{1:1} Павле, Силван и Тимотеј до црквата на Солуњаните во Бог Отецот наш и Господ Исус Христос: {1:2} благодат вам и мир од Бог Отецот наш и Господ Исус Христос! {1:3} Должни сме секогаш да Му благодариме на Бога за вас, браќа, онака како што прилега, затоа што верата ваша необично многу расте, и заемната љубов кај сите вас изобилува, {1:4} така што ние самите се фалиме со вас во Божјите цркви за вашето трпение и вера и покрај сите прогони и маки, што ги поднесувате: {1:5} тоа е доказ за праведниот Божји суд дека вие ќе се удостоите со царството Божјо за кое страдате. {1:6} Бидејќи справедливо е пред Бога да им ги врати маките ваши на оние што ве мачеа, {1:7} а вам, на мачените, да ви возврати спокојство заедно со нас, кога Господ Исус ќе се јави од небото со ангелите на Својата сила, {1:8} во распламнат оган да им се одмаздува на оние кои не Го познаваат Бога, кои не го послушаа Евангелието на нашиот Господ Исус Христос. {1:9} Тие со вечна погибел ќе бидат казнети далеку од лицето на Господ и од славата на Неговата моќ, {1:10} кога ќе дојде Тој за да биде прославен во оној ден сред Своите светии, и да Му се восхитуваат сите оние што поверуваа, а исто така и вие, бидејќи со вера го примивте нашето сведоштво. {1:11} Затоа и се молиме секогаш за вас да ве удостои нашиот Бог за звањето и да ја исполни со сила секоја желба за добрина и секое дело на верата, {1:12} та да се прослави во вас името на нашиот Господ Исус Христос, и вие во Него по благодатта на нашиот Бог и на Господ Исус Христос. {2:1} А што се однесува до доаѓањето на нашиот Господ Исус Христос и нашето собирање кај Него, ве молам, браќа, {2:2} да не се поколебате лесно во мислите свои и да ве обзема ужас, било поради некој дух, било поради некој збор, или преку послание, небаре како од нас испратено, дека божем веќе настапил Христовиот ден. {2:3} Никој да не ве измами на ниеден начин; зашто оној ден нема да настапи додека најнапред не дојде отпаѓање и не се открие Човекот на гревот, Синот на погибелта, {2:4} кој се противи и се превознесува над сè што се нарекува Бог или светост, за да седне како бог во Божјиот храм, претставувајќи се себе самиот како Бог. {2:5} Не помните ли дека уште кога бев кај вас ви зборував за тоа? {2:6} Сега знаете што го задржа него да се открие во свое време. {2:7} Тајната на беззаконието веќе дејствува, само тоа нема да биде извршено додека не се отргне оној што ја задржува сега; {2:8} тогаш ќе се открие и беззаконикот, кого што Господ (Исус) ќе го убие со здивот на устата Своја и преку појавата на Своето доаѓање ќе го истреби. {2:9} Доаѓањето на тој беззаконик ќе биде по дејство на сатаната, со секаква сила и знаци и лажни чудеса, {2:10} и со секакво неправедно измамување меѓу оние кои загинуваат, затоа што не ја примиле љубовта на вистината та да би се спасиле. {2:11} И затоа Бог ќе им испрати сила на заблуда за да поверуваат на лагата, {2:12} та да бидат осудени сите кои не поверуваа во вистината, а ја засакаа неправдата. {2:13} Ние, пак, сме должни да Му благодариме на Бога за вас секогаш, возљубени од Господ браќа, затоа што од почетокот, преку осветувањето од Светиот Дух и преку верата во вистината, Бог ве избра за спасение, {2:14} кон кое ве повика преку нашето Евангелие за да ја придобиете славата на нашиот Господ Исус Христос. {2:15} И така, браќа, стојте и држете ги преданијата што ги научивте било преку нашето слово, било преку нашето послание. {2:16} А сам Господ наш, Исус Христос, и Бог и Отец наш, Кој нè возљуби и преку благодатта Своја ни даде вечна утеха и добра надеж, {2:17} нека ги утеши срцата ваши и да ве утврди во секое слово и добро дело! {3:1} Потоа, браќа, молете Му се на Бога за нас, та словото Господово да се распространува и да се слави на секое место, како и меѓу вас, {3:2} и да се избавиме од жестоки и злобни луѓе, бидејќи немаат сите вера. {3:3} Но верен е Господ Кој ќе ве утврди и запази од лукавиот. {3:4} Ние сме уверени за вас во Господ дека го вршите и дека ќе го вршите она што ви го заповедаме. {3:5} А Господ нека ги насочи срцата ваши право кон љубовта Божја и трпението Христово! {3:6} Ви заповедам, браќа, исто така во името на нашиот Господ Исус Христос, да се двоите од секој брат кој живее неуредно, а не според преданието што го добивте од нас! {3:7} Сами знаете како треба да се угледате на нас, бидејќи ние не живеевме неуредно кај вас, {3:8} ниту, пак, кај некого јадевме леб дарум, туку работевме со труд и мака дење и ноќе за да не му додеваме на никого од вас. {3:9} И не поради тоа што немавме власт, туку за да бидеме пример, та да се угледате на нас. {3:10} Зашто, кога бевме меѓу вас ви го заповедавме ова - кој не сака да работи, тој нека и не јаде. {3:11} Но слушаме дека некои од вас живеат неуредно, ништо не работат, туку се занимаваат со празни работи; {3:12} на таквите им заповедаме и ги молиме во нашиот Господ Исус Христос да работат тивко и да си го јадат својот леб. {3:13} А вам, браќа, да не ви здодејува да правите добро. {3:14} Ако некој не ги послуша нашите зборови од ова послание, обележете го и не дружете се со него, за да се посрами; {3:15} но не сметајте го за непријател, туку поучувајте го како брат. {3:16} А Сам Господ на мирот нека ви даде мир секогаш и во секое дело! Господ нека е со сите вас! {3:17} Своерачен поздрав од мене, Павле; тоа е белег во секое послание; јас пишувам така. {3:18} Благодатта на нашиот Господ Исус Христос нека биде со сите вас. Амин.