{1:1} Павле, апостол на Христа Исуса по повелбата на Бога, нашиот Спасител, и на Христа Исуса, нашата надеж, {1:2} до Тимотеј, вистинското чедо во верата: благодат, милост и мир од Бог Таткото и Христа Исуса, нашиот Господ. {1:3} Како што те молев, кога одев во Македонија, да останеш во Ефес, за да им заповедаш на некои да не поучуваат поинаку {1:4} и да не обрнуваат внимание на митови и бескрајни родословија, кои повеќе ги поттикнуваат препирањата, отколку поткрепата на Божјата управа, која е по верата. {1:5} А целта на наредбата е: љубов од чисто срце, и добра совест и нелицемерна вера, {1:6} од што некои откако не ја постигнаа целта, застранија во празни зборови - {1:7} сакајќи да бидат учители на Законот, иако не го разбираат ни она што го зборуваат, ни она што го тврдат упорно. {1:8} Ние пак знаеме дека Законот е добар, ако некој го применува законски, {1:9} знаејќи го ова: дека законот не е воспоставен за праведникот, туку за беззакониците и непокорните, за безбожниците и грешниците, за несветите и нечистите, за убијците на татковци и убијците на мајки; за оние кои убиваат луѓе; {1:10} за блудниците - и за мажи кои се полово изопачени, за трговците со робови, за лажливците, за лажнозаколнувачите и за сè друго што и е противно на здравата наука, {1:11} според славното Евангелие на блажениот Бог, кое ми е доверено мене. {1:12} Му благодарам на Христа Исуса, нашиот Господ, Кој ми даде сила за тоа, зашто ме сметаше верен и ме постави на служба, {1:13} мене, кој порано бев хулител, и гонител, и насилник. Но добив милост, зашто го правев тоа од незнаење и неверување. {1:14} А благодатта на нашиот Господ, со верата и љубовта изобилуваше во Христа Исуса. {1:15} Верно е словото и достојно - за полно примање: Христос Исус дојде во светот да ги спаси грешниците, од кои сум прв јас. {1:16} А добив милост токму затоа, за да ја покаже Христос Исус, прво во мене, сета своја трпеливост, за пример на оние, кои ќе веруваат во Него за вечен живот. {1:17} На Царот на вековите - бесмртниот, невидливиот, единствениот Бог - чест и слава во сите векови Амин! {1:18} Оваа заповед ти ја предавам, чедо Тимотеј, согласно поранешните пророштва за тебе: за да војуваш добра војна, {1:19} имајќи вера и добра совест, кои некои ја отфрлија и претрпеа бродолом на верата. {1:20} Меѓу нив се Именеј и Александар, кои ги предадов на сатаната, за да научат да не хулат. {2:1} Така, пред сè да се прават просби, молитви, молби, благодарности за сите луѓе, {2:2} за царевите и за сите кои се на власт, за да можеме да проживееме тих и мирен живот во сета побожност и чесност. {2:3} Ова е добро и угодно пред Бога, нашиот Спасител, {2:4} Кој сака сите луѓе да се спасат и да дојдат до познавање на вистината. {2:5} Зашто Бог е Еден , и Еден е Посредникот меѓу Бога и луѓето: Човекот Христос Исус, {2:6} Кој се даде Себеси како откуп за сите, за сведоштво во вистинско време; {2:7} за кое јас бев поставен за проповедник и апостол - вистина велам, не лажам - за учител на народите во верата и вистината. {2:8} И така, сакам мажите да се молат на секое место, подигајќи ги светите раце без гнев и препирка. {2:9} Исто така и жените да се украсуваат во пристојна облека, скромно и претпазливо, не со плетенки и злато, или со бисери или со скапоцени облеки, {2:10} туку со добри дела, како што им прилега на жените, кои исповедуваат дека се побожни. {2:11} Жената да се учи во тишина и во секаква покорност! {2:12} А на жената не и дозволувам да поучува, ниту да господари над мажот, туку да биде мирна. {2:13} Зашто, прво беше создаден Адам, потоа Ева. {2:14} И Адам не беше измамен, туку жената беше измамена, и падна во престап. {2:15} Но таа ќе биде сочувана со раѓање на деца; ако останат во верата и љубовта и во светоста со умереност. {3:1} Верно е словото: кој ревнува за епископство, добра служба посакува. {3:2} Според тоа, епископот треба да биде: непорочен, маж на една жена, трезвен, разумен, пристоен, гостољубив, способен за поучување; {3:3} не пијаница, не жесток, не лаком, туку благороден, не наклонет на препирка, не среброљубец, {3:4} кој управува добро со својот дом и има покорни деца со сета честитост, {3:5} зашто ако не знае да управува со својот дом, како ќе се грижи за Божјата црква? - {3:6} Да не е новообратен, за да не се возгордее и да падне во осудата на ѓаволот! {3:7} А треба да има и добро сведоштво и од надворешните, за да не падне во прекорување и во стапица на ѓаволот. {3:8} Исто така, ѓаконите треба да бидат чесни, не двојазични, да не сакаат многу вино, не лакоми на срамна печалба - {3:9} кои ја пазат тајната на верата со чиста совест. {3:10} И тие прво да бидат испитани, и после да ја вршат службата ако се непорочни. {3:11} Исто така жените нивни треба да бидат чесни, да не клеветат; трезвени и верни во сè. {3:12} Ѓаконите да бидат мажи на една жена, кои управуваат добро со своите деца и со своите домови, {3:13} зашто оние, кои ја извршиле добро својата служба добиваат чесна положба и голема смелост во верата во Христа Исуса. {3:14} Ова ти го пишувам надевајќи се дека скоро ќе дојдам при тебе; {3:15} но во случај да се подзабавам, да знаеш како да се однесуваш во Божјиот Дом, кој е црква на живиот Бог, столб и потпора на вистината. {3:16} И по општо признание, голема е тајната на побожноста: Оној, Кој се јави во тело, беше оправдан во Духот, им се покажа на ангелите, беше најавуван меѓу народите, поверуван во светот, беше вознесен во слава. {4:1} А Духот јасно вели дека во подоцнежните времиња некои ќе отстапат од верата и ќе слушаат измамливи духови и ѓаволски учења, {4:2} преку лицемерството на лажливците, кои се жигосани во својата совест, {4:3} кои забрануваат стапување во брак и бараат воздржување од јадењата, што Бог ги создаде за да ги земаат со благодарност верните, кои ја познаа вистината. {4:4} Зашто секое Божјо создание е добро, и ништо не треба да биде отфрлено, ако се прима со благодарност, {4:5} зашто се осветува преку Божјото слово и молитвата. {4:6} Ако ги советуваш во ова браќата, ќе бидеш добар служител на Христа Исуса, кој се храни со зборовите на верата и на добрата наука, што ја следиш. {4:7} А избегнувај од нечисти и бабешки приказни! Туку обучувај се во побожност! {4:8} Зашто телесната обука е малку полезна, а побожноста е полезна за сè, зашто има ветување за сегашниот и идниот живот. {4:9} Тоа е вистинско слово и достојно за полно примање. {4:10} Имено, затоа ние се трудиме и се бориме, зашто се надеваме во живиот Бог, Кој е Спасител на сите луѓе, особено на верните. {4:11} Наложувај го и учи го ова! {4:12} Никој да не те презира заради твојата младост! Туку, биди им пример на верните во словото, во поведението, во љубовта, во верата, во чистотата! {4:13} Додека дојдам внимавај на читањето, на опоменувањето и на поучувањето! {4:14} Не занемарувај ја дарбата која е во тебе, која ти е дадена преку пророштво, со ракополагањето на старешините. {4:15} Исполнувај го тоа, биди во тоа, и твојот напредок да им биде видлив на сите! {4:16} Внимавај на себеси и на учењето! Истрај во тоа, зашто правејќи го ова ќе се спасиш и себеси и оние кои те слушаат. {5:1} Не укорувај строго постар човек, туку опоменувај го како татко, помладите како браќа, {5:2} постарите жени како мајки, помладите како сестри со секаква чистота. {5:3} Почитувај ги вдовиците, кои се вистински вдовици. {5:4} Ако некоја вдовица има деца или внучиња, тие нека научат прво да покажат побожност кон своето семејство, и да им враќаат на своите родители, зашто тоа е добро и угодно пред Бога. {5:5} А која е вистинска вдовица и останала сама, таа ја ставила својата надеж во Бога и е постојана деноноќно во просби и молитви. {5:6} А онаа која живее сладострасно, жива е умрена. {5:7} Пренеси го и ова: да бидат непорочни. {5:8} Ако некој не се грижи за своите, особено за домашните, се одрекол од верата и е полош од оној кој не верува. {5:9} Во вдовичкиот список да се запишува таква вдовица, која не е помлада од шеесет години, која била жена на еден маж, {5:10} која има сведоштво за добри дела; ако ги одгледала децата, ако била гостољубива, ако им ги миела нозете на светите, ако им помагала на страдалниците; и ако одела по секое добро дело. {5:11} А помлади вдовици не примај, зашто кога ќе ги привлече насладата, спротивно на Христа, сакаат да се мажат, {5:12} со што навлекуваат врз себе осуда, зашто отстапиле од првото убедување. {5:13} А освен тоа, бидејќи се без работа, свикнуваат да одат по куќите. И не само без работа, туку се и зборлести и љубопитни, и зборуваат што не треба. {5:14} И така, сакам младите вдовици да се мажат, да раѓаат деца, да водат домаќинство, за да не му даваат на противникот никаков повод за хулење. {5:15} Имено, некои веќе застраниле и тргнале по сатаната. {5:16} Ако некој верен или верна има вдовици, нека ги помага, и нека не биде оптеретувана црквата, за да може да им помага на оние кои се вистински вдовици. {5:17} На старешините, кои управуваат добро, треба да им се укажува двојна чест, особено на оние кои се трудат во словото и поучуваат. {5:18} Зашто Писмото вели: „Не заврзувај му ја устата на волот што врши!” и „Работникот ја заслужува својата плата.” {5:19} Не примај обвинение против старешина, освен по изјава на двајца или тројца сведоци. {5:20} Оние кои грешат изобличи ги пред сите, за да имаат и другите страв. {5:21} И те заколнувам пред Бога, и пред Христа Исуса, и пред избраните ангели, да го пазиш ова без предрасуди и да не правиш ништо по пристрасност! {5:22} Не полагај раце пребрзо на никого, не учествувај во туѓи гревови! Пази се чист себеси! {5:23} Не пиј веќе само вода, туку земај по малку вино, заради твојот желудник и честите боледувања. {5:24} Гревовите на некои луѓе се видливи и одат на суд пред нив, а на некои одат по нив. {5:25} Исто така и добрите дела се видливи, а и кои не се, не можат да се скријат. {6:1} Робовите, кои се подјармени, да ги сметаат своите господари достојни за секаква почест, за да не се хули Божјото име и науката. {6:2} А оние кои имаат верни господари, да не ги презираат, затоа што се браќа, туку да им служат подобро, зашто оние кои се ползуваат од нивните услуги се верни и возљубени браќа! Така поучувај и проповедај! {6:3} Ако некој поучува инаку и не ги следи здравите зборови на нашиот Господ Исус Христос и на науката на побожноста, {6:4} тој е надуен и не знае ништо, туку боледува од желба за распрашувања и препирки од кои произлегуваат: зависта, расправиите, хулењата, лукавите сомневања, {6:5} празни препирки меѓу луѓето со изопачен ум и лишени од вистината, кои мислат дека побожноста е средство за печалба. {6:6} Побожноста и е голема печалба кога е здружена со чувство на задоволство. {6:7} Зашто ништо не донесовме на овој свет, ниту можеме да однесеме нешто. {6:8} А кога имаме храна и облека, да бидеме задоволни со тоа! {6:9} А оние кои сакаат да се богатат, паѓаат во искушение, во стапица и во многу неразумни и штетни желби, што ги туркаат луѓето во пропаст и погибел, {6:10} зашто среброљубието е корен на секакви зла; некои му се предадоа, се отстранија од верата и се прободија себеси со многу болки. {6:11} А ти, Божји човеку, бегај од сè тоа! И стреми се кон праведност, побожност, вера, љубов, трпеливост, кротост! {6:12} Бори се во добрата борба на верата, зграби го вечниот живот, за кој си повикан, и за кого си дал добра исповед пред многу сведоци! {6:13} Ти заповедам пред Бога, Кој оживува сè и пред Христа Исуса, Кој пред Понтие Пилат ја посведочи добрата исповед, {6:14} да ја пазиш заповедта чиста и непорочна до јавувањето на нашиот Господ Исус Христос, {6:15} кое - во свое време, ќе Го открие блажениот и единствениот Владетел, Цар над царевите и Господар над господарите; {6:16} Кој единствено има бесмртност, живеејќи во непристапна светлина, Кого никој од луѓето не Го видел ниту може да Го види. Нему чест и вечна сила. Амин! {6:17} Заповедај им на богатите на овој свет да не бидат горделиви и да не се надеваат на непостојаното богатство, туку во живиот Бог, Кој ни дава изобилно сè за наслада, {6:18} да прават добро, да бидат богати во добри дела, да бидат дарежливи и заедничари; {6:19} да собираат за себе благо како основа за иднината, за да зграбат вистински живот. {6:20} О Тимотеје, пази го она што ти е доверено, и отстранувај се од нечистите и празните разговори и спротивставувањата на лажно нареченото познавање, {6:21} за кое некои се држат и така се отклонија од верата. Благодат со тебе. Амин!