{1:1} Во она време, кога управуваа судиите, настана глад во земјата. И еден човек од Витлеем Јудејски отиде да живее во Моавските полиња, заедно со жена си и двајцата синови. {1:2} Името на тој човек му беше Елимелех, името на жена му Ноемина, а двајцата синови негови се викаа Малон и Килион: тие беа од родот на Ефрата, од Витлеем Јудејски. И дојдоа во моавските полиња и останаа таму. {1:3} Елимелех, мажот на Ноемина, умре, и таа остана со двајцата синови свои. {1:4} Тие си зедоа за жени Моавки – на едната името и беше Орпа, а на другата – Рута; и живееја таму околу десет години. {1:5} Но подоцна и обајцата синови нејзини, Малон и Килион, умреа, и остана таа жена без двајцата синови свои и без мажот свој. {1:6} Тогаш таа се крена со снаите свои за да замине од моавските полиња, бидејќи беше чула во моавските полиња дека Бог го посетил Својот народ и му дал леб. {1:7} И таа тргна од она место, каде што живееше, и двете снаи нејзини со неа. Кога одеа по патот, враќајќи се во јудејската земја, {1:8} Ноемина им рече на двете свои снаи: „Одете и вратете се секоја во куќата на својот татко; Господ нека ви направи милост, според тоа како постапувавте со покојните и со мене! {1:9} Нека ви даде Господ да најдете прибежиште секоја во куќата на својот маж!” И ги бакна. Но тие повикаа, и заплакаа, па {1:10} и рекоа: „Не, ние ќе се вратиме со тебе кај твојот народ.” {1:11} А Ноемина рече: „Вратете се, ќерки мои; зошто ќе доаѓате со мене? Зарем уште имам во утробата своја синови, кои би ви станале мажи? {1:12} Вратете се, ќерки мои, одете си, бидејќи сум веќе стара и не можам да се омажам; па и да речев: ‚уште имам надеж’, и дури оваа ноќ да се омажам и подоцна да родам синови, {1:13} ќе можете ли да чекате додека да пораснат? Можете ли да се воздржите да не се омажите? Не, ќерки мои, многу ми е жал за вас, зашто раката Господова се сврте против мене.” {1:14} Тие повикаа и пак заплакаа. И Орпа се прости со свекрвата своја, (и се врати кај својот народ), а Рута остана со неа. {1:15} Ноемина и рече на Рута: „Ете, твојата јатрва се врати кај својот народ и кај своите богови; врати се и ти по јатрвата своја.” {1:16} Но Рута одговори: „Не ме принудувај да те оставам и да се одделам од тебе; каде што ќе одиш ти, таму ќе дојдам и јас, и каде ќе живееш ти, таму ќе живеам и јас; твојот народ ќе биде мој народ, и твојот Бог – мој Бог; {1:17} и каде што ќе умреш ти, таму и јас ќе умрам и ќе бидам погребана; Господ нека ме казни и уште полошо нека ми додаде, ако нешто друго освен смртта ме раздели од тебе.” {1:18} Ноемина, откако виде дека таа цврсто е решена да оди со неа, престана да и зборува. {1:19} И одеа тие двете додека стигнаа до Витлеем; целиот град се возбуди поради нив, и прашуваа: „Оваа ли е Ноемина?” {1:20} Таа им рече: „Не ме викајте Ноемина, викајте ме Мара, зашто Семоќниот ме исполни со премногу горчина. {1:21} Јас излегов одовде полна, а Господ ме врати празна: зошто да ме викате Ноемина, кога Господ ме принуди да страдам, Семоќниот ми испрати несреќа?” {1:22} И Ноемина се врати, а заедно со неа и снаата нејзина, Моавката Рута, која дојде од моавските полиња; тие пристигнаа во Витлеем, кога беше почнала жетвата на јачменот. {2:1} Ноемина имаше роднина по мажот, човек многу имотен, од родот на Елимелех, по име Вооз. {2:2} И Моавката Рута и рече на Ноемина: „Ќе тргнам по нивјето и ќе собирам класје по оној во чии очи ќе најдам милост.” Таа и одговори: „Оди, ќерко.” {2:3} Таа отиде и почна да собира на една нива класје по жетварите. И се покажа дека таа нива му припаѓа на Вооз, кој беше од родот Елимелехов. {2:4} И ете, Вооз дојде од Витлеем и им рече на жетварите: „Господ со вас.” Тие му одговорија: „Нека те благослови Господ!” {2:5} И Вооз го запраша слугата свој, надгледувачот на жетварите: „Чија е онаа млада жена?” {2:6} Слугата надзорник над жетварите, одговори и рече: „Таа млада жена е Моавка, дошла со Ноемина од моавските полиња; {2:7} таа ни рече: ‚Оставете ме да берам и да собирам меѓу снопјата по жетварите’; дојде и остана тука од утрината досега; таа малку останува дома.” {2:8} И Вооз и рече на Рута: „Слушај, ќерко моја, не оди да собираш на друга нива и не си оди оттука, туку остани со моите слугинки; {2:9} гледај на која нива тие жнеат, и оди со нив; ете јас им заповедав на слугите свои да не ти пречат; кога ќе ожедниш, оди кај садовите и пиј, од каде што црпат слугите мои.” {2:10} Таа падна ничкум, се поклони до земја и му рече: „Со што заслужив толкава милост во твоите очи, па ме примаш, иако сум туѓинка?” {2:11} Вооз и одговори и и рече: „Ми рекоа за сè што си направила за свекрвата своја по смртта на мажот твој дека си оставила татко, мајка и татковина и си дошла меѓу народ кој не си го познавала до вчера и завчера; {2:12} Господ нека ти возврати за твоето дело, и да добиеш полна награда од Господ, Бог Израелов, кај Кого си дошла за да се засолниш под Неговите крилја!” {2:13} Таа одговори: „Можеби ќе најдам милост пред очите твои, господаре мој! Ти ме утеши и и зборуваше од срце на робинката своја, макар и да не вредам ни колку една слугинка твоја.” {2:14} И и рече Вооз: „Кога ќе приближи времето за јадење, дојди тука и јади леб и топи го залакот свој во оцет.” И таа седна покрај жетварите. Тој и даде леб; таа јадеше, се најаде, и уште и остана. {2:15} И стана да собира класје. Вооз им заповеда на слугите и рече: „Нека собира и меѓу снопјата, и не ја навредувајте; {2:16} дури и од снопјата потфрлувајте и оставајте; нека собира и немојте да ја прекорувате.” {2:17} Така собираше таа на нивата до вечерта и го исчука собраното и тоа даде близу една ефа јачмен. {2:18} Откако го зеде тоа, отиде во градот, и свекрва и виде, колку беше собрала таа. И (го извади Рута од пазувите свои) и го даде она, што и беше останало, откако се беше најала. {2:19} И и рече свекрвата: „Каде береше денес и каде работеше? Да биде благословен оној што те примил!” Рута и кажа на свекрвата своја, кај кого работела, и рече: „Човекот, кај кого денес работев, се вика Вооз.” {2:20} И и рече Ноемина на снаата своја: „Нека е благословен од Господ, поради тоа што не ги лиши од милоста своја ниту живите, ниту умрените!” И и рече Ноемина: „Тој човек ни е близок; тој е наш роднина.” {2:21} Моавката Рута одговори: „Тој дури ми рече – остани кај моите слугинки, додека да ја завршат целата жетва.” {2:22} И и рече Ноемина на снаата Рута: „Добро е, ќерко, тоа што си одела со неговите слугинки, и така барем нема да те задеваат на друга нива.” {2:23} Така се приклучи таа кон Воозовите слугинки и собираше класје додека заврши јачменовата жетва и пченичната жетва, и живееше со својата свекрва. {3:1} Ноемина, нејзината свекрва, и рече: „Ќерко моја, ајде да ти побарам спокојно место за да ти биде подобро. {3:2} Ете, Вооз, со чии слугинки беше ти, е наш роднина, оваа ноќ тој го вее јачменот на гумното; {3:3} затоа измиј се, намачкај се, промени се и оди на гумното, но не му се покажувај додека не заврши со јадењето и пиењето; {3:4} а кога ќе легне да спие, дознај го местото, каде ќе легне; тогаш оди, откриј го откај нозете негови и легни; тој ќе ти каже што да правиш.” {3:5} Рута и рече: „Ќе направам сè, како што ми кажа.” {3:6} И отиде на гумното и направи сè онака, како што и порача свекрвата нејзина. {3:7} Вооз се најаде и се напи, и го развесели срцето свое, и отиде, па легна да спие до стогот. И таа отиде полека, го откри откај нозете негови и легна. {3:8} На полноќ тој се тргна, се обѕрна, и еве покрај нозете негови лежи жена. {3:9} И тој рече: „Која си ти?” Таа одговори: „Јас сум Рута, твоја робинка, рашири го крилото од својата наметка над својата робинка, зашто си ми близок роднина.” {3:10} Вооз и рече: „Благословена да си од Господ, ќерко! Овој твој чин на милосрдие е подобар од првиот, зашто не отиде да бараш момци, бедни или богати; {3:11} затоа не плаши се, ќерко! Јас ќе направам за тебе сè, што кажа ти; зашто на секоја порта кај мојот народ знаат дека ти си чесна жена; {3:12} иако е точно дека сум ти роднина, но има друг роднина, поблизок од мене. {3:13} Остани оваа ноќ; а утре, ако тој те земе, добро, нека те земе, ако, пак, не те земе, јас ќе те земам; се колнам во живиот Господ! Спиј до утре!” {3:14} И преспа таа покрај нозете негови до утрината и стана, пред да можат да се распознаат еден со друг, зашто Вооз рече: „Да не се знае дека доаѓала жена на гумното.” {3:15} И и рече: „Дај ја наметката што е на тебе, подржи ја.” Таа ја држеше, и тој и измери шест мери јачмен, ја натовари и си отиде во градот. {3:16} А Рута дојде кај свекрва и. Таа ја запраша: „Што направи, ќерко?” Таа и раскажа сè, што беше направил оној човек за неа. {3:17} Таа рече: „Тој ми ги даде овие шест мери јачмен и ми рече: ‚Не оди со празни раце кај свекрвата своја!’” {3:18} Таа и рече: „Почекај, ќерко, додека да дознаеш, како ќе се сврши работата; зашто тој човек нема да се успокои додека не ја сврши денес таа работа.” {4:1} Вооз излезе пред градските порти и таму седна. И ете, минува оној роднина, за кого говореше тој. И му рече: „Дојди и седни тука!” Тој дојде и седна. {4:2} Вооз повика десет мажи од градските старешини и рече: „Седнете тука!” И тие седнаа. {4:3} И Вооз му рече на роднината: „Ноемина, која се врати од моавските полиња, го продава делот од нивата, што му припаѓа на братот наш Елимелех; {4:4} јас решив да ти јавам и да ти кажам: ‚Купи го пред седнативе тука – старешините на мојот народ. Ако сакаш да го откупиш, откупи го; ако, пак, решиш да не го откупиш, кажи ми, за да знам, зашто, освен тебе, нема кој да го откупи, а по тебе сум јас.’” Тој одговори: „Јас ќе го откупам.” {4:5} Вооз рече: „Штом ја откупуваш нивата од Ноемина, треба да ја земеш за сопруга и Моавката Рута, жена на умрениот, за да остане нивата во наследството на нејзиниот починат маж.” {4:6} А оној роднина одговори: „Јас не можам да ја откупам, зашто ќе го растурам моето наследство; преземи го ти моето право на откупување, бидејќи јас не можам да ја земам.” {4:7} Порано во Израел, кога се откупуваше и разменуваше нешто, заради потврдување на размената постоеше ваков обичај: едниот ја собуваше обувката своја и му ја даваше на другиот, и тоа служеше како сведоштво во Израел. {4:8} И оној роднина му рече на Вооз: „Откупи го ти!” И ја собу обувката своја, и му ја даде. {4:9} И Вооз им кажа на старешините и на целиот народ: „Вие сте сега сведоци дека јас го купувам од Ноемина сето Елимелехово и сето Килионово и Малоново наследство; {4:10} исто така ја земам за жена и Моавката Рута, Малоновата жена за да го востановам името на умрениот во неговото наследство за да не исчезне името на умрениот меѓу браќата негови и од неговиот роден град; вие сте ми денес сведоци за тоа.” {4:11} И сиот народ што беше при градските порти, и старешините рекоа: „Ние сме сведоци. Нека даде Господ, жената, која влегува во куќата твоја, да биде како Рахила и Лија, кои и обете го изградија домот Израелов; збогатувај се во родот Ефратов, и нека се слави името твое во Витлеем; {4:12} И со потомството, кое Господ ќе ти го даде од оваа млада жена, нека стане твојот дом како домот на Фарес, кого Тамара му го роди на Јуда.” {4:13} И Вооз ја зеде Рута, и таа му стана жена. И тој влезе кај неа, и Господ и даде, та зачна и роди син. {4:14} И и велеа жените на Ноемина: „Нека е благословен Господ, зашто не те остави денес без наследник! И нека биде славно името негово во Израел. {4:15} Тој ќе ти биде обнова на животот и прехрана во старите денови твои, зашто е рожба на снаата твоја, која те сака и која ти вреди повеќе од седум синови.” {4:16} И Ноемина го зеде детето и го носеше во прегратките свои и се грижеше за него. {4:17} Сосетките му дадоа име, велејќи: „На Ноемина и се роди син”, и го нарекоа Овид. Тој е татко на Јесеј, таткото Давидов. {4:18} А ова се потомците на Фарес: Фарес го роди Есром; {4:19} Есром го роди Арам; Арам го роди Аминадав; {4:20} Аминадав го роди Наасон; Наасон го роди Салмон; {4:21} Салмон го роди Вооз; Вооз го роди Овид; {4:22} Овид го роди Јесеј; Јесеј го роди Давид.