{1:1} Павле и Тимотеј, слуги на Исус Христос, до сите светии во Христос Исус, што се во Филипи, со епископите и ѓаконите: {1:2} благодат и мир вам од Бог, Отецот наш и од Господ Исус Христос! {1:3} Му благодарам на мојот Бог секогаш, кога си спомнувам за вас, {1:4} - во секоја моја молитва се молам со радост за сите вас - {1:5} заради вашето учество во Евангелието од првиот ден, па сè досега, {1:6} уверен во тоа дека Оној, Кој го започна во вас доброто дело, ќе го доврши сè до Денот на Исус Христос. {1:7} И право е да го мислам тоа за сите вас, зашто секогаш ве носам во срце - и кога сум во окови, и кога го бранам и утврдувам Евангелието, бидејќи сите вие сте мои соучесници во благодатта. {1:8} Бог ми е сведок колку многу копнеам по сите вас со милосрдноста на Исус Христос. {1:9} И се молам вашата љубов сè повеќе и повеќе да изобилува преку познанието и разбирањето на сè, {1:10} за да можете да го распознавате најдоброто, та да бидете чисти и беспрекорни во денот на Христос, {1:11} полни со плодот на праведноста, кој е преку Исус Христос, за слава и пофалба на Бога. {1:12} Сакам, браќа, да знаете дека тие работи, што ми се случија, придонесоа за поголем успех на Евангелието, {1:13} така што во целата преторија и меѓу сите други стана познато дека сум во окови за Христос; {1:14} и дека повеќето од браќата во Господ, поттикнати од моите окови, се осмелија, без страв да го проповедаат словото Божјо. {1:15} Некои, навистина, од завист и желби за кавга, а други од добра волја Го проповедаа Христос: {1:16} едни Го проповедаат Христос од љубов, знаејќи дека јас сум поставен да го бранам Евангелието. {1:17} А другите имаат желба да се препираат неискрено, мислејќи дека ја наголемуваат тежината на моите окови. {1:18} Другите, пак, проповедаат од љубов, знаејќи дека јас сум поставен да го бранам Евангелието. {1:19} Зашто знам дека тоа ќе ми послужи за спасение со вашата молитва и преку дејството на Духот на Исус Христос, {1:20} како што очекувам со нетрпение и се надевам дека во ништо нема да се посрамам, но со сета моја храброст, како секогаш, така и сега, ќе се возвеличи Христос во моето тело - било со живот, било со смрт. {1:21} За мене, „да се живее” значи Христос, а „да се умре” - придобивка. {1:22} Ако, пак, живеењето мое во тело ми придонесува плод на делото, тогаш што да одберам не знам. {1:23} Измачуван сум и од едното, и од другото: сакам да заминам и да бидам со Христос, бидејќи тоа е многу подобро; {1:24} но да останам во телото е попотребно за вас. {1:25} Уверен во тоа, знам дека ќе останам и ќе пребивам со сите вас за ваш напредок и радост на верата, {1:26} та пофалбата ваша во Христос Исус да се умножува преку мене, кога повторно ќе дојдам кај вас. {1:27} Живејте само достојно за Христовото Евангелие, та, ако дојдам и ве видам, или пак во отсуство слушнам за вас дека стоите во еден дух, борејќи се еднодушно за верата на Евангелието, {1:28} и во ништо не се плашите од противниците; тоа е знак за нивната погибел, а за вашето спасение, и тоа е од Бога. {1:29} Зашто вам ви се даде дар поради Христос не само да верувате во Него, туку и да страдате за Него, {1:30} борејќи се со истата борба, каква што видовте во мене и сега слушате за мене. {2:1} И така, ако во Христос има некаква утеха, ако има некаков поттик од љубовта, ако има некакво заедништво со Духот, ако има некое милосрдие и сострадание, {2:2} исполнете ја мојата радост: бидете со една мисла, бидејќи имате една и иста љубов, и бидете еднодушни и едномислени; {2:3} не правете ништо од честољубие или за празна слава, но од понизност сметајте се еден друг за погорен од себеси! {2:4} Не грижете се секој само за себе, туку и за другите! {2:5} Бидејќи вие треба да ги имате истите мисли, што ги има Исус Христос, {2:6} Кој, иако беше во Божји лик, не сметаше дека треба да го искористи тоа што е еднаков со Бога; {2:7} но Сам Себе се понизи, земајќи лик на слуга се изедначи со луѓето и по изглед се покажа како човек; {2:8} Сам Себе се понизи, послушен сè до самата смрт, смрт на крст. {2:9} Па затоа и Бог Го превозвиши и Му даде име што е над секое име, {2:10} та во името на Исус да се поклони секое колено на сè што е небесно, земно и подземно, {2:11} и секој јазик да исповеда дека Исус Христос е Господ, за слава на Бог Отецот. {2:12} Затоа, возљубени мои, како што секогаш ме слушавте, не само во мое присуство, туку многу повеќе сега, кога сум отсутен, со страв и трепет градете го своето спасение, {2:13} зашто Бог е Оној Кој во вас прави да сакате и да дејствувате според Неговата добра волја. {2:14} Правете сè без мрморење и двоумење, {2:15} за да бидете прави и чисти, непорочни чеда Божји, сред изопачено и развратно поколение, во кое светите како светила во светот, {2:16} држејќи се за словото на животот, за моја гордост во денот Христов, дека не трчав напразно и не се трудев напразно. {2:17} Но, иако се излевам како жртва леаница и за служба на вашата вера, се радувам сам и се радувам со сите вас. {2:18} Така исто радувајте се и вие и зарадувајте ме! {2:19} А се надевам во Господ Исус дека наскоро кај вас ќе го пратам Тимотеј, та и јас, откако ќе разберам како сте, да се утешам со духот. {2:20} Всушност, немам ниту еден истомисленик, кој толку искрено би се грижел за вас. {2:21} Зашто сите си го бараат своето, а не она на Исус Христос; {2:22} а неговата опитност е позната; тој, како син на татко, слугуваше заедно со мене при благовестувањето. {2:23} Него, пак, се надевам дека ќе го испратам веднаш, штом ќе дознаам што ќе стане со мене; {2:24} а се надевам во Господ дека и сам скоро ќе дојдам кај вас. {2:25} Сметам дека е потребно кај вас да го испратам братот Епафродит, мој сотрудник и соборец во војувањето, а ваш пратеник и помагач во потребите мои, {2:26} бидејќи тој копнееше да ве види сите вас и многу жалеше што сте чуле дека бил болен. {2:27} Зашто тој боледуваше дури до умирање; но Бог го помилува, и не само него, туку и мене, за да не ми се натовари една жалост врз друга. {2:28} Поради тоа го испратив поскоро, та, штом ќе го видите пак, да се израдувате, а јас да бидам помалку нажален. {2:29} Примете го, пак, во Господ со секаква радост, и такви почитувајте, {2:30} бидејќи за Христовото дело тој беше скоро на умирање, не жалејќи го својот живот за да го дополни недостигот на вашата служба кон мене. {3:1} Но, браќа мои, радувајте се во Господ! Зашто мене не ми е здодевно да ви пишувам исти нешта, а за вас тоа значи безбедност. {3:2} Чувајте се од кучињата, чувајте се од лошите работници, чувајте се од лажно обрезување, {3:3} зашто вистинското обрезување сме ние, кои со Духот Му служиме на Бога и се гордееме со Христос Исус, и не се надеваме на телото, {3:4} иако јас можам да се надевам и на телото. Ако некој друг мисли дека може да се надева на телото, тогаш уште повеќе можам да се надевам јас, {3:5} кој сум обрезан во осмиот ден, од родот Израелов, од Венијаминовото колено, Евреин од Евреите, по законот фарисеј, {3:6} по ревност - гонител на Божјата Црква, според правдата на Законот беспрекорен. {3:7} Но тоа што беше за мене придобивка, поради Христос го сметав за загуба. {3:8} Затоа, сметам дека и сè друго е загуба спрема преважното познание на Христос Исус, мојот Господ, поради Кого се одреков од сè, и сè сметам за отпад, само за да Го придобијам Христос, {3:9} и да се најдам во Него, не со својата праведност стекната од Законот, туку со придобивката преку верата во Христос, односно со праведноста од Бога преку верата; {3:10} за да Го познаам Него, и силата на Неговото воскресение, и учеството во Неговите страдања, грижејќи се мојата смрт да биде слична со Неговата, {3:11} та некако да го достигнам воскресението на мртвите. {3:12} Велам така не затоа што веќе достигнав, или дека веќе постигнав совршенство, туку се стремам да го достигнам она со кое Христос ме достигна мене. {3:13} Браќа, јас не мислам дека сум го достигнал тоа; но едно правам: го заборавам она што е зад мене, а се стремам кон она што е пред мене, {3:14} трчам кон целта - кон наградата на горното призвание од Бога во Исус Христос. {3:15} Ние, кои сме, пак, совршени, мислиме така; ако, пак нешто инаку мислите, Бог и тоа ќе ви го открие. {3:16} Но, само да го држиме она до кое достигнавме, да бидеме едномислени и по истото правило да продолжиме. {3:17} Следете го мојот пример, браќа, и гледајте ги оние што живеат според образецот што го имате во вас. {3:18} Зашто мнозина, за кои често сум ви зборувал, а сега дури и со солзи говорам, постапуваат како непријатели на крстот Христов; {3:19} нивниот крај е погибел, нивниот бог - стомакот, а славата - во нивниот срам; тие мислат за земните работи. {3:20} А нашето жителство е на небесата, од каде што Го очекуваме и Спасителот, нашиот Господ Исус Христос. {3:21} Тој ќе го преобрази нашето понизено тело да стане подобно на Неговото славно тело, со силата преку која Тој може да потчинува под Себе сè. {4:1} И така, браќа мои возљубени и многу пожелни, радост моја и венец, стојте цврсто во Господ, возљубени! {4:2} Ја молам Еводија, ја молам и Синтихија да бидат едномислени во Господ; {4:3} а те молам и тебе, искрен сотрудниче, помагај им на оние што се грижеа во Евангелието заедно со мене и со Климент и со другите мои сотрудници, чии имиња се во Книгата на животот. {4:4} Радувајте се секогаш во Господ, и пак ќе речам: радувајте се! {4:5} Кротоста ваша нека им биде позната на сите луѓе! Господ е близу! {4:6} За ништо не грижете се, туку во сè преку молитва и молба со благодарност изнесувајте ги пред Бога своите барања, {4:7} и мирот Божји, што надвишува секој ум, ќе ги запази вашите срца и вашите мисли во Исус Христос. {4:8} Понатаму, браќа мои, на она што е вистинско, што е чесно, што е праведно, што е чисто, што е љубезно, што е достојно за слава, на она што е добродетел, што е за пофалба, само на тоа мислете! {4:9} И она што го научивте, примивте, чувте и видовте во мене, тоа правете го, -и Бог на мирот ќе биде со вас! {4:10} Јас се зарадував необично многу во Господ, зашто најпосле расцветавте во вашата грижа за мене; вие и порано се грижевте за мене, но немавте згодна пригода. {4:11} Ова го велам не поради скудност од нешто, бидејќи се научив да се задоволувам со она што го имам. {4:12} Знам да живеам и во скудност, знам да живеам и во изобилство; научен сум на сè и сешто, и сит да бидам, и глад да трпам, и во изобилие да сум и во немаштија. {4:13} Сè можам преку Исус Христос, Кој ме крепи. {4:14} Но, добро направивте што зедовте учество во мојата скрб. {4:15} А знаете и вие, Филипјани, дека во почетокот на проповедањето на Евангелието, кога отпатував од Македонија, немаше ниту една црква нешто да ми даде или нешто да примам освен од вас; {4:16} зашто и во Солун, еднаш, и по вторпат ми пративте нужни работи. {4:17} Ова го велам не дека сакам да ми давате, туку го барам плодот кој се умножува во ваша полза. {4:18} Добив сè и имам во изобилие, се пренаполнив со блага, кога го примив од вас испратениот дар преку Епафродит, кој е мирис сладок, жртва пријатна, благоугодна на Бога. {4:19} Мојот Бог, по Своето богатство, нека ја исполни секоја ваша потреба, за слава преку Христос Исус. {4:20} А на Бога, нашиот Отец, слава во вечни векови. Амин! {4:21} Поздравете го секој светија во Христос Исус! Ве поздравуваат браќата што се со мене. {4:22} Ве поздравуваат сите светии, а особено оние што се од Цезаревиот дом. {4:23} Благодатта на нашиот Господ Исус Христос нека биде со сите вас. Амин!