{1:1} Од старешината, до избраната госпоѓа и нејзините деца, кои ги љубам во вистина, и не само јас, туку и сите, кои ја познаа вистината, {1:2} заради вистината, што останува во нас и што ќе биде со нас довека. {1:3} Благодат, милост и мир ќе бидат со нас од Бог Таткото и од Господа Исуса Христа, Синот на Таткото, во вистина и љубов. {1:4} Многу се зарадував зашто меѓу твоите деца најдов такви, кои одат во вистината, како што примивме заповед од Таткото. {1:5} И сега те молам, госпоѓо, - не како да ти пишувам нова заповед, туку онаа што ја имавме од почеток: да се љубиме еден друг. {1:6} А љубов е ова: да одиме според Неговите заповеди. Тоа е заповедта, како што чувте од почетокот, во која треба да одите. {1:7} Зашто многу измамници излегоа во светот, кои не исповедаат дека Исус Христос дојде во тело; - тоа е измамник и антихрист. {1:8} Пазете се да не го изгубите она што сме го спечалиле, туку да примите полна награда. {1:9} Секој, кој оди натаму и не останува во Христовата наука, Го нема Бога. Кој останува во Христовата наука, тој Го има и Таткото и Синот. {1:10} Ако некој дојде при вас и не ја донесе оваа наука, не примајте го во домот и не поздравувајте го; {1:11} зашто кој го поздравува, учествува во неговите зли дела. {1:12} Имам многу да ви пишувам, ама не сакам со книга и мастило, туку се надевам дека ќе ви дојдам и усно да зборувам со вас, за да биде нашата радост полна. {1:13} Те поздравуваат децата на твојата избрана сестра. Амин!