{1:1} Изреки на Соломон, син Давидов, цар израелски, {1:2} за да се познае мудроста и поуката, за да се разберат изреките на разумот; {1:3} за да се усвојат правилата на благоразумието, правосудието, судот и правината; {1:4} да им се даде на простите разумност, на младите - знаење и расудување. {1:5} Ако мудриот слуша, ќе ги умножи знаењата свои, и разумниот ќе најде мудри совети, {1:6} за да разбира мудра изрека и длабок збор, зборовите на мудреците и нивните гатанки. {1:7} Почеток на мудроста е стравот Господов; само глупавите ги презираат мудроста и поуката. {1:8} Слушај ја, синко, поуката на својот татко и не отфрлај го заветот на мајка си. {1:9} зашто тоа е красен венец за главата твоја и украс за вратот твој. {1:10} Синко, ако те мамат грешници, не попуштај; {1:11} ако кажат: „Дојди со нас, да направиме заседа за убиство, да го пречекаме непорочниот без вина, {1:12} жив да го голтнеме, како што голта пеколот, и цел како оној што слегува во гроб; {1:13} да си натрупаме секаков скапоцен имот, да ги наполниме куќите наши со плен; {1:14} ти ќе фрлаш ждрепка заедно со нас, една торба ќе има за сите нас.” {1:15} Синко, не оди на пат со нив, задржи си ја ногата од патеките нивни, {1:16} зашто нозете нивни трчаат кон злото и брзаат крв да пролеваат; {1:17} зашто напразно е да се распнува мрежа пред очите на сите птици. {1:18} Но тие прават заседа против крвта своја, демнат против душите свои. {1:19} Такви се патиштата на секој, кој е алчен на туѓ имот: тоа му го одзема животот на оној, што го заграбил. {1:20} Мудроста говори високо на улицата, го крева гласот свој по плоштадите, {1:21} проповеда во главните места за собирање, при влезовите на градските порти смело говори: {1:22} „До кога, незнајници, ќе го сакате незнаењето? До кога бујните ќе се насладуваат со бујноста? До кога глупавите ќе го мразат знаењето? {1:23} Обрнете се кон моите изобличувања; еве, јас ќе го излеам духот свој врз вас, ќе ви ги кажам зборовите свои. {1:24} Јас викав, а вие не послушавте; ја протегав својата рака, но никој не ја забележа; {1:25} вие ги отфрливте моите совети, не внимававте кога ве изобличував. {1:26} Затоа ќе се насмеам на вашата погибел; ќе се зарадувам кога ќе ве снајде ужас, {1:27} кога ќе ве нападне ужас како бура, и зло како виор ќе мине над вас, кога ќе ве снајде неволја и мака. {1:28} Тогаш ќе ме викаат, но јас нема да чујам; ќе ме бараат и нема да ме најдат. {1:29} Затоа што го намразија знаењето и не го примија стравот Господов; {1:30} затоа што не го примија мојот совет и ги презреа моите разобличувања. {1:31} Поради тоа тие ќе јадат од плодовите на своите патишта и ќе се наситуваат од своите замисли. {1:32} Зашто неразумните ќе ги убие нивната упорност, а глупавите ќе ги погуби нивната негрижа; {1:33} но кој мене ме слуша, ќе живее безопасно и спокојно, не плашејќи се од злото.” {2:1} Синко, ако ги примиш зборовите на Моите заповеди, и ги зачуваш во себеси, {2:2} ако увото твое внимателно ја слуша мудроста, ако срцето твое се приклони кон размислување; {2:3} ако ги повикаш знаењето и разумот; {2:4} ако ги бараш како сребро и ги истражуваш како ризница, - {2:5} ќе го разбереш стравот Господов и ќе го најдеш знаењето за Бога. {2:6} Зашто Господ дава мудрост; од устата Негова доаѓаат знаењето и разумот; {2:7} Тој го зачувува за праведните спасението; Тој е штит за оние кои живеат непорочно; {2:8} Тој ги чува патиштата на правдата и ја брани патеката на оние, кои Го почитуваат. {2:9} Тогаш ќе ги разбереш правдата и правосудието, правината и секој добар пат. {2:10} Кога мудрост ќе влезе во срцето твое, и знаењето ќе и биде пријатно на душата твоја, {2:11} тогаш расудувањето ќе те брани, разумот ќе те чува, {2:12} за да те спаси од лош пат, од човек, кој говори лага, {2:13} од оние, што ги напуштиле патиштата на правдата, за да одат по патот на темнината; {2:14} од оние, што се радуваат, вршејќи зло, кои се восхитуваат на расипаност, {2:15} чии патишта се криви, и кои талкаат далеку од правиот пат; {2:16} за да те спаси од туѓа жена, која ги засладува зборовите свои, {2:17} која го остава пријателот на младоста своја, и која го заборава заветот на својот Бог. {2:18} Домот нејзин води кон смрт, и патеките нејзини - кон пеколот; {2:19} никој од влезените кај неа не се враќа и не стапнува врз патот на животот. {2:20} Затоа оди по патот на добрите и придржувај се кон патеките на праведните, {2:21} зашто праведните ќе живеат на земјата, и непорочните ќе опстанат на неа; {2:22} а беззакониците ќе бидат истребени од земјата, и вероломните - искоренети од неа. {3:1} Синко, не заборавај ја поуката моја и срцето твое да ги чува заповедите мои; {3:2} зашто тие ќе ти придадат долги дни, години на живот и мир. {3:3} Милоста и вистината да не бидат скудни во тебе: обеси ги на вратот свој, напиши ги врз плочите на срцето свое, {3:4} па ќе најдеш милост и благоволение пред очите на Бога и на луѓето. {3:5} Надевај се на Господ од сè срце и не се потпирај врз твојот разум. {3:6} По сите свои патишта размислувај за Него, и Тој ќе ти ги покаже твоите патеки. {3:7} Не сметај се за мудрец; имај страв од Господ и бегај од злото: {3:8} тоа ќе биде здравје за твоето тело и лек за твоите коски. {3:9} Давај Му принос на Господ од имотот твој и од првините на плодовите од твоите придобивки, {3:10} и твоите житници ќе се исполнат до врвот, а твоите преси ќе се прелеваат од вино. {3:11} Не занемарувај ја, синко, казната од Господ, и да не ти е тешко од Неговото укорување; {3:12} зашто кого Господ го сака, него и го кара, како и таткото синот свој што го љуби. {3:13} Блажен е човекот, кој се здобил со мудрост, и човек, што спечалил разум; {3:14} подобро е да ја добиеме неа, отколку ризници со сребро и злато; {3:15} таа е поскапа и од скапоцените камења; и сè што ти е мило, не може да се спореди со неа. {3:16} Во десницата нејзина е долговечноста, а во левицата и е богатството и честа; {3:17} патиштата нејзини се пријатни патишта, и сите патеки нејзини се спокојни. {3:18} Таа е дрво на животот за оние, што ја придобиваат, и блажени се, оние кои ја запазуваат. {3:19} Господ со мудрост ја основа земјата, со разум ги утврди небесата; {3:20} преку Неговата мудрост се отвораат бездните, и облаците пуштаат роса. {3:21} Синко, не испуштај ги од превид овие работи; запази ја мудроста и разумот; {3:22} тие ќе бидат живот за душата твоја и украс на вратот твој; {3:23} тогаш ќе одиш безопасно по патот свој, и ногата твоја нема да се сопне. {3:24} Кога ќе легнеш да спиеш, нема да се плашиш, и кога ќе заспиеш, сонот ќе ти биде пријатен. {3:25} Нема да се исплашиш од ненадеен страв, ниту од напад, кој доаѓа од безбожниците, {3:26} бидејќи Господ ќе биде на сите твои патишта и ќе ја запази ногата твоја од препнување. {3:27} Не откажувај да му направиш добро на оној, кој има потреба, кога раката твоја има сила да му помогне. {3:28} Не вели му на пријателот свој: „Оди си и дојди пак; утре ќе ти дадам” кога си во состојба да му помогнеш. {3:29} Не крој зло против ближниот свој, кога тој со доверба живее кај тебе. {3:30} Не карај се со човек без причина, кога не ти направил никакво зло. {3:31} не завидувај му на човек кој постапува насилно, и не избирај ни еден од патиштата негови, {3:32} зашто на Господ Му е одвратен безбожникот, а близок е со праведникот. {3:33} Проклетството Господово е врз домот на безбожниот, а живеалиштето на праведниот Бог го благословува. {3:34} Над оние што се подигруваат, Тој им се потсмева, а на смирените им дава благодат. {3:35} Мудрите ќе наследат слава, а безумните - срам. {4:1} Слушајте ја, деца, татковата поука и внимавајте, та да се научите на разум, {4:2} зашто добар дар ви дарувам; не оставајте ја мојата заповед. {4:3} Зашто и јас бев сакан син на татко ми, и како единец омилен на мајка ми; {4:4} и татко ми ме поучуваше и ми велеше: зборовите мои задржи ги во срцето твое; пази ги моите заповеди и не заборавај ги! {4:5} Здобивај се со мудрост, придобивај разум; не заборавај го тоа и не отстранувај се од зборовите на устата моја. {4:6} Не оставај ја, - и таа ќе те чува, сакај ја, - и таа ќе се грижи за тебе. {4:7} Најважна е мудроста: придобивај мудрост и за сиот свој имот придобивај разумност. {4:8} Високо цени ја, и таа ќе те воздигне; таа ќе те прослави, ако ја прегрнеш, {4:9} ќе положи на главата твоја прекрасен венец, со великолепна круна ќе те дари. {4:10} Слушај, синко, и прими ги зборовите мои, - и ќе ти се умножат годините на животот. {4:11} Ти го покажувам патот на мудроста, те водам по прави патеки. {4:12} Ако одиш, нозете твои нема да се сопнат, и ако потрчаш, нема да се измориш. {4:13} Држи се здраво за поуката, не оставај ја; пази ја, бидејќи таа е твојот живот. {4:14} Не оди на пат безбожнички и не оди по патот на лоши луѓе; {4:15} остави го, не оди по него, отстрани се од него и заобиколи го; {4:16} зашто тие не заспиваат, ако не направат зло; и сон не ги фаќа, ако не доведат некого до пад; {4:17} зашто тие јадат леб од беззаконие и пијат вино од грабеж. {4:18} Патеката на праведните е како болскава светлина, која свети сè повеќе и повеќе, дури не настане ден. {4:19} А патот на беззакониците е како темнина; тие не знаат, од што ќе се сопнат. {4:20} Синко, внимавај на зборовите мои и приближи го увото кон поуките мои; {4:21} да не отстапуваат тие од твоите очи; чувај ги внатре во срцето свое: {4:22} зашто тие се живот за оној што ги нашол, и здравје за целото тело негово. {4:23} Од сè, што е за пазење, најмногу чувај го срцето свое, зашто од него се изворите на животот. {4:24} Отфрли ја од себе лажливоста на устата, и лукавството на јазикот од себе оддалечи го. {4:25} Очите твои нека гледаат право, и клепките твои да бидат управени право пред тебе. {4:26} Провери ја патеката со нозете свои, и сите патишта твои нека бидат цврсти. {4:27} Не скршнувај ни десно, ни лево; оддалечи ја ногата твоја од злото. {5:1} Синко, внимавај на мудроста моја и приближи го увото кон зборовите мои, {5:2} за да ја запазиш добрата мисла, и устата твоја да го зацврсти знаењето; {5:3} зашто мед тече од устата на неверна жена, и нејзината уста е помазна од маслиново масло; {5:4} но последиците од неа се горчливи како пелин, остри како меч со две сечива; {5:5} нозете нејзини слегуваат кон смртта, стапките нејзини водат до пеколот. {5:6} Таа не оди по патот на животот, патиштата нејзини се непостојани, таа е неразумна. {5:7} Затоа сега, синко, послушај ме и не отстапувај од зборовите мои. {5:8} Држи го подалеку од неа патот свој и не приближувај се до вратата на куќата нејзина, {5:9} за да не си го дадеш животот свој на друг и годините свои на мачител; {5:10} за да не се наситуваат туѓинците од твојата сила, и работата твоја да не биде за туѓа куќа, {5:11} за да офкаш отпосле, кога плотта твоја и телото твое ќе бидат истоштени, - {5:12} зашто потоа ќе речеш: „Зошто ја мразев поуката, и срцето мое го презираше разобличувањето, {5:13} зошто не го послушав гласот на моите учители, и не го приклонував увото кон оние што ме поучуваа? {5:14} За малку ќе паднев во секакво зло среде собранието и општеството!” {5:15} Пиј од водата на твојот извор и од онаа, што извира од твојот кладенец. {5:16} Нека не се разлеваат твоите извори по улицата, водните потоци - по плоштадите; {5:17} нека ти припаѓаат тие само тебе, а не и на туѓинци. {5:18} Благословен да биде изворот твој; и утешувај се со жената на својата младост. {5:19} Нека ти е мила како кошута и како срна драга; нејзините гради нека те допираат во секое време, со љубовта нејзина насладувај се постојано; {5:20} и зошто ти е, синко, да се забавуваш со надворешна и да ги прегрнуваш градите на туѓа? {5:21} Зашто патиштата на човекот се пред очите на Господ, и Тој ги гледа сите патеки негови. {5:22} Беззаконикот го фаќаат неговите сопствени беззаконија, и врските на гревот негов го држат: {5:23} тој умира без да биде поучен, и поради големото свое безумие загинува. {6:1} Синко, ако си зел одговорност за твојот ближен и си ја дал раката своја за друг, {6:2} ти си се врзал со зборовите на устата своја, фатен си со зборовите на својата уста. {6:3} Затоа направи, синко еве што, за да се избавиш, бидејќи си паднал во рацете на својот ближен: оди, падни пред нозете на блискиот свој и моли го; {6:4} не давај им сон на очите твои и дремка на клепките свои, {6:5} спасувај се како срна од стапица и како птица од птичар. {6:6} Оди кај мравката, мрзливче, види ја нејзината работа и биди мудар. {6:7} Таа нема ниту началник, ни настојник, ниту заповедник; {6:8} но ја приготвува храната лете, ја собира во време на жетва храната своја. {6:9} До кога, мрзливче ќе спиеш? Кога од сонот ќе станеш? {6:10} Малку ќе поспиеш, малку ќе подремеш, малку со скрстени раце ќе полежиш: {6:11} и ќе дојде сиромаштијата твоја како патник, и немаштијата твоја како разбојник. {6:12} Човек лукав, човек нечестив оди со лажлива уста, {6:13} намигнува со очите, говори со нозете, дава знаци со прстите, {6:14} во срцето негово има подмолност: тој смислува зло во секое време, сее раздори. {6:15} Затоа ненадејно ќе дојде неговата пропаст, наеднаш ќе биде сотрен - и не ќе има лек за него. {6:16} Еве шест работи, кои Господ ги мрази - дури седум, што Му се одвратни на душата Негова: {6:17} очи горделиви, јазик лажлив и раце, што пролеваат невина крв, {6:18} срце што крои лоши планови, нозе, кои брзо трчаат кон зло, {6:19} лажен сведок, кој измислува лаги, и оној, што сее раздор меѓу браќа. {6:20} Синко, чувај ја заповедта на својот татко и не отфрлај ја поуката на мајка си; {6:21} врзи ги засекогаш за срцето свое, врзи ги околу вратот свој. {6:22} Кога тргнуваш, тие ќе те раководат; кога легнеш да спиеш, ќе те чуваат, а кога ќе се разбудиш, ќе разговараат со тебе; {6:23} зашто заповедта е светило, добриот совет - светлина, а поуката - пат кон животот, {6:24} за да те чуваат од расипана жена, од ласкав јазик на туѓа. {6:25} Не посакувај ја убавината нејзина во срцето свое, и да не те вовлече со трепките свои, {6:26} зашто блудната жена се задоволува со корка леб, а жена прељубодејка го уловува скапоцениот живот. {6:27} Може ли некој да носи оган во гради, а да не се запали облеката негова? {6:28} Може ли некој да оди по вжарени јаглења, а да не ги изгори нозете свои? {6:29} Истото тоа станува и со оној, кој влегува кај жената на ближниот свој; оној што ќе се допре до неа, нема да остане без вина. {6:30} Не му проштеваат ни на крадецот, ако краде за да си ја насити душата, кога е гладен; {6:31} ако го фатат, тој плаќа седумпати повеќе, го дава целиот свој имот. {6:32} Кој, пак, врши прељуба со прељубница, тој нема ум; си ја погубува душата своја, оној што го прави тоа; {6:33} биење и срам ќе најде тој, и бесчестието негово нема да се избрише, {6:34} зашто љубомората ја разгорува јароста на мажот, и во денот на одмаздата своја - тој не ќе знае за милост, {6:35} нема да прими никаков откуп и нема да се задоволи ни со многу подароци. {7:1} Синко, пази ги зборовите мои, и сокриј ги во тебе заповедите мои. {7:2} Пази ги заповедите мои, и ќе живееш; пази го и учењето мое, како зеницата на очите свои. {7:3} Врзи ги на прстите свои, напиши ги на плочите од срцето свое. {7:4} Кажи и на мудроста: „Ти си ми сестра!” - и наречи го разумот твој роднина, {7:5} за да те пазат од туѓа жена, која зборува пријатно. {7:6} Ете, еднаш гледав од прозорецот на куќата моја, низ мојата решетка, {7:7} и видов меѓу неискусните, забележав меѓу младите едно неразумно момче, {7:8} кое минуваше преку плоштадот близу до нејзиниот агол и кое одеше по патот кон нејзината куќа, {7:9} на квечерина кога се стемнуваше, во ноќната темнина и во мракот. {7:10} И ете, во пресрет му доаѓа жена, наконтена како блудница, со подмолно срце, {7:11} зборлива и нескротлива, нозете нејзини не се запираат в куќи: {7:12} де на улицата, де по плоштадите и на секој агол поставува стапици. {7:13} Таа го зграпчи, го бакна и со бесрамно лице му зборуваше: {7:14} „Жртва за мир имам денес: денес ги исполнив заветите свои; {7:15} затоа и излегов да те пресретнам, за да те побарам, и те најдов; {7:16} со покривки го украсив леглото свое, со разнобојни платна египетски; {7:17} леглото свое го попрскав со смирна, алој и дарчин; {7:18} дојди, ќе се насладуваме со љубовта дури до зори, дојди да се радуваме во милување, {7:19} зашто маж ми не е дома: тој замина на долг пат; {7:20} една ќеса сребро зеде со себе; ќе си дојде дома кон полната месечина.” {7:21} Со многу ласкави зборови таа го привлече, со меката уста своја го овладеа. {7:22} Тој веднаш тргна по неа, како што вол оди на колење и како елен - на истрел, {7:23} додека стрела не му го пробие црниот дроб, како птичка што се фрла во стапица, а не знае дека е таа за нејзина погибел. {7:24} И затоа, синко, послушај ме и внимавај на зборовите од устата моја. {7:25} Да не скршнува срцето твое по нејзиниот пат, да не талка по патеките нејзини, {7:26} зашто таа многумина смртно ранила, и многумина јунаци таа убила. {7:27} Нејзиниот дом е пат кон пеколот, кој води во внатрешните живеалишта на смртта. {8:1} Нели мудроста вика? И нели разумот го издига гласот свој? {8:2} Мудроста застанува на високи места, крај патот, на раскрсници; {8:3} таа вика пред портите при влезот во градот, кај влезот од вратата силно извикува: {8:4} „Кон вас, луѓе, викам, и кон синовите човечки е мојот глас! {8:5} Научете се, неразумни, на благоразумие, и безумни, - на разум. {8:6} Слушајте, бидејќи ќе говорам важни работи, и устата моја ќе изрече правда; {8:7} зашто јазикот мој ќе ја изговори вистината; лажливата уста одвратна е за мене. {8:8} Сите зборови на устата моја се справедливи; во нив нема ни подмолност, ни лукавство; {8:9} сите тие се јасни за разумниот и справедливи за оние, што се здобиле со знаење. {8:10} Примете го учењето мое, а не сребро; подобро знаење, отколку најдобро злато; {8:11} зашто мудроста е подобра од бисер, и ништо, од она што е скапоцено, не може да се спореди со неа. {8:12} Јас, мудроста, живеам со разумот и барам ресудувачко знаење. {8:13} Стравот Господов го мрази злото; ја мрази гордоста и високомерноста, лошиот пат и подмолната уста. {8:14} Мои се советот и правдата; јас сум разум, во мене е силата. {8:15} Преку мене цареви царуваат, и заповедници правда озаконуваат; {8:16} преку мене началници управуваат и големци и сите судии земни. {8:17} Ги сакам оние што мене ме сакаат, и кои ме бараат, ќе ме најдат; {8:18} во мене се богатството и славата, богатата ризница и правдата; {8:19} плодовите мои се подобри од злато, и од најчисто злато, и користа од мене е повеќе отколку од најчисто сребро. {8:20} Јас одам по патот на правдата, по патеките на правосудството, {8:21} за да им доставувам вистинско добро на оние, што ме сакаат, нивните ризници ги полнам. {8:22} Господ ме имаше за почеток на Својот пат, пред сите Свои творби, {8:23} ме имаше уште од вечноста, во почетокот, пред да ја создаде Земјата. {8:24} Јас сум се родила, кога уште немало бездни, кога уште не постоеле извори, изобилни со вода. {8:25} Јас сум се родила пред да бидат втемелени горите, пред ридовите, {8:26} кога Господ уште не беше ја создал Земјата, ни полињата, ниту првите прашинки на вселената. {8:27} Кога Тој го оформуваше небото, јас бев со Него, кога го поставуваше хоризонтот над бездната, {8:28} кога ги утврдуваше облаците во висините, кога ги зацврстуваше изворите на бездната, {8:29} кога ги поставуваше границите на морето, за да не ги преминуваат водите неговите брегови, кога ги полнеше основите на Земјата, - {8:30} јас бев кај Него кога создаваше, и се радував секој ден, веселејќи се пред лицето Негово за сето време, {8:31} веселејќи се на Неговиот земен круг. А потоа радоста моја беше со синовите човечки. {8:32} И така, синко, сега послушај ме: блажени се, оние што ги пазат моите патишта! {8:33} Послушај ја поуката, бидете мудри и не отстапувајте од неа. {8:34} Блажен е оној човек, кој ме слуша, станувајќи бодар секој ден кај портите мои и стоејќи на стража при вратата моја! {8:35} Зашто, кој ме нашол мене, нашол живот; и ќе добие благодат од Господ; {8:36} а кој греши против мене, нанесува штета на душата своја: сите што ме мразат мене, ја сакаат смртта.” {9:1} Мудроста си изгради дом, ги утврди седумте столбови негови, {9:2} ги закла своите жртви, го расточи во чаша виното свое и ја приготви трпезата своја; {9:3} ги испрати слугите свои да огласат од градските височини: {9:4} „Кој е неразумен, да наврати тука!” И на малоумните таа им рече: {9:5} „Дојдете, јадете го лебот мој и пијте го виното, што сум го приготвила; {9:6} оставете ја неразумноста, и ќе живеете; одете по патот на разумот.” {9:7} Кој поучува бесрамник, ќе си спечали укор, и кој го разобличува нечестивецот - срам. {9:8} Не изобличувај го бесрамникот, за да не те намрази; поучувај го мудриот, и тој ќе те засака. {9:9} Дај му совет на мудриот, и тој ќе биде уште помудар; научи го праведниот, и тој ќе го збогати своето знаење. {9:10} Почеток на мудроста е верноста кон Господ, а почитувањето на Светиот е разум; {9:11} зашто преку мене ќе ти се умножат дните, и ќе ти се додадат години на животот. {9:12} Ако си мудар, мудар си за себеси; и ако си лош, самиот ќе страдаш. {9:13} Жена без расудување е зборлива, безумна и ништо не разбира, {9:14} седнува пред куќната врата на стол, по високите места на градот, {9:15} за да им вели на минувачите, што си одат право по патот: {9:16} „Кој е глупав, нека наврати тука”, а на малоумните им вели: {9:17} „Крадената вода е слатка, и сокриениот леб е - пријатен.” {9:18} И тој не знае дека таму се мртовците, и дека поканетите од неа се на дното од пеколот. {10:1} Мудар син го радува татко си, а безумниот син е тага на мајка си. {10:2} Неправедно стекнато богатство не донесува полза, а правдата од смрт спасува. {10:3} Господ не допушта да гладува душата на праведникот, но богатството на безбожниците го одзема. {10:4} Мрзливата рака донесува сиромаштија, а раката на работливиот збогатува. {10:5} Кој собира преку летото, е разумен син, а кој спие за време на жетва, е неразумен син. {10:6} Благослов почива врз главата на праведниот, а насилство им ја затвора устата на беззакониците. {10:7} Споменот за праведниот ќе биде благословен, а името на нечестивите ќе биде проколнато. {10:8} Мудриот по срце прима заповеди, а неразумниот, кој брбори, ќе се сопне. {10:9} Кој оди во непорочност, оди без страв; а кој ги искривува патиштата свои, ќе биде казнет. {10:10} Кој намигнува со очите, беда донесува, а кој глупаво зборува - пропаѓа. {10:11} Устата на праведникот е извор на животот, а насилството им ја затвора устата на беззакониците. {10:12} Омразата предизвикува раздори, а љубовта ги покрива сите гревови. {10:13} Во устата на разумниот има мудрост, а за грбот на глупавиот - стап. {10:14} Мудрите го чуваат знаењето, а устата на глупавиот е близу до смртта. {10:15} Имотот на богатиот е негов утврден град, а пропаст за бедните е нивната сиромаштија. {10:16} Трудот на праведникот води кон живот, успехот на нечестивиот - кон грев. {10:17} Кој ја пази поуката, тој е на патот кон животот; а кој го отфрла разобличувањето - сè губи. {10:18} Кој крие омраза, има лажлива уста; а кој шири клевети, е глупав. {10:19} При многу зборување не се избегнува гревот, а разумен ќе бидеш ако ја воздржуваш устата своја. {10:20} Јазикот на праведниот е одбрано сребро, а срцето на нечестивите - нема вредност. {10:21} Устата на праведниот поучува мнозина, а глупавите умираат од недостиг на разум. {10:22} Благословот Господов - збогатува, и не донесува со себеси тага. {10:23} Глупавиот со веселба го прави она што е престапно, а на разумниот човек мудроста му е својствена. {10:24} Од она од што се плаши нечестивиот, тоа ќе го снајде, а желбата на праведниците ќе се исполни. {10:25} Како што виорот минува, така и нечестивиот ќе исчезне; а праведникот е врз вечни основи. {10:26} Она што е оцетот за забите и димот за очите, тоа е мрзливиот за оние што го праќаат. {10:27} Стравот Господов додава денови, а годините на нечестивите ќе се скратат. {10:28} Очекувањето на праведниците е радост, а надежта на нечестивите ќе загине. {10:29} Патот Господов е крепост за непорочниот, а пропаст за оние, што вршат беззаконие. {10:30} Праведниот нема да се поколеба никогаш, а лошите нема долго да живеат на земјата. {10:31} Од устата на праведникот тече мудрост, а развратниот јазик ќе биде пресечен. {10:32} Устата на праведникот го познава благопријатното, устата на нечестивите - развратното. {11:1} Неисправните мерила се одвратни пред Господ, а точните мерки Нему Му се угодни. {11:2} Ќе дојде ли гордоста, ќе дојде и срамот, но мудроста е со смирените. {11:3} Непорочноста на простодушните ќе ги раководи, а лукавството на подмолните ќе ги погуби. {11:4} Богатството нема да помогне во денот на гневот, а правдата ќе спаси од смрт. {11:5} Правдата на непорочниот го израмнува неговиот пат, а нечестивиот ќе падне поради својата нечесност. {11:6} Правдата на простодушните ќе ги спаси, а беззакониците ќе бидат уловени од своето беззаконие. {11:7} Со смртта на нечестивиот човек, исчезнува надежта негова, и очекувањето на беззакониците загинува. {11:8} Праведникот се спасува од неволја, а место него во неа паѓа нечестивиот. {11:9} Лицемерниот го погубува со уста ближниот свој, а праведниците се спасуваат со знаење. {11:10} Кога праведниците живеат во благосостојба, градот се радува, а кога загинуваат безбожниците, настанува веселба. {11:11} Со благословот на праведните градот се издига, а преку устата на нечестивите се разрушува. {11:12} Малоумниот искажува презир кон ближниот свој, но разумниот човек молчи. {11:13} Кој оди да озборува, издава тајна, но верниот човек ја чува тајната. {11:14} Каде што нема водство, народот пропаѓа, а при многу советници живее во благосостојба. {11:15} Кој се застапува за друг, зло си донесува, а кој го мрази давањето гаранција, тој е во безопасност. {11:16} Добрата жена спечалува слава, а работливиот човек се здобива со богатство. {11:17} Милосрдниот човек си прави добро на душата своја, а жестокиот по срце го руши телото свое. {11:18} Безбожникот врши измамлива работа, а на оној што сее правда, наградата му е вистинска. {11:19} Праведноста води кон живот, а кој се стреми кон зло, се стреми кон смртта своја. {11:20} Подмолните по срце се одвратни пред Господ, а непорочните во својот пат Нему Му се благоугодни. {11:21} Можеш со сигурност да речеш дека порочниот нема да остане неказнет, а семето на праведните ќе се спаси. {11:22} Она што е златна алка на носот кај свињата, тоа е жена убава, но без разум. {11:23} Праведните сакаат само добро, а нечестивите ги очекува гнев. {11:24} Еден раздава штедро, и уште му се додава; а друг преку мера е скржав, и пак е сиромав. {11:25} Добротворната душа ќе биде наситена, и кој напојува други, и тој самиот ќе биде напоен. {11:26} Кој задржува храна за себе, него народот го проколнува; а кој ја продава - врз главата негова стои благослов. {11:27} Кој се стреми кон добро, тој бара благоволение; а кој бара зло, него и го снаоѓа. {11:28} Оној што се надева на богатството свое, ќе пропадне; а праведниците како зелено дрво ќе напредуваат. {11:29} Кој ја запустува куќата своја, ќе наследи ветар, а неразумниот му е слуга на мудриот. {11:30} Плодот на праведникот е дрво на животот, а мудриот придобива човечки души. {11:31} Ако на праведникот му се плаќа на земјата, дотолку повеќе на нечестивиот и на грешниот. {12:1} Кој ја сака поуката, го сака знаењето; а кој го мрази изобличувањето - неразумен е. {12:2} Добриот добива благодат од Господ, а на подмолниот Тој ќе му суди. {12:3} Човек нема да се зацврсти со беззаконие; а коренот на праведните е неподвижен. {12:4} Добродетелна жена е венец за мажот свој, а онаа, што го срамоти, е како гнилеж во коските негови. {12:5} Мислите на праведните се правда, а плановите на безбожниците - подмолност. {12:6} Зборовите на нечестивите се заседа за пролевање крв, а устата на праведните ги спасува. {12:7} Каде и да се свртат нечестивите - изчезнуваат, а домот на праведните останува. {12:8} Човекот го фалат според разумот негов, а развратниот по срце ќе биде презрен. {12:9} Подобро да си мал, но да работиш за себеси, отколку да се правиш големец, а да немаш леб. {12:10} Праведникот се грижи и за животот на добитокот свој, а срцето на безбожникот е жестоко. {12:11} Кој ја обработува земјата своја, ќе се наситува со леб; а кој оди по стапките на безработниците, неразумен е. {12:12} Желбата на грешникот е стапица од зло; но коренот на праведниците дава плод. {12:13} Нечесниот се фаќа во мрежа преку гревовите на устата своја; но праведниот ќе се спаси од неа. {12:14} Од плодот на устата своја човекот се наситува со добро, и на човек му се дава според делата на неговите раце. {12:15} Патот на неразумниот му се чини прав во неговите очи; но кој слуша совет, тој е мудар. {12:16} Глупавиот веднаш ќе го покаже гневот свој, а благоразумниот ја смирува лутината своја. {12:17} Кој го кажува она што го знае, тој говори правда, а лажниот сведок говори измама. {12:18} Празнословецот ранува како меч, а јазикот на мудрите лекува. {12:19} Праведната уста вечно живее, а лажливиот јазик - само еден миг. {12:20} Во срцето на оние што мислат зло, има подмолност, а кај миротворците -радост. {12:21} Праведниот нема да го достаса никакво зло, а безбожниците ќе бидат преполни со зло. {12:22} Лажливата уста е одвратност пред Господ, а кој говори вистина, благоугоден Му е Нему. {12:23} Расудлив човек го прикрива знаењето свое, а срцето на глупавите го разгласува своето безумие. {12:24} Раката на работливите ќе господари, а мрзливоста води во ропство. {12:25} Тагата во срцето го притиска човекот, а добриот збор го развеселува. {12:26} Праведниот му го покажува патот на ближниот свој, а патот на нечестивите ги води во заблуда. {12:27} Мрзливиот својот лов не го пече; а трудољубивоста е големо богатство. {12:28} По патот на правдата има живот, и во нејзината патека нема смрт. {13:1} Мудриот син ја слуша татковата поука, а непослушниот не го слуша прекорот. {13:2} Од плодот на устата своја човекот ќе вкуси добро, а душата на беззаконикот е полна со насилство. {13:3} Кој ја чува устата своја, тој ја чува душата своја; а кој широко ја отвора устата своја, тешко нему. {13:4} Душата на мрзливиот посакува, но напразно; а душата на работливиот ќе се насити. {13:5} Праведниот го мрази лажливиот збор, а безбожниот се однесува бесрамно и одвратно. {13:6} Правдата го чува непорочниот, а безбожноста го погубува грешникот. {13:7} Некој се покажува богат, а нема ништо; друг се прикажува за сиромав, а има големо богатство. {13:8} Понекогаш богатиот со пари го откупува својот живот, додека сиромавиот не треба од тоа да се плаши. {13:9} Светлината на праведниците свети силно, а светилото на нечесните згаснува. {13:10} Од гордоста произлегува кавга, а мудроста е во оние што примаат совет. {13:11} Богатството, спечалено со беззаконие, се намалува, а кој собира со труд, го зголемува. {13:12} Надежта, долго неостварена, го изнемоштува срцето, а исполнетата желба е како дрво на животот. {13:13} Кој не води грижа за словото, тој си штети, а кој се бои од заповедта, нему ќе му се даде награда. {13:14} Поуката на мудриот е извор на животот; таа го избавува од мрежите на смртта. {13:15} Добриот разум донесува пријатност, а патот на беззакониците, води во пропаст. {13:16} Секој благоразумен работи со знаење, а глупавиот се истакнува со глупости. {13:17} Лош гласник носи беда, а верен гласник е спасение. {13:18} Немаштија и срам за оној, што го отфрла учењето; а оној, кој ја пази поуката, ќе се прослави. {13:19} Исполнетата желба е пријатна за душата, но на глупавите им е тешко да го одбегнуваат злото. {13:20} Кој се состанува со мудри, мудар ќе биде; а кој другарува со безумни, глупав ќе биде. {13:21} Грешниците злото ги гони, а на праведниците им се враќа добро. {13:22} Добриот остава наследство и на внуци, а богатството на грешникот се чува за праведните. {13:23} Праведните имаат богатство многу години, неправедните бргу го загубуваат. {13:24} Кој ја жали прачката, го мрази синот свој; а кој го сака, го казнува од детските години. {13:25} Праведникот јаде до наситување, а стомакот на беззакониците трпи од недостиг. {14:1} Мудрата жена си ја гради куќата, а глупавата ја урива со своите раце. {14:2} Кој оди по прав пат, се плаши од Господ; на кого патиштата му се криви, тој Го презира (Господа). {14:3} Во устата на безбожникот е камшикот на гордоста; а мудрите ги чува нивната уста. {14:4} Каде што нема волови, амбарите се празни; а од силата на воловите има изобилно жито. {14:5} Верен сведок не лаже, а лажливиот сведок шири многу лаги. {14:6} Развратникот бара мудрост, и не ја наоѓа; а разумниот до знаењето лесно доаѓа. {14:7} Бегај од безумен човек, кај него нема да најдеш разумна уста. {14:8} Мудар човек внимава на своето однесување, неразумноста на глупавите ги води во заблуда. {14:9} За глупавите гревот е шега, а со праведните е милоста Божја. {14:10} Секој сам ги доживува своите таги и своите радости и никој друг не може со него да ги сподели. {14:11} Куќата на беззакониците ќе се сотре, а живеалиштето на праведните ќе преуспее. {14:12} Има патишта, кои на човек му изгледаат прави, но крајот нивни води во смрт. {14:13} И при смеа понекогаш срцето боли, а по радоста настапува тага. {14:14} Човек со развратно срце ќе ги добие плодовите на своето однесување, а добриот - ќе живее во задоволство. {14:15} Неразумниот верува на секој збор, а благоразумниот е внимателен на своите чекори. {14:16} Мудриот има страв и бега од злото, а неразумниот не се чува, бидејќи се чувствува безбеден. {14:17} Избувливиот човек прави глупости, а пакосниот е омразен. {14:18} Безумните глупост добиваат за награда, а благоразумните се украсуваат со знаење. {14:19} Лошите ќе се поклонат пред добрите, а безбожните - пред вратите на праведникот. {14:20} Сиромавиот го мразат дури и неговите блиски, а богатиот има многу пријатели. {14:21} Греши оној што го презира својот ближен, а блажен е оној што е милосрден кон сиромасите. {14:22} Нели се заблудуваат оние, што кројат зло? Но милост и верност има кај оние што мислат добро. {14:23} Од секој труд има добивка, а празните зборови водат кон скудност. {14:24} Венец на мудрите е богатството нивно, а животот на безумните е глупост. {14:25} Верен сведок души спасува, а лажливиот лаги измислува. {14:26} Во стравот пред Господ има голема надеж, и на чедата Свои Тој им е прибежиште. {14:27} Стравот Господов е извор на животот, извор што оддалечува од мрежите на смртта. {14:28} Во многуброен народ е величието на царот, а кога нема народ - пропаст е за господарот. {14:29} Кај трпеливиот човек разум има многу, а лутиот полн е со глупости. {14:30} Кроткото срце е живот за телото, а зависта е гнилеж за коските. {14:31} Кој притеснува сиромав, го навредува неговиот Создател, а кој Го почитува Создателот, му прави добро на оној што е во нужда. {14:32} За своето зло безбожниот ќе пропадне, а праведниот и при смртта ќе има надеж. {14:33} Мудроста почива во срцето на разумниот, а во срцето на безумниот ја нема. {14:34} Правдата народ подига, а беззаконието срамоти народи. {14:35} На царот мил му е разумниот слуга, а се разгневува против оној, кој го посрамува. {15:1} Кроткиот одговор гневот го ублажува, а навредлив збор јарост предизвикува. {15:2} На мудрите јазикот добри знаења искажува, а на безумните устата глупости блуе. {15:3} Очите Господови се на секое место: тие ги гледаат и лошите и добрите. {15:4} Кроток јазик е дрво на животот, а злиот - рана на душата. {15:5} Безумниот се подбива со татковата поука; а кој слуша прекор, разумен е. {15:6} Во куќата на праведникот - големо богатство, а печалбата на нечестивиот -пропаѓа. {15:7} Устите на мудрите знаење сеат, но срцето на безумните не постапува така. {15:8} Жртвата на безбожните е одвратност пред Господ, а молитвата на праведните Му е пријатна. {15:9} Патот на нечестивиот е одвратност пред Господ, а кој ја бара правдата, Тој го сака него. {15:10} Остра казна го чека оној што го остава правиот пат, а кој го мрази изобличувањето - ќе загине. {15:11} Пеколот и пропаста се откриени пред Господ, а како ли нема да бидат -срцата на синовите човечки? {15:12} Развратникот не ги сака оние, што го прекоруваат, тој не разговара со мудрите. {15:13} Весело срце го прави лицето весело, а при тажно срце - и лицето е натажено. {15:14} На разумен срцето бара знаење, а устите на безумните со глупост се хранат. {15:15} На несреќниот сите дни му се тажни; а животот на среќниот е постојано празнување. {15:16} Подобро малку, но со страв Господов, отколку големо богатство, и со него немир. {15:17} Подобро јадење од зеленчук, и со него љубов, отколку угоени телиња, и со нив омраза. {15:18} Избувлив човек расправии крева, а трпеливиот караници смирува. {15:19} Патот на мрзливиот е послан со трње, а патот на праведниот е чист. {15:20} Мудриот син го радува татко си, а безумниот нема почит кон мајка си. {15:21} На неразумниот безумни му се патеките, а разумен човек оди по правиот пат. {15:22} Без советување намерите се осуетуваат, а при многу советници тие успеваат. {15:23} Пријатно е да се знае добро да се одговори. Колку добар е зборот изговорен во вистинскиот момент! {15:24} Мудриот размислува за патот на животот, за да се отстрани од патот што води во пеколот и да се спаси. {15:25} Господ ќе го сотре домот на горделивите, а меѓата на вдовицата ќе ја зајакне. {15:26} Помислите на лошите се одвратни пред Господ, а зборовите на непорочните Му се угодни. {15:27} Лакомиот ќе го растури својот дом, а оној, кој мрази поткуп, ќе живее. {15:28} Срцето на праведниот мисли што зборува, а устата на нечесните исфрла зло. {15:29} Господ е далеку од безбожните, но ја слуша молитвата на праведните. {15:30} Светол поглед срце радува, добра вест коски храни. {15:31} Кој го слуша учењето на животот, меѓу мудри ќе живее. {15:32} Кој ја отфрла поуката, ја мрази душата своја; а кој слуша изобличување, тој придобива разум. {15:33} Стравот Господов учи на мудрост, а пред славата оди смиреноста. {16:1} Човекот размислува во срцето, свое, но одговорот на јазикот е од Господ. {16:2} Сите дела на човекот му изгледаат дека се исправни, но Господ ги испитува душите. {16:3} Предај ги делата свои на Господ, и твоите намери ќе се исполнат. {16:4} Господ направил сè со определена цел, а и безбожниците - за судниот ден. {16:5} Секој горделив по срце е одвратност пред Господ: биди сигурен дека тој нема да остане неказнет. {16:6} Со милосрдност и правда грев се исчистува, и со страв Господов зло се отстранува. {16:7} Кога на Бога Му се пријатни патиштата на човекот, Тој и со непријателите негови го смирува. {16:8} Подобро мала печалба со правда, отколку голема добивка со неправда. {16:9} Човекот сам го обмислува патот свој, но Господ управува со него. {16:10} Во устата на царот има вдахновено слово; неговата уста не смее да греши на суд. {16:11} Точните мерила и тасовите се од Господ; од него се и сите точни мери. {16:12} Незаконското дело е одвратно за царевите, зашто со правда престолот се зајакнува. {16:13} Справедлива уста на царот му е пријатна, и тој го сака оној, што ја кажува вистината. {16:14} Царевиот гнев е гласник на смртта; но мудар човек ќе го смилостиви царот. {16:15} Во светлиот поглед на царот има живот, и неговото благоволение е облак со задоцнет дожд. {16:16} Да се здобиеш со мудрост е многу подобро, отколку со злато, и да се здобиеш со разум е повеќе за претпочитување отколку одбрано сребро. {16:17} Патот на праведните е отстранување од злото: кој ги пази своите патишта - душата своја ќе ја запази. {16:18} Пред погибел гордоста врви, и пред паѓање - надменоста. {16:19} Подобро е да се смируваш во духот со кротки, отколку да делиш грабеж со горделиви. {16:20} Кој ја води разумно работата своја, добро ќе најде, и кој се надева на Господ, блажен е. {16:21} Мудрите по срце, разумни ќе ги наречат, и слаткиот збор го зголемува знаењето. {16:22} Разумот за оние, што го имаат, е извор на животот, а ученоста на безумниот е глупост. {16:23} Срцето на мудриот го прави јазикот негов мудар, и го умножува знаењето во устата негова. {16:24} Пријатни зборови се восочен мед: за душата слатки, а за коските лековити. {16:25} Има патишта, кои на човекот му изгледаат прави, но крајот им е пат кон смртта. {16:26} Кој се труди, се труди за себе, зашто кон тоа устата го упатува. {16:27} Лукав човек зло замислува, во устата своја - оган разгорува. {16:28} Подмолен човек сее раздор, и клеветник пријатели разделува. {16:29} Злонамерен човек го мами својот ближен и го води кон лош пат; {16:30} замижува со очите, за да измисли подмолност: прекасувајќи си ги усните, извршува зло. {16:31} Староста е венец на славата, таа води по патот на правдата. {16:32} Долготрпеливиот е подобар од храбриот, и кој владее со себе, подобар е и од освојувач на градови. {16:33} Ждрепка се фрла во скут, но сè што решава таа, од Господ е. {17:1} Подобро сув залак и со него мир, отколку куќа полна со заклан добиток, но во раздор. {17:2} Разумен слуга господари над развратен и со браќата ќе го подели наследството. {17:3} Среброто и златото со оган се испитуваат, а срцата Господ самиот ги испитува. {17:4} Лош човек се вслушува во беззакона уста; а лажливец - во злонамерен јазик. {17:5} Кој се подбива со сиромав, Создателот негов го навредува; кој се радува на зло, нема да остане неказнет. {17:6} Синовите на синовите се венец на старите, а слава за децата се родителите нивни. Целото богатство на светот е во верниот, а во неверникот ниту паричка нема. {17:7} На безумниот умен збор не му прилега, уште повеќе на големец - лажлива уста. {17:8} Дарот е скапоцен камен во очите на оној што го дава: каде и да се сврти, ќе успее. {17:9} Кој ги покрива престапите, бара љубов, а кој одново напомнува за нив, оддалечува дури и пријател. {17:10} Врз разумниот посилно дејствува прекор, отколку врз глупавиот сто удари со стап. {17:11} Лошиот човек бара само зло, затоа жесток ангел ќе биде испратен против него. {17:12} Подобро човек да сретне мечка, чии мечиња се грабнати, отколку безумен во неговото безумство. {17:13} Кој враќа зло за добро, злото нема да ја напушти куќата негова. {17:14} Почеток на караницата е како кога водна брана се отвора: отстапи од караницата пред да се разгори. {17:15} Кој оправдува грешен и кој обвинува праведен - и обајцата се одвратност пред Господ. {17:16} Што ќе му се пари во рацете на безумен за да купи мудрост, кога во него нема разум?! {17:17} Пријателот сака во секое време и како брат ќе се јави во време на неволја. {17:18} Неразумен човек подава рака и станува гарант за ближниот свој. {17:19} Кој сака караници, го сака гревот, и кој високо ја издига вратата своја, бара да падне. {17:20} Подмолно срце нема да најде добро, и лукав јазик ќе западне во беда. {17:21} Кому се родил глупак, тешко нему. За таткото на безумен нема радост. {17:22} Веселото срце е благотворно како лек, а паднатиот дух коски суши. {17:23} Не се прави патиштата на нечесните што земаат поткуп; тие го искривуваат патот на правосудието. {17:24} Мудроста е пред лицето на разумниот, а очите на безумниот се на крајот од земјата. {17:25} Глупав син е мака за таткото и огорчување за мајката. {17:26} Не е добро да казнуваш праведен, ниту да тепаш началник. {17:27} Разумниот е воздржан во зборовите свои, а одмерениот е трпелив и спокоен. {17:28} И безумниот кога молчи, за мудар го сметаат, и кој ја затвора устата своја - за разумен го сметаат. {18:1} Тврдоглавиот се управува според своите желби и станува против сè што е умно. {18:2} Безумниот не сака знаење, туку само да ги изложи своите мисли. {18:3} Со доаѓањето на нечесниот, доаѓа и презирот, а со недостојниот - доаѓа и срамот. {18:4} Зборовите на човечката уста се длабоки води; извор на мудроста - брзотечен поток. {18:5} Не е добро да бидеш лицемерен кон безбожниот, за да го собориш праведниот во судот. {18:6} Устата на безумниот води кон кавга, а зборовите негови предизвикуваат тепачка. {18:7} Јазикот на безумниот е погибел за него, а усните негови се стапица за душата негова. {18:8} Зборовите на клеветникот се како слатки, и тие влегуваат внатре во утробата. {18:9} Немарниот во работата своја е брат на расипникот. {18:10} Името на Господ е цврста кула: ако во неа побегне праведник, безбеден е. {18:11} Имотот на богат човек е како тврдина и во мислите му е како висока ограда. {18:12} Пред паѓање срцето на човекот се возгордејува, а смиреноста оди пред славата. {18:13} Кој дава одговор пред да ислуша, безумен е; тоа е срам за него. {18:14} Духот на човекот го поткрепува во немоќ, а скршен дух - кој може да поткрепи? {18:15} Срцето на разумниот се здобива со знаење, и увото на мудрите бара поука. {18:16} Подарокот што го дава човекот, му отвора пат и до големците го доведува. {18:17} Првиот по тужбата си е прав, но доаѓа противникот негов и го порекнува. {18:18} Ждрепката прекинува расправии и решава спор меѓу силните. {18:19} Навреден брат е понепристапен од утврден град, а караниците понепопустливи од затварало на кула. {18:20} Од плодот на устата на човекот се полни стомакот негов; од плодовите на устата своја тој се наситува. {18:21} Смртта и животот му се потчинети на јазикот, и оние што го владеат, ќе вкусат од плодовите негови. {18:22} Кој нашол жена, нашол среќа и добил благодат од Господ. Кој отфрла добра жена, тој го отфрла и доброто, а кој поддржува прељубница, безумен е и нечесен. {18:23} Сиромавиот говори со молба, а богатиот одговара остро. {18:24} Кој сака да има пријатели, и сам треба да биде дружељубив; зашто има пријатели поприврзани од брат. {19:1} Подобро сиромав, кој оди во својата непорочност, отколку богат со лажлива уста, притоа и глупав. {19:2} е и е добро на душата без знаење; а кој брза со нозете, се сопнува. {19:3} Глупавоста на човекот му го искривува патот негов, а срцето негово негодува против Господ. {19:4} Богатството собира многу пријатели, а сиромавиот го напушта и пријателот негов. {19:5} Лажниот сведок нема да остане неказнет, и кој говори лага, нема да се спаси. {19:6} Мнозина им се умилкуваат на големците, и секој му е пријател на човекот, кој дава подароци. {19:7} Сиромавиот го мразат сите негови браќа, а уште повеќе се оддалечуваат од него пријателите: трчка по нив, за да проговори - но нив ги нема. {19:8} Кој се здобива со разум, ја сака душата своја; кој ја пази мудроста, наоѓа среќа. {19:9} Лажниот сведок нема да остане неказнет, а кој говори лага, ќе загине. {19:10} На глупавиот не му прилега раскош, уште помалку на слуга - да господари над кнезови. {19:11} Благоразумноста го прави човекот бавен на гнев, и за него е чест да биде попустлив кон грешките. {19:12} Гневот на царот е како лавовско рикање, а милоста негова - како роса по трева. {19:13} Глупав син е пропаст за татко си, и жена кавгаџика е како незапирлива капка од стреа. {19:14} Куќата и имотот се наследуваат од родителите, а разумна жена е дар од Господ. {19:15} Мрзливоста тера во сон, а немарна душа трпи глад. {19:16} Кој пази заповед, ја запазува душата своја, а кој не се грижи за своите патишта, ќе загине. {19:17} Кој прави добро на сиромав, заем Му дава на Господ, и Тој ќе му плати за неговата добрина. {19:18} Казни го синот свој, додека има надеж, и не се возбудувај од викањето негово. {19:19} Гневниот нека трпи казна, зашто ако го пожалиш, ќе треба да го казниш уште повеќе. {19:20} Слушај совет и примај поука, за да станеш потоа мудар. {19:21} Во срцето на човекот има многу мисли, но се извршува само определената од Господ. {19:22} Радост за човекот е неговата милостина; подобро да бидеш сиромав отколку лажливец. {19:23} Стравот Господов води кон живот, и кој го има, секогаш ќе биде задоволен, и зло нема да го снајде. {19:24} Мрзливиот ја пружа раката кон храната, но не сака да ја подигне до устата своја. {19:25} Ако го казниш оној што се потсмева, и простиот ќе стане разумен; и ако му укажеш на разумниот, тој ќе ја разбере поуката. {19:26} Кој го упропастува татко си и ја набркува мајка си, тој е бесрамен и нечесен син. {19:27} Немој, синко, да слушаш совети што те отстрануваат од зборовите на разумни. {19:28} Лукавиот сведок се потсмева со судот, и устата на беззакониците голта неправда. {19:29} Готови се судовите за горделивите, и ударите за телото на безумните. {20:1} Виното е потсмевка, ракијата – бунтовник; и секој, кој им е потчинет, не е разумен. {20:2} Заплашувањето од царот е како лавовско рикање: кој го дразни, греши против себеси. {20:3} Чест е за човекот да се воздржи од кавга; а секој неразумен се вплеткува во неа. {20:4} Мрзливиот наесен не ора, а кога доаѓа жетва, тој бара и ништо нема. {20:5} Помислите во срцето на човекот се длабоки води, но разумен човек ги исцрпува. {20:6} Мнозина го фалат човекот за милосрдноста негова, но кој наоѓа вистински човек? {20:7} Праведникот оди по својата непорочност: блажени се децата негови по него. {20:8} Кога цар праведен седи на престол, нему не му се противи никакво зло. {20:9} Кој може да каже: „Го очистив срцето свое, чист сум од гревот свој?” {20:10} Нееднакви терезии, нееднаква мерка, - и едното и другото се одвратност пред Господ. {20:11} Дури и дете може да се познае по работите негови: чисто ли ќе биде и правилно ли ќе биде поведението негово? {20:12} Уво што слуша, и око што гледа, -и едното и другото Господ го создал. {20:13} Не љуби да спиеш, за да не осиромашиш; држи ги отворени очите свои, и ќе јадеш леб до наситување. {20:14} „Лошо е, лошо е,” вели купувачот, а кога ќе одмине, тогаш се фали. {20:15} Има злато и многу скапоцени камења, но разумната уста е поскапоцена од сè. {20:16} Земи ја облеката негова, бидејќи се заложил за туѓ човек; и за туѓинка земи залог од него. {20:17} Леб, спечален со неправда, му се засладува на човек; но подоцна - устата негова со песок се наполнува. {20:18} Намерите добиваат цврстина преку советување: дури по советувањето води војна. {20:19} Кој оди да оговара, открива тајна, и кој широко ја отвора устата своја, со него не се здружувај. {20:20} Кој зборува лошо за татко си и за мајка си, зениците на очите негови ќе згаснат среде длабока темнина. {20:21} Наследство, што се добива уште во почетокот, набрзина, нема да биде благословено отпосле. {20:22} Не вели: „Ќе му се одмаздам на непријателот”, туку остави на Господ, Тој ќе ти помогне. {20:23} Двојни мерки се одвратност пред Господ; и неточни мерки не се добри пред Господ. {20:24} Стапките на човекот се насочуваат од Господ; тогаш, како човекот може да го дознае патот свој? {20:25} Стапица е за човекот набрзина да вети жртва, а по жртвата да се кае. {20:26} Мудар цар ги распознава нечесните и го свртува врз нив тркалото. {20:27} Господов светилник е човечкиот дух, кој ги испитува сите длабочини на срцето. {20:28} Милоста и вистината го запазуваат царот, и со милост тој го одржува престолот свој. {20:29} Слава за младите е нивната сила, а украс за старците - е нивната бела коса. {20:30} Раните од борбата се лек против злото, како и ударите, што стигнуваат до внатрешноста на утробата. {21:1} Срцето на царот е во раката Господова, како водните потоци: Тој го насочува, каде што ќе посака. {21:2} Сите патишта на човекот се прави пред очите негови; но Господ ги мери срцата. {21:3} Да ја пазиш правдата и правосудието, Му е поугодно на Господ, отколку жртвите. {21:4} Горделивите очи, надуеното срце, сјајот на грешник - сето тоа е грев. {21:5} Мислите на трудољубивите се стремат кон изобилие, а секој што пребрзува, трпи немаштија. {21:6} Богатство добиено со лажлив јазик е суета, која брзо одминува кај оние што ја бараат смртта. {21:7} Насилството на безбожниците ќе се струполи врз нив, зашто се откажале да го прават она што е добро. {21:8} Крив е патот на развратниот човек; а на чесниот постапките му се прави. {21:9} Подобро е да живееш во агол под покривот, отколку во голема куќа со жена кавгаџика. {21:10} Душата на безбожниот сака зло: во неговите очи нема да најде милост ни пријателот негов. {21:11} Кога го казнуваат арогантниот, простиот станува мудар; и кога мудриот го вразумуваат, тој се здобива со знаење. {21:12} Сеправедниот го набљудува домот на нечесните: тој ја забрзува нивната несреќа. {21:13} Кој ги покрива ушите свои пред пискотот на сиромавиот, тој и самиот ќе пишти, - и нема да го чујат. {21:14} Таен подарок го стивнува гневот, а дар под рака - и жестоката јарост. {21:15} Да го пази правосудието е радост за праведникот и страв за оние, што вршат зло. {21:16} Човек кој скршнал од патот на разумот, ќе се насели во собранието на мртвите. {21:17} Кој сака веселби, ќе осиромаши, а кој сака вино и мрс, нема да се збогати. {21:18} Грешниот ќе биде откуп за праведниот, и лукавиот - за простодушниот. {21:19} Подобро да живееш во пуста земја, отколку со жена лута и кавгаџика. {21:20} Скапоцени добра и масло има во куќата на мудриот, а безумниот човек ги растура. {21:21} Кој ја пази правдата и милоста, ќе најде живот, правда и слава. {21:22} Мудриот влегува во градот на силните и ја соборува силата, на која тие се надевале. {21:23} Кој ја чува устата своја и јазикот свој, ја чува душата своја од зло. {21:24} На дрскиот силник - името му е потсмевач - дејствува со прекумерна дрскост. {21:25} Гладот мрзливиот го убива, зашто рацете негови откажуваат да работат; {21:26} тој секој ден гладува, а праведниот дава и не му е жал. {21:27} Жртвата на безбожниците е одвратност пред Господ, зашто ја принесуваат со лукавство. {21:28} Лажниот сведок ќе загине, а човек, кој говори она што знае, ќе говори секогаш. {21:29} Безбожниот човек има дрско лице, а праведниот право оди по патот свој. {21:30} Нема мудрост, нема разум, нема совет - против Господ. {21:31} Коњот го подготвуваат за денот на битката, но победата е од Господ. {22:1} Подобро е добро име, отколку големо богатство, и подобро е благонаклоност, отколку сребро и злато. {22:2} Богатиот и сиромавиот се среќаваат еден со друг; и едниот и другиот ги создал Господ. {22:3} Умниот го гледа злото и го избегнува; а безумните одат невнимателно и тоа скапо го плаќаат. {22:4} Плодови на смиреноста се: стравот Господов, богатството, славата и животот. {22:5} По патот на подмолниот - трње и стапици: кој ја пази душата своја, ќе бега од нив. {22:6} Поучи го момчето во почетокот на патот негов: тој нема да скршне од него и кога ќе остари. {22:7} Богатиот господари над сиромавиот, и должникот станува роб на заемодавецот. {22:8} Кој сее неправда, ќе пожнее зло, и прачката на гневот негов ќе исчезне. {22:9} Милосрдниот ќе биде благословен, зашто им дава на бедните од лебот свој. {22:10} Истерај го исмејувачот, и раздорот ќе исчезне, ќе престанат кавгата и навредите. {22:11} Оној што љуби чисто срце, и чии зборови се пријатни, и на царот станува пријател. {22:12} Очите на Господ го чуваат знаењето, а зборовите на престапникот Тој ги разобличува. {22:13} Мрзливиот вели: „Лав има надвор! Насред улица ќе загинам!” {22:14} Устите на блудниците се длабока бездна: на кого Господ ќе се разгневи, тој ќе падне во неа. {22:15} Безумието на детето му е приврзано за срцето, но прачката ќе го отстрани далеку од него. {22:16} Кој ограбува сиромав, за да го умножи богатството свое, и кој му дава на богатиот, - ќе осиромаши. {22:17} Наклони го увото и слушај ги зборовите на мудрите, и сврти го срцето кон моите зборови, {22:18} зашто ќе се радуваш, ако ги пазиш во срцето свое, и ако ти бидат исто така во устата твоја. {22:19} За да биде твојата надеж во Господ, јас ти го покажувам патот. {22:20} Јас ти напишав триесетина совети и поуки, {22:21} за да те поучам на зборовите вистински и добри, та да ги предаваш на оние што те испраќаат. {22:22} Не ограбувај сиромав, зашто тој е сиромав, и не притеснувај страдалник кај портите, - {22:23} зашто Господ ќе се застапи за нив, и ќе ја истргне душата на грабачите нивни. {22:24} Не се дружи со гневлив и не оди со човек жесток, {22:25} за да не се навикнеш на нивните патишта и да не навлечеш стапица на душата своја. {22:26} Не биди од оние, што даваат рака и се заложуваат за туѓи долгови: {22:27} ако нема со што да платиш, зошто да ти ја земат постелата под тебе? {22:28} Не преместувај стари меѓи, кои твоите татковци ги поставиле. {22:29} Си видел ли вешт и искусен човек во својата работа? Тој ќе служи на цареви, нема да остане меѓу простите. {23:1} Кога ќе седнеш да јадеш со властодржец, гледај добро што има пред тебе, {23:2} и постави ограда на грлото свое, ако си лаком. {23:3} Не се мами од вкусните гозби негови: тие се примамлива храна. {23:4} Ако си сиромав, не настојувај да трупаш богатство; бегај од таквите мисли. {23:5} Ќе ги устремиш очите кон него, и еве веќе го нема: тоа ќе си направи крилја и како орел ќе летне кон небото. {23:6} Не јади леб кај завидлив човек и не се занесувај од вкусните негови гозби; {23:7} зашто какви му се мислите во душата негова, таков е и тој: „Јади и пиј” ти вели, но срцето негово не е со тебе. {23:8} Залакот, што си го изел, ќе го изблуеш, и убавите зборови свои напразно ќе ги потрошиш. {23:9} Во ушите на безумниот не зборувај, зашто тој ќе ги презре разумните твои зборови. {23:10} Не преместувај стара меѓа и во нива на сираци не влегувај; {23:11} зашто нивниот Заштитник е силен; Тој ќе се замеша во делото нивно против тебе. {23:12} Насочи го срцето свое кон учење и ушите свои - кон умни зборови. {23:13} Не оставај го детето без казна: ако го казниш со прачка, тоа нема да умре; {23:14} ќе го казниш со прачка, и ќе ја спасиш душата негова од пеколот. {23:15} Синко, ако твоето срце биде мудро, и моето срце ќе се радува; {23:16} ќе се радува целото мое битие, кога твојата уста говори право. {23:17} Срцето твое нека не им завидува на грешниците, туку биди во сите дни свои во стравот Господов; {23:18} зашто има иднина, а твојата надеж не е загубена. {23:19} Слушај, синко, и биди мудар и насочувај го срцето свое по прав пат. {23:20} Не биди меѓу оние, што се опиваат со вино, меѓу оние, што се презаситуваат со месо, - {23:21} зашто пијаницата, и оној што се прејадува, ќе осиромашат, а сонливоста ќе ги облече во партали. {23:22} Слушај го својот татко: тој те родил; не ја занемарувај мајка си, кога таа ќе остарее. {23:23} Купувај вистина и не продавај мудрост, учење и разум. {23:24} Таткото на праведниот се весели, и оној што родил мудар, се радува поради него. {23:25} Нека ти се радуваат татко ти и мајка ти, нека се радува онаа која те родила. {23:26} Синко, дај ми го мене срцето твое и очите твои да ги гледаат патиштата мои, - {23:27} зашто блудницата е длабока пропаст, а туѓа жена - тесен бунар; {23:28} таа како разбојник ги пречекува и ги умножува беззакониците меѓу луѓето. {23:29} На некого - ах, на некого - ох, на некого - кавга, на некого жал, на некого рани без причина, на некого зацрвенети очи? {23:30} На оние, што заседнуваат околу вино, кои одат да бараат вино со ароми. {23:31} Не гледај го виното како се црвенее, како тоа искри во чашата, како убаво се лее; {23:32} отпосле тоа ќе касне како змија и ќе жилне како отровница; {23:33} очите твои ќе гледаат привиденија, и срцето твое ќе почне да говори неразумно; {23:34} и ти ќе бидеш како заспан среде море и како задреман на врвот од јарбол, {23:35} па ќе речеш: „Ме тепаа и не ме болеше; ме туркаа и не чувствував. Кога ќе се разбудам, пак ќе го барам истото.” {24:1} Не завидувај им на лошите луѓе, и не посакувај да бидеш со нив, {24:2} зашто срцето нивно насилство намислува, и устите нивни за лошо зборуваат. {24:3} Со мудрост куќа се изградува и со разум се зацврстува, {24:4} а со умешност нејзините простории се исполнуваат со секакви скапоцености и добра. {24:5} Мудриот човек е силен, а разумниот - ја зацврстува силата своја. {24:6} Затоа со обмислување се води војна, а успех ќе има со многу советувања. {24:7} Мудроста е недостижна за глупавиот, затоа тој не отвора уста на собирите. {24:8} Кој мисли да направи зло, ќе го наречат зломисленик. {24:9} Безумието има само една мисла: гревот, а исмејувачот е одвратен за луѓето. {24:10} Ако во злочест ден си се покажал слаб, скудна ти е силата. {24:11} Спасувај ги оние што ги водат на смрт, и поштеди ги оние, кои уплашени одат кон губилиштето. {24:12} Ако кажеш: „Ете, ние не го знаевме тоа”, а Оној, Кој ги испитува срцата, зар не знае? Оној, Кој бдее над душата твоја, го знае тоа и ќе му даде на човекот според делата негови. {24:13} Јади, синко, мед, затоа што е пријатен, и јади восочен мед, кој е сладок за грлото твое: {24:14} такво е за душата твоја и познавањето на мудроста. Ако си ја нашол, имаш иднина, а твојата надеж нема да те остави. {24:15} Не помислувај зло, безбожниче, против живеалиштето на праведниот, не опустошувај го местото на спокојството негово, {24:16} зашто седумпати ќе падне праведникот - и пак ќе стане; а падне ли нечесен, тој изнемогнува во злото. {24:17} Немој да се радуваш, кога непријателот твој ќе падне, и срцето твое да не се весели, кога тој ќе се сопне. {24:18} Инаку, Господ ќе види, и тоа пред очите Негови нема да биде угодно, и Тој ќе го оттргне од него гневот Свој. {24:19} Не лути им се на зломислениците и не завидувај им на безбожниците, {24:20} зашто лошиот нема иднина; и светилото на безбожните ќе згасне. {24:21} Имај страв, синко, од Господ и од царот; не востанувај ни против едниот ни против другиот, {24:22} зашто неочекувано ќе дојде казната од нив, - а кој е тој што ќе ја предосети пропаста од нив двајцата? {24:23} Кажано е од мудрите: не е добро во судот да има пристрастност. {24:24} Кој му вели на виновниот: „Прав си”, него народите ќе го проколнуваат, него племињата ќе го мразат; {24:25} а кои разобличуваат, ќе бидат сакани, и врз нив ќе дојде благословот. {24:26} Во устата бакнува оној, кој изговара зборови чесни. {24:27} Уреди ги работите надвор од куќата, сврши ги на нивата своја, а потоа гради го домот свој. {24:28} Не сведочи лажно против ближниот свој: зошто да лажеш со устата своја? {24:29} Не вели: „Како ми направи тој мене, така и јас ќе му направам нему: ќе му се одмаздам за навредата што ми ја нанесе.” {24:30} Минував покрај нивата на мрзлив човек и покрај лозје на неразумен човек: {24:31} и ете, сè беше обраснато со трње, нивата беше покриена со коприва, а камената ограда негова беше урната. {24:32} И погледнав, го устремив срцето свое, погледнав и поука извлеков: {24:33} „Малку ќе поспиеш, малку ќе задремеш, малку со скрстени раце ќе полежиш” - {24:34} и сиромаштијата ќе ти дојде како брзоодец, и немаштијата твоја - како вооружен човек. {25:1} Ова се мудри изреки Соломонови, што ги собраа луѓето на јудејскиот цар Езекија. {25:2} Слава за Бога е да ја обвива секоја работа со тајна, а слава за царевите е да ги истражуваат работите. {25:3} Како небото во висините и земјата во длабочините, така и срцето на царевите е неиспитливо. {25:4} Оддели ја смесата од среброто, и истата ќе биде работа на златарот; {25:5} оддалечи го неправедниот од царот, и престолот негов ќе се зацврсти со правда. {25:6} Не се кревај на големо пред лицето на царот и не седнувај на местото на големците; {25:7} зашто подобро е кога ќе ти кажат: „Дојди тука погоре”, отколку кога ќе те понизат пред очите на кнезот. {25:8} Не брзај да покренуваш тужба, зашто, што ќе правиш на крајот, кога твојот противник ќе те посрами? {25:9} Суди се со противникот, но туѓи тајни не откривај, {25:10} за да не те прекори оној, што ќе го чуе тоа, и тогаш нечесноста твоја нема да избега од тебе. {25:11} Умесно кажаниот збор е како златно јаболко во сребрена кошничка. {25:12} Мудриот разобличувач за внимателно уво е како златна обетка и украс од чисто злато. {25:13} Како ладен снег во време на жетва, така е верен оној пратеник, што се испраќа: тој му донесува утеха за душата на својот господар. {25:14} Како облаците и ветровите без дожд, таков е човекот, кој се фали со лажливи подароци. {25:15} Со долготрпеливост се придобива и судија, а мек јазик коски крши. {25:16} Ако најдеш мед, јади колку што ти треба за да не се прејадеш и да не го повратиш. {25:17} Не оди често во куќата на пријателот свој, за да не му додеваш и да не те намрази. {25:18} Она што е чеканот, мечот и острата стрела, таков е човекот, кој сведочи лажно против ближниот свој. {25:19} Она што е скршен заб и крива нога, таква е надежта на безнадежниот во злочест ден. {25:20} Тоа што е оној, кој соблекува облека во студен ден, она што е оцет на рана, таков е оној, кој песни пее на натажено срце. . {25:21} Ако непријателот твој е гладен, нахрани го со леб; и ако е жеден, напој го со вода; {25:22} зашто, правејќи го тоа, ти натрупуваш жар врз главата негова, и Господ ќе ти воздаде. {25:23} Северниот ветер дожд донесува, а таен јазик - незадоволни лица. {25:24} Подобро да живееш во агол на покривот, отколку со жена кавгаџика во широка куќа. {25:25} Она што е студената вода за измачената од жед душа, тоа е добрата вест од далечна земја. {25:26} Она што е нечист извор и матен кладенец, тоа е праведниот кој попушта пред безбожниот. {25:27} Како што не е добро да се јаде многу мед, така и да се лакомиш за слава. {25:28} Она што е разрушен град, без ѕидови, таков е човекот, кој не владее со духот свој. {26:1} Како снег во летно време и дожд во време на жетва, така и честа не му прилега на безумниот. {26:2} Како врапче што ќе фркне, како ластовица што ќе одлета, - така и незаслужена клетва нема да се збидне. {26:3} Камшик - за коњ, узда - за магаре, а стап - за безумните. {26:4} Не му одговарај на безумниот според глупоста негова, за да не станеш и ти сличен на него; {26:5} но одговори му на безумниот против глупоста негова, за да не помисли дека е мудар. {26:6} Кој усно порачува на безумен, тој ги потсекува нозете свои, трпи непријатност. {26:7} Како што криват нозете на куциот, така и расказот куца во устата на безумните. {26:8} Тоа што е оној што клава во праќа скапоцен камен, таков е и оној, кој му прави чест на безумен. {26:9} Она што е трнлива гранка во раката на пијаница, тоа е и зборот во устата на безумните. {26:10} Силниот сè врши по своја волја: и глупавиот го дарува, и секој минувач го наградува. {26:11} Како што кучето се враќа на изблуеното, така и безумниот ја повторува својата глупост. {26:12} Ако си видел човек, кој се смета за мудар, тогаш повеќе надевај се на безумен, отколку на него. {26:13} Кога го испраќаат мрзливиот на пат, тој вели: „Ѕвер е на патот, лав има на плоштадот!” {26:14} Вратата се врти на куките свои, а мрзливиот - на леглото свое. {26:15} Мрзливиот ја пружа раката своја кон храната, но тешко му е да ја принесе до устата своја. {26:16} Мрзливиот самиот се смета за помудар од седуммина, кои смислено одговараат. {26:17} Кој, минувајќи, се замешува во туѓа караница, фаќа куче за уши. {26:18} Како што разгневениот фрла оган, стрели и смрт, {26:19} таков е и човекот, кој подмолно го оштетува пријателот свој и потоа вели: „Јас само се пошегував.” {26:20} Кога нема веќе дрва, огнот згаснува, и кога нема клеветник, раздорот стивнува. {26:21} Јагленот е за жар, а дрвата - за оган, кавгаџијата, пак - кавга да разгорува. {26:22} Зборовите на оговарачот се како слатки и влегуваат внатре во утробата. {26:23} Она што е глинен сад, глеѓосан со сребро, такви се пламените усти и злобното срце. {26:24} Со устата своја непријателот се преправа, а во срцето подмолност крие; {26:25} кога говори дури и со нежен глас, не верувај му, зашто во срцето негово има седум одвратности. {26:26} Ако омразата негова се прикрива насамо, злобата негова ќе се открие во собранието народно. {26:27} Кој копа јама, ќе падне во неа, и кој тркала камен угоре, врз него ќе се врати. {26:28} Лажливиот јазик ги мрази оние, што ги повредил, и устата ласкава подготвува пропаст. {27:1} Не фали се со утрешниот ден зашто не знаеш, што ќе роди тој ден. {27:2} Нека те фали друг, е не устата твоја, - туѓ, а не јазикот твој. {27:3} Тежок е каменот, тежок е и песоок; но гневот на глупавиот е потежок и од едното - и од другото. {27:4} Лут е гневот, нескротлива е јароста; но кој ќе издржи против зависта? {27:5} Подобро отворено разобличување, отколку сокриена љубов. {27:6} Искрени се прекорите од оној, кој сака, а лажливи се бакнежите од оној, кој мрази. {27:7} Сита душа го гази и восочниот мед, а на гладна душа и горчливото и е слатко. {27:8} Она што е птицата, што го напуштила гнездото свое, тоа е човекот, кој го напуштил местото свое. {27:9} Маслото и темјанот го радуваат срцето; така е сладок пријателот со неговиот срдечен совет. {27:10} Не напуштај го пријателот свој, ниту пријателот на таткото твој, и не му оди на братот во куќата негова во денот на неволјата твоја; подобро сосед во близина, отколку брат надалеку. {27:11} Биди мудар, синко, и радувај го срцето мое, - и јас ќе имам што да му кажам на оној, што ме клевети. {27:12} Умниот го гледа злото и го одбегнува; а неискусните одат невнимателно и биваат казнувани. {27:13} Земи му ја облеката, зашто се заложил за туѓинец; и за туѓинката земи од него залог. {27:14} Кој со силен глас го поздравува пријателот свој од рано утро, поздравот негов ќе се прифати како клетва. {27:15} Непрестајно капење од стреа во дождлив ден и жена кавгаџика се едно исто: {27:16} кој сака да ја задржи, тој сака да задржи ветар и со својата рака масло да фати. {27:17} Железо железо остри, и човек на човека гневот го изострува; {27:18} Кој ја чува смоквата своја, ќе ги јаде плодовите нејзини, и кој го чува господарот свој, ќе биде почитуван. {27:19} Како што е во водата лице спроти лице, така е и срцето на човека спроти човек. {27:20} Пеколот и бездната не можат да се наситат: така се ненаситни и очите човечки. {27:21} Она што е топилницата за среброто и печката за златото, тоа се за човекот устите, што го фалат. {27:22} Безумниот да го толчиш со железо во дибек заедно со зрната, - безумието нема да се оддели од него. {27:23} Добро надгледувај го добитокот свој, води грижа за стадата свои; {27:24} како што богатството не е вечно, така и власта не трае довека. {27:25} Тревата никнува, и зеленило се јавува, па се собираат билки горски, {27:26} тогаш овците треба да ти бидат тебе за облека, и козите - за купување ниви; {27:27} ќе имаш доволно козјо млеко за тебе и за твоите домашни за храна и на твоите слугинки за исхрана. {28:1} Безбожникот бега, кога никој не го гони; а праведниот е смел како лав. {28:2} Кога земјата ќе отстапи од законот, тогаш во неа има многу началници; а при разумен и вешт маж управата е долговечна. {28:3} Човек сиромав кој врши зло над слабите е исто како излеан дожд, кој нанесува штета. {28:4} Отстапниците од законот ги фалат нечесните, а оние што го почитуваат законот, негодуваат против нив. {28:5} Лошите луѓе не ја разбираат справедливоста, а оние што Го бараат Господа, разбираат сè. {28:6} Подобро сиромав, кој оди во својата непорочност, отколку оној што ги искривува своите патишта, макар и да е богат. {28:7} Кој го пази законот, е разумен син, а кој се дружи со расипници, го срами татко си. {28:8} Кој го умножува имотот свој преку камата и лихварство, тој го собира за добротворецот на сиромасите. {28:9} Кој го отстранува увото свое да не го слуша законот, на таквта му е одвратна. {28:10} Кој ги упатува праведните кон патот на злото, сам ќе падне во јамата своја, а непорочните ќе наследат добро. {28:11} Богатиот човек самиот се смета за мудрец, но умен сиромав ќе го разобличи. {28:12} Кога праведници победуваат, голема е славата, но кога безбожниците се издигаат, луѓе гинат. {28:13} Кој ги крие престапите свои, нема да напредува; а кој се кае и ги остава, ќе биде помилуван. {28:14} Блажен е оној човек, кој секогаш се бои; а кој го ожесточува срцето свое, ќе падне во неволја. {28:15} Лав што рика и мечка гладна, тоа е безбожниот властодржец над беден народ. {28:16} Неразумен управител врши многу угнетувања, а кој го мрази користољубието, ќе има долги дни. {28:17} Човекот, виновен за пролевање на човечка крв, бега до гроб, за да не го фати некој. {28:18} Кој оди непорочно, ќе биде неповреден; а кој оди по криви патишта, ќе падне на еден од нив. {28:19} Кој си ја обработува земјата, ќе се наситува со леб, а кој е мрзлив и не работи, ќе се насити со сиромаштија. {28:20} Верен човек ќе биде многу благословуван, а кој брза да се збогати, не останува без казна. {28:21} Не е добро да се биде лицемерен: таков човек и за парче леб ќе изврши неправда. {28:22} Завидлив човек брза кон богатството и не мисли дека сиромаштијата ќе го стигне. {28:23} Кој разобличува човек, отпосле ќе најде поголема благонаклоност, отколку оној што му ласка со јазикот. {28:24} Кој го краде татко си и мајка си и вели: „Тоа не е грев”, тој им е соучесник на грабителите. {28:25} Горделивиот предизвикува караници, а кој се надева на Господ, ќе преуспее. {28:26} Кој се надева на себеси, безумен е; а кој постапува мудро, ќе биде спасен. {28:27} Кој дава на сиромав, нема да осиромаши; а кој ги крие очите од него, ќе биде проколнуван. {28:28} Кога безбожните се издигаат, луѓето се кријат, а кога паѓаат, праведниците се умножуваат. {29:1} Човек, кој, иако разобличуван, останува тврдоглав, неочекувано ќе биде скршен, и ќе нема за него лек. {29:2} Кога праведниците се умножуваат, народот се весели, а кога безбожниот господари, народот офка. {29:3} Човек, кој ја сака мудроста, го радува татко си; а кој се дружи со блудници, имотот го растура. {29:4} Царот со правда ја зајакнува земјата своја, а кој љуби подароци, ја расипува. {29:5} Човек кој му ласка на пријателот, поставува стапица за нозете негови. {29:6} Гревот на лошиот човек е стапица за него, а праведникот ќе се весели и ќе се радува. {29:7} Праведниот грижливо вникнува во маката на бедните, а безбожниот не се интересира за тоа. {29:8} Развратните луѓе го бунтуваат градот, а мудрите го смируваат гневот. {29:9} Умен човек, кога се суди со безумен човек, се лути ли, или се смее, - нема мир. {29:10} Крвожедните луѓе го мразат непорочниот, а праведните се грижат за неговиот живот. {29:11} Глупавиот го излива сиот свој гнев, а мудриот се воздржува. {29:12} Ако управителот слуша лажни зборови, тогаш и сите негови службеници стануваат нечесни. {29:13} Сиромавиот и лихварот се среќаваат еден со друг; но Господ им дава и на двајцата светлина во очите. {29:14} Ако царот им суди на сиромасите по правда, престолот негов ќе се зајакне засекогаш. {29:15} Стапот и прекорот даваат мудрост; но момче, оставено без грижа, ја посрамува својата мајка. {29:16} Кога се умножуваат безбожните, се умножува беззаконието; но праведните ќе го видат нивното паѓање. {29:17} Казнувај го синот свој, и тој ќе ти даде мир и ќе и донесе радост на душата твоја. {29:18} Без откровение одозгора народот е нескротлив, а кој го пази законот, блажен е. {29:19} Слугата со зборови нема да се научи, зашто и да ги разбира, не ги слуша. {29:20} Ако си видел човек брз и недомислен во зборовите свои, повеќе надевај се на безумен, отколку на него. {29:21} Ако ласкаво држиш слуга од детството, подоцна ќе посака да ти стане син. {29:22} Гневлив човек подига бунтови, а избувливиот многу греши. {29:23} Гордоста на човека го понизува, а смирениот по дух ќе се здобие со чест. {29:24} Кој дели со крадец, ја мрази душата своја; тој слуша клетви, но не ги соопштува. {29:25} Оние што се плашат и срамуваат од луѓето, ќе се сопнат; нечесноста води кон соблазан, а кој се надева на Господ, ќе биде спасен. {29:26} Мнозина го бараат благонаклоното лице на управителот, но судбината на човекот е од Господ. {29:27} Неправеден човек е одвратен за праведниците, а одвратност за безбожниот е оној што оди по прав пат. {30:1} Зборовите на Агур, син Јакеов; негово пророштво, кажано на Итиел, на Итиел и Укал. {30:2} Навистина, јас сум понеук од кого и да било меѓу луѓето, и во мене нема разум човечки, {30:3} и не се научив на мудрост, и не успеав да Го запознаам Сесветиот. {30:4} Кој се искачил на небото и слегол оттаму? Кој собрал ветар во пазувата своја? Кој врзал вода на наметката своја? Кој ги поставил сите краишта на земјата? Како му е името? И кое е името на синот негов? Знаеш ли? {30:5} Секој збор од Бога е чист; Тој му е штит на оној, што се надева на Него. {30:6} Не додавај кон зборовите Негови, за да не те разобличи, и да не излезеш лажливец. {30:7} За две работи те молам; не ми откажувај пред да умрам: {30:8} суетата и лагата оддалечи ги од мене, сиромаштија и богатство не ми давај, - храни ме со насушниот леб, {30:9} та, откако ќе се пренаситам, да не се откажам од Тебе и да кажам: „Кој е Господ” или, откако ќе осиромашам, да не почнам да крадам и да го употребувам името на мојот Бог напразно. {30:10} Не клевети го слугата пред господарот негов, за да не те проколне, и ти да останеш виновен. {30:11} Има изроди кои го колнат својот татко и не ја благословуваат својата мајка. {30:12} Лошото чедо се смета за чисто, а не е измиено од нечистотиите свои. {30:13} Лошото чедо високо ги држи очите свои, и толку се кренати клепките негови! {30:14} Има изроди чии заби се како мечеви, а вилиците нивни се како ножеви, за да ги изедуваат сиромасите по земјата и немоќните меѓу луѓето. {30:15} Ненаситноста има две ќерки: „Дај, дај!” Има три работи ненаситни и четири што не велат: „Доволно е.” {30:16} Тоа се: пеколот и утробата неплодна, земјата што не се наситува со вода, и огнот, кој не вели: „Доста!” {30:17} Око, што му се потсмева на татко си и не сака да се покорува на мајка си, ќе биде исколвано од долински гаврани и од орлови пилци изедено! {30:18} Три работи се недостижни за мене, и четири што не ги разбирам: {30:19} патиштата на орелот по небото, ползењето на змијата по карпите, патеките на бродот среде море и патот на маж кон девица. {30:20} Таков е патот и на жена прељубница: се најала и ја избришала устата своја, па вели: ‚ништо лошо не сум направила.' {30:21} Од три работи се тресе земјата, и четири кои не може да ги поднесе: {30:22} слуга, кога ќе стане цар; безумен, кога до наситување ќе се најаде со храна, {30:23} развратна жена, кога ќе се омажи, и слугинка, кога го зазема местото на господарката своја. {30:24} Има четири мали животни на земјата, но тие се помудри и од мудреците: {30:25} мравките - во кои нема сила, но лете сепак си ја приготвуваат храната; {30:26} јазовците - иако слаби животни, но ги прават куќите свои во камен; {30:27} скакулците, кои немаат цар, но излегуваат во војна сите во редови; {30:28} пајакот, кој со раце се лови, но се наоѓа и во царските палати. {30:29} Еве три, кои убаво чекорат, и четири, кои свечено настапуваат: {30:30} лавот, најсилен меѓу ѕверовите, кој нема да се врати и да се исплаши од никого; {30:31} грациозна газела или козел, и цар на чело на својата војска. {30:32} Ако гордоста те тера на безумни дела и си намислил зло, стави ја раката на устата своја. {30:33} Зашто, како што кога се бие млеко, се добива масло, и кога ќе се удри носот, потечува крв, така и кога се предизвикува гнев, произлегува кавга. {31:1} Зборовите на царот Лемуел, со кои го поучила неговата мајка. {31:2} Ах, сине мој! Ах, сине на утробата моја! Ах, сине на заветите мои! {31:3} Не давај им ја на жени силата своја, ниту судбината своја на оние од нив, кои цареви погубуваат. {31:4} Не е за царевите, Лемуеле, не е за царевите вино да пијат, ниту за кнезовите - жесток пијалак, {31:5} за да не го заборават, откако ќе се опијат, законот и да ја искривуваат правдината на угнетените. {31:6} Дајте му алкохол на оној што оди во погибел; вино нека пијат оние со мака во душата своја; {31:7} нека пивне тој за да ја заборави сиромаштијата своја и да не ги чувствуваат веќе болките свои. {31:8} Отворај ја устата своја за обесправениот, и за заштита на сираци. {31:9} Отворај ја устата своја и праведно суди, и заштитувај ги и сиромавиот и немоќниот. {31:10} Кој ќе најде жена добродетелна? Таа е поскапа и од најскапоцените камења. {31:11} Срцето на мажот нејзин е убедено во неа, тој нема да остане без добивка; {31:12} таа ќе му прави добро на мажот свој, во сите дни од животот негов. {31:13} Набавува волна и лен, и весело работи со рацете свои. {31:14} Таа е како трговски кораб, - оддалеку си донесува храна. {31:15} Таа станува уште преку ноќта и дава храна во куќата своја и им определува работа на слугинките свои. {31:16} Ќе помисли ли за нива, ја купува; од плодот на рацете свои си насадува лозје. {31:17} Ја препашува со сила половината своја и ги зајакнува рацете свои. {31:18} Таа гледа колку и напредува работата, и светилката нејзина не се гасне ноќе. {31:19} Ги протега рацете кон фурката, и прстите нејзини се фаќаат за вретеното. {31:20} Дланката своја му ја отвора на сиромав, и раката своја на оној, кој има нужда, му ја подава. {31:21} Не се плаши од студ за челадта своја, зашто сета челад нејзина е облечена во двојни алишта. {31:22} Таа си ткае покривачи: од висон и пурпур е нејзината облека. {31:23} Мажот нејзин е познат кај портите, кога седи со старешините на земјата. {31:24} Таа работи покривки и ги продава, и со појаси ги снабдува Хананците. {31:25} Здравје и убавина е нејзината облека, и весело гледа на иднината. {31:26} Со мудрост ја отвора устата своја, и кротка поука има на јазикот нејзин. {31:27} Го надгледува домаќинството свое и не јаде леб во леност. {31:28} Стануваат децата и ја благословуваат, - мажот, и тој ја фали: {31:29} „Многу жени добродетелни имало, многу од нив стекнале богатство и сила, но ти ги надмина сите.” {31:30} Миловидноста е примамлива и убавината - суетна; но жена, која се плаши од Господ, е достојна за пофалба. {31:31} Дајте и од плодовите на нејзините раце, и нека се прославува кај градските порти поради делата свои!