{1:1} Павле, апостол на Христа Исуса по Божја волја, според ветениот живот во Христа Исуса, {1:2} до Тимотеј, возљубеното чедо: благодат, милост и мир од Бог Таткото и Христа Исуса, нашиот Господ. {1:3} Му благодарам на Бога Кому Му служам уште од моите прародители со чиста совест, спомнувајќи те постојано - ноќе и дење - во своите молитви; {1:4} а кога ќе си спомнам за твоите солзи, копнеам да те видам, да се исполнам со радост; {1:5} кога си спомнувам за нелицемерната вера која е во тебе, која прво се наоѓаше во твојата баба Лоида и во мајка ти Евника, а уверен сум и во тебе. {1:6} Затоа ти напомнувам да го разгориш Божјиот дар, кој е во тебе преку возлагањето на моите раце. {1:7} Зашто Бог не ни даде дух на страшливост, туку дух на сила, љубов и себевладеење. {1:8} И така, не се срамувај од сведоштвото за нашиот Господ и од мене, затвореникот за Него, туку страдај и ти со мене за Евангелието, според силата на Бога, {1:9} Кој нè спаси и нè повика со свет повик, не според нашите дела туку по сопствена одлука и благодат, која ни е дадена во Христа Исуса пред вечните времиња, {1:10} а која сега се откри преку јавувањето на нашиот Спасител Христос Исус, Кој ја уништи смртта и ги осветли животот и бесмртноста преку Евангелието, {1:11} за кое јас сум поставен како проповедник, и апостол, и учител. {1:12} Заради тоа и го трпам сè ова, но не се срамам, зашто знам во Кого сум поверувал и уверен сум дека Тој може да го запази она што Му го доверив, до оној Ден. {1:13} Држи се за образецот на здравите зборови што си ги чул од мене во верата и љубовта која е во Христа Исуса! {1:14} Запази го доброто што ти е доверено преку Светиот Дух, Кој живее во нас. {1:15} Ти го знаеш тоа, дека во Азија сите се одвратија од мене, меѓу кои се Фигел и Ермоген. {1:16} Господ да му даде милост на Онисофоровиот дом, зашто повеќе пати ме охрабруваше и не се засрами од моите окови, {1:17} туку, кога дојде во Рим, грижливо ме побара и ме најде. {1:18} Господ да му даде да најде милост пред Господа во оној Ден! И како сè ми услужи во Ефес, ти најдобро го знаеш тоа. {2:1} И така, ти чедо мое, зајакнувај во благодатта, која е во Христа Исуса! {2:2} И што си чул од мене, пред многу сведоци, довери им го на поверливите луѓе, кои ќе бидат способни да ги поучуваат и другите! {2:3} Поднесувај ги со мене страдањата, како добар војник на Христа Исуса! {2:4} Никој, кој е во воена служба, не се заплетува во работите на овој живот, за да му угоди на оној кој го повикал во војската. {2:5} Исто така, ако некој се натпреварува, не добива венец ако не се натпреварува прописно. {2:6} Земјоделецот кој се труди треба прв да вкуси од плодовите. {2:7} Разбери што зборувам, Господ ќе ти даде да разбереш сè. {2:8} Помни Го Исуса Христа, Кој воскресна од мртвите, Кој е од Давидовото потомство, според моето Евангелие, {2:9} за кое страдам сè до окови, како некаков злосторник. Но Божјото слово не е оковано. {2:10} Заради тоа издржувам сè заради избраните, та и тие да добијат спасение со вечна слава во Христа Исуса. {2:11} Веродостојно е словото: „Ако умревме со Него, со Него и ќе живееме; {2:12} Ако трпиме, со Него и ќе царуваме; ако се одречеме од Него, и Тој ќе се одрече од нас; {2:13} ако сме неверни, Тој останува верен! Зашто Сам Себе не може да се одрече.” {2:14} Ова напомнувај го, заколнувај ги пред Бога, да не се препираат околу зборови, тоа е неполезно, туку е за пропаст на слушателите. {2:15} Труди се грижливо, за да се покажеш себеси достоен пред Бога како работник, кој не треба да се срамува, кој правилно го проповеда словото на вистината! {2:16} А отстранувај се од непристојни и празни зборови, зашто таквите сè повеќе ќе напредуваат во безбожност, {2:17} а нивното слово ќе разјадува како рак; од кои се Именеј и Филет, {2:18} кои се оддалечија од вистината, тврдејќи дека воскресението веќе станало и со тоа ја рушат верата на некои. {2:19} Сепак цврсто стои Божјата основа, која го има овој печат: „Господ познава кои се Негови” и „Да отстапи од неправдата секој, кој Го именува Господовото име!” {2:20} А во голем дом има не само златни и сребрени садови туку и дрвени и земјани. Едните се за благородна, а другите за неблагородна употреба. {2:21} И така, ако некој се очисти од овие, ќе биде сад за чесна употреба, осветен, полезен на домаќинот и приготвен за секое добро дело. {2:22} Бегај од младински желби! Стреми се кон правда, вера, љубов и мир со оние кои Го повикуваат Господа од чисто срце. {2:23} А отфрли ги безумните и неразумните распрашувања, знаејќи дека раѓаат борби! {2:24} А Господовиот слуга не смее да се расправа, туку треба да биде кроток кон сите, способен да поучува и да трпи; {2:25} да ги воспитува со кротост оние кои се противат, та не би ли им дал Бог покајание, за полно познавање на вистината, {2:26} за да се отрезнат од мрежата на ѓаволот, кој ги заробил за да ја исполнуваат неговата волја. {3:1} А ова знај го: во последните денови ќе настанат тешки времиња, {3:2} зашто луѓето ќе бидат саможиви, среброљупци, самофалци, горделиви, хулители; непокорни на родителите, неблагодарни, несвети; {3:3} без природна љубов, непомирливи, клеветници, невоздржани, жестоки, непријатели на доброто, {3:4} предавници, избувливи, надуени, повеќе сластољубиви, а не богољубиви, {3:5} кои имаат изглед на побожност, а се одрекле од нејзината сила; отстранувај се и од нив! {3:6} Зашто од нив се оние кои се вовлекуваат во куќите и ги измамуваат простите жени натоварени со гревови, кои се водени од различни страсти, {3:7} кои учат секогаш, а никогаш не можат да дојдат до познавањето на вистината. {3:8} И како што Јаниј и Јамвриј му се спротивија на Мојсеј, така и овие и се противат на вистината, луѓе со изопачен ум, отфрлени во обѕир на верата. {3:9} Но нема да напредуваат веќе, зашто нивното безумие ќе се открие пред сите, како што се откри и на оние двајца. {3:10} А ти го следеше моето учење, начинот на живеење, замислата, верата, долготрпението, љубовта, трпението, {3:11} гонењата, страдањата што ми се случија во Антиохија, Иконија и Листра. Какви гонења претрпев, и Господ ме избави од сите! {3:12} А и сите кои сакаат да живеат побожно во Христа Исуса, ќе бидат гонети, {3:13} додека злите луѓе и измамниците ќе напредуваат во злото, измамувајќи и бивајќи измамени. {3:14} А ти остани во она што си го научил и во што си убеден, зашто знаеш од кого си го научил и {3:15} зашто од детството ги познаваш Светите Писма, кои можат да те направат мудар за спасение преку верата во Христа Исуса. {3:16} Целото Писмо е од Бога вдахновено и е полезно за поука, за изобличување, за поправање и за воспитување во правдата, {3:17} за да биде Божјиот човек совршено подготвен за секое добро дело. {4:1} Те заколнувам пред Бога и Христа Исуса, Кој е готов да им суди на живите и мртвите, со Неговото јавување и Неговото Царство: {4:2} проповедај го словото, настојувај во време и во невреме, изобличувај, прекорувај, охрабрувај со сета трпеливост и со поука. {4:3} Зашто ќе дојде време, кога луѓето не ќе ја трпат здравата наука, туку според своите страсти ќе си насоберат учители,за да им ги скокоткаат ушите, {4:4} и ќе ги одвратат ушите од вистината, а ќе се свртат кон бајки. {4:5} А ти биди трезвен во сè, трпи го страдањето, врши ја работата на евангелист, исполнувај ја својата служба до крај. {4:6} Зашто јас веќе сум излеан како жртва налевница, и времето на моето заминување настапи. {4:7} Извојував добра борба, го завршив трчањето, ја запазив верата. {4:8} Отсега натаму ми е подготвен венецот на правдата, што ќе ми го даде во оној Ден Господ, Праведниот Судија, и не само мене, туку и на сите, кои го возљубија Неговото јавување. {4:9} Погрижи се да дојдеш скоро при мене, {4:10} зашто Димас ме остави, бидејќи го засака сегашниов свет и отиде во Солун; Крискент отиде во Галатија, Тит во Далмација. {4:11} Само Лука е при мене. Земи го Марко и доведи го со себе, зашто ми е полезен за службата. {4:12} Тихик го пратив во Ефес. {4:13} Кога ќе дојдеш, донеси ја наметката, што ја оставив во Троада при Карпа, и книгите, особено пергаментните! {4:14} Ковачот Александар ми направи многу зло; Господ ќе му плати според неговите дела. {4:15} И ти пази се од него, зашто им се противеше многу на нашите зборови. {4:16} При мојата прва одбрана никој не беше со мене, туку сите ме оставија; нека не им се засмета тоа! {4:17} Но Господ застана со мене, и ми даде сила, за да се исполни проповедувањето преку мене, и да чујат сите народи; и се избавив од лавовска уста. {4:18} Господ ќе ме избави од секое зло дело и ќе ме запази за Своето Небесно Царство. Нему слава за вечни векови. Амин! {4:19} Поздрави ги Прискила и Акила и Онисифоровиот дом! {4:20} Ераст остана во Коринт, а Трофим го оставив болен во Милет. {4:21} Погрижи се да дојдеш пред зимата! Те поздравуваат Еувул, Пуд, Лин, Клаудија, и сите браќа. {4:22} Господ Исус Христос да биде со твојот дух! Благодатта да биде со вас Амин!