{1:1} Најубавата песна меѓу сите песни, напишана од Соломон. {1:2} Возљубената: Да, сакам да ме цели ваш со бакнежи на устата своја! Зашто твоите милувања се подобри од виното. {1:3} Од пријатниот мирис на твоите масла името ти е како разлеано миро; затоа те сакаат момите. {1:4} Поведи ме, да побрзаме; царот ме воведува во одаите свои, - ќе се восхитуваме и ќе се радуваме со тебе, ќе ги фалиме твоите милувања повеќе од вино. Навистина, заслужено те сакаат! {1:5} Ќерки ерусалимски, црна сум, но сепак сум убава како шаторите бедуински, како завесите на Соломон. {1:6} Не гледајте ме што сум црномурна, зашто сонцето ме подгорело: мајчините синови ми се налутија, ме поставија да ги чувам лозјата - но своето сопствено лозје не го зачував. {1:7} Кажи ми ти, кого го сака душата моја: каде го пасеш стадото, каде пладнуваш? Зошто да бидам како скитница крај стадата на твоите другари? {1:8} Хорот: Ако не го знаеш тоа, о, најубава меѓу жените, тогаш оди си по овците свои и паси ги јарињата покрај пастирските шатори. {1:9} Возљубениот: Ти си ми, драга моја, како кобилка во фараонова двоколка. {1:10} Прекрасни се твоите образи меѓу обетките, вратот твој - под ѓерданите; {1:11} Ќе ти направам златни обетки со сребрени пулејки. {1:12} Возљубената: Додека царот беше крај трпезата, парфемот од мојот нард го испушташе својот пријатен мирис. {1:13} Смирнова китка е мојот возљубен што стои меѓу градите мои. {1:14} Мојот возљубен е за мене како кипарисов грозд во лозјата на Ен–Геди. {1:15} Возљубениот: О, убава си, мила моја, убава си! Имаш очи гулабови. {1:16} Возљубената: О, убав си, мил мој, прекрасен си! Зеленилото е постела наша. {1:17} Возљубениот: Покривите на куќите ни се кедри, штиците наши - кипариси. {2:1} Возљубената: Јас сум цвет во рамнината шаронска, крин цвеќе во долина! {2:2} Возљубениот: Она што е кринот меѓу трњето, тоа е мојата возљубена меѓу момите. {2:3} Возљубената: Она што е јаболкницата меѓу шумските дрвја, тоа е мојот возљубен меѓу момците. Во сенката нејзина сакам да седам; плодовите нејзини се слатки за грлото мое. {2:4} Тој ме воведе во куќата за гозба, и знамето негово над мене беше љубов. {2:5} Поткрепете ме со слатки од грозје, освежете ме со јаболка, зашто сум болна од љубов. {2:6} Левата рака негова ми е под главата, а со десната ме прегрнува. {2:7} Возљубениот: Ве заколнувам ќерки ерусалимски, во срните и во полските кошути: немојте да ја разбудувате и да ја вознемирувате возљубената, додека сама не посака. {2:8} Возљубената: Гласот на мојот возљубен! Еве го: доаѓа, скока преку горите, прескокнува преку ридовите. {2:9} Мојот возљубен прилега на срна, на млад елен. Ете, стои зад ѕидот наш, погледнува низ прозорецот, ѕирка низ решетката. {2:10} Мојот возљубен се огласи и ми рече: „Стани, мила моја, убавице моја, дојди! {2:11} Еве, зимата веќе мина, дождот го снема, престана веќе, {2:12} цвеќиња се појавија по земјата; настана време за песни, и гласот на гугутката се слуша во земјата наша; {2:13} смоквите ги отворија пупките свои, и расцутените лози пријатно мирисаат. Стани, мила моја, убавице моја, и дојди! {2:14} Гулабице моја во карпест пролом, под камено засолниште, покажи ми го лицето свое, дај ми да го чујам гласот твој, зашто гласот ти е пријатен, и лицето ти е прекрасно. {2:15} Фатете ни ги лисиците, лисичињата, зашто и тие ги пустошат лозјата, а лозјата ни цутат.” {2:16} Мојот возљубен е мој, јас, пак, сум -негова; тој го пасе стадото меѓу кринови. {2:17} Во ладовините на вечерта кога сенките ги снемува, врати се, мил мој, и биди како срна или како млад елен, по планините разделени. {3:1} Ноќва во леглото мое го барав оној, кого го сака душата моја, го барав и не го најдов. {3:2} Затоа ќе станам, ќе тргнам по градот, по улиците и плоштадите, и ќе го барам оној, кого душата моја го сака. Го барав, но не го најдов. {3:3} Ме сретнаа стражарите, што го обиколуваат градот: „Дали го видовте - ги прашав - оној, кого душата моја го сака?” {3:4} Но, штом ги одминав, го најдов оној, што го сака душата моја, се фатив за него цврсто и не го пуштив, додека не го одведов во куќата на мојата мајка и во одајата на родителката своја. {3:5} Возљубениот: Ве заколнувам, ќерки ерусалимски, во срните и во полските кошути: немојте да ја вознемирувате возљубената, додека сама не посака. {3:6} Хорот: Која е таа, што се издига од пустината како столб од дим, што мириса на смирна и темјан, и на секакви пријатни мириси? {3:7} Еве ја носилката на Соломон: околу неа шеесет души јунаци, од јунаците Израелови. {3:8} Сите држат по еден меч и се вешти во борба; секој има меч на бедрото свое поради опасностите ноќни. {3:9} Носилка си направил царот Соломон од леванонски дрвја; {3:10} столбовите ги направил од сребро, оградите нејзини се од злато, седиштето - порфир; внатрешноста со љубов ја украсиле ќерките ерусалимски. {3:11} Излезете, ќерки сионски, и погледајте го царот Соломон со венецот, со кој го украсила мајка му во денот на свадбата негова, во радосниот ден за срцето негово. {4:1} Возљубениот: О, убава си, љубов моја, убава си! Очите твои се гулаби под твојот превез; косата ти е како стадо кози, кога слегуваат од гората Галаад; {4:2} забите твои - како стадо истрижени овци, кога излегуваат од капење, од кои секоја има по две јагниња, и без јагне нема ниедна; {4:3} усните твои се како алова панделка, а устата твоја е прекрасна; твоите образи под превезот твој се како половинки од калинка; {4:4} вратот ти е - како Давидовата кула, изградена за оружје: на неа висат илјадници штитови - сè штитови на јунаци; {4:5} двете твои гради се како близначиња од млада срна, кои пасат меѓу кринови. {4:6} Во ладовината на вечерта кога ќе одминат сенките, ќе одам на смирновата гора и на темјановиот рид. {4:7} Цела си убава, мила моја, нема ни дамка на тебе! {4:8} Слези со мене, невесто моја, симни се од планините на Ливан и дојди со мене; симни се од врвовите на Амана, Сенир и Хермон. Побегни од тие лавовски легала, од леопардовите гори! {4:9} Ти го освои срцето мое, сестричке, невесто, го плени срцето мое со еден поглед на очите свои и само со една од веришките на вратот свој. {4:10} О, колку е слатка љубовта твоја, сестричке, невесто! Послатка е љубовта твоја од вино, и пријатниот мирис од твоите масла е попријатен од сите ароми. {4:11} Од устата твоја капе восочен мед, невесто, мед и млеко под јазикот твој, и мирисот на облеката твоја е како мирис леванонски! {4:12} Затворена градина е мојата сестричка, невеста, извор затворен, кладенец запечатен; {4:13} твојот насад е градина од дрвја со вкусни плодови, кипар и нард, {4:14} нард и шафран, трска и цимет со секакви миризливи дрвја, смирна и алој со најубави ароми, {4:15} ти си градински извор, кладенец од жива вода, поток што тече од Ливан. {4:16} Возљубената: Подигни се, ветре, од север, повеј и ти, ветре, од југ и повеј над градината моја, за да прострујат аромите нејзини! Нека дојде мојот возљубен во градината своја и нека касне од слатките плодови нејзини. {5:1} Возљубениот: Дојдов во градината своја, сестричке, невесто, ја обрав смирната моја и мирисите мои, ги јадев медените питки со мојот мед, го пиев виното со моето млеко. Јадете, пријатели, пијте и наситете се, мили мои! {5:2} Возљубената: Спијам, но срцето мое е будно; ете го гласот на мојот возљубен, кој чука: Отвори ми сестро, мила моја, гулабице моја, совршена моја, зашто главата моја е целата со роса покриена, и косата моја - со ноќна влага. {5:3} Го соблеков хитонот свој, пак ли да го облекувам? Сум ги измила нозете свои, како да ги валкам? {5:4} Мојот возљубен ја протегна раката низ отворот, и срцето мое затрепери од него. {5:5} Станав да му отворам на мојот возљубен; од рацете ми капеше смирна, од прстите мои пријатен мирис на смирна врз дршката од клучалката. {5:6} Му отворив на мојот возљубен, а мојот возљубен си беше отишол. Душата ми премре, додека тој говореше; го барав, но не го најдов; го викав, но не ми се јавуваше. {5:7} Ме сретнаа стражарите, што го обиколуваа градот, ме натепаа, ме изнаранија; ми го симнаа превезот оние, што ги чуваа ѕидиштата. {5:8} Ве заколнувам, ќерки ерусалимски! Ако го сретнете мојот возљубен, кажете му дека изнемоштувам од љубов. {5:9} Хорот: Со што е твојот возљубен подобар од другите возљубени, о, најубава меѓу жените? Во што твојот возљубен е подобар од другите, па така нè заколнуваш? {5:10} Возљубената: Мојот возљубен е бел и румен, поубав од десет илјади други; {5:11} главата негова - чисто злато; кадрите негови - брановидни, црни како гавран; {5:12} очите негови - како гулаби крај водни потоци, што се капат во млеко, што стојат задоволни; {5:13} образите негови - ароматен цветник, леи со миризливи билки; усните негови - кринови од кои капе чиста смирна; {5:14} рацете негови - златни валци, опсипани со топази; стомакот негов - како сад од слонова коска, обложен со сафири; {5:15} нозете негови - мермерни столбови, поставени врз златни подлоги; изглед има како Ливан, величествен е како кедар; {5:16} устата негова е сладост, целиот е прекрасен. Ете, кој е мојот возљубен, и ете, кој е пријателот мој, ќерки ерусалимски. {6:1} Хорот: Каде отиде твојот возљубен, о, најубава меѓу жените? Каде отиде твојот возљубен? Ние ќе го побараме со тебе. {6:2} Возљубената: Мојот возљубен отиде во градината своја, во ароматните цветници, за да пасе во градината и да бере кринови. {6:3} Јас му припаѓам на мојот возљубен, а мојот возљубен мене; тој пасе меѓу криновите. {6:4} Возљубениот: Убава си, мила моја, како Тирца, привлечна како Ерусалим, страшна како војска со знамиња. {6:5} Тргни ги очите од мене, зашто ме збунуваат. Косата ти е како стадо кози, кога слегуваат од Галаад; {6:6} забите ти се како стадо овци, кога излегуваат од капење, од кои секоја е со по две јагниња, и јалова меѓу нив нема, {6:7} твоите образи под превезот твој се како две половинки од калинка. {6:8} Има шеесет царици, осумдесет наложници и безброј девојки, {6:9} но единствена е таа, гулабицата моја, совршената моја; единствена е таа на мајка си, избрана кај родителката своја. Ја видоа девојките, и ја возвеличија, ја видоа цариците и наложниците, и ја пофалија. {6:10} Хорот: „Која е таа, што болска како зора, убава како месечина, светла како сонце, страшна како војска со знамиња?” {6:11} Слегов во ореовата градина да погледнам зелена долина, да видам дали се развила лозата, дали процутеле калинките. {6:12} Веќе не се препознавам самата себеси; по тебе памет губам, јас, девојката од благороден сој. {6:13} Хорот: Сврти се, сврти се Суламитко, сврти се, сврти се, да те погледаме! Возљубениот: Зошто сакате да ја гледате Суламитката, како на оро манаимско? {7:1} Хорот: О, колку се убави нозете твои во сандали, ќерко знаменита! Облите колкови твои се како прстени, направени од рацете на вешт уметник, {7:2} папокот ти е како чаша тркалезна, никогаш без арома; утробата твоја - купа пченица, опкружена со кринови; {7:3} двете твои гради - како две јаренца, како близначиња на срна. {7:4} Вратот твој - како столб од слонова коска; очите твои - хешбонски езерца кај Бат–Рабимските порти; носот твој -леванонска кула, свртена кон Дамаск; {7:5} главата твоја на тебе - како Кармел; а косата на главата твоја - како пурпур; и царот се заплетка во нејзините плетенки. {7:6} Возљубениот: О, колку си убава, о, колку си заносна, возљубена моја, со твојата убавина! {7:7} Таа твоја снага прилега на палма, а твоите гради - на гроздови. {7:8} Си помислив: да се качев на палма, би се фатил за ветките нејзини; и твоите гради би биле место гроздови, и мирисот од твоите ноздри - како мирис на јаболко; {7:9} устата твоја е како најдобро вино. Возљубената: Тоа тече право кон возљубениот мој, и тече нечујно преку усните кои спијат. {7:10} Јас припаѓам на возљубениот мој, и тој копнее по мене. {7:11} Дојди, мил мој, да излеземе во полето, да ноќеваме во селските колиби; {7:12} утре рано ќе појдеме во лозјата, да видиме дали потерала лозата, дали се отвориле пупките, процутеле ли калинките; таму ќе те опсипам со милувања. {7:13} Мандрагорите веќе шират пријатен мирис, и до вратата наша има секакви најубави плодови, нови и стари; кои ги зачував за тебе, мил мој! {8:1} О, да ми беше брат мој, да беше хранет од градите на мајка ми! Тогаш, кога ќе те сретнев на улица, ќе сакав да те бакнам, и немаше да ме осудуваат. {8:2} Ќе те поведев и доведев во куќата на мајка ми. Ти ќе ме учеше, а јас, пак, ќе те поев со ароматно вино, со сок од моите калинки. {8:3} Левата рака негова е под главата моја, а со десната ме прегрнува. {8:4} Возљубениот: Ве заколнувам, ќерки ерусалимски, немојте да ја разбудувате и немојте да ја вознемирувате возљубената, сè додека сама не посака! {8:5} Хорот: Која е таа, што доаѓа од пустината, потпирајќи се на својот возљубен? Возљубената: Те разбудив јас под јаболкницата: таму те родила мајка ти, таму те добила твојата родителка. {8:6} Положи ме како печат на срцето свое, како прстен на раката своја, зашто љубовта е силна како смрт; љубомората - лута како пекол; стрелите нејзини се стрели огнени; огнен жар на нејзиниот пламен. {8:7} Големата вода не може да ја угасне љубовта, и реки нема да ја потопат. Ако некој го дадеше сето богатство на својот дом за љубов, тој би бил отфрлен со презир. {8:8} Хорот: Имаме сестра, која е уште мала: уште нема гради; што ќе правиме со сестрата наша, ако дојдат по неа сватови? {8:9} Да беше карпа, ќе изградевме врз неа и дворци од сребро; да беше врата, ќе ја обложевме со кедрови штици. {8:10} Возљубената: Јас сум тврдина, а градите мои се кули; затоа во очите негови јас станав како онаа што нашла мир. {8:11} Хорот: Соломон имаше лозје во Ваал-Хамон; тој им го предаде тоа лозје на чувари; секој беше должен да даде за плодовите негови по илјада парчиња сребро. {8:12} Возљубената: А моето лозје си е кај мене. Илјадата нека се за тебе, Соломоне, а двесте - за чуварите на плодовите негови. {8:13} Возљубениот: Жителко на градините, другарите го слушаат гласот твој. Дај и јас да го послушам. {8:14} Возљубената: Побрзај мил мој, и биди како срна и како еленче по гори мирисни!