{1:1} Бог, Кој од стари времиња, многупати и на многу начини, им зборуваше на нашите татковци преку пророците, во последниве денови ни зборуваше преку Синот, {1:2} Кого Го постави за наследник на сè и преку Кого ги создаде и вековите. {1:3} Тој е одблесок на Неговата слава и одраз на Неговото битие, Кој носи сè со Своето силно Слово, Кој го изврши очистувањето на гревовите и седна оддесно на Величеството во висините, {1:4} и стана толку повозвишен од ангелите, колку што наследи повозвишено име од нив. {1:5} Зашто, кому од ангелите некогаш му рекол: „Ти си Мој Син; Јас Те родив денес” и пак: „Јас ќе Му бидам Татко и Тој ќе ми биде Син?” {1:6} И пак, кога Го воведе Првородениот во светот, вели: „И да Му се поклонат сите Божји ангели! {1:7} А за ангелите вели: „Кој Своите ангели ги прави ветрови и Своите слуги огнен пламен.” {1:8} А за Синот вели: „Твојот престол, Боже, стои во сите векови и жезол на правдата е жезолот на Твоето Царство. {1:9} Ја возљуби правдата, а го замрази беззаконието, затоа, о Боже, Твојот Бог Те помаза со масло на радоста, повеќе од Твоите соучесници”, {1:10} и: „Ти, Господи во почеток ја основа земјата, и небесата се дело на Твоите раце. {1:11} Таа ќе помине, а Ти остануваш. И сета ќе остари како облека, {1:12} и ќе ги свиткаш како наметка, и тие ќе се изменат. А Ти си секогаш ист и Твоите години нема да се свршат.” {1:13} А кому од ангелите некогаш му рекол: „Седни Ми оддесно додека не ги положам Твоите непријатели за подножје на Твоите нозе?” {1:14} Не се ли тие сите службени духови, испратени да им служат на оние, кои ќе го наследат спасението? {2:1} Затоа треба да внимаваме повеќе на она што го чувме, за да не отпловиме во било кое време; {2:2} зашто, ако словото изговорено преку ангелите се покажа цврсто; и ако секој престап и секоја непослушност примила праведна отплата, {2:3} како ќе и избегаме ние, ако занемариме толкаво голема спасение, кое почна со Господовото проповедање, а кое е потврдено на нас од оние, кои го чуле, {2:4} откако Бог го посведочи со знаци, и со чуда, и со разни сили, и со раздавање на Светиот Дух според Својата волја. {2:5} Зашто не им го покори на ангелите идниот свет, за кого што зборуваме; {2:6} но некој некаде посведочи и рече: „Што е човекот, та да го спомнуваш; или човечкиот син, та да го посетуваш? {2:7} Само за малку си го направил помал од ангелите, и си го овенчал со слава и чест и си го поставил над делата од Твоите раце; {2:8} сè си потчинил под неговите нозе.”А кога му покори сè, ништо не му остави непокорено. Но сега уште не гледаме дека му е покорено сè. {2:9} Но Го гледаме Исуса „Кој беше направен само за малку понизок од ангелите” - овенчан со слава и чест заради смртното страдање, та по Божјата благодат да ја вкуси смртта за сите. {2:10} Зашто Му прилегаше Нему, заради Кого е сè и преку Кого е сè, откако приведе многу синови во слава, преку страдањата да Го усоврши Началникот на нивното спасение. {2:11} Зашто и Оној Кој осветува и оние кои се осветувани, сите се од Еден; затоа не се срами да ги нарече браќа {2:12} кога вели: „Ќе им го навестам Твоето име на Своите браќа, ќе Те фалам среде собранието,” {2:13} и пак: „Јас ќе се надевам на Него,” и пак: „Еве јас и моите деца, кои ми ги даде Бог.” {2:14} Бидејќи пак децата имаат учество во месото и крвта, така и Тој зеде учество во тоа, и со смртта да го уништи оној, кој ја имаше власта над смртта, односно ѓаволот, {2:15} и да ги избави оние, кои заради стравот од смртта, цел живот беа во ропство. {2:16} Зашто навистина, Тој не им даде помош на ангелите, туку дава помош на Аврамовото семе. {2:17} Затоа требаше во сè да стане како Своите браќа, за да биде милостив и верен Првосвештеник пред Бога, за да изврши помирување за гревовите на луѓето. {2:18} Бидејќи, затоа што и Самиот трпеше кога беше искушуван, може да им помогне на оние кои се искушувани. {3:1} Затоа, свети браќа, вие кои учествувате во небесното призвание, насочете ги вашите мисли кон Исуса, Апостолот и Првосвештеникот на нашето исповедување, {3:2} Кој Му е верен на Оној, Кој Го поставил, како што беше и Мојсеј во целиот Негов дом. {3:3} Зашто Овој е удостоен со поголема слава од Мојсеја, како што поголема чест има од куќата оној кој ја изградил. {3:4} Зашто, секоја куќа некој ја гради; а Бог изградил сè. {3:5} Навистина, и Мојсеј беше верен во целиот Негов дом како слуга, за да посведочи за она што имаше да се каже, {3:6} а Христос како Син е над Својот дом; а ние сме Негов дом, ако ги запазиме смелоста и радоста на нашата надеж. {3:7} Затоа како што вели Светиот Дух: „Денес ако го чуете Неговиот глас, {3:8} не закорувајте ги вашите срца, како при огорчувањето во денот на искушувањето во пустината, {3:9} каде вашите татковци се обидоа да Ме искушуваат, и ги видоа Моите дела четириесет години. {3:10} Затоа се расрдив на тоа поколение и реков: секогаш скитаат во срцето, не ги познаа Моите патишта; {3:11} така што се заколнав во Својот гнев: нема да влезат во Мојата починка.” {3:12} Гледајте, браќа, да не би во некого од вас да има лукаво срце, што не верува, та да замине од живиот Бог; {3:13} туку бодрете се еден друг секој ден, додека се вели „денес”, да не би некој од вас да отрпне од измамата на гревот. {3:14} Зашто, ние станавме Христови соучесници, само ако почетната увереност ја запазиме цврсто до крај. {3:15} Кога се вели: „Денес ако го чуете Неговиот глас, не закорувајте ги вашите срца, како при огорчувањето.” {3:16} Имено, кои се тие кои, откако чуја Го огорчија? Зар не сите кои излегоа од Египет преку Мојсеја? {3:17} А на кои беше гневен четириесет години? Зар не на оние кои згрешија и чии трупови паднаа во пустината? {3:18} А на кои им се заколна дека нема да влезат во Неговата починка, ако не на оние кои беа непокорни? {3:19} И гледаме дека не можеа да влезат поради неверието. {4:1} И така, да страхуваме да не е изостанал некој од вас, додека е уште оставено ветувањето за влегувањето во Неговата починка. {4:2} Зашто и ние ја чувме Радосната Вест како и тие; но немаа полза од словото што го чуја, зашто не беше придружено со вера, кај оние кои го беа чуле. {4:3} Имено, во починката влегуваме ние, кои поверувавме, како што рекол: „Така се заколнав во Мојот гнев и нема да влезат во Мојата починка”, иако делата беа свршени уште при основањето на светот. {4:4} Зашто некаде за седмиот ден е речено вака: „И Бог почина во седмиот ден од сите Свои дела.” {4:5} И пак на тоа место: „Нема да влезат во Мојата починка.” {4:6} И така, ако останува некои да влезат во неа, а оние кои порано го чуле Евангелието не влегле заради непослушност; {4:7} пак определува некој ден, „денес”, кога по толку време зборува преку Давида, како што е речено порано: „Денес ако го чуете Неговиот глас, не закорувајте ги вашите срца.” {4:8} Зашто, ако Исус Навинов можеше да ги доведе во починка, не би зборувал после тоа за друг ден. {4:9} Значи, на Божјиот народ му остана починката. {4:10} Имено, кој влегол во Неговата починка, тој се одморил од своите дела, како и Бог од Своите. {4:11} И така, да се погрижиме да влеземе во Христовата починка, за да не падне некој по примерот на истата непослушност! {4:12} Зашто Божјото Слово е живо, и делотворно, и поостро од секој меч остар од двете страни, и навлегува до разделувањето на душата и духот, на зглобовите и на мозокот; и ги суди мислите и намерите на срцето, {4:13} и нема создание кое е невидливо пред Него; туку сè е голо и откриено пред очите на Оној, пред Кого ние ќе дадеме сметка. {4:14} И така, бидејќи имаме Голем Првосвештеник, Кој поминал низ небесата - Исуса, Божјиот Син, да се држиме цврсто за исповедувањето! {4:15} Зашто, немаме првосвештеник кој не може да сочувствува со нашите слабости, туку Кој бил искушуван во сè како нас, освен гревот. {4:16} И така да пристапуваме смело кон престолот на благодатта, за да примиме милост и за да најдеме благодат, за помош, во време на потреба. {5:1} Зашто, секој првосвештеник, кој е избран од помеѓу луѓето, се поставува за луѓето, за да служи пред Бога, за да принесува дарови и жртви за гревовите, {5:2} како оној кој може да биде благ кон оние кои не знаат и се заблудени, зашто и самиот е со слабост. {5:3} И заради тоа е должен да принесува жртви за гревовите, како за народот, така и за себеси. {5:4} И никој не ја зема оваа почест за себе, туку Бог го повикува, како и Арона. {5:5} Така и Христос не се прослави Сам Себеси за да биде Првосвештеник, туку Оној Кој Му рече: „Ти си Мој Син, Јас Те родив денес,” {5:6} како што Тој и на друго место вели: „Ти си свештеник довека по редот Мелхиседеков.” {5:7} Тој, во деновите на Своето тело, Му принесе молитви и молби со силно викање и солзи, на Оној Кој можеше да Го спаси од смрт, и беше чуен заради богобојазливоста. {5:8} Иако беше Син, ја научи послушноста од она што го претрпе {5:9} и откако се усоврши, им стана на сите кои Му се послушни, Повод за вечно спасение, {5:10} наречен од Бога Првосвештеник по редот Мелхиседеков. {5:11} За ова имаме да зборуваме многу, што е тешко да се протолкува зашто станавте мрзливи за слушање. {5:12} Имено, според времето требаше да бидете учители; меѓутоа вам ви е пак потребно да ве учи некој на основните начела на Божјите пророчки зборови; и станавте такви што ви е потребно млеко, а не тврда храна. {5:13} Зашто секој, кој се храни со млеко, неискусен е во словото на правдата, зашто е младенец. {5:14} А тврдата храна е за полнолетните, кои преку навика, ги извежбале сетилата да разликуваат добро и зло. {6:1} Затоа да ја оставиме почетната наука за Христа и да се обрнеме кон полна зрелост, не поставувајќи пак основа за покајание од мртвите дела и верата во Бога; {6:2} учењето за крштавањата, за полагање на раце, за воскресението на мртви и за вечниот суд. {6:3} И тоа ќе го направиме ако дозволи Бог. {6:4} Зашто е невозможно оние кои еднаш се просветени и кои го вкусиле небесниот дар, станувајќи учесници на Светиот Дух {6:5} и кои ги вкусиле: доброто Божјо слово и силите на идниот век, {6:6} а сепак отпаднале - пак повторно да бидат обновени за покајание, зашто тие повторно Го распнуваат за себеси Божјиот Син и Го срамат отворено. {6:7} Зашто земјата која го впива дождот, што често паѓа на неа, и која им раѓа полезни растенија на оние за кои и се обработува, добива благослов од Бога; {6:8} но ако раѓа трње и боцки, не чини и е близу до проклетството; нејзиниот крај е во горењето. {6:9} А за вас, возљубени наши, иако зборуваме вака, сме уверени за подоброто кое го придружува спасението. {6:10} Зашто Бог не е неправеден па да ги заборавил вашето дело и љубовта, што ја покажавте кон Неговото име, откако им послуживте и им служите на светите. {6:11} Но ние сакаме: секој од вас до крај да ја покаже истата ревност, за да се исполни надежта наполно, {6:12} и да не бидете мрзливи, туку да се угледате на оние, кои преку вера и трпение го наследуваат ветувањето. {6:13} Зашто кога Бог му даде ветување на Авраама, немајќи никој поголем за да се заколне во него, се заколна Сам во Себе, {6:14} велејќи: „Навистина ќе те благословам премногу и ќе те размножам и преумножам.” {6:15} И така, Аврам трпејќи го доби ветеното. {6:16} Имено, луѓето се колнат во она што е поголемо, и секоја нивна препирка свршува со заколнување за потврдување. {6:17} Затоа и Бог, сакајќи поверодостојно да им ја покаже на наследниците на ветувањето непроменливоста на Својата намера, се послужи со заклетва, {6:18} така што преку тие две непроменливи работи, во кои Бог не може да измами, да имаме цврст поттик, ние кои прибегнуваме да ја дофатиме надежта што е поставена пред нас. {6:19} Неа ја имаме како безбедна и цврста котва на душата, која навлегува и зад завесата, {6:20} каде што Исус влезе за нас како претходник, откако стана вечен Првосвештеник по редот Мелхиседеков. {7:1} Зашто овој Мелхиседек, салимски цар, свештеник на Сèвишниот Бог, кој го пресретна Авраама кога се враќаше по победата над царевите, и го благослови; {7:2} кому Авраам му оддели десеток од сè; чие име прво значи „Цар на правдата”, потоа „Цар на Салим” односно „Цар на мирот”, {7:3} без татко, без мајка, без родословие, кој немаше ниту почеток на деновите, ниту свршеток на животот, сличен на Божјиот Син, останува вечно свештеник. {7:4} Гледате ли колку е голем оној кому патријархот Авраам му даде десеток од најдобриот плен! {7:5} Навистина и оние од Левиевите синови, кои ја примаат свештеничката служба, имаат заповед според Законот да земаат десеток од народот, односно од своите браќа, иако и тие излегоа од Авраамовите бедра. {7:6} Но оној, кој не произлегол од нив зеде десеток од Авраама и го благослови оној кој ги имаше ветувањата. {7:7} А и без секаква противречност е дека помалиот е благословен од поголемиот. {7:8} И така, тука смртни луѓе земаат десеток, а таму Оној, за Кого се сведочи дека живее. {7:9} И да речам така, Левиј, кој зема десеток, даде десеток преку Авраама, {7:10} зашто уште беше во бедрото на својот татко, кога Мелхиседек го сретна. {7:11} И така, ако исполнувањето беше преку левитското свештенство, зашто народот го прими Законот под него, каква потреба би била уште да се издигне друг свештеник по редот Мелхиседеков и да не се наречува по редот Аронов? {7:12} Зашто, ако се промени свештенството по неопходност станува и промена на Законот. {7:13} Бидејќи тој, за кого се вели ова му припаѓаше на друго племе, од кое никој не служел при жртвеникот. {7:14} Зашто е познато дека нашиот Господ произлезе од Јудиното племе, а за свештенство од ова племе Мојсеј ништо не рече. {7:15} Тоа станува уште појасно ако се воздигне друг свештеник според сличноста на Мелхиседек, {7:16} кој не станал тоа според закон на телесна заповед, туку според силата на неуништливиот живот. {7:17} Зашто за него се сведочи: „Ти си свештеник довека по редот Мелхиседеков.” {7:18} Со тоа се укинува поранешната заповед, заради нејзината слабост и бесполезност - {7:19} зашто Законот не усовршил ништо, а се воведува подобра надеж, преку која се доближуваме до Бога. {7:20} Доколку не бива без заклетва, имено другите станаа свештеници без заклетва; {7:21} а Тој со заклетва преку Оној, Кој Му рече: „Господ се заколна и нема да се покае: Ти си свештеник довека”, {7:22} дотолку и Исус стана залог на подобар завет. {7:23} И тие во голем број станаа свештеници зашто смртта ги спречуваше да продолжат, {7:24} а Тој пак има свештенство, што не може да мине на друг, зашто останува довека. {7:25} Затоа и може наполно да ги спасува оние, кои преку Него доаѓаат при Бога, зашто секогаш живее, за да посредува за нив. {7:26} Зашто таков Првосвештеник ни требаше и нам: свет, невин, непорочен, одвоен од грешниците и повозвишен од небесата, {7:27} Кој нема секојдневна потреба како првосвештениците, да принесува жртва прво за своите гревови, а потоа за гревовите на народот, зашто тоа го направи еднаш за секогаш принесувајќи се Самиот Себе. {7:28} Зашто, Законот поставува слаби луѓе за големи свештеници, а зборот на заклетвата - дадена после Законот, Синот, Кој е усовршен довека. {8:1} Во ова што е кажано главно е: имаме таков Првосвештеник, Кој седна оддесно на престолот на Величеството во небесата {8:2} како служител на Светилиштето и на вистинскиот Шатор, што го подигна Господ, а не човек. {8:3} Зашто секој првосвештеник се поставува за да принесува и дарови и жртви, затоа е потребно и тој да има што да принесе. {8:4} Зашто, ако Тој беше на земјата, не би бил ни свештеник, зашто тука има такви, кои ги принесуваат даровите според Законот; {8:5} тие им служат на сликата и на сенката на небесните нешта, како што му беше речено на Мојсеја, кога требаше да го направи Шаторот: „Гледај, рече, да направиш сè според образецот, што ти беше покажан на гората!” {8:6} И сега, доби толку повозвишена служба, колку што е посредник на подобриот завет, што е озаконет врз подобри ветувања. {8:7} Зашто, ако оној првиот завет беше без недостаток, не ќе се бараше место за вториот. {8:8} Зашто укорувајќи ги, им вели: „Еве, идат денови вели Господ, и ќе склучам Нов Завет со Израелевиот дом и со Јудиниот дом; {8:9} не онаков каков што склучив со нивните татковци, во оној ден кога ги зедов за рака, за да ги изведам од Египетската Земја, зашто тие не му останаа верни на Мојот завет, и Јас не се погрижив повеќе за нив, - вели Господ. {8:10} зашто ова е Заветот со кој ќе го заветувам Израелевиот дом по оние денови, вели Господ: ќе ги вложам Своите закони во нивниот ум, и ќе ги напишам во нивните срца. Јас ќе им бидам Бог, а тие ќе бидат Мој народ. {8:11} И ниеден веќе нема да го поучува својот ближен и ниеден својот брат, велејќи: „Познај Го Господа, зашто ќе Ме познаваат сите од малиот до големиот меѓу нив, {8:12} зашто ќе бидам милостив кон нивните неправди, и нема веќе да си спомнувам за нивните гревови!” {8:13} А кога вели „Нов”, со тоа го прогласил првиот за застарен. А што старее и оветвува не е далеку од исчезнувањето. {9:1} Секако, и првиот завет имаше наредби за богослужение и земно светилиште. {9:2} Зашто беше приготвен првиот дел на Шаторот, во кој беше светилникот и трпезата, и положените лебови, што се вика Светина. {9:3} А зад втората завеса на Шатарот беше другиот дел, наречен Светина над Светините {9:4} со златниот жртвеник за кадење и ковчегот на заветот, опкован со злато од сите страни, во кој беше златниот сад со мана и со расцутениот Аронов жезол, и Плочите на заветот, {9:5} а над него херувимите на славата, кои го засенуваа Поклопецот на Помирувалиштето; а за сè ова сега не може да се зборува подетално. {9:6} При таквиот распоред, во првиот дел на Шаторот секогаш влегуваат свештениците, кога ја извршуваат својата служба, {9:7} а во вториот дел, само првосвештеникот еднаш во годината, и тоа не без крв, што ја принесува за своите и за гревовите на народот направени од незнаење. {9:8} Со тоа Светиот Дух покажува дека патов во Светината над светините уште не е откриен; додека уште постои првиот дел на Шаторот, {9:9} кој е симболична слика за сегашното време, според која се принесуваат дарови и жртви, кои во однос на совеста не можат да го доведат до совршенство оној, кој Му служи така, {9:10} зашто се засновуваат само врз јадења и пиења, и разни миења - како прописите за телото наложени до времето на поправањето. {9:11} А Христос откако се појави како Првосвештеник на идните добра и влезе низ поголем и посовршен Шатор, што не е направен со рака, односно која не е од оваа создавање, {9:12} влезе еднаш засекогаш во Светината над светините, и тоа не со крвта на јарци и јунци, туку преку Својата крв, и ни прибави вечен откуп. {9:13} Зашто, ако крвта на јарците и биковите и пепелта од јуница, со која се попрскуваат осквернетите, осветува за чистење на телото, {9:14} колку ли повеќе крвта на Христа, Кој преку вечниот Дух Му се принесе Сам Себеси на Бога без недостаток, ќе ја очисти нашата совест од мртвите дела, за да Му служиме на живиот Бог. {9:15} Затоа Тој е Посредник на Новиот завет: за повиканите да го примат ветувањето за вечното наследство, откако смртта зеде место за откуп на престапите направени во првиот завет. {9:16} Зашто, каде што има завет потребно е да се докаже и смртта на заветувачот. {9:17} Имено, заветот станува полноважен по смртта, а никогаш не важи додека живее заветувачот. {9:18} Затоа ни првиот завет не беше утврден без крв. {9:19} Имено, кога Мојсеј му ја изговори секоја заповед според Законот на целиот народ, зеде крв од јунци и јарци со вода и со црвена волна и со исоп ги попрска: и самиот книжен свиток и целиот народ, {9:20} велејќи : „Ова е крвта на заветот, што Бог го склучи со вас.” {9:21} А исто така ги попрска со крвта Шаторот и сите богослужбени садови. {9:22} И по Законот речиси сè се чисти со крв, и без пролевање на крв нема проштавање. {9:23} И така, неопходно беше сликите на небесните нешта да се очистат со нив, а самите небесни нешта со жртви подобри од овие. {9:24} Зашто Христос не влезе во ракотворна Светина, која е образ на вистинската, туку во самото небо, за да се јави сега пред Божјото лице за нас. {9:25} И не за да се принесе многупати Себеси, како што првосвештеникот влегува во Светината секоја година со туѓа крв; {9:26} зашто инаку би требало да страда многупати од создавањето на светот. Но сега, кон крајот на вековите, Тој се јави еднаш, за да го отстрани гревот со Својата жртва. {9:27} И како што на човекот му е определено да умре еднаш, а потоа суд, {9:28} така и Христос, откако беше принесен еднаш за да ги земе гревовите на мнозина, ќе се јави вторпат без грев, а за спасение на оние кои го очекуваат. {10:1} Зашто Законот ја има само сенката на идните добра, а не и самата суштина на нештата, и не може секогаш со истите жртви, што се принесуваат секоја година постојано, да ги усоврши оние, кои му пристапуваат. {10:2} Инаку би престанале да ги принесуваат, зашто не би биле свесни за гревови оние кои служејќи така, еднаш се очистени. {10:3} Но тие секоја година напомнуваат на гревовите {10:4} зашто крвта на биковите и јарците не може да ги отстрани гревовите. {10:5} Затоа, влегувајќи во светот вели: „Жртви и приноси Ти не посака, но ми приготви тело. {10:6} Сèпалениците и жртвите за грев не Ти беа угодни.” {10:7} Тогаш реков: Еве, доаѓам, во книжен свиток за Мене е напишано, да ја исполнам Твојата волја, О Боже. {10:8} Додека погоре вели: „Ни жртви, ни приноси, ни паленици, ни жртви за грев не посака; ниту Ти беа угодни” - тие се принесуваат според Законот, {10:9} потоа рече: „Еве, доаѓам да ја исполнам Твојата волја.” Така го отстранува првото, за да го воспостави второто. {10:10} Според таа волја осветени сме преку приносот на телото на Исуса Христа еднаш засекогаш. {10:11} И секој свештеник, навистина, стои секој ден, и служи принесувајќи ги многупати истите жртви, кои никогаш не можат да ги отстранат гревовите. {10:12} Но Тој принесе само една жртва за гревовите, и засекогаш седна оддесно на Бога, {10:13} и чека натаму додека Неговите непријатели бидат поставени за подножје на Неговите нозе. {10:14} Зашто Тој со едно принесување ги направи совршени засекогаш оние, кои се осветуваа. {10:15} А и Светиот Дух ни сведочи за тоа, откако рече: {10:16} ”Ова е заветот, кој ќе го склучам со нив по оние денови, вели Господ, ќе ги положам Своите закони на нивните срца и ќе ги напишам на нивниот ум, {10:17} и за нивните гревови и за нивните беззаконија нема веќе да си спомнувам.” {10:18} А каде има проштавање за нив, таму нема веќе приноси за грев. {10:19} И така, браќа, кога имаме смелост да влегуваме во Светината преку крвта на Исуса, {10:20} Кој ни го отвори новиот и живиот пат низ завесата, односно Неговото тело, {10:21} и откако Го имаме Врховниот Свештеник над Божјиот дом, {10:22} да пристапуваме со искрено срце во полна увереност на верата, со срца кои преку попрскување се очистени од зла совест и со тело измиено во чиста вода. {10:23} Да го држиме непоколебливо исповедувањето на нашата надеж, зашто е верен Оној, Кој ветил {10:24} и да внимаваме на тоа да се поттикнуваме еден со друг кон љубов и добри дела! {10:25} Да не ги напуштаме своите собранија, како што некои имаат обичај, туку да се бодриме еден друг, и тоа дотолку повеќе, доколку гледате дека наближува Денот! {10:26} Зашто, ако грешиме самоволно откако го примивме полното познание на вистината, не останува веќе жртва за гревовите, {10:27} туку само страшно очекување на судот и ревност на огнот, што ќе ги проголта противниците. {10:28} Кога некој го презре Мојсеевиот закон умира без милост, во присуство на двајца или тројца сведоци. {10:29} Колку полоша казна, мислите, ќе заслужи оној, кој Го подгазил Божјиот Син и ја смета нечиста крвта на заветот, со која бил осветен, и Го навредил Духот на благодатта? {10:30} Зашто ние Го знаеме Оној Кој рече: „Одмаздата е Моја, Јас ќе вратам!” И пак: „Господ ќе му суди на Својот народ.” {10:31} Страшно е да се падне во рацете на живиот Бог. {10:32} Спомнувајте си за поранешните денови, кога просветени претрпевте голема борба на страдања, {10:33} со тоа што бевте од една страна изложени јавно на хулења и неволји, а од друга страна станавте соучесници на оние кои страдат така. {10:34} Зашто страдавте заедно и со оние кои беа во окови и со радост го примивте разграбувањето на својот имот, знаејќи дека имате подобар и траен имот. {10:35} И така, не отфрлајте ја вашата доверба, која има голема награда. {10:36} Имено, вам ви е потребно трпение, за да ја исполните Божјата волја и да го добиете ветувањето. {10:37} Зашто: уште малку, мошне малку, и Оној Кој доаѓа ќе дојде, и нема да се забави. {10:38} А Мојот праведник ќе живее од верата, ако ли се повлече, Мојата душа нема да благоволи во него.” {10:39} А ние не сме од оние кои се повлекуваат за погибел, туку од оние кои веруваат за спасение на душата. {11:1} А верата е тврда увереност во она на кое се надеваме и убедување за нештата, што не се гледаат. {11:2} Зашто преку неа старите добија сведоштво. {11:3} Преку вера разбираме дека вековите се создадени со Божјото слово, така што видливото произлегло од невидливото. {11:4} Преку вера Авел Му принесе на Бога жртва подобра од Каиновата; преку неа прими сведоштво дека е праведен, зашто Бог посведочи за неговите дарови; и преку вера тој уште зборува, иако е умрен. {11:5} Преку вера Енох беше пренесен така, да не ја види смртта, и веќе не се најде, зашто Бог го зеде; зашто, пред неговото земање, тој доби сведоштво дека Му угодил на Бога. {11:6} А без вера не е можно да Му се угоди, зашто кој Му пристапува на Бога треба да верува дека има Бог и дека ги наградува оние кои Го бараат. {11:7} Преку вера Ное беше известен за она што уште не се гледаше, поттикнат од стравопочитување, приготви ковчег за спасение на својот дом; со неа го осуди светот и стана наследник на праведноста, која е според вера. {11:8} Преку вера Авраам послуша, кога беше повикан да излезе на местото што требаше да го прими во наследство, и излезе не знаејќи каде оди. {11:9} Преку вера се насели во земјата на ветувањето, како во туѓа и се настани во шаторите заедно со Исака и Јакова, сонаследници на истото ветување, {11:10} зашто бараше град со основи, кому Бог му е Градител и Творец. {11:11} Преку вера и самата Сара доби сила да зачне, во напредната возраст откако Го сметаше за верен Оној, Кој и беше ветил. {11:12} Затоа од еден и тоа речиси мртов, се намножи многу народ „како небесните ѕвезди и како песокта на морскиот брег, што не може да се изброи.” {11:13} Сите овие умреа во вера, не добивајќи ги ветувањата, туку само оддалеку ги видоа и ги поздравија, и исповедаа дека се туѓинци и придојденици на земјата. {11:14} Зашто, кои зборуваат така, покажуваат дека ја бараат родината. {11:15} И ако при тоа мислеле на онаа, од која излегле, имаа време да се вратат; {11:16} но сега, копнеат по подобра, односно по небесната. Затоа Бог не се срами од нив, да се нарече нивни Бог, зашто им приготвил град. {11:17} Преку вера Авраам - кога беше испитуван - го принесе Исака, и тој, кој ги прими ветувањата го принесе својот единороден син. {11:18} Кому му беше речено: „Во Исака ќе биде наречено твоето Семе.” Тој помислил дека Бог може и од мртвите да воскреснува; {11:19} затоа го прими и како преобраз на воскресението. {11:20} Преку вера Исак ги благослови Јакова и Исава, и во однос на идните нешта. {11:21} Преку вера Јаков, умирајќи, го благослови секој Јосифов син, и Му се поклони на Бог потпирајќи се на врвот од својот стап. {11:22} Преку вера Јосиф на умирање спомна за излезот на Израелевите синови и даде заповед за своите коски. {11:23} Преку вера Мојсеј, кога се роди, неговите родители го криеја три месеци, зашто видоа дека детето е убаво и не се уплашија од царевата заповед. {11:24} Преку вера Мојсеј, кога порасна, одби да го наречуваат син на фараоновата ќерка, {11:25} и со поголема желба сакаше да страда заедно со Божјиот народ, отколку да се насладува за кратко време на гревот. {11:26} Зашто хулењето на Христа го сметаше за поголемо богатство од египетските богатства, зашто ја имаше предвид наградата. {11:27} Преку вера го напушти Египет, не плашејќи се од царевиот гнев, зашто издржа како да Го гледа Невидливиот. {11:28} Преку вера ја прослави Пасхата и изврши попрскување со крв, за да не го допре оној, кој ги сотруваше првородените. {11:29} Преку вера поминаа преку Црвеното Море како по суво, а Египтјаните - кога се обидоа, се издавија. {11:30} Преку вера паднаа ерихонските ѕидови, по седумдневното обиколување околу нив. {11:31} Преку вера блудницата Раава не загина со непокорните, зашто ги прими согледувачите со мир. {11:32} И што да речам уште? Зашто нема да имам доволно време кога би почнал да раскажувам за Гедеона, Варака, Самсона, Јефтаја, Давида и Самоила, и за пророците, {11:33} кои преку вера победија царства, извршија правда, добија ветувања, затворија уста на лавови, {11:34} ја угаснаа огнената сила, ја избегнаа острицата на мечот, немоќни станаа силни; стануваа силни во бој, ги натераа во бегство туѓите војски. {11:35} Жени примија свои воскреснати мртви, а други беа мачени и не се избавија, за да добијат подобро воскресение. {11:36} Други доживеаја подигрувања и удари, а покрај тоа и окови и темница. {11:37} Беа каменувани, со пила резани на две, на искушенија подложувани, умираа од меч, скитаа во овчи кожи и во козји кожи; во оскуднот, во неволји, во лоши постапувања, {11:38} оние за кои светот не беше достоен: скитаа по пустините, и по горите, и по пештерите, и по земните јами. {11:39} И сите тие, иако се посведочени преку верата, не го примија ветувањето, {11:40} зашто Бог предвиде нешто подобро за нас: тие да не дојдат до совршенството без нас. {12:1} Затоа и ние, имајќи околу себе толкав облак сведоци, да ги положиме настрана: секое бреме и гревот кој нè сплеткува лесно и да трчаме со трпение на трката што ни е поставена пред нас; {12:2} гледајќи во Исуса, Почетникот и Исполнителот на нашата вера, Кој, поради радоста што беше пред Него, го претрпе крстот, презирајќи го срамот, и седна оддесно на Божјиот престол. {12:3} Имено, размислете за Него, Кој претрпе од грешниците такви противења против себеси, за да не се истоштите и за да не станете малодушни. {12:4} Уште не сте се воспротивеле до крв во борбата против гревот, {12:5} и ја заборавивте опомената, која ви зборува вам како на синови: „Сине мој! Не презирај го Господовото укорување, ниту ослабувај, кога те изобличува, {12:6} зашто Господ го казнува оној, кого го љуби, а го бие секој син, кого што го прима.” {12:7} Ако трпите укорување, Бог постапува со вас како со синови. Зашто кој е тој син, кого таткото не го казнува? {12:8} А ако сте пак без казна, од која сите добиле дел, тогаш сте незаконски деца, а не синови. {12:9} Освен тоа, нашите телесни татковци нè казнуваа, и ние ги почитувавме; нема ли да Му се покориме на Таткото на духовите, и така да живееме? {12:10} Имено, тие нè казнуваа за малку денови, како што им беше угодно, а Тој за наша полза, за да станеме учесници на Неговата светост. {12:11} Навистина, секоја казна во сегашноста не изгледа дека е за радост, туку за жалост. Но, подоцна им донесува мирен плод на праведност на оние, кои се обучувале преку неа. {12:12} Затоа „исправете ги премалените раце и ослабените колена, {12:13} и израмнете ги патеките со своите нозе, за да не се исколчи хромото, туку, напротив, да се исцели. {12:14} Стремете се кон мирот со сите и кон светоста, без која никој не може да Го види Господа, {12:15} внимавајќи да не му недостасува некому Божјата благодат, „за да не изникне некој горчлив корен” и за да не ве вознемири, и за да не се онечистат со него мнозина; {12:16} да не биде некој блудник или несвет како Исав, кој за едно јадење го продаде своето првородство. {12:17} Имено, знаете дека подоцна кога сакаше да го наследи благословот, беше отфрлен, зашто не најде место за покајание, иако го бараше со солзи. {12:18} Зашто, вие не пристапивте до гората, што може да се опипа и што е пламната во оган; ни до темнината, ни до мракот, ни до виорот, {12:19} ни до трубниот глас, ни до гласот на зборовите, за кои слушателите молеа да не им се зборува веќе, {12:20} зашто не можеа да ја поднесат заповедта: „Ако и животно се допре до гората, нека биде каменувано.” {12:21} А глетката беше толку страшна, така што и Мојсеј рече: „Исплашен сум и треперам.” {12:22} Туку, вие пристапивте до Сионската Гора, и до градот на живиот Бог, Небесниот Ерусалим: до десетици илјади ангели, {12:23} до свечениот соборот и заедницата на првородените, кои се запишани на небесата, и до Бога - Судијата на сите, и до духовите на усовршените праведници; {12:24} до Исуса, посредникот на Новиот Завет и до крвта за попрскување, која зборува подобро од Авеловата. {12:25} Гледајте да не Го одбиете Оној Кој зборува! Зашто, ако не избегаа оние, кои Го одбија Оној Кој предупредуваше на земјата; уште помалку ќе избегаме ние, ако се отстраниме од Оној Кој зборува од небесата! {12:26} Неговиот глас ја потресе тогаш земјата, а сега ветува, велејќи: „ Јас ќе ги потресам уште еднаш не само земјата туку и небото.” {12:27} А тоа „уште еднаш„ укажува на измена на она што може да се потресе како создадено, за да остане она што не може да се потресе. {12:28} Затоа, примајќи го Непоколебливото Царство, да бидеме благодарни со што Му служиме благоугодно на Бога, со страв и со почитување. {12:29} Зашто, нашиот Бог е оган, што проголтува. {13:1} Братољубието нека остане! {13:2} Не го заборавајте гостољубието, зашто некои преку него, без да знаат, примија ангели на гости! {13:3} Помнете ги затворениците, како да сте оковани со нив; и оние кои страдаат, зашто и самите сте во тело! {13:4} Сите да го почитуваат бракот, и брачното легло чисто, зашто Бог ќе им суди на блудниците и прељубниците. {13:5} Нека вашето однесување биде слободно од среброљубие. Бидете задоволни со она, што го имате, зашто Тој рече: „Никогаш нема да те напуштам, ниту ќе те оставам!” {13:6} Затоа можеме смело да речеме: „Господ ми е помошник, нема да се плашам, што може да ми направи човек?” {13:7} Помнете ги своите водачи, кои ви го говореа Божјото слово; гледајте на крајот на нивниот начин на живеење, Подражавајте ја нивната вера! {13:8} Исус Христос е ист вчера, и денес, и довека. {13:9} Не дозволувајте да ве заведат со разни и туѓи науки, зашто е добро срцето да биде зацврстувано во благодат, а не со јадења, од кои немаа полза оние, кои живееја преку нив! {13:10} Ние имаме жртвеник, од кого немаат право да јадат служителите на Шаторот {13:11} Бидејќи телата на животните, чија крв првосвештеникот ја внесува во Светилиштето за гревовите, се изгоруваат надвор од станот, {13:12} затоа и Исус, за да го освети народот преку Својата крв, пострада надвор од градската порта. {13:13} И така, да појдеме кон Него, надвор од станот, носејќи ја Неговата мака, {13:14} зашто тука немаме траен град, туку го бараме идниот. {13:15} И така, преку Него да Му принесуваме постојано на Бога пофална жртва, односно: плод на усните, кои го исповедуваат Неговото име. {13:16} А не заборавајте ги: добротворството и делењето со другите, зашто со такви жртви Му се угодува на Бога! {13:17} Бидете им послушни на вашите водачи и покорувајте им се, зашто тие бдеат над вашите души како оние, кои ќе одговараат за тоа; за да го прават тоа со радост, а не со воздишки, зашто тоа не би било полезно за вас. {13:18} Молете се за нас, зашто сме уверени дека имаме добра совест, и сакаме да се владееме добро во сè. {13:19} Уште повеќе ве молам да го правите тоа, за да ви бидам поскоро вратен. {13:20} А Бог на мирот, Кој преку крвта на вечниот завет Го изведе од мртвите Великиот Пастир на овците, нашиот Господ Исус, {13:21} да ве усоврши во секое добро за да ја извршувате Неговата волја, вршејќи го во нас она, што е угодно пред Него, преку Исуса Христа, Кому да биде слава во вечни векови. Амин! {13:22} Ве молам, браќа, да не ви биде тешко да го примите оваа слово на утеха, зашто ви го напишав накратко. {13:23} Знајте дека нашиот брат Тимотеј е ослободен, ако дојде скоро, со него ќе ве видам. {13:24} Поздравете ги сите ваши водачи и сите свети. Ве поздравуваат од Италија. {13:25} Благодатта со сите вас. Амин!