{1:1} Павле и Силван и Тимотеј до црквата на Солунјаните во Бог, нашиот Татко, и Господа Исуса Христа: {1:2} Благодат вам и мир од Бог нашиот Татко и Господа Исуса Христа. {1:3} Должни сме секогаш да Му благодариме на Бога за вас, браќа, како што е право, зашто вашата вера расте многу; и се умножува меѓусебната љубов на секој од вас, {1:4} така што ние сами се фалиме со вас меѓу Божјите цркви заради вашето трпение и верата во сите ваши гонења и маки, што ги поднесувате. {1:5} Тоа е знак на праведниот Божји суд, за да се сметате достојни за Божјото Царство, за кое и страдате. {1:6} Зашто е праведно пред Бога: да им врати мака на оние кои ве измачуваат, {1:7} а вам, на измачуваните, олеснување заедно со нас, кога ќе се јави Господ Исус од небото, со ангелите на Својата сила, {1:8} во пламенен оган, за да даде одмазда на оние кои не Го познаваат Бога и кои не му се послушни на Евангелието на нашиот Господ Исус Христос; {1:9} кои ќе бидат казнети со вечна пропаст далеку од лицето на Господа и од славата на Неговата сила, {1:10} кога ќе дојде, во оној Ден, да се прослави во Своите свети и да Му се восхитуваат сите верни, зашто вие му поверувавте на нашето сведоштво. {1:11} Затоа и се молиме секогаш за вас: нашиот Бог да ве смета достојни на звањето, и да ја исполни секоја добра волја во добрина и делото на вашата вера во сила, {1:12} за да се прослави името на нашиот Господ Исус, во вас, и вие во Него, по благодатта на нашиот Бог и Господ Исус Христос. {2:1} Ве молиме, браќа, во однос на доаѓањето на нашиот Господ Исус Христос и за нашето собирање заедно при Него, {2:2} не дозволувајте брзо да се поколебате во разумноста, ниту да се исплашите ни од дух, ни од слово, ни од послание, како да е од нас испратено, како веќе да настапил Господовиот Ден! {2:3} Никој да не ве измами ниту по каков начин, зашто тоа не ќе се случи додека првин не дојде отпаѓањето и не се појави човекот на беззаконието, синот на погибелта, {2:4} кој се противи и се воздига над сè што се наречува Бог или светина, така што ќе седне во Божјиот храм и ќе се претставува себеси дека тој е Бог. {2:5} Не помните ли дека ви го зборував ова уште кога бев кај вас? {2:6} И сега знаете што го задржува за да се појави тој допрва во свое време. {2:7} Зашто, тајната на беззаконието веќе дејствува, само да се отстрани од средината оној, кој сега ја задржува {2:8} и тогаш ќе се јави беззаконикот кого Господ ќе го убие со здивот на Својата уста и ќе го уништи со појавата на Своето доаѓање. {2:9} Тоа е оној, чие доаѓање е според сатанското дејствување, со секаква сила, и со чудесни знаци и со лажни чуда, {2:10} и со секаква неправедна измама, за оние кои загинуваат, зашто не ја примија љубовта кон вистината за да се спасат. {2:11} И затоа Бог ќе им испрати заблудна дејност за да и веруваат на лагата, {2:12} та да бидат осудени сите, кои не поверуваа на вистината, а имаа задоволство во неправдата. {2:13} А ние сме должни секогаш да Му благодариме на Бога за вас, браќа, од Господ возљубени, зашто Бог ве избра од почеток за спасение, преку осветувањето на Духот и вера во вистината, {2:14} на кое ве призва преку нашето Евангелие, за да ја добиете славата на нашиот Господ Исус Христос. {2:15} Тогаш, браќа, стојте цврсто и држете ги преданијата што ги научивте од нас, било преку слово или преку наше послание. {2:16} А Самиот Господ наш Исус Христос и Бог нашиот Татко, Кој нè возљуби нас и ни даде вечна утеха и добра надеж по благодатта {2:17} да ги утеши вашите срца и да ве утврди во секое добро дело и слово! {3:1} Најпосле, браќа, молете се за нас, та Господовото слово да трча и да се прославува како и при вас, {3:2} и ние да се ослободиме од расипани и зли луѓе, зашто сите немаат вера. {3:3} Но верен е Господ, Кој ќе ве утврди и ќе ве запази од лукавиот. {3:4} Уверени сме во Господа, за вас, дека го правите и дека ќе го правите она што ви го заповедаме. {3:5} А Господ да ги управи вашите срца кон Божјата љубов и кон Христовото трпение! {3:6} А вам ви наложуваме, браќа, во името на нашиот Господ Исус Христос, да се двоите од секој брат, кој води неуреден живот, а не по преданието, што го примивте од нас. {3:7} Навистина, сами знаете како треба да се угледате на нас, зашто ние не се владеевме неуредно меѓу вас, {3:8} ниту јадевме дарум нечиј леб, туку работевме во труд и напор, ноќе и дење, за да не му бидеме на терет некому од вас. {3:9} Не затоа што немавме право на тоа, туку за да бидеме самите себе за пример за да нè подражавате. {3:10} Зашто и кога бевме со вас, ви го заповедавме ова: ако некој не сака да работи, нека и не јаде! {3:11} Имено, слушаме дека некои меѓу вас живеат неуредно, ништо не работат, туку се занимаваат со празни работи. {3:12} На таквите им заповедаме и ги опоменуваме во Господа Исуса Христа да работат мирно и да го јадат својот леб. {3:13} А на вас, браќа, да не ви се досади да правите добро! {3:14} Ако пак некој не го послуша нашето слово преку посланието, означете го и не се мешајте со него, за да се засрами. {3:15} Но не го сметајте за непријател, туку предупредувајте го како брат. {3:16} А Самиот Господ на мирот да ви даде мир секогаш и на секаков начин. Господ да биде со сите вас! {3:17} Поздрав со мојата рака, Павлова: тоа е белег во секое послание, пишувам така: {3:18} Благодатта на нашиот Господ Исус Христос да биде со сите вас.