{1:1} Пророчко слово од Господ до Израел преку Малахија. {1:2} Ве засакав, вели Господ. А вие рековте: „Во што си покажал љубов кон нас?” Зар Исав не е брат на Јаков, вели Господ, но сепак Јас го засакав Јаков, {1:3} а Исав го замразив и ги предадов планините негови, за да се запустат, и пределите негови - на чакалите пустински. {1:4} Ако Едом рече - ние сме разорени, но ќе се подигнеме сами, Господ Саваот вели - тие ќе се подигнат, но Јас пак ќе ги разурнам, и така ќе ги наречат - грешна земја и народ - на кои се разгневил Господ засекогаш. {1:5} И вие ќе го видите тоа, па ќе речете: Голем е Господ преку границите на Израел. {1:6} Синот го почитува татко си, а робот - господарот свој; а ако сум Јас Татко, тогаш каде е почитта кон Мене? И ако сум Јас Господ, тогаш каде е стравот пред Мене - вели Господ Саваот; вие свештениците, кои го презирате името Мое, велите: во што го презираме името Твое? {1:7} На жртвеникот Мој вие принесувате опоганет леб, а велите, со што Те осквернуваме? - Со тоа што велите: трпезата Господова не заслужува почитување. {1:8} И кога како жртва принесувате слеп добиток - нели е тоа лошо, или кога принесувате куцо и болно, зар и тоа не е лошо? Ако го однесеш тоа на твојот кнез - ќе биде ли тој задоволен од тоа и ќе те прими ли со радост? -вели Господ Саваот. {1:9} И така, молете Му се на Бога за да нè помилува; но штом таква работа излегува од рацете ваши, ќе може ли Тој тоа милостиво да го прими? - вели Господ Саваот. {1:10} Подобро е некој од вас да ја затвори вратата и да не се пали напразно оган на Мојот жртвеник! Не сте Ми мили, вели Господ Саваот, и не сакам да примам дар од вашите раце. {1:11} Зашто од сончевиот исток па сè до запад името Мое е големо меѓу народите, и тие на секое место принесуваат темјан и чиста жртва; големо е името Мое меѓу народите, вели Господ Саваот. {1:12} А вие го сквернавите со тоа што велите - трпезата Господова не заслужува почитување и храната на неа е безвредна! {1:13} А притоа велите уште: ете колку голем труд, а можеше и без тоа, вели Господ Саваот; принесувате крадено, куцо и болно, а притоа принесувате уште и таков лебен дар: па можам ли со благонаклоност да го примам тоа од вашите раце? - вели Господ Саваот. {1:14} Нека е проклет оној што лаже, оној кој во стадото свое има здрав овен, а дал и завет, па во жртва на Господ Му принесува јалова овца! Зашто Јас сум Цар голем и името Мое е почитувано меѓу народите, вели Господ Саваот. {2:1} И така, за вас свештениците е оваа заповед: {2:2} ако не послушате и не си ставите на срце, за да Му оддадете слава на името Мое, вели Господ Саваот, Јас ќе испратам врз вас проклетство и ќе ги проколнам вашите благослови, и веќе проколнувам, бидејќи вие не сакате ова да го примите на срце. {2:3} И, ете, јас ќе ви го одземам трудот, и нечистотијата ќе ви ја фрлам врз лицето ваше, нечистотиите од вашите празнични жртви, и ќе ве исфрлам заедно со нив. {2:4} И тогаш ќе познаете дека Јас ја дадов таа заповед, за да го запазам заветот Мој со Левиј, вели Господ Саваот. {2:5} Заветот Мој со него беше завет за живот и мир, и Јас му го дадов за страв, и тој се боеше од Мене и од името Мое се плашеше. {2:6} Законот на вистината беше на устата негова, и неправда не се најде на јазикот негов; во мир и правда тој одеше со Мене и многумина одврати од грев. {2:7} Зашто устата на свештеникот треба да располага со знаење, и Законот го бараат од устата негова, бидејќи тој е гласник на Господ Саваот. {2:8} А вие застранивте од овој пат, на многумина им послуживте како соблазна во Законот, го разрушивте заветот на Левиј, вели Господ Саваот. {2:9} Затоа Јас ве направив презрени и понизени пред сите народи, зашто не ги запазивте патиштата Мои и пристрасно го применувате Мојот Закон. {2:10} Зар сите немаме еден и ист Отец? Нели Единиот Бог нè создаде? Зошто тогаш вероломно постапуваме еден со друг, нарушувајќи го на тој начин заветот на нашите татковци? {2:11} Вероломно постапи Јуда, и одвратност се врши во Израел и во Ерусалим; Јуда ја оскверни светињата, омилена на Господ, а освен тоа и се ожени со ќерка на туѓ бог. {2:12} Господ нека го истреби од шаторите на Јаков секој, кој прави така, секој што сведочи, одговара или принесува жртва на Господ Саваот! {2:13} А го правите и ова - го обливате со солзи жртвеникот Господов, плачејќи и воздивнувајќи, така што Тој веќе и не гледа на приносот и не ја прима жртвата за милост од рацете ваши. {2:14} Вие, пак, прашувате - зошто? Поради тоа што Господ беше сведок меѓу тебе и жената од твојата младост, на која не и беше верен, иако таа ти е помошничка и твоја законска жена. {2:15} Зар Тој не направи да бидеш едно тело и еден дух со неа? И што сакаше Тој со тоа? Тој сакаше да добие потомство од Бога. Па така, пазете го духот свој и никој да не ја изневерува жената од својата младост. {2:16} Зашто Јас мразам развод - вели Господ, Бог Израелов - и човек што си ја опоганува својата облека со неверство, вели Господ Саваот. Затоа пазете го духот свој да не постапувате вероломно. {2:17} Вие Го разгневувате Господа со своите зборови, велејќи: па со што го лутиме? Со тоа што велите - секој што прави зло, добар е пред очите на Господ и таквите Му се мили, а и каде е Бог, Кој право суди? {3:1} И ете, Јас ќе го испратам гласникот Свој, и тој ќе го приготви патот пред Мене, и ненадејно ќе дојде во храмот Свој, Господ, Кого Го барате, и Ангелот на заветот, кого вие го пожелувате; ете, Тој доаѓа, вели Господ Саваот! {3:2} Но кој ќе го издржи денот на Неговото доаѓање, и кој ќе издржи, кога ќе се појави Тој? Зашто Тој е како оган, што растопува, и пепелница што чисти, {3:3} па ќе седне Тој како пречистувач на сребро, и ќе ги очисти синовите на Левиј и ќе ги претопи како злато и како сребро, за да Му принесат жртва со правда. {3:4} Тогаш ќе Му биде мила на Господ жртвата Јудина и на Ерусалим, како во старите времиња и како во поранешните години. {3:5} И ќе дојдам кај вас за суд и ќе бидам брз извршител против вражачите и прељубодејците, и против оние кои лажно се колнат и ја скусуваат платата на работникот, ги измачуваат вдовиците и сираците, ги одбиваат придојдените, и од Мене немаат страв, вели Господ Саваот. {3:6} Зашто, Јас, Господ, не се менувам; затоа вие, синови на Јаков, не бевте уништени! {3:7} Уште од деновите на вашите татковци отстапувате од наредбите Мои и не ги пазите; вратете се кон Мене, и Јас ќе се вратам кај вас, вели Господ Саваот. Вие, пак, ќе речете, како да се вратиме? {3:8} Смее ли човек да краде од Бога? А вие крадете од Мене! Ќе речете: „Што крадеме од Тебе?” - од десетокот и од приносите! {3:9} Со проклетство сте проколнати, зашто Ме крадете - вие и сиот народ. {3:10} Донесете ги сите десетоци во ризницата, па да има храна во Мојот дом, и потоа испитајте Ме, вели Господ Саваот: зар нема да ги отворам отворите небески за да излијам благослов на вас, па да имате и на претек? {3:11} Заради вас ќе им забранам на оние, што ги изедуваат плодовите земни, и лозата ваша во полето нема да остане без плод, вели Господ Саваот. {3:12} И блажени ќе ве нарекуваат сите народи, зашто ќе бидете земја на благослови, вели Господ Саваот. {3:13} Дрски се зборовите ваши пред Мене, вели Господ Саваот. Прашувате: - што зборуваме против Тебе? {3:14} Велите: залудно е служењето на Бога, и каква корист имаме, ако ги пазиме наредбите Негови и одиме во жална облека пред лицето на Господ Саваот? {3:15} Ете, гордите ние ги сметаме за подобри: напредуваат оние што вршат беззаконие, па, иако Го искушуваат Господа, си остануваа незасегнати. {3:16} Но оние, кои се бојат од Бога, си велат еден на друг: Господ гледа и го пази тоа, и пред лицето Негово се пишува спомен книга за оние што се плашат од Бога и го почитуваат името Негово. {3:17} Тие ќе бидат Мои, вели Господ Саваот, Моја сопственост во оној ден, што го готвам, и ќе бидам милостив кон нив како што татко е милостив кон синот свој, кој му служи. {3:18} И тогаш ќе се обратите и ќе ја видите разликата меѓу праведник и безбожник, меѓу оној кој Му служи на Бога и оној кој не Му служи. {4:1} Зашто, ете, доаѓа ден, вжарен како печка; тогаш сите горди и оние, кои постапуваат нечесно, ќе бидат како слама, и ќе ги изгори денот што иде, вели Господ Саваот; и така, нема да остане од нив ни корен, ниту гранчиња. {4:2} А за вас, кои се боите од името Мое, ќе изгрее сонцето на правдата, и исцелување ќе има во зраците негови, и вие ќе излезете и ќе потскокнувате како теленца од штала; {4:3} и ќе ги газите нечестивите, како прав под стапалата на нозете ваши во тој ден, кога Јас ќе дејствувам, вели Господ Саваот. {4:4} Помнете го законот на Мојсеј, слугата Мој, кому му заповедав на Хорев за сиот Израел, како и правилата и наредбите. {4:5} Ете, Јас ќе го пратам кај вас пророкот Илија, пред да настапи денот Господов - голем и страшен. {4:6} И тој ќе ги обрати срцата на татковците кон децата нивни, и срцата на децата кон татковците нивни, за да не дојдам и ја удрам земјата со проклетство!