{1:1} Во почеток беше Словото, и Словото беше во Бога, и Словото беше Бог. {1:2} Тоа беше во почетокот во Бога. {1:3} Сè стана преку Него, и ништо, што стана, не стана без Него. {1:4} Во Него беше живот и животот им беше светлина на луѓето. {1:5} И светлината свети во темнина, и темнината не ја опфати. {1:6} Се јави човек, испратен од Бога, по име Јован. {1:7} Тој дојде за сведоштво, за да сведочи за Светлината, та сите да поверуваат преку него. {1:8} Тој не беше светлина, туку да сведочи за Светлината. {1:9} Вистинската Светлина, Која го осветлува секој човек, доаѓаше во светот. {1:10} Беше во светот, и светот стана преку Него, но светот не Го позна. {1:11} Дојде при Своите, но Неговите не Го примија. {1:12} А на сите кои Го примија, им даде власт да станат Божји деца, на оние кои веруваат во Неговото име: {1:13} кои не се родија ниту од крв, ниту од телесна похот, ни од волја на маж, туку од Бога. {1:14} И Словото стана тело и се настани меѓу нас и ја видовме Неговата слава, славата што ја има како Единороден од Таткото - полн со благодат и вистина. {1:15} Јован сведочи за Него и вика: „Еве Го Оној, за Кого реков: Оној, Кој доаѓа после мене, пред мене е, зашто беше пред мене!” {1:16} И, сите ние примивме од Неговата полнота: благодат врз благодат. {1:17} Зашто, Законот беше даден преку Мојсеја, а преку Исуса Христа дојдоа благодатта и вистината. {1:18} Бога никој никогаш не Го видел; Единородниот СинБог, Кој е во прегратката на Таткото, Тој Го објави.” {1:19} А ова е Јовановото сведоштво, кога Јудејците од Ерусалим му испратија свештеници и левити, за да го прашаат: „Кој си ти?” {1:20} И призна и не одрече, та исповеда: „Јас не сум Христос.” {1:21} И го прашаа: „Тогаш што! Илија ли си?” „Не сум,” одговори. „Да не си пророк?” „Не,” одговори. {1:22} Тогаш му рекоа: „Кој си? за да можеме да им одговориме на оние, кои нè испратија! Што велиш ти за себеси?” {1:23} Рече: „Јас сум глас на оној, кој вика во пустината: израмнете го Господовиот пат,” како што рече пророкот Исаија.” {1:24} Испратените беа фарисеи. {1:25} Тие го прашаа и му рекоа: „Тогаш зошто крштаваш, кога не си Христос, ниту Илија, ни пророк?” {1:26} ”Јас крштавам со вода им одговори Јован - но меѓу вас стои Еден, Кого вие не Го познавате. {1:27} Тој е Оној Кој доаѓа по мене, Кој беше пред мене, Кому јас не сум достоен да му го одврзам ременот на Неговите обувки.” {1:28} Тоа се случи во Витавара, од онаа страна на Јордан, каде што крштаваше Јован. {1:29} Утреден Јован Го виде Исуса како доаѓа при него и рече: „Еве Го Божјото Јагне, Кое ги зема гревовите на светот! {1:30} Овој е Оној за Кого ви реков: „По мене доаѓа Човек, Кој постоеше пред мене, зашто беше пред мене.” {1:31} Јас не Го познавав. Но затоа дојдов да крштавам во вода, за да му Го објавам на Израел.” {1:32} Јован сведочеше уште: „Го видов Духот да слегува од небото како гулаб, и застана над Него. {1:33} Јас не Го познавав, но Оној Кој ме испрати да крштавам во вода ми рече: „Врз Кого ќе видиш да слегува Духот и да останува над Него, Тој е Оној, Кој ќе крштава во Светиот Дух.” {1:34} И јас видов и сведочам дека Тој е Божји Син.” {1:35} Идниот ден, Јован стоеше пак и двајца од неговите ученици, {1:36} и штом Го виде Исуса да поминува, рече: „Еве Го Божјото Јагне!” {1:37} Кога ги чуја од него тие зборови, обата ученика тргнаа по Исуса. {1:38} Исус се заврти и, кога виде дека идат по Него, ги праша: „Што барате?” Тие Му одговорија: „Рави (што значи учител) каде живееш?” {1:39} ”Дојдете и видете!” им одговори. И така, отидоа да видат каде живее, и останаа при Него оној ден. Тоа беше околу десеттиот час. {1:40} Еден од двајцата кои тргнаа по Исуса, откако ги чуја Јовановите зборови, беше Андреј, братот на Симона Петра. {1:41} Тој го најде првин брата си Симона и му рече: „Го најдовме Месијата, што значи Христос (Помазаник).” {1:42} И го доведе при Исуса. А Исус, гледајќи го му рече: „Ти си Симон, синот Јонин; ти ќе се наречеш Кифа, што значи камен (Петар).” {1:43} На другиот ден Исус посака да отиде во Галилеја, и го најде Филипа. И му рече: „Дојди по Мене!” {1:44} Филип беше од Витсаида, од Петровиот и Андреевиот град. {1:45} Филип го сретна Натанаила и му рече: „Го најдовме Оној за Кого пишува Мојсеј во Законот и Пророците: Исуса, синот Јосифов од Назарет.” {1:46} ”Може ли да излезе нешто добро од Назарет?”, му рече Натанаил. „Дојди и види”, му одговори Филип. {1:47} Исус го забележа Натанаила, како Му се приближува, и рече за него: „Еве, вистински Израелец, во кого нема лукавство.” {1:48} ”Откаде ме познаваш?”, го праша Натанаил. „Уште пред да те повика Филип - му одговори Исус - те видов под смоквата.” {1:49} ”Рави! - му одговори Натанаил - Ти си Божји Син! Ти си Израелев Цар!” {1:50} Исус во одговор му рече: „Веруваш, зашто ти реков дека те видов под смоквата! Ќе видиш и повеќе од тоа!” {1:51} И му рече: „Вистина, вистина ви велам: отсега ќе го видите небото отворено и Божјите ангели како се искачуваат и слегуваат над Човечкиот Син.” {2:1} А на третиот ден имаше свадба во Кана Галилејска, и Исусовата мајка беше таму. {2:2} Ги повикаа на свадбата и Исуса и Неговите ученици. {2:3} Кога сврши виното, Му рече на Исуса Неговата мајка: „Немаат вино.” {2:4} Исус и одговори: „Што имам Јас со тебе, жено? Уште не дошол Мојот час.” {2:5} Неговата мајка им рече на слугите: „Што и да ви рече, направете.” {2:6} Таму имаше шест камени садови, според прописот за јудејското миење, што собираа по две до три мери. {2:7} Исус им рече: „Наполнете ги садовите со вода!” И ги наполнија догоре. {2:8} Тогаш им рече: „Сега нацрпете и однесете му на старосватот!” И му однесоа. {2:9} А кога старосватот вкуси од водата претворена во вино - а не знаеше од каде е, но знаеја слугите, кои црпеа од водата - го повика младоженецот {2:10} и му рече: „Секој човек најнапред го изнесува доброто вино, а кога ќе се поднапијат - слабото. Ти си го чувал доброто вино досега.” {2:11} Ова го направи Исус во Кана Галилејска како почеток на чудесата и ја објави Својата слава; и Неговите ученици поверуваа во Него. {2:12} Потоа слезе во Капернаум, Тој и мајка Му, и Неговите браќа, и Неговите ученици, и останаа таму неколку дена. {2:13} И беше близу јудејската Пасха и Исус се искачи во Ерусалим. {2:14} И ги најде во Храмот продавачите на волови, овци и гулаби и менувачите на сребреници - како седат таму. {2:15} Направи бич од јажиња и ги истера сите од Храмот, заедно со овците и воловите. На среброменувачите им ги истури сребрениците и им ги преврте масите. {2:16} А на оние, кои продаваа гулаби им рече: „Однесете го тоа оттука! Не правете трговска куќа од Домот на Мојот Татко!” {2:17} Неговите ученици се сетија дека е напишано: „Ревноста за Твојот Дом Ме изеде.” {2:18} Тогаш Јудејците Го прашаа: „Со каков знак ни го докажуваш тоа што го правиш?” {2:19} А Исус им одговори и рече: „Разурнете го овој Храм, и ќе го подигнам за три дни!” {2:20} Тогаш Јудејците рекоа: „Храмов е граден четириесет и шест години, а Ти за три дни ли ќе го подигнеш?” {2:21} Но Тој зборуваше за Храмот на Своето тело. {2:22} Кога воскресна, пак, од мртвите, Неговите ученици се сетија дека го рече тоа; па им поверуваа на Писмото и на зборот, што Исус им го рече. {2:23} А кога беше во Ерусалим, на празникот Пасха, мнозина поверуваа во Неговото име, гледајќи ги знаците, што ги правеше. {2:24} Но Самиот Исус не им се доверуваше, зашто ги познаваше сите, {2:25} и немаше потреба некој да Му сведочи за човекот, зашто Самиот знаеше што има во човекот. {3:1} А меѓу фарисеите имаше еден човек, по име Никодим, јудејски старешина. {3:2} Тој дојде ноќе при Исуса и Му рече: „Рави! Знаеме дека си дојден од Бога како Учител; зашто никој не може да ги прави чудесата, што ги правиш Ти, ако Бог не е со него.” {3:3} Исус му одговори и рече: „Вистина, вистина, ти велам, ако некој не се роди одозгора, тој не може да го види Божјото Царство.” {3:4} Никодим Му рече: „Како може да се роди човек, кога е стар? Зар може по вторпат да влезе во утробата на мајка си и да се роди?” {3:5} Исус му одговори: „Вистина, вистина, ти велам: ако некој не се роди од вода и Дух, тој не може да влезе во Божјото Царство. {3:6} Роденото од тело, тело е; а роденото од Дух, дух е. {3:7} Не чуди се што ти реков: треба да се родите одозгора. {3:8} Ветерот дува каде што сака, и го слушаш неговиот шум, а не знаеш од каде доаѓа и каде оди. Така е со секој, кој е роден од Дух.” {3:9} Никодим Му одговори и рече: „Како може да биде тоа?” {3:10} Исус му одговори и рече: „Ти си Израелев учител, и не го знаеш ли тоа? {3:11} Вистина, вистина, ти велам: зборуваме за она, што знаеме; сведочиме за она што сме виделе; а сепак не го примате нашето сведоштво. {3:12} Не верувате кога ви зборував за земните работи, како ќе верувате ако ви кажувам за небесните? {3:13} И никој не отишол во небо, освен Оној, Кој слезе од небото, Човечкиот Син Кој е во небото.” {3:14} И како што Мојсеј ја издигна змијата во пустината, така треба да биде издигнат Човечкиот Син, {3:15} та секој, кој верува во Него да не загине, но да има вечен живот. {3:16} Зашто Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој, кој верува во Него, да не загине, туку да има вечен живот. {3:17} Зашто Бог не Го испрати Својот Син во светот за да му суди на светот, туку светот да се спаси преку Него. {3:18} Кој верува во Него, нему не му се суди; а кој не верува веќе е осуден, зашто не поверувал во името на Единородниот Божји Син. {3:19} Судот се состои во ова: Светлината дојде во светот, а луѓето ја засакаа темнината повеќе од светлината, зашто делата им беа зли. {3:20} Зашто, секој кој прави зло ја мрази светлината и не оди кон светлината, за да не бидат откриени неговите дела; {3:21} а кој ја извршува вистината оди кон светлината, за да се видат неговите дела, бидејќи се извршени во Бога. {3:22} Потоа Исус дојде со Своите ученици во Јудеја; таму се задржа со нив и крштаваше. {3:23} Исто и Јован крштаваше во Енон, близу Салим, зашто таму имаше многу вода, и луѓето доаѓаа и се крштаваа; {3:24} зашто Јован уште не беше фрлен во темница. {3:25} Така настана препирка меѓу Јовановите ученици и еден Јудеец околу очистувањето. {3:26} И дојдоа при Јована и му рекоа: „Учителе, ене, Оној Кој беше со тебе на онаа страна на Јордан, за Кого ти сведочеше, Тој крштава, и сите одат при Него.” {3:27} Јован одговори и рече: „Не може човек ништо да земе, ако не му е дадено од небото. {3:28} Вие сами сте мои сведоци дека реков: „Јас не сум Христос, туку сум испратен пред Него.” {3:29} Кој има невеста, тој е младоженец. А пријателот на младоженецот, кој стои и го слуша, се радува многу штом ќе го чуе гласот на младоженецот. И така, оваа моја радост се исполни. {3:30} Тој треба да расте, а јас да се смалувам!” {3:31} Кој доаѓа одозгора, над сите е; кој е од земјата, земен е и зборува земски. Кој доаѓа од небото над сите е; {3:32} тој сведочи за она што видел и чул, но никој не го прима Неговото сведоштво. {3:33} Кој го примил Неговото сведоштво, потврдува дека Бог е вистински. {3:34} Зашто Оној Кого Бог Го испратил говори Божји зборови; бидејќи, Бог не дава Дух со мерка. {3:35} Таткото Го љуби Синот и сè предаде во Неговата рака. {3:36} Кој верува во Синот, има вечен живот; а кој не се покорува на Синот, нема да види живот, туку Божијот гнев останува врз него.” {4:1} Кога Исус научи дека фарисеите чуле оти Тој придобива и крштава повеќе ученици од Јована, {4:2} - иако самиот Исус не крштаваше, туку Неговите ученици, - {4:3} ја напушти Јудеја и се врати пак во Галилеја. {4:4} А требаше да помине преку Самарија. {4:5} Така дојде во самарјанскиот град, наречен Сихар, во близина на земјиштето, што Јаков му го даде на сина си Јосифа; {4:6} таму беше Јакововиот Извор. А Исус, изморен од патот, седеше така на кладенецот; беше околу шестиот час. {4:7} Дојде една самарјанка, за да нацрпи вода. Исус и рече: „Дај Ми да пијам!” {4:8} Зашто учениците Негови беа отишле во градот да купат храна. {4:9} Самарјанката Му рече: „Како Ти, Јудеец, бараш од мене, Самарјанка, да пиеш?” Имено, Јудејците не општеа со Самарјанците. {4:10} Исус и одговори и рече: „Кога би знаела за Божјиот дар и Кој е Оној што ти вели: ‘Дај ми да пијам,’ ти би побарала од Него и Тој би ти дал жива вода.” {4:11} Жената Му одговори: „Нема со што да нацрпиш, господине, а кладенецот е длабок! Тогаш, од каде имаш жива вода? {4:12} Зар си Ти поголем од нашиот татко Јаков, кој ни го даде кладенецов? И тој самиот пиеше од него, и неговите синови, и неговиот добиток!” {4:13} Исус во одговор и рече: „Секој кој пие од водава, пак ќе ожедни. {4:14} А кој пие од водата што Јас ќе му ја дадам нема да ожедни довека, туку водата што ќе му ја дадам, ќе стане во него извор на вода, извирајќи во вечен живот.” {4:15} Жената Му рече: „Господине, дај ми од водата за да не ожеднувам и да не доаѓам тука да нацрпувам!” {4:16} Исус и рече: „Оди, повикај го мажа си и врати се тука!” {4:17} Жената му одговори и рече: „Јас немам маж.” Исус и рече: „Право кажа дека немаш маж; {4:18} зашто си имала петмина мажи и тој, кого го имаш сега, не ти е маж. Тоа го рече вистинито.” {4:19} Жената Му рече: „Господине, гледам дека си пророк. {4:20} Нашите татковци Му се поклонуваа на Бога на оваа планина, а вие велите дека Ерусалим е местото каде што треба да се поклонуваме.” {4:21} Исус и рече: „Верувај Ми жено, дека иде часот кога не ќе Му се поклонувате на Таткото ниту на оваа планина ниту во Ерусалим. {4:22} Вие не знаете на што му се поклонувате; ние знаеме на што му се поклонуваме, зашто Спасението доаѓа од Јудејците. {4:23} Но доаѓа час - и веќе е тука - кога вистинските поклоници ќе Му се поклонуваат на Таткото во дух и вистина, зашто Таткото сака такви поклоници. {4:24} Бог е Дух, и кои Му се поклонуваат, треба да Му се поклонуваат во дух и вистина.” {4:25} Жената Му одговори: „Знам дека ќе дојде Месија, Кој се вика Христос. Кога ќе дојде Тој, ќе ни објави сè.” {4:26} Исус и рече: „Јас Сум, Кој зборувам со тебе.” {4:27} Тогаш дојдоа Неговите ученици и се чудеа дека разговара со жена, но ниеден не рече: „Што сакаш?” или: „Зошто разговараш со неа?” {4:28} Тогаш жената ја остави својата стомна и отиде во градот, па им рече на луѓето: {4:29} ”Дојдете да Го видите Човекот, Кој ми кажа сè што сум направила! Да не е Тој Христос?” {4:30} Тие излегоа од градот и тргнаа кон Него. {4:31} Во меѓувреме учениците Го молеа Исуса: „Рави, јади!” {4:32} Но Тој им рече: „Јас имам храна за јадење, што вие не ја знаете.” {4:33} Тогаш учениците зборуваа помеѓу себе: „Да не му донесол некој јадење?” {4:34} Исус им рече: „Мојата храна е да ја исполнувам волјата на Оној, Кој ме прати и да го завршам Неговото дело. {4:35} Зар вие не велите: „Уште четири месеци и жетвата ќе дојде! „Еве, ви велам: подигнете ги своите очи и видете ги нивите како побелеле за жетва! {4:36} Жетварот веќе добива плата и собира плод за вечен живот; да се радуваат заедно и сејачот и жетварот. {4:37} Зашто во ова вистинска е пословицата: „Еден сее, а друг жние!” {4:38} Јас ве испратив да жниете, каде што не сте се труделе. Други се трудеа, а вие влеговте во нивниот труд. {4:39} И мнозина самарјани од градот поверуваа во Него по зборовите на жената, која сведочеше: „Тој ми кажа сè што сум направила.” {4:40} Па кога Самарјанците дојдоа при Него, Го замолија да остане кај нив; и остана таму два дена. {4:41} И уште повеќе од нив поверуваа заради Неговото слово, {4:42} а на жената и велеа: „Сега не веруваме заради твоето кажување; зашто самите чувме и знаеме дека Тој е навистина Христос, Спасителот на светот.” {4:43} По два дена тргна оттаму за Галилеја. {4:44} Зашто Самиот Исус изјави дека пророкот нема чест во својата родина. {4:45} И така, кога дојде во Галилеја, Галилејците Го примија, зашто беа виделе сè што стори во Ерусалим на празникот, бидејќи и самите дојдоа на празникот. {4:46} И пак дојде во Кана Галилејска, каде ја претвори водата во вино. А имаше еден царски службеник, чиј син беше болен во Капернаум. {4:47} Тој, штом чу дека Исус дојде од Јудеја во Галилеја, отиде при Него и Го замоли да слезе и да му го исцели синот, зашто беше на умирање. {4:48} Тогаш Исус му рече: „Ако не видите знаци и чудеса, нема да поверувате.” {4:49} Царскиот службеник Му рече: „Господине, слези пред да ми умре детето!” {4:50} Исус му рече: „Оди си, твојот син е жив!” Човекот му поверува на зборот, што му го кажа Исус и си замина. {4:51} И додека уште слегуваше, неговите слуги го пресретнаа и му соопштија дека син му е жив. {4:52} А тој ги праша за часот во кој му станало полесно. Тие му одговорија: „Вчера, во седмиот час, го остави треската.” {4:53} Тогаш таткото разбра дека тоа се случило во часот кога Исус му рече: „Твојот син е жив!” И поверува тој и целиот негов дом. {4:54} Ова пак второ чудо го направи Исус, кога дојде од Јудеја во Галилеја. {5:1} Потоа беше јудејски празник и Исус се искачи во Ерусалим. {5:2} А во Ерусалим, при Овчата Врата, има бања со пет тремови, на еврејски наречена Витезда. {5:3} Во нив лежеа мнозина болни; слепи, хроми и суви, (кои чекаа да се раздвижи водата. {5:4} Зашто, ангел, одвреме на време, слегуваше во бањата и ја раздвижуваше водата, а кој прв ќе влезеше - откако ќе се разбрануваше водата - оздравуваше од каква и да било болест да страдаше.) {5:5} Таму имаше еден човек, кој лежеше болен триесет и осум години. {5:6} Кога Исус го виде како лежи и кога узна дека веќе долго боледува, му рече: „Сакаш ли да оздравиш?” {5:7} Болниот Му одговори: „Господине, немам човек да ме спушти во бањата, кога ќе се разбранува водата; а додека дојдам јас, друг слегува пред мене.” {5:8} Исус му рече: „Стани, подигни ја својата постела и оди!” {5:9} И човекот оздраве веднаш, ја зеде својата постела и почна да оди. А тој ден беше сабота. {5:10} Затоа Јудејците му рекоа на оздравениот човек: „Сабота е и не смееш да ја носиш постелата.” {5:11} Но тој им одговори: „Оној, Кој ме излечи ми рече: „Подигни ја својата постела и оди!” {5:12} Тогаш го прашаа: „Кој е човекот кој ти рече: „Подигни ја својата постела и оди?” {5:13} А исцелениот не знаеше Кој е, зашто Исус се отстрани, бидејќи имаше многу народ на тоа место. {5:14} Потоа Исус го најде во Храмот и му рече: „Ете, оздраве, не греши повеќе, за да не те снајде нешто полошо.” {5:15} Човекот отиде и им кажа на Јудејците дека Исус го излекува. {5:16} И затоа Јудејците Го гонеа Исуса, и сакаа да Го убијат, дека тоа го направи во сабота. {5:17} А Исус им одговори: „Мојот Татко работи постојано, па и Јас работам.” {5:18} Затоа Јудејците Го бараа уште повеќе да Го убијат, не само дека ја нарушуваше саботата, туку дека и Бога Го наречуваше Свој Татко, изедначувајќи се со Бога. {5:19} А Исус пак во одговор им рече: „Вистина, вистина ви велам, Синот не може ништо да прави Сам од Себе, ако не види што прави Таткото; зашто она што го прави Таткото истото го прави и Синот. {5:20} Зашто Таткото Го љуби Својот Син и Му покажува сè што прави Сам и ќе Му покаже дела уште поголеми од овие, за да се чудите. {5:21} Зашто, како што Таткото воскреснува мртви и ги оживува, така и Синот ги оживува оние, кои што сака. {5:22} Таткото не суди никого, туку целиот суд Му го даде на Синот, {5:23} за сите да Го почитуваат Синот, како што Го почитуваат Таткото. Кој не Го почитува Синот - не Го почитува ни Таткото, Кој Го пратил. {5:24} Вистина, вистина ви велам: кој го слуша Моето слово и верува во Оној, Кој Ме прати, има вечен живот и не доаѓа на суд, туку преминал од смртта во живот. {5:25} Вистина, вистина ви велам дека доаѓа час - и веќе е тука - кога мртвите ќе го чујат гласот на Божјиот Син, и кои ќе го чујат, ќе живеат. {5:26} Зашто како што Таткото има живот во Себе, така Му даде и на Синот да има живот во Себе. {5:27} Му ја даде и власта да суди, зашто е Човечки Син. {5:28} Не чудете се на тоа, зашто доаѓа час во кој сите, кои се во гробовите, ќе го чујат Неговиот глас {5:29} и ќе излезат од нив, кои правеле добро, ќе воскреснат за живот; а кои правеле зло, ќе воскреснат за осудување. {5:30} Јас ништо не можам да правам Сам од Себе; како што слушам, така судам, и Мојот суд е праведен, зашто не ја барам Мојата волја, туку волјата на Оној, Кој Ме прати. {5:31} Ако Јас сведочам Сам за Себе, Моето сведоштво нема да биде вистинско. {5:32} Има Друг Кој сведочи за Мене и знам дека е вистинско сведоштвото што го дава за Мене. {5:33} Вие пративте при Јована, и тој посведочи за вистината; {5:34} но јас не примам сведоштво од човек, туку го кажувам ова, за да се спасите вие. {5:35} Тој беше светило, што гореше и светеше, но вие сакавте да се радувате малку време на неговата светлина. {5:36} Јас пак имам сведоштво поголемо од Јовановото: делата што Таткото Ми ги даде да ги завршам, токму тие дела, што ги правам, сведочат за Мене - дека Таткото Ме пратил. {5:37} И Таткото, Кој Ме прати, Самиот сведочи за Мене. Вие ни го чувте некогаш Неговиот глас, ниту го видовте Неговото лице, {5:38} и Неговите зборови ги немате постојано во вас, зашто не Му верувате на Оној, Кого Тој Го пратил. {5:39} Вие ги проучувате Писмата, зашто мислите дека имате вечен живот во нив; и тие сведочат за Мене. {5:40} Но вие не сакате да дојдете при Мене, за да имате живот. {5:41} Слава не примам од луѓе, {5:42} но знам дека вие немате во себеси Божјата љубов. {5:43} Јас дојдов во името на Мојот Татко, и не Ме примате. Ако дојде друг во свое име, него ќе го примите. {5:44} Како можете да верувате, кога примате слава еден од друг, а не ја барате славата, што доаѓа од Единиот Бог? {5:45} Не мислете дека Јас ќе ве обвинам пред Таткото; има кој ве обвинува - Мојсеј, на кого се надевате. {5:46} Зашто, ако му верувавте на Мојсеја, ќе Ми верувавте и Мене; зашто тој пишуваше за Мене. {5:47} Но ако не им верувате на неговите Писма, како ќе им верувате на Моите зборови?” {6:1} Потоа отиде Исус на другата страна од Галилејското Море, наречено Тиверијадско. {6:2} Многу народ одеше по Него, зашто ги гледаа чудесата, што ги правеше над болните. {6:3} Исус се искачи на гората и седеше таму со Своите ученици. {6:4} А наближуваше јудејскиот празник - Пасхата. {6:5} Тогаш Исус ги подигна очите и виде дека многу народ доаѓа кон Него, па му рече на Филипа: „Каде да купиме леб, за да се нахранат овие?” {6:6} Тоа го рече за да го искуша; зашто Самиот знаеше што ќе направи. {6:7} Филип Му одговори: „Не ќе им стигне леб за двеста денарии, па секој од нив да добие по малку.” {6:8} Еден од Неговите ученици, Андреј братот на Симона Петра, Му рече: {6:9} ”Тука има едно момче, кое има пет јачмени лебови и две риби; но што е тоа за толкаво множество?” {6:10} А Исус рече: „Нека поседнат луѓето!” Имено, имаше многу трева на местото, па поседнаа луѓето, на број околу пет илјади. {6:11} Тогаш, Исус ги зеде лебовите, заблагодари и им ги раздаде на учениците, а учениците на оние што поседнаа; исто така и од рибите, колку што сакаа. {6:12} Кога се наситија, им рече на Своите ученици: „Соберете ги останатите парчиња, за да не пропадне ништо!” {6:13} И така, ги собраа и наполнија дванаесет кошници со парчиња од петте јачмени лебови, што им останаа на оние, кои јадеа. {6:14} Луѓето, кога го видоа чудото што го направи, рекоа: „Овој е навистина Пророкот, Кој требаше да дојде на светот.” {6:15} Исус, - штом разбра дека сакаат да дојдат и да го одвлечат насила, за да Го направат цар - пак се повлече сосем Сам во гората. {6:16} Кога се приквечери, Неговите ученици слегоа до морето, {6:17} и влегоа во кораб и отидоа преку морето во Капернаум. Веќе се стемни, а Исус уште не беше дојден при нив. {6:18} Морето се разбранува, оти дуваше силен ветер. {6:19} Откако одвеслаа околу дваесет и пет или триесет стадии, Го видоа Исуса како оди по морето и се приближува кон коработ; па се исплашија. {6:20} Но Тој им рече: „Јас Сум, не бојте се!” {6:21} Тие сакаа да Го земат во коработ, а коработ се најде веднаш на брегот, каде што одеа. {6:22} Утреден, народот, што стоеше преку морето, виде дека таму немаше друго бротче освен едното и дека Исус не влезе во бротчето со Своите ученици, туку дека Неговите ученици отпловија сами. {6:23} Од Тиверијада пристигнаа други бротчиња, близу до местото каде што беа јале леб, откако Господ заблагодари. {6:24} И кога народот виде дека таму ги нема ни Исуса ни Неговите ученици, влегоа во корабите и пристигнаа во Капернаум, за да Го бараат Исуса. {6:25} Кога Го најдоа на другата страна на морето, Му рекоа: „Рави, кога дојде тука?” {6:26} Во одговор Исус им рече: „Вистина, вистина ви велам, Ме барате не затоа што ги видовте чудните знаци, туку дека ги јадевте лебовите и се наситивте. {6:27} Работете не за храна што се расипува, но за храна што останува за вечен живот, а што ќе ви ја даде Човечкиот Син, зашто Бог Таткото Го потврди Него за тоа!” {6:28} Тогаш Му рекоа: „Што да правиме, за да ги извршуваме Божјите дела?” {6:29} Исус одговори и им рече: „Божјото дело е ова: да верувате во Оној, Кого Тој Го испратил.” {6:30} Тие пак Му рекоа: „Каков знак правиш, да видиме и да Ти поверуваме? Што правиш?” {6:31} Нашите татковци јадеа мана во пустината, како што е напишано: „Им даде да јадат леб од небото.” {6:32} Исус им рече: „Вистина, вистина ви велам, Мојсеј не ви даде леб од небото; а Мојот Татко ви дава вистински леб од небото. {6:33} Зашто Божјиот леб е Оној, Кој слегува од небото и му дава живот на светот.” {6:34} Тогаш Му рекоа: „Господи, давај ни го секогаш тој леб.” {6:35} Исус им рече: „Јас Сум Лебот на животот; кој доаѓа при Мене нема да огладни и кој верува во Мене нема никогаш да ожедни. {6:36} Но ви реков: иако Ме видовте - не верувате. {6:37} Сè што Таткото Ми дава ќе дојде при Мене, а оној кој доаѓа при Мене нема да го исфрлам; {6:38} зашто не слегов од Небото да ја извршувам Мојата волја, туку волјата на Оној, Кој Ме испратил. {6:39} А ова е волјата на Оној, Кој Ме пратил: да не изгубам ништо од сè што Ми дал, туку да го воскреснам во последниот ден. {6:40} Зашто тоа е волјата на Мојот Татко, секој што ќе Го види Синот и поверува во Него - да има вечен живот, и Јас ќе го воскреснам во последниот ден.” {6:41} Тогаш Јудејците роптаа против Него зашто рече: „Јас Сум лебот што слезе од небото”, {6:42} и зборуваа: „Не е ли овој Исус, синот Јосифов, чии татко и мајка ги познаваме? Како вели сега: ‘Слегов од небото?’ {6:43} Исус одговори и им рече: „Не роптајте меѓу себе. {6:44} Никој не може да дојде при Мене, ако не го привлече Таткото, Кој ме прати, и Јас ќе го воскреснам во последниот ден. {6:45} Кај пророците е напишано: ‘Сите ќе бидат научени од Бога.’ Секој, кој чул од Таткото и научил, доаѓа при Мене. {6:46} Не дека некој Го видел Таткото, освен Оној Кој доаѓа од Бога, Тој Го видел Таткото. {6:47} Вистина, вистина ви велам: кој верува во Мене има вечен живот.” {6:48} ”Јас Сум Лебот на животот. {6:49} Вашите татковци јадеа мана во пустината и изумреа. {6:50} Ова е лебот што слегува од небото, за да не умре оној, кој јаде од него. {6:51} Јас Сум живиот леб што слезе од небото. Ако некој јаде од овој леб ќе живее довека; а лебот, што ќе го дадам, Јас, е Моето тело, што ќе го предадам за животот на светот.” {6:52} Тогаш Јудејците се препираа меѓу себе и велеа: „Како може Овој да ни го даде Своето тело да го јадеме?” {6:53} Тогаш Исус им рече: „Вистина, вистина ви велам: ако не го јадете телото на Човечкиот Син и не ја пиете Неговата крв, не ќе имате живот во себе. {6:54} Кој го јаде Моето тело и ја пие Мојата крв, има вечен живот; и Јас ќе го воскреснам во последниот ден. {6:55} Зашто Моето тело е вистинска храна, и Мојата крв - вистинско питие. {6:56} Кој јаде од Моето тело и пие од Мојата крв - останува во Мене и Јас во него. {6:57} Како што Мене Ме испрати живиот Татко, и Јас живеам преку Таткото, така и оној кој Ме јаде Мене, ќе живее преку Мене. {6:58} Ова е лебот што слезе од небото. Не како што вашите татковци јадеа мана и изумреа, кој јаде од овој леб, ќе живее довека.” {6:59} Ова го рече кога поучуваше во Капернаум, во синагогата. {6:60} Мнозина од Неговите ученици, штом го чуја тоа, рекоа: „Тешка е оваа беседа! Кој може да ја слуша?” {6:61} Бидејќи Исус знаеше во Себе дека Неговите ученици негодуваат заради тоа, им рече: „Зар ова ве соблазнува? {6:62} А ако Го видите Човечкиот Син да се вознесува горе - каде што бил порано? {6:63} Духот е оној, кој оживува; телото не помага ништо. Зборовите што ви ги реков се дух и живот. {6:64} Но има некои од вас, кои не веруваат. „Зашто Исус знаеше од почеток кои не веруваат и кој ќе Го предаде. {6:65} И рече: „Затоа ви реков, дека никој не може да дојде при Мене, ако не му е дадено од Мојот Татко.” {6:66} Оттогаш мнозина од Неговите ученици се вратија и не одеа веќе со Него. {6:67} А Исус им рече на Дванаесетмината: „Да не сакате и вие да си отидете?” {6:68} Симон Петар Му одговори: „Господи, при кого да отидеме? Ти имаш зборови на вечен живот. {6:69} Ние поверувавме и познавме дека си Ти Христос, Син на живиот Бог.” {6:70} Исус им одговори: „Зар не ве избрав Јас - Дванаесетмината? Но еден од вас е ѓавол.” {6:71} А зборуваше за Јуда Симонов Искариотски, зашто тој, еден од Дванаесетте, сакаше да Го предаде. {7:1} Потоа Исус одеше по Галилеја; бидејќи не сакаше да оди по Јудеја, зашто Јудејците Го бараа да Го убијат. {7:2} А наближуваше јудејскиот празник на Сениците. {7:3} Тогаш Неговите браќа Му рекоа: „Замини оттука и оди во Јудеја, та и Твоите ученици да ги видат делата, што ги вршиш; {7:4} зашто никој не прави нешто тајно, кога самиот сака да биде познат. Штом ги вршиш тие дела, јави му се на светот.” {7:5} Зашто ни Неговите браќа не веруваа во Него. {7:6} Затоа Исус им рече: „Моето време уште не дошло, а вашето време секогаш е подготвено. {7:7} Светот не може да ве мрази вас; а Мене Ме мрази, зашто сведочам за него дека неговите дела се зли. {7:8} Вие отидете горе на празникот; Јас не одам на празников, зашто Моето време уште не се исполнило.” {7:9} Тоа им го рече и остана во Галилеја. {7:10} А кога Неговите браќа отидоа на празникот, тогаш отиде и Самиот, не јавно, туку тајно. {7:11} Но Јудејците Го бараа на празникот и зборуваа: „Каде е Оној?” {7:12} И многу се зборуваше за Него во народот; едни зборуваа: „Добар е!” а други велеа: „Не, туку го заблудува народот.” {7:13} Меѓутоа, никој не зборуваше слободно за Него, заради стравот од Јудејците. {7:14} А кога празникот веќе се преполови, Исус отиде во Храмот и поучуваше. {7:15} Затоа Јудејците се чудеа и велеа: „Како ги познава Овој Писмата - кога не учел?” {7:16} Тогаш Исус им одговори и рече: „Мојата наука не е Моја, туку на Оној Кој Ме пратил. {7:17} Ако некој сака да ја исполнува Неговата волја, ќе знае дали е наукава од Бога, или зборувам Сам од Себе. {7:18} Кој говори сам од себе - ја бара својата слава; а кој ја бара славата на Оној Кој Го пратил - Тој е вистински; во Него нема неправда. {7:19} Зар Мојсеј не ви даде Закон? Но, никој од вас не го исполнува Законот. Зошто сакате да Ме убиете?” {7:20} Народот одговори: „Бес е во Тебе; кој сака да Те убие?” {7:21} Исус во одговор им рече: „Направив едно дело и сите се чудите. {7:22} Затоа Мојсеј ви го даде обрезанието - не како тоа да е од Мојсеја, туку од татковците, па вие во сабота обрезувате човек. {7:23} Ако човек се обрезува во сабота - за да не се наруши Мојсеевиот Закон - зошто се лутите на Мене дека исцелив цел човек во сабота? {7:24} Не судете по надворешниот изглед, туку судете праведно!” {7:25} Тогаш некои од ерусалимците рекоа: „Не е ли Овој Човекот, Кого Го бараат да Го убијат? {7:26} А ете, зборува слободно и ништо не Му велат. Да не се увериле старешините, дека Тој е навистина Христос? {7:27} Но, Овој Го знаеме од каде е, а кога ќе дојде Христос, никој не ќе знае од каде е.” {7:28} Исус пак, поучувајќи во Храмот, извика и рече: „И Мене Ме познавате, а знаете и од каде Сум; не дојдов Сам од Себе, туку е вистински Оној, Кој Ме пратил, Кого вие не Го познавате. {7:29} Јас Го знам, зашто Сум од Него и Тој Ме прати.” {7:30} Тогаш сакаа да Го фатат, но никој не стави рака врз Него, зашто уште не беше дошол Неговиот час. {7:31} А мнозина од народот поверуваа во Него и велеа: „Кога ќе дојде Христос, дали ќе направи повеќе чуда, отколку што направи Овој?” {7:32} Фарисеите чуја дека народот зборува така за Него, па првосвештениците и фарисеите испратија служители да Го фатат. {7:33} Тогаш Исус рече: „Уште малку време Сум со вас, потоа заминувам кај Оној, Кој Ме пратил. {7:34} Ќе Ме барате и нема да Ме најдете, и каде Сум Јас, вие не можете да дојдете.” {7:35} Тогаш Јудејците си рекоа меѓу себе: „Каде ќе оди Овој, па да не можеме да Го најдеме? Да не сака да оди при расеаните меѓу Грците и да ги поучува Грците? {7:36} Што значи зборот, што го рече: ‘Ќе Ме барате и нема да Ме најдете;’ и: ‘каде Сум Јас, вие не можете да дојдете?’ {7:37} А во последниот, големиот ден на празникот Исус застана и извика, велејќи: „Ако е некој жеден, нека дојде при Мене и нека пие. {7:38} Кој верува во Мене - како што е кажано во Писмото - „од неговата внатрешност ќе потечат реки на жива вода.” {7:39} Тоа го рече пак за Духот, Кого ќе Го примат оние, кои веруваат во Него; зашто Духот уште не беше слезен, зашто Исус уште не беше прославен. {7:40} А некои од народот, кои ги чуја тие зборови, рекоа: „Овој е навистина Пророкот. {7:41} Други велеа: „Овој е Христос.” Трети пак прашуваа: „Зар Христос ќе дојде од Галилеја? {7:42} Зар Писмото не рече дека Христос ќе дојде од Давидовото семе, и од гратчето Витлеем, каде беше Давид?” {7:43} Така настана раздор во народот заради Него. {7:44} А некои од нив сакаа да Го фатат, но никој не стави рака врз Него. {7:45} Кога слугите дојдоа при првосвештениците и фарисеите, тие им рекоа: „Зошто не Го доведовте?” {7:46} Служителите одговорија: „Никој никогаш не зборувал така, како што говори Овој Човек.” {7:47} А фарисеите им одговорија: „Зар сте и вие заблудени? {7:48} Дали некој од првенците или од фарисеите поверувал во Него? {7:49} Туку, проклет е овој народ, што не го знае Законот.” {7:50} Никодим, кој порано отиде при Исуса, а кој беше од нив, им рече: {7:51} ”Осудува ли нашиот Закон некого, ако најнапред не го сослуша и не разбере што прави?” {7:52} Тие во одговор му рекоа: „Да не си и ти од Галилеја? Испитај и види дека пророк не доаѓа од Галилеја.” {7:53} И секој си отиде во својот дом. {8:1} Исус отиде на Маслиновата Гора. {8:2} А рано наутро пак дојде во Храмот; и сиот народ доаѓаше при Него. Тој седна и ги поучуваше. {8:3} Тогаш книжниците и фарисеите доведоа една жена, фатена во прељуба, откако ја поставија насредина, {8:4} Му рекоа: „Учителе, женава е фатена во самото дело на прељуба. {8:5} А Мојсеј ни нареди во Законот да ги убиваме со камења таквите; а Ти што велиш?” {8:6} Тоа го рекоа за да Го искушаат, за да имаат за што да Го обвинат. А Исус се наведна и пишуваше со прстот по земјата. {8:7} Но бидејќи и натаму Го прашуваа, се исправи и им рече: „Кој е од вас безгрешен, нека прв фрли камен врз неа!” {8:8} И пак се наведна и пишуваше по земјата. {8:9} А тие, кога го чуја тоа, бидејќи совеста ги убеди, излегуваа еден по еден, почнувајќи од најстарите до последните. И Исус остана Сам со жената, која стоеше насреде. {8:10} Исус се исправи и и рече: „Жено, каде се? Ниеден ли не те осуди?” {8:11} Таа одговори: „Ниеден, Господи.” Исус рече: „Ни Јас не те осудувам, оди си и отсега не греши веќе.” {8:12} Исус пак прозбори натаму, велејќи: „Јас Сум Светлината на светот; кој Ме следи, нема да оди во темнина, туку ќе ја има Светлината на Животот.” {8:13} Затоа фарисеите Му рекоа: „Ти сведочиш Сам за Себе Твоето сведоштво не е вистинско.” {8:14} Исус во одговор им рече: „Иако сведочам Сам за Себе, Моето сведоштво е вистинско, зашто знам од каде дојдов и каде одам, а вие не знаете од каде дојдов и каде одам. {8:15} Вие судите според телото; Јас не му судам никому. {8:16} И ако и судам Мојот суд е вистински, зашто не Сум Сам, туку - Јас и Мојот Татко, Кој Ме прати. {8:17} И во вашиот закон пишува дека сведоштвото на двајца луѓе е вистинско. {8:18} Јас сведочам за Себе и Мојот Татко, Кој Ме прати, сведочи за Мене.” {8:19} Тогаш Му рекоа: „Каде е Твојот Татко?” Исус одговори: „Не Ме познавате ни Мене ни Мојот Татко; ако Ме познававте Мене, ќе Го познававте и Мојот Татко.” {8:20} Овие зборови ги кажа, при ризницата, кога поучуваше во Храмот; и никој не Го фати, зашто уште не беше дошол Неговиот час. {8:21} И Исус им рече пак: „Јас си одам и ќе Ме барате, и ќе умрете во својот грев. Каде одам Јас - вие не можете да дојдете.” {8:22} Затоа Јудејците рекоа: „Да не се самоубие, зашто вели: ‘Каде одам Јас - вие не можете да дојдете?’” {8:23} Им рече уште: „Вие сте од долу, Јас Сум одозгора; вие сте од светов, Јас не Сум од светов. {8:24} Затоа ви реков дека ќе умрете во своите гревови; зашто ако не поверувате дека Сум Јас, ќе умрете во своите гревови.” {8:25} Тогаш Го прашаа: „Кој си Ти?” Исус им рече: „Имено тоа, кое ви зборувам од почетокот. {8:26} Имам многу да зборувам и да судам за вас; но вистински е Оној, Кој Ме испрати, и Јас му го кажувам на светот, она, што сум го чул од Него.” {8:27} Не сфатија дека им зборува за Таткото. {8:28} Затоа Исус им рече: „Кога ќе Го издигнете Човечкиот Син, тогаш ќе сознаете дека тоа Сум Јас и дека ништо не правам Сам од Себе, туку дека зборувам она што Татко Ми Ме научи. {8:29} Оној, Кој ме прати, е со Мене; не Ме остави Сам, зашто секогаш го вршам она што Му е угодно.” {8:30} Кога го зборуваше тоа, мнозина поверуваа во Него. {8:31} Затоа Исус им рече на Јудејците, кои Му поверуваа: „Ако пребивате во Моето слово, навистина сте Мои ученици; {8:32} и ќе ја познаете вистината, и вистината ќе ве ослободи.” {8:33} Му одговорија: „Ние сме Авраамово потомство и никогаш никому не сме му робувале; како велиш Ти: ‘Ќе бидете слободни?’ {8:34} Исус им одговори: „Вистина, вистина ви велам, дека секој кој прави грев, роб му е на гревот. {8:35} А робот не останува дома довека; Синот останува довека. {8:36} И така, ако Синот ве ослободи, навистина ќе бидете слободни. {8:37} Знам дека сте Авраамово потомство; но пак барате да Ме убиете, зашто Моето слово нема место во вас. {8:38} Јас го зборувам тоа што сум го видел кај Татко Ми. Исто и вие правите што сте чуле од вашиот татко.” {8:39} Му одговорија и рекоа: „Наш татко е Авраам.” Исус им рече: „Ако бевте Авраамови чеда, ќе ги вршевте Авраамовите дела. {8:40} А сега сакате да Ме убиете Мене, Човекот, Кој ви ја кажа вистината, што ја чув од Бога. Авраам не направи така. {8:41} Вие ги вршите делата на татка си.” Ние не сме родени од блудство; имаме еден Татко - Бог.” {8:42} Исус им рече: „Ако Бог беше ваш Татко, ќе Ме љубевте Мене; зашто Јас од Бога излегов и дојдов; и не дојдов Сам од Себе, туку Тој Ме прати. {8:43} Зошто не го разбирате Моето зборување? Затоа што не можете да ја слушате Мојата наука. {8:44} Вие потекнувате од вашиот татко - ѓаволот, и сакате да ги исполнувате желбите на татка си. Тој беше човекоубиец од почеток и не остана во вистината, зашто нема вистина во него. Кога зборува лага, зборува од своето, зашто е лажец и татко на лагата. {8:45} Не Ми верувате Мене, зашто ви ја зборувам вистината. {8:46} Кој од вас Ме обвинува за грев? Ако ја зборувам вистината, зошто не Ми верувате? {8:47} Кој е од Бога, ги слуша Божјите зборови; затоа вие не ги слушате, зашто не сте од Бога.” {8:48} Јудејците Му одговорија и рекоа: „Не зборуваме ли ние право, дека Ти си Самарјанец и дека имаш бес?” {8:49} Исус одговори: „Јас немам бес, туку Го почитувам Мојот Татко, а вие Ме срамите. {8:50} Јас не ја барам Мојата Слава; има Кој бара и суди. {8:51} Вистина, вистина ви велам, ако некој го запази Моето слово, нема да види смрт довека.” {8:52} Јудејците Му рекоа: „Сега знаеме, дека имаш нечист дух во Тебе. Авраам почина, и пророците исто, а Ти велиш: ‘Ако некој го запази Моето слово, нема да ја вкуси смртта довека.’ {8:53} Зар си Ти поголем од нашиот татко Авраам - кој умре? И пророците умреа. За кого се претставуваш Ти Самиот?” {8:54} Исус одговори: „Ако Јас се прославувам Самиот Себе, Мојата слава е ништо; Мене Ме слави Мојот Татко, за Кого вие велите дека е ваш Бог. {8:55} Вие не Го запознавте, а Јас Го познавам. И ако речам дека не Го познавам, ќе бидам лажец како и вас; но Јас Го познавам и го пазам Неговото слово. {8:56} Авраам, вашиот татко, се радуваше да го види Мојот ден, и го виде и се зарадува.” {8:57} Јудејците Му рекоа: „Уште немаш педесет години, и Авраама си го видел?” {8:58} Исус им рече: „Вистина, вистина ви велам: Јас Сум, пред да се родил Авраам.” {8:59} Тогаш кренаа камења, за да ги фрлат на Него; но Исус се скри и излезе од Храмот. {9:1} И кога заминуваше виде човек слеп од раѓање. {9:2} И Неговите ученици Го прашаа: „Рави, кој згрешил, тој или неговите родители, та се родил слеп?” {9:3} Исус одговори: „Не згрешил ни тој, ниту неговите родители, туку за да се пројават Божјите дела врз него. {9:4} Ние треба да ги извршуваме делата на Оној, Кој Ме прати, додека е ден; доаѓа ноќ, кога никој не ќе може да работи. {9:5} Додека Сум во светот, Светлина Сум на светот.” {9:6} Штом го рече тоа, плукна на земјата, направи кал со плунката и со неа ги намачка неговите очи, {9:7} и му рече: „Оди, изми се во бањата Силоам; што значи: „Пратен”. Тој отиде, се изми и дојде прогледан. {9:8} А соседите и оние, кои го гледаа порано како просјак, велеа: „Зар не е овој, кој седеше и просеше?” {9:9} Едни велеа: „Тој е;” други велеа: „Не, а личи на него.” Тој велеше: „Јас сум!” {9:10} Тогаш му рекоа: „Како ти се отворија очите?” {9:11} Тој одговори: „Човекот, Кој се вика Исус, направи кал, ми ги намачка очите и ми рече: „Оди во Силоамската бања и измиј се; јас отидов, се измив и прогледав.” {9:12} Му рекоа: „Каде е Тој?” Рече: „Не знам.” {9:13} Го одведоа некогашниот слепец при фарисеите. {9:14} А беше сабота, кога Исус направи кал и му ги отвори очите. {9:15} Тогаш пак го прашаа и фарисеите - како прогледал! Тој им рече: „Ми стави кал на очите, се измив и гледам.” {9:16} Тогаш некои од фарисеите рекоа: „Овој Човек не е од Бога, не ја празнува саботата.” Други говореа: „Како може грешен човек да прави такви чудеса?” И настана раздор меѓу нив. {9:17} Тогаш пак му рекоа на слепиот: „Што велиш ти за Оној, Кој ти ги отвори очите?” А тој рече: „Пророк е!” {9:18} Но Јудејците не поверуваа дека бил слеп и дека прогледал, додека не ги повикаа родителите на оној, кој прогледал, {9:19} и ги прашаа, велејќи: „Дали е овој вашиот син, за кого велите дека се родил слеп? Како гледа сега?” {9:20} Неговите родители одговорија: „Знаеме дека овој е нашиот син, и дека се роди слеп; {9:21} а како гледа сега, не знаеме; или - кој му ги отвори очите - ние не знаеме. Прашајте го него, тој е возрасен, самиот нека зборува за себе.” {9:22} Ова го рекоа неговите родители, зашто се боеја од Јудејците; бидејќи Јудејците се беа согласиле да биде исклучен од синагогата оној, кој ќе Го признае дека е Христос. {9:23} Заради тоа неговите родители рекоа: „Возрасен е! Прашајте го него!” {9:24} Тогаш повторно го повикаа човекот, кој беше слеп и му рекоа: „Прослави Го Бога! Ние знаеме дека Тој Човек е грешник.” {9:25} А тој им одговори: „Дали е грешник - не знам; едно знам, дека бев слеп, а сега гледам.” {9:26} Тогаш му рекоа пак: „Што ти стори? Како ти ги отвори очите?” {9:27} Им одговори: „Веќе ви реков, и не чувте; што сакате да чуете повторно? Да не сакате и вие да Му станете ученици?” {9:28} Тие го укорија и рекоа: „Ти си Негов ученик, а ние сме Мојсееви ученици. {9:29} Ние знаеме дека Бог му говорел на Мојсеја; а од каде е Овој, не знаеме.” {9:30} Човекот им одговори и рече: „Тоа е чудното, што вие не знаете од каде е, а ги отвори моите очи. {9:31} Знаеме дека Бог не слуша грешници, туку, ако е некој богобојазлив и ја врши Неговата волја, него го слуша. {9:32} Откако е веков не се чуло некој да отворил очи на слепороден; {9:33} ако Тој не беше од Бога, не би можел да направи ништо.” {9:34} Му одговорија и рекоа: „Ти сиот си роден во гревови, и ти ќе нè учиш нас?” И го истераа надвор. {9:35} Исус чу дека го истерале надвор, го најде и му рече: „Веруваш ли ти во Синот Божји?” {9:36} Тој одговори и рече: „А Кој е Тој, Господине, за да верувам во Него?” {9:37} Исус му рече: „Си Го видел, Кој зборува со тебе - Тој е.” {9:38} А тој рече: „Верувам Господи”, и Му се поклони. {9:39} Тогаш Исус рече: „Јас дојдов на овој свет за суд, а да прогледаат кои не гледаат и за да ослепат кои гледаат. „ {9:40} Некои од фарисеите, кои беа со Него, го чуја тоа и Му рекоа: „Да не сме и ние слепи?” {9:41} Исус им рече: „Да бевте слепи, немаше да имате грев; но сега велите: ‘Гледаме;’ затоа гревот ви останува.” {10:1} „Вистина, вистина ви велам, кој не влегува низ вратата во овчарникот, а прескокнува од друга страна, тој е крадец и разбојник. {10:2} А кој влегува низ вратата пастир е на овците. {10:3} Нему вратарот му отвора, а овците го слушаат неговиот глас, и ги вика своите овци по име и ги изведува. {10:4} Кога ќе ги истера своите овци, оди пред нив и овците одат по него, зашто го познаваат неговиот глас. {10:5} По туѓинец никако не одат, туку ќе побегнат од него, зашто не го познаваат гласот на туѓинците.” {10:6} Исус им ја кажа оваа споредба, но тие не разбраа што беше тоа за кое им зборуваше. {10:7} Исус им рече пак: „Вистина, вистина ви велам: Јас Сум вратата на овците. {10:8} Сите, кои дојдоа пред Мене, се крадци и разбојници; но овците не ги послушаа. {10:9} Јас Сум вратата; кој ќе влезе низ Мене, ќе биде спасен, ќе влегува и ќе излегува и ќе најде пасиште. {10:10} Крадецот влегува само да украде, да заколе и да погуби. Јас дојдов за да имаат живот и да го имаат изобилно.” {10:11} ”Јас Сум Добриот Пастир. Добриот пастир го дава својот живот за овците. {10:12} Наемникот, кој не е овчар, кому овците не му припаѓаат, го гледа волкот како доаѓа, ги остава овците и бега; а волкот ги разграбува и ги распрснува; {10:13} зашто е наемник и не се грижи за овците. {10:14} Јас Сум Добриот Пастир: и ги познавам Моите и Моите Ме познаваат Мене. {10:15} Како што Татко Ми Ме познава Мене, и Јас Го познавам Мојот Татко; и Јас го давам Мојот живот за овците. {10:16} И други овци имам, што не се од овој овчарник; и нив треба да ги доведам, па ќе го слушаат Мојот глас и ќе биде едно стадо и еден Пастир. {10:17} Таткото Ме љуби затоа, што Јас го давам Својот живот, за да го земам пак. {10:18} Никој не Ми го одзема, туку Јас го давам Сам од Себе. Имам власт да го дадам, и имам власт да го земам пак. Оваа заповед ја примив од Мојот Татко.” {10:19} Заради тие зборови пак настана раздор меѓу Јудејците. {10:20} Мнозина од нив велеа: „Опфатен е од демон и безумствува, зошто Го слушате?” {10:21} Други велеа: „Тоа не се зборови на опфатен од демон. Може ли демон да отвора очи на слепци?” {10:22} Тогаш во Ерусалим се празнуваше Посветување; беше зима. {10:23} А Исус одеше по Соломоновиот трем на Храмот. {10:24} Тогаш Јудејците Го опкружија и Му рекоа: „До кога ќе ни ја измачуваш душата? Ако си Ти Христос, кажи ни слободно!” {10:25} Исус им одговори: „Ви реков, и не верувате. Делата што Јас ги правам - во името на Мојот Татко - сведочат за Мене. {10:26} Но, вие не верувате, зашто не сте од Моите овци. {10:27} Моите овци го слушаат Мојот глас, и Јас ги познавам, и тие идат по Мене. {10:28} Јас им давам вечен живот и никако нема да загинат и никој нема да ги грабне од Мојата рака. {10:29} Мојот Татко - Кој ми ги даде - е поголем од сите, и никој не може да ги грабне од раката на Мојот Татко. {10:30} Јас и Татко Ми едно сме.” {10:31} Јудејците пак донесоа камења, за да Го убијат со камења. {10:32} Исус им одговори: „Ви покажав многу добри дела од Мојот Татко; за кое од тие дела фрлате камења на Мене?” {10:33} Јудејците Му одговорија: „Не Те каменуваме заради добро дело, туку заради богохулство - зашто Ти, бидејќи човек, се правиш Бог.” {10:34} Исус им одговори: „Не е ли напишано во вашиот Закон: ‘Јас реков: богови сте?’ {10:35} Ако ги наречува богови оние, на кои им беше упатено Божјото Слово - а Писмото не може да биде нарушено - {10:36} зошто вие Му велите дека хули на Бога Оној, Кого Таткото Го посвети и Го испрати во светот, - зашто реков: ‘Јас Сум Божји Син?’ {10:37} Ако не ги правам делата на Мојот Татко, не верувајте Ми. {10:38} А ако ги вршам, верувајте им на делата, ако Мене не Ми верувате, за да сознаете и познаете дека Таткото е во Мене и Јас во Него!” {10:39} Тогаш сакаа пак да Го фатат, но им избега од рацете. {10:40} И пак отиде преку Јордан, каде што Јован крштаваше отпрвин, и остана таму. {10:41} И мнозина дојдоа при Него и рекоа: „Јован не направи ниедно чудо, но сè што рече Јован за Него, беше вистина.” {10:42} И таму мнозина поверуваа во Него. {11:1} Беше и еден болен, Лазар од Витанија, од селото на Марија и сестра и Марта. {11:2} А Марија - чиј брат Лазар беше болен - беше онаа, која Го помаза Господа со миро и ги избриша Неговите нозе со својата коса. {11:3} И така, сестрите пратија до Него да Му кажат: „Господи, ете, болен е оној кого го љубиш.” {11:4} А штом Исус го чу тоа, рече: „Болеста не е смртоносна, туку за Божја слава, за да се прослави Божјиот Син.” {11:5} А Исус ги љубеше: Марта, и нејзината сестра, и Лазара. {11:6} И кога чу дека е болен, остана тогаш уште два дена во местото, каде се наоѓаше. {11:7} Потоа им рече на учениците: „Да отидеме пак во Јудеја.” {11:8} Учениците Му рекоа: „Рави, Јудејците сега сакаа да Те убијат со камења, а Ти пак одиш онаму?” {11:9} Исус одговори: „Зар денот нема дванаесет часови? Ако некој оди дење, не се сопнува, зашто ја гледа светлината на овој свет; {11:10} а ако некој оди ноќе, се сопнува, зашто нема светлина во него. {11:11} Тоа им рече, а потоа продолжи: „Нашиот пријател Лазар заспа; туку, одам да го разбудам.” {11:12} Тогаш учениците Му рекоа: „Господи, ако заспал, ќе оздрави.” {11:13} Но Исус зборуваше за неговата смрт, а тие мислеа дека зборува за починка во сон. {11:14} Тогаш Исус им рече јасно: „Лазар умре; {11:15} и се радувам заради вас, дека не бев таму, - за да поверувате; туку, да отидеме при него.” {11:16} Тогаш Тома, наречен Близнак, им рече на соучениците: „Да отидеме и ние да умреме со Него!” {11:17} Исус пак дојде и најде дека е четири дена во гробот. {11:18} А Витанија беше близу до Ерусалим, околу петнаесет стадии; {11:19} и мнозина Јудејци беа дошле при Марта и Марија да ги утешат за братот. {11:20} Штом чу Марта дека доаѓа Исус, Му излезе во пресрет; а Марија седеше дома. {11:21} Тогаш Марта Му рече на Исуса: „Господи, ако беше тука, не ќе умреше брат ми. {11:22} И сега знам дека Бог ќе Ти даде, што и да помолиш од Бога.” {11:23} Исус и рече: „Твојот брат ќе воскресне.” {11:24} Марта Му рече: „Знам дека ќе воскресне, при воскресението, во последниот ден.” {11:25} Исус и рече: „Јас Сум Воскресението и Животот; кој верува во Мене - и да умре - ќе живее. {11:26} И секој, кој живее и верува во Мене, нема да умре довека. Веруваш ли во ова?” {11:27} Му рече: „Да, Господи; јас верувам дека Ти си Христос, Божјиот Син, Кој треба да дојде во светов.” {11:28} Штом го рече тоа, отиде и ја повика сестра си Марија и и рече скришно: „Учителот е тука и те вика!” {11:29} И таа, штом го чу тоа, стана брзо и отиде при Него; {11:30} имено, Исус уште не беше дошол во селото, туку беше на местото, каде Го сретна Марта. {11:31} Јудејците пак, кои беа со неа дома и ја утешуваа, штом видоа дека Марија стана бргу и излезе, тргнаа по неа, мислејќи дека оди на гробот, за да плаче таму. {11:32} А кога Марија дојде таму, каде што беше Исус и кога Го виде падна пред Неговите нозе и Му рече: „Господи, да беше тука, немаше да умре брат ми.” {11:33} Кога Исус ја виде како плаче, и како плачат Јудејците, кои дојдоа со неа, се растажи во духот, и се потресе {11:34} и рече: „Каде го положивте?” Му рекоа: „Господи, дојди и види!” {11:35} Исус просолзи. {11:36} Тогаш Јудејците рекоа: „Гледај, колку го љубел!” {11:37} А некои од нив рекоа: „Не можеше ли Овој, Кој му ги отвори очите на слепиот, да направи и овој да не умре?” {11:38} А Исус пак се растажи силно во Себеси и дојде на гробот; а тоа беше пештера и камен навален на неа. {11:39} Исус рече: „Поместете го каменот!” Марта, сестрата на покојниот, Му рече: „Господи, веќе смрди, зашто е четири дни во гробот.” {11:40} Исус и рече: „Не ли ти реков дека ќе ја видиш Божјата слава, ако веруваш?” {11:41} Тогаш го поместија каменот, а Исус ги подигна очите нагоре и рече: „Татко, Ти благодарам, што Ме послуша. {11:42} Јас знаев дека секогаш Ме слушаш; но ова го реков заради народот, кој стои тука, за да поверуваат дека Ти си Ме пратил.” {11:43} Откако го рече тоа, викна со силен глас: „Лазаре, излези надвор!” {11:44} Умрениот излезе, завиткан со повои по рацете и нозете, а лицето му беше забрадено со крпа. Исус им рече: „Одвиткајте го и оставете го да оди!” {11:45} Тогаш мнозина од Јудејците, кои дојдоа со Марија и видоа што направи Исус, поверуваа во Него; {11:46} а некои од нив отидоа при фарисеите и им рекоа што направи Исус. {11:47} Затоа свештеничките главатари и фарисеите го свикаа Синедрионот и рекоа: „Што да правиме? Зашто Овој човек прави многу чудеса? {11:48} Ако Го оставиме така, сите ќе веруваат во Него, и Римјаните ќе дојдат и ќе ни ги одземат и земјата и народот!” {11:49} А еден од нив, Кајафа, кој беше првосвештеник во таа година, им рече: „Вие не знаете ништо, {11:50} ниту помислувате, дека е подобро за вас да умре еден човек за народот, а не сиот народ да пропадне.” {11:51} А ова не го рече сам од себе, туку - како првосвештеник во таа година - прорече, дека Исус ќе умре за народот, {11:52} и не само за народот, туку и за да ги собере во едно распрснатите Божји деца. {11:53} Така, по тој ден, се договорија да Го убијат. {11:54} Затоа Исус веќе не се движеше јавно меѓу Јудејците, туку отиде оттаму во крај близу до пустината, во градот наречен Ефрем, и таму престојуваше со учениците. {11:55} А наближуваше јудејската Пасха, па мнозина од внатрешноста отидоа горе во Ерусалим, пред Пасхата, за да се очистат. {11:56} Го бараа Исуса, и стоејќи во Храмот, зборуваа меѓу себе: „Што мислите вие? Нема ли да дојде на празникот?” {11:57} А главните свештеници и фарисеите веќе беа издале заповед, ако некој дознае каде е, да јави, за да Го фатат. {12:1} На шест дни пред Пасхата, Исус дојде во Витанија, каде беше Лазар, кого го воскресна од мртвите. {12:2} Таму Му приготвија вечера, и Марта послужуваше, а Лазар беше еден од оние кои со Него седеа покрај трпезата. {12:3} Тогаш Марија зеде литар миро, од чист и скапоцен нард, ги помаза Исусовите нозе и Му ги избриша нозете со својата коса; и куќата се наполни со мирис од мирото. {12:4} А Јуда Искариотски, еден од Неговите ученици, кој сакаше да Го предаде, рече: {12:5} ”Зошто мирово не е продадено за триста динарии, за да бидат раздадени на сиромасите?” {12:6} Тоа не го рече дека се грижеше за бедните, туку зашто беше крадец; кај него беше ковчежето и земаше од она, што пуштаа во него. {12:7} Но Исус рече: „Оставете ја! Нека го запази тоа за денот на Моето погребение. {12:8} Зашто сиромасите ги имате секогаш покрај себе, а Мене Ме немате секогаш.” {12:9} Многу Јудејци научија дека е таму, па дојдоа не само заради Исуса, туку да го видат и Лазара, кого го воскресна од мртвите. {12:10} Главните свештеници пак одлучија да го убијат и Лазара, {12:11} зашто многу Јудејци заминуваа заради него и веруваа во Исуса. {12:12} На другиот ден, множество народ, што беше дошол на празникот, кога чу дека Исус доаѓа во Ерусалим, {12:13} зеде палмини гранки и Му излезе во пресрет и викаше: „Осана! Благословен Кој доаѓа во Господовото име, Израелевиот Цар!” {12:14} А Исус најде осле, и седна на него, како што е напишано: {12:15} ”Не бој се, Сионова Ќерко! Еве, твојот Цар иде, седејќи на осле.” {12:16} Неговите ученици не го разбраа тоа отпрвин, но кога Исус се прослави, тогаш се сетија, дека тоа беше напишано за Него, и дека тоа Му Го сторија. {12:17} А народот, кој беше со Него, сведочеше дека Тој го повика Лазара од гробот и го воскресна од мртвите. {12:18} Заради тоа народот и Му излезе во пресрет, зашто чуја дека Тој го направи тоа чудо. {12:19} Фарисеите пак си рекоа меѓу себе: „Гледате дека не можете ништо; ете, светот тргна по Него.” {12:20} Меѓу поклониците, дојдени на празникот, имаше и некои Грци. {12:21} Тие му пристапија на Филипа, кој беше од Галилејска Витсаида, и го помолија, велејќи: „Господине, сакаме да Го видиме Исуса. {12:22} Филип отиде и му кажа на Андреја; потоа Андреј и Филип отидоа и Му кажаа на Исуса. {12:23} А Исус им одговори: „Дојде часот да се прослави Човечкиот Син. {12:24} Вистина, вистина ви велам, ако пченичното зрно не падне во земјата и не умре, останува само; а ако умре, донесува многу плод. {12:25} Кој го љуби својот живот, ќе го изгуби, а кој го мрази својот живот на овој свет - ќе го запази за вечен живот. {12:26} Ако некој Ми служи Мене - нека Ме следи; каде Сум Јас, таму ќе биде и Мојот слуга. Ако некој Ми служи Мене; Мојот Татко ќе го почитува него.” {12:27} Сега, Мојата душа е вознемирена, и што да кажам? Татко, избави Ме од овој час! - Но, заради тоа и дојдов до овој час! {12:28} Татко, прослави го Твоето име! Тогаш дојде глас од небото: „Го прославив и пак ќе го прославам.” {12:29} А народот, кој стоеше и го чу, рече: „Загрми!”- а други рекоа: „Ангел Му говори!” {12:30} Исус во одговор рече: „Овој глас не дојде заради Мене, туку заради вас. {12:31} Сега е судот на овој свет. Сега кнезот на светов ќе биде исфрлен надвор! {12:32} А Јас - кога ќе бидам издигнат од земјата - ќе ги привлечам сите кон Себе.” {12:33} Тоа го рече за да покаже со каква смрт ќе умре. {12:34} Тогаш народот Му одговори: „Ние чувме од Законот дека Христос останува вечно. Тогаш, како велиш Ти дека Човечкиот Син треба да биде издигнат? Кој е тој Човечки Син?” {12:35} Тогаш Исус им рече: „Уште малку време Светлината е меѓу вас! Одете додека имате светлина, за да не ве опфати темнината! Кој оди по темнина, не знае каде оди. {12:36} Додека ја имате Светлината, верувајте во Светлината, за да бидете синови на Светлината.” Исус го рече тоа, па отиде и се сокри од нив. {12:37} Иако направи толку чуда пред нив, не веруваа во Него, {12:38} за да се исполни словото, што го рече пророкот Исаија: „Господи, кој и поверува на нашата проповед? И кому му се откри Господовата рака?” {12:39} Затоа не можеа да веруваат, зашто Исаија уште рече: „ {12:40} Им ги заслепи очите, и им ги скамени срцата; за да не гледаат со очите, за да не разбираат со срцето; и за да не се обратат - и да не ги излечам.” {12:41} Исаија го рече тоа, зашто ја виде Неговата слава и зборуваше за Него. {12:42} Сепак, мнозина од првенците поверуваа во Него, но заради фарисеите не исповедуваа јавно, за да не бидат исфрлени од синагогата; {12:43} зашто повеќе ја сакаа човечката слава, отколку Божјата слава. {12:44} А Исус извика и рече: „Кој верува во Мене, не верува во Мене, туку во Оној, Кој Ме пратил. {12:45} И кој Ме гледа Мене, Го гледа Оној, Кој Ме прати. {12:46} Јас - Светлината - дојдов во светот, та ниеден, кој верува во Мене, да не остане во темнина. {12:47} И ако некој ги чуе Моите зборови, а не ги пази - Јас нема да му судам: зашто не дојдов да му судам на светот, туку да го спасам светот. {12:48} Кој Ме отфрла Мене и не ги прима Моите зборови, има свој судија: Словото - што го изговорив - тоа ќе му суди во последниот ден. {12:49} Зашто Јас не зборував Сам од Себе, туку Мојот Татко, Кој Ме прати, Тој Ми даде заповед што да речам и што да зборувам. {12:50} И знам дека Неговата заповед е вечен живот. И така, што зборувам Јас; зборувам онака како што Ми зборуваше Мојот Татко.” {13:1} Пред празникот Пасха, Исус - знаејќи дека Му дојде часот за да премине од овој свет кон Таткото - љубејќи ги Своите во светов, ги возљуби до крај. {13:2} За време на вечерата - кога ѓаволот веќе стави мисла во срцето на Јуда Симонов, Искариотски, за да Го предаде - {13:3} Исус, знаејки дека Таткото Му предаде сè во рацете, дека излезе од Бога и дека оди при Бога {13:4} стана од вечерата, ја соблече горната облека, зеде крпа и се препаша. {13:5} Потоа налеа вода во садот за миење и почна да им ги мие нозете на учениците и да ги брише со крпата, со која беше препашан. {13:6} Така дојде до Симона Петра; а овој Му рече: „Господи, Ти ли ќе ми ги миеш нозете?” {13:7} Исус одговори и Му рече: „Ти сега не знаеш што правам Јас, но после ќе разбереш.” {13:8} Петар Му рече: „Ти никогаш нема да ми ги измиеш нозете!” Исус му одговори: „Ако не те измијам, немаш дел со Мене.” {13:9} Симон Петар Му рече: „Господи, измиј ми ги не само нозете, туку и рацете и главата.” {13:10} Исус му рече: „На измиениот треба да му се измијат само нозете, зашто е целиот чист; и вие сте чисти, но не сите.” {13:11} Зашто знаеше кој ќе Го предаде, затоа и рече: „Не сите сте чисти!” {13:12} А кога им ги изми нозете, ја зеде својата горна облека и пак седна на трпезата и им рече: „Разбравте ли, што ви сторив? {13:13} Вие Ме викате Мене Учител и Господ, и право велите, зашто тоа Сум. {13:14} И така, ако Јас, Господ и Учител, ви ги измив нозете, и вие сте должни да ги миете нозете еден на друг; {13:15} зашто ви дадов пример и вие да правите онака, како што ви направив Јас. {13:16} Вистина, вистина ви велам: слугата не е поголем од својот господар, ниту пратеникот е поголем од оној, кој го пратил. {13:17} Кога го знаете ова, блажени сте - ако го исполнувате тоа. {13:18} Не зборувам за сите вас; Јас знам кои ги избрав; туку треба да се исполни Писмото: ‘Кој го јаде Мојот леб, ја подига својата петица против Мене.’ {13:19} Отсега ви зборувам, пред да се збидне, за да поверувате - кога ќе се случи - дека Сум Јас. {13:20} Вистина, вистина ви велам: кој го прима оној, кого Јас го праќам, Мене Ме прима; а кој Ме прима Мене, Го прима Оној, Кој Ме пратил Мене.” {13:21} Штом го рече тоа, Исус се возбуди во духот, па посведочи и рече: „Вистина, вистина ви велам: дека еден од вас ќе Ме предаде.” {13:22} Тогаш учениците се погледнаа еден со друг со двоумење за кого зборува. {13:23} А еден од Неговите ученици, кого Исус го љубеше, беше прилегнал на Исусовите гради; {13:24} тогаш Симон Петар му даде знак и му рече: „Кажи, за кого зборува!” {13:25} Така, тој се потпре на Исусовите гради и му рече: „Господи, кој е?” {13:26} Исус одговори: „Тоа е оној, кому ќе му натопам залак, и ќе му го подадам.” И го натопи залакот, го зеде и му го даде на Јуда Симонов Искариот. {13:27} И откако го зеде залакот, сатаната влезе во него. Исус пак му рече: „Што правиш, прави побргу!” {13:28} Но никој од оние, што седеа покрај трпезата, не разбра, зошто му го рече тоа. {13:29} Но, бидејќи кај Јуда беше благајната, некои помислија дека Исус му рече: „Купи што ни е потребно за празникот!” или да раздаде нешто на сиромасите. {13:30} Штом го зеде залакот, Јуда излезе веднаш, а беше ноќ. {13:31} А кога излезе, Исус рече: „Сега се прослави Човечкиот Син, и Бог се прослави во Него. {13:32} Ако Бог се прослави во Него, и Бог ќе Го прослави во Себе, и веднаш ќе Го прослави. {13:33} Дечиња, уште малку сум со вас; ќе Ме барате, и како што им реков на Јудејците: каде одам Јас, вие не можете да дојдете, и вам ви го велам тоа сега. {13:34} Ви давам нова заповед: да се љубите еден со друг; како што Јас ве љубев вас, така и вие да се љубите еден со друг. {13:35} По тоа сите ќе познаат дека сте Мои ученици - ако имате љубов помеѓу себе!” {13:36} Симон Петар Му рече: „Господи, каде одиш?” Исус му одговори: „Каде одам Јас, ти сега не можеш да тргнеш по Мене, но подоцна ќе Ме следиш.” {13:37} Петар Му рече: „Господи, зошто не можам да дојдам по Тебе сега? Својот живот ќе го дадам за Тебе.” {13:38} Исус одговори: „Својот живот ли ќе го дадеш за Мене? Вистина, вистина ти велам, петел нема да пропее, додека трипати не се одречеш од Мене.” {14:1} „Да не се вознемирува вашето срце; вие верувате во Бога, верувајте и во Мене! {14:2} Во Домот на Мојот Татко има многу живеалишта; ако не беше така, Јас ќе ви кажев, зашто одам да ви приготвам место. {14:3} И кога ќе отидам и ви приготвам место, пак ќе дојдам и ќе ве земам при Себе, за да бидете и вие каде што Сум и Јас. {14:4} А знаете каде одам Јас, и патот го знаете.” {14:5} Тома Му рече: „Господи, не знаеме каде одиш! Како можеме да го знаеме патот?” {14:6} Исус му рече: „Јас Сум Патот, и Вистината, и Животот. Никој не доаѓа при Татко Ми, освен преку Мене. {14:7} Ако Ме бевте познавале, ќе Го познававте и Мојот Татко. А отсега Го познавате и сте Го виделе!” {14:8} Филип Му рече: „Господи, покажи ни Го Таткото, и доста ние.” {14:9} Исус му рече: „Толку време Сум со вас и не Ме позна, Филипе? Кој Ме видел Мене, Го видел и Таткото; тогаш како велиш ти: ‘Покажи ни Го Таткото!’ {14:10} Не веруваш ли дека Јас Сум во Таткото и дека Таткото е во Мене? Зборовите што ви ги кажувам, не ги зборувам од Себе; Таткото, Кој е во Мене, Тој ги прави делата. {14:11} Верувајте Ми дека Јас Сум во Таткото и Таткото во Мене; ако пак не - верувајте заради самите дела. {14:12} Вистина, вистина ви велам: кој верува во Мене, делата што ги правам Јас, ќе ги прави и тој. Ќе прави и поголеми од овие, зашто Јас одам при Мојот Татко. {14:13} И што и да побарате во Мое име, ќе направам, за да се прослави Таткото во Синот. {14:14} Ако посакате нешто во Мое име, Јас ќе го направам.” {14:15} ”Ако Ме љубите, ќе ги пазите Моите заповеди. {14:16} И Јас ќе Го молам Мојот Татко, и Тој ќе ви даде друг Утешител, за да биде со вас довека: {14:17} Духот на Вистината, Кого светот не може да Го прими, зашто не Го гледа, ниту Го познава. Вие Го познавате, зашто Тој престојува при вас и ќе биде во вас. {14:18} Нема да ве оставам сираци, ќе дојдам при вас. {14:19} Уште малку, и светот веќе нема да Ме гледа, а вие ќе Ме видите; зашто Јас живеам и вие ќе живеете. {14:20} Во оној ден ќе сознаете дека Јас Сум во Мојот Татко, и вие во Мене и Јас во вас. {14:21} Кој ги има Моите заповеди и ги пази, тој Ме љуби; а кој Ме љуби Мене, него ќе го љуби Мојот Татко, и Јас ќе го љубам, и ќе му се јавам Сам.” {14:22} Му рече Јуда, не Искариот: „Господи, што е тоа: дека ќе ни се јавиш нам, а не на светот?” {14:23} Исус во одговор му рече: „Ако некој Ме љуби, ќе го држи Моето Слово, и Мојот Татко ќе го љуби: при него ќе дојдеме и при него ќе се настаниме. {14:24} Кој не Ме љуби, не ги држи Моите зборови; а Словото што го слушате, не е Мое, туку е од Мојот Татко, Кој Ме испрати.” {14:25} ”Ова ви го зборував, додека бев при вас; {14:26} а Утешителот, Светиот Дух, Кого Татко Ми ќе Го испрати во Мое име, ќе ве научи сè и ќе ве потсети на сè што ви реков. {14:27} Ви оставам мир, ви го давам Мојот мир. Не ви го давам како што го дава светот. Нека не се вознемирува вашето срце и нека не се бои. {14:28} Чувте дека ви реков: Одам и ќе ви дојдам. Ако Ме љубите, ќе се зарадувате дека одам при Мојот Татко, зашто Таткото е поголем од Мене. {14:29} И ви реков сега, пред да се збидне, за да поверувате кога ќе се збидне. {14:30} Не ќе зборувам уште многу со вас, зашто доаѓа кнезот на овој свет; тој нема ништо во Мене; {14:31} но, за да сознае светот дека Јас Го љубам Таткото и дека правам, како што Ми заповеда Мојот Татко! Станете! Да си одиме оттука!” {15:1} Јас Сум вистинската лоза и Мојот Татко е лозарот. {15:2} Тој ја отстранува секоја прачка на Мене, што не дава плод; а ја чисти секоја, што дава плод, за да даде повеќе плод. {15:3} Вие сте веќе чисти заради Словото, кое ви го зборував. {15:4} Останете во Мене како Јас во вас. Како што прачката не може да роди плод сама од себе, ако не остане на лозата, така ни вие, ако не останете во Мене. {15:5} Јас Сум лозата, а вие сте прачките. Кој останува во Мене, и Јас во него, тој дава многу плод; зашто без Мене не можете да направите ништо. {15:6} Ако некој не остане во Мене, тој ќе биде исфрлен надвор како прачката, која е исушена, - ги собираат, ги фрлаат во оган и ги горат. {15:7} Ако останете во Мене и ако Моите зборови останат во вас, барајте што и да посакате, и ќе ви биде. {15:8} Мојот Татко се прославува со тоа, што ќе давате многу плод и ќе бидете Мои ученици. {15:9} Како што Таткото Ме возљуби Мене, така и Јас ве возљубив вас. Останете во Мојата љубов! {15:10} Ќе останете во Мојата љубов, ако ги запазите Моите заповеди, како што и Јас ги запазив заповедите на Мојот Татко и останувам во Неговата љубов. {15:11} Ова ви го реков за да биде Мојата радост во вас, и вашата радост да биде полна. {15:12} Ова е Мојата заповед: да се љубите еден со друг, како што Јас ве љубев вас. {15:13} Никој нема поголема љубов од оваа: да го положи сопствениот живот за своите пријатели. {15:14} Вие сте Ми пријатели - ако го вршите она, што Јас го заповедам. {15:15} Не ве наречувам веќе слуги; зашто слугата не знае што прави неговиот господар; а вас ве нареков пријатели, зашто ви соопштив сè што чув од Мојот Татко. {15:16} Вие не Ме избравте Мене, но Јас ве избрав вас и ве поставив да одите и да принесувате плод, и вашиот плод да остане; и Мојот Татко да ви даде сè што ќе посакате во Мое име. {15:17} Ова ви заповедам: да се љубите еден со друг!” {15:18} ”Ако светот ве мрази, знајте дека Мене Ме мразеше пред вас! {15:19} Ако бевте од овој свет, светот би ги љубел своите; но бидејќи не сте од светов - туку Јас ве избрав од светот - затоа светот ве мрази. {15:20} Помнете го зборот што ви го реков: ‘Слугата не е поголем од својот господар!’ Ако Ме гонеа Мене, ќе ве гонат и вас; ако го пазеа Моето Слово, ќе го пазат и вашето. {15:21} Туку, сè ова ќе ви го прават заради Моето име, зашто не Го познават Оној, Кој Ме пратил. {15:22} Да не дојдев и да не им зборував, немаше да имаат грев; но сега немаат изговор за својот грев. {15:23} Кој Ме мрази Мене, Го мрази и Мојот Татко. {15:24} Да не направев, меѓу нив дела какви никој друг не направил, немаше да имаат грев; но сега видоа и пак нè замразија Мене и Мојот Татко. {15:25} Туку, треба да се исполни словото, запишано во нивниот Закон: ‘Ме замразија без причина!’ {15:26} ”А кога ќе дојде Утешителот, Кого Јас ќе ви Го испратам од Таткото, Духот на Вистината, Кој излегува од Таткото, Тој ќе сведочи за Мене; {15:27} а и вие ќе сведочите, зашто сте со Мене од почетокот.” {16:1} „Ова ви го кажав, за да не се соблазните. {16:2} Ќе ве истеруваат од синагогите; а ќе дојде час, кога секој, што ќе ве убие, ќе мисли дека Му служи на Бога. {16:3} А тоа ќе го прават затоа што не Го запознаа Мојот Татко, ниту Мене. {16:4} А Јас ви го кажав ова, за да се сетите, кога ќе дојде времето, дека ви го реков тоа. Ова не ви го реков од почеток, зашто бев со вас.” {16:5} ”А сега одам при Оној, Кој Ме пратил, и никој од вас не Ме праша: ‘Каде одиш?’ {16:6} Туку, вашето срце се наполни со тага, зашто ви го кажав тоа. {16:7} Сепак, Јас ви ја кажувам вистината: подобро е за вас, Јас да си отидам; зашто ако не си отидам, Утешителот нема да дојде при вас; ако пак заминам, ќе ви Го испратам. {16:8} А кога ќе дојде Тој, ќе го увери светот за грев и за правда и за суд. {16:9} За грев - зашто не веруваат во Мене; {16:10} за правда - зашто си одам при Мојот Татко, и веќе нема да Ме видите; {16:11} за суд - зашто е осуден кнезот на овој свет. {16:12} Имам уште многу да ви кажам, но сега не можете да носите. {16:13} А кога ќе дојде Тој, Духот на Вистината, ќе ве упати во сета вистина, зашто нема да зборува Сам од Себе, а ќе зборува она што слуша, и ќе ви навести за нештата што ќе дојдат. {16:14} Тој ќе Ме прослави Мене, зашто ќе земе од Моето и ќе ви јави. {16:15} Сè што има Таткото - Мое е; затоа реков дека ќе земе од Моето и ќе ви јави.” {16:16} Уште малку и веќе не ќе Ме гледате, и пак малку и ќе Ме видите. {16:17} А некои од Неговите ученици си рекоа еден на друг: „Што е тоа, што ни вели: ‘Уште малку, и не ќе Ме гледате, и пак малку и ќе Ме видите?’ и ‘Си одам при Мојот Татко?’ {16:18} И си зборуваа: „Што е тоа ‘малку’ за кое зборува? Не знаеме што зборува!” {16:19} Исус разбра дека сакаат да го прашаат и им рече: „Затоа ли се прашувате меѓу себе за она што ви реков: ‘Уште малку и не ќе Ме гледате, и пак малку и ќе Ме видите?’ {16:20} Вистина, вистина ви велам: вие ќе плачете и ќе ридате, а светот ќе се радува; и вие ќе бидете жалосни но вашата жалост ќе стане радост. {16:21} Жената е жалосна, кога раѓа, зашто дошол нејзиниот час; но штом ќе го роди детето, не си спомнува веќе за маката - од радоста дека се родил човек на светот. {16:22} Така и вие сега сте нажалени; но пак ќе ве видам, па ќе се зарадува вашето срце, и таа ваша радост никој не ќе може да ви ја одземе. {16:23} Во оној ден нема да Ме прашате за ништо. Вистина, вистина ви велам: што и да молите од Мојот Татко, во Мое име, ќе ви даде. {16:24} Досега ништо не баравте во Мое име; барајте и ќе добиете, за да биде вашата радост полна.” {16:25} Ова ви го зборував во слики; доаѓа час кога нема да ви зборувам веќе во слики, туку ќе ви зборувам отворено за Таткото. {16:26} Во тој ден ќе барате во Мое име; и не ви велам дека Јас ќе Го молам Мојот Татко за вас; {16:27} зашто Самиот Татко ве љуби, зашто вие Ме љубевте Мене и верувавте дека Јас Сум излегол од Бога. {16:28} Излегов од Таткото и дојдов во светот; сега пак го оставам светот и одам при Таткото.” {16:29} Неговите ученици рекоа: „Еве, сега зборуваш отворено, и не зборуваш во слики. {16:30} Сега знаеме дека знаеш сè и нема потреба некој да Те прашува; затоа веруваме дека си излегол од Бога.” {16:31} Исус им одговори: „Сега ли верувате? {16:32} Еве, иде часот, и веќе дојде, за да се разбегате секој на своја страна и да Ме оставите Мене Сам; но сепак не Сум Сам, зашто Татко Ми е со Мене. {16:33} Ова ви го реков, за да имате мир во Мене. Имате неволја во светот; но бидете храбри - Јас го победив светот.” {17:1} Кога Исус го изговори тоа, ги подигна очите кон небото и рече: „Татко, часот дојде! Прослави Го Својот Син, за да Те прослави Синот Тебе, {17:2} како што си му дал власт над секое тело, па да му даде на сè - што си Му дал - вечен живот. {17:3} А ова е вечен живот: да Те познаат Тебе, Единствениот вистински Бог, и Исуса Христа, Кого си Го испратил. {17:4} Јас Те прославив на земјата, го свршив делото, што Ми го даде да го извршам; {17:5} а сега, Татко, прослави Ме Ти - во Себе Самиот - со славата што ја имав при Тебе, пред создавањето на светот.” {17:6} ”Им го јавив Твоето Име на луѓето, кои Ми ги даде од светот. Твои беа, и Ми ги даде Мене, и го запазија Твоето Слово. {17:7} Сега сознаа дека е од Тебе сè, што си Ми дал; {17:8} зашто зборовите, што Ми ги даде, им ги предадов ним, а тие ги примија и навистина сознаа дека излегов од Тебе, и поверуваа дека Ти Ме испрати. {17:9} Јас се молам за нив; не се молам за светот, туку за оние, кои Ми ги даде, зашто се Твои, {17:10} и сè Мое - е Твое, и Твоето - Мое; и се прославив во нив. {17:11} И не Сум повеќе во светот, а тие се во светот, Јас идам при Тебе. Свети Татко, запази ги во Твое име оние, кои Ми ги даде, за да бидат едно, како што Сме и Ние. {17:12} Додека бев со нив, Јас ги чував во Твое име оние, кои Ми ги даде, и ги запазив, па ниеден од нив не погина, освен синот на гибелта за да се исполни Писмото. {17:13} А сега идам при Тебе, и го зборувам ова во светот, за да ја имаат Мојата радост полна во себе. {17:14} Јас им го предадов Твоето Слово и светот ги замрази, зашто не се од светот, како што и Јас не Сум од светот. {17:15} Не Те молам да ги земеш од светот, туку да ги запазиш од лукавиот. {17:16} Тие не се од светот, како што ни Јас не Сум од светот. {17:17} Освети ги во Својата вистина, Твоето Слово е вистината. {17:18} Како што Ти Ме испрати Мене во светот, така и Јас ги испратив во светот; {17:19} За нив се осветувам Себеси, за да бидат и тие осветени во вистината. {17:20} Но не се молам само за нив, туку и за оние, кои преку нивните зборови - ќе веруваат во Мене, {17:21} за да бидат сите едно; како што си Ти, Татко, во Мене, и Јас во Тебе, така и тие да бидат едно во Нас, за да верува светот дека Ти Ме испрати. {17:22} И славата што Ми ја даде, им ја дадов ним, за да бидат едно, како што Сме Ние едно; {17:23} Јас во нив, а Ти во Мене, за да бидат совршени во едно, за да знае светот дека Ти си Ме испратил, и дека ги љубеше нив, како што Ме љубеше Мене. {17:24} Татко, сакам оние, кои си Ми ги дал, да бидат со Мене таму каде што Сум Јас, за да ја гледаат Мојата слава, што Ми ја даде, зашто Ме љубеше пред создавањето на светот. {17:25} Праведен Татко, светот не Те запозна, а Јас Те запознав, и овие познаа дека Ти си Ме пратил. {17:26} Им го објавив Твоето име и ќе го објавувам, па љубовта, со која Ме возљуби, да биде во нив, и Јас во нив.” {18:1} Штом го рече тоа, Исус излезе со Своите ученици преку потокот Кедрон, каде имаше градина, во која влезе со Своите ученици. {18:2} А Јуда, Неговиот предавник, го знаеше тоа место, зашто Исус често се состануваше со Своите ученици таму. {18:3} Тогаш Јуда зеде чета и служители од првосвештениците и од фарисеите, и дојде таму со светилки, факли и оружје. {18:4} А Исус, знаејќи сè што ќе стане со Него, истапи и им рече: „Кого го барате?” {18:5} Му одговорија: „Исуса Назареецот.” Исус им рече: „Јас Сум.” А со нив стоеше и Јуда, Неговиот предавник. {18:6} А кога им рече: „Јас Сум”, се тргнаа назад и паднаа на земјата. {18:7} Тогаш пак ги праша: „Кого го барате?” А тие рекоа: „Исуса Назареецот!” {18:8} Исус им одговори: „Ви реков дека Сум Јас; и така, ако Ме барате Мене, пуштете ги овие да си одат!” {18:9} За да се исполни словото, што го рече: „Не изгубив ни еден од оние, кои си Ми ги дал.” {18:10} А Симон Петар имаше меч, го извлече, го удри слугата на првосвештеникот и му го отсече десното уво; а името на слугата му беше Малх. {18:11} Тогаш Исус му рече на Петра: „Стави го мечот во ножницата! Зар да не ја пијам чашата, што ми ја даде Мојот Татко?” {18:12} Тогаш четата, заповедникот и јудејските слуги Го фатија Исуса и Го врзаа, {18:13} и Го одведоа првин при Ана; имено, тој му беше тест на Кајафа, кој беше првосвештеник во онаа година. {18:14} А Кајафа беше оној, кој ги посоветува Јудејците, дека е подобро да умре еден човек за народот. {18:15} По Исуса одеа: Симон Петар и еден друг ученик. Ученикот му беше познат на првосвештеникот, и влезе со Исуса во првосвештениковиот двор. {18:16} А Петар стоеше надвор, пред вратата. Тогаш другиот ученик, кој му беше познат на првосвештеникот, излезе, проговори со вратарката и го воведе Петра. {18:17} Тогаш слугинката, вратарка, му рече на Петра: „Да не си и ти еден од учениците на Човеков?” Тој рече: „Не сум.” {18:18} А слугите и служителите беа запалиле оган и стоеја, и се грееја, зашто беше студено; и Петар стоеше со нив и се грееше. {18:19} Првосвештеникот пак Го праша Исуса за Неговите ученици и за Неговата наука. {18:20} Исус му одговори: „Јас му зборував на светот јавно; секогаш поучував во синагогите и во Храмот, каде се собираат сите Јудејци, и ништо не говорев тајно. {18:21} Зошто Ме прашуваш Мене? Прашај ги оние, кои чуја, што Сум им зборувал тие знаат што Сум говорел.” {18:22} Кога го рече тоа, еден од присутните службеници Го удри Исуса по образ и рече: „Така ли му одговараш на првосвештеникот?” {18:23} Исус му одговори: „Ако реков лошо, докажи дека е лошо; а ако реков добро, зошто Ме удираш?” {18:24} Тогаш Ана Го прати врзан при првосвештеникот Кајафа. {18:25} А Симон Петар стоеше таму и се грееше. И му рекоа: „Да не си и ти од Неговите ученици?” Тој одрече: „Не сум.” {18:26} Еден од слугите на првосвештеникот, роднина на оној, кому Петар му го отсече увото, рече: „Нели јас те видов во градината со Него?” {18:27} Но Петар одрече повторно, и веднаш запеа петел. {18:28} Тогаш го одведоа Исуса од Кајафа во преторијата; а беше утро; и тие не влегоа во преторијата, за да не се осквернат, туку да можат да ја јадат Пасхата. {18:29} Затоа Пилат излезе пред нив и рече: „Какво обвинение поднесувате против Човеков?” {18:30} Во одговор му рекоа: „Ако Овој не беше злодеец, немаше да ти Го предадеме.” {18:31} А Пилат им рече: „Земете Го и судете Му според вашиот Закон.” Јудејците му рекоа: „Нам не ни е дозволено да убиеме некого,” {18:32} - за да се исполни Исусовиот збор, со кого навести со каква смрт ќе умре. {18:33} Потоа Пилат се врати во преторијата, Го повика Исуса и Му рече: „Ти ли си Јудејскиот Цар?” {18:34} Исус одговори: „Го зборуваш ли тоа сам од себе, или други ти кажаа за Мене?” {18:35} Пилат одговори: „Јудеец ли сум јас? Твојот народ и првосвештениците Те предадоа на мене. Што си сторил?” {18:36} Исус одговори: „Моето Царство не е од светов; ако Моето Царство беше од овој свет, Моите воини би се бореле да не им бидам предаден на Јудејците; но Моето Царство не е оттука.” {18:37} Пилат на тоа му рече: „Сепак си Цар?” Исус одговори: „Ти велиш дека Сум Цар. Јас се родив за тоа и за тоа дојдов на светот, за да сведочам за вистината. Секој - кој е од вистината - го слуша Мојот глас.” {18:38} Пилат Му рече: „Што е вистина?” Штом го рече тоа, излезе пак при Јудејците и им рече: „Јас не наоѓам никаква вина во Него. {18:39} А при вас е обичај да ви пуштам по еден на Пасхата. И така, сакате ли да ви Го пуштам Јудејскиот Цар?” {18:40} Тогаш повторно извикаа, велејќи: „Не Овој, туку Варава!” А Варава беше разбојник. {19:1} Тогаш Пилат Го зеде Исуса и Го бичуваше. {19:2} А војниците исплетоа венец од трња, Му го ставија на главата и Го наметнаа со пурпурна облека, {19:3} и се приближија до Него и велеа: „Здраво, Јудејски Цару!” И Му удираа плесници. {19:4} Потоа Пилат излезе пак и им рече: „Еве, Го изведувам пред вас, за да знаете дека не наоѓам никаква вина во Него.” {19:5} А Исус излезе надвор, носејќи трнов венец и облека. И Пилат им рече: „Еве Го Човекот!” {19:6} Но, кога првосвештениците и нивните службеници Го видоа, извикаа, велејќи: „Распни! Распни!” Пилат им рече: „Земете Го вие и распнете Го, зашто јас не наоѓам вина во Него.” {19:7} Јудејците Му одговорија: „Ние имаме Закон и според Законот Тој треба да умре, зашто Сам се направи Божји Син.” {19:8} А кога Пилат го чу тој збор, уште повеќе се уплаши. {19:9} И пак влезе во преторијата и Му рече на Исуса: „Од каде си Ти?” Но Исус не му одговори. {19:10} Затоа Пилат Му рече: „Мене ли не ми зборуваш? Не знаеш ли дека имам власт да Те распнам и дека имам власт да Те ослободам? {19:11} Исус одговори: „Ти не би имал никаква власт над Мене, ако не ти беше дадено одозгора; затоа поголем грев има оној, кој Ме предаде на тебе.” {19:12} Оттогаш Пилат настојуваше да Го ослободи; но Јудејците викаа, велејќи: „Ако Го ослободиш Овој, не си му пријател на ќесарот; секој кој се прави цар, противник му е на ќесарот!” {19:13} Штом Пилат ги чу тие зборови, Го изведе Исуса надвор и седна на судскиот стол, на местото што се вика Плочник, а на еврејски Гавата. {19:14} А беше ден на подготовката за Пасха, околу шестиот час, и им рече на Јудејците: „Еве Го вашиот Цар!” {19:15} Но тие викаа: „Земи, земи! Распни Го!” Пилат им рече: „Да Го распнам ли вашиот Цар?” Првосвештениците одговорија: „Ние немаме цар, освен ќесарот!” {19:16} Тогаш им го предаде за да биде распнат. Тогаш Го зедоа Исуса. {19:17} А Тој, носејќи го Својот крст, излезе на местото наречено Лобно, а на еврејски Голгота; {19:18} каде Го распнаа, и со Него други двајца, од едната и од другата страна, а Исуса во средина. {19:19} А Пилат напиша и натпис и го стави на крстот; а беше напишано: „Исус Назареец, Јудејски Цар.” {19:20} Натписот го прочитаа мнозина Јудејци, зашто местото, каде беше распнат Исус, беше близу до градот; а беше напишано на еврејски, латински и грчки. {19:21} Тогаш јудејските главни свештеници му рекоа на Пилата: „Не пишувај: ‘Јудејски Цар,’ туку дека Тој рекол: ‘Јудејски Цар Сум.’ {19:22} Пилат одговори: „Што напишав, напишав!” {19:23} А војниците, откако Го распнаа Исуса, ги зедоа Неговите облеки и ги разделија на четири дела, по еден дел на секој војник, и долната облека. А долната облека не беше шиена, туку целата исткаена одозгора додолу; {19:24} си рекоа меѓу себе: „Да не ја кинеме, туку да фрлиме жрепка за неа, кому ќе му падне!” за да се исполни Писмото: ‘Ги разделија меѓу себе Моите облеки, и фрлија жрепка за Мојата облека.’ Така постапија војниците. {19:25} А при Исусовиот крст стоеја мајка Му и сестрата на Неговата мајка, Марија Клопина, и Марија Магдалена. {19:26} А Исус, штом ја виде мајка си, и покрај неа, ученикот, кого го љубеше, и рече на мајка си: „Жено, ете ти син!” {19:27} Потоа му рече на ученикот: „Ете ти мајка!” И од тој час ученикот ја зеде при себе. {19:28} По ова Исус, знаејќи дека е свршено сè, за да се исполни Писмото, рече: „Жеден Сум!” {19:29} Таму имаше сад, полн со оцет; тогаш закачија на трска сунѓер наквасен во оцетот и Му поднесоа до Неговата уста. {19:30} Штом Исус го прими оцетот, рече: „Се сврши!” па ја наведна главата и го предаде духот. {19:31} Бидејќи беше ден на Подготовка, Јудејците, за да не останат телата на крстот во сабота - зашто таа сабота беше голем ден - го замолија Пилата да им ги скршат колената и да ги симнат. {19:32} Затоа војниците дојдоа и им ги скршија нозете на првиот и на вториот, кои беа распнати со Него; {19:33} и кога дојдоа до Исуса и видоа дека е веќе умрен, не Му ги скршија нозете, {19:34} туку еден од војниците го прободе со копје меѓу ребрата, и веднаш потече крв и вода. {19:35} И очевидецот посведочи, и неговото сведоштво е веродостојно, и тој знае дека зборува вистина - за да верувате и вие. {19:36} Имено, сè ова се случи, за да се исполни Писмото: „Неговата коска нема да се скрши.” {19:37} А на друго место Писмото вели: „Ќе гледаат на Оној, Кого Го прободоа!” {19:38} Потоа Јосиф од Ариматеја, кој беше Исусов ученик, но таен - заради стравот од Јудејците - го замоли Пилата да го земе Исусовото тело; и Пилат му дозволи. Така дојде и го зеде Неговото тело. {19:39} А дојде и Никодим, кој за првпат Му дојде ноќе, и донесе околу сто литри смеса од смирна и алој. {19:40} Го зедоа Исусовото тело и го завиткаа, според јудејскиот погребен обичај - во ленено платно со мириси. {19:41} А на местото, каде беше распнат, имаше градина и во градината нов гроб, во кој уште никој не беше положен. {19:42} Таму Го положија Исуса, поради јудејското Подготвување, зашто гробот беше близу. {20:1} Во првиот ден на седмицата, многу рано додека уште беше темнина, Марија Магдалена дојде на гробот и виде дека каменот од гробот е поместен. {20:2} Тогаш отрча и дојде при Симона Петра и при другиот ученик, кого Исус го љубеше, и им рече: „Го дигнале Господа од гробот и не знаеме каде Го положиле.” {20:3} А Петар и другиот ученик излегоа и одеа кон гробот. {20:4} Имено, и двајцата трчаа заедно; но другиот ученик трчаше побргу од Петра и стигна прв до гробот. {20:5} Тој се наведна и виде ленени повои, како лежат, но не влезе внатре. {20:6} По него стигна Симон Петар, па влезе во гробот и ги виде повоите, како лежат; {20:7} а крпата, што беше на Неговата глава, не беше заедно со повоите, туку беше свиткана одделно, на едно место. {20:8} Тогаш влезе и другиот ученик - кој стигна прв до гробот - и виде и поверува. {20:9} Зашто уште не го беа разбрале Писмото, дека Тој треба да воскресне од мртвите. {20:10} Тогаш учениците пак се вратија дома. {20:11} А Марија стоеше надвор, при гробот и плачеше; така, додека плачеше, погледна во гробот {20:12} и виде два ангела, како седат во бели облеки, таму каде лежеше Исусовото тело, едниот кај главата, а другиот при нозете. {20:13} Тие и рекоа: „Жено, зошто плачеш?” Им рече: „Го дигнале мојот Господ и не знам каде Го положиле?” {20:14} Откако го рече тоа, се обѕрна и Го виде Исуса, како стои; но не знаеше дека е Исус. {20:15} Исус и рече: „Жено, зошто плачеш? Кого Го бараш?” Мислејќи дека е градинарот, таа Му рече: „Господине, ако Го изнесе ти, кажи ми каде Го положи, и јас ќе Го земам!” {20:16} Исус и рече: „Марија!” Таа се заврти и Му рече: „Равуни!”- што значи: „Учителе!” {20:17} Исус и рече: „Не допирај Ме, зашто уште не отидов горе при Мојот Татко. Туку оди при Моите браќа и речи им: ‘Се враќам при Мојот Татко и вашиот Татко, при Мојот Бог и вашиот Бог.’ {20:18} Марија Магдалена дојде и им јави на учениците, дека Го видела Господа и дека тоа и рекол. {20:19} А вечерта, на истиот прв ден на седмицата, додека вратата, каде беа собрани учениците, беше затворена поради страв од Јудејците, Исус дојде, застана насреде и им рече: „Мир вам!” {20:20} Откако го рече тоа им ги покажа рацете и ребрата. И учениците се зарадуваа, кога Го видоа Господа. {20:21} Тогаш Исус пак им рече: „Мир вам! Како што Ме прати Таткото и Јас ве праќам!” {20:22} Кога им го кажа ова, дувна во нив и им рече: „Примете Свети Дух! {20:23} На кои ќе им ги простите гревовите - простени им се; на кои ќе им ги задржите - задржани им се!” {20:24} А Тома, наречен Близнак, еден од Дванаесетте, не беше со нив, кога дојде Исус. {20:25} Затоа другите ученици му рекоа: „Го видовме Господа!” А тој им рече: „Додека не ги видам раните од клинците на Неговите раце и не го ставам мојот прст во раните од клинците и не ја ставам мојата рака во Неговите ребра, нема да поверувам.” {20:26} А по осум дни, Неговите ученици пак беа внатре, и Тома со нив. Додека вратата беше затворена, Исус дојде, застана на средина и им рече: „Мир вам!” {20:27} Потоа му рече на Тома: „Испружи го твојот прст ваму и види ги Моите раце; и испружи ја твојата рака, и стави ја во Моите ребра; и не биди неверен - туку верен!” {20:28} Тома одговори и Му рече: „Мој Господ и мој Бог!” {20:29} Исус му рече: „Поверува, зашто Ме виде. Блажени се кои не виделе, а поверувале.” {20:30} И многу други чуда направи Исус пред учениците, кои не се запишани во книгава; {20:31} а овие се запишани, за да верувате дека Исус е Христос, Божји Син, и верувајќи да имате живот во Негово име. {21:1} Потоа Исус им се јави пак на учениците, на Тиверијадското Море; имено, им се јави вака: {21:2} Симон Петар и Тома, наречен Близнак, Натанаил од Кана Галилејска и Зеведеевите синови, и други двајца од Неговите ученици, беа заедно. {21:3} Симон Петар им рече: „Одам да ловам риби!” Му рекоа: „Доаѓаме и ние со тебе.” Така излегоа и влегоа во кораб, но таа ноќ не фатија ништо. {21:4} А кога се разденуваше, Исус застана на брегот; но учениците не знаеја дека е Исус. {21:5} Исус им рече: „Деца, имате ли нешто за јадење?” Му одговорија: „Немаме.” {21:6} А Тој им рече: „Фрлете ја мрежата оддесно на коработ и ќе најдете.” И така, ја фрлија, и веќе не можеа да ја извлечат од мноштво риби. {21:7} Тогаш ученикот - кого Исус го љубеше - му рече на Петра: „Господ е.” Штом Симон Петар чу дека е Господ, си ја препаша облеката, зашто беше необлечен, и скокна во морето. {21:8} А другите ученици дојдоа со коработ - влечејќи ја мрежата со рибите, зашто не беа далеку од копното, туку околу двеста лакти. {21:9} Кога пак излегоа на земјата, видоа: положена жар, и риба врз неа, и леб. {21:10} Исус им рече: „Донесете од рибите, што ги фативте сега!” {21:11} Тогаш Симон Петар влезе во коработ и извлече на брегот мрежа полна со големи риби - сто и педесет и три. Иако беа толку многу, мрежата не се скина. {21:12} Исус им рече: „Дојдете и јадете!” Но ниеден од учениците не се осмели да Го праша: „Кој си Ти?”- зашто знаеја дека е Господ. {21:13} Исус дојде, зеде леб и им даде; и риба исто така. {21:14} Тоа веќе беше трет пат како Исус им се јави на учениците, откако воскресна од мртвите. {21:15} Откако завршија со појадокот, Исус му рече на Симона Петра: „Симоне Јонин, љубиш ли Ме повеќе отколку овие?” тој Му рече: „Да, Господи, Ти знаеш дека Те сакам.” Му рече: „Паси ги Моите јагниња!” {21:16} Му рече пак, по вторпат: „Симоне Јонин, љубиш ли Ме?” Му рече: „Да, Господи, Ти знаеш дека Те сакам.” Му рече: „Води ги Моите овци на пасење!” {21:17} Му рече по третпат: „Симоне Јонин, Ме сакаш ли?” Петар се нажали дека по третпат го праша: „Ме сакаш ли?” И Му рече: „Господи, Ти знаеш сè, Ти знаеш дека Те сакам.” Исус му рече: „Паси ги Моите овци!” {21:18} Вистина, вистина ти велам: кога беше помлад, се опашуваше сам и одеше каде што сакаше; но, кога ќе остариш, ќе ги рашириш твоите раце, и друг ќе те опашува и ќе те води каде што нејќеш. {21:19} А ова го рече, навестувајќи со каква смрт ќе Го прослави Бога. Откако го кажа тоа, му рече: „Врви по Мене!” {21:20} А Петар кога се заврти, и виде дека по нив иде ученикот, кого Исус го љубеше, кој на вечерата се потпре врз Исусовите гради и рече: „Господи, кој ќе Те предаде?” {21:21} Штом Петар го виде, Му рече на Исуса: „Господи, а овој што?” {21:22} Исус му рече: „Ако сакам тој да остане додека не дојдам, што ти е тебе? Ти следи Ме!” {21:23} Така се разнесе зборот, меѓу браќата, дека оној ученик, нема да умре. А Исус не му рече, дека нема да умре, туку: „Ако сакам тој да остане додека не дојдам, што ти е тебе?” {21:24} Овој е ученикот, кој сведочи за ова и кој го напиша ова; и знаеме дека неговото сведоштво е вистинско. {21:25} А има и многу други работи, што ги направи Исус, но ако се запишуваше едно по едно - мислам дека напишаните книги не би можеле да бидат сместени во целиот свет. Амин!