{1:1} Јуда, слуга на Исус Христос, а брат на Јаков - до повиканите, возљубени во Бог Отецот и зачувани за Исус Христос. {1:2} Милост, мир и љубов да ви се множат! {1:3} Возљубени, грижејќи се постојано, да ви пишувам за нашето општо спасение, сметав дека е неопходно да ви напишам и да ве замолам - да се борите за вистинската вера, која им е дадена на светиите еднаш засекогаш, {1:4} зашто се вовлекоа некои луѓе, чија осуда е одамна определена, безбожници, што ја превртуваат благодатта Божја во нечистотија и се одрекуваат од Единиот Господар Бог и Господ наш Исус Христос. {1:5} Сакам да ви напомнам, иако ова веќе го знаете, дека Господ, откако го избави народот од египетската земја, ги погуби потоа оние што не веруваа; {1:6} ангелите, пак, што не се покоруваа на своето началство, и го напуштија живеалиштето, ги стави во вечни окови, во мрак за суд на големиот ден. {1:7} Како што Содом и Гомора и околните градови, што блудствуваа, а на ист начин како и тие, одеа по друго тело, станаа пример со тоа што беа накажани со вечен оган. {1:8} Истото ќе се случи и со оние кои го осквернуваат телото, ја презираат власта и хулат на Славата. {1:9} А Архангел Михаил, кога се препираше со ѓаволот за Мојсеевото тело, не се осмели да изрече хулна пресуда, туку рече: „Господ да те спречи!” {1:10} А овие хулат на она што не го знаат, а во она што го знаат по природа како неразумно животно, во тоа се распаѓаат. {1:11} Тешко ним, зашто тргнаа по Каиновиот пат, се фрлија во заблудата на Валаам заради печалба и загинаа во бунтот Кореев. {1:12} Тоа се оние што ги поганат вашите трпези на љубовта, јадејќи со вас без страв и напасувајќи се. Тие се безводни облаци што ветровите ги пренесуваат, есенски неродни дрвја, двапати исушени и искорнати; {1:13} свирепи морски бранови, што како пена ги испуштаат своите срамни дела; ѕвезди лажни, за кои се чува мракот на темнината засекогаш. {1:14} А за овие пророкуваше и Енох, седмиот од Адам, зборувајќи: „Ете, доаѓа Господ со илјадници Свои свети ангели, {1:15} за да изврши суд над сите и за да ги разобличи сите безбожници за сите нивни нечисти дела, што ги беа направиле со своето беззаконие, и за сите лоши зборови, што ги изрекле за Него безбожните грешници.” {1:16} Тие се незадоволни викачи, кои живеат според своите желби, а устата нивна произнесува горди зборови, и за корист стануваат умилкувачи. {1:17} Но вие, возљубени, спомнете си ги зборовите што ги кажаа апостолите на нашиот Господ Исус Христос; {1:18} тие ви зборуваа дека во последно време ќе се појават подигрувачи, кои ќе постапуваат според своите безбожнички желби. {1:19} Тоа се луѓе што се одделуваат од единството на верата; тие се телесни - и немаат Дух. {1:20} А вие, возљубени, изградувајќи се во пресветата ваша вера и молејќи се преку Светиот Дух, {1:21} запазете се во љубовта Божја, очекувајќи милост од нашиот Господ Исус Христос, за вечен живот. {1:22} И така разликувајќи ги, едни милувајте, {1:23} а други со страв спасувајте, истргнувајќи ги од оган и изобличувајќи ги со страв, и гнасејќи се од облеката, испоганета од телото. {1:24} А на Оној, Кој може да ве запази да останете безгрешни и без порок, и да ве постави пред славата Своја во радост - {1:25} на Единиот премудар Бог, нашиот Спасител преку Исус Христос, нашиот Господ, слава и величие, сила и власт преку сите векови, сега и во сите времиња. Амин!