{1:1} Павле, апостол на Исуса Христа преку Божјата волја и братот Тимотеј, {1:2} до светите и верни браќа во Христа, во Колос: благодат вам и мир од Бог нашиот Татко. {1:3} Му благодариме на Бог, и Таткото на нашиот Господ Исус Христос, молејќи се секогаш за вас, {1:4} зашто чувме за вашата вера во Христа Исуса и за љубовта, која ја имате кон сите свети, {1:5} заради надежта која се чува за вас на небесата, за која чувте порано од вистинското слово на Евангелието, {1:6} кое дојде при вас, како и во целиот свет, и плодоносно расте како и при вас, од оној ден кога го чувте и ја запознавте Божјата благодат во вистината, {1:7} како што го научивте од Епафрас, наш возљубен сотрудник во службата, кој е верен Христов служител за вас, {1:8} кој и нè извести за вашата љубов во Духот. {1:9} Затоа и ние од оној ден кога го чувме тоа, не прекратуваме да се молиме за вас и да просиме да се исполните со познавање на Неговата волја во секоја мудрост и духовно разбирање, {1:10} така што да одите достојно за Господа и да Му бидете угодни во сè; за да бидете плодоносни во секое добро дело и за да растете во познавањето на Бога; {1:11} зајакнувајќи со секаква сила, сообразно со силата на Неговата слава, за секаква непоколебливост и трпение; со радост {1:12} да Му благодарите на Бога, Кој нè оспособи за учество во наследството на светите во светлината. {1:13} Тој нè избави од власта на темнината и нè пресели во Царството на Својот возљубен Син, {1:14} во Кого имаме откуп, преку Неговата крв; простување на гревовите. {1:15} Тој е образ на невидливиот Бог, Првороден на секое создание, {1:16} зашто во Него е создадено сè што е во небесата и на земјата; видливо и невидливо, било престоли, или господства, или началства, или власти; сè е создадено преку Него и за Него. {1:17} И Тој е пред сè и сè во Него има свое сплотување. {1:18} Тој е и Глава на Телото, на Црквата: Тој е почеток, Првороден од мртвите, за да биде Прв во сè, {1:19} зашто во Него благоволи да се всели сета полнота, {1:20} и преку Него да измири кон Себе сè што е на земјата или на небото, творејќи мир преку крвта на Неговиот крст. {1:21} И вас, кои бевте некогаш отуѓени и непријатели, во своето мислење и во лошите дела, {1:22} сега ве измири преку смртта на Неговото човечко тело, за да ве изведе пред Себе: свети, непорочни и без вина, {1:23} само ако останете во верата засновани и цврсти и непоколебливи во надежта на Евангелието, кое го чувте, кое е проповедано на целото создание под небото и на кое јас, Павле, му станав служител. {1:24} Сега се радувам во своите страдања за вас - и во моето тело го дополнувам тоа што им недостига на Христовите маки, за Неговото Тело, Кое е Црквата, {1:25} на која јас и станав служител, според Божјото управителство, што ми е дадено за вас, за да го исполнам Божјото слово: {1:26} тајната, која беше сокриена за векови и поколенија, а која им е откриена сега на Неговите свети, {1:27} на кои Бог сакаше да им јави како е богата славата на оваа тајна меѓу народите: Христос во вас, надеж на славата. {1:28} Ние Го проповедаме Него, опоменувајќи го секој човек и учејќи го секој човек во сета мудрост, за да го претставиме секој човек совршен во Христа Исуса. {1:29} Затоа се трудам и се борам сообразно на Неговата делотворна сила, која дејствува силно во мене. {2:1} Имено, сакам да знаете колкава борба имам за вас, и за оние во Лаодикија, и за сите кои што не ме виделе лично, {2:2} за да се утешат нивните срца и соединети во љубовта да дојдат до сето богатство на полната уверност на разбирањето, до познавањето на тајната на Бога, и на Христа, {2:3} во Кого се сокриени сите богатства на мудроста и на знаењето. {2:4} А ова го велам за да не ве измами некој со убедувачки зборови. {2:5} Зашто, иако сум отсутен во телото, во духот сум со вас; и се радувам гледајќи ги вашиот ред и цврстината на вашата вера во Христа. {2:6} И така, како што Го примивте Христа Исуса, Господа, така и да одете во Него: {2:7} вкоренети и надѕидани во Него и зацврстени во верата, како што сте поучени, изобилувајќи во благодарноста. {2:8} Пазете да не ве зароби некој со философија и со суетна измама по човечко предание, според стихиите на светот, а не според Христа. {2:9} Зашто во Него живее сета полнота на Божеството, {2:10} и вие сте исполнети во Него, Кој е Глава на секое началство и власт. {2:11} Во Него сте и обрезани со неракотворно обрезание, со соблекување на гревовното тело, по обрезанието на Христа: {2:12} откако бевте погребани со Него во крштение, во кое и воскреснавте со Него преку верата во дејството на Бога, Кој Го воскресна од мртвите. {2:13} Вас, кои бевте мртви во престапите и необрезанието на вашето тело, ве оживе заедно со Него; простувајќи ни ги сите наши престапи; {2:14} на тој начин што го избриша дејството, кое со своите одредби беше против нас; го отстрани од среде нас, приковувајќи го на крст; {2:15} и ги разоружа началствата и властите и јавно ги изложи, победувајќи над нив во тоа. {2:16} И така, никој да не ве осудува за јадење, или за пиење, или за некаков празник, или за млада месечина, или за саботи. {2:17} Тоа е само сенка на она што ќе дојде, а стварноста е Христос. {2:18} Никој да не ве лишува од наградата, сакајќи да го постигне тоа со понизност и служба на ангелите, впуштајќи се во она, што не го видел, дуејќи се напразно со својот телесен ум, {2:19} а не се држи за Главата, од Која целото Тело, поврзано и помогнато со зглобовите и врските, расте со растење, кое го дава Бог. {2:20} И така, ако сте умреле со Христос, за стихиите на светот, зошто позволувате да ви се определуваат прописи, како да живеете во светов: {2:21} ”Не фаќај! Не вкусувај! Не допирај!” {2:22} Сè ова што пропаѓа со употреба - според човечките заповеди и учења; {2:23} сè ова изгледа мудрост, што се состои во самоволна побожност и понизност и во непоштедна строгост кон телото, а не во нешто чесно, туку само заради задоволување на телото. {3:1} И така, ако воскреснавте со Христа, барајте го она што е горе - каде што Христос седи оддесно на Бога. {3:2} Мислете за она што е горе, не за она што е на земјата, {3:3} зашто вие умревте и вашиот живот е сокриен со Христа во Бога! {3:4} А кога ќе се јави Христос, нашиот живот, тогаш и вие ќе се јавите со Него во слава. {3:5} И така, умртвете ги своите членови што се на земјата: блудството, нечистотата, страста, лошата желба и лакомството, што е идолопоклонство, {3:6} заради кои доаѓа Божјиот гнев на непослушните синови. {3:7} Меѓу кои и вие некогаш одевте, кога живеевте во нив. {3:8} Но сега, отфрлете го и вие сè ова: гневот, јароста, злобата, хулењето, срамните зборови од својата уста. {3:9} Не лажете се еден друг, зашто го соблековте стариот човек со неговите дела {3:10} и облековте нов, кој се обновува во полно познавање по образот на Оној, Кој го создал, {3:11} каде нема веќе Грк ни Јудеец, обрезание и необрезание, варварин, Скит, роб, слободен, туку Христос е сè и во сè. {3:12} И така, облечете се како Божји избраници, свети и возљубени, во милосрдно срце, благост, смиреност, кротост трпеливост! {3:13} Трпете се еден со друг и проштавајте си еден на друг, ако некој има поплака против некого, како што и Господ ви прости вам, така проштавајте и вие! {3:14} А над сето тоа облечете се во љубов, која сврзува сè во совршенство! {3:15} И Христовиот мир да владее во вашите срца, за кого сте и повикани во едно тело; и бидете благодарни! {3:16} Христовото слово да живее изобилно во вас; во секоја мудрост учете се и опоменувајте се еден друг со псалми, химни, духовни песни, пеејќи Му на Господа со благодат во вашите срца. {3:17} И сè што правите со збор или дело, правете сè во името на Господа Исуса, благодарејќи Му на Бог Таткото преку Него. {3:18} Жени, покорувајте им се на своите мажи, како што прилега во Господа! {3:19} Мажи, љубете ги своите жени и не бидете груби кон нив. {3:20} Деца, слушајте ги вашите родители во сè, зашто тоа Му е угодно на Господа! {3:21} Татковци, не ги дразнете своите деца, за да не станат малодушни! {3:22} Робови, слушајте ги во сè своите земни господари, не за очите како оние, кои им угодуваат на луѓето, туку во простотата на срцето, боејќи се од Господа! {3:23} Што и да правите, правете го од душата како за Господа, а не за луѓе, {3:24} знаејќи дека од Господа ќе ја примите наградата на наследството. Служете Му на Господа Христа! {3:25} Зашто, кој прави неправда, ќе ја прими обратно неправдата, и не се гледа кој е кој. {4:1} Господари, правете им на робовите што е праведно и справедливо, знаејќи дека и вие имате Господар на небесата. {4:2} Бидете постојани во молитвата, бдејте во неа со благодарност! {4:3} Молете се уште и за нас, за да ни ја отвори Бог вратата на словото и за да ја навестиме тајната на Христа, заради која сум и во окови - {4:4} и да ја откријам онака, како што треба да зборувам. {4:5} Постапувајте мудро кон оние, надворешните, ползувајќи го времето. {4:6} Вашето слово секогаш да е љубезно, зачинето со сол, за да знаете како треба да му одговорите секому. {4:7} За мене ќе ви рече сè Тихик, возљубен брат и верен слуга и соработник во Господа, {4:8} кого го испраќам при вас токму затоа, за да научите како сме ние и да ги утеши вашите срца, {4:9} заедно со верниот и возљубен брат Онисим, кој е од вас. Тие ќе ви соопштат како е тука. {4:10} Ве поздравува Аристарх, мојот другар во темницата, и Марко, внукот Варнавин, за кого примивте упатства; ако дојде при вас примете го {4:11} и Исус, наречен Јуст. Од обрезаните овие се единствени, кои ми помагаат за Божјото Царство и кои ми беа утеха. {4:12} Ве поздравува вашиот сонародник Епафрас, слуга на Христа Исуса, кој секогаш се бори за вас во молитви, за да стоите совршени и наполно уверени во целата Божја волја. {4:13} Сведочам за него дека има голема ревност за вас, и за оние во Лаодикија, и за оние во Ерапол. {4:14} Ве поздравува возљубениот лекар Лука, и Димас. {4:15} Поздравете ги браќата во Лаодикија; и Нимфан и неговата домашна црква. {4:16} Кога ќе се прочита ова послание при вас, погрижете се да се прочита и во Лаодикијската црква! А она од Лаодикија, прочитајте го и вие! {4:17} Речете му на Архип: „Внимавај на службата, која си ја примил во Господа, да ја исполниш!” {4:18} Поздрав со мојата, Павлова рака. Спомнувајте си за моите окови. Благодат со вас!