќе се грижи за себеси. Доста му е на секој ден неговото зло.” {7:1} „Не судете, за да не бидете судени! {7:2} Зашто со каков суд судите, со таков ќе ви се суди; и со каква мерка мерите, со таква ќе ви се мери.” {7:3} ” Зошто ја гледаш раската во окото на твојот брат, а не ја забележуваш гредата во твоето око? {7:4} Или, како ќе му речеш на брата си: ‘Дозволи ми, да ти ја извадам раската од твоето око; а, пак, ете, во твоето око има греда?’ {7:5} Лицемере, извади ја првин гредата од твоето око, па тогаш ќе видиш јасно, како да ја извадиш раската од окото на брата си.” {7:6} ”Не давајте им го она што е свето на кучињата; ниту фрлајте ги своите бисери пред свињите, за да не ги изгазат со своите нозе, и да се завртат и да ве раскинат.” {7:7} ”Молете и ќе ви се даде; барајте и ќе најдете; чукајте и ќе ви се отвори. {7:8} Зашто секој кој моли, добива; кој бара, наоѓа, и на оној кој чука, ќе му се отвори. {7:9} Или, кој е тој човек меѓу вас, кој на својот син ако му побара леб, ќе му даде камен? {7:10} Или, ако му побара риба, ќе му даде ли змија? {7:11} И така, ако вие, кои сте зли, знаете да им давате добри дарови на своите чеда, колку повеќе вашиот Татко, Кој е во небесата, ќе им даде добра на оние, кои Го молат?” {7:12} ”И така, сè што сакате да ви прават луѓето, правете им и вие така; зашто тоа е Законот и пророците.” {7:13} ”Влезете низ тесната врата, зашто широка е вратата и простран е патот, што водат кон пропаст, и мнозина се, кои влегуваат низ неа. {7:14} Зашто тесна е вратата и тесен е патот, што водат во живот, и малцина се кои го наоѓаат.” {7:15} ”Пазете се од лажните пророци, кои ви доаѓаат во овча облека, а внатре се грабливи волци. {7:16} Ќе ги препознаете по нивните плодови. Се бере ли грозје од трње, или смокви од чичка? {7:17} Така, секое добро дрво раѓа добри плодови, а лошото дрво раѓа лоши плодови. {7:18} Не може добро дрво да дава лоши плодови, нити лошо дрво да дава добри плодови. {7:19} Секое дрво, ако не раѓа добри плодови, се сече и се фрла во оган. {7:20} И така: ќе ги препознаете по нивните плодови.” {7:21} ”Не секој, што Ми вели: ‘Господи, Господи!’ ќе влезе во царството небесно, а оној, кој ја врши волјата на Мојот Татко, Кој е во небесата. {7:22} Мнозина ќе Ми речат во оној ден: ‘Господи, Господи, не пророкувавме ли во Твое име; не изгонувавме ли бесови во Твое име; и не правевме ли многу чуда во Твое име?’ {7:23} И тогаш Јас ќе им изјавам: ‘Никогаш Јас не сум ве познавал; одете си од Мене вие, кои правите беззаконие!’ {7:24} ”И така, секој, кој ги слуша овие Мои зборови и ги исполнува, ќе го споредам Јас со благоразумен човек, кој ја изградил својата куќа на камен. {7:25} И заврна пороен дожд, и надојдоа реки, и дувнаа ветрови и навалија на таа куќа, но таа не се разурна, зашто беше заснована на камен. {7:26} И секој, кој ги слуша овие Мои зборови, а не ги исполнува, ќе биде спореден со безумен човек, кој ја изградил својата куќа на песок. {7:27} И заврна пороен дожд, и надојдоа реки, и дувнаа ветрови и навалија на таа куќа, и таа падна, и нејзиното паѓање беше големо.” {7:28} И кога Исус ги заврши овие зборови, народот се чудеше на Неговото учење; {7:29} зашто ги учеше како Оној, Кој има власт, а не како нивните книжници. {8:1} А кога слезе од гората, големо мноштво Го следеше. {8:2} И ете, еден лепрозен Му пристапи и падна пред Него ничкум, велејќи: „Господи, ако сакаш, можеш да ме очистиш.” {8:3} Тогаш Исус ја испружи својата рака и го допре, велејќи: „Сакам! Биди очистен!” И веднаш се очисти неговата лепра. {8:4} И Исус му рече: „Гледај, никому да не му кажеш, туку оди, покажи му се на свештеникот и принеси го дарот, што го заповедал Мојсеј, ним за сведоштво.” {8:5} А кога влезе Исус во Капернаум, Му пристапи еден стотник и Го молеше, велејќи: {8:6} ”Господи, мојот слуга лежи фатен дома и многу се мачи.” {8:7} Исус му рече: „Јас ќе дојдам и ќе го исцелам.” {8:8} А стотникот во одговор му рече: „Господи, не сум достоен да влезеш под мојот покрив; туку кажи само збор и мојот слуга ќе биде исцелен. {8:9} Зашто исто и јас сум подвластен човек, и имам војници под себе; му кажувам на едниот: ‘Оди!’ и тој оди; и на другиот: ‘Дојди!’ - и доаѓа; а на својот слуга: ‘Направи го тоа!’ - и тој прави. {8:10} А кога Исус го чу тоа се зачуди и им рече на оние, кои Го следеа: „Вистина ви велам, во никого во Израел не најдов толкава вера. {8:11} И ви велам дека мнозина ќе дојдат од исток и од запад, и ќе седнат со Авраама, Исака и Јакова во царството небесно; {8:12} а синовите на царството ќе бидат фрлени во крајна темнина, каде ќе биде плач и чкртање на заби.” {8:13} И Исус му рече на стотникот: „Оди си, нека ти биде, како што си верувал.” И неговиот слуга оздраве во истиот час. {8:14} И кога Исус дојде во Петровиот дом, ја виде неговата тешта како лежи болна од треска. {8:15} Ја допре раката нејзина, и треската ја остави, и таа стана и им служеше. {8:16} А кога настапи вечер, Му доведоа многу опфатени од демони. Тој со збор ги истера духовите и ги исцели сите болни. {8:17} За да се исполни кажаното преку пророкот Исаија, кој вели: „Тој ги зеде нашите слабости и ги понесе нашите болести.” {8:18} А кога Исус виде големо мноштво околу Себе, заповеда да отпловат на другата страна. {8:19} И пристапувајќи Му еден книжник Му рече: „Учителе, јас ќе Те следам каде и да одиш.” {8:20} А Исус му рече: „Лисиците имаат легла и птиците небесни - гнезда, а Синот Човечки нема каде да ја положи главата.” {8:21} А друг од Неговите ученици Му рече: „Господи, дозволи ми најнапред да отидам и да го погребам татка си.” {8:22} А Исус му рече: „Следи Ме и остави ги мртвите да ги погребуваат своите мртовци.” {8:23} И кога влезе во коработ, Неговите ученици Го следеа. {8:24} И ете, голема бура се подигна во морето, така што брановите го покриваа коработ; а Тој спиеше. {8:25} И Му пристапија учениците и Го разбудија, велејќи: „Господи, спаси нè! Загинуваме!” {8:26} И им рече: „Зошто се боите, маловерни?” Тогаш стана, ги прекори ветровите и морето, и настана голема тишина. {8:27} А луѓето се зачудија и рекоа: „Каков е Овој, та и ветровите и морето Му се покоруваат!?” {8:28} И кога дојде на другата страна, во Гадаринската земја, Го сретнаа двајца опседнати од демони, кои излегоа од гробовите, многу свирепи, така што никој не можеше да помине по оној пат. {8:29} И ете, извикаа, велејќи: „Што имаш со нас Ти, Исусе Сине Божји! Дали дојде ваму, за да нè измачуваш пред време?” {8:30} А далеку од нив пасеше големо стадо свињи. {8:31} А демоните Го молеа, велејќи: „Ако нè изгониш, позволи ни да отидеме во свињите.” {8:32} И им рече: „Отидете!” А тие излегоа и отидоа во свињите; и ете, целото стадо се стрча низ карпата во морето, и загина во водите. {8:33} А свињарите побегнаа, и штом дојдоа во градот, известија за сè, и за она што им се случи на опседнатите. {8:34} И ете, целиот град Му излезе во пресрет на Исуса, и кога Го видоа Го замолија да си отиде од нивниот крај. {9:1} И откако влезе во коработ, премина и дојде во Својот град. И ете, Му донесоа фатен, кој лежеше на постела. {9:2} А кога Исус ја виде нивната вера, му рече на фатениот: „Охрабри се, синко. Ти се простуваат твоите гревови.” {9:3} И ете, некои од книжниците си рекоа во себеси: „Овој богохулствува.” {9:4} А Исус, знаејќи ги нивните мисли, рече: „Зошто мислите зло во вашите срца? {9:5} Па што е полесно да се рече: ‘Ти се проштаваат гревовите’, или да се рече: ‘Стани и оди?’ {9:6} Но, за да знаете дека Синот Човечки има власт на земјата да проштава гревови, тогаш му рече на фатениот: „Стани, подигни си ја постелата и оди си дома.” {9:7} И стана и си отиде дома. {9:8} А народот, кога го виде тоа, се исплаши и Го прослави Бога, Кој им даде таква власт на луѓето. {9:9} А кога Исус си одеше оттаму виде еден човек, по име Матеј, како седи при митницата, и му рече: „Следи Ме!” Тој стана и Го следеше. {9:10} И се случи, откако седна Тој на трпезата во куќата, ете, многу цариници и грешници дојдоа и седнаа со Исуса, и со Неговите ученици. {9:11} Штом фарисеите го видоа тоа, им рекоа на Неговите ученици: „Зошто вашиот Учител јаде со цариниците и грешниците?” {9:12} А Тој, кога го чу тоа, рече: „На здравите не им треба лекар, туку на болните! {9:13} Но, одете и научете што значи: ‘Милост сакам, а не жртви’; зашто не дојдов да ги повикам праведниците, туку грешниците на покајание.” {9:14} Тогаш Јовановите ученици дојдоа при Него и рекоа: „Зошто ние и фарисеите постиме многу, а Твоите ученици не постат?” {9:15} А Исус им рече: „Можат ли сватовите да жалат, додека е младоженецот со нив? Но, ќе дојдат дни кога ќе им се одземе младоженецот; и тогаш ќе постат. {9:16} Никој не става крпа од ново сукно на стара облека, зашто крпежот ќе кине од облеката и скинатото станува полошо. {9:17} Ниту ново вино се налева во стари мевови; инаку мевовите се кинат, виното истечува и мевовите пропаѓаат. Туку ново вино се налева во нови мевови, па се запазуваат и двете заедно.” {9:18} Додека им зборуваше за тоа, ете, еден началник на синагогата дојде, падна пред Него ничкум и рече: „Мојата ќерка умре сега; туку дојди и положи ја Својата рака на неа, и таа ќе живее.” {9:19} И Исус стана и го следеше, со Своите ученици. {9:20} И ете, жена, која боледуваше дванаесет години од крварење Му се приближи одназад и се допре до ресите на неговата облека. {9:21} Зашто си велеше во себеси: „Само ако се допрам до Неговата облека, ќе се излечам.” {9:22} А Исус се сврте, ја виде и и рече: „Охрабри се, ќерко. Твојата вера те исцели.” И жената беше исцелена од тој час. {9:23} И кога Исус дојде во куќата на началникот, ги виде свирачите и народот како вика, {9:24} и рече: „Отстранете се, зашто девојчето не е умрено, туку спие.” И тие Му се потсмевнуваа. {9:25} Откако го истера народот, влезе и ја фати за рака, и девојчето стана. {9:26} И гласот за тоа се рашири по сета онаа земја. {9:27} И кога Исус си одеше оттаму, двајца слепци Го следеа, викајќи и зборувајќи: „Смилувај ни се, Сине Давидов!” {9:28} А кога дојде во куќата, слепците Му пристапија, а Исус им рече: „Верувате ли дека можам да го направам тоа?” Му рекоа: „Да, Господи!” {9:29} Тогаш ги допре нивните очи, велејќи: „Нека ви биде според вашата вера.” {9:30} И очите им се отворија. И Исус им заповеда строго: „Гледајте, никој да не научи за тоа!” {9:31} А тие, штом излегоа, Го разгласија по сета онаа земја. {9:32} Додека тие излегуваа, ете, Му доведоа човек нем и опфатен од демон. {9:33} Откако демонот беше изгонет, немиот проговори. И мноштвата восхитени, зборуваа: „Никогаш не се видело вакво нешто во Израел!” {9:34} А фарисеите велеа: „Тој ги изгонува демоните преку владетелот на демоните.” {9:35} И Исус ги обиколуваше сите градови и села, поучувајќи во нивните синагоги и проповедајќи го Евангелието на царството и исцелувајќи секаква болест и секаква слабост меѓу луѓето. {9:36} А кога ги виде мноштвата, беше поттикнат со сожалување за нив, зашто беа изморени и распрснати како овци, кои немаат пастир. {9:37} Тогаш им рече на Своите ученици: „Жетвата навистина е голема, а работници малку, {9:38} молете Го тогаш Господарот на жетвата да испрати работници во Својата жетва.” {10:1} И ги повика Своите дванаесет ученици при Себе, и им даде власт над нечистите духови да ги изгонуваат и да исцелуваат секаква болест и секаква слабост. {10:2} А ова се имињата на дванаесетте апостоли: првиот Симон, наречен Петар, и неговиот брат Андреј, па Јаков Заведеев и брат му Јован, {10:3} Филип и Вартоломеј, Тома и Матеј цариникот, Јаков Алфеев и Тадеј, {10:4} Симон Кананит и Јуда Искариотски, кој и Го предаде. {10:5} Исус ги испрати тие дванаесетмина и им нареди, говорејќи: „Не одете по пат кај народите, и не влегувајте во град на Самарјаните; {10:6} туку одете подобро кај изгубените овци на Израелевиот дом. {10:7} И одејќи, проповедајте и кажувајте дека се приближи царството небесно. {10:8} Исцелувајте ги болните, воскреснувајте ги мртвите, очистете ги лепрозните, изгонувајте демони; бесплатно добивте, бесплатно давајте. {10:9} Не набавувајте ни злато, ни сребро, ниту бакар во вашите појаси; {10:10} ниту торба за пат, ни две облеки, ни обувки, ни стап, зашто работникот ја заслужува својата прехрана. {10:11} А кога влезете во кој и да било град или село, распрашајте кој е достоен во него; и останете таму додека не отидете од него. {10:12} А кога ќе влезете во домот, поздравете го. {10:13} И ако навистина куќата биде достојна, вашиот мир нека дојде на неа; а ако не биде достојна, вашиот мир нека ви се врати вам. {10:14} И ако некој не ве прими, ниту ги послуша вашите зборови, кога излегувате од таа куќа или град истресете го правот од вашите нозе. {10:15} Вистина ви велам, полесно ќе и биде на Содомската и Гоморската земја во судниот ден, отколку на оној град.” {10:16} ”Ете, Јас ве испраќам како овци меѓу волци; затоа бидете мудри како змии и безопасни како гулаби. {10:17} Чувајте се од луѓето, зашто ќе ве предаваат на судовите и ќе ве бичуваат во своите синагоги. {10:18} Ќе ве изведуваат пред управителите и царевите, заради Мене, за сведоштво на нив и на народите. {10:19} А кога ќе ве предадат, не грижете се како или што ќе зборувате, зашто во оној час ви е дадено што треба да кажете; {10:20} зашто не сте вие кои зборувате, туку Духот на вашиот Татко, Кој зборува во вас. {10:21} А братот ќе го предаде брата си на смрт, и таткото - детето, и децата ќе станат против родителите и ќе ги убиваат. {10:22} И ќе бидете намразени од сите заради Моето име; но, кој претрпи до крај, тој ќе биде спасен. {10:23} Кога ќе ве гонат во градов, бегајте во друг; зашто вистина ви велам, нема да ги обиколите израелевите градови додека дојде Синот Човечки.” {10:24} ”Ученикот не е над учителот, ниту слугата над својот господар. {10:25} Доста му е на ученикот да стане како неговиот учител и на слугата како неговиот господар. Ако стопанот на куќата го нарекоа Велзевул, колку повеќе неговите домашни! {10:26} Затоа, не бојте се од нив; зашто нема ништо покриено, што не ќе се открие, ниту сокриено што не ќе се дознае. {10:27} Што ви говорам во темнина, кажете го во светлина; и што ќе чуете на уво, прогласете го од покривите. {10:28} И не бојте се од оние кои го убиваат телото, а душата не можат да ја убијат. Туку бојте се повеќе од Оној, Кој може да ги погуби и душата и телото во пеколот. {10:29} Не се продаваат ли две врапчиња за асариј? Па ниедно од нив не паѓа на земјата без волјата на вашиот Татко. {10:30} А вам ви се изброени дури и влакната на главата. {10:31} И така, не бојте се. Вие сте поскапи од многу врапчиња.” {10:32} ”И така, секој кој Ме признава Мене пред луѓето, ќе го признаам и Јас него пред Мојот Татко, Кој е во небесата. {10:33} А кој ќе се одрече од Мене пред луѓето, и Јас ќе се одречам од него пред Мојот Татко, Кој е во небесата.” {10:34} ”Не мислете дека дојдов да донесам мир на земјата. Не дојдов да донесам мир, но меч. {10:35} Зашто дојдов да го раздвојам човекот од неговиот татко и ќерката од нејзината мајка, и снаата од нејзината свекрва, {10:36} и непријатели на човекот ќе бидат неговите домашни. {10:37} Кој го љуби таткото или мајката, повеќе од Мене, не е достоен за Мене, и кој го љуби синот или ќерката, повеќе од Мене, не е достоен за Мене; {10:38} и кој не го зема својот крст и не оди по Мене, не е достоен за Мене. {10:39} Кој ќе ја најде својата душа, ќе ја изгуби; и кој ќе ја изгуби својата душа заради Мене, ќе ја најде.” {10:40} ”Кој ве прима вас, Ме прима Мене, а кој Ме прима Мене, Го прима Оној, Кој Ме пратил. {10:41} Кој прима пророк во име на пророк, ќе прими пророчка награда; и кој прима праведник во име на праведник, ќе прими праведничка награда. {10:42} Кој ќе напои еден од овие мали само со чаша студена вода, зашто е ученик, вистина ви велам, никако нема да ја загуби својата награда.” {11:1} А кога Исус заврши заповедувајќи им на Своите дванаесет ученици, замина оттаму да поучува и да проповеда во нивните градови. {11:2} Кога Јован чу во темницата, за делата на Христос, испрати двајца од своите ученици, {11:3} и Му рече: „Ти ли си Оној, Кој треба да дојде, или да очекуваме друг?” {11:4} Исус им одговори и рече: „Одете и јавете му на Јована што слушате и што гледате: {11:5} слепите прогледуваат и хромите одат, лепрозните се очистуваат и глувите слушаат, мртви воскреснуваат и бедните го примаат Евангелието; {11:6} и блажен е оној, кој не се соблазнува заради Мене.” {11:7} Кога тие си отидоа, Исус почна да му зборува на народот за Јована: „Што излеговте да видите во пустината? Трска ли што ветерот ја лулее? {11:8} Но што излеговте да видите? Човек ли облечен во меки облеки? Ете, тие кои носат меки облеки се во царските дворци. {11:9} Туку зошто излеговте? Да видите ли пророк? Да, ви велам, и повеќе од пророк. {11:10} Овој е оној, за кого е пишано: ‘Еве, го испраќам Мојот вестител пред Твоето лице, кој ќе го приготви Твојот пат пред Тебе.’ {11:11} Вистина ви велам, меѓу родените од жени не се подигнал поголем од Јована Крстител; но, најмалиот во царството небесно е поголем од него. {11:12} А од дните на Јована Крстител досега царството небесно трпи насилство и насилниците го земаат насила; {11:13} зашто сите пророци и Законот пророкуваа до Јована; {11:14} и ако сакате да примите, тој е Илија, кој треба да дојде. {11:15} Кој има уши нека слуша!” {11:16} ”А со што да го споредам овој род? Личи на децата, кои седат по трговиштата и им викаат на другарите, {11:17} велејќи: ‘Ви свиревме на свирол и не игравте, ви пеевме жални песни и не жалевте.’ {11:18} Зашто дојде Јован, кој ниту јаде, ниту пие, а тие велат: „Има демон!” {11:19} Дојде Синот Човечки, кој јаде и пие, па велат: „Еве, човек лаком и пијаница, пријател на цариници и на грешници! „И мудроста се оправда преку нејзините дела.” {11:20} Тогаш почна да ги укорува градовите, во кои се случија најмногу Негови чуда, зашто не се покајаа. {11:21} ”Тешко тебе, Хоразине! Тешко тебе, Витсаидо! Зашто ако во Тир и Сидон се случија чудата, што се случија при вас, одамна би се покајале во вреќиште и пепел. {11:22} Но, ви велам: полесно ќе им биде на Тир и Сидон во судниот ден, отколку вам. {11:23} И ти, Капернауме, до небото ли ќе се воздигнеш? Ќе слезеш до пеколот. Зашто ако во Содом се случеа чудата, што се случија во тебе, ќе останеше до денешен ден. {11:24} Но ви велам, на земјата Содомска ќе и биде полесно на судниот ден, отколку тебе.” {11:25} Во тоа време, Исус одговори и рече: „Те фалам, Татко, Господи на небото и на земјата, зашто си го скрил тоа од мудрите и разумните, а си го открил на младенците. {11:26} Да, Татко, зашто така беше угодно пред Тебе. {11:27} Сè Ми е предадено од Мојот Татко, и никој не Го познава Синот, освен Таткото; ниту некој Го познава Таткото, освен Синот, и оној кому Синот сака да му открие.” {11:28} ”Дојдете при Мене сите, кои се трудите и сте обременети, и Јас ќе ви дадам одмор. {11:29} Земете го Мојот јарем на себе и научете се од Мене, зашто Јас сум кроток и понизен по срце; и ќе најдете одмор на своите души; {11:30} зашто Мојот јарем е пријатен и Моето бреме е лесно.” {12:1} Во она време, Исус минуваше низ посевите во сабота; а Неговите ученици огладнеа и почнаа да кинат класје и да јадат. {12:2} А фарисеите штом го видоа тоа, Му рекоа: „Гледај, Твоите ученици прават, што не е дозволено да се прави во сабота.” {12:3} А Тој им рече: „Зар не сте читале што направи Давид, кога огладне тој и оние кои беа со него? {12:4} Како влезе во Божјиот дом и ги изеде изложените лебови, што не смееја да ги јадат ни тој, ни неговите другари, а само свештениците? {12:5} Или, зар не сте читале во Законот дека свештениците, во сабота во Храмот, ја осквернуваат саботата и не се виновни? {12:6} Но Јас ви велам, има тука еден што е Поголем од Храмот. {12:7} Ако би сте знаеле што значи: ‘Милост сакам, а не жртва,’ немаше да ги осудите невините. {12:8} Зашто Синот Човечки е Господар и на саботата.” {12:9} И кога си замина оттаму, дојде во нивната синагога. {12:10} И ете, таму беше човек со исушена рака; и - за да Го обвинат - го прашаа, велејќи: „Дали е дозволено да се исцелува во саботите?” {12:11} А Тој им рече: „Кој човек од вас, ако има една овца, и таа падне во саботен ден во јама, не ќе ја фати и не ќе ја извади? {12:12} А колку е поскап човекот од овцата. Затоа е дозволено да се прави добро во сабота.” {12:13} Тогаш му рече на човекот: „Протегни си ја раката!” И тој ја протегна, и таа стана здрава како и другата. {12:14} А фарисеите излегоа и се советуваа против Него, како да Го погубат. {12:15} Но знаејќи го тоа, Исус се отстрани оттаму; а мнозина Го следеа и ги исцели сите, {12:16} и ги предупреди да не разгласуваат за Него; {12:17} за да се исполни кажаното преку пророкот Исаија, кој рече: {12:18} ”Еве Го Мојот Слуга, Кого Го избрав; Мојот Возљубен, во Кого Ми е милината на Мојата душа. Ќе Го положам Мојот Дух на Него и ќе им објави суд на народите. {12:19} Нема да се препира, ниту ќе вика, ниту некој ќе го чуе Неговиот глас по улиците. {12:20} Нема да докрши прекршена трска, ниту ќе угасне фитиљ што тлее, додека го изведе судот кон победа. {12:21} И народите ќе се надеваат во Неговото Име.” {12:22} Тогаш доведоа при Него еден опседнат од демон, кој беше слеп и нем; и го исцели, така што слепонемиот проговори и прогледа. {12:23} И сите мноштва се восхитуваа и зборуваа: „Не е ли Овој Синот Давидов?” {12:24} А фарисеите, кога го чуја тоа, рекоа: „Овој ги изгонува демоните само преку Велзевул, владетелот на демоните.” {12:25} Исус знаејќи ги нивните мисли, им рече: „Секое царство, разделено против себеси, запустува, и секој град или дом, кој се разделил против себеси, нема да опстане. {12:26} И ако сатаната изгонува сатана, тој се разделил против себеси, и како ќе опстане неговото царство? {12:27} И ако Јас ги изгонувам демоните преку Велзевула, преку кого ги изгонуваат вашите синови? Затоа тие ќе ви бидат судии; {12:28} но, ако Јас ги изгонувам демоните преку Духот Божји, тогаш царството Божјо дошло врз вас. {12:29} Или, како може некој да влезе во куќа на силен човек и да му ја плени покуќнината, ако најнапред не го врзе силниот, и тогаш ќе му ја ограби куќата? {12:30} Кој не е со Мене, тој е против Мене; и кој не собира со Мене, растура. {12:31} Затоа ви велам: секој грев и хула ќе им се прости на луѓето, но хулата против Духот нема да се прости. {12:32} И ако некој рече збор против Синот Човечки, ќе му се прости; но ако некој рече против Светиот Дух, нема да му се прости ниту во овој век, ниту во идниот. {12:33} Или направете го дрвото добро, и неговиот плод добар; или направете го дрвото расипано, и неговиот плод расипан; зашто дрвото се познава по плодот. {12:34} Породи змиини! Како можете да зборувате добро, кога сте зли? Зашто од преполнувањето на срцето зборува устата. {12:35} Добриот човек од доброто сокровиште донесува добри нешта; а злиот човек од злото сокровиште донесува зли нешта. {12:36} И ви велам, дека за секој празен збор, што ќе го изговорат луѓето, ќе одговараат на судниот ден; {12:37} зашто по твоите зборови ќе бидеш оправдан, и по твоите зборови ќе бидеш осуден. {12:38} Тогаш некои од книжниците и фарисеите Му одговорија, велејќи: „Учителе, сакаме да видиме знак од Тебе.” {12:39} А Тој им одговори и рече: „Зло и прељуботворно поколение бара знак, и нема да му се даде знак, освен знакот на Јона пророкот. {12:40} Зашто, како што Јона беше во утробата на големата риба три дни и три ноќи, така и Синот Човечки ќе биде во срцето на земјата три дни и три ноќи.” {12:41} ”Ниневијските мажи ќе станат на суд со ова поколение и ќе го осудат, зашто се покајаа од проповедта на Јона; а еве, тука е Поголем од Јона. {12:42} Царицата на југот ќе се крене на суд со ова поколение и ќе го осуди; зашто дојде од краиштата на земјата, за да ја чуе мудроста на Соломон; а еве, тука е Поголем од Соломона.” {12:43} Кога нечистиот дух излегува од човек, минува низ безводни места барајќи одмор, и не го наоѓа. {12:44} Тогаш вели: ‘Ќе се вратам во својата куќа, од каде излегов.’ И кога дојде, ја најде празна, изметена и уредена. {12:45} Тогаш оди и зема со себе седум други духови, полоши од себе; и влегуваат и живеат таму; и последната состојба на оној човек станува полоша од првата, така ќе му биде и на ова зло поколение.” {12:46} Додека Тој уште им зборуваше на мноштвата, ете, мајка Му и браќата Негови стоеја надвор и сакаа да Му зборуваат. {12:47} И некој Му рече: „Еве, мајка Ти и Твоите браќа стојат надвор и сакаат да Ти зборуваат.” {12:48} А Тој во одговор му рече на оној, кој му кажа: „Која е Мојата мајка, и кои се Моите браќа?” {12:49} И ја протегна Својата рака кон Своите ученици и рече: „Еве ја Мојата мајка и Моите браќа; {12:50} зашто, кој ја врши волјата на Мојот Татко, Кој е во небесата, тој Ми е брат, и сестра, и мајка.” {13:1} Во оној ден Исус излезе од куќата и седна покрај морето. {13:2} И големи мноштва се собраа до Него, така што Тој влезе во кораб и седна, а сето мноштво стоеше на брегот. {13:3} И им говореше многу во параболи, велејќи: „Ете, сејач излезе да сее, {13:4} и кога сееше, некои зрна паднаа покрај патот, и птици дојдоа и ги исколваа. {13:5} Други паднаа на каменити места, каде немаше многу земја, и набргу никна, зашто немаше длабока земја. {13:6} А кога изгреа сонцето, изгореа, и бидејќи немаа корен, се исушија. {13:7} Други паднаа меѓу трње, и трњето израсна и ги загуши. {13:8} Други паднаа на добра земја и дадоа плод: едното сто, другото шеесет, а другото триесет. {13:9} Кој има уши да слуша, нека слуша!” {13:10} И учениците Му се приближија и Му рекоа: „Зошто им зборуваш во параболи?” {13:11} А Тој им одговори и рече: „Затоа што вам ви е дадено да ги знаете тајните на царството небесно, а ним не им е дадено. {13:12} Зашто кој има, ќе му се даде и ќе има изобилие; а кој нема, ќе му се одзеде и она, што го има. {13:13} Затоа им зборувам во параболи, зашто гледаат и не видуваат, слушаат и не чујат, ниту разбираат. {13:14} И врз нив се исполнува пророштвото на Исаија, кое вели: ‘Со уши ќе слушате и нема да разбирате; со очите ќе гледате и нема да видите. {13:15} Зашто срцето на овој народ отапело; и со ушите тешко слушаат, и ги затворија своите очи; за да не гледаат со очите, или да слушаат со ушите, и да разберат со срцето и да се обратат, и Јас да ги исцелам.’ {13:16} А вашите очи се блажени, зашто гледаат; и вашите уши зашто слушаат. {13:17} Зашто вистина ви велам, дека мнозина пророци и праведници посакуваа да видат што гледате вие, и не видоа, и да чујат што слушате вие, и не чуја.” {13:18} ”И така, чујте ја вие параболата за сејачот. {13:19} Кога некој го слуша словото за царството, а не го разбира, тогаш доаѓа лукавиот и го граби тоа што е посеано во неговото срце; тоа е, што е посеано покрај патот. {13:20} А посеаното на каменити места е оној, кој го слуша словото и веднаш го прима со радост, {13:21} но нема корен во себе, и привремен е, и кога ќе настане неволја или гонење заради словото, веднаш се соблазнува. {13:22} А посеаното меѓу трње е оној, кој го слуша словото, но грижите за светов и измамата на богатството го загушуваат словото, и станува неплоден. {13:23} А посеаното на добра земја е оној, кој го слуша словото и го разбира; кој навистина раѓа плод и донесува: едниот стократно, другиот шеесет, и другиот триесет.” {13:24} Им претстави и друга парабола, велејќи: „Царството небесно е слично на човек, кој посеал добро семе на својата нива. {13:25} Но, кога луѓето спиеја, дојде неговиот непријател и посеа какол меѓу пченицата и си отиде. {13:26} А кога посевот порасте и донесе плод, тогаш се покажа и каколот. {13:27} А слугите на домаќинот пристапија и му рекоа: ‘Господару, зар не посеа добро семе на својата нива? Тогаш, откаде е каколот во неа?’ {13:28} А тој им рече: ‘Човек непријател го направи тоа.’Слугите пак му рекоа: ‘Сакаш ли тогаш да одиме и да го исплевиме?’ {13:29} А тој рече: „Не, да не би корнејќи го каколот, да ја откорнете со него и пченицата. {13:30} Оставете ги нека растат двете заедно до жетвата. А во времето на жетвата ќе им речам на жетварите: ‘Соберете го најнапред каколот и врзете го во снопови, за горење; а житото приберете го во мојата житница’.” {13:31} Друга парабола им претстави, велејќи: „Царството небесно е слично на синаповото зрно, кое човекот го зеде и го посеа на својата нива; {13:32} тоа е навистина најмало од сите семиња, но кога е пораснато, поголемо е од зеленчуците и станува дрво, така што птиците небесни доаѓаат и се гнездат на неговите гранки.” {13:33} Друга парабола им кажа: „Царството небесно е слично на квас, што го зема жена и го сокри во три мери брашно, додека скисне сето.” {13:34} Сето ова Исус им го кажа на народот во параболи, и без парабола Тој не им говореше; {13:35} за да се исполни реченото преку пророкот, кој вели: „Ќе ја отворам Својата уста во параболи; ќе го објавам сокриеното од создавањето на светот.” {13:36} Тогаш ги отпушти мноштвата и дојде во куќата. И Неговите ученици дојдоа при Него и рекоа: „Објасни ни ја параболата за каколот на нивата.” {13:37} А Тој им одговори и рече: „Сејачот на доброто семе е Синот Човечки. {13:38} Нивата е светот; доброто семе, тоа се синовите на Царството; а каколот се синовите на лукавиот, {13:39} а непријателот, што го посеа, е ѓаволот. Жетвата е свршетокот на векот, а жетварите се ангели. {13:40} Како што каколот се собира и се гори во оган, така ќе биде и на свршетокот на векот. {13:41} Синот Човечки ќе ги испрати Своите ангели, кои ќе ги соберат од Неговото царство сите соблазни, и оние, кои вршат беззаконие, {13:42} и ќе ги фрлат во огнена печка; таму ќе биде плач и чкртање со заби. {13:43} Тогаш праведниците ќе светнат како сонце во Царството на својот Татко. Кој има уши да слуша, нека слуша!” {13:44} ”И пак, царството небесно е слично на благо сокриено во нивата, кое човекот го нашол и го скрил, па во својата радост оди и продава сè што има, и ја купува таа нива.” {13:45} ”И пак, царството небесно е слично и на трговец, кој бара убави бисери. {13:46} А кога најде еден скапоцен бисер, оди и продава сè што има, и го купува.” {13:47} ”И пак, царството небесно уште е слично на мрежа, фрлена во морето, која собира риби од секаков вид. {13:48} Кога се наполни, ја извлекоа на брегот и седнаа, па ги собраа добрите во садови, а лошите ги исфрлија. {13:49} Така ќе биде и на свршетокот на векот; ангелите ќе излезат и ќе ги одделат злите од среде праведните, {13:50} и ќе ги фрлат во огнена печка; таму ќе биде плач и чкртање на заби.” {13:51} Исус им рече: „Дали го разбравте сето ова?” Му рекоа: „Да Господи!” {13:52} А Тој им рече: „Затоа секој книжник, поучен за царството небесно, прилега на домаќин, кој од својата ризница изнесува ново и старо.” {13:53} И се случи кога Исус ги сврши тие параболи, да замине оттаму. {13:54} И штом дојде во Својот роден крај, ги поучуваше во нивните синагоги, така што се зачудуваа и зборуваа: „Откаде Му се на Овој оваа мудрост и силни дела? {13:55} Не е ли Овој син на дрводелецот? Мајка Му не ли се вика Марија, а Неговите браќа: Јаков, Јосиф, Симон и Јуда? {13:56} И Неговите сестри не се ли сите со нас? Откаде Му е тогаш на Овој сето тоа?” {13:57} И се соблазнуваа во Него. А Исус им рече: „Пророкот не е без чест, освен во својата татковина и во својот дом.” {13:58} И не изврши таму многу силни дела, заради нивното неверување. {14:1} Во она време четворовласникот Ирод го чу гласот за Исуса; {14:2} и им рече на своите слуги: „Тоа е Јован Крстител; тој воскреснал од мртвите, и затоа силните дела дејствуваат во Него.” {14:3} Зашто Ирод го фати Јована, го врза и го стави во затвор, заради Иродијада, жената на брата си Филипа; {14:4} бидејќи Јован му велеше: „Не ти е дозволено да ја имаш.” {14:5} И сакајќи да го убие, се боеше од народот, зашто го држеше за пророк. {14:6} А кога се празнуваше Иродовиот роденден, Иродијадината ќерка играше среде и му угоди на Ирода, {14:7} затоа, тој со клетва и вети да и даде, што и да му побара. {14:8} А таа, наговорена од својата мајка, рече: „Дај ми ја тука на послужавник главата на Јован Крстител.” {14:9} И царот се ожалости, но заради клетвите и заради оние што седеа со него, заповеда да и ја дадат, {14:10} и испрати, па го обезглавија Јована во затворот. {14:11} И неговата глава беше донесена на послужавник и дадена на девојката, а таа ја однесе на мајка си. {14:12} И неговите ученици дојдоа, го зедоа телото и го погребаа, и отидоа и Му јавија на Исуса. {14:13} А кога го чу тоа Исус, се повлече оттаму со кораб, во пусто место, насамо. Но мноштвата чуја и Го следеа пеш од градовите. {14:14} И кога излезе виде големо мноштво, беше поттикнат со сожалување кон нив и ги исцели нивните болни. {14:15} А кога се свечери Неговите ученици дојдоа при Него и Му рекоа: „Местово е пусто и времето е веќе поодминато; распушти ги мноштвата да отидат по селата за да си купат храна.” {14:16} Но Исус им рече: „Нема потреба да одат, дајте им вие да јадат!” {14:17} А тие Му рекоа: „Тука немаме ништо, но само пет лебови и две риби.” {14:18} А Тој им рече: „Донесете Ми ги тука.” {14:19} И заповеда народот да седне по тревата; ги зеде петте лебови и двете риби, погледна кон небото и благослови; ги раскрши лебовите и им ги даде на учениците, а учениците на мноштвата. {14:20} И сите јадоа и се наситија; и го дигнаа преостанатото од парчињата, дванаесет кошеви полни. {14:21} А оние, кои јадеа, беа околу пет илјади мажи, освен жените и децата. {14:22} И веднаш ги натера Исус учениците Свои да влезат во кораб и да отидат пред Него на другата страна, додека да го распушти народот. {14:23} И штом го распушти народот, се искачи на гората, за да се моли насамо. А кога се свечери, беше Сам таму. {14:24} А коработ веќе беше многу стадии далеку од брегот, измачуван од брановите, зашто ветерот беше спротивен. {14:25} А во четвртата ноќна стража дојде при нив, одејќи по морето. {14:26} Кога Го видоа како оди по морето, учениците се исплашија и рекоа: „Тоа е привидение!” и извикаа од страв. {14:27} А Исус веднаш им проговори и рече: „Бидете храбри! Јас Сум! Не бојте се.” {14:28} А Петар Му одговори и рече: „Господи, ако си Ти, нареди ми да дојдам при Тебе по водата.” {14:29} Тој пак рече: „Дојди!” И Петар слезе од коработ и одеше по водата да дојде при Исуса. {14:30} Но кога го виде силниот ветер, се исплаши, почна да тоне и извика, велејќи: „Господи, спаси ме!” {14:31} А Исус веднаш ја испружи раката, го фати и му рече: „Маловерен, зошто се посомнева?” {14:32} И кога влегоа во коработ, ветрот престана. {14:33} А оние, кои беа во коработ, дојдоа и Му се поклонија, велејќи: „Навистина Ти си Божји Син.” {14:34} И кога преминаа, дојдоа во Генисаретската земја. {14:35} И кога Го познаа луѓето од тоа место, испратија по целата онаа околија и Му ги донесоа сите кои беа болни, {14:36} и Го молеа да се допрат само до ресите на Неговата облека; и колку и да се допреа, сите се исцелуваа. {15:1} Тогаш фарисеите и книжниците, од Ерусалим, Му пристапија на Исуса и рекоа: {15:2} ”Зошто Твоите ученици го престапуваат преданието на старите? Бидејќи не си ги мијат рацете, кога јадат леб.” {15:3} А Тој во одговор им рече: „Зошто и вие ја престапувате Божјата заповед, заради вашето предание? {15:4} Зашто Бог рекол: ‘Почитувај ги татка си и мајка си,’ и ‘Кој го злоречува татка си или мајка си, со смрт нека умре;’ {15:5} а вие велите: кој ќе му рече на татка си, или на мајка си: ‘Она со што би можел да се ползуваш од мене, Му е подарено на Бога, {15:6} тој не треба да дава на татка си или мајка си;’ и така го укинавте Божјиот збор заради вашето предание. {15:7} Лицемери! Добро Исаија пророкуваше за вас, велејќи: {15:8} ’Овој народ Ме почитува со усните, а нивното срце е далеку од Мене. {15:9} Но напразно Ми се поклонуваат, учејќи науки, што се човечки заповеди.’” {15:10} И го повика мноштвото и им рече: „Слушајте и разберете! {15:11} Не она, што влегува во устата го онечистува човекот, туку она што излегува од устата, тоа го онечистува човекот.” {15:12} Тогаш учениците Му се приближија и рекоа: „Знаеш ли, дека фарисеите се соблазнија кога го чуја тој збор?” {15:13} А Тој одговори и рече: „Секоја садница, што не ја насадил Мојот небесен Татко, ќе биде откорната. {15:14} Оставете ги. Тие се слепи водачи на слепите; а ако слепец води слепец, обата ќе паднат во јама.” {15:15} А Петар одговори и Му рече: „Објасни ни ја параболава.” {15:16} А Исус им рече: „И вие ли сте уште без разбирање? {15:17} Не разбирате ли дека сè што влегува во устата оди во стомакот и се исфрла надвор? {15:18} А она, што излегува од устата, произлегува од срцето, и тоа го онечистува човекот. {15:19} Зашто од срцето произлегуваат: зли мисли, убиства, прељуби, блудства, кражби, лажни сведоштва, хули. {15:20} Тие се нештата кои го онечистуваат човекот. А јадењето со неизмиени раце не го онечистува човекот.” {15:21} И откако излезе оттаму, Исус се повлече во краевите на Тир и Сидон. {15:22} И ете, жена Хананејка, излезе од оние краишта и извика кон Него, велејќи: „Смилувај ми се, Господи, Сине Давидов! Мојата ќерка е лошо опседната од демон.” {15:23} Но Тој не и одговори ни збор. И приближувајќи Му се, Неговите ученици Го молеа, велејќи: „Отпушти ја, зашто вика по нас.” {15:24} Но Тој одговори и рече: „Јас не Сум испратен, освен при загубените овци на домот Израелев.” {15:25} Таа дојде пак и Му се поклонуваше, велејќи: „Господи, помогни ми!” {15:26} А Тој, одговарајќи и рече: „Не е добро да им се земе лебот на децата и да им се фрли на кучињата.” {15:27} Но Таа рече: „Да, Господи, но дури и кучињата јадат од трошките, што паѓаат од трпезата на нивните господари.” {15:28} Тогаш Исус и одговори и и рече: „О, жено, голема е твојата вера; нека ти биде по твојата желба. И нејзината ќерка беше исцелена од оној час. {15:29} И откако замина оттаму, Исус дојде покрај морето Галилејско, се искачи на гората и седна таму. {15:30} И дојдоа при Него големи мноштва, кои имаа со себе: хроми, слепи, неми, сакати и многу други, и ги положија пред Исусовите нозе, и Тој ги исцели, {15:31} така што мноштвата се восхитуваа како гледаа немите да зборуваат, сакатите здрави, хромите да одат и слепите да гледаат; и Го прославуваа Бога Израелев. {15:32} А Исус ги повика Своите ученици при Себе, и рече: „Исполнет Сум со сожалување кон мноштвото, зашто веќе три дни останаа со Мене и немаат што да јадат; а не сакам да ги распуштам гладни, за да не премалеат по патот.” {15:33} И учениците Негови Му рекоа: „Откаде ни во пустината толку леб, за да наситиме толку големо мноштво?” {15:34} И Исус им рече: „Колку лебови имате?” Тие рекоа: „Седум и неколку рипчиња.” {15:35} И му заповеда на мноштвото да поседне по земјата; {15:36} ги зеде седумте лебови и рибите, благодари и ги раскрши; и им даде на учениците, а учениците на мноштвото. {15:37} И сите јадоа и се наситија; и го дигнаа преостанатото од парчињата, седум кошеви полни. {15:38} А оние, кои јадеа, беа четири илјади мажи, освен жените и децата {15:39} И штом ги распушти мноштвата, влезе во коработ, и дојде во пределите на Магдала. {16:1} И фарисеите и садукеите дојдоа, и искушувајќи Го, побараа да им покаже знак од небото. {16:2} Но Тој одговори и им рече: „Кога се свечерува, велите: ‘Ќе биде ведро, зашто небото е црвено;’ {16:3} а наутро: ‘Денес ќе има бура, зашто небото е црвено и замрачено. ’Лицемери, знаете навистина да го просудувате лицето на небото, а знаците на времињата не можете! {16:4} Лукаво и прељуботворно поколение бара знак, и нема да му биде даден знак, освен знакот на Јона пророкот.” И ги остави и си отиде. {16:5} И Неговите ученици преминаа на другата страна и заборавија да земат леб. {16:6} Исус им рече: „Внимавајте и чувајте се од фарисејскиот и садукејскиот квас!” {16:7} И тие расправаа помеѓу себе, велејќи: „Тоа е што не зедовме леб.” {16:8} А Исус знаејќи го тоа им рече: „Маловерни, зошто расправате помеѓу себе, дека не зедовте леб? {16:9} Уште ли не разбирате и не помните за петте лебови на пет илјади и колку кошеви подигнавте? {16:10} Ни за седумте лебови на четири илјади и колку кошеви подигнавте? {16:11} Како не разбирате, дека не заради леб ви реков да се чувате од фарисејскиот и садукејскиот квас?” {16:12} Тогаш разбраа дека не им рече да се чуваат од лебниот квас, туку од учењето фарисејско и садукејско. {16:13} А кога Исус дојде во околината на Кесарија Филипова, ги праша Своите ученици и рече: „Што велат луѓето, Кој е Синот Човечки?” {16:14} А тие рекоа: „Едни велат дека е Јован Крстител; други Илија, а други пак Еремија или еден од пророците.” {16:15} Тој им рече: „А вие што велите, Кој Сум Јас?” {16:16} Симон Петар одговори и рече: „Ти си Христос, Син на живиот Бог.” {16:17} Исус одговори и му рече: „Блажен си, Симоне, сине Јонин, зашто тело и крв не ти го открија тоа, туку Мојот Татко, Кој е во небесата. {16:18} И Јас ти велам, дека ти си Петар, и на тој Камен ќе ја изградам Мојата Црква, и портите на пеколот нема да надвладеат наспроти неа. {16:19} И ќе ти ги дадам клучевите на царството небесно, и што и да сврзеш на земјата, ќе се појави веќе сврзано во небото; и што и да разврзеш на земјата, ќе биде веќе разврзано во небото.” {16:20} Тогаш им заповеда на учениците Свои да не кажуваат никому, дека Тој е Исус Христос. {16:21} Оттогаш Исус почна да им покажува на Своите ученици, дека беше потребно за Него да замине за Ерусалим и да пострада многу од старешините, главните свештеници и книжниците и да биде убиен, и на третиот ден да воскресне. {16:22} А Петар Го зеде настрана и почна да Го кори, велејќи: „Бог да е милостив кон Тебе, Господи; тоа никогаш нема да Ти се случи!” {16:23} А Тој се сврте и му рече на Петра: „Бегај зад Мене, сатано! Ти си Ми пречка, зашто мислиш не за она, што е Божјо, туку за она, што е човечко. {16:24} Тогаш Исус им рече на Своите ученици: „Ако некој сака да врви по Мене, нека се одрече од себеси и нека го подигне својот крст и нека Ме следи. {16:25} Зашто, кој сака да ја спаси својата душа, ќе ја изгуби; но кој ќе ја изгуби својата душа заради Мене, ќе ја најде. {16:26} Зашто, каква полза ќе има човек ако го придобие целиот свет, а на својата душа и напакости? Или што ќе даде човек во замена за својата душа? {16:27} Зашто Синот Човечки ќе дојде во славата на Својот Татко, со Своите ангели, и тогаш ќе му даде награда на секого според неговите дела. {16:28} Вистина ви велам: дека меѓу оние, кои стојат тука, има некои, кои никако нема да ја вкусат смртта додека Го видат Синот Човечки да доаѓа во Своето царство.” {17:1} И по шест дни Исус ги зеде со Себе: Петра, и Јакова и брата му Јована, и ги изведе на висока гора насамо. {17:2} И беше преобразен пред нив, лицето Му светна како сонцето, а Неговата облека стана бела како светлината. {17:3} И ете, им се јавија Мојсеј и Илија и разговараа со Него. {17:4} А Петар одговори и Му рече на Исуса: „Господи, добро е за нас да сме тука; ако сакаш ќе направиме тука три шатори: еден за Тебе, еден за Мојсеја и еден за Илија.” {17:5} Додека уште зборуваше тој, ете, ги засени светол облак, и ете, глас од облакот велеше: „Овој е Мојот возљубен Син, во Кого Ми е милината; слушајте Го Него!” {17:6} И кога учениците го чуја тоа, паднаа на своите лица и многу се уплашија. {17:7} А Исус се приближи до нив, ги допре и рече: „Станете и не бојте се!” {17:8} И кога тие ги подигнаа своите очи, не видоа никого, освен Исуса Самиот. {17:9} И кога слегнуваа од гората, Исус им заповеда, велејќи: „Никому не кажувајте за ова привидение, додека Синот Човечки не воскресне од мртвите.” {17:10} И Неговите ученици Го прашаа, говорејќи: „Зошто тогаш книжниците велат, дека Илија најнапред мора да дојде?” {17:11} А Тој им одговори и рече: „Навистина Илија иде и ќе обнови сè. {17:12} Но, ви велам, дека Илија веќе дојде, и не го познаа, туку му направија како што сакаа. Така и Синот Човечки ќе пострада од нив.” {17:13} Тогаш учениците разбраа дека им зборуваше за Јована Крстител. {17:14} И кога дојдоа при мноштвото, еден човек Му пристапи, падна на колена пред Него и рече: {17:15} ”Господи, смилувај му се на мојот син, зашто е месечар и се мачи многу; зашто често паѓа во огнот и често во водата. {17:16} И го доведов при Твоите ученици, а тие не можеа да го исцелат.” {17:17} И Исус одговори и рече: „О, неверен и развратен роде! До кога ќе бидам со вас? До кога ќе ве трпам? Доведете Ми го тука.” {17:18} И Исус го прекори, и излезе демонот од него, и момчето беше исцелено од тој час. {17:19} Тогаш учениците дојдоа при Исуса насамо и рекоа: „Зошто не можевме ние да го изгониме?” {17:20} А Тој им рече: „Заради вашето неверие; зашто, вистина ви велам, ако имате вера колку синапово зрно, ќе и речете на оваа гора: ‘Премести се оттука таму!’, и ќе се премести, и ништо нема да ви биде невозможно. {17:21} А овој род не излегува освен преку молитва и постење.” {17:22} И додека беа заедно во Галилеја, Исус им рече: „Синот Човечки ќе биде предаден во раце човечки, {17:23} и ќе Го убијат, и на третиот ден ќе биде воскреснат.” И тие многу се нажалија. {17:24} А кога дојдоа во Капернаум, собирачите на двете драхми, храмовиот данок, му пристапија на Петра и рекоа: „Зарем вашиот Учител не плаќа две драхми?” {17:25} Тој рече: „Да.” И кога влезе во куќата Исус го испревари, велејќи: „Што мислиш, Симоне? Земните цареви од кого земаат царина или данок, од своите синови или од туѓинците?” {17:26} А Петар Му рече: „Од туѓинците,” Исус му рече: „Значи, синовите се слободни.” {17:27} Но за да не ги соблазниме, оди до морето, фрли јадица и земи ја првата риба што ќе излезе, и кога ќе и ја отвориш устата, ќе најдеш статир; земи го и подај им го за Мене и за тебе.” {18:1} Во тој час учениците дојдоа при Исуса и рекоа: „Тогаш, кој е поголем во царството небесно?” {18:2} И повика дете при Себе, го постави среде нив {18:3} и рече: „Вистина ви велам, ако не се обрнете и станете како деца, нема да влезете во царството небесно. {18:4} И затоа, кој ќе се понизи себеси како ова дете, тој е поголемиот во царството небесно. {18:5} И кој прима едно такво дете во Мое име, Мене Ме прима. {18:6} А кој наведува на грев едно од овие мали, кои веруваат во Мене, за него е подобро да му се обеси мелнички камен на вратот, и да потоне во морската длабочина. {18:7} Тешко му на светот од соблазни! Зашто неизбежно соблазните ќе дојдат, но тешко му на оној човек, преку кого доаѓа соблазната!” {18:8} ”Ако твојата рака или твојата нога те соблазнува, отсечи ја и фрли ја од себе; подобро е за тебе да влезеш во животот фатен и хром, отколку имајќи две раце или две нозе да бидеш фрлен во вечниот оган. {18:9} И ако те соблазнува твоето око, извади го и фрли го од себе; подобро е за тебе да влезеш во животот со едно око, отколку имајќи две очи да бидеш фрлен во пеколот огнен.” {18:10} ”Гледајте да не презрете едно од овие мали; зашто ви велам, дека нивните ангели во небесата, постојано Го гледаат лицето на Мојот Татко, Кој е во небесата. {18:11} Зашто Синот Човечки дојде да го спаси, она што е изгубено. {18:12} Како ви се гледа? Ако некој човек има сто овци, и едната од нив залута, нема ли да ги остави деведесет и деветте по планините, и да појде да ја бара залутаната? {18:13} И ако се случи да ја најде, вистина ви велам дека тој се радува за неа повеќе, отколку за деведесет и деветте, што не залутале. {18:14} Така, не е волјата на вашиот Татко, Кој е во небесата да загине едно од овие, маливе.” {18:15} ”Ако згреши братот твој против тебе, оди и укори го насамо, меѓу тебе и него. Ако те послуша, си го придобил брата си. {18:16} Но ако не послуша, земи со себе уште еден или двајца, и од устата на двајца или тројца сведоци да се потврди секој збор. {18:17} А ако не ги послуша нив, кажи и на црквата; па ако не ја послуша и црквата, нека ти биде како народите и како цариникот. {18:18} Вистина ви велам, што и да сврзете на земјата, ќе се појави веќе сврзано во небото; и што и да разврзете на земјата, ќе биде веќе разврзано во небото.” {18:19} ”Пак, ви велам: ако двајца од вас се согласат на земјата околу било која работа каква и да посакат, ќе им биде дадено од Мојот Татко, Кој е во небесата. {18:20} Зашто каде се двајца или тројца собрани во Мое Име, таму Сум и Јас посреде нив.” {18:21} Тогаш Петар пристапи и Му рече: „Господи, колку пати да му простам на брата си кој греши против мене? До седумпати ли?” {18:22} Исус му рече: „Не ти велам до седумпати, туку до седумдесетпати по седум.” {18:23} Затоа царството небесно е слично на некојси цар, кој сакал да ги среди сметките со своите слуги. {18:24} А кога почна да ги расчистува, при него беше доведен еден, кој му должеше десет илјади таланти. {18:25} И бидејќи немаше да ги врати, господарот заповеда да го продадат него, неговата жена и децата, и сè што имаше, за да се плати долгот. {18:26} Тогаш слугата падна и му се поклонуваше, велејќи: ‘Господаре, имај трпение кон мене и ќе ти исплатам сè.’ {18:27} И поттикнат со сожалување, господарот на оној слуга, го пушти, и му го прости долгот. {18:28} Но штом слугата излезе, и најде еден од своите сослужители, кој му должеше сто денарии, го фати, и го давеше, велејќи: ‘Исплати ми, тоа што ми должиш.’ {18:29} Тогаш падна пред неговите нозе неговиот сослужител и го молеше, велејќи: ‘Имај трпение со мене, и ќе ти исплатам сè.’ {18:30} Но тој не сакаше, туку отиде и го фрли во затвор, додека го исплати долгот. {18:31} А кога неговите сослужители видоа што се случи, мошне многу се нажалија, и дојдоа и му кажаа на својот господар сè што се случи. {18:32} Тогаш неговиот господар го повика и му рече: ‘Зол слуго! Ти го простив сиот оној долг, зашто ме молеше. {18:33} Не требаше ли и ти да му се смилуваш на твојот сослужител, како што и јас ти се смилив тебе?’ {18:34} И неговиот господар се разгневи и им го предаде на мачителите, додека му исплати сè што му должеше. {18:35} Така и Мојот небесен Татко ќе ви направи вам, ако секој од вас не му ги прости од срце престапите на својот брат.” {19:1} А кога Исус ги заврши тие зборови, отиде од Галилеја и дојде до пределите на Јудеја отаде Јордан. {19:2} И големо множество тргна по Него, а Тој ги оздрави таму. {19:3} И фарисеите Му пристапија, Го искушуваа и рекоа: „Дали смее човек да ја остави својата жена по секаква причина?” {19:4} А Тој одговори и рече: „Зар не сте читале дека Оној, Кој ги создаде во почеток, ги создаде машко и женско, {19:5} и рече: ‘Затоа мажот ќе ги остави таткото и мајката и ќе се прилепи до својата жена, и обата ќе бидат едно тело?’ {19:6} Така што не се веќе двајца, туку едно тело. И така што Бог соединил, човекот да не разделува!” {19:7} И Му рекоа: „Зошто тогаш Мојсеј заповеда да и се даде разводно писмо на жената и да се остави?” {19:8} Им рече: „Заради вашето закоравено срце, Мојсеј ви дозволи да ги оставате вашите жени, но во почетокот не беше така. {19:9} Туку ви велам: „Кој ќе ја остави својата жена - освен за прељубодејство - и се ожени за друга, прави прељуба; и кој ќе се ожени со напуштена, прави прељуба.” {19:10} Учениците Му рекоа: „Ако е тоа причината меѓу мажот и жената, подобро да не се жени.” {19:11} А Тој им рече: „Сите не можат да ги сфатат тие зборови, туку оние, на кои им е дадено. {19:12} Зашто има скопци, кои се родени така од мајчината утроба, и има скопци, кои се скопени од луѓе, и има скопци, кои самите се скопиле заради небесното царство. Кој може да прими, нека прими!” {19:13} Тогаш доведоа дечиња при Него, за да ги положи рацете над нив и да се помоли; но учениците ги укорија. {19:14} А Исус рече: „Оставете ги децата и не им пречете да дојдат при Мене, зашто на таквите им припаѓа небесното царство.” {19:15} И ги положи рацете на нив, и си отиде оттаму. {19:16} И ете, еден Му пристапи и рече: „Учителе добар, какво добро да направам, за да имам вечен живот?” {19:17} А Тој му рече: „Зошто Ме прашуваш за добро? Еден е Добар! А ако сакаш да влезеш во животот, пази ги заповедите!” {19:18} Му рече: „Кои?” А Исус рече: „Не убивај, не прељубодејствувај, не кради, не сведочи лажно, {19:19} почитувај ги татка си и мајка си и љуби го својот ближен како себеси!” {19:20} Момчето Му рече: „Сето тоа сум го пазел од младост, уште што ми недостига?” {19:21} Исус му рече: „Ако сакаш да бидеш совршен, оди, продај го својот имот и дај им на сиромасите, и ќе имаш благо на небото! Дојди и следи Ме!” {19:22} А кога момчето го чу тој збор, си отиде нажален, зашто имаше многу имоти. {19:23} А Исус им рече на Своите ученици: „Вистина ви велам: богат мачно ќе влезе во небесното царство!” {19:24} И пак ви велам: „Полесно и е на камилата да помине низ иглени уши, отколку на богатиот да влезе во Божјото Царство.” {19:25} Кога учениците го чуја тоа се зачудија мошне и рекоа: „Тогаш, кој може да се спаси?” {19:26} Исус ги погледна и им рече: „На луѓето ова им е невозможно, но за Бога сè е возможно.” {19:27} Тогаш Петар одговори и Му рече: „Еве, ние оставивме сè и тргнавме по Тебе; и така, ние што ќе имаме?” {19:28} А Исус им рече: „Вистина ви велам дека вие - кои тргнавте по Мене, во преродбата - кога Човечкиот Син ќе седне на престолот на Својата слава, и сами ќе седнете на дванаесет престоли и ќе им судите на дванаесетте Израелеви племиња. {19:29} И секој, кој заради Моето име ќе остави: куќа, или браќа, или сестри, или татко, или мајка, или жена, или деца, или ниви, ќе прими стократно и ќе наследи вечен живот. {19:30} Но мнозина први ќе бидат последни, а последните први.” {20:1} Зашто небесното царство прилега на човек домаќин, кој излезе рано наутро да наеме работници за своето лозје. {20:2} И кога се погоди со трудбениците по денариј на ден, ги испрати во своето лозје. {20:3} И кога излезе пак околу третиот час виде други како стојат, на трговиштето, без работа, {20:4} и им рече: „Одете и вие во моето лозје, па ќе ви дадам што ќе биде право!” {20:5} И тие отидоа. А кога излезе пак околу шестиот и деветтиот час го направи истото. {20:6} А околу единаесеттиот час пак излезе и најде други, како стојат, и им рече: „Зошто стоите тука цел ден без работа?” {20:7} Му рекоа: „Никој не нè наеми.” Тој им рече: „Отидете и вие во моето лозје.” {20:8} А кога се свечери, господарот на лозјето му рече на својот управител: „Повикај ги трудбениците и плати им, почнувајќи од последните па до првите!” {20:9} И така, дојдените околу единаесеттиот час примија по денариј. {20:10} Кога дојдоа првите, помислија дека ќе примат повеќе, но и тие примија по денариј. {20:11} Штом го примија, негодуваа против домаќинот, {20:12} велејќи: „Последниве работеа еден час, а ти ги изедначи со нас, кои ги претрпевме тегобата на денот и жегата.” {20:13} А тој му одговори на еден од нив и рече: „Пријателе, не ти правам неправда; зар не се погоди со мене за денариј? {20:14} Земи го своето и оди си; а јас сакам на последниов да му дадам колку и тебе. {20:15} Или зар немам право да сторам со своето, што сакам? Или твоето око е зло, зашто сум добар?” {20:16} Така последните ќе бидат први, а првите - последни; зашто мнозина се повикани, а малкумина избрани.” {20:17} И кога Исус се искачуваше кон Ерусалим, ги зеде Дванаесетмината насамо и им рече патем: {20:18} ”Еве, одиме горе кон Ерусалим, и Човечкиот Син ќе им биде предаден на првосвештениците и книжниците, и ќе Го осудат на смрт, {20:19} и ќе им Го предадат на многубошците, за да Му се потсмеват, да Го бијат и да Го распнат, и на третиот ден ќе воскресне.” {20:20} Тогаш мајката на Заведеевите синови Му пристапи заедно со своите синови, поклонувајќи Му се, за да измоли нешто од Него. {20:21} А Тој и рече: „Што сакаш?” Му одговори: „Заповедај овие мои два сина да седнат, едниот до Твојата десна, а другиот до Твојата лева страна, во Твоето Царство!” {20:22} А Исус одговори и рече: „Не знаете што барате! Можете ли да ја пиете чашата, што ќе ја пијам Јас, или да се крстите со крштавањето со кое се крштавам Јас.” Му рекоа: „Можеме.” {20:23} Им рече: „Мојата чаша ќе ја пиете; и со крштавањето, со кое се крштавам Јас, ќе се крстите; но да се седи од Мојата десна или лева страна, тоа не го давам Јас, туку ќе им припадне на оние, за кои Мојот Татко го приготвил.” {20:24} И кога го чуја тоа десетмината, се налутија на двата брата. {20:25} А Исус ги повика и рече: „Знаете дека владетелите на народите господарат над нив и дека големците ги угнетуваат. {20:26} Нека не биде така меѓу вас! Туку, кој сака да биде голем меѓу вас, нека ви биде слуга! {20:27} И кој сака да биде прв меѓу вас, нека ви биде слуга; {20:28} како што Човечкиот Син не дојде да Му служат, туку да служи и да ја даде Својата душа за откуп на мнозина.” {20:29} А кога излегуваа од Ерихон, големо множество тргна по Него. {20:30} И ете, двајца слепи, седејќи покрај патот, чуја дека Исус минува, и извикаа велејќи: „Господи, Давидов Сине, смилувај ни се!” {20:31} А множеството им се закани да замолчат, а тие извикаа уште посилно: „Господи, Давидов Сине, смилувај ни се!” {20:32} И Исус застана, ги повика и рече: „Што сакате да направам за вас?” {20:33} Му рекоа: „Господи, да ни се отворат очите!” {20:34} И Исус им се смили и им ги допре очите; и веднаш прогледаа и тргнаа по Него.” {21:1} И кога наближија до Ерусалим и дојдоа во Витфагија при Маслиновата Гора, тогаш Исус испрати два ученика, велејќи: {21:2} ”Отидете во селото што е пред вас! Таму ќе најдете веднаш врзана ослица и осле со неа. Одврзете ги и доведете Ми ги! {21:3} И ако некој ви рече нешто, речете му: ‘Потребни Му се на Господа’, и веднаш ќе ги пушти. {21:4} А тоа стана, за да се исполни кажаното преку пророкот кој вели: {21:5} ”Кажете и на Сионската Ќерка: Еве, твојот Цар доаѓа при тебе, кроток и јава на ослица и осле - младенче на ослица!” {21:6} Учениците отидоа и направија, како што им заповеда Исус. {21:7} Ги дотераа ослицата и ослето, ги ставија врз нив своите облеки и Тој седна над нив. {21:8} Повеќето од народот ги постилаа своите облеки по патот, а други сечеа гранки од дрвјата и ги постилаа по патот. {21:9} А множеството, кое одеше пред Него и по Него викаше, велејќи: „Осана на Давидовиот Син! Благословен е кој доаѓа во Господово име! Осана во висините!” {21:10} И кога влезе во Ерусалим, целиот град се раздвижи, говорејќи: „Кој е Овој?” {21:11} А народот говореше: „Овој е Исус, Пророк од Галилејски Назарет.” {21:12} И Исус влезе во Храмот и ги истера сите, кои купуваа и продаваа во Храмот, па им ги преврте столовите на менувачите на сребреници, и столиците на продавачите на гулаби, {21:13} и им рече: „Напишано е: Мојот Дом ќе биде наречен Дом На Молитва, а вие го направивте разбојничка пештера.” {21:14} И Му пристапија слепи и хроми, во Храмот, и ги излекува. {21:15} А кога првосвештениците и книжниците ги видоа чудесата што ги направи, и децата, кои викаа во Храмот: „Осана на Давидовиот Син!”, се налутија {21:16} и Му рекоа: „Слушаш ли што зборуваат овие?” А Исус им рече: „Да, зар не сте читале никогаш: ‘Од устата на децата и доилчињата, Си приготви пофалба?’” {21:17} И ги остави и излезе од градот во Витанија и преноќева таму. {21:18} А кога утредента се враќаше во градот, огладне. {21:19} И виде смоква покрај патот и отиде до неа, но не најде ништо на неа, освен лисјата, и и рече: „Отсега да нема плод од тебе довека!” И смоквата се исуши веднаш. {21:20} И кога учениците го видоа тоа, се зачудија и рекоа: „Како се исуши смоквата веднаш?” {21:21} Исус одговори и рече: „Вистина ви велам, ако имате вера и не се посомневате, ќе направите не само тоа, што и се случи на смоквата, туку ако и речете на оваа гора: ‘Дигни се оттука и фрли се во морето!’ ќе биде; {21:22} и сè што ќе побарате во молитва, со вера, ќе добиете.” {21:23} И кога Исус дојде во Храмот, Му пристапија - додека поучуваше - првосвештениците и народните старешини, велејќи: „Со каква власт го правиш тоа? И кој Ти ја даде таа власт?” {21:24} А Исус им рече во одговор: „И Јас ќе ве прашам нешто, па ако ми Го кажете тоа, и Јас ќе ви кажам со каква власт го правам ова. {21:25} Од каде беше Јовановото крштавање? Од небото или од луѓето?” А тие размислуваа во себе, велејќи:” Ако речеме ‘од небото’, ќе ни рече: ‘Зошто не му поверувавте тогаш?’ {21:26} А ако речеме: ‘од луѓето’, се боиме од народот, зашто сите го сметаат Јована за пророк.” {21:27} И Му одговорија на Исуса и рекоа: „Не знаеме!” Им рече и Тој: „Ни Јас нема да ви кажам со каква власт го правам ова.” {21:28} ”Но, како ви се гледа? Еден човек имаше два сина, па дојде при првиот и му рече: ‘Синко, оди и работи денес во лозјето!’ {21:29} Тој одговори и рече: {21:30} ’Нејќам!’ - но после се предомисли и отиде. Дојде при вториот и му рече исто така. А тој одговори и рече: ‘Одам, господаре’ и не отиде. {21:31} Кој од двајцата ја исполни татковата волја?” Рекоа: „Првиот!” Исус им рече: „Вистина ви велам, цариниците и блудниците ќе ве испреварат во Божјото Царство. {21:32} Зашто, Јован дојде при вас по патот на правдата и не му поверувавте, а цариниците и блудниците му поверуваа. А вие видовте, но не се покајавте после, за да му поверувате.” {21:33} ”Чујте друга приказна! Беше еден домаќин, кој насади лозје, го загради со плет, и ископа во него точило; изгради чуварница и им го даде под наем на земјоделците, и си отиде. {21:34} А кога наближи времето на плодовите, ги испрати своите слуги при земјоделците, за да ги приберат неговите плодови. {21:35} И земјоделците ги фатија неговите слуги: едниот го биеја, другиот го убија, а другиот го каменуваа. {21:36} Пак испрати други слуги, повеќе од првите, но и со нив направија исто. {21:37} Најпосле го испрати при нив својот син, велејќи: „Ќе се засрамат од мојот син!” {21:38} Но земјоделците, кога го видоа синот, си рекоа меѓу себе: „Овој е наследникот! Ајде да го убиеме и да го присвоиме неговото наследство!” {21:39} И го фатија, го исфрлија надвор од лозјето и го убија. {21:40} Кога ќе дојде господарот на лозјето, што ќе им направи на тие земјоделци?” {21:41} Му одговорија: „Овие злосторници тој бедно ќе ги уништи, а лозјето ќе им го даде под наем на други земјоделци, кои ќе му ги даваат плодовите во нивно време.” {21:42} Исус им рече: „Зар не сте прочитале никогаш во Писмата: „Каменот што го отфрлија ѕидарите; тој стана крајаголен камен; од Господа е тоа и чудесно е во нашите очи.” {21:43} Затоа ви велам, дека ќе ви биде одземено Божјото Царство и ќе му биде дадено на народ, кој ќе ги донесува неговите плодови! {21:44} И кој ќе падне врз тој камен - ќе се разбие; а врз кого ќе падне тој - ќе го здроби.” {21:45} И кога првосвештениците и фарисеите ги чуја тие Негови параболи, разбраа дека зборува за нив. {21:46} И гледаа да Го фатат, но се боеја од народот, зашто Го сметаше за пророк. {22:1} И Исус почна пак да им зборува и им рече во параболи, велејќи: {22:2} ”Небесното Царство приличи на цар, кој му направи свадба на сина си, {22:3} и ги испрати своите слуги да ги повикаат повиканите на свадбата, но тие не сакаа да дојдат. {22:4} Пак испрати други слуги, велејќи: ‘Речете им на повиканите: Еве, го приготвив својот ручек, моите јунци и згоените се заклани, и сè е готово. Дојдете на свадба!’ {22:5} А тие не се грижеа и си отидоа: еден на својот имот, а друг по своја трговија; {22:6} а другите ги фатија неговите слуги, ги навредија и ги убија. {22:7} А царот се разгневи, ја испрати својата војска и ги погуби оние убијци и им го изгоре градот. {22:8} Тогаш им рече на своите слуги: ‘Гозбата е готова! - но повиканите не беа достојни. {22:9} Затоа излезете на раскрсниците и колку ќе најдете, поканете ги на свадбата.’ {22:10} И слугите излегоа на патиштата и ги доведоа сите, кои ги најдоа: лошите и добрите, и свадбата се наполни со гости. {22:11} А кога царот влезе да ги види гостите, виде таму еден човек, кој не беше облечен во свадбена облека. {22:12} И му рече: ‘Пријателе, како влезе тука без свадбена руба?’ А тој молчеше. {22:13} Тогаш царот им рече на служителите: ‘Врзете му ги нозете и рацете и фрлете го во крајната темнина; таму ќе биде плач и чкртање со забите!’ {22:14} Зашто мнозина се повикани, но малку се избрани!” {22:15} Тогаш фарисеите отидоа и се договорија како да Го фатат на збор. {22:16} И Му ги испратија своите ученици, заедно со Иродовците, за да Му речат: „Учителе, знаеме дека си вистински и дека во вистина ги учиш луѓето на Божјиот пат, и не ти е грижа од никого, зашто не гледаш на лицето на луѓето. {22:17} И така, речи ни, што мислиш Ти! Дали е дозволено да му се дава данок на царот или не?” {22:18} А Исус, го разбра нивното лукавство и рече: {22:19} ”Зошто Ме искушувате, лицемери? Покажете ми даночна монета!” Тие Му донесоа денариј. {22:20} И им рече: „Чиј е овој лик и натписот?” {22:21} Му рекоа: „На царот!” Тогаш им рече: „Подајте му го царевото на царот, а Божјото на Бога!” {22:22} И штом го чуја тоа, се зачудија, па Го оставија, и си отидоа.” {22:23} Во тој ден дојдоа кај Него садукеите, кои велат дека нема воскресение, и Го прашаа: {22:24} ”Учителе, Мојсеј рече: ‘Ако некој умре без деца, неговиот брат нека ја земе неговата жена и нека му подигне потомство на брата си.’ {22:25} А при нас беа седуммина браќа: првиот се ожени и умре, а бидејќи немаше пород, му ја остави својата жена на брата си. {22:26} Така и вториот, и третиот, сè до седмиот; {22:27} а по сите умре и жената. {22:28} И така, при воскресението: кому од седуммината ќе му биде жена? Зашто сите ја имаа!” {22:29} А Исус им одговори и им рече: „Во заблуда сте, зашто не ги знаете Писмата, ниту Божјата сила. {22:30} Зашто при воскресението ниту ќе се женат, ниту ќе се мажат, туку се како Божјите ангели на небото. {22:31} А за воскресението на мртвите, не сте ли читале што ви рече Бог, Кој вели: {22:32} ”Јас Сум Бог Авраамов, Бог Исаков и Бог Јаковов”? А Бог не е Бог на мртвите, туку на живите!” {22:33} И кога народот го чу тоа, се восхитуваше на Неговата наука. {22:34} А кога фарисеите чуја дека ги замолкна садукеите, се собраа заедно, {22:35} и еден од нив, законик, Го праша, искушувајќи Го: {22:36} ”Учителе, која е големата заповед во Законот?” {22:37} А Тој му рече: „Љуби Го Господа твојот Бог со сето свое срце, и со сета своја душа и со сета твоја мисла!” {22:38} Тоа е најголемата и прва заповед; {22:39} а втората е како и оваа: „Љуби го твојот ближен како себеси!” {22:40} На тие две заповеди висат сиот Закон и Пророците.” {22:41} А кога фарисеите беа собрани, Исус ги праша: {22:42} ”Што мислите за Христа? Чиј Син е?” Му рекоа: „Давидов.” {22:43} Им рече: „Како тогаш Давид, преку Духот, Го наречува Господ, велејќи: {22:44} ’Му рече Господ на мојот Господ: ‘Седни од Мојата десна страна, додека ги положам Твоите непријатели под Твоите нозе’? {22:45} И така, кога Давид Го наречува Господ, како Му е Син?” {22:46} И никој не можеше да Му одговори ниту збор, ниту некој се осмели, од тој ден, веќе да Го праша. {23:1} Тогаш Исус му рече на народот и на Своите ученици; {23:2} говорејќи: „На Мојсеевото седиште седнаа книжниците и фарисеите, {23:3} затоа сè што ќе ви речат - правете и пазете - но не постапувајте според нивните дела, зашто зборуваат, а не извршуваат! {23:4} Туку врзуваат тешки и неподносливи бремиња и ги ставаат врз плеќите на луѓето, а самите не сакаат ни со прст да ги помрднат. {23:5} А сите свои дела ги прават, за да ги видат луѓето; затоа ги рашируваат своите молитвени записи и ги прават големи ресите на облеките; {23:6} ги сакаат: челните места по гозбите и првите места во синагогите; {23:7} поздравите на јавните места и луѓето да ги наречуваат ‘рави’. {23:8} А вие не наречувајте се учители - зашто е Еден вашиот Учител - Христос, а вие сите сте браќа. {23:9} И никого на земјата не наречувајте го свој ‘татко’, зашто е Еден вашиот небесен Татко. {23:10} Ниту се наречувајте наставници, зашто е Еден вашиот Наставник - Христос. {23:11} А поголемиот меѓу вас нека ви биде слуга. {23:12} Кој се воздига себеси - ќе биде понизен; а кој се понизува себеси - ќе биде возвишен.” {23:13} ”Горко вам, книжници и фарисеи, лицемери, кои го затворате Небесното царство пред луѓето; зашто самите не влегувате, ниту ги пуштате внатре оние, кои сакаат да влезат.” {23:14} ”Горко вам, книжници и фарисеи, лицемери, зашто ги подјадувате домовите на вдовиците, и заради причина се молите долго. Затоа ќе добиете поголема осуда!” {23:15} ”Горко вам, книжници и фарисеи, лицемери, кои ги обиколувате морето и копното, за да придобиете еден прозелит, и кога ќе стане тоа, го правите син на пеколот, двапати полош од себе!” {23:16} ”Горко вам, слепи водачи, кои велите: ‘Ако некој се заколне во Храмот, не е ништо; ако пак се заколне во црковното злато, тогаш е обврзан!’ {23:17} Безумни и слепи! Што е поголемо: златото или Храмот, што го осветува златото? {23:18} И: ‘Ако некој се заколне во жртвеникот, не е ништо; а ако се заколне во дарот, што е врз него, тогаш е обврзан.’ {23:19} Слепци! Што е поголемо: дарот или жртвеникот, што го осветува дарот? {23:20} И така, кој се колне во жртвеникот, се колне во него и во сè што е врз него. {23:21} И кој се колне во Храмот, се колне во него и во Оној, Кој живее во него. {23:22} И кој се колне во небото, се колне во Божјиот престол и во Оној, Кој седи на него.” {23:23} ”Горко вам, книжници и фарисеи, лицемери, кои давате десеток од нане, копра и кимин, а го оставивте поважното во Законот: правдата, милоста и верата. Ова требаше да се прави, а она да не се остава! {23:24} Слепи водачи! Вие го цедите комарецот, а ја проголтувате камилата.” {23:25} ”Горко вам, книжници и фарисеи, лицемери, кои ја чистите надворешноста на чашата и чинијата, а внатре сте полни со грабеж и лакомост! {23:26} Слепи фарисеју! Очисти ја најнапред внатрешноста на чашата, за да и биде чиста и надворешноста!” {23:27} ”Горко вам, книжници и фарисеи, лицемери, оти приличите на варосани гробови, што однадвор изгледаат убаво, а внатре се полни со мртовечки коски и секаква нечистота! {23:28} Така и вие однадвор им се покажувате праведни на луѓето, а внатре сте полни со лицемерство и беззаконие.” {23:29} ”Горко вам, книжници и фарисеи, лицемери, кои им градите гробови на пророците и им ги украсувате спомениците на праведните, {23:30} и велите: „ Ако живеевме во деновите на нашите татковци, не ќе бевме нивни соучесници во крвта на пророците.” {23:31} Така сведочите за себе, дека сте синови на оние, кои ги убиле пророците. {23:32} И вие ја дополнивте мерата на вашите татковци! {23:33} Змии, змиски породи! како ќе побегнете од судот на пеколот? {23:34} Затоа, еве, Јас ви праќам: пророци, и мудреци, и книжници. Од нив едните ќе ги убиете и распнете, а другите ќе ги бичувате во вашите синагоги и ќе ги гоните од град до град, {23:35} за да дојде врз вас сета праведна крв, пролеана на земјата, од крвта на праведниот Авел до крвта на Захарија, синот Варахиин, кого го убивте меѓу Храмот и жртвеникот. {23:36} Вистина ви велам, сето тоа ќе дојде врз ова поколение.” {23:37} ”Ерусалиме! Ерусалиме, што ги убиваш пророците и што ги каменуваш испратените при тебе! Колку пати сакав да ги соберам твоите деца, како што квачката ги собира своите пилиња под крилата, но не сакавте! {23:38} Еве, ви се остава вашиот дом пуст! {23:39} Зашто ви велам: отсега нема да Ме видите додека не речете: „Благословен е Оној, Кој доаѓа во Господово име!” {24:1} Кога Исус излезе од Храмот, одеше натаму; Неговите ученици Му се приближија за да Му ги покажат зградите на Храмот. {24:2} А Тој им одговори: „Го гледате ли сето ова? Вистина ви велам: нема да остане тука ни камен на камен, што не ќе биде урнат.” {24:3} Кога седеше пак на Маслиновата Гора, Неговите ученици дојдоа при Него насамо и Му рекоа: „Кажи ни, кога ќе биде тоа и кој е знакот на Твоето доаѓање и на свршетокот на векот?” {24:4} И Исус одговори и им рече: „Гледајте да не ве заблуди некој; {24:5} зашто мнозина ќе дојдат во Мое име, говорејќи: „Јас Сум Христос,” и ќе заблудат мнозина. {24:6} А ќе чуете за војни и гласови за војни. Пазете да не се уплашите; зашто тоа треба да се случи, но уште не е крај. {24:7} Зашто ќе се дигне народ против народ и царство против царство; и ќе има глад, и помор, и земјотреси на разни места. {24:8} Но сè тоа е само почеток на страдањата. {24:9} Тогаш ќе ве предадат на маки и ќе ве убиваат, и сите народи ќе ве замразат заради Моето име. {24:10} Тогаш мнозина ќе се соблазнат; и едниот ќе го предава другиот; и едниот ќе го мрази другиот; {24:11} и ќе се јават многу лажни пророци и ќе заблудат мнозина. {24:12} И заради многу беззаконија, љубовта ќе олади кај мнозина. {24:13} А кој ќе издржи до крај, ќе биде спасен. {24:14} И ова Евангелие за Царството ќе биде проповедано по целиот свет, за сведоштво на сите народи, и тогаш ќе дојде свршетокот.” {24:15} ”И така, кога ќе ја видите одвратноста на запустувањето - за која зборува пророкот Даниел - како стои на свето место; кој чита - нека разбере! - {24:16} Тогаш жителите на Јудеја нека бегаат по горите; {24:17} а кој ќе биде на покрив, нека не слегува да земе нешто од својата куќа; {24:18} и кој ќе биде во полето, нека не се враќа за да ја земе наметката! {24:19} Горко им на бремените и на доилките во тие денови! {24:20} Молете се вашето бегство да не биде во зима или во сабота, {24:21} зашто тогаш ќе биде голема мака, каква не била од создавањето на светот досега, ниту ќе биде. {24:22} И ако не би се скратиле тие дни, не би се спасило ниедно тело. Но заради избраните ќе бидат скратени тие дни.” {24:23} ”Ако некој ви рече тогаш: ‘Еве, Христос е тука’ или ‘таму’- не верувајте, {24:24} зашто ќе се појават лажни христоси и лажни пророци, па ќе прават големи знаци и чуда, за да ги заблудат, ако е можно, и избраните. {24:25} Ете, ви реков однапред! {24:26} И така, ако ви речат: ‘Ене Го во пустината!’- не излегувајте! ‘Ене Го во една од внатрешните соби!’- не верувајте. {24:27} Зашто, како што молњата излегува од исток и светка до запад, така ќе биде и доаѓањето на Човечкиот Син. {24:28} Каде ќе биде трупот, таму орлите ќе се собираат!” {24:29} ”Веднаш по тагата на тие денови, сонцето ќе потемни; месечината нема да ја дава својата светлина; и ѕвездите ќе паѓаат од небото, и небесните сили ќе се расклатат. {24:30} И тогаш ќе се јави на небото знакот на Човечкиот Син; и тогаш ќе заплачат сите племиња на земјата и ќе Го видат Човечкиот Син, како доаѓа на небесните облаци, со сила и со голема слава. {24:31} И Тој ќе ги испрати Своите ангели со силен глас на труба и ќе ги соберат Неговите избраници од четирите ветра, од едниот крај на небото до другиот.” {24:32} ”А од смоквата научете ја поуката! Кога нејзината гранка ќе смекне и ќе пушти лисја, знаете дека летото е близу. {24:33} Така и вие, кога ќе го видите сè тоа, знајте дека е близу - пред вратата! {24:34} Вистина ви велам, ова поколение нема да помине додека не се збидне сè тоа. {24:35} Небото и земјата ќе поминат, но Моите зборови нема да поминат.” {24:36} ”А за оној ден и час, никој не знае, ни небесните ангели, а само Мојот Татко. {24:37} Како во Ноевите денови, така ќе биде и при доаѓањето на Човечкиот Син. {24:38} Зашто, како во деновите пред потопот јадеа и пиеја, се женеа и мажеа, до денот кога Ное влезе во ковчегот, {24:39} и не знаеја додека не дојде потопот и однесе сè, така ќе биде и доаѓањето на Човечкиот Син. {24:40} Тогаш двајца ќе бидат на полето, еден ќе биде однесен, а другиот оставен. {24:41} Две жени ќе мелат на мелница; едната ќе биде однесена, а другата оставена. {24:42} Затоа, бдејте, зашто не знаете кога ќе дојде вашиот Господ! {24:43} А знајте го ова: ако домаќинот би знаел во која ноќна стража ќе дојде крадецот, би бдеел и не би дозволил да му се поткопа куќата. {24:44} Затоа и вие бидете готови, зашто Човечкиот Син ќе дојде во час, кога не мислите.” {24:45} И така, кој е оној верен и благоразумен слуга, кого господарот го поставил над слугите свои, за да им дава храна навреме? {24:46} Блажен е оној слуга, кого неговиот господар - кога ќе дојде - ќе го најде да прави така. {24:47} Вистина ви велам: ќе го постави над сиот свој имот. {24:48} Ако пак оној зол слуга рече во своето срце: ‘Мојот господар ќе се забави долго, ‘ {24:49} па почне да ги бие своите сослужители, и да јаде и да пие со пијаниците, {24:50} господарот на оној слуга ќе дојде во ден, кога не очекува, и во час, што не го знае, {24:51} па ќе го пресече и ќе го стави меѓу лицемерите. Таму ќе биде плач и чкртање со заби.” {25:1} „Тогаш Небесното царство ќе биде како десет девици, кои ги зедоа своите светилници и му излегоа во пресрет на младоженецот. {25:2} Петте од нив беа неразумни, а петте мудри. {25:3} Зашто неразумните зедоа со себе светилки, но не зедоа масло; {25:4} а мудрите зедоа масло, во садовите, со своите светилници. {25:5} Бидејќи младоженецот се забави, сите задремаа и заспаа. {25:6} А на полноќ се чу викање: ‘Еве го младоженецот, излезете му во пресрет!’ {25:7} Тогаш сите оние девици станаа и ги приготвија своите светилки. {25:8} А неразумните им рекоа на мудрите: ‘Дајте ни од вашето масло, зашто нашите светилници ни гаснат.’ {25:9} Но мудрите им одговорија и рекоа: ‘За да не биде малку и за нас и за вас, отидете кај трговците и купете си!’ {25:10} Кога отидоа да купат, младоженецот дојде и спремните влегоа со него на свадбата, и вратата се затвори. {25:11} А потоа дојдоа и другите девици и рекоа: ‘Господаре, господаре, отвори ни!’ {25:12} Но тој им одговори и рече: ‘Вистина ви велам - не ве познавам!’ {25:13} И така - бдејте, зашто не го знаете ни денот ни часот!” {25:14} ”Зашто ќе дојде како човек, кој - тргнувајќи на пат - ги повика своите слуги и им го предаде својот имот, {25:15} и на едниот му даде пет таланти, на другиот два, на третиот еден, секому според неговата способност, и отпатува. {25:16} Оној, кој прими пет таланти, веднаш отиде, и тргуваше со нив и спечали други пет. {25:17} Исто така, и оној со двата таланти, спечали други два. {25:18} А оној, кој прими еден отиде, ископа во земјата и го сокри среброто на својот господар. {25:19} По долго време, дојде господарот на тие слуги и ја прегледа сметката со нив. {25:20} И кога пристапи оној, кој примил пет таланти, донесе други пет таланти и рече: ‘Господаре, ми предаде пет таланти, а еве, јас спечалив и други пет.’ {25:21} Тогаш неговиот господар му рече: ‘Добро, сакан и верен слуго! Си бил верен во малку, ќе те поставам над многу; влези во радоста на својот господар!’ {25:22} А кога пристапи оној, кој примил два таланта, рече: ‘Господаре, ми даде два таланта, а еве, јас спечалив други два.’ {25:23} Тогаш неговиот господар му рече: ‘Добро, сакан и верен слуго! Си бил верен во малку, ќе те поставам над многу; влези во радоста на својот господар!’ {25:24} А кога пристапи оној, кој примил еден талант, рече: ‘Господаре, знаев дека си ти строг човек, жниеш каде што не си сеел и собираш каде што не си веел; {25:25} се исплашив, отидов и го скрив твојот талант во земјата. Еве, го имаш своето!’ {25:26} А неговиот господар одговори и рече: ‘Зол и мрзлив слуго, знаеше дека жнијам, каде што не сум сеел и дека собирам, каде што не сум веел; {25:27} затоа требаше да им го дадеш моето сребро на менувачите и јас - по враќањето - ќе го земев моето со добивка. {25:28} Затоа, одземете му го талантот и дајте му го на оној, кој има десет таланти! {25:29} Зашто секому, кој има, ќе му се даде уште и ќе има во изобилство, а оној, кој нема, ќе му се одземе и она што го има. {25:30} А неполезниот слуга исфрлете го во крајна темнина; каде ќе биде плач и чкртање со заби.’” {25:31} ”Кога Човечкиот Син ќе дојде во Својата слава и сите ангели со Него, тогаш ќе седне на престолот на Својата слава; {25:32} и ќе се соберат пред Него сите народи, а Тој ќе ги оддели едни од други, како што пастирот ги одделува овците од јарците. {25:33} И ќе ги постави овците од својата десна страна, а јарците од левата. {25:34} Тогаш Царот ќе им рече на оние од десната страна: ‘Дојдете, благословени од Мојот Татко, и примете го во наследство Царството, кое ви е приготвено од создавањето на светот! {25:35} Зашто огладнев и Ми дадовте да јадам; ожеднев и Ме напоивте; бев странец и Ме примивте; {25:36} бев гол и Ме облековте; бев болен и Ме посетивте; бев во темница и дојдовте при Мене.’ {25:37} Тогаш праведниците ќе Му одговорат и речат: ‘Господи, кога Те видовме гладен и Те нахранивме; или жеден и Те напоивме? {25:38} Кога Те видовме како странец и Те примивме? Или гол и Те облековме? {25:39} Кога те видовме болен или во темница и дојдовме при Тебе? {25:40} А Царот ќе им одговори: ‘Вистина ви велам, доколку му направивте на еден од овие Мои најмали браќа, Мене Ми направивте.’ {25:41} Тогаш ќе им рече и на оние од левата страна: ‘Одете си од Мене, проклети, во вечниот оган, приготвен за ѓаволот и за неговите ангели! {25:42} Зашто огладнев и не ми дадовте да јадам; ожеднев и не Ми дадовте да пијам, {25:43} бев странец и не Ме примивте; бев гол и не Ме облековте; бев болен и во темница и не Ме посетивте.’ {25:44} Тогаш тие ќе одговорат и речат: ‘Господи, кога Те видовме гладен, или жеден или како странец, или гол или болен или во темница, и не Те послуживме?’ {25:45} Тогаш ќе им одговори: ‘Вистина ви велам, доколку не му направивте на еден од овие најмали, ни Мене не Ми направивте!’ {25:46} И овие ќе отидат во вечна мака, а праведниците во вечен живот.” {26:1} А кога Исус ги заврши сите тие беседи, им рече на Своите ученици: {26:2} ”Знаете дека Пасхата е по два дни, и ќе Го предадат Човечкиот Син, за да Го распнат.” {26:3} Тогаш големите свештеници и народните старешини се собраа во дворот на првосвештеникот, кој се викаше Кајафа, {26:4} и се договорија да Го фатат Исуса на измама и да Го убијат. {26:5} Но велеа: „Не на празникот, за да не се побуни народот.” {26:6} А кога Исус беше во Витанија, во куќата на лепрозниот Симон, {26:7} Му се приближи жена, со сад од алавастер со скапоцено миро, па го излеа врз Неговата глава, додека беше прилегнат до столот. {26:8} Штом учениците го видоа тоа, негодуваа и рекоа: „За што е ова растурање? {26:9} Оти тоа миро можеше да биде продадено скапо, и сребрениците да им се дадат на сиромасите!” {26:10} Но Исус го разбра тоа и им рече: „Зошто и здодевате на жената? Таа Ми направи добро дело, {26:11} зашто сиромасите ги имате секогаш со себе, а Мене Ме немате секогаш; {26:12} зашто кога таа го излеа мирото врз Моето тело, го стори тоа за Моето погребение. {26:13} Вистина ви велам, каде и да биде проповедано Евангелието по целиот свет, ќе се раскажува и тоа што го направи таа, за нејзин спомен. {26:14} Тогаш еден од Дванаесетмината, кој се вика Јуда Искариотски отиде при првосвештениците и им рече: {26:15} ”Што ќе ми дадете, за да ви Го предадам?” А тие му предложија триесет сребреници. {26:16} И оттогаш бараше згоден случај за да Го предаде. {26:17} А во првиот ден на Бесквасните лебови, учениците пристапија при Исуса и Го прашаа: „Каде сакаш да Ти приготвиме да јадеш Пасха?” {26:18} Тој рече: „Отидете во градот при тој и тој човек и речете Му: Учителот вели: Моето време е близу; кај тебе ќе ја празнувам Пасхата со Своите ученици.” {26:19} И учениците направија како што им заповеда Исус, и ја приготвија Пасхата. {26:20} А кога се стемни, Тој прилегна со Дванаесетте ученици на трпезата. {26:21} И додека јадеа, им рече: „Вистина ви велам, дека еден од вас ќе Ме предаде.” {26:22} И многу се нажалија и почнаа да зборуваат, еден по друг: „Да не сум јас, Господи?” {26:23} А Тој одговори: „Оној што ќе ја накваси - со Мене - раката во чинијата, тој ќе Ме предаде! {26:24} И така, Човечкиот Син си оди како што е напишано за Него, но тешко му на оној човек, преку кого ќе биде предаден Човечкиот Син; добро би било за тој човек, ако не беше се родил!” {26:25} А Јуда, кој Го предаде, во одговор рече: „Да не сум јас, Учителе?” Му кажа: „Ти рече!” {26:26} А кога јадеа, Исус зеде леб, благослови, го раскрши и им го раздаде на учениците, и рече: „Земете, јадете, ова е Моето тело.” {26:27} Тогаш ја зеде чашата и заблагодари, им ја даде и рече: „Пијте сите од неа, {26:28} зашто ова е Мојата крв на Заветот, која се пролева за мнозина, за проштавање на гревовите. {26:29} Но, ви велам, отсега нема да пијам од овој лозов плод до оној ден, кога ќе го пијам со вас нов во Царството на Мојот Татко.” {26:30} И откако испеаја благодарствена песна, излегоа на Маслиновата Гора. {26:31} Тогаш Исус им рече: „Сите вие ќе се соблазните во Мене, во оваа ноќ, зашто е пишано: „Ќе го удрам Пастирот и овците од стадото ќе се разбегаат!” {26:32} А по Моето воскресение ќе отидам, пред вас, во Галилеја.” {26:33} Тогаш Петар одговори и рече: „Ако сите се соблазнат во Тебе, јас никогаш нема да се соблазнам.” {26:34} Исус му рече: „Вистина ти велам, уште ноќеска трипати ќе се одречеш од Мене, пред да пропее петел.” {26:35} Петар Му рече: „Ако треба и да умрам со Тебе, нема да се одречам од Тебе.” Така рекоа и сите ученици. {26:36} Тогаш Исус дојде со нив на местото, кое се вика Гетсеманија, и им рече на учениците: „Седете тука додека Јас отидам онаму да се помолам.” {26:37} И ги поведе со себе Петра и двајцата Зеведееви синови и почна да тагува и да се вознемирува. {26:38} Тогаш им рече: „Мојата душа е длабоко натажена до смрт; останете тука и бдејте со Мене!” {26:39} И отиде малку потаму и падна на Своето лице и се помоли, велејќи: „Татко Мој! Ако е можно, нека Ме одмине оваа чаша; но не како што сакам Јас, туку како Ти!” {26:40} И дојде при учениците, и ги најде како што спијат, и му рече на Петра: „Така! Не можевте ли да пробдеете со Мене еден час? {26:41} Бдејте и молете се, за да не паднете во искушение! Духот е бодар, но телото е слабо!” {26:42} Пак, повторно отиде и се помоли, велејќи: „Татко Мој! Ако не е можно да Ме одмине оваа чаша, да не ја пијам, нека биде Твојата волја.” {26:43} И кога дојде пак ги најде како што спијат, зашто очите им беа натежнале. {26:44} И пак ги остави и отиде да се помоли, по третпат, и ги изговори истите зборови. {26:45} Тогаш дојде при учениците и им рече: „Само спијте и почивајте. Еве, наближи часот кога Човечкиот Син ќе биде предаден во рацете на грешниците. {26:46} Станете, да одиме! Ете, наближи Мојот предавник.” {26:47} И додека Тој уште зборуваше, ете, Јуда, еден од Дванаесетмината, дојде со големо множество, со ножеви и стапови, испратени од првосвештениците и народните старешини. {26:48} А Неговиот предавник им беше дал знак, велејќи: „Кого ќе Го целивам јас - Тој е, фатете Го!” {26:49} И веднаш се приближи до Исуса и Го целива. {26:50} А Исус му рече: „Пријателе, зошто дојде?” Тогаш пристапија, положија раце на Исуса и Го фатија. {26:51} И ете, еден од оние, кои беа со Исуса, извади нож и го удри слугата на првосвештеникот и му го отсече увото. {26:52} Тогаш Исус му рече: „Врати го твојот нож на неговото место; зашто сите, кои се фаќаат за нож - од нож ќе загинат. {26:53} Или мислиш дека не можам да Го помолам Мојот Татко, и ќе Ми испрати веднаш повеќе од дванаесет легии ангели? {26:54} Но, како би се исполниле Писмата, дека така треба да биде?” {26:55} Во оној час, Исус му рече на народот: „Излеговте како на разбојник, со ножеви и стапови, за да Ме фатите. Секој ден седев во Храмот и поучував и не Ме фативте. {26:56} А ова сè се збидна, за да се исполнат пророчките Писма.” Тогаш сите ученици Го оставија и се разбегаа. {26:57} А оние, кои Го фатија Исуса, Го одведоа при првосвештеникот Кајафа, каде беа собрани книжниците и старешините. {26:58} А Петар врвеше по Него оддалеку до дворот на првосвештеникот, и откако влезе внатре, седна со слугите, за да го види крајот. {26:59} А главните свештеници и целиот Синедрион бараа лажно сведоштво против Исуса, за да Го убијат, и не најдоа, {26:60} иако дојдоа многу лажни сведоци. {26:61} Најпосле дојдоа двајца и рекоа: „Овој рече: ‘Можам да го разурнам Божјиот Храм и да го соѕидам за три дни.’” {26:62} Тогаш првосвештеникот стана и Му рече: „Ништо ли не одговараш? Што сведочат овие против Тебе?” {26:63} А Исус молчеше. Првосвештеникот Му рече: „Те заколнувам во живиот Бог да ни кажеш дали си Ти Христос, Божјиот Син?” {26:64} Исус му кажа: „Ти рече! Но, Јас ви велам: отсега ќе Го гледате Човечкиот Син, како седи оддесно на Силата и како доаѓа на небесните облаци.” {26:65} Тогаш првосвештеникот ја раскина својата облека и рече: „Го хули Бога! Зошто ни се потребни уште сведоци? Ете, сега ја чувте хулата? {26:66} Што мислите?” А тие одговорија и рекоа: „Заслужува смрт!” {26:67} Тогаш Го плукаа во лицето и Го удираа со тупаници, {26:68} а други му удираа плесници, говорејќи: „Проречи ни, Христе, кој Те удри?” {26:69} А Петар седеше надвор, во дворот, и една слугинка дојде при него и му рече:”И ти беше со Галилеецот Исус!” {26:70} А тој се одрече пред сите, велејќи: „Не знам што зборуваш!” {26:71} А кога излезе пред главниот влез, го виде друга и им рече на тие, кои беа таму: „И овој беше со Назареецот Исус.” {26:72} Тој пак се одрече со заклетва: „Не го знам Човекот.” {26:73} Малку потоа му се приближија оние, кои стоеја, и му рекоа на Петра: „Навистина, и ти си од нив, зашто и твојот говор те издава.” {26:74} Тогаш почна да се проколнува и да се заколнува: „Не го знам Човекот.” {26:75} И веднаш запеа петел. Тогаш Петар се сети на Исусовите зборови што му ги рече: „Пред да пропее петел, трипати ќе се одречеш од Мене.” И излезе надвор и плачеше горко. {27:1} А кога се раздени, сите свештенички главатари и народните старешини се советуваа против Исуса, за да Го убијат. {27:2} И Го врзаа, Го одведоа и му Го предадоа на управителот Понтиј Пилат. {27:3} Тогаш Јуда, кој Го предаде, откако виде дека Го осудија, се покаја и ги врати триесетте сребреници на првосвештениците и на старешините; {27:4} велејќи: „Згрешив, зашто предадов невина крв.” А тие му рекоа: „Што ни е нам? Гледај ти!” {27:5} Тогаш ги фрли сребрениците во Храмот, излезе и отиде и се обеси. {27:6} А првосвештениците ги зедоа сребрениците и рекоа: „Не чини да се остават во храмската благајна, зашто се цена за крв.” {27:7} Туку, откако се посоветуваа, ја купија со нив Грнчаревата Нива за гробишта за странци. {27:8} Затоа таа нива до денес се вика Крвна Нива. {27:9} Тогаш се исполни реченото преку пророкот Еремија; кој вели: „И ги зедоа триесетте сребреници, цената на Оценетиот, Кого Го оценија Израелевите синови, {27:10} и ги дадоа за Грнчаревата Нива, како што ми нареди Господ.” {27:11} А кога Исус застана пред управителот, и управителот Го праша: „Ти ли си Јудејски цар?” А Исус рече: „Ти велиш”. {27:12} И кога Го обвинуваа првосвештениците и старешините, не одговараше ништо. {27:13} Тогаш Пилат Му рече: „Зар не слушаш што сè сведочат против Тебе?” {27:14} И не му одговори ниту на еден збор, така што управителот се чудеше многу. {27:15} А на секој празник управителот имаше обичај да му пушти на народот еден затвореник, кого што би го побарале. {27:16} Тогаш имаа прочуен затвореник, кој се викаше Варава. {27:17} И кога се собраа, Пилат им рече: „Кого сакате да ви го пуштам? Варава ли, или Исуса, наречен Христос?” {27:18} Зашто знаеше дека Го предадоа од завист. {27:19} И додека седеше на судиската столица, неговата жена испрати до него да му кажат: „Не прави Му ништо на Тој Праведник, зашто денес многу пострадав, насон, заради Него!” {27:20} Но првосвештениците и старешините го наговорија народот да го измоли Варава, а Исуса да Го погуби. {27:21} Тогаш управителот во одговор рече: „Кого од двајцата сакате да го пуштам?” А тие рекоа: „Варава!” {27:22} Пилат им рече: „А што да направам тогаш со Исуса, наречен Христос?” Сите рекоа: „Да биде распнат!” {27:23} А тој рече: „Какво зло направил?” А тие уште посилно викаа: „Да биде распнат!” {27:24} А Пилат штом виде дека ништо не помага, туку викотницата станува сè поголема, зеде вода и ги изми рацете пред народот и рече: „Невин сум за крвта на Овој Праведник! Вие гледајте!” {27:25} И целиот народ одговори и рече: „Неговата крв на нас и на нашите деца!” {27:26} Тогаш им го пушти Варава, а Исуса Го бичува и Го предаде да Го распнат. {27:27} Тогаш војниците на управителот Го одведоа Исуса во преторијата и ја собраа целата чета околу Него. {27:28} Го соблекоа и Го наметнаа со црвена наметка; {27:29} исплетоа трнов венец и Му го положија на главата и трска во Неговата десница; па коленичеа пред Него и Му се потсмеваа, велејќи: „Здраво, јудејски Царе!” {27:30} И плукаа на Него, ја зедоа трската и Го удираа по главата. {27:31} Откако Го исмеаја, ја соблекоа од Него црвената наметка и Го облекоа во Неговата облека и Го одведоа да Го распнат. {27:32} А на излегување сретнаа човек Киринеец, по име Симон, и го принудија да Му го носи крстот. {27:33} И кога стигнаа на местото наречено Голгота - што значи: череп, {27:34} Му дадоа да пие вино, измешано со жолчка, но кога вкуси, не сакаше да пие. {27:35} А кога Го распнаа, ги разделија Неговите облеки, фрлајќи жрепка, за да се исполни кажаното преку пророкот: „Ги разделија алиштата Мои меѓу себе и за облеката Моја фрлија жрепка.” {27:36} И седеа и Го пазеа таму. {27:37} И Му ставија над Неговата глава натпис за Неговата вина: „Овој е Исус, Јудејски Цар.” {27:38} Тогаш распнаа со Него двајца разбојници: едниот оддесно, а едниот одлево. {27:39} А минувачите Го хулеа, вртејќи ги главите {27:40} и велејќи: „Ти, што го разурнуваш Храмот и што за три дни го соѕидуваш, спаси се Себеси, ако си Божји Син; слези од крстот!” {27:41} Исто зборуваа првосвештениците, со книжевниците и старешините, потсмевајќи Му се: {27:42} ”Другите ги спаси, а Самиот Себе не може да се спаси. Тој е Израелев Цар! Нека слезе сега од крстот и ќе Му поверуваме! {27:43} Тој се надеваше на Бога, нека Го избави сега, ако Го сака, зашто рече: „Божји Син Сум!” {27:44} А исто така Го навредуваа и разбојниците распнати со Него. {27:45} А од шестиот час беше темнина по целата земја до деветтиот час. {27:46} Околу деветтиот час Исус извика со силен глас и рече: „Или! Или! Лама Савахтани!? - тоа значи: „Боже Мој, Боже Мој! Зошто си Ме оставил?” {27:47} А некои од оние, кои стоеја таму, кога го чуја тоа, рекоа: „Овој го вика Илија!” {27:48} И веднаш еден од нив отрча, зеде сунѓер, го натопи во киселина, ја надена на трска, и Му даваше да пие. {27:49} А другите велеа: „Остави! Да видиме дали ќе дојде Илија да Го спаси!” {27:50} А Исус извика пак со силен глас и го испушти духот. {27:51} И ете! Завесата во Храмот се расцепи надве, одозгора додолу, и земјата се стресе, и карпите се распукаа, {27:52} а гробовите се отворија, и воскреснаа многу тела на упокоени свети; {27:53} и излегоа од гробовите по Неговото воскресение, влегоа во Светиот Град и се јавија на мнозина. {27:54} А стотникот и оние, кои со него Го чуваа Исуса, откако го видоа земјотресот и сè што стана, се уплашија многу и рекоа: „Навистина, Овој беше Божји Син!” {27:55} А таму беа и гледаа оддалеку многу жени, кои Го следеа Исуса од Галилеја и Му служеа. {27:56} Меѓу нив беа: Марија Магдалена и Марија, мајката Јаковова и Јосиева, и мајката на Зеведеевите синови. {27:57} А кога се стемни, дојде богат човек од Ариматеја, по име Јосиф, кој и самиот беше Исусов ученик; {27:58} тој отиде при Пилата и го побара Исусовото тело. Тогаш Пилат нареди да му биде дадено. {27:59} И Јосиф го зеде телото, го завитка во чисто платно {27:60} и го положи во својот нов гроб, што го беше издлабил во карпа. И навали голем камен на гробната врата и си отиде. {27:61} А Марија Магдалена и другата Марија, седеа таму спроти гробот. {27:62} А на идниот ден, по подготвувањето, првосвештениците и фарисеите се собраа кај Пилата {27:63} и му рекоа: „Господаре, се сетивме дека оној измамник, уште додека беше жив, рече: „Ќе воскреснам по три дни.” {27:64} Затоа, заповедај да биде чуван гробот до третиот ден, за да не дојдат Неговите ученици да Го украдат, и да му речат на народот: ‘Воскресна од мртвите,’ и последната измама ќе биде полоша од првата.” {27:65} Пилат им рече: „Ене ви стража; отидете и чувајте како што знаете!” {27:66} Тие отидоа и го обезбедија гробот, го запечатија каменот - со стража. {28:1} А по саботата, на осамнување на првиот седмичен ден, дојдоа Марија Магдалена и другата Марија да го видат гробот. {28:2} И ете, стана голем земјотрес, зашто Господов ангел слезе од небото, пристапи и го одмести каменот и седна на него. {28:3} А лицето му светеше како молња, а неговата облека - бела како снег. {28:4} Од страв пред него, стражарите трепереа и станаа како мртви. {28:5} Тогаш ангелот проговори и им рече на жените: „Вие не бојте се! Зашто знам дека Го барате распнатиот Исус. {28:6} Го нема тука, зашто воскресна, како што рече! Дојдете и видете го местото каде што лежеше, {28:7} и отидете бргу и кажете им на Неговите ученици дека воскресна од мртвите и - ете - Тој оди пред вас во Галилеја. Таму ќе Го видите! Ете, ви кажав!” {28:8} И тие излегоа веднаш од гробот, со страв и со голема радост, и отрчаа да им соопштат на Неговите ученици. {28:9} И ете, Исус ги пресретна и рече: „Здраво!” А тие се приближија при Него, Му се фатија за Неговите нозе и Му се поклонија. {28:10} Тогаш Исус им рече: „Не бојте се! Одете и соопштете им на Моите браќа, да отидат во Галилеја; и таму ќе Ме видат.” {28:11} А кога одеа, ете, некои од стражарите дојдоа во градот и им соопштија на првосвештениците за сè што беше станало. {28:12} И се состанаа со старешините, и се советуваа, и им дадоа на војниците многу сребреници {28:13} и им рекоа: „Кажете дека Неговите ученици дојдоа ноќе и Го украдоа, додека ние спиевме. {28:14} И ако за ова чуе управителот, ние ќе го убедиме и ќе ве направиме да немате грижа.” {28:15} А тие ги зедоа сребрениците и постапија, како што ги подучија. И тоа слово се разгласи меѓу Јудејците до денес. {28:16} А Единаесетте ученици отидоа во Галилеја, на гората, каде што им беше определил Исус. {28:17} И штом Го видоа, Му се поклонија, а некои се сомневаа. {28:18} Тогаш Исус им се приближи и им рече: „Дадена Ми е сета власт на небото и на земјата. {28:19} Така одејќи, направете ги сите народи Мои ученици, крштавајќи ги во името на Таткото и Синот и Светиот Дух! Учејќи ги да пазат сè што Сум ви заповедал! {28:20} И еве, Јас Сум со вас во сите дни до свршетокот на светот. Амин!”