{1:1} Блажен е оној, што не го следи советот на безбожниците, не застанува на пат на грешници и не седи во друштво на развратници, {1:2} туку му омилел Законот Господов и за Законот Негов дење и ноќе грижливо размислува; {1:3} тој е како дрво посадено крај вода изворска, кое својот род го дава навреме, и чиј лист не венее; и во сè што прави, напредува. {1:4} Но не се такви безбожниците; тие се како прав, што го разнесува ветрот. {1:5} Затоа безбожниците нема да се одржат на судот, ниту грешниците - во соборот на праведните. {1:6} Зашто Господ го знае патот на праведните; патот, пак, безбожнички ќе пропадне. {2:1} Зошто се бунат народите, и племињата смислуваат лоши работи? {2:2} Се креваат царевите земски, и кнезовите се собираат заедно против Господ и Неговиот Помазаник. {2:3} „Да ги раскинеме веригите нивни и да го отфрлиме од себе јаремот нивни.” {2:4} Оној, Кој живее на небесата, им се смее, Господ им се подбива. {2:5} Тогаш во гневот Свој ќе им говори и со јароста Своја ќе ги вџаши, велејќи: {2:6} „Јас си поставив Свој цар на Сион, на Мојата света гора!” {2:7} за да ја објавам одлуката Господова: Господ Ми рече: „Ти си Мој Син, Јас денес Те родив.” {2:8} И побарај од Мене, и ќе Ти ги дадам народите во Твое наследство, и краиштата на земјата - во Твое владеење. {2:9} Ти ќе ги пасеш со железен жезол; ќе ги разбиваш како грнчарски сад. {2:10} И сега цареви, вразумете се; поучете се, судии земни! {2:11} Служете Му на Господ со страв и со трепет. {2:12} Почитувајте Го Синот, та да не се разгневи, и на патот свој да не погинете; зашто Неговиот гнев брзо ќе се разгори. Блажени се сите, кои кај Него прибегнуваат. {3:1} Господи, колку многу се намножија противниците мои! Мнозина се креваат против мене; {3:2} мнозина велат за душата моја: нема помош за него во Бога! {3:3} Но Ти, Господи, си штит мој, слава моја; Ти ја подигаш главата моја. {3:4} Со гласот свој викам кон Господ, и Тој ме слуша од Својата света гора. {3:5} Легнувам, спијам и станувам, зашто Господ ме чува. {3:6} Не се плашам од многу илјади луѓе, што од сите страни навалиле на мене. {3:7} Стани Господи! Спаси ме, Боже мој! Зашто Ти ги удираш по лице сите мои непријатели и им ги здробуваш забите на грешниците. {3:8} Од Господ е спасението. Твојот благослов нека биде врз народот Твој. {4:1} Кога викам, чуј ме, Боже, правдо моја! Кога бев притеснет, Ти ми даде простор. Смилувај ми се и слушни ја молитвата моја. {4:2} Синови човечки, до кога ќе ја срамотите славата Моја? До кога ќе сакате суета и ќе барате лага? {4:3} Знајте дека Господ го запазил Својот верен; Господ слуша кога викам кон Него. {4:4} Не грешете, гневејќи се; размислете во срцата свои и на постелите свои, и замолкнете! {4:5} Принесете жртва на правда и надевајте се на Господ. {4:6} Мнозина велат: ќе видиме ли нешто добро? Осветли нè со светлината на лицето Свое, Господи! {4:7} А мене Ти си ми го исполнил срцето со радост поголема отколку онаа кога ќе се роди во изобилие пченица и вино. {4:8} Затоа мирно легнувам и спијам; зашто Ти, Господи, ми даваш спокојна починка. {5:1} Чуј ги, Господи, зборовите мои, разбери ги воздишките мои. {5:2} Чуј го гласот на мојот повик, Царе мој и Боже Мој, зашто Тебе Ти се молам! {5:3} Наутро го слушаш гласот мој, наутро застанувам пред Тебе и чекам. {5:4} Зашто Ти си Бог, Кој не сака беззаконија; за лошиот нема место кај тебе: {5:5} безбожниците нема да опстојат пред очите Твои; Ти ги мразиш сите што вршат неправда. {5:6} Ти ги уништуваш сите лажливци; од крвопиец и лукав Господ се гнаси. {5:7} А јас, пак, според Твојата голема милост, ќе влезам во Твојот храм и ќе паднам ничкум пред Твоето светилиште, со почит кон Тебе. {5:8} Господи, води ме во Твојата правда, поради непријателите мои, патот Твој пред мене порамни го. {5:9} Зашто во устата нивна нема вистина; во срцето им е измама; грлото им е отворен гроб; на јазикот, пак, ласкање. {5:10} Казни ги, Боже, нека пропаднат од сопствените совети; поради многуте нечесни работи отфрли ги, бидејќи се кренаа против Тебе. {5:11} Па нека се зарадуваат сите, кои прибегнуваат кај Тебе: вечно нека се радуваат. Закрили ги, нека се радуваат во Тебе оние, што го сакаат името Твое. {5:12} Зашто Ти, Господи, го благословуваш праведниот и со милоста Своја го закрилуваш, како со штит. {6:1} Господи, не карај ме во јароста Своја и не казнувај ме во гневот Свој. {6:2} Смилувај се на мене, Господи, бидејќи сум немоќен; исцели ме, Господи, зашто коските ми се тресат; {6:3} и душата ми е потресена. А Ти, Господи до кога? {6:4} Врати се, Господи, избави ја душата моја, спаси ме поради милоста Своја, {6:5} бидејќи мртвите не Те спомнуваат Тебе; во пеколот кој ќе Те слави Тебе? {6:6} Се уморив воздивнувајќи; секоја ноќ го навлажнувам леглото мое, со солзи свои ја натопувам постелата моја. {6:7} Од скрб ми се помрачи окото мое, ми ослабе поради сите мои непријатели. {6:8} Отстапете од мене сите вие, кои вршите неправда, зашто Господ го услиша гласот на мојот плач. {6:9} Господ ја услиша молбата моја, Господ ја прими молитвата моја. {6:10} Ќе се посрамат и уплашат сите мои непријатели; ќе се повлечат и веднаш ќе се засрамат. {7:1} Господи, Боже мој, кај Тебе се засолнувам, спаси ме од сите што ме гонат, и избави ме; {7:2} Зашто тие како лавови ќе ме зграбат, ќе ме влечат, а ќе нема кој да спасува. {7:3} Господи, Боже мој, ако го направив тоа, ако има неправда во рацете мои; {7:4} ако зло им вратив на пријателите мои, или без причина сум ги ограбил непријателите, {7:5} нека ја гони непријателот душата моја, и нека ја стигне, и нека го згази животот мој на земјава, душата во прав нека ми ја претвори. {7:6} Стани, Господи, во гневот Свој; крени се против жестината на непријателите мои; стани, Господи, Ти Си одредил суд. {7:7} Нека се собере народен собир околу Тебе; и Ти издигни се над него високо. {7:8} Господ им суди на народите. Суди ми, Господи, според правдата моја и според невиноста моја. {7:9} Стави и крај на злобата на нечестивите, а праведниот зацврсти го, Ти, кој ги испитуваш срцата и бубрезите, праведен Боже. {7:10} Бог ми е штит, Тој ги спасува оние што се со чисти срца. {7:11} Бог е праведен судија, и секојдневно предупредува. {7:12} Ако не се покаете, Тој ќе го очисти Своето оружје, ќе го затегне Својот лак и ќе го насочи, {7:13} и затега смртна стрела, а стрелите Свои ги вжарува. {7:14} И, ете, кај безбожникот сè повеќе неправда, па се зачна злоба, а тоа роди беззконие, {7:15} па си копа и ископа јама, и падна во јамата, што ја направи, {7:16} и злобата негова му падна на главата негова, а врз неа и насилството негово слезе. {7:17} Го прославувам Господа поради правдата Негова и Му пеам на името на Господ, Севишниот. {8:1} Јахве, Господи наш, колку е величествено името Твое по целата земја! Си ја издигнал славата Своја над небесата. {8:2} Од устата на новороденчињата и доенчињата си ја создал похвалата Своја заради непријателите Твои, за да го замолкнеш непријателот и одмаздникот. {8:3} Кога ќе ги погледам небесата, дела на прстите Твои, па месечината и ѕвездите, што си ги поставил Ти: {8:4} Што е тоа човек, та си спомнуваш за него, или син човечки, па се грижиш за него? {8:5} Си го направил малку помал од ангелите, но со слава и чест си го овенчал, {8:6} и си го поставил над делата од рацете Твои, и сè си потчинил под нозете негови; {8:7} овците и воловите сите, и ѕверовите полски; {8:8} птиците небески и рибите морски, сè што се движи по морските патишта. {8:9} Јахве, Господи наш, колку е величествено името Твое по целата земја! {9:1} Те прославувам Тебе, Господи, со сето срце свое, ги раскажувам сите чудеса Твои; {9:2} се радувам и се веселам во Тебе, го воспевам името Твое, Севишен! {9:3} Кога се повлекоа непријателите мои, се сопнаа, и погинаа пред Тебе. {9:4} Бидејќи Ти се зазеде за мене и ме одбрани; седна на престолот Свој, досуди праведен суд. {9:5} Им запрети на незнабошците, го погуби нечестивиот; името им го сотре за сите векови. {9:6} Непријателот исчезна во вечни урнатини; градовите му ги разруши, и загина споменот за нив. {9:7} Но Господ вечно седи на престолот; го подготвил престолот Свој за суд; {9:8} Тој ќе му суди на светот според правда, на луѓето ќе им суди праведно. {9:9} Господ им е тврдина на угнетените, крепост во време на неволја. {9:10} Нека се надеваат на Тебе оние кои го знаат името Твое, бидејќи не ги оставаш оние што Те бараат. {9:11} Пејте Му на Господ Кој живее на Сион, кажувајте ги на народите делата Негови; {9:12} бидејќи Тој се одмаздува за крв; ја помни; не ги заборава пискотниците на угнетените. {9:13} Смилувај се, Господи, на мене; погледај како страдам од непријателите мои, Ти, Кој ме избавуваш од портите на смртта. {9:14} За да можам да ги искажам сите славослови за Тебе пред портите на ќерката Сионска и да воскликнувам радосно за спасението Твое. {9:15} Попаѓаа незнабошците во јама, што сами ја направија; во замка, која сами ја наместија, се фати ногата нивна. {9:16} Господ се појави и пресуди; во делата на рацете свои грешникот се заплетува. {9:17} Ќе заминат во пеколот сите грешници, сите народи, кои Бога Го забораваат. {9:18} Зашто нема засекогаш да биде заборавен сиромавиот, и надежта на бедните нема никогаш да пропадне. {9:19} Стани, Господи, за да не се засили човекот; народите нека примаат суд пред Тебе. {9:20} Заплаши ги, Господи, за да разберат незнабошците дека се само луѓе. {10:1} Зошто стоиш далеку Господи, зошто се сокриваш во време на неволји? {10:2} Во горделивоста нечестивиот ги мачи бедните бездушно, и тие паѓаат во замките негови. {10:3} Бидејќи грешникот се гордее со лакомоството на душата своја, колне и Господа го презира. {10:4} Во својата горделивост, грешникот вели: „Ќе нема истрага!”, а во себе мисли: „Бог не постои!” {10:5} Патиштата негови се секогаш успешни, судовите Твои се многу високи, за да мисли на нив, а на непријателите свои им се потсмева. {10:6} И во срцето свое си вели: нема да бидам соборен, во ниеден род зло нема да ме снајде! {10:7} Устата му е полна со клетви, измами и навреди; под јазикот негов пакост и неправда. {10:8} Седи во заседа покрај селата, на скришни места за да убива невини, очите негови демнат беспомошни. {10:9} Исчекува скришум како лав во пештера, со намера да фати беден, и кога ќе фати, го одвлекува во својата мрежа. {10:10} Се притајува, прилегнува и тогаш беспомошниот паѓа совладан. {10:11} Па вели во срцето свое: Бог заборавил, го сокрил лицето Свое, никогаш нема да види. {10:12} Стани, Господи, Боже мој, нека се крене раката Твоја, не ги заборавај угнетените. {10:13} Зошто безбожникот Го презира Бога, зошто во срцето свое да вели - Бог не казнува? {10:14} Но Ти гледаш, зашто ги забележуваш маките и навредите; во Свои раце ги одмеруваш; беспомошниот Тебе Ти се предава, Ти си му помошник на сиракот, бедниот Тебе ти се предава. {10:15} Сотри ја мишката на грешникот и на лукавиот; казни му ја пакоста за да ја нема повеќе! {10:16} Господ е вечен цар, во сите времиња; ќе ги снема незнабошците од земјата Негова. {10:17} Господи, Ти ги слушаш желбите на кротките; закрепи ги срцата нивни, отвори го увото Свое! {10:18} Дај правда за сиракот и за угнетениот, па да престане човекот на земјата да задава страв. {11:1} Кај Господ се засолнувам! Зошто и велите на душата моја: „Одлетај во гората своја како птица, {11:2} зашто грешниците го затегнаа лакот, ја притегнаа стрелата своја на тетивата, па од мрак да стрелаат на чистите по срце. {11:3} Ако темелите се разурнати, што може праведниот да стори?” {11:4} Господ е во својот свет храм. Господ е на престолот небесен; очите Негови гледаат, веѓите Негови ги испитуваат синовите човечки. {11:5} Господ го испитува и праведниот и безбожникот, а Неговата душа ги мрази оние што уживаат во насилство. {11:6} На грешниците ќе пушти дожд од разгорен јаглен, оган и сулфур, а силен ветар ќе им биде дел во чашата нивна. {11:7} Зашто Господ е праведен, ја сака правдата: лицето Негово ќе го гледаат праведниците. {12:1} Помагај, Господи, зашто не остана побожен, ги снема верните меѓу синовите човечки! {12:2} Лага му кажува секој на ближниот свој; од дволично срце устите зборуваат лага. {12:3} Нека ги истреби Господ сите лажливи усти и секој јазик што се возвеличува; {12:4} оние што зборуваат: „Јазикот е наша сила; устата ни е со нас; кој е господар над нас?” {12:5} „Заради страдањата на сиромасите и лелекот на бедните ќе се кренам сега, вели Господ, ќе му донесам спас на оној што копнее по него.” {12:6} Зборовите на Господ се зборови чисти, сребро во оган исчистено од земја, седумпати пречистено. {12:7} Ти, Господи, ќе нè одбраниш и ќе нè запазиш од овој род довека. {12:8} Нечестивите одат наоколу додека ниските работи се возвишуваат меѓу луѓето. {13:1} До кога, Господи, сосема ќе ме забораваш, до кога ќе го одвраќаш лицето Свое од мене? {13:2} До кога ќе носам бол во душата своја, и ќе жалам во срцето свое дење и ноќе? До кога непријателот мој ќе се издига над мене? {13:3} Погледај, слушни ме, Господи, Боже мој! Просветли ги очите мои, за да не заспијам во смрт; {13:4} да не рече непријателот мој: „Го надвив.” Гонителите мои ќе се зарадуваат, ако потклекнам. {13:5} Јас, пак, се надевав на Твојата милост; срцето мое ќе се зарадува заради спасението од Тебе; {13:6} ќе Му пеам на Господ, Кој ми направи добрини и ќе го воспевам името на Севишниот Господ. {14:1} Рече безумниот во срцето свое: „Нема Бог”. Се развратија луѓето, вршат гнасни дела, нема кој да прави добро. {14:2} Господ погледна од небесата со внимание кон синовите човечки, за да види, има ли некој разумен, кој Го бара Бога. {14:3} Сите застранија, сите станаа лоши, нема кој да прави добро, нема ниту еден. {14:4} Зар нема да се вразумат сите злосторници, кои така го јадат народот Мој, како што јадат леб, и кои не Го повикуваат Господа? {14:5} Таму тие ќе се тресат од страв, каде што нема страв, зашто Господ е со родот на праведните. {14:6} Вие ги осуетувате намерите на сиромашниот, но Господ е негово прибежиште. {14:7} Ах, да дојде од Сион спасение на Израел! Кога Господ ќе ги обнови благословите над Својот народ, тогаш ќе се зарадува Јаков, и ќе се развесели Израел. {15:1} Господи, кој може да престојува во Твоето живеалиште? Кој може да се всели на Твојата света гора? {15:2} Оној, што оди непорочно, што врши правда и во срцето свое говори вистина. {15:3} Кој не клевети со јазикот свој, не прави зло на ближниот свој и не го навредува ближниот свој; {15:4} во неговите очи, злобникот е ништожен, а ги почитува оние што имаат страхопочит кон Господ; кој кога се колне на својот ближен, не порекнува; {15:5} кој не дава пари на заем за лихва и не прима поткуп против невин. Кој така постапува, нема никогаш да се поколеба. {16:1} Закрили ме Боже, зашто кај Тебе се засолнувам. {16:2} Му реков на Јахве: „Ти си Господ мој: без Тебе, нема блаженства за мене.” {16:3} По светиите, кои се на земјата - вистинските благородници - со радост копнеам. {16:4} Оние што следат туѓи богови, ги намножуваат своите страдања; јас нема да ги принесувам нивните крвави преливи и со устата своја нема да ги спомнам нивните имиња. {16:5} Господ е дел на моето наследство и од чашата моја. Ти си Оној Кој го држи в раце наследството мое. {16:6} Меѓите ми паднаа на најубавото; зашто наследството ми е најубаво. {16:7} Ќе го благословувам Господа, Кој ме вразумува; па дури и ноќе ме учи мојот внатрешен глас. {16:8} Секогаш пред очи ми е Господ, зашто Тој е од мојата десна страна, за да не се поколебам. {16:9} Заради тоа се радува срцето мое, и воскликнува јазикот мој; па дури и телото мое спокојно почива, {16:10} зашто Ти нема да ми ја оставиш душата моја во пеколот, ниту, пак, светецот Твој да види распаѓање. {16:11} Ти ми го покажа патот на животот; полнота од радост има пред Твоето присуство; вечно блаженство е во Твојата десница. {17:1} Слушни ја, Господи, правдата моја, чуј го мојот повик, прими ја молитвата моја што не излегува од лажлива уста. {17:2} Од Твоето присуство нека излезе пресудата за мене; очите Твои нека ја гледаат правдината. {17:3} Ако го искушаш срцето мое, ако ме посетиш ноќе; ако ме провериш: нема да најдеш злонамерност во мене. Не згреши устата моја, {17:4} како што прават другите; поради зборовите на устата Твоја јас го одбегнував патот на насилниците. {17:5} Стапките мои беа непоколебливи на патиштата Твои, нозете мои не застранија. {17:6} Кон Тебе викам, зашто Ти ќе ме чуеш, Боже; приклони го увото Свое кон мене, и чуј ги зборовите мои. {17:7} Покажи ја чудесната милост Твоја, Ти, кој ги избавуваш оние што се засолнуваат од непријателите - покрај Твојата десница. {17:8} Пази ме како зеница на окото; засолни ме под сенката на Твоите крилја, {17:9} од лицето на нечестивите, кои ме напаѓаат, од непријателите на душата моја, што ме опкружуваат: {17:10} тие срцето свое го затворија за милост, а со устата своја - горделиво зборуваат. {17:11} Гонејќи ме, сега ме опколуваат; тие ги управија очите свои за да ме соборат на земја; {17:12} тие се како лав, подготвен за лов и како лавче, кое стои во заседа. {17:13} Стани, Господи, пресретни ги и собори ги; со Својот меч спаси ја душата моја од нечестивиот, {17:14} а со раката Своја од луѓето, Господи, од луѓето чиј дел е само овој живот. Нека им се наполнат стомаците со твоите добра, нека се наситат нивните синови и нека им остават од вишокот на децата свои. {17:15} А јас ќе го гледам лицето Твое во правда, ќе се наситам од ликот Твој, кога еднаш ќе се покаже славата Твоја. {18:1} Те љубам, Господи, крепост моја! {18:2} Господ е моја карпа, моја тврдина и мој избавител, Бог мој, засолниште мое, во кое се засолнувам; мој штит, сила на спасението мое и крепост моја. {18:3} Ќе Го призовувам Господа, достоен за слава и ќе се спасам од непријателите свои. {18:4} Јажињата на смррта ме испреплетоа, и погубни потоци ме вознемирија; {18:5} пеколни мрежи ме заробија, смртни стапици ме стегнаа. {18:6} Во мојот очај Го повикав Господа и кон мојот Бог извикав. И Тој од Својот свет храм го чу гласот мој, и мојот вик стигна до неговото уво. {18:7} Се затресе и се разниша земјата; затреперија и од темел се поместија горите, зашто Господ се разгневи; {18:8} се крена дим од Неговите носници и од устата Негова пламна оган, кој проголтува сè; вжарени јаглења отскокаа од Него. {18:9} Ги наведна Тој небесата и слезе, - а мрак падна под нозете Негови. {18:10} И седна на херувим, па полета и се понесе на ветерни крилја. {18:11} Од мракот направи Свој заклон, и сенка околу Себе - од густи облаци полни со вода. {18:12} Од молскање бегаа од Него облаците, градот и огнените јаглења. {18:13} И загрме Господ од небесата, и Севишниот го пушти својот глас: град и разгорени јаглења. {18:14} И ги пушти стрелите Свои и ги распрсна, ги распали молњите - и ги растури. {18:15} Морските дна се појавија, и основите на вселената се разоткрија од страшната закана Твоја, Господи, од здивот на носниците Твои. {18:16} Тој посегна од висините, и ме прифати, па ме извлече од многуте води. {18:17} Ме избави од силните мои непријатели и од оние кои ме мразат, од оние што се посилни од мене. {18:18} Тие се кренаа против мене во денот на мојата несреќа, но Господ беше потпора моја. {18:19} Ме изведе Тој на пространо место и ме избави, зашто ме засака. {18:20} Ме награди Господ според мојата правда, и според чистотата на моите раце ми врати, {18:21} зашто ги запазив патиштата на Господ и не се оддалечив од мојот Бог; {18:22} зашто сите заповеди Негови се пред мене, и наредбите Негови не ги отстранив од себе. {18:23} Бев непорочен пред Него и се пазев од беззаконија. {18:24} И ми даде Господ според мојата правда, и по чистотата на рацете мои пред очите Негови. {18:25} Со светиите Ти постапуваш свето, со невин човек - си благ, {18:26} со чистиот - чисто, а со лукавиот -според неговото лукавство, {18:27} зашто Ти ги спасуваш угнетените, а горделивите ќе ги понизиш. {18:28} Зашто Ти го осветлуваш моето светило, Господи; мојот Бог ја осветлува темнината моја. {18:29} Со Тебе и чети совладувам, со мојот Бог и ѕид ќе прескокнам. {18:30} Бог мој, непорочен е Неговиот пат, Господовите зборови со оган се пречистени; Тој е заштитник на сите, кои се засолнуваат кај Него. {18:31} Зашто, кој е Бог, освен Господ, и кој е тврдина освен нашиот Бог? {18:32} Бог е Оној Кој ме препашува со сила и патот ми го расчистува. {18:33} Ми ги прави нозете како на елен и ме поставува на височини; {18:34} ми ги обучува рацете за борба, и мускулите мои ги прави да затегнуваат бронзен лак. {18:35} Ти ми даде заштита за моето спасение, Твојата десница ме прифати; Твојата поддршка ме издигна. {18:36} Ми даваш сигурност за чекорите мои, и нозете мои не се подлизнуваат. {18:37} Ги гонев непријателите мои и ги стигнав, и не се вратив, додека не ги победив; {18:38} ги притиснав, и тие не можеа да станат, паднаа под нозете мои, {18:39} зашто Ти ме препаша со сила за борба и ги собори пред мене оние, што станаа против мене; {18:40} Ти ги натера во бегство непријателите мои, и ги истребив сите оние, што ме мразат; {18:41} тие повикаа, но немаше кој да ги спаси: и кон Господ, - но Тој не ги чу. {18:42} Ги иситнив како прав на ветар, ги згазив како кал по патиштата. {18:43} Ти ме избави од народ бунтовен, ме постави за поглавар над народ, чии луѓе не ги познавав, и тие сега ми служат; {18:44} тие и мојот шепот го слушаат, туѓинците ми се покоруваат; {18:45} туѓинците бледнеат и треперат, излегувајќи од своите тврдини. {18:46} Да живее Господ, и нека е благословена Карпата Моја! И нека се величи Бог на моето спасение. {18:47} Бог, Кој одмаздува за мене, Кој ми ги покорува народите, {18:48} Избавител од моите гневни непријатели! Ти ме возвиси над оние, што стануваат против мене, и ме избави од насилникот. {18:49} Поради тоа Те славам пред народите, Господи, и го воспевам името Твое; {18:50} Ти Кој му даваш величествени победи на царот Свој и му правиш милост на Твојот помазаник Давид и на потомството негово - довека. {19:1} Небесата ја објавуваат Божјата слава, а за делата на рацете Негови известува сводот небесен. {19:2} Ден на денот објавува, и ноќ на ноќта знаење открива. {19:3} Нема јазик, ниту пак говор, во кој не се слуша нивниот глас. {19:4} Сепак, нивниот звук се разнесува по целата земја, а нивните зборови до краиштата на светот. На небото му постави шатор на сонцето, кое {19:5} излегува како младоженец од брачното легло, се радува како силен јунак што ја прелетува патеката. {19:6} Од крајот на небесата е излезот негов, и патувањето негово до другиот крај; ништо не е сокриено од топлината негова. {19:7} Непорочен е Законот Божји - душите ги укрепува; верно е откровението на Господ - ги учи неуките, {19:8} и Господовите повелби се праведни -го веселат срцето; Господовата заповед зрачи светлина; ги просветлува очите. {19:9} Страхопочитта кон Господ е чиста -пребива довека; судовите Господови се вистина - сите се праведни; {19:10} поскапи се од злато и од скапоцени камења - послатки се од восочен мед. {19:11} Слугата Твој ги пази; а кој ги пази, голема награда добива. {19:12} Кој може да ги согледа своите грешки? И од оние тајни гревови очисти ме, {19:13} и од горделивост запази го слугата Твој, за да не овладее со мене. Тогаш јас ќе бидам непорочен и ќе бидам очистен од големите престапи. {19:14} Зборовите на устата моја и помислите на срцето мое нека бидат благоугодни пред Тебе, Господи, Карпо моја и избавителе мој! {20:1} Нека те слушне Господ во тежок ден, да те заштити името на Бог Јаковов. {20:2} Да ти испрати помош од светилиштето и од Сион да те поткрепи. {20:3} Нека си спомне за секоја твоја жртва; и сепалениците твои да бидат примени. {20:4} Да ти го даде Господ и она што ти срце сака; и сите твои помисли да ги исполни. {20:5} Ќе се зарадуваме на твоето спасение и во името на нашиот Бог ќе ги подигнеме нашите знамиња. Да ги исполни Господ сите твои молби. {20:6} Сега знам дека Господ ќе му помогне на Својот помазаник, ќе го услиши од светите Свои небеса, со силата на Неговата победоносна десница. {20:7} Едни - со коли, други - со коњи, а ние со името на Господ, нашиот Бог, се фалиме: {20:8} тие ќе се препнат и ќе паднат, а ние ќе се кренеме и ќе стоиме прави. {20:9} Господи, дај му победа на царот и слушни нè кога Ти се молиме! {21:1} Господи, со Твојата сила се весели царот и за спасението од Тебе безмерно се радува! {21:2} Ти му даде, она што срцето негово посака, и молбата на устата негова не ја отфрли, {21:3} зашто Ти го пресретна со добри благослови, му стави на главата круна со скапоцени камења. {21:4} Тој побара од Тебе живот, а Ти му даде долг живот во векови. {21:5} Голема е славата негова поради помошта од Тебе; Ти го покри со чест и величие. {21:6} Ти положи на него вечен благослов, развеселувајќи го со радоста на лицето Твое, {21:7} зашто царот се надева на Господ и поради милоста на Севишниот нема да потклекне. {21:8} Раката Твоја ќе ги најде сите Твои непријатели, десницата Твоја ќе ги најде сите што Те мразат. {21:9} Кога ќе се појавиш, ќе ги направиш како огнена печка; гневот Господов ќе ги погуби, и оган ќе ги проголта. {21:10} Ти ќе го уништиш плодот нивни од Земјата, и семето нивно - меѓу човечките синови. {21:11} Ако смислат против Тебе зло и се договораат, - не ќе можат ништо да направат. {21:12} Ти ќе ги натераш во бегство, а од Твоите лакови ќе пуштиш стрели во лицето нивно. {21:13} Издигни се, Господи, со Твојата сила! Ние ќе ја воспеваме и ќе ја прославуваме Твојата моќ. {22:1} Боже мој, Боже мој, зошто ме остави? Зошто си далеку за да ми помогнеш, за да ги чуеш моите повици? {22:2} Боже мој! Те призивам дење - и Ти не слушаш, и ноќе - и нема мир за мене. {22:3} Сепак, Ти си свет, опкружен со пофалби од Израел. {22:4} На Тебе се надеваа татковците наши; се надеваа и Ти ги избави; {22:5} кон Тебе викаа, и се спасуваа; на Тебе се надеваа, и не се посрамија. {22:6} А јас сум црв, а не човек, потсмев за луѓето и презир во народот. {22:7} Сите, што ме гледаат, ми се подбиваат; нишајќи ги главите, велат: {22:8} „Тој се надеваше на Господ, нека го избави, нека го спаси, ако Му е угоден!” {22:9} Но Ти ме изведе од утробата, ме успокои на мајчините гради. {22:10} Кон Тебе сум приврзан уште од зачнувањето мое; од утробата на мајката моја Ти си мој Бог. {22:11} Не оддалечувај се од мене, зашто неволјата е близу, а нема кој да ми помогне. {22:12} Многу јунци ме обиколија, дебели јунци ме опкружија, {22:13} ја отворија устата против мене како лав, кој го раскинува својот плен и рика. {22:14} Јас се разлеав како вода; сите мои коски се разглобија, срцето мое стана како восок, се топи во моите гради. {22:15} Силата моја се исуши како цреп, јазикот ми се залепи за непцата, во смртоносен прав ме фрли. {22:16} Глутница кучиња ме опколија, цела чета од злочинци се врти околу мене; ми ги прободоа рацете и нозете. {22:17} Можам да си ги пребројам сите коски мои, а тие гледаа и ме презираа; {22:18} ги разделија меѓу себе алиштата мои, за облеката моја ждрепка фрлија. {22:19} Но Ти, Господи, не оддалечувај се од мене! Сило моја, побрзај ми на помош! {22:20} Избави ја од меч душата моја, и од пците еднородната моја; {22:21} Запази ме од устите лавовски и од роговите биволски спаси ме. {22:22} Ќе го објавувам името Твое на браќата и сестрите свои, сред собранието ќе Те фалам. {22:23} Вие, што имате страхопочит кон Господ, восфалете Го! Целото семе Јаковово нека Го прославува; нека се бои од Него целото семе Израелово, {22:24} зашто Тој не ја презре маката на страдалникот, не го сокри лицето Свое од мене, а ме послуша кога Те повикав. {22:25} За Тебе е похвалата моја во великото собрание; ќе ги исполнам ветувањата свои пред оние што имаат страхопочит кон Него. {22:26} Ќе јадат сиромасите и ќе се најадат, ќе го фалат Господа оние што Го бараат; нека живеат срцата ваши довека! {22:27} Ќе се сетат и ќе се обратат кон Господ сите земни краишта, и ќе се поклонат пред Тебе сите племиња на народите, {22:28} зашто царството е Господово, и Тој е владетел над народите. {22:29} Нему ќе Му се поклонат сите заспани во земјата; пред него ќе паднат сите што слегуваат во земјата. А душата моја ќе живее за Него. {22:30} Потомството мое ќе Му служи, за Господ ќе им се проповеда на идните родови; {22:31} за избавувањето од Него ќе им се соопштува на луѓето, што ќе се родат, зашто сето тоа Господ го изврши. {23:1} Господ е Пастир мој, ништо нема да ми недостасува, {23:2} Тој ме одмора на зелени пасишта и ме води на тихи води, {23:3} ја закрепнува душата моја, ме води по патот на правдата заради името Свое. {23:4} Кога би тргнал и по долината на смртната сенка, нема да се исплашам од злото, зашто Ти си со мене; Твојот жезол и Твојата палка ме успокојуваат. {23:5} Си приготвил пред мене трпеза пред очите на непријателите мои, си ја помазал главата моја со миризливо масло; и чашата моја се прелева. {23:6} Само добрина и милост ќе ме придружуваат преку сите денови на мојот живот, и јас ќе престојувам во домот Господов многу дни. {24:1} Господова е земјата и сè што ја исполнува, вселената и оние што живеат во неа, {24:2} зашто Тој ја основа врз морињата, и на реки ја утврди. {24:3} Кој може да излезе на гората Господова и кој ќе застане на Неговото свето место? {24:4} Оној, чии раце се невини и чие срце е чисто, кој не си ја продава душата своја на лажни работи и не се заколнува лажно. {24:5} Тој ќе добие благослов од Господ и награда од Бога, Својот Спасител. {24:6} Таков е родот на оние што Го бараат Него, кои Го бараат Бог Јаковов! {24:7} Подигнете ги, порти, главите свои, бидете подигнати вие, вечни врати, за да влезе Царот на славата! {24:8} Кој е тој Цар на славата? - Крепкиот и силниот Господ, силниот во војна Господ. {24:9} Подигнете ги, порти, главите свои, бидете подигнати вие, вечни врати, за да влезе Царот на славата! {24:10} Кој е Царот на славата? - Господ над војските - Тој е Цар на славата! {25:1} Кон Тебе, Господи, ја издигнувам душата своја. {25:2} Боже мој, во Тебе се надевам, да не се посрамам, да не ликуваат над мене непријателите мои, {25:3} да не се посрамат оние што се надеваат на Тебе; да се посрамат оние, што со леснотија изневеруваат. {25:4} Покажи ми ги, Господи, патиштата Твои и научи ме да врвам по патеките Твои. {25:5} Упати ме кон Твојата вистина и научи ме, зашто Ти си Бог на моето спасение; на Тебе се надевам секој ден. {25:6} Спомни си ги штедростите Твои, Господи, и милостите Твои, зашто се вечни. {25:7} Гревовите на младоста моја и престапите мои не споменувај ги; по милоста Своја сети се на мене, заради Твојата доброта, Господи! {25:8} Добар и праведен е Господ, грешниците ги изведува на пат, {25:9} ги упатува понизните кон правда и ги учи понизните на Своите патишта. {25:10} Сите патишта Господови се милост и вистина за оние, кои го пазат заветот Негов и уредбите Негови. {25:11} Заради Твоето име, Господи, прости ми го гревот мој, зашто е голем. {25:12} Кои се тие што имаат страхопочит кон Господ? Ним Тој ќе им покаже кој пат да го изберат. {25:13} Нивната душа ќе почива во добро, нивното семе ќе ја наследи земјата. {25:14} Близок им е Господ на оние што имаат страхопочит кон Него; ним им го открива заветот Свој. {25:15} Очите мои секогаш се кон Господ, зашто Тој ги вади од стапица нозете мои. {25:16} Погледни на мене и смилувај се на мене, зашто сум самотен и во мака. {25:17} Скрбите на срцето мое олесни ми ги; извади ме од мојата потиштеност. {25:18} Погледај ги страдањата и маките мои, па прости ми ги сите гревови мои. {25:19} Погледај ги моите непријатели, колку многу се намножија и колку многу ме мразат! {25:20} Запази ја душата моја и избави ме, за да не се посрамам, зашто во Тебе се надевам. {25:21} Непорочноста и правдата нека ме чуваат, зашто во Тебе се надевам, Господи. {25:22} Избави го, Боже, Израел од сите неволји негови. {26:1} Оправдај ме, Господи, бидејќи одев непорочно и непоколебливо верував во Господ. {26:2} Искушај ме, Господи, испитај ме; отвори ги утробата моја и моето срце. {26:3} Твојата милост е пред очите мои, а јас одам во Твојата вистина, {26:4} со луѓе суетни не седам и со престапници на законот Твој не се дружам; {26:5} го намразив друштвото на злонамерните; со нечестивите нема да седнам; {26:6} ги мијам рацете свои во невиноста и го обиколувам жртвеникот Твој, Господи, {26:7} за да ја разгласувам похвалата Твоја и да ги раскажувам сите Твои чудесни дела. {26:8} Господи, го возљубив домот, во кој престојуваш и местото каде што пребива славата Твоја. {26:9} Не погубувај ја душата моја со грешници и животот мој со крвопијци, {26:10} во чии раце има злочини, чија десница е полна со поткупи. {26:11} Јас, пак, одам во својата непорочност, избави ме, Господи, и помилуј ме. {26:12} Ногата моја стои на прав пат, во собранијата ќе Те благословувам, Господи. {27:1} Господ е моја светлина и мое спасение: од кого да се плашам? Господ е крепост на мојот живот, од кого ќе стравувам? {27:2} Кога се приближија до мене злобни противници и непријатели за да го изедат телото мое, се сопнаа и паднаа. {27:3} И полк да се крене против мене, нема да се исплаши срцето мое; дури и цела војска да се дигне против мене, и тогаш ќе бидам полн со доверба. {27:4} Само за едно Го молам Господа, само тоа го сакам: да останам во домот Господов преку сите денови на животот мој, да ја гледам Господовата убавина и да се поучувам во Неговиот свет храм, {27:5} зашто во злочест ден Тој би ме сокрил во Својата скинија, би ме сокрил под покривот на Своето живеалиште; би ме искачил на карпа. {27:6} Тогаш главата моја ќе се издигне над непријателите што ме опкружуваат; и јас ќе принесам во скинијата Негова жртва поради радоста, па ќе пеам и ќе го фалам Господа. {27:7} Чуј го, Господи, гласот мој, бидејќи кон Тебе викам смилувај ми се и услиши ме. {27:8} Срцето мое ми вели: „Барај го лицето Негово!”; и јас го барам лицето Твое, Господи. {27:9} Не сокривај го од мене лицето Свое; не одбивај го во гневот слугата Твој. Биди мој помошник; не отфрлувај ме и не оставај ме, Боже, Спасителе мој! {27:10} Ако татко ми и мајка ми ме остават, Господ ќе ме прибере. {27:11} Научи ме, Господи, на Твојот пат и води ме по рамна патека, поради непријателите мои; {27:12} не предавај ме на своеволноста на непријателите, зашто востанаа против мене лажни сведоци со насилство во нивните носници. {27:13} Но јас верувам дека ќе ја видам Господовата добрина во земјата на живите. {27:14} Надевај се во Господ, биди бодар; нека е цврсто срцето твое; надевај се во Господ! {28:1} Кон Тебе, Господи, викам, Карпо моја; не оглушувај се кон мене, та да не заприлегам при Твоето молчење на оној што слегува во гроб! {28:2} Чуј го гласот на молитвите мои, кога викам кон Тебе, кога кревам раце кон Твојот свет храм. {28:3} Не земај ме со нечестивци и злосторници, кои со ближните свои говорат за мир, а во срцето смислуваат зло. {28:4} Возврати им, Господи, според нивните дела, според нивните лоши постапки; според делата на нивните раце, возврати им го она што го заслужиле! {28:5} Бидејќи тие немаат почит кон делата на Господ, ниту кон делата на рацете Негови; Тој ќе ги собори и нема да ги подигне. {28:6} Благословен е Господ, зашто Тој го чу гласот на молитвите мои. {28:7} Господ е крепост моја и штит мој; во Него има верба срцето мое и Тој ми помага; затоа се радува срцето мое и јас ќе Го прославувам со песна. {28:8} Господ е крепост на Својот народ и спасоносно прибежиште за Својот помазаник. {28:9} Спаси го народот Свој и благослови го наследството Твое; биди им Пастир и носи ги довека! {29:1} Воздајте Му на Господ, синови Божји, воздајте Му на Господ слава и моќ, {29:2} воздајте Му слава на Господ на името Негово, поклонете Му се на Господ во Неговото светилиште. {29:3} Гласот Господов е над водите; Бог на славата грми, Господ над силните води. {29:4} Гласот Господов е во силата, гласот Господов полн со величественост. {29:5} Гласот Господов крши кедри; ги крши Господ кедрите леванонски, {29:6} и направи како теле да потскокнува Ливан, а Сирион - како младо биволче. {29:7} Гласот Господов фрла огнен пламен. {29:8} Гласот Господов ја потресува пустината; ќе ја затресе Господ пустината Кадис. {29:9} Гласот Господов ги породува бремените кошути и ги оголува горите; и во храмот Негов секој ја возвестува славата Негова. {29:10} Господ седи на престолот над водите, и ќе седи Господ како цар довека. {29:11} Господ ќе му даде сила на Својот народ, Господ со мир ќе го благослови народот Свој. {30:1} Ќе Те величам, Господи, зашто ме извлече и не допушти непријателите мои да се радуваат над мене. {30:2} Господи, Боже мој, повикав кон Тебе, и Ти ме исцели. {30:3} Господи, Ти ја изведе душата моја од светот на мртвите и ме спаси од слегување во гроб. {30:4} Пејте Му на Господ, верници Негови, благодарете Му на Неговото свето име, {30:5} зашто гневот Му трае само миг, а вечна е милоста Негова: плачот трае преку ноќта, но утрото носи голема радост. {30:6} И јас си реков во изобилието мое: „Нема да се поколебам довека.” {30:7} Господи, според милоста Твоја Ти ме утврди како гора; но штом го сокри лицето Свое, јас се исплашив. {30:8} Тогаш кон Тебе, Господи, повикав и на мојот Бог, Му се помолив: {30:9} „Каква полза од крвта моја, ако слезам во гроб? Ќе Те слави ли правот, ќе ја објави ли тој верноста Твоја?” {30:10} Чуј ме, Господи и смилувај се, биди помошник мој. {30:11} Ти ја претвори тагата моја во радост, го симна од мене вреќиштето и ме препаша со веселба, {30:12} за да Те слави душата моја и да не замолкне; Господи, Боже мој, вечно ќе те славам! {31:1} Кај Тебе, Господи, се засолнувам, о да не се посрамам никогаш; според праведноста Своја спаси ме. {31:2} Приклони го увото Твое кон мене, побрзај да ме избавиш. Биди ми Бог заштитник и прибежиште за да се спасам. {31:3} Зашто Ти си карпа моја и крепост моја, заради името Твое поведи ме и управувај со мене. {31:4} Изведи ме од оваа стапица, која потајно ми ја поставија, зашто Ти си мој заштитник. {31:5} Во Твоите раце го предавам духот свој; Ти си ме откупил, Господи, Боже на вистината. {31:6} Не ти се мили оние што почитуваат ништожни идоли, но јас имам верба во Господ. {31:7} Ќе се радувам и ќе се веселам поради Твојата милост, зашто Ти погледна на маката моја и ја спаси од патила душата моја, {31:8} и не ме предаде во рацете на непријателите мои; нозете мои ми ги постави на чистина. {31:9} Смилувај се кон мене, Господи, зашто сум потиштен од скрб: ми се исушија од тага окото мое, душата моја и утробата моја. {31:10} Го минувам во жал животот мој, и годините мои - со воздишки; изнеможе силата моја, и коските мои се свиткаа. {31:11} Пред сите непријатели мои станав за прекор, дури и пред соседите мои, а и плашило за познатите мои; оние што ќе ме видат на улица, бегаат од мене. {31:12} Заборавен како мртовец сум во срцата на луѓето; станав како скршен сад, {31:13} бидејќи чув дека мнозина околу мене погубно шепотат, и кога ќе се соберат заедно, се договараат и душата моја да ми ја одземат. {31:14} Јас, пак, имам верба во Тебе, Господи, и велам: Ти си мој Бог. {31:15} Дните мои се во Твоите раце; избави ме од рацете на непријателите мои и од гонителите мои. {31:16} Нека засветли лицето Твое над слугата Твој; спаси ме поради Твојата милост. {31:17} Господи, не допуштај да се посрамам, поради тоа што кон Тебе повикав; нечестивите нека се посрамат и нека замолкнат во светот на мртвите. {31:18} Да онемеат лажливите усти што говорат лошо против праведниот со горделивост и презир. {31:19} Колку е голема добрината Твоја, Господи, што си ја запазил за оние, кои имаат страхопочит кон Тебе, и што си ја приготвил за оние, кои имаат верба во Тебе пред очите на синовите човечки! {31:20} Ќе ги сокриеш под покривот на лицето Свое од човечките завери, ќе ги заклониш од нападите на јазиците противнички. {31:21} Нека е благословен Господ, зашто ја пројави кон мене Својата чудесна милост кога бев обиколен како град под опсада! {31:22} Во малодушноста своја си реков: отфрлен сум од очите Твои; но Ти го слушна гласот на молитвата моја, кога повикав кон Тебе. {31:23} Љубете Го Господа сите светии Негови, зашто Господ ги чува верните Свои, а им отплатува на оние, кои гордо постапуваат. {31:24} Бидете силни и нека крепне срцето ваше, сите вие што имате верба во Господ! {32:1} Блажени се оние, чии престапи им се простени, и чии гревови се покриени! {32:2} Блажен е оној човек, кого Господ не го смета за виновен, и во чиј дух нема измама! {32:3} Додека молчев, се сушеа коските мои од секојдневното мое воздишување, {32:4} бидејќи и дење и ноќе тежеше над мене раката Твоја, се сушев како на летен припек. {32:5} Тогаш го признав гревот мој и не го сокрив беззаконието свое, па реков: „Ќе Му ги исповедам на Господ моите престапи,” и Ти ми ја прости вината на гревот мој. {32:6} Затоа секој побожен човек нека Ти се моли навреме, и тогаш притисокот од многуте води нема да го достигне. {32:7} Ти си мое прибежиште, од маката со која сум опкружен Ти ќе ме избавиш; ќе ме опкружиш со спасоносни звуци. {32:8} „Ќе те вразумам,” - вели Бог - „Ќе ти го покажам патот, по кој да одиш; ќе бдеат очите Мои над тебе.” {32:9} „Не бидете како коњ или како маска, кои немаат разум, чија дивина со узда и оглавник се скротува за да ти се покоруваат.” {32:10} Многу маки ќе го снајдат грешникот; но оној кој има верба во Господ, него милост ќе го опкружува. {32:11} Веселете се во Господ и радувајте се, праведници: радувајте се сите кои сте со чисти срца. {33:1} Радувајте се, праведници, во Господ: на праведниците им прилега да Го слават. {33:2} Славете Го Господа со лира, пејте Му на харфа со десет жици, {33:3} пејте Му нова песна; пејте Му умешно и со восклик, {33:4} зашто словото на Господ е право, и сите дела Негови се извршени во верност. {33:5} Тој сака праведност и суд праведен; со милоста Господова е исполнета Земјата. {33:6} Преку словото на Господ беа создадени небесата, и преку Духот на устата Негова - сите сили нивни. {33:7} Тој ги собира како во мев морските води; бездните ги става во сокровишта. {33:8} Нека има страхопочит кон Господ целата Земја; нека треперат пред Него сите жители на светот, {33:9} зашто Тој рече и тие настанаа; Тој заповеда и се создадоа. {33:10} Господ ги руши помислите на незнабошците, ги спречува намерите на народите. {33:11} А замислата Господова вечно останува; мислите на срцето Негово од род во род. {33:12} Блажен е оној народ, на кој Господ му е Бог, и луѓето, кои Тој ги избрал за наследство Свое. {33:13} Од небесата гледа Господ, ги гледа сите синови човечки; {33:14} од престолот, на кој седи, ги набљудува сите, кои живеат по Земјата: {33:15} Тој, Кој на сите ним им ги создал срцата, пази на сите дела нивни. {33:16} Не го спасува царот голема војска; голема сила ни јунакот нема да го спаси. {33:17} Несигурен е коњот за спасување, со големата сила своја не може да избави. {33:18} Но, ете, очите Господови се врз оние, кои имаат страхопочит кон Него и кои имаат верба во милоста Негова, {33:19} дека Тој ќе ја спаси душата нивна од смрт и во време на глад ќе ги прехрани. {33:20} Душата наша се надева во Господ: зашто Тој е наш помошник и наш заштитник, {33:21} зашто во Него ќе се весели срцето наше; зашто во светото име Негово веруваме. {33:22} Милоста Твоја нека биде над нас, Господи, онака како што Ти се надеваме. {34:1} Ќе го благословувам Господа во секое време; похвала за Него секогаш ќе има во мојата уста. {34:2} Со Господ ќе се фали душата моја! Нека го чујат тоа понизните и нека се зарадуваат. {34:3} Величајте Го Господа со мене, и заедно да го возвишуваме името Негово. {34:4} Го побарав Господа, и Тој ме чу и од сите стравови мои ме избави. {34:5} Кон Него погледнете и разведрете се, и лицата ваши нема да се посрамат. {34:6} Несреќниот вика и Господ го слуша и го спасува од сите негови неволји. {34:7} Ангел Господов се улогорува околу оние, кои се бојат од Него, и ги спасува. {34:8} Вкусете и ќе видите, колку е добар Господ! Блажен е оној човек, кој кај Него прибегнува! {34:9} Имајте страхопочит кон Господ, сите праведници Негови, зашто ништо нема да им недостига на оние кои имаат страхопочит кон Него. {34:10} Осиромашија и огладнеа богатите, а оние што Го побараа Господа, не ќе бидат лишени од секакви добра. {34:11} Дојдете, чеда, послушајте ме: јас ќе ве научам да имате страхопочит кон Господ. {34:12} Сака ли човек да живее и да види добри денови, {34:13} нека си го воздржува јазикот од зло и устата своја од лаги, {34:14} нека се клони од зло и нека прави добро; да бара мир и да врви по него. {34:15} Очите на Господ се насочени кон праведните, и ушите Негови - кон молитвите нивни. {34:16} Но лицето на Господ е против оние што вршат зло; ќе го истреби од Земјата споменот за нив. {34:17} Кога викаат праведните, Господ ги слуша и ги спасува од сите маки нивни. {34:18} Блиску е Господ до оние со скршено срце, и смирените по дух ќе ги спаси. {34:19} Бројни се маките на праведните, но од сите нив Господ ќе ги избави. {34:20} Господ ги чува сите коски нивни; ниедна од нив нема да се скрши. {34:21} Злото му носи смрт на грешникот; оние, што го мразат праведниот, ќе платат. {34:22} Господ ќе ги спаси душите на слугите Свои, и никој од оние, кои прибегнуваат кон Него, нема да биде осуден. {35:1} Осуди ги, Господи, оние кои ме осудуваат, и собори ги оние што се борат против мене; {35:2} земи оружје и штит и дојди ми на помош; {35:3} извади го мечот и пресретни ги гонителите мои; кажи и на душата моја: „Јас сум спасение Твое!” {35:4} Нека бидат посрамени и исмејани оние што ја бараат душата моја: нека се повлечат и нека се посрамат, оние што ми мислат зло; {35:5} нека бидат како прав пред ветрот, и ангел Господов да оди по трагата нивна, {35:6} патот нивни нека биде темен и лизгав, и ангел Господов да ги прогонува, {35:7} бидејќи без причина поставија тајна мрежа за моја пропаст, без причина и копаат гроб на душата моја. {35:8} Нека дојде врз нив ненадејна замка и мрежата нивна, што ја поставија за мене, да ги улови самите нив; нека се сплеткаат во неа и нека загинат. {35:9} А мојата душа ќе се радува во Господ, ќе се весели поради спасението од Него. {35:10} Сите коски мои ќе речат: „Господи, кој е подобен на Тебе, Кој спасуваш слаб од силен, беден и сиромав од ограбувачите нивни?” {35:11} Се кренаа против мене злобни сведоци: и за она што не го знам ме сослушуваат; {35:12} ми враќаат зло за добро, и душата моја запаѓа во осаменост. {35:13} А кога тие боледуваа, јас се облекував во вреќиште, ја истоштував душата моја со пост, и молитвата ми се враќаше во градите мои. {35:14} Постапував така, како тој да беше ближен мој, мој брат; одев тажен со наведната глава како оној што тагува по сопствената мајка. {35:15} А сега, кога јас паднав, тие се зарадуваа и се собраа против мене, ми задаваа рани, а да не знам зошто, ме кинеа и не престануваа; {35:16} ме доведоа до искушение, ми се потсмеваа многу и со забите свои крцкаа против мене. {35:17} О, Господи, до кога ќе го гледаш тоа? Оттргни ја душата моја од нивните навалувања, мојата осамена душа - од тие лавови. {35:18} Тогаш ќе Ти благодарам Господи, на големото собрание, меѓу многуброен народ ќе Те восфалувам; {35:19} не допуштај да се зарадуваат над мене оние, кои ми се непријатели без причина, кои ме мразат без вина и намигнуваат со очите. {35:20} Зашто тие не мислат за мир, туку смислуваат измами против мирните во земјата. {35:21} Ги отворија устите свои против мене, велејќи: „Аха! Аха! Очите наши видоа!” {35:22} Ти виде Господи, немој да премолчиш; Господи, не отстапувај од мене! {35:23} Стани, разбуди се да ме одбраниш, о Боже мој и Господи мој, води ја мојата парница! {35:24} Пресуди ми според Твојата праведност, Господи, Боже мој, та да не ликуваат оние над мене; {35:25} за да не речат во срцата свои: „Ни се исполни желбата!” и да не кажат: „Го проголтавме.” {35:26} Нека бидат посрамени и исмејани сите, кои се радуваат на мојата несреќа; да се облечат во срам и бесчестие, оние што се гордеат над мене. {35:27} Нека се зарадуваат и нека се развеселат, оние што го сакаат моето праведно дело, и непрестајно нека велат: „Велик е Господ, Кој му се радува на доброто на Својот слуга!” {35:28} И јазикот мој ќе зборува за праведноста Твоја и за Твојата похвала секој ден. {36:1} Гревот му зборува на грешникот; длабоко во неговото срце, нема страв Божји пред очите негови, {36:2} зашто тој самиот на себеси си ласка, место да го увиди своето беззаконие и да го намрази; {36:3} зборовите на устата негова се неправда и измама; тој не сака да се вразуми, и да врши добро; {36:4} на леглото свое смислува беззаконие, останува на лош пат, од зло не се гнаси. {36:5} Господи, Твојата милост е до небесата, Твојата вистина - до облаците! {36:6} Твојата праведност е како моќните гори, а судовите Твои како голема бездна! И луѓе и добиток спасуваш Ти, Господи! {36:7} О колку е скапоцена Твојата милост, Боже! Синовите човечки се засолнуваат под Твојата закрила; {36:8} тие се ситат од изобилието на Твојот дом, и од потокот на Твојата красота ги напојуваш; {36:9} зашто во Тебе е изворот на животот: во Твојата светлина ние гледаме светлина. {36:10} Продолжи ја милоста Своја кон оние кои Те познаваат, и спасението Свое кон оние со чисто срце. {36:11} Нека не ме гази ногата горда, и раката на грешникот да не ме гони. {36:12} Таму паднаа оние што вршат беззаконие; соборени се и не можат веќе да станат. {37:1} Не жести се поради злобниците и не завидувај им на оние што вршат беззаконие, {37:2} зашто тие ќе се исушат како трева, и како зелје набргу ќе свенат. {37:3} Верувај во Господ и прави добро, за да живееш на земјата и да уживаш во спокојство. {37:4} Сета радост нека ти биде во Господ, и Тој ќе ти даде, што ќе посака срцето твое. {37:5} Довери Му го патот свој на Господ и во Него верувај и Тој ќе делува; {37:6} и ќе ја изведе правдата твоја како светлина, и справедливоста твоја - како пладне. {37:7} Биди кроток пред Господ и на Него надевај се. Не жести се на оној, кој успева на патот свој, на човек кој врши беззаконие. {37:8} Воздржи се од лутина и остави ја јароста, не жести се - самиот да не правиш зло, {37:9} зашто оние што вршат зло, ќе бидат истребени, а оние, кои се надеваат на Господ, ќе ја наследат Земјата. {37:10} Уште малку, и грешникот ќе го нема; ќе го побараш местото негово и нема да го најдеш. {37:11} А кротките ќе ја наследат земјата и ќе се насладуваат во изобилен мир. {37:12} Грешникот смислува зло против праведниот и чкрта со забите против него, {37:13} но Господ му се потсмева, зашто однапред гледа дека му се ближи крајот. {37:14} Грешниците ги вадат мечевите, го оптегнуваат лакот свој за да го кутнат бедниот и сиромавиот, за да ги прободат оние што се со чисто срце. {37:15} Но мечот нивни ќе се забие во нивното срце, и лаците нивни ќе се скршат. {37:16} Малото богатство кај праведниот е многу подобро отколку големото богатство на грешниците. {37:17} Зашто мишките на грешниците ќе спласнат, а на праведниците Господ им ги поткрепува. {37:18} Господ ги знае патиштата на непорочните; и нивното наследство ќе биде вечно: {37:19} во зло време нема да бидат посрамени и во деновите на глад ќе бидат сити; {37:20} зашто грешниците ќе загинат, и непријателите Господови ќе ги снема како полска убавина, ќе исчезнат како дим. {37:21} Грешникот зема на заем и не враќа, а праведниот е милостив и дава, {37:22} зашто оние, кои Господ Го благословуваат, ќе ја наследат земјата, а оние што тој ги проколнува, ќе бидат истребени. {37:23} Господ ги зацврстува стапките на човекот и мили Му се неговите патишта: {37:24} па и ако се сопне, нема да падне, зашто Господ го држи за рака. {37:25} Бев млад, и остарев, но не видов оставен праведен човек ниту децата негови леб да просат; {37:26} тој секој ден знае да се смилува и на заем да дава, и потомството негово ќе биде благословено. {37:27} Клони се од зло и прави добро, па ќе живееш вечно; {37:28} зашто Господ ја сака правдата и не ги остава верниците Свои; нив вечно ќе ги чува. А беззакониците ќе бидат исфрлени и потомството на безбожниците ќе биде истребено. {37:29} Праведните ќе ја наследат земјата и ќе живеат на неа вечно. {37:30} Устата на праведниот кажува мудрост, а јазикот негов изговара правда. {37:31} Законот на неговиот Бог е во срцето негово; стапките негови нема да се сопнат. {37:32} Грешникот го демне праведниот и бара да го убие; {37:33} но Господ нема да го предаде во негови раце и нема да го осуди, кога ќе биде суден. {37:34} Надевај се на Господ и остани на Неговите патишта; Тој ќе те воздигне за да ја наследиш земјата; и ќе го гледаш истребувањето на грешниците. {37:35} Видов страшен безбожник, кој се превознесуваше и издигаше како кедар леванонски. {37:36} Поминав и, ете, го нема; го побарав, и не го најдов. {37:37} Види го непорочниот, гледај го праведниот: има напредок за мирниот; {37:38} а безбожниците сите ќе бидат истребени, нивното наследство ќе се затре. {37:39} Спасението, пак, на праведните доаѓа од Господ и Тој е нивни заштитник во тешко време; {37:40} им помага Господ и ги избавува; ги избавува од грешниците и ги спасува, зашто кај Него прибегнуваат. {38:1} Господи, во јароста Своја не карај ме и во гневот Свој не казнувај ме, {38:2} зашто стрелите Твои се забија во мене, и Твојата рака тежи врз мене, {38:3} Нема ништо здраво на моето тело од Твојот гнев; во коските мои нема мир поради гревот мој; {38:4} зашто беззаконијата мои ја надвишија главата моја, како тешко бреме ме притиснаа. {38:5} Смрдат и гнојат раните мои поради безумието мое. {38:6} Се згрбавив и се стопив сосема, цел ден натажен одам; {38:7} слабината ми е воспалена, нема здраво место на телото мое. {38:8} Исцрпен сум и дотолчен; рикав поради воздишките на срцето мое. {38:9} Господи, пред Тебе се сите мои копнежи, и мојата воздишка не е сокриена од Тебе. {38:10} Срцето засилено ми бие, ме напушти силата моја, и светлината на очите мои, - и неа ја нема во мене. {38:11} Моите пријатели и моите ближни се приближија и не се доближија; застанаа подалеку од мене, {38:12} а оние што ја бараат душата моја, ми поставуваат примки, говорат за пропаст и секој ден кројат сплетки; {38:13} а јас, пак, како глув не слушам и како нем сум, кој не ја отвора устата своја; {38:14} станав како човек што не слуша и што во устата своја нема одговор, {38:15} зашто на Тебе, Господи, се надевам; Ти ќе одговориш, Господи, Боже мој. {38:16} Зашто се молам само да не се погордеат над мене моите непријатели; и кога ќе ми се поколебаат нозете мои, тие да не се кренат над мене. {38:17} Готов сум да паднам, и болот мој секогаш е со мене. {38:18} Беззаконието свое го признавам и ќе жалам поради гревот мој. {38:19} А оние што ми се непријатели без причина, се силни и се намножија оние што неправедно ме мразат, {38:20} ми враќаат зло за добро, ми станаа противници, зашто јас сум за добро. {38:21} Не оставај ме, Господи, Боже мој, не оддалечувај се од мене; {38:22} побрзај да ми помогнеш, Господи, Спасителе мој! {39:1} Си реков: ќе пазам на патиштата мои, за да не згрешам со јазикот свој; ќе ја зауздам устата моја додека е грешникот пред мене. {39:2} Онемев и се смирив, и замолкнав, но јадот мој се зголеми. {39:3} Пламна срцето мое во мене и додека размислувам оган се разгорува во мислите мои. Проговорив со јазикот свој: {39:4} кажи ми го, Господи, мојот крај, и колкав е бројот на моите дни, за да знам колку е краткотраен животот мој. {39:5} Ете, Ти си ми дал дни колку една педа, и векот мој е како ништо пред Тебе. И навистина, сè е суета, секој човек што живее. {39:6} Навистина, човек оди како сенка и залудно се измачува; собира богатство, а не знае кому ќе му го остави. {39:7} И сега што да очекувам Господи? Надежта моја е во Тебе. {39:8} Спаси ме од сите беззаконија; не допуштај да бидам поруга на безумниот. {39:9} Занемев и не ја отворам устата, зашто Ти така направи. {39:10} Отстрани ги од мене ударите Твои, изнемоштувам од Твојата силна рака. {39:11} Го казнуваш човекот за гревот, сè што му е најмило му го уништуваш како молец; навистина, човекот е само здив. {39:12} Услиши ја, Господи, молитвата моја и почуј ја молбата моја; не биди безгласен кон моите солзи, зашто сум привремен гостин кај Тебе и придојден, како сите мои предци. {39:13} Допушти ми да здивнам, пред да заминам и да ме нема веќе. {40:1} Трпеливо се надевав на Господ, и Тој се наклони над мене и ја чу молитвата моја, {40:2} и ме изведе од длабината на јазот и од длабока тиња, па ги постави нозете мои на камен и ги зацврсти стапалата мои; {40:3} а во устата моја вложи нова песна -похвала за нашиот Бог. Мнозина ќе видат, и страв ќе ги опфати и ќе се надеваат на Господ. {40:4} Блажен е оној човек што верува во Господ и не се обраќа кон горделивите, кон оние што застрануваат по лажни богови. {40:5} Многу чудесни дела си направил, Господи, Боже мој, многу мисли чудесни - кој може да се спореди со Тебе!? Почнав да ги објавувам и да зборувам за нив, но тие број немаат! {40:6} Жртви и приноси Ти не бараш, но ушите ми ги отвори; сепаленица и жртва за грев Ти не побара. {40:7} Тогаш реков; еве, идам; во свитокот на книгата за мене е напишано; {40:8} со задоволство ќе ја исполнам волјата Твоја, Боже мој; Твојот Закон е во срцето мое. {40:9} Ја објавив Твојата правда во големото собрание; не и бранев на устата моја; Ти го знаеш тоа, Господи. {40:10} Твојата правда не ја сокрив во срцето мое, ја објавив верноста Твоја и спасението Твое; и не ги затаив Твојата милост и Твојата верност од собранието. {40:11} Но, Господи, не отстранувај го милосрдието Твое од мене; Твојата милост и Твојата верност нека ме пазат постојано, {40:12} зашто зла безбројни ме опкружија; ме притиснаа беззаконијата мои, и не можев дури ни да гледам, - тие се повеќе од влакната на главата моја; а и срцето мое ме остави. {40:13} Благоволи, Господи, да ме избавиш; Господи, побрзај ми на помош! {40:14} Нека се засрамат и нека поцрвенат сите, кои бараат да ја погубат душата моја! Нека бидат вратени назад и нека бидат предадени на потсмев оние, кои ми сакаат зло. {40:15} Нека се скаменат од срам оние, кои сакајќи да ми се наругаат велат: „Аха! Аха!” {40:16} А нека се зарадуваат и нека се развеселат во Тебе сите, кои Те бараат, и оние што сакаат спасение од Тебе непрестајно нека зборуваат: велик е, велик - Господ! {40:17} А јас сум сиромав и беден; но Господ се грижи за мене. Ти си помошник мој и заштитник мој, Боже мој, не задоцнувај. {41:1} Блажен е оној, што се грижи за бедните! Во злочест ден Господ ќе го избави. {41:2} Господ ќе го пази и ќе го одржи во живот и ќе му даде среќа на земјата; и нема да го предаде во рацете на непријателот негов. {41:3} Господ ќе му помогне кога лежи болен в постела. Ти ја исцелуваш секоја болка при болеста негова. {41:4} А за себе, јас повикав: „Господи, смилувај се на мене, излекувај ја душата моја, зашто згрешив пред Тебе!” {41:5} Непријателите мои во злоба се распрашуваат за мене: „Кога ќе умре, и кога ќе загине името негово!?” {41:6} И ако некој дојде да ме види, говори лага; неговото срце собира неправда во себе, и тој, штом ќе излезе надвор, расправа. {41:7} Сите мои непријатели шепотат меѓу себе против мене, помислувајќи ми зло: {41:8} „Смртна болест го фатила; кој еднаш легне, веќе нема да стане!” {41:9} Дури и пријателот мој, во кого имав доверба, кој јадеше мој леб, ја крена ногата против мене. {41:10} А Ти, Господи, смилувај ми се, исправи ме, та да им возвратам. {41:11} По тоа ќе дознаам дека сум ти мил, кога непријателот мој нема да се погордее над мене; {41:12} а мене, пак, ме прифати поради мојата незлобивост и зацврсти ме пред Себе вечно. {41:13} Нека е благословен Господ, Бог Израелов, од века до век! Амин, амин! {42:1} Како што кошутата копнее по водни извори, така и душата моја, Боже, копнее по Тебе! {42:2} Душата моја жедува за Бога, за живиот Бог: кога ќе дојдам и ќе го гледам лицето Божјо? {42:3} Солзите мои беа леб за мене и дење и ноќе, кога секој ден ми зборуваа: каде е твојот Бог? {42:4} Се сетив на тоа и ја излив душата своја: како чекорев со мноштвото, ги предводев до Божјиот дом - при гласно воскликнување и прославување, како на голем празник. {42:5} Зошто тагуваш, душо моја, и зошто си вознемирена? Надевај се на Бога, бидејќи јас пак ќе Го славам мојот Помошник, мојот Бог. {42:6} Тагува душата моја во мене, поради тоа ќе си спомнувам на Тебе од земјата Јорданска, од Ермон и од гората Мицар. {42:7} Бездна повикува бездна со гласот на Твоите водопади; сите Твои води и Твои бранови навалија на мене. {42:8} Дење Господ ми ја покажува милоста Своја, а јас ноќе ќе Му пеам и ќе Му се молам на Бога на мојот живот. {42:9} Ќе Му речам на Бога: Ти си моето засолниште. Зошто ме заборави? Зошто одам нажален додека непријателот ме притиска? {42:10} Трошејќи ги коските мои, непријателите мои се подигруваат со мене, велејќи ми секој ден: каде е твојот Бог? {42:11} Зошто тагуваш, душо моја, и зошто си вознемирена? Надевај се на Бога, бидејќи Него јас пак ќе Го прославувам, мојот Помошник, мојот Бог. {43:1} Пресуди ми, Боже, и расправи ја тужбата моја против безбожниот народ. Избави ме од неправеден и лукав човек. {43:2} Бидејќи Ти си засолниште мое, Боже, зошто си ме отфрлил? И зошто одам така нажален додека непријателот ме мачи? {43:3} Испрати ја Твојата светлина и Твојата вистина да ме водат и да ме доведат во Твојата света гора и во Твоето живеалиште. {43:4} И ќе пристапам до Божјиот жртвеник, до Бога, мојата радост. На харфа ќе Те славам, Боже, Боже мој! {43:5} Зошто тагуваш душо моја, и зошто си вознемирена! Надевај се на Бога, бидејќи пак ќе Го прославувам Него, мојот Помошник, мојот Бог. {44:1} Боже, со ушите наши чувме, а татковците наши ни раскажуваа за делото што си го направил во нивните дни, во деновите древни. {44:2} Ти со Твојата рака си истребил народи, а нив си ги населил; си уништил народи, а нив си ги раширил; {44:3} бидејќи тие не со меч ја придобија земјата, и нивните мишки не ги спасиле, туку Твојата десница и Твојата мишка и светлината на Твоето лице, зашто Ти беа по волја. {44:4} Боже, само Ти си цар мој и Бог мој, Кој му извојува победа на Јаков. {44:5} Со Тебе, ги потиснавме нашите непријатели, и со Твоето име ќе ги уништиме оние, што стануваат против нас; {44:6} зашто јас нема да се надевам на мојот лак и мечот мој нема да ме спаси; {44:7} туку Ти нè спаси од непријателите наши и ги посрами оние што нè мразат. {44:8} Со Бога се фалевме секој ден и Твоето име вечно ќе го прославуваме. {44:9} Но сега Ти нè отфрли и нè посрами, па не излегуваш, Боже, со нашите војски; {44:10} нè сврти во бегство пред непријателите наши, и оние, што нè мразат, нè ограбуваа. {44:11} Нè предаде како овци на клање и нè растури меѓу незнабошците. {44:12} Ефтино го продаде народот Свој, не бараше висока цена за нив; {44:13} нè предаде за презир кај соседите наши, за потсмев и хулење на оние, кои живеат околу нас; {44:14} нè направи за приказ меѓу незнабошците, и мнозина ја вртат главата. {44:15} Секој ден срамот мој е пред мене, и црвенило го покрива лицето мое, {44:16} од гласот на оној што се потсмева и од клеветникот, пред очите на непријателите и одмаздниците. {44:17} Сето тоа нè снајде нас, но ние не Те заборавивме Тебе и не го нарушивме заветот Твој. {44:18} И не отстапи срцето наше, и стапките наши не се отклонија од Твојот пат, {44:19} кога нè порази во местото, каде што живеат чакали и нè покри со смртна сенка. {44:20} Ако го бевме заборавиле името на нашиот Бог и да ги бевме протегнале рацете наши кон туѓ бог, {44:21} зар Бог тогаш немаше да дознае за тоа? Зашто Тој ги знае тајните на срцата. {44:22} Заради Тебе нè убиваат секој ден, нè сметаат како овци определени за клање. {44:23} Разбуди се, зошто спиеш, Господи!? Разбуди се, и не отфрлај нè засекогаш! {44:24} Зошто го одвраќаш лицето Свое, ја забораваш бедата наша и неволјата наша? {44:25} Бидејќи душата наша се понизи до прав, а утробата ни се прилепи за земјата, {44:26} стани, Господи, и помогни ни, избави нè поради љубовта Твоја. {45:1} Од срцето мое се изливаат благи зборови; Му ги посветувам на Царот стиховите мои; јазикот ми е како перо на брзописец. {45:2} Ти си најпрекрасниот меѓу синовите човечки, благодат се излива од Твојата уста; затоа Бог Те благословил довека. {45:3} Препаши го на бедрото мечот Свој, о силнику: во Својата красота и убавина! {45:4} И така величествен, поитај победоносно заради вистината, кротоста и правдата, и Твојата десница ќе покаже чудесни дела. {45:5} Изострени се Твоите стрели, народите ќе паднат пред Тебе, - тие ќе се забодат во срцата на царските непријатели. {45:6} Твојот престол, Боже, е вечен: жезолот на правдата е жезол на Твоето царство. {45:7} Ти ја љубиш праведноста и го мразиш беззаконието; затоа, Бог, Твојот Бог, Те помаза со миризливо масло на радоста повеќе од Твоите собраќа. {45:8} Сите Твои облеки мирисаат на смирна, алој и касија; кога излегуваш од дворците од слонова коска, харфи те развеселуваат. {45:9} Царски ќерки се во Твојата почесна придружба; царицата стои покрај Тебе оддесно, украсена со офирско злато. {45:10} Чуј, ќерко, види, приклони го увото свое: заборави го твојот народ и домот на таткото твој! {45:11} Зашто Царот ја посака твојата убавина, зашто Тој е твој Господар и приклони Му се тогаш ти. {45:12} И ќерката тирска ќе Му се поклони со подароци и најбогатите меѓу народот ќе ја бараат твојата благонаклоност. {45:13} Сета слава на царската ќерка е внатре: нејзината облека е везена со злато; {45:14} во везена облека ќе ја доведуваат кај Царот; по неа одат девици, нејзини другарки. {45:15} Ги доведуваат со веселба и радост, влегуваат во Царевиот дворец. {45:16} Место твоите татковци, овде ќе бидат твоите синови; Ти ќе ги поставиш за кнезови по целата земја. {45:17} Ќе го спомнуваат името Твое од род во род; затоа народите ќе Те слават од век до век. {46:1} Бог ни е нам прибежиште и сила, докажан помошник, во неволја. {46:2} Затоа нема да се уплашиме, па макар и земјата да се разниша, и горите да се срушат во срцето морско. {46:3} И ако бучат и се креваат водите нивни, и да се тресат горите од жестината нивна. {46:4} Речните потоци го веселат Божјиот град, Светото живеалиште на Севишниот. {46:5} Бог е среде него; тој нема да се разниша: Бог ќе му помогне уште пред зори. {46:6} Се збунија народите; се потресоа царствата; Севишниот го пушти Својот глас, и Земјата се топи. {46:7} Господ Саваот е со нас, Јакововиот Бог е наше прибежиште. {46:8} Дојдете и видете ги делата Божји -пустошењата што ги направи Тој на Земјата. {46:9} Прекратувајќи ги војните до крајот на Земјата, ќе го скрши лакот и ќе го здроби копјето, и штитовите големи со оган ќе ги изгори. {46:10} Застанете и разберете дека Јас сум Бог, возвишен над народите, возвишен над Земјата. {46:11} Господ Саваот е со нас, Јакововиот Бог е наше прибежиште. {47:1} Заплескајте со рацете, сите народи воскликнете кон Бога со радосен глас; {47:2} зашто Севишниот Господ е страшен, Голем Цар е над целата Земја. {47:3} Тој ни покори под нозе луѓе и народи; {47:4} Тој ни одбра наследство за нас, достоинственоста на Јаков, кого го возљуби. {47:5} Се искачи Бог при восклици, Господ со трубен звук. {47:6} Пејте Му на нашиот Бог, пејте; пејте Му на нашиот Цар, пејте, {47:7} зашто Бог е Цар над целата Земја; пејте Му псалм! {47:8} Бог е цар над народите, Бог седи на светиот Свој престол; {47:9} незнабожечките кнезови се собираат како народ кон Авраамовиот Бог, зашто земните заштитници Му припаѓаат на Бога, Тој е возвишен над сите. {48:1} Голем е Господ и многу фален во градот на нашиот Бог, на Својата света гора. {48:2} Прекрасна возвишеност, радост на целата земја е гората Сион; на северната страна нејзина е градот на големиот Цар. {48:3} Бог, Кој е во Неговите тврдини, се покажа како сигурна одбрана. {48:4} Зашто, ете, се собраа царевите земни и сите дојдоа заедно, {48:5} па, откако видоа, се восхитија, се стаписаа и збунети побегнаа: {48:6} страв ги опфати таму, па се мачеа како жена родилка; {48:7} како силен ветар што ги разбива таршишките кораби. {48:8} Како што чувме, така и видовме во градот на Господ Саваот, во градот на нашиот Бог: Бог го основа за довека. {48:9} Ја спомнуваме, Боже, милоста Твоја среде храмот Твој. {48:10} Името Твое, Боже, како и Твојата слава досегаат до краиштата на земјата: Твојата десница е полна со победа. {48:11} Нека се весели гората Сион, и да се радуваат јудејските ќерки заради Твоите судови. {48:12} Одете околу Сион и обиколете го, избројте ги кулите негови. {48:13} Видете ги бедемите негови, разгледајте ги неговите дворци, за да му раскажете на идниот род, {48:14} дека овој Бог е наш Бог во сите векови: Тој ќе ни биде пастир вечен. {49:1} Чујте го ова сите народи; внимавајте вие сите што живеете по светот, {49:2} мали и големи, богати и сиромаси заедно. {49:3} Устата моја ќе говори мудрост, и мислата на срцето мое - разбирливи нешта. {49:4} Ќе го наклонам увото свое кон поучни изреки: со харфа ќе ја изложам гатанката моја. {49:5} Зошто да се плашам во тешки денови, кога беззаконието на моите предавници ќе ме опколи? {49:6} Вие, што имате верба во силите свои и се фалите со големото богатство свое, чујте: {49:7} Никој не може себеси да се искупи, ниту може човекот да Му плати откуп на Бога, {49:8} ниту цена за откуп на душата своја, бидејќи таа е превисока, {49:9} дури и да се мачи долго, да живее вечно и гроб да не види. {49:10} Зашто и мудрите умираат, неразумните и безумните загинуваат заедно, а го оставаат богатството на други. {49:11} Нивните гробови ќе им бидат вечни домови, живеалиштата од род во род, иако земјите нивни ги носат имињата нивни. {49:12} И човек што живее неразумно, заприлегува на животните што загинуваат. {49:13} Таква им е судбината на безумниците, крајот на оние што се задоволни со својот дел. {49:14} Тие се како овци определени за во пеколот, смртта им е пастир, а в зори праведните ќе господарат над нив; силата нивна ќе се истроши, пеколот ќе им биде дом. {49:15} Но Бог ќе ја спаси душата моја од раката на пеколот, милостиво ќе ме прими. {49:16} Не плаши се кога човек се збогатува, кога богатството на домот негов расте; {49:17} зашто, умирајќи, ништо нема да земе, ниту, пак, богатството негово ќе појде по него; {49:18} макар што при животот негов се сметал за среќен - а тебе те фалат кога си угодуваш - {49:19} и тој ќе им се придружи на своите предци, нема никогаш да види светлина. {49:20} Човек, кој неразумно живее, сличен е на животните што загинуваат. {50:1} Бог над боговите, Господ, говори и ја повикува Земјата од сончевиот изгрев до запад. {50:2} Од Сион, кој е врв на убавината, заблескува Бог; {50:3} доаѓа нашиот Бог, и нема да молчи; пред Него ќе има оган што проголтува, околу Него бура. {50:4} Тој ќе ги повика небото горе и Земјата, за да му суди на Својот народ: {50:5} „Соберете ги кај Мене светиите Мои, кои Ми се заветуваа преку жртва!” {50:6} И небесата ќе ја огласат Неговата праведност, зашто Бог е судија. {50:7} „Чуј, народе Мој, и Јас ќе говорам, Израеле, ќе сведочам против тебе: Јас сум Бог, Твој Бог. {50:8} нема да те прекорувам поради твоите жртви; твоите сепаленици секогаш се пред Мене; {50:9} нема потреба да примам телци од твојот дом, ниту козли од стадата твои, {50:10} зашто Мои се сите горски ѕверови и добитокот по горите и говедата. {50:11} Ги познавам сите птици небески, и убавината на полињата е пред Мене, {50:12} ако огладнам, нема да ти кажам тебе, зашто Моја е вселената и сè што ја исполнува. {50:13} Зар Јас јадам јунешко месо и пијам крв јарешка? {50:14} Принеси Му на Бога благодарствена жртва и исполнувај ги своите завети пред Севишниот. {50:15} и повикај Ме во тежок ден; Јас ќе те избавам, а ти ќе Ме прославиш.” {50:16} А на грешникот Бог му вели: „Зошто напамет ги кажуваш Моите одредби и со уста го спомнуваш Мојот завет?” {50:17} А самиот ја мразиш поуката Моја и зад грб ги фрлаш зборовите Мои? {50:18} Кога ќе видиш крадец, се зближуваш со него и со прељубници се дружиш; {50:19} устата твоја е полна со злоба, и јазикот твој измами плете; {50:20} седиш и го клеветиш братот свој, синот на својата мајка го озборуваш. {50:21} Ти го изврши тоа, а јас молчев; ти си помисли дека Јас сум, каков што си ти. Ќе те изобличам и ќе ти ги изнесам пред лицето твое гревовите твои. {50:22} Разберете го ова вие, кои Го заборавате Бога, за да не ве раскине, па тогаш ќе нема избавител. {50:23} Кој принесува жртва благодарствена, тој Ме прославува, и кој го следи Мојот пат, нему ќе му го соопштам Божјото спасение. {51:1} Помилуј ме, Боже, поради големата Твоја милост, и заради големата Твоја добрина избриши ги беззаконијата мои. {51:2} Измиј ме темелно од моето беззаконие и очисти ме од мојот грев, {51:3} зашто престапите мои ги знам и мојот грев е секогаш пред мене. {51:4} Против Тебе, само против Тебе згрешив и пред Тебе зло извршив, така што Ти си праведен кога ќе пресудуваш и беспрекорен кога ќе судиш. {51:5} Ете, грешен сум роден, грешник уште од кога ме зачна мајка ми. {51:6} Ти ја сакаш вистината во срцето, и внатре во мене ме учиш на мудроста Твоја. {51:7} Пороси ме со исоп, и ќе бидам чист; измиј ме и ќе бидам побел од снег. {51:8} Дај ми да чујам радост и веселба, нека се зарадуваат коските што Ти ми ги здроби. {51:9} Одврати го лицето Свое од гревовите мои и избриши ги сите мои беззаконија. {51:10} Создај чисто срце во мене, Боже, и нов и прав дух стави во мене. {51:11} Не отфрлај ме од лицето Свое и Светиот Дух Твој не одземај Го од мене. {51:12} Врати ми ја радоста на спасението од Тебе и благороден дух зацврсти во мене. {51:13} Тогаш ќе ги научам престапниците да одат по Твоите патишта, и грешниците кон Тебе ќе се обраќаат. {51:14} Ослободи ме од пролеаната крв, Боже, Боже на моето спасение, и јазикот мој ќе пее за Твоето избавување! {51:15} Господи, отвори ја устата моја, и устата моја ќе ја објави похвалата Твоја; {51:16} зашто, жртви не ти се мили, кога би ти принел сепаленици, Ти не би ги примил. {51:17} Жртвата пред Бога е срушен дух; срце понизно и смирено Ти, Боже, не отфрлуваш. {51:18} Господи, направи му добро на Сион, според благоволението Свое, обнови ги ѕидовите ерусалимски. {51:19} Тогаш ќе Ти бидат угодни жртвите на правдата, вознесувањата и жртвите сепаленици; тогаш на Твојот олтар ќе принесуваат телци. {52:1} Зошто, се фалиш, силнику, со пакост? Беззаконија вршиш по цел ден! {52:2} Јазикот твој погубни работи измислува; како наострен брич ти е - сплеткару! {52:3} Ти повеќе го засака злото отколку доброто, лагата, отколку вистината, {52:4} ти, лукав јазику, засака секакви погубни зборови! {52:5} Поради тоа Бог, до крај ќе те уништи, ќе те истргне и ќе те искорне од живеалиштето твое, и коренот твој - од земјата на живите. {52:6} Ќе видат праведните, ќе се уплашат и ќе му се потсмеваат, па ќе речат: {52:7} „Ете човек, кој немаше прибежиште во Бога, туку имаше верба во големото богатство свое, и побара прибежиште во благосостојбата!” {52:8} А јас, пак, сум во Божјиот дом како плодна маслина и се надевам на милоста Божја во сите векови. {52:9} Вечно ќе Те славам за она што го направи, и ќе Го величам името Твое, пред светиите Твои, зашто тоа е добро {53:1} Рече безумникот во срцето свое: „Нема Бог!” Станаа развратни луѓето и гнасни во беззаконијата; нема кој да прави добро. {53:2} Бог погледна од небесата кон синовите човечки, за да види, има ли некој што е разумен, што Го бара Бога. {53:3} Сите тргнаа по лош пат, сите се расипани; нема кој да прави добро, нема ниеден. {53:4} Зар нема да се вразумат оние што вршат беззаконие, оние што го јадат народот Мој, како што го јадат лебот, но Бога не Го повикуваат? {53:5} Ќе затреперат тие од страв, страв каков што досега немало, зашто Господ ќе им ги растури коските на оние што те опколуваат. И тие ќе се посрамат, зашто Бог ги отфрли. {53:6} Ех, кога би можело да дојде спасението за Израел од Сион?! Кога Бог ќе ги врати заробените од народот Свој, тогаш ќе се зарадува Јаков и ќе се развесели Израел. {54:1} Боже, со името Твое спаси ме и со силата Твоја избори се за мојата правда. {54:2} Боже, услиши ја молитвата моја, чуј ги зборовите од устата моја; {54:3} зашто дрски луѓе се кренаа против мене, и насилници го бараат животот мој; тие не мислат на Бога. {54:4} Ете, Бог ми помага; Господ е заштитник на животот мој. {54:5} На непријателите мои Тој ќе им врати за злото; ќе ги истреби со вистината Своја. {54:6} Со сесрдност Ти принесувам жртва, го прославувам името Твое, Господи, зашто е добро, {54:7} зашто Ти ме избави од секоја неволја и окото мое презриво ги гледа непријателите мои. {55:1} Чуј ја, Боже, молитвата моја и не криј се од моето молење; {55:2} погледај ме и услиши ме. Нажален сум во тагата моја {55:3} и збунет сум од гласот на непријателите, од притисокот на грешниците, зашто вршат врз мене беззаконие и со гнев разгоруваат непријателство против мене. {55:4} Срцето мое затрепери во мене, и смртен страв ме спопадна; {55:5} страв и трепет ме сполетаа, и стравотии ме обзедоа. {55:6} И јас реков: „Кој ќе ми даде крилја гулабови, па да одлетам и да се успокојам; {55:7} далеку би отишол и би се сместил во пустината; {55:8} би побрзал да си најдам засолниште од бурата и виорот. {55:9} Смути ги, Господи, и раздели ги нивните јазици, зашто видов насилство и расправии во градот.” {55:10} Дење и ноќе обиколуваат покрај ѕидовите негови; и во него беззаконие, мака и неправда има; {55:11} а не недостасува ни измама и лукавство по улиците негови. {55:12} Да ме беше навредил непријателот мој, тоа би го поднел, и завидливецот мој да се беше покажал силен, јас ќе се сокриев; {55:13} но тоа беше ти, човеку, кој си како јас, другар мој и пријател мој, {55:14} со кого радосно се дружев и сме оделе заедно во Божјиот дом! {55:15} Смртта нека дојде на нив; да слезат живи во пеколот, зашто пакост има среде нив, во живеалиштата нивни. {55:16} Јас, пак, Бога ќе Го повикам, и Господ ќе ме слушне. {55:17} Навечер и наутро, и напладне ќе молам и ќе викам, и Тој ќе го чуе гласот мој, {55:18} ќе ја избави во мир душата моја од оние, кои ми се приближуваат, зашто многу ги има што се против мене, {55:19} Бог ќе ме чуе и ќе ги понизи; Оној, Кој вечно царува, зашто во нив нема промена; тие не се плашат од Бога. {55:20} Ги креваат рацете свои против оние, со кои живееја во мир, го нарушија Неговиот завет. {55:21} Говорот им е мек како кајмак, а во срцето им е непријателство; зборовите им се како масло, но тие се стрели. {55:22} Пренеси ја на Господ маката своја, и Тој ќе те поткрепи. Тој нема да дозволи праведниот човек да пострада. {55:23} Ти, Боже, ќе ги фрлиш во погибелна јама; крвниците и измамниците нема да поживеат ни половина од деновите свои. Јас, пак, во Тебе се надевам! {56:1} Смилувај се Боже, на мене, луѓето ме газат, напаѓајќи секој ден, душманот ме притиска. {56:2} Моите непријатели по цел ден ме газат, зашто мнозина се оние, кои ме напаѓаат. {56:3} Кога страв ќе ме спопадне, во Тебе се надевам, Севишен. {56:4} Божјото ветување го славам; на Бога се надевам. Нема да се плашам; што може да ми направи човек? {56:5} Секој ден ги извртуваат зборовите мои; сите нивни мисли упатени против мене се зло. {56:6} Се собираат и се кријат, ги набљудуваат чекорите мои, упорно работат против мојот живот. {56:7} Плати им за нивниот злочин, со гнев Боже, собори ги народите! {56:8} Ти ги броеше моите маки, солзите мои ги собираше во мешина. Зар не е сè запишано во Твојата книга? {56:9} Непријателите мои ќе се вратат назад, секогаш кога Те призовувам; по тоа знам дека Бог е за мене. {56:10} Божјото ветување го славам; се фалам за зборот Господов, {56:11} во Бога имам верба, не се плашам; што може да ми направи човекот? {56:12} Ме обврзуваат, Боже, ветувањата што Ти ги дадов; благодарствени молитви ќе Ти упатам. {56:13} Зашто Ти ја избави душата моја од смрт, а и нозете мои од сопнување, за да одам пред Бога во светлината на живите. {57:1} Смилувај се, Боже, на мене. Смилувај се, зашто во Тебе се надева душата моја, и во сенката на крилјата Твои ќе се засолнам додека не минат опасностите. {57:2} Викам кон Бога Севишниот, кон Бога, Кој ми прави добро. {57:3} Тој ќе прати од небото и ќе ме спаси; ќе ги посрами оние, кои ме газат. Ќе ја испрати Бог Својата милост и Својата верност. {57:4} Лежам среде лавови кои растргаат синови човечки; та нивните заби се копја и стрели, а јазикот им е остар меч. {57:5} Возвиси се на небесата, Боже, и по целата земја нека биде Твојата слава! {57:6} Тие подготвија стапица за нозете мои; и ја приклештија душата моја: ископаа пред мене јама, но сами паднаа во неа. {57:7} Подготвено е срцето мое, Боже, спремно е срцето мое, ќе пеам и ќе свирам. {57:8} Разбуди се, душо моја, разбудете се харфо и лиро! Јас ќе ја разбудам и зората. {57:9} Ќе Те славам, Господи, меѓу народите, ќе Те воспеам меѓу племињата, {57:10} зашто Твојата милост се возвеличи до небесата, и Твојата верност се протега сè до облаците. {57:11} Возвиши се, Боже, над небесата и по целата земја нека биде Твојата слава! {58:1} Дали навистина кажувате правда? Судите ли праведно, вие, човечки синови? {58:2} Во срцето свое кроите беззаконие, вашите раце плетат насилство на Земјата. {58:3} Се отуѓија грешниците од мајчиното крило, се заблудеа од утробата мајчина, говорејќи лага. {58:4} Јароста им е како змиски отров, како отровот на глувата аспида, која ги затнува ушите свои, {58:5} и не го слуша гласот на бајачот, вражачот вешт во вражањето. {58:6} Бог нека им ги скрши нивните заби во устите нивни; разбиј ги, Господи, челустите лавовски! {58:7} Нека се разлијат како вода што истекува; како изгазена трева нека се исушат! {58:8} Како полжав што се топи да се растопат, како пометнат плод, сонце да не видат никогаш! {58:9} Пред котлите ваши да осетат топлина од запаленото трње, сурово или суво, виор нека ги однесе! {58:10} Ќе се зарадува праведниот, кога ќе ја види одмаздата над безбожниците; ќе ги мие нозете свои во крвта на грешникот. {58:11} И ќе рече човекот: навистина има награда за праведниот! Навистина има Бог, Кој суди на Земјата! {59:1} Спаси ме од непријателите мои, Боже мој, заштити ме од оние што стануваат против мене! {59:2} Избави ме од оние што вршат беззаконија; спаси ме и од крвниците; {59:3} зашто, ете, тие ја демнат душата моја; ме напаѓаат силните без престап мој и без грев мој, Господи. {59:4} Без моја вина навалија на мене; стани, излези ми во пресрет и погледај. {59:5} Ти, Господи, Боже на силите, Боже Израелов, разбуди се и казни ги сите овие народи и не поштедувај ниеден од оние што вршат беззаконие. {59:6} Навечер тие се враќаат, вијат како кучиња и одат околу градот. {59:7} И, ете, блујат со јазикот свој; во устата имаат меч, „Зашто, - си велат тие, - кој ќе чуе?” {59:8} Но Ти, Господи, им се смееш; им се подбиваш на сите безбожни народи. {59:9} Сило моја, Тебе те очекувам, зашто Ти си, Боже, мое прибежиште. {59:10} Мојот Бог, ќе ме пресретне со љубов, Бог мој, Кој ми ги покорува моите непријатели. {59:11} Не убивај ги, за да не заборави мојот народ; растури ги со силата Своја и победи ги, Господи, заштитниче наш. {59:12} За гревот на устата нивна; за зборот во устата нивна нека се фатат во гордоста своја, бидејќи само клетви и лаги кажуваат. {59:13} Истреби ги во гнев, и нема веќе да ги има; за да увидат дека Бог управува над Јаков и до краиштата на земјата. {59:14} Навраќаат секоја вечер, завиваат како кучиња, и одат околу градот; {59:15} Тие скитаат, барајќи храна, а кога нема да се заситат, ги поминуваат ноќите 'ржејќи. {59:16} Јас, пак, со песна ќе ја славам Твојата сила и од рани зори ќе се зарадувам со Твојата милост, бидејќи Ти ми беше закрила и прибежиште во денот на мојата несреќа. {59:17} Сило моја, Тебе Ти пеам, зашто Ти си закрила, Боже мој, милост моја. {60:1} Боже, Ти нè отфрли и нè растури, се разгневи, но сега обнови нè пак! {60:2} Ја потресе земјата и ја расече; стегни ги пукнатините нејзини, зашто таа се ниша. {60:3} Ти му покажа на Твојот народ жестокост и нè напои со заносно вино. {60:4} На оние, што се бојат од Тебе, им даде знак за да се избават од убојниот лак. {60:5} За да се избават Твоите возљубени, спаси нè со Твојата десница и услиши нè. {60:6} Рече Бог во Своето Светилиште: „Со веселба ќе го разделам Сихем и ќе ја премерам долината на Сукот заради поделба. {60:7} Мој е Галаад, и Мој е Манасија, и Ефрем е шлем на главата Моја, и Јуда е жезол Мој. {60:8} Моав Ми е леген за миење, врз Едом го фрлам чевелот Свој, {60:9} Кој ќе ме воведе во укрепениот град? Кој ќе ме доведе до Едом? {60:10} Зар не Ти, Боже, Кој нè отфрли? Ти веќе не излегуваш, Боже, со нашите војски. {60:11} Помогни ни против непријателите, зашто од човекот нема спасение.” {60:12} Со Бога храбро ќе се бориме, Тој ќе ги уништи нашите мачители. {61:1} Услиши го, Боже, моето молење, прими ја молитвата моја. {61:2} Кон Тебе викам од крајот на Земјата, зашто срцето ми папса. Подигни ме на висока карпа, {61:3} зашто Ти си моето прибежиште, крепосен заклон од непријателот. {61:4} Дај ми да се населам вечно во Твоето живеалиште да се засолнам под покривот на Твоите крилја. {61:5} Зашто Ти, Боже, ги чу моите молитви и им даде наследство на оние, кои се бојат од Твоето име. {61:6} Додај му уште денови кон деновите на царот и продолжи му ги годините од род во род, {61:7} за да владее вечно пред Бога; милост и верност испрати му за да го чуваат. {61:8} И така, со песна ќе го воспевам Твоето име и ќе ги извршувам своите завети секој ден. {62:1} Само во Бога успокојува душата моја, од Него е моето спасение. {62:2} Зашто Тој е Бог мој, и мој Спасител. Тврдина моја: нема да се поколебам. {62:3} До кога ќе притискате врз човекот? Го уривате сите вие како наклонет ѕид и накривена ограда! {62:4} Намисливте да го уништите моето достоинство со лага; со устата своја благословувате, а со срцето свое колнете. {62:5} А ти, душо моја, само на Бога чекај, зашто само во Него е мојата надеж. {62:6} Само Тој е моја Карпа и Спасител мој: тврдина моја и нема веќе да се колебам. {62:7} Во Бога е моето спасение и мојата слава; Бог ми е силна Карпа и прибежиште мое. {62:8} Надевајте се во Него сите луѓе во секое време; отворете го срцето ваше пред Него: Бог е нашето прибежиште. {62:9} Синовите човечки се само суета; синовите човечки се лага; кога би ги ставиле на мерило, тие сите заедно би биле полесни од здив! {62:10} Не верувајте во насилство и не посакувајте грабеж; кога богатството расте, не приврзувајте го срцето кон него. {62:11} Еднаш Бог рече, а двапати јас го чув тоа дека силата е во Бога, {62:12} дека во Тебе, Господи, е силата Божја и дека во Тебе има милост, зашто Ти му плаќаш на секого според делата негови. {63:1} Боже, Ти си мојот Бог, Тебе Те барам; за Тебе зажедне душата моја. За Тебе копнее телото мое како земја пуста, неплодна и безводна! {63:2} И така со поглед Те барав во Светилиштето Твое, за да ја видам Твојата сила и Твојата слава. {63:3} Зашто милоста Твоја е подобра од животот, устата моја ќе Те фали. {63:4} Така ќе Те благословувам во животот мој, и во Твое име ќе ги кревам рацете мои. {63:5} Како со маст и масло се наситува душата моја, и со радосен глас ќе те фали устата моја. {63:6} Кога ќе се сетам за Тебе во постелата моја, во ноќните часови за Тебе размислувам, {63:7} зашто Ти си ми помошник и под сенката на Твоите крилја Ти пеам. {63:8} Кон Тебе се прилепува душата моја, твојата десница ме поддржува. {63:9} А оние кои сакаат да ме лишат од мојот живот, ќе слезат во длабочината на Земјата. {63:10} Ќе бидат предадени на силата на мечот; ќе станат плен на чакалите. {63:11} А царот ќе се зарадува во Бога, и секој ќе се фали, кој во Него се колне, бидејќи ќе замолкне устата на лажливците. {64:1} Чуј го, Боже, гласот мој, кога Ти се молам; зачувај ми го животот мој од непријателот што ме застрашува. {64:2} Сокриј ме од тајните завери на грешниците, од плановите на злочинците. {64:3} Тие ги наострија јазиците свои како меч, тие исфрлаат ранливи зборови, како стрели, {64:4} за да стрелаат скришно на непорочниот; тие стрелаат ненадејно врз него, без страв. {64:5} Тие цврсто се договорија за зло; се договорија како да ја прикријат замката, па си рекоа: кој ќе нè види? {64:6} Сонуваат за злодела, скришни заговори кројат. Зашто, човековото срце и ум се длабока бездна. {64:7} Но Бог ќе ги застрела, ќе ги рани ненадејно. {64:8} Сопствениот јазик пропаст ќе им донесе; сите оние што ќе ги видат, ќе се стаписаат. {64:9} И секој човек ќе се уплаши. Ќе се раскажува за делата Божји и ќе размислуваат за она што Тој го изврши. {64:10} А праведниот ќе се развесели во Господ и ќе прибегне кај Него; и ќе се веселат сите кои се праведни по срце. {65:1} Тебе, Боже, Ти припаѓа похвалата на Сион, и Тебе ќе Ти се даваат завети. {65:2} Ти услишуваш молитви, кај Тебе ќе дојде секоја плот. {65:3} Кога грешни дела нè совладуваат, Ти ги простуваш нашите престапи. {65:4} Блажен е оној, кого Ти си го избрал и примил да живее во Твоите дворови; дај да се наситиме со добрини од Твојот дом, од светоста на Твојот Храм. {65:5} Преку чудесни дела ни одговараш и нè избавуваш, Боже, Спасителе наш, Ти си надеж на сите земни краишта и на оние што се далеку преку морето. {65:6} Ти, Кој горите си ги поставил со силата Своја и со моќ си се препашал, {65:7} Ти Кој ја замолкнуваш морската бучава, шумот што го прават брановите, и буните кај народите. {65:8} И се плашат сите оние што живеат на крајот на светот, од чудесата Твои: Ти создаваш радост каде што утрото се раѓа и вечерта заоѓа. {65:9} Ти ја посетуваш Земјата, ја напојуваш, ја збогатуваш: потокот Божји е полн со вода; си им приготвил храна на луѓето, бидејќи така си ја подготвил: {65:10} ги напојуваш браздите нејзини, и ги порамнуваш грутките нејзини и со дождовни капки ја благословуваш да раѓа плодови; {65:11} ја овенчуваш годината со Твојата добрина и колите Твои полни се со плодови. {65:12} Се појавуваат пасишта по пустините и ритчињата се исполнуваат со радост; {65:13} Ливадите се китат со стада, а долините се редат со плодови: сите воскликнуваат и пеат. {66:1} Воскликни Му на Бога, Земјо цела! {66:2} Воспејте го името Негово, воздајте Му слава и похвала! {66:3} Кажете Му на Бога: колку се страшни делата Твои! Поради големината на силата Твоја, ќе Ти се покоруваат непријателите Твои. {66:4} Целата земја Ти се покорува и Ти пее, Ти пее на Твоето име! {66:5} Дојдете и видете ги делата Божји, колку е страшен во чудата Свои за синовите човечки. {66:6} Тој го претвори морето во суво; преку река минаа со нозе; таму се зарадувавме во Него. {66:7} Со Својата моќ Тој владее вечно; Неговите очи гледаат на народите за да не се кренат бунтовниците. {66:8} Благословувајте Го, народи, нашиот Бог и искажете Му похвала гласно. {66:9} Тој и даде живот на душата наша и не дозволи да потклекнат нозете наши; {66:10} Ти нè испита, Боже, нè очисти, како што среброто со оган се пречистува. {66:11} Ти нè воведе при примка, ни стави товар на нашите плеќи. {66:12} Допушти луѓето да ни се качат на глава. Минавме низ оган и вода, но нè изведе да здивнеме. {66:13} Ќе влезам во Твојот дом со сепаленица, ќе Ти ги исполнам моите завети, {66:14} што ги изговорија усните мои и ги искажа устата моја кога бев во неволја. {66:15} Мрсни сепаленици ќе Ти принесам Тебе, со кадило од овни, ќе Ти принесам Тебе и волови и кози. {66:16} Дојдете и чујте вие сите кои се боите од Бога и ќе ви раскажам сè што направи Тој за душата моја. {66:17} Повикав кон Него со устата моја и Го возвеличив со јазикот свој. {66:18} Да мислев беззаконие во срцето мое, Господ немаше да ме услиши. {66:19} Но ме услиши Господ, го чу гласот на молењето мое. {66:20} Нека е благословен Бог, Кој не ја отфрли молитвата моја и не ме остави без милоста Своја! {67:1} Боже, биди милостив кон нас и благослови нè; осветли нè со лицето Свое, {67:2} за да се спознае на Земјата патот Твој, и меѓу сите народи спасението од Тебе. {67:3} Да Те прославуваат народите, Боже, сите народи да Те прославуваат. {67:4} Племињата нека се развеселат и нека се радуваат, зашто праведно им судиш на народите, и ги водиш народите на Земјата. {67:5} Народите нека Те прославуваат, Боже, сите народи нека Те слават! {67:6} Земјата го даде својот плод; Бог, нашиот Бог нè благослови. {67:7} Да нè благослови Бог и сите земни краишта нека Го почитуваат. {68:1} Нека се крене Бог, и да се распрснат непријателите Негови; нека се разбегаат пред лицето Негово оние што Го мразат. {68:2} Како што димот исчезнува, така да исчезнат; како што восокот се топи од оган, така да загинат грешниците од лицето Божјо! {68:3} А праведните да се развеселат, да се зарадуваат пред Бога и ќе Го прославуваат во радоста. {68:4} Пејте Му на Бога, пејте Му на Неговото име; направете Му пат на Оној, Кој се движи по небото; името Му е Господ, и радувајте се пред Него. {68:5} Татко на сираците и Заштитиник на вдовиците; Тој е Бог во Своето свето место. {68:6} Бог им дава домови на напуштените, ги ослободува од окови затворениците, а непокорните остануваат да живеат во пеколна пустина. {68:7} Боже, кога Ти излегуваше пред Твојот народ, кога чекореше по пустината, {68:8} земјата се тресеше и небесата истураа дожд пред Бога, Бог на Синај - пред Бога, Бог Израелов. {68:9} Изобилен дожд изли Ти, Боже, врз Твоето наследство, и кога тоа изнемоштуваше, Ти го поткрепуваше. {68:10} Стадата Твои живеат на неа; во Својата добрина, Боже, Ти се погрижи и за сиромасите. {68:11} Господ дава наредба; голема е придружбата на известителите: {68:12} цареви на армии бегаат ли бегаат, а жените по домовите пленот го делат. {68:13} Додека вие почивавте меѓу стадата, крилјата на гулабицата заблескаа во сребро, а нејзините пердуви со злато. {68:14} Кога Семоќниот ги разбиваше царевите, снег паѓаше на Селмон. {68:15} Горо моќна, горо Башанска, горо со бројни врвови, горо Башанска! {68:16} Зошто гледаш завидливо, горо со бројни врвови, кон гората што Бог ја посака за Свое пребивалиште, каде што Господ ќе престојува довека? {68:17} Божјите коли се безброј - на илјада илјади; Господ на Синај доаѓа во Светилиштето. {68:18} Ти се возвиси високо, плени плен, прими дарови од луѓето, дури и од противниците на Божјото пребивалиште таму. {68:19} Нека е благословен Бог Кој нè носи од ден во ден, Бог, нашето спасение. {68:20} Нашиот Бог е Бог Кој спасува; во власта на Господ е избавувањето од смртта. {68:21} Но Бог ќе им ги скрши главите на непријателите Свои и влакнестото теме на оние што остануваат во своите гревови. {68:22} Господ рече: од Башан ќе ги вратам, ќе ги извлечам од морските длабочини, {68:23} за да ти се натопи ногата твоја и јазикот на твоите кучиња во крвта на непријателите. {68:24} Го видов Твоето величествено доаѓање, Боже, доаѓањето на мојот Бог и Цар во Светилиштето: {68:25} напред одеа пејачите, а на крајот свирачите, а во средината - девојки со тимпани: {68:26} „Во собранијата благословувајте Го Бога, Господ, вие, што сте од семето Израелово!” {68:27} Таму беше Венијамин, најмладиот; кнезовите Јудини - со своите чети, кнезовите Завулонови, кнезовите Нефталимови. {68:28} Покажи ја Боже, силата Твоја, снагата Твоја, Боже, како што правеше со нас во минатото. {68:29} Поради Твојот храм во Ерусалим, царевите ќе Ти принесуваат дарови. {68:30} Скроти ги ѕверовите во мочуриштата, воловите со телињата на народите, згази ги под нозете оние кои се лакомат по почести, растури ги народите кои уживаат во војна. {68:31} Нека се донесе бронза од Египет, Етиопија брзо нека подаде раце кон Бога. {68:32} Царства земни, пејте Му на Бога, славете Го Господа, {68:33} Кој се вози на небо, на небесата исконски. И, ете, Тој го испраќа Својот глас, Својот силен глас. {68:34} Подајте Му слава на Бога! Над Израел е Неговото велелепие, а силата Негова на облаците. {68:35} Чудесен си Ти, Боже, во светоста Своја; Бог Израелов - Тој ќе му даде сила и крепост на Својот народ. Нека е благословен Бог! {69:1} Спаси ме, Боже, зашто водите стигнаа до гушата моја! {69:2} Потонав во длабока тиња, каде што нема дно; влегов во морска длабочина и бура ме потопи. {69:3} Изнемоштев од викање; засипна грлото мое; попуштија очите мои, чекајќи Го мојот Бог. {69:4} Оние, што ме мразат без причина, се намножија повеќе од косата на главата моја: непријателите мои, кои ме гонат неправедно, се засилија; она што не сум го зел, бараат да го вратам! {69:5} Боже, Ти го знаеш моето безумие, и гревовите мои не се сокриени од Тебе. {69:6} Да не се посрамат поради мене сите оние, што се надеваат на Тебе, Господи, Боже на силите. Да не се посрамат поради мене оние, кои Те бараат, Боже Израелов, {69:7} зашто заради Тебе поднесувам исмејување, и срам го обзеде лицето мое. {69:8} Туѓ станав за браќата свои, туѓинец за синовите на мајка ми моја. {69:9} Бидејќи ревноста за Твојот дом ме изеде, и навредите на оние што Те хулат, паѓаат врз мене; {69:10} и постам со душата своја, но и тоа ми го земаат за зло. {69:11} Место облека облекувам вреќа; и со тоа им станав за приказ; {69:12} против мене зборуваат оние што седат пред портите и пијаниците пеат за мене. {69:13} Јас, пак, молитвата моја ја упатувам кон Тебе, Господи; во благопријатно време, Боже, со големата Своја милост услиши ме заради вистината на спасението од Тебе; {69:14} изведи ме од калта за да не потонам; да се избавам од оние, кои ме мразат, а и од длабоките води; {69:15} за да не ме потопи водниот вртеж, и длабината да не ме проголта, да не ја затвори над мене бездната својата уста. {69:16} Услиши ме, Господи, зашто блага е Твојата милост; поради големата Твоја милосрдност погледај ме; {69:17} не одвраќај го лицето Свое од слугата Твој, зашто сум потиштен; услиши ме брзо; {69:18} наклони се кон душата моја и искупи ја; поради моите непријатели, спаси ме. {69:19} зашто Ти го знаеш мојот подбив, мојот срам и моето засрамување: познати Ти се сите мои непријатели. {69:20} Навредите ми го скршија срцето; очаен сум, очекувајќи некој да ми се сожали, но го немаше, и да ме утеши некој, но не го најдов. {69:21} И ми дадоа жолчка да јадам и кога зажеднев - со оцет ме напоија. {69:22} Трпезата нивна нека им биде примка, гоштевањето - стапица; {69:23} да им се помрачат очите, та да не гледаат, и бедрата нивни ослаби ги засекогаш; {69:24} излиј го врз нив гневот Свој, и јароста на Твојот гнев нека ги обземе; {69:25} домовите да им ги запустиш, и во шаторите нивни да не остане никој жив; {69:26} зашто оној кого Ти го порази, тие го гонат, и со тоа ги умножија болките од раните мои. {69:27} Притури вина врз вината нивна, за да не добијат прошка од Тебе. {69:28} Нека бидат избришани од книгата на живите и да не бидат запишани меѓу праведните. {69:29} Јас, пак, сум беден и страдам; нека дојде од Тебе, Боже, спасението за мене! {69:30} Ќе го славам името на мојот Бог со песна, ќе го возвеличувам во благодарност, {69:31} и тоа ќе Му биде поугодно на Господ, отколку теле или јунец со рогови и со копита. {69:32} Нека го видат тоа оние што страдаат и нека се зарадуваат. Нека ви живнат срцата вам, кои Го барате Бога, {69:33} зашто Господ ги слуша сиромасите и не ги презира затворениците Свои. {69:34} Нека Го слават небесата и земјата, морето и сè што живее во него; {69:35} зашто Бог ќе го спаси Сион, ќе се изградат градови во Јудеја, и таму ќе ги наследат; {69:36} и ќе се веселат таму оние што го сакаат името Негово. {70:1} Боже, дојди ми на помош; побрзај, Господи, да ми помогнеш. {70:2} Нека поцрвенеат и нека се засрамат оние, што ја бараат душата моја! Нека се уплашат, нека се уплашат и засрамат оние, кои ми пожелуваат зло. {70:3} Нека отстапат и нека се посрамат оние што ми викаат: „Аха! Аха!” {70:4} Нека се зарадуваат и развеселат во Тебе сите, кои Те бараат, и кои Те сакаат Тебе, Боже, и кои сакаат спасение од Тебе, и нека велат: „Велик е Господ!” {70:5} Јас, пак, сум беден и сиромав; помогни ми Боже, Ти си, Господи, помошник мој и избавител мој, не доцни! {71:1} Кај Тебе, Господи, се засолнувам, не допуштај да бидам посрамен никогаш! {71:2} Избави ме поради праведноста Своја и спаси ме; приклони го увото Свое кон мене и спаси ме. {71:3} Биди ми Карпа за мое прибежиште, изведи ме на место сигурно - зашто Ти си моја крепост и мое прибежиште. {71:4} Боже мој, избави ме од рацете на грешникот, од рацете на престапникот и насилникот, {71:5} зашто Ти си моја надеж, Господи, моја верба од младоста моја. {71:6} За Тебе цврсто се држам од раѓањето мое; Ти си мој покровител од мајчината ми утроба; за Тебе вечно ќе пеам. {71:7} За многумина бев како некое чудо, но Ти си мојот силен помошник. {71:8} Полна ми е устата со похвала, и со песна ја величам славата Твоја; и цел ден пеам за Твоето велелепие. {71:9} Не отфрлај ме на старост, кога ќе почне силата моја да исчезнува, не напуштај ме, {71:10} зашто непријателите мои зборуваат против мене; и оние, кои ја демнат душата моја, се договараат меѓу себе, {71:11} велејќи: „Го остави Бог; гонете го и фатете го, зашто нема кој да го избави” . {71:12} Боже мој, не оддалечувај се од мене; Боже мој, побрзај ми на помош! {71:13} Да се посрамат и да исчезнат оние што ја клеветат душата моја; да поцрвенат и се засрамат оние, што ми сакаат зло. {71:14} Јас, пак, секогаш ќе се надевам во Тебе и ќе Те славам сè повеќе. {71:15} Устата моја ќе разгласува за Твоите праведни дела, и секој ден за делата на спасението од Тебе, зашто не им го знам бројот. {71:16} Ќе влезам славејќи ги моќните дела на Господ Бог; ќе ја величам Твојата праведност - само Твојата. {71:17} Боже, Ти ме поучуваше од младоста моја, и јас сè досега ги објавувам чудесата Твои. {71:18} И во староста, кога ќе обелам, Боже, не напуштај ме, за да ја објавувам мишката Твоја, силата Твоја и правдата Твоја на сегашниот род и на идниот, {71:19} силата Твоја и правдата Твоја, Боже, досега дури до вишното небо, преку која изврши големи дела, Боже. Кој е сличен на Тебе? {71:20} Колку големи и тешки маки ми прати, но Ти пак ќе ме оживееш, и пак ќе ме изведеш од земните длабочини. {71:21} Ќе ми го зголемиш достоинството и пак ќе ме утешиш. {71:22} И јас ќе ја славам на харфа Твојата верност, Боже мој; ќе Те воспевам на лира, Светецу Израелов! {71:23} Ќе се радува устата моја, кога ќе Ти пеам, и душата моја, која си ја избавил. {71:24} И јазикот мој секогаш ќе зборува за Твојата правда, кога ќе поцрвенеат и ќе се засрамат оние, кои ми пожелуваа зло. {72:1} Боже, дај му го на царот Својот праведен суд, а на царевиот син - Својата праведност, {72:2} за да им суди со праведност на Твоите луѓе и на сиромасите Твои со праведен суд. {72:3} Горите нека им донесат мир на луѓето, и ритчињата - праведност. {72:4} Нека ги брани бедните меѓу луѓето, нека ги спаси синовите на сиромасите, а угнетувачот нека го понизи. {72:5} Нека живее, додека постои сонцето и месечината - од род во род. {72:6} Нека биде како дожд на ливада, како капки што наросуваат земја. {72:7} Во Негово време нека се зацари правда, и нека има изобилен мир сè додека не ја снема месечината. {72:8} И нека владее од море до море и од Реката до краиштата на Земјата. {72:9} Пред Него нека паднат на колена жителите на пустината, и непријателите Негови нека ја лижат прашината; {72:10} царевите на Тарсис и островјаните дарови нека му принесуваат; и царевите на Сава и од Сева дарови нека му донесуваат. {72:11} И нека Му се поклонуваат сите цареви; нека Му служат сите народи; {72:12} зашто Тој избави беден кога вика и сиромав и беспомошен. {72:13} Ќе го поштеди бедниот и сиромавиот и ќе го спаси животот на сиромасите; {72:14} од угнетувања и насилства ќе ги избави душите нивни, бидејќи е скапоцена нивната крв пред очите Негови. {72:15} Нека поживее, па ќе Му даваат арабиско злато; и нека Му се молат непрестајно, секој ден нека Го благословуваат; {72:16} Нека има на земјата жито во изобилство, до врвовите на горите; плодот Негов ќе се издига над Ливан, а во градовите луѓето нека се размножуваат како тревата по земјата, {72:17} Неговото име нека биде вечно: нека Му трае славата сè додека постои Сонцето; и во Него нека бидат благословени сите земни племиња, а и сите народи нека Го сметаат за блажен. {72:18} Нека е благословен Господ Бог, Бог Израелов, Кој единствен прави чудеса; {72:19} и нека е благословено Неговото славно име довека, и со славата Негова нека се исполни целата Земја! Амин и амин! {72:20} Завршија молитвите на Давид, Јесеевиот син. {73:1} Колку е добар Бог кон Израел, кон оние што се со чисто срце! {73:2} А нозете мои за малку не потклекнаа, за малку чекорите мои ќе станеа несигурни, - {73:3} зашто им позавидев на беззакониците, гледајќи го напредокот на грешниците, {73:4} зашто не страдаат, нивните тела се цврсти и јадри. {73:5} Немаат маки како другите, човечки неволји не ги засегаат. {73:6} Затоа горделивоста им е како веришка околу вратот, а насилството им е облека. {73:7} Очите им се подуени од сало, а од срцата им се излеваат безумија. {73:8} се подбиваат и злобно зборуваат, се закануваат надмено со насилство. {73:9} Ја креваат устата против небото, а јазикот нивен ја обиколува земјата. {73:10} Затоа народот Мој по нив се залетува, и мана не им наоѓа. {73:11} И вели: „Како ќе дознае Бог, и има ли знаење во Севишниот?” {73:12} Ете, такви се грешниците, секогаш спокојни, богатство напластуваат. {73:13} И си реков: зар залудо го чував чисто срцето свое и во невиност ги миев рацете свои? {73:14} И се изложував на непријатности секој ден и на срам секое утро? {73:15} Но ако речев: ќе расудувам и јас така, - тогаш ќе го изневерев родот на Твоите синови. {73:16} И сакав тоа да го разберам, но тоа беше тешко за мене, {73:17} сè додека не влегов во Божјото светилиште и не го разбрав нивниот крај. {73:18} Навистина, си ги поставил на лизгаво место, на пропаст ги соборуваш! {73:19} Како пропаднаа, како нејнадејно изчезнаа и загинаа однесени од ужасот! {73:20} Како што човек го презира сонот кога ќе се разбуди, така, Ти, Господи, ќе ги презреш нив, кога ќе се разбудат! {73:21} Кога душата ми беше огорчена, кога се јадосував однатре, {73:22} безумен бев и не разбирав, како добиче бев пред Тебе. {73:23} Но Јас сум секогаш со Тебе: Ти ми ја придржуваш десницата моја, {73:24} ме водиш со советот Свој и ќе ме примиш во Твојата слава. {73:25} Кого Го имам јас на небото освен Тебе? А кога сум со Тебе на земјата, ништо друго не барам. {73:26} Може да изнемошти срцето мое и телото мое; но Бог е сила на срцето мое и наследството мое. {73:27} Зашто, ете, оние, што се оддалечуваат од Тебе, пропаѓаат; Ти го истребуваш секого, кој отстапува од Тебе. {73:28} А мене ми е добро да сум до Бога, на Господ ја полагам надежта моја, за да ги раскажувам сите дела Твои кај портите на ќерката Сионова. {74:1} Зошто, Боже, нè отфрли засекогаш? Зошто гневот Твој се разгоре на овците од Твоето пасиште? {74:2} Сети се на Твојот народ, кого уште од порано го придоби, ги избави со жезолот како наследство Твое, и на гората Сионска, на која Ти се насели! {74:3} Зачекори кон вечните урнатини, непријателот уништи сè во светилиштето Твое. {74:4} Твоите непријатели викаа во Твоето Собрание, поставија свои знаци таму. {74:5} Мафтаа и кршеа со секири кај горниот влез, {74:6} со секира и дрвен чекан ги искршија дрвените резби; {74:7} го запалија со оган Твоето Светилиште, го осквернија местото, на кое името Твое престојува, до земја го разурнаа. {74:8} Рекоа во срцата свои: „Ајде докрај да ги истребиме!” И ги изгореа сите Божји светилишта во земјата. {74:9} Знаците свои не ги гледаме, нема повеќе ни пророк, и никој од нас не знае, до кога? {74:10} До кога, Боже, ќе се гордее над нас непријателот? Вечно ли противникот ќе го презира името Твое? {74:11} Зошто ја повлекуваш раката Своја и десницата Своја во пазувите Свои ја криеш? {74:12} Но Бог, Царот мој е уште од пред вековите, Тој приготвува спасение среде Земјата! {74:13} Боже, со силата Своја Ти го расече морето и ги сотре главите на водните страшила. {74:14} Ти му ја здроби главата на Левијатанот и им ја даде како храна на пустинските животни. {74:15} Ти ги отвори изворите и потоците, ти ги исуши реките непресушни. {74:16} Твој е денот и Твоја е ноќта: Ти ги постави светилата и сонцето; {74:17} Ти ги создаде сите граници на Земјата, летото и пролетта Ти ги определи. {74:18} Сети се сепак на ова; непријателот Го навреди Господа; луѓе безумни го презираат Твоето име. {74:19} Не предавај ја на ѕверовите душата на Својата грлица; не заборавај ги засекогаш душите на сиромасите Твои. {74:20} Погледај на Својот завет, зашто сите мрачни домови по земјата се исполнија со беззаконици; {74:21} Да не се врати посрамен потиснатиот; сиромавиот и бедниот нека го прославуваат Твоето име. {74:22} Стани Боже, според правдата Своја пресуди; сети се како секој ден Те хули безбожникот. {74:23} Не заборавај ја викотницата на Твоите непријатели, буната на оние што Те мразат, која постојано се крева против Тебе. {75:1} Те фалиме Тебе, Боже, Те фалиме, името Твое е близу. Луѓето ги разгласуваат твоите чудесни дела! {75:2} Кога ќе дојде време, ќе судам според правда. {75:3} Кога се заниша Земјата и сите, што живеат на неа, Јас ги зацврстив столбовите нејзини. {75:4} Им велам на дрските: не бидете дрски! И на грешниците: не дигајте рог, {75:5} не кревајте го високо вашиот рог, не говорете дрско против Бога! {75:6} зашто издигањето не доаѓа ни од исток, ни од запад, ниту, пак, од пустината; {75:7} но Бог е судија: едни унижува, а други возвисува. {75:8} Зашто чашата е во раката на Господ, со вино пенливо, промешано, Тој налева од неа и до талог ќе го испијат сите грешници на земјата! {75:9} Јас, пак, вечно ќе се радувам, ќе Му пеам на Јакововиот Бог, {75:10} ќе им ги скршам роговите на сите грешници, а рогот на праведните ќе се возвиси. {76:1} Познат е Бог во Јудеја; големо е Неговото име во Израел. {76:2} Во Шалем е Неговото место, а Неговото живеалиште - на Сион. {76:3} Таму Тој ја порази силата на стрелите, штитот и мечот и војната. {76:4} Посветол си од светлината, повеличествен од древните гори! {76:5} Се збркаа сите што беа со храбро срце; заспаа и им папсаа рацете. {76:6} Од Твојата закана, Боже Јаковов, се скаменија и коњаниците и коњите. {76:7} Ти си страшен, и кој ќе опстане пред Тебе, кога ќе се крене Твојот гнев!? {76:8} Од небесата се чу глас дека ќе судиш; Земјата се уплаши и занеме, {76:9} кога Бог стана да суди, за да ги спаси сите угнетени по Земјата, {76:10} зашто и преку човековиот бес Ти ќе се прославиш, а и остатокот од нив ќе Те прославува. {76:11} Заветувајте се на Господ, вашиот Бог, и исполнувајте ги заветите; сите, што сте околу Него, принесувајте дарови, на Страшниот, {76:12} Кој ги скротува духовите на кнезовите, од Кого се плашат и земните цареви. {77:1} Со гласот свој викам кон Бога, со гласот свој кон Бога, за да ме чуе. {77:2} Во денот на тагата моја Го барам Бога ноќе, со издигнати раце кон Него неуморно; но душата моја не може да се утеши. {77:3} Го спомнувам Бога и воздивнувам, размислувам и духот мој малаксува. {77:4} Будни се очите мои, се вознемирив и не можам да говорам. Очите ми ги држиш отворени, {77:5} Размислував за дамнешните дни, и се сетив за старите години; {77:6} Размислував ноќе со срцето свое, а духот мој ме испитуваше; {77:7} зар Господ засекогаш отфрла и не сака ли повеќе да биде благонаклонет, {77:8} или засекогаш престанала Неговата милост, и Неговите ветувања се пресекле за сите родови? {77:9} Зар Господ заборавил на штедроста Своја? Зар во гневот Свој ќе го затвори Своето милосрдие? {77:10} Па си реков: „Ова е мојата болка: десницата на Севишниот се изменила.” {77:11} Ќе си спомнам за делата на Господ; ќе се потсетам на дамнешните чудесни дела; {77:12} ќе ги разгледувам сите Твои дела и ќе мислам на Твоите моќни дела. {77:13} Боже, Твојот пат е свет. Кој бог е толку голем, како нашиот Бог!? {77:14} Ти си Бог, Кој прави чудеса; Ти ја покажа силата Своја меѓу народите; {77:15} Ти со мишката Своја го избави Твојот народ, синовите на Јаков и на Јосиф. {77:16} Те видоа, Боже, водите, Те видоа водите и се разбрануваа, и бездните затрепереа. {77:17} Од облаците се излеа вода, загрмеа небесата зашто стрелите Твои пролетуваа. {77:18} Татнежот на Твојот гром се разнесуваше низ виорот; светкавици ја осветлуваа вселената; Земјата трепереше и се тресеше. {77:19} Твојот пат водеше низ морето, Твоите патеки преку моќните води, но Твоите траги не се познаваа. {77:20} Ти ги водеше како стадо луѓето Твои преку раката на Мојсеј и Арон. {78:1} Слушни ги, народе мој, поуките мои, нека чуе увото ваше што зборува устата моја. {78:2} Ја отворам устата своја со парабола и ќе зборувам за непознатите работи од старо време, {78:3} работи што ги чувме и дознавме и што ни раскажуваа татковците наши, {78:4} нема да ги криеме од нивните деца, на идниот род ќе му раскажуваме за славата на Господ и силата Негова, и чудесата Негови што Тој ги изврши. {78:5} Тој подигна сведоштво во Јаков и положи закон во Израел, и им заповеда на татковците наши сето тоа да им го објават на децата свои, {78:6} за да знае идниот род, децата, што ќе се родат, та и тие во свое време да им раскажуваат на своите деца, {78:7} да ги полагаат надежите свои во Бога, да не ги забораваат делата Божји, да ги чуваат Неговите заповеди {78:8} и да не бидат како татковците нивни - род тврдоглав и бунтовен, непостојан по срце и не Му остана верен на Бога со духот свој. {78:9} Синовите Ефремови, вооружени, стрелајќи со лакови, отстапија во денот на битката: {78:10} тие не го запазија заветот на Бога и не сакаа да одат по Неговиот Закон. {78:11} Ги заборавија Неговите добрини и чудеса, што им ги беше покажал, {78:12} чудесата што пред очите на нивните татковци ги направи во египетската земја, во полињата на Цоан; {78:13} го раздвои морето и ги преведе преку него, и ги постави водите како насип; {78:14} дење ги водеше со облак, а по цела ноќ - со огнена светлина; {78:15} разби карпа во пустината и ги напои како од голема бездна. {78:16} Од карпата изведе вода, и води потекоа како реки. {78:17} Но тие продолжуваа и понатаму да грешат пред Него и да Го огорчуваат Севишниот во пустината: {78:18} Го искушуваа Бога со срцето свое, барајќи храна за своето лакомство, {78:19} па Го нападнаа Бога, велејќи „Може ли Бог да приготви трпеза во пустина?” {78:20} Ете, Тој удри во карпа - и бликнаа води, потекоа потоци. Може ли Тој да му даде и леб, може ли да му приготви месо на Својот народ? {78:21} Поради ова што го чу, Господ се разгневи и пламна во гнев, и оган се разгоре против Јаков и гнев се крена против Израел, {78:22} затоа што не поверуваа во Бога и не се надеваа на спасението во Него. {78:23} Тој им заповеда на облаците одозгора и се отворија вратите на небесата, {78:24} па им истури дожд од мана да јадат, и им даде леб небесен. {78:25} Леб ангелски јадеше човекот: Тој им испрати храна до наситување. {78:26} Го раздвижи од небото јужниот ветар и со силата Своја го дотера југозападниот ветар, {78:27} па ги одожди со месо како со прав и со птици пернати како со песок морски: {78:28} ги нафрла среде нивниот табор, околу нивните живеалишта, {78:29} и тие јадеа и се заситија: и тоа што го сакаа, им го даде. {78:30} Но уште не беше минала нивната желба, и храната уште им беше во устата нивна, {78:31} а гневот Божји дојде врз нив, ги уби нивните најсилни и израелските момчиња ги погуби. {78:32} При сето тоа тие продолжуваа да грешат и не поверуваа во чудесата Негови. {78:33} И така им минеа дните нивни попусто и годините нивни во ужас. {78:34} Кога ги убиваше, тогаш Го бараа, се обраќаа и прибегнуваа кон Бога, {78:35} и се сеќаваа дека Бог е нивен помошник и дека Севишниот Бог е нивен избавител. {78:36} Но со устата своја Го мамеа, со јазикот свој лажеа пред Него; {78:37} срцето нивно не Му беше наполно верно, и тие не беа цврсти во заветот Негов. {78:38} Но Тој, Милостивиот, им го простуваше гревот и не ги истребуваше, многупати ја отстрануваше јароста Своја и не го разгоруваше сиот Свој гнев: {78:39} Тој ќе си спомнеше дека се тие тело и здив што оди и не се враќа. {78:40} Колкупати Го беа огорчувале во пустината и Го беа разгневувале во безводната земја! {78:41} И отстапуваа и одново Го искушуваа Бога и Го раздразнуваа Светецот Израелов; {78:42} не се сеќаваа на Неговата рака, ни на денот кога Тој ги избави од непријателот; {78:43} кога ги покажа во Египет Своите знаци и во полињата на Цоан - Своите чудеса; {78:44} и ги претвори реките нивни и потоците нивни во крв, за да не можат да пијат; {78:45} испрати на нив бубачки да ги боцкаат и жаби да ги уништат; {78:46} житото нивно го предаде на гасеници и трудот нивен на скакулци; {78:47} лозјата им ги исчука со град и смоквите нивни - со слана. {78:48} И добитокот нивен го уништи со град, а имотот нивен - со оган; {78:49} го испрати врз нив гневот на јароста Своја, јарост, и гнев, и маки - одред зли ангели; {78:50} го отвори патот на Својот гнев, не ги поштеди од смрт ни душите нивни и добитокот нивен го предаде на помор; {78:51} уништи сè што беше првородено во Египет, првините од нивниот труд во шаторите на Хам. {78:52} Тогаш го поведе Својот народ како овци, и ги водеше како стадо преку пустината: {78:53} ги водеше сигурно, и тие не се уплашија; непријателите нивни ги покри морето - {78:54} и Ги воведе во светата Своја гора, онаа, која десницата Негова ја беше придобила; {78:55} и ги изгони од пред лицето нивно народите, а земјата им ја раздели со ждрепка во нивно наследство, и ги насели израелските колена во полињата нивни. {78:56} Но тие Го искушуваа и Го огорчуваа Бога Севишниот и не ги пазеа наредбите Негови. {78:57} Отстапија и се оттргнаа како татковците нивни, се претворија во искривен лак. {78:58} Го разгневуваа на ридовите свои и со своите идоли Го раздразнуваа. {78:59} Бог го чу тоа, се разгневи многу, го отфрли Израел; {78:60} ја отфрли скинијата во Силом, во која се всели Тој меѓу луѓето; {78:61} и ја предаде во ропство нивната крепост и убавината нивна во рацете на непријателот; {78:62} па го предаде Својот народ на меч и се разгневи на Своето наследство. {78:63} Момчињата нивни оган ги голташе, и за девојките нивни немаше свадбени песни; {78:64} свештениците нивни паѓаа од меч, и вдовиците нивни не беа оплакувани. {78:65} Тогаш се разбуди Господ како од сон, како јунак од вино совладан, {78:66} и ги порази непријателите Свои од зад грб и ги предаде на вечен срам. {78:67} И го отфрли Јосифовиот шатор и не го избра коленото Ефремово, {78:68} туку го избра коленото Јудино, гората Сион, која ја возљуби. {78:69} И изгради светилиште Свое како небото и како Земјата го утврди засекогаш, {78:70} и го избра Давид, својот слуга, го зеде од овчите стада, {78:71} и од овците што се јагнат го доведе за да го пасе народот Негов, Јаков и Израел, наследството Негово. {78:72} И Тој ги пасеше со чисто срце и ги водеше со Својата мудра рака. {79:1} Боже, незнабошците дојдоа во Твоето наследство, го осквернија светиот Твој храм, Ерусалим го претворија во урнатини. {79:2} Мртвите тела на Твоите слуги им ги дадоа како храна на птиците небески, а телата на Твоите светии - на земните ѕверови; {79:3} ја пролија нивната крв како вода околу Ерусалим, и немаше кој да ги погребе. {79:4} Станавме за потсмев на соседите наши, срам и подбив за оние што се околу нас; {79:5} До кога, Господи, ќе се разгневуваш постојано, до кога ќе гори љубомората Твоја како оган? {79:6} Излеј го гневот Свој врз народите што не Те познаваат, и врз царствата, кои не го призиваат името Твое, {79:7} зашто тие го испојадоа Јакова и местото негово го опустошија. {79:8} Не спомнувај ги нашите поранешни беззаконија, туку побрзај да нè пресретнеш со Својата милосрдност, зашто многу сме понижени. {79:9} Помогни ни, Боже, Спасителе наш, поради славата на името Твое, избави нè и очисти нè од гревовите наши заради името Твое! {79:10} Зошто незнабошците да велат: „Каде е нивниот Бог?” Барем пред очите наши да ја видиме одмаздата над незнабошците за пролеаната крв на Твоите слуги. {79:11} Да дојде пред Тебе офкањето на окованите; со силата на Твојата мишка зачувај ги синовите осудени на смрт. {79:12} Седумкратно врати ги во пазувите на нашите соседи хулењата, со кои Те хулеа Тебе, Господи. {79:13} А ние, пак, народот Твој и овци од Твоето пасиште, вечно ќе Те славиме и од род во род ќе разгласуваме за Тебе похвала. {80:1} Пастиру Израелов, послушај! Ти, Кој го водиш Јосиф како стадо, Кој седиш на херувимите, заблескај! {80:2} Пред Ефрем, Венијамин и Манасија издигни ја силата Своја и дојди да нè спасиш. {80:3} Боже, поврати нè; нека светне лицето Твое, и ние ќе се спасиме! {80:4} Господи, Боже на силите, до кога ќе бидеш гневен на молитвата од слугите Твои? {80:5} Ќе ги храниш ли со леб од солзи, и напојуваш со солзи изобилно? {80:6} Нè направи показ за кавги меѓу нашите соседи, и нашите непријатели ни се смеат. {80:7} Господи, Боже на силите, поврати нè! Нека светне лицето Твое, и ние ќе се спасиме! {80:8} Ти ја пренесе од Египет лозата, ги изгони народите и ја посади; {80:9} исчисти за неа место, и ги зацврсти корењата нејзини, и таа ја исполни земјата. {80:10} Горите се покрија од сенката нејзина, и гранките и се како кедрови моќни; {80:11} таа пушти гранки до морето и ластари до реката. {80:12} Зошто ја сруши нејзината ограда, па да ја берат сите, што минуваат по патот? {80:13} Горскиот вепар ја подгризува, и полската ѕверка ја јаде. {80:14} Боже на силите! Сврти се, погледај од небесата и види го и посети го ова лозје; {80:15} и утврди го она што го посади десницата Твоја; погледај и на синот, што си го одгледал за Себе. {80:16} Тоа е со оган обгорено и раскопано; од страв пред Твоето лице нека пропаднат! {80:17} Твојата десница нека биде над човекот на Твојата десница, синот, кого си го одгледал за Себе. {80:18} А ние нема да отстапиме од Тебе; оживеј нè, и ние ќе го призиваме Твоето име. {80:19} Господи, Боже на силите, поврати нè; нека свети лицето Твое, и ние ќе се спасиме! {81:1} Радувајте се во Бога, нашата Сила, воскликнете кон Бога Јаковов; {81:2} запејте песна, удрете во тимпан, на милозвучна лира со харфа; {81:3} затрубете со труба во новомесечје, во определено време, во денот на вашиот празник, {81:4} зашто тоа е закон за Израел, наредба од Бога Јаковов. {81:5} Тој го установи тоа како сведоштво за Јосиф, кога тој излезе од египетската земја, каде што чу јазик што не го знаеше: {81:6} „Јас го симнав товарот од рамениците негови, и му ги ослободив рацете негови од кошницата. {81:7} Во маката своја ти Ме повика, и Јас те избавив; при гром те чув, кај водите на Мерива те испитав. {81:8} Чуј, народе Мој, и Јас ќе ти посведочам, ако Ме послушаш, Израеле! {81:9} Да немаш друг бог и да не му се поклонуваш на друг земен бог! {81:10} Јас сум Господ, Бог твој, Кој те изведе од египетската земја; отвори ја устата своја, и Јас ќе ја наполнам. {81:11} Но Мојот народ не го послуша гласот Мој, Израел не Ми се покори; {81:12} затоа Јас ги оставив на нивните закоравени срца; нека одат по мислите свои. {81:13} О, да беше Ме послушал Мојот народ и Израел да одеше по Моите патишта! {81:14} Веднаш ќе ги покорев нивните непријатели и ќе ја свртев раката Своја против оние што го оскрбуваа. {81:15} Оние, што Го мразат Господа, би ползеле до Него, и нивниот крај би бил запечатен засекогаш; {81:16} А Мојот народ ќе го хранев со најдобра пченица и ќе ги наситував со мед пештерски.” {82:1} Бог застана во собранието на „боговите”; меѓу „боговите” изрече суд: {82:2} До кога ќе судите неправедно и спрема нечестивите ќе покажувате пристрасност? {82:3} Бидете праведни кон сирак и беден, праведен и сиромав; {82:4} ослободувајте го сиромавиот и бедниот од рацете на нечестивите. {82:5} Не знаат, не разбираат, во темнина одат; сите земни основи се разнишаа, {82:6} Јас реков: „Вие сте богови, вие сте сите синови на Севишниот; {82:7} но вие ќе умрете како и сите луѓе, и ќе паѓате како секој кнез.” {82:8} Стани, Боже, суди и на Земјата, зашто Твои се сите народи. {83:1} Не премолчувај, не оглушувај се и не мирувај, Боже! {83:2} Зашто ете Твоите непријатели вреват, а оние што Те мразат, кренаа глава; {83:3} против Твојот народ зло наумија и се советуваат против Твоите приврзаници; {83:4} рекоа: „Да одиме и да го истребиме меѓу народите, па да не се спомнува повеќе името Израел!” {83:5} Се договорија еднодушно, склучија против Тебе сојуз; {83:6} шаторите на Едом и Исмаилците, на Моав и Агарјаните; {83:7} Гевал, Амон, Амалик и Филистејците со оние што живеат во Тир, {83:8} бидејќи и Ашур се придружи кон нив, па станаа помош за синовите Лотови. {83:9} Направи им го истото, како што им направи на Мидјаните, како и на Сисера, како и на Јавин кај потокот Кишон, {83:10} кои беа истребени во Ен–Дор и станаа ѓубриво за земјата. {83:11} Постапи со нив, со нивните кнезови, како со Орев и Зев и со сите нивни кнезови, како со Зевеја и Салмана, {83:12} бидејќи рекоа: „Да го присвоиме за себе светилиштето Божјо!” {83:13} Боже мој, заповедај да станат како виор и како плева пред ветар; {83:14} како оган што изгорува дубрави, и како пламен што запалува гори, {83:15} така и Ти подгони ги со Својот виор, застраши ги со Својот гнев! {83:16} Исполни ги лицата нивни со бесчестие, па да го побараат името Твое, Господи! {83:17} Да се засрамат и да се збунат засекогаш, да се посрамат и да загинат, {83:18} и да познаат дека Ти си Тој, чие име е Господ и дека Ти си единствен Севишен над целата Земја. {84:1} Колку се мили Твоите живеалишта, Господи Саваоте! {84:2} Копнее душата моја, сакајќи да е во Господовите дворови; срцето мое и телото мое со радост се стремат кон живиот Бог. {84:3} И птичката си наоѓа живеалиште, и ластовичката гнездо, каде што ќе ги положи пилињата свои, при олтарите Твои, Господи Саваоте, Царе мој и Боже мој! {84:4} Блажени се оние, кои живеат во домот Твој; тие постојано Те фалат. {84:5} Блажен е оној човек, кој заштита бара кај Тебе и во чие срце се патиштата Твои. {84:6} Преминувајќи ја Сушната долина, тие ја претвораат во извори, и дожд ја покрива со вирови; {84:7} минуваат од сила во сила, додека не Го видат Бога, на Сион. {84:8} Господи, Боже на силите, услиши ја молитвата моја, послушај, Боже Јаковов! {84:9} Боже, заштитнику наш, погледај и види го лицето на твојот помазаник! {84:10} Зашто еден ден во Твоите дворови е подобар отколку - илјада дни надвор. Повеќе би сакал да стојам на прагот пред Божјиот дом, отколку да живеам во шаторите на нечестието. {84:11} Бидејќи Господ Бог е сонце и штит, Тој дава благодат и слава; Господ не ги лишува од блага оние, што одат непорочно. {84:12} Господи Саваоте, блажен е оној човек, кој се надева во Тебе! {85:1} Господи, Ти омиле земјата Твоја, го врати од пленство Јаков. {85:2} Ти им ги прости беззаконијата на Твоите луѓе, ги покри сите нивни гревови, {85:3} го смири сиот Свој гнев, ја ублажи јароста на гневот Свој. {85:4} Поврати нè, Боже, спасение наше, и одврати ја Твојата јарост од нас. {85:5} Зар вечно ќе се гневиш на нас, или ќе го протегаш гневот Свој од род во род? {85:6} Нема ли, Боже, да се повратиш, и пак да нè оживееш, и луѓето Твои да се зарадуваат во Тебе? {85:7} Покажи ни ја, Господи, Твојата милост, и подари ни спасение. {85:8} Ќе чујам што ќе ми рече Господ Бог, зашто Тој ќе зборува за мир на Својот народ и на Своите светии, и на оние што со срцето свое Му се обраќаат Нему. {85:9} Да, спасението од Него е блиску до оние, кои се бојат од Него, за да ја насели славата своја во нашата земја. {85:10} Милоста и вистината ќе се сретнат, праведноста и мирот ќе се целиваат. {85:11} Верноста ќе изникне од земјата, а праведноста ќе се појави од небото; {85:12} Зашто Господ ќе даде добро и нашата земја ќе го даде својот плод; {85:13} праведноста ќе оди пред Него и на патот ќе ги става стапките свои. {86:1} Приклони го, Господи, увото Свое и услиши ја молитвата моја, зашто сум беден и сиромав. {86:2} Зачувај ја душата моја, зашто сум посветен на Тебе; спаси го слугата Твој, Боже мој, кој се надева во Тебе. {86:3} Помилуј ме, Господи, зашто кон Тебе викам секој ден. {86:4} Развесели ја душата на Твојот слуга, зашто кон Тебе, Господи, ја издигам душата своја; {86:5} зашто Ти, Господи, си добар, кроток и многумилостив кон сите, кои Те повикуваат. {86:6} Чуј ја, Господи, мојата молитва и послушај го гласот на молбата моја. {86:7} Во денот на мојата мака повикав кон Тебе, и Ти ме чу. {86:8} Меѓу боговите нема таков каков што си Ти, Господи, и нема дела како Твоите. {86:9} Сите народи што си ги создал Ти, ќе дојдат и ќе се поклонат пред Тебе, Господи, и ќе го прославуваат името Твое, {86:10} зашто Ти си велик и правиш чудеса, - Ти си Бог единствен! {86:11} Упати ме, Господи, кон Твојот пат, и јас ќе одам во Твојата вистина; и дај ми непоколебливо срце, за да го почитувам името Твое. {86:12} Ќе Те славам, Господи, Боже мој, од сè срце и вечно ќе го прославувам името Твое, {86:13} зашто Твојата милост кон мене е голема: Ти ја спаси душата моја од адските длабини. {86:14} Боже, законопрестапниците станаа против мене, и многуте насилници ја бараат душата моја: тие Те немаат Тебе пред себе. {86:15} Но Ти, Боже, Кој си штедар и милостив, долготрпелив, многумилостив и верен, {86:16} погледни на мене и помилуј ме; дај му ја Твојата сила на слугата свој и спаси го синот на слугинката Твоја; {86:17} покажи со мене чудо за добро, па да видат оние, што ме мразат, и да се засрамат, зашто Ти, Господи, ми помогна и ме утеши. {87:1} Основите Негови се горите свети. {87:2} Господ ги сака портите Сионски повеќе од сите населби на Јаков. {87:3} Граде Божји, преславно се зборува за тебе. {87:4} „Ќе ги спомнам меѓу оние кои ме знаат, Рахав и Вавилон; и Филистејците, и Тир, и луѓето од Етиопија, и тие се родија таму.” {87:5} А за Сион ќе речат: тој и тој човек се роди во него, и Самиот Севишен го зацврсти. {87:6} Кога ќе се пребројуваат народите, Господ ќе напише: овие се родија овде. {87:7} Оние што пеат се радуваат; пеат и велат - сите наши извори се во Тебе. {88:1} Господи, Боже на моето спасение, дење Те повикувам и ноќе сум пред Тебе: {88:2} за да дојде пред Тебе молитвата моја, приклони го увото Свое кон молбата моја, Господи, {88:3} зашто душата моја е полна со јад и животот ми се приближи до адот. {88:4} Се изедначив со оние што слегуваат во гроб; станав како немоќен човек, {88:5} како фрлени и ранети што лежат во гроб, за кои Ти веќе не се сеќаваш; тие се оттурнати од Твојата рака. {88:6} Ме положи во подземен ров, во мрак и во смртна сенка. {88:7} Ја истури врз мене Твојата јарост, и со сите Свои бранови ме поразуваш. {88:8} Ти ги оддалечи од мене моите познати, ме направи одвратен за нив; затворен сум и не можам да излезам. {88:9} Очите мои ослабеа од тага: цел ден викам кон Тебе, Господи, ги протегам рацете кон Тебе. {88:10} Зар за мртовци ќе правиш чуда? Зар сенките ќе се кренат и ќе Те слават? {88:11} Зар во гроб некој ќе кажува за Твојата милост и за Твојата вистина - во местото на распаѓањето? {88:12} Зар во темнината ќе ги објавуваат Твоите чудеса, и во земјата на заборавот - Твојата правда? {88:13} Но јас повикав кон Тебе, Господи, и наутро молитвата моја доаѓа пред Тебе. {88:14} Зошто, Господи, ја оттурнуваш душата моја и го одвраќаш лицето Свое од мене? {88:15} Јас сум несреќен и од раната младост се мачам; страдам во ужас и очаен сум. {88:16} Над мене се надви Твојата јарост, Твоите заплашувања наполно ме скршија. {88:17} Секој ден ме опкружуваат како вода: од сите страни ме опседнуваат. {88:18} Ти го оддалечи од мене ближниот и пријателот; мракот ми е единствен другар. {89:1} Милоста Твоја, Господи, вечно ќе ја воспевам, од род во род ќе ја разгласувам со устата своја Твојата вистина. {89:2} Зашто рече: милоста е за вечност установена, а на небото Ти ја утврди Твојата верност. {89:3} „Јас поставив завет со Моите избраници, му се заколнав на Мојот слуга Давид: {89:4} за вечност ќе го одржувам твоето потомство, од род во род и ќе го утврдувам твојот престол.” {89:5} И небото ќе ги прославува, Господи, Твоите чудесни дела и Твојата вистина во собранијата на светиите. {89:6} Зашто, кој на облаците ќе се споредува со Господ и кој од синовите Божји ќе се изедначи со Господ? {89:7} Во соборот на светиите Бога Го прославуваат; велик е и страшен за сите што се околу Него. {89:8} Господи, Боже на силите, кој е моќен како Тебе? Силен си Ти, Господи, и верноста Твоја Те опкружува. {89:9} Ти управуваш со силата на морето и силните бранови негови Ти ги скротуваш. {89:10} Ти го скрши Рахав како труп, со Твојата крепка рака ги распрсна непријателите Свои. {89:11} Твои се небесата и Твоја е Земјата; вселената и она што ја исполнува Ти си ја основал. {89:12} Север и југ Ти си ги создал; Тавор и Ермон за Твоето име се радуваат. {89:13} Силна е Твојата мишка, црвста е раката Твоја, високо е издигната десницата Твоја! {89:14} Праведноста и правдата се основа на Твојот престол; милоста и верноста одат пред Твоето лице. {89:15} Блажени се луѓето што го познаваат трубниот глас. Тие одат во светлината на Твоето лице, Господи; {89:16} за Твоето име се радуваат цел ден и со Твојата праведност се возвишуваат, {89:17} зашто Ти си похвала на силите нивни и со Твоето благоволение се издига нашиот рог, {89:18} бидејќи нашата заштита доаѓа од Господ и од светецот Израелов, нашиот Цар. {89:19} Некогаш Ти си им зборувал на Твоите верни во видение и си рекол: „Јас му дадов помош на силниот, го издигнав избраникот меѓу Мојот народ. {89:20} Го најдов Мојот слуга Давид; со своето свето масло го помазав. {89:21} Раката Моја ќе остане со него, и мишката моја ќе го закрепнува. {89:22} Непријателот не ќе може ништо да му направи, и синот на беззаконието нема да го собори. {89:23} Ќе ги уништам пред него непријателите негови и ќе ги победам оние што го мразат. {89:24} И Мојата верност и Мојата милост се со него, и преку Моето име ќе се возвишува неговиот рог. {89:25} И ќе ја положам над морето раката негова, и над реките - десницата негова. {89:26} Тој ќе ме повикува: Ти си мој Отец, мој Бог и крепост на моето спасение. {89:27} И Јас ќе го направам првороден син, повисоко од земните цареви, {89:28} засекогаш ќе му ја зачувам Мојата милост и Мојот завет со него ќе биде верен. {89:29} И ќе го продолжам засекогаш неговото потомство и неговиот престол, -колку деновите на небото. {89:30} Ако синовите негови го остават Мојот закон и не одат по Моите заповеди; {89:31} ако ги нарушат Моите наредби и не ги запазуваат Моите наредби, {89:32} тогаш ќе го казнувам со жезолот нивното престапништво, и со рани -нивното беззаконие; {89:33} но милоста Своја нема да ја отстранам од него и верноста Своја нема да ја изневерам. {89:34} Нема да го повредам Мојот завет и нема да го изменам она, што излегло од устата Моја. {89:35} Еднаш се заколнав во светоста Своја: нема да го лажам Давид! {89:36} Неговото потомство вечно ќе пребива, неговиот престол ќе биде како сонце пред Мене, {89:37} засекогаш ќе стои како месечината, верен сведок на небото.” {89:38} Но Ти го отфрли и го презре, се разгневи на Твојот помазаник; {89:39} го разруши заветот со Твојот слуга, ја оскверни круната негова во земниот прав; {89:40} ги разруши сите негови огради, ги претвори во урнатини неговите крепости. {89:41} Го ограбуваат сите што поминуваат по патот; тој стана за потсмев на своите соседи. {89:42} Ти ја возвиши десницата на неговите противници, ги зарадува сите непријатели негови; {89:43} Ти му откажа помош на мечот негов и во борбата не го поткрепи; {89:44} ја одзеде од него чистотата и го урна на земја престолот негов; {89:45} ги скрати деновите на младоста негова и го покри со срам. {89:46} До кога, Господи? Ќе се криеш ли непрестајно? До кога ќе гори гневот Твој како оган? {89:47} Спомни си, колкав е векот мој: за каква суета си ги создал сите синови човечки! {89:48} Кој од луѓето ќе живее, а смрт да не види? Кој може да се спаси од силата на гробот? {89:49} Каде се Твоите поранешни милости, Господи, за кои му се заколна на Давид во Твојата вистина? {89:50} Сети се, Господи, на подбивите од слугите Твои што ги носам во пазувите свои од многуте народи; {89:51} на подбивите од Твоите непријатели, Господи, со кои ги валкаат чекорите на Твојот помазаник. {89:52} Нека е благословен Господ во сите векови! Амин, Амин! {90:1} Господи, Ти си ни прибежиште од род во род. {90:2} Дури уште пред да се појават горите, и пред создавањето на Земјата и на вселената, отсекогаш и засекогаш Ти си Бог. {90:3} Го враќаш човекот во прав, и велиш: „Обратете се синови човечки!” {90:4} Зашто пред Твоите очи илјада години се како вчерашен ден, што поминал, и колку една стража преку ноќта. {90:5} Ги однесуваш како сон, како трева што зеленее наутро: {90:6} наутро ќе процути и ќе зазелени, а навечер паѓа и се исушува. {90:7} Така и ние исчезнуваме од Твојот гнев, и од Твојата јарост сме растревожени. {90:8} Ти си ги поставил пред Себе нашите беззаконија, нашите скришни гревови се во светлината на лицето Твое. {90:9} Сите наши дни минуваат под Твојот гнев, годините ни свршуваат како здив. {90:10} Дните на нашиот живот се седумдесет години, а ако сме крепки и до осумдесет години; и повеќе време од нив се во труд и мака, бидејќи брзо минуваат и ние одлетуваме. {90:11} Кој ја знае силата на Твојот гнев, па во стравот пред Твојата јарост да се плаши? {90:12} Научи нè така да ги броиме нашите дни, па да се здобиеме со мудро срце. {90:13} Сврти се, Господи, до кога вака? Смилувај се на Твоите слуги! {90:14} Исполни нè изутрина со Твојата милост, Господи, за да се зарадуваме и се развеселиме во сите наши дни, {90:15} развесели нè за оние дни, кога нè понизуваше, за годините, во кои видовме зло. {90:16} Нека се видат кај слугите Твои делата Твои, и Твојата славна сила - кај чедата Твои. {90:17} И благоволението на нашиот Господ Бог нека биде со нас, и дај да ни успеат делата на рацете наши, дај им успех на делата на рацете наши. {91:1} Кој живее под закрилата на Севишниот, тој престојува во домот на небесниот Бог. {91:2} И ќе Му рече на Господ: Ти си мој застапник, Ти си мое пребивалиште, Бог мој, и на Тебе ќе се надевам! {91:3} Зашто Тој ќе те избави од стапицата на ловецот, и од чумата погубна. {91:4} Со плеќите Свои ќе те осени и под крилјата Негови ќе бидеш во сигурност: Неговата верност е штит и одбрана. {91:5} Нема да се уплашиш од ноќен страв, ни од стрела што лета дење, {91:6} од чумата што пустоши во темнина, од зараза што опустошува напладне. {91:7} Покрај тебе ќе паднат илјада, и десет илјади десно од тебе; но до тебе нема да се приближат; {91:8} само ќе гледаш со очите свои и ќе ја гледаш казната на нечестивите. {91:9} Зашто, Господ ти е засолниште, надеж моја, Севишниот го избра за свое прибежиште; {91:10} зло нема да ти се случи, и неволја нема да се приближи до шаторот твој; {91:11} затоа што ќе им заповеда на ангелите Свои за тебе, да те чуваат на сите патишта твои. {91:12} Ќе те понесат на раце, да не ја сопнеш од камен ногата своја; {91:13} на отровница и на змија ќе нагазуваш, лав и змеј ќе згазуваш. {91:14} „Бидејќи се надеваше во Мене, и ќе го избавам, и ќе го заштитам, зашто го позна името Мое. {91:15} Ќе повика кон Мене, и ќе го чујам; со него ќе сум во неволја; ќе го избавам и ќе го прославам, {91:16} ќе му дадам многу денови и ќе му го јавам спасението од Мене.” {92:1} Добро е да се слави Господ и да Му се пее на името Твое, Севишен, {92:2} да се возвестува наутро милоста Твоја, и секоја ноќ - Твојата верност, {92:3} на десетострунена харфа и на лира. {92:4} Зашто Ти ме развесели, Господи, со Твоите дела, на делата на Твоите раце им се радувам. {92:5} Колку се големи делата Твои, Господи! Многу се длабоки Твоите помисли! {92:6} Безумниот човек не ќе може да ги узнае, неразумниот нема да го разбере ова: {92:7} дури грешниците и да никнуваат како трева, и кренат глава оние што вршат беззаконие, тоа е за да бидат истребени засекогаш, {92:8} Ти си, Господи, Севишен секогаш! {92:9} Зашто, еве, непријателите Твои, Господи, ќе пропаднат и ќе се растураат сите што вршат беззаконие; {92:10} а мојот рог Ти го вознесуваш како рог на еднорогот, и ме помазуваш со чисто масло. {92:11} Моите очи го видоа падот на непријателите мои, и ушите мои го слушнаа тресокот на побунетите против мене злосторници. {92:12} Праведниот цути како палма, се издига како кедар леванонски. {92:13} Тие се засадени во домот Господов, ќе цутат во дворовите на нашиот Бог; {92:14} тие и во староста ќе бидат плодни, сочни и полни со свежина, {92:15} за да возвестуваат дека е праведен Господ, мојата Карпа во Која нема неправедност. {93:1} Господ се зацари; се облече во величественост, Господ се препаша со сила, Тој вселената ја зацврсти и нема да се разниша. {93:2} Твојот престол е утврден од почетокот на времето; Ти постоиш отсекогаш. {93:3} Ги издигнаа реките, Господи, ги издигнаа реките гласовите свои. {93:4} Но од бучењето на многуте води, од големината на морските бранови, почудесен е Господ во висините Свои! {93:5} Сведоштвата Твои се многу вистинити. На твојот дом, Господи, му припаѓа светост за вечни времиња. {94:1} Боже, Господи на одмаздата, Боже на одмаздата, покажи се! {94:2} Стани, Судијо на Земјава, дај им отплата на горделивите! {94:3} До кога нечестивите, Господи, до кога нечестивите ќе се фалат, {94:4} ќе мрморат и говорат дрско, до кога ќе зборуваат така сите злосторници? {94:5} Го газат Твојот народ, Господи, и го угнетуваат Твоето наследство; {94:6} вдовица и туѓинец убиваат, и сирак усмртуваат. {94:7} Па велат: Господ нема да види, Бог Јаковов нема да дознае! {94:8} Вразумете се, вие што сте безумни! И дали вие, луѓе, некогаш ќе се опаметите? {94:9} Оној, Кој го насадил увото, нема ли да чуе, и Оној што го поставил окото, нема ли да види? {94:10} Оној, Кој ги вразумува народите, и Кој го учи човекот на знење, зар нема да казни? {94:11} Господ ги знае човечките мисли, знае дека се тие суетни. {94:12} Блажен е оној човек, кого го вразумуваш Ти, Господи, и го поучуваш на Твојот Закон, {94:13} за да му дадеш мир во лошите денови, додека за грешникот не се ископа гроб! {94:14} Зашто Господ нема да го отфрли Својот народ и нема да го остави Своето наследство, {94:15} зашто правдата не ќе се врати кај праведните и сите прави по срце ќе ја следат. {94:16} Кој ќе се крене за мене против лукавите или кој ќе стои покрај мене против злосторниците? {94:17} Да не ми беше помогнал Господ, душата моја брзо ќе се преселеше во светот на мртвите! {94:18} Кога помислив: ногата ми се поколеба, - Твојата милост, Господи, ми помогна! {94:19} Кога се намножуваа тешкотиите во срцето мое, Твоите утехи ја развеселуваа душата моја. {94:20} Па зар до Тебе ќе се приближи престолот безбожнички, оној што работи спротивно на законот Твој? {94:21} Ја ловат душата на праведниот и осудуват невини на смрт. {94:22} Но Господ е мое прибежиште и Бог мој - сигурна тврдина моја. {94:23} Тој ќе им плати за нивното беззаконие, и за нечестивоста нивна ќе ги погуби, Господ Бог ќе ги погуби. {95:1} Дојдете да Му пееме на Господ и да воскликнеме кон Карпата на нашето спасение! {95:2} Да побрзаме пред лицето Негово со славословие, и со псалми да Му воскликнеме, {95:3} зашто Бог е велик Господ и Цар голем над сите богови. {95:4} Зашто во Неговите раце се сите земни длабочини, а горските височини се исто така Негови. {95:5} Бидејќи Негово е морето, и Тој го создаде, а рацете Негови го создадоа и копното. {95:6} Дојдете да Му се поклониме и да паднеме ничкум, да клекнеме пред лицето на Господ, нашиот Творец; {95:7} зашто Тој е Бог наш, а ние сме народ од Неговото пасиште и овци од Неговите раце. О, денес да бевте го послушале Неговиот глас! {95:8} „Не ожесточувајте ги срцата ваши, како во Мерива, како во оној ден во Маса во пустината, {95:9} каде што Ме искушуваа вашите татковци, Ме испитуваа иако ги видоа делата Мои. {95:10} Четириесет години Ме јадеше тој народ и реков: тие се народ со заблудени срца, кои не ги почитуваат патиштата Мои, {95:11} па затоа се заколнав во гневот Свој дека тие нема да влезат во Мојот мир.” {96:1} Запејте Му на Господ песна нова, запеј Му на Господ, цела Земјо! {96:2} Пејте Му на Господ, благословувајте го името Негово, благовестете го од ден на ден спасението од Него; {96:3} разгласувајте ја меѓу народите славата Негова, и на сите народи - чудесата Негови; {96:4} зашто велик е Господ и достоен за пофалба, страшен е Тој над сите богови. {96:5} Бидејќи сите богови на незнабошците се идоли, а Господ ги создаде небесата. {96:6} Слава и величие се пред лицето Негово, сила и великолепие - во светилиштето Негово. {96:7} Воздајте Му на Господ, племиња народни, воздајте Му на Господ слава и чест; {96:8} воздајте Му на Господ слава на името Негово, принесете жртви и влезете во Неговите дворови; {96:9} поклонете Му се на Господ во светите дворови Негови. Да затрепери пред лицето Негово целата Земја! {96:10} Кажете им на народите: Господ се зацари! Затоа цврста е вселената, нема да се разниша. Тој управува праведно со народите. {96:11} Нека се развесели небото и да се возрадува Земјата, нека се раздвижи морето и она што го исполнува; {96:12} нека се радуваат полињата и сè што е на нив, да ликуваат сите дрвја по дубравите, {96:13} пред лицето на Господ, зашто иде, зашто Тој иде да и суди на Земјата. Тој ќе и суди на вселената по правда, и на народите - според Својата вистина. {97:1} Господ се зацари: нека се радува Земјата; нека се веселат многубројните острови. {97:2} Облак и мрак е околу Него; праведност и правда се основа на Неговиот престол. {97:3} Пред Него оган врви и ги гори непријателите Негови наоколу. {97:4} Неговите молњи ја осветлуваат вселената; Земјата гледа и трепери. {97:5} Горите се топат како восок од лицето на Господ, од лицето на Господ, по целата Земја. {97:6} Небесата ја разгласуваат Неговата праведност, и сите народи ја гледаат Неговата слава. {97:7} Нека се засрамат сите, кои се поклонуваат на ликови, кои се фалат со своите идоли. Поклонете Му се сите „богови” . {97:8} Чу Сион и се зарадува, се веселат ќерките Јудини заради Твоите пресуди, Господи, {97:9} зашто Ти си, Господи, Севишен на целата Земја, повисок си од сите богови. {97:10} Господ ги сака оние што го мразат злото. Ја чува Господ душата на Своите светии; од раката на нечестивите ќе ги избави. {97:11} Светлина засветли над праведниот, а за правите по срце - радост. {97:12} Радувајте се, праведни, во Господ и славете го Неговото свето име. {98:1} Запејте Му на Господ нова песна, зашто создаде чудесни работи; Неговата десница Му помогна и Неговата света мишка. {98:2} Господ ја објави Својата победа, пред очите на народите ја откри Својата правда. {98:3} Се присети Тој за својата милост и на верноста Своја кон домот Израелов; сите краишта земни го видоа спасението од нашиот Бог. {98:4} Воскликни Му на Господ, цела Земјо; запеј, радуј се и пеј; {98:5} пејте Му на Господ со лири, со лири и со глас псаломски; {98:6} во труби и во рог затрубете пред Царот - пред Господ. {98:7} Нека шуми морето и сè она што го исполнува: вселената и сите што живеат во неа; {98:8} да заплескаат со раце реките и заедно со горите да се зарадуваат пред лицето на Господ! {98:9} Зашто Тој доаѓа да и суди на Земјата. Тој ќе и суди на вселената по правда и народите - правично. {99:1} Господ се зацари: нека треперат народите! Тој седи на херувими: нека се затресе Земјата! {99:2} Велик е Господ на Сион и возвишен е Тој над сите народи. {99:3} Нека го слават името Твое велико: зашто тоа е свето! {99:4} Ти си силен Цар, кој сака праведен суд; Ти утврди правда; правда и праведност Ти изврши во Јаков. {99:5} Превознесувајте Го Господ, нашиот Бог, поклонувајте Му се во подножјето на нозете Негови, зашто тоа е свето! {99:6} Мојсеј и Арон беа меѓу свештениците Негови, а Самоил меѓу оние, кои го повикуваа името Негово. Тие Го повикуваа Господа и Тој ги слушаше. {99:7} Во облаков столб Тој им говореше, зашто тие ги пазеа Неговите заповеди и наредби, што им ги даваше. {99:8} Господи, Боже наш, Ти ги слушаше. Боже, Ти беше милостив спрема нив, но ги казнуваше сите нивни лоши постапки. {99:9} Возвишувајте Го Господ, нашиот Бог, и поклонувајте се на Неговата света гора, зашто свет е Господ, нашиот Бог. {100:1} Воскликни Му на Господ, цела Земјо! {100:2} Служете Му на Господ со радост; излегувајте пред Него со восклик! {100:3} Знајте дека Господ е Бог, дека Тој нè создаде нас, а не ние самите; Негови сме - Негов народ и овци од Неговото пасиште. {100:4} Влегувајте низ Неговите порти со славословие, во Неговите дворови со песна; славете Го, фалете го името Негово, {100:5} зашто добар е Господ: Неговата милост е вечна и Неговата верност е од род во род. {101:1} Ќе пеам за верноста и за правдата -Тебе, Господи, ќе ти свирам! {101:2} Ќе размислувам за патот непорочен: кога ќе го достигнам? Среде мојот дом ќе одам со чисто срце. {101:3} Нема да ставам пред очите мои ништо пакосно; ги мразам делата на отпадниците - тие нема да се прилепат за мене. {101:4} Развратно срце нема да се прилепи до мене; за лукавиот не сакам да знам. {101:5} Оној што тајно го клевети ближниот свој, ќе го погубам; оној што е со горделиви очи и ненаситно срце, не го поднесувам. {101:6} Очите ми се управени кон верните по земјата, за да седат со мене; кој оди по патот непорочен, тој ќе ми служи. {101:7} Нема да остане во мојот дом оној, кој прави сплетки; кој говори лага, не може да остане пред очите мои. {101:8} Секојдневно ќе ги истребувам сите нечестиви од земјата, за да ги истребам од Господовиот град сите злосторници. {102:1} Господи, услиши ја молитвата моја и повикот мој нека дојде до Тебе! {102:2} Не одвраќај го лицето Свое од мене, во денот на мојата жалост приклони го увото Твое кон мене; во денот, кога Те повикувам, услиши ме бргу, {102:3} зашто дните ми исчезнуваат како дим, а коските мои горат како оган; {102:4} попарен сум како трева, срцето ми е исушено, така што заборавам и лебот свој да го јадам; {102:5} од гласот на моите воздишки коските ми се залепија за телото мое. {102:6} Заприлегав на пеликан во пустина; станав како був во урнатини; {102:7} не спијам, седам како самотна птица на покрив. {102:8} Секој ден ме навредуваат непријателите мои, и фалејќи се, ме проколнуваат. {102:9} Јадам пепел како леб и пијалакот свој со солзи го мешам. {102:10} Поради гневот и јароста од лицето Твое бев подигнат, а потоа соборен. {102:11} Дните мои исчезнуваа како вечерна сенка и јас се сушам како сено. {102:12} А Ти, Господи, вечно пребиваш; и името Твое е од род во род. {102:13} Стани, смилувај му се на Сион, зашто време е да се смилуваш на него -зашто дојде времето; {102:14} бидејќи на Твоите слуги им омилеа и камењата негови и за правот негов жалат. {102:15} незнабошците ќе се заплашат од името на Господ, а сите земни цареви -од Твојата слава. {102:16} Зашто Господ ќе го изгради Сион и ќе се појави во славата Своја; {102:17} ќе погледне милостиво на молитвите од беспомошните и нема да ги презре молбите нивни. {102:18} Нека се запише ова за следниот род, та идното поколение да Го слави Господа, {102:19} зашто се јави од светата Своја височина, Господ од небесата погледна на Земјата, {102:20} за да ги чуе офкањата на окованите, да ги ослободи осудените на смрт, {102:21} за да го разгласат името Господово на Сион и похвалата Негова во Ерусалим, {102:22} кога ќе се соберат народите и царствата заедно да Му служат на Господ. {102:23} Тој ми ја откажа заштитата Своја на патот мој, ги скрати дните мои. {102:24} Боже мој! Не земај ме на половината од деновите мои! Твоите години се од род во род. {102:25} Во почетокот Ти, Господи, ја основа Земјата, небесата се дело на Твоите раце; {102:26} тие ќе пропаднат, а Ти ќе пребиваш; сите тие - како облека ќе оветвеат, и како наметка Ти ги менуваш и тие исчезнуваат. {102:27} Но Ти си секогаш истиот, и Твоите години нема да завршат. {102:28} Синовите на Твоите слуги ќе се веселат и потомството нивно ќе се зацврсти за навек. {103:1} Благословувај Го, душо моја, Господа, и целата моја внатрешност да го благословува Неговото свето име! {103:2} Благословувај Го, душо моја, Господа и не заборавај ги сите Негови добрини, на Оној, {103:3} Кој ги очистува сите твои беззаконија, Кој ги исцелува сите твои болести; {103:4} Кој го избавува од пропаст твојот живот, Кој те овенчува со милост и со добрини. {103:5} Кој го исполнува со добра животот твој, како на орел ти ја обновува твојата младост. {103:6} Господ им дава милост и правда на сите угнетени. {103:7} Тој му ги покажа Своите патишта на Мојсеј, на Израеловите синови - делата Свои. {103:8} Штедар и милостив е Господ, долготрпелив и многумилостив; {103:9} Тој не се гневи до крај, ниту вечно се лути. {103:10} Тој не постапува со нас според нашите безааконија и не ни плаќа според нашите беззаконија; {103:11} зашто, колку е големо растојанието од небото до Земјата, толку е голема милоста на Господ спрема оние што се бојат од Него; {103:12} колку е далеку исток од запад, толку ги оддалечува Тој од нас нашите престапи; {103:13} како таткото што ги милува синовите, така и Господ ги милува оние, кои се бојат од Него. {103:14} Зашто Тој го знае нашиот состав, помни дека сме прав. {103:15} Дните на човекот се како трева; како полски цвет, така прецутува тој; {103:16} ќе дувне ли над него ветар, и веќе го нема, и местото негово веќе не го памети. {103:17} А милоста на Господ е од век до век спрема оние, кои се бојат од Него, и правдата Негова е од чеда на чеда, {103:18} кои го чуваат заветот Негов и ги помнат заповедите Негови. {103:19} Господ го поставил Својот престол на небото, и царството Негово владее над сè. {103:20} Благословувајте Го Господа - сите ангели Негови, вие крепки по сила, кои го извршувате Неговиот збор, слушајќи го гласот од зборот Негов; {103:21} благословувајте Го Господа - сите Негови војски, Негови служители, кои ја исполнувате волјата Негова; {103:22} благословувајте Го Господа сите Негови дела, по сите места на Неговото владеење. Благословувај Го, душо моја, Господа! {104:1} Благословувај Го, душо моја, Господа! Господи, Боже мој, Ти си многу велик; во слава и величественост Си се облекол; {104:2} Ти, Кој се облекуваш со светлина како со облека, си го прострел небото како шатор; {104:3} на вода си ги поставил Твоите дворови, облаците си ги направил како Своја кола, на крилјата од ветрот патуваш. {104:4} Ветровите ги правиш Свои гласници, а огнот и пламенот - Свои слуги. {104:5} Ти си ја поставил Земјата на цврсти основи: таа нема да се разниша никогаш. {104:6} Си ја покрил со бездна како со облека, води стојат над горите. {104:7} Од Твојата закана тие бегаат, од гласот на Твојот гром се разбегуваат; {104:8} се издигаат до горите, се спуштаат во долините, на места што си им ги определил. {104:9} Си поставил граница преку која нема да преминат, ниту ќе се вратат да ја покријат Земјата. {104:10} Си управил извори во долините: меѓу горите течат води, {104:11} ги напојуваат сите полски ѕверови; дивите магариња ја гаснат жедта своја. {104:12} Покрај нив живеат птици небесни, меѓу гранките пуштаат глас. {104:13} Ти ги напојуваш горите од своите височини, од плодовите на Твоите дела се наситува Земјата. {104:14} Ти правиш да расте трева за добитокот и растенија за потреба на луѓето, за да произведат храна од земјата {104:15} и вино што го весели срцето на човекот, и маслото од кое блеска лицето негово, и лебот што го закрепнува срцето на човекот. {104:16} Се напојуваат дрвјата по полето, кедрите леванонски, што си ги посадил; {104:17} на нив птиците си прават гнезда, елките им се живеалишта на штрковите. {104:18} Високите гори - на срните; камењата - прибежиште на зајаците. {104:19} Тој ја создал месечината да ги определува времињата, сонцето знае кога ќе зајде. {104:20} Спушташ темнина, и настанува ноќ: тогаш излегуваат сите горски ѕверови; {104:21} лавовите рикаат за плен и бараат од Бога храна за себе. {104:22} Изгрева сонцето, а тие се собираат и легнуваат во своите легла; {104:23} човекот излегува по своја работа и работи до вечерта. {104:24} Колку се многубројни делата Твои, Господи! Сè си направил премудро; Земјата е полна со Твои созданија. {104:25} Ете го морето, големо и пространо; таму се движат безброј лазачи, мали и големи животни; {104:26} таму пловат кораби, таму е левијатанот што си го создал да игра во него. {104:27} Сите тие од Тебе чекаат да им дадеш храна навреме. {104:28} Им даваш - примаат, ја отвораш раката Своја - се наситуваат со блага; {104:29} го одвратиш ли лицето Свое - се збунуваат, им го одземеш ли духот нивен - умираат и во земјата своја се враќаат. {104:30} Го праќаш ли духот Свој - се создаваат; Ти го обновуваш лицето на земјата. {104:31} Нека пребива вечно славата на Господ; нека се весели Господ за делата Свои! {104:32} Погледнува ли кон Земјата, и таа се тресе; се допре ли до горите, тие се димат. {104:33} Ќе Му пеам на Господ преку целиот мој живот, ќе Му пеам на мојот Бог сè додека постојам. {104:34} Нека Му биде мила беседата моја! Ќе се веселам во Господ. {104:35} Нека ги снема грешниците од Земјата, и беззаконици да нема веќе! Благословувај Го, душо моја, Господа! Алилуја! {105:1} Славете Го Господа; повикувајте го Неговото име; разгласувајте ги меѓу народите делата Негови. {105:2} Славете Го и пејте Му; кажувајте ги сите Негови чудеса. {105:3} Фалете се со Неговото свето име: нека се весели срцето на оние, кои Го бараат Господа. {105:4} Барајте Го Господа и утврдувајте се, барајте го секогаш лицето Негово. {105:5} Спомнувајте ги чудесата Негови, што ги направи, чудесата Негови и судовите од устата Негова, {105:6} вие, семе Авраамово, слуги Негови, синови Јаковови, избраници Негови. {105:7} Тој е Господ, Бог наш; Неговите судови се по целата земја. {105:8} Тој вечно го помни заветот Свој, зборот што го заповедал во илјада родови, {105:9} што му го ветил на Авраам, и заклетвата Своја на Исак; {105:10} и му го поставил тоа како закон на Јаков и како вечен завет на Израел, {105:11} велејќи: „Тебе ќе ти ја дадам хананската земја во ваше наследство.” {105:12} Тогаш тие беа уште малку на број, многу малку, и беа придојдени во неа, {105:13} па одеа од народ во народ, од едно царство кон друг народ; {105:14} никому не му дозволуваше Тој да ги угнетува и цареви за нив караше: {105:15} „Не допирајте се до Моите помазани, на Моите пророци не правете им зло!” {105:16} И пушти глад во таа земја и секој лебен клас го сотре. {105:17} Испрати пред нив човек: како роб беше продаден Јосиф. {105:18} Ги стегнаа во окови нозете негови, железо околу вратот негов, {105:19} додека се исполни зборот негов: зборот Господов го потврди. {105:20} Царот прати по него, го одврзаа, кнезот над народите го ослободи. {105:21} Го постави за домаќин над домот свој и управител над сиот имот свој, {105:22} за да ги поучува кнезовите според својата волја и старешините негови да ги учи на мудрост. {105:23} Тогаш дојде Израел во Египет, и Јаков се всели во Хамовата земја. {105:24} Го умножи Бог многу Својот народ и го направи посилен од непријателите негови. {105:25} Се преврте срцето нивно и тие го замразија народот Негов, и почнаа да им пакостат на слугите Негови. {105:26} Го испрати Мојсеј, слугата Свој, и Арон, кого го избра. {105:27} Тие ги покажаа меѓу нив Неговите знаци и чудесата Негови во Хамовата земја. {105:28} Испрати темнина и се смрачи, и тие не се спротивставија на зборот Негов. {105:29} Ја претвори водата нивна во крв и ја уништи рибата нивна. {105:30} Се исполни земјата нивна со жаби, дури и собите на царот нивен. {105:31} Тој заповеда: и нападнаа рој муви и мушички по сите нивни предели. {105:32} Наместо дожд, испрати врз нив град, оган што ја гореше земјата нивна, {105:33} и ги уништи лозјата нивни и смоквите нивни, ги сотре сите дрвја во нивните предели. {105:34} Рече и нападнаа скакулци и гасеници безброј; {105:35} и ја изедоа сета трева по земјата нивна, ги испојадоа сите плодови на нивите нивни. {105:36} И го погуби секое првородено во земјата нивна, првините од сиот нивен труд. {105:37} Ги изведе Израелците со сребро и злато, и немаше болен во племињата нивни. {105:38} Се зарадува Египет поради нивното излегување, бидејќи го беше обзел страв од нив. {105:39} Тој им простре облак како покрив и оган, за да им свети ноќе. {105:40} Бараа, и Тој им прати потполошки и со леб небесен ги наситуваше. {105:41} Расцепи камен и потекоа води, потекоа како река по безводната земја, {105:42} зашто се сети на Својот свет збор кон Авраам, Својот слуга. {105:43} Па го изведе Својот народ со радост, Своите избрани - со веселба, {105:44} и им даде незнабожечки земји, и така наследија плодови од други народи, {105:45} за да ги чуваат наредбите Негови и да ги исполнуваат законите Негови. Алилуја! {106:1} Алилуја! Славете Го Господа, зашто е добар, зашто Неговата милост е вечна. {106:2} Кој ќе ја искаже силата на Господ, кој ќе ја разгласи сета похвала Негова? {106:3} Блажени се оние што се држат до правдата и вршат праведност во секое време. {106:4} Сети се на мене, Господи, во благоволението Свое кон Твојот народ; помогни ми кога ќе ги спасуваш нив, {106:5} за да ги видам во добрини Твоите избраници, за да се развеселам со веселбата на Твојот народ, за да се пофалам заедно со Твоето наследство. {106:6} Згрешивме ние и татковците наши, правевме беззаконија, постапувавме нечестиво. {106:7} Нашите татковци во Египет не ги ценеа Твоите чудеса, не ги помнеа многуте милости Твои и се побунија кога се приближија до Црвеното Море. {106:8} Но Тој ги спаси заради името Свое, за да им ја покаже силата Своја. {106:9} Му се закани на Црвеното Море, и тоа се исуши; и ги преведе по бездните како по пустина; {106:10} и ги спаси од рацете на оние што ги намразија и ги избави од рацете на непријателите. {106:11} Водите ги покрија нивните непријатели; не остана ниеден од нив. {106:12} И тие поверуваа на зборовите Негови и Му испеаја похвала. {106:13} Но тие набргу ги заборавија делата Негови, не го дочекаа Неговото решение; {106:14} се занесоа од похотливоста во пустината, па Го искушуваа Бога во безводната земја. {106:15} Тој го исполни нивното барање, но прати и пораз за душите нивни. {106:16} Му позавидоа на Мојсеј во логорот и на Арон, светецот Господов. {106:17} Се отвори земјата, го голтна Датан и ја покри дружината на Авирон. {106:18} И пламна оган врз нив, и пламенот ги изгори нечестивите. {106:19} Направија теле на Хорев и му се поклонија на идолот. {106:20} Ја заменија својата слава со лик на теле, што јаде трева. {106:21} Го заборавија Бога, својот Спасител, Кој изврши големи дела во Египет, {106:22} чудеса во Хамовата земја, страшни дела при Црвеното Море. {106:23} И рече дека ќе ги истреби, но Мојсеј, Неговиот избраник, се застапи за нив во пукнатината, за да ја одврати јароста Негова, та да не ги погуби. {106:24} Тие ја презреа саканата земја, не Му веруваа на зборот Негов; {106:25} и роптаа во шаторите свои, не го послушаа гласот Господов. {106:26} Тој крена рака и им се заколна дека ќе ги погуби во пустината, {106:27} ќе го расее нивното семе меѓу народите и дека ќе ги растури по земјите. {106:28} Тие се придружија кон Ваал–Фегор и јадеа жртви, принесувани на мртви, {106:29} Го дразнеа Бога со делата свои, и на нив падна погибел. {106:30} Но стана Пинеас, се зазеде и поморот престана. {106:31} И тоа му се прими за праведност од род во род довека. {106:32} И Го разгневија Бога кај водите на Мерива, и Мојсеј настрада заради нив, {106:33} зашто тие го огорчија духот негов, и тој згреши со устата своја. {106:34} Не ги истребија народите, за кои им беше рекол Господ, {106:35} туку се смешаа со незнабошците и свикнаа на нивните дела; {106:36} им служеа за нивните идоли, кои им станаа замка, {106:37} и ги жртвуваа синовите свои и ќерките свои на злите духови; {106:38} и проливаа невина крв, крвта на синовите свои и на ќерките свои, што им ги жртвуваа на хананските идоли, па земјата се извалка од таа крв; {106:39} се осквернија со делата свои, блудствуваа со постапките свои. {106:40} Се разгоре гневот на Господ против Неговиот народ, и Му омрзна наследството Негово, {106:41} па ги предаде во рацете на непријателите и завладеаја над нив оние што ги мразеа. {106:42} Непријателите нивни ги угнетуваа, и тие се покоруваа под нивната рака. {106:43} Многупати ги избавуваше, но тие беа бунтовни со своите намери, па беа понижени поради своите беззаконија. {106:44} Па сепак, Тој погледна на нивната потиштеност, кога ги слушаше нивните молби, {106:45} си спомна на Својот завет со нив, се сожали поради големата милост Своја; {106:46} па поттикна сожалување спрема нив кај оние што ги беа заробиле. {106:47} Спаси нè, Господи, Боже наш, и собери нè од незнабошците за да го славиме Твоето свето име, да се фалиме со Твојата слава! {106:48} Нека е благословен Господ, Бог Израелов, отсекогаш засекогаш! И сите луѓе нека велат: Амин! Амин! Алилуја. {107:1} Славете Го Господа, зашто е добар, зашто е вечна милоста Негова! {107:2} Така да велат избавените од Господ, оние што ги откупи од непријателска рака. {107:3} И ги собра од земјите, од исток и од запад, од север и од морето. {107:4} Тие скитаа по безводната пустина и нигде пат ниту населен град не најдоа; {107:5} трпеа глад и жед, душата им ослабна во нив, {107:6} но во жалоста своја Го повикаа Господа, и Тој ги избави од нивните неволји {107:7} и ги поведе по правиот пат, за да одат кон населен град. {107:8} Нека Го слават Господ за милоста Негова и за чудесата Негови што им ги направи на синовите човечки: {107:9} зашто Тој ја напојува жедната душа и душата гладна ја исполнува со блага. {107:10} Тие седеа во темнина и смртна сенка, оковани со сиромаштија и железо; {107:11} бидејќи не се покорија на зборовите Божји и се противеа на волјата на Севишниот. {107:12} Тој го скрши нивното срце со мака, се сопнаа, и немаше кој да им помогне. {107:13} Тогаш во тагата своја повикаа кон Господ, и Тој ги спаси од маките нивни; {107:14} ги изведе од темнината и смртната сенка и ги раскина оковите нивни, {107:15} Нека Го слават Господа за милоста Негова и за Неговите чудесни дела кон синовите човечки, {107:16} зашто Тој ги здроби бронзените порти и ги скрши железните резиња. {107:17} Неразумните страдаа поради своите грешни патишта и поради беззаконијата свои! {107:18} Од секоја храна им се одвраќаше душата, и се приближија до вратата на смртта. {107:19} Но во тагата своја повикаа кон Господ, и Тој ги спаси од неволјите нивни; {107:20} го испрати Своето слово, ги излекува и ги спаси од пропаст. {107:21} Нека Го прославуваат Господ за милоста Негова спрема синовите човечки! {107:22} Нека Му принесуваат похвална жртва и нека ги разгласуваат делата Негови со радост. {107:23} Оние што запловија по море на кораби, што имаа работа по големите води - {107:24} тие ги гледаа делата на Господ и чудесата Негови во длабочините. {107:25} Тој рече - и настана бурен ветер и високо ги издигна морските бранови; {107:26} се издигаа до небесата, слегуваа до бездната; нивната присебност се губи во неволјата; {107:27} тие се збунуваат, се нишаат како пијани, и сета нивна мудрост им исчезнува. {107:28} Тогаш во скрбта своја повикаа кон Господ, и Тој ги изведе од маките нивни. {107:29} И и заповеда на бурата и таа се претвори во тивок ветрец и брановите молкнаа. {107:30} Тие се развеселија, зашто стивнаа, а Тој ги упати кон нивното сакано пристаниште. {107:31} Нека Го прославуваат Господ за милоста Негова и за Неговите чудесни дела спрема синовите човечки! {107:32} Нека Го возвеличуваат со собранието народно и нека Го слават во советите на старешините! {107:33} Тој претвора реки во пустина, и водни извори - во сушна земја, {107:34} земја плодородна - во солница, поради злобата на оние што живеат во неа. {107:35} Тој претвори пустина во езеро, а сува земја - во земја со водни извори; {107:36} таму насели гладни, а тие изградија град за живеење; {107:37} засеаја ниви, насадија лози, и тие им даваат свои плодови. {107:38} Тој ги благословуваше, и тие многу се размножуваа, и добитокот нивен Тој не им го намалуваше. {107:39} Кога беа проредени и пострадаа од притисокот на злото и од неволјата, {107:40} Тој изли презир над кнезовите и ги остави да скитаат по пустината, каде што нема патишта. {107:41} Но бедниот го извлече од сиромаштија, го умножи родот негов како овчо стадо. {107:42} Праведните го гледаат тоа и се радуваат, а секоја злоба си ја затвора устата своја. {107:43} Кој е мудар и го пази ова, ќе ја разбере милоста Господова. {108:1} Подготвено е срцето мое, Боже, подготвено е срцето мое; ќе пеам и ќе воспевам. Разбуди се душо моја! {108:2} Разбудете се, харфо и лиро! Ќе ја разбудам зората. {108:3} Ќе Те славам, Господи, меѓу народите; ќе Те воспевам меѓу племињата, {108:4} зашто повисока од небото е Твојата милост, и до облаците достига Твојата верност. {108:5} Издигни се над небесата Боже, и славата Твоја нека биде по целата Земја, {108:6} за да се избават Твоите возљубени; спаси ме со Твојата десница и услиши ме. {108:7} Бог рече во своето светилиште: „Ќе се вознесам и ќе го разделам Сихем и ќе ја измерам долината Сукот; {108:8} Мој е Галаад, Мој е Манасија, Ефрем е шлем на главата Моја, Јуда е Мој скиптар; {108:9} Моав Ми е леген за миење, врз Едом ќе ја фрлам обувката Своја, над Филистејците ќе славам победа.” {108:10} Кој ќе ме доведе до укрепениот град? Кој ќе ме доведе до Едом? {108:11} Зар не си Ти, Боже, Кој нè отфрли и не излегуваш, Боже, со нашите војски? {108:12} Дај ни помош против непријателите, зашто човечката заштита е суетна. {108:13} Во Бога ќе имаме сила; Тој ќе ги прегази непријателите наши. {109:1} Боже, похвало моја, не премолчувај, {109:2} зашто против мене се отворени грешни и лажливи усти; зборуваат со лажлив јазик против мене; {109:3} отсекаде ме опкружуваат со злобни зборови, и без причина ме напаѓаат; {109:4} место да ми возвратат со љубов, тие стануваат против мене, а јас се молам; {109:5} ми враќаат зло за добро, омраза - за љубов: {109:6} Постави над него грешник, и ѓаволот да застане десно од него. {109:7} Кога ќе му се суди, нека биде осуден, и молитвата негова да се прими за грев; {109:8} дните негови да бидат кратки, а неговото достоинство друг да го земе; {109:9} децата негови да останат сираци, а жената му - вдовица; {109:10} децата негови да скитаат и да станат просјаци, изгонети надвор од своите домови. {109:11} Заемодавецот да му земе сè што има, и туѓинци да го разграбаат трудот негов; {109:12} нека нема кој да го заштити, да нема и кој да се смили над сираците негови; {109:13} потомството негово да загине, и да се избрише името негово во следниот род; {109:14} да биде спомнато пред Господ беззаконието на татковците негови, и гревот на мајка му да не се очисти; {109:15} тие секогаш да бидат пред очите на Господ, и да се избрише споменот нивни на земјата. {109:16} Зашто не помислил да покаже милост, туку ги гонеше бедните, сиромасите, и оние со скршено срце, за да ги уништи; {109:17} засакал клетва - па таа нека го стигне: не посакал благослов, - тој нека се оддалечи од него; {109:18} нека се облече во клетва како во облека; и таа нека влезе во него како вода, и како масло - во неговите коски; {109:19} та да му биде како облека, во која се облекува, и како појас, со кој секогаш се опашува. {109:20} Таква нека биде отплатата од Господ на оние што ме мразат и на оние што лошо зборуваат против душата моја. {109:21} А мене, Господи, Господи, заштити ме заради Твоето име, зашто е блага милоста Твоја; избави ме, {109:22} зашто сум беден и сиромав, и срцето мое во мене е рането. {109:23} Исчезнувам како сенка што се оддалечува; ме гонат како скакулец. {109:24} Колената ми изнемоштија од пост, а телото мое ослабе. {109:25} Им станав за потсмев; оние што ме гледаат, нишаат со главите свои. {109:26} Помогни ми, Господи, Боже мој, спаси ме поради Твојата милост. {109:27} Нека разберат дека е тоа Твојата рака и дека, Ти, Господи, си го направил тоа. {109:28} Тие проколнуваат, а Ти, пак, благослови; и оние што стануваат против мене нека бидат посрамени, а Твојот слуга да се зарадува. {109:29} Нека се облечат во презир противниците мои и како со облека да се покријат со својот срам, {109:30} и јас со устата моја многу ќе Го славам Господа и меѓу мнозина ќе Го прославувам, {109:31} зашто застана од мојата десна страна, за да ја спаси мојата душа од оние што ме гонат. {110:1} Му рече Господ на мојот Господ: „Седи од Мојата десна страна, додека ги ставам непријателите Твои во подножјето на нозете Твои. {110:2} Жезолот на Твојата сила ќе Ти го прати Господ од Сион: владеј меѓу непријателите Свои. {110:3} Подготвен е Твојот народ за денот кога ќе ги поведеш Своите војски на светите гори; како роса од утробата на зората, со Тебе се младите борци. {110:4} Се заколна Господ и нема да се покае: Ти си вечен свештеник по чинот Мелхиседеков.” {110:5} Господ Кој е од Твојата десна страна, во денот на гневот Свој, Тој ќе ги порази царевите; {110:6} ќе изврши суд над народите, ќе ја исполни земјата со трупови, ќе ги скрши главите на многумина на Земјата. {110:7} Од потокот на патот ќе пие, и затоа високо ќе ја крене главата. {111:1} Алилуја! Ќе Те славам, Господи, од сè срце во советот на праведните и во собранието. {111:2} Големи се делата на Господ, нека размислуват за нив сите што уживаат во нив. {111:3} Неговото дело е слава и великолепие, а правдата Негова вечно ќе постои. {111:4} Незаборавни ги направи чудесата Свои, милостив и штедар е Господ. {111:5} Им дава храна на оние, кои се бојат од Него; вечно го помни заветот Свој. {111:6} Силата на делата свои му ја покажа на Својот народ, за да му ги даде незнабошците во наследство. {111:7} Делата на рацете Негови се верност и правда; и верни се сите заповеди Негови, {111:8} утврдени засекогаш, засновани врз верност и правдина. {111:9} Тој му испрати избавување на Својот народ; засекогаш го установи Својот завет. Свето е и страшно името Негово. {111:10} Почеток на мудроста е стравот од Господ; здрав разум имаат сите, кои според неа постапуваат. Похвалата Негова пребива вечно. {112:1} Алилуја! Блажен е оној човек, кој се бои од Господ и кому му се мили Неговите заповеди. {112:2} Неговото потомство ќе биде силно на земјата; родот на праведните ќе биде благословен. {112:3} Слава и богатство ќе има во неговиот дом; и правдата негова ќе преуспева вечно. {112:4} На праведните во темнина им изгрева светлина; тие се благородни, милостиви и справедливи. {112:5} Има добро за човек што е дарежлив и на заем дава; тој праведно ги извршува своите работи; {112:6} и никогаш нема да се разниша; праведниот останува во вечен спомен. {112:7} Од лоши гласови нема да се уплаши; срцето му е спремно, зашто се надева на Господ. {112:8} Срцето му е цврсто: тој нема да се уплаши, кога - годе ќе погледне во непријателите свои. {112:9} Тој разделува, дава на сиромаси; правдата негова останува вечно; неговиот рог ќе се возвиши во слава. {112:10} Грешниот, кога ќе го види тоа, ќе се јадосува, ќе крцка со забите свои и ќе се топи. Желбата на грешникот пропаѓа. {113:1} Алилуја! Фалете го, слуги Господови, фалете го името на Господ. {113:2} Нека е благословено името Господово отсекогаш и засекогаш. {113:3} Од исток до запад нека се прославува името на Господ. {113:4} Возвишен е над сите народи Господ; Неговата слава е над небесата. {113:5} Кој е како Господ, нашиот Бог, Кој живее во височините, {113:6} и Кој од високо гледа на небото и на земјата; {113:7} Кој од прав го издига сиромавиот и од калта го вади бедниот, {113:8} за да го постави со кнезовите, со кнезовите на народот негов. {113:9} Кој неплодната ја вселува в куќи како мајка, што се радува меѓу многуте деца. Алилуја! {114:1} Кога Израел излезе од Египет, домот Јаковов - од туѓ народ, {114:2} Јудеја стана Божјо светилиште, Израел област Негова. {114:3} Морето виде и избега; Јордан се врати назад. {114:4} Горите се разиграа како овни, и ритчињата - како јагниња. {114:5} Што ти стана тебе море, па бегаш, и тебе, Јордане, па назад се враќаш? {114:6} Зошто се разигравте, гори, како овни, и вие, ритчиња, како јагниња? {114:7} Трепери Земјата пред лицето на Господ, пред лицето на Бога Јаковов, {114:8} Кој камен претвора во водно езеро и карпа - во воден извор. {115:1} Не нам, Господи, не нам, туку на Своето име дај му слава, заради Твојата милост, заради Твојата вистина, {115:2} да не речат незнабошците: „Па каде е нивниот Бог?” {115:3} Нашиот Бог е горе на небесата; врши сè, што сака. {115:4} А идолите на незнабошците се сребро и злато, дело на човечки раце: {115:5} уста имаат, а не зборуваат, очи имаат, но не гледаат; {115:6} имаат уши, но не слушаат; имаат ноздри, но не мирисаат; {115:7} раце имаат, но не пипаат; нозе имаат, но не одат; тие не пуштаат глас од грлото свое. {115:8} Слични на нив се и оние што ги прават, такви се и оние што се надеваат на нив. {115:9} Доме Израелов, надевај се во Господ; Тој е наш помошник и заштитник. {115:10} Доме Аронов, надевај се во Господ; Тој е наш помошник и заштитник. {115:11} Вие кои се боите од Господ, надевајте се во Господ; Тој е ваш помошник и заштитник. {115:12} Господ се сеќава на нас и нè благословил, го благословил домот Израелов, го благословил домот Аронов, {115:13} ги благословил оние, кои се бојат од Господ, мали и големи. {115:14} Нека ви придаде Господ вам повеќе, вам и на вашите деца. {115:15} Благословени да сте од Господ, Кој ги создаде небото и земјата. {115:16} Небесата се Господови небеса, а земјата Тој им ја даде на синовите човечки. {115:17} Не ќе Те слават мртвите, Господи, ниту оние, што слегуваат во местото на молкот, {115:18} туку ние живите ќе Го благословуваме Господа отсега и засекогаш. {116:1} Се радувам дека Господ ќе го услиши гласот на моето молење, {116:2} зашто го приклони кон мене Своето уво, и затоа ќе Го повикувам преку сите мои дни. {116:3} Смртни болки ме обзедоа, пеколни маки ме стигнаа; се најдов во неволја и мака. {116:4} Тогаш го повикав името Господово: О, Господи, избави ја душата моја! {116:5} Милостив е Господ и праведен, и милосрден е нашиот Бог. {116:6} Господ ги пази слабите: бев во мака и Тој ми помогна. {116:7} Врати се, душо моја, во својот мир, зашто Господ постапи добро со тебе, {116:8} бидејќи душата моја ја истргна од смрт, очите мои - од солзи, и нозете мои - од сопнување. {116:9} Одам со благодарност пред лицето на Господ во земјата на живите. {116:10} Верував и кога говорев: во голема мака сум. {116:11} Во мојата необмисленост си реков: секој човек е лажливец. {116:12} Што да Му дадам на Господ за сите негови добрини што ми ги направи мене? {116:13} Ќе ја земам чашата на спасението и името на Господ ќе го повикам. {116:14} Заветите ќе Му ги упатам на Господ пред целиот Негов народ. {116:15} Скапа е во очите на Господ смртта на неговите светии. {116:16} О, Господи, јас сум слуга Твој, јас сум слуга Твој и син на Твојата слугинка. Ти ги скрши моите окови. {116:17} Тебе ќе Ти принесам благодарствена жртва; {116:18} ќе ги исполнам заветите мои на Господ пред сиот Негов народ. {116:19} Во предворјето на домот Господов, среде тебе, Ерусалиме! {117:1} Фалете Го Господ, сите народи, прославувајте Го, сите луѓе, {117:2} зашто се зацврсти Неговата голема милост на нас, и верноста Господова пребива вечно. Алилуја! {118:1} Славете Го Господа, зашто Тој е добар, зашто милоста Негова е вечна. {118:2} Нека каже сега домот Израелов, дека е Тој добар, дека милоста Негова е вечна. {118:3} Нека рече сега домот Аронов, дека е Тој добар, дека милоста Негова е вечна. {118:4} Нека кажат сега сите, кои се бојат од Господ: дека е Тој добар, дека милоста Негова е вечна. {118:5} Кога бев на мака, Го повикав Господа и Тој ме услиши и на ширина ме изведе. {118:6} Господ е мој помошник, нема да се плашам: што може да ми направи човек? {118:7} Господ ми е помошник: и јас победоносно ќе гледам на непријателите мои. {118:8} Подобро е да се надевам во Господ, отколку да се надевам во човек. {118:9} Подобро е да се надеваш во Господ, отколку да се надеваш во кнезови. {118:10} Сите народи ме опколија, но со името Господово јас ги разбив; {118:11} ме опседнаа, ме обиколија, но со името Господово јас ги победив. {118:12} Ме опкружија како пчели околу сотка, па се запалија како оган во трње: со името Господово јас им се противставив. {118:13} Ме турнаа силно за да паднам, но Господ ми помогна. {118:14} Господ е крепост моја и сила; Тој стана мое спасение. {118:15} Глас на радост и на спасение се слуша во домовите на праведните; десницата на Господ дава сила! {118:16} Десницата Господова ме возвишува, десницата Господова дава сила. {118:17} Нема да умрам, но ќе живеам и ќе ги разгласувам делата Господови. {118:18} Господ строго ме казни, но на смрт не ме предаде. {118:19} Отворете ми ја вратата на правдата: ќе влезам во неа, ќе го прославувам Господ. {118:20} Ете, тоа е вратата Господова, праведните влегуваат низ неа; {118:21} ќе Те славам, зашто ме услиши и стана спасение мое. {118:22} Каменот што го отфрлија ѕидарите, стана камен темелник. {118:23} Тоа е од Господ, и прекрасно е во очите наши. {118:24} Ова е денот што го создаде Господ за да се зарадуваме и да се развеселиме во него. {118:25} О, Господи, спаси! О, Господи, побрзај! {118:26} Нека е благословен оној, кој оди во името на Господ! Ве благословуваме од домот Господов. {118:27} Бог е Господ и Тој нè осветлува; образувајте празнична придружба до роговите на жртвеникот. {118:28} Бог мој си Ти и Тебе ќе Те славам; Бог мој си Ти и Тебе ќе Те превознесувам. {118:29} Славете Го Господа, зашто Тој е добар, зашто милоста Му е вечна. {119:1} Блажени се непорочните во патот нивни, зашто одат според законот Господов. {119:2} Блажени се оние кои ги пазат сведоштвата Негови и од сè срце Го бараат, {119:3} оние кои не вршат беззаконие, туку одат по Неговите патишта. {119:4} Ти заповеда грижливо да се пазат Твоите заповеди. {119:5} О, да се управат моите патишта за да ги чувам Твоите заповеди! {119:6} Тогаш нема да се засрамам, гледајќи ги сите Твои заповеди. {119:7} Ќе Те славам Господи со чисто срце, кога ќе ги научам Твоите праведни судови. {119:8} Ќе ги пазам Твоите заповеди; не оставај ме сосема. {119:9} Како момчето ќе го запази во чистота патот свој? - Ако ги пази зборовите Твои! {119:10} Со сето срце мое Те барам, не дозволувај да застранам од Твоите заповеди. {119:11} Ги сокрив во срцето свое заповедите Твои, за да не грешам пред Тебе. {119:12} Благословен си Ти, Господи! Научи ме на Твоите повелби. {119:13} Со устата своја ги разгласив сите уредби од устата Твоја. {119:14} По патот на Твоите сведоштва се насладувам како во секое богатство. {119:15} Ќе размислам за Твоите заповеди и ќе ги управувам очите мои на патот Твој. {119:16} Од повелбите Твои ќе се поучувам, нема да ги заборавам Твоите зброви. {119:17} Покажи милост кон Твојот слуга, и ќе живеам и ќе ги пазам Твоите зборови. {119:18} Отвори ги очите мои, и ќе ги разберам чудесата од Твојот закон. {119:19} Придојден сум на земјава, не сокривај ги од мене Твоите заповеди. {119:20} И копнее душата моја во секое време да ги сака Твоите уредби. {119:21} Ти ги укоруваш горделивите; проклети да се оние, кои се отклонуваат од Твоите заповеди. {119:22} Отстрани го од мене прекорот и презирот, зашто ги пазев Твоите прописи. {119:23} Кнезовите седат и ме клеветат, а Твојот слуга размислува за Твоите повелби. {119:24} Сведоштвата, пак, Твои се поука моја, а наредбите Твои - советници. {119:25} Душата моја лежи во прав: оживи ме според зборот Твој. {119:26} Патиштата мои Ти ги кажав, и Ти ме чу; научи ме на Твоите повелби. {119:27} Вразуми ме да го разберам патот на Твоите повелби и јас ќе размислувам за Твоите чудеса. {119:28} Душата моја засолзи од тага, зацврсти ме со зборовите Твои. {119:29} Отстрани го од мене патот на лагата и научи ме на законот Твој. {119:30} Го избрав патот на вистината, и не ги заборавив Твоите судови. {119:31} Се приврзав за сведоштвата Твои, Господи: не ме посрамувај. {119:32} Ќе брзам по патот на Твоите заповеди, кога ќе го прошириш моето разбирање. {119:33} Покажи ми го, Господи, патот на Твоите наредби и ќе се придржувам за нив до крај. {119:34} Поучи ме, и ќе се држам за законот Твој и ќе го пазам со сето срце свое. {119:35} Упати ме на патеката на Твоите заповеди, зашто многу ја засакав. {119:36} Приклони го срцето мое кон Твоите сведоштва, а не кон лакомства. {119:37} Сврти ги очите мои за да не гледам суета: оживи ме на Својот пат. {119:38} Во слугата Свој внеси збор Свој за да се бои од Тебе. {119:39} Отстрани го од мене прекорот, од кој се плашам, зашто Твоите уредби се прекрасни. {119:40} Ете, јас копнеам по Твоите правила: Оживеј ме според Својата праведност. {119:41} И нека милоста Твоја, Господи, пријде на мене, и спасението од Тебе според зборовите Твои, - {119:42} и јас ќе им одговорам на оние што ме навредуваат, зашто верувам во зборовите Твои. {119:43} Не одземај го сосема од устата моја словото на вистината, зашто јас се надевам на Твоите уредби. {119:44} И ќе го чувам Твојот закон засекогаш и во векови. {119:45} Ќе одам слободно, зашто ги барам Твоите заповеди. {119:46} И ќе зборувам за сведоштвата Твои пред царевите, и нема да се посрамам; {119:47} им се насладувам на Твоите заповеди, кои многу ги засакав; {119:48} ќе ги протегнам рацете свои кон Твоите заповеди, кои ги возљубив, и ќе размислувам за Твоите наредби. {119:49} Спомни си за словото Твое кон Твојот слуга, со кое си му дал надеж. {119:50} Тоа ме утешува во неволјата моја, зашто Твоето слово ме оживува. {119:51} Горделивите жестоко ме напаѓаат, но јас не се отстранив од Твоите закони. {119:52} Кога си спомнувам за Твоите уредби од старина, Господи, се утешувам. {119:53} Лутина ме обзема од нечестивите што го напуштаат Твојот закон. {119:54} Повелбите Твои ми беа песна кога патував во некое место. {119:55} Ноќе го споменувам името Твое, Господи, и го пазам законот Твој. {119:56} Тој стана мој, зашто ги пазам Твоите правила. {119:57} Дел мој си Ти, Господи, - си реков -ќе го пазам законот Твој. {119:58} Му се помолив на лицето Твое од сè срце: помилуј ме, според словото Твое. {119:59} Размислувам за Твоите патишта и ги свртувам нозете мои кон Твоите уредби. {119:60} Брзам и не се колебам да ги запазам Твоите заповеди. {119:61} Замки од нечестиви ме опкружија, но јас не го заборавив Твојот закон. {119:62} На полноќ станувам да Те величам поради Твоите праведни уредби. {119:63} Јас сум меѓу оние што се бојат од Тебе и кои ги пазат Твоте правила. {119:64} Со Твојата милост, Господи, Земјата е полна; научи ме на Твоите повелби. {119:65} Добрини си му направил, Господи, на Твојот слуга според Твоето слово. {119:66} Научи ме на добро и на разумно, зашто верувам во Твоите заповеди. {119:67} Пред моето страдање бев застранил, а сега го пазам Твојот збор. {119:68} Ти си добар, Господи, и поради добрината Твоја научи ме на Твоите повелби. {119:69} Се зголеми неправдата од гордите врз мене, но јас од сè срце ги пазам Твоите правила. {119:70} Срцето им е бездушно како сало, но јас уживам со Твојот закон. {119:71} Добро ми е што бев понижен, за да се научам на Твоите повелби. {119:72} Законот на Твојата уста за мене е подобар отколку илјадници златници и сребреници. {119:73} Твоите раце ме создадоа и изградија: вразуми ме, и ќе се научам на Твоите заповеди. {119:74} Оние, кои се бојат од Тебе, кога ќе ме видат ќе се зарадуваат, затоа што се надевав во Твоите зборови. {119:75} Знам, Господи, дека Твоите судови се праведни, и според справедливоста Твоја Ти ме казни. {119:76} Па нека ми биде милоста Твоја утеха, според Твоето слово кон Твојот слуга. {119:77} Нека пријде на мене Твојата штедрост, и јас ќе живеам, зашто законот Твој е утеха моја. {119:78} Нека се посрамат горделивите, зашто неправедно и без вина ме обвинуваат; а јас ќе размислувам за Твоите правила. {119:79} Нека ми се приклонат оние што се плашат од Тебе, за да ги научат Твоите уредби. {119:80} Нека биде срцето мое непорочно во Твоите повелби, та да не се посрамам. {119:81} Копнее душата моја за Твоето спасение; јас се надевам во Твоите зборови. {119:82} Очите мои попуштија од желба за Твоето слово, велејќи: кога ќе ме утешиш? {119:83} Зашто станав како мев во дим, но Твоите повелби не ги заборавив. {119:84} Колку долго ќе чека Твојот слуга? Кога ќе извршиш суд над моите гонители? {119:85} Горделивите ми ископаа јама; тие го кршат Твојот Закон. {119:86} Сите Твои заповеди се вистина. Неправедно ме гонат: помогни ми! {119:87} За малку ќе ме убиеја на земјата, но јас не ги оставив Твоите заповеди. {119:88} Според Твојата милост зачувај ми го животот, и јас ќе ги пазам сведоштвата од Твојата уста. {119:89} Ти постоиш вечно, Господи; Твоето слово засекогаш е утврдено на небото; {119:90} Твојата верност е од род во род. Ти си ја поставил Земјата, и таа стои. {119:91} Според Твоја волја постојат денес; сè што постои, Тебе ти служи. {119:92} Да не беше Твојот закон утеха за мене, јас ќе загинев во неволјата своја. {119:93} Никогаш нема да ги заборавам Твоите правила, зашто преку нив ме оживуваш. {119:94} Твој сум јас, спаси ме, зашто ги барав Твоите правила. {119:95} Нечестивите демнат за да ме убијат, но јас пазам на уредбите Твои. {119:96} Го видов крајот на секое совршенство, но Твоите заповеди се безгранични. {119:97} Колку го засакав, Господи, Твојот закон; секој ден се поучувам од него. {119:98} Со Твојата заповед ме направи помудар од непријателите мои, зашто таа е секогаш со мене. {119:99} Станав поразумен од сите учители мои, зашто сведоштвата Твои се моја поука. {119:100} Поумен станав од старите, зашто ги пазам Твоите заповеди. {119:101} Ги задржувам нозете свои од секаков лош пат, за да го пазам словото Твое. {119:102} Од твоите уредби нема да се откажам, зашто Ти ме поучи. {119:103} Колку се слатки за грлото мое зборовите Твои, послатки се од мед во устата моја. {119:104} Преку твоите заповеди станав разумен; затоа го замразив секој лажен пат. {119:105} Твоето слово е светилник на нозете мои и светлина за патеката моја. {119:106} Се заколнав и реков дека ќе ги пазам Твоите праведни судови, и ќе ги исполнувам. {119:107} Многу сум нажален, оживи ме, Господи, поради Твоето слово. {119:108} Прими ги моите благодарници, Господи, и научи ме на Твоите уредби. {119:109} Животот ми е постојано во опасност, но Твојот закон не го заборавив. {119:110} Нечестивите ми поставија замка, но јас не се отстранив од Твоите заповеди. {119:111} Твоите уредби ми се вечно наследство, тие се голема радост за срцето мое. {119:112} Го натерав срцето свое да ги извршува повелбите Твои, секогаш и до крај. {119:113} Оние со дволично срце ги замразив, но Твојот закон го сакам. {119:114} Ти си ми заштита и штит: во Твоето слово се надевам. {119:115} Иставете се од мене злосторници, за да ги запазам заповедите на мојот Бог. {119:116} Поддржи ме според Твоето слово, и јас ќе живеам; не посрамувај ме во надежта моја; {119:117} помогни ми, и ќе се спасам: и Твоите повелби постојано ќе ги пазам. {119:118} Ти ги презираш оние, кои отстапуваат од Твоите повелби, зашто нивните мисли се неправедни. {119:119} Сите грешници земни ги сметаш за 'рѓа, затоа засекогаш ги засакав Твоите уредби. {119:120} Од страв пред Тебе трепери телото мое, и од Твоите судови се плашам. {119:121} Го правев она што е право и праведно; не предавај ме на моите угнетувачи. {119:122} Заложи се за доброто на Својот слуга, та да не ме сотрат горделивите. {119:123} Очите ми копнеат, очекувајќи го спасението од Тебе, и словото на Твојата правда. {119:124} Постапи со Твојот слуга според милоста Своја и научи ме на Твоите повелби. {119:125} Слуга Твој сум јас: вразуми ме и ќе ги познаам уредбите Твои. {119:126} Време е, Господи, да се дејствува: Твојот закон го осквернија. {119:127} Затоа ги засакав заповедите Твои и од топаз и од злато повеќе. {119:128} Затоа се управував според сите Твои заповеди и лажниот пат го замразив. {119:129} Прекрасни се Твоите сведоштва: затоа душата моја ги запазува. {119:130} Објавувањето на Твоите зборови просветува и скромните ги вразумува. {119:131} Со отворена уста копнеам, зашто жеден сум за Твоите заповеди. {119:132} Погледај кон мене и помилуј ме, како што постапуваш со оние, кои го сакаат Твоето име. {119:133} Управувај ги стапките мои според Твоето слово и не допуштај со мене да овладее никакво беззаконие. {119:134} Избави ме од човечко насилство за да ги пазам Твоите заповеди, {119:135} озари го Твојот слуга со светлината на лицето Твое, и научи ме на Твоите заповеди. {119:136} Од очите мои потоци солзи течат, зашто не го пазат Твојот закон. {119:137} Праведен си Ти, Господи, и праведни се Твоите пресуди. {119:138} Твоите сведоштва, што си ги дал, се засновани на правда и целосна вистина. {119:139} Ревноста моја ме јаде, зашто непријателите мои ги заборавија Твоите слова. {119:140} Твоето слово е темелно испитано, и Твојот слуга го сака. {119:141} Мал сум и презрен, но Твоите правила не ги заборавив. {119:142} Твојата праведност е вечна праведност, и Твојот закон е вистина. {119:143} Скрб и мака ме обзедоа; Твоите заповеди се моето уживање. {119:144} Твоите уредби се праведни довека; вразуми ме, и ќе живеам. {119:145} Те повикувам со сето срце мое, услиши ме, Господи, - и ќе ги пазам повелбите Твои. {119:146} Тебе Те повикувам: спаси ме, за да ги пазам Твоите уредби. {119:147} Ја испреварувам зората и викам; на Твоето слово се надевам. {119:148} Очите мои се отвораат пред утринската стража, за да се поучам на Твоите слова. {119:149} Чуј го мојот глас, според милоста Своја, Господи; според Твојата правда, зачувај ме во живот. {119:150} Се приближија оние што ме прогонуваат со зла намера; од законот Твој тие се оддалечија. {119:151} Но Ти си близок, Господи, и сите Твои заповеди се вистина. {119:152} Одамна знам за Твоите уредби дека си ги утврдил засекогаш. {119:153} Погледај на мојата потиштеност и избави ме, зашто не го заборавив Твојот закон. {119:154} Пресуди според мојата правда и искупи ме; заради словото Твое оживеј ме. {119:155} Далеку е спасението од нечестивите, зашто тие не ги бараат Твоите повелби. {119:156} Голема е Твојата милост, Господи, според Твојата правда оживи ме. {119:157} Многумина ме гонеа и мачеа, но од Твоите уредби јас не отстапив. {119:158} Ги гледам неверниците и се гнасам, зашто словата Твои не ги пазат. {119:159} Погледни како ги сакам заповедите Твои, запази ми го животот, Господи, поради Твојата милост. {119:160} Вистината е основа на Твоите слова; и секоја Твоја праведна одредба трае вечно. {119:161} Кнезовите ме гонат без вина, но срцето мое се плаши само од Твоите зборови. {119:162} Се радувам на Твоето слово, како оној кој нашол големо благо. {119:163} Ја замразив неправдата и се гнасам од неа; а Твојот закон го сакам. {119:164} Седумпати на ден Те прославувам за Твоите праведни одредби. {119:165} Голем е мирот кај оние, кои го сакаат Твојот закон, и за нив нема соблазна. {119:166} Го чекам спасението од Тебе, Господи, и Твоите заповеди ги извршувам. {119:167} Душата моја ги пази Твоите уредби, и јас многу ги засакав. {119:168} Ги пазам Твоите заповеди и Твоите сведоштва, зашто сите мои патишта се пред Тебе, Господи. {119:169} Нека допре до Тебе молбата моја, Господи; вразуми ме според Твоите зборови. {119:170} Нека барањето мое дојде пред Тебе; избави ме според Твоето слово. {119:171} Од устата моја нека се произнесе похвала, кога ќе ме научиш на Твоите повелби. {119:172} Јазикот мој нека ги разгласи Твоите зборови, зашто сите Твои заповеди се праведни. {119:173} Нека ми биде Твојата рака на спасение, зашто Твоите заповеди ги избрав. {119:174} Копнеам, Господи, за спасение од Тебе и Твојот закон е мојата наслада. {119:175} Нека живее душата моја и нека Те слави; и Твоите уредби нека ми помогнат. {119:176} Се заблудив како загубена овца: побарај го Твојот слуга, зашто не ги заборавив Твоите заповеди. {120:1} Кон Господа повикав во потиштеноста своја, и Тој ме услиши. {120:2} Господи, избави ја душата моја од лажлива уста и од измамнички јазик. {120:3} Што ќе ти се даде и уште што ќе ти се направи, лажлив јазику? {120:4} Изострени стрели на силник, разгорени со пустински јаглен! {120:5} Тешко мене, што морам да живеам во Мешех, да престојувам во шаторите кидарски. {120:6} Долго живееше душата моја со оние што го мразат мирот. {120:7} Јас сум за мир, но штом проговорам - тие се за војна. {121:1} Ги кренав очите кон горите; од каде помош ќе ми пристигне? {121:2} Мојата помош е од Господ, Кој ги создаде небото и Земјата. {121:3} Тој нема да дозволи да се помести ногата твоја; нема да задреме Оној, Кој те пази; {121:4} не дреме и не спие Оној, Кој го пази Израел. {121:5} Господ е Твој чувар; Господ е твоја закрила откај твојата десна рака. {121:6} Сонцето дење нема да те гори, ниту месечината ноќе ќе ти штети. {121:7} Господ ќе те запази од секакво зло и ќе ја чува душата твоја. {121:8} Господ ќе го пази излегувањето твое и влегувањето твое отсега и довека. {122:1} Се зарадував кога ми рекоа: „Да одиме во домот Господов!” {122:2} Ете, нозете наши стојат во твоите дворови, Ерусалиме, - {122:3} Ерусалим, кој е изграден како град, излиен во една целина. {122:4} Таму се искачуваат племињата, Господовите племиња, сведоштвото Израелско, за да се слави името Господово. {122:5} Зашто таму се поставија престолите судиски, престолите на домот Давидов. {122:6} Молете се за мир за Ерусалим и нека им биде добро на оние, кои те сакаат! {122:7} Нека има мир околу ѕидовите твои и спокојство во кулите твои. {122:8} Поради браќата мои и блиските мои ќе речам: „Мир во тебе!” {122:9} Заради домот на Господ, нашиот Бог, ти пожелувам добро. {123:1} Ги кревам очите мои кон Тебе, Кој царуваш на небесата. {123:2} Ете, како што се очите на слугите свртени кон рацете на господарите нивни, како очите на слугинката - кон раката на господарката нејзина, така и нашите очи гледаат кон Господ, нашиот Бог, сè додека не се смилува. {123:3} Смилувај се на нас, Господи, смилувај се, зашто многу сме понижени со презир; {123:4} зашто се преполни душата наша од надменоста на дрските и од презирот на горделивите. {124:1} Да не беше Господ со нас, - нека каже Израел, - {124:2} да не беше Господ со нас, кога луѓето се кренаа против нас, - {124:3} живи ќе нè проголтаа, кога пламна нивната јарост против нас; {124:4} вода ќе нè потопеше, поток ќе го однесеше животот наш; {124:5} бурна вода ќе ја однесеше нашата душа. {124:6} Нека е благословен Господ, Кој не нè предаде во плен на нивните заби. {124:7} Душата наша се избави како птица од примка на ловци: примката се скина, а ние се избавивме. {124:8} Помошта наша е во името на Господ, Кој ги создаде небото и Земјата. {125:1} Кои се надеваат во Господ, тие се како гората Сион: нема да се поколеба, ќе живее вечно. {125:2} Околу Ерусалим има гори, а Господ е околу својот народ отсега и засекогаш. {125:3} Зашто Господ нема да го остави жезлото на грешниците врз земјата на праведните, за да не ги посегаат праведниците рацете свои кон беззаконие. {125:4} Господи, направи им добро на добрите и на оние со чисто срце. {125:5} А оние што свртуваат кон крив пат, нив Господ ќе ги одведе со оние што вршат беззаконие. Мир на Израел! {126:1} Кога Господ ги врати сионските заробеници, ние бевме како во сон; {126:2} тогаш устата ни се исполни со радост, и јазикот наш - со весела песна; тогаш меѓу незнабошците се говореше: „Големи дела изврши Господ над нив!” {126:3} Гоеми дела изврши Господ над нас: ние се развеселивме. {126:4} Врати ги, Господи заробените наши, како потоците во Негев. {126:5} Оние што сеат со солзи, нека жнеат со голема радост. {126:6} Одеа и плачеа оние што носеа свое семе; но со радост ќе се вратат, носејќи ги своите снопја. {127:1} Ако Господ не ја изѕида куќата, залудо ќе се трудат градителите нејзини; ако Господ не го запази градот, залудо ќе бдее стражата. {127:2} Залудно вие станувате рано, доцна легнувате и го јадете лебот уморни; на оние кои Тој ги сака ним им дава сон. {127:3} Ете, наследството Господово се синовите, дар од Него е породот. {127:4} Она што се стрелите во раката на силниот, тоа се младите синови. {127:5} Блажен е оној човек, кому му е исполнет тегарчикот со нив! Тие нема да се засрамат, кога ќе се препираат со непријателите нивни пред портите. {128:1} Блажени се оние, кои се бојат од Господ, кои одат по Неговите патишта! {128:2} Ќе јадеш од плодовите на рацете свои: блазе тебе и добро ќе живееш. {128:3} Жената во домот твој ќе биде како лоза плодовита, синовите твои - како новонасадени маслини околу трпезата твоја. {128:4} Ете, така ќе биде благословен оној човек кој се бои од Господ. {128:5} Господ ќе ги благослови од Сион; и ти ќе ги гледаш добрата ерусалимски во сите дни на твојот живот; {128:6} и ќе ги видиш синовите на синовите твои. Мир нека е на Израел! {129:1} Честопати тие ме напаѓаа уште од младоста моја - нека каже Израел. {129:2} Честопати тие ме напаѓаа од младоста моја, но не ме совладаа. {129:3} На плешките мои орачи ораа, долги бразди повлекуваа. {129:4} Но Господ праведен ги расече јажињата на нечестивите. {129:5} Нека се засрамат и нека се свртат назад сите, кои го мразат Сион! {129:6} Нека бидат како тревата на покрив, која се исушува пред да израсне, {129:7} со која жетварот нема да ја исполни раката своја, ни прегратката своја оној што ја врзува во снопови! {129:8} А минувачите да не викаат: „Благослов Господов на вас; ве благословуваме во името на Господ!” {130:1} Од длабочините викам кон Тебе, Господи. {130:2} Господи, чуј го гласот мој. Ушите Твои нека го чујат гласот на молењето мое, - {130:3} Господи, ако гледаш на беззаконијата, - тогаш кој ќе се одржи, Господи? {130:4} Но во Тебе има простување, за да Те почитуваат. {130:5} Заради името Твое, Господи, чекав долго на Тебе, чекаше душата моја на Твојот збор; {130:6} душата моја Го чека Господ: Од утрената стража па до ноќната, од утрената стража нека се надева Израел на Господ. {130:7} Зашто милоста е во Господ и голем е откупот во Него. {130:8} И Тој ќе го избави Израел од сите негови беззаконија. {131:1} Господи, срцето мое не се вознесува, ниту очите мои се креваат високо; не копнеам по големи работи ниту по она што е над моите сили. {131:2} Но ја скротив и ја успокоив душата моја како дете кон мајката своја; душата во мене е како кај доенче. {131:3} Нека се надева Израел на Господ отсега и довека. {132:1} Сети се, Господи, на Давид и на сета негова ревност, {132:2} како што се заколна пред Господ, и Му вети на Јакововиот Бог: {132:3} „Нема да влезам под шаторот на домот свој, и нема да легнам на леглото мое; {132:4} нема да им дадам сон на очите мои, ни дремка на веѓите мои, ниту одмор на слепоочниците мои, {132:5} додека не најдам место за Господ, дом за Јакововиот Бог.” {132:6} Ете, ние чувме дека е во Ефрата, го најдовме во Јаарските полиња; {132:7} да влеземе во неговиот дом, да се поклониме пред местата каде што стојат нозете негови. {132:8} Стани, Господи, дојди во местото каде што е Твојата почивка, Ти и светиот ковчег Твој. {132:9} Твоите свештеници нека се облечат во праведност; Твоите светии нека се зарадуваат. {132:10} Поради Давид, Твојот слуга, не одвраќај го лицето Свое од Твојот помазаник. {132:11} Му се заколна Господ на Давид со верност, и од неа нема да се откаже: „Од плодот на твојата утроба ќе поставам на престолот твој. {132:12} Ако твоите синови го пазат Мојот завет и Моите сведоштва, на кои ќе ги научам, тогаш и синовите нивни ќе седат вечно на твојот престол.” {132:13} Зашто Господ го избра Сион, Му омиле да живее во него. {132:14} „Тоа е моето одмориште засекогаш: тука ќе се населам, бидејќи многу го засакав. {132:15} Ќе го благословувам и преблагословувам трудот негов, сиромасите негови со леб ќе ги наситувам; {132:16} свештениците негови ќе ги облечам во спасение, и светиите негови радосно ќе воскликнуваат. {132:17} Таму ќе кренам рог за Давид, му подготвив светилник на Мојот помазаник. {132:18} Непријателите негови ќе ги облечам во срам, а на него ќе блешти круна.” {133:1} Колку е убаво и колку е мило кога браќата живеат еднодушно! {133:2} Тоа е како скапоцено миро врз главата што се лее по брадата, брадата Аронова, што се лее по полите од одеждата негова; {133:3} како роса Ермонска, која паѓа на горите Сионски, зашто Господ дал благослов и живот вечен. {134:1} Благословувајте Го сега Господ, сите слуги Господови, што стоите ноќе во домот Господов, (во дворовите од домот на нашиот Бог). {134:2} Кренете ги рацете ваши ноќе кон светилиштето и благословувајте Го Господ! {134:3} Нека те благослови Господ од Сион, Создателот на небото и Земјата. {135:1} Фалете го името Господово, фалете го, слуги Господови, {135:2} вие кои стоите во домот Господов, во дворовите од домот на нашиот Бог. {135:3} Фалете Го Господ, зашто Господ е добар; пејте му на името Негово, зашто тоа е мило; {135:4} зашто Господ го избра Јаков за Себе, Израел за Свој сопствен посед. {135:5} Бидејќи знам дека Господ е велик и дека нашиот Господ е над сите богови: {135:6} Господ прави сè што ќе посака, на небото и на Земјата, во морињата и во сите бездни; {135:7} доведувајќи облаци од краиштата на земјата, молњи при дожд создаде, Тој, Кој ги изведува ветровите од скровиштата нивни, {135:8} Оној, Кој ги порази првородените во Египет од човек до добиток, {135:9} покажа знаци и чудеса среде тебе, Египте, на фараонот и врз сите слуги негови, {135:10} порази многу народи и истреби силни цареви: {135:11} Сион, царот аморејски, и Ог, царот башански, и сите цареви ханански; {135:12} и му ја даде нивната земја во наследство на Својот народ Израел. {135:13} Господи, името Твое е вечно; Господи, споменот за Тебе е од род во род. {135:14} Зашто Господ ќе го штити Својот народ и ќе биде милостив над слугите Свои. {135:15} Идолите на незнабошците се сребро и злато, дело на раце човечки; {135:16} имаат уста, но не говорат; имаат очи, но не гледаат; {135:17} имаат уши, но не слушаат; ниту, пак, во устата нивна има здив. {135:18} Слични на нив ќе бидат и оние, кои ги прават, и секој кој на нив се надева. {135:19} Доме Израелов, благословувај Го Господ! Доме Аронов, благословувај Го Господ! {135:20} Доме Левиев, благословувај Го Господ! И вие, кои се боите од Господ, благословувајте Го Господ! {135:21} Нека е благословен Господ од Сион, Кој живее во Ерусалим! {136:1} Славете Го Господа, зашто е добар, зашто е вечна милоста Негова. {136:2} Славете Го Бога на боговите, зашто е вечна милоста Негова. {136:3} Славете Го Господа над господарите, зашто е вечна милоста Негова, {136:4} Единиот Кој прави големи чудеса, зашто е вечна милоста Негова; {136:5} Кој премудро го создаде небото, зашто е вечна милоста Негова; {136:6} Кој ја утврди Земјата врз водите, зашто е вечна милоста Негова; {136:7} Единиот Кој ги создаде големите светила, зашто е вечна милоста негова; {136:8} сонцето - да управува со денот, зашто е вечна милоста Негова; {136:9} месечината и ѕвездите - да управуваат со ноќта, зашто е вечна милоста Негова. {136:10} Кој го порази Египет и првородените негови, зашто е вечна милоста Негова; {136:11} Кој го изведе Израел од средината нивна, зашто е вечна милоста Негова; {136:12} со цврста рака и подигната мишка, зашто е вечна милоста Негова; {136:13} Кој го раздвои Црвеното Море, зашто е вечна милоста Негова; {136:14} и го преведе Израел среде него, зашто е вечна милоста Негова; {136:15} а фараонот и војската негова ги фрли во Црвеното Море, зашто е вечна милоста Негова. {136:16} Кој го преведе својот народ преку пустината, зашто е вечна милоста Негова; {136:17} Кој порази големи цареви, зашто е вечна милоста Негова; {136:18} и ги погуби силните цареви, зашто е вечна милоста Негова; {136:19} Сион, царот аморејски, зашто е вечна милоста Негова; {136:20} и Ог, царот башански, зашто е вечна милоста Негова; {136:21} и му ја даде земјата во наследство, зашто е вечна милоста Негова. {136:22} во наследство на Својот слуга, Израел, зашто е вечна милоста Негова; {136:23} Кој се сеќава на нас во нашето понижување, зашто е вечна милоста Негова; {136:24} и нè избавува од непријателите наши, зашто е вечна милоста Негова; {136:25} и Кој дава храна на секоја плот, зашто е вечна милоста Негова. {136:26} Славете Го небесниот Бог, зашто е вечна милоста Негова. {137:1} Крај реките вавилонски - таму седевме и плачевме, кога ќе се сетевме на Сион; {137:2} на врбите, среде Вавилон, ги закачивме нашите харфи. {137:3} Зашто таму, оние што нè заробија и кои нè одведоа, побараа од нас радосна песна, велејќи ни: „Пејте ни од песните сионски!” {137:4} Како да запееме Господова песна на туѓа земја? {137:5} Ако Те заборавам тебе, Ерусалиме, -нека ме заборави мојата десница, {137:6} нека се залепи јазикот мој за непцето мое, ако не те помнам, ако не го поставам Ерусалим над секоја моја радост. {137:7} Сети се, Господи, на синовите Едомови, во денот на Ерусалим, кога тие говореа: „Разрушете, разрушете го до темелите негови!” {137:8} Ќерко вавилонска, опустошителко, блажен е оној, што ќе ти врати за делото што ни го направи! {137:9} Блажен е оној што ќе ги заграби и ќе ги разбие од камен децата твои. {138:1} Ќе Те славам Тебе, Господи, со сето срце свое и ќе Ти пеам пред ангелите Твои, зашто ги слушна сите зборови на устата моја. {138:2} Се поклонувам пред светиот Твој храм и го славам името Твое за милоста Твоја и за верноста Твоја, зашто го возвеличи името Свое свето над сè. {138:3} Во оној ден кога ќе Те повикам, услиши ме брзо, внеси бодрост во душата моја. {138:4} Ќе Те прославуваат, Господи, сите земни цареви, штом ќе ги чујат зборовите од Твојата уста, {138:5} и ќе воспеваат за патиштата Господови, зашто е голема славата Господова. {138:6} Зашто возвишен е Господ: и понизниот го гледа, а горделивиот оддалеку го познава. {138:7} Кога ќе се најдам во неволји - Ти живот ми даваш, ја пружаш раката и Твојата десница ме спасува. {138:8} Господ ќе направи што е добро за мене! Твојата милост, Господи, е вечна; делата на рацете Свои не оставај ги! {139:1} Господи, Ти си ме испитал и ме знаеш. {139:2} Ти знаеш кога седнувам и кога станувам; Ти оддалеку ги разбираш мислите мои. {139:3} Одам или лежам, Ти сè гледаш, сите патишта мои си ги предвидел. {139:4} Уште зборови не ми дошле до јазикот мој, Ти, Господи, веќе ги знаеш: {139:5} Ти ме опкружуваш, зад мене си, пред мене си; раката Твоја е положена над мене. {139:6} Се восхитувам на Твоето знаење, -тоа е превисоко, не можам да му пријдам! {139:7} Каде да одам од Твојот дух, и од лицето Твое каде да побегнам? {139:8} Ако се искачам на небото - Ти си таму; ако слезам во Подземјето, Ти си и тука. {139:9} Ако ги земам крилјата на зората и се преселам на крајот од морето, - {139:10} и таму ќе ме води Твојата рака, Твојата десница ќе ме држи. {139:11} Ако речам: можеби темнина ќе ме покрие, но и ноќта е како светлина околу мене; {139:12} и темнината нема да биде темнина за Тебе; и ноќта за Тебе е светла како ден и темнината како светлина. {139:13} Зашто Ти си ја создал мојата внатрешност и ме оформи во мајчината ми утроба. {139:14} Те прославувам зашто сум чудесно создаден. Прекрасни се Твоите дела; душата моја тоа добро го знае. {139:15} Ниедна моја коска не се сокри од Тебе, додека настанував во тајност, исткаен во длабините на земјата. {139:16} Твоите очи го видоа зародишот мој и во Книгата Твоја сè е запишано за мене; дури и деновите мои се забележани кога уште не постоеше ниеден. {139:17} Колку ми се недостапни Твоите мисли, Боже, колку се многубројни! {139:18} Да ги пребројам - но тие се побројни и од песокот; се будам и сè уште сум со Тебе. {139:19} Кога би сакал да ги убиеш, Боже, грешниците; иставете се од мене, крвопијци! {139:20} Подмолни се во помислите свои, суетно се креваат Твоите непријатели. {139:21} Зар не ги замразив оние, Господи, кои Тебе те мразат, и зар не се гнасам од непријателите Твои? {139:22} Со полна омраза ги замразив; ги сметам за непријатели. {139:23} Испитај ме, Боже, и познај го срцето мое; испитај ме и запознај ги патеките мои; {139:24} и види дали сум на пат на беззаконија, и упати ме на вечен пат. {140:1} Спаси ме, Господи, од злобен човек и избави ме од насилници; {140:2} тие смислија зло во срцето свое, секој ден зачнуваат војни; {140:3} ги изострија јазиците свои како змија; под устите им е аспидин отров. {140:4} Запази, ме, Господи, од рацете на нечестив човек. Избави ме од луѓе насилници, кои смислија да ми подметнат нога. {140:5} Горделивите тајно поставија стапица, и распнаа примки од јажиња за мене; на патот ми поставија примка. {140:6} Јас Му реков на Господ: Ти си Бог мој: слушни го, Господи, гласот на моето молење. {140:7} Господи, Господи, сило на моето спасение! Ти, Кој во денот на битката ја засолни главата моја, {140:8} не давај, Господи, да му се исполни желбата на нечестивиот; не давај да постигнат, што намислија за да не се возгордеат. {140:9} Главата своја да не ја подигнат оние што ме опколија; нека падне врз нив злобата на нивната сопствена уста. {140:10} Нека паднат врз нив жарени јаглења; да бидат фрлени во јама, па да не станат. {140:11} Клеветникот нема да се одржи на земјава; злото ќе го одвлече неправедниот човек во погибел. {140:12} Знам дека Господ ќе покаже правда за угнетените и милост за сиромасите. {140:13} Да, праведниците ќе го исповедаат името Твое, и непорочните ќе се населат пред лицето Твое. {141:1} Господи, кон Тебе повикав: слушни ме, чуј го гласот на молењето мое, кога повикувам кон Тебе! {141:2} Нека се исправи пред Тебе молитвата моја како темјан, а воздигањето на рацете мои - како жртва вечерна. {141:3} Постави, Господи, стража пред устата моја и врата на усните мои; {141:4} не давај да застрани срцето мое кон зло, да врши грешни дела заедно со луѓето, кои вршат беззаконија; јас нема да се гоштевам од нивните наслади! {141:5} Праведниот нека ме казнува, светиот нека ме изобличува, но не давај миро на грешник да ја помаже главата моја; зашто и молитвата моја се противи на нивната злоба. {141:6} Кога ќе бидат предадени на оние што ќе ги казнат, тогаш ќе сфатат дека моите зборови беа пријатни. {141:7} Како кога грутка земја ќе падне се растура, така ќе се растурат коските нивни во пеколот. {141:8} Но кон Тебе, Господи, Господи, се управени очите мои; во Тебе се надевам, не оставај ме без одбрана! {141:9} Запази ме од стапиците што ми ги поставија, и од примките на оние што вршат беззаконија. {141:10} Грешниците нека паднат во своите мрежи, додека јас да поминам. {142:1} Со гласот свој викам кон Господ, со гласот свој Му се молам на Господ. {142:2} Ќе го излијам пред Него молењето мое: маката моја пред Него ќе ја кажам. {142:3} Ако изнемошти духот мој, Ти ја знаеш мојата патека, на патот, по кој одев, тие скришно примки ми поставија. {142:4} Се обѕирав надесно и гледав, а таму никој кој ме познава: нема каде да избегам; никој не се грижи за душата моја. {142:5} Повикав кон тебе, Господи, и реков: „Ти си мојата надеж и мој дел во земјата на живите. {142:6} Прими ја молитвата моја, зашто многу сум понижен; избави ме од моите гонители, зашто тие се посилни од мене. {142:7} Изведи ја од темнина душата моја, за да го прославувам името Твое. Околу мене ќе се соберат праведните, зашто Ти ќе постапиш добро со мене.” {143:1} Господи, слушни ја молитвата моја, чуј го молењето мое поради Твојата верност; услиши ме според Твојата праведност {143:2} и не стапувај во суд со Твојот слуга, зашто пред Тебе нема да се оправда ниту еден од живите. {143:3} Непријателот ја прогонува душата моја, го скршил животот мој дури до земјата, ме остави во темнина како оние кои се одамна умрени; {143:4} опадна духот мој во мене, се скамени во мене срцето мое. {143:5} Се сеќавам на дамнешните дни и размислувам за сите Твои дела, расудувам за делата на Твоите раце. {143:6} Ги протегнав кон Тебе рацете мои, душата моја е жедна за Тебе како сува земја. {143:7} Слушни ме, поскоро, Господи: духот мој премале; не одвраќај го лицето Свое од мене, за да не заприлегам на оние, што слегуваат во гроб. {143:8} Соопшти ми ја рано милоста Твоја, зашто во Тебе се надевам, Господи. Покажи ми го, Господи, патот по кој да одам, зашто кон Тебе ја издигам душата своја. {143:9} Избави ме, Господи, од моите непријатели, зашто кај Тебе прибегнав. {143:10} Научи ме да ја исполнувам волјата Твоја, зашто Ти си мојот Бог. Твојот благ дух нека ме води по прав пат. {143:11} Заради Твоето име, Господи, зачувај ми го животот; поради Твојата праведност - избави ја од неволја душата моја. {143:12} Според милоста Твоја истреби ги непријателите мои и погуби ги сите, кои ја измачуваат душата моја, зашто јас сум слуга Твој. {144:1} Нека е благословен Господ, Карпата моја, Кој ги учи рацете мои за борба и прстите мои за војна. {144:2} Тој е милост моја и прибежиште мое, мој застапник и избавител мој - и јас на Него се надевам. Тој ми го потчинува мојот народ мене. {144:3} Господи, што е човекот, па внимаваш на него, или син човечки - та да се сеќаваш на него? {144:4} Човекот е како здив; дните негови одминуваат како сенка. {144:5} Господи, приклони ги небесата Свои и слези; допри се до горите, и тие ќе се здимат; {144:6} болсни со молњи и растерај ги, пушти ги стрелите Свои и распрсни ги; {144:7} подај ја раката Твоја од височини, изведи ме и избави ме од многуте води, од рацете на туѓински синови, {144:8} чии усти кажуваат лага и чија десница е десница на неправдата. {144:9} Боже, нова песна ќе Ти испеам, ќе Ти свирам на харфа со десет жици. {144:10} Ти им даруваш спасение на царевите, Ти го избави Твојот слуга Давид од остар меч. {144:11} Избави ме и отми ме од рацете на туѓинските синови, чии усти лага говореа и чија десница е десница на неправдата. {144:12} Дај синовите наши да се како нови насади во младоста своја, нашите ќерки - накитени и украсени како столбови во храмот. {144:13} Да ни бидат полни житниците наши, во изобилие со секаква храна; да се плодат овците наши по пасиштата свои. {144:14} И воловите да ни се угоени, да нема паѓање на оградите, ни ропство, ниту офкање по улиците наши. {144:15} Блажен е оној народ, кој го има тоа! Блажен е оној народ, на кого Господ му е Бог! {145:1} Ќе Те превознесувам, Боже мој, Царе мој, и ќе го благословувам името Твое сега, секогаш и во сите векови. {145:2} Секој ден ќе Те благословувам и ќе го фалам името Твое сега, секогаш и во сите векови. {145:3} Велик е Господ и достоен за голема похвала и величието Негово нема крај. {145:4} Од род во род ќе се фалат делата Твои и за силата Твоја ќе се прикажува. {145:5} За велелепната слава на Твојата светост ќе зборуваат и за Твоите чудеса ќе известуваат. {145:6} Ќе говорат и за силата на Твоите страшни дела, и ќе прикажуваат и за Твоето величие. {145:7} Ќе ја воспеваат славата на Твојата изобилна добрина, и ќе се радуваат на Твојата праведност. {145:8} Штедар и милостив е Господ, долготрпелив и многумилостив. {145:9} Добар е Господ спрема сите, и Неговите милости се во сите Негови дела. {145:10} Нека Те прославуваат, Господи, сите Твои дела, и нека Те благословуваат светиите Твои, {145:11} и нека ја проповедаат славата на Твоето царство, а да прикажуваат и за силата Твоја. {145:12} За да им се кажува на синовите човечки, за Твојата сила и за велелепната слава на Твоето царство. {145:13} Твоето царство е царство на сите векови, а владеењето Твое над сите поколенија; верен е Господ во сите Свои зборови и свет во сите Свои дела. {145:14} Господ ги придржува сите што паѓаат и ги подига свитканите. {145:15} Очите на сите се управени кон Тебе, и Ти им ја даваш нивната храна навреме; {145:16} Ти ја отвораш раката Твоја и исполнуваш сè што е живо со сите негови потреби. {145:17} Праведен е Господ во сите Свои патишта и свет во сите Свои дела. {145:18} Близу е Господ до сите, кои Го повикуваат, до сите, кои вистински Го призиваат. {145:19} Тој им ја исполнува желбата на оние, кои се бојат од Него, ги услишува молитвите нивни, и ги спасува. {145:20} Господ ги пази сите кои Го сакаат, а сите грешници ќе ги истреби. {145:21} Устата моја ќе Му искаже похвала на Господ; секое тело ќе го благословува името свето, сега, секогаш и во сите векови. {146:1} Фали Го, душо моја, Господа! {146:2} Ќе Го фалам Господ додека сум жив; ќе Му пеам на мојот Бог додека постојам. {146:3} Не надевајте се во кнезовите и во синовите човечки, во нив нема спасение. {146:4} Излегува духот негов и тој се враќа во земјата: во тој ден исчезнуваат сите негови планови. {146:5} Блажен е оној, кому му е помошник Јакововиот Бог и чија надеж е во Господ, неговиот Бог, {146:6} Кој ги создаде небото и Земјата, морето и сè што е во нив, Кој вечно ја пази вистината, {146:7} Кој извршува правда за угнетените, им дава леб на гладните; Господ крши окови на затворени. {146:8} Господ им ги отвора очите на слепите, Господ ги исправа подгрбавените, Господ ги сака праведните. {146:9} Господ ги пази придојдените, ги поддржува сираците и вдовиците, а патот на нечестивите го разурнува. {146:10} Господ ќе царува вечно; твојот Бог, Сионе, е од род в род. {147:1} Фалете Го Господа, зашто е добро да Му се пее на нашиот Бог, зашто на Добриот Му прилега похвала. {147:2} Господ го гради Ерусалим и ќе ги собере расеаните синови на Израел. {147:3} Тој ги исцелува скршените по срце и ги преврзува раните нивни. {147:4} Го определува бројот на ѕвездите и на сите им дава име. {147:5} Велик е Господ наш и голема е силата Негова, а разумот Негов -неизмерлив е. {147:6} Господ ги подига понижените, а грешниците ги понижува до земја. {147:7} Пејте Му секогаш славословија на Господ: на лира пејте Му на Нашиот Бог, {147:8} Кој го покрива небото со облаци, подготвува дожд за земјата, прави да расте трева по горите и растенијата за полза на човекот, {147:9} на добитокот му ја дава храната негова и на малите врани кога гракаат. {147:10} На коњската сила не гледа Тој, ниту Му е мила брзината на човечките нозе. {147:11} Господ ги почитува оние, кои се бојат од Него и кои се надеваат во Неговата милост. {147:12} Слави Го, Ерусалиме, Господа; пофали Го, Сионе, твојот Бог. {147:13} Тој ги зацврсти резињата на вратите твои, ги благословува твоите синови во Тебе; {147:14} го утврдува мирот во Твоите предели, со јадра пченица те заситува; {147:15} го испраќа на земјата Своето слово; Неговиот збор брзо оди; {147:16} дава снег како волна; сипува мраз како пепел; {147:17} фрла град Свој како залаци; пред Неговиот мраз кој може да устои? {147:18} Ќе го испрати Својот збор, и сè се растопува; ќе дувне со ветрот Свој, и води потекуваат. {147:19} Тој му го објави словото Свое на Јаков, Своите повелби и Своите уредби на - Израел. {147:20} за никој друг народ Тој не го направил тоа, и Своите судови ним не им ги јавил. {148:1} Фалете Го Господа на небесата, фалете Го, на висините. {148:2} Фалете Го, сите ангели Негови, фалете Го, сите војски Негови. {148:3} Фалете Го, сонце и месечино, фалете Го сите ѕвезди и светила. {148:4} Фалете Го, небеса на небесата и води над небесата. {148:5} Нека го фалат името на Господ, зашто Тој рече и тие се јавија, заповеда - и се создадоа; {148:6} ги постави засекогаш и за вечни времиња; даде наредби кои нема да се нарушат. {148:7} Фалете Го Господа од Земјата, вие, сите чудовишта и бездни; {148:8} огнот и градот, снегот и мразот, и ти, бурен ветру, кој го исполнуваш словото Негово; {148:9} гори и сите возвишенија, плодородни дрвја и сите кедри, {148:10} ѕверови и сиот добиток, влекачи и птици крилати, {148:11} цареви земни и сите народи, кнезови и сите земни судии, {148:12} момчиња и девојки, старци и деца - {148:13} сите нека го фалат името на Господ; зашто е само Неговото име возвишено; Него Го фалат на небото и на Земјата. {148:14} Тој ќе ја подигне силата на Својот народ; Тој ги прославува сите Свои светии, синовите Израелови, на народот, кој Му е близок. {149:1} Запејте Му на Господ нова песна; похвала за Него да се чуе во храмот на светиите. {149:2} Нека се весели Израел на Својот Создател; а синовите на Сион нека се радуваат на својот Цар. {149:3} Нека го фалат името Негово во оро, со тимпани и со лири нека Го слават, {149:4} зашто Господ го сака Својот народ и ќе ги возвиши кротките, спасувајќи ги. {149:5} Ќе се развеселат светиите во слава, ќе се зарадуваат врз леглата свои. {149:6} Славословија за Бога ќе има во устите нивни и двоостер меч - во рацете нивни, {149:7} за да извршат одмазда над народите, за казна над племињата, {149:8} да ги врзат во верига царевите нивни и нивните властелини - со железни окови на рацете; {149:9} да го извршат над нив напишаниот суд. Тоа ќе биде славата за сите Негови светии. {150:1} Фалете Го Бога во Неговата светиња, фалете Го во цврстината на силата Негова; {150:2} Фалете Го поради Неговите силни дела, фалете Го поради многуте величија Негови. {150:3} Фалете Го со трубен звук, фалете Го со харфа и цитра; {150:4} Фалете Го со тимпани и во оро, фалете го на струни и со свирка; {150:5} фалете Го со милозвучни цимбали, фалете Го со кимвали громогласни! {150:6} Сè што дише - нека Го фали Господа! Алилуја.