{1:1} Павле - апостол, испратен не од луѓе, ниту преку посредство на човек, туку преку Исуса Христа и Бог Таткото, Кој Го воскресна од мртвите - {1:2} и сите браќа, кои се со мене, до црквите во Галатија. {1:3} Благодат и мир на вас од Бога, нашиот Татко, и од Господа Исуса Христа, {1:4} Кој се даде Себеси за нашите гревови, за да нè избави од сегашниот лукав век, по волјата на нашиот Бог и Татко! {1:5} Кому е слава во сите векови. Амин! {1:6} Се чудам дека така брзо се одвратувате од Оној, Кој ве повика во Христовата благодат, и преминувате кон друго евангелие, {1:7} кое не е друго, само има некои, кои ве збунуваат и сакаат да го изопачат Христовото Евангелие. {1:8} Но ако и ние, или ангел од небото, ви проповеда друго евангелие, различно од она што ви го проповедавме, да биде проклет! {1:9} Како што рековме порано и сега пак велам: ако некој ви проповеда евангелие, што се разликува од она што го примивте, да биде проклет! {1:10} Дали јас сега ги уверувам луѓето или Бога? Или настојувам да им угодам на луѓето? Ако уште би им угодувал на луѓето, немаше да бидам Христов служител. {1:11} Зашто, ве известувам, браќа, дека Евангелието кое го проповедав не е човечко, {1:12} бидејќи ниту јас го примив од човек ниту го научив, туку преку откровението на Исуса Христа. {1:13} Вие секако сте чуле за моето некогашно живеење во јудејството: како прекумерно ја гонев Божјата црква и ја запустував. {1:14} и во јудејството надминав многу свои врсници во својот народ, вдахновен од преголемата ревност за преданијата на своите прататковци. {1:15} А кога Му беше по волја на Оној, Кој ме оддели од утробата на мојата мајка и ме призва преку Својата благодат, {1:16} да Го открие во мене Својот Син, за да Го проповедам меѓу народите, не се посоветував веднаш со тело и крв, {1:17} ниту отидов горе во Ерусалим кај оние, кои пред мене беа апостоли, туку отидов понатаму во Арабија и пак се вратив во Дамаск. {1:18} А на три години потоа отидов горе во Ерусалим, за да го видам Петар, и останав при него петнаесет дена. {1:19} А некој друг од апостолите не видов, освен Јаков, братот Господов. {1:20} А пак што ви пишувам, еве пред Бога велам дека не лажам. {1:21} Потоа дојдов во краиштата на Сирија и Киликија. {1:22} А на црквите во Јудеја кои се во Христа, лично им бев уште непознат, {1:23} тие беа само слушале: „Оној, кој некогаш нè гонеше, сега ја проповеда верата, која некогаш ја разурнуваше.” {1:24} И го славеа Бога во мене. {2:1} На четиринаесет години потоа отидов горе пак во Ерусалим со Варнава, земајќи го со себе и Тит. {2:2} А отидов горе по откровение и им го изложив Евангелието, кое го проповедам меѓу народите, но насамо на видните, можеби да не трчам или да не сум трчал напразно. {2:3} Но ни Тит, кој беше со мене, иако Грк, не беше принуден да се обреже, {2:4} и тоа заради тајно воведените лажни браќа, кои се вовлекле за да ја согледуваат нашата слобода, која ја имаме во Христа Исуса, за да нè поробат. {2:5} На кои не им отстапивме ни за час, ниту им се покоривме, за да остане со вас вистината на Евангелието. {2:6} А што се однесува за оние, кои беа сметани за видни, какви и да биле некогаш, мене ми е сеедно; Бог не гледа на човековото лице - тие видните ништо не ми придадоа. {2:7} Туку, напротив, кога видоа дека мене ми е поверено Евангелието меѓу необрезаните, како на Петар меѓу обрезаните - {2:8} зашто Оној, Кој го оспособи Петра за апостолство меѓу обрезаните, ме оспособи и мене за паганските народи - {2:9} и кога ја познаа благодатта, што ми е дадена, Јаков, Кифа и Јован, кои беа сметани за столбови, ни ги дадоа, мене и на Варнава, десниците во знак на заедништвото; за да одиме ние до паганските народи, а тие до обрезаните; {2:10} само да си спомнуваме за бедните, за истото, што и ревнував да го правам. {2:11} А кога Кифа дојде во Антиохија, му се спротивставив во лице, зашто требаше да биде осуден. {2:12} Имено, пред да дојдат некои од Јакова, тој јадеше со многубошците, но кога дојдоа овие, тој се повлече и се отстрани, заради страв од обрезаните. {2:13} И дволичеа со него и другите Јудејци, така што нивното лицемерство го заведе и Варнава. {2:14} Кога видов дека не одат право според вистината на Евангелието, му реков на Кифа пред сите: „Ако ти, кој си Јудеец, живееш како народите; а не јудејски, како можеш да ги принудуваш народите да живеат јудејски. {2:15} Ние сме по раѓање Јудејци, а не грешници од народите. {2:16} Но бидејќи знаеме дека човекот не се оправдува од делата на Законот, туку само преку верата на Исуса Христа, и ние поверувавме во Христа Исуса, за да се оправдаме од верата во Христа, а не од делата на Законот ; зашто од делата на Законот нема да се оправда ниту еден човек. {2:17} Па ако и ние самите, сакајќи да се оправдаме во Христа, се најдовме грешници, дали е тогаш Христос служител на гревот? Далеку од тоа! {2:18} Зашто, ако повторно го ѕидам она што сум го разурнал, се покажувам како престапник: {2:19} зашто јас умрев преку Законот за Законот, за да живеам за Бога. {2:20} Со Христа сум распнат на крстот; и јас веќе не живеам, туку Христос живее во мене: а животот што сега го живеам во телото, го живеам преку верата во Божјиот Син, Кој ме возљуби и Се предаде Себеси за мене. {2:21} Не ја поништувам Божјата благодат, зашто ако правдата доаѓа преку Законот, тогаш Христос умрел напразно. {3:1} О неразумни Галатјани! Кој ве маѓепса вас, пред чии очи Исус Христос е јасно нацртан како распнат? {3:2} Сакам само ова да го научам од вас: дали Го примивте Духот врз основа на делата на Законот или преку слушањето со вера? {3:3} Толку ли сте неразумни? Што почнувајќи со Духот, сега сами завршувате со тело? {3:4} Дали толку многу страдавте напразно? Ако е навистина напразно! {3:5} А Оној, Кој ви дава Дух и прави силни дела во вас, дали го прави тоа врз основа на делата на Законот или преку слушањето со вера? {3:6} Како што и Авраам „му поверува на Бога и тоа му се засмета за праведност.” {3:7} И така, признајте, дека Авраамови синови се оние, кои се од верата. {3:8} А и Писмото предвиде, дека Бог преку верата ги оправдува народите, и однапред му го навести Евангелието на Авраама: „Во тебе ќе бидат благословени сите народи.” {3:9} И така, оние, кои веруваат се благословени заедно со верниот Авраам. {3:10} Имено, кои ги прават делата на Законот, под клетва се, зашто е пишано: „Проклет да е секој, кој не е постојан во сè што е напишано во Книгата на Законот, да го исполнува тоа.” {3:11} А дека никој не е оправдан пред Бога преку Законот, јасно е, зашто „праведникот ќе живее од верата.” {3:12} А Законот не е од верата, туку вели: „Кој ги исполнува, ќе живее преку нив.” {3:13} Христос нè откупи од проклетството на Законот, откако стана проклетство за нас, зашто е пишано: „Проклет да е секој, кој виси на дрво!” - {3:14} Та Авраамовиот благослов да дојде на народите во Христа Исуса, и да Го примиме преку верата ветувањето на Духот. {3:15} Браќа, зборувам по човечки: заветот што човек го потврдил, никој не го отфрла, ниту му додава нешто. {3:16} А ветувањата им беа дадени на Авраама и на неговото семе. И не вели: „и на семињата”, како за мнозина; туку како за еден: „и на твоето Семе” Кој е Христос. {3:17} Го велам и ова: Законот што стана по четири стотини и триесет години, не го поништува заветот, кого Бог го потврдил порано, ниту го поништува ветувањето. {3:18} Зашто, ако наследството доаѓа од Законот, тоа веќе не е од ветувањето; но Бог му го подари на Авраама преку ветувањето. {3:19} Тогаш, зошто е Законот? Тој е определен со посредство на ангели, со рака на еден посредник, па е додаден заради престапите, додека не дојде Семето, Кому Му е дадено ветувањето. {3:20} Посредник пак нема таму, каде што е само еден; а Бог е еден. {3:21} Според тоа, дали е Законот противен на Божјите ветувања? Далеку од тоа! Зашто, ако беше даден закон, што може да даде живот, тогаш навистина праведноста би била од законот. {3:22} Но Писмото сите ги затвори под грев, и врз основа на верата во Исуса Христа ветувањето да им биде дадено на оние, кои веруваат. {3:23} А пред да дојде верата, бевме под стражата на законот, затворени, до времето на верата која требаше да се открие. {3:24} Така, Законот ни беше наш воспитач до Христа, за да се оправдаме преку верата. {3:25} А сега дојде верата, и не сме повеќе под воспитувачот. {3:26} Зашто, сите сте Божји синови преку верата во Христа Исуса, {3:27} зашто сите, кои се крстивте во Христа, се облековте со Христа. {3:28} Нема веќе ни Јудеец ни Грк, нема веќе ни роб ни слободен, нема веќе ни машко ни женско, зашто вие сите сте едно во Христа Исуса. {3:29} А ако сте пак вие Христови, тогаш сте Авраамово семе, наследници по ветувањето. {4:1} Ви велам пак, додека е наследникот малолетен, со ништо не се разликува од робот, иако е господар на сè. {4:2} Туку е под настојници и управители до рокот определен од таткото. {4:3} Така и ние, додека бевме малолетни, бевме заробени под првобитните учења на светот; {4:4} а кога се исполни времето, Бог Го испрати Својот Син, роден од жена, роден под Законот, {4:5} за да ги откупи оние, кои беа под Законот, за да го примиме посинувањето. {4:6} А бидејќи сте синови, Бог Го испрати во вашите срца: Духот на Својот Син, Кој вика: „Ава, Татко!” {4:7} Затоа не си повеќе роб, туку син; а ако си син, тогаш си и наследник на Бога преку Христа. {4:8} Но вие порано, не познавајќи Го Бога, им служевте ропски на боговите, кои по природа не се тоа. {4:9} А сега, кога Го познавате Бога, или уште подобро: откако Бог ве позна вас - како можете пак да им се враќате на слабите и бедни елементарни учења, на кои сакате пак одново да им служите ропски? {4:10} Внимавате на деновите, и месеците, и времињата, и годините. {4:11} Се плашам за вас, да не се трудев напразно за вас. {4:12} Ве молам, браќа, бидете каков што сум јас, зашто и јас сум како вас! Вие со ништо не сте ме навредиле. {4:13} А знаете дека за првпат во телесна слабост, ви го проповедав Евангелието; {4:14} и искушението, кое беше за вас, во моето тело, не го отфрливте, ниту се згнасивте од него; туку ме примивте како Божји ангел, како Христа Исуса. {4:15} Сега, каде е она ваше блаженство? Зашто ви сведочам, дека кога би било можно, би ги извадиле своите очи и би ми ги дале мене. {4:16} Дали ви станав непријател затоа, што ви ја зборувам вистината? {4:17} Тие не ревнуваат добро за вас, туку сакаат да ве одвојат, за да ревнувате за нив. {4:18} Меѓутоа, добро е секогаш да ревнувате во доброто, а не само кога сум јас при вас, {4:19} деца мои, кои пак сум во породилни маки, додека Христос се вообличи во вас. {4:20} Би сакал да сум сега при вас, и да го изменам својот глас, зашто сум во сомнение за вас. {4:21} Кажете ми, вие, кои сакате да бидете под Законот: не го слушате ли Законот? {4:22} Зашто е напишано дека Авраам имал два сина: едниот од робинката, а другиот од слободната. {4:23} Но оној, од робинката, роден е по тело, а оној од слободната преку ветувањето. {4:24} Ова е речено сликовито: тие жени се двата завета; едниот од гората Синај, кој раѓа за ропство; тој е Агара - {4:25} зашто Агара е Синајската Гора во Арабија, и му одговара на сегашниот Ерусалим, кој робува со своите деца. {4:26} Но небесниот Ерусалим е слободен, тој е наша мајка, {4:27} зашто е напишано: „Весели се неплодна, која не раѓаш; воскликни и извикај ти, која не си имала породилни маки; зашто оставената има повеќе деца, отколку онаа, која има маж.” {4:28} И вие сте, браќа, деца на ветувањето како Исак. {4:29} И како што некогаш оној, кој се роди по тело, го гонеше оној, кој се роди по дух, така е и сега. {4:30} А што вели Писмото? „Истерај ја робинката и нејзиниот син, зашто синот на робинката нема да наследи со синот на слободната!” {4:31} Затоа, браќа, ние не сме деца на робинката, туку на слободната. {5:1} Христос нè ослободи за слободата. Според тоа, стојте цврсто и не потчинувајте му се пак на ропскиот јарем. {5:2} Еве, јас, Павле, ви велам: ако се обрезувате, Христос никако нема да ви користи. {5:3} И пак му сведочам на секој човек, кој се обрезува, дека е должен да го исполни целиот Закон. {5:4} Се одвоивте од Христа вие, кои сакате да се оправдате преку Законот; отпаднавте од благодатта. {5:5} Зашто ние, преку Духот, преку верата, ја очекуваме надежта на правдата. {5:6} Зашто во Христа Исуса ниту обрезанието има вредност, ниту необрезанието, туку верата, која дејствува преку љубовта. {5:7} Трчавте добро! Кој ви попречи да не се покорувате на вистината? {5:8} Тоа одвраќање не е од Оној, Кој ве повика. {5:9} Малку квас го потквасува целото тесто. {5:10} Јас сум уверен за вас во Господа, дека нема да мислите инаку. А кој ве буни ќе претрпи осуда, кој и да бил! {5:11} Ако пак јас, браќа, уште го проповедам обрезанието, зошто уште ме гонат? Во тој случај се укинува соблазната од крстот! {5:12} О, да се отсечеа оние, кои ве бунат! {5:13} Зашто вие, браќа, повикани сте кон слобода; само слободата да не ви биде повод за угодување на телото, туку со љубов служете си еден на друг. {5:14} Зашто целиот Закон е исполнет во еден збор - во: „Љуби го својот ближен како самиот себе!” {5:15} Ако пак се гризете и јадете еден со друг, пазете да не се истребите еден со друг. {5:16} А велам: одете во Духот и нема да ги исполнувате страстите на телото, {5:17} зашто телото копнее против Духот, а Духот против телото; зашто тие се противат еден на друг, за да не го правите она, што сакате. {5:18} Но, ако Духот ве води не сте под Законот. {5:19} А делата на телото се познати; тоа се: блудство, нечистота, бесрамност, {5:20} идолопоклонство, вражање, непријателства, препирка, ревнување, гнев, себичност, раздори, кривоверства; {5:21} зависти, убиства, пијанства, срамни гозби, и слични на овие, за кои ви зборувам однапред, како што ви реков и порано: дека оние, кои прават такви работи, нема да го наследат Божјото Царство. {5:22} А плодот на Духот е: љубовта, радоста, мирот, трпението, љубезноста, добрината, верноста, кротоста, самоконтролата; {5:23} нема закон против вакви нешта. {5:24} А оние кои се Христови го распнаа своето тело со неговите страсти и похоти. {5:25} Ако живееме во Духот, нека и да Го следиме Духот! {5:26} Да не бидеме полни со суетно славољубие! Да не се предизвикуваме еден со друг! Да не си завидуваме еден на друг! {6:1} Браќа, ако и да падне некој во некаков грев, вие, кои сте духовни, поправувајте го таквиот во духот на кротоста, но чувај се себеси и ти да не бидеш искушан. {6:2} Носете ги бремињата еден на друг, и со тоа ќе го исполните законот Христов! {6:3} Зашто, ако некој мисли дека е нешто, а не е ништо, самиот се измамува. {6:4} А секој да го испита своето дело, па тогаш ќе има пофалба само пред себеси, а не пред друг. {6:5} Зашто секој ќе го носи своето бреме. {6:6} А кој се учи на словото, нека ги дели сите свои добра со оној, кој го учи. {6:7} Не лажете се: Бог не дозволува да биде изигран! Зашто што човекот ќе посее, тоа и ќе жнее: {6:8} кој сее во своето тело, од телото ќе пожнее погибел; а кој сее во Духот, од Духот ќе пожнее вечен живот. {6:9} Да не бидеме уморни да правиме добро, зашто ќе жнееме во право време, ако не се умориме. {6:10} Затоа, додека имаме време, да им правиме добро на сите, а најмногу на оние, кои припаѓаат на нашето семејство по вера. {6:11} Видете, колкави букви ви напишав со сопствена рака! {6:12} Сите оние, кои сакаат да се прават важни со телото, тие ве приморуваат да се обрезувате, само за да не бидат гонети заради Христовиот крст. {6:13} Зашто ни самите тие, кои се обрезуваат, не го пазат Законот, а сакаат вие да се обрезувате, за да се фалат со вашето тело. {6:14} А јас сум далеку од тоа да се фалам со нешто друго, освен во крстот на нашиот Господ Исус Христос, преку Кого светот е распнат за мене и јас за светот! {6:15} Зашто ниту обрезанието е нешто ниту необрезанието, туку ново создание. {6:16} И на сите, кои ќе го следат ова правило - мир и милост, на нив, и на Божјиот Израел. {6:17} Во иднина никој да не ми досадува повеќе, зашто ги носам Исусовите рани во своето тело. {6:18} Браќа, благодатта на нашиот Господ Исус Христос да биде со вашиот дух! Амин!