{1:1} Она, што беше од почетокот, што го чувме, што го видовме со своите очи, што го набљудувавме и што го опипаа нашите раце, за Словото на Животот - {1:2} и животот се јави, и ние Го видовме и сведочиме и ви навестуваме вечен живот, Кој беше со Таткото, и ни се јави нам - {1:3} она, што го видовме и чувме, тоа ви го навестуваме и вам, за да имате и вие заедништво со нас. А нашето заедништво е со Таткото и со Неговиот Син Исус Христос. {1:4} Ние ви го пишуваме ова, за да биде вашата радост полна. {1:5} И ова е веста што ја чувме од Него и што ви ја јавуваме вам: Бог е светлина и во Него нема никаква темнина. {1:6} Ако речеме дека имаме заедништво со Него, а одиме во темнина, лажеме и не ја вршиме вистината. {1:7} Ако пак одиме во светлина, како што е Тој Самиот во светлина, имаме заедница еден со друг, и крвта на Неговиот Син Исуса Христа нè очистува од секој грев. {1:8} Ако речеме дека немаме грев се измамуваме сами себе, и вистината не е во нас. {1:9} Ако ги исповедаме своите гревови, Тој е верен и праведен: да ни ги прости гревовите и да нè очисти од секоја неправда. {1:10} Ако речеме дека не сме згрешиле Него Го правиме лажец, и Неговото слово не е во нас. {2:1} Дечиња мои, ова ви го пишувам за да не згрешите; и ако некој згреши, имаме Бранител при Таткото: Исуса Христа, Праведникот. {2:2} Тој е жртва помирница за нашите гревови; не само за нашите, туку и за гревовите на целиот свет. {2:3} И по тоа знаеме дека сме Го познале, ако ги пазиме Неговите заповеди. {2:4} Кој вели: „Го познав”, а не ги пази Неговите заповеди, лажец е и вистината не е во него. {2:5} А кој го пази Неговото слово, во него, навистина, љубовта кон Бога стигнала до совршенство. По тоа знаеме дека сме во Него. {2:6} Кој вели дека останува во Него, тој треба да оди, како што одеше Тој. {2:7} Возљубени, не ви пишувам нова заповед, туку старата заповед, што ја примивте од почеток; старата заповед е словото, што сте го чуле. {2:8} Но сепак ви пишувам нова заповед; - и тоа е вистинско и во Него и во вас - зашто темнината поминува, а вистинската светлина веќе свети. {2:9} Кој вели дека е во светлината, а го мрази својот брат, тој е досега во темнината. {2:10} Кој го љуби својот брат останува во светлината и во него нема соблазан. {2:11} А кој го мрази својот брат во темнината е и во темнината оди, и не знае каде оди, зашто темнината му ги заслепила очите. {2:12} Ви пишувам, дечиња, зашто ви се простени гревовите, заради Неговото име. {2:13} Ви пишувам, татковци, зашто Го познавте Оној, Кој е од почетокот; ви пишувам вам, млади, зашто го победивте лукавиот. Ви напишав, дечиња, зашто Го познавте Таткото. {2:14} Ви напишав, татковци, зашто Го познавте Оној, Кој е од почеток. Ви напишав, млади, зашто сте силни и зашто Божјото слово пребива во вас и зашто го победивте лукавиот. {2:15} Не сакајте го светот, ниту она што е во светот. Ако некој го сака светот, љубовта од Бога Таткото не е во него, {2:16} зашто сè што е во светот: - похотта на телото, похотта на очите и гордоста на животот, не е од Таткото, туку од светот. {2:17} А светот поминува и неговата похот, а кој ја извршува Божјата волја останува довека. {2:18} Деца, последен час е; и, како што сте чуле дека антихрист иде, така сега се подигнаа многу антихристи; по тоа знаеме дека е последниот час. {2:19} Од нас излегоа, но не беа од нас, зашто ако беа од нас, ќе останеа со нас, туку требаше да се покаже дека не се сите од нас. {2:20} А вие имате помазание од Светиот и знаете сè. {2:21} Не ви пишав како да не ја знаете вистината, туку зашто ја знаете и зашто ниедна лага не е од вистината. {2:22} Кој е лажецот, ако не оној, кој одречува дека Исус е Христос? Ова е антихрист - кој ги одречува Таткото и Синот. {2:23} Секој, што Го одречува Синот Го нема ни Таткото; кој Го исповедува Синот, Го има и Таткото. {2:24} Што чувте од почетокот тоа да остане во вас. Ако остане во вас она што го чувте од почетокот, и вие ќе останете во Синот и Таткото. {2:25} А ова е ветувањето што Тој ви го вети: вечен живот. {2:26} Ова ви го пишав заради оние, кои ве заведуваат. {2:27} А вие, во вас останува помазанието што го примивте од Него и не е потребно некој да ве поучува, туку како што Неговото помазание ве учи за сè, и е вистинско и не е лага, и како што ве научи, така останете во Него. {2:28} И сега, дечиња, останете во Него, за да имаме смела доверба кога ќе се јави Тој и за да не се засрамиме пред Него, при Неговото доаѓање. {2:29} Ако знаете дека Тој е праведен, знајте дека секој кој врши правда, е роден од Него. {3:1} Гледајте каква љубов ни дал Таткото: да се наречуваме Божји деца. А тоа и сме! Затоа светот не нè познава нас, зашто не Го позна Него. {3:2} Возљубени, сега сме Божји деца, и уште не се откри што ќе бидеме; но знаеме: кога ќе се открие ќе Му бидеме слични, зашто ќе Го гледаме Онаков Каков што е. {3:3} И секој кој ја има оваа надеж во Него, се очистува самиот, како што е и Тој чист. {3:4} Секој кој врши грев, врши и беззаконие; и гревот е беззаконие. {3:5} И знаете дека Тој се јави за да ги отстрани гревовите, а во Него нема грев. {3:6} Секој кој останува во Него, не греши; секој кој греши, не Го видел Него, ниту Го познал. {3:7} Дечиња, никој да не ве заблудува. Кој врши правда праведен е, како што е Тој праведен. {3:8} Кој врши грев од ѓаволот е, зашто ѓаволот греши од почетокот. Затоа се јави Божјиот Син, за да ги разурне делата на ѓаволот. {3:9} Секој, Кој е роден од Бога не врши грев, зашто Неговото семе останува во него; и не може да греши, зашто е роден од Бога. {3:10} По ова се познаваат Божјите деца и ѓаволските деца: секој, кој не врши правда и не го љуби својот брат, не е од Бога. {3:11} Зашто ова е веста што ја чувте од почеток: да се љубиме еден со друг! {3:12} Не како што Каин беше од лукавиот и го уби брата си. И зошто го уби? Зашто неговите дела беа зли, а на брата му - праведни. {3:13} Не чудете се, браќа, ако светот ве мрази. {3:14} Ние знаеме дека преминавме од смртта во живот, зашто ги љубиме браќата. Кој не го љуби братот свој, тој пребива во смртта. {3:15} Секој, кој го мрази својот брат, е човекоубиец, а знаете дека во ниеден човекоубиец не пребива вечен живот. {3:16} По тоа ја познавме љубовта, што Тој го положи својот живот за нас; и ние сме должни да ги положиме своите животи за браќата. {3:17} А кој има светски блага и го види брата си во немаштина, па го затвори своето срце кон него, како ќе остане Божјата љубов во него? {3:18} Дечиња мои, да не љубиме со зборови или само со јазикот, туку во дело и вистина. {3:19} По тоа ќе познаеме дека сме од вистината, па ќе ги увериме своите срца пред Него, {3:20} зашто кога нашето срце нè осудува, Бог е поголем од нашето срце и знае сè. {3:21} Возљубени, ако срцето не нè осудува, имаме смелост пред Бога, {3:22} и што и да Го замолиме, примаме од Него, зашто ги пазиме Неговите заповеди и правиме што е благоугодно пред Него. {3:23} А Неговата заповед е оваа: да веруваме во името на Неговиот Син Исус Христос и да се љубиме еден со друг, како што ни заповедал. {3:24} И кој ги пази Неговите заповеди, останува во Него и Тој - во него. И по тоа знаеме дека Тој останува во нас: по Духот Кого ни Го дал. {4:1} Возљубени, не верувајте му на секој дух, туку испитувајте ги духовите - дали се од Бога, зашто многу лажни пророци излегоа во светот. {4:2} По ова познавајте го Духот на Бога: секој дух кој исповедува дека Исус Христос дојде во тело, од Бога е; {4:3} а секој дух кој не исповедува дека Исус Христос дојде во телото, не е од Бога; тоа е духот на антихристот, за кого сте чуле дека иде, и сега е веќе во светот. {4:4} Вие сте од Бога, дечиња, и вие ги победивте, зашто е поголем Оној, Кој е во вас, отколку оној, кој е во светот. {4:5} Тие се од светот, затоа зборуваат светски и светот ги слуша. {4:6} Ние сме од Бога, кој Го познава Бога нè слуша нас; кој не е од Бога не нè слуша нас. По тоа го познаваме духот на вистината и духот на заблудата. {4:7} Возљубени, да се љубиме еден со друг, зашто љубовта е од Бога и секој кој љуби од Бога е роден и Го познава Бога. {4:8} А кој не љуби, не Го познава Бога, зашто Бог е љубов. {4:9} Во тоа ни се откри Божјата љубов, кон нас, што Бог Го испрати во светот Својот Единороден Син за да живееме преку Него. {4:10} Љубовта е во ова: не дека ние сме Го возљубиле Бога, туку Тој нè возљуби нас и Го испрати Својот Син како жртва помирница за нашите гревови. {4:11} Возљубени, ако Бог нè возљуби така, и ние треба да се љубиме еден со друг. {4:12} Бога никој никогаш не Го видел; ако се љубиме еден со друг, Бог останува во нас и Неговата љубов стана совршена во нас. {4:13} По тоа познаваме дека остануваме во Него и Тој во нас, што ни дал од Својот Дух. {4:14} И ние гледавме и сведочевме дека Бог Таткото Го испрати Синот како Спасител на светот. {4:15} Ако некој исповеда дека Исус е Син Божји, Бог останува во него и тој во Бога. {4:16} И ние ја запознавме и верувавме во љубовта, која Бог ја има кон нас. Бог е љубов: и кој останува во љубовта, останува во Бога и Бог останува во него. {4:17} Љубовта во нас дојде до совршенство во тоа: ние да имаме смелост во Судниот Ден, зашто каков е Тој, такви сме и ние во светов. {4:18} Во љубовта нема страв, туку совршената љубов го изгонува стравот; зашто стравот вовлекува казна; а кој се бои, не дошол до совршенство во љубовта. {4:19} Ние Го љубиме, зашто прво Тој нè возљуби нас. {4:20} Ако некој рече: „Го љубам Бога”, а го мрази брата си, лажец е; зашто кој не го љуби брата си, кого го видел, не може да Го љуби Бога, Кого не Го видел. {4:21} И оваа заповед ја имаме од Него: кој Го љуби Бога, да го љуби и својот брат. {5:1} Секој, кој верува дека Исус е Христос, роден е од Бога; секој, кој го љуби Родителот, го љуби и оној, кој е роден од Него. {5:2} По тоа познаваме дека ги љубиме Божјите деца: кога Го љубиме Бога и ги пазиме Неговите заповеди. {5:3} Зашто ова е љубовта Божја: да ги исполнуваме Неговите заповеди; а Неговите заповеди не се тешки, {5:4} зашто сè што е родено од Бога, го победува светот; и ова е победата која го победи светот: нашата вера. {5:5} Кој е тој, кој го победува светот, ако не оној, кој верува дека Исус е Божји Син? {5:6} Тој е Оној Кој дојде преку вода и крв, Исус Христос; не само со водата, туку со водата и со крвта; и Духот е Оној Кој сведочи, зашто Духот е вистината. {5:7} (Зашто тројца се Кои сведочат во небото: Таткото, Словото и Светиот Дух; и Овие Три се едно). {5:8} И тројца се Кои сведочат на земјата: Духот и водата и крвта, и овие три се согласни. {5:9} Ако го примаме сведоштвото на луѓето, Божјото сведоштво е поголемо. А ова е Божјото сведоштво, дека сведочеше за Својот Син. {5:10} Кој верува во Божјиот Син, го има сведоштвото во себе; кој не Му верува на Бога, Го направил лажец, зашто не поверувал во сведоштвото, кое Бог го сведочел за Својот Син. {5:11} И ова е сведоштвото: Бог ни даде вечен живот, и тој живот е во Неговиот Син. {5:12} Кој Го има Синот, има живот; кој Го нема Божјиот Син, нема живот. {5:13} Ова ви го напишав вам, кои верувате во името на Божјиот Син, за да знаете дека имате вечен живот и да верувате во името на Божјиот Син. {5:14} И ова е смелоста која ја имаме кон Него: дека нè слуша ако просиме нешто по Неговата волја. {5:15} И кога знаеме дека нè слуша, што и да Го молиме, знаеме дека ги имаме добиено молбите што ги побаравме од Него. {5:16} Ако некој го види својот брат да врши грев, што не води кон смрт, нека моли, и ќе му даде живот, имено на оние, кои не вршат грев што води кон смрт. Има грев што води во смрт, за тој грев не велам да моли. {5:17} Секоја неправда е грев, а има грев што не води во смрт. {5:18} Знаеме дека ниеден, кој е роден од Бога, не греши, туку родениот од Бога се пази себеси и лукавиот не се допира до него. {5:19} Знаеме дека ние сме од Бога, а целиот свет е во власта на лукавиот. {5:20} Исто така, знаеме дека Божјиот Син дојде и ни даде разум, за да Го познаеме Вистинскиот. И ние сме во Вистинскиот, во Неговиот Син Исус Христос. Тој е вистински Бог и вечен живот. {5:21} Дечиња, пазете се од идолите. Амин!