{1:1} Павле, слуга на Исуса Христа, повикан за апостол, одделен за Евангелието од Бога, {1:2} кое Тој го вети однапред преку Своите пророци во Светите писма, {1:3} а кое зборува за Неговиот Син, по тело роден од Давидовото семе, {1:4} по Духот на осветувањето посведочен за Божји Син во сила - преку воскресението од мртвите - Исус Христос, нашиот Господ; {1:5} преку Кого добивме благодат и апостолство, за да ги приведеме сите народи, кон послушноста на верата, заради Името Негово, {1:6} меѓу кои сте и вие повикани од Исуса Христа, {1:7} - до сите возљубени од Бога, повиканите свети, кои се во Рим: благодат вам и мир од Бога нашиот Татко и од Господа Исуса Христа. {1:8} Пред сè Му благодарам на мојот Бог преку Исуса Христа за сите вас, зашто за вашата вера се зборува по целиот свет. {1:9} И Бог, Кому Му служам со својот дух во објавувањето на Евангелието за Неговиот Син, ми е сведок дека постојано си спомнувам за вас {1:10} секогаш во моите молитви, да успеам барем еднаш, по Божја волја, да дојдам при вас; {1:11} зашто сакам да ве видам, да ви дадам некој духовен дар за ваше зацврстување, {1:12} односно: меѓу вас, заедно со вас, да најдам утеха преку заедничката вера - вашата и мојата. {1:13} Не сакам, браќа, да ви остане непознато, дека многупати имав намера да дојдам при вас - но бев спречуван досега - за да имам некој плод и меѓу вас, како и меѓу другите народи. {1:14} Јас сум им должник и на Грците и на варварите, и на мудрите и на неразумните. {1:15} И така, доколку е од мене, готов сум да ви го проповедам Евангелието и вам, кои сте во Рим. {1:16} Зашто, јас не се срамам од Евангелието, бидејќи тоа е Божја сила за спасение на секој кој верува, првин за Јудеецот, а и за Гркот. {1:17} Зашто во него се открива Божјата правда, од вера во вера, како што е напишано: „Праведникот ќе живее од верата.” {1:18} Зашто Божјиот гнев се открива од небото на секоја безбожност и неправда на луѓето, кои со неправдата ја задржуваат вистината; {1:19} зашто ним им е познато она што може да се знае за Бога; Бог им го јави тоа. {1:20} Па и Неговите невидливи својства, Неговата вечна сила и Божеството, можат да се согледаат од создавањето на светот, набљудувани преку творбите. Па така немаат изговор. {1:21} Зашто, иако Го познаа Бога, не Го прославија како Бог, ниту покажаа благодарност; туку станаа суетни во своите мисли и нивното неразумно срце се помрачи. {1:22} Зборувајќи дека се мудри, станаа безумни, {1:23} и ја заменија славата на нераспадливиот Бог со слика слична на распадлив човек, на птици, на четвороножни животни, и на лазачи. {1:24} Затоа Бог ги предаде, според желбите на нивните срца, на нечистотата, така што сами да ги обесчестат своите тела; {1:25} нив, кои Божјата вистина ја заменија со лага, и му се поклонуваа и служеа на созданието место на Создателот, Кој е благословен довека, Амин! {1:26} Затоа Бог ги предаде на срамни страсти: нивните жени го заменија природното општење со неприродно; {1:27} мажите, исто така, го оставија природното општење со жена и се распалија со сладострасност еден кон друг, правејќи - мажи со мажи - срамни работи, добивајќи заслужена плата во себе за својата заблуда. {1:28} И бидејќи не се обидоа да Го имаат Бога во нивните мисли, Бог ги предаде на нивниот изопачен ум, за да прават што не прилега: {1:29} исполнети со секаков вид неправда, расипаност, алчност, зло; полни со завист, убиства, расправии, лукавства, подмолност; озборувачи, {1:30} клеветници, мразители на Бога, насилници, горди, самопофалувачи, измислувачи на зла, непокорни на родителите, {1:31} неразумни, неповерливи, без љубов и без милосрдие. {1:32} Тие ја знаат Божјата правда: дека оние, кои прават така, заслужуваат смрт, па сепак не само што го прават тоа, туку им одобруваат и на другите, кои прават. {2:1} Затоа немаш изговор човеку, кој судиш - кој и да си ти - зашто судејќи го другиот, самиот се осудуваш; бидејќи ти кој судиш, го правиш истото. {2:2} А знаеме дека Божјиот суд е според вистината врз тие, кои прават такви работи. {2:3} Мислиш ли, о човеку, кој им судиш на оние, кои прават такви работи, а истото го правиш, дека ќе го избегнеш Божјиот суд? {2:4} Или ги презираш: богатството на Неговата благост, кротоста и долготрпеливоста, а не знаеш дека Божјата добрина те води кон покајание? {2:5} Но со твојата закоравеност и со непокајаното срце самиот собираш гнев врз себе, за денот на гневот и на откривањето на праведниот Божји суд, {2:6} Кој ќе му даде секому според неговите дела: {2:7} на оние, кои со трпение прават добро и бараат слава, чест и непропадливост - вечен живот; {2:8} а на оние, кои се противаат и не и се покоруваат на вистината, а се покоруваат на неправдата - гнев и јарост. {2:9} Неволја и мака на секоја човечка душа, која прави зло; а најпрвин на Јудеец, па и на Грк! {2:10} А слава, чест и мир за секого, кој прави добро; а најпрвин на Јудеец, па и на Грк! {2:11} Зашто Бог не гледа на лице. {2:12} Зашто, кои згрешиле без Закон, без Закон и ќе загинат; а сите кои згрешиле под Закон, според Законот ќе бидат осудени. {2:13} Бидејќи, пред Бога не се праведни оние, кои само го слушаат Законот, а ќе бидат оправдани оние, кои се извршители на Законот. {2:14} Зашто кога народите, кои немаат Закон, го исполнуваат - по природа - она што Законот го бара; тогаш тие се, немајќи Закон, сами за себе закон. {2:15} Тие покажуваат дека делото на Законот е напишано во нивните срца, за што сведочат: нивната совест и нивните мисли, што меѓусебно се обвинуваат или се бранат, {2:16} во Денот, кога Бог преку Исуса Христа, според моето Евангелие, ќе ги суди човечките тајни. {2:17} Ако ти, кој се наречуваш Јудеец, се потпираш на Законот и се фалиш со Бога, {2:18} ја знаеш Неговата волја и, поучен од Законот, знаеш да го избереш подоброто; {2:19} и си уверен дека си водач на слепци, светлина на оние, кои се во темнина, {2:20} воспитач на неразумните, учител на младите, зашто имаш во Законот олицетворување на знаењето и вистината; {2:21} и така, ти, кој го учиш другиот, не ли се учиш самиот себе? Ти, кој проповедаш да не се краде, крадеш ли? {2:22} Ти, кој зборуваш да не се прави прељуба, не вршиш ли прељуба? Ти, кој се гнасиш од идолите, ги ограбуваш ли нивните храмови? {2:23} Ти, кој се фалиш со Законот, Го обесчестуваш ли Бога со престапување на Законот? {2:24} ”Па заради вас се хули Божјото име меѓу народите” - како што е напишано. {2:25} Секако, обрезанието е полезно, ако го исполнуваш Законот; но ако си престапник на Законот, твоето обрезание станува необрезание. {2:26} И така, ако необрезаниот ги пази прописите на Законот, нема ли неговото необрезание да му биде сметано како обрезание? {2:27} И така, оној, кој не е телесно обрезан, а го исполнува Законот, ќе ти суди тебе, кој си престапник на Законот - и покрај тоа што го имаш словото на Законот и обрезанието. {2:28} Зашто не е Јудеец оној, кој е тоа надворешно, ниту е вистинско обрезание она, што е надворешно - врз телото - {2:29} туку Јудеец е оној, кој е тоа во внатрешноста; а вистинското обрезание на срцето е по Дух, а не по буква. Неговата пофалба не е од луѓето, а од Бога. {3:1} И така, каква предност има Јудеецот? Или: каква е ползата од обрезанието? {3:2} Голема, во секој однос. Прво: ним им се доверени Божјите слова. {3:3} Па што! Ако некои беа неверни, зар нивната неверност ќе ја уништи Божјата верност? {3:4} Далеку од тоа! Но, Бог нека е вистинит, а секој човек лажец, како што е напишано: „Да бидеш оправдан во своите зборови и да победиш кога се судиш.” {3:5} Ако нашата неправда ја покажува Божјата правда, што ќе речеме? Дали е Бог неправеден, кога се гневи? (човечки зборувам). {3:6} Далеку од тоа! Како Бог би можел тогаш да му суди на светот? {3:7} Зашто, ако преку мојата лага се покаже уште повозвишена Божјата вистина за Неговата слава, зошто ми се суди уште како на грешник? {3:8} ”Зошто да не правиме зло, за да дојде добро?” - како што нè клеветат некои и велат за нас, дека ние зборуваме така? Осудувањето на таквите е праведно. {3:9} Што тогаш! Дали имаме предност? Никако, зашто веќе ги обвинуваме Јудејците и Грците, дека се сите под грев, {3:10} како што е напишано: „Нема никој праведен, нема ниту еден; {3:11} нема разумен, нема кој да Го бара Бога; {3:12} сите застранија, сите заедно станаа неполезни, нема кој да прави добро, нема ниту еден.” {3:13} Нивното грло е отворен гроб, измамуваат со јазиците; змиски отров е под нивните усни. {3:14} Устата им е полна со клевета и горчина. {3:15} Нозете им се брзи за пролевање крв; {3:16} запустување и беда се по нивните патишта; {3:17} тие не го познаваат патот на мирот. {3:18} Нема Божји страв пред нивните очи.” {3:19} А знаеме дека сè што вели Законот, им го зборува на оние, кои се под Законот, за да занеми секоја уста и за да биде целиот свет виновен пред Бога, {3:20} зашто со делата на Законот ниедно тело нема да се оправда пред Него; зашто преку Законот доаѓа самото познавање на гревот. {3:21} А сега, независно од Законот, се јави Божјата правда, за која сведочат Законот и пророците, {3:22} и тоа Божјата правда, преку верата во Исуса Христа, за сите кои веруваат, бидејќи нема разлика; {3:23} зашто сите згрешија и им недостасува Божјата слава, {3:24} но се оправдуваат од Неговата благодат, преку откупот во Христа Исуса, {3:25} Кого Бог Го постави за жртва на помирувањето преку вера, во Неговата крв, за да се покаже Неговата правда во пропуштањето на поранешните гревови, во времето на Божјото долготрпение; {3:26} та да ја покаже Својата правда во сегашно време, за да биде Самиот праведен и за да го оправда оној, кој е од верата на Исуса. {3:27} И така, каде е фалењето? Исклучено е. Според кој закон? Според законот на делата ли? Не, туку според законот на верата. {3:28} И така, ние заклучуваме дека човекот се оправдува преку верата, без делата на Законот. {3:29} Или Бог е само на Јудејците, а не и на народите? Да, и на народите, {3:30} зашто е само еден Бог, Кој ќе ги оправда обрезаните по вера и необрезаните преку вера. {3:31} Според тоа, дали го укинуваме Законот преку верата? Далеку од тоа! Туку, со тоа го утврдуваме Законот. {4:1} И така, што ќе речеме дека нашиот прататко Авраам добил по тело? {4:2} Зашто, ако е Авраам оправдан врз основа на своите дела, може да се фали, но не пред Бога! {4:3} Но, што вели Писмото: „Авраам Му поверува на Бога и тоа му се засмета за праведност.” {4:4} А на оној, кој работи, платата не му се засметува по милост, туку по долг; {4:5} додека на оној, кој не работи, а верува во Оној, Кој го оправдува безбожникот, неговата вера му се засметува за праведност, {4:6} така и Давид го наречува блажен човекот, кому Бог му ја засметува праведноста без дела: {4:7} ”Блажени се оние, чии беззаконија се простени и чии гревови се покриени! {4:8} ”Блажен е човекот, кому Господ не му засметува грев!” {4:9} Дали блаженството се однесува само за обрезаните, или и за необрезаните? Зашто ние велиме: „На Авраама верата му се засмета за праведност.” {4:10} Па како му се засмета? Кога беше обрезан или кога беше необрезан? Не кога беше обрезан, туку кога беше необрезан. {4:11} И го прими знакот на обрезанието како печат на праведноста, што ја доби преку верата како необрезан, за да им биде татко на сите, кои веруваат како необрезани; за да им се засмета и ним тоа во праведност, {4:12} и да им биде татко и на обрезаните, но не на оние, кои се само обрезани, туку кои и одат по стапките на верата на нашиот татко Авраам, која ја имаше додека уште беше необрезан. {4:13} Зашто, ветувањето на Авраама, или на неговото потомство, дека ќе биде наследник на светот, не дојде преку Законот, туку преку праведноста од верата. {4:14} Имено, ако се наследници само оние од Законот, тогаш верата е без значење; и ветувањето е поништено. {4:15} Зашто Законот донесува гнев; а каде нема Закон нема ни престапување! {4:16} Затоа тоа е од верата, за да биде по благодат, така што ветувањето да му биде обезбедено на сето потомство; не само на она од Законот, туку и на она од Авраамовата вера; кој е татко на сите нас, {4:17} како што е напишано: „Те поставив татко на многу народи” - пред Бога; Кому Му поверува; Кој ги оживува мртвите и ги повикува оние нешта што не се во битие. {4:18} Без надеж, тој се надеваше и поверува дека ќе стане татко на многу народи, според реченото: „Такво ќе биде твоето семе.” {4:19} И не ослабна во верата, кога го имаше во предвид своето веќе умртвено тело, зашто беше околу сто години, и умртвеноста на Сарината утроба; {4:20} не се посомнева во Божјото ветување, туку зајакна во верата и Му даде слава на Бога, {4:21} наполно уверен дека е силен да го исполни она што го ветил. {4:22} Затоа тоа му се засмета за праведност. {4:23} Но не е напишано само за него „дека му се засмета” {4:24} туку и за нас на кои ќе ни се засмета, затоа што веруваме во Оној, Кој Го воскресна од мртвите Исуса, нашиот Господ. {4:25} Кој беше предаден за нашите гревови и беше воскреснат за наше оправдание. {5:1} И така, бидејќи оправдани преку верата, имаме мир со Бога, преку нашиот Господ Исус Христос, {5:2} преку Кого и пристапивме со вера во оваа благодат, во која стоиме, и се фалиме во надежта на Божјата слава. {5:3} Но не само тоа, туку се фалиме и во неволјите, знаејќи дека неволјата раѓа трпение, {5:4} трпението - искуство, а искуството - надеж; {5:5} а надежта пак не разочарува, зашто Божјата љубов е излеана во нашите срца преку Светиот Дух, Кој ни е даден. {5:6} Зашто, додека уште бевме слаби, Христос умре во определено време за безбожниците. {5:7} За праведник одвај некој ќе умре, а за добриот можеби некој и ќе се осмели да умре. {5:8} Но Бог ја покажа Својата љубов кон нас со тоа, што Христос умре за нас, додека уште бевме грешници. {5:9} Сега, откако сме оправдани во Неговата крв, многу повеќе ќе се спасиме од гневот Божји преку Него. {5:10} Зашто, ако сме помирени со Бога преку смртта на Неговиот Син, додека бевме непријатели; толку повеќе - веќе помирени - ќе се спасиме во Неговиот живот. {5:11} И не само тоа, туку и се фалиме со Бога преку нашиот Господ Исус Христос, преку Кого добивме сега помирување. {5:12} Затоа, како што гревот влезе во светот преку еден човек, а преку гревот - смртта; така смртта помина на сите луѓе, зашто сите згрешија. {5:13} Имено: гревот беше во светот уште пред Законот; но гревот не се засметува кога нема Закон. {5:14} Смртта пак царуваше од Адама до Мојсеја и над оние, кои не згрешија со сличен престап како Адам, кој е слика на Оној кој доаѓа. {5:15} Но дарот на благодатта не е како престапувањето; зашто ако преку престапувањето на еден изумреа мнозина; многу поизобилно се излеа на мнозина Божјата благодат и дарот преку благодатта на еден Човек, Исус Христос. {5:16} И дарот не бидува како што се случи кога згреши еден. Имено, судот произлезе од еден кој погреши и така доведе до осуда, а благодатниот дар доведе од многу престапи, до оправдување. {5:17} Зашто, ако смртта зацари, заради престапувањето на еден; тоа многу повеќе оние - кои примаат изобилство на благодатта и дар на правдата - ќе царуваат во животот преку Едниот - Исус Христос. {5:18} И така, како што преку еден престап дојде осудување на сите луѓе, така и преку едно праведно дело дојде за сите луѓе оправданието, што донесува живот; {5:19} зашто, како што со непослушноста на еден човек мнозина станаа грешници, така и со послушноста на Еден мнозина ќе станат праведни. {5:20} А покрај тоа, Законот дојде за да се зголеми престапувањето; но каде што гревот се зголеми, таму благодатта се излеа преизобилно: {5:21} и како што гревот царуваше во смртта, така и благодатта да царува преку правдата за вечен живот преку нашиот Господ Исус Христос! {6:1} И така, што ќе речеме? Да останеме ли и натаму во гревот, за да се умножи благодатта? {6:2} Далеку од тоа! Ние, кои умревме за гревот, како ќе живееме уште во него? {6:3} Или зар не знаете дека сите ние, кои сме крстени во Исуса Христа, крстени сме во Неговата смрт? {6:4} И така, преку крштавањето во смртта, погребани сме заедно со Него, - та како што Христос воскресна од мртвите преку славата на Таткото, - така и ние да одиме во нов живот. {6:5} Зашто ако сме соединети со Него во смртта слична на Неговата, ќе бидеме и во воскресението слично на Неговото. {6:6} Тоа го знаеме: нашиот стар човек е распнат заедно со Него, за да биде уништено телото на гревот, па да не му робуваме веќе на гревот, {6:7} зашто тој кој умрел, е оправдан од гревот. {6:8} А ако умревме со Христа, веруваме дека и ќе живееме со Него, {6:9} зашто знаеме дека Христос, Кој воскресна од мртвите, веќе не умира: смртта нема веќе власт над Него. {6:10} Зашто, ако умрел - умрел за гревот еднаш засекогаш, а што живее - живее за Бога. {6:11} Така и вие сметајте се себеси мртви за гревот, но живи за Бога во Исуса Христа нашиот Господ! {6:12} И така, нека не царува гревот во вашето смртно тело, па да ги слушате неговите страсни желби! {6:13} И не давајте му ги вашите членови на гревот за оружје на неправдата, туку предавајте Му се сами себеси на Бога, како оживени од мртвите, а вашите членови на Бога за оружје на правдата! {6:14} Имено, гревот не ќе има веќе власт над вас, зашто не сте под Законот, туку под благодатта. {6:15} Па што? Да грешиме ли, зашто не сме под Законот, а под благодатта? Да не биде! {6:16} Не знаете ли: ако некому му се предадете за робови во послушност - робови сте му на оној, кому му се покорувате: или на гревот - за смрт; или на послушноста - за праведност? {6:17} Но благодарејќи Му на Бога, зашто вие, откако му бевте робови на гревот, му станавте послушни од сè срце на примерот на науката, на која и бевте предадени {6:18} па така, ослободени од гревот, станавте слуги на правдата. {6:19} Зборувам по човечки заради слабоста на вашето тело: како што некогаш ги предадовте вашите членови да им служат на нечистотата и на беззаконието, за беззаконство; така сега предадете ги вашите членови да и служат на правдата, за осветување! {6:20} Зашто, кога бевте робови на гревот, бевте слободни од правдата. {6:21} А каков плод имавте тогаш, од оние работи, заради кои се срамите денес, зашто нивниот крај е смртта?! {6:22} Но сега, откако сте ослободени од гревот и откако се поставивте во служба на Бога - го имате вашиот плод - осветувањето; а вечниот живот - за крај, {6:23} зашто смртта е плата за грев, но благодатниот Божји дар е - вечен живот во Христа Исуса, нашиот Господ. {7:1} Или не знаете ли, браќа - им зборувам на оние, кои го познаваат Законот, дека законот има власт над човекот додека е жив? {7:2} Така, омажената жена преку закон е врзана за мажот, додека е тој жив; но ако мажот умре, слободна е од законот, што ја сврзал со мажот. {7:3} Според тоа, ако му стане жена на друг, додека нејзиниот маж живее, ќе биде прељубница; но ако мажот и умре, слободна е од законот, и не е прељубница, ако се омажи за друг. {7:4} Така и вие, браќа мои, умревте за законот преку Христовото тело, за да Му припаднете на Другиот, Кој воскресна од мртвите, за да Му донесеме плод на Бога. {7:5} Зашто, додека бевме во телото, во нашите членови дејствуваа грешни страсти, кои Законот ги побудуваше, така што ги донесувавме плодовите на смртта. {7:6} А сега, се ослободивме од Законот, откако умревме за оној, кој нè потчинуваше, за да служиме во нов дух, а не во старата буква. {7:7} И така, што да речеме? Дали е Законот грев? Далеку од тоа! Сепак, јас го запознав гревот само преку Законот, зашто не би ја запознал страсната желба, ако Законот не рече: „Не ќе пожелуваш!” {7:8} А гревот најде повод во заповедта и предизвика во мене секаква желба, зашто без Закон - гревот е мртов. {7:9} И јас живеев некогаш без Законот; но кога дојде заповедта гревот оживе, а јас умрев; {7:10} и се покажа дека заповедта, што беше дадена за живот, ме водеше во смрт; {7:11} имено, гревот, откако доби повод во заповедта, ме заведе и ме уби преку неа. {7:12} Затоа Законот е свет; а и заповедта е света, и праведна, и добра. {7:13} Дали тоа значи дека доброто стана смрт за мене? Да не биде! Туку гревот, за да се покаже како грев, се послужи со доброто и ми предизвика смрт, за да стане гревот - со посредство на заповедта - прекумерно грешен. {7:14} Зашто знаеме дека Законот е духовен, а јас сум телесен, продаден, под грев. {7:15} Така, не знам што правам; зашто не го правам она, што го сакам, туку го правам она, што го мразам. {7:16} Ако пак го правам, она што не го сакам, се согласувам со Законот дека тој е добар. {7:17} Зашто тоа веќе не го правам јас, туку гревот, кој живее во мене. {7:18} Имено, јас знам дека никакво добро не живее во мене, односно во моето тело; зашто, желба за добро има во мене, но не и сила за да го правам тоа, {7:19} зашто не го правам доброто, што го сакам, туку го правам злото, што не го сакам. {7:20} А ако го правам она што не го сакам, не го правам веќе јас, туку гревот, кој живее во мене. {7:21} И така, го наоѓам овој закон: дека кога сакам да правам добро, злото е близу. {7:22} Вистина, со мојот внатрешен човек наоѓам наслада во Божјиот Закон, {7:23} но, гледам друг закон во моите членови, кој војува против законот на мојот ум, и ме заробува под законот на гревот, што е во моите членови. {7:24} Беден човек сум јас! Кој ќе ме спаси од ова смртоносно тело! {7:25} Му благодарам на Бога преку Исуса Христа, нашиот Господ! И така, јас самиот со умот му служам на Божјиот Закон, а со телото на законот на гревот. {8:1} И така, сега нема осудување за оние, кои се во Христа Исуса, и одат не по телото, а по Духот. {8:2} Зашто законот на Духот на животот во Христа Исуса ме ослободи од законот на гревот и смртта. {8:3} Зашто тоа, што му беше невозможно на Законот, зашто беше слаб заради телото, Бог го изврши: испраќајќи Го - заради гревот - Својот Син во обличје слично на грешното тело и, поради грев, го осуди гревот во телото, {8:4} па, праведноста, што Законот ја бара, да се исполни во нас, - кои не одиме по телото, туку по Духот. {8:5} Зашто, кои се по телото, мислат за телото, додека оние, по Духот, мислат за нештата на Духот. {8:6} Бидејќи мудрувањето на телото, е смрт; а мудрувањето на Духот: живот и мир; {8:7} зашто мудрувањето на телото е непријателство против Бога, бидејќи не му се покорува на Божјиот Закон, ниту пак може. {8:8} Оние, кои се во телото, не можат да Му угодат на Бога. {8:9} Но вие не сте во телото, туку во Духот, ако Божјиот Дух навистина живее во вас. Но, ако некој Го нема Христовиот Дух, не е Негов. {8:10} А ако е Христос во вас, тогаш телото е мртво заради гревот, а духот е жив заради правдата. {8:11} Ако навистина во вас живее Духот на Оној, Кој Го воскресна Исуса од мртвите; Оној Кој Го воскресна Христа, ќе ги оживи и вашите смртни тела преку Својот Дух, Кој живее во вас. {8:12} Според тоа, браќа, не сме му должници на телото, за да живееме по телото. {8:13} Зашто, ако живеете по телото, ќе умрете; но ако преку Духот ги умртвувате телесните дејства - ќе живеете. {8:14} Сите оние, кои ги води Божјиот Дух - тие се Божји синови. {8:15} Имено, не го примивте духот на ропството, за да бидете пак во страв, туку го примивте Духот на посинувањето, со кој викаме: „Ава - Татко!” {8:16} Самиот Дух сведочи заедно со нашиот дух дека сме Божји чеда. {8:17} Ако сме чеда, тогаш сме и наследници: Божји наследници, а Христови сонаследници - ако страдаме со Него, со Него и да се прославиме. {8:18} Зашто сметам дека страдањата на сегашното време не се ништо во споредба со славата, која ќе ни се открие нам. {8:19} Зашто сето создание со нетрпелив копнеж го очекува откривањето на Божјите синови - {8:20} имено, созданието и беше потчинето на суетата, не доброволно, туку од оној, кој го потчини - во надеж {8:21} дека и самото создание ќе биде ослободено од ропството на распаѓањето; во слобода на славата на Божјите деца. {8:22} Имено, знаеме дека целото создание заедно воздивнува и страда во родилни маки досега. {8:23} И не само тоа, туку и ние, кои го имаме Духот како прв дар; ние самите воздивнуваме во себе чекајќи го посинувањето: откупувањето на нашето тело. {8:24} Зашто, во оваа надеж ние се спасивме. А надежта која се гледа не е надеж; зашто, кога некој нешто гледа, зошто да му се надева? {8:25} Но ако се надеваме на она што не го гледаме, тогаш го чекаме со трпение. {8:26} Исто така и Духот и помага на нашата слабост, зашто ние не знаеме за што да се молиме, како што треба: но Самиот Дух посредува за нас со неискажливи воздишки. {8:27} А Оној, Кој ги испитува срцата, знае какво е значењето на Духот, зашто по Божјата волја се моли за светите. {8:28} Но знаеме дека сите работи содејствуваат за добро на оние, кои Го љубат Бога, кои се повикани по Неговата намера; {8:29} зашто оние кои ги познаваше однапред, нив и ги предопредели да се преобразат според ликот на Неговиот Син, за Тој да биде Првороденец меѓу многуте браќа. {8:30} А оние кои ги предопредели, тие и ги повика; кои ги повика, тие и ги оправда; кои ги оправда, тие и ги прослави. {8:31} И така, што да речеме на ова? Ако е Бог за нас, кој ќе биде против нас? {8:32} Оној, Кој не Го поштеди ни сопствениот Син, туку Го предаде за сите нас, како не ќе ни подари сè друго со Него? {8:33} Кој ќе ги обвини Божјите избраници? Бог ли, Кој ги оправдува? {8:34} Кој е оној кој ќе ги осуди? Христос Исус ли, Кој умре - но уште и воскресна - Кој е од десната страна на Бога и Кој се застапува за нас? {8:35} Кој ќе нè одвои од Христовата љубов? Неволјата ли, или притеснувањето, или гонењето, или гладот, или голотата, или гибелта или мечот? {8:36} Како што е напишано: „Заради Тебе нè убиваат постојано, нè сметаат како овци за клање.” {8:37} Но во сè ова победуваме надмоќно преку Оној, Кој нè возљуби. {8:38} Зашто сум уверен дека ни смртта, ни животот, ни ангелите, ни властите, ни сегашноста, ни иднината, ни силите, {8:39} ни височината, ни длабочината, ниту некое друго создание, ќе може да нè оддели од Божјата љубов, која е во Христа Исуса, нашиот Господ. {9:1} Зборувам вистина во Христа - не лажам - мојата совест ми сведочи за тоа во Светиот Дух, {9:2} дека ми е многу жал и дека срцето ме боли непрестано. {9:3} Имено, би сакал да бидам самиот - како проколнат - одвоен од Христа, за моите браќа, за моите роднини по тело, {9:4} кои се Израелци; на кои им припаѓаат: посинувањето и славата, заветите и законодавството, богослужението и ветувањата; {9:5} чии се и татковците, од кои потекнува и Христос по тело, Кој е Бог над сите, благословен во сите векови! Амин! {9:6} Но не треба да се мисли дека пропадна Божјото слово; зашто не сите, кои водат потекло од Израел, се вистински Израелци, {9:7} ниту сите се Авраамови деца, затоа што се негово потомство; но „во Исака ќе се нарече Твоето семе,” {9:8} тоа значи: дека сите деца по тело не се Божји деца, туку децата на ветувањето се сметаат за потомство. {9:9} А словото на ветувањето е ова: „Ќе дојдам во ова време, и Сара ќе има син.” {9:10} Но не само таа, туку и Ревека, која зачна од еден, од нашиот татко Исак. {9:11} Зашто уште додека не беа ни родени близнаците, ниту направиле нешто добро или зло; за да остане онака како што Бог определил по свој избор, да не зависи од делата, туку од Оној Кој повикува; {9:12} нејзе и беше речено: „Поголемиот ќе му служи на помалиот,” {9:13} како што е напишано: „Јакова го возљубив, а Исава го замразив.” {9:14} И така, што ќе речеме? Има ли неправда во Бога? Да не биде! {9:15} Зашто му вели на Мојсеја: „Ќе го помилувам, кого го милувам и ќе го сожалам, кого го сожалувам.” {9:16} Според тоа, не зависи од оној, кој сака; ниту од оној, кој трча, туку од милостивиот Бог. {9:17} Зашто Писмото му вели на фараонот: „Имено, затоа те издигнав, за да ја покажам Мојата сила во тебе и за да се разгласи Моето име по целата земја.” {9:18} Па така: му искажува милост кому сака, а кого сака го прави корав. {9:19} Сега, ти ќе ми речеш: „Тогаш, зошто укорува? Зашто, кој може да му се воспротиви на Неговиот совет?” {9:20} Та кој си ти, о човеку, да одговараш против Бога? Зар ракотворбата ќе му рече на својот творец: „Зошто си ме направил така?” {9:21} Или зар грнчарот нема власт над глината: од истата смеса да направи еден сад за чесна, а друг за нечесна употреба? {9:22} А што ако Бог - сакајќи да го покаже Својот гнев и да ја пројави Својата сила - со големо долготрпение, ги трпел садовите на гневот, приготвени за погибел, {9:23} за да го пројави истовремено богатството на Својата слава над садовите на милоста, што ги приготвил отпорано за слава; {9:24} како такви, нè повика и нас, не само од Јудејците, туку и од народите, {9:25} како што вели и кај Осија: „Народ, кој не е Мој народ, ќе го наречам Мој; и онаа, која не е возљубена, ќе ја наречам возљубена,” {9:26} и така ќе се случи дека на местото, каде им беше речено: „Вие не сте Мој народ,” таму ќе бидат наречени синови на живиот Бог.” {9:27} А Исаија вика за Израел: „Иако бројот на Израелевите синови е колку морскиот песок, ќе се спаси само Остатокот, {9:28} зашто Господ ќе го спроведе Својот збор на земјата и ќе го заврши брзо.” {9:29} И како што прорече Исаија: „Ако Господ над Воинствата не ни остави потомство, ќе бевме како Содом и ќе станевме слични на Гомор.” {9:30} И така, што ќе кажеме? Народите - кои не се стремеа кон праведноста, ја примија праведноста, и тоа праведноста која е преку верата; {9:31} а Израел - стремејќи се кон законот на праведноста, не стигна до Законот. {9:32} Зошто? Зашто не настојуваше да го постигне со верата, туку со делата на Законот; се сопна од каменот на сопнување, {9:33} како што е напишано: „Еве, на Сион поставувам камен за сопнување и стена на соблазан; и кој верува во Него, нема да се посрами.” {10:1} Браќа, желбата на моето срце и мојата молитва кон Бога за нив е: да се спасат. {10:2} Зашто, сведочам за нив, дека имаат ревност за Бога, но без правилно знаење. {10:3} Имено, не знаејќи, што е Божјата правда и сакајќи да ја воспостават својата сопствена, не и се покорија на Божјата правда. {10:4} Зашто Христос е свршетокот на Законот, за правда на секој, кој верува. {10:5} Зашто, Мојсеј пишува за праведноста, која е од Законот: „Човекот, кој ја исполнува, ќе живее од неа.” {10:6} А праведноста, која е од верата, зборува вака: „Да не речеш во своето срце: „Кој ќе се искачи на небото?” односно, да Го симне Христа; {10:7} или: „Кој ќе слезе во бездната?” односно, да Го изведе Христа од мртвите! {10:8} Но што зборува таа: „Словото е близу до тебе, во твојата уста и во твоето срце,” односно, словото на верата, која ја проповедаме. {10:9} Зашто, ако со твојата уста исповедаш, дека Исус е Господ и ако во твоето срце поверуваш, дека Бог Го воскреснал од мртвите, ќе бидеш спасен. {10:10} Зашто со срцето се верува за праведност, а со устата се исповедува за спасение, {10:11} зашто Писмото вели: „Секој, кој верува во Него, нема да се засрами.” {10:12} Но нема разлика меѓу Јудеец и Грк; зашто еден и ист е Господ на сите; богат за сите, кои Го повикуваат, {10:13} зашто: „Секој, кој ќе го повика Господовото име, ќе се спаси.” {10:14} Но, како ќе Го повикаат Оној, во Кого не поверувале? А како ќе поверуваат во Оној, за Кого не чуле? А како ќе чујат без проповедник? {10:15} И како ќе проповедаат, ако не се испратени, како што е напишано: „Колку се прекрасни нозете на оние, што проповедаат мир, кои го навестуваат доброто!” {10:16} Но сите не го послушаа Евангелието, зашто Исаија вели: „Господи, кој и поверувал на нашата проповед?” {10:17} И така, верата доаѓа од слушањето, а слушањето од Христовото слово. {10:18} Но велам: „Зар тие не слушнаа?” Напротив: „Гласот им излезе по целата земја, и нивните зборови до крајот на светот.” {10:19} Пак прашувам: „Зар Израел не разбра? Мојсеј прв рече: „Јас ќе предизвикам ревност во вас - преку оние, што не се народ и ќе разбудам во вас гнев, против еден неразумен народ.” {10:20} А Исаија пак се осмелува да рече: „Ме најдоа оние, кои не Ме бараа, и им се јавив на оние, кои не прашуваа за Мене.” {10:21} А за Израел говори: „Цел ден ги протегав Своите раце кон народ непослушен и противречлив.” {11:1} И така, прашувам: „Дали Бог го отфрли Својот народ? Далеку од тоа! Зашто и јас сум Израелец, од Авраамовото потомство, од Венијаминовото племе. {11:2} Бог не го отфрли Својот народ, кого го знаеше однапред. Или не знаете што вели Писмото, за Илија, како вика кон Бога против Израел, велејќи: {11:3} ”Господи, ги погубија Твоите пророци, ги разурнаа Твоите жртвеници; а јас останав сам, па и мојот живот го бараат.” {11:4} А што му вели Божјиот одговор: „Си оставив за себе седум илјади луѓе, кои не ги преклонија колената пред Ваала.” {11:5} Така е и во сегашното време, остана еден Остаток избран по благодатта. {11:6} Но, ако е по благодат, тогаш не е по дела; зашто инаку благодатта не би била веќе благодат. {11:7} Тогаш што? Израел не го доби она, што го бараше, а избраните го добија; а другите беа закоравени, {11:8} како што е напишано: „Бог им даде дух на мртвило, очи да не гледаат и уши да не слушаат до денешниот ден.” {11:9} И Давид зборува: „Нивната трпеза да им биде стапица, и мрежа и соблазан и одмазда! {11:10} Очите нека им се помрачат, за да не гледаат! А плеќите свиткај им ги засекогаш!” {11:11} И така прашувам: да не се сопнаа, за да паднат сосем? Да не биде! Туку преку нивното сопнување им дојде спасение на народите, за да ги поттикнат на ревност. {11:12} Ако нивното сопнување значи богатство за светот, а нивното отпаѓање богатство за народите, колку повеќе ќе биде нивната полнота! {11:13} Но ви зборувам вам, народи; бидејќи сум апостол на народите, јас ја прославувам мојата служба, {11:14} та на некој начин да го поттикнам на ревност својот род и да спасам некои од нив. {11:15} Зашто, ако нивното отфрлање е помирување за светот, какво ли ќе биде нивното примање, ако не живот од мртвите? {11:16} Ако се свети првите плодови - и тестото е; ако е коренот свет - и гранките се. {11:17} Ако се откршени некои гранки, и ти, кој си дива маслинка, си накалемен меѓу нив и си станал соучесник во сочниот корен на маслинката, {11:18} не фали се пред гранките! Ако се фалиш, знај дека ти не го носиш коренот, туку коренот - тебе! {11:19} Но ќе речеш: „Гранките се откршени, за да бидам јас прикалемен!” {11:20} Добро! Поради неверието се откршија, а ти стоиш преку верата. {11:21} Не гордеј се, туку бој се! Зашто, ако Бог не ги поштеди природните гранки, не ќе те поштеди ни тебе. {11:22} И така, гледај ги Божјата благодат и строгост: строгоста се пројавува кон паднатите, а Божјата благодат кон тебе, ако истраеш во благодатта - зашто инаку и ти ќе бидеш отсечен. {11:23} А и тие, ако не останат во неверието, ќе бидат прикалемени, зашто Бог може пак да ги прикалеми. {11:24} Зашто, ако си ти отсечен од природната дива маслинка и, против природата - си прикалемен на питомата маслинка, колку полесно ќе бидат прикалемени врз сопствената маслинка оние, кои и се природни. {11:25} Не сакам, браќа, да ви остане непозната оваа тајна, за да не мудрувате по своја мудрост: еден дел на Израел закораве, додека народите не влезат во полн број. {11:26} И така, целиот Израел ќе се спаси, како што е напишано: „Избавителот ќе дојде од Сион; ќе ја одврати безбожноста од Јакова. {11:27} И ова им е Завет од Мене кон нив, кога ќе им ги отстранам гревовите.” {11:28} Со оглед на Евангелието, тие се непријатели заради вас, но по изборот возљубени се, заради татковците. {11:29} Зашто Божјите дарови и Неговиот позив не го познаваат каењето. {11:30} Како што и вие му бевте некогаш непокорни на Бога, а сега добивте милост поради нивното непокорство, {11:31} така и тие станаа сега непокорни, заради вашето помилување, за да бидат и тие помилувани. {11:32} Зашто Бог ги затвори сите во непокорство, за да покаже милост кон сите. {11:33} О длабочино на богатството, премудроста и Божјото знаење! Колку се недостижни Неговите судови и неиспитливи Неговите патишта! {11:34} Зашто кој ја запознал Господовата мисла? Или кој Му бил советник? {11:35} Или кој Му дал нешто однапред, за да му биде вратено?” {11:36} Зашто сè е од Него, преку Него и за Него. Нему слава во векови. Амин! {12:1} Затоа ве молам, браќа, заради Божјата милост, да ги принесете вашите тела во жива, света и угодна жртва на Бога, тоа да биде ваша разумна служба. {12:2} Немојте да се прилагодувате со овој свет; туку, преобразувајте се преку обновувањето на вашиот ум, за да можете да ја дознаете која е добрата, угодна, и совршена Божја волја! {12:3} Зашто, преку благодатта што ми е дадена, му велам на секој еден помеѓу вас: да не мисли за себе повеќе отколку што треба да мисли - туку мислите нека ви бидат насочени кон разумно размислување, според мерата на верата, која Бог му ја доделил секому. {12:4} Зашто, како што во едно тело имаме многу членови, а сите членови немаат иста служба, {12:5} така и ние, мнозината, сме едно тело во Христа, а како поединци - членови сме еден на друг. {12:6} И имаме разни дарби, според дадената ни благодат: ако е пророштво, нека е согласно со верата! {12:7} Ако е служење нека служи! Ако е некој учител - нека поучува! {12:8} Кој има дар за утеха - нека утешува! Кој раздава, нека дава богато! Кој управува, нека биде ревносен! Кој покажува милост, нека го прави тоа весело! {12:9} Љубовта нека ви биде нелицемерна! Отстранувајте се од злото, прилепувајте се кон доброто! {12:10} Љубете се еден друг срдечно со братска љубов! Натпреварувајте се во почитување еден кон друг! {12:11} Бидете неуморни во ревноста! Бидете пламени во духот! Служете Му на Господа. {12:12} Радувајте се во надежта, бидете трпеливи во неволја; постојани во молитва! {12:13} Помагајте им на светите во нивните потреби! Ревнувајте во гостољубие! {12:14} Благословувајте ги оние, кои ве гонат: благословувајте ги, а не проколнувајте ги! {12:15} Радувајте се со оние, кои се радуваат и плачете со оние, кои плачат! {12:16} Бидете едномислени едни кон други! Не стремете се кон високи нешта, туку држете се за скромните! Не сметајте се сами себеси мудри! {12:17} Никому не враќајте зло за зло! А размислувајте за тоа што е добро пред сите луѓе! {12:18} Ако е можно, доколку зависи од вас, бидете во мир со сите луѓе! {12:19} Не одмаздувајте се за себе, возљубени; туку дајте му место на Божјиот гнев, зашто е напишано: „Одмаздата е Моја, Јас ќе ја отплатам! - говори Господ.” {12:20} Туку, ако твојот непријател е гладен, нахрани го; ако е жеден - напој го! Зашто, ако го правиш тоа, ќе натрупаш жар на неговата глава.” {12:21} Не оставај да те победи злото; туку победи го злото со добро! {13:1} Секоја душа да им се покорува на претпоставените власти, зашто нема власт, а да не е од Бога; и колку и да се властите, од Бога се поставени. {13:2} Затоа оној, кој и се противи на власта, и се противи на Божјата наредба; а кои и се противат, ќе ја примат својата осуда. {13:3} Зашто владетелите не се страв за добро дело, туку за зло. Сакаш ли пак да не се боиш од власта, прави добро, па ќе бидеш пофален од неа. {13:4} Таа Му служи на Бога за твое добро. Но, ако правиш зло, бој се; зашто не носи напразно меч. Таа е во служба на Бога, гневен одмаздник за оној, кој прави зло. {13:5} Затоа треба да и се покорувате, не само поради гневот, туку и заради совеста. {13:6} Затоа плаќате и даноци, зашто се Божји службеници, кои се занимаваат со тоа. {13:7} Дајте му секому она што сте му должни: кому данок - данок; кому царина - царина; кому страв - страв; кому чест - чест! {13:8} Не должете му никому ништо, освен да се љубите еден друг, зашто кој го љуби другиот, го исполнува Законот. {13:9} Зашто заповедите: „Не прави прељуба! Не убивај! Не кради! Не посакувај!” - и ако има уште некоја друга заповед - содржани се во овие зборови: „Љуби го својот ближен како себеси!” {13:10} Љубовта не му прави зло на ближниот. И така: љубовта е исполнување на Законот. {13:11} И правете го тоа затоа што го знаете времето во кое сме, зашто е веќе време да се разбудите од сонот; зашто сега спасението ни е поблизу, отколку кога поверувавме. {13:12} Ноќта помина, а денот наближи. Затоа да ги офрлиме делата на темнината, а да се облечеме во оружјето на светлината! {13:13} Да одиме пристојно како дење, не во гозби и пијанки, не во блуд и страстољубие, не во препирки и зависти, {13:14} туку облечете се во нашиот Господ Исус Христос, и не мислете како да ги задоволите похотите на телото. {14:1} Примајте го слабиот во верата, не со препирки за мислењата! {14:2} Еден верува дека смее да јаде сè; а кој е слаб, јаде само зеленчук. {14:3} Кој јаде, нека не го презира оној, што не јаде; а оној, кој не јаде, нека не го осудува оној, што јаде, зашто Бог го примил. {14:4} Кој си ти, за да му судиш на туѓ слуга? Тој стои или паѓа пред својот господар; а ќе стои, зашто Господ е силен да го постави да стои. {14:5} Еден разликува ден од ден, а друг ги смета сите денови еднакви. Само секој да биде наполно уверен во своето мнение! {14:6} Кој го пази денот, го пази за Господа; кој јаде, јаде за Господа, зашто Му благодари на Бога; и кој не јаде, за Господа не јаде, и тој Му благодари на Бога. {14:7} Никој од нас не живее за себеси и никој не умира за себеси, {14:8} зашто ако живееме, живееме за Господа; ако умираме - умираме за Господа. Затоа: живееме ли, умираме ли, Господови сме, {14:9} зашто Христос затоа умре и оживе, - за да господари и над мртвите и над живите. {14:10} А ти, зошто го осудуваш својот брат? Или ти, зошто го презираш својот брат? Зашто, сите ќе застанеме пред Христовиот судски престол, {14:11} зашто е напишано: „Јас Сум жив - вели Господ - Мене ќе Ми се поклони секое колено; и секој јазик ќе Го исповеда Бога.” {14:12} И така, секој од нас ќе одговара пред Бога за себе. {14:13} Затоа, да не се осудуваме веќе еден друг, туку подобро да мислиме за тоа: никој да не поставува пред братот сопки или соблазни! {14:14} Знам, и уверен сум во Господа Исуса, дека ништо не е нечисто само по себе, туку само за оној, кој смета дека нешто е нечисто - нему му е нечисто. {14:15} Зашто, ако се жалости твојот брат заради јадење, ти веќе не постапуваш според љубовта. Не погубувај го со твоето јадење оној, за кого Христос умрел. {14:16} И така, не дозволувајте да се хули на вашето добро! {14:17} Зашто Божјото Царство не се состои во јадење и пиење, туку во правда, и мир и радост во Светиот Дух. {14:18} Имено, кој со ова Му служи на Христа, угоден Му е на Бога и мил им е на луѓето. {14:19} И така, да го бараме она, што е за мир и за заемна надградба! {14:20} Не разурнувај го Божјото дело - заради јадење! Сè е чисто; но е зло за човекот, кој јаде на соблазан. {14:21} Добро е да не се јаде месо, ниту да се пие вино, ни да се прави нешто, поради што твојот брат се сопнува или соблазнува, или слабее. {14:22} Имаш ли вера? Имај си ја за себе пред Бога! Блажен е оној, кој не се осудува себеси за она, што го смета за добро. {14:23} А кој се сомнева кога јаде, се осудува, зашто не е од вера; а сè што не е од вера, грев е. {15:1} Ние силните должни сме да ги носиме слабостите на слабите, а да не си угодуваме сами на себеси. {15:2} Секој од нас нека му угодува на ближниот, во негова полза, за добро, {15:3} зашто ни Христос не Си угодуваше Сам на Себеси, туку како што е напишано: „Хулите на оние, кои Те хулеа, паднаа на Мене.” {15:4} Навистина, сè што е напишано некогаш, напишано ни е нам за поука, за да имаме надеж преку трпението и преку утехата од Писмата. {15:5} И Бог на трпението и утехата да ви даде едномислие меѓу вас по примерот на Исуса Христа, {15:6} за да Го славите, еднодушно, со една уста, Бог, Таткото на нашиот Господ Исус Христос. {15:7} Затоа примајте се еден со друг, како што и Христос ве прими за Божјата слава! {15:8} Зашто велам, дека Христос им послужи на обрезаните поради Божјата вистина, за да ги потврди ветувањата дадени на татковците; {15:9} а пак народите Го прославуваат Бога поради Неговото милосрдие, како што е напишано: „Затоа ќе Те исповедам меѓу народите и ќе Му пеам на Твоето име.” {15:10} И пак рече:” Веселете се, народи, со Неговиот народ!” {15:11} И пак: „Фалете Го Господа сите народи и да Го слават сите племиња!” {15:12} И пак Исаија вели: „Ќе се јави подник од Јесеевиот корен, и Оној Кој станува за да владее над народите; на Него ќе се надеваат народите!” {15:13} А Бог на надежта да ве исполни со сета радост и мир во верата, та преку силата на Светиот Дух да ви се збогати надежта. {15:14} И јас самиот, браќа мои, сум уверен за вас, дека сте и самите полни со доброта, исполнети со секакво знаење и дека можете да се поучувате еден со друг. {15:15} Но, делумно ви пишав малку послободно, за да ве потсетам на благодатта, која ми ја даде Бог, {15:16} за да Му бидам служител на Исуса Христа меѓу народите, кој врши света служба на Божјото Евангелие, и да биде мојот принос од народите пријатен, и осветен преку Светиот Дух. {15:17} И така, можам да се фалам во Христа Исуса за тоа, за Бога, {15:18} зашто не се осмелувам да кажам нешто што Христос не го извршил преку мене, за да ги доведам народите до послушност, со слово и дело, {15:19} во силата на знаци и чудеса, во силата на Божјиот Дух. Така што од Ерусалим и наоколу, сè до Илирик, наполно го проповедав Евангелието за Христа. {15:20} Но, при тоа сметав за чест да не го проповедам Евангелието таму, каде што Христовото име веќе беше познато, за да не ѕидам врз туѓи основи, {15:21} туку како што е напишано: „Ќе Го видат оние, на кои ништо не им беше навестено за Него, и ќе разберат оние, кои не чуле.” {15:22} Тоа ме спречи многупати да дојдам при вас. {15:23} Но сега, зашто веќе немам поле за работа во овие краишта и зашто копнеам веќе многу години да дојдам при вас, {15:24} кога ќе тргнам за Шпанија; имено, се надевам дека ќе ве видам на минување и дека вие ќе ме испратите натаму, откако најнапред ќе се наситам донекаде со вас. {15:25} А сега одам за Ерусалим, за да им послужам на светите, {15:26} зашто Македонија и Ахаја одлучија да соберат некаква заедничка помош за бедните меѓу светите во Ерусалим. {15:27} Навистина, го одлучија тоа, а и должни им се, зашто, ако народите станаа соучесници на нивните духовни блага, должни се да им послужат во телесните потреби. {15:28} Кога ќе го свршам ова и кога ќе им го доставам овој плод, ќе тргнам за Шпанија преку вас. {15:29} И знам, кога ќе дојдам при вас, дека ќе дојдам со полн Христов благослов. {15:30} Покрај тоа, ве молам, браќа, преку нашиот Господ Исус Христос и преку љубовта на Духот, да се борите со мене, молејќи Му се на Бога за мене, {15:31} за да се избавам од непокорните во Јудеја и за да им биде благопријатна мојата служба на светите во Ерусалим, {15:32} та да можам, по Божја волја, радосно да дојдам при вас и да се освежам заедно со вас. {15:33} А Бог на мирот да биде со сите вас, Амин! {16:1} Ви ја препорачувам нашата сестра Фива, која е на служба во црквата во Кенхреа: {16:2} да ја примите во Господа, како што им прилега на светите, и помогнете и во сè, во што ќе има потреба од вас; зашто и таа им помагаше на мнозина и на мене самиот. {16:3} Поздравете ги моите соработници во Христа Исуса: Прискила и Акила, {16:4} кои ги подметнаа своите вратови за мојот живот и на кои не им благодарам само јас, туку и сите цркви од народите, {16:5} и црквата во нивниот дом! Поздравете го мојот возљубен Епенет, кој е првиот плод за Христа од Азија! {16:6} Поздравете ја Марија, која се трудеше многу за вас! {16:7} Поздравете ги Андроника и Јунија, моите роднини и другари во заточеништвото; кои се угледни меѓу апостолите и кои поверуваа во Христа пред мене. {16:8} Поздравете го мојот возљубен во Господа Амплија! {16:9} Поздравете ги: нашиот сотрудник во Христа - Урбан и мојот возљубен Стахиј! {16:10} Поздравете го Апелиј, испитаниот во Христа! Поздравете ги оние од кружокот на Аристовулови! {16:11} Поздравете го мојот роднина Иродион! Поздравете ги оние и од Наркисовиот кружок, кои се во Господа! {16:12} Поздравете ги Трифена и Трифоса, жените, кои се трудат во Господа! Поздравете ја возљубената Персида, која се трудеше многу во Господа! {16:13} Поздравете го Руф, избраниот во Господа, и неговата мајка и моја! {16:14} Поздравете ги Асинкринта, Флегонта, Ерма, Патрова, Ермија и браќата, кои се со нив! {16:15} Поздравете ги Филолога и Јулија, Ниреја и неговата сестра, потоа Олимпана и сите свети, кои се со нив! {16:16} Поздравете се еден со друг со свет целив! Ве поздравуваат сите Христови цркви. {16:17} Ве молам, браќа, пазете се од оние, кои прават раздори и соблазни против науката, која вие ја научивте, и отстранувајте се од нив! {16:18} Зашто, таквите не Му служат на нашиот Господ Христос, туку на својот желудник, и со благи и ласкави зборови ги заведуваат срцата на простодушните. {16:19} Вашата послушност им е позната на сите. Затоа се радувам со вас, но сакам да бидете мудри за доброто, а прости за злото! {16:20} А Бог на мирот ќе го сотре наскоро сатаната под вашите нозе. Благодатта на нашиот Господ Исус Христос да биде со вас. Амин! {16:21} Ве поздравуваат: мојот соработник Тимотеј и моите роднини: Луциј, Јасон и Сосипатар. {16:22} Ве поздравувам во Господа јас, Тертиј, кој го напиша ова писмо. {16:23} Ве поздравува Гај, домаќинот мој и на целата црква. Ве поздравуваат градскиот благајник Ераст и братот Кварт. {16:24} Благодатта на нашиот Господ Исус Христос да биде со сите вас! {16:25} А на Оној, кој може да ве утврди преку моето Евангелие и проповедта за Исуса Христа, преку откровението на тајната, за која се молчеше од вечни времиња; {16:26} а сега се јавила и по заповедта на вечниот Бог, а преку пророчките списи, соопштена на сите народи, приведувајќи ги кон послушност на верата, {16:27} - на единствениот премудар Бог да биде слава - преку Исуса Христа - во сите векови. Амин!