{1:1} Павле, по волјата Божја апостол на Исус Христос, до светиите што се во Ефес, и до верните во Исус Христос: {1:2} благодат и мир вам од Бога, нашиот Отец, и Господ Исус Христос! {1:3} Нека биде благословен Бог и Отецот на нашиот Господ Исус Христос, Кој нè благослови со секаков духовен благослов од небесата во Христос, {1:4} така што и нè избра преку Него, уште пред светот да биде создаден, за да бидеме свети и непорочни пред Него во љубовта, {1:5} предопределувајќи нè за посинување за Себе преку Исус Христос, зашто тоа Му беше по волја, {1:6} за да биде фалена славата на Неговата благодат, со која нè дарува преку Својот Возљубен Син, {1:7} во Кого имаме откуп преку Неговата крв, простување на гревовите по богатството на Неговата благодат. {1:8} Таа благодат Тој ни ја даде изобилно заедно со сета мудрост и разум, {1:9} откако ни ја откри тајната на Својата волја според Своето благоволение што го беше положил во Себе од порано {1:10} во уредувањето и исполнувањето на времињата, за да соедини сè небесно и земно под една глава - во Христос. {1:11} Преку Него ние бевме избрани за наследници, однапред определени според одлуката на Оној Кој врши сè според волјата Своја, {1:12} за да послужиме како пофалба на славата Негова ние, кои од порано се надевавме на Христос. {1:13} Во Него и вие, откако го слушнавте словото на вистината - Евангелието за вашето спасение, и откако поверувавте во Него, станавте запечатени преку ветениот Свети Дух. {1:14} Тој е залог за нашето наследство, за откупување на посвојувањето за пофалба на Неговата слава. {1:15} Ете, затоа и јас, кога слушнав за вашата вера во Христос Исус, и за љубовта кон сите светии, {1:16} постојано Му благодарам на Бога, спомнувајќи ве во молитвите свои, {1:17} та Бог на нашиот Господ Исус Христос, Отецот на славата, да ви даде дух на мудрост и откровение за да Го познаете, {1:18} и да ги просвети очите на срцата ваши за да увидите во што се состои надежта на повиканите од Него, колкаво е богатството на славата од наследството Негово во светиите, {1:19} и колку е неизмерна величината на Неговата сила во нас, кои веруваме преку дејството на Неговата крепка сила. {1:20} Таа сила Тој ја покажа во Христос, кога Го воскресна од мртвите и Го постави од Својата десна страна на небесата, {1:21} повисоко од секое началство, власт, сила и господство и од секое име со кое се именуваат не само во овој свет, туку и во идниот, {1:22} и сè Му покори под Неговите нозе и Го постави глава над сите во Црквата, {1:23} која е Негово тело, полнота на Оној Кој исполнува сè во сè. {2:1} И вас, кои бевте мртви поради вашите престапи и гревови, {2:2} во кои живеевте некогаш според животот на овој свет, согласно со кнезот на воздухот, односно на духот, кој сега дејствува во синовите на неверието, {2:3} меѓу кои и ние сите некогаш живеевме според телесните желби, извршувајќи ги похотите на телото и на помислите, и по природа бевме како и другите, чеда на гневот. {2:4} Но Бог, Кој е богат со милост, поради големата Негова љубов, со која нè засака, {2:5} иако бевме мртви поради гревовите наши, нè оживеа во Христос {2:6} и нè воскресна со Него и нè постави на небесата во Христос Исус, {2:7} за да им го покаже на идните векови преизобилното богатство на Својата благодат во добрина кон нас преку Христос Исус. {2:8} Зашто по благодат сте спасени преку верата; и тоа не е од вас - туку дар Божји! {2:9} Не е од дела, за да не се пофали некој. {2:10} Зашто ние сме Негова творба, создадени во Христос Исус за добри дела што Бог ги предодредил уште од порано да живееме во нив. {2:11} Затоа помнете, вие, кои некогаш по тело бевте незнабошци, и наречени необрезани од таканаречените обрезани со телесно обрезание, правено со раце, {2:12} дека во она време бевте без Христос, отстранети од општеството на Израел, без право на учество во заветите на ветеното, без надеж и безбожници во светот; {2:13} но сега, во Христос Исус, вие, кои некогаш бевте далеку, станавте блиски преку крвта Христова. {2:14} Зашто Тој е нашиот мир, Кој од двата народи направи еден и ја разруши преградата што беше меѓу нив, {2:15} откако со телото Свое го уништи непријателството, а законот на заповедите и одредбите го обессили, за да создаде во Себе од двата еден нов човек, воспоставувајќи мир, {2:16} и обата во едно тело да ги помири со Бога преку крстот, откако го уништи непријателството во себе. {2:17} И, откако дојде, Тој ви благовести мир вам далечни и блиски, {2:18} зашто преку него и едните и другите имаме пристап кај Отецот во еден Дух. {2:19} И така, вие веќе не сте туѓи и придојдени, туку сте им сожители на светиите и членови на Божјото семејство, {2:20} зашто се утврдивте на темелите поставени од апостолите и пророците, имајќи Го како камен темелник Самиот Исус Христос, {2:21} врз Кого целата зграда, стројно зглобена, прераснува во свет храм на Господ; {2:22} врз Кого и вие ќе се соѕидате во живеалиште Божјо преку Духот. {3:1} Затоа сум јас, Павле, затвореник на Исус Христос за вас незнабошците. {3:2} Бидејќи ја чувте распределбата на благодатта Божја, која ми е дадена за вас, {3:3} односно дека преку откровение Бог ми ја соопшти тајната, како што и погоре ви напишав накратко. {3:4} Читајќи го тоа, можете да разберете како сум ја сфатил тајната на Христос, {3:5} која, на синовите човечки од поранешните поколенија не им беше објавена како што сега се откри на Неговите свети апстоли и пророци преку Светиот Дух, {3:6} за да бидат и незнабошците сонаследници, делови на едно тело, и соучесници на ветувањето Божјо во Христос Исус преку Евангелието, {3:7} на кое му станав слуга според дарот на благодатта Божја, дадена по дејство на Неговата сила. {3:8} Мене, најмалиот од сите светии, таа благодат ми се даде - да им го проповедам на незнабошците неискажливото богатство Христово, {3:9} и да расветлам на сите во што се состои распределбата на тајната, криена од векови во Бога, Кој создаде сè преку Исус Христос, {3:10} та многуликата мудрост Божја да им се објави сега преку Црквата на началствата и властите небесни, {3:11} според предвечната одлука, која Тој ја изврши во Христос Исус нашиот Господ, {3:12} во Кого, преку верата во Него, имаме слобода да се доближуваме со доверба. {3:13} Поради тоа, ве молам, не паѓајте со духот пред моите маки заради вас, кои се ваша слава. {3:14} Затоа ги преклонувам колената свои пред Отецот на нашиот Господ Исус Христос, {3:15} од Кого се именува секој род на небесата и на земјата, {3:16} да ви даде, по богатството на Својата слава, сила да се утврдите преку Неговиот Дух во внатрешниот човек, {3:17} и преку верата Христос да се всели во срцата ваши, {3:18} та вкоренети и утврдени во љубовта да можете да разбирате со сите светии што е ширина и должина, што е длабочина и височина, {3:19} и да ја осознаете Христовата љубов што го надминува секое знаење, за да се исполните со сета полнота Божја. {3:20} А на Оној Кој, според силата што во нас дејствува, може да изврши изобилно сè што ќе побараме или помислиме, {3:21} Нему нека е слава во Црквата преку Исус Христос во сите родови и за сите векови. Амин! {4:1} Браќа, јас, затвореник во Господ, ве молам да се однесувате достојно според звањето, за кое сте повикани, {4:2} со сета понизност и кротост, со долготрпеливост, поднесувајќи се еден со друг со љубов, {4:3} трудејќи се да го запазите единството на Духот преку врските на мирот. {4:4} Едно тело сте и еден Дух, како што сте и повикани кон една надеж на вашето звање. {4:5} Еден Господ, една вера и едно крштение, {4:6} еден е Бог и Отец на сите, Кој е над сè, и преку сите, и во сите нас. {4:7} А на секого од нас благодатта му е дадена според мерката на дарот Христов. {4:8} Затоа е и речено: „Издигајќи се на височина, плени плен и им даде дарови на луѓето.” {4:9} А што означува „издигајќи се”, ако не тоа дека Тој слезе пред тоа во најдолните места на земјата. {4:10} Слегнатиот е истиот, Кој се издигна повисоко од сите небеса, за да исполни сè. {4:11} И Тој постави едни за апостоли, други за пророци, трети за благовестители, четврти за пастири и учители, {4:12} за усовршување на светиите во делото на служењето, за изградување на Христовото тело, {4:13} додека сите не го достигнеме единството на верата и познанието на Синот Божји, до состојба на совршен човек, до мера на возраста на Христовата полнота, {4:14} та да не бидеме веќе мали деца што ги лула и занесува секој ветар на лажните учења, преку човечките заблуди, во лукавството на измама кон заблуда. {4:15} Туку со љубов држејќи се за вистината во секој поглед да растеме во Оној, Кој е глава, Христос. {4:16} Со Него целото тело е составено и склопено и сврзано преку сите дарувани врски, при дејството на секој дел, поради силите негови, нараснува за да се изградува во љубов. {4:17} Ова, пак, го зборувам и сведочам во Господ; да не живеете повеќе како што живеат и другите незнабошци, по суетата на својот ум; {4:18} помрачени во разумот, отуѓени од Божјиот живот поради нивното незнаење и тврдокорноста на нивното срце; {4:19} дојдени до бесчувство, тие се предадоа на разврат и ненаситно вршат секаква нечистота. {4:20} Но вие не Го познавте така Христос, {4:21} ако навистина сте чуле за Него и во Него сте биле поучувани - дека вистината е во Исус, {4:22} тогаш отфрлете го од себе стариот човек според вашето поранешно живеење, кој се распаѓа во измамливите желби, {4:23} за да се обновите со духот на својот ум {4:24} и да се облечете во новиот човек, создаден според Бога во вистинска праведност и светост. {4:25} Поради тоа, откако ја отрфливте лагата, кажувајте си ја вистината секој на својот ближен, бидејќи сме делови еден на друг. {4:26} Гневете се, но не грешете: сонцето да не зајде над гневот ваш; {4:27} И не давајте му место на ѓаволот. {4:28} Крадецот да не краде веќе, туку нека се труди и подобро е да се труди со своите сопствени раце да го прави она што е добро, за да има што да му даде на оној што има потреба. {4:29} Никаков гнасен збор да не излегува од устата ваша, туку само добар, за надградување каде што треба, за да им даде благодат на оние што слушаат. {4:30} И не оскрбувајте Го Светиот Дух Божји со Кој сте запечатени за денот на откупувањето. {4:31} Отстранете ја подалеку од вас секоја огорченост, јарост, гнев, викање и хулење заедно со секоја друга злоба. {4:32} Бидете еден спрема друг добри и милосрдни, проштавајќи си еден на друг, како што и Бог ви прости во Христос. {5:1} И така, угледајте се на Бога, како чеда возљубени, {5:2} и живејте во љубов, како што и Христос ве возљуби и за нас се предаде Себеси како принос и жртва на Бога за пријатен мирис. {5:3} А блудство и секаква нечистота или, пак, користољубивост воопшто да не се спомнуваат меѓу вас, како што им прилега на светии, {5:4} ниту, пак, срамни и будалести зборови или двосмислени приказни, што се неприлични, туку само благодарност. {5:5} Зашто ова треба да го знаете: дека ниеден блудник, или нечист, или користољубец - кој е идолопоклоник, нема дел во царството на Христос и Бог. {5:6} Никој да не се мами со празни зборови; зашто поради нив доаѓа гневот Божји врз синовите на непокорноста; {5:7} затоа, не станувајте нивни соучесници. {5:8} Вие некогаш бевте темнина, а сега сте светлина во Господ: живејте како деца на светлината! {5:9} Зашто плодот на светлината се состои во сè што е добро, праведно и вистинито - {5:10} одлучете се за она што Му е мило на Бога! {5:11} Не учествувајте во бесплодните дела на темнината, туку изобличувајте ги! {5:12} Зашто за она што го прават скришум, срамно е и да се зборува. {5:13} А сè што е изобличено, светлината го прави јавно; бидејќи сè што е јавно, светлина е. {5:14} Затоа е речено: „Стани ти што спиеш, воскресни од мртвите, и Христос ќе те осветли!” {5:15} Па така, внимавајте добро како живеете! Не како безумни, туку како мудри; {5:16} ползувајте го времето, зашто дните се лукави. {5:17} Затоа немојте да бидете неразумни, туку распознајте што е волјата Божја! {5:18} И не опивајте се со вино, во него има разврат, но исполнете се со Дух. {5:19} Разговарајте меѓу себе со псалми и славословија и духовни песни, пеејќи и воспевајќи Го Господ во срцата ваши; {5:20} благодарејќи Му секогаш за сè на Бога и Отецот, во името на нашиот Господ Исус Христос; {5:21} покорувајте се еден на друг во страхопочит Божја. {5:22} Вие, жените, покорувајте им се на мажите свои, како на Господ, {5:23} зашто мажот е глава на жената, како што е и Христос глава на Црквата, и Тој е Спасител на телото. {5:24} Па, како што Црквата Му се покорува на Христос, така и жените да им се покоруваат на своите мажи во сè. {5:25} Вие, мажите, сакајте ги жените свои, како што Христос ја засака Црквата и се предаде Себе за неа, {5:26} за да ја освети, очистувајќи ја со водна бања преку словото; {5:27} та да ја претстави пред Себе како славна Црква, која нема осквернување, или порок, или нешто слично, туку да биде света и непорочна. {5:28} И така, мажите се должни да ги сакаат жените свои како што ги сакаат своите тела; зашто, кој ја сака жената своја, тој се сака и самиот себеси. {5:29} Зашто никој никогаш не го намразил телото свое, туку го храни и го стоплува, како и Господ Црквата, {5:30} бидејќи ние сме делови на Неговото тело. {5:31} „Поради тоа, човекот ќе го остави својот татко и мајката своја, и ќе се придружи кон жената своја, та обајцата ќе бидат едно тело.” {5:32} Оваа тајна е голема. Но јас ви зборувам за Христос и за Црквата. {5:33} И така, секој од вас да си ја сака жената своја, како што се сака самиот себе, а жената да го почитува мажот свој. {6:1} Вие, деца, бидете им послушни на родителите свои, во името на Господ, зашто тоа е праведно. {6:2} „Почитувај ги својот татко и својата мајка!” - тоа е првата заповед со ветување, {6:3} „За да ти биде добро, и да живееш долго на земјата.” {6:4} И вие, татковците, не дразнете ги децата свои, туку подигнувајте ги во воспитанието и науката на Господ. {6:5} Вие, слуги, бидете послушни кон вашите земни господари со страв и трепет, во простота на срцето, како кон Христос, {6:6} не работете само за пред очи, како оние што сакаат да им се умилкуваат на луѓето, туку како Христови слуги, извршувајќи ја волјата Божја од срце, {6:7} драговолно служејќи, како да Му служите на Господ, а не на луѓе, {6:8} знаејќи дека секој, па било тоа роб или слободен, ќе добие од Господ според доброто, што го направил. {6:9} А и вие, господарите, исто така, однесувајте се кон нив и бидете умерени во строгоста своја, знаејќи дека и над вас самите и над нив има на небесата Господар, во Кого нема лицемерност! {6:10} Браќа, засилувајте се во Господ и во силата на Неговата моќ! {6:11} Облечете се во сето оружје Божјо за да се одржите против ѓаволското лукавство; {6:12} зашто нашата борба не е против крв и тело, туку против началствата, против властите, против световните управители на темнината од овој век, против поднебесните духови на злобата. {6:13} Поради тоа примете го сето оружје Божјо, за да можете да се браните во лош ден, та, откако ќе победите, да се одржите. {6:14} И така стојте, откако ќе се опашете со вистината и ќе се облечете во оклопот на праведноста, {6:15} и нозете да ви бидат обуени во подготвеност за да благовестите мир. {6:16} А над сè, земете го штитот на верата, со кој ќе можете да ги изгаснете сите вжештени стрели на лукавиот; {6:17} земете го и шлемот на спасението и духовниот меч, кој е словото Божјо! {6:18} Со секаква молитва и молба во секоја пригода молете се во духот. Затоа бидете постојано будни со сета истрајност и молитва за сите светии, {6:19} и за мене, та, кога ќе ја отворам устата да ми се даде слободно да ја соопштувам тајната на Евангелието, {6:20} поради кое сум пратеник во окови, за да го проповедам смело, како што ми прилега. {6:21} А за да знаете и вие, како сум и што работам, за сè ќе ве извести Тихик, возљубениот брат и верен служител во Господ. {6:22} Него го пратив кај вас за да дознаете како сме, и за да ги охрабри срцата ваши. {6:23} Мир на браќата и љубов со вера од Бог Отецот и од Господ Исус Христос. {6:24} Благодат со сите што Го сакаат нашиот Господ Исус Христос - во нераспадливост. Амин.