{1:1} Како остана пуст градот, некогаш полн со народ! Стана како вдовица; некогаш голем меѓу народите; кнезот над областите сега плаќа данок. {1:2} Горко плаче ноќе, а солзите му паѓаат по образите. Од сите оние што го сакаа, сега нема никој да го утеши; сите негови пријатели го изневерија и му станаа непријатели. {1:3} Поради беда и ропство Јуда се пресели; се насели меѓу незнабошци, и не најде спокој; сите што го гонеа, го притеснија. {1:4} Патиштата на Сион тагуваат, зашто нема кој да оди на празник; сите негови порти запустеа; свештениците воздивнуваат, момите негови се нажалени, а и самиот е во тага! {1:5} Непријателите негови станаа господари; на противниците негови им е добро, бидејќи Господ испрати врз него страдања поради неговите бројни беззаконија; децата негови отидоа во ропство пред непријателот. {1:6} И отиде од ќерката Сионова сета нејзина слава; кнезовите нејзини се како елени, што не наоѓаат пасиште; обессилени, тие бегаат пред терачот. {1:7} Се присетува Ерусалим во деновите на својата беда и на своите страдања за сите свои убавини, што ги имаше во поранешните дни, а сега, пак, народот падна од непријателска рака, и нема кој да му помогне; непријателите гледаат на него и се смеат на неговата пропаст. {1:8} Тешко згреши Ерусалим, па затоа и стана одвратен; сите што го почитуваа, сега го гледаат со презир, зашто ја видоа голотијата негова; и тој самиот воздивнува и го крие своето лице. {1:9} Нечистотија имаше по полите негови, но тој не помислуваше за својата иднина, па поради тоа многу се понизи и падна, и нема сега кој да го утеши. „Погледај, Господи, на мојата мака, зашто непријателот се возгордеа!” {1:10} Непријателот посегна по сè што му беше најдраго; и тој гледа како незнабошците влегуваат во неговото светилиште, оние, за кои си заповедал да не влегуваат во Твојот храм. {1:11} Сиот негов народ воздивнува, барајќи леб, ги дава своите скапоцени работи за храна - душата да ја поткрепи. „Погледај, Господи, и види колку сум презрен!” {1:12} Нека не ве снајде ова сите вас, кои врвите по патот. Погледајте и видете -има ли болка каква што е мојата болка, која ме постигна, каква што Господ ја испрати врз мене во денот на Својот пламенен гнев? {1:13} Тој испрати оган одозгора во коските мои, и огнот ги опфати; распосла мрежа за нозете мои, ме кутна ничкум, ме остави да тагувам секој ден. {1:14} Јаремот на беззаконијата мои го стегна со раката Своја; околу вратот ми ги обеси; силата ми ја одзеде; Господ ме предаде во раце, од кои не можам да се заштитам. {1:15} Сите јунаци од мојата средина Господ ги собори; свика против мене мнозина за да ги истреби младинците мои, како во каца ја изгази Господ девојката, ќерката Јудина. {1:16} Заради тоа јас плачам: окото мое, окото мое солзи лие, зашто далеку е од мене утешителот, кој би ја оживеал душата моја; синовите мои пропаднаа, бидејќи непријателот ги надвладеа. {1:17} Сион ги протега рацете, но за него нема утешител. Господ заповеда непријатели да го опколат Јакова; Ерусалим стана нечистотија меѓу нив. {1:18} Праведен е Господ, зашто не му се покорував на словото Негово. Чујте, сите народи, и погледнете ја мојата болка; момите мои и момчињата мои отидоа во ропство. {1:19} Ги повикувам пријателите свои, но тие ме измамија; свештениците мои и старешините мои умираат во градот, барајќи храна за да ја поткрепат душата своја. {1:20} Погледај, Господи, во каква мака сум, утробата моја трепери, срцето ми се превртува, бидејќи жестоко се противев на Тебе; однадвор меч ми ги покоси децата, а дома - смрт. {1:21} Слушаат како офкам, а утешител немам; за мојата неволја чуја сите мои непријатели и се зарадуваа, бидејќи Ти го направи тоа; о, да беше му заповедал на претскажаниот ден да дојде, па и тие да станат како мене! {1:22} Нека се појави пред Тебе сета злоба нивна; и постапи со нив како што постапи со мене за сите мои гревови, зашто тешки се офкањата мои, и срцето мое е натажено. {2:1} Како ја помрачи Господ во гневот Свој ќерката Сионова! Од небесата ја симна славата Израелова и не се потсети за подножјето на нозете Свои во денот на Својот гнев. {2:2} Господ ги сотре сите живеалишта на Јаков, не ги поштеди; ги разруши во јароста Своја сите тврдини на ќерката Јудина, ги кутна на земја, ги отфрли царството негово и кнезовите негови, како нечисти. {2:3} Во жестокиот гнев Свој ги скрши сите рогови Израелови, ја повлече десницата Своја од непријателот и се разгори против Јаков како огнен пламен, кој проголтува сè наоколу; {2:4} го затегна лакот Свој како непријател, ја управи десницата Своја како непријател и уби сè што е мило за очите; врз скинијата на ќерката Сионова ја излеа како оган јароста Своја. {2:5} Господ стана како непријател, го истреби Израел, ги разори сите домови негови, ги разруши тврдините негови и умножи при ќерката Јудина тага и плач. {2:6} И ја сруши скинијата Своја како градина; го разори местото Свое во собранието, Господ направи на Сион да се забораваат празниците и саботите; и во Своето гневно негодување отфрли и цар и свештеник. {2:7} Го отфрли Господ жртвеникот Свој, го одврати срцето Свое од светилиштето Свое, ги предаде на непријателите ѕидовите на дворците нивни; во домот Господов тие се развикаа како во празничен ден. {2:8} Господ реши да ги разруши ѕидовите на ќерката Сионова, оптегна јаже, не ја одврати раката Своја од разрушувањето; ги сосипа надворешните тврдини, и ѕидовите беа заедно со нив разрушени. {2:9} Портите нејзини во земја потонаа; Тој ги искрши и ги уништи резињата нивни; царот нејзин и кнезовите нејзини се меѓу незнабошците; Законот веќе не се чита, и пророците нејзини веќе не се удостојуваат со виденија од Господ. {2:10} Старешините на ќерката Сионова седат на гола земја и молчат, си ги посипуваат со пепел главите свои, се препашуваат со вреќиште; ги наведнале главите кон земјата девојките ерусалимски. {2:11} Ми отекоа од солзи очите мои, утробата ми се превртува, срцето ми се кине, зашто гине ќерката на мојот народ, кога децата и доенчињата умираат од глад по плоштадите на Ерусалим. {2:12} Умирајќи како ранети по градските улици, тие им велат на мајките свои: „Каде има жито и вино?” и ги испуштаат душите свои во мајчините прегратки. {2:13} Што да ти кажам и со што да те споредам, ќерко ерусалимска? Што да ти направам, за да те утешам, девојко, ќерко Сионова? Зашто раната твоја е како море голема; кој може да те исцели? {2:14} Пророците твои ти кажуваат работи неостварливи и лажни, не го откриваа твоето беззаконие, за да те одвратат од твоето ропство, и искажуваа лажни откровенија, кои те доведоа до прогонство. {2:15} Раце плескаат за тебе сите што минуваат по пат, си потсвирнуваат и си ги нишаат главите за ќерката ерусалимска, па велат: „Ова е градот, што го нарекуваа совршенство на убавината, радост на целата земја?” {2:16} Ги отвориле устите на тебе сите непријатели твои, си потсвирнуваат и си крцкаат со забите свои, велејќи: „Го проголтавме, та само овој ден и го чекавме ние, го дочекавме и го видовме!” {2:17} Господ го изврши она, што беше определил, го исполни зборот Свој, изречен во поранешните времиња, безмилосно го разори и го предаде на непријателот, кој ликува над тебе, го крена високо рогот на твоите непријатели. {2:18} Срцето нивно повикува кон Господ. Карпо на ќерката Сионова! Леј солзи дење и ноќе, не давај си мир, не затворај ги зениците на очите свои! {2:19} Станувај, викај ноќе при почетокот на секоја стража; излевај го како вода срцето свое пред лицето на Господ; протегај ги кон Него рацете свои за душата на децата свои, кои умираат од глад по аглите на сите улици. {2:20} „Погледај, Господи, и види: кому си му направил вака - жените да го јадат плодот свој - децата, од нив отхранети? Во светилиштето Господово да биваат убивани свештеник и пророк? {2:21} Децата и старците лежат мртви по улиците; момите и момците мои паднаа од меч; Ти ги убиваше во денот на Твојот гнев, колеше безмилосно.” {2:22} Како на празник ги повика сите мои ужаси, и во денот на гневот Господов никој не се спаси, никој не побегна; оние, што бев ги отхранила и одгледала, непријателот ми ги истреби. {3:1} Јас сум човек, кој видов мака од палката на Неговиот гнев; {3:2} Тој ме поведе и воведе во темнина, а не во светлина. {3:3} Тој се сврте само против мене и цел ден ме биеше со раката Своја; {3:4} го исцеди телото мое и кожата моја, ги здроби коските мои; {3:5} ме загради и ме опколи со горчила и маки; {3:6} ме постави во темно место, како одамна умрените; {3:7} ме огради со ѕид, да не можам да излезам, ми направи тешки вериги; {3:8} и, кога викав и пискав, ја одбиваше молитвата моја; {3:9} со камења ги прегради патиштата мои, ги попречи патеките мои. {3:10} Тој стана за мене како мечка во заседа, како лав на скришно место; {3:11} ме истера по беспаќа и ме раскина, ме уништи; {3:12} го затегна лакот Свој и ме постави како цел за стрела; {3:13} ги прострела бубрезите мои со стрели од торбата Своја. {3:14} Станав потсмев за сиот народ мој, негова секојдневна шега. {3:15} Ме презасити со горчила, со пелин ме напои; {3:16} со камен ми ги скрши забите мои, со пепел ме покри. {3:17} Избега мирот од душата моја; заборавив за добри работи {3:18} и реков: дотраја животот мој и надежта моја од Господ. {3:19} Помисли на моето страдање и на мојата мака, за пелинот и за жолчката. {3:20} Душата моја постојано се сеќава на тоа и премалува во мене. {3:21} Еве што му одговорив на срцето мое и поради тоа имам надеж: {3:22} по милоста на Господ не загинавме наполно, бидејќи милосрдието Негово не е пресекнато; {3:23} тоа се обновува секое утро; верноста Негова е голема! {3:24} Господ е дел мој, ми вели душата, па така на Него ќе се надевам. {3:25} Добар е Господ кон оние, кои се надеваат на Него, кон душата, која Го бара. {3:26} Добро му е на оној, кој трпеливо го очекува спасението од Господ. {3:27} Добро е за човекот да го носи јаремот свој во младоста своја. {3:28} Сам ќе седи и ќе молчи, бидејќи Господ го ставил бремето врз него. {3:29} Нека ја допре устата своја до земјата, можеби уште има надеж. {3:30} Го подава образот свој на оној, кој бие, да трпи навреди до презаситување, {3:31} бидејќи Господ не отфрла за навек. {3:32} Пратил ли неволја, Тој и ќе се смилува според Својата голема милост. {3:33} Зашто Тој не по волјата на Своето срце ги казнува и ги ожалостува синовите човечки. {3:34} Но, кога ги газат со нозете сите затвореници на земјата, {3:35} кога неправедно осудуваат човек пред лицето на Севишниот, {3:36} кога му се нанесува неправда на човекот во неговиот спор: зар Господ не гледа? {3:37} Кој вели - „Бива и она што Господ не заповедал да биде?” {3:38} Зар не доаѓаат и злото и доброто од устата на Господ {3:39} На што се жалат живите луѓе? Секој за гревовите свои? {3:40} Да ги испитаме и да ги истражиме патиштата свои и да се вратиме кај Господ. {3:41} Нека го подигнеме срцето свое и рацете свои кон Бога, Кој е на небесата. {3:42} Ние згрешивме и се противевме, Ти не нè поштеди. {3:43} Ти се облече со гнев и нè прогони, нè умртвуваше, и не нè жалеше; {3:44} Ти се сокри во облак, за да не продре молитвата наша; {3:45} смет и гнасотија нè направи меѓу народите. {3:46} Широко ги отворија устите против нас сите наши непријатели. {3:47} Ужас и јама, пустош и разорение -тоа е делот наш. {3:48} Потоци солзи лее окото мое за погибелта на ќерката од мојот народ. {3:49} Окото ми се прелива и не престанува, бидејќи нема одмор {3:50} сè додека Господ не погледне милостиво и види од небесата. {3:51} Окото мое е причина да страда душата моја заради сите ќерки на мојот град. {3:52} Постојано се силат непријателите мои да ме уловат како птичка, без никаква причина. {3:53} Го фрлија во јама животот мој и ме засипаа со камења. {3:54} Водата се подигна над главата моја; па си реков - „Загинав.” {3:55} Го повикав името Твое, Господи, од длабоката јама. {3:56} Ти го чу гласот мој; не затнувај го увото Свое за мојата воздишка и за мојот плач! {3:57} Ти се приближуваше, кога ќе повикав кон Тебе, и велеше - не плаши се! {3:58} Ти го заштитуваше, Господи, делото на мојата душа; го избавуваше мојот живот. {3:59} Ти гледаш како ме угнетуваат, Господи; пресуди го делото мое. {3:60} Ти ја гледаш сета одмазда нивна, сите намери нивни против мене. {3:61} Ти ги слушаш, Господи, навредите нивни, сите намери нивни против мене, {3:62} зборовите на оние, што стануваат против мене, и лукавствата нивни против мене секој ден. {3:63} Погледај, седнат ли, станат ли, јас сум подбивна песна за нив. {3:64} Казни ги, Господи, според делата на рацете нивни; {3:65} прати им закоравеност на срцето нивно и проклетсвото Твое врз нив; {3:66} гони ги, Господи, со гнев и истреби ги од поднебјето! {4:1} Како потемне златото, како се измени најчистото злато! Камењата од светилиштето се расфрлени по сите крстопати. {4:2} Синовите на Сион, некогаш ценети како најчисто злато, а сега ги ценат како земјани садови, дела на грнчарски раце! {4:3} Дури и ѕверовите подаваат града и ги хранат рожбите свои, а ќерката на мојот народ стана жестока како ној во пустина; {4:4} јазикот на доенчето се прилепува до непцето поради жед; децата бараат леб, но никој не им подава. {4:5} Оние, што јадеа слатки, гинат по улиците; одгледаните во пурпур, се валкаат во смет. {4:6} Казната за бесчестието на ќерката на мојот народ ја надминува казната на Содом; тој беше срамнет за миг, и раце човечки не се допреа до него. {4:7} Кнезовите и беа почисти од снег, побели од млеко; тие беа телесно поубави од корал, изгледот им беше како сафир; {4:8} а сега лицето им е потемно од сè што е црно; не ги познаваат ни улиците; кожата им се прилепила за коските, па станала сува како дрво. {4:9} Убиените со меч минаа подобро од оние, што глад ги убива, зашто тие бавно умираат поради недостиг од полски плодови. {4:10} Дури и жалостивите жени ги вареа со рацете децата свои, за да им бидат храна, кога гинеше ќерката на мојот народ. {4:11} Господ го излеваше Својот гнев, ја излеа јароста од гневот Свој, и на Сион запали оган, кој ги проголта основите негови. {4:12} Царевите земни и сите жители по вселената не веруваа дека противникот и непријателот влегол во портите ерусалимски. {4:13} Сето тоа е поради гревовите на лажните пророци, поради беззаконијата на свештениците негови, кои меѓу него пролеваа крв на праведници; {4:14} скитаа по улиците како слепи, се осквернуваа со крв, така што не беше можно човек да се допре до одеждите нивни. {4:15} „Отстранете се, нечисти!” им викаа: „Отстранете се, отстранете се, не допирајте се!” и тие се отстрануваа посрамени; талкаа од народ до народ, но никој не ги прифаќаше. {4:16} Лицето на Господ ги расеа; Тој нема веќе милостиво да ги погледне, бидејќи не го почитуваа лицето на свештениците, кон старците милост немаат. {4:17} Очите ни се веќе истрошени, очекувајќи залудо помош; од нашата стражарска кула чекавме народ, кој не можеше да нè спаси. {4:18} А тие демнеа на стапките наши, за да не можеме да одиме по улиците наши; нашиот крај наближува, деновите наши се исполнија; крајот ни дојде. {4:19} Оние, што нè гонеа, беа побрзи од орлите небески; по горите нè гонеа, ни поставуваа заседи по пустините. {4:20} Духот на нашиот живот, помазаникот Господов, уловен е во нивните јами; оној, за кого велевме: „ Под сенката Негова ќе живееме меѓу народите.” {4:21} Радувај се и весели се, ќерко Едомова, жителко на земјата Уц! И до тебе ќе дојде чашата: ќе се опиеш и ќе се разголиш. {4:22} Ќерко Сионова, казната за твоето беззаконие се сврши; Тој нема повеќе да те гони; но беззаконието твое, ќерко Едомова, Тој ќе го казни и ќе ти ги разоткрие гревовите твои. {5:1} Спомни си, Господи, што нè снајде; милостиво погледај и види го срамот наш! {5:2} Наследството наше мина на туѓинци, куќите наши - на луѓе од други племиња; {5:3} останавме сираци, без татко; мајките наши се како вдовици. {5:4} Водата своја ја плаќаме за сребро, дрвата наши ги купуваме со пари. {5:5} На вратот имаме јарем, и нè гонат; исцрпени сме и не ни даваат да здивнеме. {5:6} Протегаме рака кон Египќаните и кон Асирците, за да се нахраниме со леб. {5:7} Татковците наши грешеа: нив ги нема веќе, а ние трпиме казна за нивното беззаконие. {5:8} Робовите ни се господари, а нема кој да нè избави од рацете нивни. {5:9} Храната си ја набавуваме со страв -пред мечот во пустината. {5:10} Од лут глад, кожата ни поцрнела како печка. {5:11} Жените ни ги бесчестат на Сион, девојките - во градовите јудејски. {5:12} Кнезовите ги изобесија со свои раце, лицата на старците не ги почитуваа. {5:13} Момците носеа воденички камења, а децата паѓаа под товари дрва. {5:14} Старците веќе не седат пред портите; момците не пеат. {5:15} Се сврши радоста на срцето наше; нашите ора се претворија во тага. {5:16} Падна венецот од нашата глава; тешко нам, што згрешивме! {5:17} Поради тоа и боледува срцето наше; поради тоа и потемнеа очите наши. {5:18} Бидејќи запусте гората Сион, лисици одат по неа. {5:19} Ти, Господи, остануваш вечно; престолот Твој е од род во род. {5:20} Зошто наполно нè забораваш, нè оставаш долго време? {5:21} Врати нè кон Себе, Господи, и ние ќе се вратиме; обнови ги деновите наши како во старо време. {5:22} Зар наполно си нè отфрлил, зар без мерка си се разгневил на нас?