{1:1} Почеток од Евангелието на Исус Христос, Син Божји. {1:2} Како што е напишано кај пророк Исаија: „Еве, Јас го испраќам пред лицето Твое Мојот ангел, кој ќе го приготви Твојот пат пред Тебе: {1:3} ,Гласот на оној, што вика во пустината: пригответе го патот на Господ, израмнете ги патеките Негови.‘“ {1:4} Се јави Јован, крштавајќи во пустината и проповедајќи покајно крштавање за проштавање на гревовите. {1:5} И доаѓаа кај него од целата Јудејска страна и од Ерусалим, и тој ги крштаваше сите во реката Јордан, а тие ги исповедаа своите гревови. {1:6} А Јован носеше облека од камилски влакна и појас од кожа околу половината своја, и се хранеше со скакулци и див мед. {1:7} Тој проповедаше, велејќи: „По мене иде Посилниот од мене, на Кого не сум достоен да се наведнам и да Му ги одврзам ремењата од обувките Негови. {1:8} Јас ве крстив со вода, а Тој ќе ве крсти со Дух Свети.” {1:9} А во оние дни дојде Исус од Назарет Галилејски и се крсти од Јован во Јордан. {1:10} И кога излегуваше од водата, веднаш виде како се отвораат небесата, и Духот, во вид на гулаб, како слегува над Него. {1:11} И се чу глас од небесата: „Ти си Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја.” {1:12} Веднаш потоа Духот Го изведе во пустината. {1:13} И беше таму, во пустината, четириесет дни искушуван од сатаната; беше со ѕверови и ангелите Му служеа. {1:14} А потоа, откако Јован беше затворен, дојде Исус во Галилеја и ја проповедаше радосната вест за царството Божјо, {1:15} и велеше: „Времето се исполни и царството Божјо наближи; покајте се и верувајте во Евангелието.” {1:16} И, одејќи покрај Галилејското Море, Исус го виде Симон и брат му Андреј како фрлаат мрежа во морето, зашто беа рибари. {1:17} Исус им рече: „Врвете по Мене и Јас ќе ве направам ловци на луѓе!” {1:18} И тие веднаш ги оставија мрежите и тргнаа по Него. {1:19} Па, штом одмина малку, го виде Јаков Заведеев и брат му Јован, исто така во кораб како ги крпат мрежите свои; {1:20} веднаш ги повика и нив. И тие, оставајќи го татка си Заведеј во коработ со наемниците, тргнаа по Него. {1:21} И дојдоа во Капернаум; и веднаш во саботата Тој влезе во синагогата и поучуваше. {1:22} И се чудеа на Неговата наука, зашто Тој ги учеше како Оној што има власт, а не како книжниците. {1:23} Имаше во синагогата нивна човек со нечист дух, и извика, говорејќи: {1:24} „Што имаш Ти со нас, Исусе од Назарет! Си дошол ли да нè погубиш? Те знам Кој си Ти, Светец Божји!” {1:25} Но Исус му заповеда, велејќи: „Молкни и излези од него!” {1:26} Тогаш го стресе нечистиот дух, па извика со силен глас и излезе од него. {1:27} И сите се стресоа од ужас, така што еден со друг се прашуваа и велеа: „Што е ова!? Ново учење со власт; Тој и на нечистите духови им заповеда, и тие Му се покоруваат!” {1:28} И одеднаш се разнесе глас за Него по целиот Галилејски крај. {1:29} Штом излегоа од синагогата, дојдоа со Јаков и Јован во куќата на Симон и Андреј. {1:30} А тештата на Симон лежеше од треска; и веднаш Му јавија за неа. {1:31} Тој пристапи, ја фати за рака и ја подигна; и треската веднаш ја остави; и таа стана и ги служеше. {1:32} А приквечер, кога заоѓаше сонцето, кај Него донесуваа секакви болни и бесомачни. {1:33} И целиот град се беше собрал пред портата. {1:34} И излекува мнозина што страдаа од разни болести; истера многу демони и не им дозволуваше на демоните да зборуваат, зашто Го знаеја. {1:35} А утредента, во темни зори, стана, излезе и отиде на пусто место и таму се молеше. {1:36} А Симон, и оние што беа со Него, тргнаа да Го бараат; {1:37} па, кога Го најдоа, Му рекоа: „Сите Те бараат!” {1:38} А Тој им рече: „Да појдеме до блиските села и градови, и таму да проповедам, зашто затоа сум дошол.” {1:39} И проповедаше во нивните синагоги. {1:40} И дојде кај Него еден лепрозен, па, молејќи Го, падна пред Него и Му рече: „Ако сакаш, можеш да ме очистиш.” {1:41} Смилувајќи се, Исус протегна рака, се допре до него и му рече: „Сакам! Очисти се!” {1:42} И штом го рече тоа, се изгуби лепрата од него, и тој стана чист; {1:43} откако му заповеда, го отпушти, {1:44} и му рече: „Гледај, никому ништо да не кажуваш; но оди, покажи му се на свештеникот и принеси дар за очистување, како што заповедал Мојсеј - ним за сведоштво.” {1:45} А тој, штом излезе, почна да раскажува многу и да разгласува, така што Исус не можеше јавно да влезе во градот, а се задржуваше надвор, во осамени места. И доаѓаа кај Него отсекаде. {2:1} По неколку дена, Тој пак дојде во Капернаум; и се чу дека е в куќи. {2:2} Веднаш се собраа мнозина, така што и пред вратата не можеа да се сместат; а Тој им го објавуваше Словото. {2:3} И дојдоа кај Него со еден фатен, кого го носеа четворица; {2:4} па, бидејќи не можеа да се приближат до Него од народот, го открија и го пробија покривот од куќата, каде што беше Тој и ја спуштија постелката, на која лежеше фатениот. {2:5} А Исус, кога ја виде нивната вера, му рече на фатениот: „Синко, ти се простуваат гревовите твои!” {2:6} Таму седеа некои од книжниците и си помислија во срцата свои: {2:7} „Што хули Овој на Бога? Кој друг може да простува гревови, освен единиот Бог?” {2:8} Исус, веднаш штом дозна со Својот дух дека тие така мислат во себе, им рече: „Зошто го помислувате тоа во срцата свои? {2:9} Што е полесно да му кажам на фатениот: ,ти се простуваат гревовите‘, или да речам: ,дигни се, земи ја постелката своја и оди‘? {2:10} Но за да знаете дека Синот Човечки има власт на земјата да ги простува гревовите” - му рече на фатениот - {2:11} „Тебе ти велам: стани, земи ја постелката своја и оди си дома!” {2:12} И тој стана веднаш, па, штом ја зеде постелката, се појави пред сите - така што сите се восхитуваа и Го славеа Бога, велејќи: „Никогаш вакво нешто не сме виделе!” {2:13} И излезе Исус пак покрај морето, и сиот народ доаѓаше кај Него, и Тој ги поучуваше. {2:14} И кога одеше, го виде Левиј Алфеев, кој седеше во царинарницата и му рече: „Врви по Мене!” Тој стана и тргна по Него. {2:15} А кога седеше Исус на трпезата во неговата куќа, заедно со Него седеа и учениците Негови, и многу цариници и грешници; зашто тие беа мнозина и врвеа по Него. {2:16} Книжниците и фарисеите, штом Го видоа како јаде со цариници и грешници, им рекоа на учениците Негови: „Зошто Тој со цариници и грешници јаде и пие?” {2:17} Кога го чу тоа Исус, им рече: „Здравите немаат потреба од лекар, туку болните. Не сум дошол да ги повикам праведниците, туку грешниците (на покајание).” {2:18} Учениците на Јован и на фарисеите постеа. И приоѓаа некои, па Му велеа: „Зошто учениците Јованови и на фарисеите постат, а Твоите ученици не постат?” {2:19} Исус им рече: „Зар можат сватовите да постат кога младоженецот е со нив!? Додека е со нив младоженецот, тие не можат да постат; {2:20} но ќе дојдат дни, кога ќе им го одземат младоженецот и тогаш, во тие дни, и тие ќе постат. {2:21} Никој не крпи стара облека со нова крпа; инаку, новозашиената крпа ќе се отшие од старото, и отворот ќе биде уште поголем. {2:22} Никој не става ново вино во стари мевови; инаку, новото вино ќе ги расцепи мевовите и виното ќе истече, а мевовите ќе се упропастат; туку ново вино треба да се става во нови мевови.” {2:23} И Му се случи во саботен ден да минува преку нивјето, и врвејќи, учениците Негови почнаа да кинат класје. {2:24} А фарисеите Му рекоа: „Гледај, зошто го прават учениците во сабота тоа, што не треба да се прави?” {2:25} Но Тој им рече: „Зар никогаш не сте читале што направи Давид, кога огладне тој и оние, што беа со него? {2:26} Како влезе во храмот Божји, во времето на првосвештеникот Авијатар, ги изеде приставените лебови од жртвеникот, што не требаше да ги јаде никој друг освен свештениците, па им даде и на оние, што беа со него!” {2:27} Потоа продолжи: „Саботата е создадена за човекот, а не човекот за саботата. {2:28} Па така, Синот Човечки е господар и на саботата.” {3:1} И влезе пак во синагогата, а таму имаше еден човек со исушена рака. {3:2} И пазеа на Него, дали ќе го исцели во саботен ден, за да Го обвинат. {3:3} А Тој му рече на човекот со исушената рака: „Застани насреде!” {3:4} Ним, пак, им кажа: „Во сабота дозволено ли е да прави човек добро или зло; да спаси една душа или да ја погуби?” {3:5} Па, кога ги изгледа со гнев, зашто Му беше тешко поради нивните скаменети срца, му рече на човекот: „Протегни ја раката своја!” Тој ја протегна и таа му стана здрава, како и другата. {3:6} Фарисеите, штом излегоа, веднаш се собраа со Иродовците на совет против Него, како да Го погубат. {3:7} Исус, пак, отиде со Своите ученици кон морето и по Него одеше многу народ од Галилеја и од Јудеја, {3:8} од Ерусалим и од Идумеја и отаде Јордан. Па и од Тир и Сидон, откако чуја какви дела врши, во голем број дојдоа кај Него. {3:9} И им порача на учениците Свои да Му приготват кораб, поради народот, за да не Го туркаат; {3:10} зашто мнозина беше излекувал, така што сите, кои беа болни, навалуваа кон Него за да се доближат до Него. {3:11} И нечистите духови, штом ќе Го видеа, паѓаа пред Него, викаа и говореа: „Ти си Син Божји!” {3:12} Но Тој строго им забрануваше да разгласуваат за Него. {3:13} Потоа се искачи на гората и ги повика кај Себе оние, кои Сам ги одбра и тие дојдоа кај Него. {3:14} Избра дванаесетмина кои ги нарече апостоли да бидат со Него и да ги праќа да проповедаат; {3:15} и да имаат власт да лекуваат болести и да изгонуваат демони: {3:16} првиот Симон, кого го нарече Петар; {3:17} па Јаков Заведеев и брат му Јован, на кои им даде име Воанергес, што значи, синови на громот; {3:18} потоа Андреј, Филип, Вартоломеј, Матеј, Тома, Јаков Алфеев, Тадеј, Симон Хананеецот {3:19} и Јуда Искариот, кој и Го предаде. {3:20} И дојдоа в куќи; и пак се собра народ, така што тие не можеа ни леб да јадат. {3:21} И кога чуја Неговите, отидоа да Го приберат, зашто се говореше дека не бил на Себеси. {3:22} А книжниците, што беа слегнале од Ерусалим, велеа дека во Него е Велзевул и дека демоните ги истерува со силата на заповедникот на демоните. {3:23} И кога ги повика, им говореше во параболи: „Како може сатаната да изгонува сатана? {3:24} Ако едно царство се раздели на делови, еден против друг, тоа царство не може да се одржи; {3:25} и, ако еден дом се раздели на делови, еден против друг, тој дом не може да опстане; {3:26} ако и сатаната се дигнал против себеси, и се разделил, не ќе може да се одржи, но му дошол крајот. {3:27} Никој не може, кога ќе влезе во куќата на силен човек, да му ја ограби покуќнината, ако најнапред не го врзе силниот; и тогаш ќе му ја земе покуќнината. {3:28} Вистина, ви велам: на човечките синови ќе им се простат сите гревови и хули, какви и да бидат тие; {3:29} но, кој похули на Светиот Дух, нему нема да му се прости никогаш, а ќе биде виновен пред вечниот суд.” {3:30} Зашто велеа: „Нечист дух има во Него.” {3:31} И дојдоа мајка Му и браќата Негови, па, стоејќи надвор, порачаа да Го викнат. {3:32} А околу Него седеше народ, и Му рекоа: „Ете, мајка Ти и браќата Твои, и сестрите Твои, надвор се и Те бараат.” {3:33} А Тој им одговори, велејќи: „Која е Мојата мајка и кои се браќата Мои?” {3:34} Па, упатувајќи поглед кон оние што седеа околу Него, рече: „Еве ги Мојата мајка и Моите браќа. {3:35} Зашто оној, кој ја исполнува волјата Божја, тој Ми е брат, и сестра, и мајка!” {4:1} И пак почна да поучува покрај морето; и се собра околу Него многу народ; Тој влезе тогаш во кораб во морето и седеше, а сиот народ стоеше на суво, покрај морето. {4:2} И ги поучуваше многу со параболи, и во поуките Свои им велеше: {4:3} „Слушајте! Ете излезе еден сејач да сее; {4:4} и се случи, кога сееше, едни зрна да паднат покрај патот, па долетаа птиците небески и ги исколваа. {4:5} Други паднаа на каменито место, каде што немаше многу земја, и набргу изникнаа, зашто земјата не беше длабока; {4:6} а кога изгреа сонцето, тие свенаа, па бидејќи немаа корен, се исушија. {4:7} Некои паднаа на трње; и израсна трњето, ги задуши и не дадоа плод. {4:8} А други паднаа на добра земја и почнаа да даваат плод, што израсна и узреа; и принесоа: кое триесет, кое шеесет, кое сто.” {4:9} И им рече: „Кој има уши да слуша, нека чуе!” {4:10} А кога остана Сам, оние што беа околу Него, заедно со дванаесетте, Го прашаа за параболата. {4:11} И им кажа: „Вам ви е дадено да ја знаете тајната на царството Божјо, а на оние, надворешните, сè ќе им се кажува во параболи, {4:12} за да гледаат со очи и да не видат; да слушаат со уши и да не разбираат; зашто се плашат да не се обратат некогаш, па да им се простат гревовите.” {4:13} И им рече: „Зар не ја разбирате оваа парабола? Како тогаш ќе ги разберете сите параболи? {4:14} Сејачот го сее словото. {4:15} Посеаното покрај патот ги означува оние, кај кои се сее словото, но кај кои, откако ќе го чујат, веднаш доаѓа сатаната и им го грабе словото, посеано во срцата нивни. {4:16} Исто така и посеаното на каменито место ги означува оние, кои, штом го чујат словото, веднаш со радост го примаат, {4:17} но немаат во себе корен и се непостојани; па, кога ќе настане жалост или гонење заради словото, веднаш се соблазнуваат. {4:18} Посеаното во трње ги означува оние што го слушаат словото, {4:19} но грижите за овој век, примамливото богатство и други желби, кои, кога ќе се вселат во нив, го задушуваат словото и тоа останува бесплодно. {4:20} А посеаните зрна на добра земја се оние, што го слушаат словото и го примаат и донесуваат плод: едни триесет, други шеесет, а други сто.” {4:21} И им рече: „Зар се внесува светило за да се стави под поклопец? Или под кревет? Не затоа ли, да се стави на свеќник? {4:22} Зашто нема ништо тајно, што не ќе стане јавно; ниту пак, нешто сокриено, што нема да излезе на видело. {4:23} Ако некој има уши да слуша, нека чуе!” {4:24} И им велеше: „Внимавајте на она што слушате: со каква мерка мерите, со таква ќе ви се мери, и ќе ви се придодаде. {4:25} Зашто, кој има, нему ќе му се даде; а кој нема, од него ќе се одземе и она што го има.” {4:26} Па рече: „Царството Божјо прилега на човек што фрлил семе в земја, {4:27} па спие, и станува ноќе и дење; а како никнува и како расте семето, тој не знае. {4:28} Зашто земјата сама од себе донесува плод, најнапред стебленце, па клас, а потоа и полно зрно во класот. {4:29} А кога ќе узрее плодот, веднаш испраќа срп, зашто дошло времето за жетва.” {4:30} Пак продолжи: „Со што да го споредиме царството Божјо или со каква парабола да го прикажеме? {4:31} Тоа е како синапово зрно, кое, кога се сее в земја, е помало од сите земни семиња; {4:32} а кога ќе се посее, израснува и станува поголемо од сите грмушки, и пушта големи гранки, така што под неговата сенка можат да се засолнуваат птиците небески.” {4:33} И со многу такви параболи им го проповедаше словото, колку што можеа да слушаат. {4:34} И без параболи не им говореше, а на учениците Свои насамо сè им објаснуваше. {4:35} Тој ден вечерта им рече: „Да минеме на спротивната страна!” {4:36} И кога го отпуштија народот, учениците Го зедоа со себе, како што беше во коработ, а го следеа и други кораби. {4:37} И се подигна голема бура, и брановите се префрлуваа во коработ, така што коработ веќе пропаѓаше. {4:38} Тој, пак, беше на кормилото и спиеше на возглавница; Го разбудија и Му рекоа: „Учителе, зар не Ти е грижа што загинуваме?” {4:39} А Тој стана, му се заповеда на ветрот и му рече на морето: „Молкни, престани!” И ветрот стивна, и настана голема тишина. {4:40} Па им рече: „Што сте толку плашливи? Зар сè уште немате вера?” {4:41} И ги опфати голем страв, и говореа еден на друг: „Кој е, пак, Овој, што и ветрот и морето Го слушаат?” {5:1} Преминаа отаде море, во Гадаринската земја. {5:2} И кога Тој излезе од коработ, веднаш Го пресретна од гробиштата еден човек со нечист дух. {5:3} Тој живееше во гробовите, и дури и со вериги никој не можеше да го врзе; {5:4} зашто многупати беше во окови и во вериги врзан, ама ги кршеше оковите и ги раскинуваше веригите, и никој не можеше да го скроти; {5:5} и секогаш, ноќе и дење, по гробиштата и по ридиштата викаше и се удираше со камења. {5:6} Штом Го виде Исус оддалеку, притрча и Му се поклони. {5:7} Па, како извика со силен глас, рече: „Што имаш, Ти, со мене, Исусе, Сине на Севишниот Бог? Те заколнувам во Бога, не мачи ме!” {5:8} Зашто му беше рекол: „Духу нечист, излези од човекот!” {5:9} И го праша: „Како те викаат?” А тој одговори и рече: „Легија ми е името, зашто сме многу.” {5:10} И многу Го молеа да не ги брка од тој крај. {5:11} А таму, по ридот, пасеше големо крдо свињи. {5:12} И Го молеа и велеа: „Прати нè во свињине, да влеземе во нив.” {5:13} И Исус веднаш им дозволи. Откако излегоа, нечистите духови влегоа во свињите, и јурнаа свињите по стрмнината во морето, а беа околу две илјади; и се издавија во морето. {5:14} А оние, што ги пасеа свињите, побегнаа и известија во градот и по околијата. И мнозина излегоа да видат што станало. {5:15} И дојдоа кај Исус, и го видоа бесомачниот како седи облечен, и со здрав ум, во кого имаше легија, и се уплашија. {5:16} А оние, кои беа виделе, раскажуваа што стана со обземениот од зол дух и со свињите. {5:17} И почнаа да Го молат да си оди од нивните краишта. {5:18} А кога влезе во коработ, оној, што беше порано бесомачен, Го помоли да биде со Него. {5:19} Исус не му дозволи, но му рече: „Оди дома кај своите, па раскажи им што стори Господ за тебе и како те помилува.” {5:20} Си отиде, и почна да раскажува по Десеттоградието што му направи Исус. И сите се чудеа. {5:21} А кога премина Исус со коработ пак на другата страна, кај Него се собра многу народ. И беше покрај морето. {5:22} И ете, дојде еден од началниците на синагогата, по име Јаир; па, штом Го виде, падна пред нозете Негови {5:23} и усрдно Го молеше многу, говорејќи: „Ќерка ми е на умирање; дојди и положи ги рацете над неа, за да оздрави и биде жива!” {5:24} И појде со него. А по Него врвеше многу народ и Го притискаа. {5:25} Една жена, што страдаше од крвавење дванаесет години, {5:26} и големи маки беше претрпела од мнозина лекари, потрошила сè што имала и никаква полза не видела, а и станало дури уште полошо, {5:27} штом чу за Исус, се приближи одзади меѓу народот и се допре до облеката Негова; {5:28} зашто си велеше: „Само ако се допрам до облеката Негова, ќе оздравам.” {5:29} И веднаш престана крвавењето, и таа осети во телото свое дека е излекувана од болеста. {5:30} А Исус одеднаш почувствува во Себе како излезе сила од Него и се сврте кон народот и рече: „Кој се допре до облеката моја?” {5:31} Учениците Негови Му рекоа: „Гледаш дека народот Те притиска, а прашуваш: ,Кој се допре до Мене?‘“ {5:32} Но Тој гледаше наоколу, за да ја види онаа, што го направи тоа. {5:33} Жената, пак, се уплаши и трепереше; па, знаејќи што стана со неа, се приближи, падна пред Него и Му ја кажа целата вистина. {5:34} А Тој и рече: „Ќерко, верата твоја те спаси; оди си со мир и биди здрава од болеста своја!” {5:35} Додека Тој уште зборуваше, дојдоа од кај началникот на синагогата и рекоа: „Ќерка ти умре; што Му создаваш уште труд на Учителот!” {5:36} Но Исус, откако ги чу тие зборови, му рече на началникот на синагогата: „Не плаши се, само верувај!” {5:37} И никому не му дозволи да оди со Него, освен на Петар, на Јаков, и на Јован, братот на Јаков. {5:38} Дојде во куќата на началникот на синагогата и виде растревоженост, плачење и силно врискање. {5:39} И кога влезе, им рече: „Што сте се развикале и расплакале? Девојчето не е умрено, туку спие!” {5:40} А тие Му се потсмеваа. Тој, пак, откако ги истера сите, ги зеде таткото и мајката на девојчето и оние што беа со Него, и влезе каде што лежеше девојчето. {5:41} И кога ја фати раката на девојчето, рече: „Талита, куми!” - што значи: „Девојко, тебе ти велам, стани!” {5:42} И девојката одеднаш стана и почна да оди. А имаше дванаесет години. И сите се зачудија многу. {5:43} А Тој строго им заповеда, никој да не разбере за тоа и рече: „Дајте и да јаде!” {6:1} Па излезе оттаму и дојде во Својот крај; а по Него одеа и учениците Негови. {6:2} И кога дојде саботата, Тој почна да поучува во синагогата и мнозина, што слушаа, се чудеа и говореа: „Од каде во Него ова? И каква е оваа мудрост што Му е дадена, та такви чуда стануваат преку Неговите раце? {6:3} Не е ли Тој дрводелецот, Синот на Марија, брат на Јаков, Јосија, Јуда и Симон? И не се ли овде меѓу нас сестрите Негови?” И се соблазнија заради Него. {6:4} А Исус им рече: „Пророкот никаде не е без почест, освен во својата земја, меѓу роднините и во својот дом.” {6:5} И не можеше тука да изврши никакво чудо; освен што излекува малку болни, полагајќи ги рацете врз нив. {6:6} И се чудеше на нивното неверие. Па одеше по околните села и поучуваше. {6:7} И ги повика дванаесетте, и почна да ги праќа по двајца, и им даде власт над нечистите духови. {6:8} Па им заповеда да не земаат ништо за по пат освен по еден стап; ни торба, ни леб, ни пари во појасот. {6:9} Но да се обуени во сандали и да не облекуваат по две облеки. {6:10} И им рече: „Ако влезете негде во куќа, останете во неа, сè додека не си отидете оттаму. {6:11} А ако негде не ве примат, ниту ве послушаат, штом излезете оттаму, истресете го правот од нозете свои, ним за сведоштво.” {6:12} Тие појдоа и проповедаа покајание. {6:13} Изгонуваа многу нечисти духови, и многумина болни помазуваа со масло и лекуваа. {6:14} И цар Ирод разбра за Исус, зашто името Негово беше прочуено, па рече: „Јован Крстител воскреснал од мртвите и затоа стануваат чуда преку него.” {6:15} Едни велеа: „Илија е!”, а други: „Пророк е, или како еден од пророците.” {6:16} А Ирод, штом чу рече: „Тоа е Јован, на кого јас му ја отсеков главата; тој воскреснал од мртвите!” {6:17} Бидејќи сам Ирод прати да го фатат Јован, го врза и го фрли во затвор, заради Иродијада, жената на брат му Филип, зашто се ожени со неа. {6:18} Бидејќи Јован му велеше на Ирод: „Не ти е дозволено да ја имаш жената на твојот брат!” {6:19} А Иродијада се озлоби против него и сакаше да го убие, но не можеше. {6:20} зашто Ирод се плашеше од Јован, знаејќи дека е тој човек праведен и свет и го пазеше; многу беше збунет додека го слушаше, а со задоволство го слушаше. {6:21} И настана погоден ден кога Ирод, по повод својот роденден, им приготви вечера на своите кнезови, војводи и старешини Галилејски; {6:22} и влезе ќерката на Иродијада, играше и им угоди на гостите и на Ирод. Тогаш царот и рече на девојката: „Барај од мене што сакаш и ќе ти дадам!” {6:23} И и се заколна: „Што и да побараш од мене, ќе ти дадам, дури и половината од моето царство.” {6:24} А таа излезе и ја праша мајка си: „Што да побарам?” Таа и одговори: „Главата на Јован Крстител!” {6:25} И таа веднаш влезе кај царот и побара, говорејќи: „Сакам уште сега да ми ја дадеш на чинија главата на Јован Крстител!” {6:26} Царот се загрижи, но заради ветувањето и гостите свои не сакаше да откаже. {6:27} И веднаш, откако испрати џелат, царот нареди да ја донесат главата негова. {6:28} А тој отиде, му ја отсече главата во затворот и ја донесе на чинија, па и ја предаде на девојката, а девојката ја даде на мајка си. {6:29} Кога неговите ученици разбраа, дојдоа и го зедоа телото негово и го погребаа. {6:30} И се собраа апостолите кај Исус, па Го известија за сè што направиле и поучувале. {6:31} А Тој им рече: „Дојдете и вие во осамено место и одморете се малку.” Зашто мнозина доаѓаа и си одеа, така што немаа кога ни да јадат. {6:32} И отидоа со кораб сами во осамено место. {6:33} И ги виде народот кога си одеа; и Го познаа мнозина, па пеш од сите градови тргнаа таму; и ги испреварија (и се собраа околу Него). {6:34} А Исус, кога излезе, виде многу народ и се смилува над нив, зашто беа како овци без пастир; и почна да ги поучува многу. {6:35} И бидејќи веќе времето поизмина, учениците Негови пристапија кон Него и рекоа: „Овде е местово пусто, а и доцна е; {6:36} распушти ги за да отидат по околните села и колиби и да си купат леб, зашто нема што да јадат.” {6:37} Тој им одговори и рече: „Дајте им вие да јадат!” А тие Му рекоа: „Да појдеме и да купиме за двесте денарии леб, па да им дадеме да јадат?” {6:38} Потоа Тој ги праша: „Колку лебови имате? Отидете и видете!” И кога видоа рекоа: „Пет леба и две риби.” {6:39} Тогаш Исус им рече на сите да поседнат на купчиња по зелената трева. {6:40} И поседнаа во групи по сто и по педесет. {6:41} Тој ги зеде петте леба и двете риби, па, погледна кон небото, ги благослови лебовите и ги прекрши, и им ги даде на учениците Свои, за да им ги стават пред нив; исто така им ги раздели и двете риби на сите. {6:42} И јадеа сите и се наситија. {6:43} И собраа парчиња, од лебот и од рибите, полни дванаесет кошеви. {6:44} А оние, што јадеа од лебовите, беа околу пет илјади мажи. {6:45} И веднаш ги натера учениците Свои да влезат во кораб и да отидат порано од Него на другата страна кон Витсаида, дури Тој не го распушти народот. {6:46} А Тој, одделувајќи се од нив, отиде во гората за да се помоли. {6:47} Приквечер коработ беше сред морето, а Тој сам на копното. {6:48} И ги виде како се мачат при пловењето, зашто ветрот им беше спротивен; а околу четвртата ноќна стража се приближи до нив и, одејќи по морето, сакаше само да помине покрај нив. {6:49} А тие, кога го видоа како оди по морето, помислија дека е тоа привидение, и почнаа да викаат; {6:50} Зашто сите Го видоа и се уплашија. Тој веднаш почна да говори со нив и им рече: „Не плашете се! Јас сум, не бојте се!” {6:51} И влезе кај нив во коработ и ветрот стивна. А тие многу се уплашија и се чудеа во себе. {6:52} Зашто не се вразумија (од чудото) со лебовите, бидејќи срцето им беше скаменето. {6:53} И кога преминаа, дојдоа во земјата Генисаретска и се задржаа таму. {6:54} А штом излегоа од коработ, веднаш Го познаа. {6:55} Брзо ја обиколија целата таа околија и почнаа на носилки да носат болни таму, каде што слушаа дека Тој се наоѓа. {6:56} И каде да влегуваше: во села, во градови или населби - на крстопатите полагаа болни и Го молеа да се допрат барем до полата од облеката Негова. И сите што се допираа до Него, оздравуваа. {7:1} Се собраа кај Него фарисеите и некои од книжниците, што беа дошле од Ерусалим. {7:2} И кога видоа дека некои од Неговите ученици јадат леб со нечисти, односно со немиени раце, ги укорија. {7:3} (Зашто фарисеите и сите Јудејци, држејќи го преданието на старите, не јадат, дури не ги измијат рацете до лактите; {7:4} и кога ќе се вратат од пазар, не јадат, дури не се измијат; и уште многу друго има што примиле и го држат; миење чаши, чинии, котли и столови.) {7:5} Потоа фарисеите и книжниците Го прашаа: „Зошто учениците Твои не постапуваат според преданието на старите, но со неизмиени раце јадат леб?” {7:6} А Тој им одговори и рече: „Добро пророкувал Исаија за вас лицемерите, како што е напишано: ,Овој народ со уста Ме почитува, но срцето им е далеку од Мене; {7:7} но напразно Ме почитува, зашто проповеда човечки повелби.‘ {7:8} Зашто, вие, оставајќи ја Божјата заповед, го држите преданието човечко: миење чинии и чаши, и вршите многу други слични работи.” {7:9} И им рече: „И така ја отфрлате Божјата заповед, за да го запазите вашето предание. {7:10} Зашто Мојсеј рече: ,Почитувај ги татка си и мајка си‘ и ,Кој го злослови таткото свој или мајка си, со смрт да се казни.‘ {7:11} А вие велите: ,Ако некој каже на татка си или на мајка си: она, со кое би можел да те издржувам е корбан, односно, прилог е‘, {7:12} тогаш таквиот не го оставате веќе ништо да стори за својот татко или за својата мајка, {7:13} престапувајќи го словото Божјо со вашето предание, што сте го предале вие; многу такви слични работи вршите.” {7:14} И кога го повика сиот народ, им рече: „Слушајте Ме сите и разберете: {7:15} ништо, што влегува во устата на човекот однадвор, не може да го оскверни; туку она што излегува од него, тоа го осквернува човекот. {7:16} Ако некој има уши да слуша, нека чуе!” {7:17} И кога се оддалечи од народот и влезе во една куќа, учениците Негови Го прашаа за параболата. {7:18} А Тој им рече: „Зар сте и вие така неразумни? Не разбирате ли дека ништо, што влегува во човекот однадвор, не може да го оскверни? {7:19} Зашто, тоа не оди во срцето, туку во стомакот, и излегува надвор, чистејќи ја сета храна.” {7:20} И уште им рече: „Она што излегува од човекот, тоа го осквернува човекот. {7:21} Зашто однатре, од срцето човечко, излегуваат лоши помисли, прељубодејства, блудства, убиства, {7:22} кражби, лакомства, лукавства, пакости, злоби, око завидливо, богохулство, гордост, безумство. {7:23} Сето тоа зло одвнатре излегува и го осквернува човекот.” {7:24} И кога се крена оттаму, отиде во пределите Тирски и Сидонски; и кога влезе во една куќа, сакаше никој да не Го дознае. Но не можеше да се сокрие. {7:25} Зашто чу за Него една жена, чија ќерка имаше нечист дух, па дојде и падна пред нозете Негови. {7:26} А таа жена беше друговерка, по потекло Сирофеничанка; и Го молеше да го истера демонот од ќерка и. {7:27} Но Исус и рече: „Остави најнапред да се нахранат децата; зашто не е право да се земе лебот од децата и да им се фрли на кучињата.” {7:28} А таа одговори и Му рече: „Да, Господи! Но и кучињата јадат под трпезата, од трошките на децата.” {7:29} И и рече: „За ова што го рече - можеш да си одиш! Демонот излезе од ќерка ти.” {7:30} И кога се врати дома, ја најде ќерка си како лежи на постела, а демонот беше излегол од неа. {7:31} И пак излезе Исус од пределите Тирски и Сидонски и отиде кон Галилејското Море, низ пределите на Десеттоградието. {7:32} И доведоа кај Него еден глув и тепкав, па Го молеа да положи над него рака. {7:33} Исус, откако го одведе настрана од народот, ги стави Своите прсти во неговите уши; а кога плукна, го допре неговиот јазик; {7:34} потоа погледна на небото, воздивна и му рече: „Ефата!” - што значи: „Отвори се!” {7:35} И веднаш му се отвори слухот, и се разврзаа врските на неговиот јазик и говореше чисто. {7:36} И им заповеда никому да не кажуваат. Но, колку повеќе Тој им забрануваше, толку повеќе тие разгласуваа. {7:37} И прекумерно се чудеа и велеа: „Сè добро прави: и глувите ги прави да слушаат и немите да зборуваат!” {8:1} Во тие дни, кога се беше собрал многу народ и немаше што да јадат, Исус ги повика учениците Свои и им рече: {8:2} „Ми е жал за народот, зашто веќе три дни стојат кај Мене и нема што да јадат. {8:3} Ако ги пуштам да си одат гладни по куќите нивни, ќе премалеат по патот, зашто некои се дојдени оддалеку.” {8:4} Учениците Му одговорија: „Од каде може човек сите овие да ги нахрани со леб, овде во пустинава?” {8:5} И ги праша: „Колку лебови имате?” А тие одговорија: „Седум.” {8:6} Тогаш му заповеда на народот да поседне по земјата; па, откако ги зеде седумте лебови, заблагодари, ги раскрши и им ги даде на учениците Свои да ги разделат; и тие ги разделија на народот. {8:7} Имаа и малку риби; ги благослови и заповеда да ги раздадат и нив. {8:8} И јадеа, и се наситија; и собраа седум кошници останати парчиња. {8:9} А оние, што јадеа, беа околу четири илјади души. И ги пушти да си одат. {8:10} И веднаш влезе во кораб со учениците Свои и дојде во пределите Далманутски. {8:11} И излегоа фарисеите и почнаа да се препираат со Него, па искушувајќи Го, Му бараа чудесен знак од небото. {8:12} А Тој воздивна длабоко и рече: „Зошто овој род бара чудесен знак? Вистина ви велам: нема да му се даде чудесен знак на овој род.” {8:13} И кога ги остави, пак влезе во коработ и премина на другата страна. {8:14} А тие, пак, беа заборавиле да земат леб и во коработ имаа само еден леб. {8:15} А Тој им заповеда и рече: „Внимавајте, чувајте се од квасот фарисејски и од квасот Иродов!” {8:16} И си размислуваа меѓу себе, велејќи: „Тоа е затоа што немаме леб.” {8:17} А Исус, кога ги разбра, им рече: „Зошто зборувате за тоа што немате леб? Зар уште не знаете и не разбирате? Уште ли е скаменето вашето срце? {8:18} Очи имате, не гледате ли? Уши имате, не слушате ли? И не помните ли? {8:19} Кога ги раскршив петте леба, за пет илјади души, колку полни кошеви со парчиња собравте?” Му рекоа: „Дванаесет.” {8:20} „А седумте - за четири илјади, колку кошници со останати парчиња собравте?” Тие одговорија: „Седум.” {8:21} И им рече: „Па како тогаш не разбирате?” {8:22} Потоа дојде во Витсаида; и доведоа кај Него слеп и Го молеа да се допре до него. {8:23} И кога го зеде слепиот за рака, го изведе надвор од селото и, откако плукна на очите негови, ги положи рацете над него, па го праша дали гледа нешто. {8:24} Тој, кога погледна, рече: „Ги гледам луѓето како дрвја, но тие одат.” {8:25} Потоа пак ги положи рацете над очите негови и му рече да погледа. И му се поврати видот и ги гледаше сите јасно. {8:26} И го испрати во домот негов и му рече: „Не навраќај в село!” {8:27} И излезе Исус со учениците Свои по селата на Кесарија Филипова. По патот ги праша учениците Свои и им рече: „За кого Ме мислат луѓето?” {8:28} Тие одговорија: „За Јован Крстител, некои за Илија, а други, пак, за некој од пророците.” {8:29} Тој, пак, им рече: „А вие, за кого Ме мислите?” Петар Му одговори и рече: „Ти си Христос!” {8:30} И им заповеда никому да не говорат за Него. {8:31} Па почна да ги учи дека Синот Човечки треба многу да пострада, да биде отфрлен од старешините, првосвештениците и книжниците, и да биде убиен и на третиот ден да воскресне. {8:32} И говореше за тоа отворено. Но Петар, Го повлече настрана и почна да Го одвраќа. {8:33} А Тој, кога се заврте и ги погледна учениците Свои, му забрани на Петар да говори и рече: „Бегај од Мене, сатано! Зашто не мислиш на она што е Божјо, туку на она што е човечко!” {8:34} И кога го повика народот и учениците Свои, им рече: „Кој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, и нека го земе крстот свој и нека оди по Мене. {8:35} Зашто, кој сака да го спаси својот живот, ќе го загуби; а кој го загуби животот свој заради Мене и Евангелието, тој ќе го спаси. {8:36} Зашто каква полза има човек, ако го придобие целиот свет, а на душата своја и напакости? {8:37} Или каков откуп ќе даде човек за својата душа? {8:38} Зашто, кој се срами од Мене и од зборовите Мои во овој прељубодеен и грешен род, и Синот Човечки ќе се срами од него, кога ќе дојде во славата на Својот Отец со светите ангели.” {9:1} И им рече: „Вистина ви велам: тука стојат некои, што нема да вкусат смрт, додека не го видат царството Божјо, дојдено во сила.” {9:2} А по шест дни, Исус ги зеде со Себе Петар, Јаков и Јован и ги одведе сами на висока гора, насамо, и се преобрази пред нив. {9:3} Алиштата Му станаа светли, многу бели, како снег, какви што белило на земјата не може да избели. {9:4} И им се јави Илија со Мојсеј, и разговараа со Исус. {9:5} Тогаш проговори Петар и Му рече на Исус: „Рави, добро ни е да бидеме овде; да направиме три колиби: една за Тебе, една за Мојсеј и една за Илија.” {9:6} Зашто не знаеше што да каже, бидејќи беа многу уплашени. {9:7} И се појави облак, па ги засени; и од облакот дојде глас, кој велеше: „Овој е Мојот возљубен Син, Него слушајте Го!” {9:8} И одеднаш, кога погледнаа наоколу, никого веќе не видоа покрај себе, освен Исус. {9:9} А кога слегуваа од гората, им заповеда никому да не кажуваат што виделе, додека Синот Човечки не воскресне од мртвите. {9:10} И го задржаа тој збор во себе, прашувајќи се еден со друг што значи тоа: „Да воскресне од мртвите?” {9:11} И Го прашаа, велејќи: „А зошто книжниците велат дека најнапред треба да дојде Илија?” {9:12} А Тој, пак, одговори и рече: „Илија ќе дојде порано и ќе уреди сè; а Синот Човечки, како што е напишано за Него, треба да пострада многу и да биде понизен. {9:13} Но ви велам дека и Илија дојде, како што е напишано за Него, и му направија што сакаа.” {9:14} И кога дојде кај учениците Свои, виде многу народ околу нив и книжници, кои се препираа со нив. {9:15} И штом Го виде, сиот народ се исплаши; а кога се приближија, Го поздравуваа. {9:16} Ги праша книжниците: „Зошто се препирате со нив?” {9:17} Тогаш еден од народот одговори и рече: „Учителе, го доведов кај Тебе син ми, во кого има нем дух; {9:18} и секогаш, каде и да го фати, го кутнува, и тој се запенува, и крцка со забите, и се здрвува. И им кажав на учениците Твои да го изгонат, но тие не можеа.” {9:19} А Исус одговори и рече: „О, роде неверен, до кога ќе бидам со вас? До кога ќе ве трпам? Доведете го кај Мене!” {9:20} И кога го доведоа кај Него - штом го виде, веднаш духот го стресе; и тој падна наземи и се валкаше запенет. {9:21} Го праша Исус татко му: „Колку време има откако станува тоа со него?” Тој одговори: „Од детството; {9:22} и многупати духот го фрлал во оган, и во вода, за да го погуби: но, ако можеш, смилувај се над нас и помогни ни!” {9:23} А Исус му рече: „Ако можеш да поверуваш - сè е можно за оној што верува!” {9:24} И одеднаш таткото на момчето извика и со солзи рече: „Верувам, Господи, помогни му на моето неверие!” {9:25} А Исус, штом виде дека се собра народ, строго му заповеда на нечистиот дух и му рече: „Духу нем и глув. Јас ти заповедам: излези од него, и не влегувај веќе во него!” {9:26} И кога извика, силно го стресе и излезе; а момчето беше како мртво, така што мнозина велеа дека умрело. {9:27} Исус, пак, откако го фати за рака, го исправи; и тоа стана. {9:28} И кога влезе Исус во една куќа, учениците Негови Го прашаа насамо: „Зошто ние не можевме да го истераме?” {9:29} Им одговори: „Овој род со ништо не може да се истера, освен со молитва и пост.” {9:30} И кога излегоа оттаму, минуваа преку Галилеја; и Тој не сакаше некој да разбере. {9:31} Зашто ги учеше учениците Свои и им велеше дека Синот Човечки ќе биде предаден во човечки раце, и ќе Го убијат, и на третиот ден по убивањето ќе воскресне. {9:32} Но тие не ги разбираа овие зборови и се плашеа да Го прашаат. {9:33} И дојде во Капернаум; и кога беше дома, ги праша: „Што размислувавте меѓу себе патем?” {9:34} Тие молчеа, зашто патем се препираа меѓу себе, кој е поголем. {9:35} Тој седна и ги повика дванаесетте, па им рече: „Кој сака да биде прв, нека биде последен од сите, и слуга на - сите!” {9:36} И тогаш зеде едно дете, го постави меѓу нив, го гушна и им рече: {9:37} „Кој прима едно такво дете во Мое име, Мене Ме прима, а кој Ме прима Мене, не Ме прима Мене, туку Оној, Кој Ме пратил.” {9:38} Тогаш Јован Му одговори и рече: „Учителе, видовме еден, кој во Твое име изгонува демони, а не врви по нас; и му забранивме, зашто не оди по нас.” {9:39} А Исус рече: „Не бранете му, зашто никој, што прави чудо во Мое име, не ќе може наскоро да говори зло за Мене. {9:40} Зашто, кој не е против вас, тој е со вас. {9:41} И кој ве напои со чаша вода во Мое име, затоа што сте Христови, вистина ви велам, нема да остане без награда.” {9:42} „А кој ќе соблазни едно од овие малите, што веруваат во Мене, за него е подобро да му обесат воденички камен на вратот и да го фрлат в море. {9:43} И ако те соблазнува раката твоја, отсечи ја; подобро е за тебе без рака да влезеш во животот, отколку да имаш две раце и да отидеш во пеколот, во неизгасливиот оган, {9:44} (каде што нивниот црв не умира, и огнот не изгаснува.) {9:45} И, ако те соблазнува ногата твоја, отсечи ја; подобро е за тебе сакат да влезеш во животот, отколку да ги имаш двете нозе и да бидеш фрлен во пеколот, во неизгасливиот оган, {9:46} (каде што нивниот црв не умира ни огнот не изгаснува.) {9:47} И, ако окото твое те соблазнува, извади го; подобро е за тебе со едно око да влезеш во царството Божјо, отколку да имаш две очи и да бидеш фрлен во огнениот пекол, {9:48} каде што нивниот црв не умира, и огнот не изгаснува. {9:49} Зашто секој со оган ќе се посоли, (и секоја жртва со сол ќе се осоли). {9:50} Солта е добра; но, ако солта облутави, со што ќе ја осолите? Затоа имајте сол во себе, и мир имајте меѓу себе!” {10:1} И откако стана Исус оттаму, премина во пределите Јудејски, преку страната што е отаде Јордан. И пак се слеваше народ кон Него; а Тој, по Својот обичај, ги поучуваше. {10:2} И пристапија фарисеите и Го прашаа, искушувајќи Го: „Допуштено ли е, да ја остави човек својата жена?” {10:3} А Тој им одговори и рече: „Како ви заповеда Мојсеј?” {10:4} Тие рекоа: „Мојсеј дозволи да се напише разводно писмо и да се отпушти.” {10:5} Одговори Исус и им рече: „Поради вашето жестоко срце ви ја напишал таа заповед. {10:6} Во почетокот на создавањето, пак, Бог ги создаде машко и женско. {10:7} Затоа човек ќе го остави татка си и мајка си, ќе се прилепи до жената своја {10:8} и обата ќе бидат во едно тело; и така, тие веќе не се двајца, туку едно тело. {10:9} Значи, тоа што Бог го сврзал, човек да не го разделува.” {10:10} И во домот, учениците Негови пак Го прашаа за тоа. {10:11} И им рече: „Кој ќе ја напушти својата жена и се ожени со друга, тој прељубодејствува кон неа; {10:12} а и жена, ако го напушти својот маж и се омажи за друг, прељубодејствува.” {10:13} И донесуваа кај Него деца, за да се допре до нив, но учениците им забрануваа (на оние што ги носеа). {10:14} И кога го виде тоа Исус, негодуваше и рече: „Оставете ги децата да доаѓаат кај Мене и не пречете им, зашто на такви е царството Божјо. {10:15} Вистина ви велам, кој не го прима царството Божјо како дете, тој нема да влезе во него.” {10:16} Прегрнувајќи ги, ги положи рацете врз нив и ги благословуваше. {10:17} А кога излегуваше на пат, дотрча некој, падна на колена пред Него и Го праша: „Учителе добар, што треба да направам, за да наследам живот вечен?” {10:18} Исус му рече: „Зошто ме нарекуваш добар? Никој не е добар, освен единиот Бог! {10:19} Заповедите ги знаеш: не прељубодејствувај; не кради; не сведочи лажно; не навредувај; почитувај ги татка си и мајка си.” {10:20} А тој Му одговори и рече: „Учителе, сето тоа сум го запазил уште од младоста своја.” {10:21} Кога го погледна Исус, му омиле, па рече: „Уште една работа ти недостасува: оди и продај сè што имаш, раздај го на сиромаси и ќе имаш богатство на небото; па дојди и врви по Мене.” {10:22} Кога ги чу овие зборови, тој се изненади и си отиде нажален, зашто имаше големо богатство. {10:23} И кога погледа Исус, им рече на учениците Свои: „Колку е тешко за богатите да влезат во царството Божјо!” {10:24} А учениците се уплашија од зборовите Негови. Но Исус пак им одговори и рече: „Чеда, колку им е тешко на оние, што се надеваат на богатството, да влезат во царството Божјо! {10:25} Полесно камила ќе влезе низ иглени уши, отколку богат човек во царството Божјо.” {10:26} А тие се чудеа многу и си велеа меѓу себе: „Тогаш, кој може да се спаси?” {10:27} Кога ги погледа Исус, им рече: „За луѓето тоа не е можно, но не и за Бога; зашто за Бога сè е можно!” {10:28} И Петар почна да Му говори: „Ете, ние оставивме сè и по Тебе одиме.” {10:29} А Исус одговори и рече: „Вистина ви велам: нема таков што оставил куќа, или браќа, или сестри, или татко, или мајка, или жена, или деца, или имот, заради Мене и Евангелието, {10:30} а да не примил, и тоа сега, во ова време, стопати повеќе од куќи, и браќа, и сестри, и татко, и мајка, и деца, и нивје, а во идниот век - и живот вечен. {10:31} И мнозина први ќе бидат последни, а последните - први.” {10:32} Кога беа на пат, искачувајќи се кон Ерусалим, Исус одеше пред нив, а тие беа вџашени, па, врвејќи по Него, се исплашија. И кога ги повика повторно дванаесетте, почна да им зборува за она што ќе се случи со Него. {10:33} „Ете, се искачуваме кон Ерусалим и Синот Човечки ќе биде предаден на првосвештениците и книжниците, и ќе Го осудат на смрт и ќе Го предадат на незнабошците. {10:34} И ќе Го исмеат, и ќе Го бијат, и ќе Го плукаат, и ќе го убијат, и на третиот ден ќе воскресне.” {10:35} Тогаш пристапија кон Него Заведеевите синови, Јаков и Јован и рекоа: „Учителе, сакаме да ни го исполниш она, што ќе го побараме.” {10:36} Тој ги праша: „Што сакате да сторам за вас?” {10:37} А тие Му одговорија„ „Дај ни да седнеме до Тебе, едниот оддесно, а другиот одлево, во славата Твоја.” {10:38} Но Тој им рече: „Не знаете што барате! Можете ли да ја испиете чашата што ја пијам Јас и да се крстите со крштавањето, со кое се крштавам Јас?” {10:39} Тие одговорија: „Можеме.” А Исус им рече: „Чашата, што ја пијам Јас, ќе ја пиете и вие, и со крштавањето, со кое се крштавам Јас, ќе се крстите; {10:40} но, да дозволам да се седи од Мојата десна или лева страна, не зависи од Мене; тоа е за оние, за кои е приготвено.” {10:41} Десетте, пак, штом го чуја тоа, негодуваа против Јаков и Јован. {10:42} Исус, кога ги повика, им рече: „Знаете дека оние, што се сметаат за народни кнезови, господарат над нив, и управниците управуваат над нив. {10:43} Но меѓу вас нека не биде така; а кој меѓу вас сака да биде поголем, нека ви биде слуга; {10:44} и кој сака меѓу вас да биде прв, нека ви биде роб на сите. {10:45} Зашто и Синот Човечки не дојде за да Му служат, но да послужи и да го даде животот Свој за откуп на мнозина.” {10:46} Потоа пристигнаа во Ерихон. И кога излегуваше Исус од Ерихон со учениците Свои и со многу народ, Тимеевиот син, Вартимеј, кој беше слеп, седеше покрај патот и просеше. {10:47} Па, кога чу дека е тоа Исус од Назарет, почна да вика и да вели: „Исусе, сине Давидов, смилувај ми се!” {10:48} И мнозина му велеа да молчи, но тој уште повеќе викаше: „Сине Давидов, смилувај ми се!” {10:49} Исус застана и рече да го викнат. И го повикаа слепиот, говорејќи му: „Не плаши се, стани, те вика!” {10:50} Тој, кога ја фрли горната облека, стана и отиде кај Исус. {10:51} А Исус, одговарајќи му, го запраша: „Што сакаш да сторам за тебе?” Слепиот Му рече: „Да прогледам, Учителе!” {10:52} Исус му рече: „Оди си, верата твоја те спаси!” И тој веднаш прогледа, па тргна патем по Исус. {11:1} И кога се приближи до Ерусалим, во Витфагија и Витанија, кај Маслиновата Гора, испрати Исус двајца од учениците, {11:2} и им рече: „Одете во селоно, што е наспроти вас, па штом ќе влезете во него, ќе најдете врзано младо магаре, што ниеден човек не го јавал; одврзете го и доведете го! {11:3} И, ако ви рече некој: ,Зошто го правите тоа?‘ Кажете дека Му е потребно на Господ; и тој веднаш ќе го прати тука.” {11:4} Тие отидоа и го најдоа младото магаре, врзано за портата однадвор, на крстопатот и го одврзаа. {11:5} И некои од оние, што стоеја таму, им рекоа: „Што правите? Зошто го одврзувате?” {11:6} А овие им одговорија, како што им беше заповедал Исус и тие ги оставија. {11:7} И го доведоа младото магаре кај Исус, ги кладоа врз него алиштата свои и Тој седна на него. {11:8} И мнозина ги постилаа своите облеки по патот. {11:9} А оние, што одеа пред Него и по Него, викаа и велеа: „Осана! Благословен е Оној што иде во името Господово! {11:10} Благословено е царството на нашиот татко Давид, кое иде во името Господово! Осана во висините!” {11:11} И влезе Исус во Ерусалим, во храмот, разгледа сè, па, бидејќи веќе беше доцна, излезе и отиде со дванаесетте во Витанија. {11:12} А утредента, кога излегоа од Витанија, Тој огладне; {11:13} и кога оддалеку виде една смоква, покриена со лисја, се приближи, не би ли нашол нешто на неа; но, кога се доближи до неа, не најде ништо освен лисја, зашто уште не беше времето за смокви. {11:14} И Исус и рече: „Отсега никој довека да не вкуси плод од тебе!” И го чуја тоа учениците Негови. {11:15} И пак дојдоа во Ерусалим. Кога влезе Исус во храмот, почна да ги брка оние, што продаваа и купуваа во храмот, и им ги преврте масите на менувачите на пари и столовите на оние, што продаваа гулаби; {11:16} и не дозволуваше никој преку храмот да пренесе каков и да било сад. {11:17} И ги поучуваше, велејќи: „Не е ли напишано: ,Домот Мој, дом за молитва на сите народи ќе се нарече‘? А вие го направивте како разбојничко гнездо!” {11:18} И кога го чуја тоа книжниците и првосвештениците, гледаа како да Го погубат, бидејќи се плашеа од Него, зашто сиот народ се восхитуваше на Неговото учење. {11:19} А кога се стемни, Тој излезе надвор од градот. {11:20} Утредента, минувајќи, ја видоа смоквата исушена откорен. {11:21} И кога се сети, Петар Му рече: „Рави, погледај! Смоквата, што ја проколна, се исушила!” {11:22} А Исус им одговори и рече: {11:23} „Имајте вера во Бога. Зашто, вистина ви велам ако некој и рече на оваа планина: „Дигни се и фрли се в море!‘ и не се посомнева во срцето свое, туку поверува дека ќе биде како што рекол, ќе му се исполни, што и да каже. {11:24} Затоа ви велам: сè што ќе побарате во молитва, верувајте дека ќе го добиете - и ќе ви биде. {11:25} И кога стоите на молитва, простувајте, ако имате нешто против некого, па и вашиот небесен Отец да ви ги прости вашите гревови. {11:26} Ако ли, пак, вие не простувате, и вашиот небесен Отец нема да ви ги прости гревовите ваши.” {11:27} И пак дојдоа во Ерусалим; а кога одеше низ храмот, се приближија до Него првосвештениците и книжниците и старешините, {11:28} па Му рекоа: „Со каква власт го правиш тоа? Или кој Ти ја дал таа власт, да го правиш тоа?” {11:29} Исус им одговори и рече: „Ќе ве прашам и Јас за нешто и одговорете Ми, а потоа и Јас ќе ви кажам, со каква власт го вршам тоа. {11:30} Крштавањето Јованово од небото ли беше, или од луѓето? Одговорете Ми!” {11:31} А тие си мислеа во себе и велеа: „Ако кажеме ,Од небото‘ - ќе рече: ,Па зошто не му поверувавте?‘ {11:32} Но, ако кажеме, ,Од луѓето‘“ - се плашеа од народот; зашто сите го сметаа Јован за вистински пророк. {11:33} И одговарајќи Му на Исус, рекоа: „Не знаеме.” А Исус им одговори и рече: „Ни јас не ви кажувам, со каква власт го вршам тоа.” {12:1} И почна да им говори во параболи: „Еден човек насади лозје и го загради со ограда, па ископа бунар и соѕида кула; и откако им го предаде на лозарите, си отиде. {12:2} А кога дојде времето, испрати кај лозарите еден слуга, за да го прибере од нив плодот на лозјето. {12:3} Но тие го фатија слугата, го натепаа и го испратија празен. {12:4} И пак испрати кај нив друг слуга; и нему, со камења му ја расцепија главата, па го отпуштија посрамен. {12:5} Испрати и друг; него, пак го убија; и мнозина други, или натепаа, или пак ги убија. {12:6} Па, бидејќи имаше уште еден син, кој му беше мил, го испрати најпосле него кај нив, велејќи: ,Ќе се засрамат од сина ми.‘ {12:7} Но лозарите си рекоа меѓу себе: ,Овој е наследникот! Ајде да го убиеме и наследството ќе биде наше!‘ {12:8} И го фатија, го убија и го исфрлија надвор од лозјето. {12:9} Што ќе направи, пак, господарот на лозјето? Ќе дојде и ќе ги погуби лозарите, а лозјето ќе го даде на други. {12:10} Зар не сте читале во Писмото: ,Каменот, што го отфрлија ѕидарите, стана камен темелник.‘ {12:11} Од Господ е тоа, и чудесно е во очите наши.” {12:12} И сакаа да Го фатат, но се уплашија од народот, зашто разбраа дека за нив ја кажа параболата па Го оставија, и си отидоа. {12:13} А пратија кај Него некои од фарисеите и од Иродовците, за да Го фатат на збор. {12:14} Тие дојдоа и Му рекоа: „Учителе, знаеме дека си правичен и дека не се плашиш од никого, зашто не гледаш кој е кој, туку вистински поучуваш за патот Божји. Треба ли да му се дава данок на царот или не? Да даваме ли, или да не даваме?” {12:15} А Тој, знаејќи ја нивната лицемерност, им рече: „Зошто ме искушувате? Донесете ми еден денариј да го видам!” {12:16} И тие донесоа. Па им рече: „Чиј е овој лик и натпис?” Му рекоа: „На царот.” {12:17} Тогаш Исус им одговори и рече: „Давајте му го царевото на царот, а Божјото на Бога!” И тие Му се чудеа. {12:18} Дојдоа кај Него и садукеите, кои велат дека нема воскресение, па Го прашаа, говорејќи: {12:19} „Учителе, Мојсеј ни напиша: ,Ако некому умре братот и остави жена, а деца не остави, тогаш брат му нека ја земе жената негова и нека го подигне потомството на својот брат.‘ {12:20} Беа седуммина браќа: првиот зеде жена и кога умре, не остави пород. {12:21} Неа ја зеде вториот брат, и умре, но и тој не остави пород; исто така и третиот. {12:22} Ја зедоа сите седуммина, и не оставија пород. По нив умре и жената. {12:23} При воскресението, кога ќе воскреснат, на кого од нив таа ќе биде жена? Зашто седуммина ја имаа како жена.” {12:24} А Исус им одговори и рече: „Зар не се лажете, бидејќи не ги познавате ни Писмата, ниту силата Божја? {12:25} Зашто, кога ќе воскреснат од мртвите, ниту ќе се женат, ниту ќе се мажат, туку се како ангели на небесата. {12:26} А за мртвите, дека ќе воскреснат, не сте ли читале во книгата на Мојсеј, како му рече Бог кај капината: ,Јас сум Бог Авраамов, и Бог Исаков, и Бог Јаковов‘? {12:27} Но Тој не е Бог на мртвите, туку Бог на живите. Вие, пак, многу се лажете!” {12:28} Тогаш пристапи еден од книжниците, кој ги слушаше како се препираат и увиде дека Исус им одговараше добро, па Го запраша: „Која е прва од сите заповеди?” {12:29} А Исус му одговори: „Најважна од сите заповеди е: ,Чуј Израеле! Господ, Бог наш, е еден Господ. {12:30} Затоа возљуби Го Господа, твојот Бог, со сето свое срце и со сета своја душа, и со сиот свој разум, и со сета своја сила!‘ Ова е најважната заповед. {12:31} А втората е слична на неа: ,Возљуби го својот ближен како себеси!‘ Друга заповед, поголема од овие, нема.” {12:32} Книжникот Му рече: „Добро, Учителе. Право кажа дека Бог е еден, и дека нема друг, освен Него; {12:33} и дека, да Го љубиш со сето срце, и со сиот разум, и со сета своја душа, и со сета сила, и да го љубиш ближниот свој како себеси е повеќе од сите прилози и жртви.” {12:34} Исус, пак, кога виде дека умно одговори, му рече: „Не си далеку од царството Божјо.” Потоа никој веќе не осмелуваше да Го прашува. {12:35} И кога одговараше Исус, поучувајќи во храмот, рече: „Како тоа книжниците велат дека Христос е син Давидов, {12:36} кога самиот Давид кажа преку Светиот Дух: ,Му рече Господ на мојот Господ: седи од Мојата десна страна, додека не ги положам Твоите непријатели за подножје на нозете Твои!‘ {12:37} И така, сам Давид Го нарече Господ; од каде тогаш да Му е Тој син?” И многу народ Го слушаше со задоволство. {12:38} И им рече потоа во Својата поука: „Чувајте се од книжниците, кои сакаат да одат во долги облеки и да ги поздравуваат по улиците, {12:39} и заземаат предни седишта во синагогите, како и први места на гозбите. {12:40} Тие, што ги подјадуваат домовите на вдовиците и лицемерно долго се молат, ќе бидат потешко осудени.” {12:41} Па седна Исус спроти ковчежето и гледаше како народот пушта пари во него. Мнозина богати пуштаа многу. {12:42} И кога дојде една бедна вдовица, пушти две лепти, што изнесува еден кодрант. {12:43} А Исус, кога ги повика учениците Свои, им рече: „Вистина ви велам дека оваа сиромашна вдовица даде повеќе од сите, што пуштија во касата на храмот; {12:44} зашто сите пуштија од својот вишок, а таа од својата сиромаштија даде сè што имаше, целиот свој имот.” {13:1} А кога излегуваше од храмот, еден од учениците Негови Му рече: „Учителе, гледај какви камења и какви згради!” {13:2} Исус, пак, му одговори и рече: „Ги гледаш ли овие големи згради? Ни камен на камен нема да остане овде, што не ќе биде урнат!” {13:3} А кога седеше на Маслиновата Гора, спроти храмот, Го прашаа насамо Петар, Јаков, Јован и Андреј: {13:4} „Кажи ни, кога ќе биде тоа и кој е знакот, кога ќе се сврши сето тоа?” {13:5} Исус, одговарајќи им почна да зборува: „Чувајте се да не ве прелаже некој! {13:6} Зашто мнозина ќе дојдат во Мое име, говорејќи дека сум Јас; и ќе прелажат мнозина. {13:7} А кога ќе чуете за војни и гласови за војни, не плашете се; зашто сето тоа треба да се случи; но тоа уште не е крајот. {13:8} Ќе се дигне народ против народ, и царство против царство; а на некои места ќе има и земјотреси и глад. Тоа е почетокот на болките. {13:9} Но вие чувајте се, зашто ќе ве предадат на судови; а по синагогите ќе ве бијат, и пред управници и пред цареви ќе бидете изведувани заради Мене, за сведоштво пред нив. {13:10} И кај сите народи најнапред треба да се проповеда Евангелието. {13:11} Кога, пак, ќе ве поведат, за да ве предадат, не грижете се однапред што ќе говорите, ниту размислувајте; туку она, што ќе ви се даде во тој час, тоа кажете го; не сте вие што ќе зборувате, туку Светиот Дух. {13:12} И брат брата ќе предаде на смрт, и татко чедо, и ќе се дигнат децата против родителите, и ќе ги предадат на смрт. {13:13} Ќе бидете намразени од сите заради Моето име; кој ќе претрпи до крај, тој ќе биде спасен.” {13:14} „А кога ќе видите дека гнасниот пустошник се сместил каде што не треба - кој чита, нека разбере - тогаш, оние што се во Јудеја, нека бегаат по планините; {13:15} и кој е на покривот, да не слегува во куќата, ниту да влегува да земе нешто од куќата своја; {13:16} и кој е на нива, да не се враќа за да ја земе облеката своја! {13:17} Но тешко на бремените и на оние што дојат во тие дни! {13:18} Туку молете се, бегањето ваше да не биде зиме! {13:19} Зашто во тие дни ќе има мака, каква немало досега од почетокот на светов, што го создаде Бог, а и нема да има. {13:20} И ако Бог не ги скратеше тие дни, тогаш не би се спасил ниеден човек; но заради избраните, кои ги избра Тој, ќе ги скрати дните. {13:21} Тогаш, ако ви каже некој: ,Еве, овде е Христос‘, или ,Ене, таму е‘, не верувајте! {13:22} Зашто, ќе се појават лажни христоси и лажни пророци, и ќе покажат знаци и чуда, за да ги прелажат, ако е можно, и избраните. {13:23} Но вие - чувајте се! Ете, сè однапред ви кажав! {13:24} Во тие дни, по маките, сонцето ќе потемни и месечината нема да ја дава својата светлина, {13:25} и ѕвездите небески ќе паѓаат, и силите, што се на небото, ќе попуштат. {13:26} И тогаш ќе Го видат Синот Човечки, како иде на облаци со голема сила и слава. {13:27} Тогаш Тој ќе ги испрати ангелите Свои и ќе ги собере Своите избрани од четирите ветра, од крајот на земјата до крајот на небото. {13:28} Со смоквата направете споредба: кога нејзините гранки се подмладуваат и пуштаат лисја, знаете дека е близу летото. {13:29} Па така и вие, кога ќе видите дека сето тоа се случува, знајте дека е близу, пред врата! {13:30} Вистина ви велам: нема да помине овој род, додека сето тоа не се исполни. {13:31} Небото и земјата ќе исчезнат, но зборовите Мои нема да исчезнат!” {13:32} „А за тој ден и час никој не знае, ни ангелите небесни, ниту Синот, а само Отецот. {13:33} Внимавајте, бидете будни и молете се, зашто не знаете кога ќе биде часот. {13:34} Како човек, кој заминувајќи, ја остава куќата своја и им дава власт на слугите свои, секому своја работа, на вратарот му заповеда да биде буден. {13:35} Бидете будни, зашто не знаете кога ќе дојде домаќинот на куќата, приквечер ли, или на полноќ, или петлите кога ќе пропеат, или наутро, {13:36} па да не дојде ненадејно и да ве затече како спиете. {13:37} Што ви зборувам вам, им го зборувам на сите: Бидете будни!” {14:1} По два дни беше Пасха и празникот Бесквасници. А првосвештениците и книжниците сакаа да Го фатат на измама и да Го убијат; {14:2} но велеа: „На празникот не, за да не стане бунт меѓу луѓето.” {14:3} А кога беше Тој во Витанија, во куќата на Симон Лепрозниот, и седеше на трпеза, дојде една жена со шишенце скапоцен и чист нардов мирис и, кога го искрши шишенцето, го изли мирисот врз главата Негова. {14:4} А некои негодуваа во себе и говореа: „Зошто мирисот да се растура? {14:5} Тоа можеше да се продаде за повеќе од триста денарии, и да им се раздадат на сиромасите.” И негодуваа против неа. {14:6} Но Исус рече: „Оставете ја неа; зошто ја буните? Таа направи добро дело за Мене! {14:7} Сиромасите секогаш ги имате со вас и кога сакате, можете да им направите добро; но Мене Ме немате секогаш. {14:8} Тоа што можеше, таа го направи: однапред го помаза телото Мое за погребение. {14:9} Вистина ви велам: каде и да се проповеда ова Евангелие, по целиот свет ќе се прикажува за нејзин спомен и тоа, што го направи таа.” {14:10} Тогаш Јуда Искариот, еден од дванаесетте, отиде кај првосвештениците за да им Го предаде. {14:11} А тие, штом чуја, се зарадуваа и ветија да му дадат пари. И бараше погодно време за да Го предаде. {14:12} Во првиот ден на Бесквасници, кога го колеа Пасхалното јагне, учениците Негови Му рекоа: „Каде сакаш да отидеме и да приготвиме, за да ја јадеш Пасхата?” {14:13} И прати двајца од учениците Свои, па им рече: „Отидете в град; и ќе ве сретне еден човек, што ќе носи вода во стомна; одете по него. {14:14} И каде што ќе влезе тој, кажете му на домаќинот: ,Учителот прашува: каде е собата, во која ќе ја јадам Пасхата со учениците Свои?‘ {14:15} И тој ќе ви покаже голема соба, послана, приготвена; таму згответе ни.” {14:16} И излегоа учениците Негови и дојдоа во градот, и најдоа како што им беше рекол, па ја приготвија Пасхата. {14:17} А кога се стемни, Тој дојде со дванаесетте. {14:18} И кога седеа и јадеа, Исус им рече: „Вистина ви велам: еден од вас, што јаде со Мене, ќе Ме предаде.” {14:19} Тие се разжалостија и почнаа еден по друг да прашуваат: „Да не сум јас?” {14:20} А Тој им одговори и рече: „Еден од дванаесетте е, што мака со Мене во чинијата. {14:21} Но Синот Човечки заминува, како што е пишано за Него. Само тешко му на оној човек, преку кого Синот Човечки ќе биде предаден; подобро ќе беше за тој човек, да не се беше родил!” {14:22} И кога јадеа, зеде Исус леб, го благослови, го прекрши, па им даде и рече: „Земете, јадете; тоа е Моето тело.” {14:23} Потоа ја зеде чашата, заблагодари и им ја даде; и се напија од неа сите. {14:24} И им рече: „Тоа е Мојата крв на Новиот завет, која се пролива за мнозина. {14:25} Вистина ви велам: Јас нема да пијам веќе од лозовиот плод сè до оној ден, кога ќе пијам нов во царството Божјо.” {14:26} Па, откако испеаја благодарствена песна, се искачија на Маслиновата Гора. {14:27} И им рече Исус: „Сите ќе се соблазните заради Мене во оваа ноќ, зашто е напишано: ,Ќе го удрам пастирот и ќе се разбегаат овците.‘ {14:28} Но после, кога ќе воскреснам, ќе отидам во Галилеја пред вас.” {14:29} А Петар Му рече: „Дури и сите да се соблазнат, јас не!” {14:30} Му рече Исус: „Вистина, ти велам дека уште денес, во оваа ноќ, пред да запее петел двапати, ти трипати ќе се откажеш од Мене!” {14:31} Но тој уште повеќе тврдеше: „Ако треба дури и да умрам со Тебе, нема да се одречам од Тебе.” И сите така рекоа. {14:32} Пристигнаа во пределот, по име Гетсиманија; и им рече на учениците Свои: „Седете овде, додека отидам да се помолам!” {14:33} И ги зеде со Себе Петар, Јаков и Јован; се замисли и почна да тагува, {14:34} па им рече: „Душата Ми е до смрт нажалена; останете тука и бидете будни!” {14:35} И штом се оддалечи малку, се фрли на земја и се молеше, за да Го одмине овој час, ако е можно; {14:36} и велеше: „Ава, Оче! Сè е можно за Тебе; отклони ја од Мене оваа чаша; сепак не како Јас што сакам, туку како Ти!” {14:37} Па дојде и ги затече да спијат, и му рече на Петар: „Симоне, спиеш ли? Не можеше ли еден час да бидеш буден? {14:38} Бидете будни и молете се да не паднете во искушение: духот е бодар, но телото е слабо.” {14:39} И пак отиде и се помоли, изговарајќи ги истите зборови. {14:40} А кога се врати, ги најде пак како спијат, зашто очите им беа натежнале; и не знаеја што да Му одговорат. {14:41} И по третпат дојде и им рече: „Само спиете и почивате! Свршено е, дојде часот; еве, се предава Синот Човечки во рацете на грешници. {14:42} Станете да одиме! Еве, наближи оној што Ме предава.” {14:43} И веднаш, додека Тој сè уште говореше, Јуда, еден од дванаесетте, дојде, и со него многу народ со мечеви и со стапови, испратени од првосвештениците, книжниците и старешините. {14:44} А оној, што Го предаваше, им беше дал знак, велејќи: „Кого ќе Го целивам, Тој е: фатете Го и водете Го претпазливо!” {14:45} Па, кога дојде, веднаш се приближи до Него и рече: „Рави!” И Го целива. {14:46} А тие ги кладоа рацете свои на Него и Го фатија. {14:47} Еден, пак, од оние, што стоеја таму, извади нож, го удри слугата на првосвештеникот и му го отсече увото. {14:48} Исус им одговори и рече: „Зар како на разбојник сте излегле со ножеви и колови, за да Ме фатите? {14:49} Секој ден бев со вас во храмот и поучував, и не Ме фативте. Но, нека се исполнат Писмата.” {14:50} И откако Го оставија, сите се разбегаа. {14:51} А по Него врвеше еден млад човек, наметнат со платниште на голо тело; и војниците го фатија. {14:52} Но тој, кога го остави платништето, побегна од нив необлечен. {14:53} И Го доведоа Исус кај првосвештеникот, и се собраа таму сите првосвештеници, старешини и книжници. {14:54} А Петар врвеше по Него оддалеку и влезе внатре, во дворот на првосвештеникот; па седна со слугите и се грееше на огнот. {14:55} Првосвештениците и целиот Синедрион бараа сведоштва против Исус, за да Го убијат, и не наоѓаа. {14:56} Зашто мнозина лажно сведочеа против Него, но тие сведоштва не се сложуваа. {14:57} И станаа некои, па сведочеа лажно против Него, велејќи: {14:58} „Чувме кога Тој говореше: ,Ќе го урнам овој ракотворен храм и по три дни ќе соѕидам друг, неракотворен.‘“ {14:59} Но ни тоа нивно сведочење не беше еднакво. {14:60} И првосвештеникот, откако застана на средина, Го праша Исуса говорејќи: „Ништо ли не одговараш? Што сведочат овие против Тебе?” {14:61} Но Тој молчеше и ништо не одговараше. Првосвештеникот пак Го праша и Му рече: „Ти ли си Христос, Синот на Благословениот?” {14:62} Исус рече: „Јас сум; и ќе Го видите Синот Човечки како седи од десната страна на Силата и како иде на облаците небески.” {14:63} А првосвештеникот, пак, ја раскина облеката своја, рече: „Зошто ни се повеќе сведоци? {14:64} Чувте како хули на Бога; што мислите?” И сите тие се согласија дека заслужува смрт. {14:65} А некои почнаа да плукаат на Него, да Му го покриваат лицето, да Го удираат и да Му велат: „Проречи!” И слугите Го удираа по образите. {14:66} Кога Петар беше долу во дворот, дојде една од слугинките на првосвештеникот, {14:67} па, штом го виде Петар како се грее, погледна во него и рече: „И ти беше со Исус од Назарет.” {14:68} Но тој одрече, велејќи: „Не знам, ниту разбирам што говориш.” И излезе надвор пред дворот и запеа петел. {14:69} Слугинката, кога го виде повторно, почна да им зборува на оние што стоеја таму: „И овој е од нив!” {14:70} Тој пак одрече. Подоцна, оние, што стоеја таму, му рекоа на Петар: „Навистина, и ти си од нив; бидејќи си Галилеец, а и говорот ти е таков!” {14:71} А тој почна да се колне и се заколна: „Не Го познавам Овој Човек, за Кого говорите!” {14:72} И по вторпат петел запеа. Петар се сети на зборовите, што му ги кажа Исус: „Уште пред двапати петел да запее, трипати ќе се одречеш од Мене.” И почна да плаче. {15:1} И веднаш утредента првосвештениците, со старешините и книжниците, и целиот Синедрион, одржаа состанок, па Го врзаа Исус, Го одведоа и Го предадоа на Пилат. {15:2} А Пилат Го праша: „Ти ли си Царот Јудејски?” Тој одговори и рече: „Ти велиш.” {15:3} И првосвештениците Го обвинуваа многу. Но, Тој не одговори ништо. {15:4} А Пилат пак Го праша и рече: „Ништо ли не одговараш? Гледаш колку многу сведочат против Тебе!” {15:5} Но Исус ништо веќе не одговори, така што Пилат се чудеше. {15:6} А на секој празник им ослободуваше по еден осуденик, кого што ќе го побараа. {15:7} И имаше еден човек, по име Варава, во окови заедно со придружниците, што во една буна извршиле убиство. {15:8} И кога извика народот, почна да го моли Пилат да им го направи она, што го правел секогаш. {15:9} А тој им одговори и рече: „Сакате ли да ви Го пуштам Јудејскиот Цар?” {15:10} Зашто знаеше дека првосвештениците Го беа предале од завист. {15:11} Но првосвештениците го наговорија народот да бара да им го пушти Варава. {15:12} Пилат, пак, им одговори и рече: „Што сакате да направам со Оној, што Го именувавте Цар Јудејски?” {15:13} Тие одново извикаа, велејќи: „Распни Го!” {15:14} Пилат им рече: „Какво зло направил?” Но тие уште посилно извикаа: „Распни Го!” {15:15} Тогаш Пилат, сакајќи да му угоди на народот, им го пушти Варава, а Исус Го камшикуваше и Го предаде да Го распнат. {15:16} Војниците, пак, Го одведоа внатре во дворот, односно во преторијата, и повикаа цела чета, {15:17} па Му облекоа багреница, и откако сплетоа трнов венец, Му го кладоа на главата; {15:18} и почнаа да Го поздравуваат: „Те поздравуваме, Царе Јудејски!” {15:19} И Го удираа по главата со трска и плукаа на Него, Му се поклонуваа, паѓајќи на колена. {15:20} А кога Го исмеаја, Му ја соблекоа багреницата, Му ја облекоа Неговата облека и Го поведоа да Го распнат. {15:21} И го натераа некој си Симон Киринеец, таткото на Александар и на Руф, кој се враќаше од поле, да Му го носи крстот. {15:22} Па Го одведоа на местото Голгота, што значи: место на черепи. {15:23} И Му дадоа да пие вино со смирна, но Тој не зеде. {15:24} Тие што Го распнаа, ги разделија алиштата Негови, фрлајќи ждрепка кој што да земе. {15:25} Беше третиот час, и Го распнаа. {15:26} И имаше натпис за вината Негова: „Цар Јудејски.” {15:27} А со Него распнаа и два разбојника, едниот од десната Негова страна, а другиот од левата. {15:28} (И се исполни Писмото, кое вели: „И меѓу грешници Го ставија.”) {15:29} А минувачите, вртејќи глава, Го хулеа и велеа: „Аха! Ти, што го уриваш храмот и за три дни го соѕидуваш, {15:30} спаси се Себеси и слези од крстот!” {15:31} Исто така и првосвештениците со книжниците Му се смееја и велеа: „Другите ги спасуваше, а Себе не може да се спаси! {15:32} Христос, Царот израелски, нека слезе сега од крстот, па да видиме и да поверуваме!” Го хулеа и распнатите со Него. {15:33} А во шестиот час настана темнина по целата земја, до деветтиот час. {15:34} И во деветтиот час Исус извика гласно велејќи: „Елои, Елои, Лама савахтани?” А тоа значи: „Боже Мој, Боже Мој, зошто Ме остави?” {15:35} Некои од оние, што стоеја таму, штом го чуја тоа, рекоа: „Ете, го вика Илија!” {15:36} А еден отрча, натопи сунѓер во оцет, па како го закачи на трска, Му даваше да пие, велејќи: „Почекајте да видиме, ќе дојде ли Илија да Го симне.” {15:37} А Исус, пак, испуштајќи висок глас, издивна. {15:38} И завесата на храмот се расцепи на две, одозгора додолу. {15:39} А стотникот, што стоеше спроти Него, кога виде дека Тој, откако извика така и издивна, рече: „Навистина Овој Човек бил Син Божји!” {15:40} Имаше и жени што гледаа оддалеку; меѓу нив беше и Марија Магдалена, и Марија, мајката на малиот Јаков и на Јосија, и Саломија, {15:41} кои и тогаш, кога Тој беше во Галилеја, врвеа по Него и Му служеа, и многу други што беа дошле со Него во Ерусалим. {15:42} А кога се стемни веќе, бидејќи беше петок, односно ден спроти сабота, {15:43} дојде Јосиф од Ариматеја, прочуен член на советот, кој и сам го очекуваше царството Божјо, се осмели да влезе кај Пилат и го замоли за телото Исусово. {15:44} Пилат се зачуди дека Тој веќе умрел; и кога го извика стотникот, го праша дали одамна умрел. {15:45} Па штом дозна од стотникот, му го даде телото на Јосиф. {15:46} А Јосиф купи платно, Го симна и Го обви во плаштаница и Го положи во гроб, што беше издлабен во карпа и навали камен на гробната врата. {15:47} А Марија Магдалена и Марија Јосиева гледаа каде Го полагаат. {16:1} Штом мина саботата, Марија Магдалена, Марија Јаковова и Саломија купија мириси, за да дојдат и да Го помазаат Исус. {16:2} И во првиот ден од седмицата, дојдоа на гробот многу рано, кога изгреваше сонцето, {16:3} па си зборуваа меѓу себе: „Кој ќе ни го одвали каменот од вратата на гробот?” {16:4} И кога погледнаа, видоа дека каменот е одвален, а тој беше многу голем. {16:5} Штом влегоа во гробот, видоа еден млад човек, облечен во бели алишта, како седи од десната страна; и се уплашија многу. {16:6} А тој им рече: „Не плашете се! Вие Го барате Исус од Назарет, Распнатиот. Тој воскресна, не е овде! Еве го местото каде што беше положен. {16:7} Но одете, кажете им на учениците Негови и на Петар дека Тој пред вас ќе отиде во Галилеја; таму ќе Го видите, како што ви беше рекол.” {16:8} Па, штом излегоа, побегнаа од гробот, зашто ги опфати страв и ужас, и никому ништо не рекоа, зашто се плашеа. {16:9} А Исус, кога воскресна во првиот ден од седмицата, и се јави најнапред на Марија Магдалена, од која беше истерал седум демони. {16:10} Таа отиде и им јави на оние, што беа со Него и што плачеа и ридаа; {16:11} Но тие, кога чуја дека е Тој жив и дека таа Го видела, не поверуваа. {16:12} Потоа им се јави во друг лик на двајца од нив по пат, кога одеа в село. {16:13} И штом се вратија, тие им кажаа на другите; но и ним не им поверуваа. {16:14} Најпосле им се јави на единаесетте, кога беа на трпеза, и ги укори за нивното неверие и тврдокорност, зашто не им поверуваа на оние, кои Го видоа воскреснат. {16:15} Па им рече: „Одете по сиот свет и проповедајте го Евангелието на секое создание. {16:16} Кој ќе поверува и се крсти, ќе биде спасен; а кој не поверува, ќе биде осуден. {16:17} А знаците, на оние што ќе поверуваат, ќе им бидат овие: со Моето име ќе истеруваат демони; ќе говорат нови јазици; {16:18} ќе фаќаат змии и ако нешто смртоносно испијат, нема да им наштети; на болни ќе полагаат раце и тие ќе оздравуваат.” {16:19} А по разговорот со нив, Господ се вознесе на небо и седна од десната страна на Бога. {16:20} Тие, пак, отидоа и проповедаа насекаде; и Господ го поткрепуваше словото нивно со чуда, што се јавуваа. Амин!