{1:1} Слово Господово, упатено до Михеј од Морешет, во деновите на Јотам, Ахаз и Езекија, цареви јудејски, со кое му беше откриено за Самарија и за Ерусалим. {1:2} Чујте, сите народи, внимавај, земјо, и сè што те исполнува! Сведок нека е против вас Господ Бог, Господ од Својот свет храм! {1:3} Зашто Господ, ете, излегува од Своето место, ќе слезе и ќе оди по земните височини, {1:4} и планините ќе се топат под Него, долините ќе се растопат како восок од оган, како водата што се излева низ стрмнини. {1:5} И сето тоа ќе стане поради престапите на Јаков, поради гревот на Израеловиот дом. Кој му е гревот на Јаков? Нели е тоа Самарија? Кои и се идолските светилишта на Јудеја? Нели е тоа Ерусалим? {1:6} Затоа од Самарија ќе направам купишта урнатини во полето, место за садење лози; ќе ги сринам камењата нејзини во долина и ќе и ги разголам основите. {1:7} И сите нејзини резани ликови ќе се строшат и сите нивни дарови од блуд - со оган ќе бидат изгорени: сите идоли ќе ги разурнам; со дарови од блуд ги правела, и пак ќе бидат дарови од блуд. {1:8} Поради тоа ќе заплачам и ќе заридам, ќе одам бос и гол, ќе вијам како чакал, ќе врискам како ној; {1:9} зашто нема лек за нејзината рана, тоа дојде до Јудеја, а стигна дури и до портите на Мојот народ - сè до Ерусалим. {1:10} Не разгласувајте го ова во Гет, не плачете таму гласно, а во Бет–Лијафра посипете се со пепел. {1:11} Исели се, жителко шафирска, срамно разголена; нема да се спаси ни жителката хананска, до темел е разурнат Бет–Ецел, искорнат е од своите цврсти основи. {1:12} Жителката на Марот е желна за добро, а ете, зло дојде од Господ, слезе до портите ерусалимски. {1:13} Впрегни брзи коњи во колата, жителко лахишка, тоа беше почеток на гревот од ќерката Сионска, зашто во тебе се појавија престапите на Израел. {1:14} Затоа ти ќе се збогуваш со дарови од Морешет–Гат; куќите ахзивски ќе бидат измама за царевите израелски. {1:15} Ќе доведам и освојувач против тебе, жителко; и тој ќе дојде дури до Адулам, славата на Израел. {1:16} Куби ја косата своја, истрижи се -од жал за своите сакани деца: разголи ја ќелавоста своја за нив како гологлав орел зашто тие ќе бидат одведени од тебе во ропство. {2:1} Тешко им на оние што кројат беззаконија и на леглата свои измислуваат зли дела, и ги извршуваат штом ќе се зазори, зашто силата е во нивни раце! {2:2} Посакаат ли ниви - ги заземаат насила, куќи - и ги одземаат; и човекот го угнетуваат, и куќата негова, стопанот и наследството негово. {2:3} Затоа вака вели Господ: „Еве Јас смислувам зло против тој род од кое не ќе можете да го извлечете вратот свој, па затоа и нема да одите исправени; зашто тоа време ќе биде лошо. {2:4} Во она време ќе се зборува за вас, ќе плачат многу и ќе велат: наполно сме разорени; делот од мојот народ е даден на друг; како да ми се врати? Нивите наши им се веќе раздадени на освојувачите.” {2:5} Затоа не ќе имаш никого што ќе фрли ждрепка во собранието пред Господ. {2:6} Не пророкувајте - велат тие - не пророкувајте дека ќе нè постигне зло. {2:7} О, ти, што се нарекуваш Јаковов дом! Зар Господ ја загубил трпеливоста? Зборовите Мои зар не се благотворни за оној, кој постапува справедливо? {2:8} Но вие се кревате против Мојот народ како непријатели и вие им ја грабате не само горната туку и долната облека на мирните луѓе, што и не помислуваат на војна. {2:9} Жените на Мојот народ ги истерувате од нивните мили домови; а од децата нивни ја одземате славата Моја. {2:10} Станете и одете си, зашто тој крај не е земја за почивка; поради нечистотија таа ќе биде разорена - и тоа со голема погибел. {2:11} Ако некој ветрогон измислува лага и вели: „Ќе ти проповедам за вино и за пиење”, тој би бил добар за пророк на овој народ! {2:12} Навистина ќе те соберам сиот, Јакове, навистина ќе ги соберам остатоците Израелови; ќе ги соберам во едно како овците во трло, како стадо овци на пасиште - ќе изобилува со луѓе! {2:13} Пред нив ќе тргне уривач на ѕидови; тие ќе ги разбијат преградите, ќе влезат низ портите и ќе излезат низ нив, и царот нивни ќе тргне пред нив, и Господ - ќе биде на чело. {3:1} Потоа реков - чујте, поглавари Јаковови и кнезови на домот Израелов: зар вие не знаете што е право? {3:2} А вие го мразите доброто и го сакате злото, ја дерете од нив кожата, и месото од коските нивни; {3:3} јадете од телото на Мојот народ и ја дерете кожата нивна, а коските нивни ги кршите како за во сад, и месото нивно го дробите како за во котел. {3:4} И тие ќе викаат кон Господ, но Тој нема да ги чуе и ќе го сокрие лицето Свое од нив во тоа време, поради нивните злодела. {3:5} Така вели Господ против пророците, кои го воведуваат во заблуда Мојот народ, кои кога имаат храна во устата проповедаат мир, а ако никој не им стави во уста ништо, против него објавуваат војна. {3:6} Затоа, место виденија, вие ќе гледате ноќ, место пророштво - темнина; и сонцето ќе зајде над тие пророци и денот ќе потемнее над нив. {3:7} Ќе се засрамат јасновидците, ќе бидат посрамени гледачите, и сите ќе ја затворат устата своја, зашто нема да добијат одговор од Бога. {3:8} Но јас сум исполнет со силата на Духот Господов, со правда и цврстина, за да му ги кажам на Јаков престапите и на Израел - гревот негов. {3:9} Чујте ме сега, поглавари на домот Јаковов, и кнезови на домот Израелов, вие, кои се гнасите од правдата и што искривувате сè што е право. {3:10} Вие, кои го градите Сион со крв и Ерусалим со неправда. {3:11} Поглаварите негови судат со поткуп, свештениците учат за да заработат, а пророците пророкуваат за пари, и сепак се повикуваат на Господ, велејќи: „Нели е Господ меѓу нас; затоа зло нема да нè постигне.” {3:12} Затоа поради вас Сион ќе биде разорен како нива, а Ерусалим ќе стане купиште од урнатини, и планината на тој дом ќе зарасне во шума. {4:1} И, ете, во последните дни планината на Господовиот дом ќе биде поставена на чело над сите планини, и ќе се издигне над ридовите, и ќе поитаат кон неа народите. {4:2} И ќе тргнат многу народи, и ќе речат: „Дојдете да се искачиме на гората Господова и да влеземе во домот на Јаков - и Тој ќе нè научи на Своите свети патишта, и ќе одиме по патеките Негови; зашто од Сион ќе излезе Законот, и од Ерусалим - словото Господово. {4:3} Тој ќе управува со многу народи и ќе пресудува меѓу многу племиња во далечни краишта; па ќе ги прековаат мечевите свои во плугови и копјата свои - во српови; и народ против народ нема да крене веќе меч, и нема веќе да се учат да војуваат; {4:4} секој ќе седи спокојно под лозата своја и под смоквата своја, и никој нема да се плаши, зашто устата на Господ Саваот го изрекла тоа. {4:5} Зашто сите народи одат, секој во името на својот бог, а ние ќе одиме во името на Господ, нашиот Бог, секогаш и довека.” {4:6} Во оној ден, вели Господ, ќе соберам сè што е куцо, и ќе соединам што е разгонето, и оние, врз кои сум допуштил неволја. {4:7} И ќе направам од остатокот на куците и прснатите по светот силен народ, и Господ ќе царува над нив на гората Сион од сега па довека. {4:8} А ти, куло на стадото, риду на Сионовата ќерка, кај тебе ќе дојде и ќе се врати поранешното владение, царството - кај ќерките ерусалимски. {4:9} А зошто ти сега така гласно плачеш? Зар немаш цар или ти недостига советник, па те обзеле маки како кај родилка? {4:10} Страдај и мачи се од болки, ќерко Сионова, како родилка, зашто сега ќе излезеш од градот, ќе живееш во полето и ќе стигнеш во Вавилон. Таму ќе бидеш избавена, таму ќе те откупи Господ од рацете на непријателите твои. {4:11} А сега се собрани многу народи против тебе и велат: „Нека биде осквернета и очите наши да се нагледаат на Сион!” {4:12} Но тие не ги знаат замислите на Господ и не ги разбираат намерите Негови - дека Тој ги собрал како снопје на гумно. {4:13} Стани и удирај, ќерко Сионова, зашто Јас ќе го направам рогот твој железен и копитата твои бакарни; ќе прегазиш многу народи, и нивните трудови и богатства ќе ги посветиш на Господ - Владетелот над целата земја. {5:1} Но сега сме со ѕидини опколени и пак сме опседнати, со прат го бијат по образите судијата на Израел. {5:2} Но ти, Витлееме Ефратов, иако си најмал меѓу илјадниците Јудејци, од тебе ќе ни излезе Оној, Кој ќе владее во Израел и чие потекло е од почетокот, од вечноста. {5:3} Затоа Тој ќе ги остави до времето додека роди онаа, која треба да роди; тогаш кај синовите Израелови ќе се вратат и нивните други браќа. {5:4} Ќе застане Тој и ќе ги пасе со силата на Господ, со величието на името Господово, својот Бог и тие ќе живеат во мир, зашто тогаш Тој ќе биде велик до краиштата на земјата. {5:5} И Тој ќе биде мирот. Кога ќе дојде Ашур во нашата земја и ќе стапи во нашето владение, тогаш ние против него ќе поставиме седум пастири и осум народни кнезови. {5:6} Тогаш тие ќе ја завладеат земјата Ашурова со меч, и земјата на Нимрод со сабја, и Тој ќе нè избави од Ашур, ако дојдат во нашата земја и влезат во пределите наши. {5:7} А остатокот од Јаков меѓу многуте народи ќе биде како роса од Господ, како ситен дожд по трева. Тој нема да зависи од човек и нема да се потпира на смртници. {5:8} И остатокот на Јаков ќе биде меѓу народите, меѓу многу племиња, како лав меѓу горски ѕверови, како лавче меѓу овчо стадо; и кога ќе се појави, ќе гази и ќе растргнува и никој не ќе може да се спаси од него. {5:9} Тогаш ќе се крене раката Твоја над непријателите Твои и тие ќе бидат истребени. {5:10} И во оној ден, вели Господ, ќе ги истребам коњите твои пред тебе и ќе ги уништам колите твои; {5:11} и ќе ги сотрам градовите во твојата земја и ќе ги растурам сите тврдини твои; {5:12} ќе ги истргнам магиите од рацете твои и кај тебе не ќе има веќе вражачи; {5:13} ќе ги уништам идолите и резаните ликови кај тебе и нема веќе да се поклонуваш на творби од рацете твои; {5:14} и ќе ги искоренам од твојата средина идолските светилишта и ќе ги разорам градовите твои. {5:15} Во гнев и со јарост ќе се одмаздам над народите што беа непослушни. {6:1} Слушајте што вели Господ: „Стани и суди се пред горите, ридовите да го чујат гласот твој!” {6:2} Чујте го, гори, судот Господов, и вие, цврсти основи на земјата, зашто Господ му суди на Својот народ, се тужи со Израел. {6:3} „Народе Мој, што ти направив и со што ти дотегнав? Одговори Ми. {6:4} Јас те изведов од египетската земја, те ослободив од куќата на ропството и ги водев пред тебе Мојсеј, Арон и Мирјам. {6:5} Народе Мој, сети се што кроеше Валак, царот моавски, и што му одговори Валаам, синот Беоров и што стана од Ситим до Гилгал - за да ги познаеш праведните дела на Господ.” {6:6} „Со што да застанам пред Господ, да се поклонам пред небесниот Бог? Да застанам ли пред Него со сепаленици, со едногодишни телци? {6:7} Но може ли да Му се угоди на Господ со илјадници овни или неизмерни потоци масло? Дали да Му го дадам мојот првороден син за престапите свои и плодот на утробата своја - за гревовите на душата своја?” {6:8} О, човеку, речено ти е што е добро, и што бара од тебе Господ; да работиш праведно, да сакаш милосрдни дела и понизно да врвиш пред твојот Бог. {6:9} Гласот Господов вика кон градот (мудроста повикува на страхопочит кон Твоето име): слушајте племенски и градски Собранија! {6:10} Па зар не се наоѓаат во домот на безбожникот богатство неправедно и мерка смалена, одвратна? {6:11} Можам ли да ги оправдам мерките на беззакониците и неточните тегови во торбата? {6:12} Вашите богаташи се полни со неправда, и жителите ваши говорат лага, а и јазикот нивни измама е во устата нивна. {6:13} Затоа почнав да те ударам со запустување поради гревовите твои. {6:14} Ќе јадеш - и нема да се наситуваш, гладен ќе остануваш; ќе оставаш настрана, но нема да го зачуваш, а она што ќе зачуваш, тоа Јас ќе го предадам на меч. {6:15} Ќе сееш, но нема да жнееш; ќе гмечиш маслинки, но нема да имаш масло, ќе цедиш гроздов сок, но нема да пиеш вино. {6:16} Кај вас се запазиле обичаите на Амвриј и сите дела на домот Ахавов, и вие постапувате според нивните совети. Затоа ќе те предадам на запустување и жителите твои на потсмев, а вие ќе претрпите срам од Мојот народ. {7:1} Тешко мене, зашто со мене е сега како по собирање на летните плодови, како по гроздобер; ни зрнце за каснување, ниту рана смоква по која копнее душата моја. {7:2} Нема веќе верни луѓе по земјата, нема праведни меѓу луѓето; сите кројат сплетки, за да проливаат крв; секој му става на брата си стапица. {7:3} Рацете им се приготвени за да прават зло: началникот сака подароци, судијата суди за поткуп, а големците решаваат по своја волја и ја изопачуваат правдата. {7:4} Најдобриот од нив е како трн, а најсправедливиот е полош отколку ограда од трње. Денот на Твоите пости, денот на Твојата казна наближува; и сега ќе ги опфати смут. {7:5} Не верувајте му на другарот, не потпирајте се на пријателот; пред онаа, што лежи во твојата постела, не отворај ја устата своја. {7:6} Зашто синот го угнетува татко си, ќерката се противи на мајка си, снаата станува против свекрвата; непријатели на човекот му се неговите домашни. {7:7} Јас, пак, гледам кон Господ, и за моето спасение ќе се надевам на Бога; мојот Бог ќе ме чуе. {7:8} Не радувај се на мојата мака, непријателко моја! Иако сум паднат, јас ќе станам; макар што сум сега во мрак - Господ е мојата светлина. {7:9} Морам да го поднесам гневот Господов, - зашто сум згрешил пред Него - додека не го реши делото мое и не ја изрече правдата; тогаш Тој ќе ме изведе на светлина, и јас ќе ја видам правдата Негова. {7:10} И ќе го види тоа мојата непријателка и срам ќе ја покрие онаа што ми велеше: „Каде е Господ, твојот Бог?” И ќе го видат тоа очите мои - и таа ќе биде згазена како кал на улица. {7:11} Доаѓа време, кога ќе се изѕидаат ѕидовите твои, во тоа време границите ќе се прошират надалеку. {7:12} Во оној ден ќе доаѓаат кај тебе од Асирија до Египет, од Нил до Еуфрат, и од море до море и од планина до планина. {7:13} А земјата ќе биде пустина поради гревовите на жителите нејзини, и поради плодовите на делата нивни. {7:14} Паси го со жезолот народот Твој, овците на наследството Свое, оние, што живеат осамени во густа шума среде овошни градини, остави ги да пасат тие во Башан и Галаад како во стародревните дни! {7:15} Ќе му покажам чудесни дела како во времето кога ти излезе од египетската земја. {7:16} Ќе го видат тоа народите и ќе се засрамат при сета таа сила; ќе стават рака на устата своја, и ушите нивни ќе се заглушат. {7:17} Ќе лижат прав како змии, како лазачи што лазат по земја, ќе излегуваат од своите скривници; ќе се уплашат од Господ, од нашиот Бог, и ќе се уплашат од Тебе. {7:18} Кој Бог е како Тебе, за да ги простува беззаконијата, да мине преку престапите на остатокот од Своето наследство? Тој вечно не се гневи, зашто Тој со радост се смилува. {7:19} Тој пак ќе се смили над нас и ќе ги сотре нашите беззаконија. Тој ќе ги фрли сите наши гревови во морските длабочини. {7:20} Ти ќе покажеш верност кон домот на Јаков, милост кон Авраам, како што со клетва си им ветил на предците наши од најдамнешни дни.