{1:1} Од Павле, Силван и Тимотеј - до црквата на Солуњаните во Бог Отецот наш и во Господ Исус Христос, благодат вам и мир од Бог Отецот и Господ Исус Христос! {1:2} Секогаш Му благодариме на Бога за сите вас, сеќавајќи се на вас во молитвите наши, непрестано, {1:3} го споменуваме делото на вашата вера, трудот на вашата љубов и истрајноста во надежта ваша во нашиот Господ Исус Христос пред Бога и Отецот наш. {1:4} Знаеме, возљубени браќа од Бога, дека сте избрани, {1:5} зашто нашето Евангелие не дојде кај вас само со слово, туку и во сила и во Светиот Дух, и во полна увереност: сами знаете какви бевме меѓу вас заради вас. {1:6} И вие се угледавте на нас и на Господ, кога во големи маки го примивте словото со радост на Светиот Дух, {1:7} така што станавте образец за сите верници во Македонија и Ахаја. {1:8} Зашто од вас одекна словото Господово не само во Македонија и Ахаја, туку и во секое место се пронесе славата за верата во Бога, така што нема потреба ние нешто да зборуваме. {1:9} Впрочем, верниците сами разгласуваат за нас, за нашето доаѓање кај вас, и како од идолите се обративте кон Бога за да Му служите на живиот и вистински Бог, {1:10} и да Го очекувате од небесата Неговиот Син, Кого Тој Го воскресна од мртвите, Исус, Кој нè избавува од гневот што доаѓа. {2:1} Вие сами знаете, браќа, дека нашето доаѓање кај вас не беше залудо; {2:2} напротив, откако пострадавме и бевме поругани во Филипи, како што знаете, ние се охрабривме во нашиот Бог да ви Го проповедаме Божјото Евангелие со тешка борба. {2:3} Зашто нашиот поттик не произлегува ни од заблуда, ниту од нечисти побуди, ниту од лукавство, {2:4} туку, како што Бог нè удостои да ни Го довери Евангелието, така и зборуваме - не за да им угодуваме на луѓето, туку на Бога, Кој ги испитува срцата наши. {2:5} Зашто никогаш не сме се послужиле со ласкави зборови, како што знаете; ниту со помисли за корист: Бог е сведок! {2:6} И не баравме слава од луѓе - ниту од вас, ниту од други, {2:7} иако можевме и да се наметнеме како Христови апостоли. Но сепак ние бевме меѓу вас така нежни, како што се однесува мајката кога ги дои своите деца. {2:8} Така полни со љубов кон вас, бевме готови да ви го предадеме не само Евангелието Божјо, туку и душите свои, зашто ни станавте драги. {2:9} Спомнете си браќа за нашиот труд и мака: работејќи дење и ноќе за да не му додеваме никому од вас, ние ви Го проповедавме Евангелието Божјо. {2:10} Сведоци сте вие, како и Бог, дека свето, праведно и беспрекорно постапувавме пред вас, кои верувате. {2:11} Зашто знаете дека секого од вас, како татко децата свои, {2:12} ние го поттикнувавме и утешувавме и преколнувавме да живее достојно за Бога, Кој ве повикал во Своето царство и слава. {2:13} Затоа и непрестано Му благодариме на Бога, зашто, откако го примивте словото Божјо од нас, го примивте не како слово човечко, туку - како што е - слово Божјо, кое и дејствува во вас, кои верувате. {2:14} Вие, браќа, станавте подржаватели на Божјите цркви во Христос Исус, што се во Јудеја, бидејќи и вие исто така претрпевте од своите сонародници, како и оние од Јудејците {2:15} што ги убија Господ Исус и пророците, и нас нè избркаа, и на Бога не Му угодија, и на сите луѓе им се противат; {2:16} тие што ни пречат да им зборуваме на незнабошците, за да се спасат и со тоа секогаш ги дополнуваат гревовите свои; но гневот ги достигна на крај. {2:17} А ние, браќа, откако бевме одвоени од вас за кратко време, далеку од очи, но не и од срце, со уште поголема желба се грижевме да ве видиме. {2:18} Поради тоа, ние, а најмногу јас, Павле, неколкупати посакавме да дојдеме кај вас; но нè попречи сатаната. {2:19} Зашто, кој е нашата надеж или радост, или венец за пофалба? Та не сте ли вие пред нашиот Господ Исус Христос при Неговото доаѓање? {2:20} Да, вие сте нашата слава и радост! {3:1} Поради тоа, не можејќи веќе да трпиме, сметавме дека ќе биде добро во Атина да останеме сами, {3:2} и го испративме Тимотеј, нашиот брат и слугата Божји, и нашиот сотрудник во Евангелието Христово, за да ве укрепи и утеши во вашата вера, {3:3} та никој да не се поколеба во тие маки; зашто сами знаете дека затоа сме определени. {3:4} Бидејќи ние, и кога бевме кај вас, ви претскажувавме дека ќе страдаме, како што и стана, и вие знаете. {3:5} Поради тоа и јас, не можејќи веќе да трпам, пратив да дознаам за верата ваша да не би ве искушал некако Искушувачот, та да отиде залудо нашиот труд. {3:6} Сега, откако се врати Тимотеј кај нас од кај вас и ни донесе добра вест за вашата вера и љубов, и дека секогаш имате добар спомен за нас и копнеете да нè видите, како и ние вас, {3:7} ние, и покрај сета мака и неволја, се утешивме за вас, браќа, со вашата вера; {3:8} зашто ние сега живееме, кога вие стоите во Господ. {3:9} Каква благодарност, навистина, можеме да Му воздадеме на Бога за вас за сета радост со која се радуваме поради вас пред нашиот Бог, {3:10} кога дење и ноќе многу усрдно се молиме, за да го видиме вашето лице и да го дополниме она што и недостига на вашата вера? {3:11} А сам Бог и Отецот наш и Исус Христос, нашиот Господ, нека го насочи патот наш право кон вас! {3:12} Вам, пак, Господ да ви даде да растете и да изобилувате во љубов еден кон друг и кон сите, каква што и ние имаме кон вас, {3:13} и да ги утврди вашите срца, та да бидат непорочни во светоста пред Бога и Отецот наш при доаѓањето на нашиот Господ Исус Христос со сите Негови светии! (Амин!) {4:1} И така, браќа, ве молиме и ве заколнуваме во Христос Исус, онака, како што научивте од нас како треба да живеете и да Му угодите на Бога, како што и постапувате, сè повеќе во тоа да напредувате; {4:2} Вие знаете какви пораки ви дадовме од името на Господ Исус. {4:3} Ова е волјата Божја, вашата светост: да се воздржувате од блудство, {4:4} и секој од вас да знае да го пази својот сад во светост и честитост, {4:5} а не во похотна страст, како незнабошците, кои не Го познаваат Бога, {4:6} и да не престапува и го измамува во тоа братот свој; бидејќи Господ за сето тоа се одмаздува, како што ви зборувавме и сведочевме порано. {4:7} Зашто Бог не нè повика кон нечистота, туку во светост. {4:8} А кој го отфрла тоа, тој отфрла не човек, туку Бога, Кој Го даде Својот Дух Свети во нас. {4:9} За братољубието, пак, нема потреба да ви пишувам, зашто вие сами сте научени од Бога да се сакате еден со друг, {4:10} бидејќи така и постапувате со сите браќа по цела Македонија. И ве поттикнуваме, браќа, уште повеќе да напредувате, {4:11} и усрдно да се грижите да живеете мирно, да си ја извршувате сопствената работа и да работите со свои раце како што ви заповедавме; {4:12} да постапувате чесно спрема надворешните и да не зависите од никого. {4:13} Браќа, не сакаме да бидете во незнаење за оние кои се упокоени, за да не тажите како и другите, што немаат надеж. {4:14} Зашто, ако веруваме дека Исус умре и воскресна, така Бог и упокоените преку Исус, ќе ги доведе со Него. {4:15} Ова, пак, ви го велиме преку словото Господово, дека ние, живите, што ќе останеме до доаѓањето на Господ, нема да стигнеме пред упокоените. {4:16} бидејќи Сам Господ по заповед, на гласот на архангел и при труба Божја, ќе слезе од небото, и најнапред ќе воскреснат мртвите; {4:17} а потоа, ние, што сме останале живи, заедно со нив ќе бидеме грабнати на облаците, за да се сретнеме со Господ во воздухот, и така секогаш ќе бидеме со Господ. {4:18} Па затоа, утешувајте се еден со друг со тие зборови. {5:1} А за времињата и часовите, браќа, нема потреба да ви се пишува, {5:2} бидејќи вие самите многу добро знаете: денот Господов ќе дојде како крадец во ноќно време. {5:3} И додека уште велат: „Мир и безбедност!”, Тогаш ненадејно ќе ги снајде пропаст и не ќе можат да избегнат. {5:4} Но вие, браќа, не сте во темнина, та денот да може да ве затече како крадец. {5:5} Бидејќи сите вие сте синови на светлината и синови на денот; ние не сме синови на ноќта, ниту на темнината. {5:6} И така, да не спиеме како и другите, туку да бидеме будни и трезни. {5:7} Зашто оние што спијат, ноќе спијат, и оние што се опиваат, ноќе се опиваат. {5:8} Ние, пак, како синови на денот, да бидеме трезни и облечени во оклопот на верата и љубовта и шлемот на надежта за спасение, {5:9} зашто Бог нè определи не за гнев, туку да добиеме спасение преку нашиот Господ Исус Христос, {5:10} Кој умре за нас, та ние да живееме заедно со Него, било кога сме будни, или кога спиеме. {5:11} Поради тоа утешувајте се меѓу себе и надградувајте се еден со друг онака како што и правите! {5:12} И ве молам, браќа, да ги уважувате оние што се трудеа меѓу вас, и ве водат во Господ, и оние кои ве утешуваат. {5:13} И кон нив да имате преголема љубов заради нивното дело. Живејте во мир меѓу себе! {5:14} Браќа, ве молам, поучувајте ги неуредните, утешувајте ги малодушните, поткрепувајте ги слабите и бидете долготрпеливи кон сите. {5:15} Гледајте никој никому да не враќа зло за зло; туку секогаш барајте добро еден на друг, и на сите! {5:16} Радувајте се секогаш! {5:17} Молете се постојано! {5:18} Благодарете за сè, зашто таква е волјата Божја во Христос Исус спрема вас! {5:19} Не гаснете Го Духот! {5:20} Пророштвата не ги омаловажувајте! {5:21} Сè испитувајте, за доброто држете се! {5:22} Клонете се од секакво зло! {5:23} А Сам Бог на мирот да ве освети наполно во сè, и целиот ваш дух и душата и телото да се запазат без порок за доаѓањето на нашиот Господ Исус Христос! {5:24} Верен е Оној, Кој ве повикува. Тој и ќе го направи тоа. {5:25} Браќа, молете се за нас! {5:26} Поздравете ги сите браќа со свет целив! {5:27} Ве заколнувам во Господ ова послание да им го прочитате на сите свети браќа. {5:28} Благодатта на нашиот Господ Исус Христос нека биде со вас. Амин!