{1:1} Во втората година на царот Дариј, во шестиот месец, на првиот ден во месецот, дојде слово Господово преку пророкот Агеј до Зоровавел, синот на Салатиил, управител на Јудеја, и до Исус, синот Јоцадаков, првосвештеникот. {1:2} Вака вели Господ Саваот: „Овој народ говори: Уште не е дојдено времето, не е време сега да се гради дом Господов.” {1:3} И дојде слово Господово преку пророкот Агеј, велејќи: {1:4} „А за вас време ли е да живеете во своите украсени домови, кога е Светилиштето запустено?” {1:5} Затоа сега вака вели Господ Саваот: „Преиспитајте ги своите патишта! {1:6} Вие сеете многу, а собирате малку; јадете, а не се заситувате; пиете, а не се напивате; се облекувате, но не се стоплувате; оној што печали пари, ги става во дупнато ќесе.” {1:7} Така вели Господ Саваот: „Преиспитајте ги своите патишта! {1:8} Качете се на планината, донесете дрвја и градете го храмот, и тоа ќе {1:9} Очекувавте многу, а излегува малку, и што ќе внесете дома, тоа Јас го разнесувам. Зошто? - вели Господ Саваот: Затоа што домот Мој е запустен, додека секој од вас се грижи за домот свој. {1:10} Па поради тоа небото се затвори и не ви дава роса и земјата не ви дава плодови. {1:11} Затоа повикав суша врз земјата, врз горите, врз житото, врз гроздовите, врз маслото и врз сè што се раѓа од земјата, и врз човекот и врз добитокот, и врз секој ваш труд.” {1:12} И Зоровавел, синот на Салатиил, и Исус, синот на Јоцадак, и сиот друг народ го послуша гласот на Господ, својот Бог, а и зборовите на пророкот Агеј, како гласник на нивниот Господ Бог, и народот се подуплаши од Господ. {1:13} Тогаш Агеј, гласникот Господов, испратен од Господ, му рече на народот: „Јас сум со вас” - вели Господ. {1:14} И Господ го подигна духот на Зоровавел, синот на Салатиил, управителот на Јудеја, духот на Исус, синот Јоцадаков, првосвештеникот, и духот на сиот друг народ - и тие дојдоа и почнаа да го градат домот на Господ Саваот, својот Бог; {1:15} а тоа стана во дваесет и четвртиот ден од шестиот месец во втората година на царот Дариј. {2:1} Во седмиот месец, на дваесет и првиот ден од месецот, дојде слово Господово преку пророкот Агеј: {2:2} „Кажи им сега на Зоровавел, синот на Салатиил, управителот на Јудеја, и на Исус, Јоцадаковиот син, првосвештеникот, и на другиот народ: {2:3} Кој од вас што останавте, го видел овој храм во неговата поранешна слава, а како вие сега го гледате овој? Не е ли овој како ништо во вашите очи? {2:4} Но охрабри се сега, Зоровавеле, -вели Господ - ободри се, Исусе, сине Јоцадаков, првосвештенику, охрабрете се сите народи овде - вели Господ -и работете, зашто Јас сум со вас”, вели Господ Саваот. {2:5} „Како што ви ветив, кога излеговте од Египет, Мојот Дух ќе биде меѓу вас: не плашете се!” {2:6} Зашто вака вели Господ Саваот -„Уште еднаш - и ете, скоро ќе се случи тоа - ќе ги затресам небото и земјата, морето и копното; {2:7} ќе ги стресам сите народи - и ќе дојде богатството на сите народи и ќе се исполни овој дом со слава”, вели Господ Саваот. {2:8} „Среброто е Мое и златото е Мое” - вели Господ Саваот. {2:9} „Славата на овој нов храм ќе биде поголема отколку на поранешниот -вели Господ Саваот; и на ова место ќе му дадам мир”, вели Господ Саваот. {2:10} На дваесет и четвртиот ден од деветтиот месец, во втората година на Дариј, дојде слово Господово преку пророкот Агеј: {2:11} „Вака вели Господ Саваот - прашај ги свештениците за Законот и кажи - {2:12} ако некој би носел осветено месо во полата од облеката своја, и со полата би се допрел до леб, или до нешто варено или до вино, или до масло, или до какво и да е друго јадење, дали би се осветило тоа?” Одговорија свештениците и рекоа: „Не.” {2:13} Потоа пак рече Агеј: „Ако некој се осквернил, допирајќи мртовец и потоа би се допрел до тоа, дали би станало тоа нечисто?” Одговорија свештениците и рекоа - „Ќе стане нечисто.” {2:14} Тогаш рече Агеј - таков е и овој народ, такво е и ова племе пред Мене, вели Господ, и такви се сите дела на рацете негови! Па што и да принесувате, сè ќе биде нечисто. {2:15} А сега размислете за минатото и за иднината, кога уште не беше положен камен на камен во овој храм Господов, {2:16} како изгледавте? Доаѓавте до купче од дваесет мери, а имаше само десет; доаѓавте да црпите од каца со зафатнина од педесет мери, а имаше само дваесет мери. {2:17} Ве поразував со гламја и со млечка по житата и со град во секое дело на рацете ваши, но вие не се обративте кон Мене, вели Господ. {2:18} Размислете од денес за натаму, од дваесет и четвртиот ден во овој деветти месец, од денот кога беше основан храмот Господов; обратете ги срцата ваши: {2:19} Има ли уште во житниците семе? Досега ни лозата, ни смоквата, ни нарот, ни маслината не даваа плод; а од денес Јас ќе ве благословувам. {2:20} И дојде слово Господово до пророкот Агеј по вторпат на дваесет и четвртиот ден од месецот, и беше речено: {2:21} „Кажи му на Зоровавел, управителот на Јудеја: ќе го затресам небото и земјата; {2:22} ќе урнам престоли на царства незнабожечки, ќе превртам бојни коли и оние што ќе седнат во нив, и кутнати ќе бидат и коњите и коњаниците нивни ќе паднат, секој од мечот на својот другар. {2:23} Во тој ден, вели Господ Саваот, ќе те земам, Зоровавеле, сине Салатиилов, слуго Мој, вели Господ, и ќе те држам како печат, бидејќи те избрав.”